Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 141–173

Езерска наколна населба „Мрдаја“-Дојран

УДК 902.034:903.3(497.743)”637/638”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123141r

Локалитетот „Мрдаја“ е расположен во најјужната точка од крајбрежните води на Дојранското Езеро, во близина на македонско-грчката граница, односно военото одмаралиште Дојран-Стар Дојран. Овде се наоѓа мал залив чиј брег постепено се спушта од југ кон север под нивото на езерото.

Се до средината на 80-тите години од XX век, плиткото песокливо дно од езерото се наоѓаше под езерските води. Од средината на 80-тите години регионот беше зафатен со драстични климатски промени, поради кои водите на Дојранското Езеро започнаа да се повлекуваат кон внатрешноста на езерото. До почетокот на 90-тите години водите се повлекоа неколку стотици метри кон центарот на езерото, по што овој дел остана длабоко на брегот. Со стабилизацијата на климатските прилики, како и превземените хидролошки мерки за спас на езерото, од 2000 година наваму, нивото на Дојранското Езеро започна повторно да се крева. Кон средината на 2012 година на локалитетот започнаа градежни активности со тешка механизација, а се со цел да се прошири и переуреди плажата на военото одмаралиште. При ископите на дното од плажата се појави археолошки материјал и остатоци од дрвени колци кои даваа индиции за постоење на наколна населба. Ова беше повод да започнат заштитни археолошки истражувања кои се одвиваа во континуитет од 2012 до 2014 година.1 По истражувањата 2014 година, нивото на езерото се крена за околу 1,80 м така што денес локалитетот повторно се наоѓа во водите на Дојранското Езеро, на просечна длабочина од околу 1,50 до 2,50 м.

Со археолошките истражувачки кампањи, спроведени во текот на 2012-2014 год., беше истражена површина од околу 300 м2. Истражувањата покажаа дека културните слоеви се наоѓаат на просечна длабочина од 0,50 до 1,30 м под површината на езерското дно, односно под неколку наизменични седиментни слоеви составени од мил, песок и остатоци од езерски школки (Сл. 2/Цртеж 1).

Сл.1. Истражување на праисториската наколна населба Мрдаја во крајбрежниот појас на Дојранското Езеро – 2012 год. (фото Рујак З.).
Сл.1. Истражување на праисториската наколна населба Мрдаја во крајбрежниот појас на Дојранското Езеро – 2012 год. (фото Рујак З.).
Цртеж.1. Јужен профил на Кв. В4 (цртеж Ѓушев Г.).
Цртеж.1. Јужен профил на Кв. В4 (цртеж Ѓушев Г.).
Сл. 2. Стратиграфија на јужниот профил на Кв. В4 (фото Рујак З.)
Сл. 2. Стратиграфија на јужниот профил на Кв. В4 (фото Рујак З.)

Првиот културен слој лежи на просечна длабочина од 1 до 1,20 м, во однос на површината, и е со невоедначена дебелина од околу 0,10 м (Сл.3). Овој слој е составен од речни и аморфни камења, ретки примероци од фрагментирана садова керамика, животински коски и големо количество остатоци од езерски школки. Во овој слој не се забележуваат остатоци на дрвени колци од наколната населба.

Со отстранувањето на горниот слој се појавува нов културен слој со дебелина од 0,25-0,35 м кој содржински е многу побогат во однос на првиот слој (Сл.4/ Цртеж 2, 3). Во него се забележуваат остатоци на богат движен археолошки материјал составен од фрагментирана садова керамика, пршлени за вретено и мрежи, остатоци од перфорирани школки кои служеле како накит, метални предмети, животински коски и рогови, камена и кремена индустрија итн. Во овој слој се забележуваат и остатоци од дрвени колци кои ја носеле дрвената конструкција на која биле поставени објектите. Овој културен слој е, всушност, слојот кој бил формиран кога населбата била активна.

Покрај фрагменти од ѕидните платна на објектите и недогорени греди, пронаоѓани спорадично насекаде низ населбата, дрвената конструкција ја сочинуваат уште и остатоци од 61 колец. Тие најверојатно претставуваат темелни структури, односно основа за изградба на објектите, платформите и мовчињата. Истражувањата покажаа дека колците биле зашилени и набиени во езерското дно на просечна длабочина од 0,50 до 0,80 м. Дебелината на колците варира. Кај подобро сочуваните таа е со дименизи 0,10 х 0,16 м, односно, 0,12 х 0,20 м или, пак, 0,13 х 0,25 м (Сл.5; Сл.6 и Сл.7). Анализата на диспозицијата на колците покажува дека поголемиот дел од нив се групирани во одредени затворени целини.

Со оглед на тоа што овие групации на колци ги следи и поголема концентрација на движни наоди, претпоставуваме дека на овие позиции биле лоцирани станбените и другите објекти од населбата. Дел од нив биле од носечката конструкција на платформите и мовчињата за комуникација помеѓу објектите. На ова, впрочем, укажуваат и остатоците од недогорени фрагменти на дрвени греди и гаровина кои се појавуваат низ речиси целата површина од истражуваната населба.

Како што рековме, бројните остатоци од дрвени колци и остатоци од друг градежен материјал, укажуваат на можноста дека конструктивниот склоп на населбата бил составен од засебни дрвени платформи на кои биле поставени еден или повеќе станбени, стопански и други објекти, кои меѓусебно биле споени со мовчиња.

Цртеж 2. Културен слој во истражуваниот простор на Сонда 4/II на лок.Мрдаја-Дојран во текот на 2012 год. (цртеж Гушев Ѓ.).
Цртеж 2. Културен слој во истражуваниот простор на Сонда 4/II на лок.Мрдаја-Дојран во текот на 2012 год. (цртеж Гушев Ѓ.).
Сл.3. Остатоци од првиот културен слој. (Фото Рујак З.).
Сл.3. Остатоци од првиот културен слој. (Фото Рујак З.).
Сл.4. Остатоци од вториот културен слој кога палафитната населба била активна (Фото Рујак З.).
Сл.4. Остатоци од вториот културен слој кога палафитната населба била активна (Фото Рујак З.).

Со досегашниот степен на истраженост, а со оглед на поставеноста и групацијата на колците, како и концентрацијата на наодите, беа издвоени вкупно четири објекти кои биле поставени на дрвени платформи (Цртеж 4). Североисточниот објект е поставен на помала платформа и до него водело засебно мовче. Југозападниот објект, исто така, бил поставен на засебна дрвена платформа и бил одвоен со нешто подолго мовче. Во централниот дел од истражуваните сонди и квадрати се наоѓаат остатоци од колци кои укажуваат на два објекта. Судејќи според близината, концентрацијата и распоредот на колците, објектите најверојатно се наоѓале на иста платформа.

Сл.5. Остатоци на колци од наколната населба. (Фото Рујак З.).
Сл.5. Остатоци на колци од наколната населба. (Фото Рујак З.).
Сл.6. Остатоци на колци од наколната населба (фото Рујак З).
Сл.6. Остатоци на колци од наколната населба (фото Рујак З).
Сл.7. Остатоци на колци од езерската наколна населба во „Мрдаја“- Дојран (фото Рујак З.).
Сл.7. Остатоци на колци од езерската наколна населба во „Мрдаја“- Дојран (фото Рујак З.).

Анализите на гометриската поставеност на колците, кои се поставени во извесни затворени групации, укажуваат на неправилни правоаголни основи на објектите. Над колците најверојатно биле изградени платформите, а на платформите, објектите. На самиот почеток платформите најверојатно биле градени за поединечни објекти, а потоа, со растот на населението и зголемувањето на домаќинствата, платформите постепено биле проширувани, при што најверојатно се набивале нови колци во езерското дно.2 На тој начин, биле додавани нови објекти кои имале една заедничка платформа.

Цртеж 3. Истражуваниот простор на лок.„Мрдаја“ во текот на 2012-2013 год. (цртеж Гушев Ѓ.)
Цртеж 3. Истражуваниот простор на лок.„Мрдаја“ во текот на 2012-2013 год. (цртеж Гушев Ѓ.)

Судејќи според распоредот и густината на колците, носечката конструкција и на станбените објекти најверојатно била изведена со помош на дрвени носачи кои биле набиени во дното на езерото. Истражувањата покажаа дека основата на објектите најверојатно била со димензии од 3,00 х 4,00 м до 5,00 х 6,00 м.

Ѕидовите на објектите најверојатно биле изградени од неколку колци кои потоа биле оплетени со трска, лесковни, јасенови или врбови прачки. Остатоците од ѕидните платна, пронаоѓани спорадично низ населбата, покажаа дека плетените површини на ѕидовите биле премачкувани, односно, „малтерисувани” со кал која содржи висок процент на дробена слама (плева), гранули од ситен песок и мали камчиња. Кај одредени остатоци од ѕидната конструкција видливо е внимателно мазнење на завршниот слој, односно фасадата на објектите (Сл.8 и 9).

Цртеж 4. Основа со концентрација на наоди и колци од објектите и платформите на истражуваната праисториска населба „Мрдаја“ во Дојранското Езеро (цртеж на основата Гушев Ѓ., а на објектите со платформите Цицимов А.)
Цртеж 4. Основа со концентрација на наоди и колци од објектите и платформите на истражуваната праисториска населба „Мрдаја“ во Дојранското Езеро (цртеж на основата Гушев Ѓ., а на објектите со платформите Цицимов А.)

Посебно се интересни остатоците од плитар со релјефна декорација која најверојатно потекнува од фасадата на северозападниот објект (Сл.10). Се работи за фрагмент на фасада од објект декориран со пластични криволиниски ленти и мали кружни вдлабнатинки. Со оглед на големата распространетост на оваа декорација можеме да претпоставиме дека овој орнамент претставува омилен мотив во рамките на наколната населба „Мрдаја“ во Дојран.

Покривите на објектите најверојатно биле градени во класичната праисториска архитектонска традиција. Кровната конструкција најверојатно била составена од покрупни и потенки гранки, поврзани со конопци или кожни ленти, а потоа покриени со снопови трска која расте во изобилие во водите на езерото. Големата концентрација на аморфни камења, веднаш под објектите, зборува во прилог на поставање дополнителна стабилизација, со цел да се спречи растурање на кровот под налети на силни ветрови.

Сл.8. Остатоци од ѕидните платна на објектите на кои се забележуваат отпечатоци од прачки и трска (фото Гушев Ѓ.).
Сл.8. Остатоци од ѕидните платна на објектите на кои се забележуваат отпечатоци од прачки и трска (фото Гушев Ѓ.).
Сл.9. Остатоци од ѕидните платна на објектите на кои се забележуваат отпечатоци од прачки и трска (фото Гушев Ѓ.).
Сл.9. Остатоци од ѕидните платна на објектите на кои се забележуваат отпечатоци од прачки и трска (фото Гушев Ѓ.).
Сл.10. Остатоци на релјефна декорација од ѕидните платна на објектите (фото Величковски Б.).
Сл.10. Остатоци на релјефна декорација од ѕидните платна на објектите (фото Величковски Б.).

Со оглед на концентрацијата на носечките колци, кои се поставени во одреден правец на протегање, објектите и платформите најверојатно биле свртени во насока северозапад-југоисток. Од таа причина, влезовите во куќите најверојатно биле свртени кон југоисток. Овој податок укажува на можноста дека и целата населба била свртена во оваа насока. На тој начин објектите биле заштитени од северните ветрови.

Се чини дека населбата, по известен период на мирен, просперитетен и стабилен живот, страдала во некое од турбулентните времиња при крајот на бронзеното време. Во прилог на оваа теза се и резултатите од истражувањата кои изнедрија остатоци од гаровина, недогорени греди и предмети излагани повторно на високи температури. Исто така, големиот број остатоци од покуќнина и опрема, пронаоѓани во рамките на објектите, зборува во прилог на тезата дека жителите од населбата не успеале да понесат ништо од предметите користени во секојдневието.

***

Археолошкиот материјал, кој потекнува од слоевите на доцната бронзена епоха и преодниот период помеѓу бронзеното и железното време, е броен и разновиден. Во најголем дел се работи за материјал кој потекнува од јасно издвоени слоеви и стратиграфски затворени целини. Материјалот воглавно го сочинуваат остатоци од разновидни керамички садови, пршлени за вретено, преносни печки, камени и кремени алатки, метални предмети, животински коски, рогови итн. Кај дел од материјалот, расфрлен наоколу по активностите на механизацијата, немаме јасни стратиграфски податоци.

Како што рековме, најголемиот број наоди го сочинуваат керамичките предмети чија концентрација е најголема во просторот помеѓу колците, односно остатоците од објектите. Овој материјал е претежно составен од керамички садови кои биле дел од инвентарот на домаќинствата но, исто така, бележиме и наоди на керамички пршлени за вретено, преносни печки, питоси, како и предмети чија намена не можеме да ја одредиме.

Еден од најрепрезентативните керамички предмети, пронајден во рамките на населбата, во горниот дел има две мали роглиња (Сл.11).3 На тој начин го поврзуваме со традицијата за изработка на култни предмети започната уште во неолитот, односно со т.н. консекративни рогови.4 Се работи за предмет со благо трапезоидно тело и рамно дно. Предметот е декориран само од предната страна.5 Во долниот дел е широк 25 см, а во горниот дел, благо се стеснува, така што широчината изнесува 18 см. Вкупната висина на предметот е 28,5 см. Како што рековме, горната страна завршува со два роглести израстока украсени со по една кружна вдлабнатинка. Од предната страна, во трапезоидна рамка, се врежани по три линии од горниот десен агол, по четири линии од долниот десен и горниот лев агол и шест од долниот лев агол. Гледано од предната страна, овие врежувања формираат декорација во форма на буквата ,,Х“. Врежаните линии прават четири триаголни полиња. Помеѓу краците, лево и десно, полињата се украсени со по една кружна вдлабнатинка. Во долното поле се наоѓа надолу свртена спирала, а во горното поле спиралата е свртена нагоре. Лево и десно од спиралата, во горното поле, се наоѓаат уште две кружни вдлабнатинки.

Сл. 11. Култен предмет? во вид на стилизирани консекративни рогови.
Сл. 11. Култен предмет? во вид на стилизирани консекративни рогови.

Аналогните примероци пронајдени во Кастанас, определени во доцното бронзено време, одредени автори ги поврзуваат со некаков вид сталки или, пак, украс за покривите на куќите.6 Декорацијата со спирала се среќава и кај садовите пронајдени во рамките на населбата, како онаа на керамичкиот фрагмент (Табла 11/5) и онаа поставена на вратот од бокалот (Табла 12/2). Кружните вдлабнатинки се, исто така, чест мотив кај садовите од овој период, но таму најчесто се окружени со помали кружни убоди изведени со зашилен врв (Табла 2/4; Табла 11/4, 7). Вакви кружни вдлабнатини бележиме и на фрагментот плитар од декорираната фасада на северозападниот објект (Сл. 7). 7

Како што рековме, најголемиот дел на движниот археолошки материјал е составен од фрагментираната садова керамика. Кај голем дел од керамиката бележиме и делумно сочувани керамички садови. Керамиката е рачно работена, од локални лежишта на глина, а речиси, сите примероци се добро печени, со воедначена, воглавно монохромна, боја на телото. Одредени нијанси, кои се појавуваат на некои садови, се од дополнително излагање на високи температури. Најголемиот дел од керамиката е со песоклива фактура и речиси секогаш со примеси на зрнца кварц. Поретко се појавуваат садови со фактура во која се забележуваат примеси на толчени школки и варовник. Кај повеќето садови е забележливо внимателно мазнење на површината но, во најголем број, мазнењето е без полирање. Орнаментите, кои се појавуваат кај еден помал број на садови, се скромни во изборот на мотивите и техниките на украсување.

Фината керамика е изработена од добро прочистена глина и во неа речиси никогаш не се појавуваат поголеми зрнести структури. Во репертоарот на керамиката со најфина структура и изработка ги вбројуваме и локалните мат сликаните садчиња.

Во керамографијата на езерската наколна населба „Мрдаја“-Дојран амфоровидните садови заземаат посебно место (Табла 1/1-6; Табла 2/3, 6). Тоа се нешто поголеми садови, кои неретко преминуваат и 30-тина см во висина. Поседуваат конусен врат кој се стеснува кон врвот, широко разгранета устинка и мешесто тело. Некои примероци имаат профилирана устинка. Во долниот дел обично завршуваат со рамно дно, но бележиме и случаеви со профилирано прстенесто дно, како и поширока или потесна, конусна стапка, која се шири кон дното. На телото обично имаат две до четири лентести држалки поставени вертикално на стомакот или рамото на садот. Димензијата на амфоровидните садови варира но, во најголем број, имаат средна големина. Садовите се најчесто изработени од добро прочистена глина, со мали приемеси на песок и зрнца од кварц. Освен во неколку случаеви, кои се печени со редукција, останатите примероци се воглавно добро печени. Садовите поседуваат беж, керамидни, црвенкасти и темни нијанси на телото. Кај некои примероци се забележува повторно излагање на високи температури со што имаат добиено различни нијанси на телото.

Најголемиот процент на овие садови не поседуваат декорација. Кај примероците кои се украсени тоа се најчесто врежувања и редици на убоди кои обично се поставени на коренот од вратот, рамото и држалките (Табла 1/2). Редиците убоди понекогаш се поставени во врежани ленти околу телото. Овие ленти понекогаш продолжуваат вертикално, се до устинката, а со истиот мотив се украсени и држалките (Табла 1/5; Табла 2/3). Кај некои примероци, исто така, се забележува и декорирање на горната страна на држалките со мали кружни вдлабнатинки (Табла 1-2). Од друга страна, декорирањето со брадавичести апликации на телото на садовите е доста ретка и таа обично се појавува кај помалите примероци (Табла 1/3).

Со рекогносцирањата беше пронајден и еден богато декориран фрагмент од горниот дел на амфоровиден сад (Табла 11/8). Декорацијата е изведена во вид на редица мали цртки, врамени со хоризонтални ленти, веднаш под широко разгранатата устинка. Под овие ленти се наоѓаат радијално поставени, шрафирани висечки триаголници. На коренот на вратот, фрагментот е, исто така, декориран со неколку паралелни врежани ленти, врамени со редица мали, втиснати триаголници, изведени со некаква алатка која имала триаголен врв. Врежаната декорација на садот била дополнително истакната со инкрустација на бела пастозна боја од која денес се останати само траги. Богато декорирани садови од овој тип бележиме и во керамичкиот инвентар пронајден во рамките на некрополата од доцното бронзено време во Фаиа Петра, во долината на реката Струма.8

Оваа форма на афоровидни садови е доста застапена во јужните подрачја на Србија каде се поврзува со т.н. Брњичка култура,9 потоа Повардарието (Манастир-Чашка10 и Мали Дол-Тремник11), долновардарските населби (Кастанас и Вардарофца),12 како и во централните и јужните делови на реката Струма.13 Во Кастанас овој тип садови се појавува во слојот 18 (крај на XV и почетокот на XIV пр.н.е),14 но најголемата концентрација е во слојот 15, додека во слојот 14b целосно исчезнуваат.15

Табла 1
Табла 1
Табла 2
Табла 2

Посебно се интересни топчестите садови кои имаат релативно мала устинка, благо нагласен краток врат, помалку или повеќе, глобуларно тело и, спротивно поставени, две вертикални лентести држалки кои го спојуваат рамото со устинката на садот. Во својот лак, држалките ја надминуваат устинката (Табла 2/1, 2). Впечаток е дека ваквите садови оддаваат одредена кантаровидна форма.

Во посебна група на овие садови спаѓа фрагментирано сочуваниот т.н. топчест сад, односно садот со крушковидна форма, кој е орнаментиран со врежувања по целото тело (Табла 2/5; Сл.12). Се работи за сад кој е богато декориран со врежани геометриски орнаменти, односно квадратно поле во кое се наоѓаат дупли спирали, висечки триаголници, редици на точки итн. Во овој тип садови спаѓа и садот украсен со висечки концентрични триаголници и удвоена цик-цак линија поставена вертикално во централниот дел на садот (Табла 12/1). Посебен случај претставува фрагментарно зачуваниот сад кај кој е сочувана една држалка (Табла 2/4). Садот е посебен по тоа што од долната страна на држалката се наоѓа вертикално поставен орнамент составен од три кружни вдлабнатинки, окружени со редица точкасти убоди, изведени со шилест врв. Кај повеќето садови од овој тип, врежаните линии се исполнети со светла пастозна боја. Овие садови релативно често се појавуваат на локалитетите во Повардарието и долновардарските населби. Повеќето примероци од Повардарието, како оние од Манастир-Чашка, воглавно не се украсени.16 Слична е ситуацијата и со наодите од локалитетите во средните токови на реката Струма.17 Во долновардарските населби и Егејска Македонија бележиме поголем број на украсени садови, како оној од Солунската Тумба.18 Садовите со декорација во Кастанас се појавуваат во широка хронолошка рамка.19 Формата на овие садови се појавува на поширокото подрачје на Балканот, почнувајќи од Централен Балкан, Моравско-вардарската Долина, Јужна Романија, Западна Бугарија и Северна Грција.20

Сл. 12. Фрагменти од топчест сад со две држалки (Фото Гушев Ѓ.).
Сл. 12. Фрагменти од топчест сад со две држалки (Фото Гушев Ѓ.).

Во репертоарот на садова керамика од локалитетот „Мрдаја“-Дојран, исто така, бележиме и наоди на бокали. (Табла 3/1-7). Формата на телото им варира од топчеста, овална до благо биконусна. Примероците имаат една вертикална лентеста држалка која ја надвисува устинката, спојувајќи ја со рамото или телото на садот. Бојата најчесто варира, така што садовите поседуваат црвени до темно кафеави нијанси на телото. Изработени се од добро прочистена глина со примеси на ситен песок, кварц, а во ретки случаи, во структурата се забележуваат и дробени школки. Садовите се воглавно добро печени, на вискоки температури. Кај речиси сите примероци изливникот е косо засечен и се спојува со држалката. Отворот на изливникот, исто така, варира и тој може да биде потесен или поширок. Некои примероци имаат нагласен врат (Табла 3/1, 4), а кај другите телото завршува во коренот на изливникот (Табла 3/ 2, 3, 5-7). Поголемиот број од нив не се украсени, но бележиме и примероци кај кои се декорирани телото и вратот на садот. Тоа се најчесто врежувања, како кај примерокот кој е украсен со сноп од вертикални линии (Табла 3/2). Интересен е примерокот кај кој горниот дел на вратот е украсен со врежани спирали врамени со точки, линии и редици цртки. Од друга страна, долниот дел е украсен со хоризонтално поле во кое се наоѓаат редици точки. За разлика од вратот, телото на садот е украсено со радијално поставени концентрични висечки триаголници (Табла 12/ 2, 4). Аналогни примероци бележиме во населбата од доцното бронзено време на Солунската Тумба каде се сместени во т.н. подоцнежно доцно бронзено време.21, односно преодниот период. Еден примерок, кај кој не е сочуван вратот и држалката, е украсен со радијално поставени издолжени триаголници, шрафирани од внатрешната страна (Табла 12/ 3). Ваквите бокали имаат долга историја на употреба. Најраните примероци во Грција и Анадолија се во употреба уште од времето на раната бронзена епоха, а продолжуваат да се употребуваат се до крајот на железното време.22 Во Кастанас се застапени од слојот 14b до слојот 11.23 Во нешто поизменета форма продолжуваат и во текот на железното време.24

Табла 3
Табла 3
Табла 4
Табла 4

Со нешто поиздолжена форма на вратот, овие форми кај нас се појавуваат и на лок. Манастир – Чашка. Некои од нив се украсени со висечки триаглоници поставени радијално по телото.25 Слични садови бележиме и во наколната населба „Миќов град“, во „Заливот на коските“ на Охридско Езеро, каде се определени во преодниот период помеѓу бронзеното и железното време.26

Покрај бокалите, работени во речиси ист манир, се и садовите со една држалка. Овие садови имаат благо извиено топчесто или овално тело и многу поширока устинка во однос на бокалите (Табла 4/1-6). Имаат една вертикална лентеста држалка која ја спојува устинката со телото на садот. Некои примероци се со нешто поголеми димензии во однос на бокалите. Изработени се со фактура која честопати садржи поголемо количество песок и мали камчиња, односно понемарно се работени во однос на бокалите. Некои од нив се со различни нијанси, кои се движат од сиви, црвеникави и беж тонови на телото. Поголемиот број примероци се воглавно добро печени, но некои од нив на нешто пониски температури со употреба на редукционо печење, па оттука имаат порозна структура. Кај некои садови јасно се воочуваат траги од повторно излагање на оган, така што е можно во нив да се приготвувала храната со термичка обработка. Од таа причина сметаме дека овие садови биле дел од кујнската керамика на населбата, односно претставувале некаков вид грниња. Воглавно не се декорирани, освен со по една или неколку брадавичести апликации поставени на телото (Табла 4/ 1, 3-5). Кај еден примерок забележуваме и две мали јазичиња поставени на устинката чија намена најверојатно треба да ја бараме во усмерувањето на течноста која се изливала од садот (Табла 4/5). Инаку, ваквите испакнувања имаат долга историја и воглавно се поврзуваат со бронзенодобските култури на централното балканско подрачје.27 Аналогни примероци бележиме на локалитетот Манастир – Чашка28 каде се работени на речиси идентичен начин. Овие садови во Кастанас се појавуваат од слојот 14b и 13.29

Табла 5
Табла 5
Табла 6
Табла 6

Во оваа категорија би го сместиле и садот кој е изработен на речиси идентичен начин со тоа што, на предната страна, има пластично изведена релјефна декорација во вид на буквата „М“. (Табла 10/1). Слични апликации на садовите бележиме и во Кастанас каде се појавуваат во слојот 14b.30 Овој мотив е широко распространет на подрачјето на Централен Балкан и е омилен мотив на керамичките садови од доцното бронзено време.31

Во групата на монохромни садови застапени се и широко отворените и длабоки биконусни чинии со две, спротивно поставени, лентести држалки кои ја надвисуваат устинката (Табла 5/1-4). На садовите се среќаваат и две брадавичести испакнувања кои се поставени на најистакнатиот дел од биконусот на садот. Испакнувањата обично се наоѓаат на спротивните страни од држалките. Димензијата на чиниите варира, од примероци со широчина 30 до 40 см, до некои кои не поминуваат 20-тина см во широчина. Помалите примероци всушност претставуваат некаков вид на кантаровидни садови (Табла 5/3). Изработени се од добро прочистена глина со мали примеси на песок и ситни зрнца кварц. Најголемиот број од нив се добро печени, но бележиме и порозни примероци кои се печени на пониски температури и, поради тоа, многу полошо сочувани во милта на езерото. Бојата на садовите, исто така, варира, така што бележиме беж, темнокафеави, црвени до црни нијанси на телото. Површината е обично мазнета, но ретко е полирана. Овие садови се релативно чести во репертоарот на доцнобронзенодобската керамика од регионот. Аналогни примероци бележиме на локалитетот Клучка-Хиподром,32 Манастир-Чашка,33 Уланци34 и Вардарски Рид.35 Вакви садови бележиме и во долновардарските населби и, генерално, во Егејска Македонија.36

Покрај биконусните чинии, интересна е појавата на една плитка чинија со кружно тело украсена од внатрешната страна со мотив на спирала (Табла 10/2). Вакви форми се појавуваат често во керамичкиот репертоар на езерската наколна населба во „Мрдаја“. Покрај садовите кои не се украсени, бележиме и примероци украсени со кружни вдлабнувања, редици од точкасти убоди, декорација изведена со провлекување прсти преку влажната површина на садот итн.

Чашите од репертоарот на керамиката од доцното бронзено време, откриена во рамките на езерската наколна населба, во основа, не се раликуваат од сличните наоди пронајдени во рамките на другите локалитети во Повардарието и долновардарските населби. Основната форма ја претставува чашата со една вертикална лентеста држалка која ја спојува устинката со телото на садот. Формата на телото варира од топчеста, благо биконусна, до конусна (Табла 6/1-6). Кај некои чаши устинката е благо профилирана, а некои примероци имаат и вертикално извлечен врат. Чашите обично имаат една вертикална лентеста држалка која задолжително ја надвисува устинката, спојувајќи ја со телото на садот. Кај некои примероци на телото се наоѓаат, една или повеќе, пластично изведени брадавичести апликации (Табла 6/1). Изработени се од глина која често содржи примеси на песок и мали камчиња, а во фактурата неретко се забележуваат и остатоци на дробени школки. Кај некои примероци се забележува и благо мазнење на површината. Ваквите чаши се релативно често застапени во инвентарот на доцната бронзена епоха. Речиси да не постои локалитет од доцната бронзена епоха во Повардарието каде не се пронајдени слични примероци. Од репертоарот на овие садови посебно ги издвојуваме примероците од Манастир -Чашка37 кои се доста слични со нашите, потоа локалитетот Мали Дол кај Тремник,38 и Вардарски Рид-Гевгелија,39 каде, исто така, бележиме слични примероци. Покрај овие чаши, откриена е и чаша со хоризонтално поставена лентеста држалка (Табла 10/3).

Табла 7
Табла 7
Табла 8
Табла 8

Посебно интересни се садовите со една вертикална „држалка во вид на јадец“, т.н.

,,wishbone handles“, поставена на устинката (Табла 7/1-5). Садовите, по правило, имаат повеќе или помалку, издолжено овално тело кое, во горниот дел, се завршува со, на надвор, раширена устинка. Во најголемиот дел, садовите се изработени од добро прочистена глина и добро се мазнети, но бележиме и примероци со релативно груба фактура која содржи висок процент на песок, мали камчиња и дробени школки. Садовите се воглавно со нијанси на портокалово-керамидна и црвенкаста боја. Примероците пронајдени во рамките на населбата, во најголем број не се украсени. Се работи за садови кои се типичен производ на доцното бронзено време, односно преодниот период. Вакви садови, кај нас, бележиме и на локалитетот Манастир-Чашка.40 Од друга страна, во долновардарските населби се нешто позастапени. Во Кастанас се појавуваат во слојот 14b,41 а исчезнуваат веќе во слојот 13. Во населбата на Солунска Тумба се определени во т.н. „подоцнежно доцно бронзено време“, односно преодниот период.42

Кај овие садови посебно се интересни држалките во вид на јадец, односно т.н.„wishbone handles“ (Табла 13/1-6). Во езерската наколна населба „Мрдаја“ бележиме различни типови на овие држалки. Најобичните примероци се само лачно профилирани (Табла 8/1, 4, 5), а дел од нив, во горниот дел, завршуваат со мали роглиња (Табла 8/2). Овие примероци обично не се украсени. Развиените примероци имаат триаголна форма која во горниот дел завршува со лепезесто проширување (Табла 13/1-3) или, пак, на краевите се наоѓа едно (Табла 13/5) или две роглиња (Табла 13/6).43 Некои примероци имаат и мала кружна вдлабнатинка (Табла 13/5), а дел од нив се украсени со редица точкасти убоди околу лакот на држалката (Табла 13/3). Претпоставуваме дека, не сите држалки во вид на јадец, се од претходно споменатите садови, туку дека некои од нив потекнуваат од репертоарот на широко разгранети чинии. За жал, со досегашните истражувања, овие рамислувања не можевме да ги поткрепиме со материјални докази. Овие држалки имаат свој интерен развој кој започнува уште во времето на средната бронзена епоха каде се појавуваат во слични форми.44

За издвојување од оваа група се наодите на мали конусни пехарчиња кои имаат вертикални држалки поставени на самата устинка (Табла 8/2-4). Изработени се од добро прочистена глина која ретко содржи примеси и добро се печени. Сатчињата се вообичаено со нијанси на сивкаста и темна боја. Се работи за релативно мали сатчиња кои најчесто не поминуваат висина од 10 см. Сите примероци, пронајдени во рамките на населбата, имаат конусно тело кое се шири кон врвот. Поставени се, исто така, на мала конусна стапка. Во оваа група садови, судејќи според начинот на кој е изведена држалката, го вбројуваме и малото пехарче со овално тело и благо истакнат врат (Табла 8/1). Она што го издвојува оваа сатче во однос на другите е богатата декорација по речиси целото тело изведена со редици коси и прави цртки. Во средината на пехарчето се наоѓа мало кружно вдлабнување врамено со коси цртки. Овие садови ретко се забележуваат во материјалот на останатите локалитети од доцната бронзена епоха. Единствени примероци, кои донекаде се слични со нашите, се забележани во слојот 14b во Кастанас.45

Во репертоарот на фината керамика, секако највпечатлива е локалната мат сликана керамика (Табла 9/1-6). Присутна е со фрагментирано сочувани садови кои обично имаат една вертикална лентеста држалка која ја надвисува устинката и паѓа косо, од највисоката точка на лакот, кон устинката на садот. Во највисоката точка од држалката најчесто завршува со мало рогле. Во неколку случаеви бележиме и кантаровидни садови со две, спротивно поставени, вертикални лентести држалки. Обично се работи за помали сатчиња кои не поминуваат 10-15 см во широчина. Само во еден случај бележиме фрагменти од мат сликан сад чии димензии надминуваат повеќе од 20 см (Табла 9/6).

Се работи за тенкоѕидни сатчиња, изработени рачно, од фино прочистена глина, добро се печени и имаат нијанси на светла беж, окер и портокалова боја на телото. Декорацијата на садовите е изведена со мат сликање со пигменти во црвеникава, кафеава или темна винова боја. Орнаментите се воглавно геометриски, во вид на издолжени вертикални цик-цак линии кои го покриваат целото тело на садот (Табла 9/1)46 или, пак, се работи за гирланди под устието на садот. Честопати се насликани шрафирани триаголници и орнаменти кои тешко се распознаваат поради долгото стоење во водите на Дојранското Езеро. Покрај телото, приметно е украсување на држалките и устието со коси паралелни линии.

Аналогни примероци бележиме низ повеќе локалитети кај нас, како што се: „Димов Гроб“-Уланци;47 Стоби, „Југозападна Некропола“, Градско;48 Криви Дол, „Бежанија“, Штип;49 Водоврати „Водовратски Пат“, Градско;50 „Мали Дол“-Тремник;51 Манастир-Чашка;52 Вардараски Рид-Гевгелија.53 Потоа, во долновардарските населби, како Кастанас,54 Вардарофца, Вардино, Килиндир итн.55 Бележиме и спорадична појава на примероци долж течението на реката Струма, односно на локалитетот „Каменска Чука“ во близина на Благоевград.56

Табла 9
Табла 9
Табла 10
Табла 10

Судејќи според одредени автори, токму овие сатчиња спаѓаат во репертоарот на постмикенски импорти или нивна локална имитација, а нивното присуство го одбележува токму контекстот на преодниот период помеѓу бронзеното и железното време.57

Што се однесува до декорацијата на садовите од езерската наколна населба „Мрдаја“ во Дојран, таа е богата и разноврсна. Воглавно се работи за врежана декорација, понекогаш исполнета со светла пастозна боја, а поретко декорацијата се појавува нанесена во вид на пластични ленти, како што е случај со садот кој што има декорација во вид на буквата „М“ (Табла 10/1). Водечкиот мотив го претставува висечкиот триаголник, кој може да биде шрафиран, и тоа, најчесто со коси линии (Табла 11/2, 8, 9, 11, 12; Табла 12/2, 3) или пак, изведен во вид на концентрични триаголници (Табла 11/6, 10; Табла 12/1, 4) Посебно се интересни садовите покриени со, радијално поставени, издолжени шрафирани триаголници (Табла 12/3). Немал е и бројот на садови декорирани со триаголници исполнети со точкасти убоди (Табла 12/4). Понекогаш се појавуваат примероци со триаголно поле составено од три или повеќе висечки триаголници (Табла 11/11). Ретки се случаевите кога се појавуваат спирални мотиви врамени со висечеки триаголници (Табла 11/5). Спиралниот мотив може да биде изведен и самостојно, како што е случајот со плиткиот релјеф на чинијата (Табла 10/2) или врамен во триаголник (Сл.11). Мотивот на спирала се јавува кај помал дел од садовите и со него е обично украсен вратот (Табла 12/3), но бележиме и декорирање на телото на садот (Табла 11/5). Другите мотиви, кои често се застапени во керамиката од „Мрдаја“, се кружните вдлабнатинки (Табла 11/4, 7). Овој мотив се јавува воглавно на телото на садот, а поретко и на држалките. Тоа се, најчесто, обични кружни вдлабнатинки, но бележиме примероци каде оваа декорација е дополнително збогатена со мали кружни убоди околу вдлабнатинката (Табла 2/4). Исто така, чест е случајот и на цик-цак линии кои може да бидат единечни или удвоени (Табла 12/1). Мотивот на цик-цак линии се појавува и на локалната мат сликана керамика (Табла 9/1, 6). Кај некои мат сликани сатчиња се појавуваат и гирланди поставени под устинката. Како доста чест вид на декорација ќе ги споменеме и врежаните линии кои може да го обиколуваат телото или вратот на садот (Табла 11/3). И како последен вид декорација, овде ќе ги споменеме редиците од точки кои може да бидат самостојни или врамени во врежани ленти (Табла 12/2). Редиците на точки може да формираат и одредени правоаголни или кружни полиња.

Табла 11
Табла 11
Табла 12
Табла 12

Без да навлегуваме во подлабоки анализи ќе кажеме само дека декоративните мотиви од езерската наколна населба „Мрдаја“ во Дојранското Езеро, имаат свои аналогии низ локалитетите од доцното бронзено време и преодниот период помеѓу бронзеното и железното време во Повардарието, средните и долните токови на реката Струма, долновардарските населби и локалитетите во Егејска Македонија.

Сл.13. Остатоци од подвижни огнишни садови-пиранои (pyraunos) (фото Величковски Б.).
Сл.13. Остатоци од подвижни огнишни садови-пиранои (pyraunos) (фото Величковски Б.).

Од останатиот крамички материјал овде ќе ги споменеме и големите огнишни садови, односно подвижни печки, т.н. пиранои (pyraunos) (Сл.13), кои се релативно често застапени во репертоарот на керамиката од „Мрдаја“. Тоа се садови со нешто погруба фактура која честопати содржи примеси на крупни зрнца песок, кварц и толчени школки. Кај некои од нив е приметно немарно мазнење на површината пред печењето. Мазнењето е обично изведено со широки потези на прсти повлечени преку влажната површина на садот. И покрај тоа што не беше пронајден ниту еден целосно сочуван примерок, овие садови имале релативно големи димензии и честопати биле високи и повеќе од 0,6 м, а широки и до 0,5 м. Подвижните печки содржат два дела, внатрешен, во кој се приготвувала храната или се загревала водата, и надворешен дел, кој го окружува внатрешниот дел и има широк правоаголен или трапезоиден отвор. Во горниот дел, над трапезоидниот отвор, понекогаш се наоѓаат неколку кружни отвори преку кои се регулирал дотокот на воздух. Широкиот отвор служел како ложиште за огнот со кој се загревала храната во реципиентот, како и просторијата во која се наоѓал садот.

Во најголемиот дел, овие огнишни садови поседуваат две, спротивно поставени, јазичести држалки со помош на кои садот се пренесувал на различни позиции. Со досегашните истражувања не беа пронајдени остатоци на огнишни садови со вертикални или хоризонтални лентести држалки. Исто така, кај огнишните садови од „Мрдаја“ е многу малку застапено украсувањето. Аналогни примероци бележиме на локалитетите Манастир-Чашка,58 Вардарски Рид,59 како и на локалитетот Габревци.60

Истражувањата на локалитетот изнедрија и остатоци од двојни садови (Табла 10/5). Се работи за вообичаен инвентар на населбите од доцното бронзено време, присутен на поголемото подрачје на Балканот. Садовите обично имаат два конусно изведени реципиенти, меѓусебно споени со една елипсовидна вертикална држалка, поставена на горната страна, и попречно ребро, од долната страна. Спојот помеѓу садовите понекогаш е декориран со редици мали кружни вдлабнувања. Изработени се од средно прочистена глина и добро се печени со нијанси на окер и беж боја на телото. Садовите од овој тип обично не се украсени. Единствен примерок со врежана декорација на телото на двата сада, според достапната публикувана документација, е од некрополата во Фаиа Петра, во долните токови на реката Струма.61 Во долновардарските населби се присутни на локалитетот Кастанас каде ги бележиме веќе во слојот 19, од крајот на XV век пр.н.е. Се губат во слојот 14b, кога се појавуваат т.н. брњички урни односно, топчести пехари.62 Се чини дека овие садови, кај нас, останале во употреба се до крајот на бронзеното и почетокот на железното време.

Табла 13
Табла 13
Табла 14
Табла 14

Во рамките на езерската наколна населба бележиме и поголема концентрација на складишни садови-питоси (Сл.14/15). При истражувањето беа откриени големи количестава остатоци од питоси во речиси сите истражувани целини каде што постоеше поголема концентрација на садова керамика. Тоа се големи садови, со димензии и над 1 м. Садовите имаат широко разгранета устинка, вретенесто тело и малку испакнато дно. Исто така, бележиме случаеви со рамно дно. Кај повеќето примероци бележиме мали пирамидални држалки, со и без перфорација, поставени на рамото на садот. Некои примероци се украсени со наребрени пластични ленти поставени хоризонтално во горниот дел на садот. Ѕидовите им се обично подебели, а во структурата се забележуваат поголеми зрнца песок и ситни камчиња. Садовите се добро печени и имаат, претежно црвена или темна боја. Слични садови бележиме воглавно во рамките на истражуваните населби, како на локалитетот Каменска Чука,63 Во Кастанас слични наоди бележиме од слојот 16 до слојот 14b.64

Сл.14. Остатоци од складишни садови- питоси (фото Рујак З.).
Сл.14. Остатоци од складишни садови- питоси (фото Рујак З.).
Сл.15. Момент на вадење на остатоци од складиштен сад-питос (фото Сламков Е.).
Сл.15. Момент на вадење на остатоци од складиштен сад-питос (фото Сламков Е.).

Покрај садовата керамика немал е и бројот на други наоди изработени од керамика. Овде посебно ќе ги нагласиме пршлените за вретено кои можеби служеле и како тегови за рибарски мрежи. Како и да е, пршлените се со различни димензии но, во принцип, нивната просечна големина е 4 до 6 см, а во најголемиот број имаат биконусна форма. Некои од пршлените се декорирани со врежани цик-цак линии.65 Како што рековме, од формите на пршлените, најзастапени се биконусните (Табла 14 / 1, 2, 4, 5, 8 и 10), овалните (Табла 14 / 7), плочестите (Табла 14 / 6) и дискоидните (Табла 14 / 3, 9) пршлени. Некои од нив се декорирани со линии изведени со редица на точкасти убоди (Табла 14 / 8 и 10). Аналогни примероци бележиме и на наколната населба во „Заливот на коските“, „Плоча-Миќов град“, во Охридското Езеро, каде се определени во крајот на бронзеното и железното време.66 Вакви пршлени бележиме и во долновардарските населби и пошироко во Егејска Македонија.67

Покрај пршлените бележиме и тегови во вид на буквата „О“ кои немаат аналогии во достапниот публикуван материјал (Табла 14 /12), пирамидални тегови, некои од нив декорирани со вертикални редици на точкасти убоди. (Табла 14 /11) и перфорирани капачиња (Сл.16). Најраните примероци капачиња се појавуваат уште во слојот 18 во Кастанас, каде се определени во доцното бронзено време, а најмладите во слојот 8 кој што припаѓа на раното железно време.68 Покрај перфорираните капачиња, бележиме и слични капачиња без перфорации (Табла 10/4). Формата им е речиси, идентична, со испакнат надворешен и вовлечен внатрешен дел, со таа разлика, што овие капачиња немаат дупчиња на телото.

Посебно интересен е наодот на керамички проектил за праќа (Табла 16/8). Изведен е во вид на овално зрно со зашилени краеви, не поголемо од 5-6 см. Оваа форма претставува рецидив уште од времето на неолитот. Слични проектили бележиме низ повеќе неолитски локалитети во регионот.69

Табла 15
Табла 15
Сл 16.  Капаче пронајдено во рамките на езерската наколна населба „Мрдаја“ (фото Гушев Ѓ.).
Сл 16. Капаче пронајдено во рамките на езерската наколна населба „Мрдаја“ (фото Гушев Ѓ.).

Она што е посебно интересно се бронзените алатки од кои посебно ќе ги издвоиме сечилата кои се појавуваат во различни форми и димензии (Табла 15/1, 2, 7). Во најголемиот број се работи за ножеви, а димензиите им се движат од 10 до 25 см. Кај пронајдените примероци само едната страна е наострена, а сечилото е изведено со држалка и тело кое постепено се стеснува кон врвот. Кај неколку примероци бележиме нитни со кои била прицврстена оплатата на држалките. Кај најголем дел од сечилата држалките не се сочувани, освен кај еден примерок со мало сечило каде се сочувани две нитни и оплата на држалката изведена од коска или рог (Табла 15/2). Примерокот со малото сечило најверојатно бил употребуван за чистење риба. Покрај правите сечила, во репертоарот на бронзени сечила од „Мрдаја“ бележиме и наоди на неколку лачни сечила кои се обично поголеми од 20-тина см. Лачните сечила се наострени само на едната страна додека на другата страна поседуваат мало моделирано ребро (Табла 15/7).

Вакви сечила се појавуваат во репертоарот на повеќе локалитети. Најголемиот број кај нас потекнува од истражувањата на некрополите во Уланци,70 Манастир-Чашка71 и Мали Дол-Тремник.72 Прави сечила, со ребро од горната и сечило од долната страна, се пронајдени и во рамките на некрополите во Сандански73 и Фаиа Петра74 Сличните сечила од Килиндир, одредени автори ги определуваат како српови.75

Еден специфичен наод, кој се појави со истражувањата, го претставува бронзената секира - келт (Табла 15/4). Секирата е долга 11 см, а широка 4,6 см. На секирата и недостасува алката за прицврстување со држалето. Од едната страна, секирата има мало задебелување, односно пластично хоризонтално ребро кое преминува во рамен дел, со завршеток во вид на оштрица. Под реброто се забележуваат три паралелни канелирани линии поставени на оската на секирата. Оштрицата е нешто поширока од телото на секирата и таа е изведена во вид на затапен рамностран триаголник. Најблиски аналогии на нашиот примерок бележиме кај секирите пронајдени на локалитетот Манастир-Чашка,76 посебно со Тип I кој е распространет во северните делови на Балканот, но и во Бугарија, јужна и источна Романија и Југозападна Русија.77

Од другите бронзени наоди посебно ќе го споменеме наодот на игла со мало коленце и топчесто проширување на крајот (Табла 15/3). Овој тип игли претставува типичен дел од женскиот тоалетен прибор во текот на доцното бронзено време. Кај нас се познати од истражувањата на некрополите, каде се пронаоѓани во женските погребувања, како онаа во Уланци78, Мали Дол-Тремник79 и Манастир-Чашка.80 Слични примероци бележиме и во населбите од Егејска Македонија, како примерокот во Бабушти.81

Во репертоарот на метални наоди од езерската наколна населба во „Мрдаја“-Дојран посебно ќе ги споменеме јадиците (Табла 15/5, 6). Тие се со нешто поголеми димензии, а на горниот дел завршуваат со мала алка за која се прицврстувал конецот. Поголемата јадица најверојатно била употребувана во риболовот на покрупна риба. Покрај останатиот рибен фонд, езерото изобилува со крап, сом, а едно време била присутна и јагулата. Појавата на јадици зборува во прилог на развиениот риболов. Судејќи според достапниот публикуван материјал, овие јадици засега немаат аналогии во материјалот од доцно бронзеното време, кај нас и во соседството.

Интересен е и наодот на накосница (или прстен?) изработена од спирално намотана бронзена жица која што најверојатно припаѓала на некоја жителка на населбата (Сл.17). Аналогни примероци бележиме и локалитетот Манастир,82 како и некрополата во Сандански каде се пронајдени во рамките на погребувањата.83

Во репертоарот на метални предмети ќе вброиме и еден посебен наод кој беше пронајден во културниот слој кој, по севкупните карактеристики, припаѓа на доцното бронзено време, односно преодниот период, а би требало да припаѓа на раното железно време. Имено, се работи за наод на фрагментирана игла, сочувана околу 7 см, целосно изработена од железо (Сл.18). За жал, иглата не е целосно сочувана но, како и да е, таа преставува весник на новото време, односно на железната епоха.

Покрај керамиката, во репертоарот на движните наоди од езерската наколна населба „Мрдаја“-Дојран, бележиме и нешто помал број наоди на камени и кремени алатки, како и неколку предмети од обработена коска. Посебно се интересни мазнетите камени алатки кои се појавија во значаен број, така што нивната улога во секојдневните активности на заедницата од бронзенодобската населба, cè уште е значајна. Неколку камени алатки во вид на камени тесли, со големина која не поминува 10-тина см., беа откриени во хоризонтот на населбата (Табла 16/ 1, 2). Изработени се од тврд минерал, а на нив се гледаат траги од долга употреба. Во рамките на наколната населба беа откриени остатоци и од перфорирани камени секири.

Сл. 18. Остатоци од железна игла пронајдена во Кв. А4 (фото Гушев Ѓ.).
Сл. 18. Остатоци од железна игла пронајдена во Кв. А4 (фото Гушев Ѓ.).
Сл.17. Спирална накосница (или прстен?) изведена од бронзена жица (фотографија и дигитална обработка Гушев Ѓ.).
Сл.17. Спирална накосница (или прстен?) изведена од бронзена жица (фотографија и дигитална обработка Гушев Ѓ.).

Од другите наоди на литичка индустрија посебно ќе ги истакнеме мелниците и толчниците (Табла 17/ 1-3) кои се појавија во, речиси, сите истражувани објекти. Нивното пронаоѓање беше секогаш проследено со остатоци од црвена и кафеава глинеста земја, што можеби укажува на специјализирани места каде се вршило мелење на зрнести житарки. Покрај мелењето житарки, можно е дека овие алатки имале одредена улога во дробењето и ситнењето на школките, а не е исклучено дека со нивна помош се дробела и рудата.

Покрај мазнетите алатки, во репертоарот на литичката индустрија од „Мрдаја“-Дојран бележиме и алатки изработени со окресување. Кремената индустрија (Табла 16/4-7) е застапена со повеќе ножиња со различни димензии и форми, некои од нив изработени од вулканско стакло-опсидијан. Покрај режењето на конопци и тетиви, нивната улога треба да се бара и во чистењето на крлуштите на рибата.

Од обработените алатки изработени од коска и рог бележиме неколку шила, како и држалки во кои се вметнувала алатка од камен или метал. Неколку коскени шила (Табла 16/ 10), а покрај нив и неколку фрагменти на рогови од елен, најверојатно служеле како некаков вид алатки. Во рамките на коскените алатки, блежиме и алатка со која најверојатно се плетеле мрежите.

Со истражувањата беше пронајдено и долгонавесто цилиндрично точило перфорирано од едната страна (Табла 16/ 3).84 Се работи за алатка изработена од песочник со ситнозрнеста структура, погодна за острење. На точилото се воочуваат траги од употреба, односно острење на алатки, пред cè, ножеви. Точилото најверојатно припаѓало на некој жител од наколната населба, кој го носел на појасот, заедно со ножот.

Во овие наоди ќе ги вброиме и некулкуте перфорирани школки кои најверојатно служеле како приврзоци, односно некаков вид накит (Табла 16/9) и како такви сведочат за одредни естетски критериуми на населението од наколната населба.

Табла 16
Табла 16
Табла 17
Табла 17

Пронаоѓањето на голем број археозоолошки материјал речито зборува за економијата во рамките на праисториската населба која, покрај земјоделие, лов и риболов, била насочена и кон сточарство. И покрај тоа што не се правени посериозни археозоолошки анализи, сепак јасно се издвојува археозоолошкиот материјал кој, во најголема мера, припаѓа на каприди. Исто така, спорадично бележиме и остатоци од свиња и куче. Од друга страна, јасно е дека населението се занимавало со лов, на што укажуваат остатоците од диви животни, пред cè, диви свињи и елени. Неколкуте бронзени јадици кои беа пронајдени во рамките на населбата речито зборуваат и за развиениот риболов. Во иста рамка најверојатно можеме да ставиме дел од пршлените за вретено и пирамидалните тегови, кои најверојатно служле и како тегови за мрежи. За жал, земјоделските активности на населението не можеа да бидат јасно согледани но несомнено е дека населението од наколната населба се занимавало со земјоделие. На ова впрочем укажуваат и големиот број камени мелници, толчници и складишни садови-питоси, пронаоѓани насекаде во рамките на населбата.

Во развојот на економијата не треба да ги занемариме и металните наоди изработени претежно од бронза. Покрај трговските врски, откриените алатки од бронза можеби укажуваат и на развиени металуршки процеси, односно познавање на тајните на производство на метални алатки, накит и оружје. Некои наоди на погруби керамички форми, излагани на многу високи температури, зборуваат во прилог на таа теза.

Дека трговијата играла значајна улога зборуваат и остатоците од постмикенска локална мат сликана керамика која е карактеристична за доцното бронзено време на Повардарието (Манастир, „Димов Гроб“-Уланци,85 Вардараски Рид),86 потоа, Водоврати „Водовратски Пат“, Градско, односно долновардарските населби (Кастанас, Вардарофца, Чаушица, Вардино, Килиндир итн.)87 Со оглед на високата униформност кај еден дел од оваа керамика, не треба да ја исклучиме можноста овде да пристигнала по пат на трговска размена. Меѓутоа, нема да ја исклучиме можноста и на нејзино локално производство.

За развиените трговски врски сведочи и литичката индустрија со која обилно се тргувало. На тоа укажува, пред cè, опсидијанот, но и јасписот, кои на овие простори несомнено дошле по пат на трговска размена.

***

Езерската наколна населба во „Мрдаја“-Дојран, засега претставува единствена манифестација од ваков тип во водите на Дојранското Езеро. За разлика од досегашните истражувани наколни населби во водите на Охридското Езеро, како „Миќов град“ во „Заливот на коските“, „Устие на Дрим“, „На колот“ итн.,88 наколната населба во Дојранското Езеро покажува одредени разлики, како во организацијата на населбата, така и во материјалната култура.

Повеќето досегашни сознанија за доцното бронзено време и преодниот период помеѓу бронзеното и железно време, кај нас беа прибирани од истражувањата на некрополите во Клучка - Хиподром,89 Димов Гроб-Уланци, Манастир-Чашка,90 Мали Дол – Тремник,91 итн. Од истражуваните населби најпозната е населбата „Столот“ во близина на локалитетот Димов Гроб во с.Уланци како и населбите од доцното бронзено време на Скопско Кале, Градиште-Долно Соње, Градиште-Водоврати, Вардарски Рид, односно Кофилак итн.92 Интересни се и резултатите од истражуваните архитектонски структури од тоа време, како онаа во с.Габревци, Радовишко93 кои, cè уште, не се публикувани, а со кои ќе добиеме уште еден значаен аспект на културата од доцното бронзено време во Македонија.

Досегашните истражувања, иако скоромни по обем, сепак дозволија донекаде да проникнеме во карактерот на населбата. За жал, поради неможноста да се стекнеме со увид во хоризонталната стратиграфија на населбата, не бевме во можност да го согледаме нејзиниот плански распоред, соодносот на објектите, евентуалното постоење на специјализирани објекти, палисадна фортификација итн. Исто така, не бевме во можност да ја согледаме ниту штетата која на населбата и беше нанесена со употреба на механизацијата. Како и да е, откриената површина од 300 м2 сепак дозволи одреден увид во поставеноста на објектите, содржината и материјалната култура на населбата.

Со истражувањата, спроведени од 2012 до 2014 година, диспозицијата на колците и концентрацијата на наодите, стана јасно дека се работи за остатоци од најмалку четири објекта кои, најверојатно, биле поставени на платформи кои меѓусебно комуницирале со мовчиња. Концентрацијата и поставеноста на колците покажа дека објектите, со своите подолги страни, биле насочени во правец северозапад-југоисток. Судејќи според силните северни ветришта кои дуваат во текот на зимските денови, односно „вардарецот“ и „правиот ветар“- кој што дува од Беласица, претпоставуваме дека влезовите на објектите се наоѓале на југоисток. Објектите најверојатно биле градени во вообичаените праисториски техники, со материјал којшто изобилува во околината и самото Дојранско Езеро. Објектите биле изработени со плитар, малтерисувани со кал, а одредени елементи од фасадите најверојатно биле доплнително украсени со пластични мотиви кои се повторуваат и кај останатите предмети од материјалната култура. За жал, со истражувањата не добивме потврда за тоа дали објектите, покрај преносните печки, поседувале и фиксна термална постројка, односно печка. Исто така, не добивме потврда за можноста, внатрешноста на просторот во објектите, да бил преграден на специјализирани катчиња.

Што се однесува до нејзината културна припадност, керамографијата и останатите наоди, езерската наколна населба „Мрдаја“- Дојран покажува блиски врски со локалитетите долж Повардарието (Манастир-Чашка, Уланци, Вардарски Рид, Мали Дол-Тремник итн.) и долновардарските населби (Кастанас, Килиндир, Вардарофца итн.). Исто така, постојат одредени елементи кои ја поврзуваат со т.н. Брњичка култура на север и локалитетите во долината на реката Струма: Каменска Чука, Сандански,94 Фаја Петра,95 итн. Се чини дека во времето на доцната бронзена епоха и преодниот период од бронзеното во железното време, постоело одредено културно единство на регионот помеѓу реките Вардар и Струма кое, на север, природно завршувало со долината на Јужна Морава.96 Меѓутоа, поради засилените микенски влијанија од југ и поизразените контакти со Подунавјето, со текот на времето се издвоиле две различно ориентирани културни области. Така зедниците од Македонија се ориентирале кон југ, а оние од северните делови, односно Србија, кон север.97 Нашата населба, на само неколку десетина километри од главната вардарска комуникација - Via Axia, природно и припаѓа на културата која во текот на бронзеното време и преодниот период помеѓу бронзеното и желзното време, се развивала во Повардарието,98 меѓутоа со силни влијанија од Егејот, односно Долното Повардарие.

Судејќи според севкупните карактеристики на движниот материјал, населбата културно и хронолошки ја сместуваме во рамките на доцната бронзена епоха и преодниот период, односно, тнр. подоцнежно доцно бронзено време.99 Се работи за населба која егзистирала некаде од крајот на Br C и Br D, според Рајнеке (XIV - XIII век пр.н.е), па се до преодниот период на бронзеното во железно време (железно време I според М. Гарашанин, односно Ha A според Рајнеке, XII-XI век пр.н.е).100

Што се однесува до етно-културната припадност на носителите на културата од доцното бронзено време и преодниот период помеѓу бронзеното и железното време од населбата „Мрдаја“-Дојран, засега остануваме исправени пред многу прашања кои, cè уште, бараат одговори. Во областите помеѓу Вардар и Струма, некои автори, гледаат развој и етногенеза на протопајонците уште во раното бронзено време.101 Нема никакво сомнение дека повеќето историски етно-културни ентитети на оваа подрачје имаат своја етногенеза уште во текот на бронзеното време и дека, на некој начин, успеале да ги преживеат „големите егејски преселби“.102 Исто така, прашање е колку езерската наколна населба од „Мрдаја“, Дојран, можеме да ја поврзаме со подорбелската езерска населба на т.н. „независни Пајонци“ во езерото Прасијада, која ја споменува Херодот.103 Се разбира, населбата што ја споменува Херодот е помлада неколку стотици години од населбата во „Мрдаја“. Меѓутоа, можеби постои одреден континуитет на населувањето во водите на Дојранското Езеро, почнувајќи од бронзеното, па се до крајот на железното време, односно времето за кое имаме пишани историски извори. Како и да е, прашањата во таа насока, cè уште, бараат потврда од интердисциплинарни истражувања, со кои, се надеваме, би можеле да добиеме одредени одговори.

Позицијата на езерската населба „Мрдаја“, заедно со позицијата на повеќето населби во Повардарието, кои биле расположени на тешко достапни ридови, укажува на нестабилно време, кога мерките на претпазливост, непристапност и физичка заштита, добиваат голема улога во организацијата на населбите. Од таа причина, позицијата на населбата, која била расположена во водите на Дојранското Езеро, и поради тоа тешко пристапна, на некој начин, овозможувала нејзините жители да се чуствуваат безбедно од изненадни напади од брегот.

Оваа несигурност можеби можеме да ја поврзаме со навлегувањата на носителите на развиените фази на Брњичката култура, заедно со елементите на т.н. Белегиш ІІ-Гава или групата Медијана. Овие заедници, некаде кон крајот на XII век пр.н.е., го отпочнале својот пробив кон Македонија и Егејскиот брег одбележувајќи го крајот на бронзеното време и предизвикувајќи крај на локалните доцнобронзенодобски култури.104 За жал, остатоците од езерската наколна населба „Мрдаја“, составени од големо количество гаровина, недогорени греди и движен материјал излаган повторно на високи температури, укажуваат на нејзин насилен крај. Таа најверојатно страдала во пожар, некаде кон крајот на бронзеното, односно преодот помеѓу бронзеното и железното време.

За ова, впрочем сведочи и спалената населба на локалитетот Манастир-Чашка, како и преселувањето на населението од Вардарски Рид на соседниот, повисок и понедостапен рид-Кофилак.105 Сведоци на овие походи се и спалените хоризонти на долновардарските населби (Вардино, Вардарофца и Кастанас). Во Кастанас, кој бил четири пати последувателно опожаруван и обновуван, се појавуваат елементи кои го поврзуваат со силни разурнувачки походи од северот.106

За пробивот на северните култури преку Повардарието и Валандовско-дојранската Котлина, сведочи и наодот на бронзената секира-келт во рамките на наколната населба „Мрдаја“. Ова, на некој начин, претставува доказ за присуство на нови елементи од северно-балканскиот регион.107 Меѓутоа, покрај секирата – келт, во движниот материјал на населбата не беа констатирани остатоци на материјална култура од новодојденците, како нa пр. канелирана керамика, што значи дека по нивниот поход, населбата никогаш повеќе не била возбновена.

Прашањата за тоа дали севернобалканските народи се одговорни за насилниот крај на населбата или, пак, таа страдала во случаен пожар, cè уште, остануваат отворени. Меѓутоа, доказите од останатите населби кои не успеале да го одминат бранот на палење и рушење, доволно зборуваат во прилог на таа констатација. И покрај тоа што со истражувањата беше пронајден уште еден, помлад и многу посиромашен културен слој, него сепак не можеме да го поврзаме со носителите на „канелираната керамика“. Тој најверојатно настанал многу подоцна, откако населбата од бронзеното време одамна престанала да постои. Во тоа време, Дојранското Езеро најверојатно повторно се повлекло кон средината, а остатоците од колци кои се појавиле над површината најверојатно биле отсечени.108

Цртеж 6. Обид за реконструкција на изгледот на досега откриените објекти од езерската наколна населба „Мрдаја“ во Дојранското Езеро (цртеж Рујак З.).
Цртеж 6. Обид за реконструкција на изгледот на досега откриените објекти од езерската наколна населба „Мрдаја“ во Дојранското Езеро (цртеж Рујак З.).

Како и да е, за разрешување на многу од поставените прашања потребни се понтамошни истражувања. Меѓутоа, едно е сигурно, наколната населба „Мрдаја“ во водите на Дојранското Езеро даде значаен импулс во проучувањето на организацијата на наколните населби, материјалната култура и останатите процеси во периодот на доцната бронзена епоха и транзицијата помеѓу бронзеното и железното време во овој дел на Република Македонија.

Белешки

  1. Во истражувачките активности, покрај авторите на овој труд Зоран Рујак и Емил Сламков, учествуваа уште Ѓорги Гушев, Ване П. Секулов, Бобан Хусеновски, Кирчо Костадинов, Саша Јованов, Александар Каракабаков, Елена Канзурова, Оливера Стефановска и Татјана Настова. ↩
  2. Како што впрочем, стои и во описот на Херодот за наколната населба во езерото Прасијада (Herodot V. 15, 16). ↩
  3. Предметот беше пронајден во материјалот прибиран од локалните жители. Овој материјал го имаа собрано по ископувањето на брегот со тешка механизација. Материјалот беше предаден и депониран во НУ Музеј Гевгелија. За жал, контекстот и условите под кои е пронајден наодот, не ни се познати. ↩
  4. Stojanova Kanzurova E., 2020, 23, fig. 6d. ↩
  5. Рујак З., 2014, 31-32. ↩
  6. Adam Veleni P. at al. 14, fig. 7. Слични примероци, со три рога, се пронаоѓани и на локалитетот Мичов Град – Градиште во Охридското Езеро (Митревски Д., 2013, 189 сл.68/24.; Кузман П., 2013, 297-430 Т. XXVI/13.) како и во рамките на неолитската населба Малич ( Prendi F., 2018, Т.XIX/1,2,4,5). ↩
  7. Конзервираниот и реставриран движен материјал, прикажан во овој труд, е изработен од конзерваторот Бранко Величковски заедно со конзерваторскиот тим. ↩
  8. Valla М., 2007, Fig.12. ↩
  9. Овие садови, овде се познати како „брњички урни“ (Булатовић А., 2011, 128). ↩
  10. Јовчевска Т., 2008, Т.XIII/A; T.XIX. ↩
  11. Папазовска А., 2018, 35 кат.бр.25, 28. ↩
  12. Heurtley W.A., 1939, 408. ↩
  13. Stefanovich M., Bankoff H.A., 1998. fig.29, A-E; fig. 30, A –B; Alexandrov S., at al. 2007, 373-388. ↩
  14. Hochstetter А.,1984, Tafel 10/1. ↩
  15. Булатовић А., 2011, 128. ↩
  16. Јовчевска Т., 2008, Т.IV; T.V. ↩
  17. Stefanovich M., Bankoff H.A., 1998. fig.26, A-F; Alexandrov S., at al. 2007, Tabl.6/d. ↩
  18. Andreu S., Psaraki K., 2007, Fig.6/KA 139. ↩
  19. Hochstetter А.,1984, Tafel 13/5; Tafel 18/1; Tafel 27/7, 8; Tafel 35/1; Tafel 47/1;. ↩
  20. Булатовић А., 2011, 124. ↩
  21. Andreu S. - Psaraki K., 2007, Fig.6/KA 626., Fig.12/KA 1967. ↩
  22. Stefanovich M. - Bankoff H.A., 1998, 278. ↩
  23. Hochstetter А., 1984, Tafel 45/2; Tafel 80/6; Tafel 99/5. ↩
  24. Hochstetter А.,1984, Tafel 149/3; Tafel 152/4. ↩
  25. Јовчевска Т., 2008, T.XVI; T.XVII. ↩
  26. Кузман П., 2013, Табла XV/1-6. ↩
  27. Булатовић А. - Станковски Ј., 2012, Т.III/20, 21. ↩
  28. Јовчевска Т., 2008, T. XI/A; T. XII/A. ↩
  29. Hochstetter А.,1984, Tafel 42/5, 7; Tafel 62/11. ↩
  30. Hochstetter А.,1984, Tafel 44/8. ↩
  31. Булатовић А. - Станковски Ј., 2012, 132 (Т.V/7). ↩
  32. Митревски Д., 1997, сл.11/5. ↩
  33. Јовчевска Т., 2008, T XX; TXXI. ↩
  34. Митревски Д., 2013, сл 61/2. ↩
  35. Видески З., 2005, Т.I/1, 2. ↩
  36. Heurtley W.A., 1939. 183-258. ↩
  37. Јовчевска Т., 2008, T VII. ↩
  38. Папазовска А., 2018, кат.бр.11. ↩
  39. Видески З., 2005, Т.V/4. ↩
  40. Јовчевска Т., 2008, T.X/A. ↩
  41. Hochstetter А.,1984, Tafel 48/8; Tafel 49/10. ↩
  42. Andreu S. - Psaraki K., 2007, Fig.11/KA 870/874. ↩
  43. Слични примероци бележиме и на Солунска Тумба. Andreu S., Psaraki K., 2007, Fig.11/KA 969. ↩
  44. Heurtley W.A., 1939, 209/ 385-388/Fig.76/a, e. ↩
  45. Hochstetter А.,1984, Tafel 49/3, 5. ↩
  46. Аналогни примероци бележиме и на локалитетите во долните теокови на реката Вардар, како Кастанас (Hochstetter А., 1984, Tafel 46,/3, 4). ↩
  47. Митревски Д., 1997, 316-317; ↩
  48. Митревски Д., 1997, 313. ↩
  49. Митревски Д., 1997, 297. ↩
  50. Митревски Д., 1997, 297; ↩
  51. Папазовска А., 2019, Т.XXI/2, 4. ↩
  52. Јовчевска Т., 2008, T.XXIV/2-7. ↩
  53. Видески З., 2006, Табла VI/1-7. ↩
  54. Hochstetter А., 1984, Tafel 6/4; Tafel 27/1, 3; Tafel 29/9-12; Tafel 46/3, 4. ↩
  55. Heurtley W.A., 1939, Кат.бр.421-423/433, 434. ↩
  56. Stefanovich M. - Bankoff H.A., 1998, 255-338, fig.15, A, B. ↩
  57. Јовчевска Т., 2008, 96; Митревски Д., 1997, 50. ↩
  58. Јовчевска Т., 2008, 92-93, Т.XXIII. ↩
  59. Видески З., 2005, 99, T.IX/1-5. ↩
  60. Материјалот cè уште не е публикуван. Со љубезност на Трајче Нацев. ↩
  61. Valla M., 2007, Fig.14. ↩
  62. Булатовић A., 2011, 129. ↩
  63. Stefanovic M. - Bankoff A., 1998, Fig.31; Fig.32. ↩
  64. Hochstetter A., 1984, Tafel 21/41, Tafel 50/4-7. ↩
  65. Рујак З., 2014, 27-39, Табла 1г. ↩
  66. Кузман П., 2013, 381,Табла XXVII/19-25. ↩
  67. Heurtley W.A., 1939. Fig.104/b-i/ m, o. ↩
  68. Hochstetter 1984, Tafel 6/9, Tafel 152/10. ↩
  69. Истражувањата на повеќе локалитети од времето на средниот неолит во регионот покажаа големо присуство на керамички проектили за праќа со речиси идентични форми како нашиот примерок. ↩
  70. Митревски Д., 2013, 209/сл.66. ↩
  71. Јовчевска Т., 2008, 84, Т.XXVII/3, 4, 5. ↩
  72. Папазовска А., 2019, Т.XXIII/6. ↩
  73. Alexandrov S. at al. 2007, Tabla.3, Grave 1/b. ↩
  74. Valla M., 2007, Fig.15. ↩
  75. Heurtley W.A. 1939, Fig. 104/dd. ↩
  76. Јовчевска Т., T.XXV/1-4. ↩
  77. Јовчевска Т., 2008, 99. ↩
  78. Митревски Д., 2013/209, сл.64. ↩
  79. Папазовска А., 2019, Т.XXIII/1е, 1ж. ↩
  80. Јовчевска Т., 2008, 84, Т.XXVI/3. ↩
  81. Heurtley W.A., 1939, 377, Fig.104/z. ↩
  82. Јовчевска Т., 2008, 84, Т.XXVIII. ↩
  83. Alexandrov S. at al. 2007, 377, Tabl., 4, Grave 3-b, c; Tabl. 7; Grave 7/h. ↩
  84. Ваквите точила се дел од тоалетниот личен прибор и честопати се пронаоѓани во рамките на погребувањата во Мали Дол-Тремник (Папазовска А., 2019, T.XXIII/8) и Манастир - Чашка (Јовчевска Т., 2008, T.XXIX). ↩
  85. Митревски Д., 1997, 316-317. ↩
  86. Митревски Д., 1997, 285-286, 297, 313; Јовчевска Т., 2008, 93-95; Видески З., 2006, Табла VI/1-7. ↩
  87. Hochstetter A., 1984, Tafel 6,/4; Tafel 27/ 1, 3; Tafel 29/ 9-12; Tafel 46/ 3, 4. ↩
  88. Паско К., 2013, 297-430. ↩
  89. Митревски Д., 1995. ↩
  90. Јовчевска Т., 2008. ↩
  91. Папазовска А., 2019, 121-150. ↩
  92. Митревски Д., 2013, 183-188; Видески З., 2005, 91-114. ↩
  93. За запознавање со условите на истражувањата и наодите им благодарам на Ване П.Секулов и Трајче Нацев. Последниот смета дека се работи за светилиште од таа епоха. Меѓутоа, со оглед на постоечката архитектура, како и стратешката поставеност на локалитетот, во близна на природната магистрала и преминот преку долината на Лакавичка река, можно е дека овој локалитет претставува некаков вид на одбранбен пункт, како дел од пошироката одбранбена мрежа, кој ги обезбедувал стратешките правци, слично како и локалитетите Каменска Чука (Stefanovich M., Bankoff H.A., 1998, 225-338) и Крсто Покровник (Stefanovic M., Kulov I., 2007, 389-396) во долината на реката Струма. ↩
  94. Aleksandrov S., at al. 2007, 373-388. ↩
  95. Valla M., 2007, 359-372. ↩
  96. Булатовић A., 2011, 130-134. ↩
  97. Митревски Д., 2003, 19, 20. ↩
  98. Односно, културна група Уланци (Митревски Д., 2013, 183-188.) ↩
  99. Stefanovic M., Bankoff A., 1998, 225-338. ↩
  100. Булатовић А., 2007, 37, 38. ↩
  101. Hammond N.G.L., 1972, 418-419; Петрова Е., 1999. ↩
  102. Иорданов К., 2003, 63-118. ↩
  103. Herodot V. 15, 16. Ако планината Беласица ја идентификуваме со планината Орбелос, за што постојат различни мислења (Саракински В., Георгиев В., 2017, 27-41), а езерото Прасијада со Дојранското Езеро, тогаш континуитетот на езерски наколни населби во Дојранското Езеро продолжува и во текот на железното и архајското време. ↩
  104. Митревски Д., 2003, 20. ↩
  105. Митревски Д., 2013, 192. ↩
  106. Во Кастанас се појавува канелирана керамика веќе во хоризонтот 13, но во нешто помал обем. Во наредниот, хоризонт 12, оваа керамика е појавува во многу поголема мера што укажува на посилен упад на елементи кои се поврзани со северните делови на Централен Балкан. Слична е ситуацијата во Лимнотопос (Вардина) и Аксиохори (Вардарофца). Покрај Повардарието, ситуацијата во долината на реката Струма е речиси идентична што укажува на тесните контакти на внатрешноста на Балканот со Централна и Источна Македонија. Garašanin D., 1999, 49-44. ↩
  107. Митревски Д., 2013. 187; Јовчевска Т., 2008, 11-15; Папазовска А., 2019,130. ↩
  108. Со истражувањата на наколната населба „Мрдаја“ во Дојранското Езеро се покажа дека поголемиот дел од носечките колци на наколната населба, особено оние поголемите, биле отсечени. Тоа најверојатно се случило кога, во некој од цикличните климатски и хидролошки флуктуации, езерските води се повлекле кон средината на езерото. ↩

Summary

The Lake Pile-Dwelling Settlement “Mrdaja” at Dojran

The site Lake Pile-Dwellings Settlement “Mrdaja” at Dojran is located along the shore, on the southernmost point of the Lake Dojran, near the border crossing between Republic of Macedonia and Greece. The settlement was discovered accidentally in 2012 during the construction activity for extension of the military-controlled beach. Unfortunately, large part of the settlement was devastated by the heavy mechanization. The excavations began in 2012 they were continuously conducted until 2014 when the waters of the Lake returned and elevated the water level. Today, the site is covered by water and located 1.5 to 2.5 metres below the surface.

An area of around 300 m2 was explored during the three archaeological campaigns. The excavations of the shore, once covered by water, have yielded two strata located under successive sediment layers of mud, sand and lake shells. The more recent stratum has much less finds and we assume it was formed much later, after the settlement ceased to exist for a long time. The prehistoric pile-dwelling settlement belongs to the second, earlier stratum, located at an average depth of 0.5-1.3 metres. This layer has remains of material culture and building materials. The excavations revealed 61 piles with different dimensions (0.1 to 0.25 m) that supported the construction of the buildings and platforms. The disposition of the piles which point to certain closed units, as well as the concentration of finds between the piles suggested four structures oriented Northwest-Southeast. Most likely, the buildings were connected by small bridges.

The material culture of the finds is rich and diversified. Most of the finds are pottery sherds from amphora like vessels, globular vessels, jugs, cups, biconical bowls, kantharos like vessels, vessels with wishbone handles, local matt painted pottery, portable heathers (pyraunoi), double vessels, storage vessels - pithoi, spindle whorls, weights etc. The repertoire of ceramic finds includes the object with so-called “horns of consecration”. Besides pottery, the moveable archaeological finds include metal objects with straight or curved blades (knives), pins, shaft-hole axes and hooks. Significant is the find of fragmented iron pin, discovered in the area of the settlement. Important to mention are the stone tools such as axes, whetstones, hand mills, pestles, flint tools, some of obsidian etc., as well as the bone tools and shells used as jewellery.

This archaeological repertoire defined closer the chronological frame of the existence of the settlement during the Late Bronze Age and the transitional period between the Bronze and Iron Age. The settlement had close relations with the cultures that developed along the Vardar Valley, the settlements of the Lower Vardar Valley, North Aegean and the cultures along the Struma Valley. These cultures developed uninterrupted in the region between Vardar and Struma during the Late Bronze Age and the transitional period between the Bronze and Iron Age, until their evolution was violently interfered with the intrusion of the communities from the Northern Balkans which began a conquest in the area of Macedonia and the Aegean coast. Most probably, the Lake pile-dwelling settlement “Mrdaja” had the same destiny as the many other settlements which faced destruction and fire, after what it ceased to exist.

Библиографија