Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 209–215

Градиште Неготино - раноримски објект со алтернативен систем за загревање

УДК 904:621.783.2(497.714)”652”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124209i

Локалитетот Градиште Неготино се наоѓа 2 km северно од центарот на Неготино, меѓу реката Вардар и денешниот автопат Е-75. Се работи за висока тераса со остри и стрмни падини.

Самото тоа што повеќето антички извори го споменуваат овој град ни укажува дека имал значајно место во раната антика во Средното Повардарје. Географот од Равена го лоцира градот Asigonia (Antigoneia) како станица на патот од Stobi до Thesalonike,1 додека Плиниј ја споменува Antigoneia во Пајонија, на патот од Стоби до Еуропос.2 На познатата Појтингерова карта, на Вардарскиот пат, на 11 римски милји јужно од Stopis и 12 римски милји северно од Stenas, е забележано местото Антигонеја.3

Меѓу Стоби и Стенае има мноштво раноантички локалитети кои би можеле да бидат идентификувани како Антигонеја на Вардар. Во 80-тите години од минатиот век Иван Микулчиќ прави сеопфатно истражување на регионот и аргументирано пристапува на проблемот со убицирањето на античкиот град Антигонеја кој бил оформен за време на владеењето Антигон Гонат или Антигон Досон. Според Микулчиќ, Тремник е предалеку од Вардар и од трасата на Via Axia, Градиште - Војшанци е лоцирано на левата страна од реката Вардар, додека патната траса се наоѓа на десната страна и предлага дека Антигонеја е лоцирана на доминантниот рид Градиште - Неготино, кој се простира на површина од 3,5 ha.4

На локалитетот Градиште - Неготино од 2009 година се реализира проектот Градиште - Неготино, урбан центар од раната антика по средното течение на Вардар. Меѓународниот македонско-полски тим секоја година спроведува систематски археолошки истражувања со кој досега се откриени повеќе делови од населбата, како улична мрежа, јавни и приватни објекти, одбрабен систем итн.5

Покрај редовните систематски археолошки истражувања на локалитетот Градиште - Неготино, како дел од меѓународниот проект во 2015 година беа спроведени и геофизички истражувања од страна на Пјотр Врониецки и Марчин Јаворски од Варшава, Полска. Геофизичките истражувања се еден од неинванзините пристапи во археолошката проспекција, која овозможува препознавање на природните и археолошките подземни аномалии без какво било пореметување во земјата. Толкувањето на податците е засновано врз анализата на контрастот меѓу природната геолошка подлога и видливите аномалии. Полскиот тим изврши магнетни и геоелектрични (отпорност) мерења.6

Сл. 1 Истражувачкото поле на кое беа спроведени магнетни снимања и интерпретацијата на резултатите од страна на полскиот тим (извор: Wroniecki P., Jaworski M., 2015)
Сл. 1 Истражувачкото поле на кое беа спроведени магнетни снимања и интерпретацијата на резултатите од страна на полскиот тим (извор: Wroniecki P., Jaworski M., 2015)

Истражувањата беа спроведени на три позиции, на највисоката точка на градиштето, во централниот дел на градиштето и покрај денешниот автопат на позицијата каде што се претпоставуваше дека се наоѓа некрополата. Со резултатите од геофизичките истражувања се исклучи опцијата за можната локација на некрополата, меѓутоа, резултатите од истражувањето на акрополот дадоа интересни податоци. На снимките од геофизичките мерења се гледаат делови од уличната мрежа, но и различни објекти, како по форма така и по големина. Воедно, се забележаа и модерни интервенции (сл. 1).

Со цел да се потврдат податоците добиени со геофизичките истражувања во 2017 година, се започна со истражување на највисокиот дел од акрополот. На оваа локација со резултатите од геофизичката се забележаа квадратна и кружна аномалија протолкувана како дел од поголем јавен објект лоциран источно од оваа позиција. Поставени беа четири сонди со димензии 5 х 5 m, но во оваа прилика ќе се задржиме само на двете северни и нивните екстензии.

Како и на останатиот дел од локалитетот така и на оваа позиција, на површината беа видливи плитки бразди кои се останати од акција за пошумување на овој рид. По отстранувањето на површинскиот откоп веднаш се појавија контури од градбите кои се гледаат на снимките од геофизичките истражувања, односно кружна печка и ѕидовите на квадратен објект (објект 1). По откривањето на контурите на квадратниот објект во неговата внатрешност документиравме разрушен слој. Источниот дел од објектот беше покриен со разрушени камења помешани со тегули, малтер и гареж, додека западниот само со гареж. Во овој слој беа документирани и фрагменти од столбови како и од една база (сл. 2).

Сл. 2 Рушевински слој во објект 1 од североисток (фото. Ивановиќ Р. 2017)
Сл. 2 Рушевински слој во објект 1 од североисток (фото. Ивановиќ Р. 2017)

Објектот 1 е речиси со квадратна форма, а неговата ориентација е североисток - југозапад. Димензиите на објектот се 440 х 420 cm, сите ѕидови освен северниот кој е зачуван во негатив се со иста дебелина, односно 40 cm, со што подната површина во објектот изнесува 400 х 380 cm (сл. 3A). Подната површина е изработена од многу фино измазнет бел малтер. Малтерот со дебелина од 1,5 cm го покрива најголемиот дел од просторијата, со исклучок на делот покрај јужниот ѕид каде што е пробиен. Пробивањето е со неправилна правоаголна форма со димензии 140 х 20/30 cm (сл. 3Б). Под делот каде што беше забележан гареж подот е исклучително зачуван, додека под делот со тегули и разрушен камен беше малку раздробен, но сепак зачуван, за што е најзаслужна супструкцијата на подот која е изработена од грижливо редени вертикално поставени плочкасти камења со мали димензии (сл. 3В). Оваа супструкција е видлива во делот каде што подот е оштетен, односно под делот со тегули и под браздата за пошумување. Слична супструкција е забележана на локалитетот Вардарски Рид во Куќата со занаети.7 Единствена разлика меѓу подот од Неготино и оној од Вардарски Рид е тоа што наместо плочести камења на Вардарски Рид се употребени покривни тегули.

На дел од западниот и северниот ѕид се забележа малтерна облога која стоела на ѕидовите. Малтерната облога е со дебелина од 1 до 1,5 cm. Во близина на северозпадниот агол на објектот, каде што беше отворена до подот, висината на малтерната облога изнесува 11 cm (сл. 3Г). Во аголот кој го формираат западниот и северниот ѕид беа забележани траги од интензивно горење кои придонеле за зачувување на малтерната облога. Со цел да се зачува оваа ситуацијата и да не се изложи на атмосферски влијанија, само северозападниот агол од објектот не е доистражен.

Сл. 3 (3а) малтерен под во објект 1 од југ; (3б) пробивање на под; (3в) супструкција на под; (3г) интензивно горење во с/з агол и малтерна облога на северниот ѕид (фото: Ивановиќ Р. 2017)
Сл. 3 (3а) малтерен под во објект 1 од југ; (3б) пробивање на под; (3в) супструкција на под; (3г) интензивно горење во с/з агол и малтерна облога на северниот ѕид (фото: Ивановиќ Р. 2017)

Западно од објектот 1 се појави кружна печка која беше видлива на снимките добиени како резултат на геофизичките мерења, но како засебен објект. Ѕидовите на печката се изградени од плочсети камења со мали димензии во 4 реда, додека во внатрешноста на печката се пронајдени фрагменти од керамички садови. Долното ниво на печката е поплочено со плочести камења под кое е докуметиран слој на интензивно горење. Од западната страна има правоаголно ложиште каде се забележани траги од горење и фрагменти керамика, а долното ниво на ложиштето е исто со нивото на интензивно горење во печката. Дијаметарот на печката изнесува 155 cm, а висината изнесува 30 cm (сл. 4). Северно од оваа печка се појави и една правоаголна печка со димензии: 104 cm должина, 90 cm ширина и 12 cm висина, но не е истражена во целост.

Интересно за забележување е тоа дека при чистењето на подот до југозападниот агол на објектот 1 се пронајдени два мали отвори во западниот ѕид, кои се поврзани со кружната печка која се наоѓа од надворешната страна на ѕидот. Димензиите на овие отвори од страна на објектот се сса. 5 х 5 cm, додека од страна на печката отворите се вертикални со висина од 10 см и ширина од 3 до 5 cm (сл. 5). Која е поврзаноста меѓу објектот и печката засега не е јасно. Едно од можните решенија е дека овие отвори служеле за загревање на просторијата, односно за циркулација на топлиот воздух во овој објект. Слични примери за ваков тип загреање од античкиот период не успеав да најдам, но дојдов до усна информација дека во XIX век ваков тип греење е забележан во куќите во Војводина, каде што печката е надвор од просторијата за загревање и преку систем со мали цевки топлиот воздух се трансферира до просториите кој треба да се затоплат. Не тврдам дека ова е примарната функција на печката и дека исклучиво се користела за загревање на просторијата, најверојатно топлиот воздух од печката се користел како нус-производ за загревање, а нејзината функција можеби била сосема друга.

Сл. 4 Кружна печка, лево неотворена од запад;  десно отворена од исток (фото: Ивановиќ Р., 2017 и 2019)
Сл. 4 Кружна печка, лево неотворена од запад; десно отворена од исток (фото: Ивановиќ Р., 2017 и 2019)
Сл. 5 Кружна печка, лево неотворена од запад;  десно отворена од исток (фото: Ивановиќ Р., 2017 и 2019)
Сл. 5 Кружна печка, лево неотворена од запад; десно отворена од исток (фото: Ивановиќ Р., 2017 и 2019)

На самиот под во објектот 1 се пронајдени две бронзени монети (М-17-3 и М-17-7) кои ни даваат информација дека овој објект функционирал во I век пр. н.е.8

Од сите објекти кои се истражени на Градиште - Неготино единствено во овој објект подот е изведен од малтер со супструкција. Покрај подот, уште неколку работи од објектот отстапуваат од другата архитектура на локалитетот, а тоа се малтерната облога која е документирана на ѕидовите, пронајдените делови од бази и столбови во разрушениот слој, како и греењето. Сите овие посебности упатуваат на мислење дека овој објект најверојатно припаѓа на дел од некој поголем јавен објект, како што се гледа и на резултатите од геофизичките истражувања. По целосната документација целиот објект беше покриен со мрежа и затрупан со земја за да не се оштети. Што се однесува до поврзаноста меѓу печката и објектот, изнесеното е само лична претпоставка во однос на можната функција и секако оваа претпоставка е отворена за дискусија.

Белешки

  1. Ravennatis anonymi cosmographia (Anonymi Ravennatis), 4.9.7. ↩
  2. Pliny, Nat. hist. 4.34. ↩
  3. Tabula Peutingeriana, segm. 6.5. ↩
  4. Микулчиќ И., 1984, 111–138. ↩
  5. Носители на проектот се Археолошкиот музеј од Скопје и Катедрата за археологија при Универзитетот Гдањск од Р. Полска, а истражувањата се под раководство на м-р Горан Санев и д-р Николас Секунда. ↩
  6. Магнетните истражувања се направени со уредот Bartington Grad601-2 fluxgate gradiometer with two sensors, додека отпорноста е мерена со Geoscan Research RM15-D advanced instrument in Wenner electrode configuration. ↩
  7. Митревски Д., 2005, 44. ↩
  8. Bitrak S. et al., 2018, pp. 395. Cat. No. 62, M-17-3 Coinage of T. Quinstius Crispinus Sulpicianus (?), Sestertius, Rome, 18 BC Obv. [OB], [CIVIS] in oak-wreath flanked by two laurel-branches; [SENATOS]. Rev. [T QVINC]ITIVS [CRISPINVS III VIR AAAFF] round SC. AE; 11.13g; 28.2mm. RIC I, 327 (?) Cat. No. 66, M-17-7 Provincial issue of Augustus, Ephesus (?), c.25 BC. (half coin) Obv. CAESAR; head of Augustus. Rev. [AVG]VSTVS in one line in laurel wreath, dotted border. RIC I, Augustus no. 486 (as Ephesus?); RPC I, 4100 (as Antioch?). AE; 4,78g; 24.6mm; 11h ↩

Summary

Gradište Negotino - An Early Roman Building with an Alternative Heating System

After many seasons of systematic archaeological excavations at the site Gradište – Negotino, in 2015 a Polish team of geophysicists conducted ageophysical remote sensing survey for the first time. The magnetic and geo-electrical surveys performed showed visible subsurface architectural remains at the highest point of the hill. These were later interpreted as a large rectangular building, while a circular anomaly produced by a material with higher magnetic properties than the surroundings, was interpreted as an area with traces of intense burning.

In 2017, based on the geo-physical data, four trenches were placed at the western end of the large building, while in the northern part of the excavation field a square building surfaced. The building has mortar floor and walls, an alternative heating system of the room and remains of columns and bases in the layer of rubble. The position of this building and the techniques used for its construction indicate that it was probably a part of a larger public or residential building from the early Roman period which was also confirmed by the numismatic material discovered on the floor of the building.

Библиографија