Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 325–334

Археолошки истражувања на Исхак-бег (Алаџа) џамија во Скопје

УДК 904:726.2(497.711)”14”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124325iv

Содржина
  1. Сонда I
  2. Сонда II
  3. Сонда III

Алаџа џамија е една од првите изградени џамии по воспоставувањето на турската власт во Скопје. Подигната е во првата половина на XV век како задужбина на Исхак-бег, прочуениот турски краишки војвода и намесник на султанот Мурат II во Скопје, поставен 1414 година, по смртта на неговиот татко - пашата Јигит-бег1.

Алаџа Џамија е изградена 1438/39 година. Точната датација на џамијата е напишана на надвратникот на влезот од џамијата со арапски букви со сина боја на камена плоча. Натписот е во два реда и гласи: „Се изгради светиот имарет во деновите на султан Мурат II син на Мехмед хан“, „Градителот му е Исхак-бег, син на пашата Јигит-бег година 842 (1438/39).“2

Над малата врата на североисточниот дел од џамијата исто така постои натпис од кој дознаваме дека џамијата е обновена и проширена во XVI век од внукот на Исхак-бег -, Хасанбег. Натписот е издлабен во камен и гласи: „Хасан-бег син на Иса-бег, внук на Исхак-бег го нареди проширувањето на оваа џамија, нека му се зголеми угледот.“ По ова џамијата е наречена голема џамија. Проширувањето било извршено под надзор на Мухамед, син на Хиџи Џинџи во 925 (1519) година.3

Првото име на џамијата било Стара џамија, назив што го добивале најстарите џамии. По проширувањето била наречена Голема џамија, а денешното име Алаџа (Шарена) го добила по богатиот декор што го поседувала. И Евлија Челеби во своите патописи ја забележал оваа џамија под името Алаџа.4

Алаџа џамија се состои од еден централен дел малку извлечен напред и два странични дела. Сите овие делови завршуваат со куполи. Во северозападниот дел по целата должина на џамијата се наоѓа трем со пет отвори. Централниот дел од тремот е засводен, додека страничните делови завршуваат со купола.

Првиот изглед на џамијата се претпоставува дека била еднопросторна куполна џамија со имарет, карактеристичен за џамиите од раниот турски периот. Пред џамијата се наоѓал трем со столбови кои формирале три лака. Од ова може да се заклучи дека проширувањето во XVI век било доста големо, со што се добил денешниот изглед на објектот.

Сл. 1 Изглед на Алаџа Џамија пред земјотресот во 1963 година
Сл. 1 Изглед на Алаџа Џамија пред земјотресот во 1963 година

Покрај десниот дел од молитвениот простор се наоѓа минарето на Алаџа џамија кое се издига до 30 m во височина. Целото минаре е изградено од добро обработени камени блокови. Во основа тоа е осумаголно, кое нагоре продолжува во полигонално стебло. Минарето има галерија - шерефе, под која се наоѓа богата камена декорација. Парапетните плочи од шерефето се перфорирани во форма на разни ориентални декоративни елементи (кругови, квадрати, ѕвезди). Во минарето се влегува низ влез кој се наоѓа од десната страна на тремот. Спроти тој влез на североисточната страна се наоѓа уште еден влез со скалила чија намена не е позната, но се претпоставува дека, или Алаџа џамија имала две минариња или било планирано уште едно минаре кое никогаш не било изградено.

Во дворот пред џамијата се наоѓа дрвен шадрван кој е нов изграден во 1971 година. Од стариот шадерван е зачуван само средишниот камен дел.

Во југоисточниот дел зад џамијата се наоѓа некропола и едно турбе, во кое, според Евлија Челеби, е погребан Паша-бег, еден од синовите на Исхак-бег.5 Турбето е изградено истовремено со џамијата, со која е слично по начинот на градење и стилот. Изградено е на шестострана основа од типот на затворени турбиња со купола. Карактеристично за ова турбе е што е задржана традицијата за декорирање со фајанс.

Од објектите кои го сочинувале комплексот на Алаџа џамија е познато дека постоела и медреса, една од најпознатите за време на турското владение, во која проповедале многу познати учители.6 Во составот на медресата се наоѓала и библиотека. Тука се наоѓал и имарет (јавна трпеза). Вакафот на Исхак-бег бил легализиран и запишан во шеријатскиот сиџил 1445 година.

Сондажните археолошки истражувања кои започнаа на 2.10.2017 година и траеја до 21.10.2017 година послужија за добивање на потребните податоци за изработка на Анекспроектот за конзервација и реставрација на Алаџа џамијата.

Беа отворени три сонди.

Сл. 2 Изглед на Џамијата пред истражувачко-конзерваторските активности
Сл. 2 Изглед на Џамијата пред истражувачко-конзерваторските активности
Сл. 3 Текот на конзерваторските и истражувачките активности на комплексот
Сл. 3 Текот на конзерваторските и истражувачките активности на комплексот

Сонда I

Сондата беше отворена во тремот на џамијата, десно од главниот влез, како продолжување на веќе отвореното сондирање направено во текот на јули 2017 година. Сондата е поставена по ширина на тремот: од прозорецот до столбецот кој го носи лакот на тремот и продолжува паралелно покрај периметралниот ѕид на џамијата. Направено е и проширување кај вториот прозорец. Ова неправилно отворање на сондата е поради следењето на откриените содржини.

На просторот по ширина на тремот, на линија покрај десниот раб на првиот прозорец од периметралниот ѕид на џамијата, се открија скали со две скалила кои пресекуввале душеме од постара фаза. Скалилата се две, со висини од 0,35 m (долното) и 0,27 m (горното). Скалилата се направени од неколку реда кршени камења обвиткани со малтерна маса, на која има отисоци од камени плочи. На горната кота се стигнувало со наслојување на дебел слој од кафена земја, (некаде со дебелина од 1,10 m), потоа слој жолта земја, па слој од кафена земја и повторно слој од жолт песок (сите по 15-20 cm дебелина). Над нив било поставено поплочување од шестоаголни керамички плочи кои со овие истражувања се открија во најзападниот дел на оваа сонда. Плочите се убаво подредени, a меѓусебно не биле врзувани со малтер. Просторот меѓу шестоаголните плочи прави триаголна форма.

Илустрација, стр. 328
Сл. 4 и Сл. 5 Работни фотографии при истражувачко-конзерваторските активности
Сл. 4 и Сл. 5 Работни фотографии при истражувачко-конзерваторските активности
Сл. 6 Основа на Џамијата
Сл. 6 Основа на Џамијата

Со последната обнова на тремот, над сево ова бил нафрлен слој од песок врз кое било поставено поплочувањето од мермерните плочи врзани со цемент. Плочите се со различни форми и големини.

Сл. 7 Сонда 1
Сл. 7 Сонда 1
Сл. 8 Продолжувањето на сонда 1, пред влезот во тремот, блокови и скалила од постарата фаза
Сл. 8 Продолжувањето на сонда 1, пред влезот во тремот, блокови и скалила од постарата фаза

На просторот по ширина на тремот биле натрупувани два слоја земја кои биле носени од непосредна близина. Во горниот слој се откри големо количество човечки коски, но меѓу коските не се препознаваат черепи, ниту фемури, ниту карлици, само мали коски од прсти, ребра, скршени делови од горни екстремитети). Исто така, во горното наслојување се открија бројни фрагменти садова керамика од турското средновековие и два ретки примероци типични за византискиот период од XII - XIII век. Во долниот слој од наслојувањето на овој простор не се открија движни наоди. Затоа сметаме дека кога се нивелирал просторот и се подготвувал за поставување на повисоко поплочување (душеме со поплочување од мермерни плочи), тука се носела земја од непосредна близина заедно со коските и фрагментите керамика.

На просторот покрај периметралниот ѕид на џамијата, меѓу првиот и вториот прозорец, отворањето на контролниот ров го покажа темелот на џамијата: два реда големи камени блока под кои има либажен слој со хоризонтално редени правоаголни тули, под кои има уште еден ред од камења. Врзивното средство е силна малтерна маса од варов малтер. Најдолната партија е темелно проширување од малтерна маса за зацврснување на темелите, кое е на длабочина од 1,15 m. Темелните партии на џамијата се силни и нема видливи оштетувања.

Сл. 9 Сонда 2
Сл. 9 Сонда 2
Сл. 10 Сонда 3
Сл. 10 Сонда 3

Сондата беше проширена и надвор од тремот, кон северозапад, на работ од дворот и тремот, покрај постаментот за столбецот што го носи централниот лак на тремот. Во овој дел се откри најдолниот дел од постаментот на столбецот, кој има тројно профилирано лице. До него беа откриени два травертински блока, поставени хоризонтално и скалесто еден покрај друг. На нивото под нив има нивелиран слој од малтерна маса под кој се наоѓа слој од градежен шут со дебелина од околу 0,40 m.

Сл. 11 Во тремот на Џамијата постојат две фази на градење кои и претходеле на фазата пред последните конзерваторски активности, две фази пред поставување на белите мермерни плочи, врзани со цементна маса
Сл. 11 Во тремот на Џамијата постојат две фази на градење кои и претходеле на фазата пред последните конзерваторски активности, две фази пред поставување на белите мермерни плочи, врзани со цементна маса
Сл. 12 Ѕид во сонда 2 - припаѓа на првобитната фаза на градбата, односно од 1438/39 година кога градбата била со помал габарит и со квадратна форма во основата
Сл. 12 Ѕид во сонда 2 - припаѓа на првобитната фаза на градбата, односно од 1438/39 година кога градбата била со помал габарит и со квадратна форма во основата

Сонда II

Сондата е поставена на самиот почеток од западниот компартимент на џамијата и кон неговата средина.

Веднаш под армирано-бетонската подлога (која со голема тежина се отстрани со хилта) се откри масивен ѕид. Тој се протега по целата ширина на компартиментот со должина од 5 m и ширина од 1,20 m. Ѕидан е со хоризонтално поставени квадратни тули, прецизно наредени една до друга во горниот дел и делкани кршени камења во долниот дел врзани со цврста малтерна маса. Висок е 1,20 m. Иако личи на силна статичка масивна конструкција, сепак неговото убаво лице покажува дека бил дел од репрезентативна архитектура чие лице било видливо. Во продожение на сондата се открија куп камења за кои се знае дека биле натрупување од некогашните испитувања (2001 и 2002 година) пред да биде поставена армирано-бетонската подлога за подното греење на џамијата. Земјата е чиста, темнокафена, без никакви наоди, но со огромна влажност во долните делови. На целиот простор земјата е „здравица“. Се одеше до длабочина од 1,30 m.

Сл. 13 Ѕид во сонда 3 - припаѓа на првобитната фаза на градбата, односно од 1438/39 година кога градбата била со помал габарит и со квадратна форма во основата
Сл. 13 Ѕид во сонда 3 - припаѓа на првобитната фаза на градбата, односно од 1438/39 година кога градбата била со помал габарит и со квадратна форма во основата
Сл. 14 Влезна партија во Алаџа Џамија по конзерваторските активности
Сл. 14 Влезна партија во Алаџа Џамија по конзерваторските активности
Сл. 15 Двориштето на Алаџа Џамија по конзерваторските активности: Турбето на Паша бег, некрополата на познати скопјанивисокодостоинственици во тогашното општество и Исхак –бег (Алаџа) Џамија
Сл. 15 Двориштето на Алаџа Џамија по конзерваторските активности: Турбето на Паша бег, некрополата на познати скопјанивисокодостоинственици во тогашното општество и Исхак –бег (Алаџа) Џамија

Сонда III

Сондата е поставена на самиот почеток од западниот компартимент на џамијата и продолжува со проширување кон централниот дел на џамијата.

Веднаш под армирано-бетонската подлога се откри масивен ѕид. Тој се протега по целата ширина на компартиментот со должина од 5 m и ширина од 1,50 m. Ѕидан е со хоризонтално поставени квадратни тули, прецизно наредени една до друга во гориниот дел и делкани и кршени камења во долниот дел. Врзани со цврста малтерна маса. Висок е 1,10 m. Иако личи на силна статичка масивна конструкција, сепак неговото убаво лице покажува дека бил дел од репрезентативна архитектура чије лице било видливо.

Во продолжението на сондата беше откриена малтерна маса со аморфна форма. Најверојатно била поставена за да се изнивелира простор за поставување на подните партии. Дебелината на малтерната маса се мери најмногу до 0,20 m. Во самата малтерна маса е пробиена кружна дупка во која не се откри ништо. Наслојувањето под малтерната маса е чиста кафена земја со голема влажност. Не се најдоа движни наоди.

Иако целите на археолошките истражувања беа да се дефинираат нивоата на подот и подната структура во внатрешноста на џамијата, да се дојде до долниот слој, односно да се открие оригиналната/најстарата подна партија на џамијата, сепак тоа беше невозможно. Имено, некаде во 2001 и 2002 година, иако за ова не постои достапна документација, направено е прекопување на целиот внатрешен простор на џамијата. Тогаш е спуштено нивото за поставување на подот. Откако се изнивелирал просторот (до нивото на малтерната маса), биле поставени цевки за струјни кабли, па чакал со дебелина од 0,20 m, па дебел слој на армирано-бетонска подлога, па цела структура за подно греење. При тоа, уништени се сите слоеви од подните партии од постарите фази на градење.

Од сондажните археолошки истражувања на Исхак-бег (Алаџа) џамијата се констатираа следниве работи:

• во тремот на џамијата постојат две фази на градење кои претходеле на постоечката кога биле поставени белите мермерни плочи врзани со цементна маса;

• влезната партија на џамијата била поголема, па и оттаму скалилата кон душемето биле повлечени странично, односно почнувале во линија на прозорецот. Прозорецот не бил низок како сега, туку бил на висина од речиси 1 m. На таа висина било и нивото пред скалилата кон душемето. Тоа било на две скалила поставени на силна малтерна маса врз која најверојатно биле поставени камени плочи, што се претпоставува заради отпечатокот во малтерната маса. Со наслојување на повеќе слоеви за нивелација на просторот е подигнато нивото на тремот. По претпоследната фаза тремот имал поплочување со шестаголни керамички плочи;

• нивото на просторот во дворот е подигнато над фазата, која исто така била поплочена, но во која имало скалила од травертински блокови. Сметаме дека во некоја претходна фаза дворот бил на кота пониска за 0,60 m од сегашната, а пристапот кон влезната партија на џамијата, односно кон влезот во тремот била на скали кои се качуваат за две скалила. Нивото на подот од влезната партија и нивото на малтерот пред тремот при влезната партија се исти. Тоа значи дека движењето било од дворот преку скалила нагоре до работ на тремот, па по скалила надолу кон влезната партија;

• откриените ѕидови во сондите II и III не се статички зајакнувања на градбата. Нивниот опус и техника, како и дел од нивните лица покажуваат дека тие некогаш биле видливи, а не под земја. Сметаме дека тие припаѓаат на првобитната фаза на градбата, односно од 1438/39 година, кога градбата била со помал габарит и со квадратна форма во основата. Со обновата во 1519 година овие ѕидови се срушиле, останале само нивните темелни партии, а џамијата добила нов поголем габарит и нова Т основа. Тогаш овие ѕидови се нашле под нивото на некој нов под во внатрешноста на џамијата. Оттогаш џамијата била наречена „Шарена“;

• според спојувањето на ѕидовите во компартиментите и ѕидовите од центраниот дел на објектот, сметаме дека овие, сега видливи ѕидови, припаѓаат на фазата од обновата во раниот XVI век;

• галеријата за молење што се наоѓа лево и десно на самиот влез во објектот и е на два ката е дополнително поставена во некоја многу подоцнежна фаза и не се врзува со ниту една архитектонска целина од постарите фази. Дури и вториот кат не е логично поставен, бидејќи е ориентиран кон централниот полиелеј.

Исхак-бег или Алаџа џамијата е целосно конзервирана и ревитализирана и во 2019 година и е повторно пуштена за користење за верски обреди и туристички посети.

Белешки

  1. Kaleši H., 1972, 89-109 ↩
  2. Елезовиć Г., 1925, 143. ↩
  3. Кумбараџи-Богојевиќ Л., 2014, 52-53. ↩
  4. Čelebi E., 1979, 289. ↩
  5. Елезовиć Г., 1925, 149; Кумбараџи-Богојевиќ Л., 2014, 68. ↩
  6. Кумбараџи-Богојевиќ Л., 2014, 50. ↩

Summary

Archaeological Research of Ishak Beg (Aladza) Mosque in Skopje

Alaja Mosque is one of the first mosques built after the establishment of the Turkish government in Skopje. It was erected in the first half of the 15th century as a sequel to Ishak Bey, the famous Turkish Kraj Duke and viceroy of Sultan Murat II in Skopje, appointed in 1414. after the death of Yigit Pasha.

In the period from 2017-2019, conservation activities were carried out on the entire complex, due to which it was necessary to conduct archaeological excavations that would reveal certain unknowns related to this important facility.

The research revealed several phases of construction, and identification of these phases. Accordingly, the proposal for conservation and presentation of the same was given.

Библиографија