Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 85–97
Култниот простор и култните објекти од енеолитските наоѓалишта по долината на Брегалница
Примарна цел ни е проширување на сознанијата за апотропејската улога, ориентацијата во просторот и целната група за која биле наменети култните објекти од раниот енеолит, откриени на наоѓалиштата по средното и горно течение на реката Брегалница (карта 1).
Од аспект на карактерот на презентираните појави, издвоени се во две основни категории наоѓалишта: 1) светилишта за колективна намена и 2) култни објекти со помали димензии во рамките на семејната заедница. Според ваквата поделба, на една страна е светилиштето Св. Атанас кај селото Спанчево1 - Кочанско, додека на другата се останатите потврдени енеолитски наоѓалишта по Брегалница со помали култни објекти во состав на населбите: Пилаво кај селото Бурилчево2 - Кочанско; Градиште кај селото Град3 - Делчевско; Богослов Камен кај селото Горни Балван4 - Штипско (цртеж 1).
Светилиштето Св. Атанас кај селото Спанчево, сместено во хронолошки рамки на раниот енеолит, визуелно комуницира со речиси сите останати наоѓалишта по течението на Брегалница, распоредени јужно од него (карта 2). Според димензиите, поставеноста во просторот, контекстот на наодите и сл., засега е единствен потврден претставник на светилишта за колективна намена во поширокото опкружување.
Првите информации за постоење археолошки наоди на локалитетот се од 2007, а со теренски истражувања се започна од наредната 2008 година5. Светилиштето е еднослојно врз карпеста површина на природно ерозивен простор, со хронолошки рамки околу средината на V милениум пр. н.е., истовремено со потврдените населби од раниот енеолит по Брегалничката Долина. Егзистира на благо возвишение од 389 m н.в., на првите благо издигнати ридести форми над Кочанско Поле, во подножјето на Осоговскиот Планински Вулкански Регион, на десниот брег од реката Брегалница. Зафаќа зарамнета тераса со природно елипсовиден простор со димензии од 150 х 170 m, а се шири и на околните тераси од источната, јужната и од западната страна (сл. 1).
Светилиштето со визуелно замислена елипсовидна форма во соодветна еклиптична рамнина претставува сакрализиран простор во кој централното место го заземаат два објекта со кружна форма, оградени со венец од камења. При ритуалното еднократно или повеќекратно опколување просторот бил доживуван како симболична космичка преобразба.
Централно поставените кружни објекти на светилиштето се ориентирани во правец север - југ во просторот, со занемарливо отстапување6 (цртеж 2). Нивните димензии се во сооднос еден наспрема четири во корист на објектот од јужната страна. Кружниот објект на северната страна е помал, со дијаметар од 4,1 m, оформен од компактна запечена земја врз карпеста здравица, ограден со венец од камења и запечена жолта земја, без дополонителни прилози. За разлика од северниот, објектот на јужната страна е со дијаметар од 18 m, со венец од камења и запечена жолта земја врз карпеста здравица. Во внатрешноста на оградениот јужен круг има дополнителни содржини од недвижен и движен карактер.7 Во слојот од запечена земја се откриени поголем број помали, неправилни и ниски кружни хумки од жолтеникава компактна земја со димензии во основата од 1 - 1,2 m. Хумките се оформени од земја измешана со остатоци од горење, пепел и зголемена концентрација од врежана фрагментирана керамика со груба фактура8. Под ниските кружни хумки во природната карпа се вкопани, поединечни или двојни плитки јами, без прилози. Во големиот јужен објект се евидентирани и подѕидувани правоаголни камени клупи/банкини од аморфни камења и цврсто запечена земја9 (сл. 2). Врз овие правоаголни камени клупи е потврдено зголемено присуство од фрагментирана керамика со врежување и култна пластика10 (сл. 3, сл. 4).
Во контролните сонди поставени на источната и западната тераса исто така се издвојуваат квадратно и правоаголно оформени платформи со подна конструкција од жолтеникава запечена земја над карпестата површина, како и правоаголни подѕидани камени клупи/банкини. Врз нив е потврдена поголема концентрација фрагментирана керамика, антропоморфна и зооморфна пластика и други предмети со ритуален карактер ( модели на печки, куќи, жртвеници и сл.) (сл. 5) На источната тераса, исто како и на јужната, се откриени голем број мали земјени хумки од пепел, нагорени остатоци и фрагментирана керамика, со празни вкопани јами под нив (сл. 6).
При конструкцијата на колективното светилиште во Спанчево, пошироката слика ја дефинираат двата централни кружни објекти, оградени со камен и земја, кои доминираат во просторот, со големиот број мали кружни хумки, јами, правоаголни и квадратни клупи и платформи оформени од камен и кал, во големиот круг на јужната страна, а надвор од него и на источната тераса.
Во застапените форми доминираат кружни, квадратни и правоаголни објекти, со камен и земја како основна суровина. Каменот на светилиштето, освен утилитарна, имал и апотропејска улога, односно двојна функција. Утилитарен карактер имал при конструкцијата на оградните ѕидови кај кружните објекти и правоаголните клупи/банкини,11 а кај антропоморфната пластика за јадрото на фигурките.12 Апотропејски карактер имала лиминалната улога на каменот за дистинкција на „заштитеното“ од „незаштитено“, во контекст на откривање во просторот.
Кругот е основната форма која доминира на светилиштето во Спанчево, еден од најстарите симболи користени кај речиси сите древни популации. Тој го симболизира движењето на небеските тела во една година, во едно деноноќие, промената меѓу живот и смртта,13 движечката динамика на космосот како принцип на восприемање и осознавање на животните циклуси во природата. Двата кружни објекти ориентирани север - југ на светилиштето во Спанчево, недвосмислено алудираат на вечноста и постојаноста на животот во релација со сонцето како извор на животот. Тие се во многу тесна врска со годишниот календар поврзан со растечката и опаѓачката фаза на сонцето во контекст со цикличното умирање и повторното оживување на природата и другите аграрни активности. Преку нивниот сооднос еден наспроти четири се изразува прогресот и регресот на сонцето во текот на една година, во тесна врска со цикличното умирање и повторното будење на животот во природата, ритуалното повторување на животот во природата и вечното навраќање кон центарот на создавањето. Многу архајски народи го негуваат култот кон сонцето со посебен акцент на летниот и зимски солстициј.14
Во колективната меморија на балканските народи се зачувани мноштво ритуални обреди и манифестации со оформување на заштитена кружна површина за време на различни кризи во животот на колективното живеење или на поединецот (епидемии, формирање населба, градба на куќа и сл.); или ритуални обредни активности поврзани со повеќе календарски празници најчесто поврзани со промената на старата со нова година, промена на сончевата динамика, за време на летниот и зимен солстициј15 (сл. 7). Во шопската етнографска целина, во вербалниот фолклор од повеќе населени места во Осоговијата, документирани се примери за заштитничката улога на кругот како форма, при заштита од надворешни лоши влијанија.16 Со помош на затворениот кружен простор им се оневозможувало на надворешните нечисти сили да навлезат во заштитеното подрачје, а најчесто тие обреди се остварувале на „меѓа“ покрај два селски атара, покрај пат или друг „омеѓен“ простор и секогаш од запад кон исток, во близина на камен или дрво со заштитничка моќ.17
Симболичното закопување делумно или целосно содржело магиско-религиозна вредност на ритуална смрт и воскреснување, умирање и повторно раѓање.18 Таков е примерот со откриената допојасна фигурина кап. 16/09 од Спанчево.19 Многу честа појава поврзана со кружен ритуален простор е „обредното провлекување“, документирано во повеќето планински рурални средини во Осоговието, во контекст на ритуално умирање и повторно раѓање.20
Во основа, организирањето и сакрализација на непознат и необработен простор опфаќа примарна заштита преку негова просторна опозиција, поделба на реално/нереално, во релација со основната дихотомија космос/хаос.21 Во натамошниот опстанок на заедницата или на поединецот, без оглед на степенот на неговиот развој и културна перцепција, голема улога имаат времето и просторот како природни категории.22
Социјалната опозиција свое - туѓо семантички се изразува најчесто преку просторни единици. Со просторно-временските параметри се разграничува реалниот од иреалниот простор, додека преку ритуално организирани кружни движења се дефинира апотропејската моќ на организираниот, затворен-заштитен, наспроти, неорганизираниот и незаштитен простор.
При дефинирање на лиминалната функција, во организацијата на просторот, била клучна улогата предмет употребен за заштита. На светилиштето во Спанчево основната магиско-апотропејска функција при поделбата на: реално - иреално, внатре - надвор, под - над ја имал каменот; тој го раздвојувал „заштитениот“ од „незаштитениот“ простор. Двата кружни објекти се оградени со венец од камен и кал, „заштитено - внатре“ наспроти „незаштитеното - надвор“, истата лиминална улога на каменот сугерира заштитен горе/над, наспроти незаштитен долу/под и кај правоаголните клупи/банкини врз кои е приложуван фрагментираниот движен наод.
Факторот простор/време е во тесна врска и при поделбата на „топло - ладно“. Од голема важност бил изборот на локациите за населбите, јужната - топла страна сугерира изобилие и плодност, наспроти празните северни простори. Потврдените енеолитски наоѓалишта по течението на Брегалница се позиционирани јужно од светилиштето, а големиот кружен објект од јужната страна во светилиштето е исполнет со наоди, за разлика од северниот кој е празен.
Во евидентираните раноенеолитски еднослојни или двослојни наоѓалишта по горното и средно течение на реката Брегалница се евидентирани објекти од запечена земја, со камен во супструкцијата, зацврстени врз подната конструкција.23 Според формата, тие најчесто се кружни или правоаголни со вертикално издигнати ниски парапетни ѕидчиња, со што средишната платформа им добивала улога на корито.
На локалитетот Градиште кај селото Град, меѓу Делчево и Пехчево, на периферијата од северното подградие, врз карпеста подлога е потврдено егзистирање на еднослојна енеолитска населба уништена како последица на рушење, предизвикано од голем пожар.24 Во станбен објект со придружни елементи: парапетни ѕидови, огништа, движен наод и др., меѓу подната конструкција и срушените ѕидни платна на куќата се откриени бројни движни наоди. Кружен објект со пречник во основата од околу 0,80 - 0,90 m со наслојување од пепел е откриен во јужниот агол од разрушената куќа. Објектот е документиран како керамичка подница за печење леб.25 До него е прилепен уште еден објект со правоаголна основа, со димензии од 0,45 х 0,90 m, и со ниски парапетни ѕидчиња од 0,15 - 0,20 m.26 Колиштркоска-Настева целиот простор околу двата споменати објекта, исполнет со богат движен наод: животински коски, прешлени, кремени ножиња, фрагментирани садови и антропооморфна фигурина, го дефинира како ритуален. Не е исклучена можноста дел објектите кои од страна на теренските истражувачи се дефинирани како култни, во својата примарна функција да имале и утилитарен карактер, за подготовка и нараснување на тестото за леб, пред печење,27 кои секундарно биле преадаптирани во култни цели за поединечни семејни заедници, со акцент на просторот во кој бил подготвуван и печен лебот во семејната заедница.
Многу често во литературата се среќаваат податоци во контекст на спроведени истражувања во кои се апострофираат недефинирани објекти со кружна форма со остатоци од горење и пепел, специјално кршена и прилагана керамика од јужната страна, на населбата или куќата. Таков е примерот и со утврдената енеолитска населба кај Богослов Камен, Штипско.28 На високо издигнато широко плато 2 - 3 km, источно од селото Горни Балван, на десниот брег на реката Брегалница егзистирала населба од енеолитски период. Истражувачите потенцираат една состојба, јужно од зачуваната подна супструкција на куќата 2. Надвор од подната супструкција се откриени лежишта од колци со оформен кружен простор.29 Не е исклучена можноста и во овој случај да се работи за објект со култна намена во рамките на семејната заедница.
Јужно од спанчевското светилиште Св. Атанас, на левиот брег од реката Брегалница, е населбата Пилаво кај селото Бурилчево. Зазема исклучително стратешка позиција, на зарамнета тераса со димензии 80 х 40 m, природно заштитена од три страни, надвисната над самиот речен брег,30 со лесен пристап од јужната страна. Врз карпестата подлога се констатирани две енеолитски фази на живеење. Населбата егзистирала во раниот и во доцен енеолит.31 На оддалеченост од околу 30 m од станбените и другите придружни објекти со контекст на живеалишта, во една контролна сонда на јужната тераса од возвишението се откриени фрагменти од неколку различни, намерно кршени, садови - амбари со антропоморфна профилација со богата комбинирана декорација од врежување, канелирање и боење, организирана во полиња. Фрагментираните садови биле приложувани директно врз карпестата подлога, на приближна длабочина од 0,10 – 0,20 m.32 Нивната декорација со врежување и канелирање е организирана во метопи, со дополнително користење на црвена и бела боја во полињата. Аналогни примероци на садови амбари со антропоморфна профилација и со идентичен контекст на откривање и декорација во најблиското опкружување се среќава на светилиштето во Спанчево на просечна релативна длабочина од 0,10 - 0,30 m во кружниот објект на јужната страна од светилиштето.33
Декорацијата се состои од геометриски мотиви во техника од набодени и врежани орнаменти, организирани во метопи, каде доминираат комбинирани линеарни снопови, спирали, меандри и ромбовидни мотиви, комбинирани со точка во централниот дел. Ваквите наоди се многу чести во потесното и поширокото опкружување на раноенеолитските наоѓалишта по течението на Брегалница во источниот дел на Македонија и по течението на Струма во Северозападна Бугарија.34 Семантички се поистоветувани со женски божества,35 каде женската плодност добива космички модел.36 Космичката симболика му додава нова вредност на објектот или предметот,37 во конкретниот случај антропоморфниот сад - амбар. Космичката структура е поврзана со плодноста и раѓањето. Жената почнала прва да одгледува растенија, со што автоматски станала сопственик на почвата и жетвата, па честопати низ историјата била споредувана со плодна почва. Фигурата на земјата - Голема Мајка - е многу честа во доцнонеолитските култури и на балканските простори со нејзиниот космички модел.38
Најблиска аналогија на антропоморфно профилираните садови амбари се среќава кај претставниците на раноенеолитната култура Градешница. Според Хенриета Тодорова, метопно организираните врежани орнаменти претставуваат специфика на I фаза од културата Градешница, додека според инкрустацијата со бела и црвена боја е карактеристика за II и III фаза од истата раноенеолитна култура. Овие две фази се аналогни со културите Винча и Рана Тиса на запад, како и Дикилиташ-Слатино на југ.39 Садови амбари со големи димензии и дебели ѕидови декорирани со врежани геометриски орнаменти, исполнети со бела инкрустација споменува и Б. Николов во наоѓалиштата во денешна Северозападна Бугарија и во поречието на Струма.40
Според Елијаде,41 древните заедници во своите гледишта животот го доживуваат како многу подложен на сакрализација, како реален човечки и иреален/космички, манифестирано преку примерот на изедначување на жената со плодната почва, Земјата/Мајка, што подразбира цел шаблон на симболика кој опфаќа поширок систем на микромакрокосмички совпаѓања, за што не постојат сигурни потврди. Сепак, кај примитивните народи се среќаваат сложени системи на антропокосмички сличности, кои упатуваат на неисцрпна моќ.42 Окриената антропоморфна пластика со врежаната декорација, а со тоа и значењето на упатените пораки, оставаат простор за посеопфатни истражувања, иако за дел од нив е пишувано во неколку наврати и досега.43
Во наодите со култни карактеристики, покрај антропоморфните и зооморфни фигуринки се издвојуваат и бројните керамички модели на: жртвеници, култни масички, печки како и модели на куќи со правоаголна или кружна основа. Семантички, најголемиот дел од нив претставуваат директна поврзаност со повикување на плодност, заштита и обновливоста на животот. Декорацијата им е речиси идентична како и кај садовите - амбари. Најблиските паралели во поглед на формите и декоративните елементи се забележуваат со II фаза од културата Градешница,44 како и на наоѓалиштето Слатино кај Ќустендил во Република Бугарија.45
Заклучни согледувања
Космогонијата зазема централно место во митолошките системи на речиси сите народи. Основната цел на космогониските митови е овозможување благопријатен живот за човекот. Сонцето и месечината претставуваат универзални симболи уште од палеолитот, поврзани со основните просторни претстави за Вселената и небесните светла,46 па затоа култот кон сонцето зазема големо значење во календарските обредни празнувања. Промените во движењето на сонцето го објаснуваат зголемувањето и намалувањето на денот и промената на годишните времиња, а од нив зависел карактерот на аграрните дејности.47 Големо значење во обредните манифестации имаат активностите поврзани со деновите на летниот и зимскиот солстициј, како и есенската и пролетната рамнодневница.
Според начинот на живеење, човекот во предисториските општества бил ставан во подредена улога, во зависност од природата, која е основниот извор за задоволување на основните вредности.
На раноенеолитските наоѓалишта, евидентирани по горното и средно течение на реката Брегалница се откривани објекти, дефинирани како култни од страна на истражувачите. Со оглед на димензиите и контекстот, светилиштето во Спанчево е дефинирано како светилиште за колективна намена, додека останатите култни објекти во населбите, биле користени од населението на помали семејни заедници. Освен разликата во димензиите меѓу нив, дефинирани се и одредени сличности, пред сѐ, во поглед на симболиката.
При конструкцијата на култните објекти кружната форма е најзастапена, поврзани со систематски организирани обредни церемонии и култни манифестации, во тесна врска со строго определен и почитуван систем, во кој уште од најстарите популации, па cè до современите рурални средини кругот, како форма играл многу важна улога во космичката структура со голема апотропејска моќ.
Во манифестираните ритуално-обредни активности кружните простори и предметите со кружна форма, добиваат апотропејски функции. Семантички, во обредната практика моделирана врз простор со кружна форма е симболизирано изобилие, плодност, здравје, среќа, победа над злото и сл.48
Во предисториските општества, просторот и времето не се восприемаат како неутрални координати, туку како таинствени сили што управуваат со сите предмети и животите на луѓето, па дури и на божествата. Во основа, времето се доживува во две форми: циклично (кружнои линеарно (историско). Цикличното време е космичко, се согледува во повторувањето на нештата, тоа е повратно.49 Таинственоста на животот се состои во космичкиот ритам, космосот претставува жив организам кој се обновува периодично. Тајната на неисцрпното појавување на животот е еднаква на ритмичкото обновување на космосот.50 Според Елијаде, времето како културна категорија опфаќа две основни категории: свето и световно. Според него: светото време е кружно, циклично, повторливо, митско време кое се воспоставува со посредство на обредот, ритуално преоѓање од реален во иреален простор и време.51 Затоа, од исклучителна важност е непрекината конекција меѓу човекот и природата.
Секое организирање и осветување на непознат и необработен простор сугерира негово претворање во космос. Смислата на космичкото моделирање се согледува во изградбата на куќите како намален модел на космосот кој создава космогониски процес на социјално рамниште.52
За религиозниот човек смртта не претставува крај, таа е само поинаков вид егзистенција,53 реинкарнација. Вегетативниот живот ја открива само последователноста на „раѓањето“ и „умирањето“.54
Белешки
- Атанасова И., 2010, каталог; Атанасова И., 2011, 185-204; Atanasova I., 2011а, 225-237; Атанасова И., 2012; Атанасова И., 2013, 149-164; Atanasova I., 2014, 199-220; Атанасова И., 2016, 104-124. ↩
- Санев В., 1961, 72; Настева И., 1989, 49; Колиштркоска-Настева И., 1999, 25-32; Колиштркоска-Настева И., 2005; Здравковски Д., Канзурова-Стојанова Е., 2009, 20; Атанасова И. - Ангелов В., 2002, 5-6. ↩
- Колиштркоска-Настева И., 2006. ↩
- Нацев Т. - Стојановски Д., 2013, 107-111. ↩
- По пријава од локалното население за случаен археолошки наод, во 2007 година е направен увид од авторот на овој текст, а од 2008 до 2010 година е раководител на истражувањата за што следуваат повеќе статии и научни трудови: Атанасова И., 2010, каталог; Атанасова И., 2011, 185-204; Atanasova I., 2011а, 225 - 237; Атанасова И., 2012; Атанасова И., 2013, 149-164; Atanasova I., 2014, 199-220; Атанасова И., 2016, 104-124 и др.). Од 2011 година теренските истражувања продолжуваат со друг раководител. ↩
- Атанасова И., 2019, 113. ↩
- Атанасова И., 2011, 186-188; Атанасова И., 2012, сл. 2, сл. 12; Атанасова И., 2019, сл.1, сл.1а. ↩
- Атанасова И., 2019, 111, сл.4. ↩
- Атанасова И., 2019, 111, сл.3. ↩
- Атанасова И., 2020, 60. ↩
- Атанасова И., 2019, 111-114, сл 1-4. ↩
- Атанасова И., 2019, 115 ↩
- Елијаде М., 2013, 51-83. ↩
- Малинов З., 2006, 65-69. ↩
- Малинов З., 2006, 275-277. ↩
- Атанасова И., 2013, 75-79; Атанасова И. - Ајтовска Љ., 2014, 57; Малинов З., 2006. ↩
- Георгиева И., 1993, 216; Атанасова И., 2012, 43-45, од спроведени лични истражувања. ↩
- Елијаде М., 2013, 105. ↩
- Атанасова И., 2012, 13., Сл.11. ↩
- Атанасова И., 2012, 43-45. ↩
- Елијаде М., 2013, 58. ↩
- Раденковић Љ., 1996, 47-79. ↩
- Во расположивата литература за енеолитските наоѓалишта по горното и средно течение на Брегалница, наведената погоре во текстот. ↩
- Теренски истражувач на енеолитската населба беше Ирена Колиштркоска-Настева. Авторот на текстот беше член на тимот кој ја истражување енеолитската населба. ↩
- Колиштркоска-Настева И., 2006, 83, сл.13. ↩
- Колиштркоска-Настева И., 2006, 83, сл. 4. ↩
- Чаусидис Н., 2017, 70-73. ↩
- Во рамките на проектот за заштитното археолошко истражување на локалитетите зафатени со изградбата на хидросистемот „Злетовица“ следуваа археолошките истражувања на Богослов Камен, во периодот од декември 2017 до март 2018 година. Одговорен теренски истражувач на локалитетот Богослов Камен беше Емил Сламков, додека раководител на проектот „Злетовица“, со кој беа зафатени преку 30 загрозени археолошки наоѓалишта беше проф. д-р Трајче Нацев. ↩
- Нацев Т. - Стојановски Д., 2013, 109, сл. 8. ↩
- Атанасова И., 2010, 5-6. ↩
- Настева И., 1989, 49. ↩
- Информациите не се публикувани досега, авторот ги споменува според сеќавање од истражувањата, како член на истражувачки тим. ↩
- Атанасова И., 2012,19-20. ↩
- Николов Б., 1974, 24. ↩
- Антонова E.В., 1984, 132-133. ↩
- Елијаде М., 2013, 105 ↩
- Елијаде М., 2013, 119-120. ↩
- Елијаде М., 2013, 106. ↩
- Тодорова Х., 1986, 80. ↩
- Николов Б., 1974, 24. ↩
- Елијаде М., 2013, 120-121. ↩
- Елијаде М., 122. ↩
- Атанасова И., 2012а, 149-164; Atanasova I., 2011а, 225-237; Atanasova I., 2014, 199-220. ↩
- Тодорова Х., 1986, 123; Николов Б., 1974, сн.35-99. ↩
- Чохаджиев С., 2006. ↩
- Георгиева И., 1993, 35. ↩
- Георгиева И., 1993, 19. ↩
- Георгиева И., 1993, 75, 106; за значење на кругот наведена литература во забелеша 441. ↩
- Елијаде М., 2013, 57-58. ↩
- Елијаде М., 2013, 56-59. ↩
- Елијаде М. 2013, 56-57. ↩
- Георгиева И., 1993, 135. ↩
- Елијаде М., 2013, 108. ↩
- Елијаде М., 2013, 109. ↩
Summary
Cult Area and Buildings of Cult Character from the Eneolithic Sites in the Bregalnica Valley
Starting from several key paradigms such as shape, manner of construction, area, time, target group etc. our primary goal is extension of the knowledge about the cult buildings, their orientation in the surrounding landscape, the choice of area, as well as the target group they were aimed at. Certain ethnographic examples from the folklore of the Shopic ethnographic community are taken into consideration as a supplement of the suggested theses. This community developed in the same geographic area in more contemporary, present-day conditions and their examples are just visual addition to the wider image.
The basic typological determination of the presented sites from the aspect of their character includes: 1. Shrines, and 2. Settlements for everyday life and defense; while the determination according the target group involves: 1. Shrines with cult buildings for collective purpose, and 2. Cult buildings with smaller dimensions in the frames of a smaller family community, such as home shrines.
Generally there is no difference in the shape of the buildings. Most frequently the structures defined as cult buildings by the scholars, have circular, rectangular or square plan, and they differ only by their dimensions.
From the notable examples along the valley of the Bregalnica River, certainly most distinctive and the single representative of a shrine for collective purpose, according to the dimensions, location in the area and the context of discovery, is the shrine St. Athanasius at the village Spanchevo. Visually it communicates with all of the other sites located to the south.
The other confirmed sites functioned as settlements which besides the rest of the finds, according to their researchers, have structures with cult purpose as part of the settlement. They are located on important communication points which enabled contact with the neighboring regions from the East and North, they are close to the valley of the Bregalnica River and protected with mountains. The category of settlements consists of Gradishte at the village of Grad near Delchevo, Pilavo at the village of Burilchevo near Kochani and Bogoslov Kamen at the village of Dolni Balvan, near Shtip. The settlement at Bogoslov Kamen, which is elevated high above the Kochani and Shtip valley, is the only Early Eneolithic settlement for everyday life and defense with confirmed fortification. All of the three settlements are located to the south of the shrine at Spanchevo.
Библиографија
- Антонова Е.В., 1984, Очерки культуры древних земледельцев Переднеҋ и Среднеҋ Азии, Москва.
- Атанасова И., 2020, Симболизмот кај движниот наод откриен на светилиштето св. Атанас кај Спанчево, Maced. acta archaeol. 22, 59-74. Скопје.
- Атанасова И., 2019, Култна пластика од „Свети Атанас“ кал село Спанчево-кочанско; Maced. acta archaeol. 21, Скопје, 109-120.
- Atanasova I., 2014, Early Eneolithic Figurines from the site St.Atanas near v.Spančevo-Kočani: A study of the Manufacturing Technology, Archaeotechnology, studying technology from prehistory to the Middle Ages, Beograd, 199-220.
- Атанасова И., 2013, Етнографски карактеристики, Бели едно од најстарите села во кочанскиот крај, Кочани.
- Атанасова И., 2012, Свети Атанас енеолитско светилиште кај село Спанчево Кочанско, Кочани.
- Атанасова И., 2012a, Антропоморфни фигурини од Спанчево, кочанско, Македонско наследство, год. XVI, бр. 40-41, Скопје, 148-156.
- Атанасова И., 2011, Резултати од ископувањата на раноенеолитското светилиште Св.Атанас кај село Спанчево-Кочани, Maced. acta archaeol. 20, Скопје, 185-204.
- Atanasova I. 2011а, Anthropomorphic Cult Plastic from Eneolithic Sanctuary near Village Spancevo, Kocani.Бојаџиев Ј., Терзијска-Игнатова С. Златното пето хилядолетие. Тракия и сьседните райни през каменно- медната епоха., София, 225-237.
- Атанасова И., 2010, Култна пластика од енеолитското наоѓалиште св.Атанас с. Спанчево Кочанско (каталог).
- Атанасова И. - Ангелов В., 2002, Водич низ културните вредности на Кочани и Кочанско, Кочани.
- Атанасова И. - Ајтовска Љ., 2014, Полаки (за шопските краишта во Кочанско), Кочани.
- Георгиева И., 1993, Бьлгарска народна митология, София.
- Здравковски Д. - Канзурова-Стојанова Е., 2009, Неолитската уметност на територијата на Република Македонија, Љубљана, (каталог).
- Колиштркоска-Настева И., 1999, Антропоморфни и зооморфни фигурини од енеолитскиот период, Maced. acta archaeol. 15, Скопје, 25-32.
- Колиштркоска-Настева И., 2005, Праисториските дами во Македонија, Скопје (каталог).
- Колиштркоска-Настева И., 2006, Енеолитско наоѓалиште во Делчевско, Maced. acta archaeol. 17, Скопје, 81-92.
- Настева И., 1989, Пилаво/Бурилчево, Енеолитска и хеленистичка населба, AP 28, Ljubljana, 49.
- Нацев Т. - Стојановски Д., 2013, Прилог кон проучувањето на неолитската и енеолитската архитектура од средниот тек на река Брегалница, Годишен зборник на Факултет за образовни науки, Универзитет Гоце Делчев, Штип, 103-112.
- Николов Б., 1974, Градешница-праисторически селища от VI-IV хилядолетие пр.н.е., София. (каталог).
- Погожева А.П., 1983, Антропоморфная пластика Триполья, Новосибирск.
- Раденковић Љ., 1996, Симболика света у народној магији Јужних Словена, Београд.
- Радунчева А., 1981, Праисторические поселения ( V-II тыс. до н.э), БАН, Перник том I, поселищен живот на хьлма Кракра од хил. пр.н.е. до VI в. на н.е., София.
- Санев В., 1961, Извештај од археолошките рекогносцирања во Источна Македонија, ЗШНМ, кн. II, Штип, 71-79.
- Тодорова Х., 1986, Камено медната епоха в Бьлгария, София.
- Чаусидис Н., 2017, Намената на објектите од лепеж лоцирани покрај печките, во неолитските куќи од Република Македонија, Неолитот во Македонија, Скопје: ЦИП, 57-108.
- Чохаджиев С., 2006, Слатино, праисторически селища, Велико Трново.