Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 35–57

Неолитската населба на локалитетот Цоцев Камен кај селото Шопско Рударе

УДК 903(497.774/.777)”637”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124025d

Содржина
  1. Вовед
  2. Неколку локациски карактеристики на месноста Цоцев Камен
  3. Големината на неолитската населба
  4. Топографија
  5. Заклучок

Вовед

Во текот на систематското рекогносцирање на теренот во подножјето на Цоцев Камен и поблиската околина, во северозападното подножје на карпата беше откриен вештачки направен профил со висина од речиси 1,5 m.1 На него јасно се распознаваа неколку културни хоризонти, како и кружен објект направен од глина со пречник од приближно 1,20 m (сл. 1). Тогаш веќе беше јасно дека на профилот му се заканува целосно рушење во блиска иднина и беше решено, во соработка со Музејот на град Кратово, да бидат изведени интервентни ископувања на оваа локација кои беа реализирани во текот на 2020 година.2 И покрај тоа што првично беше планирано да се изведат превентивни ископувања, имавме на располагање доволно средства да отвориме поголема површина и да се здобиеме со јасен увид во стратиграфијата на овој простор. До здравица беше истражена површина од близу 30 m2 во две сонди и беа собрани значајни податоци за историјата, топографијата и материјалната култура на неолитската населба на овој локалитет (мапа 1).3

Целта на оваа студија е да се ревидираат или доточнат некои од претходните сознанија за неолитската населба кај Цоцев Камен, главно, стекнати при рекогносцирањето од 2018 година, како и да се претстават неколку нови аспекти од топографијата и местоположбата на овој локалитет. На делот од локалитетот во кои беа сконцентрирани археолошките ископувања културните слоеви во целост му припаѓаат на неолитскиот период. Ова во голема мера го олесни разликувањето на неолитскиот од материјалот кој датира во подоцнежните епохи застапени на овој локалитет, што резултираше со далеку појасен увид врз големината и топографијата на неолитската населба.

Фото 1. Профил откриен при градежни работи во северозападното подножје на “Цоцев Камен“
Фото 1. Профил откриен при градежни работи во северозападното подножје на “Цоцев Камен“

Можеби најзначајно сознание од последниве истражувања е откритието на преодна фаза помеѓу средниот и доцен Неолит на овој локалитет, приближно истовремен со последната фаза на локалитетот “Барутница“, кај Анзабегово. Овој хоризонт не успеавме да го издвоиме врз основа на површинскиот материјал собран во 2018 година. Присуството на оваа фаза на Цоцев Камен е од големо значење за историјата и топографскиот развој на населбата. Одредени фактурни групи керамика за кои сметавме дека датираат во некоја подоцнежна епоха или кои останаа недатирани сега може да се додадат кон корпусот неолитски наоди. Во моментов тоа ни овозможува да направиме груба споредба меѓу површината на оваа населба во текот на неолитската епоха. Сепак, за попрецизно следење на транзицијата од средниот во доцен неолит ќе биде неопходно да се направи и целосна ревизија на наодите собрани во 2018 година, што заслужува посебен осврт.

Главниот акцент во овој текст ќе биде ставен врз локационите карактеристики на месноста Цоцев Камен. Богатството и распоредот на природните ресурси во непосредното опкружување на археолошките локалитети може да биде многу податливо за нивното значење и функција. Притоа, мора да се запомни дека овие надворешни околности не треба да се сфатат како фактори што го предодредуваат економскиот профил на старите населби. Тие само ја отцртуваат рамката во која постоела и се развивала проучуваната заедница. Податоци за конкретниот начин на кој таа заедница живеела во и од нејзиното опкружување мора да се бараат во археолошките слоеви. Сепак, систематското проучување за местоположбата на археолошките локалитети е важно затоа што води кон преиспитување на постоечките ставови и тези, но и кон формулирање нови прашања и проблеми. Ова доаѓа оттаму што природните услови се во нераскинлива врска со човечките заедници што се во фокусот на научниот интерес. Сликите кои ги градиме за овие заедници може да бидат точни или барем конзистентни само во рамките на одреден спектар од природни околности. Доколку постои несовпаѓање меѓу сознанијата за археологијата на даден локалитет и неговото опкружување, ќе мора барем една група сознанија и претпоставки да се ревидираат. Токму овој пристап на преиспитување на постоечките сознанија за археологијата на еден локалитет преку призмата на условите во неговото природното опкружување е еден од носечките принципи на оваа студија.4

Мапа 1. План на сондите отворени во текот на 2020 година
Мапа 1. План на сондите отворени во текот на 2020 година

Најголем проблем, кој не е само локален, иако кај нас поради недостигот од вакви истражувања е посебно изразен - при анализирањето на местоположбата на археолошките локалитети - е фактот што немаме ниту приближни податоци за тогашните почви, клима, вегетација или хидролошки режим. Единствено достапни, и тоа не секогаш во еден систематизиран формат, се актуелните услови и околности за кои не треба да се нагласи дека во многу нешта се разликувале од оние во минатото. Затоа ќе мора да се задоволиме со анализирање на некои општи фактори, како релјефот или геолошкиот супстрат, за кои може да се претпостави дека не претрпеле толку драстични промени по средниот холоцен.5 Иако сме свесни дека целиов потфат мора да се прими со голема доза резерва и дека некои од овде искажаните ставови ќе мора во блиска иднина лично да ги отповикаме, сметаме дека е корисно да се објавуваат тековните размислувања и согледби, како за нас така и за сите идни истражувачи на овој локалитет и за остатокот од стручната јавност.

Неколку локациски карактеристики на месноста Цоцев Камен

Кои одлики на локалитетот Цоцев Камен придонеле да биде населен во текот на еден мошне долг временски период и особено во текот на неолитот, според досегашните истражувања, најстарата епоха на овој локалитет? Што е тоа што ги привлекло основачите на првата населба во подножјето на оваа карпа? Притоа, не смее да се изгуби од вид фактот дека овие прашања имаат смисла само ако се однесуваат на одредена епоха, односно конкретни општества со конкретни достигнувања на економски и технолошки план. Бидејќи обично се знае многу малку за технолошките достигања или економскиот развој на заедниците од далечното минато, понекогаш во археологијата се користат токму локациските околности на населбите за да се донесат некакви заклучоци на овој план. Ваквиот пристап, сам по себе, е погрешен и може лесно да доведе до неточни или дури апсурдни заклучоци. Но тоа што методолошки е неисправно да се носат заклучоци за технологијата и економијата на изучуваните заедници на овој начин, никако не значи дека локациските фактори се ирелевантни. Тука ќе претставиме само мал дел од овие фактори, во светлото на некои актуелни тези и претпоставки за продуктивноста на неолитското земјоделие.6

Фото 2. Поглед на “Цоцев Камен“ од исток
Фото 2. Поглед на “Цоцев Камен“ од исток

Никако не смее да се занемари самата појавност на карпата во чие подножје се развила оваа населба. Иако немаме точна претстава како изгледала таа пред околу 7500 години,7 а уште помалку се знае за перцепцијата и вредносниот систем на неолитскиот човек, факт е дека овој феномен ретко кого остава рамнодушен. За ова сведок се безбројните траги што луѓето ги оставиле на оваа карпа во текот на повеќе временски епохи. Цоцев Камен е импресивен споменик на природата со релативна височина од над 50 m и површина на основата од над половина хектар. Благодарение на меките впечатливи форми што ги извајала природната ерозија на карпата таа делува како џиновска скулптура (сл. 2).

Мапа 2. “Цоцев Камен“ и неговото опкружување; исечок од топографска мапа. Земјените патишта се обележани со испрекинати црни линии или точки.
Мапа 2. “Цоцев Камен“ и неговото опкружување; исечок од топографска мапа. Земјените патишта се обележани со испрекинати црни линии или точки.

Цоцев Камен според сите критериуми е засолнета локација, настрана од главниот природен пат кој водел низ долината на Крива Река, и видлив само од локации во долината на потокот Врлеј или од повисоките околни коти.8 Во претходниот извештај за рекогносцирањата во подножјето на Цоцев Камен9 беше забележано дека овој локалитет, за разлика од средиштата на современите рурални населби од соседството, има нешто поистурена позиција. Деталните мерења на растојанијата меѓу познатите населбински локации во овој крај и најблиските премини преку Крива Река покажа дека ова е погрешен впечаток.10 Цоцев Камен е навистина нешто поблиску до долината на Крива Река споредено со Маалото Цоцевци или со селото Коњух, но разликите се незначителни, а некои рурални населби се поставени на многу пократки растојанија од Крива Река (табела 1). Уште позначајно е да се истакне дека Цоцев Камен нема никаква визуелна комуникација со претпоставениот пат крај Крива Река, ниту директен пристап до него.11 Како и сите подоцнежни рурални населби од овој крај, тој се поврзува со оваа хипотетичка магистрала преку некоја од притоките на Крива Река. Во случајов, и Цоцев Камен и Маалото Цоцевци се поврзани со коритото на Крива Река преку долината на Врлеј, крај чие устие денес има премин преку Крива Река. За споредба, далеку поистурена е позицијата на локалитетот Градиште - Коњух, поставен крај самиот речен брег и на само 3-4 минути одење до најблискиот премин преку реката.

На топографските карти за овој крај долината на Врлеј фигурира како локална патна врска меѓу долината на Крива Река и Коњух, односно Шопско Рударе (мапа 2). Всушност, неолитската населба не излегувала директно ниту на овој пат, зашто според тука приложената мапа тој води по левиот брег на Врлеј, додека неолитската населба во целост лежи на спротивниот, понизок брег.12 Многу позначајни патни правци во поблиското, а по cè изгледа и во подалечното минато воделе низ административното средиште на селото Шопско Рударе, во правец на Татомир, и преку Коњух за Пезово.13 Населбата крај Цоцев Камен се надоврзувала на вториот од овие патишта.

Цоцев Камен 1650 м Цоцевци

2360 м

Доња Маала, Коњух 2170 м

Кајевска Маала, Коњух 1510 м

Довезенце

1540 м

Шопско Рударе, центар 2470 м

Вак’ф

1960 м

Градиште - Коњух 250 м Табела 1. Растојанија меѓу локалитети на левиот брег на Крива и најблиските речни премини.14

Цоцев Камен останува надвор од видикот на оние кои патуваат по долината на Крива Река или на оние кои преку превојот кај Татомир, доаѓаат од правец на Овче Поле. И покрај својата импозантност, карпата станува видлива само во рамките на долината на Врлеј, источно од линијата на автомобилскиот пат Коњух-Кратово. Ова се однесува на врвот и терасите од карпата. Самото подножје каде што било сместено јадрото од неолитската населба е видливо од површина со уште помал радиус. Видикот што се протега од врвот на Цоцев Камен исто така има релативно ограничена површина, барем во споредба со многу наши предисториски и особено антички градишта. Кон југ погледот досега до ридовите над Шопско Рударе, кон север до стрмните падини на десниот брег од Крива Река, а кон исток до соседниот венец од врвови, оддалечени помалку од 500 m од Цоцев Камен. Нешто поширок поглед се протега единствено кон запад, cè до Будиндол или синорот на селото Довезенце. Сепак, станува збор за вкупна површина од едвај 6-7 km2 (мапа 2).

Мапа 3. Геолошкиот субстрат на “Цоцев Камен“ и поблиската околина, исечок од геолошка мапа
Мапа 3. Геолошкиот субстрат на “Цоцев Камен“ и поблиската околина, исечок од геолошка мапа

Ако се суди според овие критериуми, Цоцев Камен бил средиште на една микроцелина дефинирана од Крива Река, од северната страна, и од запад кон исток, врвовите Калиман, Црвени Рид, Деделица, Љољак, Чуки и Џаница. Тука не завршувал само хоризонтот на жителите на оваа населба, туку и површината која можеле ефективно да ја експлоатираат секојдневно. Користењето на потенцијалните ресурси што се наоѓале надвор од оваа рамка би било неисплатливо во епоха во која cè уште немало запрежни возила.15

Ова не значи дека целата оваа површина од неколку квадратни километри била интензивно обработувана од страна на локалната неолитска заедница. Според Геолошка карта во размер 1 : 100 000 Цоцев Камен се наоѓа на источниот раб од една мала површина покриена со квартерни флувијани и колувијални наслаги (мапа 3). Оваа зона во голема мера се поклопува со долината на Врлеј и споредните долчиња, како и со сегментот на Крива Река околу устието на Врлеј. И денес најголем дел од оваа зона е под обработливи површини. Се работи за мало островче во пространо море од постари седименти со вулканско потекло. Централниот дел од површината, пак, што припаѓа на видното поле на Цоцев Камен е покриена со постари, палеогени песочници и глина. Денес, оваа зона се обработува уште поинтензивно во однос на флувио-колувијалните почви.

Врз геолошкиот супстрат што се среќава во околината на Цоцев Камен може да се оформат плодни почви. На Дигиталната почвена мапа на Македонија пошироката околина на Цоцев Камен е покриена со реголити и вертисоли или смолници.16 Ова се високо продуктивни почви,17 но тие се тешки за обработка и прашање е колку би била одржлива нивната експлоатација во отсуство на рало или плуг и запрежни животни. Голем број проучувачи на првобитните земјоделски општества сметаат дека овие заедници, главно, се фокусирале на лесни, природно плавени почви, на што ги принудувала технолошката ограниченост, односно фактот што според сите досегашни сознанија на располагање им стоеле исклучиво рачни камени алатки.18 Последниве децении се изнесени и поинакви размислувања, кои, главно, се засноваат на распоредот на неолитските населби во однос на геопедолошкиот супстрат или, пак, на растителните видови чии остатоци се пронајдени во населбински хоризонти.19 Се разбира, крунските докази за карактерот на земјоделието практикувано од страна на неолитските жители на Цоцев Камен се крие во археоботаничкиот материјал од овој локалитет. Сепак, самата негова местоположба укажува на тоа дека главен ресурс на локалното население биле дилувијаните наноси во долината на Врлеј и соседните долчиња. Веднаш, источно од Цоцев Камен, се протега зона на стрмни и разголени ридови кои единствено би можеле да се користат за екстензивно сточарење. Оттаму, главнината од обработливата површина на оваа населба мора да се протегала западно и јужно од локалитетот. Притоа, мора да се истакне дека подеднакво атрактивната зона на флиш, песочници и глина е сместена на доста повисокиот западен брег на Врлеј и нејзината интензивна обработка би барала многу повеќе енергија, како поради карактерот на почвите така и поради оддалеченоста од населбата. Ако се исклучи долината на Крива Река, површините со ваков геопедолошки супстрат во овој микрорегион се ретки и со мошне мали димензии. Во радиус од 5 km од Цоцев Камен тие се среќаваат единствено во атарите на селата Мургаш и Татомир, но на доста помали површини. (види мапа 3).

Топографските карти не бележат активни извори на вода за пиење во непосредната близина на локалитетот. Извори на питка вода се лоцирани во денешните населби Коњух и Шопско Рударе, но најблискиот извор на вода за пиење до Цоцев Камен е оној кај Маалото Цоцевци, на околу 780 m јужно. Ова не треба да се земе како доказ дека неолитската населба била основана на локација без непосреден пристап до вода за пиење. Споменатиот извор се наоѓа на само 10 минути одење. Уште една сличност меѓу Цоцев Камен и современите рурални населби е тоа што сите тие се сместени крај работ од зоната на флувијално-колувијални или езерски седименти. Една од можните причини за ваквата разместеност е различната водопропусност на овие слоеви и доминантниот вулкански субстрат, што и доведува до појава на извори. Сосема е можно изворите во близина на старите населби да биле заборавени или, пак, нивното пресушување да играло улога при повлекувањето на населбите на нешто поголемо растојание од коритото на Крива Река.

Големината на неолитската населба

Површината под флувијално-колувијални наноси, плодни и лесно обработливи, во радиус од 2 km од локалитетот мери околу 240 ha.20 Со оглед на тоа што дел од оваа површина отпаѓа на самото корито од реката и ниските тераси кои е можно да биле поплавувани, веројатно максималната обработлива површина во овој дел не мери над 200 ha. За да добие оваа цифра некаква смисла треба да прифатиме некои од постоечките мислења за продуктивноста на неолитското земјоделие, како и за густината на населението во неолитските населби на централнобалканскиот простор.

Фото 3. “Цоцев Камен“ од исток; во позадина, Палеогената рамница на западниот брег на Врлеј
Фото 3. “Цоцев Камен“ од исток; во позадина, Палеогената рамница на западниот брег на Врлеј

Најшироко прифатено е мислењето според кое за да се осигура живеачката на еден возрасен човек во текот на една година, во услови на примитивно земјоделие, потребна е обработлива површина од околу 1 ha.21 Според ова, веќе најблиското опкружување на населбата би можела - под претпоставка дека целата површина била обработувана - да прехрани население од околу 200 поединци или нешто повеќе ако се земе предвид фактот дека одредени старосни категории би трошеле помалку од минимумот неопходен за една возрасна индивидуа.

Меѓутоа, очигледно е тешко да се замисли како еден толку интензивен режим на земјоделска обработка би можел да опстои повеќе од две-три децении. Од друга страна, нема потреба од толку екстремно ограничување на обработливата површина во околината на населбата. Во круг со радиус од 2 km од населбата спаѓа поголема површина обработлива почва, сместена на палеогената тераса западно од населбата (мапа 3, сл. 3). Оваа тераса се издига речиси 20 m над населбата, на спротивниот брег од Врлеј, и оваа површина тешко би можела да се обработува со рачни алатки, барем не во сушни периоди. Сепак, можноста дел од ова земјиште да се обработувала, макар и со послаб интензитет, не смее да се исклучи, особено ако се има предвид веројатната големина на неолитската населба. Тука треба да се спомене и мислењето на некои праисторичари, според кои, најблиското земјиште во околината на некои неолитски населби можеби се користела првенствено како пасиште.22 Ако се суди според релативно малиот број животински коски пронајдени во текот на ископувањата, тешко е да се поверува дека населбата кај Цоцев Камен била претежно сточарска. Меѓутоа, ова може да е само одраз на слабата зачуваност на коскениот материјал или, пак, на фактот што коските биле депонирани само на одредени места. Во секој случај, слабото присуство на коскен материјал не ја исклучува можноста барем дел од обработливите површини да се протегале на повисокиот лев брег од Врлеј. Дури и во случај да се обработувала само половина од површината од ова земјиште, демографскиот потенцијал во околината на Цоцев Камен би се зголемил за над 40%.

Не смее да се занемари и потенцијалот на почвите во зоната на игнимбрити, кои го сочинуваат остатокот од површината во радиус од 2 km од населбата. Проблемот со оваа зона е што релјефот е претежно премногу стрмен за да може да се обработува. Сепак, и во овој дел од околината на локалитетот има потенцијално обработливо земјиште со површина од близу 100 ha.

Со оглед на тоа што толку малку се знае за технологијата и карактерот на неолитското земјоделие, ќе мора да ги оставиме отворени сите опции и да се свртиме кон големината на неолитската населба. Се што може да се каже врз основа на локалниот земјоделски потенцијал е дека од земјата во непосредното опкружување на Цоцев Камен - круг со радиус од 2 km - можела да се прехрани населба со најмногу 400 до 500 жители. Мора да се напомене дека опстојувањето на волку голема населба на овој простор веќе би било мошне ризично поради опасноста родот одредени години да потфрли. Затоа, доколку се покаже дека бројот на жители во неолитската населба се приближувал до прагот од 400 жители, ќе мора не само да ја прифатиме можноста дека била обработувана и зоната на игнимбрити, туку и дека била обработувана површина вон кругот со радиус од 2 кm од населбата.23

Уште едно општо прифатено мислење за неолитските заедници е дека во населбите од оваа епоха, барем на централнобалканскиот простор и во Грција, просечната густина на население изнесувала нешто под 150 жители на 1ha.24Треба да се напомене дека ова мерило важи за рано- и среднонеолитските населби од збиен тип. Кај некои доцнонеолитски населби од овој простор, се смета со многу помала густина на население.25 Меѓутоа, неолитската населба кај Цоцев Камен, дури и во нејзината последна фаза, тешко може да споредува со овие примери, барем не во доменот на нејзината површина и топографија. Таа продолжила да се развива во старата, среднонеолитска школка. Уште поважно за темата на оваа студија, доколку се претпостави помала густина на население, нејзиното опстојување врз основа на локалните ресурси престанува да биде проблем.

По првичните анализи на резултатите добиени во текот на рекогносцирањата изведени кон крајот на 2018 година беше заклучено дека максималната големина на неолитската населба изнесува меѓу 3 и 4 ha. По новите истражувања и повторната анализа на овие податоци склони сме да дадеме нешто поскромна процена за големината на оваа населба. Ова во голема мера се должи на резултатите од ископувањата изведени минатата година, благодарение на кои успеавме уште попрецизно да го дефинираме неолитскиот материјал.

Mapa 4. Густина на површинска керамика од Неолит, на просторот на локалитетот и во блиската околина
Mapa 4. Густина на површинска керамика од Неолит, на просторот на локалитетот и во блиската околина

По повторното читање на резултатите од интензивните рекогносцирања од 2018 година може да се каже дека максималната големина на неолитската населба во подножјето и на самата карпа не мерела многу над 2 ha, додека минималните димензии се околу 1,5 ha.Тешко е да се биде попрецизен од причини што населбата се протега под површини со различна видливост и низ делови од локалитетот со различна стратиграфија. Сигурни докази за постоење на неолитска населба беа пронајдени во југозападното и северозападното подножје од карпата. Неолитски материјал, но во многу мали количини, беше собран и од западните тераси и влезниот дел од карпестиот комплекс, како и на низа други локации во поблиската околина на Цоцев Камен (мапа 4).

Најголем дел од населбата отпаѓа на југозападното подножје или потегот Мургашанка, каде населбата се протегала на површина од околу 1 ha.Точно е дека во јужниот дел од мрежата бројот на сигурни неолитски фрагменти нагло опаѓа, додека од трансект XVI не беше собран ниту еден неолитски фрагмент, но во овој дел од теренот неолитските хоризонти биле натслоени со подоцнежни населбински хоризонти, па намалувањето на густината на неолитскиот материјал не треба да се зема здраво за готово. На северозападното подножје, каде што беа изведени ланските ископувања, неолитски материјал се среќава на површина од околу половина хектар, исклучиво во рамките на транскет VII. Од трансектите VIII-X не беше собран ниту еден фрагмент неолитска керамика, додека западно од изохипсата на 380 m н.м. на површината се сретнува плавински нанос.

Најпроблематично е постоењето на неолитска населба на терасите од карпата. Тука беше пронајдено премало количество неолитски наоди за да се тврди со сигурност постоење на населбински хоризонти, иако и на овој дел од локалитетот се сретнуваат подоцнежни населбински слоеви, кои можеби ги затскриваат трагите од неолитската населба. Но дури и да се прифати можноста неолитската населба да се протегала врз самата карпа поради ограниченоста на просторот, нејзината површина во овој дел не би можела да мери повеќе од половина хектар.

Мапа 5. Неолитската населба врз основа на површинските остатоц
Мапа 5. Неолитската населба врз основа на површинските остатоц

Според овие мерења, и во согласност со претпоставките за густината на населението во неолитските населби изнесени погоре, населбата во подножјето на Цоцев Камен броела меѓу 230 и 300 жители. Доколку оваа процена е и приближно точна, зоната на флувијалноколувијални наноси би била премала за да го обезбеди опстојувањето на локалната неолитска заедница. Во таков случај, ќе мора да се претпостави дека била обработувана и површината под палеогени наноси на западниот брег од Врлеј. Притоа, можно е долината на Врлеј да била користена за одгледување градинарски култури или како пасиште, додека главната житница да била на повисокиот, лев брег на Врлеј. Со оглед на степенот на истраженост на населбата, неблагодарно е да се прават какви било претпоставки на овој план.

Како и најголемиот дел неолитски и воопшо предисториски населби, населбата крај Цоцев Камен можела да ги задоволи своите потреби со обработување на земјиштето во најблиската околина. Ова толкување до некаде е доведено под прашање со појавата на траги од други, помали неолитски локалитети во близина на Цоцев Камен (мапа 5). При рекогносцирањата во 2018 година беше пронајдено средно количество поголеми фрагменти керамика на безименото ритче јужно од Цоцев Камен. Пролетта 2019 година, при градежни активности крај патот што води од Цоцев Камен кон Маалото Цоцевци, на околу 500 m јужно од локалитетот, беа откриени нови траги од населбинско живеење кои рамковно датираат во неолитот.26 И во двата случаи се работи за мали површини не поголеми од 1-2 декара, но се додека не се утврди уште колку вакви локалитети има во непосредната околина на Цоцев Камен, нивното значење не смее да се потцени. Доколку овие траги од живеење ѝ припаѓале на истата населба и доколку постоеле повеќе вакви сателити, големината на неолитската населба лесно би можела да надминува 3 ha, со што тука изложениот модел за нејзината примарна економија би морал да се ревидира.

Топографија

Од горе кажаното јасно е дека неолитската населба кај Цоцев Камен имала комплексен план, односно била расфрлена на повеќе меѓусебно издвоени локации: југозападното и северозападно подножје, југозападните тераси и влезниот дел од карпестиот комплекс и непознат број други локации што стоеле настрана од карпата. Оттука, клучен проблем за точно дефинирање на големината на оваа населба беше да се утврди едновременоста на различните делови од населбата.

При ланските ископувања во северозападното подножје на карпата беше собран керамички материјал идентичен со оној пронајден на југозападното подножје, односно потегот Мургашанка. Фактот што на двете микролокации се јавуваат не само исти поединечни типови керамика туку целиот репертоар и од средниот и од почетоците на доцниот неолит, укажува дека во текот на целиот овој период населбата егзистирала едновремено и во двете подножја на карпата. Појавата на материјал што припаѓа на последната населбинска фаза на потегот Мургашанка, исто така, покажува дека во овој период од нејзиното постоење населбата не се повлекла од пониското југозападно подножје кон повисоките делови на локалитетот, како што првично се сомневавме.

Истите фактурни групи, беа пронајдени и на ритчето југоисточно од Цоцев Камен, додека за материјалот собран од рамките на карпестиот комплекс и од месноста крај патот за Цоцевци не може со сигурност да се тврди истото. Иако последниот збор по овие прашање секогаш го имаат анализите на радиоактивен јаглерод, во моментов мислиме дека населбата имала прилично бавна внатрешна еволуција. Единствено може да се забележи дека материјалот од последната населбинска фаза се јавува на намалена површина во однос на материјалот од постарите среднонеолитски фази.

Она што зачудува кај топографијата на оваа населба не е само нејзината комплексност, туку и карактерот на некои од населените микролокации. Не може во целост да се разбере населувањето на десниот брег од Цоцев Дол, односно тесниот потег меѓу долот и карпата. Станува збор за појас широк помалку од 10 m, отсечен од јадрото на населбата на спротивниот брег од Цоцев Дол. Навидум слична позиција имаат и населбинските остатоци на северозападното подножје, каде беа изведени ланските ископувања.27Обете микролокации се залепени до самата карпа, но додека делот од населбата истражен со ланските ископувања е на безбедна висина од локалните водотеци и комуницира без пречки со остатокот од подножјето, тесниот појас крај југозападното подножје на карпата е на понискиот брег од Цоцев Дол и нема директен пристап до остатокот од населбата на потегот Мургашанка.

Тешко е да се пронајде некаква логика во населувањето на овој дел од локалитот. Можно е ова да е одраз на големата густина на население во оваа населба и на некаков стремеж да се биде во близина на карпата, дури и ако условите за населување не се сосема оптимални. Помислуваме и на можноста Цоцев Дол да го сменил својот тек по замирањето на населбата крај Цоцев Камен, што би ја објаснило нелогичноста на оваа местоположба како населбинска локација. Меѓутоа, мора да се напомене дека нема траги од вакви процеси во релјефот на Цоцев Камен и неговата поблиска околина.

Фото 4. Западна половина на сонда 1, огништа во целост или делумно фундирани на карпа
Фото 4. Западна половина на сонда 1, огништа во целост или делумно фундирани на карпа

Од друга страна, евентуалното поместување на коритото на Цоцев Дол не го менува фактот дека населбински објекти биле градени крај и врз самата карпа. Во текот на минатогодишните ископувања беше констатирано дека објектите од постарите слоеви биле потпрени или делумно втемелени врз самата карпа (сл. 4). Поради стрмноста на теренот било неопходно да се направи нивелација за да може да се гради на ова место. Нагласуваме дека се работи за нагиб од близу 30°, каде само најголемите ентузијасти би можеле да очекуваат траги од населбински објекти. Ист ваков порив да се искористи секое слободно катче за населување беше констатиран во текот на рекогносцирањата во 2018 година на терасите од карпата. Иако можеби се работи за нус-производ, а не и за директен повод за олку густата населеност на Цоцев Камен, непорекливо е дека со ова се осигурувале населбинските објекти од поплави, а воедно се отстапувал простор што поради близината на населбата и карактерот на почвата бил со голема земјоделска вредност. Можно е токму ваквата поставеност на населбинските објекти да ја одразува зависноста на неолитската населба кај Цоцев Камен од почвите и другите ресурси во близина на карпата.

Уште еден показател во оваа насока е стратиграфијата начната во текот на ланските ископувања на просторот на трасата од пробиениот пат, северно од профилот отворен при пробивањето на патот. На ова место сондата 1 беше проширена за околу 3,5 m во целата нејзина широчина (сонда 1а на мапа 1). Целта на оваа интервенција беше да се отвори поголема површина од последниот хоризонт истражен во сондата 1, вкопан во самата карпа и застапен исклучиво во северната половина од сондата. Ископувањата во делот на проширувањето покажаа дека при пробивањето на патот културните слоеви не биле разнесени до самата здравица, како што првично беше претпоставено. На северниот профил од проширувањето јасно се распознава нивото на некогашната површина на овој делот од теренот, пред пробивањето на патот. Ова значи дека патот бил трасиран, главно, по релативно рамен дел - можеби остаток од стара речна тераса - и само делумно бил всечен во падината, пресекувајќи ги културните слоеви што се протегаат врз повисоките партии од падината. Стерилниот слој од сондата 1 зафаќа само еден тесен појас од проширувањето на сондата 1, по што се губи под културни слоеви (сл. 5). На длабочина од 30-40 cm од модерната површина во северниот дел од проширувањето започна да се јавува слој растопена плитарна маса со мошне бледа сивкаста, речиси бела боја. Според бојата и текстурата, овој седимент е идентичен со слојот 2 од сондата 1 и се јавува на иста релативна длабочина, па оттука мора да му припаѓа на истиот временски хоризонт (фото 6).

Фото 5. Сонда 1, исчистена до здравица и сонда 1а, трет откоп
Фото 5. Сонда 1, исчистена до здравица и сонда 1а, трет откоп

Ваквата стратиграфија фрла значајно светло врз распоредот на објектите на овој дел од локалитетот. Барем живеалиштата што припаѓале на последниот населбински хоризонт биле поставени каскадно, една над друга, врз стрмната падина. Треба да се почекаат резултатите од идните ископувања пред да се даде конечен заклучок, но ваквиот распоред зборува за големата густина на население во населбата кај Цоцев Камен, нешто што повторно може да се доведе во врска и со големината на земјиштето кое стоело на располагање во непосредното опкружување на локалитетот, и со големата вредност која била придавана на самата локација. Од оваа гледна точка, уште поинтересна станува појавата на мали „сателити“ на централната населба крај Цоцев Камен. Клучно е да се провери нивната едновременост со некои од хоризонтите застапени на централната населба. Доколку станува збор за објекти кои биле истовремени со централната населба, каква би можела да биде нивната улога и значење? Количеството и карактерот на керамиката собрана од случајно откриениот локалитет на самиот влез во Маалото Цоцевци водат кон заклучокот дека се работи за живеалишта, а не објекти со специјална намена. Доколку, пак, овој локалитет и останатите сателити претходеле или се јавиле по замирањето на централната населба, зошто тие ја избегнувале нејзината локација, која, како што видовме, била толку посакувана во еден долг временски период во средниот и почетоците на доцниот неолит?

Заклучок

Неолитската населба кај Цоцев Камен секако по многу нешта е уникатна. Во прв ред тоа е нејзината поврзаност со карпата, што не е вообичаено за нашите среднонеолитски населби, но и исклучително богатиот репертоар сликана керамика, како и кремената индустрија. Според новите процени на нејзината површина и густина на население таа може да се вброи меѓу поголемите среднонеолитски населби на овој простор. Сепак, мора да се подвлече дека неолитската населба кај Цоцев Камен според многу параметри е типична среднонеолитска населба. Како и многу други населби од овој период, кај нас и пошироко на балканскиот простор таа била основана на речна тераса и во близина на влажни и лесно обработливи површини.28 Треба да се напомене дека барем во делови на Средното Повардарје не е мал бројот на среднонеолитски локалитети поставени врз езерски седименти, со неогено и поретко палеогено потекло.29 Можеби во услови на сиромашност од флувио-колувијални седименти овој геолошки супстрат бил втора најдобра опција за првите земјоделски заедници на овој простор. Тоа, пак, би зборувало во прилог на можноста Цоцев Камен да била една од најстарите неолитски населби во овој микрорегион. Потстуваме дека најблиските површини под квартерни наноси се на оддалеченост од барем 5 km од Цоцев Камен. Би било логично да се очекува оваа зона да била запоседната од првите земјоделски заедници во овој ридскопланински крај. При ланските ископувања и при систематското собирање на површински материјал во 2018 година не беше регистриран ранонеолитски хоризонт, иако неколкуте фрагменти керамика украсени со бела боја можеби укажуваат на постоење населба од овој период, секако на многу помала површина од среднонеолитската населба.

Фото 6. Јужен профил од сонда 1
Фото 6. Јужен профил од сонда 1

Неолитската населба крај Цоцев Камен не отскокнува многу ниту според местоположбата во однос на главните локални и регионални комуникации, познати, главно, од многу подоцнежни епохи. Треба да се биде воздржан околу овој заклучок, со оглед на тоа што овој аспект на неолитските локалитети не е воопшто проучуван кај нас. Па сепак, Цоцев Камен по сите критериуми е добро засолнета локација, со слаб или никаков потенцијал да го контролира, било физички било визуелно, сообраќајот по главните патни линии. Испитувањата на овие локациски одлики на неолитските локалитети во некои од соседните земји покажуваат дека голем број населби од овој период биле поставени на засолнети или не премногу истурени позиции.30 Ваквата одлика на населбинските локации можеби била и некаков влог во нивната безбедност, но многу поверојатно е дека и оддалеченоста од главните природни коридори и малото поле на видливост се само нус-производ на тоа што голем број неолитски населби се сместени на рабовите од речните долини. Подеднакво значајно е да се забележи дека прашање е колку она што ние денес го викаме „регионален природен коридор“ го имал истото значење, не само во епохата на неолитот туку во кој било друг период од минатото.31

Веќе беше нагласено дека оваа населба не се разликува премногу од среднонеолитските населби на овој простор ниту според својата големина. Ако се прифати процената дека таа се протегала на простор меѓу 1,5 и 2 ha, Цоцев Камен би можел да се квалификува како средно голема населба, дури и во рамки на Анзабегово-вршничката културна група. Барутница кај Анзабегово била барем двапати поголема од Цоцев Камен во текот на фазите II и III и неколкукратно поголема населба во последната, четврта фаза, а 32 Руг Баир кај Горобинци, доколку се покаже точно дека населбата во целост лежи на една тераса, припаѓа на истата категорија како и Цоцев Камен.33 Локалитети помали од 1 ha се регистрирани во текот на интензивните систематски рекогносцирања во Средното Повардарје. Со оглед на нивните мали димензии и степенот на проученост на теренот, мора да се претпостави дека оваа категорија е многу побројна и многу пораспространета од она што досега го знаеме. Според површината што ја зафаќал во средниот неолит, Цоцев Камен секако припаѓал на поретка категорија поголеми населби, но тој сепак заостанувал зад најголемите населби од овој период кај нас. Неолитската населба кај Цоцев Камен слично котира и кога ќе се спореди со големината на неолитските локалитети во соседните земји.34

Со население чија бројност се движела меѓу 230 и 300 жители, населбата кај Цоцев Камен, како и речиси сите други локалитети од овој период можела во целост да си ги обезбеди основните животни потреби од земјиштето во радиус од 2 km од населбата.Но мора веднаш да се забележи дека истово би важело за која било друга населбинска локација сместена околу остатокот од палеогениот басен што се протега западно од Врлеј (табела 2). Она што го двои Цоцев Камен и неговите денешни наследници, маалата Цоцевци, Ѓаковци и Тасевци од останатите населени локации во овој предел, не е вкупната површина обработливо земјиште, туку неговиот карактер. Додека најголем дел од модерните рурални населби и античката населба кај Градиште - Коњух се речиси целосно ориентирани кон палеогениот басен, Цоцев Камен и неговите наследници, главно, се потпираат на флувиоколувијалните седименти во долината на Врлеј и неговите притоки и покрај тоа што и палеогениот флиш на левиот брег заземал значаен процент од нивниот претпоставен атар (мапи 6 и 7). Всушност, може да се каже дека Цоцев Камен овозможува најоптимален пристап до земјиштето во речните долини од сите други населбински локалитети во овој крај, бидејќи е поставен централно во оваа зона. Останатите разгледани локации кои биле населени во многу подоцнежни епохи нуделе пристап до многу мали површини под флувио-колувијални наноси.

Табела 2. распределба на обработливата површина во 2 км радиус по геолошки субстрати.35
Табела 2. распределба на обработливата површина во 2 км радиус по геолошки субстрати.35

Близината до почвите и другите ресурси крај Врлеј сигурно била една од главните причини поради кои токму месноста Цоцев Камен била населена веќе во неолитската епоха. Ова тврдење ќе добие уште повеќе тежина доколку идните ископувања ги потврдат претпоставките за просторниот распоред на населбата, а во прв ред, стремежот да се запоседне секое можно делче од подножјето на карпестиот комплекс. Тоа би бил сигурен показател дека барем во еден дел од своето постоење неолитската населба користела голем процент од земјоделските капацитети во нејзиното опкружување.

Неолитската населба кај Цоцев Камен ја прави особено уникатна нејзината разбиена топографија. Cè до ланските ископувања постоеше цврсто уверување дека разните делови од населбата не биле едновремени. Но споредбата на материјалот добиен со ланските ископувања и оној собран во текот на рекогносцирањата од 2018 година покажа дека се работи за делови од локалитетот кои биле населени во истите рамковни периоди. Прашање е колку ваквата одлика е резултат на посебниот карактер на овој локалитет, на пример, постоење некаква внатрешна сегрегација во тогашната заедница, а колку последица на изборот да се насели подножјето на карпата. Сепак, поделеноста на просторот, што не е особено својствена за населбите од оваа епоха, барем не во оној формат во кој ги познаваме, сигурно имала значајно влијание по просторната организација на активностите и самите општествени односи.

Во овој контекст, мора да се споменат и помалите „сателити“ на Цоцев Камен познати од рекогносцирањата од 2018 година или случајно откриени при градежни активности. Постоењето вакви сателити исто така не е многу својствено за неолитските населби кај нас, макар што мора да се нагласи дека овие траги многу лесно би можеле да поминат незабележани, како поради нивната ефемерност така и поради слабиот степен на истраженост на околината на локалитетите. Оттука би било избрзано да се тврди дека се работи за некаква специфика на неолитската населба крај Цоцев Камен. Се разбира, ова не ја прави помалку интересна нивната хронолошка и функционална определба.

Среднонеолитската населба крај Цоцев Камен е дел од групата Анзабегово-Вршник. Нејзината појава во внатрешноста на Кратовско-злетовскиот Масив би можела да се поврзе и со богатството на овој крај со кремени суровини, во прв ред андезити. Би било од големо значење во иднина да се направи петрографска анализа на кремениот материјал од најдобро истражените претставници на Анзабегово-вршничката културна група за да се процени можната улога на овој локалитет како полуспецијализирана база за експлоатација на богатите кремени суровини - андезит, опал и кварцити - по кои е прочуен овој крај.36 Тоа би бил значаен придонес кон степенот на интегрираност на неолитските заедници на овој простор и постоењето микрорегионални економии.

Мапа 6. Скица на геолошкиот субстрат во радиус од 2 км од “Цоцев Камен“
Мапа 6. Скица на геолошкиот субстрат во радиус од 2 км од “Цоцев Камен“
Мапа 7. Скица на геолошкиот субстрат во радиус од 2 км од “Градиште“, Коњух
Мапа 7. Скица на геолошкиот субстрат во радиус од 2 км од “Градиште“, Коњух

Белешки

  1. Види го извештајот за ова истражување: Донев Д., 2019, 86, како и студијата од Донев Д. – Синадиновски П., 2019, 89, посветена на неолитската населба на овој локалитет. ↩
  2. Со ископувањата раководеше м-р Перо Синадиновски, а тимот го сочинуваа м-р Илчо Митевски, директор на Музеј на град Кратово, д-р Дамјан Донев и Далибор Ристовски, Јаким Доневски, Ненад Пивковски, Јовица Ристов, дипломирани археолози. Во оваа пригода, во наше и во име на носителот на овој проект, Музеј на град Кратово, срдечно им благодариме на Министерството за култура за финансиската поддршка; на сопствениците на земјиштето: Благоја Стефковски и Марјан Мишевски за искажаната доверба и подготвеност за соработка, како и на сите кои директно или индиректно беа вклучени во ова истражување. ↩
  3. За детален извештај Синадиновски П., 2021, во подготовка. ↩
  4. Литературата на оваа тема е повеќе од обемна. Добар вовед може да се најде во кое било од изданијата на Renfrew C. - Bahn P., 2008. ↩
  5. И оваа позиција е проблематична, затоа што барем дел од флувио-колувијалните наноси, кои покриваат значаен дел од површината во околината на локалитетот, може да се наталожиле многу подоцна во текот на холоценот. ↩
  6. Нема потреба посебно да се истакнува богатството на овој крај со суровини за производство на кремени и камени орудија; за кремената индустрија од Цоцев Камен, Милевски И. - ДимитровскаВ., 2011, 5. Овој фактор не е вклучен во студијава од причини што рударењето на кремени суровини е активност која, освен ако не претпоставиме дека станува збор за специјализирана индустрија, не се изведува секојдневно, па ресурсот не мора да е сместен во непосредната околина на населбата. ↩
  7. Се знае дека Цоцев Камен го добил приближо денешниот лик кон крајот на плеистоценот, преку денудациони процеси, при кои само поцврстите карпи ѝ оддолеале на ерозијата, Милевски И. - Димитровска В., 2011, 8. Сепак, распаѓањето на карпата е процес кој се уште трае и чие приближно темпо не сме во можност да го определиме. ↩
  8. Во план е изработка на посебна студија за полето на видливост од и до Цоцев Камен, како и за пристапот до овој локалитет. ↩
  9. Донев Д., 2019, 86, како и студијата од Донев Д. - Синадиновски П., 2019, 89, посветена на неолитската населба на “Цоцев Камен“. ↩
  10. Се разбира, сегашните премини преку реката не мора да соодветствуваат со оние во доцната предисторија, но со оглед на тоа што Крива Река можела да го менува коритото само во рамките на алувијалната рамница, овие точки би требало да се верен одраз на приближниот тек на реката во подалечното минато. ↩
  11. За овој пат види кај Mikulčić I., 2002. Неговата траса е обележана со серија на доцноантички утврдувања на двата брега од реката. ↩
  12. На една постара топографска мапа во ист размер (Донев Д., 2019, мапа 1) забележана е патека што води од Маалото Цоцевци кон ридот Џаница веднаш северно од Цоцев Камен. Тука тој се надоврзува на патека што води кон соседниот дол на исток, Зли Дол, крај кој исто така може да се излезе на Крива Река, но растојанието е подолго од она крај Врлеј. ↩
  13. Крај трасата на првиот пат, кај месноста Царева Чешма, постоела повеќеслојна населба каде со сигурност е утврдена античка фаза, но според некои истражувачи таа била населена и во предисториските епохи. Коцо Д., 1995, 189. Над Царева Чешма се издига доминантен рид, Градиште, кој бил утврден во доцната антика; Николовски З., 2014, 34-59. ↩
  14. Мерењата ги следат линиите на патишта или патеки исцртани на топографски подлоги 1: 25000 и беа изведени во ГИС програма MapInfo. Реалните дистанци изразени во време на патување не би требало да се разликуваат премногу. Поради поинаквата конфигурација на теренот не се вклучени локалитети на десниот брег од Крива Река. ↩
  15. Ова секако се однесува само на интензивно обработуваните, земјоделски територии на неолитските населби. Други видови ресурси: дрво, кремен, дивеч и сл. биле експлоатирани од многу поголеми површини, види Chapman J.,1981, за населбите од винчанската култура. ↩
  16. http://www.maksoil.ukim.mk/masis/Флувијални почви се забележани само во долината на Крива Река, но нивното отсуство од долината на Врлеј може да е резултат на малата резолуција на овие мапи. ↩
  17. Филиповски Ѓ., 1995, том 1. ↩
  18. Higgs Е. - Vita-Finzi C., 1972, 1-37; Chapman J., 1981, 91; Sherratt A., 1983, 90-104; Тодорова X. - Вајсов И., 1993, 168- 170; Fotiadis M.,1997, 63. Првите сигурни докази за користење на рало и запрежни животни датираат кон самиот крај на неолитот и почетокот на енеолитот, види Sherratt A., 1983, 90. ↩
  19. Perlès C.,1999, 42; Bogaard A.,2005; Perlès C., 1999, 46; Perlès C., 2001, забележува дека во Тесалија до средниот неолит населбите се рамномерно распоредени на регионално ниво, без разлика на геопедолошкиот супстрат. ↩
  20. Вообичаено, ваквиот тип студии, познати во англосаксонската литература како Site Catchment Analysis или скратено SCA, користат радиус од 5 km или 1 саат пешачење од населбата за да ја дефинираат нејзината земјоделска територија, односно површината што би можела да биде редовно обработувана, види на пример Gaydarska B., 2004, 84-93. Сметаме дека овој радиус е преголем за општества кои не користеле никакви средства за транспорт. Забележано е дека во многу региони и временски епохи руралните заедници интензивно експлоатирале територии со радиус не поголем од 2-3 km или половина час пешачење од населбата, Bintliff J., 1999, 505, спореди со густината на едновремени неолитски населби во Тесалија кај Perlès C., 2001, слика 7.8. ↩
  21. Детален преглед на разните претпоставки за продуктивноста на земјоделието во епохата на неолитот, до почетокот на овој век, може да се најде кај Bogaard A., 2005, 21. Според некои автори, во балканскиот неолит земјата се обработувала многу поинтензивно, со што минимум потребната површина би се намалила за три пати, види Halstead P.,1987, 77-87; Boogard A. - Bending J. - Jones G., 2008, глава 12. Оваа теза, иако на изглед контроверзна, добива на сила кога ќе се земе во предвид дека површина од 3 ха, што би било минимумот неопходен за да се прехрани едно четиричлено семејство, тешко може рачно да се обработува од работоспособните членови на само едно семејство. ↩
  22. Gaydarska B., 2004,86, повикувајќи се на анализите направени од GaffneyV. -Tingle M., 1989; за одбележување е дека добар дел од долината на Врлеј до неодамна претежно се користел како пасиште и поило за стока. ↩
  23. Теориски е можна експлоатацијата на полиња сместени на оддалеченост поголема од 2 km од населбата, меѓутоа, само по цена на квалитетот или интензитетот на обработка на почвата. Накусо, со зголемување на земјоделската површина на една населба неизбежно се намалува нејзината продуктивност. ↩
  24. За примери види Gaydarska B., 2004, 183. Всушност, оваа густина на население е прифатена како меродавна за голем број населби од збиен тип, вклучително и многу подоцнежни урбани населби, и од демографски историчари, на пример, Russel J.,1958, 1 и од археолози, Hassan F.,1978, 49. Поинаку мисли, Price S., 2011, 17, кој предлага многу пониска густина за рурални населби од подоцнежните, историски епохи. Помала густина на населеност во неолитските населби во Тесалија предлага и Perlès C., 2001, 176. ↩
  25. Види, на пример, Chapman J., 1981, 40, кој претпоставува густина од не повеќе од 70 жители на 1 ha за многу населби од Винчанската културна група или Kotsakis, K.1999, 66, каде се претставени неколку примери на мошне пространи доцнонеолитски населби од Егејска Македонија со површина од неколку десетина хектари, но од разбиен тип. ↩
  26. Треба да се напомене дека дел од наодите од овој локалитет беа пронајдени дислоцирани на споменатото ритче јужно од локалитетот. Според нашите сознанија, сепак се работи за два различни локалитети. Во 2018 година, кога беше собрана првата група наоди од височинката јужно од Цоцев Камен, се уште не беа започнати градежни работи на втората локација крај патот за Маалото Цоцевци. ↩
  27. Интересно е што и во двата случаи се работи за микролокации, кои, барем во денешни услови, во најголем дел од денот се во сенка. ↩
  28. За географијата на неолитските населби кај нас, види:Толевски И., 2009,17; Синадиновски П., 2019. Тешко е да се биде категоричен, бидејќи кај нас досега не е испитуван односот на неолитските населби кон геопедолошкиот супстрат на систематски начи. ↩
  29. Donev D., 2015, 42-43. ↩
  30. Види на пример, Gaydarska B.,2004, 346, за анализа на видното поле од поголем број предисториски локалитети од бугарска Тракија. Исто може да се повикаме на една студија за просторот на романска Молдавија, каде вкупното видно поле на сите енеолитски локалитети неколкукратно расте во однос на видното поле на неолитските локалитети, Brigand R. - Weller O., 2013, 195. Ова е очигледно поврзано со фактот што во енеолитот се јавуваат високи населби. ↩
  31. Perlès C., 1999, 42, ја опишува патната мрежа во Тесалија во текот на раниот неолит како густа мрежа од локални патишта кои поврзувале две или повеќе соседни населби, но каде не може да се забележи линеарен коридор со потенцијал да функционира како главна регионална комуникација. Од друга страна, Тесалиската Рамница тешко може да се спореди со нашиов ридско-планински простор, каде патувањето вон речните долини и планинските превои е можно само по цена на многу повеќе напор и време. ↩
  32. Gimbutas M.,1974, 27. ↩
  33. Санев В., 1975, 203. ↩
  34. Chapman J.,1981, 45, 48; Perlès C., 2001, 176; Gaydarska B., 2004, табела 5.4.2. ↩
  35. Мерењата се извршени во QGIS, на геолошка подлога во размер 1: 100 000 преклопена со ортофото мапа на регионот во размер 1:40000. Во пресметките вклучени се само оние делови од теренот кои се обработуваат денес и во поблиското минато. ↩
  36. Види на пример, Димитровска В., 2013. ↩

Summary

The Neolithic Settlement at the Site of “Cocev Kamen” near Šopsko Rudare

The rescue excavations at the northwest foot of “Cocev Kamen” – quickly transformed into open-area excavations! – carried out in 2020, brought to light important evidence for the chronology and cultural affiliation of the Neolithic settlement at this site. By the end of this campaign, it became clear that the earliest settlement at “Cocev Kamen” continued to exist into the Late Neolithic period. (Anzabegovo-Vršnik IV) This phase went unnoticed during the study of the surface finds collected in the 2018 survey. The 2020 excavations also revealed new aspects of the inner topography of the settlement at the northwest foot of the rock. The full report of the 2020 excavations will be published in the next issue of the museum bulletin. The goal of this study is to revise some of the earlier observations about the size, location and topography of this Neolithic settlement, drawing from the experiences of the last excavation campaign.

Despite its imposing appearance, “Cocev Kamen” is not a very dominant feature in the surrounding landscape. It does not have a direct access to the presumed main corridor along the KrivaReka, and the valley floor falls outside its field of view. Like most contemporary rural settlements in its neighborhood – and in contrast to the Late Roman town at “Gradište”, Konjuh – “Cocev Kamen” lies at a distance of 1.5 km from the nearest river crossing. Even the roads that branch out of the Kriva-Reka Valley leading south in the direction of Ovče Pole by-pass this site. The seclusive nature of this site is also transparent from its field of vision, limited to an area not greater than 6-7 sq. km. “Cocev Kame” stays out of the sight of those who travel along the major roads in this area.

A look at the geo-pedological resources in the immediate surroundings of the Neolithic settlement – an area with a radius of 2 km – shows that the main concern of its occupants was the proximity to the fertile and easily cultivable soils in the Vrlej Valley and, possibly, the Paleogenic flysch on the higher, western bank of this valley. The soils derived from the latter substrate are also highly productive, but difficult to plow by hand. In fact, a comparative analysis of the site-catchments of several settlement-sites in this area has demonstrated that the catchment of “Cocev Kamen” includes the largest piece of land under fluvial or colluvial deposits. The catchments of most other settlement sites – Late Antique and Modern – are chiefly covered by areas under Paleogene sediments.

The approximately 200 hectares under fluvial soils would not have been sufficient to secure the subsistence of the Neolithic community at “Cocev Kamen”. The new reading of the 2018 survey data made us rethink our previous estimates of the size of this settlement. But even if the estimated size of the settlement area is reduced from the initial 3-4 ha to not more than 2 ha, the Neolithic settlement at “Cocev Kamen” would have still been slightly oversized for the zone of fluvial sediments along the Vrlej. At this point, it has to be stressed that even this last estimate cannot be taken as definite, until the date and character of the clusters of Neolithic pottery discovered away from the rock is clarified. Be this as it may, it is certain that, even with the conservative size-estimate, the Neolithic community at this site exploited the territory beyond the watershed of the Vrlej. There is little point in discussing the possible crops cultivated or the specifics of the farming regime before the first analyses of the archaeobotanical remains from this site are completed.

One important discovery from the excavations of last year, was the realization that the Neolithic settlement did not stop at the foot of the rock. Remains of Neolithic houses were discovered on the steep slopes of the rock formation, in the cool and poorly insolated northern foothills and in the narrow space between the Cocev Dol and the western foot of the rock. At places, it was necessary to level the terrain artificially prior to construction, as evidenced by the layers and fills composed of roughly sorted pieces of rock that underlie the remains of houses. It was equally striking to discover that, at least in some phases of the settlement’s existence and in the excavated area, houses were built on cascading terraces, at distances of 5-6 meters. These preliminary insights into the topography of the Neolithic settlement seem to corroborate the results of the locational analysis. The tendency to occupy very steep sections of the terrain and to build the houses on top of each other can both be seen as cautionary measures against floods and as a way of keeping the fertile river terraces free from buildings. These are indeed symptoms of a settlement that has come close to exceeding the carrying capacity of its surroundings, but it is not advisable to make any further claims until a larger area of the settlement is excavated or recorded by other methods.

At this early phase, it can be concluded that “Cocev Kamen” fits neatly the profile of the typical Neolithic settlement of the Anzabegovo-Vršnik group. It was located on a river terrace, on the edge of a zone under fertile and watered soils. The consequences of this siting, typical for so many Neolithic settlements in south-east Europe, is the limited access to the main natural corridors in the area and a limited field of vision. By its size, “Cocev Kamen” was a middling settlement for its time and regional context. It was larger than the little-known category of settlements of below 1 ha, but lagged behind the largest settlements of the Anzabegovo group. However, in relation to the agricultural resources in its surroundings, “Cocev Kamen” was a large and stable settlement. This is highlighted by its longevity and survival into the Late Neolithic period. Its relative importance is further evidenced by the remarkable wealth of fine black-on-red painted ware and the flint industry. In this context, a petrographic analysis of the flint tools from other settlements of the Anza group is highly warranted to check the possible role of “Cocev Kamen” as a semi-specialized base for the extraction of flint. This will be a great contribution to the present knowledge of the economy of the Anzabegovo – Vršnik cultural group.

Библиографија