Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 275–297

Средновековна некропола на локалитетот Кале Стрезов Град кај селото Челевец - Демир Капија

УДК 904:393(497.714)”653”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124275p

Археолошкиот локалитет Кале - Стрезов Град, с. Челевец, Демир Капија, се наоѓа во Демиркаписката Клисура, на вливот на Челевечка Река во реката Вардар1 (сл. 1). Со површина од 17 ha претставува една од најголемите доцноантички и средновековни тврдини на територија од Македонија.2 Досегашните истражувачи на средновековната историја на овој простор ја убицираат тврдината Просек,3 добро позната преку историските извори.

Во периодот од 2015 до 2018 година на археолошкиот локалитет Кале - Стрезов Град се изведени систематски археолошки истражувања на северното најпристапно плато кое се наоѓа надвор од утврдениот простор.4 Овде се откриени архитектонски остатоци од ранохристијанска црква (VI век) обновена во средниот век (крај на XII - почеток на XV век), како и некропола од доцноантичкиот и средновековниот период. Архитектонските остатоци го зафаќаат речиси целиот слободен простор на ова плато, притоа, архитектурата е приспосбена на природната конфигурација на теренот. Според градежните остатоци може да се дефинираат најмалку четири градежни фази.

Некрополата е организирана во и околу остатоците на ранохристијанската црква. Ограничениот простор погоден за погребување, нивната густина, како и долготрајното користење придонело на одредени места тешко да се следи организираност на гробовите (пл. 1). Ова е случај со најголемиот број некропололи од истиот период каде редовите полека исчезнуваат и cè повеќе стануваат фиктивни.5

Откриени се и истражени се 32 погребувања и една ѕидана гробница. Можат да се следат два хоризонти на погребувања - доцноантички и средновековен. Доцноантичките се претставени со две гробни конструкции - гробови со тегули на две води и ѕидана гробница6 со полукружен свод. Средновековните погребувања се изведени во гробни јами без конструкции, гробови обележани со плочи крај главата и/или нозете, гробни јами со конструкција во вид на цисти без покрив и цисти целосно или делумно покриени, а во случајот со гробот 23 е покриен само черепот со 3 фрагменти на покривна керамика (сл. 2).

План 1 – Кале – Стрезов Град, ситуационен план.
План 1 – Кале – Стрезов Град, ситуационен план.

Во најголем дел од случаите покојниците се положувани директно врз земја или карпа. Единствено во два наврати се положени врз под од камени плочи, во случајот со гробот 23, односно камени плочи и тегули во гробот 15, кои, всушност, претставуваат покривачи од постари гробни конструкции. Во еден случај, во гробот 12, покојникот е положен врз малтер, остаток од подното ниво во просторија „Б“, додека гробот 1 бил поставен врз круништето од разрушениот ѕид на постарата црква.

Гробните конструкции се со правоаголна, трапезоидна или овална форма. Димензиите им варираат од 0,5 - 2,20 m во должина и до 0,6 m во ширина. Нивото на кое се откриени гробните конструкции не може точно да се одреди бидејќи целото плато е ерозивно, па така тоа не ја одразува реалната длабочина на јамите во кои првично било извршено погребувањето. Гробните јами и конструкции се градени со правец запад - исток, а во нив покојниците биле положени со главата кон запад. Кај сите гробни конструкции се појавува одредено отстапување од оската запад - исток. Овие отстапувања се условени од приспособувањето кон архитектонските остатоци, како и од отстапувањето при градење на црквата.7

Сл. 1 - Северно плато на лок. Кале-Стрезов Град, со архитектонските остатоци во фаза на истражување.
Сл. 1 - Северно плато на лок. Кале-Стрезов Град, со архитектонските остатоци во фаза на истражување.
Сл. 2 – Типови на гробови вкопани во просторија „А“.
Сл. 2 – Типови на гробови вкопани во просторија „А“.

Положувањето на покојниците е вршено во испружен став, со главата поставена на тилот. Кај поголем дел од скелетите е забележано благо свртување на главата кон север и кон југ. Има случаи и каде главата е дадена нанапред или наназад. Според досегашните примери не е утврдена некоја закономерност за ова отстапување, па најверојатно свртувањето на главата налево или надесно е случајна и настанала по положувањето на покојникот.

Сл. 3 – Гроб 25, подглавица од фрагменти покривна и складишна керамика.
Сл. 3 – Гроб 25, подглавица од фрагменти покривна и складишна керамика.
Сл. 4 – Гроб 12, камења поставени лево и десно од череп.
Сл. 4 – Гроб 12, камења поставени лево и десно од череп.

При положувањето на телото нозете се секогаш во испружена состојба, додека кај рацете се појавува разновидност, но сепак сите употребени комбинации се познати од истовремените некрополи во ареалот и не отстапуваат од христијанските манири. На некрополата на Кале - Стрезов Град се забележани следните варијации: а) двете раце превиткани во лактите и поставени на карлицата, б) двете раце превиткани во лактите и поставени на стомакот, в) двете раце превиткани во лактите и поставени на градите, г) двете раце превиткани во лактите со левата шепа поставена на десното рамо и десната шепа на левото рамо, д) двете раце превиткани во лактите со десната шепа поставена на стомак и левата шепа на градите и ѓ) двете раце превиткани во лактите со левата шепа поставена на градите и десната шепа на карлицата. Според досегашните истражувања не може да се одреди законитост при нивното положување.

Посебна карактеристика претставува поставување на подглавици од камен под черепот на покојникот во гробовите 14, 17, 24 и 25 или поставување поголеми фрагменти градежна и складишна керамика во гроб 25 (сл. 3). Кај гробовите 7, 9 и 13 е забележано дополнително поставување два камена, лево и десно покрај черепот (сл. 4). Ваквата практика е запазена и на други некрополи од ареалот на тврдината Просек како што се Црквиште - Демир Капија и Црквиште - Корешница, додека, пак, целосно отсуствуваат од Крстеви и Копанец -Корешница и Ограда - Бистренци, како и кај постарите погребувања од Црквиште - Демир Капија. Подглавја како и камења странично од черепот се откриени и кај двата пола. Според Б. Алексова, ваквото камено подглавје се поставувало за да ја држи главата прицврстена и исправена, свртена кон сонцето.8 На поширокиот балкански ареал познати се повеќе примери на поставување подглавје, најчесто од фрагментирани тегули, поретко камења под черепот. Особено се чести на некрополите од Македонија и Бугарија, додека во Србија и Хрватска се поретки.9 Драгоцени информации се добиваат од хагиографските текстови, особено од житието на Стефан Немања. Пред самото упокојување побарал неговото тело во гробот да биде положено на потполно свет начин, притоа под главата да му биде поставен камен.10 Б. Борисов смета дека овој обичај на територијата од Бугарија бил распространет во X и XI век, но се појавува и кај подоцнежните некрополи. Од територијата на Македонија на некрополите коишто се добро датирани во X - XII век овој обичај целосно отсуствува. Според бројните наоди на камења под или странично од черепите во ареалот на Просек, може да се заклучи дека од XIII - XV век ова било востановено правило во погребниот ритус кај христијанското население. Правени се обиди да се прикаже дека ова е резервирано само за одредена категорија население како што се духовните лица.11 Од Кале - Стрезов Град, иако во поголемиот број од случаите се работи за гробови во кои се погребани мажи, сепак гробот 25, каде што е погребана жена, укажува дека тие не се исклучиво поврзани со машки погребувања. Веројатно, практиката за поставување камен под черепот или лево и десно од него на нашата територија се појавува паралелно со организацијата на некрополите околу сакрален објект.

Сл. 5 – Гроб 5 и гроб 12, поставени еден преку друг.
Сл. 5 – Гроб 5 и гроб 12, поставени еден преку друг.
Сл. 6 – Гроб 19, дислоциран скелетен материјал над источниот крај на гробот.
Сл. 6 – Гроб 19, дислоциран скелетен материјал над источниот крај на гробот.

Некрополата е користена подолг временски период, а притоа е забележана вертикална стратиграфија. Честа е повеќекратната употреба на исти гробови со и без дислокација на скелетот. Реупотреба на истиот гроб со одредено поместување кон исток или запад е забележано во два случаи. Таков е случајот со гробот 12, каде со одредено поместување кон запад преку него е поставен скелетот 5 (сл. 5). Гробот во кој е погребан скелетот 14 е искористен дури трипати, па преку скелетот 14 поместен кон запад е поставен 13, а преку скелетот 13 поместен кон исток е скелетот 7. Кај сите овие случаи скелетот од претходното погребување е почитуван и не е дислоциран, што најверојатно укажува дека во времето кога гробот е секундарно употребен трупот cè уште не бил целосно распаднат.

Покрај ова, забележани се и случаи каде истите конструкции се секундарно употребени, притоа скелетите се дислоцирани и поставени во источниот дел од гробот, односно кај нозете на покојникот. Вакви случаи се забележани кај гробовите 19, 25 и 26 (сл. 6). Единствено кај гробот 26 черепот е поставен во западниот дел од гробот. Во два случаи се забележани дислоцирани скелети поставени надвор од гробните целини, и тоа скелетите од 6 и 11. Во гробот 4 се јавува специфична ситуација каде едната гробна јама во која се зачувани само потколениците од примарното погребување е пресечена со друга гробна јама каде во две групации е одложен скелетниот материјал од примарното погребување и на остеолошки материјал на уште четири индивидуи. Впрочем, ваквата практика се задржала до ден денешен, кога заради ограниченост на гробните места се искористуваат постарите гробови. За неа може да се побара одговор во етнолошката граѓа којашто познава постоење на „прекопување“, „раскоп“, „двојно погребување“ или „повторно погребување“, како што се нарекува во различни области.12 Според начинот на кој во гробницата „А“ во текот на XIV век се депонирани скелетни остатоци на најмалку 14 индивидуи, голема е веројатноста во овој период таа да служела како костурница.13

Гробните наодите претставуваат дел од личната своина на покојникот, накит и делови од облека. Меѓу накитот застапен е оној за главата, како и за рацете.

Во групата накит за главата спаѓаат три наоди, меѓу кои, една обетка алка и две мешести наушници. Обетките алки меѓу наодите од оваа некропола се среќаваат само со еден примерок од гробот 29 (T. III. 29:1). Овој тип накит како еден од наједноставните за изработка од парче бакарна жица со кружен пресек се чест наод на некрополите од поширокиот балкански ареал. Во отсуство на друг хронолошки осетлив материјал се тешки за датирање. Нивната датација се движи од X до XIV век, но можат да се појават и порано, а да траат и подоцна. Од гробот 4 потекнуваат две лошо зачувани сребрени мешестите шупливи наушници (T. I. 4:1a-б). Изработени се од две полумешести половини меѓусебно споени без нагласување на надворешниот раб, телото е мазно, a во горниот дел е полукружно одземен. Теглето на наушниците е изработено од тел којшто на едниот крај излегува од самата лунула, додека на другиот крај на лунулата е изведена јамка, каде се закопчувало теглето, краевите на лунулите и од двете страни се задебелени со по две ребра, кои најверојатно би требало да претставуваат имитација на филигран. По морфологијата на мешестото тело паралели наоѓа кај наушниците од гробот 105 од Мородвис датиран во XIII век, а особено во наушницата од гробот 3 на некрополата Керамидарка - Мокрино,14 која покрај формата на мазното мешесто тело одговара и по начинот на кој е изведено самото тегле на наушницата. Овој вид тегле му претходи на видот со двоен шарнир и нанадвор изведен нарецкан раб од некрополата Црквиште - Демир Капија датирани во XIV и XV век.15

Сл. 7а-ж – Лентести прстени; (7з) лентест прстен со квадратна плочеста глава.
Сл. 7а-ж – Лентести прстени; (7з) лентест прстен со квадратна плочеста глава.

Накитот за раце на некрополата на Кале - Стрезов Град е застапен со три варијанти и вкупно 12 примероци. Побројна, но и поедноставна форма се лентестите прстени со еднаква ширина на алката. Изработени се од бронзена лента со воедначена ширина (3 - 5 mm), оформена со лиење или исчукување, со краевите кои се преклопуваат. Овој тип прстени лесно се прспособуваат според потребите на нарачателот во однос на неговата ширина. Се разликуваат по декорацијата која може да биде изведена со врежување или убоди, најчесто во цик-цак линии, низа на попречно врежани линии, низа на наизменично врежани попречни и коси линии, полиња исполнети со кругови со овална форма разграничени со две попречни линии, додека еден од прстените носи христијанска симболика, така што е декориран со полиња изведени од крстови разделени со попречни линии изведени со убоди. Дел од декорациите се повторуваат кај повеќе прстени. Од овој тип прстени се откриени осум примероци од некрополата на Кале -Стрезов Град, и тоа седум откриени во гробовите 2, 3, 6, 12, 25, 26, 26а и еден вонгробен наод (сл. 7аж, Т. I. 2:1;T. I. 3:1; T. I. 6:1; T. I. 12:1; T. II. 25:1; T. II. 26:1; T. III. 26A:1). Иако се едноставни по форма и начин на изработка, оваа варијанта прстени сепак не е чест наод на некрополите во Македонија.16 Слична е ситуацијата и во Србија,17 додека во Бугарија18 и Хрватска19 е нешто почеста, но сепак не соодветствува по начинот на изработка. Се чини дека овој тип лентести прстени претставуваат варијанта изработувана од локалните мајстори. Се разликуваат од останатите наоди на Балканот по тоа што ширината на алката е многу потесна од вообичаеното, а нивата декорација не е производ само на одливокот во калап, туку тие се доработувани со златарски техники, за што сведочат бројните длабоки зарези и пунктирања. Најблиски паралели според морфолошките особини, но и според изведбата на декорацијата може да се најдат во прстените од Црквиште - Демир Капија,20 додека од поширокиот балкански ареал со по еден примероксе застапени на некрополите Одрци и Плиска во Бугарија21 и Богоевац во Србија.22 Лентестите прстени од територијата на Хрватска се датирани во текот на X - XI век,23 во Грција X - XII век,24 во Бугарија во X - XI век со можност одредени форми да опстојуваат до XIV век,25 додека во Србија тие се датираат од X до XIII век.26 Наодите од Кале - Стрезов Град може да се сместат во временска рамка на XIII - XIV век со посебен акцент на првата половина на XIV век. Ваквата датација може да се оправда со стратифицираните наоди од гробовите 5, 12 и 26 од Кале - Стрезов Град. Гробот 12 во кој е откриен лентест прстен се наоѓа под гробот 5 во чиј инвентар има полнолиен прстен со рамна глава и хералдички мотив на крин поставен во штит. Апсолутната датација на помладото погребување е 1366 година (+/- 30 години). Во гробот 26 лентестиот прстен е откриен во комбинација со полнолиен прстен со рамна кружна глава, што укажува на нивното паралелно користење во одреден период. Апсолутната датација на овој гроб укажува на првата половина на XIV век, односно 1321 (+/- 30 години). Слична е и датацијата на наодите од блиската некропола Црквиште - Демир Капија.27 За подоцнежното датирање на оваа варијанта на наоди укажува и нивното целосно отсуство од добро датираните некрополи од крајот на X до XII век, како што се Крстеви - Корешница, Ограда - Бистренци, Трнче - Пепелиште и Трпчева Црква - Мариово.28

Сл. 8 а-г – Полнолиени прстени.
Сл. 8 а-г – Полнолиени прстени.

На следниот тип припаѓа еден прстен од гробот 4. По начинот на обликување на алкаката е идентичен на претходната група, се издвојува по тоа што на местото каде што се спојуваат двата краја на лентестата алка залемена е рамна квадратна плочка (сл. 7з, T. I. 4:1). Плочката е декорирана со линеарна декорација, изведена со врежување, на алката се повторува декорацијата од претходната варијанта. Аналогни примери од поширокиот простор не се познати. Со оглед на сличноста со претходната варијанта, хронолошката рамка им се поклопува и може да се датира во XIII - XIV век со акцент на прва половина на XIV век.

Сл. 9 – Копчиња од гроб 28.
Сл. 9 – Копчиња од гроб 28.

На последниот тип прстени спаѓаат полнолиените прстени со издвоена рамна глава. Алката најчесто има пресек во форма на латинската буква „D“ од која со проширување се оформува проширената рамна глава. Главата на прстените е декорирана со врежување. Декорација може да е аплицирана и на рамењата. На оваа некропола се откриени четири примероци, по еден во гробовите 5, 26 и два примероци во гробот 2829 (сл. 8а-г; T. I. 5:1; T. II. 26:2; T. III. 28:1; T. III. 28:2). На прстенот од гробот 5 е изведена декорација во вид на трилистен крин поставен во триаголен штит (сл. 8а; T. I. 5:1), додека на прстенот од гробот 26 (сл. 8г; T. II. 26:2) и едниот прстен од гроб 28 (сл. 8б; T. III. 28:1) е изведена декорација од двоен крст. Вториот прстен од гробот 28 има кружно поле поставено централно во кое веројатно биле аплицирани украсни камење или стаклена паста која отпаднала (сл. 8в; T. III. 28:2). Околу него се врежани црти поставени радијално кои наликуваат дека имитирале натпис. Идентични прстени се најдени во гробот 237 од Црквиште - Демир Капија30 и од Сашка Црква - Ново Брдо.31

Формата на овие прстени е типична за IX - XV век, а во ареалот на Просек станува особено популарна во XIV век, односно од крајот на XIII до почетокот на XV век.32 По форма се аналогни на вереничкиот прстен на младиот крал Радослав, прецизно датиран во периодот меѓу ноември 1219 и 9 февруари 1220 година.33 Во прилог на оваа датација оди и декорацијата на прстенот од гробот 5 декориран со врежан мотив на трилистен крин во поле на штит. Претставите на крин стануваат посебно популарни кон почетокот на XIII и се среќаваат до XV век.34 Наодите од Кале - Стрезов Град се датирани во XIV век во согласност со апсолутната датација на гробот 5 (1366. +/-30 год) и гроб 26 (1321, +/- 30 год).

Сл. 10 – Железна тока од гроб 26.
Сл. 10 – Железна тока од гроб 26.

Во групата украси и делови од облека спаѓаат копчињата за облека и токите. Копчињата се воедно и најбројната група наоди. Застапени се од еден cè до единаесет примероци во едно погребување, а севкупно 30 примероци. Откриени се во седум погребувања, и тоа во гробовите 2, 4, 14, 21, 25, 26 и 28. Сите копчињата откриени во гробни целини се изработени од две шупливо лиени калоти кои се меѓусебе споени. На горниот крај од копчето е изведена ушка од тенка бронзена жица35 (сл. 9; T. I. 3:2а-в; Т. I. 4:3а-в; Т. II. 14:1а-г; Т. II. 21:1; T. II. 25:2а-в; T. II. 26:4а-ѓ; Т. III. 28:3а-и). Овој тип наоди се едни од најчестите меѓу инвентарот на средновековните некрополи во Македонија и пошироко на Балканот, почнувајќи од XII век cè до XVII век. Во Македонија се откриени на некрополите во Стоби, Прилеп, островот Голем Град - Преспа, Водоча36 итн. Од ареалот на Просек најраното датирано копче потекнува од гробот 142 од Црквиште - Демир Капија, откриено со монета на Мануил I Комнен (1143 - 1180). Меѓу наодите од Србија е востановена истата хронолошка рамка за оваа варијанта на наоди,37 додека во Бугарија се датирани пошироко од X до XIV век.38

Кон оваа група наоди припаѓа и една тока со облик на латинска буква „D“ изработена од железо. Трнот на токата не е зачуван (сл. 10; T. II. 26:3). Откриена е во гроб 26, пронајдена е на пределот над карлицата. Според останатиот движен археолошки материјал истата може да се датира во прва половина на XIV век.

Истражувањата на локалитетот Кале - Стрезов Град укажуваат на интензивно користење и обнова на оваа тврдина од крајот на XII до почеток на XV век. Оваа обнова е поврзана со времето на самостојните владетели на Просек, Добромир Хрс и Стрез, додека, пак, археолошките ископувања на некрополата укажуваат на особено интензивна активност на тврдината во втората и третата четвртина на XIV век. Па така, одредени активности во тврдината може да се поврзат и со познатите случувања опишани во наративните извори. Според Ј. Кантакузин, тврдината Просек во 1330 година била засолниште за приврзаниците на стариот византиски цар Андроник II Палеолог при крајот на граѓанската војна со неговиот внук Андроник III Палеолог.

КАТАЛОГ НА ГРОБОВИ

ГРОБ 1. Јама вкопана врз јужниот ѕид од наосот на црквата. Подлогата на гробот е круништето од ѕидот граден од варов малтер и камен. Дим. 1,60 х 0,60 m. Гробот е веднаш под површината. Покојникот е положен на грб со испружени нозе. Заради малата длабочина и ерозивноста на теренот е прилично уништен. Возрасна индивидуа.

Наоди: нема.

ГРОБ 2. Јама вкопана во карпа припоена до надворешната страна на јужниот ѕид од наосот на црквата. Подлогата на гробот 2 е карпа во којашто е вкопан самиот гроб. Дим. 1,95 х 0,20 - 0.40 m. Ориентацијата е запад - исток. Во јамата е оформена циста со вертикално поставени камени плочи. Страничните плочи се масивни со дебелина од 0,05 - 0,07 m. Конструкцијата е целосно покриена со плочи со дебелина 0,05 - 0,07 m. Покојникот e положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се прекрстени на карлицата. Черепот е свртен кон север. Маж на возраст до 40 години.

Наоди: бронзен лентест прстен над градите (инв. бр. ДКМДК А393, Т. I. 2:1); група од три бронзени копчиња до коските од десната и левата рака (ДКМДК А394; ДКМДК А395; ДКМДК А396) (T. I. 2).

ГРОБ 3. Јама вкопана во карпа припоена до надворешната страна на јужниот ѕид од наосот на црквата. Гробот делумно е поставен преку гробот 2. На запад подлогата е карпа, додека на исток е покривната плоча на гробот 2. Дим. 1,90 х 0,45 - 0,65 m. Ориентацијата е запад -исток. Гробот е веднаш под површината. Покојникот е положен на грб, нозете испружени, левата рака поставена на стомак додека десната на гради. Черепот свртен кон север. Жена, 40 - 45 години.

Наоди: бронзен лентест прстен на десна рака (ДКМДК А392); железен клинец покрај черепот (ДКМДК вл. бр. 398) (T. I. 3).

ГРОБ 4. Јама вкопана во карпа припоена до надворешната страна на јужниот ѕид од наосот на црквата. На исток и запад јамата стеснува, додека централно е поширока. Веројатно биле формирани две гробни јами што се пресекуваат. Дим.= 2.62 х 0,50 - 0,95 m. Ориентација запад - исток. Остатоци од примарното погребување е зачувано само во источниот дел од гробот. Гробот е веднаш под површината. Според овие остатоци може да се забележи дека покојникот бил положен на грб со испружени нозе. Скелетни остатоци од 5 индивидуи: маж до 40 години, 4/а жена до 40 години, 4/b жена 40-45 години, 4/c маж 50-55 години, 4/d дете околу 5 години.

Наоди: две мешести лунулести сребрени наушници (ДКМДК А386; ДКМДК А387); еден лентест прстен со квадратна глава (ДКМДК А385); група од три бронзени копчиња (ДКМДК А383; ДКМДК А384; ДКМДК А535) (T. I. 4).

ГРОБ 5. Јама вкопана во разрушениот слој на просторија „Б“. Дим. 1,70 х 0,60 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробната конструкција е оштетена, а се зачувани само четири вертикално поставени плочи меѓу покојникот и јужниот ѕид од просторијата. Поместен е кон запад од постарото погребување (гроб 12). Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, рацете прекрстени врз стомак. Черепот свртен кон југ. На десната рака прстен. Скелетот е лошо зачуван. Жена на возраст од 45 - 50 години.

Наоди: полнолиен бронзен прстен со рамна глава (ДКМДК А421) (T. I. 5).

ГРОБ 6. Растурен гроб чиишто дислоцирани остатоци се поставен меѓу гробовите 5 и 7. Нема гробна јама ниту гробна конструкција. Остеолошкиот материјал се наоѓа на простор со дим. 1,30 х 0,75 m. Жена на возраст 25 - 30 години.

Наоди: лентест бронзен прстен (ДКМДК А423) (Т.I.6).

ГРОБ 7. Јама вкопана во постаро погребување (гроб 13). Покојникот од погребувањето 7 е поместен кон исток од постарото погребување, без да го нарушува. Дим. 1,70 х 0,70 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробната конструкција сочинета од вертикално поставени плочи, дополнително заграден со тегули од т.н. комниновски тип. Черепот е поместен кон исток. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете прекрстени на карлицата. Маж на возраст 20 - 25 години.

Наоди: Нема

ГРОБ 8. Јама вкопана во разрушениот слој во северозападниот агол на просторијата „Б“. Димензиите на конструкцијата се: 1,80 х 0,55 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробната конструкција е сочинета од странично поставени плочи од јужната страна, додека од западната и северната страна во гробната конструкција е оградена со ѕидовите на просторијата „Б“. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се спуштени на карлицата. Черепот е свртен кон север. Скелетот е лошо зачуван, посебно во пределот на долните екстремитети. Жена на возраст 40 - 45 години.

Наоди: Нема

ГРОБ 9. Јама вкопана во разрушениот слој на просторија „Б“. Дим. 1,90 х 0,55 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробната конструкција е изведена само крај потколениците на покојникот од вертилкално поставени плочи, покриени со една заедничка. На западната страна, веднаш зад главата на покојникот, има една вертикално исправена плоча во функција на граничник. Источниот дел од конструкцијата завршува покрај писцината. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се прекрстени на карлицата. Черепот е положен врз плоча благо свртен кон север, а странично се поставени два камења. Скелетот е добро зачуван. Маж на возраст 40 - 45 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 10. Јама вкопана во слој од жолта глинеста земја. Се наоѓа во северната припрата, источно од гробницата „А“. Дим. 1,40 х 0,50 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробната конструкција е оформена од вертикално поставени плочи, само над черепот е поставена покривна плоча. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се прекрстени врз градите. Черепот е свртен кон југ. Скелетот е лошо зачуван. Дете на околу 2 години.

Наоди: Нема

ГРОБ 11. Растурен гроб чиишто скелетни остатоци се собрани во северната припрата. Жена на возраст од 40 - 45 години.

Наоди: Железен предмет (ДКМДК вл. бр. 644) (T. I. 11).

ГРОБ 12. Јама поставена во југоисточниот дел на просторијата „Б“ под јамата на гробот 5. Подлогата на гробот е малтерниот под од просторијата. Дим. 1,90 х 0,70 м. Ориентацијата e запад - исток. Гробната конструкција e составена од две вертикално поставени плочи од западната страна и два камења поставени во пределот на стапалата на покојникот. Јужниот ѕид и северниот ѕид на просторијата ја заградуваат гробната јама, додека од север e заградена со ѕиданата писцина. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се прекрстени на градите. Черепот е благо свртен кон југ. Скелетот е добро зачуван. Жена на возраст од 25 - 30 години.

Наоди: лентест бронзен прстен (ДКМДК А431) (T. I. 12).

ГРОБ 13. Јама вкопана во постарото погребување на гробот 14, поместена кон запад. Дим. 1,90 х 0,70 m. Ориентацијата е запад - исток. Черепот е заграден со два камења, поставени лево и десно, зад вертикално поставената исправена плоча. Во останатиот дел ја користи гробната конструкција на постарото погребување. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на карлица. Скелетот е добро зачуван, освен левата и десната потколеница, коишто веројатно се дислоцирани јужно од гробот 13 при вкопувањето на помладото погребување во гробот 7. Маж на возраст од 40 - 45 години.

Наоди: Нема

ГРОБ 14. Гробот 14 се наоѓа во североисточниот агол на просторија „Б“, покрај северниот ѕид. Гробот 14 се наоѓа под гробот 13. Дим. 2,05 х 0,55 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробот има конструкција од масивни, вертикално поставени странични плочи. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се прекрстени на стомак. Главата е поткрената со камен, свртена кон север. Маж на возраст од 25 - 30 години.

Наоди: група од четири бронзени копчиња (ДКМДК А495; ДКМДК А499; ДКМДК А533; ДКМДК вл. бр. 766) (T. II. 14).

ГРОБ 15. Гробот се наоѓа под конструкцијата на гробот 10, покрај надворешната страна на северниот ѕид од наосот на црквата, источно од гробницата „А“. Подлогата е покривната конструкција од камен и тегули на гробот 22 врз кој е поставен. Дим. 0,77 х 0,39 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробот е детски и има конструкција со трапезаста форма изведена од камени плочи и аморфен камен. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на стомакот. Остеолошкиот материјал е лошо зачуван. Дете на околу 4 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 16. Правоаголна јама вкопана во карпа. Се наоѓа во северната припрата на црквата покрај јужниот ѕид. Дим. 1,00 х 0,35 - 0,4 m. Ориентацијата е запад - исток. Конструкција нема, освен една вертикално поставена плоча, во функција на граничник позади главата на покојникот. Покојникот положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на стомакот, главата е благо свртена кон север. Дете на околу 4 години.

Наоди: парче перфорирана школка (ДКМДК А402) (T. II. 16).

ГРОБ 17. Јама вкопана во темноцрвена компактна земја. Се наоѓа во северната припрата, источно од гробницата „А“. Дим. 1,0 х 0,45 m. Ориентацијата е запад - исток. Без конструкција, ограничен е со северниот ѕид на северната припрата. Скелетот е лошо зачуван, а недостасува десната подколеница. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете положени на стомакот. Под главата на покојникот е поставен камен со кој таа е поткрената. Маж на околу 40 - 45 години. Во гробот има остеолошки материјал од уште една индивидуа 17а, жена на возраст од 50 - 55 години.

Наоди: железен предмет (ДКМДК вл. бр.726) (T. II. 17).

ГРОБ 18. Јама вкопана во жолтеникава земја. Гробот се наоѓа прилепен на надворешната страна од северниот ѕид на просторија „Б“. Дим. 0,85 х 0,45 m. Ориентацијата е запад - исток. Во јамата е оформена конструкција од тегули на две води. Покојникот е положен на грб, а скелетните остатоци се лошо зачувани. Дете на возраст до една година.

Наоди: Нема.

ГРОБ 19. Јама со овална форма вкопана во карпа. Се наоѓа прилепен од надворешната страна на северниот ѕид на просторија „Б“. Дим. 2,10 х 0,5 m. Ориентација запад - исток. Во јамата конструкција од камења наредени по работ. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на стомакот. Во источниот дел на гробот, покрај нозете се положени скелетни остатоци од постаро погребување (19а). Маж на возраст 20 - 25 години, 19а маж на возраст 40 - 45 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 20. Јама вкопана во карпа, се наоѓа северно од просторија „Б“. Дим. 1,09 х 0,3 m. Ориентацијата е запад - исток. Без конструкција. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на стомакот. Скелетот е лошо зачуван и е нецелосен, недостасува черепот и речиси целата лева половина. Дете на возраст 12 - 14 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 21. Јама вкопана во карпа. Се наоѓа на север од северната припрата на црквата. Дим. 1,05 х 0,3 m. Ориентацијата е запад - исток. Поради големиот нагиб и ерозијата на теренот не е зачувана конструкцијата на гробот. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на стомакот. Скелетните остатоци се лошо зачувани. Дете на возраст од околу 8 години.

Наоди: бронзено копче (ДКМДК А496) (T. II. 21).

ГРОБ 22. Јама вкопана во жолтеникава набиена земја. Се наоѓа во северната припрата прилепен до јужниот ѕид, а веднаш под гробот 15. Дим. 1,15 х 0,5 m. Ориентацијата e запад - исток. Гробот има конструкција на вертикално поставени плочи и тули (деб. 0,07 m), а како челна плоча на запад е поставена тегула. Конструкцијата е целосно покриена со камени плочи, имбрекси и тегули од лаконски тип кои се секундарно употребени. Широчината на лаконските тегули е 0,47 m, а дебелина од 0,025 - 0,03 m. Скелетот е лошо зачуван. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а левата рака е поставена на стомак, десната не е зачувана. Дете на околу 3 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 23. Јама вкопана во разрушениот слој на просторијата „А“. Се наоѓа покрај северниот ѕид, над гробот 26. Дим. 1,75 х 0,55 m. Ориентацијата е запад - исток. Гробот е без конструкција, а скелетот е поставен преку покривните плочи од гробот 26. Единствено черепот е целосно покриен со 3 фрагментирани тегули. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, левата рака е поставена на градите, а десната на стомакот. Маж на возраст од 25 - 30 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 24. Јама вкопана во разрушениот слој на просторијата „А“, додека самата конструкција е вкопана во карпа. Се наоѓа централно поставен во просторијата. Дим. 2,00 х 0,65 m. Ориентацијата е запад - исток. Конструкција е изведена од вертикално поставени плочи што формираат циста со неправилна правоаголна форма со должина од 1,82 m. Конструкцијата е покриена со камени плочи во разни форми и дебелина. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, левата рака е поставена на градите, а десната на стомакот. Черепот е поставен на плоча. Маж на возраст 40 - 45 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 25. Јама вкопана во разрушениот слој, долниот дел е вкопан во карпа. Се наоѓа во северниот дел на просторијата „А“ Дим. 2,05 х 0,51 m. Ориентацијата е запад - исток. Во гробната јама изведена е конструкција во вид на циста од вертикално поставени плочи. Конструкцијата е покриена само на западниот крај. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, левата рака е поставена на градите, додека десната на стомакот. Под черепот е поставена плоча, кој е поткренат и благо свртен кон југ. На источниот дел од гробот има групација на коски од дислоцирани гробови (25А). Жена на возраст 40 - 45 години, во групацијата 25А остеолошките остатоци се од 4 индивидуи 25/а, возрасна жена, 25/b жена на возраст 55 - 60 години, 25/c маж на возраст 40 - 45 години, 25/d дете на околу 9 месеци.

Наоди: бронзен лентест прстен (ДКМДК А513); група од три бронзени копчиња (ДКМДК А530; ДКМДК А552; ДКМДК А550); бронзено топче (ДКМДК вл. бр. 762); железен предмет (ДКМДК вл. бр. 767) (T. II. 25).

ГРОБ 26. Јама вкопана во разрушениот слој од просторијата „А“, додека долниот дел вкопан во карпа. Се наоѓа во јужниот дел од просторијата. Дим. 2,15 х 0,61 m. Ориентацијата е запад - исток. Во јамата е оформена конструкција од вертикално странично поставени плочи. Конструкцијата е целосно покриена со камени плочи. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а раце се прекрстени преку стомакот. Главата е поткрената и благо навалена кон север. На западниот дел има секундарно поставен череп, додека на источниот дел има групација на коски (26А). Маж на возраст 20 - 25 години. Има остеолошки остатоци на дислоцираниот покојник 26/а, маж на возраст 45 - 50 години.

Наоди: еден лентест бронзен прстен (ДКМДК А539); еден полнолиен бронзен прстен со рамна глава (ДКМДК А554); железна тока (ДКМДК А555); група од шест бронзени копчиња (ДКМДК А551; ДКМДК А556; ДКМДК А557; ДКМДК А558; ДКМДК А559) (T. II. 26); во групацијата коски: лентест бронзен прстен (ДКМДК А526) (T. III. 26A)

ГРОБ 27. Јама вкопана во разрушениот слој. Се наоаѓа северно, покрај просторијата „А“. Дим. 0,8 х 0,3 m. Ориентацијата е запад - исток. Конструкција од вертикално поставени камени плочи и тегули. Скелетот е слабо зачуван. Покојникот е положен на грб, а нозете се испружени. Дете на возраст од околу 9 месеци.

Наоди: Нема.

ГРОБ 28. Јама вкопана во карпа. Се наоѓа јужно од наосот на црквата, делумно се пресекува со јамата на гробот 4. Дим. 1,90 х 0,54 m. Ориентацијата е запад - исток. Во јамата има конструкција од вертикално поставени камени плочи, делумно покриена со плочи на источниот и западниот дел, односно над главата и нозете. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се прекрстени на градите. Главата е свртена кон север. Жена на возраст 25 - 30 години.

Наоди: два полнолиени бронзени прстени со рамна глава (ДКМДК А536; ДКМДК А540); група од единаесет бронзени копчиња (ДКМДК А537; ДКМДК А538; ДКМДК А539; ДКМДК А534; ДКМДК А542; ДКМДК А544; ДКМДК А545; ДКМДК А546; ДКМДК А547; ДКМДК А548; ДКМДК А549); железен клин со овална глава (ДКМДК А541) (T. II. 28).

ГРОБ 29. Јама вкопана во карпа. Се наоѓа јужно од наосот на црквата. Дим. 1,10 х 0,45 m. Ориентацијта е запад - исток. Гробната конструкција е изведена од вертикално поставени камени плочи и е делумно уништена. Покојникот е положен на грб со испружени нозе. Скелетните остатоци во голема мера се уништени, зачувани се само коските од долниот дел на трупот. Маж на возраст од 50 - 55 години. Покрај примарното погребување, има и скелетни остатоци од уште четири индивидуи: 29/а жена на возраст од 20 - 25 години, 29/b дете на возраст од 4 - 6 години, 29/c дете новороденче, 29/d дете на возраст од 7 - 8 години.

Наоди: бронзена обетка - алка (ДКМДК А534) (T. III. 29).

ГРОБ 30. Јама вкопана во карпа. Заради ерозивноста на просторот е откриен речиси на површина. Се наоѓа јужно од наосот на црквата. Дим. 1,40 х 0,50 m. Ориентацијата е запад - исток. Конструкција е од вертикално поставени грубо делкани варовници со кои покојникот бил делумно ограден кај главата и нозете. Тој е целосно покриен со долгнавести варовнички камења. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а десната рака е повиена во лактот со шепата поставена на десно рамо, додека левата рака е благо повиена и е поставена на стомак. Черепот е подигнат и благо свртен кон југ. Скелетните остатоци се лошо зачувани. Жена на возраст од 35 - 40 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 31. Јама вкопана во карпа, конструкцијата е откриена на самата површина, заради интензивната ерозија. Се наоѓа јужно од наосот на црквата. Дим. 1,17 х 0,7 m. Ориентација e запад - исток. Јамата e оградена со масивни долгнавести варовници, од јужната страна оградните камења се изместени. Конструкцијата е покриена со две монолитни плочи. Покојникот е положен на грб, нозете му се испружени, а рацете се поставени на стомакот. Во пределот над градите и десното рамо е поставена една фрагментирана тегула. Главата малку е подигната и свртена надесно. Скелетниот материјал е лошо зачуван. Дете на возраст од околу 4 години.

Наоди: Нема.

ГРОБ 32. Јама е вкопана во карпа. Се наоѓа јужно од наосот на црквата. Дим. 0,9 х 0,45 m. Ориентацијата е запад - исток. Конструкција изведена од масивни долгнавести варовнички камења странично поставени. Конструкцијата е зачувана само во источниот дел. Зачувани се само скелетни остатоци од долните екстремитети. Покојникот е положен на грб, а нозете се испружени. Жена (?) на возраст над 40 години.

Наоди: Нема.

Т.I – Гробни наоди
Т.I – Гробни наоди
Т.II – Гробни наоди
Т.II – Гробни наоди
Т.III – Гробни наоди
Т.III – Гробни наоди

Белешки

  1. Археолошките истражувања во 2015 - 2017 година беа финансирани од страна на Министерството за култура, а истражувањата во 2018 година беа изведени со сопствени средства на Институтуот за старословенска култура - Прилеп. Носител на дозволата за археолошките ископување е Институтот за старословенска култура - Прилеп под раководство на авторот на текстот. Во целиот период истражувањата се одвиваат во соработка со Музејската збирка при Домот на култура „Мирка Гинова“ - Демир Капија, со вклученост на Цветанка Тодоровска-Митрева, виш кустос. ↩
  2. Микулчиќ И., 1989, 65-87; Микулчиќ Г., 1987, 177-194; Чаусидис Н., 1987, 171-196; Petrov O., 2018, 405-425; Петров О., 2018, 135-141. ↩
  3. Микулчиќ И., 1989, 65-87; Микулчиќ И., 1996, 230-238; Томоски Т., 1978, 270-278; Мутафчиев П., 1925, 118-120. ↩
  4. Петров О., 2018 , 135-141; Petrov O., 2018, 405-425; Вељановска Ф., 2017, 115-125. ↩
  5. Манева Е., 1995, 64. ↩
  6. Petrov O., 2018, 405-425. ↩
  7. Одредени отклонувања од ваквата поставеност запад - исток се појавуваат на сите истражени некрополи од овој ареал, а, главно, се поврзани со сончевата енклиптика кај некрополите Крстеви и Копанец - Корешница (Манева Е., 1996, 187; Манева Е., 2000а, 33; Манева Е., 1999, 342) и Ограда-Бистренци (Блажевска Л., 2005, 248), додека, пак, на некрополите Црквиште-Корешница (Петров O., 2017, 71-78) и Црквиште - Демир Капија (Aleksova B., 1966, 26-26) се поврзани со приспособувањето кон архитектонските остатоци од постарата ранохристијанска црква и густината на гробовите. ↩
  8. Aleksova B., 1966, 27. ↩
  9. Примери за поставување подглавје под черепот се откриени на некрополите во Преслав, Бдинци, Виница, Дјадово во Бугарија (Въжарова Ж., 1977, 41; Въжарова Ж., 1976, 348; Borisov B., 1989, 333, fig. 374), Чезава, Песача, Равна на Ѓердап, Сремска Митровица, Станичењу во Србија (Марјановић-Вујовић Г., 1984а, 123; Минић Д., 1984, 173; Ерцеговић-Павловић С., 1984, 254-255; Поповић М. и други, 2005, 34-35), на Беговача, Лопушка Глава-Книн, и на неколку локалитети во Истра во Хрватска (Jelovina D. - Vrsalović D., 1981, 67; Gunjača S., 1954, 24; Marušić B., 1955a, 98-101.; Marušić B.,1955b, 339, sl. 2). ↩
  10. Живот Стефана Немање, 20-21. Во ова хагиографско дело напишано од свети Сава е опишана последната желба на неговиот татко, кој пред смртта побарал да го подготват на свет начин, а неговата глава да биде поставена врз камен. ↩
  11. Јовановиќ В., 1970, 124-125., претпоставува дека ова можеби било само дел од монашкиот погребен ритуал, но сепак, и самиот воочува дека во регионот на Истра се откриени и во машки и во женски погребувања, дури во неколку случаи и кај деца. ↩
  12. Bešlagić S., 1974, 196-212, особено 194-201; Филиповић M., 1928, 289-292; Филиповић M., 1932, 201; Смиљанић-Брадина T., 1928, 347-348; Шневајс E., 1929, 277-279; Matičetov M., 1955, 231-254. Овој обичај бил присутен скоро на целата територија на Македонија, го има во Гевгелиско, Струмичко, Малешевијата, Дебар, Прилеп, Велес, Костур, застепен е и во Грција, Србија, Романија, Словенија, нешто поретко и во Хрватска и Босна и Херцеговина. Со оглед на воведените закони, кон почетокот на минатиот век ова „раскопување по адет“ како што е наречено во Гевгелија, е забрането од властите и полека почнало да замрува, сепак, во Велес е документирано cè до 1927 година. Според постоечката документарна граѓа овој обичај најдолго се задржал во употреба во областа Тесалија во Грција, каде е забележано негово активно практикувања до крајот на седумдесеттите години на минатиот век (Danforth L., 1982, 9-23). Во Македонија и Словенија е забележано дека овој обичај за раскопување или повторно погребување се одржувал на 3 до 7 години по смртта на покојникот (Смиљанић-Брадина T., 1928, 347-348; Danforth L., 1982, 23, 49), и тоа најчесто четвртата сабота пред Велигден за време на велигденските пости (Шневајс 1929, 277-278). По обавувањето на обредите, коишто некаде траеле и до четириесет дена се организирал втор погреб со свештеник и опело а остатоците биле повторно погребувани во истиот гроб, покрај него, во фамилијарната или пак црковната костурница (Смиљанић-Брадина T., 1928, 347; Филиповић M., 1928, 290.; Bešlagić S., 1971, 195-196; Шневајс E., 1929, 278). ↩
  13. Petrov O., 2018, 405-425. ↩
  14. Трајковски К., 1990-1991, 235-246, T.V.20; Манева Е. - Ананиев Ј., 1990, 220-222, T. V, сл. 2. ↩
  15. Алексова Б., 1957, 47-57, сл. 1, 4; Aleksova B., 1966, 39, T. VI, sl. 27, T. XV, sl. 113, 117-119. ↩
  16. Манева Е., 1992, 83, Т.75, 93/14; Т. 75, 93/15; Т. 75, 86/19; Т. 75, 57/1. ↩
  17. Bikić V., 2010, 91, sl. 59. ↩
  18. Григоров В., 2007, 47, обр. 57; Borisov B., 1989, 278-279, fig. 327; Въжарова Ж., 1976, 279, обр, 10аб. 11аб. ↩
  19. Petrinac M., 2009, 241-242. ↩
  20. Во монографското издание за оваа некропола на Б. Алексова (Aleksova B., 1966) овие прстени не се презентирани. Во документацијата на Археолошкиот музеј на Македонија се заведени неколку прстени од овој тип кои потекнуваат од Црквиште - Демир Капија, а се водат со вл. бр. 25748, 25772, 25782, 25787, 25794, 25835, 25837. ↩
  21. Дончева-Петкова Љ., 2005, 116-118, обр. 14.1607,Т. XCII.7; Димитров Я., 1995, обр. 714. ↩
  22. Станојевић Н., 1989, 42, сл. 211. ↩
  23. Petrinac М., 2009, 240-248, T. 315. ↩
  24. Corinth XII, type K, 230, Pl. 105, cat. no. 1915-1916, type K. ↩
  25. Григоров В., 2007, 47.1. Според останатиот гробен инвентар, наодот од Плиска е датиран XI до крај на XII век. Димитров Я., 1995, обр. 714. ↩
  26. Bikić V., 2010, 91. ↩
  27. Единствено наодот од гробот 181 од Црквиште - Демир Капија внесува забуна и наведува на нивно можно датирање од крајот на X - XI век. Сепак, со оглед на начинот на којшто овој гроб е презентиран, постоењето на овој прстен во гробот треба да се земе со резерва. ↩
  28. Манева 2000а.; Блажевска Л., 1995, 189-205.; Блажевска Л., 1996, 201-212; Блажевска Л., 2005, 239-253.; Манева Е., 2000b.; Кепеска Л., 2008. ↩
  29. Од гробницата „А“ од Кале - Стрезаов Град потекнуваат уште три примероци од овој тип прстени од коишто два се одликуваат со релјефни испакнувања на рамењата. Спореди, Petrov О., 2018, 416-417, cat. No. 2, 3, 4, Pl. II. 2, 3, 4. ↩
  30. Aleksova B.,1966, T.XVIII, sl. 200. ↩
  31. Зечевић Е., 2006, 88-89, 188, кат. бр. 59 ↩
  32. Манева Е., 1992, 88-93; Bikić В., 2010, 93-96; Григоров В., 2007, 52-57. ↩
  33. Bikić V., 2010, 95; Радојковић Б., 1966, 90-94, Т. 17 и 18. Овој прстен е изработен по нарачка при објавувањето на свршувачката на младиот крал Радослав со Ана, ќерката на Теодор I Ангел. ↩
  34. Кринот е еден од најраспространетите украси во средновековниот период од територијата на Византија до крајбрежјето на Ла Манш. Кринот е познат како атрибут на Богородица, на чедноста и девственоста притоа често е претставен на женските прстени, особено во XIII век кога го достигнува зенитот на почитувањето на нејзиниот култ на овие простори. Еден од најдобро и најрано датираните прстени со претстава на крин потекнува од Бугарија датиран во 1208 година и е познат како прстенот печатник на деспотот Слав кој владеел во родопските области. Радојковић Б., 113-115; Манева Е., 1992, 93. ↩
  35. Во гробницата „А“ се откриени и друг тип копчиња изработени од една полукалота, со кружна јамка на врвот. Спореди Petrov O., 2018, cat. No. 5, 6, 7, 8, Pl. II.5, 6, 7, 8. ↩
  36. Алексова B., 1966, 60-61, Т. XIX, sl. 239-255; Битракова-Грозданова В., 2011, 197-199; Манева Е., 1992, 34-36, Т. 99-100. ↩
  37. Според Bikić V., 2010, 113-114, најраните копчиња во Србија се појавуваат во XII-XIII век. Д. Радичевиќ копчињата со брадавичест завршеток ги датира во XIV-XVI век со посебен акцент на XV и XVI век. Спореди Radičević D., 2011/2012, 91, Pl. 25.20-23; Радичевић Д., 2000, 103, Т. I.84. ↩
  38. Гатев П.,1977, 31, орб. 2, тип I-3, тип II. Копчиња аналогни на првата од ареалот на Просек се откриени на некрополата Луковит во Бугарија, каде според останатиот движен материјал се датирани во XIII - XIV век. Спореди Станчев И. - Начева С., 1960, 71-98; Јовановић В., 1987, 121-123, 129-130. ↩

Summary

Medieval Necropolis at the Site Kale Strezov Grad near the Village of Čelevec - Demir Kapija

Between 2015 and 2018, at the site Kale-Strezov Grad in the village of Chelovec, near Demir Kapija, there were archaeological excavations carried out at the northern plateau, outside of the fortified perimeter of the fortress. A church with at least four construction phases was discovered in this area, the earliest dating to mid- 6th century, while the last one to the end of the 14th and the beginning of the 15th century. Among and around the architectural remains of the church from the first phase, a necropolis with inhumation developed in the Middle Ages. 32 burials have been investigated. The small area of the plateau caused the repeated use of the same graves, and part of the skeletal material was dislocated and reburied in the free spaces between the graves, or in the eastern part of the already existing burials. The deceased were placed in an extended position with a west-east direction within the allowed deviations conditioned by the terrain and the architectural remains. The arms of the deceased are laid in many variations: on the pelvis, abdomen or chest without any obvious patterns. A special feature is the placement of headrests under the skulls, as well as stones placed to the left and right, probably with the function of keeping the head set straight towards the east.

The grave finds represent part of the deceased’s personal belongings, jewelry and pieces of clothing. Among the jewelry there is head jewelry and hand jewelry, while on the pieces of clothing there are buttons and buckles.

The movable archeological material, as well as the absolute dating of the skeletal material from two burials (graves 5 and 26) indicates the active use of the necropolis in the 14th century.

Библиографија