Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 59–81
Морфолошки и функционални анализи на коскените предмети од населбите на територијата на анзабегово-вршничката културна група
Содржина
- Вовед
- Суровина, организација и начин на изработка
- Коскените предмети од неолитските населби
- Систематизација на коскените предмети
- 1. Предмети со зашилен работен врв
- Шила
- Игли
- Јадици
- Проектили
- 2. Предмети за стружење и мазнење
- Стругала
- Спатули - длета
- Спатули - лажици68
- 3. Предмети со посебна или украсна намена85
- 4. Незавршени предмети
- Заклучни согледувања
Вовед
Предметите изработени од животинска коскена суровина од периодот на младото камено време, несомнено, се уште една категорија археолошки наоди кои ја дополнуваат сликата за материјалната, но и духовната култура за жителите од тоа време. Во најголем дел коскените предмети во неолитот имале утилитарна функција. Тие служеле за обработка на органски материјали како кожа, крзно и различни растителни суровини, односно за изработка на облека, покуќнински покривки, корпи, јажиња, плетење рибарски мрежи и др. Дел од нив служеле и како оружје и како накит, а некои веројатно имале и симболично значење, но намената на некои предмети cè уште претставува загатка. Некои форми на коскени предмети, но и самиот начин на изработка можат да помогнат и во проучувањето на релативно-хронолошките односи во една населба или регион. Од голема важност е и потенцијалот на овие предмети со органско потекло во одредувањето на апсолутната хронологија на археолошките локалитети.
Суровина, организација и начин на изработка
на коскените предмети во младото камено време
Животинската коскена суровина (коска, рог, заб) за изработка на разни предмети била користена уште од најстарите ловечко-собирачки заедници. Најраните материјални траги за користени коскени суровини и појава на алатки засега се најдени на територијата од Африка, а на европско тло тие се евидентирани во времето на горниот палеолит.1 Најстари траги од човечка активност на животинските коскени остатоци од старото камено време од средниот палеолит на територија од Македонија засега се евидентирани во Голема Пешт, с. Здуње.2 Поголемата концентрација од животински коски најдени покрај огништата во пештерата во Здуње укажува на можноста од постоење работилница за изработка на коскени алатки.3
Коските се најбројната суровина кои се користат во младото камено време. При изборот на суровина најмногу се користеле долгите коски4 и ребра кои можеле полесно да се обликуват во разни предмети, додека останатите коски многу поретко или воопшто не се користеле. Од долгите коски најзастапени се метаподијалните, по потекло од овци и кози, и поретко од говеда.
Во однос на физичко-хемиските карактеристики, споредено со камената суровина, коската има повеќе предности при трансформацијата во функционални предмети.5 Коската како органска материја има одреден процент и неоргански минерали, кои заедно ѝ овозможуваат да биде цврста, отпорна, но и еластична.6 Во зависност од староста, но и болестите на индивидуата, нивото на органските материи е различно. Минерализацијата на коските станува поголема со процесот на стареење,7 па затоа коските на повозрасните животни имаат поголема цврстина, а помала еластичност.
Организацијата на набавка на коскените суровини несомнено била планска активност. При изборот на суровини била вршена строга селекција, како во поглед на скелетниот елемент така и за видот.8 Изборот на коскената суровина од одредени видови животни, како во неолитот така и во подоцнежните култури во светот, покрај економскиот и технолошки аспект, несомнено имал и симболичко значење.9 Животинската коска, особено од егзотичните животни (слон, носорог) и денес е посакувана суровина за изработка на накит и други т.н. персонални предмети.10
Коскената суровина најчесто се добивала од оние животни кои се одгледувале во неолитските населби, но и од уловените животни. Набавката на суровина била поедноставна кога се наоѓале скелети на претходно умрени животни, собирање отпаднати еленски рогови, како и преку размена.11
За разлика од каменот, кој побарувал повеќе ангажман при изработката, а тоа, пак, прилично влијаело врз формата на суровината, предноста на коската е што можела да се користи како функционален предмет без поголема интервенција на нејзиниот анатомски облик.12 Начинот на изработка на предмети од коскените суровини во неолитот, генерално, покажува голем степен на воедначеност, како и добро познавање на својствата на суровината. При процесот на преобразбата на суровината во посложени функционални предмети се употребувале различни техники, како кршење, цепење, жарење, варење, сечење, стругање и др. Во примарната фаза на обработка на коските, како и роговите, во постапката на сечење се користеле камени орудија и абразивни средства, како коноп и песок.13 Во завршната фаза на обработка кај поголем број коскени предмети површината е доведена до фин сјај, која била изведена со техника на мазнење и полирање, со употреба на камени абразивни средства, како и ткаенини и кожа.14 Крајниот облик на предметите понатаму добивал и различни функционални или украсни елементи направени со перфорирање - со користење на трска и песок, како и со назабување и врежување.
Дали биле потребни занаетчиски вештини и дали постоеле работилници за изработка на коскените предмети во кругот на населбите или надвор од нив останува отворено прашање. Можеби стекнатото искуството на лицата кои ракувале со орудија, употребени најчесто за изработка на разни производи од органско потекло (текстил, корпи, рибарски мрежи), било доволно тие самите да развиле вештини за изработка на коскени предмети во домашни услови.
Коскените предмети од неолитските населби
во Анзабегово-вршничката културна група
Предметите изработени од коскена суровина кои се откриени досега во населбите од неолитот во Анзабегово-вршничката културна група, но и во останатите населби на територијата од Македонија не се многу чести археолошки наоди. Ова веројатно е и причината зошто тие секогаш се објавувале само во рамките на движниот археолошки материјал добиен во текот на истражувањата, а не како посебна целина.15 Потемелна типолошка, функционална и скелетна определба засега е направена само на предметите од коскена суровина од археолошките истражувања во населбите Барутница16 и Церје,17 каде што се откриени во поголем број.
Тема на овој труд се предметите изработени од животинска коска кои имале различна функција, откриени во населбите: Тумба - Маџари во Скопје;18 Церје, с. Говрлево; Слатина, с. Зелениково;19 Тумба - Подсело, с. Стенче;20 На Брег, с. Младо Нагоричане;21 Чаковец, с. Ресава;22 Барутница, с. Анзабегово и Руг Баир, с. Горобинци,23 кои припаѓаат на Анзабегово-вршничка културна група од периодот на крајот на раниот и средниот неолит.
Систематизација на коскените предмети
од Анзабегово-вршничката културна група
Критериумите за систематизација на коскените предмети се различни и како референца најчесто се прифаќа нивната форма, функција, употребата на нивниот работен дел, начинот на изработка, видот на животинската коска, скелетниот елемент. Во претставувањето на коскените предмети од неолитските населби во Анзабегово-вршничката културна група, овде е применета систематизацијата од С. Витезовиќ, која се однесува на коскените предмети на територијата од Централен Балкан.24 Како критериуми за оваа систематизација се земени формата и намената на коскените предмети, со посебен осврт на нивниот работен дел. Според ова, Витезовиќ издвојува осум групи коскени предмети од Централен Балкан: предмети со зашилен работен врв, предмети за сечење, предмети за мазнење, предмети за удирање, предмети со посебна намена, украсни предмети, предмети со неутилитарен карактер и незавршени предмети.25
Ваквата поделба, изведена врз основа на морфотехнолошките критериуми, е прифатлива и за најголемиот дел коскени предмети од Анзабегово-вршничката културна група,26 но е приспособена во согласност со предметите во неолитските збирки. Коскените предмети кои се претставени овде можат да се поделат во четири групи: предмети со зашилен работен врв, предмети за мазнење и стругање, предмети со посебна или украсна намена и незавршени предмети. Од предметите за сечење или за удирање во неолитските збирки од оваа културна група засега е евидентирана само една коскена секира од Слатина кај с. Зелениково.27
Терминологијата за коскените предмети е преземена од денешните називи на предметите со специјализирана намена.28 За многу коскени наоди е тешко да се определи нивната функција, и затоа нивната терминологија треба да се прифати како условна.
1. Предмети со зашилен работен врв
Предметите со зашилен работен врв се најбројни наоди меѓу коскениот материјал од населбите од младото камено време. Тие се предметите кои ја имале улогата на орудија, но и на оружје, и се познати како шила, игли, јадици, проектили.
Шила
Овие орудија за работа имале широка примена во секојдневието на неолитскиот човек. Тие биле употребувани за перфорирање и расекување на крзното и кожата од животинско потекло, дрвото, преработка на растителните материјали од кои се правеле јажиња, мрежи, корпи и др. Ова орудие се користело и за доработка на неорганските материјали како глината, за изведување орнаменти, перфорации во керамичките предмети и сл. Шилата најчесто се изработувале од метаподијалните коски на овците и козите.29
Во однос на зачуваноста и обработката на епифизата на коската од ситните, но и крупните преживари од кои биле изработени шилата од Тумба - Маџари се издвојат два поттипа шила. Тоа се шила со зачувана епифиза (должина: 7-11 cm) (Т. 1а-г) и шила со делумно обработена епифиза (должина: 5,3-16 cm) (Т. 1д-ј). Меѓу шилата кои потекнуваат од истата населба се и оние кои се изработени од плоскати коски, односно ребра (Т. 1к, л). За изработка на шилата од Тумба - Маџари како скелетен елемент се употребувала и улната од говедо и елен (Т. 1љ-н). Во збирката од Барутница30 се неколку шила кои имаат повеќе или помалку правилна форма. Животинските рогови, особено оние од еленот биле лесно достапна суровина за изработка на шилата. Природната закривена форма на животинскиот рог била добро искористена за изработка на разни орудија, пред cè, за шилата. Коскени алатки од рог на елен, веројатно како шила, се најдени во населбите На Брег - с. Младо Нагоричане31 и Тумба - Маџари (Т. 1: њ).
Игли
Иглите се изработувале од дијафизата на долги и плоскати коски од ситни и крупни преживари, но и од коскените фрагменти кои завршувале како отпад.32 Тие, како и шилата, имале слична намена, но заради помалата и потесна форма на врвот иглите биле вклучени во процесот на обработка на помеки органски материјали од кожа, крзно, текстил, во процесот на шиење, плетење и сл. Не е исклучена нивната употреба и во женската тоалета, како шнола за прицврстување на косата.33 Украсните игли со врежани декоративни елементи од населбите во Обре и Лисичиќи во Босна и Херцеговина веројатно служеле како помагала за прицврстување на облеката.34 Улогата на иглите како лична тоалета е евидентирана и во гробовите на женските покојнички во подоцнежните протоисториски заедници.35
Коскените игли од неолитската населба во Тумба - Маџари се долги меѓу 6,4 - 14,2 cm, и некои од нив имат делумно зачувана епифиза (Т. 2б-в-д- ѓ). Тие имат тенок и многу остар врв, како и фино мазнета површина. Кај неколку игли од Руг Баир (Т. 2ж), Тумба - Маџари (Т. 2ѓ), кои биле изработени од метатарзални коски на елен, како и од Барутница36 (Т. 2ѕ-и), во нивниот горен дел има перфорации во кои веројатно се вденувал конец. Меѓу иглите од На Брег37 и Барутница постојат примероци со плоскато обработена епифиза (Т. 2ј).
Јадици
Постојат дилеми дали предметите познати како јадици навистина биле вклучени во процесот на риболовење или, пак, служеле како куки за сушење риби и месо.38 Нивната застапеност во неолитските населби е релативно мала, во Говрлево е најден само еден фрагмент од јадица.39 Коскениот предмет од Тумба - Маџари со „С“ форма, кој веројатно бил јадица, има остар врв на едниот крај и два жлеба на кои се намотувал конец40 (Т. 3а). Од Чаковец, с. Ресава, потекнува еден сличен коскен предмет со „Ј“ форма, со зачуван долен остар врв (Т. 3б). Двата примероци се изработени од долги коски.
Рибите во неолитот веројатно се ловеле и на друг начин, со помош на мрежи и харпуни. Остатоци од мрежи изработени, пред cè, од растителен конец засега не се евидентирани во неолитските населби на територијата од Македонија. Керамичките тегови кои се користеле при ткаењето, односно изработката на текстил,41 се чести наоди, и некои истражувачи42 сметат дека макарите како тегови биле закачени на рибарските мрежи. Харпуните исто така се исклучително ретки наоди во неолитските збирки и нивната појава е карактеристична само за крајбрежните населби од доцниот неолит.43 Познати се примероците на харпуни со две, три, четири и пет засеци од доцнонеолитските наколни населби во Охридско-струшкиот регион,44 како во населбите Уста на Дрим и Пенелопа. 45
Проектили
Овие предмети како врвови од копја или стрели, односно оружје се користеле уште во палеолитот.46 Тие често биле изработувани од одбитоци од долги коски. Проектилите имале остар врв на долната страна, додека, пак, горната - базата, завршувала со помалку остар врв или полукружно. Примерокот од Барутница47 можеби се користел како копје (Т. 3в). Неговото тело наликува на долгнавест издолжен ромб.48 Базата веројатно била вглавена во држалка изработена од дрвена или камена суровина. На оваа група оружје може да припаѓа и долгнавестиот коскен пример од населбата На Брег (Т. 3г).
2. Предмети за стружење и мазнење
Оваа група предмети (стругала и спатули) се користеле, пред cè, за стружење, мазнење и сечење на органски, но и неоргански материјал. Посебна категорија предмети се спатулите или гладилките49 кои имале различна намена и поттипови.
Стругала
Најсоодветна суровина за изработка на стругалата биле долгите коски, особено ребрата од говедото. Стругала се изработувале и од забите на диви свињи.50 Вакви орудија се среќаваат меѓу коскените предмети во Тумба - Маџари (Т. 4а-г), На Брег51 (Т. 4д), Барутница,52 Церје.53 Најдолгото стругало од Тумба - Маџари е со димензија 21,5 cm (Т. 4б). Според формата, се препознават стругала со издолжена правоаголна и благо закривена форма (Т. 4 б, д), како и стругала само со издолжена правоаголна форма (Т. 4а). Формата на стругалото од Барутница, од хоризонтот на крајот на средниот неолит е карактеристично и наликува на виолина.54 На некои стругала од Церје биле изведени кружни перфорации на делот на базата.55
Дисталниот дел на стругалото, односно работниот, вообичаено е поширок во однос на проксималниот (Т. 4б-г). На овој дел на стругалата се забележуваат густи линии на употреба, кои веројатно биле добиени при процесот на обработка на органски материи, како стружење на кора од дрво, крзно, трски. Не се исклучува можноста тие да служеле и како предмети за мешање и нанесување пигменти, маснотии или, пак, како лажички.56
При обликувањето на коскената суровина во стругала често биле задржани двете коскени плочки на проксималниот и мезијален дел на реброто, а од дисталниот дел била задржана само едната плочка57 (Т. 4а-б-г). Постојат и стругала кои биле изработувани само од едната плочка на реброто, како примероците од Тумба - Маџари и На Брег58 (Т. 4в-д). Во зависност од употребата на стругалото формата на дисталниот, работниот дел, е најчесто лачен.59
Спатули - длета
Во збирката коскени предмети од Тумба - Маџари меѓу спатулите најзастапен е поттипот на спатула - длето, изработен од тибија на овикапридите (овца или коза). Овој поттип е прилично застапен во неолитските локалитети на територијата од културната група Анзабегово-Вршник, како во Барутница60 (Т.5ј), На Брег61 (Т.5 ѕ, и) Церје,62 но и пошироко во Македонија.63 При изработката на овој поттип орудие биле зачувувани сите елементи од скелетниот елемент - тибијата, со исклучок на дисталната епифиза која била отстранета, сечена косо за да се добие работна површина за разни активности.64 Формата на работната површина била лачна или правоаголна во зависност од употребата. Димензиите на примероците спатулите - длета од Тумба - Маџари се меѓу 11,1-14,4 cm (Т.5а-з). Тие се користеле за обработка на растителни материјали, кожа, мешање на пигменти,65 но можеби и како алатки во изработка на керамичките садови,66 но и за декорирање на надворешната површина на садовите од глина.
Комбиниран тип орудие, чијшто остар работен дел бил користен за сечење и стружење, како некој вид стругало, засега не е препознаен во збирката на коскени предмети од Тумба - Маџари. Вакви примероци на комбиниран тип спатули за сечење и стружење се евидентирани во Церје - с. Говрлево,67 изработени од фрагменти од долги цепени коски и плоската плочка од еленски рог. Тие се користени за обработка на органски животински суровини, како кожа, крзно, суровини од растително потекло, во подготовката на храна, како и во керамичкото производство.
Спатули - лажици68
Спатулите - лажици или само лажици како што најчесто се нарекуваат овие предмети, се специфична одлика на материјалната култура на раниот и средниот неолит на Балканот. Тие имат карактеристична форма, составена од долгнавеста држалка и издвоен реципиент со триаголна или листолика форма. Реципиентот вообичаено е плоскат, но и малку конкавно заоблен. Најчесто се изработени од метаподијалните коски на големите преживари, пред cè, од говедото. Постојат поделени мислења за функционалноста на овие коскени предмети. Според трагите од употреба, се верува дека тие биле во допир со органски материи, односно се користеле само во обработката на кожата, текстилот, како и за подготовка и нанесување на пигменти од растително потекло.69 Постоењето на овие предмети во поширокиот регион, генерално, се објаснуваат како прибор за консумирање на храна и во готвењето.70 Експерименталните истражувања говорат дека тие веројатно биле употребувани и како лажици за хранење бебиња со млеко од животинско потекло.71 Покрај примероците од животинска коска, веројатно постоеле и дрвени лажици, но тие не се зачувани. Примерокот од Чатал Хиук, изработен од дрвена суровина, се смета дека се користел како лажица.72 Спатулите - лажици се наоѓани и како погребни дарови,73 што покажува дека тие можеби биле предмети кои го манифестирале посебниот социјален статус на некои членови во неолитските заедници, и имале симболично значење и вредност за сопствениците.
Во неолитските локалитети од Анзабегово-вршничката културната група овие предмети засега се многу ретки и досегашните примероци најчесто се најдени во фрагментирана состојба. Тоа се примероците од Тумба - Маџари74 (сл. 6а, б), Барутница75 (Т. 6в-д-ѓ), Руг Баир,76 Вршник.77 Целосно зачуваниот примерок од населбата На Брег,78 изработен од ребро, на држалката има кружна перфорација (Т. 6г). Во богатата збирка коскени предмети од Уста на Дрим се наоѓа еден примерок на лажица со декорирана држалка.79
На територијата од Балканот и пошироко овие предмети се јавуваат во многу неолитски населби, како, на пример, во Старчево, Доња Брањевина во Србија,80 Бапска - Градац81 во Хрватска, Слатина82 во Софија, Казанлак, Градешница, Караново во Бугарија,83 Барчин Хиук, Чатал Хиук, Фикертепе во Турција.84
3. Предмети со посебна или украсна намена85
Меѓу коскените предмети од неолитските населби се наоѓаат такви примероци кои немале активна работна површина, а на некои од нив постојат врежани орнаменти и перфорации. Дали нивната намена била од профан или сакрален карактер, засега не може да се определи. Дел од нив можеби се користеле како амулети со апотропејско значење. Други можеби биле аплицирани на облеката и имале само украсна функција, а некои веројатно биле и музички инструменти.
Меѓу коскените предмети од Тумба - Маџари се издвојува еден посебен примерок со зооморфна претстава, изработен од долга коска од говедо (Т. 7а). Во горниот дел на предметот била направена кружна перфорација, која веројатно служела за вметнување конец.86 Овој предмет веројатно бил употребуван како амулет.87 Слични предмети, определени како амулети, јадици или само како зооморфни фигурини се најдени во ранонеолитските хоризонти на населбите во Власац88 (6300/6200-5900/5950 пр. н.е.) во Србија, Слатина89 во Бугарија. Коскената фигурина од Барутница (Анзабегово II-III) со претстава на глава од змија или водена птица, перфорирана во градите, била користена како амулет.90
Долгнавестиот предмет изработен од коска од говедо или елен, со заоблени краеви и запци на едната страна, е уште еден интересен примерок од збирката на Тумба - Маџари, чија функција е непозната и засега не можат да се најдат аналогии.91 Според формата наликува на чешел или на некоја алатка (Т.7г).
Монистите изработени од коска во однос на камените монисти, се поретка археолошка појава во неолитските локалитети. Ваквите монисти изработени од коскена суровина се најдени во Барутница.92 Едно долгнавесто коскено монисто е најдено и во првата куќа во Тумба - Маџари (Т.7б). Во истата населба, во куќа 12, покрај првата група амбарчиња се најдени 19 мониста (со должина 4 mm - 1,8 cm) изработени од коска и камен, со цилиндрична, кружна и биконусна форма93 (Т. 7в).
Функцијата на предметот со лачна форма и две перфорации во горниот дел (Т. 7ѓ), како и сличниот предмет со ист број перфорации и врежани коси и прави линии (Т. 7д) од Тумба - Маџари не може да им се определи. Коскениот примерок со кружни перфорации од ранонеолитскиот хоризонт на Гургур - Тумба94 Битола е уште еден предмет чија намена е тешко да се објасни (Т. 7л).
Долгнавестиот откршен предмет со врежани коси линии од Тумба - Маџари наликува на држалка од спатула - лажица (Т. 7ѕ). Од истиот локалитет се и двата откршени предмети изработени од долги коски на говедо или елен, со перфорација во горниот дел (Т. 7и-ј) и еден откршен предмет со три кружни вдлабнувања изработен од заб на свиња (Т. 7к). Предмети со издолжена правоаголна форма со изведени полукружни перфорации изработени од еленски рог, кои можеби ја имале функцијата на амулети, се најдени во неолитската населба Церје.95
Кружните алки кои служеле како прстени или висулци96 и веројатно имале посебна симболика, исто така се дел од категоријата предмети со посебна или украсна намена од збирките на Тумба - Маџари (Т. 7е-з), Барутница (Анзабегово I).97 Од доцнонеолитската фаза во Барутница е најден специфичен предмет изработен од фемур од говедо, кој можеби служел како тег.98
Во контекст на оваа група предмети, но надвор од територијата на Анзабегово-вршничката културна група, несомнено треба да се споменат и карактеристичните наоди - амулети од доцнонеолитските хоризонти на Уста на Дрим99 и Пенелопа,100 кои наликуваат на шематизирана зооморфна и антропоморфна фигурина.
Во неолитските населби на територијата од Македонија засега не се познати антропоморфни фигурини изработени од коскена суровина. Во еден од објектите -амбарчињата во Тумба - Маџари, во куќа 12, е најдена антропоморфна фигурина изработена од глина со претстава на седната жена.101 Телото на фигурината е моделирано околу една животинска коска - фемур од овца или коза (Т. 8). Слична женска седечка фигурина, чие стилизирано и рудиментирано тело, исто така е моделирано околу една животинска коска, е најдена во ранонеолитската населба Хојчек (5900 - 5700 пр. н.е) во Турција.102
Потребата на човекот за имитирање на звуците кои ги слушал во своето опкружување и кои подоцна ќе ги преточи во понапредна звучна форма во музика, ќе ги создаде и првите музички инструменти. Фрагментирани предмети од долги животински коски кои се протолкувани како свирчиња или кавали се најдени во ранонеолитскиот хоризонт во Барутница.103 Цевчести коски со убаво обработени краеви, со функција на накит или, пак, можеби недовршени свирчиња или кавали се најдени во населбата На Брег.104 Коскените т.н. флејти од населбата Диспилио105 на Костурското Езеро, денешна Грција, се уште еден прилог кон оваа категорија предмети.
4. Незавршени предмети
Последна група коскени предмети од населбите на Анзабегово-вршничката културна група се незавршените или недоволно зачуваните предмети, како и полуфабрикатите, кои реалитивно често се наоѓат на локалитетите (Т. 9).
Според трагите кои се видливи на нивната површина, тие можат да се поделат на три типа: предмети со траги од обработка, предмети со траги од употреба и комбинирани предмети со траги од обработка и употреба.106
Заклучни согледувања
Традицијата за изработка коскени предмети влече корења од старото камено време, а своја еволуција достигнува во времето на мезолитот и неолитот. Погодните физички карактеристики на коскената суровина овозможиле овие предмети да бидат присутни во сите предисториски култури. Нивното проучување е значајно, затоа што се извор на суштински информации за елементарните стопански дејности, сточарството, ловот, земјоделието, како и развиените технолошки вештини, социјалните трендови, но и духовниот живот на неолитските заедници.
Од досегашните релативно скромни сознанија за коскените предмети од неолитските населби во Анзабегово-вршничката културна група, може да се каже дека, генерално, нема особена разлика при изборот на коскената суровина, како и во технолошкиот процес, морфологијата и функцијата на овие предмети, споредбено со предметите од останатите неолитски култури во Централниот Балкан и пошироко. При изборот на суровината речиси секогаш се користеле коските од овикапридите (овцата и козата) и домашното говедо, роговите од еленот и поретко забите од дива свиња. Значењето на овие животни за неолитскиот човек од економски, но и од симболичен аспект бил визуелно материјализиран и преку скулптуралната форма.107 Како најзастапена група предмети во населбите се шилата, иглите и спатулите - длета, кои типолошки се определени во групата предмети со зашилен работен врв и групата предмети за стружење и мазнење. Во однос на типологијата на предметите постојат неколку карактеристични примероци кои припаѓаат на групата со посебна или украсна намена, кои засега не можат да најдат блиски аналогии.
Ова ниво на истраженост на коскените предмети од населбите во Анзабегово-вршничката група е недоволно за потенцијалот кои можат да го дадат на археолошката наука. Како што е познато, типолошка, функционална и скелетна определба засега се направени само на еден дел од предметите од коскена суровина од археолошките истражувања во населбите Барутница и Церје. Останува да се направи една сеопфатна анализа на целиот коскен материјал во која ќе се одреди видот на суровината и начинот на набавката, како и определувањето на скелетните елементи за изработка на предметите. Подготовката и самиот технолошки процес на изработка на предметите во рамките на домаќинствата или во специјализирани работилници е уште една тема за истражување. Подеднакво е важно да се одреди дали трагите на коскените предмети и суровината се добиени од влијанијата на природните сили, животните, растенијата или, пак, од човекот кои ги оставил во текот на селекцијата на суровината и изработката на предметите. Трагите од органските и неорганските материи на коскените орудија и оружјата се сведоштво за разните активности, односно занаетите во локалната економија. Археолошкиот контекст на предметите и суровината во затворени архитектонски целини - куќи, несомнено е важен за објаснување на функционалниот карактер на самите предмети, но и на објектот - куќата.
Во музејските збирки, освен предметите од животински коски и рогови, се наоѓаат и предмети изработени од школки, како и лушпи од полжави. Присуството на овие коскени суровини, особено на морските школки, помагат во реконструкцијата на процесот на размена и трговија во младото камено време.
Аналитичкиот истражувачки пристап кон коскените предмети и самата суровина е несомнено значаен за интегрирање на сите податоци за материјалната култура, не само од економскиот-технолошки аспект, туку и за социо-културните промени кај неолитските заедници.
Белешки
- Soressi M. et al., 2013, 14186, 14188. ↩
- Шаламанов-Коробар Љ., 2013, 65. ↩
- Шаламанов-Коробар Љ., 2013, 66. ↩
- Bačkalov A., 1979, 11. Коските се нарекуваат долги, пред cè, заради нивната структура која е различна од структурата на коските на черепот и трупот, а не заради должината. ↩
- Janković Ž. - Popović S., 1988, 10,16; Vitezović S., 2010, 27-29. ↩
- Rauf A., 2014, 1459-1464. ↩
- Boskey A. L. - Imbert L., 2017, 93-106. ↩
- Choyke A., 1997, 6. ↩
- Vitezović S., 2015, 7, 8, 12, 13. ↩
- Ong S., 2018. ↩
- Bačkalov A., 1979, 10. ↩
- Bačkalov A., 1979, 10. ↩
- Vitezović S., 2010, 52. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 27. ↩
- Симоска Д. - Санев В., 1975, 47; Китаноски Б., 1976, 162; Здравковски Д., 1988, 47, сл. 33-34; Кузман П., 2013, сл. 49, Т. IV, 2-4, T. VI, 1-33, T. X, 1-25; Тодороска В., 2016, 45, T. VI. ↩
- Smoor B., 1976, 189-197. Археолошките истражувања во Барутница кај с. Анзабегово се реализирани во 1969/70 година. Во истражувањата се најдени 60 коскени предмети. Еден дел од движниот материјал од постарите истражувања во 1960 година е депониран во Археолошкиот музеј во Скопје, и таму се наоѓаат 4 предмети од животинска коска кои не се објавени. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 159-169; Хаџи-Николов Н., 2020, 21-47, сл. 4-40, 43. Во неколкугодишните археолошки систематски истражувања во населбата Церје кај с. Говрлево во периодот од 1982 - 2010 година меѓу наодите од животинска коска се издвоени 108 коскени предмети, како и неколку полуфабрикати кои се депонирани во Музејот на град Скопје. На м-р Љубо Фиданоски му изразувам благодарност за споделените информации за коскениот материјал од населбата Церје кај с. Говрлево. ↩
- Од долгогодишните систематски археолошки истражувања на Тумба - Маџари во Скопје, од периодот на 1981 - 2013 година, меѓу депонираниот коскен материјал во Археолошкиот музеј во Скопје засега се препознаени 147 предмети изработени од животинска коска, како и неколку полуфабрикати. Најголемиот дел од коскените предмети не се објавени. ↩
- Гарашанин М. - Спасовска Г., 1976, 86-88. Во Музејот на град Скопје се депонирани 8 предмети од животинска коска откриени во неолитската населба Слатина кај с. Зелениково, во археолошките истражувања во 1953/54, 1974/75 година. На м-р Љубо Фиданоски му изразувам благодарност за споделените информации за коскениот материјал од населбата Слатина кај с. Зелениково. ↩
- Здравковски Д., 2005, 25-33; Stojanova-Kanzurova E., 2018, 7-23. Археолошките истражувања во Тумба - Потсело кај с. Стенче се извршени во 2000 и 2007 година. Во овие истражувања се откриени 6 коскени предмети кои не се објавени. Коскениот материјал е депониран во Археолошкиот музеј во Скопје. ↩
- Здравковски Д., 1988, 47, сл. 33-34; Трајковска Л., Извештај од сондажните археолошки истражувања на локалитетот На Брег кај село Младо Нагоричане, Куманово, 2002 година; Трајковска Л. Извештај за археолошките истражувања на На Брег с. Младо Нагоричане, Куманово во 2003 година. Во археолошките истражувања во неолитската населба На Брег - с. Младо Нагоричане, од 1986, 2002 и 2003 година, се најдени околу 30-тина предмети изработени од животинска коска, кои денес се чуват во Народниот музеј во Куманово. Коскените предмети од истражувањата во 2002 и 2003 година, не се објавени. На колегите од Музејот во Куманово им изразувам благодарност за увидот и користењето на документацијата од археолошките истражувања на локалитетот На брег, с. Младо Нагоричане во 2002/03 година. ↩
- Санев В., 1987, 39-41. Во 1986 година е извршено сондажно археолошко истражување во Чаковец кај с. Ресава. Меѓу коскениот материјал се издвојува само една алатка која не е објавена. Движниот материјал е депониран во Археолошкиот музеј во Скопје. ↩
- Санев В., 1975, 204, 205. Во 1960 година се извршени првите археолошки сондажни истражувања во Руг Баир кај с. Горобинци. Поголем дел од теренската документација и археолошкиот материјал настрадале за време на скопскиот катастрофален земјотрес 1963 година. Денес, во Археолошкиот музеј во Скопје се чува еден мал дел од движниот материјал од истражувањата во 1960 година, а во него е еден коскен предмет кој не е објавен. ↩
- Vitezović S., 2010, 77-245. ↩
- Vitezović S., 2010, 274-341. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 21-47. ↩
- Меѓу коскените предмети од Слатина кај с. Зелениково е зачувана цела (фрагментирана на 3 дела) коскена секира, од археолошките истражувања во 1974 година; Темелкоски Д. - Миткоски А., 2006, 68, сл. 16. Надвор од границите на Анзабегово-вршничката културна група, на територијата од Македонија, од населбата во Могила кај с. Сенокос потекнува еден коскен предмет определен како секира со отвор за насадување држалка; Кузман П., 2013, 365, T. X, 23; T. X, 24, 25; Тодороска, В. 2016, 45, Т. VI, 1. Коскени предмети кои се користеле како секири - чекани или чукови, како и рог од животно кој служел за плитко копање на земја, се најдени во Уста на Дрим, Струга. ↩
- Bačkalov А., 1979, 13. ↩
- Идентификацијата на скелетните елементи од кои се изработени некои од коскените предмети од збирката на Тумба - Маџари е направена од м-р Анета Фиданоска, и во оваа прилика ѝ изразувам голема благодарност. ↩
- Корошец П. - Корошец Ј., 1973, 18, Т. 9, 3, 5, 6, 8-11. ↩
- Здравковски Д., 1988, 47, сл. 35, 39, 41. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 36. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 160, 165. ↩
- Benac А., 1979, 428, T. LXI, 2, 3. ↩
- Митревски Д., 1997, 60, 61. ↩
- Коскените игли од Барутница, с. Анзабегово се депонирани во НУ Завод и музеј - Штип. На колегите од Заводот и музеј - Штип им изразувам благодарност за споделените информации за коскените предмети од Барутница, с. Анзабегово. ↩
- Здравковски Д., 1988, сл. 34. ↩
- Vitezović S., 2010, 290. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 37. ↩
- Stojanova-Kanzurova Е. - Zdravkovski D., 2011, 144, fig. 9а. ↩
- Блажевска З., 2016, 194. ↩
- Здравковски Д., 2013, 289. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 166. ↩
- Музејот „д-р Никола Незлобински“ - Струга засега ја има најголемата збирка коскени харпуни од крајот на неолитот и почетокот на енеолитот на територијата од Македонија. На м-р Валентина Тодороска ѝ изразувам голема благодарност за споделените информации за археолошкиот материјал од Уста на Дрим во Струга. ↩
- Benac A., 1979, 461, T. LXXI, 8-10; Кузман П., 2013, 365, T. X 11-17; Тодороска В., 2016, 45, Т. VI, 3; Kuzman P., 2018, 92, fig. 12, 13. ↩
- Beldiman C., 2005, fig.1,3. ↩
- Корошец П. - Корошец Ј., 1973, Т. X. 8. ↩
- Коскениот предмет е депониран во Археолошкиот музеј во Скопје. ↩
- Овие предмети во литературата се споменувани и како гладилки: Smoor B., 1976, 189; Bačkalov A., 1979, 36; Фиданоски Љ., 2009, 165; Фиданоски Љ., 2012, 57, сл. 79. ↩
- Bačkalov A., 1979, 37; Vitezović S., 2010, 303, 304; Хаџи-Николов Н., 2020, 41. ↩
- Здравковски Д., 1988, 47, сл. 37, 40, истражувачот ги именува како точила. ↩
- Smoor B., 1976, fig. 131,1. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, сл. 26-31. ↩
- Smoor B., 1976, 190, fig. 125. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, сл. 27,28. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 166; Vitezović S., 2010, 303-305. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, сл. 26-31. ↩
- Здравковски Д., 1988, сл. 37. ↩
- Vitezović S., 2010, 303. ↩
- Примероците се наоѓат во збирката на НУ Завод и музеј - Штип. ↩
- Здравковски Д., 1988, 47, сл. 32. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 41, сл. 37, 38. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 165. ↩
- Vitezović S., 2010, 306,307. ↩
- Smoor B., 1976, 189. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 165. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 39, сл. 32-35. ↩
- Според С. Витезовиќ, спатулите - лажици се класифицирани во категоријата предмети со посебна намена. ↩
- Vitezović S., 2010, 324, 325. ↩
- Erdalkiran М., 2015, 32. ↩
- Stefanović S. et al., 2019, 1-38. ↩
- Mellaart Ј., 1964, 86, fig. 37:2, XVIIIb. ↩
- Ozdogan М., 2014, 45. ↩
- Примероците на спатули - лажици од Тумба - Маџари и Барутница, с. Анзабегово, презентирани во Т.6б-ѓ, се изработени од коски на говедо или елен. ↩
- Примерокот од Барутница, с. Амзабегово претставен на Т.6д, е времено изложен во постојаната поставка на Археолошкиот музеј во Скопје. ↩
- Санев В. 1975, 214, T. II, 8. Коскениот фрагментот од реципиент од Руг Баир е именуван како спатула. ↩
- Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1961, 24, сл. 37. Според истражувачите овој коскен предмет е определен како гладилица или спатула. ↩
- Коскениот предмет од населбата во На Брег, с. Младо Нагоричане, што наликува на лажица, се наоѓа во Музејот во Куманово. ↩
- Овој коскен предмет се наоѓа во Музејот„ д-р Никола Незлобински“ во Струга. ↩
- Bačkalov A., 1979, 24; Vitezović S., 2010, 322, сл. 21-24. ↩
- Dimitrijević S., 1979, 292, T. XLVI, 7, 8. ↩
- Николов В. - Такорова Д., 2018, 99, сл. 140. ↩
- Тодорова Х. - Ваисов И., 1993, сл. 13, 14, 70. ↩
- Erdalkiran М., 2015,32; Ozdogan М., 2014, fig. 13. ↩
- Витезовиќ ги дели предметите со посебна намена и украсните предмети во две посебни групи. ↩
- Стојанова-Канзурова Е., 2011, 45, сл. 14; Stojanova-Kanzurova Е. - Zdravkovski D., 2011, 146, fig. 18. ↩
- Овој коскен предмет и други наоди од II културен хоризонт, заедно со најновите лабораториски резултати од определувањето на апсолутната хронологија, cè уште една потврда за почетоците на населбата во Тумба - Маџари во раниот неолит, во рамките на Анзабегово-Вршник I. На темата почетоците на населбинското живеење во Тумба - Маџари ќе се говори во други трудови. ↩
- Borić D., 2011, 180, fig. 16a-b. ↩
- Николов В. - Такорова Д., 2018, сл. 75, 110. ↩
- Gimbutas М., 1976, 202, fig. 142. ↩
- Стојанова-Канзурова Е., 2011, сл. 18, в. ↩
- Gimbutas М.,1976, 248, fig. 213. ↩
- Kanzurova Е. - Zdravkovski D., 2011, 146, fig. 16. ↩
- Санев В. - Симоска Д., 1983, 123, Т. 90. ↩
- Хаџи-Николов Н., 2020, 42, сл. 44, 45. ↩
- Фиданоски Љ., 2009, 164. ↩
- Gimbutas М., 1976, 242, fig. 211, 2, 3. ↩
- Smoor B., 1976, 190, fig. 123. ↩
- Кузман П., 2013, 367, Табла X, 21, 22. ↩
- Кузман П., 2013, 361, Табла IV, 2-4. ↩
- Стојанова-Канзурова Е., 2011, сл. 5а, б, в; Stojanova-Kanzurova E. - Zdravkovski D., 2011, 145, fig. 14. ↩
- Vor 12000 Jahren in Anatolien Die ältesten monumente der Menschheit, 2007. ↩
- Gimbutas M., 1976, 242, fig.210,1. ↩
- Здравковски Д., 1988, 47, сл. 33, 36. ↩
- Кузман П., 2013, 363, Табла VII,12. ↩
- Vitezović S., 2010, 341. ↩
- Наумов Г., 2009, 187-200. ↩
Summary
Morphological and Functional Analyses of the Bone Objects from the Settlements of the Territory of the Anzabegovo-Vrshnik Cultural Group
The material culture in the period of the New Stone Age - Neolithic is sent through several segments, one of them is the production and use of objects from bone raw material, primarily from animal bone and horns. For the most part, the bone objects in the Neolithic had a utilitarian function, they were used for processing organic materials, such as leather, fur and various plant raw materials, ie for making clothes, household items, baskets, ropes, knitting fishing nets and others. Some of them also served as weapons and jewelry, and some probably had a symbolic meaning, but the purpose of some items is still a mystery. Some forms of bone objects, but also the method of making them, can help in the study of the relativechronological relations in a settlement or region. Of great importance is the potential of these objects of organic origin in determining the absolute chronology of archaeological sites.
The objects made of bone raw material, which have been discovered so far in the Neolithic settlements in Anzabegovo-Vrshnik cultural group, but also in other settlements on the territory of Macedonia, are not very common archeological findings. Probably a factor as to why they’re doing so poorly. A more fundamental typological, functional and skeletal determination has so far been made only on the objects of bone raw material from the archeological excavations in the settlements of Barutnica and Cerje, where they have been discovered in large numbers.
This paper presents the objects made of animal bone that had different functions, discovered in the settlements of Tumba Madzari in Skopje, Cerje, v. Govrlevo, Slatina, v. Zelenikovo, Tumba Podselo, v. Stenche, Na Breg, v. Mlado Nagoricane, Cakovec, v. Resava, Barutnica, v. Amzabegovo and Rug Bair, village of Gorobinci, which belong to the Anzabegovo-Vrsnik cultural group, from the late Early and Middle Neolithic period.
The bone objects presented here, based on the morphological-technological criteria, can be divided into four groups: objects with a pointed working tip; smoothing and scraping items; special or decorative items, and unfinished items.
From the relatively modest knowledge of bone objects from the Neolithic settlements in the Anzabegovo-Vrshnik group, it can be said that there is generally no significant difference in the choice of bone raw material, as well as in the technological process, morphology and function of these objects, compared to other objects from other Neolithic cultures in the Central Balkans and beyond. In the selection of raw materials, the bones of ovicaprids (sheep and goat) and domestic cattle, deer antlers and rarely the teeth of wild boar were almost always used. The significance of these animals for Neolithic man, both economically and symbolically, was visually materialized through the sculptural form. The most common group of objects in the settlements are awls, needles and spatula-chisels, which are typologically defined in the group of objects with a pointed working tip and the group of objects for scraping and smoothing. Regarding the typology of objects, there are several characteristic specimens that belong to the group with a special or decorative purpose, which so far can not find close analogies in the neighborhood.
This level of exploration of the bone objects from the settlements in the Anzabegovo-Vrshnik group is insufficient for the potential they can give to the archeological science. The analytical research approach to bone objects and the raw material itself is undoubtedly important for the integration of all data on material culture, not only from the economic-technological aspect, but also for the sociocultural changes in the Neolithic communities.
Библиографија
- кирилица
- Блажевска З.,2016, Предмети за предење и ткаење од неолитските населби во Македонија, во: Фиданоски Љ.-Наумов Г. (ед.) Неолитот во Македонија: нови сознанија и перспективи, Скопје, 193-203.
- Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1961, Неолитска населба Вршник кај село Таринци, Зборник на Штипскиот народен музеј II (1960-1961), Штип, 7-41.
- Гарашанин М. - Спасовска Г., 1976, Нови ископувања во Зелениково кај Скопје, Macedonia acta archaeologica 2, Прилеп, 85-118.
- Здравковски Д., 1988, Истражување на локалитетот “На брег” село Младо Нагоричане, Macedonia acta archaeologica 9, Скопје, 43-65.
- Здравковски Д., 2005, Неолитска населба Под село – Тумба с.Стенче, Зборник Археологија 2, Скопје, 25-33.
- Здравковски Д., 2013, Неолитска населба Тумба Маџари Скопје, Македонија милениумски културно-историски факти, Скопје, 267-297.
- Китаноски Б., 1976, Ранонеолитска населба Пештерица кај Прилеп, Materijali XIV, Prilep, 155-170.
- Корошец П. - Корошец Ј., 1973, Предисториска населба Барутница, Прилеп.
- Кузман П., 2013, Праисториски палафитни населби во Македонија, Македонија милениумски културно-историски факти, Скопје, 297-431.
- Митревски Д.,1997, Протоисториските заедници во Македонија:преку погребувањето и погребните манифестации, Скопје.
- Наумов Г.,2009, Фигурини, во: Наумов Г. и други (ед.) Неолитските заедници во Република Македонија, Скопје, 173-201.
- Николов В. - Такорова Д., 2018, В зората на европейската цивилизация:Слатина-София на 8000 години (каталог на изложба), София.
- Санев В., 1975, Неолитската населба Руг Баир кај с. Горобинци, Зборник на Штипскиот Народен Музеј IV-V 1964-1974, Штип, 203-231.
- Санев В. - Симоска Д., 1983, Неолитските населби Велушка Тумба кај село Велушина, Мала и Голема Тумба кај село Трн во развитокот на првите земјоделски заедници во Централна Пелагонија (извештај), Битола.
- Симоска Д. - Санев В., 1975, Неолитска населба Велушка Тумба кај Битола, Macedonia acta archaeologica 1, Прилеп, 9-25.
- Стојанова Канзурова Е., 2011, Архитектонски недвижни објекти од Тумба Маџари, Macedonia acta archaeologica 20, Скопје, 35-53.
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2006, Праисториска населба Могила Сенокос, Macedonia acta archaeologica 17, Скопје, 55-81.
- Тодорова Х., Ваисов И., 1993, Ново-каменната епоха в България (краят на седмо-шесто хилядолетие преди новата ера), София.
- Тодорска В., 2016, Палафитната населба “Устие на Дрим”, во: Фиданоски Љ.-Наумов Г. (ед.) Неолитот во Македонија: нови сознанија и перспективи, Скопје, 41-55.
- Фиданоски Љ., 2009, Предмети од керамика, камен, коска, рог и школка, во: Наумов Г. и други (ед.) Неолитските заедници во Република Македонија, Скопје, 159-169.
- Фиданоски Љ., 2012, Церје-Говрлево и Милош Билбија, Скопје.
- Хаџи-Николов Н., 2020, Коскени предмети од Церје – Говрлево, во: Фиданоски Љ. (ед.) Скопје пред 8 милениуми_4: занаетчии и земјоделци од Церје-Говрлево, Скопје, 21 – 47.
- Шаламанов-Коробар Љ., 2013, Палеолит и мезолит, Македонија милениумски културно-историски факти, Скопје, 45-83.
- Латиница
- Bačkalov A., 1979, Predmeti od kosti i roga u preneolitu i neolitu Srbije, Beograd.
- Benac A., 1979, Prelazna zona, Praistorija Jugoslavenskih zemalja II - Neolit, Sarajevo, 363-473.
- Beldiman C., 2005, Upper Paleolithic of Romania from the perspective of bone and antler industry: projectile points, Prehistoric artefacts of animal skeletal materials from Romania, Tallinn, 5-33.
- Borić D., 2011, Adaptations and transformations of the Danube Gorges foragers (c.13,000-5.500 BC): An Overview, in: Krauss R. (ed.) Beginnings-new research in the appearance of the Neolithic between Northwest Anatolia and the Carpathian Basin, Menschen-Kulturen-Traditionen; Forschung Cluster 1; Bd.1, Halle/Saale, 157-205.
- Boskey A. L. - Imbert L., 2017, Bone quality changes associated with aging and disease, Annals of the New York Academy of sciences 1410(1), 93-106.
- Choyke A., 1997, The bone tools manufacturing continuum, Anthropozoologica N 25-26, Paris, 65-72.
- Choyke A. - Schibler J., 2007, Prehistoric bone tools and the archaeozoological perspective: research in Central Europe, 51-65.
- Dimitrijević S., 1979, Sjeverna zona, Praistorija jugoslavenskih zemalja II - Neolit, Sarajevo, 229-363.
- Erdalkiran M., 2015, Neolithic bone spoons from Barcin Höyük, Tüba-ar, Volume 18, Istanbul, 25-37.
- Gimbutas М., 1976, Ornamets and other small finds, Neolithic Macedonia as reflected by excavation at Anza, Southeast Yugoslavia, Los Angeles, 242-244.
- Janković Ž. - Popović S., 1988, Anatomija domacih zivotinja, osteologija i mitologija, Beograd.
- Kanzurova E. - Zdravkovski D., 2011, Latest archaeological research regarding the Neolithic period in the Republic of Macedonia, in: Krauss R. (ed.) Beginnings-new research in the appearance of the Neolithic between Northwest Anatolia and the Carpathian Basin, Menschen-Kulturen-Traditionen; Forschung Cluster 1; Bd.1, Halle/Saale, 139-157.
- Kuzman P., 2018, From Zlastrana to Penelopa: Neolithic sites in the Ohrid Region (III), vo: Fidanoski Lj. - Naumov G. (eds.) Neolithic in Macedonia: Challenges for new discoveries, Skopje, 83-113.
- Özdoģan M., 2014, A new look at the introduction of the Neolithic way of life in Southeastern Europe, Changing paradigms of the expansion of the Neolihic way of life, in: Budja M. (ed.) Documenta Praehistorica XLI, Ljubljana, 33-49.
- Mellaart J., 1964, Excavations at Çatal Hüyük,1963, Third Preliminary Report, Anatolian Studies 14, British Institute at Ankara, 39-119.
- Ong S., 2018, Why do people buy elephant ivory? https://www.worldwildlife.org/ magazine/issues/winter-2018/articles/why-do-people-buy-elephantivory.
- Rauf A., 2014, Animal bone - a brief introduction, International Journal of Science, Environment and Technology, Vol.3, No 4., Jazan, 1458-1464.
- Smoor B.,1976, Bone tools, in: Gimbutas M. (ed.) Neolithic Macedonia as reflected by excavation at Anza, Southeast Yugoslavia, Los Angeles, 189-197.
- Soressi M. et al., 2013, Neandertales made the first specialized bone tools in Europe, in: Trinkaus E. (ed.) PNAS vol.110 no.35, St.Louis, 14186-14190.
- Stefanović S. et al., 2019, Bone spoons for prehistoric babies: Detection of human teeth marks on the Neolithic artefacts from the site Grad-Starčevo (Serbia), https:// pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/31856238/
- Stojanova Kanzurova E., 2018, Pod Selo – Tumba at Stenče Village: Neolithic Settlement in Polog Region, Republic of Macedonia, in: Fidanoski Lj. (ed.) Neolithic in Macedonia:Challenges for new discoveries, Skopje, 7-23.
- Vitezović S., 2010, Koštana industrija u starijem i srednjem neolitu Centralnog Balkana, Beograd (doktorska disertacija).
- Vitezović S., 2015, Animal symbolism in Starčevo culture. Representations, Signs and Symbols, Cluj-Napoca, 7-24.