Macedoniae acta archaeologica 24 (2021) · стр. 11–14

Кратка историја за истражувачите на археологијата во регионот на Струга

DOI https://doi.org/10.55973/MAA2124011bg

Кога интересот за античкото наследство кај старите истражувачи од 19 век беше насочено кон неговото откривање на територијата на Македонија, во рамките на Отоманската Империја, експедицијата секогаш почнувала од Тесалоника или Дирахион, движејќи се по трасата на Вија Егнатија, скршнувајќи лево или десно од неа. Но, Струга никој не ја прескокнал. Така, Леон Езе, заедно со Доме, што за жал често се испушта кога се цитира нивното дело „Археолошката мисија во Македонија“,1 поминале низ Струга, се разбира, откако добро го разгледале Охрид (Сл. 1). Тогаш, Л. Езе за прв пат го забележал миљоказот поставен во времето на Каракала кој се наоѓал во црквата Св. Ѓорѓија, каде и денес се чува како светиња. Да се надеваме дека така и најдобро ќе се сочува. Тој е обелоденет од Езе, одличен познавач на римската политичка историја и администрација, како и на епиграфијата, во 1861 г. во Revue archéologique, а потоа пак во 1876 г. во споменатата угледната публикација за археолошката мисија во Македонија. И така овој доказ за поминувањето на императорот Каракала по Вија Егнатија во 217 г. го имаме и чуваме до денес, особено што од Дирахион до Охрид, е сочуван само овој епиграфски споменик во Струга, заедно со неговиот познат пандан од Охрид од исто време. Оттогаш, 160 години ерудитите расправаат за овие споменици, почнувајќи од Ј. Г. вон Хан, М. Димица, Н. Вулиќ, Куртис, П. Колар, Ф. Папазоглу, Л. Гунаропулу, M. Б. Хатзопулос и многу други.

Ете така се влегува во археологијата нa Струга (Сл. 2). Секако дека во околината се откриени и други епиграфски споменици подоцна. Во Калишта, вон Хан го посочува натписот со македонските имиња (Махата, Филип, Никиа, Епикад), потоа во Делогожда, во Ливада, Радолишта, Џепин, дури и Волино, кое е ставено во струшката регија. Сите се регистрирани од Н. Вулиќ, но потоа се инкорпорирани во Берлинскиот корпус на Ф. Папазоглу, М. Милин и М. Рицл, со комплетната литература.2

Ако се вратиме на хронолошки најстарите културни остатоци, тогаш се наметнуваат секако населбите од неолитот, енеолитот и бронзеното време, остатоци од палафитните живеалишта, поставени на устието на Дрим, во Враништа и поново време на брегот, западно од Дрим. Првите бележења и регистрирања на овој најстар дел од историјата на Струга треба да се поврзе со Балашчев и Н. Мушмов,3 стружани, кои своето професионално делување го оствариле во првата половина на 20 век во Софија. Тие за прв пат ги забележале остатоците во водите покрај брегот на Струга. Подоцна, кога се формира музејот во Охрид, во 50-тите години, В. Лахтов собирал артефакти од блатото исфрлено од коритото на Дрим, што се ископуваше со механизација, за да истекува понормално водата од езерото и да нема поплави и мочуришта во и околу градот. Кога Радмила Пашиќ, белградски студент ја превзема збирката за праисториска археологија во Охрид, таа ги превзема и сондажните истражувања на Уста, Устие на Дрим, во Враништа, Црквени Ливади;4 локалитети на кои потоа истражува и Воислав Санев. Носењето на артефакти од Дрим од ова време, особено камени орудија во музејот во Охрид траеше и кога јас работев таму во шеесетите години на минатиот век. Јасно, тој материјал само го складирав во депото. Потоа. почнаа и колегите од музејот во Струга да го собираат овој извонреден праисториски материјал, како Зоран Јулоски, Ристо Танески и на крај започнаа и подводните истражувања со Воислав Санев, д-р Александра Папазовска, Горан Санев, Валентина Тодороска и други.

Сл. 1 Охридска регија
Сл. 1 Охридска регија

Во педесеттите и шеесетите години на 20 век имаше интерес за откривање на археолошки остатоци кои треба да бидат привлечни за секој љубител на ликовното наследство. Така, со откривањето на фреско живописот особено во Охрид, археологијата трагаше по ранохристијанските мозаици кои се насетуваа и во струшката регија. Професор Коцо, кој ја откриваше Св. Климентовата црква во Охрид, изведуваше ископувања и на мозаиците во ранохристијанските цркви во Радолишта, во Октиси,5 регистрирани уште од Н. Вулиќ во триесеттите години на векот. Потоа тие беа доистражувани од страна на В. Маленко кој работеше во Радолишта, и од В. Битракова Грозданова6 на базиликата и на дел од некрополата од доцната антика во Октиси, а потоа, и на базиликата кај Св. Мартинија кај Ташмаруништа,7 каде за прва пат беа преземени систематски ископувања во неколку кампањи. Сите се сега конзервирани, делумно обелоденети, но се надевам дека ќе следат уште прилози на оваа тема од раното христијанство.

Сл. 2 Локалитетот од некрополата во Делогожда
Сл. 2 Локалитетот од некрополата во Делогожда

Античкиот период е најдоминантен, не само заради бројните откритијата, но и во смисла на систематски истражувања. Прво, би го спомнала поставувањето на темелите на Стоковната куќа кај мостот, наспроти хотелот Белград Струга, каде, за жал, без професионален пристап, се откри дел од некропола која според керамиката и стаклото кое беше донесено во музејот, може да се датира во крај на 4 и почетокот на 3 век пр. Хр. Потоа, во регионот се изведуваа систематски ископувања кај с. Делогожда, на локалитет Св. Илија. Уште во триесетите години на минатиот век мештаните наоѓале златни предмети кои ги продавале на локалните антиквари. Н. Вулиќ успева да објави дел од тој накит, кој припаѓа на типот накит со зооморфни протоми на лавови и со негроидни глави.

Во осумдесетите години и нешто потоа, презедов систематски ископувања во Делагожда (Сл. 2) поттикната од желбата да ископувам во охридската регија. Но, тогаш кој ќе го напуштеше Охрид вратите му беа затворени, и покрај долгиот професионален период од десет години кој го поминав таму. Но, секогаш од истражувачки аспект ме привлекуваше полето околу Охридското Езеро, и тоа се совпадна со докторската теза на тема од хеленистичката епоха. Се нафатив да ја истражувам некрополата кај Делогожда. Стружани ме прифатија, но покрај охридското варошко потекло, имав и многу позната баба од Струга. Во сите тие напорни зафати со мештаните, кои, кога беа кооперативни кога не, успевав и со помош на стручните лица од музејот и студенти, да изведеме систематски истражувања, во квадратна мрежа која низ годините ни се пореметуваше. Голема помош имав од тогашниот директор, историчар Ристо Таневски. Тогаш беше откриен за прв пат тумулус од крајот на 6 век во целата регија на охридско-струшкото поле, со долга хронологија на погребување на едно исто место, од 6 век пр. н.е., преку хеленистичката и римската епоха до средниот век. Како се менувале обичаите на примена на инхумација или инцинерација, како се изведувале промените на формите на погребувањата, така населението кое живеело во околниот простор ги прифаќало обичаите и новините. Се разбира, причините би биле објаснети во една подолга студија. Интересно е да се подвлече близината на Требенишкото Кале, се разбира и на Требеништа и некрополата Три Челусти, кои се на воздушна линија од околу 8 до 10 км.

Сл. 3 Базиликата кај Октиси
Сл. 3 Базиликата кај Октиси

Во секој случај, некрополата припаѓа на населба или населби кои се простирале тука близу, на периферијата источно од селото Делогожда (Сл.2), во подножјето на планинскиот венец од каде почнува планината Бистра со Караорман. Голем дел од истражувањата се обелоденети во публикациите: „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје 1987“ и во „Лихнид и Дасаретија, Скопје 2017“.

Во непосредна близина на некрополата кај св. Илија се наоѓа Делогожданското Кале, каде исто така се обидовме да поставиме пробни сонди покрај ѕидовите на утврдувањето, но околностите беа тешки за подетални ископувања. Останува на новите генерации да продолжат со систематски ископувања на Калето, што ќе даде одговор на многу прашања. Дел од откриениот материјал е обелоденет, особено накитот и керамиката од 6 до 1 век, како и некои од погребувањата. Би сакала во оваа прилика да ја најавам монографијата за овој локалитет.

Од левиот брег на Дрим, северно од Струга е локалитетот во с. Октиси со повеќе пункта каде се вршеа истражувања. Прво, и секако најдоминантно преставува систематското ископување на тробродната базилика на патот помеѓу Октиси и Вевчани, за прв пат регистрирана со поставување на неколку сонди од страна на Н. Вулиќ, потоа со поголем зафат на истражувања од Д. Коцо и на крај со комплетни ископувања од В. Битракова Грозданова.8 Мислам дека е една од најстарите базилики досега откриени во регионот, на што упатува откриениот материјал, мозаиците и една монета од почетокот на 5 век, откриена во мозаичната подлога (Сл. 3). Мозаиците се конзервирани и се наоѓаат во куќата на Миладиновци, само мал дел се оставени in situ.

Сл. 4 Via Egnatia - Радожда
Сл. 4 Via Egnatia - Радожда

Наспроти оваа црква, под новата селска црква и новите гробишта кај св. Атанасиј, е откриен гроб на една христијанка со натпис на сите тегули со кои е изградена гробната конструкција, една непозната форма на погребување досега, со особено христијанско обележје.

Кон овој преглед би ги приклучила и двата археолошки пункта од регионот. Едниот е локалитетот Вајтос, со моќното утврдување од крајот на 4 век пр. Хр. изградено во opus quadratum, од типот на Св. Еразмо, доградено во римската епоха. Правени се мали сондажни ископувања, а дивите истражувачи досега што направиле од Вевчани, не знам. Тука треба да се подвлече ангажманот на проф. Лилчиќ кој го изработи точниот тлоцр на оваа населба.

Вториот пункт е секако кај остатоците на Вија Егнатија (Сл. 4), кои почнуваат над с. Радожда и се упатуваат кон преминот на Ќафасан. Откриен е еден дел од патот и јасно, со многу теоретски и теренски усогласувања е изведено сигурно трасирање на овој римски пат, прифатено и во науката.9 Радождани, засега добро го чуваат патот.

Нема да го задржувам повеќе вашето внимание, освен што чувствувам потреба и должност да се заблагодарам на сите мои студенти кои ме следеа на овие истражувања во Стушко низ годините и останаа понатаму во професијата, многу сериозно да се занимааваат со овој тежок занает: Звонко Николовски, Никос Чаусидис, Лауцоска Марија, Фитни од Делогожда, Положани од Ливада, Давча Спасовска, Силвана Блажевска, Роберт Петковски, Бојан Таневски и особено благодарност на колегата Зоран Јулоски и на сите други кои случајно ги испуштив од сеќавањето за овој голем дел од моето професионално битисување.

Белешки

  1. Heuzey L. - Daumet H., 1876. ↩
  2. Inscriptiones graecae X/II, Berolini MIM. ↩
  3. Мушмовъ Н.А., 1925, 5-6; Мушмовъ Н.А., 1933, 61-68. ↩
  4. Пашиќ Р., 1958, 233-238; Пашиќ Р., 1959, 5-9. ↩
  5. Коцо Д., 1951, 14-15; Коцо Д., 1961, 16-22. ↩
  6. Битракова Грозданова В., 1974. ↩
  7. Битракова Грозданова В., 1998, 129-140; Битракова Грозданова В., 2009, 14-21. ↩
  8. Bitrakova Grozdanova V., 1998, 129-140. ↩
  9. Bitrakova Grozdanova V., 1999, 153-165; Битракова Грозданова В., 2017, 147-178. ↩

Библиографија