Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 299–312

Крстовидна црква од локалитет Манастирче кај Чардаклија, Штипско

УДК 726.54(497.731)”653”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124299a

Содржина
  1. Крстовидна црква на локалитет Манастирче, кај село Чардаклија4
  2. Опис на архитектонските содржини во крстовидната црква
  3. Наос
  4. Нартекс
  5. Нартекс - јужен агол
  6. Нартекс - северен агол
  7. Нартекс - централен дел
  8. Погребувања надвор од крстовидната црква
  9. Заклучни согледувања

Југоисточно од ридот Ежово и од трасата за експресниот пат А3, делница Штип - Кочани, на мало возвишение наречено Манастирче кај селото Чардаклија, Штипско, при рекогносцирање е потврдена зголемена концентрација на разрушен камен и градежна керамика (карта 1). Според Археолошката карта на Република Македонија, на посочената локација била евидентирана средновековна црква со ориентација исток - запад.1 Околниот простор во меморијата на месното население е запаметен како „оброчиште“ за одредени христијански празници, зачувана урнатина со височина до 2-3 m, каде што според локалното население била откривана бројна разновидна керамика и монети. По направениот прелиминарен увид во периодот октомври/ноември 2017 година на местото наречено Манастирче беа реализирани заштитни археолошки истражувања спроведени од две работни групи.2 Првата работна група поставуваше контролни сонди непосредно на обележаната траса, додека втората група работеше југоисточно од трасата и од ридот Ежово, на возвишението Манастирче.3 На теренот се примени методологија со поставување квадратна мрежа во вкупна површина од 25 х 25 m2 разделена на помали квадрати со димензија од 5 х 5 m.2 Предмет на внимание во овој труд се резултатите добиени од овие истражувања.

Крстовидна црква на локалитет Манастирче, кај село Чардаклија4

По расчистување на разрушениот градежен материјал се дефинираа контури на објект со правоаголна основа и апсида на источната страна, фундиран врз природна карпа.

Карта 1.  Брегалнички регион, локалитетот Манастирче, кај село Чардаклија, исечок од топографска карта- лист 9.
Карта 1. Брегалнички регион, локалитетот Манастирче, кај село Чардаклија, исечок од топографска карта- лист 9.
Цртеж 1. Основа на крстовидната црква, состојба по истражување
Цртеж 1. Основа на крстовидната црква, состојба по истражување

Природната карпа е во улога на платформа за подно решение во објектот, како и за преградување со делумна интервенција и делкање кај дел од внатрешните ѕидови, видливо особено кај југозападната стилобатна база. Надворешно, откриениот објект има издолжена правоаголна форма, со полигонална апсида на источната и затворен нартекс на западната страна. Црквата во основата оформува збиен впишан крст во квадратна основа со издолжен пред апсидален простор (цртеж 1).

Сл.1. Крстовидна црква- детал од опус на ѕидање во надворешен апсидален дел, фотографирано од источната страна.
Сл.1. Крстовидна црква- детал од опус на ѕидање во надворешен апсидален дел, фотографирано од источната страна.
Сл.2. Јужен периметрален ѕид на црквата, нагласена е гробницата во југозападниот дел на нартексот, која во основата се следи под надворешниот западен ѕид од нартексот.
Сл.2. Јужен периметрален ѕид на црквата, нагласена е гробницата во југозападниот дел на нартексот, која во основата се следи под надворешниот западен ѕид од нартексот.
Сл.3. Крстовидна црква- апсидален дел, фотографирано од надворешната источна страна.
Сл.3. Крстовидна црква- апсидален дел, фотографирано од надворешната источна страна.
Сл.4. Крстовидна црква- апсидален дел, фотографирана од внатрешната страна.
Сл.4. Крстовидна црква- апсидален дел, фотографирана од внатрешната страна.

Во опусот на ѕидните платна е видлива комбинација од делкан и кршен камен, врзувани со малтер или кал, во зависност од градежната фаза (цртеж 2 и 2а, сл.1). Во зачуваните партии на објектот се забележуваат неколку градежни фази. Вкупната должина на крстовидната црква во основата заедно со нартексот има 11,35 m, а само централниот дел на наосот е 7,50 m, додека во ширина е 6,65 m (сл.2). Висината на надворешните ѕидови варира меѓу 0,40 - 1 m. Надворешната должина на апсидата изнесува 3,45 m, додека внатрешната е 2,65 m (сл. 3 и сл. 4). Дебелината на ѕидовите исто така варира, тие во апсидалниот простор имаат 0,80 m, северниот и јужниот периметрален ѕид се по 0,75 m, а ѕидовите во нартексот се со дебелина од 0,65 m. Надворешните ѕидови во централниот дел слеано се прошируваат за дополнителни 1,15 х 1,15 m, формирајќи бази за стилобати во аглите од наосот кои ја носеле централната купола (сл. 4). Организацијата на подното решение ја дефинираат зачуваните тенки камени плочи поставени директно врз карпата. Мал дел од нив, и тоа покрај надворешните ѕидови во наосот се откриени in situ, а поголем дел од подните камени плочи е зачуван во апсидалниот простор.

Цртеж 2. Изгледи на надворешниот источен и западен ѕид на крстовидната црква
Цртеж 2. Изгледи на надворешниот источен и западен ѕид на крстовидната црква
Цртеж 2а. Изгледи на надворешниот јужен и северен ѕид на крстовидната црква
Цртеж 2а. Изгледи на надворешниот јужен и северен ѕид на крстовидната црква

Во централниот дел на наосот е откриена правоаголна ѕидана просторија со фрескомалтер по страничните ѕидови, вкопана во карпата под камените подни плочи. Наосот има само еден влез од западната страна преку нартексот. Нартексот затвора површина со димензии од 5,35 m x 2,00 m, има два влеза - по еден од западната и од северната страна. Дебелината на ѕидовите е 0,65 m. Западниот влез е со широчина од 1,15 m, ограден од двете страни со ѕидови во должина од 1,85 m и дебелина по 0,65 m, е поплочен со фрагментирани монолитни камени плочи, секундарно употребени од постарите гробови околу црквата (сл. 5). Влезот од северната страна е со широчина од 0,90 m. Во последните децении на минатиот век нартексот бил предмет на чести напади, при што се нанесени видливи оштетувања од страна на дивите копачи. Под неговото подно ниво, во основата на надворешниот западен ѕид, се видливи три ѕидани правоаголни конструкции откриени во нартексот. Со тоа се дополнува целосната слика за црквата, според која, нартексот, покрај видливите оштетувања, веројатно бил затворен во некоја понова градежна фаза на црквата (цртеж 3).

Цртеж 3. Основа на крстовидната црква, состојба во тек на истражување
Цртеж 3. Основа на крстовидната црква, состојба во тек на истражување
Сл.5. Главниот влез кон нартексот од западната страна, ограден од двете страни со странични ѕидови, а поплочен со камени покривни плочи од постарите гробови.
Сл.5. Главниот влез кон нартексот од западната страна, ограден од двете страни со странични ѕидови, а поплочен со камени покривни плочи од постарите гробови.
Сл.6. Гробна конструкција циста, со правилно подѕидана камена рамка во централниот дел на наосот.
Сл.6. Гробна конструкција циста, со правилно подѕидана камена рамка во централниот дел на наосот.

Опис на архитектонските содржини во крстовидната црква

Наос

Во централниот дел на наосот, под подното ниво, е потврдена ѕидана правоаголна гробна циста оформена од правилно подредени камења (сл. 6). Конструкцијата е делумно оштетена, со приближни димензии на надворешната рамка од 2,85 m х 1,20 m. Внатрешната рамка на конструкцијата изнесува 2,35 m х 0,65 m со фрескомалтер во окер/жолта и црвена боја на внатрешните ѕидови, кој во допир со воздух се рони и одлепува. Остеолошкиот материјал е собран на една позиција во западниот дел од цистата, без придружен гробен инвентар, од што ни се наметнува прашањето - дали се работи за ограбен гроб па остеолошкиот материјал е нецелосен или можеби за крипта со реликвии од маченик?

Сл.7. Ѕидана Гробница- Martyrium, во јужниот дел на нартексот.
Сл.7. Ѕидана Гробница- Martyrium, во јужниот дел на нартексот.
Сл.8. Гробница- Martyrium, во јужниот дел на нартексот. Остеолошки материјал соберен во западниот дел од конструкцијата.
Сл.8. Гробница- Martyrium, во јужниот дел на нартексот. Остеолошки материјал соберен во западниот дел од конструкцијата.
Сл.9. Гробна циста од северниот дел на нартексот видлива во надворешниот западен ѕид .
Сл.9. Гробна циста од северниот дел на нартексот видлива во надворешниот западен ѕид .
Сл.10. Гробна конструкција во централниот дел на нартекс.
Сл.10. Гробна конструкција во централниот дел на нартекс.

Нартекс

Под подното ниво на нартексот се дефинирани уште три правоаголни ѕидани конструкции, прилепени до надворешниот западен ѕид на наосот со источниот дел од цистата, додека од западната страна навлегуваат во основата под западниот ѕид од нартексот. Во фазата на откривање речиси сите три конструкции имаат иста должина од околу 2,75 m, додека во широчина се разликуваат.

Нартекс - јужен агол

Гробната конструкција во јужниот агол од нартексот е најдобро зачувана. Нејзините димензии изнесуваат 2,75 m х 1,60 m, ѕидана е од квалитетни и правилно подредени делкани камени блокови. Од западната страна навлегува под основата на надворешниот ѕид од нартексот и со незначително отстапување завршува речиси во иста линија со него (цртеж 6). На источната страна како преграден ѕид кон наосот е искористена природната карпа. Внатрешната страна е ѕидана со правилно подреден делкан камен, во последниот ред завршува со потенки камени плочи. По двете надолжни страни однатре се дефинираат скалести проширувања. Од јужната има едно скалесто проширување од 0,25 m, додека од северната страна има две проширувања, едното 0,25 m, а другото 0,20 m, со што централниот простор се стеснува на 0, 90 m. Длабочината изнесува 0,70 m (сл. 7). Како подна конструкција е употребена монолитна камена плоча поставена врз слој од цврсто набиена земја. Остеолошкиот материјал е собран во западниот агол без покарактеристичен придружен движен наод, освен неколку метални фрагменти, идентично со опишаната ситуација во наосот (сл. 8).

Цртеж 4. Основа на крстовидната црква, состојба пред отворање на гроб 1 и 2
Цртеж 4. Основа на крстовидната црква, состојба пред отворање на гроб 1 и 2
Сл.11. Гробна конструкција во централниот дел на нартекс со соберен остеолошки материјал во западниот агол од конструкцијата.
Сл.11. Гробна конструкција во централниот дел на нартекс со соберен остеолошки материјал во западниот агол од конструкцијата.

Нартекс - северен агол

Во северниот дел од нартексот, под подните камени плочи е откриена уште една ѕидана правоаголна конструкција - циста, со димензија на внатрешниот простор од 2,05 m во должина, 0,68 m во ширина и длабочина 0,40 m, со по еден ред од правилно нареден камен лево и десно од страните. Надворешната рамка на конструкцијата не е дефинирана заради оштетувањата од диви копачи, иако е видлива на лицето од западниот ѕид на нартексот на растојание од 2,75 m (сл. 9) и во овој пример камените подни плочи веројатно биле истовремено и покривни плочи на цистата (цртеж 3.) Остеолошкиот материјал е нецелосен, собран е во западниот дел директно врз измазнета карпа, поплочен со тенки камени плочи околу конструкцијата идентично како и кај претходните опишани случаи. Од придружен движен наод се откриени поголем број метални кланфи во различни димензии, сите во источната половина од конструкцијата.

Сл.12. Гроб 1 и 2, југозападно пред крстовидната црква, прва фаза.
Сл.12. Гроб 1 и 2, југозападно пред крстовидната црква, прва фаза.
Сл.12а. Гроб 1 и 2, југозападно пред крстовидната црква, втора фаза.
Сл.12а. Гроб 1 и 2, југозападно пред крстовидната црква, втора фаза.
Цртеж 5. Основа на крстовидната црква, состојба по отворање на гробовите
Цртеж 5. Основа на крстовидната црква, состојба по отворање на гробовите

Нартекс - централен дел

Во централниот дел од нартексот е откриена уште една конструкција со остеолошки материјал собран во западниот агол без придружен движен наод, издлабена елипсовидна јама во природната карпа, без можност за дефинирање на вистинските рамки на конструкцијата, видлива во основата на надворешниот западен ѕид од нартексот. Од неа само делумно се зачувани страничните подѕидувања од камен. Токму во овој дел е констатирано и најголемото оштетување од интервенцијата на диви копачи (сл. 10, 11).

Цртеж 6. Основа на црстовидна црква, југозападен агол
Цртеж 6. Основа на црстовидна црква, југозападен агол

Во сите опишани ѕидани правоаголни конструкции - цисти се повторува слична состојба. Конструкции со димензии меѓу 2,75 до 2,85 m во должина и 1,20 - 1,60 m во ширина на надворешната рамка, изѕидани правилно од внатрешната страна, со траги од фрескомалтер, со нецелосен остеолошки материјал во сите четири случаи собран на иста позиција во западниот дел од конструкцијата, без дополнителен придружен наод. Овде неминово уште еднаш се наметнува прашањето за нивната намена: Дали се работи за ограбени гробови со растурен остеолошки материјал или за одреден мартириум со реликвии од маченици над кои била изградена крстовидна црква со некропола?

Погребувања надвор од крстовидната црква

Надвор од црквата на југозападната страна се откриени два гроба in situ, покриени се со по три масивни камени плочи и целосно зачуван остеолошки материјал, нумерирани како гроб 1 и гроб 2 (сл. 12, 12а; цртеж 4).

Гроб 1

Гробна циста ѕидана од камен е откриена пред надворешниот југозападен ѕид од црквата во продолжение на гробната конструкција во јужниот агол на нартексот со ориентација запад - исток. Покриена е со три масивни делкани камени плочи во различни димензии со ширина од 1 - 1,25 m и вкупна должина од 2,50 m. Под масивните камени плочи има правоаголна ѕидана циста од делкан камен во четири реда. Околу ѕиданата циста, од сите четири страни, има подѕидување со камен во ширина од 0,35 - 0,40 m. Подната конструкција на гробната циста ја формираат шест камени плочи во различни димензии. Покојникот бил положен на грб, со глава свртена кон југ, со лева рака положена на стомак, додека десната е благо свиена врз карлица. Скелетот е релативно добро зачуван, само делумно недостасуваат коските од стапалата и од потколениците. Нема откриен придружен подвижен наод (сл. 13 ).

Гроб 2

Гробна конструкција - циста со ориентација запад - исток, покриена со масивни камени плочи во различни димензи меѓу 0,50 - 1,60 m. Пред отстранување на покривните плочи димензиите на конструкцијата изнесуваат 2,50 х 1,60 m, по нивното отстранување се дефинира циста од монолитни камени блокови со димензии 2,05 m во должина и 0,65 m/0,75 m во широчина, длабочината на камениот саркофаг изнесува 0,85 m (цртежи 4 и 5). Покојникот бил положен на грб, со левата рака префрлена преку десната во пределот на стомакот. Врз зачуваниот скелет, во централниот дел на гробот, е откриена добро зачувана јагленосана дрвена греда (сл. 14). Од придружен движен наод се откриени само неколку метални клинци, како и траги од горење околу споменатата дрвена греда.

Сл.13. Гроб 1, надвор од крстовидна црква.
Сл.13. Гроб 1, надвор од крстовидна црква.
Сл.14. Гроб 2, надвор од крстовидна црква.
Сл.14. Гроб 2, надвор од крстовидна црква.

Заклучни согледувања

При спроведените теренски истражувања на местото наречено Манастирче кај селото Чардаклија, Штипско, е откриена средновековна црква во основа на збиен впишан крст со издолжен предапсидален простор со нартекс и некропола. Крстовидната црква е градена во комбинација од делкан и кршен камен од локално потекло со најмалку една доградба и обнова, пред добивање на денешниот облик. Во најновата фаза црквата е градена од камен и кал, а на одредени постари делови кај апсидата и делови на јужниот периметрален ѕид видливи се камен и малтер. Фугите околу каменот се исполнети со малтер и наредени тенки камени плочи една врз друга, со што се добива сосема автентичен изглед на пластично декорирана фасада (сл. 1). Издолжената апсида е полигонална однадвор, а полукружна однатре. Првично имала наос со една централна купола, издолжен пред апсидален простор и полузатворен нартекс, кој подоцна бил целосно затворен со доградба на трем од западната страна. Кон нартексот водат два влеза по еден од северната и од западната страна. Западниот влез е поплочен со секундарно употребени масивни камени плочи од околните гробни конструкции.

Движниот наод речиси сосема отсуствува, со исклучок на една бронзена монета од Валентинијан I (364 - 375).5 Останатиот скромен фонд движен наод се состои од атипична садова и градежна керамика со врежувања, неколку метални клинци и кланфи, без прилози во гробните конструкции. Откриени и истражени се вкупно шест правоаголни ѕидани гробни конструкции во и надвор од сакралниот објект. Во две од гробните цисти, надвор од црквата, се евидентирани целосно зачувани скелети, документирани како гроб 1 и гроб 2. Останатите четири правоаголни гробни цисти, ѕидани од камен и малтер, се во крстовидната црква, една во централниот дел на наосот, а преостанатите три во нартексот. Кај сите четири, подните камени плочи од црквата истовремено се и покривни камени плочи на гробните цисти, додека природната карпа е употребена како подно ниво, со или без додадени камени плочи врз неа. (цртеж 4 и 5). Делумно зачуваниот остеолошки материјал кај сите четири е собран на иста позиција во западниот дел од конструкциите, без гробен инвентар. Гробните цисти и гробницата во јужниот агол од нартексот се видливи во основата на западниот надворешен ѕид на нартексот и покрај оштетувањата од диви копачи, што секако упатува за негово подоцнежно затворање.

Во недостаток на сигурни податоци за изградба на објектот, како зачуван натпис за времето на неговото подигање или историски записи, како и отсуството гробни прилози и друг движен археолошки материјал кој би бил релевантен за негово датирање, се наоѓаме во позиција натамошните истражувања и анализи за откриената средновековната црква во селото Чардаклија, Штипско, со основа на збиен впишан крст и издолжен пред апсидален простор да ги засноваме со одредена доза резерва, исклучиво кон архитектонското решение, и да ги насочиме кон појавата и развојот на крстовидните цркви, со содветни аналогни примери во поблиското и пошироко опкружување.

Имајќи го предвид типолошкиот преглед за развој на сакралната архитектура кај македонските Словени од пред средината на IX век до 1018 година, предложен од професорот Петар Миљковиќ-Пепек,6 со право сметаме дека црквата кај местото наречено Манастирче, село Чардаклија, Штипско, сосема се вклопува во основниот тип крстовидни цркви. Користејќи ја наведената типологија, крстовидната црква кај селото Чардаклија ја сместуваме во градби од типот 3, односно градби со впишан крст во квадратна основа, вкоренет во Македонија како градителска традиција од времето на првите словенски просветители.7 Ваквиот архитектурен тип цркви се процентуално позастапени во источниот дел на Македонија, па според проф. Пепек не е исклучено причината да се побара во тесна врска со личноста на св. Наум и на солунските браќа св. Методиј и св. Константин,8 чија дејност е потврдена со историски извори токму на овие простори. Иако за најголем дел од потврдените крстовидни цркви откриени по течението на Брегалница не постојат сигурни датирања, поголемиот дел од нив според истражувачите биле сместувани во пошироки временски рамки од IX, па cè дури и до средината на XIII век.

По течението на Брегалница, во непосредното опкружување, евидентирани се поголем број типолошки аналогни примери. Најблиска типолошки, но и просторно до нашиот пример секако е црквата Св. Ѓорѓи во селото Козјак, Штипско, за која има и најголем број расположиви информации и спротивставени мислења околу нејзината изградба. Професорот Пепек во предложената типологија ја датирал во X век.9 Со оглед дека датирањето на аналогната црква предизвикува големо внимание кај научната јавност уште од средината на минатиот век, при што се изнесени различни, честопати и контрадикторни мислења во интерес на дефинирањето за средновековната црква Манастирче кај Чардаклија, ќе дадеме малку подетална слика за наведената црква. Првиот чекор кон научниот интерес за црквата во Горни Козјак го направил Стамен Михајлов со објавениот труд во 1946 година, каде дал детален опис и план на црквата и ја датирал во IX - X.10 Десетина години подоцна Радослав Грујиќ дава осврт и се задржува кон зачуваните историските записи од XI - XIV век.11 Според Војислав Кораќ, нејзината изградба се вклопува во втората половина на XII век.12 Од 1967 до 1970 година црквата и некрополата околу неа се предмет на посеопфатни истражувања и анализи и конзерваторски зафати.13 Во 1970 година истражувањата на локалитетот Баргала и околу црквата Св. Георги продолжуваат со меѓународниот Југословенско-американски проект, а самите автори во публикуваниот материјал повторно наведуваат дека црквата веројатно е изградена во IX или IX - X век, но за тоа cè уште не постојат релевантни докази.14 Најпосле, во периодот од 1988 - 1991 година Звонко Белдедовски врши повторно истражувања на некрополата околу црквата и при анализата на откриениот гробен инвентар од околу 90 гроба некрополата ја сместува во пошироки рамки, но во поглед на изградбата на црквата Св. Георги се задржува на материјалот карактеристичен за IX - XII век и го прифаќа IX - X век како време на изградба на црквата св. Георги.15 Кон ова ги додаваме и најновите публикувани сознанија по речиси четиридецениско истражување на живописот на црквата од Загорка Расолкоска-Николовска, според која, по последните анализи првата фаза од живописот во црквата Св. Георги во Горни Козјак, кој е истовремен со изградбата на црквата, ја датира во IX - X век.16 Да се навратиме уште еднаш до типолошки и просторно поблиските аналогии на новооткриената црква кај селото Чардаклија и нивната датација според истражувачите. Освен црквата Св. Ѓорѓи во селото Горен Козјак, за која како што веќе напоменавме располагаме и со најмногу истражувања, па аналогно и публикуван материјал, иако со спротивставени мислења, од кои со добивањето на нови податоци често и самите истражувачи ретерираат или ги дополнуваат своите сознанија, според основниот план на црквата аналогни примери се евидентирани и во црквите во неколку кочански села.

Крстовидната црква од збиен тип со издолжен предапсидален простор во селото Жиѓанци професорот Пепек ја сместува во IX - X век,17 додека крстовидната црква во Теранци ја датирал во X - XI век,18 додека црквата во Мородвис во IX - XII век.19 Овде би ја додале и крстовидната црква во Крупиште.20 Најголем дел од нив Блага Алексова ги дефинира и како култни градби - мартириуми од IX - X век.21 Според архитектонската концепција блиски аналогии се видливи и со црквите во поширокото опкружување, и тоа во Мармит, близу Влоре во Албанија датирана од IX - XI век,22 како и црквите близу Ќустендил: Св. Тодор во Бобошево, која според Мијатев е датирана во XIII век23 и Св. Никола во Сапарева Бања, датирана според Мијатев кон XII - XIII век.24 Професорот Пепек, пак, нив ги датира нешто порано, меѓу X - XII век,25 а Јанковиќ сите погоре наброени ги наведува како крстообразни цркви датирани во IX - X или XI-XII век.26

Во поглед на датирањето на средновековната црква во село Чардаклија, а во недостаток на поцврсти релевантни докази, од изведените заклучоци по завршеното истражување и споменатите аналогни примери сметаме дека врз основа на основниот градителски концепт веројатноста за негова изградба е голема во периодот меѓу втората половина на IX, па cè до средината на XII век. Дополнително, останува отворено прашањето со откриените гробни конструкции внатре во наосот и нартексот и нивната намена - дали во конкретниов пример откриената крстовидна црквата била подигната над martyrium или истовремено изградена гробница во јужниот дел на нартексот?

И покрај наведените дилеми и отворени прашања во поглед на датирањето и намената на средновековната крстовидна црква, сепак се надеваме дека презентираните резултати во секој случај ќе претставуваат прилог и ќе ги дополнат досегашните сознанија за средновековното сакрално градителство по текот на Брегалница.

Белешки

  1. Археолошка карта на РМ, том II, Скопје 1996, 445. ↩
  2. Истражувањата се спроведени врз основа на потпишаниот Договор за изведување на заштитни археолошки истражувања на загрозените локалитети на трасата од државниот пат А3 како експресен пат, делница Штип - Кочани де. 1, склучен меѓу НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Штип и Јавното претпријатие за државни патишта на РМ, а во согласност со добиената Дозвола од Управата за заштита на културното наследство УП 08-755 од 26.9.2017 год. ↩
  3. Втората група во состав: Илинка Атанасова, археолог - кустос советник; м-р Гордана Јанева, археолог нумизматичар; Љубица Кљонкова, архтект - виш конзерватор; Киро Спасов, историчар на уметност - фотодокументатор, работеше на возвишението Манастирче, југоисточно од трасата. Во истражувањата беа вклучени и поголем број студенти од Катедрата на археологија од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. ↩
  4. Целата приложена техничка документација е изработена од Љубица Кљонкова, дипл. инж. арх. - конзерватор советник, а фотографиите се од Киро Спасов, историчар на уметност, и двјцата вработени во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Штип. ↩
  5. Анализата е направена од д-р Гордана Јанева, нумизматичар во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Штип. Откриена е надвор од апсидата при расчистување од северната страна на длабочина од 30 cm, на кота 349,11 во однос на апсолутната кота која изнесува 349,79. ↩
  6. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 269-277. ↩
  7. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, 275, сл. 3/5-12. ↩
  8. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 275. ↩
  9. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, сл. 3/10. ↩
  10. Расолкоска-Николовска З., 1975, 137, заб.1. ↩
  11. Грујић Р., 1955, 212-215. ↩
  12. Кораћ В., 1964, 215-216. ↩
  13. Расолкоска-Николовска З., 1975, 125-139. ↩
  14. Aleksova B. - Mango C., 1971, 273. ↩
  15. Белдедовски З., 1995, 169-179; Белдедовски З.,1990, 50, сл. 40, 41, Т. IV, T. V, T.VI. ↩
  16. Расолкоска-Николовска З., 2015, 307-308, сл. 8 и сл. 9 (цртеж). ↩
  17. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, сл. 3/6. ↩
  18. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, сл. 3/7; Алексова Б., 1989, 148-150. ↩
  19. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, сл. 3/5. ↩
  20. Алексова Б., 1983,93-96, сл.18-20. ↩
  21. Алексова Б., 1989, 145-150. ↩
  22. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, сл. 3/11; Јанковић Ҕ., 2015, 208, сл. 67/3. ↩
  23. Миятев К., 1965, 190-191, обр. 216, 218. ↩
  24. Миятев К., 1965, 189-190, обр.215, 217. ↩
  25. Миљковиќ-Пепек П., 1988, 272, сл. 3/8,9. ↩
  26. Јанковић Ҕ., 2015, 208, сл.67/ 1-3, 8-10. ↩

Summary

Cross Church from the Monastery Location near Chardaklija, Shtip

On the Monastery Manastirce near the village Chardaklija, Shtip region, southeast of the route for the expressway A3, section Shtip - Kocani and from the hill Ezhovo in the period October-November 2017, protective archeological excavations were realized.

A cruciform church with an elongated apse and a closed narthex, as well as several tombs in and around the sacral building are the result of the conducted research on the Monastery of Manastirche.

The cruciform church is built in a combination of carved and crushed stone, founded on natural rock. The internal plan of the nave in the church is an inscribed cross in a square base, with almost identical arms, with an elongated apse on the east side, polygonal on the outside, and semicircular on the inside and with a closed narthex on the west side with two entrances, one on the north and one on the west. side.

The floor solution is organized from thin stone slabs, arranged directly on the rock, with a small part preserved in situ, and with partial intervention and carving, the natural rock is a solution for the inner partition walls.

The excavations revealed six tomb constructions, four in the church, one of which in the nave, the other three in the narthex, and two of the tombs were discovered outside the church. They are formed of carved stone built in several rows or stone cysts of monolithic blocks, covered with massive stone slabs or floor stone slabs.

The osteological material in all four constructions in the cruciform church is incomplete and gathered in one place on the western part of the structure. While in the two recorded graves, outside the church, the skeletons are completely preserved.

Cross-shaped churches in various variants are very common in early Christian construction on the Balkan Peninsula.

According to the typological review for the development of sacred architecture among the Macedonian Slavs, the cruciform church discovered on the monastery Manastirce, near the village Chardaklija, Stip region belongs to buildings of Type 3, ie buildings of inscribed cross on a square base, characteristic for IX - X century.

Библиографија