Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 43–66

Истражување на локалитетот Врбјанска Чука кај Славеј во 2019 година

УДК 902.2(497.775)”634”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123043n

Содржина
  1. Ископување на археолошката сонда
  2. Архитектонска стратиграфија на неолитската населба
  3. Хоризонт I
  4. Хоризонт II
  5. Хоризонт III
  6. Радиокарбонски анализи и хронологија на населбата
  7. 3Д моделирање на археолошката сонда и неолитските структури
  8. Заклучок
  9. Благодарност

Врбјанска Чука претставува тумба во северниот дел на Пелагонија која се наоѓа на приближно иста далечина од селата Славеј и Врбјани, односно 1,3 km од нив (сл. 1). Локалитетот е истражуван во ’80-тите години од Заводот и музеј - Прилеп, а во 2016 година се започна со ново проучување во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј - Прилеп, Институтот за старословенска култура и повеќе европски институции.1 Како што покажаа истражувања во новите археолошки кампањи, таа е формирана околу 6000 год. пр. н.е., и тоа врз природно возвишение обликувано од некогашното неогенско езеро.2 Иако нејзината висина изнесува 3,50 m, само 1,10 m ја формираат неолитската стратиграфија, околу 1,50 m им припаѓаат на античките и средновековните хоризонти, додека остатокот е дел од најраните геолошки слоеви на тумбата.

Ископувањата во последните неколку кампањи потврдија дека станува збор за општествено динамична неолитска населба во која се регистрирани три хоризонта засновни на архитектонските обележја, како и антички и средновековен хоризонт со остатоци од структури, депозитни јами и погребувања. Во профилите, но и во средновековните јами коишто се користеа како помали контролни сонди, се утврди дека на некои места од неолитската населба постојат најмалку шест објекти од лепеж градени еден врз друг.3 Тоа го потврдува комплексниот карактер на локалитетот, којшто претставува една од главните цели на истражувањата, односно да се увидат формациските процеси во рамките на неолитската населба и да се дефинира карактерот на архитектурата, материјалната култура, населението и природната околина околу тумбата. Поради тоа, овој труд ќе се осврне потемелно на неолитскиот период на Врбјанска Чука, додека обележјата од антиката и средниот век беа елаборирани во други пригоди.4

Новите истражувањата на Врбјанска Чука не се еднонасочни и не се концентрирани само на теренската работа (односно архитектурата и материјалната култура), туку и на мултидисциплинарните сознанија добиени од повеќе науки кои се поврзани со археологијата. Тоа ги прави истражувањата на оваа тумба значајни за македонската археологија, а во кои секоја година освен ископувањето на сондата и обработката на материјалната култура и архитектура, влучени се археоботанички, археозоолошки, геоархеолошки, геомагнетни, радиокарбонски, топографскии, антрополошки, функционални и липид анализи, како и 3Д моделирање на сондата и одредени неолитски објекти. Ваквиот мултидисциплинарен пристап овозможува да се разберат процесите на формирање на населбата, нејзината хронологија и животната средина, градежните материјали и техники, просторната организација, исхраната и болестите на луѓето и животните, грнчаријата и глинените претстави, производството и употребата на алатки, како и ритуалите, социјалните компоненти, симболичките категории и економијата на неолитската заедница што ја основала тумбата, но исто така и на заедниците од доцноантичкиот период и средниот век кои врз неолитската населба имале активности од различен карактер. Во таа насока се одвиваа и истражувањата во 2019 година, со тоа што теренската работа и обработката на материјалот се одвиваше во летните месеци, додека лабораториските проучувања и процесирањето на податоците (статистики, калибрации, анализи, мапирање, моделирање итн.) се реализираа во текот на целата година.

Сл. 1. Карта на Пелагонија со локацијата на Врбјанска Чука кај село Славеј.
Сл. 1. Карта на Пелагонија со локацијата на Врбјанска Чука кај село Славеј.

Имајќи ја предвид обемноста на истражувањата и резултатите од теренската и од кабинетската работа во 2019 година, овој труд ќе се осврне само на неколку аспекти од новите сознанија, додека другите се тукушто публикувани, во фаза на публикување или се предвидени за идни публикации. Од тие причини, во оваа пригода ќе се направи осврт на теренските резултати, со особен акцент на ревидираната архитектонска стратиграфија и 3Д моделирањето на објектите, а ќе бидат приложени и најновите С-14 дати кои се во релација со најраните и најдоцните неолитски градби на Врбјанска Чука.

Ископување на археолошката сонда

Што се однесува до ископувањата во 2019 година, тие се вршеа во период од еден месец во истиот централен простор на тумбата каде што е позиционирана сондата. Се доистражуваа западните делови од градбата 2, односно квадрантите 26 и 31, но исто така се продолжи и со работата во квадрантите 16, 25 и 32, додека за првпат се отвори и квадрантот 24. Истражувањето во квадрантите 16, 25 и 32 беше продолжување на истражувањата од 2018 година, кога се документираше стратиграфијата во погорните слоеви до најгорниот неолитски хоризонт.5 На овие места во 2019 година се продолжи со затекнатата состојба во најгорниот неолитски хоризонт до нивото на градбата 4, со што се регистрираа неколкуте градежни фази од хоризонтот III и крајните етапи од хоризонтот II на Врбјанска Чука. Со оглед на тоа што во квадрантот 24 се почна од рецентниот слој, се документираа сите појави од средниот век и антиката и се стигна до истата ситуација како и во горенаведените квадранти, односно крајните етапи од хоризонтот II.

Тука треба да се напомене и тоа дека дел од средновековните јами, вкопани во длабочина и до најдолните неолитски слоеви, се користеа и како контролни сонди, при што во нивниот профил се регистрираа и нивоата од хоризонтот I. Ваквиот пристап особено се примени во рамките на просторот што го зафаќа градбата 4, каде со средновековните јами биле направени оштетувања во градбите што се наоѓаат над и под овој објект, а што во моментов дава најдобар преглед во неолитската стратиграфија на локалитетот. На тој начин се доби комплетен увид во целокупната неолитска стратиграфија, што, пак, овозможи следење на формациските процеси и динамиката на градење објекти во централниот дел на населбата.

Како и во претходните археолошки кампањи, така и во оваа, документирањето при ископувањето се вршеше со помош на Харисовата матрица (сл. 2). Сите карактеристични појави се исцртуваа на планови, а одредени неолитски структури се документираа и во форма на 3Д модели. Секоја архитектонска, геолошка и контекстуална појава се регистрираа како стратиграфски единици (СЕ) и се внесуваа во посебна листа наменета за овие археолошки обележја. Во текот на ископувањата се земаа примероци од повеќето СЕ-а, наменети за археоботаничките и радиокарбонските анализи. При крајот на истражувањето тумбата и сондата во неа беа фотографирани со беспилотно летало, што овозможи ортофотографии на нејзиниот изглед, но исто така многу детален и јасен преглед на структурите пронајдени во истражуваниот простор (сл. 3).

Паралелно со ископувањата се вршеа и археоботанички анализи на примероците издвоени од определени археолошки контексти, и тоа од страна на тим од Универзитетот во Базел.6 Примероците се носеа од локалитетот до специјално подготвената лабораторија во Заводот и музеј - Прилеп, каде што и се флотираа. По нивното промивање се вршеше селекција и групирање на органските остатоци, како и иницијално определување на растенијата кои биле користени од страна на жителите од неолитската населба. Особено внимание беше посветено врз примероците чиишто органски остатоци укажуваат и на одредени активности во близина на некои од глинените конструкции (печки, сандаци, амбари итн.). Тоа овозможи уште во текот на теренското истражување да се согледаат некои од карактеристиките на регистрираните градби, што со натамошно обработување на материјалот ќе доведе и до попрецизно толкување на функцијата на некои од објектите (куќи, работилници, остави, светилишта итн.). Дел од примероците се издвоија за радиокарбонски (С-14) анализи, а кои беа селектирани од профилите на контролните сонди. На тој начин, покрај веќе постоечката општа хронологија за локалитетот, може да се направи прецизна хронолошка секвенца за сите градежни фази од хоризонтот I до хоризонтот III, а која подолу детално ќе се елаборира. Со цел да се даде целосен увид во динамиката на градење објекти на Врбјанска Чука, ќе се приложи преглед на документарираната стратиграфија, и тоа преку детален приказ на градбите констатирани во 2019 година, но и порано.

Сл. 2. Графички приказ на неолитската стратиграфија на Врбјанска Чука преку Харисова матрица (изработка: Гоце Наумов).
Сл. 2. Графички приказ на неолитската стратиграфија на Врбјанска Чука преку Харисова матрица (изработка: Гоце Наумов).
Сл. 3. Дронска фотографија од археолошката сонда (фото: Христијан Талевски).
Сл. 3. Дронска фотографија од археолошката сонда (фото: Христијан Талевски).

Архитектонска стратиграфија на неолитската населба

За стратиграфијата на населбата е говорено во неколку наврати, така што разни сегменти од неолитската населба, античките објекти и средновековната некропола се веќе презентирани.7 Во оваа прилгода ќе се направи осврт на неолитската стратиграфија во домен на културните хоризонти коишто се определени врз основа на градбите и нивните составни елементи. За разлика од претходните години, во овогодишната археолошка кампања се направија контролни профили на неколку места, со што се овозможи следење на сите градежни фази во централниот дел на населбата, односно во просторот што го зафаќа сондата. Иако некои од појавите беа евидентирани и во минатите кампањи, во оваа тие се документираа на повеќе места, така што се доби увид и во евентуалниот распоред на градбите, и тоа во сите три хоризонти.

Во неколку претходни трудови за Врбјанска Чука е истакнато дека во нејзината стратиграфија се констатирани три неолитски хоризонти кои се определени врз основа на архитектонските карактеристики, но не и според материјалната култура. Ова беше направено од причини што не се согледуваа големи промени и отстапки во типологијата и декорацијата на садовите, додека архитектонските обележја сугерираа повеќе варијации што се менуваа во разни фази од населбата. Тоа не значи дека секоја фаза има различен вид градби, туку се користени градежни техники што не се унифицирани од почетокот до крајот на неолитската населба, а некои се повторуваат во различни делови од сондата или во различни слоеви. Овогодишните истражувања го потврдија овој вариетет на градежни техники, така што стратиграфскиот преглед cè уште ќе се заснова на архитектурата, барем до моментот кога деталната обработка на наодите не укаже на некакви поспецифични промени од најраните до најдоцнежните фази на населбата.

Хоризонт I

Најраната неолитската населба на Врбјанска Чука е формирана на природно возвишение, односно тумба создадена благодарение на неогенското езеро кое постоело во Пелагонија пред неколку милиони години.8 Ваквата позиција била резултат на практичен избор поради тоа што таа овозможувала населбата да биде блиску до плодните полиња, а воедно да е изолирана од влијанијата на водата од околниот мочурлив простор. Не случајно оваа тумба потоа била и вештачки заштитена од околината со ров, што го потврдуваат геомагнетните скенирања на локалитетот изведени 2016 година.9 Овој природен седимент сочинет од песок (СЕ 0, 17, 107, 261, 516) бил нивелиран од првите жители со цел да се направи основа врз која ќе се градат неолитските градби. Ваквата основа првично се определувала преку поставување на темелите од ѕидовите со помош на колци и нивно премачкување со лепеж, а потоа се поставувал подот изработен од т.н. малтер (белузлава компактна глина). Поради овие причини, при изготвувањето графичкиот приказ за Харисовата матрица на Врбјанска Чука во најдолните етапи на градбите се ставени колците, а потоа малтерот, односно подот (сл. 2).

Во првата фаза на неолитската населба се регистрирани четири градби, чиишто колци и под се поставени веднаш над неогенскиот песок, а кој поради овие објекти бил израмнет. Станува збор за градбата 1, градбата 2, градбата 5 и градбата 11, од кои само две се целосно истражени. Градбата 5 и градбата 11 влегуваат во профилите на сондата, односно под градбата 10, така што нивниот габарит би се доистражил во некоја наредна археолошка кампања. Како што може да се забележи и на графичкиот приказ од Харисовата матрица на локалитетот, овие градби се сочинети од повеќе колци со помали и поголеми димензии, а некои од нив имаат и помасивни столбови (градба 1: СЕ 546-554; градба 2: СЕ 8-10, 122-124, 423-427; градба 5: 108-113, 120, 168 итн.). Во случајот со градба 5 треба да се истакне група масивни столбови кои се наоѓаат паралелно со ѕидот на градбата 2 (СЕ 93, 95, 108-113). Со оглед на тоа што тие се поставени долж јужниот ѕид на оваа градба, оставаат впечаток како да се дел од неа, односно дека имале улога на држачи на покривот или вториот кат (сл. 4). Меѓутоа, вакви столбови отсуствуваат на северната страна од градбата 2, а нема ниту индикации за втор кат, освен во западниот дел на објектот. Од друга страна, овие столбови се во релација со други столбови и колци кои влегуваат во доменот на градбата 5, така што во моментов може да се смета дека тие се составен дел од неа.

Што се однесува до габаритот и ѕидовите на градбата 5, треба да се укаже на тоа дека тие се делумно познати, бидејќи поголемиот дел од овој објект влегува во јужниот профил на сондата. За разлика од градбата 2, ѕидовите на градбата 5 се сочинети од непечен лепеж (СЕ 105), исто како и оние на градбата 11 (СЕ 263 и 513). Тука треба да се истакне тоа што и кај двете градби не се регистрирани никакви влијанија од опожарувањето или намерното палење како кај градбата 2, така што се отвора дискусија дали тие се изградени по овој чин (сл. 4), со оглед на тоа дека јужниот ѕид на градбата 11 (СЕ 431) се наоѓа веднаш до северниот ѕид на градбата 2 (СЕ 40). Оваа дилема евентуално би се разрешила со датирање на градбата 5 и градбата 11, имајќи предвид дека за градбата 2 постојат повеќе дати што го определуваат периодот на нејзиното функционирање, односно во самиот почеток на шестиот милениум пр. н.е.10

Сл. 4. Дронска фотографија од археолошката сонда со назначени позиции на дел од констатираните неолитски градби: црвена - Градба 2; кафена - Градба 4; црна - Градба 5; зелена - Градба 7; портокалова - Градба 11; сина - Градба 14; жолта - Градба 15 (ф
Сл. 4. Дронска фотографија од археолошката сонда со назначени позиции на дел од констатираните неолитски градби: црвена - Градба 2; кафена - Градба 4; црна - Градба 5; зелена - Градба 7; портокалова - Градба 11; сина - Градба 14; жолта - Градба 15 (фото: Христијан Талевски, обработка: Гоце Наумов).

Масивните ѕидови на градбата 2 (СЕ 2, 3, 38, 272), како и на градбата 1 (СЕ 560), се сочинети од лепеж кој бил горен пред или по активностите во овие објекти. Во лепежот се зачувани отпечатоците од колци и греди, како и оние од житариците и плевелот кои биле мешани со глината со цел да се добие подобар квалитет на ѕидовите. Што се однесува до подовите на четирите градби од првиот хоризонт, сите се сочинети од белузлава компактна глина (малтер) која на некои места е нанесувана во подебели слоеви (градба 1: СЕ 545; градба 2: СЕ 14, 81, 144, 525 и др.; градба 5: СЕ 106; градба 11: СЕ 128 и 515). Имајќи предвид дека ова биле градби првично поставени врз геолошкиот слој со песок, ваквото малтерисување на подовите било неопходно за да се овозможи подолготрајна изолација. Во следните фази на неолитската населба, освен во градбата 4, подовите од малтер се далеку потенки, што секако е резултат на градењето објекти врз веќе разрушени и нивелирани градби. На тој начин градбите од горните хоризонти не биле изложени на влажниот песок и подземните води, што, пак, довело до тоа подовите да не содржат масивен слој од малтер.

Во повеќето од наведените градби над подот се регистрирани остатоци од гареж (градба 1: СЕ 558; градба 2: СЕ 36, 73, 161, 258 и др.; градба 11: СЕ 514). Како што покажуваат археоботаничките анализи, гарежот е делумно резултат на подготовката на храна во близина на печките и сандаците, а секако неговото присуство во одредена мера се должи и на пожарот, односно горењето во финалните етапи на градбите. Говорејќи за печките и сандаците, треба да се истакне присуството на структури од глина (лепеж) кои имале клучна улога во домашните активности и исхраната. Во тој контекст треба да се истакнат градбата 1 и градбата 2 кои содржат карактеристични структури, иако за овие објекти и нивниот ентериер е говорено во повеќе прилики.11 Градбата 1 се истакнува со присуството на еден од најмасивните неолитски амбари на Балканот и во Европа (СЕ 555), како и страничните сандаци (СЕ 556) во кои се обработувале житарките (сл. 5). Неговите невообичаено големи димензии, комплексна структура, како и аплицираната декорација на ѕидовите ги издвојуваат и неговите симболички компоненти.12 Според истражувањата на градбата 1 во ’80-тите години од XX век, освен овој амбар и страничните сандаци, не се пронајдени други структури. За разлика од овој објект, во градбата 2 се откриени дури 12 структури од глина со поголеми и помали димензии, што ја издвојува оваа градба како единствена од овој вид во Македонија (сл. 4).13 Во неа се регистрирани 3 масивни печки (СЕ 35, 47, 322), 4 кружни корита за мелење на жито (СЕ 37, 270, 271, 335), 4 сандаци (СЕ 34, 285, 501, 527), една платформа (СЕ 336) и една структура со нејасна функција (СЕ 360). Нивниот голем број, како и присуството на триесетина камени мелници укажуваат на интензивното процесирање на житариките и подготовка на храната, што на некој начин може да го определи овој објект и како работилница.

Сл. 5. План на Куќа 1 откриена во археолошката кампања во 1980-те години (цртеж: Александар Миткоски, обработка: Гоце Наумов).
Сл. 5. План на Куќа 1 откриена во археолошката кампања во 1980-те години (цртеж: Александар Миткоски, обработка: Гоце Наумов).

Во градбата 5, барем во истражениот мал дел, не се откриени вакви структури (сл. 4), но затоа се присутни една голема јама, како и концентрација на камења, односно искршени мелници (СЕ 100 и СЕ 137). Нивното присуство, како и отсуството на печки и сандаци, барем во истражениот дел на објектот, повторно сугерираат објект со различна функција од онаа во останатите неолитски градби, како во Врбјанска Чука така и на другите локалитети во Македонија. Што се однесува до градбата 11, во неа не се откриени структури, во голема мера поради нејзиното оштетување при вадењето песок од тумбата во ’70-тите години од XX век, како и поради нивелациите на градбите што се основале врз неа (сл. 4). Во таа смисла, вреди да се спомне дека во мала мера над неа се регистрирани градбата 7 и градбата 10, исто така оштетени при експлоатацијата на песок и упадите од средновековните јами. Поради тоа, но, исто така, имајќи ги предвид и сличните градежни техники, не е јасно дали овие градби се нова фаза, т.е. обновување на градбата 11 или, пак, претставуваат индивидуални објекти подигнати многу подоцна. Со оглед на тоа што површината, односно објектите врз нив cè уште не се доистражени, оваа дилема во моментов ќе остане неразрешена. Сепак, битно е да се истакне дека и кај двете градби се регистрирани колци (СЕ 269, 399, 431 и СЕ 520), малтерисан под (СЕ 268 и СЕ 511) и ѕидови од непечен лепеж (СЕ 255, 256 и СЕ 510). Имајќи ја предвид недоистраженоста на овие објекти, како и на оние над нив, останува нејасно и тоа дали се тие дел од една градба или, пак, две раздвоени архитектонски целини.

Доколку градбата 7 и градбата 10 претставуваат засебни целини, издвоени и од градбата 11, тогаш тие би биле дел од втората фаза на хоризонтот I. Вакви објекти не се познати врз градбата 1, бидејќи таа во ’80-тите години е истражувана интервентно со цел да се заштити од градежните активности, така што не е познато што било регистрирано врз неа. И ситуацијата врз градбата 5, барем во хоризонтот I, е исто така нејасна, со оглед на тоа што поголемиот дел од неа влегува во јужниот профил на сондата. Исто така, возможно е просторот над неа да бил користен за друг објект (градба 18), а којшто не е регистриран врз градбата 2. Доколку се земе предвид дека до хоризонтот II нема објекти врз градбата 2, тоа значи дека таа била подолго користена од оние до неа. Кон ваквата можност укажува и датирањето на повеќе примероци од подот на овој објект, со дати во распон од околу 100 - 150 години.14 Во оваа пригода битно е да се истакне дека во нејзиниот западен дел е регистрирано горно ниво на под (СЕ 502), како и двоен сандак на него (СЕ 501). Тоа потврдува дека во овој дел од градбата 2 (сл. 4), односно над комплексот со печка, сандаци и кружни корита (СЕ 270, 271, 322, 335 и 527), постоела дрвена структура која носела горно подно ниво каде се обработувало житото. Овој архитектонски елемент не може да се искористи како аргумент за постоење втор кат во рамките на целиот објект, но секако укажува на неговата масивност и интензивно користење на градбата 2 во подолг период.

Хоризонт II

Хоризонтот II, како и останатите два, определен е преку следењето на појавите низ целата сонда, но особено во рамките на стратиграфскиот редослед регистриран на ѕидовите од средновековните јами СЕ 466 и СЕ 467 (сл. 6). Со оглед на тоа што тие прават широк и длабок упад во сите неолитски слоеви, при што пробиле и оштетиле повеќе објекти, воедно овозможуваат целосен преглед на архитектонските фази на Врбјанска Чука и нивните елементарни карактеристики. Тие се наоѓаат во северниот дел на сондата, така што ги пробиваат градбата 11, градбата 10, градбата 4, градбата 16, градбата 12, градбата 8 и градбата 17, односно објектите од најраниот до најдоцниот хоризонт на населбата. Според тоа, веднаш над живеалиштата од хоризонтот I (градба 10 и градба 11), сочинети од ѕидови од непечен лепеж, регистрирана е градбата 4 која содржи масивни ѕидови од печен лепеж. Таков е карактерот на повеќето градби од хоризонтот II, иако се присутни и останатите варијанти. Како што беше и претходно наведено, тоа не значи дека во секој хоризонт постојат различни архитектонски техники, туку секој од нив е определен врз основа на доминатните градежни елементи регистрирани во сондата, но и врз основа на процесите кои влијаеле врз нивното формирање. Како што во хоризонтот I се поприсутни објектите со ѕидови од непечен лепеж, така во хоризонтот II доминираат оние со печен лепеж.

Сл. 6. Неолитски археолошки слоеви констатирани во средновековни јами (фото: Гоце Наумов).
Сл. 6. Неолитски археолошки слоеви констатирани во средновековни јами (фото: Гоце Наумов).
Сл. 7. Ѕид од горен лепеж во Градба 4 со отисоци од колци (фото: Гоце Наумов).
Сл. 7. Ѕид од горен лепеж во Градба 4 со отисоци од колци (фото: Гоце Наумов).

Меѓу нив особено се истакнува градбата 4 која е основана веднаш врз градбата 10 (сл. 4). Таа е значително оштетена од античките и средновековните јами, но сепак се регистрирани повеќе архитектонски елементи коишто го даваат карактерот на оваа градба. Поради ваквата оштетеност, тешко е да се констатира нејзиниот габарит, но сепак во некои делови беа документирани колци кои може да бидат дел од неа (СЕ 197, 206 и 471). За разлика од нив, подот од компактен дебел слој малтер е евидентиран на повеќе места и ги содржи истите карактеристики како и оние во градбите од хоризонтот I (СЕ 51, 205 и 509). Со оглед на тоа што лепежот паднат врз подот cè уште не е подигнат на поголемиот дел од објектот, остатоци од гареж се присутни само на едно место (СЕ 508), иако може да се очекува негово присуство во повеќе делови. Покрај опожарувањето, причина за присуство на гареж се неколкуте конструкции регистрирани на подот од оваа градба. Тие се видно оштетени од подоцнежните јами, но исто така и од каналите на неолитските објекти градени врз градбата 4. Затоа се евидентираа само делови од мала печка, како и поголеми и помали сандаци (СЕ 46, 52, 58, 199, 203 и 215), иако може да се очекуваат и други конструкции под парчињата лепеж што ќе бидат отстранети во следните археолошки кампањи.

Како и во случајот со градбата 1 и градбата 2 така и лепежот на овој објект е масивен, но многу повеќе растресит. Тоа се должи на интензивното печење на лепежот, но исто така и на нивелацијата што се изведувала за објектите врз градбата 4. Во контекст на овој објект вреди да се истакне лепежот, односно дел од западниот ѕид (СЕ 471), констатиран во профилот на една од средновековните јами, а којшто е зачуван во голема мера, како хоризонтално така и вертикално (сл. 7). Тој претставува одлична можност да се добие добар увид во техничките карактеристики на неолитската архитектура на Врбјанска Чука, имајќи ја предвид неговата добра зачуваност. На него се забележуваат отисоци од густо распоредени потенки и подебели колци и прачки, што во одредена мера се разликува од распоредот на ваква дрвена арматура во градбата 2, а во која се претежно присутни помасивни колци. Тоа во одредена мера укажува на техничките разлики во двата хоризонти на населбата, иако станува збор за градби со слична градежна структура.

На истото ниво со градбата 4, односно во првата фаза од хоризонт II, присутни се уште два објекти во сондата, односно градбата 15 и градбата 18 (сл. 4). Обата се подигнати врз градбата 2, односно градбата 5, така што очигледно укажуваат и на континуитет на градење во овој дел од неолитската населба. Градбата 15 е уникатна по својот архитектонски карактер, бидејќи за разлика од сите останати објекти таа е целосно вкопана, поради што навлегла и во срушените западни ѕидови на градбата 2. Од тие причини во моментов е тешко да се дефинира дали градбата 15 претставува земјанка или, пак, масивна јама која има ѕидови облепени со порозен печен лепеж и непечен компактно набиен лепеж (СЕ 528 и 537). Имајќи го предвид тоа што јами со обложени ѕидови од лепеж не се евидентирани на ниту една од неолитските тумби во Пелагонија, се отвора прашањето за функцијата и на оваа структура. Исто така, земјанките не се карактеристични за Пелагонија, поради што начинот на користење на градбата 15 во моментов останува нејасен. Секако, не треба да се исклучи можноста дека станува збор за помал елипсовиден стопански објект (амбар или остава), но ваквиот карактер би можел да се потврди или негира откако целосно ќе се истражат јужниот и западниот дел на градбата 15.

Што се однесува до градбата 18, таа ги следи традициите од претходниот хоризонт. Нејзината основа е обликувана од помали колци (СЕ 8-10, 80, 84 и 503) и ѕидови од непечен лепеж (СЕ 12, 13, 72, 487 и 537), меѓу кои е поставен подот од тенок слој малтер (СЕ 88 и 523), врз кого е присутен и гареж (СЕ 486). Градбата 18 продолжува во јужниот профил на сондата, така што во овој момент е тешко да се одреди нејзината големина и правецот на протегање. Говорејќи за првата фаза од хоризонт II, треба да се издвои уште еден објект чијшто карактер останува недефиниран, колку поради малите димензии толку и поради оштетувањето. Станува збор за градбата 6, која се наоѓа веднаш до источниот ѕид на градбата 4, меѓутоа, нејзината стратиграфска припадност останува нејасна поради значителното оштетување на северниот дел од објектот, направено со ископувањето песок во ’70-тите години од XX век. Таа содржи два слоја непечен и печен порозен лепеж, далеку поразличен од оној на градбата 4, така што во моментот е тешко да се одговори дали таа првично била прилепена за градбата 4 или, пак, претставува само поплочување во празниот простор пред оваа градба, а кој се искористил за основа на објект од следната фаза. Освен двата слоја лепеж СЕ 209, 246 (печен) и СЕ 208, 247 (непечен), регистрирани се и две нивоа на под, СЕ 202 коешто е повисоко од она над градбата 4 и СЕ 565, за кое може да се смета дека е еднакво со оние на градбата 14 и градбата 16. На овој под има и правоаголно распоредени колци кои го даваат обликот на овој објект, така што барем горниот дел од градбата 6 го става во синхрона релација со градбата 14 и градбата 16.

Овие три градби што се наоѓаат над градбата 4, градбата 15 и градбата 18, би ја претставувале втората фаза од хоризонтот II, со тоа што градбата 14 и градбата 16 содржат новини кои не се присутни во претходниот и следниот хоризонт (сл. 4). Станува збор за вкопување канали за ѕидови што ги пробиваат објектите под нив и во кои се всадени поголеми и помали колци и столбови (градба 14: СЕ 49, 57, 443, 518 и др.; градба 16: СЕ 529 и 544). Благодарение на овој технолошки пристап, може полесно да се рагистрира габаритот на објектите, иако, за жал, остатоци од подовите или ѕидовите не се евидентирани (освен во многу мала мера). Тоа значи дека тие биле целосно остранети, односно нивелирани, кога се поставувале основите за изградба на објектот над нив (градба 12). Според сегашните сознанија, габаритот на градбата 14 во голема мера е евидентиран при истражувањата во 2018 и 2019 година и поради тоа нејзиниот јужен и источен ѕид се остранети со цел да се пристапи кон слоевите под неа. Ѕидовите на овој објект се помасивни во однос на градбата 16, иако таа и нејзината основа треба да се доистражат во следната археолошка кампања, бидејќи делумно се наоѓаат под градбата 12 и градбата 8, а исто така влегуваат и во северниот профил.

Следната, трета фаза во хоризонтот II, ја сочинуваат градбата 3 и градбата 12, кои се подигнати веднаш над градбата 14 и градбата 16. Градбата 12 во голема мера ги содржи истите карактеристики како и градбата 4, односно колци кои ја формираат основата (СЕ 218, 221-223, 485 и 536), под (СЕ 484, 506, 539), седимент (СЕ 488, 498 и 538), како и печен лепеж врз него (СЕ 89, 472, 476 и 505). Освен една неолитска јама (СЕ 483), во овој објект не се констатирани структури за чување и подготвување храна, што се должи на неговото значително оштетување од средновековните јами. Веднаш до неа се наоѓа градбата 3, која првично е евидентирана при истражувањата во ’80-тите години,15 а делови од неа се откриени и во последната археолошка кампања. Таа се протега кон јужниот профил и од неа се регистрирани колци (СЕ 562 и 563), под (СЕ 561), седимент (СЕ 495) и печен лепеж врз него (СЕ 492 и 564). Според констатираните карактеристики, градбата 3 и градбата 12 се последните објекти во неолитската стратиграфија во кои се присутни ѕидови од печен лепеж, со што се дефинира и последната фаза од хоризонтот II.

Хоризонт III

Во последниот неолитски хоризонт III повторно доминираат објектите од непечен лепеж, како што се градбата 8, градбата 9, градбата 13 и градбата 17. Со оглед на тоа што тие се наоѓаат во најгорните неолитски слоеви нивната зачуваност е помала, иако постојат доволно елементи да се одредат елементарните архитектонски обележја. Градбата 13 е најмалку зачувана и од неа се регистрирани колци (СЕ 93-95) и седимент, односно остатоци од ѕидови од непечен лепеж (СЕ 29, 71 и 493). Поголемиот дел од неа навлегува во јужниот профил на сондата, така што таа се наоѓа веднаш над градбата 3. Во слична мера е регистрирана и градбата 9, која со поголемиот дел влегува во северниот профил, односно на другата страна од сондата. Имајќи го предвид тоа што најголемиот дел од неа треба да се истражи во следните археолошки кампањи, евидентирани беа единствено основата на нејзиниот јужен ѕид (СЕ 500) и елементи од ѕидот од непечен лепеж (СЕ 499). За разлика од градбата 13 и градбата 9, градбата 8 се наоѓа меѓу нив и содржи многу повеќе елементи, и покрај тоа што сите три објекта се наоѓаат во иста стратиграфска фаза. Регистрирани се колци од неа што го формираат габаритот, но и ѕидот (СЕ 41, 481, 497, 517 и 519), потоа под (СЕ 31, 156, 332 и 479) и седимент, односно непечен лепеж (СЕ 65, 78, 166, 185, 442 и 504). Под лепежот, т.е. над подот, откриени се еден сандак (СЕ 480), како и мелница со аван (СЕ 489), а коишто укажуваат на активностите поврзани со чувањето и подготовката на храна во овој објект.

Веднаш над него се регистрирани елементи на под (СЕ 482 и 491), мелница врз подот, како и седимент, односно остатоци од ѕидови од непечен лепеж (СЕ 449 и 463). Овие елементи се номинално дефинирани како градбата 17, меѓутоа, во моментов не е јасно дали станува збор за издвоен објект или само само за нова фаза, односно обновување на градбата 8. Во текот на следните археолошки кампањи, поточно, ќе се утврди нејзиниот стратиграфски карактер во овој дел, а којшто се наоѓа во квадранти каде треба да се документираат и остранат преостанатите антички/средновековни слоеви. На тој начин ќе се регистрираат и повеќе елементи од оваа последна фаза на неолитската населба, со што ќе се добие потемелна слика за нејзините крајни етапи. Со претставувањето на оваа градба би се сумирала архитектонската стратиграфија на неолитската населба на Врбјанска Чука, а која, како што може да се забележи, е прилично комплексна. За да се добие подобар увид во хронолошкиот распоред на наведените градби, ќе се направи преглед и на новите дати добиени од радиокарбонските и липидските анализи, а потоа на анализите на семиња и мастите во керамичките садови откриени во неколку фази на локалитетот.

Радиокарбонски анализи и хронологија на населбата

Една од целите на археолошките истражувања на локалитетот Врбјанска Чука е да се одредат точните хронолошки рамки од почетокот до крајот на неолитската населба, а секако и на хоризонтите што ѝ припаѓаат на доцната антика и средниот век. Веќе беше направено датирање на локалитетот, но тоа се концентрираше само на една градба од хоризонтот I.16 За да се добие поширока хронолошка слика за неолитската населба, во последните археолошки кампањи се земаа примероци од повеќе фази и градби. За разлика од претходното датирање на Врбјанска Чука, тековните радиокарбонски анализи не се правеа само на семиња од житарки туку и на остатоци од масни киселини (липиди) во садовите.17 Семињата и масните киселини не случајно се преферираа за анализирање, бидејќи станува збор за сезонска храна која го дава точното време на користење, наспроти јагленот кој може да се однесува на дрво дури и стотина години постаро од времето на неговото користење во населбата.

Примероците беа испратени на радиокарбонски (С-14) анализи во лабораториите на универзитетите во Севилја и Бристол, при што се добија одлични резултати за најстарата, средната и последната фаза на неолитската населба. Овие дати потоа се калибрираа во програмата OxCal 4.3 на Оксфордската единица за акцелерација на јаглерод и потоа заедно со претходните дати се ставија во хронолошка секвенца која ја дава првата целосна временска рамка на локалитетот (сл. 8). Секако, за уште подобар преглед во хронолошкиот распон и фазите на населбата потребни се повеќе радиокарбонски анализи, поради што се земаа повеќе примероци и во текот на ископувањата во 2019 година. Сепак, и тековните 7 неолитски, 1 средновековна и 1 современа дата овозможуваат релативно добар увид во хронологијата на локалитетот.

Најстарата дата од Врбјанска Чука потекнува од подот на градбата 2 (сл. 9а). Примерокот CNA-4704 има лабораториска вредност 7036 BP со стандардна девијација од ±36 години, додека нејзиното калибрирање одредува календарско време меѓу 5996 и 5844 CalBC со 95.4% веројатност. Според показателите на графиконот поврзан со анализата на овој примерок, пикот на кривата укажува на 5975 BC ±36 како најверојатна година за семето од трнинка во градбата 2. Следниот примерок (CNA-4703), кој му припаѓа на зрно грашок, е пронајден во истиот објект и има лабораториска вредност од 7030 BP и стандардна девијација од ±37 години (сл. 9б). Калибрацијата на датата дава временски распон меѓу 5999 и 5840 CalBC со 95.4% веројатност, додека хронолошкиот пик ја определува 5970 CalBC ±37 како најверојатна година. И следната дата добиена од лабораторијата при Универзитетот во Севилја е поврзана со градбата 2. Примерокот CNA-4706 припаѓа на зрно од пченица и има лабораториска вредност 6976 BP и ±36 години стандардна девијација (сл. 8). Калибрацијата на оваа дата определи две хронолошки рамки, од кои едната се движи меѓу 5978 и 5947 CalBC со 95.4% веројатност. Поради тоа, пикот за оваа рамка ја сугерира датата 5960 BC ±36 како најверојатна. Според приложените дати од градбата 2, може да се смета дека таа била активна околу 6000 година пр. н.е, додека натамошното нејзино датирање би укажало и на тоа во колкав период таа се користела.

Сл. 8. Хронолошки преглед на датите од Врбјанска Чука (изработка и калибрација: Гоце Наумов).
Сл. 8. Хронолошки преглед на датите од Врбјанска Чука (изработка и калибрација: Гоце Наумов).

Што се однесува до најгорните слоеви на населбата, датирани се два примероци, еден во седиментот, т.е. разрушените ѕидови од лепеж во градбата 8 и другиот во вкопаниот канал за источниот ѕид на градбата 14. За разлика од останатите дати, датата за градбата 8 е добиена од екстракција на примерок од масните киселини зачувани во неолитските садови, и тоа со помош на анализа во лабораторијата на Универзитетот во Бристол.18 Овој примерок (BRAMS 2838) има лабораториска вредност од 6839 BP и стандардна девијација ±47, додека калибрацијата определува временска рамка меѓу 5813 и 5640 Cal BC со 95.4% веројатност на сигма опсегот и пик околу 5725 BC ±47 години (сл. 10а). Последната дата добиена од Универзитетот во Севилја припаѓа на контекст од објект којшто е вкопан во градбата 2. Се работи за примерок од грашак (CNA 4705) пронајден во градбата 14, чиишто канали за ѕидови се вкопани во градбата 2, градбата 4 и градбата 15 (сл. 10б). Лабораториската вредност изнесува 6824 ВР со стандардна девијација од ±35 години и калибриран хронолошки распон меѓу 5762 и 5640 Cal BC. Нејзиниот пик ја определува датата 5720 BC ±35 како веројатна, што е многу блиску до крајните етапи на населбата.

Сл. 10. Графички приказ на датата добиена од примероците CNA 4705 и BRAMS 2838 (изработка и калибрација: Гоце Наумов).
Сл. 10. Графички приказ на датата добиена од примероците CNA 4705 и BRAMS 2838 (изработка и калибрација: Гоце Наумов).
Сл. 9. Графички приказ на датата добиена од примерокоците CNA 4703 и CNA 4704 (изработка и калибрација: Гоце Наумов).
Сл. 9. Графички приказ на датата добиена од примерокоците CNA 4703 и CNA 4704 (изработка и калибрација: Гоце Наумов).

Доколку се споредат датите од градбата 14 и градбата 8 тие се многу блиски, иако припаѓаат на објекти од различни фази. Но во овој случај битно е да се земат предвид стандардните девијации и на двете дати кои би можеле да се однесуваат на периоди меѓу четириесет и осумдесет години разлика, така што неопходни се уште примероци за радиокарбонски анализи од овие објекти со цел да се определи нивнатата точна старост. Тука треба да се споменат и датирањата на Врбјанска Чука направени во претходните археолошки кампањи (ВЕ -8236 и ВЕ-8235), а кои сосема се вклопуваат со оние што се погоре приложени.19 На тој начин може да се направи и првата хронолошка секвенца за неолитската населба на Врбјанска Чука, со што се определува временскиот распон на нејзиното егзистирање во периодот меѓу 6000 и 5700 год. пр. н.е. (сл. 8). Доколку кон ова се приложат и калибрираните дати од средновековниот и современиот примерок (907 - 1119 год. н.е., односно 1959 - 1986 год. од н.е.), на некој начин се добива и првична хронологија за целиот локалитет. Оттука може да се заклучи дека неолитската населба на Врбјанска Чука била активна во првата четвртина на VI милениум пр. н.е., средновековната некропола во периодот меѓу X и XII век од н.е., додека античката фаза засега се определува единствено преку археолошкиот материјал меѓу I и IV век.20

3Д моделирање на археолошката сонда и неолитските структури

Покрај стандардното документирање на локалитетот, во археолошката сонда се изврши теренско и воздушно фотодокументирање, со примена на скенер базиран на инфра црвена светлина и се моделираше со примена на техника на фотограметрија (IBM - image based modeling). На тој начин е создадена документација со исклучително висок квалитет, документација којашто може да се користи за анализи и истражувања во виртуелен простор, преку детален преглед на тумбата и увид во археолошките контексти, после теренската работа. Така беа добиени просторно коректни информации за распоредот на објектите во истражениот простор, но исто така и за одредени стопански објекти во нив. Во оваа пригода накратко ќе бидат образложени методите и резултатите од тродимензионалното скенирање и моделирање и потенцијалите за нивна примена при кабинетското истражување, но и во рамките на презентацијата на неолитското културно наследство.

Целиот истражен простор беше документиран со скенер базиран на инфрацрвена светлина со којшто беше создаден интерактивен и виртуелен модел во кого посетителот може да се движи и да го ротира (сл. 11). За таа цел сондата беше скенирана од повеќе позиции, така што ласерот беше поставуван на повеќе места со меѓусебно растојание од 1,5 m. На тој начин се доби можност за создавање илустрација од 360°, а која натамошно може да се ротира или зумира во зависност од намената. Високата резолуција на илустрацијата овозможува и движење низ неа, односно виртуелна тридимензионална тура со која може да се посетуваат сите делови на сондата и контекстите да се разгледуваат, проучуваат и дебатираат исто како и за време на теренската работа. Исто така, со примена на VR очила истата илустрација може да се ползува и за дигитална презентација на локалитетот пред поширока публика во различни пригоди. Во прилог на тоа е и тагирањето на одредени градби и структири во сондата преку кои посетителите на виртуелниот модел може да се запознаат со основните карактеристики на локалитетот и откриените градби.

Како дел од сложената мултидисциплинарна методологија на истражување беа направени неколку теренски фотографии и снимања од воздух со беспилотно летало - дрон. Користејќи ги овие податоци и податоците за квадратната мрежа на локалитетот, со примена на фотограметријата беа генерирани тридимензионални модели со умерено и високо ниво на детали. Дополнително, беа генерирани и ортофото фотографии со висока резолуција и висински модели за истражуваниот простор, како и за структурите СЕ 49 и СЕ 322 констатирани во градбата 2 (сл. 12). И покрај тоа што недостасуваа ажурирани просторни податоци добиени преку снимање со тотална станица, сепак, хоризонталните и вертикалните деформации кај моделите мерени врз метарски скали беа апсолутно занемарливи (помалку од 1 cm). Освен овие резултати (сл. 13), беа тестирани и можностите за користење на добиените податоци во напредни просторни анализи (хоризонтални и вертикални пресеци кои сечат низ различни појави на различни места и височини, исто така, моделирање на оптимален пат, анализи на видливост, моделирање на поплавувување) (сл. 14). Сето ова беше направено како обид да се најде соодветен методолошки пристап кој би можел да ги опфати сите аспекти на релативно комплексниот археолошки локалитет, од ископувањата и документацијата, преку истражувањето и заштитата и, конечно, до соодветна презентација. Во тој контекст, секако, се размислува и за примена на технологија на географски информациски системи.

Сл. 11. 3Д модел добиен од скенер базиран на инфрацрвена светлина (изработка: Пенелопа Стаматовска и Зоран Ковачевски).
Сл. 11. 3Д модел добиен од скенер базиран на инфрацрвена светлина (изработка: Пенелопа Стаматовска и Зоран Ковачевски).
Сл. 12. Ортофотографски тридимензионален модел на археолошката сонда (изработка: Христијан Талевски).
Сл. 12. Ортофотографски тридимензионален модел на археолошката сонда (изработка: Христијан Талевски).
Сл. 13. Фотограметриски тридимензионален модел на неолитска печка, сандак и овална структура за мелење жито во Градба 2 (изработка: Христијан Талевски).
Сл. 13. Фотограметриски тридимензионален модел на неолитска печка, сандак и овална структура за мелење жито во Градба 2 (изработка: Христијан Талевски).
Сл. 14. Дигитален елевациски модел на Врбјанска Чука (изработка: Христијан Талевски).
Сл. 14. Дигитален елевациски модел на Врбјанска Чука (изработка: Христијан Талевски).

Заклучок

Овој труд, концентриран на резултатите од ископувањата на Врбјанска Чука во 2019 година, стави акцент на архитектонската стратиграфија во неолитската населба и нејзината хронологија, како и на 3Д скенирањето и моделирањето на сондата и ентериерните структури. Сепак, покрај теренската работа на Врбјанска Чука во 2019 година, исто така се истражуваа разни сегменти од локалитетот и материјалот. Тимовите од Универзитетот во Келн, Универзитетот во Базел, Институтот Биосенс и Принципат работеа на проучување на градежните техники регистрирани во лепежот, обработка на податоците од геофизичкото скенирање на соседните тумби и изведуваа археозоолошки, археоботанички и липид анализи. Некои од овие истражувања cè уште се во тек, додека други се веќе публикувани и даваат темелен увид во секојдневниот живот на заедницата во оваа неолитска населба.21

Имајќи го предвид обемот на материјалната култура, таа не е вклучена во оваа пригода. Садовите, фигурините, моделите, жртвениците и алатките пронајдени во оваа кампања не се значително различни од претходните ископувања, така што утврдени се истите карактеристики, публикувани во повеќе пригоди.22 Керамиката ја има вообичаената типологијата за групата Велушина-Породин во Пелагонија,23 освен големото производство на фина керамика со мали брадавичести апликации и црно обоени линии.24 Белото сликање на садовите исто така е откриено во неколку контексти, и тоа со орнаменти слични на оние на садовите во Оптичари и Велушка Тумба во централниот дел на Пелагонија.25 Бројот на фигурини, модели и жртвеници пронајдени во 2019 година е помал, бидејќи ископувањето беше повеќе фокусирано на нови квадрати каде што поголемиот дел од теренската работа се концентрираше на подоцнежните слоеви, односно римските и средновековните хоризонти. И овие предмети ги содржат стандардните обележја на Велушко-породинската културна група,26 иако постојат одредени карактеристики специфични за оваа населба, како што се стилизирањето на човечкото тело кај фигурините, минимизирање на антропоморфните елементи на цилиндрите специфични за моделите на куќи и перфорации во жртвениците.

Во доменот на архитектурата може да се истакне тоа што во 2019 година, покрај ископувањето на тековните градби, се направи ревизија на сите регистрирани објекти во кампањите од ’80-тите години од XX век, како и последните четири години. Може да се потврди дека се откриени елементи на 17 градби во сите неолитски слоеви, и тоа на простор од 20 х 30 m. Тоа значи дека и покрај релативно ниската неолитска стратиграфија од 1,10 m, присутни се најмалку 6 слоја објекти градени еден врз друг, што го потврдува динамичниот живот во оваа неолитска населба. Тука треба да се истакне тоа што меѓу слоевите не се присутни седименти формирани од катастрофални геолошки појави, па затоа може да се констатира дека животот во населбата се одвивал континуирано без нејзино напуштање. Што се однесува до карактеристиките на архитектурата, тие се вообичаени за македонскиот и балканскиот неолит,27 со тоа што може да се издвојат неколку основни видови објекти: градби со ѕидови од непечен лепеж, градби со ѕидови од печен лепеж, градби со вкопани канали за темелите на ѕидовите и градби вкопани во ѕемја и облепени со тенок слој на непечен и печен лепеж. За архитектурата во Врбјанска Чука особено е карактеристично тоа што градбите изобилуваат со мноштво внатрешни структури, а како поспецифична може да се издвои една од најголемите во македонскиот неолит, т.е. градбата 2 со димензии 10 х 13 m и со дури 12 конструкции од лепеж во неа (печки, сандаци, корита и овални структури за мелење жито).

Споредувајќи ја со другите локалитети во регионот, Врбјанска Чука има компоненти кои се веќе познати за неолитските населби, но исто така и некои обележја што се специфични за овој локалитет. Очигледно е дека имало динамични општествени процеси, но не толку интензивни за да се оствари континуитет од еден или повеќе милениуми како оној на некои поголеми тумби на Балканот. Досегашните радиокарбонски анализи на повеќе слоеви од неолитската населба укажуваат дека таа била активна во период од околу 250 - 300 години, односно од 6000 до 5700 год. пр. н.е. Со својата приближна висина од 4 m (делумно формирана и од геолошките процеси во неогенот) и културни хоризонти од приближно 2 m, оваа тумба имала живописно општество во неолитот, но потоа на неа немало активност од неколку илјади години до основањето на римските населби во регионот. Оваа тумба во неолитот е синхрона со поголемиот дел од истражуваните тумби во Пелагонија и имала општествени врски со оние кај Породин, Могила, Оптичари и Тополчани,28 но и со некои од регионите во Полог, Охрид и Корча, како што се тумбите кај Стенче, Брвеница, Долно Трново, Подгори, Ваштеми итн.29

По огромниот јаз од пет милениуми, Врбјанска Чука повторно станува активен локалитет, најверојатно како римска вила рустика, а подоцна и како средновековна некропола и простор за складирање со бројни јами. Оваа разноликост на неолитски, антички и средновековни слоеви укажува дека тумбата била атрактивна за земјоделските заедници во различни ери, но не се фаворизирала од халколитот до ширењето на Римската Империја.30 Откривањето и ископувањето на соседните тумби укажува на постоење предисториски населби во близина на напуштената Врбјанска Чука.31 Тековното истражување на Врбјанска Чука, како и идните ископувања на соседните локалитети, ќе дадат темелни одговори за овие економски или симболички врски меѓу населбите во кои живееле првите земјоделци во северниот дел на Пелагонија и кои иницирале значајни општествени промени со нивната дисперзија низ котлината, но и пошироко.

Благодарност

Авторите би сакале да им се заблагодарат на следните личности за нивната помош и соработка во текот на теренското и кабинетското истражување на Врбјанска Чука: Благоја Атанасоски, Бранислав Ристески, Злате Коруноски, Дени Георгиев, Иван Сарашов, Јелена Спиревска, Христијан Петровски, Андреј Мачковски, Феран Антолин, Раул Сотерас, Дуња Иванова, Катерина Станковска, Гоце Бојкоски, Кирил Јандреоски, Никол Хјуит, Вида Гузмиќ и Иван Слипчевиќ.

Белешки

  1. Китаноски Б., 1989; Миткоски А., 2005; Наумов Г. и др. 2016; Наумов Г. и др. 2018; Naumov G. et al. 2018а; Naumov G. et al. 2018b; Naumov G. et al. 2021. ↩
  2. Наумов Г. и др. 2018: 256, 262. ↩
  3. Naumov G. et al. 2021. ↩
  4. Наумов Г. и др. 2018, 258-260; Naumov G. et al. 2018a, 40-42; Наумов Г., 2020, 204-210. ↩
  5. Naumov G. et al. 2018а. ↩
  6. Antolin F. et al. 2020. ↩
  7. Наумов Г. и др. 2018, 260-262; Naumov G. et al. 2021, 10-11. ↩
  8. Арсовски M., 1991, 3-14; Наумов Г. и др. 2018, 256-257. ↩
  9. Наумов Г. и др. 2016, 354. ↩
  10. Наумов Г. и др. 2018, 262-264. ↩
  11. Kitanoski B. et al., 1990, 107-108; Миткоски A., 2005, 35-37; Mitkoski A., Naumov G., 2007, 9; Наумов Г. и др., 2018, 281. ↩
  12. Mitkoski A., - Naumov G., 2007, 9; Naumov G., 2013, 75; Naumov G., 2020, 118. ↩
  13. Naumov G., et al. 2021, 14. ↩
  14. Naumov G., et al. 2021, 12. ↩
  15. Миткоски A., 2005, 38. ↩
  16. Наумов Г. и др. 2018, 262-264. ↩
  17. Наумов Г. и др. 2018, 262-264; Naumov G. et al. 2021, 11-13; Stojanovski D. et al. 2020, 5. ↩
  18. Stojanovski D. et al., 2020, 5. ↩
  19. Наумов Г. и др. 2018, 262-264. ↩
  20. Наумов Г. и др. 2018, 258-260. ↩
  21. Naumov G. et al. 2021; Antolin F. et al. 2020; Stojanovski D. et al. 2020; Mazzucco N. et al. in press. ↩
  22. Наумов Г. и др. 2016, 350-351; Наумов Г. и др. 2018, 268-275; Naumov G. et al. 2021, 18-24. ↩
  23. Симоска Д. и Санев В. 1976; Санев В., 1995, 29-45; Фиданоски Љ., 2009: 114-147. ↩
  24. Naumov Г., 2020, 119. ↩
  25. Симоска Д. - Кузман П., 1990, 65-66; Симоска Д. - Санев В., 1975, 54, 59. ↩
  26. Темелкоски Д. - Миткоски А., 2005: 48-55; Чаусидис Н. - Наумов Г., 2011; Наумов Г. 2015. ↩
  27. Санев В., 1994, 29; Bailey D.W., 2000, 42-57; Толевски И., 2009, 60-64; Souvatzi С., 2008, 64-91; Стојанова Канзурова Е., 2011, 36-49; Naumov G., 2013, 66’72. ↩
  28. Grbić M. i dr. 1960; Симоска Д. - Санев В., 1975; Китаноски Б., 1978; Симоска Д. и др. 1979; Симоска Д. - Кузман П., 1990; Наумов Г., 2016. ↩
  29. Korkuti М., 1995; Здравковски Д., 2005; Bunguri А., 2014; Абази Љ. - Толевски И., 2019; Кузман П., 2017. ↩
  30. Наумов Г., 2020, 204-210. ↩
  31. Наумов Г. и др. 2016, 354-356; Наумов Г. и др. 2017, 12-20; Naumov G. et al 2021, 6-10. ↩

Summary

Research on the Vrbjanska Chuka Site at Slavej in 2019

This paper, focused on the results of the excavations of Vrbjanska Chuka in 2019, emphasizes the architectural stratigraphy in the Neolithic settlement and its chronology, as well as the 3D scanning and modeling of the trench and the interior structures. However, in addition to the fieldwork on Vrbjanska Chuka in 2019, various segments of the site and material were also explored. Teams from the University of Cologne, University of Basel, Biosense Institute and Pryncipat worked on the construction techniques recorded in the daub, processed the geomagnetic scanning data from neighboring tells and performed archaeozoological, archaeobotanical and lipid analyzes. Some of this research is still ongoing, while some have already been published and provide a thorough insight into the daily life of the community in this Neolithic settlement.

Given the scope of material culture, it is not included in this occasion. The vessels, figurines, models, altars and tools found in this campaign are not significantly different from previous excavations, so the same features have been identified and were published on several occasions. The pottery has the usual typology for the Velushina-Porodin group in Pelagonia, except for the large production of fine pottery with small nipple applications and black colored lines. The white painting of the vessels has also been discovered in several contexts, with patterns similar to those of the vessels in Optichari and Velushka Tumba in the central part of Pelagonia. The number of figurines, models and altars found in 2019 is lower, because the excavation was more focused on the new quadrants where most of the fieldwork was concentrated on the later layers, i.e. the Roman and Medieval horizons. These objects also contain the standard features of the Velushina-Porodin cultural group, although there are certain features specific to this settlement, such as the stylization of the human body among figurines, minimization of anthropomorphic cylinder elements specific to house models, and perforations in the altars.

Regarding the architecture, it can be noted that in 2019, in addition to the excavation of the current buildings, a revision was executed to all recorded buildings unearthed in the 1980’s campaigns and to those from the last four years. It can be confirmed that elements of 17 buildings were discovered in all Neolithic strata, in an area of 20 x 30 m. This means that despite the relatively low Neolithic stratigraphy of 1.10 m, there are at least 6 layers of buildings built on top of each other, which confirms the dynamic life in this Neolithic settlement. It should be noted that there are no sediments between the layers created by catastrophic or intensive geological phenomena, so it can be concluded that the life in the settlement was continuous without disruptions. As for the architectural features, they are common for the Macedonian and Balkan Neolithic, with several basic types of buildings: buildings with burnt walls, buildings with unfired daub walls, buildings with dug channels for the foundations of walls and buildings dug into the ground and plastered with a thin layer of burnt and unfired daub. The architecture in Vrbjanska Chuka is especially recognized by the buildings with a multitude of internal structures, like Building 2 with dimensions of 10 x 13 m that has as many as 12 constructions made of clay in it (ovens, bins, tubes and oval structures for grinding grain).

Comparing it with other sites in the region, Vrbjanska Chuka has components that are already known for the Neolithic settlements, but also some features that are specific to this site. It is apparent that there were dynamic social processes, but not so intense as to achieve continuity of one or more millennia, typical for some larger tells in the Balkans. The radiocarbon dating of several layers of the Neolithic settlement indicate that it was active for a period of about 250-300 years, i.e. from 6000 to 5700 BC. With its approximate height of 4 m (partly formed by geological processes in the Neogene) and cultural horizons of approximately 2 m, this mound had a picturesque Neolithic society, but then there was no activity for several thousand years until the founding of Roman settlements in the region. This site is synchronous with most of the excavated Neolithic tells in Pelagonia and had social connections with those in Porodin, Mogila, Optičari and Topolchani, but also with some of the regions in Polog, Tikvesh, Ohrid and Korçë, such as the tells near Stenche, Brvenica, Begovo Pole, Dolno Trnovo, Podgori, Vastëmi etc.

After a huge gap of five millennia, Vrbjanska Chuka becomes an active site again, most likely as a Roman villa rustica, and later as a medieval necropolis and storage area with numerous pits. This diversity of Neolithic, Classical and Medieval strata indicates that this tell was attractive to agricultural communities in different eras, but was not favored from the Chalcolithic to the expansion of the Roman Empire. The discovery and excavation of the neighboring tells indicate the existence of prehistoric settlements near the abandoned Vrbjanska Chuka. Ongoing research on Vrbjanska Chuka, as well as the future excavations at the neighboring sites, will provide thorough answers to these economic or symbolic links between the settlements inhabited by the first farmers in northern parts of Pelagonia that initiated significant social change with their dispersion across the valley and abroad.

Библиографија