Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 423–453

Археозоолошки анализи од неолитскиот локалитет Ѕунивер

УДК 902:59(497.713)”634”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123423f

Локалитетот Ѕунивер се наоѓа 200 m источно од селото Извор, Велешко, распространет на блага тераса која се спушта кон десниот брег на реката Изворчица. Резултатите добиени од археолошките истражувања укажуваат на неолитска населба со период на живеење во раниот и доцниот неолит.

Археолошките истражувања покажале дека населбата во определени периоди го менувала местото на подигање (по опожарувањето), кое веројатно се должи на добрата местоположба. На поширок простор се протегаат две големи зарамнети тераси, над самото корито на реката, во чија непосредна близина се наоѓа ридест терен богат со шуми и пасишта што овозможило населбата да се шири или поместува според потребите.

По долгогодишни археолошки истражувања од страна на Народниот музеј - Велес, под раководство на Т. Јовчевска,1 според хоризонталната и вертикалната стратиграфија, движниот археолошки материјал, обележјата на материјалната култура, како и аналогиите направени со досега истражувани локалитети во регионот, Т. Јовчевска не само што ги определила временските рамки на овој локалитет, воедно дошла до заклучок за поврзаноста на локалитетите Ѕунивер и Карталица. Имено, според неа, станува збор за иста населба со распон на живеење од раниот до доцниот неолит.

На дел од зарамнетата тераса која се издига над реката Изворчица, именувана како локалитет Ѕунивер, била подигната населба хронолошки сместена во раниот неолит, која подоцна страдала во пожар. За повторно подигање на населбата жителите ја одбрале повисоката и многу попространа тераса - локалитетот Карталица,2 кој, всушност, претставува продолжеток на животот од локалитетот Ѕунивер. Животот на Карталица продолжил во доцните фази на средниот неолит cè до самите почетоци или раните фази на доцниот неолит. Со опожарувањето на оваа населба животот целосно престанува на просторот именуван како Карталица. Нешто подоцна, на просторот Ѕунивер, била подигната нова населба која според материјалните показатели припаѓа на доцниот неолит.

Археозоолошкиот материјал од локалитетот Ѕунивер се состои од 3092 коски и коскени фрагменти, од кои 1787 припаѓаат на раниот, а останатите 1305 на доцниот неолит. Од вкупниот материјал, определени до вид се 2356 или 76,20%, додека кај останатите 736 или 23,80% не беше можно определување по вид, поради што влегуваат во групата „определени до класата големина“ (табела 1).

Таксономското или видово определување беше отежнато, како од високиот степен на фрагментираност така и од силната калцинација присутна на материјалот од овој локалитет. Од тие причини е направена и таксономската група „определени до класата големина“, каде коскените фрагменти кои ја сочинуваат оваа група, врз основа на големината, се поделени на три подгрупи: големи преживари (Bos/Cervus), средни по големина (Ovis/Capra/Capreolus) и групата (Sus scrofa dom./Sus scrofa) каде не беше возможно точно видово определување. Во овие групи најчесто влегуваат мали фрагменти од дијафизите на долгите коски, како и фрагментирани ребра и прешлени кои не носат доволно информации за точно видово определување.

Кај видово определивите коски и коскени фрагменти користени се два квантитативни методи: број на коски определени до вид (NISP) и минимален број индивидуи (MNI) според методот на Ѕ. Bökönyi.3 За остеометриските анализи на овие коски користени се метричките шеми на А. von den Driesch,4 при што резултатите се дадени во милиметри.

Археозоолошката збирка од Ѕунивер е релативно мала, поради што определени се вкупно само 12 таксономски групи, од кои 5 припаѓаат на домашните животни (говедо, овца, коза, свиња, куче), а останатите 7 на дивите (тур, дива свиња, елен, срна, лисица, зајак и желка). Разгледувајќи ја како целина, оваа збирка не отстапува од досега утврдената генерална слика за неолитските локалитети во Македонија, во однос на застапеноста, поточно, соодносот на дивите и домашните животни.5

Од вкупниот број видово определени коски, 2244 или 95,25% припаѓаат на домашните, а останатите 112 или 4,75% на дивите животни.

Разгледувајќи ја застапеноста на домашните животни по бројот на коски, со 1536 или 68,45% од вкупниот број домашни животни, јасна е доминацијата на малите преживари, т.е овца/коза. Веднаш по нив следуваат говедото со 24,20%, свињата со 6,78% и кучето со 0,58%. Истата ситуација ја забележуваме и при разгледувањето на застапеноста на домашните животни врз основа на определениот минимален број индивидуи. Овца/коза со 70,27% од вкупниот број индивидуи на домашните животни повторно ја имаат водечката улога, по кои следуваат говедото со 17,57%, свињата со 9,46% и кучето со 2,70% (табела 1).

Кога станува збор за групата диви животни, како и на повеќето неолитски локалитети, доминира еленот со 43,75% од вкупниот број диви животни. По него следува дивата свиња со 25,90%, потоа срната со 11,61%, турот со 9,82%, зајакот со 7,14% и на крајот лисицата и желката со поединечни примероци или 0,89%. При разгледувањето на застапеноста на дивите животни, врз основа на утврдениот минимален број индивидуи, ситуацијата е малку поразлична. Во овој случај, со 35,00% од вкупниот број индивидуи на дивите животни најзастапена е дивата свиња. Второто место го зазема еленот со 20,00%, по кои следуваат срната со 15,00%, турот и зајакот со ист број индивидуи или 10,00% и на крајот лисицата и желката со по една индивидуа или 5,00% (табела 1).

Материјалот од неолитскиот локалитет Ѕунивер хронолошки припаѓа на раниот и доцниот неолит. Во продолжение материјалот ќе биде разгледуван одделно, по периоди, со цел да се воочат разликите на видовата застапеност на животните од овој локалитет.

* * *

Материјалот од раниот неолит го сочинуваат 1787 коски и коскени фрагменти, од кои 1342 се видово определени, а останатите 445 се определени до класа на големина. Најголем број од видово определените припаѓаат на домашните животни (NISP=1296), кои произлегуваат од најмалку 79 индивидуи. Тие претставуваат 96,57% од вкупниот број видово определени и 90,80% од бројот на индивидуите (табела 2).

Во однос на домашните, дивите животни се застапени во значително помал број (NISP=46) или 3,42% од вкупиот број на видово определени. Тие произлегуваат од најмалку 8 индивидуи или 9,20% од минималниот број на видово определените.

Од вкупниот материјал кој припаѓа на раниот неолит определени се 11 таксономски групи, од кои 5 (говедо, овца, коза, домашна свиња и куче) припаѓаат на домашните животни, а останатите 6 (тур, елен, дива свиња, срна, лисица и зајак) на дивите животни (табела 4).

Домашни животни

Мали преживари (ovicaprinae)

Групата мали преживари (ovicaprinae) се состои од 963 коски и коскени фрагменти кои сочинуваат 71,76% од вкупниот број видово определени и 74,31% од групата на домашни животни. Од вкупниот број коски и коскени фрагменти од групата мали преживари (963), 316 или 32,81% се определени до вид и род (овца - Ovis aries L. и коза - Capra hircus L.), додека 647 или 67,19% се определени само до вид (овца/коза - ovis/capra) (табела 2). Најголем процент од оваа група отпаѓа на возрасните индивидуи, 60,13%, од кои senilis 0,17% и adultus 59,96%. Младите индивидуи заземаат 39,87%, од кои subadultus 10,99%, juvenilis 23,71% и infantilis 5,15% (табела 8).

Овца (Ovis aries L.)

Овцата е застапена со 258 коски и коскени фрагменти, поточно, 19,22% од вкупниот број видово определени и 19,91% од бројот на домашните животни (табела 4). Вкупниот материјал од овца произлегува од најмалку 19 индивидуи (табела 2). Коските од овца се многу фрагментирани, но се пронајдени помал број фрагменти погодни за мерење како и една цела коска (радиус), погодна за пресметување од висина на гребенот (табела 6). Добиените мерки се споредени со оние од останатите неолитски локалитети во Македонија, при што се забележани неколку отстапувања: радиус со поголема должина од примероците од Тумба - Маџари;6 тибија со значително поширок проксимален крај во однос на примероците од Карталица7 и Анзабегово (мешани слоеви)8 и ацетабулум поголем од измерените примероци од Карталица (табела 12).

Височината на гребенот кај овцата од Ѕунивер е пресметана врз основа на најголемата должина кај неколку коски, користејќи ги коефициентите на Haak9 и Teichert.10 Од радиус со најголема должина од 154,3 mm, добиена е височина на гребен од 61,10 cm според коефициентот на Haak и 62,03 cm според коефициентот на Teichert. Височините на гребенот определени од 7 калканеуси, според коефициентите на Teichert, варираат од 59,39 до 64,30 cm, со средна вредност од 62,24 cm. Од 13 астрагали со коефициентите на Teichert пресметани се височини на гребенот чии вредности се движат од 54,21 до 68,04 cm, со средна вредност од 62,14 cm. Кога ќе се разгледаат сите определени височини на гребенот, се забележува дека вредностите се движат од 54,21 до 68,04 cm. Разгледани пооделно, според утврдените коефициенти од различни автори, висината на гребенот според Haak е 61,10 cm, а според Teichert се во интервал од 54,21 до 68,04 cm.

Во однос на возрасните групи, материјалот е распределен во две генерални возрасни категории: возрасни индивидуи и млади индивидуи. Возрасните индивидуи претставуваат 67,23% и ја вклучуваат само возрасната група adultus. Останатите 32,77% се млади индивидуи од кои: infantilis 1,68%, juvenilis 20,59% и subadultus со 10,50% (табела 8).

Коза (Capra hircus L.)

Со 58 коски и коскени фрагменти кои произлегуваат од најмалку 7 индивидуи козата опфаќа 4,32% од вкупниот број определени коски до вид и 4,47% од групата на домашни животни. Соодносот меѓу козата и овцата е 1:4,45, што јасно ја покажува доминацијата на овцата.

Мал број фрагменти или цели коски беа погодни за мерење (табела 6). Цели черепи или фрагменти од нив не се пронајдени, со исклучок на еден мерлив фрагмент од рог. Врз основа на добиените мерки од коскени фрагменти, може да заклучиме дека големината на козата од Ѕунивер не отстапува од генералната слика за козата во неолитот во Македонија. Исклучок прави еден хумерус кој е со поголема дистална ширина од измерените примероци во Анзабегово (I и мешани слоеви), Тумба - Маџари и Карталица (табела 13).

Кај козата, како и кај овцата, доминираат возрасните индивидуи со 61,82%, при што сите се од групата adultus. Останатите 38,18% се млади индивидуи, од кои: infantilis 1,82%, juvenilis 23,63% и subadultus 12,73% (табела 8).

Говедо (Bos taurus L.)

Говедото со 254 коски и коскени фрагменти опфаќа 18,93% од видово определените и 19,60% од домашните животни. Коскениот материјал припаѓа на најмалку 10 индивидуи, со тоа говедото го зазема второто место по застапеност веднаш по групата мали преживари (табела 2).

Од неколкуте мерливи коски и коскени фрагменти не се забележуваат некои посебни отстапувања, со исклучок на мерките добиени од една скапула кои се многу поголеми од вредностите во Анзабегово (I, IV и мешани слоеви), тумба - Маџари и Карталица (табела 14).

Висината на гребенот кај говедото е утврдена врз основа на два метакарпални краја, според методот на Атанасов, Василев и Цонев,11 каде за утврдуање на должината на коската се користи ширината на проксималниот и дисталниот крај на коската. Добиена е средна вредност од 127,5 cm од вкупно два фрагмента на метакарпална коска. Ако оваа вредност се вметне во шемите на Илиев12 за одредување на типот на говедото врз основа на висината на гребенот, тогаш овој примерок припаѓа на типот на примигено говедо, кое има височина на гребенот во интервал од 126 - 144 cm. Според споменатата шема на Илиев, астрагалите со најголема должина од 54 - 58 cm припаѓаат на типот брахицерно говедо, оние со должина од 59 - 64 mm на типот крстоска, а оние од 65 - 78 cm на примигениот тип говедо. Применувајќи ја оваа шема, двата измерени астрагала припаѓаат на типот од примигеното говедо. Во овие шеми за определување на типот на говедото се користи и должината на првите фаланги, каде должините од 49 - 58 mm посочуваат на брахицерниот тип говедо, од 59 - 64 mm на крстоска и од 65 - 70 mm на примигениот тип говедо. Врз основа на оваа шема, трите примерока на првата фаланга припаѓаат на типот брахицерно говедо.

Поголем процент од коскениот материјал од говедо припаѓа на возрасната група adultus (70,77%). Останатиот дел припаѓа на младите индивидуи, и тоа: subadultus (10,00%), juvenilis (16,92) и infantilis (2,31% ) (табела 8).

Домашна свиња (Sus scrofa dom. L.)

Со 73 коски и коскени фрагменти од најмалку 6 индивидуи домашната свиња опфаќа 5,44% од вкупниот број видово определени и 5,63% од бројот на домашните животни. (табела 2).

Многу мал број коскени фрагменти од домашна свиња се измерени, но тоа не треба да изненадува имајќи го предвид големиот процент млади индивидуи и, пред cè, високиот степен на фрагментираност на коскениот материјал. Добиените мерки не отстапуваат од оние на другите неолитските локалитети во Македонија, со исклучок на еден дистален крај од тибија, кој благо отстапува од измерените вредности во Анзабегово (мешани слоеви), тумба - Маџари и Карталица (табела 15).

Поголем дел од коскените остатоци од свиња, чија возраст е определена, припаѓаат на групата млади индивидуи (57,93%). Доминира групата juvenilis (62,96%), потоа следи infantilis (7,41%) и на крај subadultus (5,55%). Од групата juvenilis 31,48% се на возраст од 6-12 месеци, исто толку (31,48%) се на возраст од 12-24 месеци. Возрасната група adultus опфаќа 24,07% (табела 8).

Куче (Canis familiaris L.)

Со вкупно 6 коски, од најмалку една индивидуа (табела 2, 4), кучето претставува 0,45% од вкупниот број видово определени и 0,46% од бројот на домашните животни, со што се вклопува во утврдената претстава за застапеноста на кучето во неолитот во Македонија. (табели 6, 8, 16) .

Диви животни

Благороден елен (Cervus elaphus L.)

Благородниот елен е најзастапениот вид од дивите животни во раниот неолит на Ѕунивер (табела 2). Определени се вкупно 26 коскени фрагменти (табела 4) кои претставуваат 1,94% од бројот на определените до вид и 56,52% од бројот на дивите животни. Коските произлегуваат од најмалку 2 индивидуи. Поради силната фрагментираност на коскениот материјал, не е издвоен ниту еден фрагмент со мерливи карактеристики.

При одредувањето на возрасните групи, со 66,67% јасна е доминацијата на возрасната група adultus. Останатите 33,33% припаѓаат на младите индивидуии: subadultus 25,00% и juvenilis 8,33% (табела 8).

Дива свиња (Sus scrofa L.)

Дивата свиња го зазема второто место во однос на застапеноста на дивите животни во раниот неолит на Ѕунивер. Осум коскени фрагменти, од најмалку 2 индивидуи, беа определени како дива свиња, кое изразено во проценти е 0,60% од бројот на видово определени и 17,39% од бројот на дивите животни (табела 2, 4).

Од осумте коскени фрагменти погодни за мерење беа 2 скапули и една втора фаланга (табела 6). Измерените вредности не отстапуваат од вредностите на неолитските локалитети во Македонија.

Сите 8 фрагменти од дива свиња припаѓаат на возрасната група adultus (табела 8).

Срна (Capreolus capreolus L.)

Мал број фрагменти, вкупно 5, беа определени како срна. Овие фрагменти припаѓаат на најмалку една индивидуа (табела 2). Со 0,37% од вкупниот број видово определени и 10,87% од вкупниот број на дивите животни срната е на трето место во однос на застапеност на дивите животни во раниот неолит во Ѕунивер (табела 4).

Од определените фрагменти 4 припаѓаат на возрасната група adultus, а само еден фрагмент ѝ припаѓа на млада индивидуа, определена во групата subadultus (табела 8).

Тур (Bos primigenius Boj.)

Во ранонеолитскиот материјал од Ѕунивер 3 коскени фрагменти од најмалку една индивидуа се определени како тур (табела 2, 4). Тие претставуваат 0,22% од вкупниот број определен до вид и 6,55% од бројот на дивите животни.

Трите фрагменти се мерливи и од добиените мерки може да забележиме дека вредностите не отстапуваат од достапните мерки за аналогии од неолиските локалитети во Македонија.

Сите фрагменти припаѓаат на возрасната група adultus.

Зајак (Lepus europaeus L.)

Зајакот е претставен со 3 коскени фрагменти или 0,22% од вкупниот број видово определени и 6,52% од бројот на дивите животни (табела 2, 4). Фрагментите од зајак припаѓаат на возрасната група adultus.

Лисица (Vulpes vulpes L.)

Една коска е определена како лисица, што претставува 0,07% од вкупниот број видово определените и 2,17% од бројот на дивите животни (табела 2). Овој примерок ѝ припаѓа на возрасната група adultus.

* * *

Материјалот од доцниот неолит го сочинуваат 1395 коски, од кои 1014 се видово определени, а 291 се определени до класа на големина (табела 5). Најголем број од видово определените припаѓаат на домашните животни (NISP=948), кои произлегуваат од најмалку 69 индивидуи. Тие претставуваат 93,48% од вкупниот број видово определени и 85,17% од тие на индивидуите.

Во однос на домашните, дивите животни се застапени во значително помал број (NISP=66) или 6,51% од вкупиот број видово определени. Тие произлегуваат од најмалку 12 индивидуи или 14,83% од минималниот број на видово определените.

Од вкупниот материјал кој припаѓа на доцниот неолит, определени се 10 таксономски групи, од кои 5 (говедо, овца, коза, домашна свиња и куче) припаѓаат на домашните животни, 5 (тур, елен, дива свиња, срна и зајак) припаѓаат на дивите животни, како и еден примерок од желка (Testudo graeca L.), која е вклучена во групата на дивите животни (табела 3).

Домашни животни

Мали преживари (ovicaprinae)

Материјалот од групата мали преживари се состои од 573 коски и коскени фрагменти. Оваа група претставува 56,50% од вкупниот број видово определени и 60,44% од групата на домашните животни. Определени се најмалку 42 индивидуи или 51,85% од вкупниот број на индивидуи и 60,86% од бројот на домашните индивидуи (табела 3).

Во рамките на групата (NISP=573) 178 или 31,07% се определени до род и вид (Ovis aries L. и Capra hircus L.). Останатите 395 или 68,93% определени се само до вид (ovis/capra).

Најголем процент во групата мали преживари (ovicaprinae) припаѓаат на возрасните индивидуи (68,83%), од кои senilis 0,52% и adultus 68,31%. Младите индивидуи се застапени со 31,16%, од кои infantilis 1,82%, juvenilis 20,52% и subadultus со 8,83% (табела 9).

Овца (Ovis aries L.)

128 коски и коскени фрагменти кои произлегуваат од најмалку 14 индивидуи и припаѓаат на овцата (табела 3). Тие претставуваат 12,62% од вкупниот број определени по вид и 13,50% од бројот на домашните животни.

Коскениот материјал од овца е доста фрагментиран, но и покрај тоа некои фрагменти беа погодни за мерење. Добиените мерки не отстапуваат од направените аналогии со останатите неолитски локалитети во Македонија (табела 7, 12).

Височината на гребенот е определена од најголемата должина на еден астрагал и на еден калканеус, според Teichert.13 Од должината на астрагалот е пресметана висината на гребенот од 62,4 cm, додека пресметаната висина на гребенот од калканеусот изнесува 60,2 cm. Според ова, може да констатираме дека височината на гребенот на овца во доцниот неолит на Ѕунивер се движи во интервал од 60,2 до 62,4 cm, според коефициентите на Teichert.

Во однос на возрасните групи доминираат возрасните индивидуи со 72,41%, сите од групата adultus. Останатите 27,58% припаѓаат на младите индивидуи, и тоа, subadultus so 8,62% и juvenilis со 18,96% (табела 9).

Домашна коза (Capra hircus L.)

50 коски и коскени фрагменти од најмалку 5 индивидуи беа определени како коза кои претставуваат 4,93% од вкупниот број видово определени и 5,27% од бројот на домашните животни (табела 3, 5).

Од овие коскени фрагменти мал број беа погодни за мерење (табела 7), меѓутоа, од измерените примероци може да зклучиме дека големината на козата од доцниот неолит на Ѕунивер не отстапува од останатите неолитски локалитети низ Македонија (табела 13). Исклучок прави една скапула која е поголема од примероците во Анзабегово (мешани слоеви), како и една тибија со дистална широчина поголема од вредноста на примероците од Карталица (среден неолит).

Најголем процент на коскените фрагмени од коза припаѓаат на возрасните индивидуи - 65,95%, од кои 63,82% adultus и 2,13% senilis. Останатите 34,05% припаѓаат на младите индивидуи, и тоа, 12,77% subadultus и 21,28% juvenilis (табела 9).

Говедо (Bos taurus L.)

Говедото со 289 коски и коскени фрагменти од најмалку 16 индивидуи опфаќа 28,50% од вкупниот број видово определени и 30,48% од бројот на домашните животни (табела 3, 5). По застапеност говедото се наоѓа веднаш по групата мали преживари.

Заради високиот степен на фрагментација мал број од коскените фрагменти беа мерливи. Од измерените примероци само еден проксимален крај од радиус отстапува од измерените примероци од Анзабегово (фаза IV и мешани слоеви), тумба - Маџари14 (среден неолит) и Карталица (среден неолит)15 (табела 14).

Типот на говедото може да го определиме врз основа на најголемите должини на 4 астрагала, 1 калканеус и 3 први фаланги, според шемите на Илиев.16 Четирите астрагала со најголема должина во интервал од 67 до 73,2 mm припаѓаат на примигениот тип говедо. Калканеусот со должина од 140,2 mm исто така му припаѓа во примигениот тип говедо, додека од трите први фаланги една припаѓа на типот крстоска, а две на примигениот тип.

Кај говедото доминираат возрасните индивидуи - 76,53%, сите од групата adultus. Останатите 23,46% припаѓаат на младите индивидуи, и тоа 8,16% subadultus, 12,75% juvenilis и 2,55% infantilis (табела 9).

Домашна свиња (Sus scrofa dom. L.)

Со вкупно 79 коски и коскени фрагменти од најмалку 8 индивидуи, домашната свиња се наоѓа веднаш по говедото и претставува 7,79% од вкупно определените по вид и 8,33% од бројот на домашните животни (табела 3, 5).

Само седум коскени фрагменти се погодни за мерње. Оваа бројка не треба да зачудува, имајќи го предвид големиот процент млади индивидуи. Споредувајќи ги добиените мерки со останатите неолитски локалитети од Македонија, од измерените примероци отстапуваат само еден радиус со поголеми вредности од измерени од Анзабегово (мешани слоеви), Тумба - Маџари (среден неолит) и Карталица,17 како и еден пелвис со поголеми вредности од оние во Карталица18 (табела 15).

Во однос на возрасните групи, доминираат младите индивидуи, односно 50,73%. Од овие 7,25% припаѓаат на групата subadultus, 34,78% на juvenilis и 8,69% на infantilis. Од групата juvenilis 18,84% се на возраст од 6 - 12 месеци, а 15,94% се на возраст од 12 - 24 месеци. Останатиот процент од 49,27% припаѓа на возрасните индивидуи, сите од групата adultus. (табела 9).

Куче (Canis familiaris L.)

Кучето е претставено со 7 коски и коскени фрагменти, од најмалку три индивидуи, што претставува 0,69% од вкупниот број на видово определените и 0,74% од бројот на домашните животни (табела 3, 5).

Од мерливите фрагменти должината на еден цел радиус благо отстапува од измерените должини на радиус од Анзабегово (фаза II и III) и Тумба - Маџари (среден неолит) (табела 7).

Врз основа на најголемата должина на радиусот пресметана е височина на гребенот од 42,92 cm според коефициентите на Koudelka.19

Кога се разгледуваат возрасните групи, доминираат возрасните индивидуи со 57,14%, сите од групата adultus. Останатите 42,86% прпаѓаат на младите индивидуи, од кои 14,28% subadultus и 28,57% juvenilis (табела 9).

Диви животни

Благороден елен (Cervus elaphus L.)

Благородниот елен е застапен со 23 коски и коскени фрагменти, од најмалку две индивидуи, кои преставуваат 2,33% од вкупниот број видово определени и 34,85% од бројот на дивите животни (табела 3,5).

Коскениот материјал кој припаѓа на благородниот елен е силно фрагментиран и не е издвоен ниту еден фрагмент со мерливи карактеристики.

Доминираат возрасните индивидуи со 82,35% кои припаѓаат на групата adultus. Преостанатите 17,64% се млади индивидуи, од кои 11,76% припаѓаат на групата subadultus и 5,88% на групата juvenilis (табела 9).

Дива свиња (Sus scrofa L.)

Со вкупно 21 коскени фрагменти, од најмалку 5 индивидуи, дивата свиња претставува 2,07% од вкупниот број определени до вид и 31,82% од бројот на дивите животни (табела 3,5). Од определениот материјал погодни за мерење беа само 5 примероци. Измерените вредности не отстапуваат од аналогиите со неолитските локалитети во Македонија. Единствено еден пелвис со најголема должина на ацетабулумот, отстапува од вредностите во Карталица (табела 7).

Поголем процент од материјалот определен како дива свиња припаѓа на возрасните индивидуи - 63,16%, сите од групата adultus. Преостанатиот процент од 36,84% припаѓа на младите индивидуи, и тоа: 10,53% subadultus и 26,31% juvenilis (од 12 до 24 месеци) (табела 9).

Срна (Capreolus capreolus L.)

8 коскени фрагменти, од најмалку 2 индивидуи, беа определени како срна што претставува 0,79% од вкупниот број видово определени и 12,12% од вкупниот број на дивите животни (табела 3, 5).

Од определените фрагменти 83,33% припаѓаат на возрасната група adultus, а само 16,67%, припаѓа на младите индивидуи од групата juvenilis (табела 9).

Тур (Bos primigenius Boj.)

Турот со вкупно 8 коскени фрагменти од најмалку една индивидуа претставува 0,79% од вкупниот број определени по вид и 12,12% од бројот на дивите животни (табела 3, 5).

Сите фрагменти припаѓаат на возрасни индивидуи од групата adultus (табела 9).

Зајак (Lepus europaeus L.)

Само 5 коскени фрагменти, од најмалку една индивидуа, се определени како зајак, со што тој претставуваат 0,49% од вкупниот број видово определени и 7,57% од бројот на дивите животни (табела 3, 5).

Фрагментите од зајак припаѓаат на возрасни индивидуи од групата на adultus (табела 9).

Желка (Testudo graeca L.)

Желката е претставена само со еден фрагмент од пластрон.

Дискусија

Според Т. Јовчевска, кога станува збор за локалитетите Ѕунивер и Карталица, се мисли на една населба со распон на живеење од раниот до доцниот неолит, поради што во крајните согледувања ќе бидат вклучени и резултатите од археозоолошките анализи од Карталица со цел да се потврдат или отфрлат промените кои се случувале во однос на застапеноста на животните, ососбено домашните, а со самото тоа и структурата на сточарството во периодот на живеење на населбата - од раниот до доцниот неолит.

Кога се разгледува соодносот на диви и домашни животни, вообичаено за неолитските локалитети во Македонија и на повеќето од Балканот, е доминација на домашните во однос на дивите животни. Движејќи се од раниот кон доцниот неолит, се зголемува бројот на домашните за сметка на тоа што опаѓа бројот на дивите животни, што се објаснува со процесот на доместиикација и развојот на сточарството. Археозоолошките анализи од Ѕунивер укажуваат дека главен извор на храна биле домашните животни. Застапеноста на домашните животни во раниот неолит на Ѕунивер изнесува 96,57%, кој во доцниот неолит благо опаѓа и изнесува 93,48%. Обратно пропорционално на ова е застапеноста на дивите животни, кои во раниот неолит се застапени со 3,42%, а во доцниот неолит со 6,51%. Во Карталица има малку поразлична ситуација. Иако се следи тенденцијата за зголемување на бројот на домашните животни, за сметка на тоа што опаѓа бројот на дивите, со преодот од среден кон доцен неолит во Карталица е видно помал процентот на домашните животни (90,95% во среден и 92,51% во доцен) и пропорционално поголем на дивите (9,03% во среден и 7,48% во доцен неолит), како во средниот така и во доцниот неолит во однос на Ѕунивер и останатите неолитски локалитети во Македонија.

Општата слика за неолитските локалитети во Македонија, кога станува збор за застапеноста на домашните животни, е видна доминација на малите преживари, поточно, овцата и козата, по што следат говедото и свињата. Движејќи се од раниот кон доцниот неолит, застапеноста на овцата и козата постепено се намалува за сметка на што се зголемува бројот на говедото и свињата. Некои автори оваа промена, освен со географско-климатските фактори, ја поврзуваат и со зголемување на бројот на жителите во населбите, а со самото тоа и потребата од поголема количина храна кое неминовно води и до промена во структурата на сточарството.

Во рамките на групата на домашните животни најзастапени се овикаприните со 74,30% во раниот и 60,44% во доцниот неолит на Ѕунивер. Оваа тенденција на опаѓање на бројот на овцата и козата, одејќи од раниот кон доцниот неолит, е директно условена со порастот на бројот на говедото, од 19,60% во ран на 30,48% во доцен неолит, како и на домашната свиња од 5,63% во ран на 8,33% во доцниот неолит. Оваа слика целосно се вклопува со застапеноста на домашните животни од останатите неолитски локалитети во Македонија, како и пошироко на Балканот.20

Во Карталица повторно се забележуваат одредени разлики споредено со Ѕунивер, па и со останатите неолитски локалитети. Овцата и козата, како во средниот така и во доцниот неолит, се најзастапени меѓу домашните животни. Разликата е во тоа што бројот на овцата и козата во Ѕунивер и останатите неолитски локалитети од раниот кон доцен неолит постепено се намалува, додека во Карталица се забележува благ пораст. Пропорционално на ова, бројот на говедото и свињата од среден кон доцен неолит благо опаѓа.

Разгледувајќи ги возрасните групи кај домашните животни од раниот и доцниот неолит на Ѕунивер, може да констатираме дека кај сите видови, освен кај домашната свиња, доминираат возрасните индивидуи кои процентуално бележат раст во доцниот неолит. Кај домашната свиња најголемиот процент припаѓа на младите индивидуи, што јасно укажува дека возрасните индивидуи биле чувани за приплод, а младите за обезбедување храна. Овде ни Карталица не прави отстапка.

По разгледаните резултати од двата локалитета Ѕунивер и Карталица, може да заклучиме дека економијата во овие две населби се темелела на сточарство, пред cè, на одгледување овца и коза, кое останува примарно во сите три фази од неолитот, но секако опфаќа и одгледување говедо и свиња, чие значење и експлоатација се зголемува во подоцнежните фази. Одредените разлики меѓу Ѕунивер и Карталица, иако не излегуваат од рамките на некоја одредена слика за економијата во неолитските населби од македонските локалитети, сепак веројатно се должи повеќе на културолошки разлики отколку на влијание од палеосредината, бидејќи овие два локалитети имаат исто опкружување. Оттаму, слично како и во материјалната култура така и во однос на животинските остатоци кои даваат информации за економијата во една заедница, може да се каже дека секој неолитски локалитет во Македонија, но и пошироко на Балканот, иако ги има речиси истите карактеристики како и останатите локалитети во неговата поблиска или подалечна близина, дури и кога станува збор за истовремениот период, сепак постојат одредени минимални разлики, што укажува за постоењето исти (или многу слични) заедници, кои во одредени аспекти се карактеристични сами за себе, на тој начин, разликувајќи се од другите.

Илустрација, стр. 433
Илустрација, стр. 434
Илустрација, стр. 435
Илустрација, стр. 436
Илустрација, стр. 437
Илустрација, стр. 438
Илустрација, стр. 439
Илустрација, стр. 440
Илустрација, стр. 441
Илустрација, стр. 442
Илустрација, стр. 443
Илустрација, стр. 444
Илустрација, стр. 445
Илустрација, стр. 446
Илустрација, стр. 447
Илустрација, стр. 448
Илустрација, стр. 449
Илустрација, стр. 450
Илустрација, стр. 451
Илустрација, стр. 451
Илустрација, стр. 452

Белешки

  1. Јовчевска Т., 2006; Јовчевска Т., 2008а; Јовчевска Т., 2008б. ↩
  2. Јовчевска Т., 2008б, 10-15. ↩
  3. Bökönyi S., 1970, 291-292. ↩
  4. Von der Driesch A., 1976. ↩
  5. Ивковска А., 2009, 83-108. ↩
  6. Moskalewska А. - Sanev V., 1989, 68. ↩
  7. Фиданоска А., 2019, Таб.4. ↩
  8. Bökönyi S., 1976, 313-363. ↩
  9. Haak D., 1965. ↩
  10. Von den Driesch A. - Boessneck J., 1974, 339. ↩
  11. Василев В., 1985, 147-150. ↩
  12. Илиев Н., 1994, 68-70. ↩
  13. von den Driesch А. - Boessneck Ј., 1974, 339. ↩
  14. Moskalewska A. - Sanev, V., 1989, 69. ↩
  15. Фиданоска A., 2019. ↩
  16. Илиев Н., 1994, 68-70. ↩
  17. Фиданоска A., 2019. ↩
  18. Фиданоска A., 2019. ↩
  19. Koudelka F., 1885, 127-153. ↩
  20. Ивковска А., 2009, Таб. 10-11. ↩

Summary

Archeozoological Analyses from the Neolithic Site Dzuniver

Библиографија