Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 313–324

Кале - Брњарци, Скопско

УДК 902.2:903.4(497.712)DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124313la

Содржина
  1. Местоположба и фортификација
  2. Движни наоди и прелиминарно посочување на основните културни хоризонти
  3. Рана антика
  4. Доцна антика
  5. Среден век - Византија

Во рамките на капиталниот проект „Археолошки катастар на Република Македонија“ на Владата на Република Македонија, реализиран преку Археолошкиот музеј на Македонија во 2014 и 2015 година под раководство на магистер Владимир Атанасов, со археолошкиот метод на рекогносцирање беа опфатени поголем број стари градови и тврдини во регионот на скопските општини.

Меѓу нив нашето внимание го привлече Кале кај селото Брњарци во Општината Гази Баба.

Локалитетот не постои во Археолошката карта на Република Македонија.1 Меѓутоа, во постоечката литература постои информацијата од проф. д-р Јован Трифуноски. Според Ј. Трифуноски, во 1964 година: Називот Кале се однесува на карпестото возвишение коешто лежи североисточно од Брњарци. На таа страна е падината на Скопска Црна Гора. Селаните зборуваат дека на споменатото возвишение се наоѓаат: ѕидини, темели и камења делкани.2

Прво археолошко истражување на Кале - Брњарци реализирале В. Лилчиќ-Адамс со Н. Чаусидис на 17 август 1987 година во рамките на проектот „Средновековни градови во Република Македонија“, кога ја изработиле и неговата планиметрија. Врз основа на нивните истражувања И. Микулчиќ, кој не го посетил локалитетот, кабинетски ја доработил планиметријата и ја публикувал заедно со неговото толкување на локалитетот. Во 1999 година тој го класифицира Кале како кастел за контрола на пат, додека во 2002 година допрецизира дека се работи за кастел за контрола на патот Скупи - Пауталија во периодот од V - VI век од н.е.3 И. Микулчиќ во 2002 пишуваше исклучиво за доцноантички културен хоризонт заснован најмногу врз градежната техника, којашто впрочем и не се забележува на теренот.4

По споменатата прва посета од 1987 година локалитетот, В. Л. Адамс повторно го истражуваше локалитетот во 2005 година со колегите Јехона Спахиу и Владимир Поповски, кога преку откритието на еден средновековен крст од типот енколпион за првпат е посведочен средновековен културен хоризонт.

Сл.1 Карта на истражувани локалитети во скопско
Сл.1 Карта на истражувани локалитети во скопско

Сепак, интензивните истражувања на локалитетот во периодот од 2015 - 2017 година5 изнесоа на виделина поголем број дополнителни наоди кои многу појасно ја дополнија прелиминарната слика за нашите познавања на ова исклучително значајно утврдување.

Во контекстот на блиската околина на Кале - Брњарци би го споменале откритието на досега непознато античко светилиште во непосредната близина на Кале - Брњарци. Имено, на доминантниот врв Љак - Чукар-Коштањ (788 m н.в.), на 1,78 km североисточно од селската црква на Брњарци, беа откриени остатоци од античко светилиште, монети и други наоди, што посочуваат на егзистенција во II - IV век од н.е.6

Сл.2 Планиметрија на кале Брњарци
Сл.2 Планиметрија на кале Брњарци

Местоположба и фортификација

Локалитетот Кале се наоѓа на 0,87 km северно/северозападно од центарот на Брњарци. Претставува ниско, но доминантно возвишение во јужната падина на Скопска Црна Гора, на нејзиниот југоисточен завршеток, меѓу селата Арачиново и Страчинци (сл. 1). Врвот на ридот бил зарамнет, со што било оформено издолжено плато со ориентација југ - север (југозапад - североисток), коешто било утврдено со силен одбранбен ѕид со правоаголна форма со големина 116 х 43/34 m, широк просечно од 1.1 - 1.5 m. Под северното чело се наоѓа планинското седло коешто било пресечено со одбранбен ров. Во средиштето на кастелот се наоѓаат контури на издолжена централна просторија (сл. 2). Од селаните дознавме дека до пред околу 50 години обиколниот одбранбен ѕид бил зачуван до околу 1-1,5 m над земјата, но селаните низ годините го разградувале во потрага по градежен материјал за своите куќи. На двете потесни челни страни се гледаат контури на долги одбранбени челни кули. Вака конципираниот план на утврдувањето одразува воено-стратегиска форма. Би посочиле на сличната форма во планот со димензионо помала планиметрија на Кале, село Шивец, Општина Кавадарци, воено-стратегиско утврдување од раната антика со издолжена правоаголна форма голема околу 66 х 24 m.7 Во случајот со утврдувањето на Кале - Брњарци би претпоставиле дека протогената фортификација од раната антика останала сѐ до средниот век, при што идни археолошки ископувања ќе откријат во колкава мерка биле репарирани, т.е. надградувани раноантичките и средновековни ѕидови.

Сл. 3 Поглед на локалитетот кале Брњарци со негова планиметрија
Сл. 3 Поглед на локалитетот кале Брњарци со негова планиметрија

Движни наоди и прелиминарно посочување на основните културни хоризонти

На горната површина - рамниот дел на утврденото плато, забележавме голем број мали дупки кои се резултат од илегални пребарувања. Нашите истражувања ги сконцентриравме на падините околу утврдувањето на коишто откривме културен материјал што се излизгал под дејство на ерозијата. Преку релјефот и составот на земјата на падините се насетува масата на растопениот плитар што потекнува од раноантичката архитектура на платото. Меѓутоа, откривме не само раноантички материјал туку и предмети од доцната антика и средниот век (сл. 3)

Согледано преку движните наоди, станува збор за следните културни хоризонти

Рана антика

Раноантичките монети се состојат од: сребрена драхма на пајонскиот крал Ликеј (сл. 4), бронзени монети на македонските кралеви Александар III Македонски (сл. 5), Касандар (сл. 6), Деметриј Полиоркет (сл. 7), Антигон Гонат (сл. 8), сребрена драхма на Дирахион (сл. 9), како и сребрена драхма на Дамастион.8

Бронзениот накит се состои од: сребрена фибула од малоазиски тип (сл. 10), уште една помала сребрена фибула (сл. 11) и бронзена фибула (сл. 12), и двете од истиот тип и бронзена фибула од т.н. тракиски тип со нагоре извиена нога која на врвот декорирана со кружна ламаринеста плочка (сл. 13).

Сл. 5
Сл. 5
Сл. 4
Сл. 4
Сл. 6
Сл. 6
Сл. 7
Сл. 7
Сл. 8
Сл. 8
Сл. 9
Сл. 9
Сл. 10
Сл. 10
Сл. 11
Сл. 11
Сл. 12
Сл. 12
Сл. 14
Сл. 14
Сл. 13
Сл. 13
Сл. 15
Сл. 15
Сл. 16
Сл. 16

Од оружјето беше пронајден врв од бронзена стрела т.н. македонски тип (сл. 14). Откривме и дел од бронзена рачка на лебес (котле) со фасетирано тело, на едната страна откршено, а на другата страна извиткано и зашилено (сл. 15). Слични делови од бронзени лебеси/каулдрони беа наоѓани на голем број раноантички локалитети - утврдувања со воен карактер, што упатува на нивната функција во вид на воени котлиња за подготвување храна.

Од коњска опрема беше откриен декоративен разводник од бронза за ремените за управување со коњ (сл. 16).

Од садовата керамика беа застапени карактеристичните рачки од хидрии за вода.

Доцна антика

Наредната група монети и движни наоди датира од IV - VI век од н.е. Идентификувавме мали бронзени монети - миними на доцноримските цареви: Констанциј II (337 - 361) (сл. 17), Валенс (364 -378) (сл. 18), Теодосиј (379 - 395) (сл. 19) и Аркадиј (383 - 408) (сл. 20).

Откривме две ексагија, квадратна бронзена плочка - тег за контрола на монетите од злато и сребро (сл. 21). Како и бронзено појасно јазиче тип сучидава од VI век од н.е. (сл. 22). Забележливо е отсуството на монети од VI век од н.е.

Сл. 17
Сл. 17
Сл. 18
Сл. 18
Сл. 19
Сл. 19
Сл. 20
Сл. 20
Сл. 22
Сл. 22
Сл. 21
Сл. 21

Среден век - Византија

Третата група движни наоди и монети датира од X - XIII век од н.е.

Притоа, најкарактеристични наоди се монетите. Откриени се: еден анонимен византиски фолис кован од 1059 - 1067 година, класа Е, во времето на Константин X (сл. 23); еден фолис на Алексиј I Комнен (1081 - 1118) од предреформско ковање (сл. 24), од 1081 - 1092 година; 13 тетартерони на Алексиј I Комнен ковани во Тесалоника, постреформско ковање од 1092 - 1118 година (од кои донесуваме слика на еден сл. 25) и еден позлатен бронзен скифат на Мануел I Комнен (1143 - 1180) (сл. 26).

Откриени се следните позначајни средновековни движни наоди: бронзен крст од типот енколпион датиран од XI/XIII век (сл. 28), повеќе прстени со типолошка припадност од XI - XII век (сл. 28 - 31), дел од масивна белегзија со завршеток во вид на стилизирана змиска глава од XI - XII век (сл. 32), дел од средновековна белегзија со проширен крај (сл. 33), средновековна обетка со лунулесто тело (сл. 34) и мал, но масивен железен полиедар со перфорирано тело за вметнување рачка, што можеби претставувал оружје (средновековен топуз) (сл. 35).

Сл. 23
Сл. 23
Сл. 24
Сл. 24
Сл. 25
Сл. 25
Сл. 35 Сл. 32 Сл. 33
Сл. 35 Сл. 32 Сл. 33

* * *

Потсетуваме дека уште И. Микулчиќ ја истакна воено-стратегиската функција на кастелот во периодот на доцната антика со задача за контрола на патот Скупи - Пауталија - Сердика и за Астибо.9 Меѓутоа, нашите истражувања за ова значајно утврдување обелоденија, и без класични ископувања, уште два егзистенцијални културни хоризонти: раната антика и средновековен византиски период.

Сребрената драхма на пајонскиот крал Ликеј е веќе шеста и засега хронолошки најстара пајонска монета откриена во Скопскиот Басен покрај монетите на: Патрај (Бразда, Горно Коњари и Летевци), (вдолеон (Скупи) и Леон (Студеничани).10

Според тоа, оваа прелиминарна нумизматичка слика на монетите на пајонските кралеви во Скопскиот Басен недвосмислено зборува за пајонската етничка припадност на автохтоното население на Скопско, на што упатуваат големиот број останати движни археолошки наоди и појави, какви што се, на пример, пајонските култни бронзи од архајскиот период, типичната пајонска керамика, накит, потоа пајонските градови кај Бразда, Нерези, Студеничани (со храм во дорски стил), при што е очигледно дека тоа биле северните пајонски Агријани.11

Нареднитехронолошкиподатливинаодисемонетитенамакедонскитекралеви.Забележуваме континуитет од Александар III Македонски до Антигон Гонат. Истата нумизматичка слика е забележена на целата територија од Скопскиот Басен, со исклучок на тврдината Градиште, село Добрино, на јужната периферија од Скопско, што ја заштитувала патната комуникација меѓу Велешко и Скопско, а каде се забележани две бронзени монети на Филип V.12 Како треба да се гледа на овие прелиминарни почетни антички македонски нумизматички наоди од Кале - Брњарци во контекстот на останатите слични наоди во Скопскиот Басен?

Да ги разгледаме поединечно по локалитетите каде што се откривани. Најпрво, монетите од трите позначајни рани антички гратчиња: Градиште кај Бразда (тетрадрахма на Александар III Македонски), Исар кај Студеничани (бронзени монети на Аминта III и Антигон Гонат) и Градиште кај Средно Нерези (статер на Филип III Аридај). Првите две монети се откриени со рекогносцирање во градските ареали на Градиште Бразда и Исар - Студеничани. Третата монета е „обол за Харон“ откриена како прилог во еден гроб од некрополата на Жданец, на гратчето на локалитетот Градиште, Средно Нерези.13 Бронзена монета на Александар III Македонски е откриена во источното подградие на утврдената населба Градиште кај Горно Коњари на реката Пчиња.14

За толкувањето на првите две монети, како и за последната монета засега постојат непотврдени опции дека дошле во гратчињата или со трговија или како војнички плати на македонски војници испратени со конкретна задача.

Бронзена монета на македонскиот крал Касандар потекнува од граничниот кастел Мае Кикес, село Рогле, на границата меѓу Скопско и Тетовско, и повеќе од очигледно посведочува присуство на античка македонска војска во времето на кралот Касандар што го контролирала теснецот Карпалак. Три монети на кралот Касандар се откриени на локалитетот Долно Градиште, село Драчевица (над село Варвара), Општина Студеничани.15 Нивното толкување секако е поврзано со оваа сѐ уште загадочна, силно фортифицирана позиција, компонирана со доминатен акропол, северни и јужни подградија, и широка западна одбранбена фоса. Би можеле да помислиме дека се работи за војската на кралот Касандар со задача да ја штити прастарата патна комуникација долж долината на Маркова Река и продолжетокот кон Порече.

Бронзена монета на Деметриј I Полиоркет е откриена на Бањски Рид, Катланово.16 Во текот на IV и низ III век пр. н.е. низ Скопско константно напаѓале агресивните Дарданци, а почетокот на III век пр. н.е. е познат по агресивниот пробив на Галите низ Македонија и не треба да нè чуди зголеменото присуство на монетите од Деметриј I Полиоркет на голем број стражарски кастели низ целата територија на нашата држава.

Бронзени монети на кралевите Александар III Македонски и Антигон Гонат се откриени на локалитетот Скопско Кале, Скопје, Општина Центар.17 Сметаме дека во случајов овие наоди илустрираат присуство на една античка македонска воена единица на ова извонредно стратегиско место.

А секако дека истото важи и за монетните наоди од Кале Брњарци. Тука, бројно преовладуваат бронзените монети на Александар III Македонски, Касандар, Деметриј I Полиоркет и Антигон Гонат над единечниот наод на сребрената монета на пајонскиот крал Ликеј. Очигледно е дека само систематските археолошки истражувања со ископувања во иднината ќе го дадат одговорот. Но денес може да изнесеме прелиминарно согледување дека Агријаните во Скопско, слично на античките Пелагонци кои немале своја парична валута, веројатно ги користеле монетите и на пајонските и на македонските кралеви.

Во овој контекст треба да се има предвид воено-стратегиската форма на кастелот на Кале - Брњарци во непосредна близина на прастарата патна комуникација од западниот дел на Скопскиот Басен околу југоисточниот огранок на Скопска Црна Гора кон соседните региони на Куманово и Прешево, односно кон Кривопаланечкиот крај. Оттука би било логично концентрацијата на античките македонски монети да упатува кон идејата дека фортификацијата на Кале - Брњарци ја подигнале македонските војници кон IV век пр. н.е. во соучество со локалните пајонски Агријани, имајќи ја предвид историски потврдената кохабитација и пријателство меѓу античка Македонија и Агријаните.

Конечно, и повеќе од очигледно е дека улогата на фортификацијата на Кале - Брњарци во текот на IV и III век пр. н.е. била одбранбена поради потреба да се заштитува Скопско од Дарданците, и во еден момент од агресивните Келти. Дарданците најверојатно заради интензивното присуство на македонската војска, и тоа не само на Кале - Брњарци, туку и на други места во Скопско, мирувале во текот на IV и првата половина од III век од н.е., како што забележала и Ф. Папазоглу во историските извори за тоа време, и дури во времето на Деметриј II силно нападнале на Агријанија, Пајонија и Македонија.18

Нашите истражувања не евидентираа никакви наоди од римскиот раноцарски период. Меѓутоа, кастелот повторно станал актуелен во доцната антика, судејќи според откриените монети на Констанциј II (337 - 361), Валенс (364 - 378), Теодосиј (379 - 395) и Аркадиј (383-408). Нема наоди од проблематичниот V век, времето кога во Македонија упаѓаат и азиските Хуни и Остроготите. А, исто така, нема посебни движни наоди, како и монетни наоди од VI век, освен појасното јазиче од типот сучидава. Претпоставуваме дека во ова време одбранбената улога на пристапниот коридор кон Скопско ја одржувале фортификациите на воената база на Исар - Слупчане и особено градот на Барско Кале, Мојанци/Никуштак.

Концентрацијата на византиски монети од XI - XII век од н.е., поточно, под царевите Константин X (1059 - 1067), Алексиј I Комнен (1081 - 1118) и Мануел I Комнен (1143 - 1180), а меѓу нив особено тетартероните на Алексиј I Комнен, очигледно упатува на одбраната на Скопско од агресивната војска на рашкиот жупан Вукан, односно проблемите со агресивните Печенези, како и Норманите предводени од Боемунд Тарентски. Имено, историските извори говорат за следните хронолошки настани:

− 1092 год. Алексиј I Комнен ги утврдува клисурите и долините кон рашкиот жупан Вукан; − 1093 год. Алексиј I Комнен во Скопје, против рашкиот жупан Вукан; Обнова на Манастир

Св. Ѓорги Горг на Вергино Брдо над Серава;

− 1094 год. Алексиј I Комнен на пат кон Липљан против Вукан минува низ Скопје, склучува

мир, по што Скопје во текот на XII век доживува просперитет;

− 1164 год. принцот Алексиј Ангел Комнен (синот на Теодора, внук на царот Алексиј I

Комнен) го гради манастирот Св. Пантелејмон во Нерези.19

Би заклучиле дека оваа прелиминарна слика на досегашните познавања на локалитетот Кале - Брњарци, заснована врз површински археолошки истражувања, нуди доволно податоци да сметаме дека на незначително повлечената местоположба на ридот Кале за 1,5 km на север од патната комуникација што минувала низ соседното село, Општина Арачиново, уште во IV век пр. н.е. била подигната цврста фортификација со воено-стратегиска функција за контрола и одбрана на патот, при што истата улога била повторена во доцната антика и особено во зрелиот византиски среден век.

На крајот, воено-стратегискиот карактер на античката пајонско-македонска, доцноантичка и средновековна тврдина Кале кај селото Брњарци индиректно се навестува преку етимологијата на името на селото Брњарци, што дошло од зборот „брња“. Имено, брња според А. Дероко претставува еден вид средновековен примитивен воен оклоп.20

Белешки

  1. Археолошка карта на Република Македонија, том 2, 1996, 365, Митревски Д. за Брњарци. Во наведената референца се наведени само локалитетите Ирма, Латина и Тумба. ↩
  2. Трифуноски Ј., 1964, 21. ↩
  3. Микулчиќ И., 1999, 413, бр. 351; Mikulčić I., 2002, 149-151. ↩
  4. Mikulčić I., 2002, 151. ↩
  5. Проекти: „Археолошки катастар на Република Македонија“, реализиран во 2015 - 2016 годиина преку Археолошкиот музеј на Македонија (во тоа време) и „Античкото Кралство Македонија во Република Македонија“, реализиран во 2017 година од страна на Институтот за историја на уметноста и архрологија при Филозофскиот факултет - Скопје. ↩
  6. Локалитетот е истражуван во 2020 година. Резултатите се во подготовка во текстот на В. Л. Адамс, А. Јакимовски, Т. Микулчиќ, И. Станчевски, Античко светилиште на локалитетот Коштањ - Љак, Мојанци. ↩
  7. Кале - Шивец, Кавадаречко, истражување, премер, планиметрија, и хронолошко определување од страна на В. Л. Адамс во 1986 година. Во рамките на фортификацијата беа откриени монети на македонскиот крал Филип V, како и на градовите Амфипол, Тесалоника и Пела. ↩
  8. Монетата е во особено лоша состојба. Идентификувана е од страна на м-р Ванчо Милошевски и Александар Илиевски, за што им благодариме. ↩
  9. Mikulčić I., 2002, 151. ↩
  10. Лилчиќ-Адамс В., 2019, 127-154, 310, 313-314. ↩
  11. Митревски Д., 2019, 84-112; Лилчиќ-Адамс В., 2019, 127-154, 310, 313-314. ↩
  12. Лилчиќ-Адамс В., 2019, 127-154, 217-218, 310, 313-314. ↩
  13. Лилчиќ-Адамс В., , 2019, 136-138, со цитирана литература. ↩
  14. Лилчиќ-Адамс В., 2019, 140-142. ↩
  15. Лилчиќ-Адамс В., 2019, 142-144. ↩
  16. Лилчиќ-Адамс В., 2019, 153, 230. ↩
  17. Лилчиќ-Адамс В., 2019, 145-146, со цитирана литература. ↩
  18. Papazoglu F., 1969, 104-112; Лилчиќ-Адамс В., 2019, 124-126. ↩
  19. Бошкоски М., 2009, 126-158. ↩
  20. Дероко А., 1951, 33. ↩

Summary

Kale, Brgarci, Skopje

Within the capital project “Archaeological Cadastre of the Republic of Macedonia”, the Government of the Republic of Macedonia realized through the NI Archaeological Museum of Macedonia, in 2014 and 2015, under the direction of Master Vladimir Atanasov, with the archaeological method of reconnaissance, included a number of old cities and fortresses in the region of Skopje municipalities.

Among them, our attention was drawn to Kale village Brnjarci in the municipality of Gazibaba.

The site does not exist in the Archaeological Map of the Republic of Macedonia. However, in the existing literature there is information of Professor Dr. Jovan Trifunoski. According to J. Trifunoski, in 1964: “The name Kale refers to the rocky elevation, which lies northeast of Brnjarci. On that side is the slope of Skopska Crna Gora. The villagers say that on the mentioned hill there are: “walls, foundations and stones carved”.

The first archeological research on Kale, Brnjarci, was realized by V. Lilcic Adams with N. Chausidis on August 17, 1987, within the Project “Medieval Cities in the Republic of Macedonia”, when they made its planimetry. Based on their research I. Mikulчиiќ, who did not visit the site, completed the planimetry and published it together with his interpretation of the site. In 1999, he classified Kale as a road control castle, while in 2002 he specified that it was a castle for road control Skupi - Pautalia in the period from V-VI. century AD I. Mikulcic in 2002 wrote exclusively about the late antique cultural horizon based mostly on construction technique, which in fact is not observed on the ground.

Библиографија