Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 505–506
Јован Кондијанов (1955 - 2020)
Во 66-тата година од животот почина нашиот колега Јован Кондијанов, нумизматичар во Археолошкиот музеј на Македонија. На прагот од неговото заминување во пензија, не успевајќи да ги дочека толку очекуваните мирни пензионерски денови, ненадејно замина од овој свет.
Јован Кондијанов е роден во Скопје, средно и високо образование завршил во родниот град. По дипломирањето на Филозофскиот факултет, група Историја на уметност со археологија, се вработил во Музејот на Македонија, а по поделбата во Археолошкиот музеј на Македонија. Во периодот од 2000 - 2002 ја извршуваше функцијата директор на Републичкиот завод за заштита на споемниците на културата, сега Национален конзерваторски центар - Скопје.
Јован Кондијанов ќе остане запаметен по неговиот пионерски придонес во развојот на македонската нумизматика и музеологија. Како специјалист за средновековна нумизматика, беше еден од основачите и уредниците на единственото нумизматичко списание кај нас - Македонскиот нумизматички гласник. Во 1999 година учествуваше во основањето и на првиот Нумизматички кабинет при Музејот на Македонија. Јован Кондијанов беше член на Комисијата за нумизматика при Народната банка на Република Македонија од 1999 до 2002 година, a тој е еден од авторите на провремената, а потоа во 2002 година и на првата постојана поставка во Музејот на Народна банка. Учесник е во бројни музејски проекти, автор во повеќе нумизматички изложби (Парите и историјата, Парите на тлото од Македонија), проекти и истражувања (наоди на монети од лакалитетите Скопско Кале, Исар - Струмица, Стоби - Градско и др.). Автор е на значајни научни и стручни трудови и каталози од областа на средновековната нумизматика, а дел од нив имаат посебно место во развојот на македонската нумизматика како наука и професија (од позначајните трудови треба да ги споменеме: Прилог за упадот на Кутригурите на територијата на Илирик во 540 година; Le trézor de поставка на Народната банка и др.). Секогаш пристапен и отворен, помогна во насочувањето и формирањето на повеќемина нумизматичари од новата генерација.
Јован Кондијанов ќе остане запаметен не само по неговата работа и неизбришливиот стручен и општествен придонес, туку и по својот човечки лик - честопати несфатен поради несекојдневниот поглед на животот. Тие што го познаваа ќе се сеќаваат на неговите забавни раскажувања, луцидни мисли, идеи и интересни ставови, честопати надвор од очекуваните клишеа и конформизам. Низ животот се соочуваше со бројни неочекувани ситуации, повремено и со непријатни настани, непризнаени заслуги и нанесени неправди, кои му го отежнуваа ритамот на животот, оневозможувајќи го да го минува времето на еден за него посебен но едноставен начин.
Се надеваме дека Јован Кондијанов конечно го најде вистинскиот мир, по негова мерка, таков по каков што трагаше целиот негов живот.
Почивај во мир колега.
Перо Јосифовски