Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 501–503

Проф. д-р. Иван Микулчиќ (1936-2020)

УДК 903:929DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123501ot

Илустрација, стр. 501

На 26 јуни 2020 година стигна жална вест дека заврши животниот пат на професорот Иван Микулчиќ. Роден е во 1936 година во Инѓија, живописното сремско градче во Србија, во семејство од кое наследил многу доблести за исполнет и успешен живот. Високото образование го стекнал на Филозофскиот факултет во Белград, каде на групата за археологија дипломирал во 1958 и докторирал во 1965 година. Професијата археолог ја започнал со голема посветеност како кустос во музеите во Битола и Штип и во Археолошкиот музеј во Скопје, каде ги создавал музејските збирки и изведувал археолошки теренски истражувања. Од 1969 година до пензионирањето беше професор на Филозофскиот факултет во Скопје, на катедрата за Историја на уметност и археологија. Професорот Иван Микулчиќ е дел од генерацијата археолози заслужни за создавањето и развојот на македонската археологија и нејзина меѓународна афирмација, а неговото место во тоа е едно од водечките. За професорот може да се искажат многу работи. Имаше живот исполнет со неуморност во проучувањето во многу области од археологијата. Професорската професија му овозможи да се посвети на едукацијата на многу генерации студенти на кои им ги пренесуваше спецификите, тајните и задоволствата што ги пружа археологијата, а неговата теренска работа беше исполнета со учество во многу археолошки домашни и странски истражувања. Особено е значајно неговото студиозно и континуирано откривање на локациите на разни археолошки наоѓалишта на целата територија на државата, што претставува огромен придонес во првото формирање на археолошката карта на Македонија. Тие податоци и сознанија станаа водич за сите следни понатамошните истражувања.

Професорот Микулчиќ беше проучувач на археолошките локалитети од разни историски периоди - праисторијата, антиката и средниот век. За проблематиките поврзани со разните конекции на праисториските цивилизации понуди решенија во многу стручни текстови, како во монографијата Пелагонија од егејската преселба до времето на Август. Заслужен е за изработка на хронолошкиот систем на железното време кај нас, вклопен во балканските видувања за таа проблематика. Од голем интерес за професорот беа речиси сите региони во Македонија, со проучувања на праисторијата и раната антика: Пелагонија, Полог, Повардарието, Брегалница, особено проблемите поврзани со Пајонците, при што работејќи во повеќегодишниот научноистражувачки проект „Стари градови и тврдини во Средното Повардарје“ постави значајни тези претопени во низа публикации. Од периодот на раната антика за одбележување се и истражувањата на локалитетите Бразда и Студеничани кај Скопје, посветени на пајонските агријани. Од античкиот период во Македонија истражувањата на бројни населби, градови, некрополи и региони, се содржат во голем број научни трудови на професорот, при што особено е значајна големата публикација Антички градови во Македонија. Во студијата Средновековни градови и тврдини во Македонија сеопфатно е содржан средновековниот период, кој како долгогодишен проект беше реализиран и публикуван од МАНУ. Овие две публикации веќе неколку децении се и ќе бидат запаметени по студиозно класифицираниот и научно интерпретиран огромен материјал. Предизвикот што повеќеслојното Скопско Кале го нуди во археологијата беше предмет на интерес на професорот во неговите теренски и кабинетски проучувања. Професор Микулчиќ е особено заслужен за топографијата, историјата и урбанизмот на римскиот град Скупи и е прв истражувач на некрополите на градот, што резултирало Музејот на град Скопје да го приготви првото изложбено претставување на богатиот археолошки материјал од овој антички град. Бројни се текстовите на професорот поврзани за градот Скупи и скопската котлина, од кои одамна издадената монографија Скопје и околните тврдини е сéуште неисцрпен извор на податоци. Како долгогодишен истражувач и проучувач на нашиот најпознат и најистражен археолошки локалитет Стоби, тој е автор на бројни текстови, од кои обемната монографија Стоби, антички град зазема посебно место. Исто така, автор е и на монографиите Хераклеја Линкестис, Античките градови на Брегалница, како и студијата за Стибера, кои се дел од низата трудови приготвени за македонските антички градови. Доцната антика зазема посебно место во проучувањата на професорот, така што проблемите со фортификациите, како и ранохристијанските цркви се многу пати презентирани во странски стручни списанија. Македонската археологија ќе остане благодарна за неговата капитална студија Spätantike und Frühbyzantische Befestigungen in Nord Makedonien, städte - vici - refugien - kastelle, издадена од Баварската Академија на науките. Големо значење за археологијата во Македонија одиграа проучувањата на професор Микулчиќ за одделни видови предмети, специфични за одредени култури и периоди, со што се поставија значајни научни тези. Покрај севкупните археолошки сознанија за многубројните локалитети од целата држава, во сите негови текстови е исцрпно прикажан историскиот момент, за кој професорот беше познат како ретко добар познавач. Богатото научно творештво на професор Микулчиќ отвори пат во проучувањата на генерации археолози во Македонија.

Генерациите студенти ги следеа предавањата на проф. Микулчиќ внесени во специфичноста на бескрајните раскажувања, каде на секоја тема тој внесуваше безброј податоци, теренски и академски искуства, оригиналност и свежина, така што ме радуваат убавите спомени за него кај неговите бројни студенти. Тој беше спремен да даде сугестија, совет, помош, па, и едноставен пријателски поздрав секому кој беше волен да ги прими. Она што сега ме обзема е пријатната мисла дека во секоја моја средба на бројните консултации со него, покрај стручност и професионалност, професорот наоѓаше начин да внесе и родителска срдечност.

Професор Иван Микулчиќ беше дел од генерацијата археолози заслужни за воведување и развој на археолошката наука во Македонија. Неговиот придонес за проширувањето на македонската археологија на меѓународен план е огромен, кое го потврдува изборот за дописен член на Археолошкиот институт на Германската академијата на науките во Берлин и ја покажува беспрекорната научна спремност на професорот. За жал на македонската научна јавност, професорот не дочека да биде дел од највисоката академска институција во Македонија, место кое одамна го беше заслужил. Неговата посветеност, стручност и предаденост во работата ќе останат инспирација на колегите кои го продолжуваат проучувањето на македонската археологија. Тој беше голем човек, од него извираа сестраност и ерудиција, го сакаше и почитуваше семејството, ќе остане запаметен по својата посветеност на науката и образованието.

Последен поздрав професоре.

Марина Ончевска Тодоровска