Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 15–33

Палеолитските камени артефакти од локалитетот Узун Мера, село Мустафино - утврдување на постдепозиционите промени и техно-типолошка анализа

УДК 903.21:697.8.06(497.732)”632”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124015m

Содржина
  1. Вовед
  2. Геолошка историја и локација
  3. Суровини
  4. Постдепозициони процеси и промени
  5. Техно-типолошка анализа
  6. Јадра
  7. Одбитоци
  8. Орудија
  9. Заклучок

Вовед

Првата објава за палеолитско камено орудие од територијата на Македонија датира од 1918 година.1 Францускиот геолог и праисторичар Етиен Пат (Etienne Patte) во својот труд известува за 2 орудија изработени од кварцит и бел кварц (класифицирани како чопинг тул (chopping tool) и стругало2), најдени на падините на Баба Планина, на патот меѓу селата Буково и Крстоар, Битолско (сл. 1, бр. 3). Сепак, претставениот опис и цртежи не се доволни за оправдување на типолошката класификација, особено што кварцитот на планината Баба го има во изобилство и често можат да се најдат геофакти кои се многу слични на предметот опишан од Пат. Покрај овие првични скромни податоци од Пат, cè до периодот по Втората светска војна нема да се појават нови податоци за подлабоката праисторија од територијата на Македонија.

Во рамките на палеонтолошките ископувања во 50-тите и 60-тите години од XX век во пештерата Макаровец 1, Велешко (сл. 1, бр. 2), откриени се првите стратифицирани камени и коскени орудија.3 Коскените орудија се изведени од животински долги коски и песјаци, а камените се изведени во кремен, кварц и кварцит. Оваа мала збирка камени орудија првпат била засебно публикувана дури во почетокот на 90-тите години од XX век.4 Типолошки, камените орудија од Макаровец се состојат од струшки, двострано делкани лизги и микројадра,5 а со оглед на присуството на микросечила овој комплекс наоди хронолошки е определен во горниот палеолит. Дополнително, присуството на коскени орудија може да ја поткрепи ваквата класификација, но мора да се нагласи дека употребата на коскени орудија е документирана и на среднопалеолитски локалитети низ Европа.6

Слика 1. Топографска карта на Македонија и локациите споменати во текстот: црвена ѕвезда – Узун Мера; 1 – Голема Пешт; 2 – Пештера Макаровец 1; 3 – село Буково (подлога на карта: R.o.Macedonia topography.svg).
Слика 1. Топографска карта на Македонија и локациите споменати во текстот: црвена ѕвезда – Узун Мера; 1 – Голема Пешт; 2 – Пештера Макаровец 1; 3 – село Буково (подлога на карта: R.o.Macedonia topography.svg).

Повремени наоди од рекогносцирања се појавувале низ повоениот период, но сепак вистински систематски пристап кон истражувањето на палеолитот е заземен дури во 90- тите години од XX век преку рекогносцирањата на Љиљана Шаламанов-Коробар.7 Во текот на неколку последователни кампањи рекогносцирани се над 40 локации, како пештери, поткарпи и локации на отворено. Во текот на овие истражувања пештерата Голема Пешт во клисурата на реката Треска (сл. 1, бр. 1) беше идентификувана како еден од локалитетите со најголем потенцијал за археолошко истражување. Така, во 1999 година е извршено првото пробно сондирање, а во наредните години ќе следат систематски ископувања кои cè уште траат, при што до денес се откриени над 9500 камени артефакти и нивни делови,8 како и над 5000 животински остатоци.5Техно-типолошката анализа на литичкиот материјал од Голема Пешт укажува постоење два културни хоризонти поделени на повеќе слоеви, при што едниот хоризонт е определен во средниот палеолит, а другиот во горниот палеолит. Среднопалеолитската збирка е дефинирана како мустериенска со зачестеност на назабени орудија9 и орудија со засек.10 Датирањето со радиометриски методи посочува на старост од преку 50 000 години за среднопалеолитските нивоа, додека пак, при седиментолошките анализи на подоцнежните горнопалеолитски слоеви било откриено присуството на вулканска пепел од големата ерупција на вулканот Флегрејски Полиња во Италија (т.н. Campanian Ignimbrite eruption или само CI), пепел која служи како важен хроностратиграфски маркер кој опфаќа голема територија од Европа, а се случил пред околу 39 000 години.11

И при претходни рекогносцирања североисточниот дел на Македонија, а поконкретно кратовско-злетовскиот ареал и околните региони по течението на Злетовската Река беа посочени како региони со голем потенцијал за откривање палеолитски локалитети со оглед на присуството на силикатни камени суровини со добри карактеристики за изработка на камени орудија.12 Така, при заштитното рекогносцирање поврзано со планирањето на аеродромот во Овче Поле во 2017 година, на локалитетот Узун Мера (с. Мустафино) беа откриени поголем број камени артефакти од различни суровини.13 Теренските активности се спроведуваа под раководство на археолозите Дарко Стојановски и Трајче Нацев, со учество на студентите по археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Материјалот опишан во овој труд потекнува од рекогносцирањата и ископувањата во 2017 и 2018 година, кога беа отворени и 4 сонди (сл. 2). Во текот на истражувањата беа документирани 139 камени артефакти, составени од одбитоци, јадра и орудија. Узун Мера е првиот палеолитски локалитет од отворен тип во Македонија.

Геолошка историја и локација

Непланинскиот релјеф во Македонија е прекриен со седиментни басени од кенозојската ера, при што се поделени на две групи според нивната старост - палеогени и неогени басени. Палеогените басени се застапени во централниот и источниот дел на државата, како што се Тиквешката Котлина или Овче Поле (сл. 1). Едни од побитните геолошки карактеристики на овој предел на Македонија се вулканските карпи, резултат на вулканска активност во палеогенот, и подоцна во миоценот. На преминот од миоценот кон плиоценот се претпоставува дека денешната клисура и повеќето котлини од сливот на реката Вардар биле поврзани во еден езерски систем. Овој систем постоел благодарение на природната „брана“ во средниот тек на реката, во јужниот дел на Тиквешката Котлина. Во средината на плеистоценот, поради пропаѓањето на егејското копно, оваа природна геолошка „брана“ се спуштила по што настапило празнењето на езерскиот систем во Централна Македонија и формирање на сливното подрачје на реката Вардар и нејзините притоки.14

Денешното тло на Овче Поле е претежно прекриено со квартерни наноси кои лежат врз палеогените седиментни карпи кои се јавуваат во форма на лапорци, варовници и глинени слоеви. Во ридестиот предел кон североисток од локалитетот Узун Мера се присутни дилувијални (падински) еродирани наноси, над кои се наоѓаат слоевите од вулкански карпи во форма на андезитски туфови, бречи и игнимбрити.

Локалитетот Узун Мера се наоѓа на неколку стотини метри западно од селото Мустафино, Светиниколско (сл. 2). Локалитетот приближно се простира од 295 до 265 m н.в., при што наклонот на теренот е кон југозапад. На запад од локалитетот се наоѓа суводолицата Немањица, а на околу 1 km источно е малата Буриловска Река (сл. 2). Голем дел од површината на локалитетот се наоѓа на активно земјоделско земјиште.

Слика 2. Карта ла локалитетот, поставеноста на сондите и рекогносцираните површини: различните бои ги претставуваат површините на кои беше идентификуван литички материјал и неговото групирање по зони од 1 до 5; темно сивите површини = површини на кои
Слика 2. Карта ла локалитетот, поставеноста на сондите и рекогносцираните површини: различните бои ги претставуваат површините на кои беше идентификуван литички материјал и неговото групирање по зони од 1 до 5; темно сивите површини = површини на кои не беа идентификувани наоди; С1 до С4 = Сондите 1- 4; испрекинати сини линии = корита на потоци; кафеави линии = изохипси; испрекинати сиви линии = земјени патишта (според Stojanovski et al. 2018; топографска подлога: maksoil.ukim.mk). Колор верзија на Слика 2 е достапна во онлајн изданието.

Суровини

Камените орудија и технологијата на нивната изработка се неразделно поврзани со достапноста и распространетоста на потребната камена суровина. Употребата на суровината ни дава информации за движењето и познавањето на околината од страна на мобилните групи на ловци-собирачи. Поголемиот дел од анализираниот материјал од Узун Мера е дефиниран како јаспис (72%). Остатокот се состои од калцедон (кремен) (19%), млечен кварц (1%), андезит (1%) и светол кремен (непровиден, мат) (6%).

Познато е дека археолошката терминологија за камени суровини е доста различна од геолошката, со оглед на тоа дека геологијата ги класифицира карпите по нивниот состав, начинот, и периодот на нивно создавање. Од друга страна, археолошката терминологија е повеќе квалитативна, т.е. описна. Затоа, на пример, терминот „кремен“ е меѓународно користен за дефинирање на карпи кои геолошки се многу различни. Како и со кременот, така и дебатата околу дефинирањето на терминот „јаспис“ има вековна историја.15 Најопширно, јасписот во контекстот на Узун Мера може да се дефинира како агрегат на густ, ситно кристален, полупровиден или непровиден вариетет на калцедон, со примеси на оксиди на железо и манган кои ги даваат црвеникавите, кафеави и жолтеникави нијанси на материјалот (Т. I, 1-4). Прелиминарната анализа со електронски микроскоп (SEM)16 на површината од неколку примероци го потврди присуството на железо и манган, но и на други елементи како алуминиум, магнезиум и јаглерод во кафеавиот тип јаспис. Суровината беше анализирана и со дигитален USВ-микроскоп. На овој начин беше утврдено дека поголем дел од материјалот од групата јаспис содржи јасно видливи примеси на честички од други карпи или минерални форми, па затоа овој тип може и да се нарече „бречест јаспис“ (T. I, 2-3). Гранулометријата на овие честички е разнолика и варира од униформни и еднакво раздалечени, до аглести и несортирани (T. I, 2-3). Некои од покрупните честици со порозна текстура беа идентификувани како делови на вулкански туф или пемза (T. I, 3). Оттука, една можна хипотеза за геолошкото потекло на овој материјал е дека се работи за хидротермално обработен материјал од вулканско потекло. Покрај бречестиот тип, се разликуваат и лентест и шаренолик (T. I, 1,4), кој во литературата се среќава и како tiger jasper,17 јаспис-агат,18 ахатизиран калцедон,19 опализиран туф, итн.

Поголем дел од суровините од Узун Мера се алохтони20 во самото Овче Поле, но не и во ридестите и планински делови наоколу. Нивното присуство во пониските предели е резултат и на човечките активности, како и на природните елувијално-делувијални процеси. На околу 15-ина km источно од Узун Мера е идентификувано наоѓалиште на кремен. Ова наоѓалиште било експлоатирано во неолитскиот период, како и во засега недефинирани, претходни периоди.21 Исто така, познат е примерот на природно наоѓалиште на многу сличен калцедон и калцедон-јаспис како овчеполскиот во Централна Србија, каде овие суровини се јавуваат во форма на поединечни силикатни жици во серпентинит.22

Постдепозициони процеси и промени

Во својот формативен период во XIX и XX век палеолитската археологија како поддисциплина се развивала под влијание на геологијата и палеонтологијата. Оттаму, дебатите и проучувањето на процесите одговорни за настанувањето на археолошките слоеви се поврзуваат токму со оваа поддисциплина на археологијата.23 Формирањето на археолошките слоеви и локалитети е резултат на бројни природни и човечки фактори, па така една од примарните задачи на археологијата е идентификување на овие формациски процеси со цел доследно и научно поткрепено толкување на наодите. Во археолошката професија постои имплицитен консензус за значењето на терминот „локалитет“. Етимолошки, како и археолошки, значењето на овој поим, пред cè, е во просторното определување на опсегот на археолошки материјал. Во оваа смисла и површинските групации на наоди претставуваат локалитет, иако во прво време просторниот опсег на еден ваков локалитет е определен само хоризонтално (а не и вертикално, стратиграфски).

Датирањето е деликатен потфат на речиси секој локалитет,24 но претставува особен предизвик за површинските локалитети. Секако, се очекува дека археолошките ископувања треба да дадат поконкретен податок за хронолошката определба. Но на ненаселбински праисториски локалитети од отворен тип нивото на природно и човечко уништување на стратиграфијата е многу високо. Оттука, деталното вреднување на површинскиот материјал може да пополни дел од недостапните информации поврзани со локалитетот и археолошкиот материјал.

Концептот „синџир на операции“ (chaîne opératoire) пренесен од етнологијата во археологијата од Андре Леруа-Гуран25 го опишува физичкиот процес низ кој поминува секој артефакт во текот на неговото постоење во културата, почнувајќи од наоѓањето на суровина за изработка на одреден предмет, па cè до неговото конечно исфрлање од употреба или „депонирање“26 во археолошкиот слој. По ваквото конечно депонирање на артефактите врз нив почнуваат да влијаат одредени хемиски и физички (механички) процеси кои се природни и/или антропогени. Видливите ефекти од ваквите процеси врз археолошкиот материјал се дефинираат со терминот постдепозициони површински промени.27

Хемиските постдепозициони промени најчесто се случуваат под влијание на водата, со тоа што главни променливи се рН-вредноста и температурата на почвата, нивото на кислород, како и составот на суровината. Тие се манифестираат како колор патина, глос патина (T. I, 6, 8), петна или грутки на оксиди на железо-манган (FeMn) (T. I, 5, 7). Доминантен тип на хемиска промена врз литичкиот материјал од Узун Мера е глос или сјајната патината. Карактеристична појава е патинирањето на површините на откршување, што упатува на тоа дека и оштетувањето/физичкиот стрес на карпата влијае врз нејзиното патинирање. Некои од артефактите од ископуваните сонди беа прекриени со дебела варовничка наслага (конкреција) (T. VI, 5), најверојатно создадена при контактот со варовничкиот лесолик седимент (T. II, 2, долен слој).

Хемиската промена индикативна за промените на влажноста на средината во која се наоѓал материјалот се т.н. петна или грутки на железо-манган кои често се концентрираат на рабовите и истакнатите места на артефактите (T. I, 5, 7). Некои скорешни истражувања посочуваат дека овие петна на железо-манган можеби се потенцијално податни за датирање,28 но оваа хипотеза cè уште не е потврдена.

Физичките постдепозициони промени можат да бидат резултат на газење на артефактите од животни или луѓе, валање од вода, триење, термичка обработка и слично. Овие промени можат да се манифестираат како: откршување или заоблување на работ (T.I, 1), сјај, промена на бојата, пукнатини или вдлабнатини. На 85% од материјалот од Узун Мера беше забележано оштетување на рабовите во вид на откршување или заоблување. Дел од овој тип на промени може да е предизвикан од употребата во културен контекст. Кај откршените рабови може лесно да се воочи хронолошката последователност на различните процеси, како, на пример, кога физичкото оштетување на работ е прекриено со некаква хемиска промена како патина или сјај (T. I, 1). Мал дел од артефактите, односно само 9% имаат знаци на промени предизвикани од термички промени (T. I, 8). Иако е позната практиката на термичка обработка на суровини за подобрување на својствата на каменот при неговата обработка, во случајот на Узун Мера најверојатно станува збор за природни фактори како мраз или пожари.

Слика 3. а.) Групиран столбест дијаграм на процентуална застапеност на различни класи на артефакти врз основа на потеклото: од површина или од ископуваните сонди. Меѓу другото, воочлива е поголемата застапеност на нефрагментирани одбитоци во ископува
Слика 3. а.) Групиран столбест дијаграм на процентуална застапеност на различни класи на артефакти врз основа на потеклото: од површина или од ископуваните сонди. Меѓу другото, воочлива е поголемата застапеност на нефрагментирани одбитоци во ископуваниот материјал наспроти поголемата застапеност на фрагментирани наоди во површинската збирка. б.) Дијаграм на корелација помеѓу должините и ширините на алатките од површина и од сондите; воочлива е големата сличност на распоредот на овие величини што упатува на репрезентативноста на површинскиот материјал. Колор верзија на Слика 3 е достапна во онлајн изданието.

Техно-типолошка анализа

Според примарната техно-типолошка класификацијана артефактите, најголем дел, очекувано, се неретушираните одбитоци. Застапеноста на јадрата во вкупниот број е значително поголема од вообичаената, a ова се должи на фактот што поголемиот дел од нив потекнуваат од рекогносцирањето и влијание има т.н. „ефект на големина“ (size effect),29 односно нивната поголема видливост на терен поради големината (сл. 3, б), а со тоа и поголемата застапеност во збирката. Присуството на доста различни големини на одбитоци од 10 mm, па до 90 mm упатува на отсуство на сортирање по големина во периодот при формирање на локалитетот, односно на не многу силно влијание на природните појави (сл. 3, а, б). Исто така, не беше забележана разлика во застапеноста на различните типови на постдепозициони промени меѓу материјалот од рекогносцирањето и од ископувањата, што упатува на репрезентативноста на површинскиот материјал.

Јадра

При класифицирањето на јадрата применет беше т.н. логичко аналитички систем,30 кој е деривација на аналитичката типологија на Жорж Лаплас.31 Во збирката од Узун Мера доминираат двостраните јадра со центрипетално одбивање (Т. V, 1-2). Категоријата на „комбинирани“ јадра вклучува исто и јадра кои имаат по една центрипетална страна, но и други насоки на одбивање. Јадрата не се воедначени во поглед на постдепозиционите промени врз нивната површина.

Покрај типичните за средниот палеолит левалуашки јадра, застапени се и нетипични јадра. На пример, карактеристично е јадрото УМ17-86 (Т.5, 3) кое по волумен е најголемо од откриените јадра, а може да се протолкува како иницијална фаза на обработка според методот Кина (Quina), но исто така и самото можело да служи како орудие.

Типични за подоцнежните палеолитски периоди се две мали „хибридни“ тристрани јадра, кои имаат по една двонасочна страна, а другите две се центрипетални или еднонасочни. Истите делуваат „свежо“ во поглед на хемиските промени. Можните литички производи од овие јадра би биле одбитоци во форма на микросечила.

Одбитоци

Со цел да се добие увид во фрагментираноста на материјалот, метричките податоци за одбитоците беа анализирани според методот опишан од Питер Хискок,32 кој го споредува соодносот меѓу определени делови на каменитеартефакти (база, булбус, дистален дел, проксимален дел, итн.) и бројот на цели артефакти. Според овој метод, литичкиот комплекс од Узун Мера има ниско ниво на фрагментација.

Поради големината, својствата на суровината или оштетувања на базите на одбитоците не секогаш беше можно да се определи методот на одбивање (45% се класифицирани како недефинирани). Одбитоците со негативи од центрипетално одбивање на дорзалната страна се застапени со 42%, одбитоците со еднонасочни негативи со 5%, а тие со кортекс на дорзалната страна беа застапени со 5%.

Од класата на одбитоци (T. VI, 1-9) дел имаат препознатливо распоредени негативи на дорзалната страна и во комбинација со типот на база беа класифицирани како левалуа (n = 18), дисковидни (n = 16), еднонасочни (n = 6),типолошки ‘сечила’ (n = 4) и две т.н. лупеници (splineteredpieces).

Орудија

Малиот број дијагностицирани орудија (n = 10) во моментов не овозможува нивна статистичка обработка. Според типот на ретуш евидентиран е директен, индиректен и алтернативен ретуш. Орудијата се именувани според типологијата на Борд.33 Така, на Узун Мера се документирани унилатерална конвергентна струшка, двојна струшка, трансверзално латерална струшка, назабени орудија и орудие со засек (T. III 1-5; T. IV, 1-2). Сите овие типови се карактеристични за балканскиот среден палеолит. Тука би напоменале дека термините од типологија на Борд ја имплицираат и функцијата на орудијата, што не нужно одговара на нивната првична намена.

Заклучок

И покрај тоа што збирката не е голема, а карактерот на локалитетот специфичен, постоењето на среднопалеолитски хоризонт може да се потврди со голема сигурност на Узин Мера. На ова упатуваат карактеристичните среднопалеолитски орудија, техники и методи: латерални струшки, волуменска обработка на јадрата,34 природно затапените сечила, преференцијален и повторувачки Левалуа.35 Истовремено, палеолитските локалитети на Балканот се малку на број и поголемиот дел од нив не се детално истражени, па така освен многу општо, повлекувањето на поконкретни паралели во моментов не е возможно. Треба да се напомене дека како и кај повеќето праисториски локалитети, и во Узун Мера не може да се исклучи можноста локалитетот да претставува еден вид праисториски „палимпсест“, каде тешко е да се раздвојат сите можни хронолошки хоризонти. Јадрата карактеристични за подоцнежни периоди, како и невоедначените постдепозициони површински промени на материјалот, исто така одат во прилог на оваа теза. Иако со ограничени ресурси, истражувањата ќе продолжат во наредните години при што ќе се добијат попрецизни податоци за хронологијата на локалитетот, за потеклото на суровините, како и за карактеристиките и промените во начинот на изработка на камените орудија во палеолитот.36

Табла 1. Детални слики на литичкиот материјал сликани со дигитален USB микроскоп. 1 - 4 структура на суровината; 5 – црните стрелки посочуваат на петната од железо манган (Fe-Mn) концентрирани на рабови и пукнатини; 6 – глос патина на окршен раб; 7 –
Табла 1. Детални слики на литичкиот материјал сликани со дигитален USB микроскоп. 1 - 4 структура на суровината; 5 – црните стрелки посочуваат на петната од железо манган (Fe-Mn) концентрирани на рабови и пукнатини; 6 – глос патина на окршен раб; 7 – заоблување на раб и Fe-Mn петна; 8 – термичка калота (или купола), последица на изложеноста на наодот на големи температурни разлики (фото: А. Мачковски).
Табла 2. Бр. 1 – основа на сонда 3 (цртеж С. Стојановска); бр. 2 – западен профил на сонда 2 (видливи се јами од животни во долниот посветол, лесолик слој, фото: Д. Стојановски).
Табла 2. Бр. 1 – основа на сонда 3 (цртеж С. Стојановска); бр. 2 – западен профил на сонда 2 (видливи се јами од животни во долниот посветол, лесолик слој, фото: Д. Стојановски).
Табла 3. Ретуширани орудија: 1 – проксимален дел на Левалуа шилец со назабен ретуш; 2 – орудие со засек; 3 - латерална струшка; 4 – латерлано-напречна струшка; 5 – билатерална права-конвексна струшка на сечило (цртеж: С. Стојановска; фото: А. Мачковс
Табла 3. Ретуширани орудија: 1 – проксимален дел на Левалуа шилец со назабен ретуш; 2 – орудие со засек; 3 - латерална струшка; 4 – латерлано-напречна струшка; 5 – билатерална права-конвексна струшка на сечило (цртеж: С. Стојановска; фото: А. Мачковски)
Табла 4. Бр. 1 –Унилатерална конкавна струшка, а. фотографии, б. цртеж; 2 –типичен Левалуа одбиток (цртежи: С. Стојановска; фото: Д. Стојановски).
Табла 4. Бр. 1 –Унилатерална конкавна струшка, а. фотографии, б. цртеж; 2 –типичен Левалуа одбиток (цртежи: С. Стојановска; фото: Д. Стојановски).
Табла 5. Јадра: 1, 2–Левалуа јадра (префернцијално и повторувачко); 3 –бифацијално униполарно јадро за сечила и одбитоци, можеби почетен стадиум на Кина методот (цртежи: С. Стојановска, А. Мачковски; фото: Д. Стојановски, А. Мачковски).
Табла 5. Јадра: 1, 2–Левалуа јадра (префернцијално и повторувачко); 3 –бифацијално униполарно јадро за сечила и одбитоци, можеби почетен стадиум на Кина методот (цртежи: С. Стојановска, А. Мачковски; фото: Д. Стојановски, А. Мачковски).
Табла 6. Неретуширани одбитоци 1– 9 (фото: Д. Стојановски, А. Мачковски).
Табла 6. Неретуширани одбитоци 1– 9 (фото: Д. Стојановски, А. Мачковски).

Белешки

  1. Patte E., 1918, 232-234. ↩
  2. Македонската терминологија за литичкиот материјал во овој труд е според терминологијата приспособена од Љиљана Шаламанов-Коробар; Шаламанов-Коробар Љ., 2005, 15-23; Шаламанов-Коробар Љ., 2008, необјавен магистерски труд. ↩
  3. Гаревски Р., 1969, 1-64; Шаламанов-Коробар Љ., 2013, 48. ↩
  4. Кузман П., 1992, 9-16; 1995, 11-20. ↩
  5. Шаламанов-Коробар Љ., 2013, 48. ↩
  6. Soressi M. et al., 2013, 14186-14190. ↩
  7. Шаламанов-Коробар Љ., 2006, 9-20. ↩
  8. Шаламанов-Коробар Љ., 2019, 12. ↩
  9. Moustérien à denticulés на француски, или Denticulate Mousterian на англиски. ↩
  10. Шаламанов-Коробар Љ., 2013, 54-57; Шаламанов-Коробар Љ. - Ѓуричиќ Љ. - Крумов И., 2008, 21-23. ↩
  11. Lowe J. et al., 2012, 13532-13537. ↩
  12. Шаламанов-Коробар Љ., 2006, 9-20. ↩
  13. Stojanovski D. - Arzarello M. - Nacev T., 2018, 63-69 ↩
  14. Dumurdzanov N. - Serafimovski T. - Burchfiel B. C., 2004, 1-20; Temovski М. et al., 2013, 235-246. ↩
  15. Powolny T. - Dumańska-Słowik M., 2017, 43-52. ↩
  16. Анализата со електронски микроскоп (SEM) беше изведена на ФПТН на УГД - Штип. Благодарност до проф. Блажо Боев и проф. Ѓорѓи Димов за овозможувањето на оваа анализа. ↩
  17. Stojanovski D. - Arzarello M. - Nacev T., 2018, 63-69 ↩
  18. Powolny T. - Dumańska-Słowik M., 2017, 43-52. ↩
  19. Димитровска В., 2013, 68. ↩
  20. Благодарност до проф. Ѓорѓи Димов за оваа информација. ↩
  21. Stojanovski D., 2017, 38; исто така, на околу 20 km североисточно од локалитетот постои современ рудник, крај селото Стрмош, каде, меѓу другото, се ископува опалска бреча. Рудник за опалит постои и кај селото Спанчево. ↩
  22. Kurešević L. - Dević, S., 2014, 185-192; ова наоѓалиште геолошки спаѓа во истата тектонска зона како и Овче Поле - Вардарската. ↩
  23. Bordes F., 1975, 139-144; Schiffer M., 1983, 675-706; Goldberg P. - Macphail R. I., 2006. ↩
  24. Митревски Д., 2009, 59. ↩
  25. Leroi-Gourhan A., 1964. ↩
  26. Иако во овој контекст можеби е несвојствен за македонски јазик, зборот „депонира“ е сепак соодветен за овој текст со оглед на неговата семантичка и прагматичка усогласеност. Не помалку е важна и неговата заедничка латинска етимологија со англискиот deposit, кој е главен дел на меѓународно прифатениот термин користен и во овој текст: postdepositional surface modifications (PDSM), концепт кој најпрво се јавува во англојазичната археолошка литература. ↩
  27. Stapert D., 1976, 8-11; Levi Sala I., 1986, 229-244. ↩
  28. Yu X.-L.et al., 2015, 1101. ↩
  29. Baker C. M., 1978, 288-293. ↩
  30. Rodriguez X. P., 2004. ↩
  31. Laplace G., 1972. ↩
  32. Hiscock P., 2002, 251-258. ↩
  33. Bordes F., 1961, 85. Сепак, треба да се напомене дека термините од типологија на Борд ја имплицираат и функцијата на орудијата, што не нужно одговара на нивната првична намена (пр. терминот „струшка“ имплицира дека орудието имало функција за стружење или гребење, но функцијата не може да се одреди преку морфологијата на орудието. ↩
  34. Volumetric reduction - термин со кој се опишуваат методите кои се состојат од најефикасна експлоатација на волуменот на дадена камена суровина со цел да се обезбедат најголем можен број на одбитоци; тука, пред cè, спаѓаат левалуашкиот и дисковидниот метод; Boëda E., 1995, 41-68. ↩
  35. Boëda Е. - Geneste Ј. - М. - MeignenL., 1990, Fig. 4, 54. ↩
  36. Некои од анализите презентирани во овој труд претставуваат дел од необјавен магистерски труд одбранет во 2018 година во рамките на IMQP програмата на Универзитетот во Феррара, Италија. ↩

Summary

Palaeolithic Stone Artefacts from the Site of Uzun Mera, Mustafino: Assessment of the Post-Depositional Modifications and Techno-Typological Analysis

This study presents the preliminary analysis of the lithic industry from the open-air Paleolithic site of Uzun Mera, near the village of Mustafino, northeastern Macedonia. In order to assess the integrity of the lithic assemblage (n=139), the post-depositional surface modification of the stone tools was inspected in relation to raw material and information on spatial dispersion. The postdepositional surface modifications were recorded as follows: physical (mechanical) ones (the area and position of edge rounding and/or edge fracturing); chemical (position and area of gloss and/or color patina, carbonate concretions and iron-manganese nodules) and thermal alteration (colour change, thermal cracks, cupulas, sheen). Mechanical edge damage and gloss patina dominate among the post-depositional features. A typo-technological classification was also applied in order to understand the lithic economy in the area and compare the stone industry with other sites in the wider region. Typical Middle Paleolithic variability is asserted, including recurring and preferential Levallois reduction, lateral side-scrapers and naturally backed blades. It is argued that more than one occupation phase is represented at the site and that chemical post-depositional modifications have a good potential for becoming diagnostic features for surface collections analysis and classification.

Библиографија