Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 187–208

Истражувања на локалитетот Долиште кај село Прилепец во 2016 и 2017 година

УДК: 902.2:903.4(497.775)DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124187j

Концентрацијата на археолошки локалитети и наоди на просторот меѓу двете прилепски села Прилепец и Волково поттикна интерес да се преземаат истражувања во две кампањи, во 2016 и 2017 година (сл. 1). Просторот е со правец на протегање и висински пад од североисток кон југозапад и е разделен со неколку поројни бразди и долови. Овие долови кои започнуваат од самото подножје на Дренска (Селечка) Планина денес се мошне ретко исполнети со водена маса, и тоа само во пролетните месеци од годината како резултат на топење на снежната покривка.

Со пронаоѓање на површински остатоци од градби и на мноштво случајни движни наоди во минатото, пред cè, со земјоделски работи на мештаните од двете села, евидентирани се археолошките наоѓалишта: Долиште, Безистен, Корита, Камберица, Бела Пола и Голема Нива - Зерејца (сл. 2).1

Според истражувањата во 2016 и 2017 година и карактерот на откриениот материјал, добиена е единствена хронолошка рамка за живот и егзистирање на овој простор, започнувајќи од железното време (VII - VI пр. н.е.), раната антика, хеленистичкиот, римскиот и доцноримскиот период, односно до VI век.

Просторно најголемото наоѓалиште Долиште со опфат на површината од неколку хектари својот топонимен назив го добило според двата најдлабоки дола кои го сечат просторот на три дела. Поголемиот дел од локалитетот катастарски припаѓа во атарот на село Прилепец, а во помал дел на соседното село Волково (сл. 3).

На локалитетот површински се забележуваат разрушени остатоци од архитектура, како и камени плочи од гробни конструкции, што упатува на постоење и егзистирање населби со некрополи. Од досега пронајдениот движен археолошки материјал може да го потврдиме погоре наведениот хронолошки распон. Во музејската збирка на Заводот и музеј - Прилеп како позначајни наоди се евидентирани делови од накит, теракотни фигурини и бронзени фигурини на богот Меркур (T. I).2 Од нумизматички наоди евидентирани се 25 бронзени монети на македонските кралеви,3 14 бронзени монети на автономните македонски градови,4 една тетрадрахма на Атина (стар стил на ковање), по една бронзена монета на градовите Ихне, Менда,5 Лариса и Маронеја, како и 37 римски монети, ковани од повеќе императори. Секако, еден од најзначајните наоди е случајно откриеното депо од 1950 година, од кое се зачувани 208 тетрадрахми на македонски и пајонски владетели.6 Сите овие монети се исковани меѓу 323 и 280 година пр. н.е., така што депонирањето на овој наод најверојатно е поврзано со наездата на Келтите во 279 година пр. н.е.7 Од мермерни наоди се издвојуваат претставата на Херакле и фрагментот со претстава на лавја шепа, кој најверојатно припаѓал на долен дел од престол. И покрај наведените импресивни наоди со потекло од локалитетот Долиште, на овој простор претходно не се вршени археолошки истражувања. Единствено на соседниот локалитет Безистен, Н. Вулиќ меѓу двете светски војни извршил мошне мали по обем ископувања, при што е откриена гробница со саркофаг.8 За жал, зачувана е само мошне скромна техничка документација, без подетални податоци за пронајдени движни наоди. Постоењето и егзистенцијата на позначајна античка населба на поширокиот простор меѓу селата Прилепец и Волково ја потврдуваат и неколкуте мермени епиграфски наоди и архитектонски елементи, кои се наоѓаат во дворовите на селските цркви. Двата епиграфски наоди на кои се споменуваат градот Стибера и имињата на неговите видни граѓани, таткото Орест и синот Филоксен (сл. 4), упатуваат на силна поврзаност на овој значаен урбан центар во областа Дериоп со населбата меѓу двете села. Уште еден епиграфски наод кој се наоѓа во дворот од црквата Св. Димитрија во Прилепец е значаен по тоа што на него се споменува македонијарх.9 Одредени истражувачи претпоставуваат дека на поширокиот простор егзистирал, cè уште до денес, неубицираниот град Пелагонија.10

Сл. 1 Географска позиција на локалитетот Долиште
Сл. 1 Географска позиција на локалитетот Долиште
Сл. 2 Археолошки наоѓалишта помеѓу селата Прилепец и Волково
Сл. 2 Археолошки наоѓалишта помеѓу селата Прилепец и Волково
Сл. 3 Поглед на локалитетот Долиште, сликано од север.
Сл. 3 Поглед на локалитетот Долиште, сликано од север.
Сл. 4 Епиграфски наоди во црквата Св Димитрија во селото Прилепец
Сл. 4 Епиграфски наоди во црквата Св Димитрија во селото Прилепец

Со археолошките истражувања во 2016 година се истражуваше на четири микролокации на 500-600 m западно од селото Прилепец,а во рамките на наоѓалиштето Долиште, каде површински беа видливи групации од камења и гробни конструкции.11

Сондата 1, како најзападна од сите сонди, беше поставена покрај локална земјена патна комуникација. Нејзините првични димензии беа 4 х 3 m, но со текот на ископувањето доби димензии од 4 х 7 m откако се прошири со два анекса кон исток заради следење на откриените појави. На релативно мала длабочина (просечно на околу 0,25 m) се евидентираа пет гробни конструкции (сл. 5). Гробот 1 претставува правоаголна јама, издлабена во здравицата и има ориентација северозапад - југоисток (сл. 6). Заградена е со неправилно обработени камења со средни димензии. Покривните плочи на гробот не беа зачувани. Во него се пронајдени белегзија изработена од тенки преплетени бронзени жици (T. II, 1) и шест железни клинци, од кои помалите четири се најверојатно од обувките на погребаниот покојник. Гробовите 2, 4 и 5 се од типот „циста“, странично оформени со по две камени плочи, додека попречните страни со по една плоча или од делумно помали, грубо делкани камења. Тие се со ориентација запад - исток и мал отклон кон север. Само гробот 2 беше затворен, односно со недислоцирани три покривни, масивни камени плочи и само во него беа пронајдени остеолошки остатоци од погребано возрасно лице (череп, неколку коски од екстремитетите и едно ребро), како и положени остатоци во источниот дел од конструкцијата од помлад покојник, веројатно погребан претходно (сл. 7). Основата на овие гробови била тврдо набиена жолтеникава земја. Според начинот на оформување се издвојува гробот 3, кој целосно бил оформен, покриен и поплочен со правоаголни градежни керамички тули (сл. 8). Од двете покривни, зачувана е едната тула. Овој гроб и гробовите 4 и 5 се со помали димензии, па според тоа во нив најверојатно биле погребани деца (сл. 9).

Сл. 5 Основа на сонда 1
Сл. 5 Основа на сонда 1
Сл. 6 Сонда 1, Гроб 1, сликано од запад
Сл. 6 Сонда 1, Гроб 1, сликано од запад
Сл. 7 Сонда 1, Гроб 2, затворен - сликано од запад, отворен - сликано од исток
Сл. 7 Сонда 1, Гроб 2, затворен - сликано од запад, отворен - сликано од исток
Сл. 8 Сонда 1, Гроб 3, сликано од запад
Сл. 8 Сонда 1, Гроб 3, сликано од запад
Сл. 9 Гробови од римски период во сонда 1, гробови 2, 3, 4 и 5, сликано од североисток
Сл. 9 Гробови од римски период во сонда 1, гробови 2, 3, 4 и 5, сликано од североисток

Што се однесува до хронолошката припадност на гробовите, гробот 1 е најран меѓу претставените и припаѓа на раноантичкиот период, односно на V - IV век пр. н.е. Иако гробот нема прилози, според формата и камената конструкција тој е идентичен со голем број раноантички гробови пронајдени на Старо Бонче, поточно, на некрополите Грамаѓе под три камна, Грамаѓе под Голема Спаница, Дупнатица, Петочна Вода 1 и 2.12 На претходно погребување во раната антика припаѓале и трите вертикално вкопани во земјата, долгнавести, масивни камења, откриени во западниот дел од сондата.13 Според нивната позиционираност во еден правец со ориентација северозапад - југоисток, може да се заклучи дека во овој случај биле секундарно употребени. Што се однесува до останатите гробови, единствено во гробот 2 се пронајдени движни наоди, бронзена тока (T. II, 2) и монета - автономна емисија на градот Пела (тип: Аполон на аверсот, триножник на реверсот со текст ΠΕΛΛΗΣ), која е пронајдена во насипот од внатрешноста на конструкцијата и најверојатно претставува постар упад при засипувањето. Бронзената тока е од типот со алка во вид на буквата „В“ и овален оков, којшто се прицврстувал за кожниот ремен со две или три нитни. Конкретниот примерок има блиски аналогии, од потесното опкружување со наодите од Виминациум, Равна во близината на Књажевац, Крушевље кај Свилош и Мачванска Митровица. Овие токи, генерално, врз основа на контекстот се датираат во периодот на втората и третата третина на IV век.14 Според овој наод гробот може да се датира во периодот на IV век, односно од крајот на животот на населбата во Долиште.

Во слободниот простор од сондата, односно меѓу гробовите, се откриени неколку движни наоди со карактеристични форми. Меѓу гробовите 2 и 3 се евидентира слој од силно горена земја со наоди од доцнохеленистичкиот и од римскиот период: фрагменти од керамички садови, теракотна фигурина, локално изработена конусна чинија (T. III, 1), биконусна стаклена мониста и мониста во вид на алка изработена од килибар. Југоисточно од гробот 2 пронајдени се керамички бокал и шолја со полна форма и една зачувана лентеста држалка, типични локално изработени производи карактеристични за римскиот период (T. III, 2, 3). Според овие наоди може да се заклучи дека со погребувањата во римскиот период се уништени хеленистичките кремации.

Сл. 10 Сонда 2, сликано од југ
Сл. 10 Сонда 2, сликано од југ

Сондата 2 се постави на околу 15 m источно од сондата 1 со димензии 5 х 5 m. Поставувањето на оваа сонда беше поради видливоста на четири долгнавести масивни камења, вертикално вкопани во земја, позиционирани во линија со правец северозапад - југоисток, сосема идентична појава како во сондата 1 (сл. 10). Со ископувањето целосно се открија овие камења, но без никакви други архитектонски појави кои би упатиле на нивен контекст. Покрај самиот источен профил на сондата се открија траги од силен гареж и фрагментиран наод на керамички унгвентариум (T. IV, 1). Во слободниот простор се пронајдени повеќе фрагменти од хеленистичка и римска садова керамика, при што се издвојува прстенестото дно од црнофирнисан керамички сад од раноантичкиот период (T. IV, 2). Откриено е и едно железно ноже (T. V, 1).

На околу 150 m кон исток од сондата 2 на површината се забележуваат повеќе претходно нелегално отворени гробови од типот „циста“, како и неколку мошне ниски тумули со насипи, од необработени камења со мали и средни димензии. Два од овие тумули беа истражувани во оваа кампања, а работно беа означени како тумул 1 и тумул 2.

Најпрво се започна истражување на северната четвртина на тумулот 1 со цел да се открие насипувањето, како и каде е лоцирано погребувањето. Потоа се премина на подигање на земјата, со што се откри слој од камења, по чие документирање и отстранување на мошне мала длабочина во средишниот дел на тумулот се наиде на подебел слој од гареж, а низ него неколку позначајни движни наоди: бронзена монета на Александар III, две сребрени фибули од т.н. „малоазиски“ тип, фрагментиран железен врв од копје, железно ноже и два железни клинци од обувки, така што ова погребување го датираат во последната четвртина од IV век пр. н.е. (T. IV, 3, 4, 5 и T. V, 2). Едната фибула има три прстенести задебелувања, фланкирани со по два помали прстени. Овој тип фибули има блиски аналогии во поширокиот пелагониски регион. Почнувајќи од Црквиште -Беранци, од каде што потекнуваат шест примероци, изработени од сребро, два примероци од регионот на Прилеп, од некрополата Калдрама - Заград, коишто се изработени од бронза и примероци од Старо Бонче, односно од некрополата Грамаѓе под Голема Спаница.15 Втората фибула е со четири прстенести задебелувања фланкирани со по два помали прстени. Ногата и главата се откршени. Овој примерок има блиски аналогии со две сребрени фибули од Црквиште - Беранци и со примерок од Градиште - Бразда, којшто е исто така изработен од сребро, како и со наоди од Калдрма - Заград, Прилеп, од Орешани, Скопје и од Виница.16 Од други наоди пронајдени во слободниот простор повпечатливи се една фрагментирана шолја со тенки ѕидови и лентеста држалка, премачкана со редок кафен премаз, како и фрагменти од црнофирнисан скифос. На длабочина од околу 0,35 m се наиде на здрава жолтеникава земја и три издлабени јами во неа (сл. 11). Во нив се евидентирани по неколку нафрлани камења, без никакви други движни наоди. Не може да се каже што точно претставувале овие јами. Погоре опишаниот пронајден движен археолошки материјал под тумулот 1 во целост припаѓа на хеленистичкиот период, кога како начин на погребување се практикувало кремирањето и положувањето на остатоците во јами. Присуството на подебел слој гареж упатува на процес на кремација, но во јамите не се евидентирани ниту траги од горење, ниту какви било други движни наоди, така што сепак со резерва може да им се припише сакрална намена.

Сл. 11 Детал од Тумул 1, сликано од исток
Сл. 11 Детал од Тумул 1, сликано од исток

На околу 7 m југозападно од тумулот 1 се дефинира тумулот 2, на кој се примени истата методологија на истражување како кај тумулот 1. По отстранувањето на насипот од земја и слојот од нафрлани необработени камења, пронајдени се три гроба од типот циста со ориентација запад - исток и мал отклон кон север. (сл. 12). Гробовите беа без зачувани покривни плочи. Гробовите 1 и 2 имаа една заедничка странична плоча, додека гробот 3, кој во поголем дел беше уништен, е со значително помали димензии. Кај гробот 1 се констатира поплочување на основата, а кај другите два основите биле од тврдо набиена жолтеникава земја. Најверојатно гробовите се ограбени во минатото, бидејќи во ниту еден не се откриени ниту остеолошки остатоци, ниту гробни прилози. Споредувајќи ги со карактеристиките на гробовите откриени во сондата 1, кои се од истиот тип - „циста“ и имаат иста ориентациона поставеност, би можеле да претпоставиме дека трите гроба под тумулот 2 припаѓаат на римскиот период. Гробот 4 е на пониско ниво и оформен како правоаголна конструкција издлабена во меката здравица. (сл. 13). По подигањето на масивните покривни камени плочи се евидентира дополнително зајакнување на страните. Јужната и источната биле дооформени со долгнавести делкани камења врз кои налегнувале покривните плочи, додека северната страна била дооформена со градежна керамика. Наоди кои овој гроб го датираат во римско време се: целосно зачуваната керамичка шолја со лентеста држалка (T. V, 3), фрагменти од керамички сад со топчесто тело, цилиндричен врат и прстенесто дно и горен цилиндричен дел од поголем сад со лентеста држалка која поаѓа од под венецот.

Сл. 12 Основа на Тумул 2
Сл. 12 Основа на Тумул 2
Сл. 13 Детал од Тумул 2, сликано од исток
Сл. 13 Детал од Тумул 2, сликано од исток
Сл. 14 Основа на откриени градби
Сл. 14 Основа на откриени градби
Сл. 15 Градба 1 и градба 2, сликано од исток
Сл. 15 Градба 1 и градба 2, сликано од исток

Во слободниот простор меѓу гробовите се откриени неколку наоди кои потврдуваат погребување и во претходниот хеленистички период. Веројатно гробните конструкции од овој период биле уништени со подоцнежните римски гробови. Покрај надворешната јужна страна од гробот 1 се наиде на подебел слој на горена земја, а во него неколку карактеристични наоди: фрагментиран сребрен прстен, двојна бронзена игла вкосница и две железни клинчиња од обувки. Меѓу гробовите се пронајдени уште еден фрагментиран сребрен прстен, железно ноже, кружна керамичка плочка и три многу уништени, нечитливи бронзени монети.

Во следната 2017 година се истражуваше на едно зарамнето плато со правец на протегање североисток - југозапад, а на околу 250 m северозападно од локациите каде се истражуваше претходната 2016 година.17 Од јужната и северната страна ова плато е оформено со двата најдлабоки дола, така што претставува изолирана просторна целина. Површински се забележуваат разрушени остатоци од архиктектура. Истражувањата кои беа сондажни, имаа за цел добивање сознанија за видот и хронолошката припадност на градбите кои егзистирале на овој простор.

Сл. 16 Просторија 2 во градбата 1, сликано од запад
Сл. 16 Просторија 2 во градбата 1, сликано од запад

Сондата 1 со димензии 5 х 5 m и ориентација југозапад - североисток, во текот на истражувањето со два анекси (димензии од 4 х 3 m и 2 х 3 m) се прошири кон исток. Откриени се делови од две градби, паралелни една на друга, со правец на протегање север - југ и отклон кон запад (сл. 14 и сл. 15). Ѕидовите биле градени во техника на сувоѕид. Меѓу двете градби се евидентира меѓупростор во вид на премин со ширина од 1,50 m.

Од градбата 1 се открија две простории (просторија 1 и просторија 2) со заеднички надворешен, источен ѕид со должина од 5,10 m и широчина од 0,60 - 0,65 m И двете продолжуваа во северниот профил од сондата. Ѕидот кој ги дели е откриен во должина од 2,25 и е измерена негова широчина од 0,40 m, додека јужниот ѕид од просторијата 2 е откриен во сосема мал дел, во крајниот југозападен дел од сондата (сл. 16). Земјата беше невообичаено тешка за ископување, затоа што беше измешана со остатоци од срушените земјени плитари од погорните партии на ѕидовите. Со оглед на ова и на тоа што во источниот дел од сондата се евидентираа покарактеристични појави од другата откриена градба, натамошното истражување на градбата 1, а со тоа и на меѓупросторот, беше прекинато на длабочина од околу 0,35 - 0,50 m.

Од движни наоди во градбата 1 преовладуваат фрагменти од садова керамика со форми кои упатуваат на нејзино егзистирање од II век пр. н.е. до I век од н.е. Се издвојуваат карактеристични форми на стамнос со држалка која го надвиснува венецот, ихтија, садови со висок цилиндричен врат и извлечен венец и помали садови и конусни чинии со тенки ѕидови. Пронајдени се две бронзени монети: на последниот македонски крал Персеј и на градот Едеса од времето на владеењето на императорот Тибериј (T. VI, 1, 2). Мошне специфична појава е присуството на мноштво оловни „ролни“ во југозападниот дел од сондата (33 наоди), за кои не може со сигурност да се каже за што служеле (T. VII, 1). Може да се претпостави дека биле во функција на тегови за јадици или, пак, за рибарски мрежи, како и тоа дека можеби имале функција на затворачи за вреќи.18

И во меѓупросторот на двете градби се евидентирани форми на садова керамика од доцнохеленистичкиот и од римскиот период: фрагменти од ехинус чинии, од оинохое, стамноси (T. VII, 2), калапени чаши од т.н. „мегарски тип“ со вегетабилна орнаментика и разни типови на чинии. Се издвојува наодот на бронзена фибула од малоазиски тип, кој најверојатно е постар упад.

Сл. 17 Влез во просторијата 1 од помладата фаза на градбата 2
Сл. 17 Влез во просторијата 1 од помладата фаза на градбата 2
Сл. 18 Просторија 2 од помладата фаза на градбата 2
Сл. 18 Просторија 2 од помладата фаза на градбата 2

Што се однесува до втората градба, во источниот дел од сондата се откри сегмент од нејзин ѕид со ист правец на протегање како надворешниот ѕид од градбата 1, но и северен агол кој овој ѕид го прави со ѕид попречен на него, а е со протегање кон исток. Затоа, акцентот на натамошните истражувања беше ставен во тој правец и продолжија во рамките на двата дополнително отворени анекси. Се констатира дека градбата имала две фази на градење. Од помладата фаза се евидентирани пет простории. Северната просторија, означена како просторија 1, е единствено целосно откриена. Има ориентација југозапад - североисток, правоаголна форма и димензии од 4,45 х 2,05 m. Подното ниво највероватно било земјено (со истражувањата не се насети) со оглед на тоа што и во овој дел од истражуваниот простор земјата која се ископуваше беше премногу тврда и тешка за работа. Откриени се само две камени основи за довратници од влезната врата која била од исток (сл. 17). Основите претставуваат мошне прецизно делкани камења со правоаголна форма и се позиционирани на меѓусебно растојание од 1,35 m. Северната има димензии 39 х 27 х 25 cm, додека јужната 40 х 30 х 24 cm. Источно од просторијата 1, а кон север, продолжува просторија 2, така што двете прават заедничка просторна форма како буквата „Г“. Просторијата 2 беше откриена во должина од 2,44 m, а има широчина од 1,88 m (сл. 18) Исто и кај неа подното ниво, најверојатно земјено, не беше насетено. И кај двете простории измерени се широчини на ѕидовите од 0,40 - 0,45 m.

Сл. 19 Просториите 3, 4 и 5 од помладата фаза на градба 2
Сл. 19 Просториите 3, 4 и 5 од помладата фаза на градба 2
Сл. 20 Просторија од постарата фаза на градбата 2
Сл. 20 Просторија од постарата фаза на градбата 2

Овие две простории се разграничени од другите три (просторија 3, просторија 4 и просторија 5) со заеднички внатрешен ѕид, при што немаат меѓусебна комуникација (сл. 19). Во најзападната - просторијата 3, истражувано е до длабочина од околу 0,35 - 0,40 m и не е евидентирано нејзиното подно ниво, додека во средишната - просторијата 4, речиси под самата површина се наиде на ниво од поголеми камења, со делумно плочеста профилација, кое најверојатно било подното поплочување. Измерени се приближно исти широчини на двете простории од околу 3,05 m. Во крајниот југоисточен агол од истражуваниот простор е откриен сосема мал сегмент од просторијата 5, во која исто така се евидентира ниво од плочести камења. Трите простории продолжуваат во јужниот профил и имаат иста широчина на ѕидовите од 0,40 - 0,45 m.

Постоењето две фази на градбата беше потврдено со истражувањата во северниот дел од сондата под просторијата 1 од помладата фаза. Конкретно, откриени се делови од два ѕида кои припаѓале на просторија од постарата фаза (сл. 20). Едниот е речиси паралелен со северниот ѕид од просторијата 1 од помладата фаза и при нејзиното оформување на краевите бил девастиран. Откриен е во должина од 4,20 m, има широчина 0,40 m и зачувана најголема висина од 0,80 m. Евидентно е дека таа негова зачувана висина е на релативно исто ниво како она на кое лежеле двете камени основи од довратниците на влезната врата во просторијата 1. Со ова се потврдува претпоставката дека при подигањето на помладата градба, постарата била во поголем дел уништена. Под прагот од влезот во просторијата 1, како контура е евидентиран сосема мал сегмент од уште еден ѕид од постарата фаза. Има ориентација север - југ, со мал наклон кон запад, така што прави агол со претходно откриениот ѕид од просторијата од таа фаза. Измерена е негова должина од 1,10 m. Се констатира протегање на овааа просторија кон југ, односно под просториите 3 и 4 од помладата градба.

Иако е откриена во мошне мал дел, евидентираните значајни наоди упатуваат за нејзината намена. Веднаш покрај надолжниот ѕид, во in situ положба, се откриени два керамички питоси со зачувани камени кружни поклопци. Покрај тоа што биле вкопани во здравицата, за поголема стабилност, тие биле прицврстени и со црвена глина. Питос 1 (висина - 1,16 m, најголема ширина на телото - 0,73 m) има овална форма и дно во вид на чеп, додека камениот поклопец е со пречник од 0,55 m. Од неговата внатрешност беше собран органски материјал, карбонизирани остатоци од житна култура. Питос 2 (висина - 1,33 m, најголема ширина на телото - 0,87 m) е со долгнавеста форма, конусен долен дел и дно во вид на чеп. Измерен е пречник на неговиот поклопец од 0,40 m. Пронајдени се уште неколку фрагменти од други питоси.

На околу 0,60 m од питосот 2 кон исток, исто така прилепена за надолжниот ѕид, откриена е ниска глинена платформа. Била подигната врз поголеми плочести камени фундаменти и оградена со долгнавести камења. Измерени се нејзини димензии од 1,05 х 0,65 (0,87) m и висина од 0,24 m.

Врз основа на опишаните наоди, просторијата од постарата фаза на егзистирањето на градбата најверојатно била користена како складишен простор, при што платформата најверојатно служела за поставување на садовите со кои се носеле намирниците кои биле чувани во питосите.

Што се однесува до откриениот археолошки движен материјал, тој јасно хронолошки ги детермнира двете фази на егзистирање на градбата. Преовладува фрагментирана садова керамика со карактеристични форми од два временски периоди. Постарата фаза се датира во доцнохеленистичко време, според присутните облици на стамносот, ехинус чинијата, конусната чинија со вертикален горен дел и калапените чаши од т.н. „мегарски“ тип (T. VII, 3, 4). Од накит се евидентирани бронзена фибула од малоазиски тип и кружна алка од тенка бакарна жица.

Помладата фаза од градбата која припаѓа на следниот римски период, застапена е со неколку наоди од фрагменти на садови и чинии со разни облици, повеќето од нив со убава изработка, потенки ѕидови и оловни ролати (Т.VII.5), бронзена алка, фрагменти од стаклени садови и земјени тегови со пирамидална, конусна и форма на астрагал. Пронајдена е и бронзена монета на градот Амфиполис, кована за време на Август.

Како единечен, но мошне значаен наод, треба да се спомене бронзеното капаче од сад, со вертикално издигнати птичји протоми (T. VI, 3). Овој вид на предмет типолошки се вклучува во т.н. „македонските бронзи“, така што упатува на користење на просторот многу порано, односно во VII - VI век пр. н.е.19 Но примерокот од Долиште се издвојува од сите други познати наоди по тоа што единствено тој е без вертикално издигната држалка во средината и на горната површина има декорација од неколку концентрични кругови со дупченца во нивната средина. Најверојатно станува збор за локална варијанта на изведба, со што овој наод добива дополнителна научна вредност.

Со рекогносцирање на околниот терен на локалитетот Долиште во двете кампањи, пронајден е значаен нумизматички материјал кој ја надополнува претставата за хронолошката рамка на населбата и некрополата. Од монети на македонските владетели евидентирани се по една бронзена монета на Александар III и Филип V, додека од грчките градови и провинции сребрен тетраобол на Хистиаја и бронзени примероци на Дирахион и тракискиот крал Адај, сите од III век пр. н.е. Римскиот период се следи со две монети на Антонин Пиј, еден денар и еден наод од македонскиот коинон, како и монета на градот Едеса, кована за време на Тибериј. Иако единечни и површински наоди, сепак значајно сознание нудат двете бронзени монети на римските императори Проб и Константиј II, според што крајното егзистирање на поширокиот простор би можело да се помести во IV век. Секако, вреден наод претставува сребрената чунеста обетка (T. VI, 4), која покрај златниот примерок, пронајден претходно на локалитетот (Т. I), претставуваат ретки наоди од V - IV век пр. н.е. на територијата од Република Македонија.20

Со истражувањата на локалитетот Долиште меѓу селата Прилепец и Волково во 2016 и 2017 година се потврди претпоставката за користење на просторот како населбински и за погребување во хеленистичкиот и во римскиот период. Според откриените движни наоди во и околу гробовите на четирите истражени пункта во 2016 година за хеленистичкиот период е потврдено практикувањето на спалување на покојниците, додека погребувањето во римскиот период е со инхумирање во карактеристичниот тип гробни конструкции - циста. Но, секако, мошне значајно ново сознание претставува присуството на масивните долгнавести камења во рамките на некрополните истражени целини во сондата 1 и сондата 2, кои, иако биле секундарно употребени и cè уште без непозната намена во рамките на подоцнежните погребувања, со сигурност упатуваат на погребувања и во раноантичкиот период. Според начинот на оформување на конструкцијата, на тој период припаѓа гробот 1 во рамките на сондата 1. Со ова сознание се поместува границата на почетокот на користење на просторот во V и IV пр. н. е., потврдено и со случајни наоди од овој период.

Со кампањата во 2017 се открија делови од две градби кои биле користени од II век пр. н.е до I век н.е. Пронајдените движни наоди (садова керамика, накит и монети) ја определија оваа хронолошка рамка.21 Уште посигурна потврда претставуваат нумизматичките наоди на последните македонски кралеви Персеј и Филип V и на градовите Амфипол, Едеса и Стоби од преминот од старата во новата ера. Мошне значаен наод претставува бронзеното капаче од сатче од т.н. „македонски бронзи“, што е потврда за развиеното рано комуницирање и поврзаност на етничките групи на пелагонците и пајонците во овој североисточен дел од котлината Пелагонија во VII - VI век пр. н.е. Со идни истражувања би се добила појасна претстава за двете откриени градби, односно нивните целосни форми и функции. Со оглед на изолирана позиционираност на платото, односно потешка достапност до него заради двата длабоки дола кои го оформиле, градбите би можело да биле дел од некаков комплекс со позначајна намена. Кон тоа размислување упатува и постоењето ограден ѕид кој ја следи најгорната изохипса на јужниот дол кој го оформува платото од таа страна, а беше евидентиран со површинското рекогносцирање на теренот. Во прилог на предходната констатација оди и фактот што платото има одредена визуелна доминација врз околниот поширок простор.

Секако, во однос на размислувањето околу тоа која населба би можела да биде расположена меѓу двете села засега не може поконкретно ништо да се каже, cè додека не се открие наод со натпис кој би го содржал нејзиното име. Во секој случај, откриените наоди во двете истражувачки кампањи навестуваат егзистирање на позначајна населба. Во контекст на оваа претпоставка, овде мора повторно да се споменат епиграфските наоди кои се наоѓаат во црквата во селото Прилепец, кои недвосмислено укажуваат на мошне силна врска на cè уште непознатата населба сместена во овој краен североисточен дел на Пелагонија со градот Стибера, урбаниот центар на областа Дериоп во западниот дел од котлината.

Илустрација, стр. 202
Илустрација, стр. 202
Илустрација, стр. 203
Илустрација, стр. 203
Илустрација, стр. 204
Илустрација, стр. 204
Илустрација, стр. 205

Белешки

  1. Кепески К., 1971, 43-45; Археолошка карта, 1996, 291, 309. ↩
  2. Кепески К., 1971, 44; Темелкоски Д., 2011, 329-339, 4, 15, 16 и 22. ↩
  3. Кепески К., 1987, 41-63, 23, 28, 33, 40, 41, 45, 49, 61, 62, 66, 68, 70, 71, 74, 75, 79, 82, 85, 90, 94 и 96. ↩
  4. Кепески К., 1988, 139-154, 2, 6, 7, 9, 10, 16, 24, 25, 29, 31, 39, 41и 49. ↩
  5. Mikulcic, 1966, 64. ↩
  6. Vučković Todorović D., 1958, 213-255.; Микулчиќ И., 1973, 157-173.; Микулчиќ И., 2011, 134-135. ↩
  7. Наодите се наоѓаат во Нумизматичката збирка на Археолошкиот музеј на Македонија. ↩
  8. Вулић Н., 1931, 174-176; Кепески К., 1971, 44. ↩
  9. Stankovska Tzamali M., 2009, 115-125.; Димитриоски Т., 2009, 87. ↩
  10. Микулчиќ И., 1999, 86.; Лилчиќ В., 1996, 36-44.; Темелкоски Д. - Миткоски - А., 2012, 25. ↩
  11. Јакимовски А., Темелкоски Д., 2018, 1-12. ↩
  12. Лилчиќ-Адамс В., Јакимовски А., 2016, 27-31; Jakimovski A., Temelkoski D., 2018, 205-253. ↩
  13. Лилчиќ-Адамс В., Јакимовски А., 2016, 27-31; Jakimovski A., Temelkoski D., 2018, 205-253. ↩
  14. Redžić T. S., 2013, 147 – 151, 515, (T - XXXVI, 309, 310, 311, 314, 315, 316). ↩
  15. Jakimovski A., Temelkoski D., 2018, 228, Fig 26., фибулите се датирани во IV и раниот III век пр. н.е. ↩
  16. Микулчић И., 1966б, 230, 9, 232, 20; Микулчиќ И., Соколовска В., 1987 - 89, 87, 88, сл. 10; Каталог на Македонија 1980; Китаноски Б, 1966, Т – I. 10, 14; Китаноски Б., 1975, 99, Т – V – 249; Васиќ Р., 1999, Т. 53. 951; Петровска Ж., Типологија на античките фибули од Р. Македонија, 2013, 42/3, 50 (магистерски труд одбранет на Филозофски факултет Скопје во 2013); Jakimovski A., Temelkovski D., 2018, 228. ↩
  17. Темелкоски Д., Крстески В., 2020, 15-24. ↩
  18. www.https://intarch.ac.uk/journal/issue40/1/3-7-9.html, Figure 527: weights C1-7, Type C4. ↩
  19. Mikulcic I., 1966, 24, T.V, 11, h; Праисторија во Македонија, 1976, 527,582; Митревски Д., 1988, 84-87; Видески З., 1999,101,Т VIII, 5. ↩
  20. Mikulcic I., 1966, 56, Т.XIX, 29, d; Китаноски Б., 1975, 106, Т. IX; Од археолошкото богатство..., 1980, 325; Ристов К., 1999, 116, Т. 1, 5, 6. ↩
  21. Битракова В., 1987, 51, 52, 55, 58, 76, 77; Anderson Stojanović V., 1992, 35, 36, Т.20, 68, Т.50, 159, 161, Т.22, 180-182, 442, 443; Тодоровска-Ончевска М., 2010, 63-67, 147-151, Т.20-22. ↩

Summary

Research at the Site of Dolište near the Village of Prilepec in 2016 and 2017

In 2016 and 2017, excavations were carried out at two locations within the archaeological site of Dolishte, between the Prilep villages of Prilepec and Volkovo. The site is known in literature as a site with a settlement character and burial area, which existed in the Hellenistic and Roman periods. The excavations in 2016 recorded four points where burials were performed. According to the discovered movable finds, in and around the graves (jewellery, ceramic vessels, coins and tools), the use of the burial space by the inhabitants of the still unknown settlement in the mentioned time periods was confirmed. However, a very significant new find is the presence of massive oblong stones within the explored units of the necropolis in Trench 1 and Trench 2, which, although used secondarily and with a still unknown purpose in later burials, certainly refer to burials in Early Antiquity. Grave 1 in Trench 1 is from this period. This find moves the limit of the beginning of the use of this space in the 5th and 4th century BC.

In 2017, an isolated plateau was researched. It is intersected by two deep valleys, and in it two buildings were recorded. Two construction phases have been confirmed: the first in the 2nd century BC and the second at the transition from the old to the new era. The discovered room from the older phase was used for storing groceries. There were two in situ ceramic pithoi discovered in this room, as well as a clay platform probably used for placing the vessels with which the groceries were brought in. The research recorded a find that shifts the chronological framework even earlier, in this case in the 7th -6th century BC. It is a bronze cap from a vessel, with vertically raised stalks in the form of snake protomes, which is included as a type in the so-called “Macedonian bronzes”. The discovered buildings were probably a part of a significant complex of buildings, given the isolation and dominance of the plateau above the surrounding area, which was fenced with a wall.

The discovered finds in both research campaigns suggest the existence of a larger settlement at the site of Dolishte. The presence of epigraphic finds from Antiquity in the churchyard in the village of Prilepec, which mentions the town of Styberra, unequivocally indicate a very strong connection of the settlement between the two villages of Prilepec and Volkovo, with this urban centre in the neighbouring area of Deuriopus.

Библиографија