Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 175–204
Примарниот тумул од локалитетот Страгата кај село Крушевица, Мариово
Локалитетот Страгата веќе и е познат на стручната и научната јавност преку гробовите во кои е пронајден движни археолошки наоди од средновековниот период.1
Тој се наоѓа на околу 1,8 km југоисточно од селото Крушевица и на околу 900 m југозападно од локалитетот Ковчезите, лево од патот кај село Крушевица за селото Чаниште. Теренот е блага и карпеста падина, која од североисток, од истоимениот рид, се спушта кон југ и југозапад и завршува во коритото на Крушевичка Река (сл. 1).
Со археолошките истражувања извршени во 2001 година се утврди дека тумулот е со пречник од околу 20 m и висина од околу 1,70 m, и е најголем од сите досега познати тумули во Мариово (сл. 2). Истовремено, со нив се утврди дека тој за погребување бил користен низ подолг временски период, од доцното бронзено време и преодниот период, преку доцноантичкиот период, па cè до средниот век.2 Со овие археолошки истражувања се констатира и тоа дека примарниот тумул, за кој ќе стане збор во овој труд, бил со пречник од околу 15,0 m и височина од околу 0,80 m.3
Состав на тумулот - на највисокиот дел се наоѓа тенок слој од растресита земја со светлокафеава боја. По неговото симнувањето се појави слој од аморфен камен кој речиси е целосно уништен со подоцнежните вкопувања во архитектурата на доцноантичката, односно средновековната могила. Од овие причини, тој се зачувал само во одредени делови, односно во помали партии. Под слојот камен, главно, преовладува земја со кафеава боја, полесна за работа, а под неа, особено во средниот дел, земја со сивопепеласта боја, земја со темносива до црна боја, како и земја црвеница. Целиот состав е доста набиен и тежок за работа. На крајот следува здравицата, која во овој случај е мека карпа - плазика (сл. 3). Оштетувањата со кои во поголема или помала мера биле зафатени периферните делови од тумулот, не дозволија поцелосно да се согледаат карактеристиките на оградниот ѕид. Остатоци од него беа откриени само на просторот на сегментите I и IV, според кои можат да се извлечат само најосновните заклучоци: целиот тумул бил ограден со прстенест ѕид, подигнат најверојатно во еден ред на поситен и покрупен аморфен камен и камени плочи со поголеми димензии (План 2).
Со ископувањата се констатирани 77 гробни конструкции, од кои неколку од нив радијално се распоредени околу еден централен гроб, поставен приближно во средината на тумулот.4 Тоа се гробовите 8, 10, 11, 35 и 56, додека гробот 70 е означен како централен гроб. Гробот 35 бил оштетен при градење на гробот 7, при што недостасува западната надолжна плоча, а додека на гробот 70 целосно наседнал гробот 37. Не е исклучена можноста на оваа група гробови, која припаѓа на првобитниот тумул да и се приклучи уште некој гроб, како, на пример, гробот 4, кој по начинот на градењето е сличен со погоре споментатите гробови (План 1).
Сите гробови се од типот циста, градени од погрубо или подобро обработени камени плочи, комбинирани на неколку начини: со по една камена плоча од сите четири страни (8, 11, 70), трите страни со по една, а четвртата надолжна страна, со две камени плочи (10) и надолжните со по две, а потесната со по една камена плоча (56) (План 2, сл. 4, T. I, T. II). При зацврстување на фронталните плочи, обично во долните партии се поставувааат аморфни камења, и тоа од надворешната страна на гробот. Основите на коморите се поплочени со една (70) или повеќе помали камени плочки (8, 10, 11, 35 и 56) (Т. III - Т. VIII). Исто така, поплочени се и основите на гробови кои не припаѓаат на оваа група: 4, 41 и 57, додека гробот 34 е само делумно поплочен со антички тегули.
Со камени плочи се поплочени и гробните комори кај 4 гроба (1, 8, 9, 10) во тумулот на локалитетот Барата кај село Чаниште, додека кај гробовите 2, 3 и 6 евидентирано е дека нивните основи не се поплочени, туку само назначени со две до три помали камени плочки. Со поголеми камени плочи е поплочен и централниот гроб (гроб 9), кој е граден од крупен аморфен камен.5
Во тумулот на локалитетот Сламите кај село Вепрчани поплочен е само гробот 2, како и источната конструкција, која е поплочена со камени плочи кои се зачувани во северозападниот нејзин дел. Во тој дел се наоѓа и подебел слој од црвеникава глина која делумно го покривала западниот ѕид, како и некои од подните плочи.6
Повеќето гробови од тумулот на Страгата имаат и покривна конструкција изведена со една (8, 10 ), две (11) или повеќе камени плочи, попречно или надолжно поставени (T. III, T. IV, T. V, T. VII, T. VIII). Нивните димензии варираат и се движат меѓу 1,08 m и 1,90 m во должина и 0,45 m до 0,67 m во ширина. Исто така, варијабилна е и длабочината на гробовите и таа се движи од 0,33 m до 0,48 m. За поголема цврстина на гробната конструкција била употребена глина, обично поставена во аглите (11, 35, 56). Кај гробот 70 глината е поставена по целата должина на подот од комората, како и за прицврстување на покривната плоча, така што тој остава впечаток во форма на саркофаг (T. V - T. VIII). Глина е употребена и при градењето на повеќе други гробови од тумулот, кои, исто така, не припаѓаат на оваа група: 1, 4, 23, 24, 25, 27, 30, 31, 34, 39, 41, 43, 54, 55, 59, 62, 65, 67, 71.
Овде треба да се нагласи и тоа дека глината за спојување на плочите при градењето на гробовите засега не е позната во некрополи постари од VI век пр.н.е., а е доминантна во градбата на доцноархајските цисти.7 Од поблиското подрачје ваква појава е позната кај тумулот на локалитетот Сламите кај село Вепрчани, каде глина е употребена при градење на гробот 7.8
Во гробовите 11, 35 и 56 се откриени само ретки траги од скелет, додека во гробот 70 не се констатирани никакви остеолошки остатоци (T. III - T. VII). Погребувањето е поединечно, но има и случаи на погребување на два покојника во еден гроб, кои, секако, меѓу себе имаат некаква временска дистанца, на што ни укажуваат изместувањата и дислоцираните коски од едниот скелет. Групираните скелетни остатоци од постариот покојник вообичаено се положуваат во делот на нозете на новопогребаниот покојник (8, 10) (T. I).9
На крајот, ќе го истакнеме и тоа дека некои од овие гробови за погребување се користеле и во средновековниот период, како, на пример, гробот 8, кај когошто во неговата северозападна потесна страна се наоѓа поголем камен со триаголна форма, кој го надвишувал и го обележувал неговото постоење како еден вид маркер (T. III).10
Гробови од типот цисти од камени плочи се констатирани и во повеќе други тумули, како, на пример, во тумулот од локалитетот Висои кај с. Беранци,11 како и во тумулите на локалитетите: Барата кај село Чаниште,12 Попов Нос кај с. Чаниште13 и Сламите кај с. Рапеш, Битолско.14 Вакви конструкции се наоѓаат и во тумулите од Орлова Чука - тумул V, гроб 1,15 тумул VI, гробови 5 и 9, како и во некрополите со тумули на Бабите и Горно Поле кај Штип.16 На локалитетот Куново Чуки во селото Оризари, Кочанско, во две големи римски могили - могила II и III, во чии основи се откриени помали тумули од полното железно време, поедини гробови во нив преставуваат цисти од камени плочи, гроб 2 од могила III и централниот гроб од могилата II.17
Врз основа на горе изнесеното, како и врз основа на архитектонските белези и внатрешниот распоред на гробовите, може да се заклучи дека тумулот од локалитетот Страгата припаѓа на т.н. родовско-клановски тип. Главна карактеристика на овој тип тумули се повеќето погребувања организирани во круг и строга зависност од најстариот централен гроб, на таткото на родот. Сите погребувања се зрачесто распоредени, со главите свртени кон централниот гроб, а однадвор се заградени со кружен ѕид од крупни камења. Употребата на овој тип тумули продолжува и во текот на полното железно време, следејќи ги сите општествени, социјални и економски промени, кои убаво се отсликуваат во нивната архитектура и структура.18
Движни наоди
Инаку, не постојат интактни гробови од примарниот тумул, туку постојат само бројни наоди, неврзани со одредена ситуација, најчесто расфрлани во насипот на могилата или откриени во основата на нивото на протохумусот. Тие секако биле кршени и расфрлани во времето на погребниот ритуал и, пред cè, сочинуваат фрагменти од различни садови кои се работени на рака. Но според местото на кое се пронајдени одредени фрагменти од садови, може да се претпостави на кои примарни гробови би можеле да им припаѓаат. Така, за фрагментираниот кантаровиден сад со топчесто тело кој е пронајден на нивото од покривната плоча од гробот 65, поточно, до неговиот северозападен агол, може да се претпостави дека потекнува од гробот 56, кој е еден од радијално распоредените гробови и кој се наоѓа на само 1,0 m северозападно од овој гроб (T. IX, 14, Т. XI, 1). Инаку, гробот 65 е позициониран во делот каде што претходно се наоѓал оградниот ѕид на примарниот тумул, при што тој целосно го уништил во овој дел (План 1).
За фрагментираниот сад со повисок конусен врат, кој е пронајден источно од гробот 5, кој е од типот на гробови со слободно вкопување, исто така може да се претпостави дека потекнува од гробот 4, кој се наоѓа на само 0,5 m северозападно од него (T. IX, 16, Т. XI, 2). Како што напоменавме претходно, постои можност гробот 4 да е еден од примарните гробови во тумулот (План 1). Овде ќе го спомниме и фрагментот од кантаровиден сад со лентеста дршка со извлечен јазичест додаток на највисокиот дел, како и малиот фрагмент украсен со мат декорација, кои се пронајдени во насипот, во западниот дел на тумулот во близина на гробовите 10 и 11 и најверојатно потекнуваат од истите (T.XI, 8, 8a, Т. XII, 10) (План 1).
За останатите фрагменти од керамички садови може да се истакне тоа дека според начинот на изработката тие се доста слични, т.е. изработени се од земја помешана со зрнца од песок, лушпи од лискун, добро се печени и претежно имаат кафеава боја во повеќе нијанси. Од формите се застапени неколку типови и варијанти на чинии и садови со различни облици и намена.
Чинија во форма на прав конус во еден случај е со подебели ѕидови, а во друг со заоблен и задебелен венец од внатрешната страна (Т. IX, 1, 2).
Длабоките чинии со полутопчеста форма се застапени со голем број примероци и најчесто се со помали димензии. Ваквите чинии имаат подебели ѕидови и заоблен или рамно засечен венец, кај неколку фрагменти благо извлечен нанадвор, а кај оние со поголеми димензии тој е украсен со отпечатоци од прсти кои се попречно поставени (Т. IX, 3 - 5, 7, 9 - 10). Две фрагментирани чинии се со поголеми дименизии, заоблен или заострен венец и замазнети површини (T. X, 9). Еден фрагмент со грубо замазнети површини украсен е со кратки отсечни зарешки изведени со шилесто орудие, познато како furchennstich техника (Т. IX, 6, T. XI, 7).
Чинии со цилиндричен врат - овој тип е застапен само со два фрагменти. Во првиот случај чинијата е со помали димензии и изработена од непрочистена земја, и е со груба и порозна фактура, има повисок врат, остро нагласено рамо и полутопчесто тело без назначување на дното. Во вториот случај фрагментот е изработен од прочистена глина, има кус врат, благо нагласено рамо и издолжено тело (Т. IX, 8, 25, T. XI, 6, T. XII, 5).
Чинијата со „S“ профолација е застапена само со еден фрагмент кој е со топчесто тело, тенки ѕидови, мазнети површини и благо нанадвор подвиткан венец (Т. IX, 17, T. XI, 5 ).
Кантаровидните садови се со две вертикални лентести дршки кои поаѓаат од работ на венецот, при што го надвишуваат и завршуваат на најширокиот дел или на рамото од садот. Најчесто се со средна фактура и замазнети површини, при што еден ваков фрагментиран сад е со цилиндричен врат, благо нагласено рамо, топчесто тело и заоблено дно (Т. IX, 14, Т. XI, 1). Од садовите со пофина фактура ќе го спомниме и фрагментот со лентеста дршка со извлечен јазичест додаток на највисокиот дел, изработена од прочистена глина, добро печена и со механички мазнети површини (T.XI, 8, 8a). На крајот ќе го спомниме и малиот фрагмент од сад со биконусна форма, изработен од прочистена, добро печена глина со окераста боја и мазнети површини, со декорација изведена со подебели линии со темноцрвена боја во мат сликање. (T. XII, 10). Еден помал фрагмент од среден дел од сад со биконусна форма и корен од вертикална лентеста дршка најверојатно припаѓал на овој тип садови (Т. IX, 15). Овде ќе ги спомниме и неколкуте фрагментирани дршки од вакви садови, најчесто со овален пресек, при што една е свиткана речиси под прав агол (T.X, 16).
Бокали - еден ваков фрагментиран сад е со повисок конусен врат, проширен стомак и мало кружно и рамно дно (Т. IX, 16, T. XI, 2). Друг помал фрагмент е со цилиндричен врат, тенки ѕидови, сјајно мазнети површини и корен од вертикална дршка која го надвишувала венецот (T. X, 13).
Грнците се со потесно устие и најчесто се со низок или повисок цилиндричен врат, заоблен или зарамнет венец и издолжено тело (Т. IX, 11 - 13, T. XI, 4). Некои од нив имале вертикални лентести или помали јазичести дршки, а биле украсени со хоризонтално или косо пластично ребро, неукрасено или украсено со отпечатоци од прсти (T.X, 7)
Лонците се со поголеми димензии, лоша фактура, издолжено тело, широко отворено устие, благо нагласен врат, подебели ѕидови и заоблен венец кој најчесто е украсен со отпечатоци од прсти, попречно поставени. Пронајден е фрагмент изработен од прочистена глина има задебелен и рамно засечен венец и замазнети површини. Еден фрагмент има поголема вертикална дршка која поаѓа од под работ на венецот, додека друг е со поголема пластично извлечена дршка со правоаголна форма, на потесната страна украсена со паралелни вертикално поставени отпечатоци од прсти (Т. IX, 20 - 22, T. X, 4, T.XI, 3).
Складишните садови - питоси се со големи димензии изработени, од непрочистена глина и со грубо замазнети површини. Обично се со понизок или повисок цилиндричен врат, заоблен венец, кој во еден случај е малку извлечен нанадвор, а во друг случај со прстенесто задебелен венец. Еден ваков сад е со биконусно тело. Во најголемиот број случаи тие имаат јазичести или поголеми пластично извлечени дршки со правоаголна форма, во еден случај на потесната страна украсен со паралелни, вертикално поставени отпечатоци од прсти, а од горната страна со вертикални пластични ребра. Се наоѓаат и поголеми хоризонтални лентести дршки. Складишните садови најчесто се украсени со хоризонтални или коси пластични ребра, украсени со вдлабнатинки од прсти кои најчесто се наоѓаат на вратот, на рамото или на најширокиот дел од садот (T. X, 1, 5, 6, 8, 10, T. XII, 1 - 3, 6, 7).
Овде ќе ги спомниме и големите садови - огништа или пуранои - кои се застапени со неколку фрагменти (T. IX, 19, T. X, 2, 3), како и садот цедилка со перфорирани ѕидови со помали или поголеми кружни отвори (T. XII, 9).
Неколку садови се застапени со поединечни фрагментирани наоди: амфора со задебелен и благо нанадвор извлечен венец (T. IX, 18), сад со полузатворена форма кој е со подебели ѕидови, грубо замазнети површини и заоблен венец (T. IX, 23), сад со топчесто тело, подебели ѕидови на кој на рамото се наоѓа помала брадавичеста апликација (T. IX, 24) и минијатурно сатче со кус цилиндричен врат и топчесто тело (T. X, 14). На еден помал фрагмент се наоѓа „Ѕ“ апликација (T. XII, 8), а кај друг со подебели ѕидови е евидентирана пластична апликација во форма на буквата „V“.19
Како што беше нагласено малку погоре, не постојат интактни гробови од примарниот тумул, така што е многу тешко да се утврди точниот временски период кога е оформен и кога е започнато негово користење. Врз основа на горе изложените карактеристики на движниот археолошки материјал, можат да се извлечат само најосновни карактеристики кои можат да понудат и некои основни параматери за тоа кога започнале да се вршат првите погребувања во него.
За ова ќе ни послужат неколкуте фрагменти од кантаровидните садови со две вертикални дршки кои го надвишуват венецот. Тоа е типично бронзенодопска форма која е присутна низ целото бронзено време, а својот живот со извесни типолошки промени го продолжува и во железното време.20 Најнапред, овде ќе го спомнеме фрагментот од кантаровиден сад со две вертикални лентести дршки кои на највисокиот дел имаат извлечен јазичест додаток (T. XI, 8, 8а). Тој спаѓа во групата на монохромна керамика со темнокафеава боја, најчесто изработени од прочистена глина, добро печена и со механички измазнети површини.21 Оваа форма на нашата територија ја среќаваме како гробен прилог во доцнобронзенодопската некропола Димов Гроб кај селото Уланци.22 Слични дршки од вакви садови се пронајдени и на локалитетите Самовилец кај селото Сенокос и во гробот 1 на тумулот на локалитетот Сламите кај село Вепрчани, при што во двата случаи највисокиот јазичест додаток на дршката е профилиран во вид на две рокчиња. Дршките од Сламите од горната страна се украсени со врежани брановидни линии. Еден друг фрагмент од локалитетот Лаштигер кај село Манастир има нанадвор извлечен јазичест додаток на највисокиот дел од дршката. 23
Овде вреди да се спомне и малиот фрагмент изработен од прочистена, добро печена глина, со окераста боја, мазнети површини и декорација изведена со подебели линии со темноцрвена боја во мат сликање. Најверојатно тој припаѓал на кантаровиден сад со биконусно тело (T. XII, 10).24
Локалната мат боена керамика претставува главна карактеристика и израз на доцното бронзено време по долината на реката Вардар и често е присутна во повеќеслојните населби од Долното Повардарје.25 Посебно е карактеристична и за досега истражуваните некрополи од Средното Повардарје, така што наодите од некрополите Водоврати, Уланци, Стоби и Бежанија - Криви Дол претставуваат новини кои значително ги прошируваат постоечките територијални, па и хронолошки рамки на тој простор.26
Најголем процут, мат боената керамика доживува во раното железно време, додека во постарата фаза на полното железно време таа продолжува да егзистира, главно, во Јужна Пелагонија.27
Од поблиското опкружување на тумулот на локалитетот Страгата ќе ги спомнеме неколкуте фрагменти од садови кои се украсени со оваа техника, а се пронајдени во тумулот на локалитетот Сламите кај село Вепрчани. Овде, пред cè, се мисли на помалиот сад со цилиндрична форма, тенки ѕидови и мазнети површини, окераста боја и траги од темноцрвена мат декорација, пронајден во гробот 1 (гроб со кремација), кој се наоѓа јужно од тумулот.28 Во случајов станува збор за вообичаен доцномикенски начин на боење со расчленување на садот со хоризонтални ленти.29 Траги од црвена мат сликана декорација се наоѓа и на еден фрагмент од чинија со топчесто тело и благо нанадвор извлечен венец кој е пронајден во насипот на тумулот.30 Неколку фрагменти од кантаровидни садови украсени со мат декорација се пронајдени и во трите купови од керамичкото депо во Варош, Прилеп.31Кај еден фрагмент, во делот каде што дршката се спојува со устието, се наоѓа мало кружно вдлабнување. Еден друг фрагмент од среден дел од сад со дел од мала хоризонтална дршка најверојатно е од сад алабастрон. Ваков сад е пронајден и во гробот 4 од тумулот на локалитетот Сламите кај село Вепрчани, но заради лошата зачуваност тешко е да се утврди дали и тој бил украсен со мат декорација.32 Фрагментот од алабастрон од керамичкото депо е украсен со хоризонтални паралелни ленти на кои се надоврзува една вертикална, при што ваквата декорација продолжува и на дршката. Со ваква декорација е украсена една дршка од кантаровиден сад, а другите фрагменти со мали коси ленти поставени на краевите од дршките.33 Мат сликани садови се наоѓаат и меѓу движните наоди од тумулот во Висои кај село Беранци.34
Се издвојува фрагментираниот кантаровиден сад со рамен раб на устието, цилиндричен врат, благо нагласено рамо, топчесто тело и заоблено дно, има две вертикално поставени дршки кои го надвишуваат венецот и се со елипсовиден пресек, кафеаво печење со нееднаков интензитет и измазнети површини (T. IX, 14, T. XI, 1). Тој наоѓа аналогии кај еден сличен сад од Вардарски Рид кај Гевгелија, а во Кастанас ваквиот тип садови се датира во доцното бронзено време.35 Овде ќе го спомниме и малиот фрагмент од коленести дршки свиткани речиси под прав агол (T. X, 16). Слична ваква дршка е пронајдена во тумулот на локалитетот Барата кај село Чаниште. Садовите со вакви дршки во Кастанас се појавуваат од слојот 12 и се задржуваат кусо до крајот на слојот 11, односно до 1000 година пред н.е.36
Бокалите се застапени со два примероци, од кои едниот е фрагмент со сјајно мазнети површини, а другиот е фрагментиран со средна фактура, мазнети површини, повисок конусен врат, проширен стомак и мало кружно и рамно дно (Т. IX, 16, T. X, 13, T. XI, 2).37
Кујнската керамика е застапена со неколку фрагменти од садови со огниште, т.н. пуранои (T. IX, 19, T. X, 2, 3). Тие се состојат од голем сад со две вертикални, најчесто јазичести дршки, со широко отворен венец, поставено на цилиндрична основа, која всушност го претставува огништето. Речиси редовно имаат лоша фактура.38 Фрагменти од вакви садови на нашето подрачје се пронајдени на повеќе локалитети, пред cè, на просторот од Мариово, и тоа на локалитети кои се концентрирани на подрачјето од селото Манастир: Градиште, Лаштигер и Ќулавите, потоа Врља Грамада кај с. Бешиште, Градиште кај с. Вепрчани, во насипот на тумулот на локалитетот Сламите кај истото село, Казан кај с. Кален, на локалитетот Дрми кај с. Горно Село, Самовилец кај с. Сенокос, Тумба кај с. Мало Коњари, како и во Керамичкото депо во Варош, Прилеп.Сите се изработени од непрочистена глина, најчесто имаат поголеми хоризнотални или вертикални дршки со овален пресек или поголеми јазичести пластично извлечени дршки, а се украсени со хоризонтални или вертикални пластични ребра кои имаат вдлабнатинки од прсти.39
Овде ќе ги спомниме и грнците кои се со потесно устие и најчесто се со низок или повисок цилиндричен врат, заоблен или зарамнет венец и издолжено тело (Т. IX, 11 - 13, T. X, 7, T. XI, 4).40 Исто така, и лонците кои се со поголеми димензии, лоша фактура, издолжено тело, широко отворено устие, благо нагласен врат, подебели ѕидови и заоблен венец кој најчесто е украсен со отпечатоци од прсти, попречно поставени (Т. IX, 20 - 22, T. X, 4, T. XI, 3).41 Идентичен фрагмент од лонец е пронајден и во насипот на тумулот на локалитетот Сламите кај село Вепрчани.
Евидентирани се и неколку типови и варијанти на чинии, и тоа, пред cè, чинијата со задебелен венец од внатрешната страна која своите корени ги влече уште од времето на доцниот неолит.42 Оваа варијанта на чинија застапена е на повеќе локалитети од времето на енеолитот, како и во населбите од соседната енеолитска културна група Бубањ-Хум.43 Ваквите чинии застапени се и во наредното бронзено и железното време.44 Потоа, длабоките чинии со полутопчеста форма кои имаат подебели ѕидови и заоблен или рамно засечен венец, кај неколку фрагменти благо извлечен нанадвор, а кај оние со поголеми димензии тој е украсен со отпечатоци од прсти кои се попречно поставени (Т. IX, 3 - 5, 7, 9 - 10, T. X, 9).45 Исто така, и чиниите со цилиндричен врат кои обично се изработени од непрочистена земја и се со груба и порозна фактура или се од прочистена глина и со кус или повисок врат, благо нагласено рамо и издолжено тело (Т. IX, 8, 25, T. XI, 6, T. XII, 5).46 Како и чинијата со „S“ профилација кој е со топчесто тело, тенки ѕидови, мазнети површини и благо нанадвор подвиткан венец (Т. IX, 17, T. XI, 5 ).47
Грубата керамика ја сочинуваат големите садови за складирање - питоси кои имаат високи заоблени или биконусни тела, со широки отворени устија и најчесто масивни јазичести или поголеми хоризонтални дршки со триаголен пресек (T. X, 1, 5, 6, 8, 10, T. XII, 1 - 3, 6, 7). Декорацијата е изведена со прилепување на пластични ленти украсени со втиснувања од прсти кои најчесто се наоѓаат на вратот или на рамото од садот.48
Во насипот на тумулот беа пронајдени дислоцирани парчиња од куќен лепеж, како и поголем број фрагменти од керамички садови и друг движен археолошки материјал од различни временски периоди, кршени и без ред расфрлани.
Погоре спомнавме дека еден фрагмент од чинија со полутопчеста форма е украсен со браздестото врежување, односно орнаментирањето е изведено со кратки отсечни зарешки (поврзани убоди, убоди во бразди) изведени со шилесто орудие. Тоа е специфичен начин на украсување, непознат кај досега дефинираните праисториски култури на подрачјето на Република Македонија.49 Овој начин на украсување е познат како furchenstich техника и првпат се јавува во населбите од Костолчката културна група и претставува една од основите во формирањето на вучедолскиот стил во рамките на таа доцноенеолитска култура.50 Таа, распространувајќи се во својата доцна фаза кон југ доаѓа во допир со последната фаза на културниот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол.51
Овој вид украсување кај нас за првпат, и тоа во голем број наоди, се среќава на локалитетот Трештена Стена кај селото Чаниште, кој се наоѓа на само 1,4 km југоисточно од локалитетот Страгата.52 Неговото присуство е евидентирано и на локалитетите: Кукул - Баба, Прилеп,53 Палатица кај село Штавица, Марково Кале кај с. Локвени, Каракамен кај с. Шелеверци,54 Големи Камен кај с. Лопатица,55 а тука се вбројуваат и наодите украсени со оваа техника, а се од непознат локалитет.56
Од останатите наоди пронајдени во насипот на тумулот ќе ги спомнеме и главата од антропоморфна фигурина изработена од непрочистена земја, со пластично извлечен нос, очи претставени со коси засеци, а устата е назначена со мал убод. Од долната страна на вратот се наоѓа мал кружен отвор за спојка (T. XIII, 1),57 како и фрагментираната десна нога од антропоморфна фигурина од типот фигурини што седат, со дупче за спојка од внатрешната страна (T. XIII, 4). Кон производите од печена земја припаѓаат и плочките со кружна форма и подебели ѕидови, во средината кружно продупчени, во еден случај на краевите украсена со импресо зарези (T.X, 11, 12, 15).
Пронајдени се и фрагментирана секира, изработена од камен со сивозеленкава боја, со сечило острено од двете страни, како и кремени ножиња изработени од камен со медова и сивозеленкава боја, со триаголен пресек, ретуширани од двете страни (T. XIII, 5 - 7). Евидентирани се и една половина од кугла од сивозеленкаст камен, попречно продупчена, потоа земјена кугла за праќа и фрагментирано орудие од коска (T. XIII, 2, 2a, 3, 3a).
Сите овие наоди укажуваат на постоење на праисториска населба во близина на тумулот од локалитетот Страгата, до сега непозната во науката. Потврда за ова се и неколкуте дислоцирани парчиња од куќен лепеж.
Заклучок
Погоре беше спомнато дека не постојат интактни гробови од примарниот тумул, а исто така, во даденава ситуација недостасуваат хронолошки осетливи наоди за попрецизно хронолошко детерминирање на тумулот од локалитетот Страгата. Почетоците на погребување во него сепак треба да се бараат кон крајот на бронзеното време или евентуално во преодниот период.
Заради големите оштетувања на тумулот со подоцнежните вкопувања останаа отворени повеќе прашања, како: колку гробови содржел примарниот тумул, начинот на погребување, половата диференцијација, повеќекратното погребување во еден гроб, начинот на полагањето на гробните прилози, оставањето прилози вон гробовите и др.
Во насипот, на различна длабочина, беа пронајдени и бројни фрагменти на антична садова керамика. Најголем дел од нив преставуваат локален производ со стандардни форми на поголеми и помали садови од типот на амфора, стомна и грне со една или две лентести дршки, со тенки ѕидови и кафеавкаста боја во неколку нијанси. Неколку фрагменти имаат малку вовлечено дно, со помалку или повеќе нагласено централно задебелување. Тоа е керамика која се датира во временскиот период од IV до VI век.58 Овде ќе го споменеме и грнето кое има груба фактура, во горните делови украсено со врежани брановидни линии. По начинот на изработката, составот на земјата, начинот на печењето и обликот, тоа претставува значаен и редок наод кој се датира во VII век.59
За гробовите кои припаѓаат на средновековниот период треба да се каже следново: начинот на положување на покојниците, нивната ориентација и присуството на предмети само за лично украсување на покојниците, ни укажуваат на погребни обичаи кај население кое го прифатило христијанското верување. Потврда на тоа се и неколкуте камени плочки со триаголна форма и врежан крст, поставени во пределот на нозете, т.е. од источната страна на гробот. Гробниот инвентар се состои претежно од наушници, обетки и прстени изработени од сребро, бронза и железо. Наброените наоди ги датираат овие гробови во периодот на IX до XI век.60
На крајот нешто и за односот на населението во античкиот и средновековниот период кон праисториските тумули во Мариово, кој привлекува особено внимание. Местото на кое била подигната доцноантичката, а подоцна и средовековната могила на локалитетот Страгата кај селото Крушевица не било случајно одбрано. Претходно тоа беше потврдено и кај тумулите на локалитетите: Барата кај с. Чаниште,61 Сламите кај с. Вепрчани,62 Попов Нос кај с. Чаниште, каде во насипот, па и во самите гробови и околу нив, се пронајдени повеќе фрагменти од керамички садови од античкиот период и раниот среден век.63 Во битолскиот дел oд Мариово аналогија има и кај тумулот на локалитетот Сламите кај селото Рапеш.64 Кај тумулот на локалитетот Падината - Тламбасица кај селото Крушевица, пак, беше констатирано дека во праисторијата во функција била само северната половина на тумулот, додека јужната која има две фази, доградена е во подоцнежниот антички период. 65
Доградувањето на старите тумули е многу честа појава која може да биде извршено во повеќе наврати во различни временски растојанија и од страна на различни културни групи. Самата идеја за погребување на своите покојниците на место кое било свето на некоја одамнешна популација со која тие немаат ништо задничко, е феномен кој е доста интересен и на кој треба да се пристапи од повеќе различни аспекти. Наследувањето на сакрални места е исклучиво духовен, односно религиозен избор. При тој избор присутна е извесна доза на страв, односно стравопочитување кон светите работи или места од минатото, што е наследено од претхристијанските религии, чии придобивки cè уште биле присутни иако христијанството веќе пуштило корени како востановена легитимна вера.
Се претпоставува дека покојниците погребани во првобитните праисториски тумули ги сметале за некој вид дамнешени предци, зашто и покрај сите римски обичаи целосно го презеле нивниот начин на погребување под тумули.
Тоа значи дека при одбирањето простор за подигање могила најверојатно се настојувало да се избере култен терен во кој се чувала духовната моќ на претходните генерации. Притоа, со голем пиетет и верба во силата на предците во јадрото на новата могила бил вградувани цели тумули од железното време.
Ваква појава е забележана и кај други тумули на подрачјето од Македонија, особено на локалитетот Куново Чуки, кај могилите II и III. 66
Значи, додека во праисторијата тумулите имале социјална функција, односно биле клановско - родовски или фамилијарен тип, во доцноантичкиот и средниот век тие имале исклучиво религиозна функција и се користеле како свети места со пренесувачка духовна традиција.67
Инаку, долготрајното користење на тумулите низ повеќе периоди е честа појава и во Албанија, каде погребувањето се вршело и во четири или повеќе различни периоди. Таква е ситуацијата во Бурели во централна Албанија,68 а слична е ситуацијата и во тумулите, во Барчи во југоисточна Албанија,69 како и во тумулите од некрополата Дукат во југозападна Албанија.70 Вакво користење на тумулите евидентирано е и во југозападна Србија, Радоиња, каде во еден тумул се констатирани три хоризонти на погребување - енеолит, доцноантички и средновековен.71
Белешки
- Миткоски А., 2002, 3 и др. ↩
- Миткоски А., 2002, 14, Plate I - XI, fig. 1 - 9 ↩
- Миткоски А., 2010, 58, План 3. ↩
- Миткоски А., 2002, 4, 6, Пл. 1. ↩
- Миткоски А., 1999, 40, T. I, сл. на стр. 51, 53, 57, 59, 60, 61. ↩
- Mitkoski A. et al., 2016, 35, fig. 3, 5. ↩
- Митревски Д., 1997, 99. ↩
- Mitkoski A. et. al., 2016, 31, fig. 9. ↩
- Миткоски А., 2002, 20, 22, сл. 3 и 4 на стр. 29. ↩
- Миткоски А., 2002, 20, Pl. VI, сл. 3 на стр. 29. ↩
- Mikulčić I., 1966, 14, T. III, 6. ↩
- Миткоски А., 1999, 40, План 1, Т. II, фот. на стр. 53, 55, 57, 59, 60, 61. ↩
- Миткоски А., 2019, 11, ил. 3, 4, Пл. 2. ↩
- Василева М., 1993, 75, сл. 3 - 6, 8, 9. ↩
- Пашић-Винчић Р., 1970, 131, сл. 3. ↩
- Микулчиќ И., 1961, 49-50, Pl. 4, 3, T.II, 3 ↩
- Санев В., 1978, 9, Пл. 2 и 3; Митревски Д., 1990, 68, Скица 3. ↩
- Митресвки Д., 1990, 106 - 107, сл. 20, 21, 26, 1. ↩
- Mitkoski A., 2018, 152. ↩
- Heurtley W. A., 1939, 79, Pl. XV, 333 – 335, 337, 340, 344, 342 -349, 407, 437, Pl. XXIII, i - n; Hochstetter A., 1984, 58 - 63, Abb. 15; Aslanis I., 1985, 77 - 78, Abb. 72, Taf. 5, 15, Taf. 11, 1, 2, Taf. 30, 8, 10 - 13, Taf. 43, 10, 13, Taf. 52, 10, Taf. 57, 12, Taf. 94, 2, Taf. 121, 11, Taf. 126, 12, Taf. 131, 1 - 5. ↩
- Видески З., 2005, 94, 98, Т. II, 1, 2, Т. VI, 5 - 7. ↩
- Видески З., 2005, 100. ↩
- Видески З., 2005, 99 - 100, Т. II, 1, Т. VI, 5; Видески З., 2005а, 70, T.V, 2, 3. ↩
- Hochstetter A., 1984, Taf. 6, 4, Taf. 11, 1, Taf. 27, 5, Taf. 29, 12, Taf. 31, 8, Taf. 39, 3, 5, Taf. 46, 5, Taf. 51, 2, 4, 6, Taf. 56, 6, Taf. 60, 5, Taf. 75, 8; Видески З., 2006, 65. ↩
- Heurtley W.A., 1939, 217, 218, 220, 225, N. 413, 421, 422, 433, 434, 455; Видески З., 2005, 100. ↩
- Нацев Т., 1996, 28, Т. 1, 6, а, б, Т. 3, 1, 2; Mitreвski D., 1997, 49 - 50, Sl.12; Видески З., 2006, 63, сл. 1 - 4. T. I - IV. ↩
- Mitreвski D., 1997, 111, 123 - 124. ↩
- Mitkoski A. et al., 2016, 35, fig. 4, 3, Plate IV, 2. ↩
- Митревски Д., 1997, 55. ↩
- Mitkoski А. et al., 2016, 45, Pl. III, 17. ↩
- Јовчевска Т., 2008, 95; Митревски 2013, 171. ↩
- Видески З., 2006, 66, сл. 3, T. III, T. IV; Mitkoski et al. 2016, 35, fig. 6а, 1. ↩
- Hochstetter A., 1984, Tafel 261, 5, 13, Митревски Д., 1997, 49, сл. 12, сл. 14, 2, 5; Видески З., 2005, 95, T. II, 5, 6; Видески З., 2006, 65 - 67, сл. 2, 3, T. I - IV. ↩
- Митревски Д., 1997, 124. ↩
- Пазовска А., 2005, 387, T.I, 1; Hochstetter A., 1984, 62, Abb. 15; Tafel 39, 10, Tafel 75, 3 Tafel 268, 5. ↩
- Санев В., 1978, 9, Сл. 8 а, б; Миткоски А., 1999, 44, T.IV, 4; Hochstetter A., 1984, , Taf. 87, 6, Taf. 95, 3, Taf. 103, 6, Taf. 113, 1. ↩
- Санев В., 1978, 8, Сл. 3, Hochstetter A., 1984, 74 - 77, Abb. 18. ↩
- Heurtley W.A., 1939, Pl. XXII, fig. 474, Hochstetter A., 1984, 155 – 164, abb. 41, 43; Aslanis I., 1985, Tafel 121, 14; Видевски З., 2005, 95, 100, Т. IV, 1, T. IX, 1, 2. ↩
- Китаноски Б., 1980, 27, Сл. 7; Миткоски А., 2010, 60, T. XII, 4, 5, T. XV, 2 - 4; Mitkoski A. et. al., 2016, 32, 45, fig. 11, 2, 4, Pl. II, 9. ↩
- Hochstetter A., 1984, 135 – 138, Abb. 36, Taf. 3, 8, Taf. 26, 1, Taf. 69, 3, Taf. 101, 9, Taf. 103, 5, Taf. 138, 10, Taf. 155, 1, Taf. 160, 4, Taf. 190, 8. ↩
- Hochstetter A., 1984, 113 - 123, 131 - 134, Abb. 31, 35, Taf. 21, 7, Taf. 66, 8, Taf. 67, 5, 6, Taf. 85, 5, Taf. 91, 4, 5, Taf. 159, 8, Taf. 181, 6, Taf. 212, 7. ↩
- Mitkoski A., 2018аа, 144. ↩
- Гарашанин М., 1973, 177, 185; Гарашанин М. - Симоска Д., 1976, 15, сл. 20; Симоска Д. и др., 1976, 47, сл. 4, 6, 7, T.XI, 1; Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008, 96, Т.2, 2, Миткоски А., 2011, 131, T. VIII, 4, 5, T. XIV, 3, T. XVIII, 3, 4, Миткоски А., 2017, 168, T.V, 1, Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019а, 179, T. V, 6. ↩
- Митревски Д., 1997, 110, сл. 29; Hochstetter A., 1984, Taf. 34, 10, Taf. 138, 5, Taf. 187, 8, Taf. 221, 6; Aslanis I., 1985, Abb. 39, 1, Taf. 47, 2, Taf. 53, 12, Taf. 67, 5, Taf. 90, 9. ↩
- Hochstetter A., 1984, Tafel 74, 2; Миткоски А., 2010, 62, T. XIV, 6; Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019a, 179, T. III, 14 - 16. ↩
- Hochstetter A., 1984, 109 – 113, Abb. 29, Taf. 41, 8, Taf. 43, 6, Taf. 56, 3, Taf. 99, 6, Taf. 110, 9, Taf. 116, 6, Taf. 148, 11, Taf. 189, 7, Taf. 228, 10, Taf. 236, 3, 4; Видески З., 2005, 98, T. VII, 3, 4; Mitkoski A. et. al. 2016, 45, Plate III, 22; Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019а, 179, Т. III, 9. ↩
- Митревски Д., 1995, 70, T.VI, 12; Булатовиќ А., 2007, 100, T.XIII, 4. ↩
- Heurtley W.A., 1939, Pl. XIII, 177, 203, Pl. XX, fig. 420; Hochstetter A., 1984, 142 – 155, abb. 39; Видески З., 2005, 100, Т. III, 2 – 6, Т. IX, 3, 4; Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019а, 180, T. V, 10. ↩
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008, 125; Миткоски А., 2010, 56, Т.VI, 2, Т.VII. ↩
- Гарашанин М.,1973, 231; Tasič N., 1979, 256. ↩
- Гарашанин М.,1973, 228; Tasič N., 1979, 264. ↩
- Миткоски А., 2011, 138, 139, T. V, 22, T. VI, 10, T. VIII, 22, 23, T. IX, 1, 6, Т. XI, 10, T. XII, 4, 5, T. XIII, 6, 35, T. XIV, 12, T. XV, 10, 12, T. XVII, 23, T. XXIII, T. XXIV, 9, 10, T. XXV, 3, 3a, T. XXVI, 9. ↩
- Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019аа, 113, сл. 7, 4, Т. I, 1, 2. ↩
- Миткоски А., 2012, 11, Т.V, 1,1 а, 6. ↩
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008а, 125, Т. 6, 3, 6, 13, Сл. 6 ↩
- Миткоски А., 2017, 171, Т. IV, 4, Т. V, 25, Т. VI, 5, 8, 9, 12, Т. VII, 9, 16 - 18 ↩
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2001, T.I, 1, T.II, 8, T.III, 3, Сл. 1, 6, 12; Наумов Г., 2015, 49, 67, Сл. 1, 18. ↩
- Ончевска Тодоровска М., 2010, 82, 83, 155, 156, 163, 169, Т. 28, 3, 6, Т. 34, 23, Т. 42, 9, Т. 43, 23, Т. 50, 71, Т. 52, 94, Т. 55, 120. ↩
- Mitkoski A., 2002, 18-19, Fig.10. ↩
- Mitkoski A., 2002, 14 i dr. Plate I do IX, fig. 2 do 9. ↩
- Миткоски А., 1999, 44, Т. IV, 9. ↩
- Mitkoski A. et. al., 2016, 35, 36, 41, fig. 5; fig. 6, 1; fig. 7, 1, 2; fig. 8, 1, 4, Т. IV, 6; fig. 9,1,2,3, Т. IV, 7, 8; fig. 10, 1, 2. ↩
- Миткоски А., 2019, 13. ↩
- Василева М., 1993, 69, сл. 8, 5, 6, 9. ↩
- Миткоски А., 2018а, 37, сл. 3. ↩
- Санев В., 1978, 7 и др. Пл. 1 - 3, сл. 10 -12, Митрески Д., 1990, 61 – 67, Скица 1, 2, Сл. 4 - 7, 9 - 11. ↩
- Mitkoski A. et. al., 2016, 48 - 9. ↩
- Kurti D., 1977 - 78, 172. ↩
- Andrea Z., 1985, 218 - 219. ↩
- Bodinaku N., 2001 - 2002, 9 - 24, 77 - 100. ↩
- Zotović M., 1985, 27, fig. 3. ↩
Summary
Primary Tumulus at the Site of Stragata near the Village Krushevica in Mariovo
The site Stragata is located around 1.8 km to the southeast of the village Krushevica and around 900 m to the southwest of the site Kovchezite, on the left of the road from Krushevica to the village of Chanishte. It is the largest of all known tumuli in Mariovo. With the diameter of approximately 20 m and height of around 1.7 m it dominates over the rest of the tumuli.
The archaeological excavations in 2001 revealed that the tumulus was used during a long interval of time, from the Bronze Age and the Transitional period, through the Late Antiuity, until the Middle Ages. It was confirmed that the primary tumulus had the dimater of around 15 m and height of around 0.8 m.
The tumulus contained 77 grave structures, some of which are radially arranged around one central grave, located almost in the middle of the tumulus. All graves are cists, constructed of irregular or carved stone slabs, combined in few manners. Clay was also used for additional strength of the structures. The bottoms of the cists are paved with one or two small stone tiles. Most of the graves have a covering construction made of one, or two, or more, crosswise or lengthwise positioned stone slabs. Their dimensions are various and same is the depth of the graves. The burials are single, although there are some cases of two deceased in one grave where the skeletal remains of the older were displaced and moved to the area of the legs of the newly buried person.
Based on the above description and the architectural features, as well as the internal arrangement of the graves, we can conclude that the tumulus at the site of Stragata belongs to the so-called tribal or clan tumuli with multiple burials organized in a circle and strongly related to the central grave, the father of the clan.
However, there are no intact graves from the primary tumulus, only numerous finds unrelated to certain context, usually scattered in the fill of the tumulus or at the base, at the initial level of use. Most of the finds probably belong to the disturbed graves.
The fill of the tumuls also contained large number of pottery sherds and other moveable archeological material from different periods, broken and scattered without particular order, such as pieces of wattle and daub, fragmented anthropomorphic figurines, fragmented stone and bone tools, flint knives, half of a ball made of gray-green stone, lengthwise pierced clay sling shot and circular tiles with a round opening in the middle, in once case decorated with impresso cuts. All of this finds suggest the existence of an unknown prehistoric settlement from the Neolilthic and Eneolithic period near the tumulus at the site of Stragata.
Numerous pottery sherds from the antiquity, mostly of amphorae, jugs and pots, dated between the 4th and the 5th century, were found at different depth in the fill. Siginficant and a rare find is the coarse ware pot decorated with incised wavy lines, dating from the 7th century.
Библиографија
- Andrea Z., 1985, Kultura Ilire e tumave në Pellgun e Korçës, Akademia e Shkencave e RPSSH, Tirane
- Aslanis I., 1985, Kastanas - Die Frühbronzezeitlichen funde und befunde, PAS Band 4, Berlin 1985.
- Bodinaku N., 2001-2002, The Tumulus necropolis of Dukat in Vlora City (Excavation between 1973-74), Iliria 1-2, Tirane, 9 - 24, 77-100.
- Булатовиќ А., 2007, Врање – културна стратиграфија праисторијских локалитета у Врањској регији, Београд – Врање.
- Василева М., 1993, Некрополата од железно време кај с. Рапеш, Macedoniae acta archaeologica 13 (1992), Скопје, 69 – 80.
- Видески З., 2005, Бронзеното време на Вардарски Рид, Вардарски Рид, том I, Скопје, 91 – 113.
- Видески З., 2005а, Енеолитска населба “Врањак“ од село Варвара – Скопско, Зборник на Музеј на Македонија (А) бр. 2, Скопје, 67 – 78.
- Видески З., 2006, Мат сликана керамика од доцнобронзенодопската некропола Димов Гроб, c. Уланци – Градско, Folia archaeologica Balkanica I, In Honorem Verae Bitrakova Grozdanova, Скопје, 63 – 74.
- Гарашанин М., 1973, Праисторија на тлу Србије, Београд
- Гарашанин М. - Симоска Д., 1976, Контролни ископувања на Шуплевец и некои проблеми на групата Шуплевец - Бакарно Гумно, Macedoniae acta arhaeologica 2, Прилеп, 9 – 41.
- Zotović M., 1985, Arheološki i etnički problemi bronzanog i gvozdenog doba zapadne Srbije, Titovo Užice, Beograd.
- Јовчевска Т., 2008, Манастир – некропола од преодниот период од доцно бронено во железно време, Велес.
- Kurti D., 1977-78, Tumat e Burrelit, Iliria 7-8, Tirane, 157-187.
- Китаноски Б., 1980, Праисториско керамичко депо од Варош во Прилеп, Macedoniae acta araeologica 6, МАНД, Скопје, 21 – 36.
- Mikulčić I, 1966, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza od egejske seobe do Augusta, DISS III, Skopje–Beograd.
- Микулчиќ И., 1961, Могили од “Орлова Чука“ кај село Караорман, Зборник на Штипскиот Народен музеј II (1960 – 1961), Штип, 47 – 64.
- Миткоски А., 1999, Железното време во Мариово, Тумулои I од Барата кај Чаниште, Македонско наслество 9, Скопје, 29 – 61.
- Миткоски А., 2002, Три средновековни некрополи од прилепско, Македонско наследство 19, Скопје, 3 – 52.
- Миткоски А., 2010, Мариово во праисторијата, Macedoniae acta arhaeologica 19 (2004 - 2006), Скопје, 49 – 84.
- Миткоски А., 2011, Локалитетот Трештена Стена кај село Манастир, Мариово, Macedoniae acta arhaeologica 20, Скопје 125 – 140.
- Миткоски А., 2012, Три нови праисториски локалитети од прилепско, Зборник на трудови 16, Битола, 7 – 17.
- Mitkoski A. - Bulatović A. - Mikić I., 2016, Necropolis under s tumulus at Veprčani, Representative case of using sacred places during several periods in the past, Старинар LXVI, Београд, 27 – 57.
- Миткоски А., 2017, Нови сознанија за енеолитот во прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово, Зборник на трудови 20, Битола, 163 – 179.
- Миткоски А., 2018а, Археолошки истражувања на локалитет Таламбасица кај село Крушевица, Мариово, Археолошки информатор 2, Скопје, 35 – 42.
- Mitkoski A., 2018аа, Late Neolithic Settlement Ali Čair, Prilep, Neolithic in Macedonia: challenges for new discoveries, Skopje, 137 – 184.
- Миткоски А., 2019, Археолошки истражувања на локалитетот Попов Нос, с. Чаниште, Мариово, Тумул I, Археолошки информатор бр. 3, Прилеп, 7 – 15.
- Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019а, Локалитетот Ридот кај село Мажучиште, Macedoniae acta archaeologica 21, Скопје, 173 – 198.
- Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019аа, Локалитет Кукул – Баба кај Прилеп, Macedoniae acta archaeologica 22, Скопје, 109 – 132.
- Митревски Д., 1990, Куново Чуки кај Оризари, Могила II, Macedoniae acta araeologica 11 (1987 -1989 ), Скопје, 59 – 77.
- Митревски Д., 1995, Праисториска некропола “Клучка - Хиподром“ кај Скопје, Зборник на Музеј на Македонија (А), бр. 1, Скопје, 61 - 89.
- Митревски Д., 1997, Протоисториските заедници во Македонија преку погребувањето и погребните манифестации, Скопје.
- Митревски Д., 2013, Праисторија на Република Македонија, Македонија, милениумски културно – историски факти 1, Скопје, 83 - 266.
- Нацев Т., 1996, Резултати од контролното археолошко ископување на локалитетот “Долна Бежанија“ с. Криви Дол, Зборник VII, Штип, 27 – 33.
- Наумов Г., 2015, Неолитски фигурини во Македонија, Скопје.
- Ончевска Тодоровска М., 2010, Доцноантичка грнчарија во Република Македонија (доцен 3 – ти/ 6 – ти век), Скопје.
- Пашић-Винчић Р., 1970, Археолошка испитивања на локалитету “Орлова Чука“ код села Стар Караорман, Старинар XXI, Београд, 129-133.
- Папазовска А., 2005, Погребувањата на Вардарски Рид, Вардарски Рид, том I, Скопје, 385 – 397.
- Санев В., 1978, Могилите од Куново – Чуки кај с. Оризари, кочанско, Зборник на Археолошки Музеј на Македонија VIII – IX, Скопје, 7 - 20.
- Симоска Д. - Китаноски Б. - Тодоровиќ Ј., 1976, Населбата Црнобуки и проблемот на истоимената култура во светлината на новите археолошки истражувања, Macedoniae acta arhaeologica 2, Прилеп, 43 – 83.
- Tasić N., 1979, Kostolačka kultura, Praistorija jugoslavenskih zemalja III, Sarajevo, 235 – 266.
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2001, Неолитски антропоморфни статуетки во праисториската збирка на Завод и Музеј, Прилеп, Македонско наследство 17, Скопје, 52 – 69.
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008, Доцнонеолитска населба на локалитетот “Кутлине” кај село Ралке, Macedoniae acta archaeologica 18 ( 2002 – 2004 ), Скопје, 93 - 105.
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008а, Енеолитски локалитет Големи камен кај село Лопатица, Macedoniae acta archaeologica 18 ( 2002 - 2004 ), МАНД, Скопје, 115 – 130.
- Hochstetter A., 1984, Kastanas, Die Handgemachte Keramik, Prähistorische Archäologie in Südoseuropa, Band 3, Berlin.
- Heurtley W.A., 1939, Prehistoric Macedonia, Cambridge.