Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 99–123

Размена на добра и развој на мрежи на комуникации во енеолитот

УДК 903:005.57(497.7)”636”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123099s

Комуникацијата со соседните култури претставува значаен дел од карактерот на енеолитската култура во Македонија уште од самите нејзини почетоци. Имено, контактите меѓу населбите од источниот дел на Македонија и населбите од регионот на Долна и Средна Струма, каде се открива една од најстарите датирани појави на металургија на тлото на Европа играле значајна улога во обликувањето на карактерот на раниот енеолит во овој дел на земјата. Најраните докази за постоење на бакарна металургија без остатоци на згура се среќаваат во нивото III од секторот Промахон на локалитетот Промахон - Тополница и фазата I на населбата Дикили Таш, кои одговараат на раната фаза на доцниот неолит во локалната хронологија (Late Neolithic I) и се датираат во првата половина на V милениум пр. н.е.1

Условите кои биле потребни за познавање на екстрактивната металургија најнапред биле достигнати кај доцнонеолитските заедници кои ја познавале графитно сликаната керамика. Исто како и топењето на бакарот, и графитната декорација барала создавање на средина со висока температура (над 1000 ˚C) и редукција на кислород. Овој тип керамика за првпат се среќава кон крајот на доцниот неолит по долината на Средна Струма (Струмско, Балгарчево, Промахон -Тополница).2 Приспособувајќи ги техниките кои ги развиле за изработка на графитно сликаната керамика, занаетчиите ги создале потребните услови за топење на рудата. На тој начин во текот на V милениум пр. н.е. производството на бакар во Југоисточна Европа во однос на квалитетот и квантитетот било пософистицирано отколку во Мала Азија.3

И покрај бројните проблеми во датирањето на почетокот од раниот енеолит, предизвикани од флуктуирањето на концентрацијата на атмосферскиот C-14, која резултира со совпаѓање на датите за крајот на неолитот и почетокот на енеолитот со тие за почетокот на доцниот енеолит, сепак преодот од доцен неолит во ран енеолит во регионот на Средна Струма се сместува околу 4900 год. пр. н.е.4 Оваа дата кореспондира со постоечките C-14 дати за постарата фаза на енеолитот во Македонија кои се сместуваат меѓу 4800 и 4540 - 4330.5

Сл.1. Избор на керамички садови и фигурини, Цареви Кули (Митревски Д., 2013)
Сл.1. Избор на керамички садови и фигурини, Цареви Кули (Митревски Д., 2013)

Графитно сликаната керамика ќе продолжи со својот развој и широко распространета употреба и во текот на раниот енеолит, ќе стане едно од главните обележја на Градешница -Слатино - Дикили Таш. Станува збор за позитивен линеарен графитен орнамент, т.н. струма стил, кој подразбира снопови од тенки линии изведени со графит врз основата на садот. Мотивите кои се застапени во овој декоративен стил ce: спирали, меандри, ромбови, концентрични кругови и останати геометриски шари.

Притоа, регионите кои се географски поблиски на Долна и Средна Струма биле тие кои први стапиле во контакт и каде најпрво се откриваат манифестации блиски на раноенеолитскиот комплекс Градешница - Слатино - Дикили Таш. Пред cè, станува збор за енеолитската населба на Цареви Кули, Струмица.6 Материјалната култура од оваа населба, покрај одредени локални особености, не отстапува од појавите во рамките на поширокиот комплекс (сл. 1). Во керамичката продукција се забележува влијание од раноенеолитските локалитети во регионот на Долна Струма (Дикили Таш II, Крионери, Ситагри III) од каде културните вредности се ширеле по долината на Струмица.7 Од друга страна, наодите бележат аналогии, особено кај дел од пластиката и со раноенолитските локалитети по долината на Брегалница. Тоа укажува дека контактите биле повеќенасочни и дека уште од периодот на раниот енеолит била создадена надрегионална мрежа на комуникации и движења. Со оглед на географската положба, може да смета дека наодите од Цареви Кули покажуваат хронолошка предност во однос на најстарите локалитети по Брегалница, правејќи го овој регион прв кој дошол во контакт со новите енеолитски вредности од југоисточниот дел на Балканот.

Овие контакти ќе продолжат да се развиваат во текот на раниот енеолит, кога наоди блиски на културата Градешница-Слатино-Дикили Таш, како во поглед на декорацијата на керамичките садови така и во однос на пластиката, ќе се среќаваат на енеолитските населби по долината на Брегалница.

Сл.2. Графитно сликана керамика, 1-2. Пилаво, Бурилчево (Колиштркоска Настева И. – Карпузова С., 2005); 3-7. Св. Атанасиј, Спанчево (Атанасова И., 2012)
Сл.2. Графитно сликана керамика, 1-2. Пилаво, Бурилчево (Колиштркоска Настева И. – Карпузова С., 2005); 3-7. Св. Атанасиј, Спанчево (Атанасова И., 2012)

Можеби еден од клучните елементи кои ќе одиграаат значајна улога врз културните интеракции на раноенеолитските заедници по долината на Брегалница, претставуваат и промените во палеоклимата и последиците кои настанале. Во археолошката литература присутна е теоријата на Хенриета Тодорова за климатските промени кои предизвикале прекин во културниот развој на раноенеолитските култури во јужните делови Балканот.8 Притоа, евидентно е дека кон почетокот на V милениум пр. н.е. дошло до постепено зголемување на температурите кое кулминирало некаде околу 4600 год. пр. н.е., кога климата во Југоисточна Европа ја достигнала критичната точка на пораст на просечната годишна температура.9 Тоа довело до суши, ерозија на земјиштето, правејќи го неповолно за обработка, уништување на посевите, глад, болести итн. и резултирало со замирање на локалните раноенеолитски населби на југот од Балканот (Ситагри III, Дикили ТашІІ). На пример, Дикили Таш е напуштен на подолг период при крајот на Late NeolithicII, околу 4000 год. пр. н.е.10 Под притисок на неминовната катастрофа се случува придвижување на населението по долината на Струма, особено кон повисоките планински региони.

Токму ефектите од климатските промени ќе бидат значајни во определувањето на обележјата на раниот енеолит во Источна Македонија. Притоа, елементите од раноенеолитскиот културен комплекс Дикили Таш-Слатино најнапред по долината на Струма, а потоа и преку Брегалница се прошириле кон источниот дел на земјата.11 Појавата на графитно сликана керамика претставува новитет во раниот енеолит и за разлика од локалитетите од Долна Струма, каде во континуитет се следи уште од доцнонеолитските хоризонти, не наоѓа доцнононеолитска основа во локалните Ангелци-Зелениково II.

Како декоративна техника зазема значаен дел од керамичкиот материјал од Пилаво и Св. Атанасиј (сл. 2). Присутна е на садови со фина фактура, тенки ѕидови и мазнета или полирана површина. Облиците кои се украсени на овој начин не отстапуваат од репертоарот во рамките на Дикили Таш - Слатино, така што одредени облици покажуваат аналогии со Дикили Таш и Слатино (на пр. конусните и биконусните чинии со разгрането устие).12 Иако во поглед на мотивите покажува најмногу сличности со Слатино, сепак во однос на бојата на садовите, која претежно е темносива до црна, аналогии се наоѓаат во Дикили Таш и Ситагри.13

Сл.3. Керамика декорирана со Градешница тип врежување, Св. Атанасиј, Спанчево (1-2. Колиштркоска Настева И., 2011; 3-5. Атанасова И., 2012)
Сл.3. Керамика декорирана со Градешница тип врежување, Св. Атанасиј, Спанчево (1-2. Колиштркоска Настева И., 2011; 3-5. Атанасова И., 2012)
Сл. 4. Фигурини, 1-2. Пилаво, Бурилчево (Колиштркоска Настева И., 2005); 3-7. Св. Атанасиј, Спанчево (Атанасова И., 2010)
Сл. 4. Фигурини, 1-2. Пилаво, Бурилчево (Колиштркоска Настева И., 2005); 3-7. Св. Атанасиј, Спанчево (Атанасова И., 2010)

Движењето на носителите на графитно сликана керамика, несомнено, играло улога во обликувањето на раниот енеолит на овој простор. Појавата на графитно сликана керамика во веќе развиена форма на раноенеолитските локалитети исто така упатува на тоа. Сепак, нејзиното присуство во голем број, користењето локални извори на глина за нејзина изработка, како и дел од облиците кои се одраз на локалните карактеристики на раниот енеолит, укажуваат дека станува збор за локално производство, а не увоз.14 Во прилог на ова одат и добиените калибрирани дати кои покажуваат дека раноенеолитските појави во Македонија не заостануваат зад тие од долината на Струма. На тој начин графитната техника на украсување на садовите претставува доказ за блиските контакти со соседните култури, кои оставиле печат на карактерот на раниот енеолит по долината на Брегалница.

Истовремено, раноенеолитските населби по долината на Брегалница остварувале контакти и со населбите од Северозападна Бугарија, каде се протега раноенеолитската култура Градешница. Тоа се потврдува преку керамиката декорирана со врежана декорација од т.н. тип градешница откриена меѓу материјалот од светилиштето Св. Атанасиј и постариот хоризонт на Пилаво (сл. 3). Во најголем дел стаува збор за фрагменти од складишни садови, во бугарската литература наречени „хранилище“, потоа квадратни чинии, како и жртвеници и модели на печки и живеалишта.15 Овој тип декорација, иако се врзува за културата Градешница, сепак се сретнува и во останатите населби во рамките на културата Градешница-Слатино-Дикили Таши, говори за протокот на идеи и културни вредности во рамките на комплексот.16 Покрај локалитетите по долината на Брегалница се сретнува и нешто посеверно, на Костоперска Карпа, меѓу материјалот кој во најголем дел припаѓа на доцниот енеолит.17

Новитетите во начинот на декорирање на садовите лесно можеле да бидат воведени во керамичката продукција во населбите од раниот енеолит и преку размена на добра. Локацијата на населбите по речните долини како можни комуникациски рути оди во корист на ова објаснување. Во литературата керамиката често е идентификувана како предмет на трговија, теза заснована врз сличностите во стилот на керамички садови пронајдени на големи растојанија.18

Друг белег кој упатува на блиски контакти со заедниците од културите Градешица и Слатино е антропоморфната култна пластика. Фигурините од овој тип изобилуваат со врежана декорација на геометриски мотиви кои следат образец во однос на поставеноста на различните делови од телото (сл. 4). Во поглед на бројноста на ваквите наоди предничат Пилаво и Св. Атанасиј, а вакви фигурини се откриени и на Богослов Камен, Градиште - Град и Цареви Кули.19 И покрај тоа што во однос на основата на декоративниот образец, како и изведбата на горниот дел од телото аналогии се нотираат со фигурините во рамките на Градешница, сепак се забележуваат разлики во поглед на разновидноста и репертоарот на мотивите, нивната организација, изведбата на рацете, кои се несомнено одраз на локалната раноенеолитска култура. Додека кај фигурините од Градешница постои поголема униформност во однос на организацијата на дизајниот, примерите од горенаведените локалитети се одликуваат со поголем степен на разнообразност во поглед на изборот на мотивите и нивната поставеност.20 Меѓу бројните примери од Македонија, исто така, недостасува и декорацијата со т.н. „престилка“, како и седечките фигурини со свиткани колена, кои се откриваат во Градешница и Слатино.21 Бројноста на фигурините, нивната разновидност и распространетост говори дека се производ на локално производство, а нивната појава уште еден доказ за контактите со заедниците од исток.

Фигурини од овој тип покрај во населбите од културата Градешница се среќаваат и во горните хоризонти на Слатино, на југ во Ситагри III, а на исток cè до епонимното наоѓалиште на културата Полјаница во североисточна Бугаријашто говори дека контактите помеѓу заедниците се одвивале и надвор од границите на комплексот Градешница - Слатино - Дикили Таш.22 Во поглед на симболите кои биле користени за декорација одредени аналогии се забележуваат во фигурините од Прекукутени - Трипоље А.23 Дел од знаците се поврзуваат со поимот за плодност, како, на пример, ромбот со точка во средината.24 Следствено на тоа може да се претпостави дека мрежите на комуникации не служеле само за размена на технолошки новитети, суровини и готови продукти, туку и за размена на идеи и верувања.

Во контекст на тоа тврдење се и откриените жртвеници и модели на живеалишта и печки (сл. 5). Најголемиот дел од нив се откриени на светилиштето во Св. Атанасиј, а помал број и во соседната населба Пилаво.25 Во поглед на декорацијата, преовладува врежаната декорација од типот градешница. Но мал дел од нив се декорирани со типот ladder, која е карактеристична за раноенеолитска култура Марица од Тракија (сл. 5, 1).

Моделите на куќи на Балканот своето потекло го водат уште од периодот на неолитот. Особено се значајни затоа што производството на овие минијатурни верзии на постоечките објекти укажува на симболичкото значење и социолошката важност кое куќата го имала во рамките на праисториските култури. „Куќата“ претставувала еден вид заеднички интегративен медиум во воспоставувањето на седечкиот начин на живот.26

Во светилиштето кај Св. Атанасиј се откриваат во контексти на ритуални дејствија од поголем обем, кои биле на ниво на заедница. Тие вклучуваат фигурини, материјали кои се поврзани со економијата на заедниците, гозби и останати престижни предмети кои биле донесени преку трговија.27 Несомнено, овие симболични предмети имале значаен дел во системот на идеи и верувања на енеолитскиот човек.

Декорацијата која не е дел од вообичаените декоративни техники на керамичкиот репертоар (сосема мал е бројот на садови кои се декорирани со декоративна техника од типот ladder), нивниот мал број наспроти бројот на откриените фигурини, жртвеници и модели на печки декорирани со врежување од типот градешница, нивната лимитирана дистрибуција - откривањето најчесто во ритуални контексти, упатува на фактот дека најверојатно станува збор за увози. Откривањето на вакви ретки престижни предмети се врзува или со високиот социјален статус на индивидуата која ги поседувала или дека имале култна намена и биле користени во ритуални активности. Во прилог на второто објаснување оди нивното откривање во светилиштето во Св. Атанасиј во контексти поврзани со практикуваните ритуални активности. Транспортот на долги растојанија на кршливи предмети наметнувал високи трошоци. На тој начин вредноста и значењето на овие предмети била уште поголема. Сепак, нивната употреба во ритуалите практикувани на светилиштето го оправдувала трошокот. Впрочем, уште од периодот на неолитот не е невообичаено за одреден број садови да бидат понесени на патувања, а потоа депонирани на новите локации.28

Имајќи предвид дека дел од ритуалите кои биле практикувани на светилиштето биле и ритуалите поврзани со мрежите на размена и комуникации меѓу заедниците, нивното толкување како увози се чини веројатна.29

Доцниот енеолит бележи натамошен развој на мрежите на комуникација со соседните региони. Долината на Брегалница ќе го задржи своето значење како комуникација и во текот на доцниот енеолит, особено на почетокот, кога елементи карактеристични за фазата Протокриводол на комплексот Салкуца-Криводол од Северозападна Бугарија, по долината на Брегалница ќе стасаат cè до сливот во Вардар (амфората со остар пад од Градиште - Град, пехарите на висока нога од Кале - Велес).30

Сл.5. Жртвеници и модели на куќи и печки, Св. Атанасиј, Спанчево (1-2. Атанасова И., 2010; 3-4. Колиштркоска Настева И., 2011)
Сл.5. Жртвеници и модели на куќи и печки, Св. Атанасиј, Спанчево (1-2. Атанасова И., 2010; 3-4. Колиштркоска Настева И., 2011)
Сл.6. Садови со кос врат и рамо декорирано со канелури, Кале, Скопје (Митревски Д., 2015)
Сл.6. Садови со кос врат и рамо декорирано со канелури, Кале, Скопје (Митревски Д., 2015)

Притоа, покрај веќе постоечките, ќе бидат воспоставени и нови рути на комуникации и проток на идеи. Во овој период значајна улога ќе игра и комуникацијата по долините на Морава, Пчиња и Вардар.31 Ова е периодот на формирање на доцноенеолитските населби Врањак и Скопско Кале. По таа рута културните импулси од Бубањ-Хум Ia ќе стасаат во Скопскиот Регион и во локалната материјална култура ќе се забележат елементи со северна провениенција, како, на пример, садовите со кос врат и коничен долен дел, чие рамо е украсено со канелури и на кое најчесто стојат вертикално поставени држалки до висина на вратот (сл. 6).32 Присуството на аналогии во керамиката со локалитети од регионот на Бор, како што е садот со широк дијаметар наспроти тесниот отвор откриен на Кале I,упатува на тоа дека комуникацијата со заедниците од Бубањ-Хум Ia не се запира само во регионот на Јужното Поморавје, туку на север по долините на Нишава и Тимок оди cè до регионите каде се наоѓал еден од најзначајните центри на експлоатација на бакар на Централен Балкан, Рудна Глава (сл. 7).33

Сл. 7. Садови со широк дијаметар, Кале, Скопје (Митревски Д., 2015)
Сл. 7. Садови со широк дијаметар, Кале, Скопје (Митревски Д., 2015)

Истовремено, долината на Пчиња играла улога на мост меѓу Поморавјето и долината на Брегалница. Од овој период се населбите Костоперска Карпа, Богослов Камен, помладиот хоризонт на Пилаво, кои во својот репертоар имаат елементи блиски на Бубањ-Хум Ia.34

Материјалот од споменатите населби покрај тоа што е одраз на локалните преференции на населението кон одредени облици, како, на пример, биконусните садови со кус цилиндричен врат декорирани со барботин и значителното присуство на графитно сликана керамика, исто така бележи сличности со културата Бубањ-Хум Ia преку присуството на кантаровидни садови декорирани со канелури и втиснувања, чинии со вовлечено устие и декорација со канелури, пехари во облик на корпа (сл. 8).

Доцната фаза на доцниот енеолит се карактеризира со формирањето на локалната културна група Шуплевец-Бакарно Гумно. Таа изобилува со голем локален репертоар форми на садови кои се следат низ неколкуте енеолитски хоризонти на населбите. Новина во овој период ќе биде присуството на елементи во материјалната култура кои имаат степско потекло.

Еден од нив е т.н. шнур декорација или врпчест орнамент изведена со втиснување на извиткан конец врз влажната глина на садот. Се разликуваат два типа шнур декорација - „лажен“ шнур (Wickelschnur) изведен со намотан конец, кој остава отпечатоци во облик на гасеница (т.н. caterpillar motif) и „вистински“ шнур од преплетени врвци кој остава кратки или долги линии, каде според правецот на намотување на нишката се разликува „Z“ отпечаток на „S“ навој или „S“ отпечаток на „Z“ навој.

Сл.8. Биконусни садови со цилиндричен врат, 1. Градиште, Град (Спирова М.); 2. Костоперска Карпа, Старо Нагоричане (Митревски Д., 2013)
Сл.8. Биконусни садови со цилиндричен врат, 1. Градиште, Град (Спирова М.); 2. Костоперска Карпа, Старо Нагоричане (Митревски Д., 2013)
Сл.9.  Шнур декорација, 1. Тумба, Црнобуки (Симоска Д. et. al., 1976); 2-4. Шуплевец, Долно Ореово (Гарашанин М. – Симоска Д., 1976); 5. Врањак, Варвара (Видески З., 2005)
Сл.9. Шнур декорација, 1. Тумба, Црнобуки (Симоска Д. et. al., 1976); 2-4. Шуплевец, Долно Ореово (Гарашанин М. – Симоска Д., 1976); 5. Врањак, Варвара (Видески З., 2005)

Фрагменти од садови декорирани со оваа техника се откриваат во населбите Шуплевец и Црнобуки, еден фрагмент од Врањак, како и меѓу материјалот од Палчиште (сл. 9).35 Најбројни се примерите од Шуплевец, каде што овој тип декорација се сретнува во сите слоеви. Отпечатоците се од типот Wickelschnur и еден примерок од типот „S“ отпечаток на „Z“ навој и се аплицирани на локални форми карактеристични за Шуплевец-Бакарно Гумно.

Примерите на шнур декорација од Шуплевец-Бакарно Гумно припаѓаат на првиот хоризонт наоди на врпчест орнамент од Централниот и Јужниот Балкан.36 Во тој хоризонт се и наодите од Криводол, Заминец, како и најблискиот на примерот од Црнобуки, примерокот од Бубањ.37

Појавата на овој тип декорација е нов елемент во рамките на енеолитската култура кој нема свои корени во керамичката продукција на заедниците на Балканскиот Полуостров. Нејзиното потекло е кон исток, во рамките на степската култура Средни Строг од Долен Дњепар, каде за првпат се појавува во Дерејвка, период околу 4000 год. пр. н.е.38 Оттаму се проширува на територијата од соседната култура Трипоље, каде нешто пред 4000 год. пр. н.е. во населбите Трипоље B1 се појавува керамиката од типот кукутени С, која се карактеризира со користење примеси од дробени школки, како и декорација со врпчест орнамент.39 Појавата на овој тип керамика се смета како доказ за постоењето на контакт меѓу културата Кукутени-Трипоље и номадските сточари од степите.40

Ова е периодот на напуштање на преку 600 населби во Долното Подунавје и Источна Бугарија од Гумелница, како и културите Караново VI и Варна. Кратко потоа во Источна Романија и Молдавија се појавуваат првите населби на Чернавода I. Тоа е периодот по 4000 - 3800 год. пр. н.е. кој се одликува со опаѓање на металургијата, рударството и квалитетот на керамичката продукција. Истовременото, присуство на елементи поврзани со степските заедници заедно со елементи од Гумелница и Кукутени ја прави оваа култура хибридна. Сликаната керамика исчезнува и е заменета со керамика со груба фактура со степски елементи кои се огледаат во користењето примеси од дробени школки и шнур декорација. Шнур декорацијата ќе биде толку широко распространета во рамките на културата Чернавода I, што на неа ќе отпаѓа повеќе од 60% од декорацијата на садовите.41

Другиот елемент со степско потекло претставува камениот скиптар од Шуплевец со претстава на коњ (сл. 10). Станува збор за случаен наод на кој не е познат контекстот на откривање, дали бил дел од гробните прилози на некое погребување или можеби дел од инвентарот на некоја енеолитска населба. Должината изнесува 12 cm и е изработен од сивокафеав камен кој бил полиран.42 На поширокиот простор од Волга до Јужен Балкан ce откриени 33 вакви скиптари. На Балканот се откриваат во рамките на културите Бубањ-Салкуца- Криводол, Коџадермен-Гумелница-Караново VI и Варна, а во северозападниот дел на Црно Море во рамките на културата Кукутени-Трипоље. Се делат на два типа - апстрактни скиптари кои имаат овална форма и т.н. реалистични, кои се зооморфни и се протолкувани како претстави на коњ. Скиптарот од Шуплевец припаѓа на втората група скиптари. Се откриваат во гробови, населби или како случајни наоди. Моделирани се во два дела, едниот дел ја содржи зооморфната претстава, а вториот дел служел за всадување во дрвен стап. Реалистичните скиптари имаат сличности во начинот на прикажување на животинската глава - муцката е издигнатана горе со високо поставени истакнати ноздрви, устата е нагласена со дебели линии. Најблиски на скипаторт од Шуплевец се примерите од Суворово, Касимчеја, Салкуца, Драма, Винцу де Јос, Фитионешти, Терекли-Мектеб, Ражево, Феделешени.

Појавата на скиптарите на Балканот и на територијата од културата Кукутени-Трипоље е одредена кон крајот на V и првата половина на IV милениум пр. н.е.43 Долната временска рамка на нивното датирање е врзана со откривањето на скиптари во населбите од Кукутени-Трипоље, во фазите Кукутени А2/3, А3, А4 -Трипоље BI, чии калибрирани C-14 дати се поместени во последната четвртина на V милениум пр. н.е.44 Пронаоѓањето на коскената лажица со зооморфна претстава на држалката, која најголеми сличности има со скиптарите од типот А според класификацијата на Говедарица/Каисер, откриени во Драма, Ражево, Феделешени и Салкуца во потопената населба од финалниот енеолит - Созопол, дава увид во горната временска рамка за појавата на скиптарите. Според К. Димитров сличностите на керамиката од Созопол со керамиката од Криводол, Телиш и Јагодинска Пештера во комбинација со серијата на калибрирани C-14 дати, упатува на нивното датирање во периодот 3850 - 3750 год. пр. н.е.45 Од друга страна, П. Георгиева смета дека стратиграфското позиционирање на лажицата од Созопол и сличностите на керамиката од Созопол со населбите Салкуца III, Ваксево, Ребарково и Шуплевец, упатуваат на тоа дека скиптарите од Балканот би можеле да се сместат во хронолошките рамки кои се однесуваат на крајот на доцноенеолитските култури Варна и Коџадермен-Гумелница-Караново VI, а не кон периодот по нивното исчезнување.46

Сл.10. Зооморфен скиптар, Шуплевец, Долно Ореово (Митревски Д., 2013)
Сл.10. Зооморфен скиптар, Шуплевец, Долно Ореово (Митревски Д., 2013)

Прашањето кое се поставува е - како всушност овие степски елементи стасале на територијата од Шуплевец-Бакарно Гумно (и на Јужен Балкан воопшто)?

Првите контакти на заедниците од Долното Подунавје со степските популации датираат од последната четвртина на V милениум пр. н.е.47 Тоа е потврдено преку присуството на бакар со балканско потекло во украинските степи во долината на Долен Дњепар, односно кај културните групи Новоданиловка-Скеља. Во стручната литература cè уште се води дебата дали станува збор за соживот или конфликт меѓу земјоделските и степските заедници во северозападниот дел на Црно Море. Како и да е, неоспорен е фактот дека групата гробови кои припаѓаат на културата Суворово, откриени претежно во Добруџа и рамницата северно од делтата на Дунав, претставуваат први директни степски елементи во овој дел од Балканот.48 Овој тип богати гробови беа толкувани како западна појава на т.н. култура на гробови со окер, но во последните години нивното присуство во Долното Подунавје се објаснува со појавата на локална елита од степите која е дефинирана како „група на носители на скиптари“.49

Ако периодот меѓу 4400 - 4200 год. пр. н.е. е означен како период на први контакти меѓу земјоделските заедници со населението од степско потекло како резултат на мрежите за размена на добра и лимитирани движења на население од исток, веќе во текот на следниот милениум присуството на елементи од понтско-касписко потекло толку ќе се зголеми, што ќе претставува основа за теориите на миграции кај населението од Понтскиот Регион.50 Според курган теоријата, последователните степски миграции од исток ја истиснале културата Чернавода I кон југ и кон запад.51

Продорот на Чернавода I во Долното Подунавје се документира преку појавата на новиот елемент - примесата од дробени школки, во керамиката на Салкуца во нејзината фаза IIb.52 Дел од истражувачите на оваа проблематика (Роман П., Гарашанин М.) сметаат дека овој бран бил толку силен, што ги истиснал дел од Салкуца заедниците по долините на Морава и Струма. Ова секако би го објаснило присуството на шнур декорацијата во рамките на групата Шуплевец-Бакарно Гумно.

Сепак, треба да се има на ум дека и покрај присуството на елементи со степско потекло во материјалната култура на Шуплевец-Бакарно Гумно, сепак не може да се говори за продор на население од степските заедници на овој простор. Освен декоративната техника на неколку фрагменти, керамика и едниот пример на камен скиптар не се присутни наоди кои би укажале на директно присуство на степски популации на овој простор. Имено, отсуствуваат користењето дробени школки при изработката на садовите, типичните керамички облици, како и погребниот ритуал. Понатаму, ваквиот тип декорација го среќаваме на форми карактеристични за културната група изработени во локална фактура.53

Со оглед на тоа дека станува збор за неколку изолирани примери на степски елементи кои не придонеле за промени во карактерот на материјалната и духовната култура на групата Шуплевец-Бакарно Гумно, може слободно да се претпостави дека станува збор за индиректни степски влијанија кои на овие простори стасале од Долното Подунавје.

Ако се има предвид дека елементи кои директно можат да се поврзат со Чернавода I се откриваат во Олтенија, каде Вадастра се смета за најзападна појава на Чернавода I на територијата од Салкуца IV, може да се говори дека степските елементи, кои се една од двете компоненти на Чернавода, најнапред стасале на територијата од Салкуца, а потоа по пат на контакти со соседните заедници индиректно стасале и на територијата од Шуплевец-Бакарно Гумно. Велиме индиректно, затоа што во материјалната култура на Шуплевец-Бакарно Гумно не се документирани појави кои би можеле да се врзат со евентуално движење на популациите од Салкуца (како, на пример, отсуството на држалките од типот Scheibenhankel) и културната група го задржува својот локален карактер.

Според К. Патрои, врз основа на шнур декорацијата може да се говори за синхроност меѓу Шуплевец-Бакарно Гумно и Салкуца II-III.54 Сепак, разлики постојат во однос на фактурата. Имено, за разлика од керамиката во рамките на Салкуца, откриена во населбите Салкуца, Вадастра, Островул Корбулуи, Драганешти-Олт, Братешти, кај фрагментите од Шуплевец-Бакарно Гумно, кои се декорирани со шнур декорација, отсуствува примесата од дробени школки.

Од друга страна, врз основа на сличностите меѓу материјалот од населбите од Шуплевец-Бакарно Гумно со Бубањ-Хум I, хоризонтот на Бубањ, како и населбата Хисар, каде во истиот слој се откриваат и држалки од типот Scheibenhankel типични за Салкуца IV, А. Булатовиќ смета дека овој тип декорација е нешто подоцнежен и може да се смести меѓу крајот на Салкуца III (околу 4200 год. пр. н.е.) и Салкуца IV (втора четвртина на IV милениум пр. н.е.).55 Иако датите добиени од 4 примероци од Бубањ го сместуваат Бубањ-Хум Ia меѓу 4337 - 4246 год. пр. н.е., сепак, ако се земат предвид калибрираните дати од Мокрањске Стене, каде во слој во кој преовладува Коцофени се сретнува керамика од Бубањ-Хум Ia, како и керамика слична на Салкуца IV, постои можност Бубањ-Хум Ia да траела и во првите векови на IV милениум пр. н.е. што соодветствува со хронолошкото позиционирање на шнур декорацијата.56

Сл.11. Мапа со прикажана дистрибуција на апстрактни и зооморфни скиптари, I – наод од гроб, II – наод од населба, III – случаен наод, IV – апстрактни скиптари (Kohl P., 2007)
Сл.11. Мапа со прикажана дистрибуција на апстрактни и зооморфни скиптари, I – наод од гроб, II – наод од населба, III – случаен наод, IV – апстрактни скиптари (Kohl P., 2007)

Што се однесува до скиптарите, тие најчесто се толкувани како доказ за движење на номадските популации од степите.57 Како потврда за таа теорија се смета дека прикажуваат претстава на коњ, животно кое се смета дека било непознато за заедниците од Балканот, како и фактот дека дел од нив се откриваат во гробови со очигледен степски карактер. Сепак, наодите на терен не го поткрепуваат ова тврдење. Ако ја погледнеме мапата на дистрибуција на скиптарите, може да се забележи дека зооморфните скиптари се почест наод западно од Дњепар - на Балканот и Западна Украина (со исклучок на скиптарот од Терекли-Мектеб во Дагестан), а апстрактните се почести кон исток, во долното течение на Волга и територијата меѓу Црното и Каспиското Море (сл. 11). Следствено на тоа, нивната дистрибуција е спротивна на нивното толкување како доказ за миграции од исток кон запад.58 Понатаму, дури и меѓу групата на т.н. реалистични скиптари мошне тешко е со сигурност да се потврди дека станува збор за претстава на коњ. На пример, скиптарот од Терекли-Мектеб во начинот на изведба наликува на глинените фигурини од степските заедници кои прикажуваат диви свињи, пр. примерокот од Дерејвка.59 Во поглед на контекстот на пронаоѓање треба да се спомене дека за разлика од скиптарите кои се откриваат во гробовите од групата Суворово во северозападниот дел на Црното Море, кои според гробниот инвентар несомнено припаѓаат на покојници со степско потекло, скиптарите од Балканот најчесто се откриваат во населби или се случајни наоди.60

Тогаш како поинаку би се објаснила нивната појава кај нестепските заедници? Ако го земеме предвид нивното толкување како симболи на моќ и престиж, скиптарите често се врзуваат со постепените социо-економски промени кај заедниците од Балканот. Сметајќи ги како симбол на статус кој бил дистрибуиран на една поширока територија од Балканот до Урал, тие претставуваат доказ за појавата на локални елити, кои, како што акумулирале моќ, сакале да поседуваат и вакви симболи на престиж. Потврда за ова е нивната мала бројка наспроти големата географска територија каде се откриваат. Нивното толкување како престижни предмети укажува на можноста за постоење одреден тип размена на престижни предмети. На тој начин, присуството на скиптари во нестепските заедници би можело да се објасни како резултат на постоењето на мрежа на размена на предмети кои сигнализираат престиж отколку како резултат на миграции.61

Протокот на идеи и новини во изработката на керамичките садови од север ќе продолжи и кон крајот на доцниот енеолит. Рекогносцирањата и истражувањата на доцноенеолитски локалитети во Прилепскиот Регион во текот на изминатите неколку години укажаа на присуството на декоративна техника во керамичката продукција која е карактеристична за културата Костолац. Станува збор за техниката на браздесто врежување т.н. Fürchensctich (сл. 12). Таа се сретнува на следниве локалитети: Големи Камен, Лопатица; Трештена Стена, Манастир; Каракамен, Шелеверци; Палатица, Штавица; Марково Кале, Локвени; Мал Сурун, Дупјачани, како и во насипот на тумулот на локалитетот Страгата, Крушевица.62 Притоа, се забележува дека иако станува збор за декоративна техника од костолачката култура, ниту облиците на садовите ниту мотивите не одговараат на оние кои се среќаваат на садовите од костолачката култура.

Furchenstich декорацијата е типична особено за подоцнежната фаза на Костолац, кога носителите на културата ќе се движат кон север и кон исток.63 Во втората половина на IV милениум пр. н.е. носителите на Коцофени започнуваат да се населуваат на територијата од Североисточна Србија. Како резултат на контактите меѓу носителите на двете култури во Североисточна Србија, се формирала културната група Коцофени-Костолац. Симбиозата на овие две култури е во фазата Коцофени IIb-IIIa-b, кога се среќава едновремено присуство на костолачки и коцофени елементи - покрај декоративната техника на врежување карактеристична за Коцофени присутно е и Fürchensctich врежувањето и се определува во рамките на периодот меѓу 3100 и 2800 год. пр. н.е.64 Наодите од Прилепскиот Регион припаѓаат на оваа фаза, што се потврдува со фрагментите декорирани со Коцофени врежување откриени на Големи Камен.65

Керамика која припаѓа на Коцофени-Костолац на југ се среќава cè до Јужното Поморавје и укажува на фактот дека носителите на оваа група се придвижиле кон југ.66 Во прилог на ова тврдење оди и материјалот од Трештена Стена за кој паралели наоѓаме токму во Поморавјето. Сепак, најблиски аналогии во поглед на изведените мотиви се наоѓаат консевер, во регионите на Бор (Злотска Пештера, Кулмја Шкјопулуји) и Ѓердап (Пештера Маре).67 Станува збор за геометриски мотиви, каде преовладуваат висечките триаголници изведени од сноп линии. Токму овој мотив на висечки триаголници изведени во Fürchensctich техника се типични за Коцофени III во Североисточна Србија и Југозападна Романија.68 Правецот на ширење не отстапува од претходно споменатите појави од доцниот енеолит и ја користи истата комуникација - Јужно Поморавје - Пчиња - Вардар - Црна Река.

Сл.12. Fürchensctich декорација, Трештена Стена (Миткоски А., 2011)
Сл.12. Fürchensctich декорација, Трештена Стена (Миткоски А., 2011)
Сл.13. Бакарни секири, 1-2. Тумба, Кравари (Митревски Д., 2013); 3. Отпад, Прилеп; 4. Ресен (Јагликовски М.)
Сл.13. Бакарни секири, 1-2. Тумба, Кравари (Митревски Д., 2013); 3. Отпад, Прилеп; 4. Ресен (Јагликовски М.)

Посебните карактеристики на материјалната култура на локалитетите од Прилепскиот Регион го наведоа А. Миткоски да ја издвои регионалната културна група Трештена Стена на доцниот енеолит како засега најужна потврдена културна целина која се поврзува со влијанија на Костолачката културна група.69

Културните интеракции меѓу заедниците подразбираат следење на дистрибуцијата и структурата на наодите во различни просторни и временски рамки. Освен следењето на трендовите во керамографијата и пластиката, секако значајни за овој пристап се и промените во економијата.

Како една од најзначајните такви промени претставува појавата на металургијата. Таа се потврдува преку откриените бакарни предмети на енеолитските локалитети: Кутлина, Велмеј - Бакарно Ноже и Бакарно Шило, Цареви Кули - Бакарно Шило, Могила, Сенокос - Бакарна Игла, Крушеанска Чука - Бакарна Игла, Трештена Стена - фрагментиран бакарен предмет, Тумба, Кравари - секира со една острица и цилиндричен отвор за држалка, секира со две острици, рамна (плоската) секира, Отпад, Прилеп - секира со една острица и цилиндричен отвор за држалка, Ресен (случаен наод) - бакарна секира со крстесто поставени острици, како и две бакарни секири со крстесто поставени острици (тип Jaszladany) од непознати наоѓалишта кои се чуваат во Народниот музеј во Белград (сл. 13).70

Иако досега не се откриени металуршки инсталации од периодот на енеолитот, сепак не можеме да го отфрлиме како неосновано мислењето дека енеолитските заедници од Македонија не ги познавале металуршките процеси.71 Во прилог на тоа дека ги владееле барем основните процеси во металургијата одат и пронајдените камени калапи за леење на бакарни ленти и валчести прачки од Пилаво, како и калапот од Тумба, Кравари за леење на секири со една острица (сл. 14).

Понатаму, самото тоа што го познавале процесот на производство на графитно сликаната керамика говори дека биле на ниво на технолошки развој да можат да произведуваат бакар од руди. Развојот на металургијата во својата основа е тесно врзан со пристапноста до природните рудни ресурси. На територијата од Македонија постојат 82 појави и наоѓалишта на бакар. Според М. Митовски, меѓу едни од најповолните депозити погодни за експлоатација во предисторијата се Кадиица, Пехчево и Бучим - Боров Дол.72 Од нив систематски истражувања се вршени на Боров Дол, каде трагите од експлоатацијата и преработката на рудата датираат од железното време.73 Се надеваме дека некои наредни истражувања, ќе потврдат постоење на експлоатација на бакар и доказ за познавање на металуршките процеси во периодот на енеолитот.

Сл.15. Предмети од спондилус, 1-3. белегзии, Пилаво, Бурилчево (Јагликовски М.), 4. белегзија, Св. Атанасиј, Спанчево (И. Колиштркоска Настева 2011), 5. монисто, Пилаво, Бурилчево (Јагликовски М.)
Сл.15. Предмети од спондилус, 1-3. белегзии, Пилаво, Бурилчево (Јагликовски М.), 4. белегзија, Св. Атанасиј, Спанчево (И. Колиштркоска Настева 2011), 5. монисто, Пилаво, Бурилчево (Јагликовски М.)
Сл.14. Камени калапи за леење, 1. Тумба, Кравари (Митревски Д., 2013); 2. Пилаво, Бурилчево (М. Јагликовски)
Сл.14. Камени калапи за леење, 1. Тумба, Кравари (Митревски Д., 2013); 2. Пилаво, Бурилчево (М. Јагликовски)

Но, дури и да не постоела експлоатација на бакар кај овие заедници, тогаш постои можност по пат на размена да го набавувале од соседните региони каде рудата се ископувала и овој процес е археолошки документиран - Рудна Глава, Мали Штурац, Јармовац, Ај Бунар.74 Тој најверојатно бил набавуван во вид на полуфабрикати кои биле полесни за топење и леење.75 Присуството на аналогии во керамиката од енеолитските локалитети (пр. Скопско Кале) со локалитетите во регионот на Рудна Глава упатува на можни контакти со овој рударски регион по долините на Пчиња - Јужна Морава - Тимок.

Малиот број откриени предмети од бакар е можеби показател и за процесот на раслојување на енеолитското општество и појавата на елита. Имајќи ја предвид нивната екслузивност, која се огледа од процесот на набавка на новиот материјал, па cè до познавањето на новиот технолошки процес на нивното производство, очигледно е дека не секој член на заедницата можел да поседува ваков предмет.

Уште една потврда за постоењето наодредена мрежа за размена на добра меѓу енеолитските заедници на овој дел од Балканот е откривањето на предмети изработени од спондилус школки. Овој тип школка припаѓа на видот Spondylusgaederopus, кој расте во Средоземното Море и не се сретнува во Црното Море, поради неговата ниска температура и соленоста на водата, што е потврдено со анализите на изотопите на стронциум на спондилус школки пронајдени на неолитските локалитети ширум Европа.

Сл.16. Мрежа на комуникации во енеолитот
Сл.16. Мрежа на комуникации во енеолитот

Фактот дека овој материјал бил носен од приморските области е доказ за воспоставена трговија на подолги релации. Трговијата со спондилус претставува најстарата трговија на подолги релации на предмети кои се производ на специфичен и лесно препознатлив ресурс.76 Дистрибуцијата на наоди од спондилус во текот на неолитот го опфаќа речиси цел европски континент, освен Западниот Медитеран и Северна Европа.77 Мрежите на комуникација и размена на добра на овие простори постоеле уште од неолитот сведочат и предметите изработени од спондилус од Анзабегово.78

Пронајдените предмети изработени од спондилус се основни облици на накит: белегзии и приврзок. Најголемиот број наоди се откриени во населбата Пилаво - три белегзии, две потенки и една целосна подебела, како и едно цилиндрично монисто со должина од 2,8 cm (сл. 15). Тенките белегзии се откршени и имаат висина од 6-7 cm. Една тенка белегзија е откриена и во светилиштето Св. Атанасиј. Меѓу другите предмети, во Пилаво е откриена и цела необработена школка со должина од 10 cm. Иако наодите од спондилус од енеолитските локалитети не биле предмет на анализа, сепак некои основни податоци можат да се кажат. Постоењето на розеникава боја од надворешниот слој на лушпата говори дека за изработката на предметите не биле користени фосилни школки. Белегзиите се изработени од надворешниот раб на школката, при што е искористена закривеноста на капакот и се слични една на друга според обликот и начинот на изработка. Единствените разлики се во поглед на дебелината на обрачот и ширината на белегзијата. Фрагментите од тенките белегзии се од централниот дел на школката.

Како мошне редок наод, за чие набавување бил потребен пристап до мрежи на размена кои опфаќале голема раздалеченост, како и специјализација на занаетчиите, неоспорно е особено важното општествено значење на спондилусот како дел од т.н. материјално експресивна култура.79 Како и скиптарите погоре, и предметите од спондилус најчесто се поврзани со поимот за богатство и престиж. Пронаоѓањето на необработената школка говори дека не станува збор само за увоз на луксузни предмети, туку и дека овие трговски мрежи служеле и за набавка на суровини од кои потоа локално биле изработувани предмети.

Заклучни согледувања

Анализата на материјалната култура ни помага подобро да ги разбереме социо-економските стратегии на заедниците во минатото, а при тоа дава увид и во комуникацијата, воспоставувањето на мрежите на контакти меѓу различни културни групи, промените во рамките на заедниците, како и задржувањето на традициите. Правецот и интензитетот на контактите меѓу различните региони е набљудуван преку проучување на потеклото на керамичките садови и стилистичките елементи во керамиката, култните и престижните предмети.

Ако почетоците на енеолитот во Македонија се под влијание на честите контакти со заедниците од јужниот дел на Балканот, каде за првпат се појавува металургијата, во натамошниот тек на енеолитот мрежата на контакти ќе се развива и ќе опфати и подалечни региони кон север и североисток. Притоа, овие контакти се условени од набавката на суровини кои не можеле да бидат прибавувани од локални извори, како и од појавата и дистрибуцијата на познавањата на новите технолошки процеси. Покрај географската близина, значаен фактор при воспоставувањето на мрежите на комуникација играле и тековните промени во блиските региони, вклучително и различните поместувањана население во Подунавјето. Следењето на протокот на идеи, вештини и новитети претставува одраз на како функционирале социо-културните мрежи.

Доколку ја погледнеме мапата на претпоставените рути на контакти на заедниците во раниот и доцниот енеолит, може да се забележи правецот на интеракција на социо-материјалните елементи и културните вредности (сл. 16). Притоа, лесно можат да се следат и можните патишта по кои се движела оваа интеракција, без оглед дали станувало збор за трговска размена или проток на идеи. Претпоставениот модел на движење прикажува широко распространета и интензивна комуникација со надрегионален опсег.

Во периодот кога не постоеле запрежни коли, може слободно да се претпостави дека комуникацијата, главно, била заснована врз интраевропската хидрографска мрежа. Кај заедниците кои се наоѓале подлабоко во копното на континентот комуникацијата се одвивала по речните долини. Хидрографската мрежа на реки и езера освен тоа што била користена како локален ресурс, истовремено била и основа за регионални и надрегионални комуникации, миграции и трговски рути. Потврда за тоа е дистрибуцијата на увози, случајни наоди и нови технолошки процеси по главните рути на транспорт.

Анализата на материјалот од раноенеолитските локалитети упатува на користење на долините на Струма - Струмица и Струма - Брегалница. Притоа, неспорна е улогата на реката Брегалница како главна комуникација во раниот енеолит, поткрепена со фактот што наоѓалиштата се среќаваат по целото течение на реката, почнувајќи уште од нејзиниот горен тек и највисоките планински предели.

Во текот на доцниот енеолит се нотираат промени во ориентацијата на мрежата на размена на добра и идеи. Во оваа фаза ќе биде воспоставена нова мрежа на комуникации која ќе оди по долините на Јужна Морава - Пчиња - Вардар - Црна Река. Присуството на одредени елементи во материјалната култура, кои свои директни паралели наоѓаат во Североисточна Србија, укажува дека комуникацијата не била ограничена само на таа територија, туку по долината на Тимок стасувала и во рудоносните региони на Централен Балкан. Ова не значи дека старите рути кои биле во употреба во раниот енеолит нема да останат во употреба и во текот на доцниот енеолит. Брегалница cè уште ќе игра значајна улога во протокот на идеи и производи.

Но не треба да се занемарат и планинските премини, кои се често запоставени при анализата на мрежите на комуникации. При утврдување на можните планински премини во предвид треба да се земе вредноста на отпорот. Колку се пострмни падините толку поголема е вредноста на отпорот. Имајќи ги предвид овие калкулации, може да се претпостави дека покрај речните системи, во употреба биле и попристапните премини меѓу планинските венци. Всушност, позиционирањето на населбата Град го потврдува ова мислење, каде преку попристапните премини (Арнаутски Гроб - 1160 m, Црн Камен - 985 m) патот е отворен кон долината на Струма.

Присуството на престижни предмети чиј транспорт наметнувал високи трошоци кои не можел секој член на заедницата да си го дозволи, како, на пример, предмети кои претставуваат симболи на моќ и статус и предмети чии извори се наоѓаат далеку од местото на нивното откривање, упатува на тоа дека дека преку мрежите на комуникации не секогаш се пренесувале само нови технологии и продукти, туку и идеи кои резултирале со промени во социо-економскиот модел на заедниците.

Белешки

  1. Koukuli-Chryssanthaki C. et al., 2007,48. ↩
  2. Vajsov I., 2007. ↩
  3. Parkinson W., 2004, 318. ↩
  4. Bojadžiev Ј., 2007. ↩
  5. Колиштркоска-Настева И., 2005, 7; Здравковски Д., 2009, 20. ↩
  6. Rujak Z., 2015. ↩
  7. Demoule J.P., 2004; Malamidou D., 2007; Evans K.R., 1986. ↩
  8. Todorova H.,2003. ↩
  9. Todorova H.,2007. ↩
  10. Darcque P., et al., 2014, 427. ↩
  11. Спирова М., 2019, 159. ↩
  12. Demoule J.P., 2004, 196; Чохаджиев С., 2006, Обр. 85. ↩
  13. Evans K.R., 1986, 397. ↩
  14. Колиштркоска Настева И. – Карпузова С., 2005, 58. ↩
  15. АтанасоваИ., 2012, 29; Колиштркоска Настева И., 2011, Т.V, Т.VII, T.XI, сл.5. ↩
  16. Vajsov I., 2007, 84; Радунчева А., 1981, 15; Evans K.R., 1986, 424. ↩
  17. КолиштркоскаНастева И.,1993, Т.II, 9. ↩
  18. Robb J. E. – Farr R. H., 2005,29. ↩
  19. Атанасова И., 2010; Колиштркоска-Настева И., 1999; Колиштркоска-Настева И., 2005; Нацев Т., 2009, 59-60; Rujak Z., 2015; Колиштркоска-Настева И., 2006, 83. ↩
  20. Николов Б.,1974; Радунчева А., 1981, обр. 5/1, 2; Вайсов И., 1981. ↩
  21. Spirova M., 2018, 22. ↩
  22. Чохаджиев С., 2006, обр 161, 9; обр. 162, 7; Тодорова Х.,1986, сн. 134. ↩
  23. Lazarovici C.M., 2005. ↩
  24. Массон В. - Мерперт Х., 1982, 242. ↩
  25. Атанасова И., 2012, 22-24; Колиштркоска-Настева И., 2011, T.XI, сл.5. ↩
  26. Borić D.,2008,121 ↩
  27. Spirova M., 2018. ↩
  28. Robb J. E. - Farr R. H., 2005,29. ↩
  29. Spirova M., 2018, 28. ↩
  30. Колиштркоска Настева И., 2006, сл.21; Јовчевска Т., 2008, Т.VIII. ↩
  31. Спирова М., 2020, 41. ↩
  32. Митревски Д., 2015, T.3, 4; Т.36, 6; Т.40, 5; Т. 43, 2,4,11; Т.44, 3; Т.49, 2; Т.75, 1. ↩
  33. Митревски Д., 2015, Т.24, Т.33; Капуран А. - Булатовић А. - Јовановић И., 2014, Т.I, 7. ↩
  34. Колиштркоска Настева И.,1993; Нацев Т., 2009; Колиштркоска Настева И., 2005а. ↩
  35. Гарашанин М. - Симоска Д., 1976, сл. 7, 24, 25, 28, 30, 32, 33; Симоска Д. - Китаноски Б. - Тодоровиќ Ј., 1976, Т.III, 1; Видески З., 2005, T.XVI, 5; Kolištrkoska-Nasteva I., 2011, 220. ↩
  36. Bulatović A., 2014, 105. ↩
  37. Милановић Д. - Трајковић-Филиповић Т., 2015, 77; Георгиева П., 2012, Т,43, 2. ↩
  38. Mallory J. P., 1991,200. ↩
  39. Anthony D. W., 2007,239. ↩
  40. Mallory J. P., 1991,235. ↩
  41. Манзура И. В., 2013, 137. ↩
  42. Kolištrkoska Nasteva I., 2011. ↩
  43. Novichikhin A.M. – Trifonov V.A., 2006. ↩
  44. Bulatović A., 2014, 114. ↩
  45. Dimitrov K., 2007, 155. ↩
  46. ГеоргиеваП., 2005. ↩
  47. Preda-Bǎlǎnicǎ B. –Frînculeasa A. – Heyd V., 2020. ↩
  48. Вакви интрузивни гробови се откриваат и во Трансилванија, како и во близина на населбите од Кукутени во долините Прут-Дњестар. ↩
  49. Govedarica B., 2016. ↩
  50. Mallory J. P., 1991, 234; Gogâltan F., 2016; Frînculeasa A. et. al, 2015. ↩
  51. Mallory J. P. – Adams D.Q. (eds)., 1997, 103. ↩
  52. Tuţulescu I. - Terteci C. - C., 2019. ↩
  53. Гарашанин М. - Симоска Д., 1976, 23. ↩
  54. Pătroi C. N., 2013, 135. ↩
  55. Bulatović A., 2014, 114. ↩
  56. Bulatović A. - Vander Linden M. - Gori M., 2018. ↩
  57. Тодорова Х., 1986, 222-227; Дергачев B. A., 2007. ↩
  58. Kohl P., 2007,135. ↩
  59. Novichikhin A. M. - Trifonov V.A., 2006, 85. ↩
  60. Георгиева П., 2005. ↩
  61. Rassamakin Yu., 1999, 103; Kohl P., 2007, 51. ↩
  62. Миткоски А., 2011, 139. ↩
  63. Tasić N., 1995. ↩
  64. Капуран A. - Јевтић М. - Борић Д., 2007, 112. ↩
  65. Темелкоски Д., - Миткоски А., 2008, Т.6. ↩
  66. Капуран А. - Булатовић А., 2012, 11. ↩
  67. Капуран А. - Булатовић А. - Јовановић И., 2014, T.LIX, 73, 75; T.LXVIII, 17-18, 21. ↩
  68. Капуран A. - Јевтић М. - Борић Д., 2007, 111. ↩
  69. Миткоски А., 2011, 140. ↩
  70. Кузман П., 1996, 34; Темелкоски Д., 1999; Миткоски А., 2011, 140; Колиштркоска-Настева И., 1994, 44-45; Митовски М., 2013, 369. ↩
  71. Исклучок можеби претставува населбата Цареви Кули каде постои можност да е откриена инсталација за топење метал, Митовски М., 2013, 280. ↩
  72. Митовски М., 2013, 269. ↩
  73. Ѝ благодарам на колешката Елена Канзурова за информациите во врска со ископувањата на Боров Дол. ↩
  74. Богосављевић-Петровић В., 2005. ↩
  75. Колиштркоска-Настева И., 1994, 45. ↩
  76. Séfériadès M. L., 2010. ↩
  77. Dimitrijević V. - Tripković B., 2003. ↩
  78. Фиданоски Љ., 2009, 167. ↩
  79. Bailey D., 2000, 222. ↩

Summary

Exchange of Goods and Development of Communication Networks in the Eneolithic

Mobility is particularly important for the socio-economic and socio-cultural processes in the communities and it is the basic precondition for the exchange not only of material goods, but of skills and ideas as well.

The analysis of the material culture provides insight into the communication, the establishment of the contact networks between the different cultural groups, the changes in the communities and retaining of the traditions.

In the period before the wheel carts were invented, we can freely assume that the communication took place along the river valleys. The hydrographic network of streams, rivers and lakes, besides being used as a local resource, was also the base for regional and beyond regional communications, migrations and trade routes.

These contacts were conditioned by the supply of raw materials which could not be acquired from local sources, and from the distribution of the knowledge for the new technological processes. Besides the geographic closeness, important factor for the establishment of the communication networks were the current changes in the nearby regions, including the different movements of the population in the area of the Podunavlje. Following the flow of ideas, skills and innovation is the reflection of how the socio-cultural networks functioned.

During the Early Eneolithic, the valleys of the Struma-Strumica and Struma-Bregalnica were active and the valley of the Bregalnica was the main communication, which is supported by the fact that the sites are dispersed along the whole valley of the river.

New network of communication was established during the Late Eneolithic along the valleys of South Morava-Pchinja-Vardar-Crna River. The communication was not limited only to this territory and from the valley of theTimok River it reached the regions of the Central Balkansrich in ore. Also, the old routes of the Early Eneolithic were still in use in the Late Eneolithic. Bregalnica was still important for the flow of ideas and products.

Besides the river systems, quite used were the easy approachable passages between the mountain ranges and these are usually neglected in the analysis of the communication networks.

The presence of objects which represent symbols of power and status, and objects which are far from their place of invention and their transport was so expensive that could not be afforded by every member of the community, directs to the conclusion that the communication networks enabled transport of ideas, resulting into changes of the socio-economic model of the communities.

Библиографија