Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 125–140
Тумул 3 - погребување од раното бронзено време од Коколов Рид
Содржина
Археолошките ископувања на локалитетот Коколов Рид, вршени во месеците мај и јуни 2013 год.,1 открија нови моменти во врска со дефинирање на комплексноста на локалитетот поврзани со неговата намена и хронологија. Првичното дефинирање на локалитетот (кој во Археолошката карта на Општина Виница се споменува под името Барбошки Дол) дека се работи за некропола со четири тумули од железното време2 се покажа со истражувањата во најмал дел точно, но сепак недоволно. Првите ископувања на овој локалитет се вршени во 1980/81 год. во рамките на младинските истражувачки акции, кога бил истражен севроисточниот сегмент од првиот тумул на Коколов Рид. Во документацијата стои дека се откриени остатоци од гробните конструкции и насипот и дека единствен регистриран наод од овие истражувања е еден сад кантарос кој е датиран во VII век пр. н.е.3 По подолг временски период истражувањата на Коколов Рид продолжија и се вршеа во периодот од 2011 - 2016 год. Добиени се значајни резултати за просторот од највисокиот дел на ритчето, кој во многу временски периоди бил користен како некропола. Најстарото погребување е од периодот на раното бронзено време, потоа се откриени погребувања од периодот на доцната бронза, периодот на премин од бронзено во железно време, како и погребувања од VIII - VII век пр. н.е.4 На просторот меѓу тумулите се откриени погребувања со кремации од II - III век,5 а на источната падина на ридот кремации од средината на IV век. 6 Постарите слоеви покажаа дека на поширок простор, таму се одвивале одредени култни дејствија, односно просторот ја имал улогата на светилиште во праисторијата, односно раното бронзено и подоцна во периодот на премин од бронзено во железно време.
Коколов Рид - истражувања во 2013 год.
Систематските истражувања кои Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ - Виница ги вршеше на Коколов Рид во 2013 год. беа насочени на просторот кој првично беше дефиниран како тумул 3 во низата од четири тумули кои се простираат со правец на протегање од југоисток кон северозапад (сл. 1). За разлика од првите два тумула, каде, покрај другото, се потврди дека овој простор бил користен и за погребување, за насипувањата со камен и земја, дефинирани како тумул 3 и тумул 4 се потврди дека покажуваат други археолошки манифестации.
Истражувања во 2013 год. резултираа со доста значајно и ретко откритие. Единственото погребување со инхумација откриено во една од кружните камени конструкции од тумулот 3, датирано во периодот на раното бронзено време, според досегашните сознанија е прв и досега незабележан пример во регионот.7 Погребувањето можеби е во врска со ритуалите кои се вршени на овој простор, за кои имаме многу малку информации.
Тумул 3
Тумулот 3 се наоѓа на просторот меѓу тумулот 2 и насипувањето 4. Има најголема должина на протегање од 15 m, со максимална широчина од 8 m и со најмала висина на насипот од 50 cm, во однос на другите тумули и насипувањето 4 (сл. 1). Претставува развлечен насип од земја и камења со аморфни облици со средна големина, од кои повеќето се речни. Најголемо насипување има во средишниот највисок дел, кое постепено се намалува кон периферијата. Највисоката точка на насипот има 411,27 m н.в., на источната страна, најниската кота изнесува 410, 35 m, на северната страна 410, 22 m, на западната страна 410, 99 m и на јужната 411,16 m н.в. Основата под насипот е карпа која според потребите била хоризонтално зарамнета.
На периферијата од југоисточната страна насипот на одредени места е со поситни камења. Постои голема веројатност дел од камењата подоцна да биле искористени за римските погребувања со кремации, на што укажуваат неколкуте римски монети од III - IV век пронајдени на периферијата од насипот 3.8 На површината се пронајдени и железни клинци од обувки кои ги среќаваме во гробовите со кремации од II - III век.
Уште пред да се започне со истражување, првичната опсервација на површината на тумулот 3 укажуваше дека се работи за три конструкции кои се поврзани со еден низок заеднички развлечен насип. Сето ова беше потврдено во текот на истражувањето (сл. 2).
Конструкција 1
На југозападната страна од насипот е дефинирана кружна конструкција (дијаметар: 4,5 m) од крупни камења во која има две помали, од кои едната е со кружна, а другата со овална форма (сл. 3). Внатрешноста на овалната форма, која според димензиите од 2,5 m должина и 1,5 m ширина одговара на гроб со инхумација на возрасен човек, беше исполнета со црвена глинеста земја која е насипана врз основата на подлабоко изделканата карпа. Длабочината на јамата во централниот дел изнесува 88 cm. Во овие две конструкции немаме регистрирано наоди, освен минимални фрагменти од рачно работена нетипична керамика.
Конструкција 2
Конструкцијата 2 со дијаметар од 4,5 до 5 m на североисток се граничи со конструкцијата 1. Од западната страна формира (заградување) полукружна форма со наредени поголеми камења, која во внатрешноста беше исполнета со поголема концентрација камења и земја. Таа кон исток постепено се намалува и губи поради можната ерозија или дислокација на дел од камењата за евентуалната секундарна употреба за погребните конструкции од римските кремации. Во централниот дел на замислениот круг од оваа конструкција се откриени човечки коски од долната половина на телото со пет ритуално поставени садови, кои под тежина на камењата од насипот се искршиле на фрагменти (сл. 4). Најверојатно се работи за погебување под ниска хумка, кое првобитно било заокружено со камен венец, а потоа насипано со камен и земја. Погребувањето во врска со керамичкиот материјал е датирано во раното бронзено време.
Конструкција 3
На североисток од насипот се наоѓа уште една полукружна конструкција 3 од покрупни камења, од кои централниот е најголем и има правоаголна форма. Поставен е вертикално, со плитко вкопување во основата на карпата која е зарамнета. За оваа конструкција, која на исток е пресечена од полукружната конструкција 2, се утврди дека претставува простор кој на североисток заградува насип од камења под кој е насипана црвена глинеста земја, која ја има во поголема количина и ја исполнува овалната длабоко изделкана јама во карпата. Освен минималниот број нетипични керамички фрагменти од груба керамика, од кои еден фрагмент е со врвчеста пластична декорација, врз насипот од црвена земја на западната страна се пронајдени и неколку парчиња од грутки запечена глина во близина на една конструкција која е оформена во вид на канал врз скалесто изделканата карпа заградена со камења (сл. 5). Други наоди од ритуално кршена груба керамика се забележани на местото од спојувањето на конструкциите 2 и 3 врз поголемите камења близу до вертикалниот централен правоаголен камен (сл. 6). Конструкцијата 3 претствува објект за чијашто намена досега немаме никакви аналогии. Единствените показатели дека најверојатно се работи за култно место - светилишен простор.9 На ова мислење упатува тоа што најголемиот централен камен на горниот дел на средината има полукружно вдлабнување, кое можеби не би имало никакво значење, доколку на запад од него не беше откриен претходно споменатиот канал со грутки запечена плитареста глинеста земја. Констукцијата 3 упатува на можна претпоставка дека се работи за место каде се вршел ритуал со течна жртва во чија улога има каналот.
Црвената насипана земја, која ја среќаваме во конструкциите 1 и 3 од тумулот 3, ја среќаваме и во тумулот 1 врз карпата светилиште, во тумул 2 како основа за погребување со кремација и како основа на насипувањето 4 (работно именуван како тумул 4). Нејзината улога првенствено била за рамнење на теренот, а голема веројатност е дека можеби има значење поврзано со култот на мртвите и има повеќе аналогии во Македонија и во Србија.10
Според геолошките истражувањата кои се вршени на територија од Општина Виница, утврдено e дека Виничкиот Регион изобилува со црвена глинеста земја, која ја има во поголема концентрација на неколку наоѓалишта11 и дека била експлоатирана од најстари времиња до денес.
Погребување од раното бронзено време
Погребувањето со инхумација откриено во конструкција (хумка) 2 е единствената поконкретна податлива археолошка манифестација (појава) откриена во насипот. Отприлика е позиционирано во централниот дел од кружната конструкција, заокружена со камен венец 2. Подигањето на камен венец можеби е во врска со магичното одвојување на светот на живите од светот на мртвите и заштита од нив. Со тргање на хумусниот слој врз позицијата на погребувањето се констатираше дека содржината на површината е иста како и на останатиот дел, така што воопшто не се забележуваше ниту очекуваше некаква гробна конструкција. Со симнување на поголемите камења се појави ниво од помали камења измешани со кафеава ровка земја, под кое најпрвин беше откриен еден помал сад - пехар во земјата, а под неа неколку керамички садови и коските од долната половина на покојникот. Целата оваа ситуација има овална форма со димензии 1 х 1,5 m и правец на протегање североисток - југозапад (сл. 7). Коските и еден од садовите (чинија) се поставени да лежат врз основата од карпата со малку земја, а другите три фрагментирани садови се поставени врз камења и лежат на исто ниво со коските. Во овој случај, немаме јасно означена гробна јама, туку овде лежиштето е благо овално вдлабнување врз хоризонтално зарамнетата карпа. Остеолошкиот материјал е зачуван во долните екстремитети (фемури и тибии), додека другите коски од телото отсуствуваат (сл. 8). Според нивната позиционираност, заклучок е дека станува збор за растурени коски12 со правец на протегање југоисток - северозапад. По извршената анализа на остеолошкиот материјал од страна на антрополог е утврдено дека се работи за возрасна индивидуа, без зачувани елементи за попрецизно одредување на возраста и полот.13 Отсуството на коските од горниот дел од телото и во овој случај не нè изненадува бидејќи е честа појава и во другите погребувања со инхумација на овој локалитет.14 Една друга археолошка ситуација, каде имаме откриени коски од череп под плиток насип од поситни камења на југоисточната страна од тумулот 3, нè наведува на размислување дека овде можеби се случувало некакво друго дејствие - можеби жртвување што како опција се спомнува кај погребувањата под хумки во културната група Белотиќ-Бела Црква.15 И таму, како и на Коколов Рид, хумките се наоѓаат на истиот простор заедно со тумулите од подоцнежните етапи на бронзеното време.16 Уште едно размислување е претпоставката за една појава на расчленување на делови од телото пред да биде погребано кое се среќава во Бугарија.17 Датирањето на погребувањето е извршено според аналогии со садови од исти типови во поширокиот регион, како и керамичкиот материјал од раното бронзено време кој се среќава на овој локалитет и во другите тумули и насипот 4. Погребувањето е датирано пошироко во втората половина на III милениум пр. н.е.
Петте искршени рачно работени садови, кои се позиционирани на исток од коските, со голема веројатност се поврзуваат со погребувањето и може слободно да заклучиме дека претставуваат гробен ритуален прилог. Керамичките садови се состојат:
− од две чинии (здели) со иста форма, различна големина и мала разлика во некои детали;
− два пехара од исти тип (јунаците) со различна големина и декорација;
− еден лонец со поголеми димензии од другите садови.
Иако беа фрагментирани садовите, речиси целосно се зачувани и ги имаа сите елементи за реконстукција.18 Сите се реконструираа со проект за конзервација и реконстукција.19
Помал пехар - тип јунаците
Овој сад беше откриен во кафеава земја на позиција над една од чиниите, до другиот пехар и лонецот кои беа искршени со притисок од камењата. Се состоеше од неколку искршени фрагменти кои подоцна се склопија во целина. Помалиот пехар има висок цилиндричен врат, кој постепено се проширува кон венецот, биконусно тело на мало рамно дно, една лентеста рачка која започнува малку пониско од венецот и завршува малку пониско од средината на садот. Декорацијата која е во долниот дел на садот (под вратот) се состои од низа кратки вертикални цртички во хоризонтален кружен појас, исполнети со бела инкрустрација, под кој има низа од мали (малку раздалечени еден од друг) врежани кругови исполнети со бела инкрустрација (сл. 9). Тој е рачно направен од непрочистена темносива до црно печена глина, а во печењето со примеси на мика и ситни зрна песок. Во горниот дел на вратот се забележуваат кафеави нијанси на глината. Садот ги има следните димензии: дијаметар на венецот 7 cm, дијаметар на дното 3,5 cm и висина 13,5 cm.
Поголем пехар
Поголемиот сад пехар е од исти тип како и претходниот, само со други димензии и попорции и без никаква декорација. Тој е рачно направен од малку повеќе прочистена сивкастотемна до потемно кафеава печена глина. Димензиите на садот се: дијаметар на венецот 8 cm, дијаметар на дното 5 cm и висина од 17 cm (сл. 10).
Помала чинија (здела)
Помалата длабока чинија (здела) има конусна форма, мало рамно дно и вовлечен венец на отворот. На венецот со мала закосеност, симетрично, се поставени четири мали правоаголни рачки кои се пластично извлечени нанадвор. Чинијата е рачно направена од непрочистена темнокафеава до сива глина со примеси на мика и песок. Нема никаква декорација. Била поставена да стои со венецот нагоре директно врз карпата. Во мал дел од неа лежи една коска од ногата на покојникот. Реконстуирана е од многу искршени делови. Димензии: дијаметар на венецот 23 cm, дијаметар на дното 6 cm и висина од 10 cm (сл. 11).
Поголема чинија (здела)
Поголемата рачно изработена чинија (здела) има конусна форма, мало рамно дно и вовлечен венец на отворот. На венецот се поставени четири симетрични пластични продолжетоци (рачки) со коса поставеност како и кај другата чинија. Направена е од темнокафеава, со потемни нијанси печена глина од другата чинија. Откриена е на североисток од коските, заедно со другите искршени садови. Чинија беше поставена свртена наопаку врз камењата. Чинијата е целосно реконструирана. Ги има следните димензии: дијаметар на ободот 26 cm, дијаметар на дното 7,5 cm и висина 10 cm. Садот е без декорација (сл.12).
Керамички сад - лонец
Поголемиот сад - лонец спаѓа во категоријата садови со погруба рачна изработка кои служеле за подготвување храна. Биле произведувани во голем број, па за време на производството не се обрнувало внимание на фактурата и обработката на ѕидовите од садовите. Ова се забележува и во непрочистеноста на глината во која се гледаат ситни зрна од песок и мали каменчиња. Лонецот е со широк отвор и рамен венец со малку бочвеста форма на рамно дно. На горната половина од садот се поставени две рачки, од кои едната е јазичеста, а другата лентеста. Јазичестата рачка е хоризонтално позиционирана малку повисоко од лентестата рачка која се наоѓа на спротивната страна од садот. Таа е кратка, кружно свиткана и формира кружен пресек на отворот. Садот има од кафеаво до окер печена глина, без декорација. Димензиите на садот се: дијаметар на венецот 16 cm, дијаметар на дното 9 cm и висина 19,5 cm (сл. 12).
Датирање со аналогии на керамичките садови
Петте керамичките сада одат во прилог на датирање на погребувањето во втората половина од III милениум пр. н.е. Аналогии во датирањето на овие садови - гробен инвентар, наоѓаме на повеќе локалитети во Македонија, југоисточниот дел на Србија и во западниот дел на Бугарија.
Садовите пехари се среќаваат на повеќе локалитети од периодот на раното бронзено време на поширок простор. На локалитетот Коколов Рид тие се резултат на заедничката културна основа и се работени со посебни локални особености како и чиниите. Локалните белези се забележуваат при изведбата на рачките кои не го надвишуваат венецот и дното, кое за разлика од повеќето кои имаат зашилено дно, тука е изведено рамно. Помалиот сад пехар, кој е реконстуиран, најголема сличност во декорацијата покажува со садот пехар (тип јунаците) од локалитетот Бубањ кај Ново Село, Србија.20 Со посложена декорација и рамно дно21 аналогија на нашиот пехар се среќава и на локалитетот Могила Јунаците?, кој се наоѓа во областа на Пазаџик во Бугарија. Таму овие садови се откриени во поголем број, па според нив овие садови се познати како тип јунаците. Се среќаваат на повеќе наоѓалишта во Бугарија во северозападна Тракија. Според C-14 анализите датирани се од 2570 до 2330 год. пр. н.е. Овие форми на садови биле прифатени и за потребите на светилиштето во Пелинце,22 каде што извршиле одредено влијание врз локалната керамографија. На локалитетот Две Могили, Пелинце, во зоната II пехарот од типот јунаците е значаен за конечната хронолошка детерминација на овој локалитет. Оваа форма е доминантна на локалитетите од крајот на раното бронзено време во Бугарија.23 Поголемиот сад - пехар има своја локална особеност во модифицираноста на формата, но сепак е уникатен како и помалиот пехар.
Длабоките чинии (здели) најголема сличност имаат со чинии од зоната II во Пелинце,24 каде на венецот покрај трите правоаголните пластични продолжетоци се среќава и една правоаголно коленеста свиткана дршка на венецот.25 Идентични здели се констатирани на локалитетите од раното бронзено време (ЕВА III) во Западна Бугарија. Со мали разлики во деталите се неколку чинии од локалитетот Тумба - Радобор, кој припаѓа на Пелагониската културна група - Арменохори.26 Чиниите од Коколов Рид имаат четири идентични правоаголни рачки и боја на печење која е потемна кафеава до темносива, што е одлика на керамиката од скопско-кумановскиот крај од тој период.
Пехарите и чиниите како хронолошки чувствителни керамички садови, според аналогии со исти типови од регионот на басенот на Јужна Морава и долината на Пчиња, може да се датираат во периодот од 2200 - 2000 год. пр. н.е. односно во помладото рано бронзено време.27 Низа елементи од нив среќаваме на садови откриени во Кокино - Татиќев Камен во Младо Нагоричане, Кумановско и населбата Кале II на Скопско Кале.28
Садот лонец во слични варијанти се среќава на поголем број локалитети од периодот на раното бронзено време во поширокиот регион и на претходно наведените локалитети.
Во прилог на датирање на погребувањето од раното бронзено време се и неколку фрагменти и цели садови од раното бронзено време, откриени на други позиции на овој локалитет. Во 2011 год. во основата на кружната конструкција од камења од насипувањето 4 се откриени две чинии - ритуално искршени, од кои едната, која е малку фрагментирано зачувана (нема можност за реконструкција), има зачувана правоаголна рачка со декорација на врежани кругови исполнети со бела инкрустрација. Другата чинија, која е реконструирана, има три мали правоаголни продолжетоци на венецот и еден кој полукружно се спушта надвор од венецот. Во тумулот 1 на основата врз карпата во 2011 год., под црвената глинеста земја беа пронајдени два фрагменти (дел од врат и лентеста рачка) од сад пехар со темносиво печена глина. И двата фрагмента имаат мрежеста декорација исполнета со бела инкрустрација. Во 2015 год. на просторот меѓу тумулите 1 и 2 на источната страна на локалитетот, под конструкција од камења, на мало зарамнето плато на карпата беа откриени неколку садови, меѓу кои, еден пехар на висока нога, со рачка и венец со мрежеста декорација исполнета со бела инкрустрација (сл. 14). Овој тип садови се среќава и во зоната II на Пелинце и на Кокино како тип на пехар на шуплива конусна нога. Датирањето на претходно наведените садовите е во раното бронзено време. Речиси сите садови од овој период од Коколов Рид се со невоедначена боја во печењето. Се работи за керамика изработена од посна глина со ниска тврдина, што можеби и во овој случај, е печена во отворени огништа или примитивни печки како и кај садовите од покасниот период.29 Техниката на украсување со врежување и инкрустрација, како една од најзастапените во постарата фаза на раното бронзено време, исто така оди во прилог на датирањето на помалиот сад пехар. Во зоната II на Пелинце инкрустрацијата се среќава на еден примерок, а на Кокино само на два примерока.30 Инкрустрацијата во басенот на Јужна Морава е најмногу застапен на север од Грделичката Клисура. Со оглед дека инкрустрацијата ја има во поголема застапеност на локалитетот Коколов Рид (кој се наоѓа југоисточно од овој регион) и во многу поголем број во Северозападна Бугарија, евидентно е дека има влијанија и од овој регион. Недоволната истраженост на југоисточниот дел од Македонија (особено за овој период од праисторијата) е исто така проблем за попрецизно дефинирање на врските со северозападниот дел од Бугарија.
Заклучни согледувања
Територијата на Општина Виница во Македонија, која претставува дел од средното течение на реката Брегалница, бележи голем број археолошки локалитети кои се регистрирани во Археолошката карта на Општина Виница. Поголемиот број од нив, од периодот на праисторијата и римскиот период се лоцирани во атарот на селото Виничка Кршла, регион со голем број евидентирани археолошки локалитети.31 Повеќето од нив се лоцирани на десниот брег од малата река Сушица, која се влива во поголемата река Осојница, на чии брегови исто така се регистрирани голем број локалитети од тие периоди.
За периодот на бронзеното време воопшто на територија од Општина Виница до истражувањата на Коколов рид имавме многу малку податоци. Во Археолошката карта на Виница претходно од тој период единствено се споменуваше локалитетот Градиште 2 во Виничка Кршла (во непосредна близина на Коколов рид), каде што е вршено рекогносцирање при изработката на Археолошката карта за Виница во 1979 година. Се споменуваат материјални остатоци - фрагменти на керамички садови од бронзеното време.32 Подоцна, со археолошките истражувања на локалитетот Виничко Кале се откриени мал број фрагменти од керамички садови од периодот на доцното бронзено време.
За раното бронзено време во Виничкиот Регион, cè до археолошките истражувања на локалитетот Коколов Рид во 2011 год., немавме никакви информации. Со овие истражувања е утврдено дека почетоците на бронзеното време на територија од Општина Виница треба да се бараат во втората половина на III милениум пр. н.е. Тогаш биле востановени новите културни вредности кои биле иницирани од север, најмногу од централнобалканските култури Белотиќ-Бела Црква и Бубањ-Хум II-III, но и со елементи од југоисток од условно кажано тракомакедонскиот свет. Постојат одредени релации и со поединечни локалитети на исток и југ како Езеро А2-Б3 или Кастанас I а-б.33 Тогаш територијата на Македонија е дел од поширокото културно единство, кое доаѓа до целосен израз со формирањето на новиот т.н. Балканско-долнодунавски културен комплекс на раното бронзено време.34
Погребувањето од раното бронзено време од насипот 3 конструкција (хумка) 2 даде исклучителни информации, затоа што првпат имаме некакви информации за погребување од тој период, не само за територија на Виница туку и пошироко за територијата на Македонија.
Истражувањата во 2013 год. уште еднаш потврдија дека локалитетот Коколов Рид претставува комплексен археолошки локалитет, кој бил користен долг временски период како култно место - светилиште и некропола во бронзеното време од праисторијата и римскиот период. Претставува исклучителен локалитет, не само за територијата на средното течение на реката Брегалница туку и пошироко. Неговото значење е уште поголемо од аспект што претставува локалитет светилиште. Освен светилиштата во Пелинце35 и Кокино,36 кои дадоа многу материјал за обредните практики од бронзеното време, други светилишта во Македонија не беа регистрирани cè до откривањето на Коколов Рид. Светилиштето на Коколов Рид кое во многу појави има аналогија со нив,37 допрва ќе биде подетално презентирано.38 Со откритијата од периодот на бронзеното време, а особено со наодите од раното бронзено време, со своите карактеристики Коколов Рид се вклучува во Скопско-кумановската културна група, која можеби би требало да се именува едноставно - Пелинце, според најкарактеристичното наоѓалиште. Регионот се експонира како средина во која во текот на раното бронзено време се вкрстувале различни културни влијанија, како од север по долината на Морава така и од исток по долините на Брегалница39 и Вардар. Со тоа, културата на раното бронзено време, всушност, претставува една специфична компилација, единствена по своите белези.40
Белешки
- Истражувачкиот тим кој работеше на локалитетот Коколов Рид во 2013 год. беше во состав: Јулијана Иванова - кустос, како раководител на истражувањето, кустосите Благица Стојанова и Магдалена Манаскова од Локалниот археолошки музеј „Теракота“ - Виница; Цоне Крстевски, кустос советник од Музејот на Македонија како консултант, д-р Бошко Ангеловски - археолог, како и археолозите Златко Костадинов и Зоран Велинов од Виница и Дејан Јефремов од Виница како документатор. ↩
- Крстевски Ц. - Белдедовски З., 1996, 88. ↩
- Митревски Д., 1997, 297. ↩
- Иванова Ј. - Стојанова Б., 2020, 91-107. ↩
- Манаскова М., - необјавен текст презентиран на симпозиум на МАНД во Дојран 2012 год. ↩
- Иванова Ј., 2020, 2021, 428 - 440. ↩
- За првпат се добиени резултати за погребување од раното бронзено време не само за виничкиот регион туку и пошироко во Македонија. ↩
- Монетите, иако мошне оштетени, се датирани од м-р Гордана Јанева, нумизматичар од Заводот и музеј - Штип. ↩
- На ова размислување наведуваат и другите археолошки манифестации кои се јавуваат на поширокиот простор. Сето ова пошироко беше презентирано на 24. симпозиум на МАД кој се одржа во Струга 2019 год. од страна на Јулијана Иванова, виш кустос од Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ - Виница на тема Коколов Рид - светилиште и некропола. ↩
- Јовчевска Т., 2008, 41 - 42. ↩
- Информациите се добиени од лицето Миле Илиев од Виница кому оваа тема е магистерски труд. ↩
- Во консултација со антропологот д-р Фаница Вељановска, врз основа на приложена фотографија и врз основа на целата ситуација во која се гледаше неправилност во поставеноста на коските на нозете, донесен е заклучок дека во овој случај не е извршено нормално положување на телото на покојникот. ↩
- Антрополошката анализа е извршена од страна на антрополог д-р Фаница Вељановска од Археолошки музеј на Македонија. ↩
- Во сите гробови од VIII - VII век од тумулот 1 и од гробот - инхумација од тумулот 2, не беа откриени коски од черепите на покојниците. ↩
- Garasanin M., 1983, 705. ↩
- Garasanin M., 1983, 708. ↩
- Китов Г. - Агре Д., 2002, 124. ↩
- Иванова Ј. - Манаскова М. - Стојанова Б., 2016, 10. ↩
- Три керамички сада беа реконструирани во 2013 год., а другите два во 2015 година. Реконструкцијата е направена од страна на виш конзерватор Бранко Величковски од Музејот на Македонија во соработка со лиценцираниот конзерватор Стефанија Стојановска. ↩
- Булатовиќ А. - Станковски Ј., 2012, 438, фото 8, 18 и 19. ↩
- Terzijska-Ignatova S., 2006, текстот е превземен од брошура. ↩
- Трајковска Л.,1995, инвентарна листа бр. 35. ↩
- Булатовиќ А. - Станковски Ј., 2012,80. ↩
- Трајковска Л., 1999, 57,T. II. 2. ↩
- Булатовиќ А. - Станковски Ј., 2012, 180 (Т.LV/43), 445 фото (23); Трајковска Л., 1995, фото 9. ↩
- Митревски Д., 2013, 202, сл. 56. ↩
- Булатовиќ А. - Станковски Ј., 2012, 252, Табела 8, 258 , Табела 12. ↩
- Митрески Д., 2016, 15-16. ↩
- Стојановска, С. - Иванова, Ј. 2015, 125. ↩
- Булатовиќ А.- Станковски Ј., 2012,248. ↩
- Крстевски Ц.- Белдедовски З., 1987,163. ↩
- Крстевски Ц.- Белдедовски З., 1979, 3, ↩
- Митрески Д., 2019, 69. ↩
- Митрески Д., 2013,172. ↩
- Трајковска Л., 2003, 289-297. ↩
- Станковски Ј. - Петковски М., 2016, 3., Ѓорѓиевски Д., 2017, 1. ↩
- Станковски Ј., 2010, 119. ↩
- Презентирано на 24. симпозиум на МАД кој се одржа во Струга 2019 год. од страна на Јулијана Иванова, виш кустос од Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ - Виница на тема Коколов Рид - светилиште и некропола. ↩
- Нацев Т., 2009, 7. ↩
- Митрески Д., 2019,69. ↩
Summary
Early Bronze Age Burial by Kokolov Rid - Tumul 3
The archaeological excavations in 2013 at the site of Kokolov Rid, near the village Vinichka Krshla in the municipality of Vinica, revealed new moments connected to defining the complexity of the site in relation with its purpose and chronology. The initial determination as a tumular necropolis with four tumuli proved to be accurate but not satisfactory.
The excavations in 2013 were aimed at the area designated as tumulus 3 in theline of 4 tumuli. Three separate stone constructions were documented under low fill of stones and soil with various archaeological content. Given the wider context of the site and the older layers, we can conclude that the content is the result of a cult place - shrine area. One of the semicircular structures (initially it was circular) with the diameter of 4.4 - 5 metres contained skeletal burial with ceramic grave offering. Only the bones of the lower limbs were discovered and their position pointed to a disturbed grave. The anthropological analysis revealed that the buried person was an adult without any elements to define more precisely the age and gender. The burial was performed in not very well defined grave pit, on a levelled bedrock, and covered with stones and soil as part of a larger mound. This context with the dimensions of 1-1.5 metres is almost centrally positioned in the tumulus which is disturbed on the eastern side due to erosion or secondary use of the stones.
The offerings of the grave deposit were five handmade ceramic vessels. Two bowls, two chalices and one pot were found. The bowls belong to the type with conical body and incurved rim with four symmetrical small rectangular handles. The chalices have cylindrical neck, biconical body with small flat bottom and one strap handle that does not surmount the rim. One of the chalices is decorated with white coloured encrustation. The pot has spherical shape with flat rim, flat bottom and two handles, one of which is tongue shaped and the other is strap handle. Chronologically most sensitive is the small chalice of the Junatsite type. Given the decoration there are analogies in a chalice vessel with pointed bottom found at the site Bubanj in the R. of Serbia and the chalice vessel with more complex decoration and flat bottom at the site of Junatsite in the R. of Bulgaria. The C14 analysis of these vessels from the mound Junatsite near Pazardjik in Bulgaria, provided dates between 2570 - 2330 BC. According to the analogies from the valleys of South Morava and Pchinja the bowls and the chalices could be dated in the period between 2200-2000 BC i.e. the beginning of the Early Bronze Age. The vessels from Kokolov Rid have features of the local production. The analogies of vessels from the same type in the wider region, as well as the Early Bronze Age pottery discovered at this site, suggest that the wider date of the burial is the second half of the third millennium BC.
The finds from the Early Bronze Age have included the site of Kokolov Rid into the Skopje-Kumanovo group which probably should be named simply Pelince group, the name ofthe most typical site.The connections of the site in all periods are with the Skopje - Kumanovo region and the Veles-Bregalnica region. As seen by most of the archaeological finds, undeniable are the close relations with the neighboring regions to the north along the valley of the South Morava River up to the Danube in the R. of Serbia, and along Iskar River to the east, in the R. of Bulgaria. The culture of the Early Bronze Age is actually a very specific compilation which is unique by its features.
Библиографија
- Балабанов К., 2006, Виница стар антички град и центар на рахохристијанската уметност, Виница.
- Белдедовски З. - Крстевски Ц., 1979, Археолошка карта на Општина Виница, Скопје.
- Белдедовски З. - Крстевски Ц., 1987, Рекогносцирање и наоди околу Виница, 1978, Maced.acta archaeolo. 7-8, Скопје, 153 -167.
- Белдедовски З. - Крстевски Ц., 1996, Археолошка карта на Р. Македонија, том 2, Скопје.
- Булатовиќ А. - Станковски Ј., 2012, Бронзено време во басенот на Јужна Морава и долината на Пчиња. Белград - Куманово./ БулатовиЋ, А., Станковски, Ј. Бронзано доба у басену Јужне Мораве и у долини Пчиње, Београд-Куманово.
- Ѓорѓиевски Д., 2017, Наоди од археолошките ископувања Кокино - каталог од изложба, Куманово.
- Иванова Ј.- Стојановска С., 2015, Конзервација,реставрацијаиреконструкцијанажелезновременски керамички садови наменети за изложба, од локалитетот Коколов рид, Виница, Р. Македонија / Conservation, Restoration and Reconstruction of Iron Age Pottery Intended for Exhibition from the Kokolov Rid Archaeological Site in Vinica, R. Macedonia, Antrophe, No 3//dezembro 2015//www.cph.ipt.pt.Tomar, 121-140.
- Иванова Ј. – Манаскова М. – Стојанова Б., 2016, Каталог на постојаната поставка / Catalogue of the permanent exposition. Виница/ Vinica.
- Иванова Ј. - Стојанова Б., 2020, Коколов рид - Тумул 1 - Погребувања од VIII -VII век пр.н.е. , Maced.acta archaeolo. 22, Скопје, 91-107.
- Иванова Ј., Светилиште од бронзеното време од археолошкиот лок. Коколов Рид, текст презентиран на 24 Симпозиум на МАД во Струга, во припрема.
- Иванова Ј., 2021, Кремации од 4 век од локалитетот Коколов рид, ГОДИШНИК на АСОЦИАЦИЯ „ОНГЪЛ“, том 19, год. XIV, 2021, ПРЕНАСЯНЕТО НА САКРАЛНОСТ,(Локално – регионално – национално) София, 428-440.
- Манаскова М., Римските погребувања на локалитетот Коколов рид (Необјавен текст - презентиран на симпозиум на МАНД во Дојран во 2012 год.)
- Јовчевска Т., 2008, Манастир, Некропола од преодниот период од доцно бронзено во железно време, Велес.
- Китов Г. - Агре Д. 2002, Въведение в тракийската археологија, София.
- Митревски Д., 1997, Протоисториските заедници во Македонија,Скопје.
- Митревски Д., 2013, Праисторија на Република Македонија, Македонија културно историски факти 1, Скопје, 216-267.
- Митревски Д., 2016., Скопско кале, Скопје.
- Митревски Д., 2019, Бронзено доба, Скопско во праисторијата и раната антика, Скопје осум милениуми живот култура творештво, Скопје, 15-100.
- Нацев Т., 2009, Трите керамитки, Штип.
- Станковски Ј. - Петковски М., 2016, Кокино - каталог на изложба, Куманово.
- Станковски Ј., 2010, Прилог кон проучувањето на обредната практика на локалитетот Татиќев камен, село Кокино, Maced.acta archeolog. 19, Скопје, 115-125.
- Тракјовска Л., 1995, Рано бронзено светилиште кај селото Пелинце, Каталог, Куманово.
- Трајковска Л. 1999, Градиште - Пелинце – Истражувања на секторот Две Могили, Maced.acta archeolog. 15, Скопје, 47-61.
- Трајковска Л. 2003, Светилиште од раното бронзено доба на лок.„Градиште“ во селото Пелинце кај Куманово, Зборник Пирајхме, Куманово, 289-297.
- Херодотова историја I, 1988, Нови Сад.
- Garasanin M.,1983, Bronzano doba IV, Praistorija jugoslovenskih zemalja, Sarajevo, 705 – 718.
- Terzijska-Ignatova S., 2006, Tell Junatsite, Pazardzik, (брошура издадена од страна на Regional museum of historyn- Pazardzhik)