Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 455–467

Конзерваторско-реставраторски работи на влезната партија на акрополот на средновековната тврдина Исар - Штип

УДК 623.1:7.025.3/.4(497.731)”653”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123455n

Содржина
  1. Опис и состојба на влезната партија на акрополот пред конзервација
  2. Влез во акрополот
  3. Кула 3
  4. Конзерваторско-реставраторски работи
  5. Конзерваторско-археолошко истражување на кулите и на одбранбениот ѕид
  6. Конзерваторско-реставраторските работи
  7. Отстранување на деструктивниот материјал од ѕидовите на кула 2, делот од
  8. Одбранбен ѕид меѓу северниот ѕид на кулата 2
  9. Влезот во акрополот
  10. Затварање на фугите

Средновековната тврдина Исар (сл. 1) се наоѓа на доминантно возвишение меѓу реките Брегалница и Отиња, со ориентација север - југ со должина на целото плато од околу 500 m.1 Ерозивните сили, возвишението на која е изградена средновековната тврдина, го одвоиле од локалниот терен со длабоки клисури - од север и запад реката Брегалница, а од југ реката Отиња.

Природната положба на возвишението со сигурна заштита и одбрана била искористена за првпат во перидот на енеолитот и класичниот период, на терасата позната кај народот како Стара Кланица или црква Св. Власие, во северното подножје на тврдината.2 Најстарите остатоци на акрополот потекнуваат од римскиот период, кои на поедини места биле искористени како субструкција за одбранбените ѕидови на средновековната тврдина.3

Фортификацијата на средновековната тврдина Штип (Пл. 1) го затвора просторот на највисокиот утврден акрополен дел (фрурион) и надворешен град - подградие (амборија). Просторот во рамките на целата фортификација зафаќа површина од околу 17000 m2, а само утврдениот акрополен простор зафаќа површина од околу 1700 m2.4

Главниот влез во тврдината Исар (сл. 2) се наоѓа во источното подножје на тврдината, на локација која е доста непристапна во однос на северната страна на утврдувањето. Главниот влез во средновековниот град Штип претставува скриен страничен влез кој не се гледа од далечина, ширината на влезот не може да ја одредиме, бидејќи на овој простор не се вршени археолошки истражувања. Влезот бил штитен и од кулата 4, сместена меѓу куртина N и куртина О.5

Влезната партија на акрополот е откриена во 1988 и 1989 година во рамките на конзерваторско-археолошките истражувања на главната кула, нумерирана како кула 2 и уште позната и како Донжон.

Сл.1. Сателитска снимка на тврдината Исар Штип
Сл.1. Сателитска снимка на тврдината Исар Штип
План.1. Основа на фортификацијата на средновековната тврдина Исар Штип
План.1. Основа на фортификацијата на средновековната тврдина Исар Штип

Опис и состојба на влезната партија на акрополот пред конзервација

Во влезната партија (Пл. 2) на акрополот влегуваат кулата 2 (Донжон), влезот во акрополот и кулата 3.6

Кула 2

Кулата која воедно е симбол на градот Штип, во литературата и кај народот е позната и како Донжон кула, и е една од најдобро зачуваните кули на средновековната тврдина Исар - Штип (Пл. 2). Кулата има правоаголна форма со надворешни димензии: 13,50 х 11,00 m и внатрешни димензии 8,50 х 5.50 m. Ширината на ѕидовите и кај оваа кула се различни, источниот и западниот 2,00 m, јужниот 3,00 m и северниот 1.70 m. Влезот во кулата е во централниот дел на западниот ѕид со ширина од 1,50 m. Зачуваните ѕидови се со различна висина која се движи од 1,20 m кај западниот до 13,40 m кај источниот ѕид.

Сл.2. Главен влез во тврдината Исар Штип
Сл.2. Главен влез во тврдината Исар Штип
Сл.3. Источниот ѕид на кула 2 пред конзерваторско реставраторски работи
Сл.3. Источниот ѕид на кула 2 пред конзерваторско реставраторски работи

Отпочнувањето со конзерваторските работи на главната кула не се само од причини што таа претставува вековен симбол на градот Штип, туку и поради тоа што претставуваше перманента опасност при мали тектонски изместувања или со посилна флувијална ерозија да дојде до наполно уривање, кои ќе предизвикаат катастрофални последици по објектите и населението кое живее во источното подградие на средновековната тврдина.

Источниот ѕид (сл. 3), особено во долните партии, кој е фундиран на песоклива карпа со текот на времето претрпел големи оштетувања кои се движат од 0,60 до 1,00 m на самата фасада, а секако и во длабочина кон внатрешноста на фундираниот дел на источниот ѕид до 0,80 m. Во јужната половина, посебно на аголот каде што се вкрстуваат источниот и северниот ѕид, констатираме големи оштетувања - поголем дел недостасува, односно тој е срушен. Подобро е зачуван аголот кој се спојува со северниот ѕид. Кај него само во долните партии констатираме мала деструкција на источната фасада. Исто така, дрвените серклажи се целосно изгниени. Најлошото оштетување на источниот ѕид е неговата фасада која на поголем дел е одлепена од јадрото на ѕидот, особено во горните партии.

План.2. Основа на акрополот со влезната партија
План.2. Основа на акрополот со влезната партија
Сл.4. Западен ѕид на кула 2 пред конзерваторско реставраторски работи
Сл.4. Западен ѕид на кула 2 пред конзерваторско реставраторски работи
Сл.5. Јужен ѕид на кула 2 пред конзерваторско реставраторски работи
Сл.5. Јужен ѕид на кула 2 пред конзерваторско реставраторски работи

Западниот ѕид (сл. 4) на кулата не е во целост откриен, односно недостасува долната партија а од горните партии сочувани се само фрагментарни остатоци.

Северниот ѕид за разлика од претходните два ѕида е во подобра состојба, односно кај истиот се забележани само деструкции во долните парти, потоа на веќе опишаниот дел кај источниот ѕид каде се спојуваат под прав агол со источниот ѕид а секако дека треба да се споменат и дрвените серклажи кои потполно се изгниени.

Јужниот ѕид (сл. 5) на кулата заедно со западниот ѕид се најмногу оштетени и кај истиот се констатирани големи деструкции на сочуваните ѕидни партии.

Сл.6. Влезот во акрополот и кула 3 по конзерваторско археолошко истражување
Сл.6. Влезот во акрополот и кула 3 по конзерваторско археолошко истражување

Влез во акрополот

Влезот во акрополот (сл. 6) (Пл. 2) бил заштитен од кула 3 и кула 2 и е составен од две ѕидни платна прилепени до кула 3 и кула 2. Влезот има должина од 6,00 m и не е во иста линија со кулите кои го заштитуваат и е вовлечен кон акрополот. Северерното ѕидно платно има приближно квадратна форма со димензии 5.00 х 5.50 m. Јужното ѕидно платно има правоаголна основа, следејќи ја ширината од 3,00 m на одбранбените ѕидови од другите куртини на акрополот. Двете ѕидни платна кон влезот завршуваат во форма на свртена наопаку буква Г, поради што се појавуваат две различни ширини: надворешна 2,20 m и внатрешна 3,50 m. Дали по примерот на доцноантичките утврдувања и кај средновековното утврдување постои внатрешен пропугнакулум или е само случајност, оставам простор за размислување и за истражување на овој нов момент во средновековната фортификациска архитектура во Република Македонија.

Оштетувања се констатирани и кај ѕидното платно од фортификацијата меѓу кулата 2 и влезот, односно јужниот довратник на влезот. Оштетувањата се констатирани во долните партии на надворешното лице, кое што е прилепено до јужниот ѕид на кулата и помала деструкција во горните партии.

Исто така, кај двата довратника се констатирани оштетувања на зачуваните делови по истражувањето, но значително помалку во однос на останите презентирани ѕидови.

Кула 3

Кулата (сл. 7) (Пл. 2) е на растојание од 70 до 75 m јужно од кулата 7. Кулата има правоаголна форма со надворешни димензии: 12,00 х 9,50 m и внатрешни димензии 8,00 х 5,50 m со правец на протегање север - југ. Ширината на ѕидовите е различна, источниот ѕид е со ширина од 1,85 m, а северниот, јужниот и западниот ѕид имаат ширина од 2,25 m. Влезот во кулата не е зачуван и најверојатно тој бил поставен на повисоки позиици кај западниот ѕид на кулата. Зачуваноста на ѕидовите е различна и таа се движи од 0,50 до 1,40 m. Внатрешноста на кулата беше исполнета со просо и најверојатно кулата 3, како и другите кули, со исклучок на кулите 6 и 7, биле вкопани до темелната карпа. Овој простор, врз основа на истражувањата во кулата 3, најверојатно кај сите кули бил наменет за хореум. По чистењето на просторот од внатрешноста на кулата се појави под од камени плочи, а под подот, три канали со правец на протегање запад - исток, по целата ширина на кулата, кои навлегуваат во источниот ѕид на кулата. Овие канали најверојатно имаат функција на вентилациони канали за хореумот.

Сл.7. Внатрешниот простор на кула 3 со каналите за вентилација, по конзерваторското истражување
Сл.7. Внатрешниот простор на кула 3 со каналите за вентилација, по конзерваторското истражување

Поради конфигурацијата на теренот кулата излегува од линијата на кулата 2 и за приближно 1,00 m е вовлечена во внатрешноста на акрополот.

Кулата 3 не е предмет на конзерваторско-реставраторските работи.

Начинот на градење на двете кули и на делот од одбранбениот ѕид се без субструкција, т.е. се фундирани на претходно зарамнета карпа (сл. 13). Суперструкцијата во долните партии, кај одбранбените ѕидови е градена во opus incertum без нагласени редови, од аморфни камења кои меѓу себе биле поврзувани со варов малтер, а кај влезната партија на акрополот исто така се среќава градежната техника opus incertum со нагласени хоризонтални редови од обработуван камен песочник кој меѓу себе бил поврзуван со варов малтер. Во горните партии градењето е изведно во сантрач систем, со хоризонтални и вертикални дрвени греди кои меѓу себе биле поврзувани со метални кланфи и клинци. Хоризонталните греди се појавуваат на различна висина, но не помалку од 1,50 од надворешната страна и на 1,20 m од внатрешната страна, назименично како појаси на секој 1,00 m. Просторот меѓу гредите на надворешната и внатрешната фасада исто така е затворан во техника opus incertum како во долните партии, а јадрото на ѕидовите било полнето со аморфни камења со различна големина и било заливано со варов малтер. При анализата на врзвивото средство, констатирано е дека кај ѕидовите на кулите и на делот од фортификацијата, користен е малтер со различен квалитет. Во долните партии користен е појак варов малтер а во горните партии варов малтер со помал процент на вар. Слабиот малтер, иструлените греди од сантрач системот со помош на ерозивните сили се главните причини за уривањето на ѕидовите од главната кула 2 и кулата 3, како и делот од фортификацијата меѓу кулата 2 и јужниот довратник на влезот од акрополот на средновековната тврдина Исар - Штип.

Сл.8. Источен ѕид на кула 2 по конзерваторско реставраторските работи
Сл.8. Источен ѕид на кула 2 по конзерваторско реставраторските работи

Конзерваторско-реставраторски работи

Конзерваторско-реставраторските работи се изведени од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата - Штип врз основа на изготвен Проект за конзерваторско- реставраторски работи на влезната партија под раководтсво на Трајче Нацев. Во рамките на проектот не влегува кулата 3, бидејќи е откриена во рамките на конзерваторско-археолошките истражувања.7

Конзерваторско-археолошко истражување на кулите и на одбранбениот ѕид

Конзерваторското-археолошко истражување е изведено северно од кулата и во чии рамките е откриена влезната партија на акрополот и кулата 3.

Конзерваторско-реставраторските работи

Отстранување на деструктивниот материјал од ѕидовите на кула 2, делот од

одбранбениот ѕид и од довратниците кои го формираат влезот во акрополот

Извршено е целосно отстранување на дерутирани површини по целата должина од круната на зачуваните ѕидовии на надворешната и внатрешната фасада на кулата 2, делот од одбранбениот ѕид и од довратниците кои го формираат влезот во акрополот. Отстранувањето на дерутираните површини по целата неговата должина со ширина од 0,40 до 0,60 m кај кулата 2 е изведено внимателно за да не дојде до нарушување и на останатите површини кои се во солидна форма. Особено внимание беше поствено на отстранувањето на дерутирани површини од источната надворешна фасада, како и на круната на јужниот ѕид на кулата 2. Кај оваа кула на западниот ѕид е извршено конзерваторско истражување за да се открие целосно ѕидот. По откривање на ѕидот од него е отстранет мал дел на дерутиран градежен материјал, но констатиравеме дека тој е во добра состојба. Кај северниот ѕид исто така е отстранета мала површина на дерутиран градежен материјал. Кај делот од одбранениот ѕид и кај довратниците исто така отстранета е мала површина на дерутиран градежен материјал.

Сл.9. Јужен ѕид кула 2 по конзерваторско реставраторските работи
Сл.9. Јужен ѕид кула 2 по конзерваторско реставраторските работи
Сл.10. Северен ѕид на кула 2 по конзерваторско реставраторските работи
Сл.10. Северен ѕид на кула 2 по конзерваторско реставраторските работи

Дерутиран материјал е отстранет и од површината на карпата со различна длабочина од 0,05 до 0,15 m на тие позиции каде што е срушен источниот и јужниот ѕид во долните партии од кулата 2.

По отстранувањето на растреситиот градежен материјал, се пристапи кон чистење и отстранување на земјата од круната и од лицата на ѕидовите и миење на подготвените површини.

Конзрваторско-реставраторски работи на оштетени делови на ѕидовите.

Кула 2

Конзерваторско реставраторските работи беа изведени во четири фази.

Прва фаза - по претходното отстранување на дерутирана површина од карпата беа создадени услови за подѕидување на овие делови во градежна техника opus incertum со продолжен малтер, со песочник и мал процент на речен камен.

Втора фаза - изведено е затворање на оштетени површини од надворешната и внатрешната фасада, притоа, особено се внимаваше да не дојде до нарушување на изгледот на стариот опус на ѕидаријата, одбирајќи ги камењата внимателно по димензии. Во оваа фаза беше извршено поставување на метални серклажи во старите лежишта на изгниените греди од сантрач системот и нивно полнење со цементен малтер, на сите позиции кај кој можеше да се изврши оваа поставка, но не и кај оние лежиштата кои беа исполенети со покрупен камен, кој неможевме да го извадиме од нив. На овие позиции изведовме само полнење на лежиштата со цементов малтер.

Трета фаза, беше предвидено да се изведе инјектирање на источната фасада. Кај неа беше констатирано дека на поголем дел има одвојување од јадрото, па постоеше опасност со инјектирањето од притисокот таа целосно да се одвои од јадрото и да се сруши врз станбените објекти во источното подградие на тврдината. Наместо инјектирање со пумпа, од највисоката точка на главната кула, каде беше констатирано одвојување на фасадата, ја изведовме постапката со заливање со цементен малтер, па по слободен пат цементната маса се спушташе и ги полнеше шуплините меѓу јадрото и надворешната фасада од најниските до највисоките делови на источниот ѕид.

Четврта фаза - по затворањето на оштетените површини од надворешната и внатрешната фасада на ѕидовите и заливањето на источната фасада со цементен малтер, беше изведено надѕидување на сите ѕидови во opus incertum со нагласени хоризонтални редови во продолжен малтер, со камен песочник и мал процент на делкан камен песочник;

- источен ѕид (сл. 8) - надѕидувањето е изведено од надворешна и внатрешната страна на

аголот каде што се вкрстуваат јужниот и источниот ѕид со различна висина поради раз-

личните оштетувања, која се движи од 0,50 до 3,50 m. Надѕидување на источниот ѕид беше

изведено и на највисокиот дел, каде по извшреното заливање со цементен малтер, беше

изведено надѕидување на оваа позиција на ѕидот со висина од 0,20 до 0,40 m;

- јужен ѕид (сл. 9) - надѕидувањето е изведено по целата негова должина, поради конфигу-

рацијата на теренот, која има остра слегувачка линија од запад кон исток, надѕидувањето

е со различни висини кои се движат од 3,50 m во источниот најнизок дел до 2,20 m во за-

падниот највисок дел на кулата. Меѓу нив постои уште еден дел во должина од околу 2,00 m

кој благо со неколку каскади се спушта од највисоката кон најниската позиција на теренот;

- северен ѕид (сл. 10) - кај кој констатиравме и најмали оштетувања на зачуваните остатоци,

надѕидувањето е изведено по целата должина на највисоките позиции на ѕидот со висина

од 0.20 до 0.40 m со цел затворање на круната на ѕидот и заштита од атмосферски влија-

нија (дожд и снег);

- западен ѕид (сл. 11) - еден од најслабо зачуваните ѕидови, надѕидувањето е изведено со

висини од 0,80 до 1,50 m. Во рамките на конзерваторско-реставраторските работи, беше

формиран и влез во кулата, во централниот дел на ѕидот со должина од 1,00 m, врз врз ос-

нова на показетели констатирани во рамките на конзерваторско-археолошките истражу-

вања. Со подоцнежните систематски археолошки истражувања8 беше истражен целиот

простор на акрополот, а воедно и внатрешниот простор на кулата. Врз основа на резулта-

тите од ова истражување сега постои сомнение дали влезот е правилно оформен и дали

треба да биде на оваа висина.9 Доколку со натамошните конзерваторски истражувања се

констатира дека влезот не е правилно оформен, тогаш треба довратниците да се срушат

и влезот да биде затворен, притоа, водејќи сметка да биде запазен опусот на ѕидаријата.

Сл.11. Западен ѕид на кула 2, по конзерваторско реставраторските работи
Сл.11. Западен ѕид на кула 2, по конзерваторско реставраторските работи
Сл.12. Дел од фортификацијата помеѓу северниот ѕид на кула и јужниот довратник од влезот на акрополот, по конзерваторско реставраторските работи
Сл.12. Дел од фортификацијата помеѓу северниот ѕид на кула и јужниот довратник од влезот на акрополот, по конзерваторско реставраторските работи

Одбранбен ѕид меѓу северниот ѕид на кулата 2

и јужен довратник од влезот во акрополот

Конзерваторско-реставраторските работи на делот од фортификацијата (сл. 12), беа изведени во две фази:

Прва фаза: затворање на оштетени ѕидна платна на надворешна и внатрешна фасада, водејќи притоа сметка исто како кај кулата 2 да биде запазен стариот начин на ѕидаријата. Во оваа фаза беше изведено и заливање со цементен малтер на лежиштата од изгниените греди од сантрач системот.

Сл.13. Северниот и јужниот довратник од влезот во акрополот, по конзерваторско реставраторските работи
Сл.13. Северниот и јужниот довратник од влезот во акрополот, по конзерваторско реставраторските работи

Втора фаза: надѕидувањето е изведено во opus incertum, со нагласени хоризонтални редови во продолжен малтер, со камен песочник. Висините по надѕидување се различни и се движат од 0,80 до 3,00 m.

Влезот во акрополот

Конзерваторските работи се изведени на јужниот и северниот довратник кои го формираат влезот (сл. 13).

Надѕидувањето на северниот и јужниот довратник е изведено во градежна техника opus incertum со поголем процент на обработени камени песочници, кои меѓу себе се поврзувани со продолжен малтер.

Северниот довратник е надѕидан во висина од 1,80 до 2,50 m, а на јужниот довратник надѕидувањето беше изведено со минимална висина од 0,20 до 0,40 m.

Затварање на фугите

По извршеното надѕидување извршено е затворање на фугите со продолжен малтер. При затворањето на фугите на круната на ѕидовите посебно внимание беше посветено на средишниот дел на ѕидовите, кој е незабележлив од повисоките видици на лицата на ѕидовите, за да може атмосферската вода да не се задржува на круната на ѕидовите.

Со конзервацијата и реставрацијата на влезната партија на акрополот на средновековната тврдина Исар - Штип е спречен натамошниот деструктивен процес на, а особено на вековниот симбол на градот, на кулата 2, или уште познатата како Донжон, поради крајната лоша состојба која претставуваше голема опасност за станбените објекти во подградието на тврдината.

Белешки

  1. Белдедовски З., 1977, 195 - 213; 1990, 25; Јовановиќ М., 1961, 104. ↩
  2. Балабанов К., 1988, 17. ↩
  3. Nacev Т., 2015, 456. ↩
  4. Микулчиќ И., 1986, 351 - 356. ↩
  5. Nacev Т., 2015, 458. ↩
  6. Влезната партија (главниот влез и кулата 3) се целосно откриени во рамките на конзерваторско-археолошките истражува во 1999 година под раководтсво на Трајче Нацев. Извештај од извршени конзерваторско-реставраторски работи на главна кула Донжон, на археолошкиот локалитет Исар - Штип од 1999 година. ↩
  7. Извештај од извршените конзерваторско-реставраторски работи со деловоден број 0801-181 од 13.12.1999 год. ↩
  8. Систематските археолошки истражувања се изведени од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата - Штип под раководство на колегата Звонко Белдедовски. ↩
  9. Поука за идните конзерватори кога ќе се соочат со вакви или слични ситуации, кога ќе немаат доволно информации, за реконструкции на одделни партии, да не преземаат конкретни активности, туку да ги решаваат само со мало надѕидување со цел само да го заштитат ѕидот од атмосферски влијанија. Доколу се појави потреба од минимална реконструкција, како во случајот со влезот во главната кула, тогаш да биде изведена без да се оформуваат довратници. ↩

Summary

Conservation and Restoration Work on the Entrance Zone of the Acropolis of the Medieval Fortress Isar Shtip

The medieval fortress Isar Shtip is oriented north to south and located on a dominant hill in the centre of the city, between the rivers Bregalnica, to the north and west, and the river Otinja, to the south. Based on the archeological research we can conclude it was built on the foundations of the ancient city of Astibo and the Byzantine town of Stipeion towards the end of the 13th century. The fortress was conquered by the Ottomans in 1385 and continued to exist until the end of the 16th century. The fortress also had a tunnel leading from the acropolis to the river of Bregalnica, described by Evliya Çelebi during his visit of Shtip in the 17th century. The tunnel was discovered with the construction of the water collector at the place named Chikichan Skala and was completely revealed between 2007 and 2009.

The conservation and restoration work were conducted on the entrance zone of the acropolis of the medieval fortress which includes the main tower - the keep (Donjon), part of the fortification and the actual entrance to the acropolis.

The conservation of the keep was performed in four phases: construction of support walls in the missing areas of the bedrock under the foundations, repair of the damaged areas in the inner and outer face of the walls, liquid cement fill between the face and the core of the east wall, and the last phase included reconstruction in height of all the walls according to the conservation project proposal.

The conservation and restoration work on part of the fortification was performed in two phases: repair of the damaged wall surface on the outer and inner façade and a liquid cement fill in the sockets of the decayed beams from the grill system of construction, and the second phase was reconstruction in height of the walls in opus incertum technique.

The conservation of the entrance included work on the south and north door jambs. The reconstruction of the south door jamb was performed in opus incertum, with more frequent use of carved sandstones bonded with cement - lime mortar.

After the reconstruction, the mortar joints of all walls were done with cement - lime mortar.

The conservation and restoration prevented the further destructive process on the entrance zone of the acropolis at the Isar, particularly on the keep (the donjon) which is the symbol of Shtip in the centuries.

Библиографија