Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 217–232

Погребниот третман на децата до едногодишна возраст од Југоисточната некропола во Скупи

УДК 904:393-053.3(497.712)”652”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124217k

Содржина
  1. Вовед
  2. Застапеност на инфантите на некрополата во Скупи
  3. Третман на телото и гробна конструкција
  4. Керамички садови
  5. Светилки и теракоти
  6. Стакло
  7. Предмети од коска
  8. Монети и накит
  9. Заклучни согледувања

Вовед

Истражувањата на некрополите од римскиот период, покрај тоа што ни даваат драгоцени податоци за римските фунерарни практики, во голема мера ни откриваат и значајни нови сознанија поврзани со различни социо-културни појави кои го дефинирале римското општество, како што се демографијата, социјалните разлики или односот меѓу разните возрасни и полови групи. Во тој контекст, еден од поинтересните аспекти е проучувањето на погребниот третман на детските покојници од најмалата возрасна група, односно на децата до првата година од животот, со кој се открива и односот на римската заедница кон оваа возрасна група.

Причина плус за вакво подлабоко испитување на погребната практика на инфантите1 лежи и во релевантното мислење засновано на бројни текстови од римските литерарни извори кои ја истакнуваат маргиналната улога на новородените деца во римското општество, а со тоа и потребата да се ограничи или исклучи степенот на тагување, односно погребната почест која треба да ја добијат покојниците од оваа старосна група како неполноправни членови на римското општество.2 Ваквите ставови на римските автори, поттикнати од одредени филозофско-морални начела и искажани од позиција на владеачката класа со која споделувале сличен светоглед, во голема мера влијаеле и врз денешното разбирање во однос на погребниот третман на најмладите членови од римското општество, често толкуван како индиферентен или без доволно грижа во изведувањето на погребниот ритус.

За да ги провериме овие мислења, археолошките ископувања на римските некрополи се неизбежна патека преку која веродостојноста на пишаните податоци може да се соочи со актуелниот контекст на погребните остатоци. Југоисточната некропола во Скупи со своите речиси 5200 истражени гроба содржи извонредна основа на податоци која може да послужи во испитувањето на односот на скупското население кон најмалата возрасна група во империјалниот период, но и да одговори на прашањето како се справувале скупјаните со предвремената смрт на новороденчињата. Притоа, ќе го одредиме степенот на нивната застапеност во рамките на некрополата, погребниот третман на телото и заштита со гробна конструкција, како и опременоста со гробни добра, како индикативни параметри при одредувањето на формалните карактеристики за правилна изведба на погребниот ритус. Исто така, во завршните разгледи ќе се обидеме да откриеме дали специфичниот фунерарен третман на инфантите има поврзаност со различните развојни фази од општествената интеграција на децата во рамките на римската заедница.

Југоисточната некропола на Скупи е една од ретките римски некрополи чијшто скелетен материјал од инхумираните гробови е речиси целосно обработен од страна на физичките антрополози.3 За полесно детектирање на промените во формата на погребниот третман овој возрасен период на инфантите е поделен во четири групи: перинатални (непосредно околу раѓањето), неонатални (0 - 6 месеци), постнеонатални (6 - 12 месеци) и покојници околу 1 година од животот. За потребите на оваа студија е опфатен само индивидуалниот третман на починатите деца, а се изоставени групните погребувања регистрирани во три случаи каде остатоците на најмалите деца се пронајдени погребани заедно со други постари деца или повозрасни индивидуи или, пак, примерот на млада жена со остатоци од фетус.

Застапеност на инфантите на некрополата во Скупи

Остатоците на деца помлади од 12 месеци се регистрирани на голем број некрополи од римскиот период насекаде во римскиот свет, но нивниот процент на застапеност е невоедначен, односно варира и е различен за секоја некропола посебно, во зависност од степенот на нејзината истраженост или методот на работа. Анализите направени врз истражените римски некрополи од империјалниот период на територијата од Италија покажуваат дека тие се движат или прилично под 10 % (1,6 - 2,2% во Губио и Порторекаранти; 2,5% во Урбино; 5,8% на Виа Латина веднаш надвор од Рим), меѓу 10 - 14% (11% во Виа Колатина надвор од Рим; 12,5% на истиот пат; 13,9% во Квадраро близу Рим) или само во еден случај на преку 30% (31% во Велија).4 Слични резултати се добиени и од некрополите во римска Галија и Германија каде овој процент се движи од 3% (Сен Пол Труа Шато), околу 8% (Марсеј), 15% (Кемптен) до 26% (Аргентон).5 На просторот од римската провинција Горна Мезија, во која влегува и градот Скупи, процентуална анализа од овој вид е обезбедена единствено од раноримската некропола Више Гробаља во Виминакиум, каде бројот на погребани инфанти се движи околу 9,6%.6

На југоисточната некропола во Скупи, која според обемот на ископувањата спаѓа во редот на подобро истражените некрополи од римскиот период (квантумот на гробови кои се предмет на оваа анализа изнесува 4556), овој процент се движи меѓу пониските вредности констатирани на римските некрополи, односно варира меѓу 3,4% - 4,3%, при што варијаблата од 0,9% меѓу овие две нумерички вредности се однесува на случаи на секундарно откриени растурени остатоци, вообичаено пронајдени во полнежот од кремациите или инхумациите.7 Сепак, мора да бидеме свесни и околу извесниот степен на точност во детерминацијата на возраста на одредени индивидуи од најмалата старосна група, имајќи ја предвид нивната лоша зачуваност, како и сензитивноста на скелетниот материјал на толку мала возраст. Очигледен е примерот со гробот 3856 каде на саркофагот стои натпис дека детето Велинус Еуходус починало на 1 година и 7 месеци, додека од физичките антрополози неговите остатоци се определени како на дете од 0 до 6 месеци.

Смртноста на децата во римскиот период била многу голема, според некои современи пресметки дури 50% од децата не би го дочекале 10-от роденден, додека само за до првата година од животот се сугерира дека смртноста се движела меѓу 20 и 40%.8 Ако се земат овие процени како валидни, слабата застепеност на погребани новородени деца во нашата, но и кај другите некрополи каде се регистрирани пониски процентуални вредности, може да се должи на низа фактори кои ги условиле овие резултати. Во прв ред тоа е степенот на истраженоста на една некропола, како и можноста од постоење посебен дел од некрополата каде што се погребувале припадниците на оваа возрасна група.9 На југоисточната некропола во Скупи засега не е регистрирано постоење вакви издвоени парцели, туку погребувањата на инфантите се среќаваат разместени насекаде по нејзината површина. Иако во одредени делови може да се забележи извесно групирање на детските гробови, тие се сепак без тенденција за организирано погребување надвор од останатите возрасни групи.

За одреден процент на покојници од најмалата возраст, со оглед на ронливата скелетна структура на малите коски погребани најчесто без гробна заштита, може да се претпостави дека е уништен и при почетните работи на заштитните ископувања, каде горните рецентни слоеви до нивото на кремациите беа симнати со тешка механизација, хоризонт во кој се депонирани голем број од најмалите покојници вкопани плитко под површината. Во одредени случаи и киселоста на почвата може да доведе до целосна дезинтеграција на скелетната маса, при што понекогаш остатоците од гробните добра или големината на гробната јама - ако воопшти ги има или има елементи за нивно детектирање - се единствените показатели за присуство на погребување.

Како посебна причина за слабата застапеност на најмалите покојници од заедничките места за погребување може да се наведе и нивното присуство надвор од вообичаениот фунерарен контекст на некрополите, односно појавата на закопување на фетуси или новородени деца во и околу просториите за живеење во рамките на градскиот помериум, феномен којшто засега на територијата на Скупи е забележан само во периодот на доцната антика.10 Оваа појава, која доцноримскиот граматик од V век Фулгентиус ја опишува со терминот сугрундарија,11 односно погребување под куќните стреи на деца починати до 40. ден,12 засега не можеме да ја потврдиме во времето на раноцарското Скупи, затоа што остатоците од овој период речиси и да не се воопшто истражени, иако е познато дека ваквата практика е регистрирана и во класичниот предримски период нашироко во медитеранскиот свет.

Третман на телото и гробна конструкција

На југоисточната некропола во Скупи, но, генерално, и во сепулкралната практика на раното Римско Царство, не било вообичаено да се кремираат најмалите деца. Постои несогласување во академската средина засновано, пред cè, на еден пасус од Плиниевата Историја (Pliny, NH 7. 16. 72), каде тој наведува дека децата пред да им излезат забите не се кремираат, дали тоа се однесува на нивните млечни заби,13 а со тоа и на забраната за кремирање на новороденчиња до возраста некаде меѓу 6 месец до првата година или, пак, важи за перманентните заби кои се јавуваат околу 7. година.14

Податоците од терен покажуваат дека сепак помалите детски покојници биле повеќе инхумирани отколку кремирани во текот на целиот римски период и дека кремацијата била практикувана, барем во овој дел од Римското Царство, на деца на малку поголема возраст, можеби токму од оној праг на 6- или 7-годишна возраст кога децата стануваат поактивно вклучени во социјалниот живот на римската заедница. Се разбира, има исклучоци кои се јавуваат и не баш толку ретко на кремирање на најмалите деца идентификувани на бројни римски некрополи,15 но тие сепак варираат различно од регион до регион и се чини ги рефлектираат локалните традиции на разни етнокултурни групации.

Табела 1. Заштита на телото со гробна конструкција
Табела 1. Заштита на телото со гробна конструкција

Во најголем број случаи, односно 82% (79% кај перинаталните, 89% кај неонаталните, 91% кај постнеонаталните и 52% кај покојниците околу 1 година) не може да се забележи никаква заштита на телото при вкопувањето, односно тие биле погребувани слободно во обична гробна јама едноставно исполнета со земја (табела 1, сл. 1). Во минимален број примери (4) јамата има покрив од керамички тегули или имбрекси. Во само 5% (8 случаи) телото на покојникот било погребано во дрвен сандак или било заштитено со покривка од дрвена штица, при што по распадот на органскиот дрвен материјал се останати само железните клинци распоредени околу остатоците на скелетот (сл. 2). Употребата на оваа гробна форма се среќава кај сите детектирани старосни групи. Гробната конструкција во форма на циста е застапена со 10%, односно 15 случаи, бројно речиси подеднакво распоредени кај застапените старосни групи, со таа разлика што едноставните цисти од примитивен тип, изградени вообичаено од мали фрагменти на тули или тегули, а поретко од камени плочи и обично покриени со капак се користат само за перинаталните, неонаталните и постнеонаталните покојници (сл. 3), додека кај покојниците од 1 година овој вид е заменет со поелаборирана форма во вид на ѕидана циста од тули (сл. 4).

Сл. 1. Г-3717 (0-6 м.)
Сл. 1. Г-3717 (0-6 м.)
Сл. 2. Г-4424 (0-6 м.)
Сл. 2. Г-4424 (0-6 м.)
Сл. 3. Г-3997 (0 м.)
Сл. 3. Г-3997 (0 м.)
Сл. 4. Г-3482 (1 г.)
Сл. 4. Г-3482 (1 г.)

Гробни прилози

На југоисточната некропола во Скупи вообичаениот гробен инвентар го сочинуваат разновиден сет керамички садови, најчесто стомни, потоа светилки, стаклени садови, монети и разни делови од накит. Кај детските погребувања кои се предмет на нашиот интерес се среќава целиот овој репертоар на гробни понуди, меѓутоа, со карактеристична прогресија која се развива квантитативно од перинаталните кон покојниците околу 1 година и која може да укаже на разлики во погребениот третман во однос на старосната група на покојникот (табела 2).16 За таа цел, секоја од посебните категории на гробни дарови ќе биде разгледана посебно. Една половина од застапените гробни целини се без наоди и таа состојба се намалува со прогресот на возраста од раѓањето до 1 година, односно 69% кај перинаталните, 51% кај неонаталите, 44% кај постнеонаталите до 15% кај покојниците околу 1 година.

Табела 2. Наоди во гробовите
Табела 2. Наоди во гробовите

Керамички садови

Во перинаталната група покојници има најмала фрекфенција керамички садови (15%), ограничена речиси единствено на формите во вид на шолји (3) и само еден пример на гроб со една стомна. Изборот на шолјите веројатно преовладува поради соодветноста на големината на керамичкиот резервоар со малата возраст на покојникот. Во гробовите на повозрасните новороденчиња се зголемува опсегот на употреба на керамички садови, и тоа 40% кај неонаталните, 69% кај постнеонаталните и 57% кај децата до 1 година, при што се проширува и реперторот на керамички форми со чинија, унгвентариум и грне (табела 3). Истото е веројатно рефлексија на поразновидната диетална практика којашто се воведува во исхраната на доенчињата по првите неколку месеци од нивниот развој, а за која се мислело дека им е потребна и во задгробниот живот. Шолјите задржуваат широка примена и кај неонаталните и постнеонаталните покојници, додека нивната употреба е намалена кај покојниците околу 1 година.

Шолја 3 6 6 2 17 Чинија - 4 - 2 6 Унгвентариум - 1 - - 1 Грне - 1 - - 1 Табела 3. Керамички садови во гробовите
Шолја 3 6 6 2 17 Чинија - 4 - 2 6 Унгвентариум - 1 - - 1 Грне - 1 - - 1 Табела 3. Керамички садови во гробовите

ф-ти од сад 2 2 1 1 6

Сл. 5 Г-3064 (0-6 м.)
Сл. 5 Г-3064 (0-6 м.)
Сл. 6 Г-1684 (6-12 м.)
Сл. 6 Г-1684 (6-12 м.)

Како карактеристична одлика кај неонаталната група покојници може да се истакне употребата на една стомна, додека депонирањето на две стомни е евидентирано само во два случаи (табела 4, сл. 1). Побројна и поразновидна комбинација керамички садови од оваа група може да се забележи во гробот 3064 на мало девојче кој содржи две чинии, стомна, шолја и светилка (сл. 5). Кај постнеонаталите, покрај останатиот репертоар, како карактеристика се воведува употребата на две стомни, а која важи како специфичен сет со кој, генерално, се погребувале покојниците во Скупи (табела 4, сл. 6). Во изолирани случаи (3) кај доедногодишните покојници се среќаваат и погребувања со 3 или 4 стомни.

Табела 4. Наоди на стомни во гробовите
Табела 4. Наоди на стомни во гробовите

Неколку примери од садовите кај сите детски групи имаат минијатурна форма за да соодветствуваат со возраста на малите покојници, како што е примерот од гробот 2781 со мало грне којшто е веројатно во функција на шолја. Сепак, тоа не може да се извлече како нивна специфична карактеристика затоа што слични примери се среќаваат и кај повозрасните покојници.

Светилки и теракоти

Во погребниот ритуал на перинаталните покојници не се употребувале светилките (табела 2).17 Како дел од погребната опрема почнуваат да се јавуваат кај неонаталите (8%), при што во оваа група може да се забележи дека во релјефната декорација на дискот на светилката отсуствуваат ликови на фигури, односно се применуваат единствено нефигуративни композиции како што се венец од листови или во два случаи претстави на школка. Светилките го задржуваат истиот процент од 8% и кај постнеонаталите од 6. - 12. месец, со воведување и на ликови на божества (Серапис). Светилките најмногу се застапени кај покојниците околу 1 година со 47%. Кај нив, покрај нефигуративните мотиви (розета), се јавуваат и животински претстави (птица на гранка, риби - делфини), но и фигури на божества (Серапис и Изида заедно, Медуза, Викторија).

Теракоти се откриени во само два гроба (табела 2). Кај едниот, гробот 4002, на покојник меѓу 0 и 6 месеци, теракотата, која истовремено е и тропалка, има форма на повиено бебе во колепка. Со оглед на возраста на покојникот во која новородените деца вообичаени биле повивани, оваа теракота може да се смета како своевиден портрет на починатото дете.18 Другата теракота е откриена во гробот 4283, каде е погребано девојче околу 1 година. Се работи за претстава на Срамежлива Венера.

Стакло

Во однос на застапеноста на стаклото во погребната опрема на најмалите покојници и тука може да се забележи редуцирана употреба, сведена речиси до минимум во вид на само еден унгвентариум (и еден неодреден ф-тиран сад) кај перинаталната група, додека нивната фрекфенција и репертоар на форми се зголемува во сличен процент кај останатите повозрасни групи (табела 5). Покрај унгвентариумот, се воведуваат и амфорискот и арибалосот, како резервоари за ароматични или хранливи супстанции, како и неколкуте примероци на гутус кои ја сугерираат возраста на бебето во периодот на доење (сл. 7).

Карактеристична е и употребата на поголем број унгвентарии во една иста гробна целина, како што е случајот со гробот 1832 во групата од 0 до 6 месеци со 17 примероци од овој тип и од гробот 3404 кај покојник од 6 до 12 месеци во кој се депонирани 25 унгвентарии, амфориск и гутус или гробот 4283 на покојник околу 1 година со 2 унгвентарии на горно ниво.

Илустрација, стр. 224

Табела 5. Стаклени наоди во гробовите

Предмети од коска

Коскените предмети исто така се вметнуваат како дел од репертоарот на гробниот инвентар кај најмалите покојници (табела 6). Во перинаталната група тие cè уште не се јавуваат, додека позабележлива е нивната употреба кај неонаталите, и тоа најчесто во вид на коскени игли, два случаи на приврзок во форма на Хераклов боздоган (сл. 8) и еден пример на лажиче, веројатно како допоплнително помагало кое се користело при исхраната. Коскените игли застапени во оваа возрасна група можеби би требало повеќе да се третираат како придружни делови на погребната опрема, најверојатно за прицврстување на повојот или мртовечкиот покров, што би индицирало дека отсуството на овие предмети во најмалата перинатална група одговара на редуцираниот фунерарен третман што вообичаено тие го добивале.

Сл. 7 Г-1473 (0-6 м.)
Сл. 7 Г-1473 (0-6 м.)
Сл. 8. Г-4244а (0-6 м.)
Сл. 8. Г-4244а (0-6 м.)

Кај повозрасните покојници од постнеонаталната група, освен коскените игли, кои некогаш може да бидат изработени и од метал (еден сребрен примерок), се јавуваат и коскени предмети (еден во форма на Хераклов боздоган? и еден плочест со геометриски стилизирана антропоморфна фигура?) кои можеле да бидат носени како приврзок или амулет со одредена профилактична намена, а во еден случај кај неонаталната група во оваа функција е употребен и еден животински заб. Коскените амулети изостануваат кај покојниците околу 1 година.

Монети и накит

Употребата на монета како Харонов обол во апаратурата на погребната опрема кај најмалите деца е застапена со мал процент во перинаталаната група, односно со 15%, додека таа се зголемува кај неонаталните покојници со 25%, односно 33% кај постнеонаталите и 52% кај децата околу првата година (табела 2). Кај неонаталите и постнеонаталите во два случаи се забележува и појава на депонирање две монети во иста гробна целина, а во истите групи се јавува и употребата на перфорирана монета како дел од украсната целина на ѓерданот.

Во материјалот што го сочинуваат разни украсни делови кои најчесто се во функција на накит, но и предмети со поширока апотропејска или култна намена, како што се школките или разни приврзоци и амулети, повторно се забележува истата прогресија, со слаба присутност од 13% кај децата починати околу раѓањето, значително позастапени во неонаталната група со 44%, 33% кај покојниците меѓу 6 и 12 месец и 36% кај децата околу 1 година. Сепак, самата нивна појавност, фрекфенција на употреба или материјална вредност во секоја од издвоените групи посебно покажуваат извесни специфики кои ќе ги посочиме подолу (табела 6). Така, употребата на школки како гробен прилог е заедничка за сите фази од детската инфантија, додека вклучувањето на килибарот како материјал во гробниот инвентар е забележано само во два случаи (и во двата примери се ф-нти од предмети со нејасен изглед), присутно единствено во перинаталната и неонаталната група.

Илустрација, стр. 226

Табела 6. Накит и други предмети во гробовите

Обетките се јавуваат исто така кај сите групи, вообичаено се златни, а кај перинаталите има и еден бронзен примерок. Разлики во однос на возрасната прогресија се среќаваат преку бројноста и типот на вклучените обетки. Кај покојниците од перинаталната група е депонирана само по една обетка, а кај повозрасните инфанти тие се јавуваат во пар. Понатаму, кај покојниците до 6. месец обетките се одликуваат со едноставна изработка, односно се јавуваат како обични алки, додека кај покојниците од 6. до 12. месец и околу 1 година тие имаат посложен изглед, со вертикален додаток на алката кој содржел и драг камен (сл. 9).

Кај повозрасните неонатални и постнеонатални покојници се зголемува инвестурата во личниот накит преку употреба на белезици и мониста за ѓердан. Белегзиите од неонаталната група се јавуваат во вид на бронзени алки, додека кај постнеонаталните покојници има и такви составени од гагатни парчиња. Монистата нанижани за ѓердан можат да бидат со различна форма, вообичаено топчести или цевчести, големи или мали, најчесто изработени од стаклена паста, додека поретко се среќаваат и мониста изработени од коска, камен, бронза, сребро, гагат или килибар. Кај неонаталните покојници карактеристична е употребата на стаклени мониста со сина и зелена боја, иако поретко се среќаваат и со жолта или бела боја, но и разнобојни примероци, како што е топчестото монисто од типот millefiori забележано во три одделни случаи (и во еден пример кај едногодишен покојник). Кај постнеонаталните покојници освен оваа сино-зелена комбинација (во еден пример има само со зелена боја), почесто се јавуваат и мониста со бела, односно белузлава и кафеава боја, а во еден случај и мониста со црна, жолта и бордо боја. Како додаток кон ѓерданот може да бидат нанижани и школки и перфорирани монети, додека како приврзоци се јавуваат сребрениот фалус, застапен подеднакво кај неонаталите и постнеонаталите, како и килибарен фалус, златен Хераклов боздоган (сл. 10), сребрено и бронзено ѕвонче, кои се среќаваат единствено кај покојниците меѓу 6 и 12 месец.19

Илустрација, стр. 227
Илустрација, стр. 227

Сл. 9. Г-3404 (0-6 м.)

Сл. 10. Г-3863 (6-12 м.)

Употребата на прстен, була и поелаборираната форма на накит е ограничена само кај покојниците меѓу 6 и 12 месец, а кај децата починати околу првата година се воведуваат и златните фолии како дел од погребниот репертоар со кои се овенчувала главата на покојникот. Како илустрација за посложена фунерарна опрема може да ни послужи гробот 3404 каде е погребан покојник меѓу 6 и 12 месеци и кој, меѓу останатото, (4 стомни, 25 стаклени лакримариуми, стаклен осмоаголен амфориск, стаклен гутус и 2 монети) содржи и разновиден друг материјал - мониста за ѓердан, сребрен и килибарен фалусоиден приврзок, перфорирана монета, школки, украсни елементи од појас (железни фрагменти, бронзени алки) и други метални апликации, остатоци од ткаенина со златни нишки, ф-ти од сребрена жица, златни обетки, прстен од горски кристал и сребрена була.

Одредена група предмети, вообичаено носени како приврзоци нанижани на ѓердан, биле во функција на апотропеон или амулет со цел да се заштити кревкото здравје на новороденото дете. Иако во мала количина застапени и кај перинаталните (ф-нт од килибар со нејасен изглед) и кај неонаталните покојници (сребрен фалус, животински заб), најголема концентрација од овие предмети се среќаваат во гробовите на деца починати меѓу 6 и 12 месец (сребрено и бронзено ѕвонче, сребрен и килибарен фалус, була, оловен амулет, златен Хераклов боздоган, коскени приврзоци). Веројатно тоа се должи на зголемениот страв и анксиозност од високиот детски морталитет кои се во пропорционален сооднос со емоционалната грижа инвестирана во поодминатите возрасни фази од детската инфантија.

Заклучни согледувања

Децата кои починале до првата година од животот во Скупи биле погребувани во рамките на заедничката некропола и со самото тоа сметани за нераскинлив, составен дел од заедницата. Истовремено, тоа едноставно значи и дека тие не би можеле да бидат закопани на кое било друго место освен на некрополата, особено во империјалниот период, кога во функција бил разработен легислативен систем на фунерарни процедури и норми и со кој погребувањата биле изведувани строго надвор од градскиот помериум, во утврдените граници на некрополата. Погребувањето на новороденчињата во населбински контекст, како можно заживување на одредени домородни традиции, е појава која засега ја среќаваме само во доцноантичкиот период, во време кога заслабуваат бројни аспекти поврзани со правното функционирање на римската држава, меѓу нив и на контролата на погребната практика.

Сепак, местото во заедничка некропола не значел и подеднаков погребен третман. Фунерарната практика кај доедногодишните деца покажува извесни карактеристики со кои тие се разликуваат меѓу себе, но и од погребувањата на возрасните и во кои најверојатно се рефлектира степенот на социјална интеграција на детето во рамките на римското општеството. Во тој поглед, специфичниот фунерарен третман можеби треба да се поврзе со низата на ритуални прагови кои го следеле детето во текот на првата година од животот и со кои тоа постепено се интегрирало во локалната заедница, а кои се наоѓале во одредена корелација со физиолошките промени кои се јавуваат во тој период.20 Така, на пример, церемонијата на именувањето Dies Lustricus, која се совпаѓа со времето на отпаѓањето на папочната врвка, е всушност првиот значаен ритуал кој се случувал на 8. ден за девојчињата, односно 9. за момчињата и со кој новороденчето и официјално добивало место во римското семејство, но и пошироко општествено препознавање во рамките на заедницата. На тој начин, испитувањето на формата и обемот на фунерарната практика можат во голема мера да ни помогнат во откривањето на вистинската природа на претпоставениот маргинален статус на новороденчињата и неговото времетраење, како и промените кои воделе до нивен рамноправен општествен третман.

Значително редуцирана фунерарна практика, речиси сведена на минимум, е забележлива кај перинаталната група покојници починати во периодот непосредно пред или по раѓањето и кои можеби не успеале да преживеат до чинот на именување кога за првпат се зацврснува нивниот социјален идентитет.21 Ваквиот фунерарен третман и однос кон најмладата популација се јавува најверојатно како резултат на нивната cè уште непотполната интеграција во рамките на семејството и пошироката заедница, давајќи им еден неодреден лиминален статус, можеби најдобро изразен преку плиткото вкопување на нивните гробови, поставени на самата граница меѓу овоземниот и подземниот свет. Во тој контекст е и мислењето на Плутарх, кој смета дека додека на детето не му отпадне папочната врвка тоа е „повеќе растение отколку животно“.22

Сепак, кај сосема мал број од овие погребувања се забележува поголема грижа во изведбата, што докажува дека и кон оваа група покојници не се постапувало целосно со рамнодушен однос. Погребот како јавен настан, поставен на јавниот простор од некрополата, можеби бил во корелација со извесни строги фунерарни правила кои пропишувале значителна редукција на погребните ритуални активности насочени кон перинаталните покојници, а кои биле условени од степенот на нивната општествена интеграција. Во тој контект, можно е токму ритуалот на именувањето да бил првиот праг со пошироко социјално значење, по кој новороденчето можело да добие одредена посложена форма на погребен третман. Меѓутоа, од моментот на раѓањето на бебето до чинот на Dies Lustricus постоел навистина многу краток, но сепак доволен период во кој најблиските имале можност интимно да се поврзат со новиот член на семејството.23 Ако кон тоа се додаде и зголемената доза надеж, грижи и емоционален стрес со кои се очекувал новиот пород, а кои се универзално високи за сите општества, можно е моментот на загуба да довел и до одредено нарушување на погребните норми, видливо преку елаборираната изработка на гробот и со навистина сиромашен, но сепак присутен погребен инвентар во вид на паричка, дел од накит или понекоја керамичка шолја.24

Неонаталните покојници меѓу 0. и 6. месец почнуваат да добиваат извесна подобра застапеност на гробната опрема, а како доминантна карактеристика во погребниот ритуал може да се истакне употребата на една стомна, воведувањето поширок репертоар на керамички и стаклени предмети, како и зголеменото присуство на монети и накит.25 Поизразеното инвестирање во погребниот материјал може да се доведе во врска со одредени моменти од натамошниот развој на детето со кои се зголемувало неговото семејно и општествено значење. Во овој период, по 40. ден, детето, пред cè, доживува поизразени промени во емоционалната реакција, односно почнува да покажува извесна свесност при изразувањето на емоциите, како што се смеењето или плачењето.26 Исто така, во империјалниот период, во текот на 30 дена по чинот на Dies Lustricus се вршела и официјална регистрација на децата како римските граѓани, при што нивното постоење излегувало од рамките на семејството и добивало пошироко општествено препознавање.27 Можно е токму овие моменти кои придонесувале кон јакнење на севкупниот идентитет на децата во неонаталната фаза да нашле свој одраз и во поопределената, но сепак редуцирана погребна практика во кој се рефлектира нивната постепена, иако cè уште нецелосна социјализација и која може да се земе како транзициска фаза која води до нивно потполно општествено прифаќање.28

Стандардниот погребен третман, кој се среќава и кај останатите возрасни групи погребани во југоисточната некропола во Скупи, новороденчињата го стекнуваат некаде по 6. месец, односно во периодот меѓу 6. и 12. месец.29 Тоа се совпаѓа со излегувањето на првите млечни заби и промена во режимот на исхраната со поцврста храна,30 а кои наоѓаат своја рефлексија и во зголемена употреба на разновидни гробни дарови, посебно во репертоарот и бројноста на керамичките садови од гробниот инвентар. Посебно возраста околу првата година покажува позначителен напредок во однос на ритулната практика со кој прерано починатите деца се доближуваат до фунерарниот третман на возрасните и веројатно во тој период треба да се бара конечниот возрасниот праг кога тие почнуваат да се третираат како рамноправни членови на заедницата.31 Покрај низа други елементи, меѓу кои и поголемата длабочина на гробот, во оваа возрасна група се јавуваат и погребни конструкции кои вообичаено се среќаваат само кај возрасните покојници, како што е ѕиданата циста од тули, како и употребата на карактеристичниот сет од две стомни како дел од погребниот инвентар. Друга специфика е пообемното и пораскошно опремување на гробниот инвентар со накит, а кој се јавува веројатно како резултат на подолгиот период на инвестирана грижа во развојот на детето и емотивниот влог кој е поголем со напредувањето на возраста на покојникот.

Значи, фунерарниот третман на децата до првата година покажува дека населението во Скупи со внимателност и одбран материјал го извршувало испраќањето на најмалите во задгробниот свет, во мера во која тоа го дозволувале фунерарните правила и степенот на нивната општествена интеграција, но и со обѕир кон емотивната загуба која нивната смрт можела да ја предизвика кај наблиските членови од семејството. Но не се завршувало cè со погребот. Извесни материјални траги кои ги среќаваме над некои погребни целини говорат во прилог на одржување на одредени постфунерални случувања со кои се продолжувал периодот на жалење на починатото дете.32 На горното ниво од гробот 2197 на дете меѓу 6. и 12. месец, меѓу групација од камен и тули се пронајдени фрагменти од керамички садови и горени животински коски кои најверојатно претставуваат остатоци од фунерарна гозба. Керамичките и стаклени садови кои се појавуваат на неколку различни нивоа над гробот 4283 од едногодишно девојче покажуваат постоење повеќе последователни постмортални активности кои и понатаму продолжиле да се изведуваат над гробот.

Според римскиот правник Паулус од II и III век, малите деца до три години би требало да се оплакуваат во просек по еден месец за секоја година од нивната возраст во времето на смртта, што би значело дека децата кои не би ја дочекале првата година од животот законски не би требало да имаат и период на тагување.33 Нашите примери покажуваат дека тоа сепак не било така, иако не можеме во потполност да бидеме сигурни дали овие постпогребни чествувања влегувале исклучиво во доменот на приватното одбелжување на погребниот култ или ги вклучувале и јавните церемонии кои се одржувале во чест на мртвите. Со оглед на тоа дека овие случаи се однесуваат на деца кои починале од шестиот месец до првата година, период во кој претходно констатиравме дека започнувал да се применува стандардниот погребен третман, можеби треба да претпоставиме дека од оваа иста возрасна фаза тие биле вклучени и во формалната програма на комеморативни празнувања со кои биле опфатени останатите возрасни жители на Скупи.34 Независно од тоа, овие примери, како и севкупниот погребен третман на инфантите од југоисточната некропола, недвосмислено покажуваат дека населението во Скупи не ја прифаќало со рамнодушност предвремената смрт на најмалите членови од нивната заедница и дека покрај загубата, постоела јасно изразена волја и намера кај преживеаните наследници да се одржи што подолго сеќавањето на саканото дете.

Белешки

  1. Во римскиот свет немало јасно изразена дефиниција за терминот инфант или инфантија, кој денес се однесува на дете до едногодиншна возраст и овој поим најчесто се користел за да се означи, генерално, периодот на раното детство од раѓањето до предучилишната возраст (мој. заб.). ↩
  2. Според римскиот правник Улпијан (FIRA 2, 536) „децата помлади од три години формално не се тагуваат, но се тагуваат во маргинална форма; дете помало од една година не добива ниту формално, ниту маргинално тагување“. Поекстремен став околу смртта на новороденчињата застапува Кикерон (Cicero, Tusculan Disputations, 1.39) кој вели дека „ако умре младо дете, преживеаните треба да ја поднесат оваа загуба со рамнодушност; ако пак умре додека е уште во колевка, тие дури не треба да тагуваат“: цитати преземени од Carroll M., 2011, 100 (види тука и за други римски извори). ↩
  3. Антрополошката анализа на скелетните наоди од југоисточната некропола во Скупи кои се предмет на оваа студија ги изврши м-р Мимица Велова-Граорковска. ↩
  4. Carroll M., 2011, 103-104. ↩
  5. Carroll M., 2011, 104. ↩
  6. Радовиħ Б. М., 2010, 180. ↩
  7. Процентот на покојници починати до првата година може да се зголеми и за отприлика 75 гроба, односно за плус 1,6% во случаите каде што скелетите се сосема распаднати, но според големината на гробната јама и распоредот на гробните дарови очигледно покажуваат дека се работи за покојници на многу мала возраст, при што вкупниот број на гробови би изнесувал околу 6% (теренски белешки). ↩
  8. Carroll M., 2011, 102-103 (со цитирана литература). ↩
  9. За примери од овој вид: Carroll M., 2011, 109, заб. 60. ↩
  10. Слични образци на погребување на мали деца во домашен контекст се среќаваат насекаде низ Римската Империја, каде фетуси или новороденчиња, вообичаено до 6. месец, биле погребувани во местото на живеење или надвор од него, обично закопани покрај неговите ѕидови: Dasen V., 2009, 209. ↩
  11. Fulgentius the Mythographer, 163. ↩
  12. Границата на 40. ден е индикативна дури и денес за модерните општества, каде се практикува како период во кој новороденото дете не се вади надвор од домашниот амбиент, па оттука доаѓа и совпаѓањето на констатацијата на Фулгентиус дека децата починати до 40. ден се погребувале во рамките на домот (мој. заб.). ↩
  13. Примери за ова мислење: Радовиħ Б. М., 2010, 177-178; Milovanović B., 2016, 100. ↩
  14. Rawson B., 2003, 139 (иако подолу во истата книга авторот повторно ја зема предвид горната граница за забрана на кремирање на деца со појавата на млечните заби: Rawson B., 2003, 343, заб. 19.) ↩
  15. Carroll М., 2011, 105-106. ↩
  16. Ако се земат предвид одредени можни грешки во антрополошкото детерминирање на специфичните возрасни фази кај доедногодишните деца, при што одредени примери можеби се прелеваат од една група во друга, тогаш доминантните карактеристични црти кои се јавуваат кај погребниот материјал од секоја група посебно можат да се земат како реперни точки кои ја дефинираат нивната погребна практика (мој. заб.). ↩
  17. Отсуство на светилки како дел од погребниот инвентар на перинаталните покојници е евидентирано и кај детските погребувања во Нарбонска Галија од империјалниот период: Bel V., 2012, 196. ↩
  18. Според Соранус (Gyn. 2.19.42), децата требало да се држат во повој додека не наполнат од 40 до 60 дена: преземено од Carroll M., 2011, 114, заб. 87. ↩
  19. За сличностите во депонирањето на накит кај покојниците помлади од 2 години, види во студијата за детските погребувања од Нарбонска Галија: Bel V., 204-206. ↩
  20. Ние не можеме да знаеме во која мера овие типично римски прагови биле применувани или усогласени со локалните обичаи од овој дел на Империјата, но во град колонија како што бил Скупи и каде во голема мера се пресликуваат и применуваат римските официјални политики и придобивки, може да се заклучи дека нивната употреба била на прилично високо ниво (мој. заб.). ↩
  21. Податокот дека најголемиот број од новороденчињата умирале токму во првата недела од животот (Dasen V., 2009, 207, цитирајќи го Аристотел, заб. 41), во периодот пред постигнувањето на овој значаен ритуален праг можеби треба да ја објасни состојбата кај нашата перинатална група во која поголемиот број од покојните бебиња се без заштита и без гробни прилози (мој. заб.). ↩
  22. Carroll M., 2011, 100 (цитирајќи го Quaest. Rom. 102). ↩
  23. Во периодот меѓу раѓањето и ритуалот на Dies Lustricus постоеле исто така повеќе суптилни, транзициски ритулни активности (отсекување на папочната врвка, прво бањање, повивање и телесно обликување, доење), кои постепено го зголемувале човечкиот и семејниот идентитет на новороденото дете (за ова повеќе: Dasen V., 2009, 200-208, 212). Почитувањето на поголем број божествени заштитници кои бдееле над сите овие иницијални активности на штотуку родените деца само го потврдуваат нивното значењето и важноста, но и на емотивната свесност со која родителите го надгледувале почетниот развој на новороденчињата (мој. заб.). ↩
  24. За слична редуцирана погребна практика на перинаталните погребувања од Нарбонска Галија: Bel V., 2012, 196-197. ↩
  25. За слична тенденција кај покојниците помлади од 6 месеци во Нарбонска Галија: Bel V., 2012, 199-202. ↩
  26. Hanson A. E., 2003, 201 (цитирајќи ја Хипократовата расправа за осуммесечно дете). ↩
  27. Dasen V., 2009, 200. ↩
  28. Особено возраста од 40 дена и 6 месеци се претпоставува дека претставуваат два важни прагови кои учествувале во формирањето на погребниот ритуал: Norman J. N., 2002, 310 (со посочена литература). ↩
  29. Генерално, забележано е дека позначителна промена во однос на погребниот третман во кој детските погребувања од римскиот период почнуваат да добиваат гробна опрема слична на возрасните се случува после 6 месец: Dasen V., 2009, 210 (со посочена лтература). За погребувањата во Нарбонска Галија: Bel V., 2012, 202. ↩
  30. Во античкиот период појавата на млечните заби се сметала како важен показател во детскиот развој. Дури, според римските медицинари Целзус и Гален, периодот околу седмиот месец, кога излегуваат првите млечни заби, е одреден како транзициска точка меѓу инфантијата и детството: Bagley A. M., 2016, 44. Види и: Dasen V., 2009, 202 (цитирајќи ги Хипократовите расправи). ↩
  31. Слична тенденција на зголемување на погребниот инвентар кај едногодишните деца е забележана на некрополите во Нарбонска Галија: Bel V., 2012, 202. ↩
  32. Во југоисточната некропола на Скупи, остатоците од овој вид на активности се пронајдени во мал број на случаи, секако поради поголема изложеност на деструкција, но овие примери, како и индиректните потврди преку либациските конструкции, наодите на животински коски и искршената керамика во непосредниот гробен простор, јасно говорат во насока на евидентирање на култни изведби над гробот (теренски белешки). За слични активности во Виминакиум: Радовиħ Б. М., 2010,179; Milovanović B., 2016, 110. ↩
  33. Carroll M., 2011, 100 (цитирајќи го Sent. 1.21.13). Види и заб. 2. ↩
  34. Во студијата за погребниот третман на детските погребувања од Нарбонска Галија, утврдено е дека практиката на либација, поврзана со комеморативни активности, најрано е детектирана во гроб на дете кое починало меѓу 6. и 9. месец: Bel V., 2012, 204. ↩

Summary

Funeral Treatment of the Children Up to One Year of Age from the Southeast Necropolis of Scupi

Roman necropolis research, in addition to providing valuable data on Roman funerary practices, also reveals significant new insights into various socio-cultural phenomena that have defined Roman society, such as demographics, social differences, or attitudes. between different age and gender groups. In this context, one of the most interesting aspects is the study of the funeral treatment of the deceased children from the youngest age group, ie children up to the first year of life, which reveals the attitude of the Roman community towards this age group.

The reason for such a deeper examination of the burial practice of the infant lies in the relevant opinion based on numerous texts from Roman literary sources which emphasize the marginal role of newborns in Roman society, and thus the need to limit or exclude the degree of grief, that is, the funeral honor to be received by the deceased of this age group as non-permanent members of Roman society. Such views of Roman authors, driven by certain philosophical-moral principles and expressed from the position of the ruling class with whom they shared a similar worldview, greatly influenced today’s understanding of the funeral treatment of the youngest members of Roman society, often interpreted as indifferent or without sufficient care in performing the funeral rite.

Бибилиографија

Bagley A. M., 2016,

Roman Children in the Early Empire: A Distinct Epidemiological and Therapeutic Category?, University of Birmingham, (PhD Thesis).

Bel V., 2012,

Les dépôts de mobilier dans les tombes d’enfants et d’adolescents en Gaule Narbonnaise au Haut-Empire, во: Hermary А. and Dubois C. (éd.), L’enfant et la mort dans l’Antiquité, III. Le matériel associé aux tombes d’enfants, Paris, 193-216.

Carroll M., 2011,

Infant Death and Burial in Roman Italy, Journal of Roman Archaeology 24, 99-120.

Dasen V., 2009,

Roman Birth Rites of Passage Revisited, Journal of Roman Archaeology 22, 199-214.

Hanson A. E., 2003,

“Your Mother Nursed You with Bile”: Anger in Babies and Small Children, во: Braund S. and Most G.W. (ed.), Ancient Anger: Perspectives from Homer to Galen (Yale Classical Studies 32), Cambridge University Press, 185-207.

Norman J. N., 2002,

Death and Burial of Roman Children: The Case of the Yasmina Cemetery at Carthage— Part I, Setting the Stage, Mortality, Vol. 3, No. 3, 302-323.

Milovanović B., 2016, Inhumacija djece na nekropoli Više grobalja antičkog Viminacija, Vjesnik Arheološkog muzeja u Zagrebu, 3. s., XLIX, 95-122. Радовиħ Б. М., 2010, Сахрањивање инфаната на античкој некрополи Више Гробаља, Виминацијум, Гласник Српског Археолошког Друштва 26, Београд, 175-186.

Rawson B., 2003,

Children and Childhood in Roman Italy, Oxford University Press. Извори:

Fulgentius the Mythographer, Translated from the Latin, with Introductions, by Leslie G. Whitbread, Ohio State University Press, 1971.