Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 67–83

Неолитска сликана керамика од локалитетот Рамниште кај селото Сопот, Велешко

УДК 903.23-033.6(497.713)”634”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123067t

Содржина
  1. Форми на сликани садови
  2. Пехар или купасто конусна шуплива нога
  3. Амфоровидни садови
  4. Грневидни садови
  5. Сликана орнаментика
  6. Ликовни карактеристики на орнаментите кај пехарите
  7. Ликовни карактеристики на орнаментите кај амфоровидните садови
  8. Ликовни карактеристики на орнаментите кај грневидните садови
  9. Заклучок

Едно од главните обележја на неолитскиот период во човековата цивилизациска развој на фаза претставува врвното мајсторство во обликувањето и моделирањето на глината, која во процесот на печењето го добива својот краен изглед. Резултатот на таа креативност се откриените разновидни форми и големини на садови, култни предмети потребни за ритуалните практики во секојдневното обожување на Мајката Земја и останатите култови, секако и утилитарни производи кои понекогаш служеле и за китење како индивидуално или семејно обележје. Најчести присутни сведоци на неолитските населби на македонската почва се големиот број фрагменти од керамички садови кои припаѓале на веќе востановениот асамблаж од форми како и нивни варијанти. Во поголем број се откриваат грубо обработувани керамички садови, но не секаде и не во толкав број ги има и фрагментите од фината и квалитетна керамика. Оваа втора група садови секогаш се карактеризира со пречистена глина која се забележува на скршениот профил на фрагментот, префинетата форма, тенките ѕидови, нанесената чиста глинеста превлака од двете страни на садовите, квалитетно мазнетите и полираните површини (до висок сјај) и декорирани со сликање. Кај некои фрагменти сликаниот орнамент не ја задржал својата првична форма. Многу често заради технички причини бојата од орнаментот се истривала, исто како и нанесениот заштитен слој. Дали овие аномалии врз фрагментите на сликаната керамика кои се сретнуваат во текот на археолошките истражувања се производ на недоволната техничка подготовка и печењето на садовите? Можеби се и производ на долгиот временски период поминат во слоевите од земја врз кои делувале одредени хемиски и биолошки процеси предизвикани од активностите на атмосферската вода и различните соли содржани во културните слоеви, како и променливите вредности на седиментната рН вредност? За овие констатации најчесто се наоѓаат одговори во конкретните хемиски анализи коишто би биле изведени на дел од наодите, во насока да се потврдат овие деструктивни хемиски појави врз површината и декорацијата на сликаната керамика.

Според насловот, во текстот вниманието генерално би се задржало на сликаната керамика откриена на неолитската населба Рамниште кај село Сопот, но како основни податоци во кратки црти ќе бидат претставени карактеристиките на археолошкиот локалитет. Неолитската населба Рамниште се наоѓа на 500 m оддалеченост од селото Сопот,1 во правец кон североисток, односно на една благо закосена тераса, пресечена од западната страна со длабок дол низ кој некогаш течел потокот Ливади напојуван од изворот Бодлева Чешма (сл. 1). Од југоисточната страна се наоѓа една локва којашто ги собирала атмосферските води и ги насочувала кон потокот Ливади кој понатаму се влевал во Вардар, јужно под селото Сопот. Оваа локва денес е преградена со насипот на кој се протега автопатот Скопје - Велес. Локалитетот првпат бил откриен есента 2010 година при археолошките рекогносцирања кои ги реализирала екипата под раководство на археологот Трајанка Јовчевска, кустос советник од Народниот музеј во Велес. Првите археолошки ископувања се одвивале во септември 2012 година, каде што на КП 557 биле позиционирани 7 сонди (означени со латинични броеви I - VII) со димензии 4,0 х 3,0 m. со правец на протегање север - југ. Најподатливи сонди во коишто бил откриен приближно целокупниот движен археолошки материјал биле сондите I, IV и V (сл. 2). Во нив, исто така, се открија и голем број податоци за архитектурата и економијата на неолитската населба (куќа 1, седум јами и еден отсечок од ров?).2 Во текот на археолошките истражувања се открија голем број движни наоди изработени од глина, животински коски, како и камени и кремени алатки, кои припаѓаат на неолитската култура Анзабегово-Вршник и се чуваат во депоата на Народниот музеј во Велес.

Во еден подолг период од првичните теренски истражувања, август - октомври 2019 година, се изведуваа и кабинетски истражувања на откриените движни археолошки наоди преку кои се согледаа голем број дополнителни податоци, a се однесуваат на географските и социјално-економските услови во кои опстојувала неолитската населба кај Рамниште.3

Форми на сликани садови

Археолошките истражувања на неолитската населба Рамниште на светлината на денот донесоа голем број типични среднонеолитски форми на садови, но и понудија неколку нетипични и ретки примероци. Овие керамички форми во најголем број се вбројуваат во грубата и т.н. керамика со средна фактура. Во овој дел ќе бидат презентирани трите присутни форми садови со сликана декорација. Во основа, најголем број од сликаните керамички фрагменти припаѓаат на садови пехари или купи со шуплива конусна нога, додека другите фрагменти се делови од амфоровидни и грневидни садови.

Пехар или купасто конусна шуплива нога

Оваа форма садови претставува репрезент на фината и квалитетна неолитска керамика. Подготовката на овие садови е специфична заради употребата на прочистена глина која во текот на месењето добивала и мал процент на мика, мелени кварцни зрнца, а понекогаш дури и плева како арматура која резултирала со добра цврстина и статика на садот. Најверојатно при подготовката садот бил моделиран од два дела, односно горниот дел -реципиентот и долниот дел - шупливата конусна нога. Во текот на моделирањето на садот, заради неговата полутопкалеста профилација и тенки ѕидови, веројатно биле во употреба и одредени технички помагала коишто му овозможувале на мајсторот керамичар да ја добие посакуваната форма и да ја задржи во текот на повеќедневното сушење на садот. Овој процес на создавање на овие видови садови cè уште останува голема енигма, процес којшто најверојатно се пренесувал низ годините на созревање на младите керамичари под будното око на мајсторите.

Сл. 1 Позиција на неолитската населба
Сл. 1 Позиција на неолитската населба
Сл. 2 Сондите I, IV и V поглед од југозападната страна
Сл. 2 Сондите I, IV и V поглед од југозападната страна

По премачкувањето со тенок слој од чиста глина и сушењето следело мазнење и полирање на површините од садот. Следната техника била садот да се наслика со содветната ликовна концепција. Последниот процес во подготвувањето било печењето на садот, со што тој го добивал завршниот изглед. Бојата по печењето на овие садови најчесто варира во кругот на светли нијанси на црвена, портокалова и жолтеникавоокереста боја. Експресијата што ја создавале комбинираните светли и темни нијанси на површината и орнаментот на овие садови овозможувала посебен однос кон нив, како од поединците така и од целата заедница.

Карактеристика на овие садови е нивниот сооднос меѓу дијаметарот на венецот и височината. Кај некои примероци се забележуваат одредени варијации во димензиите, додека кај некои дијаметарот на венецот е приближно двапати поголем од височината.4 Примероците коишто беа откриени на Рамниште во најголем број се помалку или повеќе фрагментирани со зачуван раб на венецот од пехарот. Заради големата фрагментираност на садовите со нивна реконструкција во цртеж се добија димензиитена дијаметарот на венецот кој изнесува 14,0 см и 16,0 cm. Од неколкуте фрагменти во поголема мера е зачуван еден од пехарите (T. I, 1) кај кого е возможна делумна реконструкција на реципиентот, а со исцртувањето се добија неговите апроксимативни димензии (пречник на венецот 16,0 cm и височина 16,0? cm). Исто така, беа откриени и две фрагментирани конусни шупливи нозе (T. II, 5, 6), но и од нив нема можност да се добијат конкретни димензии за дијаметарот на работ од ногата, како и нејзината височина. Кај реконструираниот пехар се употреби најчестиот пример, пречник на ногата од 7,0 cm.5 Најголемиот пречник на садот е во делот на телото на пехарот кој изнесува 18,0 cm, додека дебелината на ѕидот варира, кај венецот е 0,4 cm, а кон најширокиот дел од телото на пехарот е 0,7 cm. Пехарот според положбата на венецот има полусферична профилација со благо нагласено тело, како и мазнети и полирани површини. Заштитнот слој од двете страни со печењето добила жолто-окереста боја, декориран со спирални мотиви изведени со темнокафеава боја. Откриените два фрагменти од нозе со дно на пехари од Рамниште биле премачкани со заштитен слој, мазнети и полирани, кои по печењето добиле црвеникаво-портокалова боја. Овие два фрагменти покажуваат дека декоративниот концепт на телото на садот не продолжувал кон конусната површина на ногата.

Амфоровидни садови

Амфоровидните керамички садови се карактеризираат со широко отворен венец и релативно висок или помалку издолжен конусен врат кој се надоврзува на топкалесто тело. Карактеристичен пример е амфоровидниот сад од Тумба - Маџари, која има висок конусовиден врат и блага елипсовидна профилација на телото и рамно дно.6 Прикажаниот фрагмент од венец со елементи од вратот на амфоровидниот сад од Рамниште (Т. I, 2) има дијаметар на венецот 16,2 cm, ивисочина на конусниот врат 6.0 cm. Широчината на профилот на амфоровидниот сад варира, работ на венецот е здебелен и изнесува 0,8 cm, а кон вратот и рамето е 0,5 cm. Елементи од топкалетсото тело на амфоровидниот сад не се зачувани. Но еден фрагмент од друг сад има зачувани елементи од најширокиот дел на телото и рамениот појас, а декориран е со една пластична апликација и насликан орнамент со црна боја (T. IV, 4). На овој фрагмент широчината на профилот иснесува 0,5 cm, додека кај апликацијата 1,1 cm. Заради малите димензии на фрагментот нема можност да се добие најширокиот дијаметар на овој керамичен амфоровиден сад.

Во текот на моделирањето на амфоровидниот сад пластичните додатоци најчесто се аплицирале на најширокиот дел од телото на садот, додека тој cè уште се сушел. При археолошките ископувања понекогаш се откриваат едни до други како два раздвоени фрагменти. Понекогаш во текот на сушењето и печењето на садот врската меѓу пластичната апликација и телото на садот не создавала доволно цврста врска, туку од различни причини и надворешни механички дејствија таа можела да се одвои од површината. Оваа форма на садови ја имала истата подготовка како и пехарите, односно на веќе измазнетата површина бил нанесуван заштитен слој од чиста глина којашто потоа се мазнела и полирала до висок сјај, а потоа и сликала пред да биде печена. Горе претставените фрагменти од амфоровидни садови имаат полирана површина со црвеникава и црвено-портокалова боја, како и сликана орнаментика од двете страни со црна боја.

Грневидни садови

Сликаните грневидни садови се многу ретки примери на среднонеолитските локалитети од културата Анзабегово-Вршник. На Рамниште се открија неколку фрагменти од грневиден сад кој има благо извлечен раб на венецот нанадвор и тело коешто конусно се симнува кон најширокиот дел од мевот на садот (Т. I, 3). Од садот се зачувани малку елементи на венецот и вратот. Пречникот на венецот изнесува 16,1 cm, а зачуваната височина е 6,0 cm. Широчината на профилот кај венецот оди до 1,0 cm, а на вратот до 0,7 cm. Во профилот може да се забележи дека во текот на подготвувањето на глинестата смеса била употребена плева, како и мика и дробени кварцни зрнца. Единствената разлика во подготвувањето на смесата наспроти грубите керамички садови е премачкувањето на површините со чиста глина, полираните површини и декорирањето од двете страни со црна боја. Меѓу материјалот со сликана керамика се издвојува и еден минијатурен фрагмент од телото на вториот грневиден сад (Т. V, 1) кој има широчина на профилот 0,7 - 0,8 cm, мазни и полирани површини, окересто кафеава нијанса и кафеави сликани орнаменти.

Сликана орнаментика

Од досега прикажаните сликани фрагменти од неолитски садови од Рамниште може да се согледа дека бојата со која биле сликани орнаменталните комозиции се состоела од неколку нијанси на кафеава, темнокафеава, сивоцрна и црна. На некои од фрагментите се забележува и густината, односно разреденоста на бојата, но кај некои и послабиот квалитет на заштитниот слој и бојата видливо излупени или истрошени.

Според линеарниот декоративен систем употребен на сликаните садови од Рамниште, може да се увиди дека и тука преовладува веќе востановената орнаментика на културата Анзабегово-Вршник од средниот неолит. На претставените фрагменти сликана керамика застапени се праволиниски и криволински мотиви кои со нивно повторување ја фромираат целукупната орнаментална концепција, односно композиција насликана од внатрешната и надворешната страна. Мотивите и организираните композициски структури се симетрично распоредени на целиот сад подеднакво формирајќи сопствени препознатливи орнаментални форми кои што можат да се сретнат на сите среднонеолитски населби од Анзабегово-Вршник културата (Овче Поле и Брегалница, Скопско, Кумановско, Велешко, Полошко, Радовишко и Кавадаречко).7

Ликовни карактеристики на орнаментите кај пехарите

Во рамките на веќе прикажаните форми садови кај пехарите се сретнуваат двете групи мотиви. Праволиниските, коишто се најчесто вертикално претставени, се состојат од подебели ленти (Т. II, 3; T. IV, 2, 6; T. V, 5) и тие што врамуваат две потенки (T. III, 4, 7; T. IV, 1, 3), а започнуваат директно од самиот раб на венецот видливо кај фрагментот од венец на пехар (T. II, 3). Некои од овие вертикални орнаменти се надополнети и со мрежасти тенки линии (T. III, 8; T. V, 2). Од внатрешноста на овие пехари во линија на самиот раб од венецот се насликани најчесто долги растегнати тријаголници (T. I, 1; Т. II, 3). Криволиниските или тие што прикажуваат динамични спирални мотиви (Т. II, 2, 4; T. III, 2, 3, 5, 6; T.V, 3), понекогаш во крајниот свиок спиралите завршуваат со три продолжетоци или т.н. мачкина шепа (Т. I, 1; T. II, 1; T. III, 1; T. V, 4) или, пак, се прикажани во развиена т.н. барокна форма (T. IV, 5). И овие мотиви се претежно сликани со темни нијанси на кафеава и сивкасто-црна боја на окереста, црвеникаво-портокалова полирана површина. Од внатрешната страна на овие пехари, најчесто на работ, се сликаат растегнати триаголници споени во една низа (T. I, 1; T. II, 2, 3), хоризонтална лента (T. II, 1) или мали кружни точкасти мотиви (T. II, 4). Последниот пример е недоволно јасен заради малите димензии на фрагментот и затоа постоењето на овој мотив ќе биде земен со блага резерва.

Кога е во прашање декорацијата на конусната шуплива нога на пехарите, досега на просторот од културата Анзабегово-Вршник не се откриени среднонеолитски примери коишто би го потврдиле постоењето на одредени сликани орнаменти.8 Но во следната етапа од неолитот, односно во доцниот неолит, морфологијата на ногата на пехарите се менува во височина и широчина. Дури некои примероци на нозе се формирани со полно тело и имаат темни нијанси на површината. Декорирањето на овие доцнонеолитски нозе од пехари се изведувало со врежување на хоризонтални плитки линии или комбинирани врежани триаголници и ромбови исполнети со кружни боцкани орнаменти пополнети со црвена или бела инкрустрација.9

Ликовни карактеристики на орнаментите кај амфоровидните садови

Орнаментиката на фрагментите од амфоровидни садови се какрактеризира со сивкасто-црна боја. Кај фрагментираниот венец од амфоровиден сад забележлива е ретката и разводенета сивкасто-црна боја со која е насликан мотивот под работ на венецот од надворешната и внатрешната страна. Од надворешната страна налик на фриз се насликани динамични брановидни ленти кои го исполнуваат широко отворениот венец на садот. Од внатрешната страна нецелосно се видливи развлечени триаголници насликани со истата сивкасто-црна разредена боја. Сликаните динамични брановидни ленти на вратот од амфората наликуваат на декоративниот концепт насликан на малиот амфоровиден сад од Тумба - Маџари и садот од Писта - Ново Село.10 Разликата во орнаменталната структура на мотивите е таа што кај фрагментираниот венец на амфоровидниот сад од Сопот основниот мотив е насликан со црна боја, додека кај малиот сад од Маџари и големиот амфоровиден сад од Ново Село мотивот со брановидни ленти е добиен во негатив.

Кај вториот фрагмент од амфоровиден сад кој припаѓа на телото, односно кај најширокиот дел од мевот, присутна е пластична апликација и една нетолку разбирлива зачувана вретикална лента сликана со црна боја. Оваа насликана лента најверојатно е сегмент од вертикален орнамент присутен кај амфоровидните садови од Маџари, каде што се прикажани вертикални ленти со „Ѕ“ мотиви изведени во негатив.

Ликовни карактеристики на орнаментите кај грневидните садови

Сликаната орнаментика кај зачуваниот венец од грневиден сад е исто така малку нејасна, но може да се претпостави дека припаѓала на сличен орнаментален концепт решен како кај венецот од горе опишаниот амфоровиден сад. И на грнето брановидните динамични ленти се насликани веднаш под работ од благо извиениот венец, односно на вратот и рамото на садот. Заради оштетеноста токму на тој дел од садот и излупеноста на сликаниот мотив, може да се претпостави дека е прикажана брановидна динамична лента која го опфаќала целиот сад од надворешната страна. Од внатрешната страна се насликани закосени ленти, каде што од единствениот зачуван мотив е тешко да се каже дали тој припаѓа на коса лента или на развлечен триаголник, најчесто присутен сликан мотив на садовите од Сопот.

Малиот зачуван фрагмент од телото на садот, именуван е како грне заради дебелината на откршениот видлив профил. На мазната и полирана површина со окересто-кафеава нијанса насликан е мотив на две тенки вертикални линии со потемна кафеава боја. Заради малите димензии на фрагментот овој мотив е тешко да се класифицира во некој од досега прикажаните сликани орнаментални концепти.

Според досега прикажаното во врска со среднонеолитската сликана орнаментика на откриените садови од Сопот, може да се каже дека освен оној вообичаен сет на форми и видови керамички садови (пехари, амфоровидни садови) сликани се и грнињата. Орнаментите се вклопуваат во веќе познатата схема карактеристична за целокупната територија на којашто егзистирале населбите на среднонеолитската културата Анзабегово-Вршник.

Заклучок

Сликаните керамички фрагментирани садови според присутноста во слоевите во Сопот се многу мали, но сепак во овој степен на истраженост на населбата се доволни показатели за определување на културната и релативно хронолошка припадност. Во текот на ископувањето, исто така, беа откриени и добар број фрагменти коишто припаѓаат на групата фина керамика, со мазнети и делумно полирани површини, но без сликани мотиви. Овие фрагменти во најголем дел припаѓаат на форми како што се чинии, пехари и чаши кои служеле и биле ползувани од неколкуте генерации коишто домувале во досега единствената откриена куќа од населбата Сопот, односно во куќата 1 или биле како фрагменти депонирани и отфрлени во неколкуте отпадни јами околу и под подот од куќата, но и во cè уште непротолкуваниот отсечок од ров (?).

Фрагментираните пехари, односно најзачуваниот пехар со окереста површина и насликани динамични спирални мотиви коишто завршуваат со т.н. мачкина шепа е доволен показател за последните фази на егзистирањето на населбата во Сопот. Според долгодишните проучувања на неолитот во Македонија, Гарашанин појавата на овој мотив насликан на окереста површина го потврдил како пример за егзистирањето на последната фаза IV од културата Анзабегово-Вршник.11 Оваа орнаментална концепција со која биле сликани исклучиво овој тип садови -пехари се сретнува и во неколку други населби кои што биле дел од заедничкото битисување на оваа култура на дел од македонската почва. Слични сликани мотиви се сретнуваат и во т.н. постар хоризонт II (куќа I) во Зелениково,12 во слоевите 1 и 2 во Горубинци, каде што се појавува т.н. барокна спирала,13 во хоризонт VIII, сонди 1, 2 во Ново Село,14 во хоризонтите I-II во Младо Нагоричане,15 Говрлево,16 хоризонт I во Мршевци,17хоризонт II слој 2 во Анзабегово18 и слој 1 и 2, хоризонт I во Таринци.19

Паралелно со спиралната декорација се јавува и сликање на вертикални т.н. алтернирани линии во комбинација на две врамени тенки со две подебели ленти коишто симетрично се распоредени на површината од целиот сад, најчесто кај пехарите. Но се појавува и декорација на вертикални (тенки или подебели) линии сликани со црна или темно кафеава нијанса. И овие мотиви присутни во слоевите на Сопот се синхрони со населбите од истиот круг на културата Анзабегово-Вршник. Во Анзабегово се сретнува и во хоризонт I, како и во слој 2,20 Горубинци во слоевите 1 и 2,21 Зелениково во хоризонт II,22 Мршевци во хоризонт I,23 Маџари во хоризонт III.24

Сликаните мотиви на амфоровидниот и грневидниот сад, односно прикажаните брановидни ленти под венеците на садовите со сивкастоцрна боја на црвеникаво-портокалова површина, укажуваат на концепт кој најверојатно бил манир на претставување на орнаменталната концепција кај садови коишто биле претходници, односно дека припаѓаат на една постара фаза од животот на неселбата во Сопот. Оваа констатација се поткрепува со податокот дека и двата фрагменти од амфоровидниот и грневидниот сад се откриени во слојот под хоризонтот во кој егзистирала куќата 1. Односно фрагметот од венецот на амфоровидниот сад е откриен во јама 2 која се наоѓа кон западниот профил од истражуваниот простор на сондите (I, IA, IV) или под нивото на растурениот објект формиран од камења и грутки лепеж (печка). Додека вториот фрагмент од сад грне со зачуван дијаметар е откриен во најнискиот слој (најниско ниво до кое се стигна) на сондата V. Овие два орнаментирани садови и нивните мотиви, како и димензии наликуваат на сликаните концепции на некои од садовите од Маџари и Ново Село, но кај нив орнаменталната композиција од брановидни ленти е добиена во негатив.

Во поширока смисла, неолитската населба кај Сопот, според горе прикажаното има слични манифестации во врска со сликаните мотиви и организираните композициски структури со одредени култури коишто припаѓаат на неколку различни географски простори на Балканот. Кон запад е културата Колш I во Албанија,25 од северозападната страна се старчевачките периферни влијанија на Косово со населбата кај Рудник III-IV,26 на просторот од Србија присутноста на старчевачката култура со фазите IIb-III,27од западниот дел на Бугарија карактеристични се населбите кај Галабник и Баница фазата БРН-В,28 исто така и во северниот дел од грчката територија хронолошки определени како доцнонеолитски фази во Сервија и Олинт.29

Според тоа, може да се каже дека населбата Рамниште кај селото Сопот, најголемиот дострел и развој на стопанскиот, социјалниот и културниот развој го имала во последните две развојни фази III-IV од егзистирањето на културата Анзабегово-Вршник. Но заради присуството на одредени керамички фрагменти од садови типични за пораните фази на културата, може да земе предвид дека оваа населба своите почетоци ги имала некаде кон преминот од раниот во средниот неолит, а со натамошните археолошки истражувања овие констации би можеле и да се потврдат.

Како последна реченица би можело да се даде и размислувањето на Т. Јовчевска дека кон крајот на средниот неолит некои од населбите во Велешкиот Регион нема никогаш да бидат обновени, туку најверојатно со опожарување на живеалиштата целата заедница ќе го промени местото на живеење на нова локација.30 Таква била и судбината на населбата кај Сопот, најверојатно опожарена и разурната, напуштена засекогаш.

Илустрација, стр. 76
Илустрација, стр. 77
Илустрација, стр. 78
Илустрација, стр. 79
Илустрација, стр. 80

Белешки

  1. Tolevski I., 2018, 23-34. ↩
  2. Прелиминарните податоци се делумно претставени во гореспоменатиот текст, додека за дефинирање и детално презентирање на останатите податоци се подготвува посеопфатна публикација во која ќе бидат опишани сите ситуации и фази од истражувањата, како и целокупниот археолошки материјал. ↩
  3. Во текот на август - октомври 2019 година во рамките на проектот Документирање на движниот археолошки материјалод локалитетот Рамниште кај село Сопот, се направи целосен преглед на откриените наоди од неолитската населба. Проектот беше поддржан од Министерството за култура за 2019 година, а во него учествуваа: авторот на текстот како раководител на проектот, Антонио Китанов фото документатор, Благоја Китановски документатор за литички материјал и Билјана С. Толевска технички документатор - цртач. Во оваа пригода би сакале да се заблагодариме на Министерството за култура и на вработените од Народниот музеј во Велес за целосната поддршка во текот на реализацијата на проектот. ↩
  4. За пример е земен пехарот од Тумба - Маџари (инв. бр. 192), археолошко истражување 1978 година, со димензии на дијаметарот 25,6 cm и височина 14,0 cm (Стојанова-Канзурова E. - Здравковски Д., 2009, 122-123, бр. 32; Здравковски Д., 2018, 131, кат. бр. 34). ↩
  5. Според размислувањата за протоматематиката и мерењата на Љ. Фиданоски на димензиите на купите од Церје - Говрлево, најприсутен дијаметар на работ на конуската шуплива нога изнесува меѓу 6,0 - 8,0 cm, а најчеста димензија е 7,0 cm (Фиданоски Љ., 2009, 122; Фиданоски Љ., 2017а, 132; Фиданоски Љ. - Томаж А., 2018, 144-145). ↩
  6. Стојанова-Канзурова E. и Здравковски Д., 2009, 102-103, (инв. бр. 79) археолошко ископување 1981 година, со височина од 37,0 cm, и дијаметар на венецот од 17,0 cm. Деталните податоци за амфората од Маџари се добиени од м-р. Е. Стојанова-Канзурова, Археолошки музеј - Скопје, при што ѝ изразувам голема благодарност за нејзината добронамерна и колегијална соработка. ↩
  7. Наумов Г., 2009, 31-34; Наумов Г., 2009, 237-239. ↩
  8. Но според Д. Гарашанин на локалитетот Вршник кај скопското село Сушица (најверојатно мислела Маркова Сушица), при прегледот на движниот материјал воочила една конусна шуплива нога од пехар со премачкан црвен полиран заштитен слој на која се наоѓале траги од црно сликани орнаменти коишто биле излупени (Aranđelović-Garašanin D., 1954, 120; Грбић М., 1954, 109; Галовић Р., 1967, 127-128). Уште еден примерок од висока конусна шуплива нога со сликани хоризонтални ленти откриен е во Анзабегово приископувањата во 1960 година, во сонда 6 на длабочина од 0,30 - 0,60 m, Т. XIX, 38 (Корошец П. - Корошец Ј., 1973, 49, 52). ↩
  9. Слични примери на доцнонеолитски фрагменти од нозе на пехари се откриени на Тумба - Брвеница Plate III. 2, 3; T. IV, 1-3; T. V, 3 (Abazi Lj. - Tolevski I., 2017, 111-112; Абази Љ. - Толевски И., 2019, 11-34); Устие на Дрим Струга Т. LXX, 5, 8 (Benac A., 1979, 460-464); Могила - Сенокос T. II, 18; T. II, 6 (Темелкоски Д. - Миткоски А., 2006, 64; Mitkoski A., 2017); Кутлине - Ракле Т.3, 12 (Темелкоски Д. и Миткоски А., 2008, 98, 101). ↩
  10. Стојанова-Канзурова Е. - Здравковски Д., 2009, 100-101, (инв. бр. 77) археолошко ископување 1981 година, со височина на амфоровидниот сад 15,0 cm; Здравковски Д., 2018, 129, кат. бр. 30. Јовчевска Т., 2019, 76, Т. IV, 1. ↩
  11. Garašanin M., 1979, 95; Гарашанин M., 2009, 253. Додека пак претставувањето на спирални мотиви со кафеава боја на кремаста основа од Анзабегово, според Гимбутас се определени во нејзиниот систем на поделба на Анзабегово во втората фаза (Anza II), Gimbutas M., 1974, 55-56, Fig. 20a. ↩
  12. Галовић Р., 1967, Табла IV, 5, 6; Табла XIV, 3; Табла XV, 1. Гарашанин M. - Спасовска Г., 1976, 106-107, 112. ↩
  13. Санев В., 1975, 218, 225; Санев В., 1976, 72. ↩
  14. Јовчевска Т., 2019, 76, 83, Т. IV, 2-3. ↩
  15. Настева И., 1987, 44-45, сл. 2, 3; Здравковски Д., 1988, 48, сл. 96, 97, 98. ↩
  16. Георгиев З. - Билбија М., 1984, 40, Т. III, сл. 7, фрагменти од пехари со зеленика во темна окер површина насликана со спирала со темнокафеава боја, откриени на површината; Bilbija М., 1986, 35-36; Fidanoski Lj., 2017б, 43, Pl. 5. ↩
  17. Санев В., 1987, 41-42, сл. 1. ↩
  18. Gimbutas М., 1974, Fig. 20, a, b; Гарашанин М. - Гарашанин Д., 2009, 103, Т. XXIX, 2. ↩
  19. Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1959, 61-65; Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1961, 28. ↩
  20. Гарашанин М. - Гарашанин Д, 2009, 253, Т. ХХХ, 1, Т. XXXI, 2. ↩
  21. Санев В., 1875, 224-225, Т. VII, 1, T. VIII, 1. ↩
  22. Галовић Р., 1967, T. XV, 6; Гарашанин М. - Спасовска Г., 1976, 112, Т. III, 1. ↩
  23. Санев В., 1987, 41, сл. 1. ↩
  24. Санев В., 1988, 26. ↩
  25. Prendi F. - Bunguri A., 2018, 97-103, Pl. XIX, 1-5. ↩
  26. Гарашанин M., 1998, Каталог, сл. 7, 8, 13. ↩
  27. Aranđelović-Garašanin M., 1954, 80-86, 131-141, 144-145. ↩
  28. Тодорова Х. - Вайсов И., 1993, 104-107, Рис. 95, 9-10, Рис. 96, 5. ↩
  29. Heurtley H., 1939, 148, Fig. 14, b, c, h, Fig 32. ↩
  30. Јовчевска T., 2019, 81. ↩

Summary

Neolithic Painted Pottery from the Site Ramnishte Village Sopot, Veles Region

One of the main attributes of the Neolithic period, as an evolutionary phase of the human civilization, is the great craftsmanship in the modelling of the clay as its final appearance comes only after the firing. The result of that creativity are the various discovered forms and sizes of vessels, the cult objects needed for ritual practice in the everyday worship of the Mother Earth or the other cults, as well as the utility products which sometimes served for individual or family ornament. Most common testimony of the Neolithic settlements on Macedonian soil are the large number of pottery sherds from vessels which belonged to the established assemblage of forms and their variants. Coarse ware vessels are the largergroup of finds, although, not always, not everywhere, and not in the same big percentage, there are sherds of fine and quality ware. Always typical for the second group of vessels are the purified clay visible in the section of the broken fragments, the refined shape, the thin walls, the pure clay slip on both sides of the vessels, the fine burnished surface, sometimes even glossy, and the painted decoration.

In this part we will present the three forms of vessels with painted decoration. Basically, most of the painted pottery sherds belong to chalice or cup vessels with hollow conical stem, while the other fragments are pieces of amphorae or pots.

According to this, we can say that the settlement at Ramnishte, near the village Sopot, reached the climax of economic, social and cultural development in the last two phases, III and IV, of the existence of the Anzabegovo - Vrshnik cultural group. However, due to the presence of pottery sherds of other fabrics, and somewhat typical for the earlier phases of the cultural group, we can consider that the beginnings of this settlement were at the transition of the Early into the Middle Neolithic which can be proven by the future archaeological research.

Библиографија