Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 487–499
Примена на ГИС технологија во документирањето и проучувањето на недвижното археолошко наследство
Содржина
Географскиот информациски систем (ГИС) е многу практичен инструмент кој нуди неограничени можности за приспособување според потребите. Добро е познато и тоа дека ГИС претставува систем за поврзување на алфанумерички и мултимедијални податоци во многу погодна форма за презентирање. Тој овозможува голема количина информации од различен вид да бидат лесно достапни, лесни за надградување, изменување и презентација, како и исклучително компатибилни со различен софтвер.
Преку користење иновативни напредни и најдобри ГИС практики за дигитална примена во интерактивна и контекстуализирана средина се нуди можност за создавање повеќенаменски и иновативен производ лоциран во виртуелен простор.1 Иновативен од аспект на визуелните, естетските и креативните искуства стекнати преку користењето на платформата. Во последниве години сведоци сме на постојан растечки тренд во користењето дигитални и квантитативни методи за проучување на развојот на античките градови и нивната околина. Секојдневно станува cè послободен пристапот до големи количини податоци за археолошкото културно наследство како резултат на напредокот во користењето дигитални технологии во комбинација со археолошката интердисциплинарност. Овие бази на податоци често се извонредни во разновидноста на потенцијалите кои ги нудат. Просторните податоци, честопати стекнати со напредни геофизички и методи на снимање од висина, нудат широка слика за археолошките локалитети, не само на регионално ниво туку и на целата нивна комплексност во пошироки географски рамки, како и во контекст на комплексните мрежи на интеракција во кои тие егзистирале.2
Културното наследство нуди огромно поле за иновации со широка и одржлива перспектива за развој. Затоа, преку конзистентни и непрекинати активности неопходно е создавање производ, т.е. систем којшто континуирано треба да се развива и усовршува со цел да се овозможи соодветен современ третман на разновидното и богато културно наследство. Со ова би се надградувал постојниот Информациски систем за културно наследство кој би можел да се интегрира со Регистарот на движно културно наследство. Во прилог на ова треба да се има предвид комплементарноста на базите со податоци, особено со таа во Управата за заштита на културното наследство. Наједноставно кажано, со градењето на Географскиот информациски систем во рамките на проектот DIENDICURE (Digital Environments for Digital Cultural Realities - Дигитални средини за дигитални културни вредности) се понуди еден специфичен иновативен приод (не уникатен) во заштитата и промоцијата на културното наследство.3 Тука се земени предвид и два, во нашата држава релативно занемарени домени на културното наследство, поседувањето силни едукативни и економски потенцијали. Создадената платформа е минимумот што во оваа фаза може да се направи во прилог на стратегијата за развој на културата, поточно, во сферата на археолошкото културно наследство. Ова претставува само еден мал чекор во остварувањето на јасната визија за подигање на свеста за користењето на современите технологии и методологии за соодветен современ третман на археолошкото културно наследство преку користење неинвазивна методологија, затоа што:
Наследството е чувствително, променливо и него секогаш му се заканува опасност.4
Методологија
Во прилог на остварување на една наша заедничка цел и должност за достоен третман на културното наследство преку користење компјутерска технологија и проверена методологија, при создавањето на ГИС платформата за доцноримските урбани центри од Република Македонија беа преземени следните активности распоредени во три фази.5
Во текот на првата фаза се прибираше публикувана пишана, техничка и фотодокументација од археолошките локалитети Скупи, Стоби, Хераклеја Линкестис, Баргала, Големо Градиште кај с. Коњух и Лихнид. Поголемиот дел од публикуваната граѓа беше обезбеден во хартиена форма, а само мал дел, заради недостапност, беше добиен во дигитална форма. Паралелно се пристапи кон примарна дигитализација (скенирање) на документацијата во: *.tiff (изворно) и *.jpg (за интернет потреби) формат во оптимална резолуција од 300 dpi.
Потоа се пристапи кон собирање изворна архивска граѓа (археолошка и архитектонска документација) која се наоѓа во надлежните институции за селектираните археолошки локалитети.6 Изворна археолошка документација во поголем обем беше обезбедена само за археолошките локалитети Хераклеја Линкестис и Баргала, додека во помал обем и, главно, топографски податоци се обезбедени за Скупи и Лихнид.
Дополнително, за геореференцирање, т.е. поставување на самите локалитети на точната географска локација во виртуелна средина автентична на природата, се прибираа и просторни податоци и картографија: мапи и останати документи носители на просторни и географски информации на макрорегионално ниво, топографски карти и топографски податоци (карти, линии, точки, хидрографија и дигитални висински модели) од Агенцијата за катастар на недвижности, публикувани археолошки и географски карти, историски карти, хидрогеолошки, воздушни и сателитски фотографии.7 Како секундарен и далеку подетален извор на просторни информации (приод одбран, меѓу другото, и заради утврдување потенцијални неконзистентности во податоците), се користеа подготвените дигитално-топографски основи во обем на самите локалитети и нивната непосредна околина (тродимензионален висински модел, топографски линии поставени на меѓу растојание од 1 - 3 m и дигитална речна мрежа).8
Сумирано, во првата фаза беше вршена примарна дигитализација на сите релевантни извори на фотодокументација и на просторни информации за локалитетите (техничка документација во облик на мапи, планови, цртежи, аксонометриски проекции, основи, пресеци или изгледи со основни податоци за димензиите, размерот и ориентацијата). Меѓу нив најбројни се податоците преземени од публикуваната библиографија. Не мал дел од податоците, кои, генерално, се поврзани со топографијата, се добиени во дигитален формат.
Во текот на втората фаза, сите локалитети, со исклучок на Големо Градиште кај с. Коњух, за кој беше користена изворна фотодокументација од 2017 година, беа посетени и за сите наменски е направена детална фотодокументација. Преку целосното покривање со фотографии во висока резолуција се создаде солидна фотодокументација како основа за споредбена анализа и констатирање потенцијални несогласувања меѓу фактичката состојба на археолошките локалитети и статусот на конзервацијата, со податоците од примарната дигитализација. Во натамошната работа фотографиите се дополнително обработувани, а со користење на софтверот Image Composite Editor беа создадени панорамски погледи на различни објекти и на делови од нив. Потоа тие беа ставени на соодветен простор на Интернет и за секоја слика постои адреса преку којашто се повикува по потреба.
Во следниот период се пристапи кон секундарна дигитализација или векторизација, односно селектирана висококвалитетна графичка документација за спомениците е геореференцирана и дигитализирана во векторски формат, користејќи бесплатен CAD9 и ГИС10 софтвер. Селекцијата на графичката документација е направена според следните критериуми: ниво на детали, присутни елементи за насока на објектот во однос на страните на светот и, најзначајно, елементи за одредување на димензиите или размерот на градбите и локалитетите. За некои градби се користени по неколку основи. Преку употреба на CAD софтвер основите од градбите се векторизирани во различни слоеви (layers) со уникатна боја и графички формат. Бојата и форматот одговараа на различни фази (хронологија) од развојот на градбата или, пак, на функцијата (архитектонска декорација, поплочен под, водовод, одвод итн.).11
Иако од гледиште на методологија не е идеално решение, заради ограничените средства со коишто располагавме порамнувањето на градбите беше извршено врз основа на публикуваните планови на населбите, геореференцирани врз основа на топографски карти со различен размер. Како најсоодветни се покажаа топографските карти во размер 1 : 1000.12
При реализацијата на оваа активност се наиде на многу серозни проблеми. Тие произлегуваа од неконзистентноста во графичката документацијата, конкретно, меѓу плановите на поединечните досега истражени градби и генералните планови на локалитетите. При порамнувањето на посебните градби исцртани во размер, врз подлогите од публикуваните генерални планови, се наидуваше на низа недоследности и преклопувања. Како основен проблем беше непостоењето егзактни топографски маркери за геолоцирање на населбите и градбите. Отстапувања беа евидентирани во позицијата, во габаритот на градбите, во нивната поставеност во однос на страните на светот, а некогаш и во просторната организација, вклучително и во димензиите и комуникацијата меѓу просториите внатре во самите градби. Ситуацијата дополнително ја усложнуваше и фактот што за некои локалитети и градби се публикувани и по неколку различни, меѓусебно неконзистентни планови, а на генералните планови речиси и да не постојат егзактни топографски податоци (точки) врз основа на коишто би се направило едноставно и брзо позиционирање на тие локалитети и градби во простор.13
Во последната фаза е изведена примена на податоците во една ГИС ориентирана платформа. За таа цел беше користен слободен ГИС софтвер QGIS, верзија 2.18 (64-bit). Најпрво, во виртуелна средина преку употреба на слободно достапни податоци за теренот14 е визуелно толкуван достапниот висински модел (DTM) за поголемиот дел од Балканскиот Полуостров. Врз таа подлога беа внесени георефернцираните просторни податоци и другите информации за спомениците во растерски и векторски формат.
Во следниот период интензивно се работеше на класификацијата на параметрите за создавање дигиталните обрасци (електронски форми) за внес на алфанумерички податоци во базата со податоци за „атрибутите“ од градбите и од населбите. Беа креирани вкупно десет посебни бази со податоци во *.sqliteфopмaт. Две од нив, една наменета за локалитети и друга за градби, носат исклучиво просторни податоци во форма на исцртани полигони и минимум алфанумерички податоци заради поврзување со другите бази.15 Останатите осум бази со податоци носат исклучиво алфанумерички податоци. Поврзувањето меѓу базите е стандардно, преку уникатни идентификатори. Дигиталните обрасци за внес на податоци се појавуваат автоматизирано по исцртувањето на полигон, било тоа тој да се однесува на опфатот на локалитет било на габаритот на градбата. Дополнително, во секој момент е возможен пристап до тие податоци заради нивна измена или надополнување.
Врз основа на внесените податоци може слободно да се врши пребарување по различни атрибути, т.е. нивни вредности. Дополнително, со едноставно одбирање/идентификување на градба или локалитет се прикажуваат сите информации за нив внесени во базата преку дигиталните обрасци. Пристапот до графичката и фотодокументација е преку врски до адресите на Интернет на коишто се наоѓаат. До дигиталните копии од правните документи поврзани со заштитата на локалитетите поставени се врски до *.pdf документи. Целиот систем овозможува ефикасното поврзување на картографско-дигиталните, атрибутните и мултимедијалните податоци.
Со помош на видеоматеријалите коишто беа добиени од архивата на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Битола за локалитетот Хераклеја Линкестис беше генериран и 3D модел во неговата непосредна околина и пејзаж.16
Најголемиот придонес кон пошироката јавност и кон задоволувањето на јавниот интерес е тоа што поголемиот дел од ресурсите се спроведени на Интернет.17 Со тоа е овозможен слободен пристап на Интернет преку адресата https://diendicure.mk/.
Резултати
Финалниот продукт од проектот претставува просторна визуелизација на неколку селектирани пејзажи и средини, стратифицирани во текот на изминатите векови, изградена врз основа на достапни релевантни податоци за недвижното археолошко културно наследство. Со ригорозен пристап во обработката на податоците преку користење слободен софтвер и информации за теренот, податоците се достапни во виртуелна средина автентична на природната. Во оваа средина се пристапува до детални просторни информации за археолошките локалитети коишто беа предмет на реализираниот проект. Под детални се подразбира географски и просторни информации од секој вид, вклучително и податоци за хронологијата на развојот на градбите и на целите населби, за нивната локација, степен на заштита и загрозеност. Врз тие податоци може да се вршат мерења и анализи на повеќе нивоа. ГИС платформата како дефиниран сет од методи, софтвер и технологии развиени специјално за складирање, мапирање, геолошка, хидролошка и просторна анализа, нуди потенцијал за интегриран приод, кој, како што беше споменато неколкупати, може да се користи и за научни истражувања и промоција. Најголемото достигнување е обезбедувањето слободен пристап преку Интернет до дел од ресурсите вградени во системот со цел истражување и промоција на археолошко културно наследство.18
Превенцијата од оштетување и мониторингот врз културното наследство преку користење на современите дигитални технологии, се вистинската заштита на културното наследство. Дополнително, потенцијалот којшто го има овој систем во контекст на користење на просторните информации и на базата со алфанумерички податоци заради научни истражувања е неизмерлив од денешна гледна точка. При креирањето на оваа ГИС платформа се применети меѓународни стандарди, нови технологии и методи, како и докажани најдобри практики во функција на унапредување на заштитата на културното наследство. Истовремено, таа се користи за негова презентација и популаризација. Со отворањето на пристапот до овој систем се постигнува повисоко ниво во користењето на културното наследство во функција на негова одржливост. Тоа е наша обврска и поддршката, а натамошното развивање на системот ќе биде силна стимулација во менаџирањето на културните ресурси, зајакнување на основата за соодветен развој, заштита и валоризација на спомениците на културата, но и, генерално, за унапредување на постојниот кон одржлив туризам во иднина. Затоа, останува да се надеваме дека стекнатото искуство при развивањето на моделот и развиената методологија, ќе најде свое место во практичната реализација на стратегиите на Управата за заштита на културното наследство и на Министерството за култура.
Визија како заклучок
Сето погоре наведено ни дава за право наместо заклучок да ја презентираме нашата визија за иден развој на третманот на културното наследство преку користење современа технологија.
1. Создавање платформа која е визуелно подостапна на ГИС и Интернет ориентирана за недвижното културно наследство во Македонија (модел за тоа е токму реализацијата на DIENDICURE). Оваа платформа во која ќе бидат маркирани сите археолошки локалитети и градби, заедно со зоните и степенот на заштита, да се интегрира со ГИС порталот на Агенцијата за катастар на недвижности.19 Со ова ќе се обезбеди долгорочна и стабилна контрола на градежните работи во заштитените подрачја, а со тоа и превентива од оштетување и заштита на културното наследство.20 Дополнително, овој систем претставува и практичен инструмент за идните чекори во урбанистичкото и просторното планирање. Со него, работниците во дејноста на заштитата на културното наследство ќе бидат активни чинители во сите процеси кои подразбираат градежни зафати од поширок, но и потесен обем.
Оваа платформа за недвижното културно наследство да се поврзе со базата на Централниот регистар за културно наследство и да се интегрира со движното културно наследство преку локацијата на која тоа е пронајдено. Информациите во базите со податоци да се внесуваат преку посебно изработени дигитални обрасци. Дополнително, во посебен дигитален образец да се води евиденција на целата историја преземени анализи, мерки на заштита и конзервација со соодветната техничка и фотодокументација. Предложениот модел подразбира многу повисоко ниво на организација во која задолжените лица би имале можност за измена и дополнување на системот директно од работното место во институцијата, а информациите во базата до различно ниво на детали би биле достапни на други категории на корисници. Искуството покажува потреба од различни нивоа на пристап до податоците во зависност од стручните, професионалните и научните компетенции на институцијата од која се пристапува. Секако, привилегираниот пристап за дополнување и измена на податоците треба да биде овозможен исклучиво за лицата кои се непосредно задолжени и одговорни за заштита и чување на културното наследство. Доколку во системот се внесува и документацијата на недвижното и движното археолошко наследство и целосната теренска документација од современите истражувања, ќе се создаде и постојано ќе се надоградува база на податоци од непроценливо значење. Ова, несомнено, придонесува и кон подигање на многу повисоко ниво на заштита на културното наследство преку процесот на постојана дигитализација и зачувување на податоците. Неопходно е системот да биде (cloud) ориентиран кон Интернет, софтверот и базите да се наоѓаат на едно место во серверите на Управата за заштита на културното наследство, а копиии од базите да се чуваат на неколку физички одделени места заради потенцијалната опасност од природни непогоди или незгоди предизвикани од човечка природа.21 Со ова не само што ќе се избегнат трошоците од децентрализирано опремување со скапа опрема на секоја институција посебно, туку и би се стимулирале истражувачите подинамично да ги публикуваат резултатите заради автоматизираното отворање на пристапот до тие податоци по изминувањето на законски предвидениот рок со право на првично публикување од раководителот на истражувањето. Во сржта на овој систем треба да бидат вградени авторските права и правата на првенство на публикување. Со вака поставени приоритети, конечно би излегло од фиоки значаен дел од културното наследство и би се овозможила негова стручна и научна опсервација и евалуација. Значително би се намалиле трошоците за негово истражување и документирање и, конечно, би запрело третирањето на културното наследство како приватна сопственост.
Зарем постои поголема промоција, демократизација, демонополизација, деконцентрација, децентрализација и поголема транспарентност ако соодветен дел од ресурсите на еден ваков систем се стават достапни за секого преку Интернет. Ресурсите од овој систем можат да бидат дел од разни едукативни програми (интернет училишта), инспирација за многу современи културни делувања, но и место каде лица со попреченост би биле во допир со културното наследство во една пријателска виртуелна средина. Овој систем е основа за идни виртуелни посети на музеи и археолошки локалитети. Да не зборуваме за брзината со која би се реализирале идни ревалоризации на културното наследство ако секој предмет поседува уникатен дигитален идентификатор (бар-код или QR код) видлив само под одредени услови. Промоцијата и достапноста на културното наследство е базата на овој систем, но собирањето на податоци за бројот и интересите на корисниците на овој систем од аспект на нивната национална, старосна, полова, професионална структура можат да се употребат како ресурс за креирање нови политики, стратегии и акции кои ќе таргетираат конкретни групи и акции. Овие податоци истовремено ќе идентификуваат потенцијални недостатоци и ќе стимулираат подобрување и развој на самиот систем. Дел од погоре предложените алатки веќе ги поседува Регистарот на културното наследство на Република Македонија.
2. Создавањето единствен и унифициран систем за инвентаризација на движното културно наследство како дел од базата на Централниот регистар на културно наследство (податочен модел за Информативниот систем на културното наследство на Македонија и Националниот инвентар на културното наследство),22 е основниот суштински елемент неопходен за високо ниво на третман кој ќе одговара на современите стандарди. Како неразделен дел од системот за инвентаризација, во посебни дигитални обрасци да се наоѓаат и информации за поединечни анализи и преземените мерки на заштита и конзервација, како дигитални досиеја за предметите во прилог со целокупната техничка и фотодокументација. Оваа база преку системот за инвентаризација задолжително и постојано да се полни од едуцирани одговорни лица (документатори) во установите.
За реализација на првите две точки, соодветна тежина носи и процесот на иновација при создавањето на овој систем, но и свеста за поширока општествена и социо-културна одговорност. Создавањето на овој систем да биде организирано врз принцип на советувања со мали кругови на специјалисти во истражувањето, чувањето и заштитата на конкретни типови културно наследство (сакрална архитектура, резиденцијална архитектура, садова керамика, архитектонска пластика, монети итн.) и задолжително со присуство на лица со досегашно искуство во работата со такви системи, претставници од IT, како и правниот сектор. Дополнително, голем бенефит ќе биде транспарентноста во работата на секоја институција, а системот истовремено може да се користи и за целокупна евалуација на институциите и на вработените. Ресурсите од системот може да се користат од стручни и научни кадри, но и од културни и туристички оператори во прилог на создавање патеки за потенцијални корисници со конкретни цели на интерес. Доколку овој систем се гради паралелно со модули за другите категории на културно наследство (етнолошко, историско, книжевно, архитектонско итн.), неговите потенцијали се неизмерливи од денешен временски аспект. Да не навлегуваме во простори кои значат самостојни туристички посети, каде посетителот преку GPS координатите од ГИС системот или преку скенирање на кодови прикачени врз витрините или врз самите градби на археолошките локалитети, на својот уред (паметен телефон или таблет), ќе ги добива потребните информации од Регистарот на културното наследство во алфанумеричка или мултимедијална форма.23 Системот може да се поврзе и да собира информации од надворешни европски и светски бази на податоци за културно наследство, а со правилно организирање на мета податоците може да се постигне висок рејтинг на Интернет, лесно пронаоѓање, а со тоа и поширока искористеност на ресурсите.
3. Во прилог на подигањето на квалитетот на документирање на културните добра во процесот на заштита и спасување неопходна е набавка на GNSS (Global Navigation Satellite System) RTK (Real-Time Kinematic) инструменти, тотални станици и електронски нивелири за секоја институција од областа на заштитата посебно. Други алатки што полека стануваат неопходен дел во процесот на документирање се беспилотните летала - дрон и опремата како георадар, ласерски скенер, 3D скенер за движен материјал, примената на технологијата LIDAR за теренско снимање и, секако, соодветен софтвер и компјутерски системи за кабинетска обработка на податоците.24 Сите овие технологии одат во прилог на полесно идентификување на зони на заштита, засновано врз конкретни податоци добиени со употреба на недеструктивна методологија. Сето ова бара едукација и вработување кадар кој ќе ги врши снимањата и истражувањата и ќе ја одржува опремата.
Со оглед на комплексноста на целокупните природни и општествени прилики од кои потекнува културното наследство, неговото разбирање и следствено заштита, не може да се замисли без широк интердисциплинарен пристап и примена на најсовремените егзактни физички и хемиски анализи. Многу значаен чекор е кохезија и калибрирање на податоците со проучувањата од областите на климатологијата, физичката антропологија, генетиката, геологијата, геофизиката (последици од земјотреси и вулкани), вулканологијата, биологијата, бактериологијата, епидемиологијата, ботаниката, зоологијата итн. Единствено преку таков интердисциплинарен пристап ќе се овозможи корекција и „егзактификација“ на досегашните истражувања, вршени, главно, со доминантна примена на културно-историскиот и историскиот метод. За таа цел неопходно е создавање високо опремени лаборатории, едукација на кадар во смисла на тимови и набавување соодветен хардвер и софтвер за анализа на резултатите. Истражувањата и анализите би ги воделе тимови од млади кадри кои би се образувале и надградувале во своите полиња на интерес преку интердисциплинарни проучувања, пронаоѓајќи го така секој своето место, а под менторство на докажани истражувачи од државава или од странство. Лабораториските анализи на културното наследство директно го подигаат нивото на негова заштита преку добивањето на поголем фонд на егзактни податоци коишто се неопходни за процесот на негова ефективна заштита.
„За ефективно управување со наследството неопходно е
да го познаваме што е можно подобро“25
Белешки
- Powlesland D. - Clemence H. - Lyall J., 1998; Allen K. - Green S. - Zubrow E., 1990; Gillings M. – Wise A., 1999; Wheatley D. – Gillings M., 2002; Lock G., 2003; Wescott K. – Brandon R. J., 2003; Schreibman S. – Siemens R. G. - Unsworth J., 2004; Mehrer M. – Wescott K., 2006; Ardissone P. и др., 2008. ↩
- Brienza E., 2016; Talevski H. и др., 2017. ↩
- Проектот „Дигитални средини за дигитални културни вредности - просторна ГИС базирана платформа за напредно ниво на менаџирање и анализа на податоците од Централниот регистар на културното наследство на Република Македонија“ (DIGITAL ENVIRONMENTS FOR DIGITAL CULTURAL REALITIES (DIENDICURE) - Spatial GIS-based platform for advanced level of management and analytics on the data of the Central register of the cultural heritage of the Republic of Macedonia), e финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Министерството за култура, а спроведен од ЈНУ Институтот за старословенска култура - Прилеп под раководство на м-р Христијан Талевски, асистент истражувач. Проектот е финансиран во рамките на Програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018. Во 2019 година со средства од Министерство за култура системот беше надграден со информации за туристичката инфраструктура. Во 2020 година, повторно со средства од Министерство за култура планирано е да се направат првите чекори кон изготвување на Дигитален атлас на археолошки локалитети. Последните два проекти се реализираат преку ЗГ „Менелај“ - Прилеп. ↩
- Тричковска И. - Бицева К., 2007, 22. ↩
- Дури на ден 11.1.2019 година Собранието на Република Македонија ги изгласа уставните измени и се прогласија амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија (Сл. весник на РМ 06/19 од 12.1.2019 година), со што официјалното име на Република Македонија беше променето во Република Северна Македонија. И покрај забелешките, со оглед на периодот во којшто беа реализирани првите проектни активности, користењето на новото име на државата за активности реализирани во 2018 година би претставувало анахронизам. ↩
- Во рамките на оваа фаза беа одржани работни состаноци со Ленче Јованова и Марина Ончевска-Тодоровска за Скупи, Енгин Насух и Аница Ѓорѓиевска за Хераклеја Линкестис, Трајче Нацев за Баргала, Паско Кузман за Лихнид. ↩
- Како географски референтен систем е користен MGI 1901/Balkan Zone 7 (EPSG:3909), кој е најблизок и во време на реализација на активностите во користените програми далеку подостапен од Македонскиот координатен систем - зона 7 и неговата проекција (EPSG:6316). Притоа мора да се напомене дека постои генерално отстапување од 11,20 до 11,50 m во правец на 57° мерено од Х-оската на македонскиот координатен систем во однос на WGS84 (EPSG:4326). Отстапувањето e евиденто кога под геореференцираните CAD цртежи, како подлога ќе се постават ортофотографии од Google Earth, Google Maps, Bing или кој било друг извор на сателитски фотографии геореференцирани во WGS84 координатен систем. ↩
- За добивање на овие податоци се ангажирани надворешните стручни соработници, проф. д-р Ивица Милевски од Природно-математички факултет, Институт за географија и Моника Андрееска, дипломиран географ - насока Географски информациски системи. ↩
- https://www.hongkiat.com/blog/free-cad-software/, последно посетено на 17.8.2020. ↩
- https://qgis.org/en/site/forusers/download.html/, последно посетено на 17.8.2020. ↩
- Просторните планови на Скупи, Стоби и Хераклеја Линкестис, изработени на ист принцип за потребите на магистерскиот труд (Талевски Х., 2014), беа коригирани и дополнети со новооткриени градби. ↩
- Врз нив постојат податоци за Националната топографска мрежа, а размерот е доволно крупен за да се лесно воочливи градбите вцртани во плановите при геодетските снимања на просторот. Сепак, за населби со помала површина, како Баргала на пример, се наметна потреба од користење на уште покрупен размер. ↩
- Заради прецизирање и подобрување на дигитално-векторската основа на секој локалитет, неопходно е снимање на градбите и на целиот просторен опфат на локалитетите со GNSS (Global Navigation Satellite System) RTK (Real-Time Kinematic) уред и тотална станица. Во тој контекст, од Министерство за култура во рамките на Програма за финансирање на проекти од национален интерес за 2020 година беа обезбедени средства за создавање тридимзионални модели и геореференцирани ортофотографии со високо ниво детали. За таа цел се применува методологија на фотограметрија, т.е. IBM (image-based modeling). Проектот се реализира преку ЈНУ Институтот за старословенска култура - Прилеп. До моментов, единствено од Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби - Градско добивме негативен одговор на барањето за согласност за вршење на топографско и фотодокументирање. Резултатите од реализацијата на овие активности се слободно достапни за користење под лиценца (https://creativecommons.org/ licenses/by/4.0/) преку следните линкови: за модели - https://sketchfab.com/hristijan.talevski, а за облаци од точки - https:// www.pointbox.xyz/users/5f9b974e9cad5d092feeaeba/clouds. ↩
- https://search.asf.alaska.edu, последно посетено на 17.8.2020. За користење на податоците е неопходна регистрација којашто може да се направи бесплатно. ↩
- Во креирањето на листите за изборните менија примарно е користена важечката национална класификација на културното наследство и останатата правна легислатива од областа на заштитата на културното наследство. За изборните менија со атрибути на културното наследство коишто досега не биле правно уредени во нашата држава користена е синтеза од лексиконите: FISH - Forum on Information Standards in Heritage (http://www.heritage-standards. org.uk/fish-vocabularies/) и Heritage Data – Linked Data Vocabularies for Cultural Heritage (https://heritagedata.org/live/ schemes.php). Други лексикони коишто помал или поголем обем се конзистентни со претходните се може да се употребат за таа цел се: Pleiades (https://pleiades.stoa.org/vocabularies), CIDOC Conceptual Reference Model (http:// www.cidoc-crm.org/Version/version-6.2.3), Getty Art & Architecture Thesaurus (http://www.getty.edu/research/tools/ vocabularies/). ↩
- Сепак, со оглед на тоа што снимањата биле направени со друга цел недостигаат егзактни топографски маркери за геореференцирање на моделот. ↩
- Примената преку Интернет беше направена од Ѓоре Милевски, дипл. арх., web дизајнер и ГИС техничар. ↩
- На адресата на Интернет https://diendicure.mk, заради ограничувањата коишто ги нуди користењето на слободен софтвер е достапна само мал дел од дигитализираната фото и техничка документација. ↩
- https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/, последно посетено на 17.8.2020. ↩
- Планираните активности за создавање на дигитален атлас во рамките на проект споменат погоре во текстот водат токму во таа насока. ↩
- Бомбардирањето на Народниот музеј во Белград во текот на Втората светска војна и разорниот земјотрес кој го погодил Скопје во 1963 година, кога биле уништени Историскиот и Археолошкиот музеј, се само два сосема доволни примери за опасностите на кои е изложено културното наследство и документацијата за него. Природните процеси на ерозија, поплави, земјотреси и друго се само дополнителни ризици на коишто не смеат да се изостават. Одличен систем за зачувување на податоците има погоре споменатата Агенција за катастар на недвижности, (Правилник за начинот на користење, дистрибуција, пристап, издавање, чување и заштита на податоците од геодетско-катастарскиот информациски систем, Сл. весник на РМ 132/13, член 12, 13, 14 и 15, достапно на 20.8.2020). ↩
- Јавно достапен на http://www.niskn.gov.mk/Impresum.aspx, официјалната страна не е достапна, а незина копија од 24.3.2018 може да се види преку https://web.archive.org/web/20180323181230/http://www.niskn.gov.mk/Impresum.aspx, последно посетено на 17.08.2020. Информации за системот на http://uzkn.gov.mk/mk/773-2/, последно посетено на 17.8.2020. ↩
- Во моментов во примената на дигитални технологии во културата во Македонија најдалеку е стигната НУ „Стоби“, види https://play.google.com/store/apps/details?id=mk.stobi.guide&hl=en, последно посетено на 17.8.2020. За жал, најголем дел од ресурсите со коишто располага институцијата се достапни се само на лимитиран круг на лица, главно, заради бавниот процес на обработка на огромниот број податоци. ↩
- Краток елементарен приказ на примената на дел од овие технологии види кај (Vitale 2018). Дополнително, во текот на оваа година беше завршена првата фаза од скенирањето LIDAR на северниот дел од Македонија.) да се замени со (Во декември 2020 година станаа достапни податоци од скенирањето со LIDAR на северниот дел од Македонија. ↩
- Goblet М., 2008, 147. ↩
Summary
Application of GIS Technology in the Documentation and Research of Immovable Archaeological Heritage
The final product of the geographic information system DIENDICURE represents a spatial visualization of several selected landscapes and environments, stratified during the past centuries, built on the basis of the available relevant data for the immovable cultural heritage. The rigorous approach in the data processing by the usage of free software and field information for R. of Macedonia resulted in virtual environment, as authentic as the natural one. The environment enables access to detailed spatial information for the sites which were the subject of this project. The word “detailed” applies to geographic and spatial information of any kind, including data for the chronology and the development of the buildings and the settlements, their location, level of protection and risks. Based on this data, we can make measures and analysis on multiple levels. The GIS platform as a defined set of methods, software and specifically developed technologies for storage, mapping, geologic, hydrologic and spatial analysis, will offer potential for an integrated approach, which can be used for research and promotion. The biggest achievement is securing a free internet access to part of the resources integrated in the system in order to promote this small piece of the rich cultural heritage of the R. of N. Macedonia. The prevention from damage and the monitoring of the cultural heritage by the use of modern digital technologies are the true protection of the cultural heritage. This system is based on applied international standards, new technologies and methods, as well as proven best practices in order to improve the protection of cultural heritage. At the same time, the product can be used for research and promotion. The open access to the system enables higher level in the utilization of the cultural heritage with the purpose of self-sustainability. This is our obligation, and the support and development of the system will be strong stimulation in the management of the cultural resources, reinforcement of the foundation for adequate development, research, protection and valorization of the cultural monuments, and thus for general improvement of the existing tourism towards future sustainability.
Библиографија
- Allen K. M. S., Green S.W. и Zubrow E.B.W., 1990, Interpreting Space: GIS and Archaeology. Applications of Geographic Information Systems. London ; New York: Taylor & Francis.
- Ardissone P. - Balossi Restelli F. - Borgia E. - Brienza. E., 2008, “Web-GIS Solutions for the Analysis and Valorisation of Archaeological Sites in the Mediterranean Basin.” воLayers of Perception: Proceedings of the 35th International Conference on Computer Applications and Quantitative Methods in Archaeology (CAA) ; Berlin, Germany, April 2-6, 2007, ур. Axel Posluschny, Karsten Lambers, и Irmela Herzog. Kolloquien Zur Vor- Und Frühgeschichte 10. Bonn: Habelt. http://proceedings.caaconference. org/files/2007/75_Ardissone_et_al_CAA2007.pdf.
- Brienza E., 2016, “Elettronica e digitale in archeologia: considerazioni metodologiche.” воLe regole del gioco: tracce, archeologi, racconti: studi in onore di Clementina Panella, ур. Antonio F. Ferrandes и Giacomo Pardini. Lexicon topographicum Urbis Romae. Supplementum, VI. Roma: Edizioni Quasar.
- Gillings M. - Wise A. 1999, GIS Guide to Good Practice. Oxford, England: Oxbow Books. http://guides. archaeologydataservice.ac.uk/g2gp/Gis_Toc.
- Lock G. R. 2003, Using Computers in Archaeology towards Virtual Pasts. London: Routledge.
- Mehrer M. - Wescott K., 2006, GIS and Archaeological Site Location Modeling. Boca Raton, FL: Taylor & Francis. http://www.environetbase.com/ejournals/books/book_km.asp?id=4964.
- Powlesland D. - Clemence H. - Lyall J., 1998, “West Heslerton: WEB-CD The Application of HTML and WEB Tools for Creating a Distibuted Excavation Archive in the Form of a WEB-CD.” Internet Archaeology 5 (Autumn/Winter). http://dx.doi.org/10.11141/ia.5.2.
- Schreibman S. - Siemens R.G. - Unsworth J., 2004, A Companion to Digital Humanities. Malden, MA: Blackwell Pub. http://dx.doi.org/10.1002/9780470999875.
- Talevski H. - Čali V. - Muca N. - Brienza E., 2017, “Report on the GIS Pilot-Project on the Archaeological Site Stobi (2008).” Arheološki Informator 1: 175–87.
- Vitale V., 2018, “The Case of the Middle Valley of the Sinni (Southern Basilicata). Methods of Archaeological and Architectural Documentation: 3d Photomodelling Techniques and Use of RPAS.” Digital Applications in Archaeology and Cultural Heritage 11. https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S2212054818300213.
- Wescott K. - Brandon R. J., 2003, Practical Applications of GIS for Archaeologists: A Predictive Modeling Toolkit. London; New York: Taylor and Francis. http://search.ebscohost.com/login. aspx?direct=true&scope=site&db=nlebk&db=nlabk&AN=96865.
- Wheatley D. W. - Gillings M., 2002, Spatial Technology and Archaeology: The Archaeological Applications of GIS. London.
- Талевски Х., 2014, “Рановизантиска профана архитектура од Република Македонија.” Магистерски труд, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје. http://hdl. handle.net/20.500.12188/1931.
- Тричковска И. - Бицева K., 2007, Прирачник за водење инвентар и документирање на културното наследство. Културно наследство - Програма за техничка соработка и консултации. Скопје: Министерство за култура на Република Македонија - Управа за заштита на културното наследство.