Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 383–421
Прилог кон проучувањето на средновековните некрополи во кривопаланечката област Славиште
Содржина
- Кривопаланечката област Славиште во средниот век -
- Археолошки локалитети
- Археолошки локалитет Мал Камлеш – Плато (сектор Некропола) (T. I: 2; T. II)
- Археолошки локалитет Чифлик (Бабунци и Билибајци), с. Опила
- Археолошки локалитет Гробје, с. Кркља (T. XVI)
- Завршни согледувања
- Каталог на некрополи
- Археолошки локалитет Мал Камлеш - Не- Квадрат/сонда: сонда II, откоп 2.
- Ритуал на погребување: инхумација
- Археолошки локалитет Чифлик - Бабунци (Гра-
- Ритуал на погребување: инхумација .
Кривопаланечката област Славиште во средниот век -
краток историски преглед
Кривопаланечката област го зафаќа во крајниот североисточен дел од Република Северна Македонија. Се наоѓа на тромеѓе, граничејќи се со Република Србија на север и со Република Бугарија на исток. Оваа област претставува котлина спуштена во старата родопска маса, издолжена, главно, во правец исток - запад. Во антропогеографски контекст припаѓа на специфичната и посебна шопска област или Шоплук, која ги преминува денешните граници на Македонија. Регионот е исклучително планински со нагласени граници на север и планината Герман, на југ планината Осогово и на исток преминот Деве Баир, додека на запад е долината на Крива Река, левата притока на Пчиња (Т. I: 1). Долината на Крива Река уште во предисторија претставувала природна комуникација преку која се одвивале миграциите, културните и трговските контакти и влијанија. Како природна врска меѓу пошироката околина на течението на горна Струма и комуникацијата Морава - Пчиња - Вардар, во минатото имала важна улога во населувањето на североисточниот дел од Македонија и поврзувањето со соседните области. Покрај речните долини, за оваа област голема улога имале и природните порти, односно планинските премини „дервени“, а некои од нив, во помал или поголем интезитет, cè уште се во употреба. Античката патна мрежа за која податоци имаме во итинерариите, длабоко е проткаена во кривопаланечаката област. Оттука, во оваа област се констатирани патишта кои претставувале главни патни артерии во антиката и го поврзувале Балканскиот Полуостров со Европа и Мала Азија: вардарската сообраќајница Via Axia преку течението на Пчиња, која го поврзувало Егејско Море со северната, дунавска граница на Римското Царство; дијагоналниот пат кој од Хераклеја, преку Стоби, Пауталија и Сердика водел до Црно Море, и патот од Нишава кон Струма и понатаму до Сердика, кои несомнено ги следат трасите на постарата предисториска комуникација.1 Во средниот век низ кривопаланечката област познати се неколку делници од главните патни правци кои гравитирале кон средновековниот Велбужд, како најзначаен регионален центар. Станува збор за делница од главниот пат Белград - Ниш - Софија - Цариград (Via militaris). Според Шкриваниќ, постоел стар пат по кој од Врање се одело по левиот брег на денешна Коњарска Река во правец на Старо Нагоричано, а потоа оттаму кон Велбужд во Бугарија. По овој патен правец поминал Стефан Урош III Дечански 1330 година, кога со својата војска од Нагоричано поминал преку Страцин, Славиште и во манастирот Сарандопор (Св. Јоаким Осоговски во денешна Крива Паланка) се помолил на светитот отец Јоаким во пресрет на познатата Битка кај Велбужд. Друг патен правец е т.н. Татарски пат кој од долината на Требенишка Река во близина на село Шајинце на Пчиња, југозападно од Врање, водел за Крива Паланка. На овој пат се наоѓало селото Герман, Дервенџиско (Дербендиско) село од XVI век.2 Воспоставувањето на дервенџиската служба на Балканскиот Полуостров во териториите што ги освоиле Турците Османлии било поттикнато од големото значење на надворешната трговија и војувањето.
Историските податоци за средновековниот период во Кривопаланечко се многу скромни и во најголем дел се во состав на општо прифатените историски толкувања за одредени настани кои се однесуваат на територијта од Македонија како целина. Оттука, доселувањето на Словените во овие области кон крајот на VI и почетокот на VII век претставува епохален историски настан со кој завршува антиката и започнува процесот на стабилизација и формирање на првите македонски склавнии. Склавиниите како полусамостојни етнополитички словенски целини биле управувани од месното словенско население кое избирало свој водач (кнез, архонт). Својата делумна независност потполно ја губат во IX век, кога потпаѓаат под византиска управна власт со формирањето неколку нови византиски воено-административни единици - теми.3 Во втората половина на IX век, со експанзионистичката политика на бугарскиот кан/кнез Борис/Михаил Покрстителот (852 - 889) и неговиот наследник кнез/цар Симеон (893 - 927), бугарската власт ќе се прошири до Дрина и Јадранското Море на запад, вклучувајќи ја целата територија на Македонија, односно кривопаланечката област.4 Значајна пресвртница претставува масовната христијанизација на словенското население во втората половина на IX век, процес кој може да се идентификува со промена во материјалната култура и е одраз на моќната византиска политика и дипломатија наспроти кревката воена сила во тој период.5 Кон крајот на X и почетокот XI век овој простор влегува во составот на Самоиловата држава. По победата на Василиј II во битката на Беласица, Македонија се враќа во состав на Византиската Империја (поголем дел од територијата, а тука се мисли и на кривопаланечката област, е во состав на темата Бугарија).6 XI век е исполнет со историски настани кои се веродостоен приказ на комплексните политички и конфесионални констелации на средновековието воопшто на овој простор. На историската сцена се јавува богомилството (богомилска ерес) како еден вид социјално движење, актуелно и во тектот на X век, додека во историските извори се забележани продорите од север на номадските, азиски племиња (Печенези, Узи и Кумани), упадите од запад на Норманите, поминувањето на крстоносците од Првиот крстоносен поход и појавата на антифеудални ослободителни востанијата (Петар Делјан, Ѓорѓи Војтех и Констатин Бодин).7 Токму од почетокот на XI век потекнуваат првите историски податоци за кривопаланечката област која во средниот век била позната под името Славиште. Овој топоним за првпат се споменува во повелбата на Василиј II за правата на Охридската архиепископија од 1019 година, каде се наведува дека под јурисдикција на епископот од Моровизд биле следниве енории: Моровизд, Козјак, Славиште, Злетово, Луковица, Пијанец и Малешево.8 Кон крајот на XII век зајакнуваат две средновековни словенски држави на Балканот: српската држава и Второто Бугарско Царство, кои повремено освојуваат дел од територијата на Македонија. За српската експанзија и привременото освојување на Северна Македонија кон крајот на XII век дознаваме од Житието на Симеон Немања. Според житието, српскиот велики жупан Стефан Немања во втората половина на 1189 година ја нападнал Софија и градовите по горниот тек на реката Струма (Перник, Землен, Велбужд, Стоб, Житомск). Од Велбужд преку старата патна комуникација за Крива Паланка се упатил кон Скопје, Лешок во Долен Полог и Градец во Горни Полог, целосно опустошувајќи ги овие градови. Повторното враќање на овие територии под византиска власт веројатно се случил на почетокот на XIII век.9 Упадите на крстоносците од Третиот крстоносен поход низ кривопаланчеката област Славиште се евидентирани кон крајот на XII век. Имено, во декември 1189 година германскиот војсководец и цар Фридрих I Барбароса испратил одред од 1200 крстоносци предводени од херцогот Бертхолд, гроф од Холандија, и адвокатот Фридрих од Берг, со цел да ги доведе останатите крстоносци од Филипополис во Адријанопол, а истовремено да стапи во контакт со српскиот жупан Стефан Немања. По судирот со византиските одреди кај тврдината Баткун крстоносците упаднале во близина на тврдината Градец во Крива Паланка, каде продолжиле кон Велес, Прилеп, Битола во правец на Лариса.10 Кон крајот на XII и почетокот на XIII век на територијата од Македонија значајни се независните кнежества на Добромир Хрс, деспотот Алексиј Слав и севастократорот Стрез.11 Со падот на Цариград 1204 година и создавањето на Латинско Кралство се навестува залезот на Византија како велесила. Оваа новонастаната состојба ја искористува бугарскиот крал Калојан (1196 - 1207), кој на почетокот на XIII век ја освојува Северна Македонија, која до средината на векот е во состав на Второто Бугарското Царство.12 Во наредниот период на историската сцена евидентна е доминацијата и подемот на српската држава на сметка на Византија и Бугарија. Овој просперитет е очигледен за време на владеењето на крал Милутин (1282 - 1321) кога голем дел од денешна Македонија попаѓа под српска власт, додека за време на Стефан Дечански и цар Душан целосно е вклучена во српската средновековна држава.13 Од овој период постојат неколку изворни податоци кои се однесуваат на кривопаланечката област. Така, Славиште се споменува во повелбата на кралот Милутин издадена во Грачаница од 1321 година.14 Според Житието на кралот Стефан Урош (Дечански) напишано до Даниловиот ученик, пред значајната Битка кај Велбужд против бугарскиот цар Михаило III Шишман, Стефан Дечански со својата војска од Нагоричано поминал преку Страцин, Славиште, и во манастирот Сарандопор (Св. Јоаким Осоговски во денешна Крива Паланка) се помолил на светитот отец Јоаким.15 Наследникот на Душан, Урош V (1355 - 1371) ги нема државничките капацитети на неговиот татко и не е во состојба да ги задржи освоените територии кои се делат меѓу видните феудалци. Така, во Североисточна Македонија, во која спаѓа и кривопаланечката област Славиште, многу угледен бил севастократорот, односно деспот Дејан, родоначелник на династијата Драгаши, оженет за Душановата сестра Теодора, кој управувал со пространа територија меѓу Скопска Црна Гора и реката Струма. По неговата смрт, за сметка на неговите територии, во периодот од 1355 до 1371 година ce проширил севастократорот Влатко во чие владение биле жупите Славиште, Врање, Иногоште и Прешево. Маричката битка од 1371 година претставува значаен историски настан, по кој самостојните феудални владетели од Македонија започнуваат да ја признаваат турската врховна власт, воспоставувајќи вазални односи. Славиште, како и поголемиот дел од Североисточна Македонија, во овој период потпаѓа под кнежеството на браќата Драгаши, Константин и Јован, кои биле синови на деспотот Дејан и владееле со висок степен на внатрешна самоуправа. Во 1395 година во битката кај Ровине против влашкиот војвода Мирче, како турски вазал, загинува последниот историски познат владетел на Славиште, Константин Драгаш. По овој настан североисточна Македонија, а со тоа и кривопаланечката област потпаѓа под турска власт во рамките на Велбуждскиот (Ќустендилскиот) Санџак.16
Други поважни населби во Славишкиот Басен во средниот век биле Псача и Градец. Според изворите, Градец бил важен стратешко-управен пункт, додека Псача имал црковно значење за областа. Во Житието на св. Јоаким Осоговски од XI - XII век постои податок дека Градец бил главно седиште на кривопаланечката област Славиште со постојана воена посада каде што живеел управителот (владетелот) на целата околина. Сумирано, Градец во средниот век претставувал управно, војничко и трговско средиште на посочениот регион. Средновековниот град во Псача, според изворите, претставува конфесионално средиште на регионот. Во тој контекст, 1358 година властелинот Влатко, како тогашен владетел на Славиште со титула севастократор, и неговиот татко Пасхач, се јавуваат како ктитори на црквата Св. Никола во Псача. Сепак, науката cè уште го нема кажано последниот збор околу убикацијата на средновековниот град Славиште. Најголем фаворит претставува локалитетот Градиште во селото Опила, кој поседува моќна културна стратиграфија.17
Археолошки локалитети
Според сегашниот степен на истраженост во кривопаланечката област се евидентирани поголем број археолошки наоѓалишта кои се датираат во средниот век. Предмет на интерес во овој текст се средновековните некрополи на кои се вршени археолошки истражувања и една некропола која беше рекогносцирана во 2013 година. Станува збор за некрополите Мал Камлеш -Плато (сектор Некропола) во Ранковце, Чифлик-Бабунци во село Опила и локалитетот Гробје во село Кркља. Методологијата која се применува во оваа студија претставува комбинација на теренските и кабинетските методи на истражување. Во таа насока, целта на овој текст е да се направи своевиден пресек на досегашните сознанија (рекогносцирања, археолошки ископувања, непубликувани и публикувани резултати) кои се однесуваат на средновековните некрополи во кривопаланечката област Славиште. Со изработката на Археолошката карта на Република Македонија, на територијата која тогаш ја зафаќала Општина Крива Паланка како единица на локална самоуправа (влегувала територијата со населените места на сегашната Општина Ранковце), биле рекогносцирани вкупно 33 населени места, при што биле евидентирани 116 археолошки локалитети. Од овие евидентирани наоѓалишта, 28 локалитети се датирани во средниот век, без разлика дали се работи за населба, некропола или црква.18 Во прилог се локалитетите кои се предмет на обработка во овој текст.
Археолошки локалитет Мал Камлеш – Плато (сектор Некропола) (T. I: 2; T. II)
Археолошкиот локалитет Мал Камлеш лежи во центарот на село Ранковце, јужно од магистралниот пат A-2 (Коридор 8) Крива Паланка - Скопје, пред мостот на влезот од руралниот центар на Општина Ранковце. Рекогносциран е далечната 1978 година при изработката на Археолошката карта на Општина Крива Паланка. Според податоците добиени од рекогносцирањето, наоѓалиштето е детерминирано како повеќеслојна населба од типот населби на речна тераса сместена во близина на устието на Ранковачка во Крива Река, со апроксимативна површина од 10 ha. Комплексната стратиграфија на локалитетот е потврдена со заштитните археолошки ископувања 1995 - 1996 година, кога се откриени населбински остатоци и материјална култура од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време. Стратиграфијата на наоѓалиштето е дополнета со реализацијата на заштитните археолошки ископувања од страна на ЛУ Градски музеј - Крива Паланка и откривањето на средновековна некропола во 2015 година. Границите на населбата лесно се забележуваат од магистралниот пат: во правец на запад границата на населбата е по течението на Ранковачка Река, кон југ интензитетот на населбинското живеење завршува со возвишено плато кое доминира над околниот микрорегион, кон север границата најверојатно е магистралниот пат и месноста Бабин Гроб, додека кон исток граничните контурите на локалитетот најверојатно завршуваат со локалниот пат којшто води кон маалата Каваклија во селото Опила. Во правец на југ и југоисток, како што споменавме, локалитетот завршува во вид на мало и возвишено зарамнето плато со 479 m н.в, со елипсовидна форма и апроксимативна површина од 150 х 100 m, со која доминира над околната рамница Славишко Поле. Платото е лесно пристапно од северната и северозападната страна, додека јужното чело стрмно паѓа кон долината на Крива Река (T. II: 1).19 Токму во овој дел од локалитетот е лоцирана средновековната некропола која е предмет на овој текст. Имено, заштитните археолошки истражувања, кои се реализираа во вкупно две истражувачки кампањи во 2015 и 2017 година, беа иницирани од нелегалните ископувања евидентирани во југоисточниот дел од овој простран локалитет, условно поделен на два дела: Мал Камлеш - Блокови и Мал Камлеш - Плато (T. I: 2; T. II: 1). Токму на микролокацијата Мал Камлеш - Плато, која подоцна беше преименувана во секторот Некропола, во текот на март 2014 година, по добиената анонимна дојава за илегално искпопување, стручна екипа од ЛУ Градски музеј - Крива Паланка евидентира најмалку три девастирани, т.е. ископани гроба и дислоциран и расфрлан остеолошки материјал од примарниот фунерарен контекст низ наоѓалиштето (T. II: 2 - 3). Според прелиминарните резултати од спроведените истражувања, движниот археолошки материјал, архитектонските и археолошките целини (гробови) на локалитетот може да се издвојат два културни стратуми: постариот културен стратум е населба која се датира во средниот неолит на Источна Македонија, односно во Анзабегово-вршничката културна група: Анзабегово-Вршник II -III според Гимбутас, или Анзабегово-Вршник II - IV според Гарашанин и Санев (5800 - 5300 год. пр. н.е); помладиот културен стратум или хоризонт всушност претставува некропола од средниот век која во значителна мера ја има девастирано населбата од средниот неолит.20
Во двете археолошки кампањи се истражија вкупно 21 гроб. Сите гробови се евидентираа и документираа според претходно утврдените правила и методологија за истражување на некрополи, освен гробот 12 којшто остана во западниот профил на кв. 3 од сондата III. Со оглед на заштитниот карактер на ова истражување применет е методот на класично археолошко ископување, со сукцесивни хоризонтални откопи на културниот слој, cè до стерилната здравица, како и делумно завлегување во неа. Бидејќи станува збор првенствено за рамна некропола, а со оглед на лимитираните финансиски средства се пристапи кон сондажно ископување, се истражија вкупно три сонди кои добија латинска нумерација и еден контролен профил: сонда I со димензии 10 х 5 m во правец север - југ (T. III: 1), сонда II која се постави на 10 m оддалеченост кон исток од сонда I со димензии 5 х 5 во правец север - југ (T. III: 2), сонда III која е поделена на два квадрати кв. 3 и 4 со димензии 5 х 5 m во правец север - југ (T. IV: 1 - 2; T. V: 1 - 2) и контролен профил јужно од сондата II на оддалеченост од 5 m (мерено од точка D) со димензии 15 х 1 m и ориентација север - југ. Ровот првенствено се постави за да се утврди густината и организацијата на некрополата, како и евентуалните граници. Во сите сонди севкупно се ископаа три сукцесивни откопи, при што се констатира следнава стратиграфиска секвенца: под рецентниот хумусен слој е слојот од кафаеава земја, тврда, која содржи голема количина постини камења, фрагменти од предисториска керамика, литички материјал и грутки од црвен лепеж. Овој слој со дебелина од 0,40 до 0,60 cm, всушност, го претставува предисторискиот културен стратум на наоѓалиштето. Под овој културен стратум се наоѓа карпеста здравица. Средновековната некропола директно е вкопана во овој слој (стратум) и делумно на карпестата здравица, така што на терен се евидентира наруѓана стратиграфија, при што подоцнежните средновековни гробови ја имаат девастирано предисториската населба. Од анализа на гробовите може да се констатира дека станува збор за рамна некропола организирана во редови со ориентација на покојниците запад -исток. Ритуалот на погребување е инхумација каде скелетите на покојниците се положени на грб во испружена положба, нозете на исток, а главата на запад со поглед кон сонцето што изгрева, додека горните екстремитети најчесто се свиткани во подлактицата и положени на карлицата или абдоменот, или покрај телото (T. VI: 1 - 4; T. VIII: 1 - 3). Во сегашниот степен на истраженост, морфолошки, гробовите и фунерарната архитектура кои се во директна корелација со социјалната припадност на покојникот, но и обичаите на даденото време,21 може да се поделат на следниве гробни типови: обични неоградени гробни јами, т.н. слободни вкопувања (T. VI: 2 - 3), гробови каде гробната јама е оградена со делумен венец од камења (T. VI: 1, 4; T. VII: 2) и гробови цисти од камени плочи (T. VII: 1). Од наведените типови доминираат т.н. слободни вкопувања.22 Антрополошки истражувања на остеолошкиот материјал, за жал, не се вршени. Во контекст на местоположбата на некрополата може да се констатира дека станува збор за една од ретките средновековни некрополи од територијата на Македонија, која е основана врз предисториски локалитет (според досегашните истражувања евидентирани се две некрополи од овој тип: во Битола, с. Могила, Тумба Средсело и во Кочани, с. Оризари, Кунови Чуки).23 Во правец на северозапад од поставените сонди се забележуваат темелните партии од објект околу кој веројатно е организирана некрополата, што дава индиции за постоење средновековна црква околу која се распоредени гробовите - гробишна некропола.
Материјална култура и датирање
Некрополите и фунерарниот ритуал како археолошки извор содржат бројни информации. Со анализа на гробните прилози можно е да се реконструираат голем број аспекти поврзани со животот на заедницата, меѓу кои, најважни се: социјалниот статус на покојниците, полот и возраста, како и карактерот и степенот на социјалната диференцијација во рамките на проучуваната група.24 Гробните прилози од истражените гробови од некрополата, иако скромни по обем, се сведуваат, главно, на накит. Накитот низ историјата покрај својата утилитарна, се претпоставува дека исполнувал одредена магиско-религиската (талисманска) функција, односно се користи како амулет за заштита од негативни влијанија. Покрај оваа основна фукнција, накитот содржи одредена естетска, брачна, статусна или хиерархиска улога, професионалната, хералдичката и сфрагистичката намена, конфесионалната, амулетската и меморијалната симболика.25 Типолошко-компаративната анализа на движниот археолошки материјал е примарна во релативно-хронолошкиот дискурс и датирање на некрополата. Оттука, во гробот 7 се пронајде лентеста бронзена белегзија со отворени краеви (T. IX: 1а) и коскено кутивче украсено со концетрични кругови, во гробот 8, на просторот меѓу левата надлактица и левата натколеница се откри мала монохромна стаклена белегзија со мазна површина и кружен пресек (T. IX: 1б); во гробот 18 се пронајде бронзен прстен со задебелена елипсовидна глава со вдлабнување во кое е вметнат камен со кружна форма (прстени со вметнато украсно камење во круната) (T. IX: 2б) и фрагментирани обетки, во гробот 16 во пределот на карлицата се пронајде бронзен прстен со нагласена глава и рамена со лентеста алка (T. IX: 2г), а кај левата надлактица бронзена алка или прстен изработена од жица со кружен пресек, краевите се допираат (T. IX: 2ѓ), додека во гробот 20 во пределот на карлицата се пронајде бронзен прстен со купаста глава и лентеста алка со правоаголен пресек (T. IX: 2д). Движен археолошки материјал без фунерарен контекст се пронајде во слојот од кафеава земја. Станува збор за накит и тоа: лентеста бронзена белегзија со еден шарнир за поврзување (T. IX: 1в) и бронзен прстен со тесно лентесто тело (алка) и конусна глава од тенок лим украсена со филигран во вид на розета (T. IX: 1-г), бронзен прстен со купаста глава и лентеста алка со правоаголен пресек (T. IX: 2-a), бронзен прстен со задебелена елипсовидна глава и алка со правоаголен пресек (T. IX: 2-в). Сите наведени гробни прилози се датираат во хронолошки рамки од X - XII век, а се среќаваат на пошироката територија од Македонија, Косово, централна и Источна Србија, Бугарија, Јужна и Североисточна Албанија, Грција и Романија.26
Археолошки локалитет Чифлик (Бабунци и Билибајци), с. Опила
Во југозападното подножје на доцноантичкото и средовековно утврдување Градиште во село Опила (T. X: 1), на една возвишена, речиси зарамнета тераса, веднаш под ридот Суво Брдо и пристапниот пат за Кратово (Ризино Долче), во маалата Бабунци, се наоѓа археолошкиот локалитет (некропола) Чифлик - Бабунци. Според податоците добиени од заштините археолошки истражувања извршени во 1984, 1985, 1987 година од страна на Музејот на Македонија, а особено со големите заштитни археолошки истражувања по трасата на железничката пруга Бељаковце - Деве Баир во 1995 -1996 година реализирани од РЗЗСК - Скопје, на некрополата се евидентирани три хоризонти на погребување: растурена тумуларна некропола од железното време (VII - VI век пр. н.е.), погребувања од доцноантичкиот (IV - VI век) и од средновековниот период (X - XI век, со поединечни наоди од IX век). Овие евидентирани хоризонти на погребување во голема мера се комплементарни со стратиграфијата на населбата Градиште. Во контекст на стратиграфијата, многу значајно е тоа што иако станува збор за повеќе хоризонти на погребување, според досегашните истражувања, методолошки не е евидентирана вертикална стратиграфија на погребувањата, односно не се издвоени вертикални хоризонти, туку подоцнежните вкопувања и гробови ги респектираат пораните фази, и всушност се речиси на исто ниво на погребување (T. X: 2). Оттука, некрополата, како избрано свето место, се шири во хоризонтала. Од неколкуте спроведени археолошки кампањи истражени и евидентирани се вкупно 643 гроба, од кои севкупно 287 гроба се датираат во средниот век.27 Последните заштитни истражувања на овој локалитет се реализираа во текот на 2012 година со цел да се доистражи, делот на некрополата каде била пронајдена најголемата концентрација гробови од претходните ископувања, кои, за жал, со ерозијата од дождовите во буквална смисла „висеа“ во профилот од железничката траса и беа лесен плен за дивите копачи (T. XI: 1). Во тој контекст, се интервенираше на просторот, т.е. профилот од нивата со катастарската парцела КП 1975/1 во сопственост на Ѓорги Пешевски. На загрозениот простор каде што се наоѓаа гробовите се постави сонда во правец север - југ со димензии 30 х 5 m, која работно беше наречена сонда I, додека поширокиот простор од некрополата, односно секторот работно е наречен Некропола. За полесно нотирање и просторно фиксирање на археолошките целини и движниот археолошки материјал сондата I се исколчи и се постави во квадратна мрежа како помошно графичко средство. Во правец на север во сондата беа поставени следниве квадрати: F1, E1, E2, D2, D3, C3, C4, B4 и B5 кои парцијално го зафаќаат истражуваниот простор (T. XI: 2 - 3). Во сондата I можат да се издвојат три стратиграфски слоја настанати како резултат на културното живеење и геолошките напластувања, со вкупна дебелина од 2,30 m. Првиот слој или хумусот е со светло-кафеава до жолтеникава боја и дебелина од околу 0,50 cm, кој во профилот не е насекаде со иста дебелина. Составот е компактен, а керамика се јавува помал процент. Вториот слој е со темнокафеава и наместа сивкаста боја на земјата со растресита структура и голем процент на керамика. Во овој слој се вкопани најголем дел од пронајдените гробови. Меѓу вториот и третиот слој во кв. B-4 се евидентирани фрагменти од предисториска керамика. Овој хоризонт, во оваа фаза и обем на истражување, може само да се нотира без да се поврзе со некаков предисториски објект. Третиот слој, всушност, претставува здравицата која поради конфигурацијата на теренот некаде излегува повисоко, некаде пониско, и е со карактеристична црвеникаво-окераста боја.28
Во оваа кампања беа откриени 17 гроба кои се датираат во средниот век. Од анализата на гробовите може да се констатира дека станува збор за рамна некропола организирана во редови со ориентација на покојниците североисток - југозапад. Ритуалот на погребување е инхумација. Треба да се нагласи дека остеолошкиот материјал откриен во оваа истражувачка кампања е слабо зачуван и во многу лоша состојба, а во некои гробови целосно отсуствува. Овие гробови без скелети и гробни прилози, по правило, служеле како кенотафи.29 Слабата зачуваност на скелетите, особено од средновековната група, е констатирана и во антрополошките анализи од претходните истражувања.30 Според целосно зачуваниот скелет од гробот 7, може да се констатира дека покојниците се положени на грб во испружена положба, нозете на североисток, а главата на југозапад, додека горните екстремитети се положени покрај телото, исто како и во поголемата група гробови од претходните истражувања (T. XII: 1). Траги од храна за „попатнина“ во вид на коски од животни или семки и плодови се евидентирани во т.н ритуални површини каде одвивала погребната гозба, која претставува реминисценција на паганските обичаи. Ваков тип археолошка целина е евидентиран во профилот од квадратот D-2 и се карактеризира со присуство на кујнска керамика и остатоци од животински коски.31 Типолошки не е евидентиран вариетет во гробните форми нотирани од претходните ископување. Се среќаваат гробови од типот слободно вкопани јами чии контури се ограничени со две челни плочи, додека покривната конструкција се состои од нафрлан камен (T. XII: 3), гробна јама со покривна конструкција од камени плочи (T. XII: 1), гробна јама со покривна конструкција од насатично и вертикално поставена градежна и покривна тула (T. XII: 2) и гробови од типот циста од камени плочи. Карактеристично во фунерарната архитектура на оваа некропола претставува појавата на маркер во функција на констутивен и конструктивен елемент на гробната целина. Ваквото површинско обележување на некрополата e раритетна појава во средновековната фунерарна археологија (T. XIII: 1).32 Гробниот маркер (стела) како дел од сепулкралниот обред е карактеристичен за фунерарната иконографија на т.н. кургански народи, за кои е карактеристично особено погребувањето под тумули во текот на IV милениум пр. н.е. Тој е во широка употреба во текот на антиката.33 Реконструкцијата на целиот погребен ритус најдобро е документиран при истражувањето на гробот 14 (T. XIII: 1а-б). Имено, североисточниот дел од гробот е обележан со маркер, т.е. вертикално поставена камена плоча (T. XIII: 1б). Покрај вертикално поставениот маркер низ целата гробна јама во нивото на обележување, т.е. маркирање, евидентиран е нафрлан камен со средна димензија (Т. XIII: 1a). До маркерот во источниот агол од оваа конструкција се јавува уште една вертикално поставена камена плоча со помали димензии. Маркерот е со димензии 60 х 40 cm. Во долниот дел е стеснет за полесно набивање во земјата. Маркираната конструкција во основа ја определува гробната јама. Има димензии 178 х 60 cm, додека покривната конструкција од гробот е пронајдена на 70 cm од нивото на маркирање. Таа се состои од пет делкани камени плочи, од кои, броејќи од североисток кон југозапад, втората е пропадната. Четвртата покривна плоча има врежан крст (малтешки тип) од нејзината надворешна страна (T. XIII: 1в). По кревањето на покривната контрукција, се забележа дека првата покривна плоча исто така е декорирана со врежан крст (T. XIII: 4), додека на третата покривна камена плоча од внатрешната страна е врежана (изделкана) стилизирана претстава на човек со подигнати раце (адорантска позиција) кој во десната рака држи крст поставен на некаква поголема дршка - јарбол (T. XIII: 2). Вертикално поставена камена плоча во функција на маркер е пронајдена во гробот 7 (T. XII: 1). Во гробот 8 и гробот 16 во североисточниот дел, како составен дел од гробната конструкција е пронајдена камена плоча со врежан крст (T. XIII: 3, 5), додека во гробот 13 камената плоча во североисточниот дел е украсена со врежан пентаграм (T. XIII: 6). И овие плочи веројатно имаат функција на обележување на гробовите. Може да се констатира дека сите гробни маркери од истражувањата во 2012 година се наоѓаат на североисточниот дел од гробовите. Врз основа на истражените гробови со целосно зачувани скелети, вертикално поставените плочи кои имале функција на обележување на гробот се наоѓаат на две позиции: над положените нозе на покојниците, спротивно од главата или над главата на покојникот (T. XII: 1; T. XIV: 5).34 Идентична фунерарна конструкција со маркер за обележување на гробот потврдена е во гробовите 146, 217, 272, 277, 278, 279, 282, 284, 398 и 455 од заштитните истражувања по делницата на железничката пруга Бељаковце-Деве Баир во 1996 година (T. XIV: 2, 3, 5).35 Претходната сакрална традиција на местото е суштествена во изборот на локација за основање на некрополата. Притоа, треба да се нагласи дека средновековните гробови максимално ги почитувале и ретко ја нарушувале светоста на постарите погребувања.36 Антрополошките истражувања на средновековната група скелети извршени од страна на проф. д-р Фаница Вељановска укажуваат на значително влошување на животните прилики и услови во средниот век, кога, за разлика од рановизантискиот период, просечниот животен век нагло опаѓа за речиси 5 години. Според неа, населението од средновековната група во најголем дел е автохтоно.37
Материјална култура и датирање
Движниот археолошки материјал (личен накит, делови од облека и останати прилози) од истражувањата на некрополата во 2012 година е незначителен. Освен фрагментираната керамика, во гробовите не беа пронајдени други гробни прилози. Сепак, за релативно хронолошко и културно детерминирање на некрополата може да послужат врежаните декоративни мотиви на вертикално поставените камени плочи кои служат за обележување на гробовите или плочите кои се дел од покривната конструкција на гробната јама. На камените плочи се евидентирани врежани крстови кои типолошки се делат на следниве графички форми: малтешки крст (T. XIII: 1в, 4; T. XIV: 3), грчки крст (crux quadrata) (T. XIV: 1), модификуван грчки крст со триаголни завршетоци на вертикалната и хоризонталната греда (T. XIII: 3, 5) и патеричен (штакест) крст (crux patibulata) (T. XIV: 2), со директни аналогии со стилизираниот ерменски крст.38 Покрај крстовите, како декоративен мотив на камените плочи кои се дел од фунерарната архитектура се јавува пентаграмот (гроб 13) (T. XIII: 6), додека на камената покривна плоча кај гробот 14 од внатрешната страна има претстава на стилизирана човечка фигура со крст во раката изработена во техника на врежување (T. XIII: 2; T. XV: 1).39
Површинско обележување на некрополата претставува раритетна појава во средновековната фунерарна археологија, која во сегашниот степен на истраженост е евидентирана единствено во гробовите од средновековниот хоризонт од тумуларната некропола Страгата, с. Кршевица, Тумул - Мариово, словенската некропола во Демир Капија и некрополата на локалитетот Бресто - Булатица кај с. Виничани во Македонија.40 Според истражувачот Миткоски, феноменот на обележување на гробовите е идентификуван во оваа некропола врз основа на следниве форми гробни маркери:
1. со еден ред од поситен и појадар аморфен камен, поставен од надолжната страна на
гробот (гробови 3, 7, 8, 10 и 26);
2. со поголем блок од камен (гробови 8, 64 и 65), кои во првите два случаи е поставен во
пределот на главата, а кај третиот кај нозете;
3. камена плочка во триаголна форма со врежан крст (кај гробот 40 таа е необележана),
поставена во пределот на нозете, т.е. во источната страна на гробот (гробови 24, 31
и 69). Кај гробот 24 од истата страна, пак, е поставен фрагмент од тегула со врежан
крст, додека кај гробот 69 камената плочка со врежан крст е ставена внатре во гро-
бот;
4. попречна плоча во пределот на главата на покојникот т.е. од западната страна (гро-
бови 18, 32, 38) го надвишува, а со тоа и го обележува гробот.41
Со анализата на гробните прилози средновековниот хоризонт на погребувања од тумуларната некропола Страгата, с. Кршевица, се датира во поширок хронолошки распон од IX до XII век.42 Во средновековната некропола на градот Просек - Демир Капија вертикални камени маркери (камени белези) се пронајдени над гробовите 313 и 315, додека над гробот 142 во пределот над главата се наоѓат два поголеми камења. Единствено над гробот 222 е евидентирана камена плоча декорирана со врежани крстови и стилизирани флорални орнаменти. Најчесто, вертикалните камени плочи се поставени на источната страна, односно во пределот на нозете. Понатаму, авторката наведува дека камени белези се констатирани во околина на црквата од XVI век во с. Новаци, Тетово, на наоѓалиштето Манастир во Чашка, потоа на локалитетот Црквиште, с. Ореовец кај Прилеп и локалитетот Црквиште во Дојран. Камени маркери за обележување на гробовите во украсени со крстови и испишани со натпис од полниот среден век се евидентирани во Музејот во Охрид (мермерна плоча од селото Злести) и од Шопско Рударе, која се наоѓала во тогашниот Археолошки музеј во Скопје.43 Во фунерарната архитектура на некрополата од локалитетот Бресто - Булатица кај селото Виничани обележувањето на гробовите е со три поголеми камења, додека декорацијата со геометриски и флорални мотиви потполно отсуствува.44 Местоположбата на украсените камени плочи врз основа на сегашниот степен на истраженост е различна. Анализирајќи го археолошкиот контекст, може да се заклучи дека во најголем број случаи тие се вертикални и го обележуваат гробот, поставени спротивно од черепот во пределот над нозете или над главата (T. XII: 1; T. XIII: 1б; T. XIV: 2, 3, 5); се јавуваат во гробната јама во пределот на стапалата како вертикално поставена плоча во гробната јама (T. XIV: 1, 4), како дел од гробната конструкција или како дел од покривната конструкција на гробот (секундарен контекст) (Т. XIII: 1в, 2, 4). Од податоците добиени од истражувањето на некрополите од Централниот Балкан на територијата на денешна Србија кои се датираат од IX - XI век, констатирано е дека многу ретко доаѓа до преклопување на гробовите, што укажува на фактот дека постоеле некој вид на надгробни обележја. Така, на некрополата кај Болетин во девет гроба се евидентирани камени плочи поставени над главата на покојникот кои укажувале на положбата на гробот. Во некрополата во Песача, исто така е констатирано дека со ново вкопување не бил изместен постар гроб, што дава индиции на постоење некој вид надгробен споменик или маркер. На оваа некропола, слично како и во Бабунци, во седум гроба се откриени тули украсени со врежан крст и натпис, вертикално поставени кај нозете и свртени кон лицето на покојникот (T. XIV: 4). Постоење надгробно обележување на гробовите е констатирано во некрополата Равна - Слог.45 Со најновите археолошки истражувања на подрачјето на Цетинска Краина во Хрватска евидентирана е исклучително ретка појава на обележување на гробовите со врежан крст. Досега врежани крстови во внатрешноста на гробовите се пронајдени на локалитетите Баре во Лучане, микролокацијата Радануше - Вуков поток во Хрваци, на наоѓалиштата Оток, Трипалуша во Турјаци и Бориновци кај Триљ, на микролокаците Глувини Куќи, Глувини Куќи II и Пољакови Куќи во некрополата во с. Главица во близина на Сињ.46 Гробовите се од типот циста во форма на сандак со камени покривни плочи и дно. Крстовите се врежани на плочите кои се наоѓаат кај нозете или главата на покојникот во гробната комора. Стилскиот репертоар се сведува на следниве форми на крстови: грчки крст (crux quadrata), Андриин крст (crux decussata) и малтешки крст (T. XIV: 6 - 7).47 Според добиените прецизни стратиграфски податоци од заштитни археолошки истражувања на локалитетот Главица, на некрополата се следи фунерарен континиутет и може да се издвојат три хоризонти на погребување (гробови со кремација, гробови со пагански обележја и гробови со христијански покојници) кои се датираат од крајот на VII до крајот на IX век. Гробовите со врежани крстови припаѓаат на најмладиот хоризонт на погребување и со сигурност се датираат во првата половина на IX век.48 Оваа датација може да искористи за утврдување на т.н. долна граница при датирањето на оваа исклучителна појава во средновековните погребувања. Идентична фунерарна архитектура, односно гробови со надземни обележја се пронајдени во некрополата на Големата базилика во Плиска. Надгробната плоча има натпис и е декорирана со крст од латински тип, со издолжено долно раме. Двете греди од крстот завршуваат со триаголни проширувања. Некрополата се датира во втората половина на IX и почетокот на X век.49
Пентаграмот и малтешкиот крст претставуваат еден од омилените декоративни симболи во средниот век. Пентаграмот како декоративен елемент се јавува на средновековните прстени во поширокиот регион: во локалитетот Бресто - Бурлатица, с. Виничани кај Велес, кој се датира во X - XI век, додека примерокот од локалитетот Градиште - Таор се датира во раносредновековниот период. Прстен со врежан пентаграм е откриен во с. Мишевски, Крџалиски Округ, во с. Албаница, Благоевград, во некрополите во Долни Луковит и Галиче. Графити, односно врежани пентаграми, исто така, се пронајдени и во Преслав и Плиска. Сепак, најидикативен пример за заедничка и истовремена употреба на овие два симбола потекнува од олтарната прегарада од црквата Св. Софија во Охрид од XI век, мермерната плоча од Мородвис од XI век и мозаикот од Св. Софија од Цариград.50 Врежаната стилизирана човечка фигура која во десната рака држи крст на покривната плоча од гробот 14 во сегашниот степен на истраженост има аналогии во соседна Бугарија. Имено, во селото Треклино, во месноста Писано Присое, е пронајдена средновековна испосничка ќелија каде е насликана слична претстава како таа од некрополата во Бабунци, с. Опила. На оваа слика (графит) која се датира во X - XI век најверојатно е претставен св. Тревелии (T. XV: 3).51 Идентична појавата на слики (графити) со претстава на оранти е евидентирана во престолнината на Првото Бугарско Царство во Плиска. Терминот графити (слики, русинки) произлегува од самата техника на изведување на знацит,е која подразбира врежување на мазна површина со помош на остар предмет. Со археолошките истражувања на овој комплекс се пронајдени неколку слични изведби: северно од источната порта, на десната страна од надолжен блок од варовник во првиот ред од суперструкцијата на бедемот (T. XVI: 2a); сцена од Распетие со натпис пронајдена во јужниот сектор на западниот бедем во Плиска (T. XVI: 2б) и една претстава на орант пронајдена во полуземјанка при истражувањата на централниот дворец во Плиска (T. XVI: 2в). Според Димитров, недвосмислен е христијанскиот карактер на овие претстави кои се карактеристични творби на примитивното непрофесионалнао искуство од христијанскиот период на Првото Бугарско Царство. Оваа констатација може да се потврди со анализа на стилот на уметникот којшто е прилично едноставниот и рустичен. Иако станува збор за примитивни слики (графити, цртежи), сепак може да се насети христијанската порака која сака да ја прати уметникот со алегорично претставување на сцената Распетие, како христијански симбол кој ја олицетворува победата на животот над смртта и тешкиот пат полн со искушенија за да се постигне чистата вера; идентификување со некој светител или, пак, историска личност која го симболизира чинот на покрстување и христијанизација (цар Борис/Михаил)? 52 Камена плоча украсена со претстава на човек во став на молитва е пронајдена над гробот 500 од средновеквната некропола во Црквиште, Демир Капија. Претставата на човек-оранс (адорант) со раширени раце е исклучително омилена како мотив кој се јавуваат на повеќето споменици од ранохристијанскиот период (V - VI век). Според Алексова, овој вид претстави се чести на средновековните словенски споменици и накит на Балканот, што, всушност, оди во прилог на погоре изнесената датација. Треба да се има предвид дека во гробот 500 не се пронајдени гробни прилози.53
Археолошки локалитет Гробје, с. Кркља (T. XVI)
Локалитетот Гробје во селото Кркља се наоѓа на околу 200 m од населбата Градиште и 50 m од Кркљанска Река сметано по нејзиното течение, на елипсовидно и зарамнето плато со димензии 50 х 50 m, издигнато над самата река, во маалата Назрци, под маала Тричковци. Реката го обиколува платото од јужната страна додека локалитетот Градиште е на североисточната страна. На наоѓалиштето се евидентирани гробови цисти и гробни јами (слободно вкопување), означени со вертикални камени плочи на кои има врежани крстови. Вертикалните камени плочи како дел од фунерарната архитектура веројатно имале функција на маркер.54 Типолошки се застапени следниве крстови: грчки крст (crux quadrata) (T. XVI: 2а) и латински крст со незначителни проширувања на вертикалната и хоризонталната греда (crux capitate, crux ordinaria) (T. XVI: 2б). Бидејќи станува збор за рекогносцирање на локалитетот на кој не се изведени археолошки истражувања и отсуствува движен археолошки материјал, според типологијата и формата на врежаните крстови, како и според појавата на надворешното обележување на гробовите, некрополата може да се датира во поширок временски распон од IX -XI век.
Завршни согледувања
Во овој текст презентирани се резултатите од најновите археолошки истражувања на средновековните некрополи во кривопаланечката област. Според досегашниот степен на истраженост, овој период археолошки е најсилен во регионот на Крива Паланка, што укажува дека долината на Крива Река во текот на средниот век била густо населена и веројатно на некоја од населбите од тој период се наоѓал средновековниот град и црковно седиште Славиште. Некрополите како археолошки целини акумулираат исклучително голем број информации поврзани за населението кое се погребува. Притоа, треба да се има предвид дека погребните обичаи се менуваат бавно и тешко, бидејќи претставуваат една од најконзервативните социо-културолошки одлики на заедницата, длабоко всадени во нејзината колективна свест.55 Локалитетот Мал Камлеш е типичен пример на средновековна некропола во контекст на погребниот ритуал, континуитетот во употреба на постари култни места или населби, изборот на местоположба на некрополата, типот на гробни конструкции, положбата и ориентацијата на покојниците и гробните прилози, има бројни аналогии со истражените некрополи од X - XII век во Македонија и пошироко на Балканот.56 Погребувањето на покојниците со инхумација според христијанските обичаи и норми се карактеризира со отсуство на прилози. Во таа насока, како гробен инвентар се јавуваат само делови од облека и накит којшто покојниците ги имаат на себе.57 Од друга страна, некрополата Чифлик - Бабунци во селото Опила е далеку покомплексна за археолошко толкување. Констатирани се и документирани се неколку специфични археолошки контексти кои не се карактеристични за средновековната фунерарна археологија во Македонија и Балканот. Прво, станува збор за надгробните обележувања, односно употребата на вертикални камени плочи маркери кои служеле за обележување на гробот и се дел од гробната конструкција. Од истражувањата од 2012 година со сигурност може да се заклучи дека маркерите како дел од фунерарната архитектура со сигурност се констатирани во гробовите 7 и 14 (со претпоставка за гробовите 8, 13 и 16), додека гробовите со маркери истражени со заштитните археолошки истражувања од 1995/96 година се далеку побројни, а повеќето се украсени со врежани крстови. Од вкупниот број истражени средновековни гробови од некрополата Бабунци, приближно 4% припаѓа на популација која е погребана во гробна конструкција, каде вертикалното обележување - маркер, е конститувен и конструктивен фунерарен елемент. Вертикални камени плочи со врежани крстови во фунцкија на маркер се евидентирани и на некрополата Гробје во селото Кркља. Втора исклучителна појава се камените плочи украсени со врежан крст и една камена плоча со врежан пентаграм. Овој вид камени плочи кои се составен дел од гробната конструкција, според сегашниот степен на истраженост ги имаат следниве контексти: позиционирани се во гробната јама спротивно од положбата на главата на покојникот, најчесто со врежаниот мотив свртен кон лицето (Т. XIV: 1, 4), имаат функција на маркер, и во овој случај врежаниот мотив вообичаено е претставен на надворешната и внатрешната страна од плочата (T. XIII: 3, 5, 6; Т. XIV: 2, 3, 5) или, пак, се дел од покривната конструкција на гробот (секундарен контекст) (Т. XIII: 1в, 2, 4). На камените плочи се евидентирани врежани крстови од следниве типови: малтешки крст, грчки крст (crux quadrata), модификуван грчки крст со триаголни проширувања на вертикалната и хоризонталната греда и патеричен (штакаст) крст (crux patibulata), со директни аналогии со стилизираниот ерменски крст. Ваквата исклучителна појава на камени плочи со врежани крстови кои се поставени во пределот на нозете или главата од гробната конструкција, истражени во примарен археолошки контекст и со јасна стратиграфска издвоеност во однос на гробовите со кремација и гробовите со пагански обележја од некрополата Главица во околината на Сињ, укажуваат дека врежаните крстови припаѓаат на најмладиот хоризонт на погребување (гробови со христијански покојници) и со сигурност се датираат во првата половина на IX век. Според Милошевиќ, морфолошките особености на крстовите упатуваат на исклучителна поврзаност со доцноатичкото наследство, додека аналогиите со средниот век се незначелни и исклучително малобројни. Врежаните крстови во гробовите јасно укажуваат дека покојниците погребани во нив припаѓаат на христијанска популација.58 Морфолошки аналогии со врежаните крстови од Бабунци се евидентирани во соседна Бугарија, кои во основа се датираат во времето на кнез Борис/Михаил Покрстителот (852 - 889). Пронајдени се во некрополата во Плиска на еден надгробен споменик, во црковните предмети и литургиски садови со христијански симболи, натписите, црквите од тој период, но најбројни аналогии се констатирани со раносредновековните цртежи (графити) од Бугарија. Сето наведено недвосмислено укажува за силниот процесот на христијанизација и покрстување на словенското население во Првото Бугарско Царство.59 Третата, засега единствена уникатна археолошка појава во средновекованата фунерарна археологија и уметност на тлото од Македонија, претставува врежаната човечка фигура од покривната плоча на гробот 14 во оваа некропола. Стилот на авторот на композицијата е едноставен, со исклучително јасен ликовен јазик, каде во минималистички манир е претставена стоечка фигура на човек со високо кренати раце во т.н. адорантска положба, кој во десната рака држи врежан крст, веројатно поставен на некаков јарбол. Главата има совршено кружна форма, со просто нагласување на очите и носот, додека од облеката единствено се забележува колан на средината од телото прикажан со едноставна хоризонтално врежана линија. Горните и долните екстремитети се изведени скромно, со врежани линии, додека стапалата и рацете со коси црти. Околу главата на фигурата веројатно има ореол. Аналогиите со врежаните цртежи (графити), кои се датираат во раносредновековниот период (X - XI век) во соседна Бугарија (T. XV: 2, 3), укажуваат дека во долината на Крива Река веројатно постоеле испоснички (монашки) ќелии или, пак, се негувал култ кон засега непознат светител.60 Преку овие рустични претстави се еманираат јасни и недвосмислени христијански пораки кон обичното население. Слични изведби на стоечки светители во адорантска положба со крст во едната рака или положба на молитва се среќаваат кај средновековните прстени во Македонија и нивните бројни аналогии (T. XV: 4).61 На крајот, потребен е еден коментар во врска со археолошкиот контекст за наоѓање на камените плочи со врежани мотиви од гробот 14. Во истражувањата од 2012 година сите украсени камени плочи од овој гроб беа пронајдени во секундарен контекст, односно како покривни плочи на гробната јама, нешто што не познато во заштитните истражувањата 1995/96 година. Во овие истражувања сите украсени камени плочи со врежан крст имаат примарен археолошки контекст и исклучиво се користат или како маркери за обележување на гробовите или се дел од гробната конструкција поставени во пределот на нозете со врежаниот мотив свртен кон лицето на покојникот. Сепулкралната форма во контекст на вертикалното обележување на гробот со маркер е задржана и испочитувана, но врежаните камени плочи со христијански мотиви се во секундарен контекст, употребени како сполии, и се дел од покривната конструкција на гробната јама. Ова дава показатели за подоцнежна датација на овој гроб, можеби во последната фаза од употребата на некрополата за погребување.
Доколку сите овие наведени податоци се стават во историски рамки, најмногу совпаѓања може да се пронајдат во историски значајните собитија од животот на Словените во Македонија, посведочени во изворите со Брегалничката мисија (мисионерско-просветна дејност на Константин Кирил Филозоф и Методиј по текот на реката Брегалница) и организирањето на рвата словенска епископија на Брегалница. Треба да се има предвид дека според Краткото житие на Кирила или Успение Кирилово, во оваа мисија биле покрстени и христијанизирани околу 54000 Словени.62 Оттука, малку подоцна, во текот на X и XI век, Североисточна Македонија станува плодна почва за појавата на еремитско монаштво. Најистакнати пустиножители од овој период кои потекнуваат од Кривопаланечко се секако св. Јоаким Осоговски и св. Гаврил Лесновски. Нивниот култ и храмови, почитувани и градени со помош на локалното население, претставуваат основа за појавата на Кратовскиот книжевен центар (школа), каде од XII век, а особено од XV наваму, ќе се негува православието и писмената и книжевна традиција од Кириловата провиниенција.63 За крај, врежаните крстови со различни форми и човечката фигура пронајдени во фунерарен контекст од некрополата во Бабунци, имаат стилски аналогии со украсните мотиви од средновековните надгробни споменици (стеќци) во Босна, кои најчесто се поврзуваат со богомилската ерес. Богомилството, кое се појавило во Македонија во X век како социјално-религиозно и антифеудално движење прифатено од широките народни маси, а до XV век како ерес (дуалистичко учење) спротиставено на догмите на христијанската црква, било проширено на просторот низ Византија. Следбениците на ова учење народот често ги именувал како „бабуни“, „кудугери“ и „торбеши“. Идентичната синтакса на поедниечните елементи (морфеми) е очигледна: надгробни споменици - маркери, украсни мотиви (различни типови крстови и човечка фигура - оранс), хронолошки синхронизам и истоветен и зачуван ојконим (бабунци). Оттука, иако постои извесен дијахронизам на надгробните обележувања - маркери и украсените камени плочи пронајдени на некрополата во Бабунци со „стеќците“ од Босна, ваков вид доследна синтакса на исти симболи и морфеми со сигурност нуди претпоставката за заедничко далечно потекло. Во таа насока, во недостиг на пишани извори, може да се претпостави дека во некрополата на локалитетот Чифлик - Бабунци веројатно бил погребан некој следбеник ова движење (Митовски, М. во подготовка).64
Каталог на некрополи
Гроб 5
Археолошки локалитет Мал Камлеш - Не- Квадрат/сонда: сонда II, откоп 2.
кропола
Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,26 x 0,30 x 0,20 m.
Гроб 1
Ритуал на погребување: инхумација
Квадрат/сонда: сектор I, некропола. Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Ориентација:
Гробни прилози: нема.
Димензии: 1,70 х 0,45 х 0,46 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Гроб 6
Опис на гробот: гроб циста. Квадрат/сонда: сонда II, откоп 2.
Гробни прилози: нема.
Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,75 x 0,42 x 0,35 m.
Гроб 2
Ритуал на погребување: инхумација.
Квадрат/сонда: сектор I, некропола. Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Ориентација:
Гробни прилози: нема.
Димензии: 2,30 х 1,50 х 0,40 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста. Од северната страна од Гроб 7
гробната јама се пронајде бронзен прстен кој прет- Квадрат/сонда: сонда I, откоп 1. ставува вонгробен наод.
Ориентација: запад - исток со мала инклинација
Гробни прилози: нема.
кон југ.
Димензии: 1,10 x 0, 27 x 0, 25 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Гроб 3
Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Квадрат/сонда: сектор I, некропола. Гробни прилози: коскено кутивче – ТИБ 15/2015 и Ориентација: запад – исток. бронзена белегзија – ТИБ 04/2015.
Димензии: 2,80 х 0,70 х 0,50 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Гроб 8
Опис на гробот: гробна јама. Квадрат/сонда: сонда I, откоп 2.
Гробни прилози: нема.
Ориентација: запад - исток.
Димензии:
Гроб 4
Ритуал на погребување: инхумација.
Квадрат/сонда: сонда II, откоп 2. Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Ориентација: запад - исток. Гробни прилози: стаклена белегзија ТИБ 16/2015. Димензии: 1,11 x 0,22 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Гроб 9
Опис на гробот: слободно вкопан гроб. Квадрат/сонда: сонда II, откоп 2.
Гробни прилози: нема.
Ориентација: запад - исток со инклинација. Димензии: 1,30 x 0, 29 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Гробни прилози: нема.
Гроб 10
Квадрат/сонда: сонда I, откоп 2.
Ориентација: запад - исток со инклинација. Димензии: 1,07x 0,32 x 0,27 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јамата со елипсовидна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 11
Квадрат/сонда: сонда I, откоп 2.
Ориентација: запад - исток со инклинација. Димензии: 1,56 x 0,42 x 0,33 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Гробни прилози: нема.
Гроб 12: нумериран гроб кој се наоѓа во западниот профил од кв. 3 и остана неистражен.
Гроб 13
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 3. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,73 x 0,65 x 0,40 m.
Ритуал на погребување:
Опис на гробот: слободно вкопан гроб.
Гробни прилози:нема.
Гроб 14
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 3. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,73 x 0,50 х 0,20 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јама со неправилна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 15
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 3. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,40 x 0,40 х 0,18 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб – јама со неправилна елипсовидна/правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 16
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 3 и 4. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,80 x 0,40 х 0,20 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јама со правоаголна форма.
Гробни прилози: бронзен прстен со ТИБ 21/2017 и бронзена алка со ТИБ 22/2017.
Гроб 17
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 4. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,50 x 0,40 х 0, 20 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб – јама со правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 18
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 4. Ориентација: запад - исток.
Димензии: 1,60 x 0,40 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јама со елипсовидна форма.
Гробни прилози: бронзен прстен ТИБ 8/2017 и фрагментирани обетки со ТИБ 23/2017.
Гроб 19
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 3. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,10 x 0,35 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јама со правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 20
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 4. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,50 x 0,50 х 0,15 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јама со неправилна правоаголна форма.
Гробни прилози: бронзен прстен со ТИБ 24/2017.
Гроб 21
Квадрат/сонда: сонда III, кв. 4. Ориентација: запад - исток. Димензии: 1,38 x 0,35 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: слободно вкопан гроб - јама со правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Археолошки локалитет Чифлик - Бабунци (Гра-
диште, некропола) во село Опила.
Гроб 1
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. В-5 Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,15 х 0,40 х 0,20 m
Ритуал на погребување: инхумација .
Опис на гробот: правоаголна гробна јама покриена со камени плочи.
Гробни прилози: нема.
Гроб 2
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. В-5. Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 0,95 х 0,40 х 0,20 m.
Ритуал на погребување:
Опис на гробот: правоаголна гробна јама покриена со камени плочи. Западно од гробот 2 се позционира гробот 3, додека источно, односно југоисточно од него е гробот 1.
Гробни прилози: фрагментирана камена плоча со делумно zачуван врежан крст со ТИБ 01/2012.
Гроб 3
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. B-5/B-4. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 1,20 х 0,50 х 0,25 m.
Ритуал на погребување:
Опис на гробот: правоаголна гробна јама покриена со камени плочи.
Гробни прилози: фрагментирана камена плоча со врежан крст со ТИБ 02/2012.
Гроб 4
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. B-4 . Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,55 х 0,55 х 0,40 m.
Ритуал на погребување:
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 5
Квадрат/сонда: сектор I некропола, кв. B-4/C-4. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 1,40 х 0,50 х 0,40 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 6
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. C-3/C-4. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 1,67 х 0,50 х 0,46 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма. Гробни прилози: фрагментирана камена плоча со остатоци од врежан крст со ТИБ 03/2012.
Гроб 7
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. C-3/C-4. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 2,40 х 0,70 х 0,40 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: јама со правоаголна форма покриена со камени плочи. Гробот е обележан со вертикален маркер - вертикално поставена плоча на североисточниот дел на јамата.
Гробни прилози: фрагментирана камена плоча со остатоци од врежан крст со ТИБ 03/2012.
Гроб 8
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. C-3/D-3. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 1,80 х 0,70 х 0,55 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма покриена со камени плочи. На североисточната челна камена плоча е со изрежан крст во круг од нејзината надворешна страна.
Гробни прилози: камена плоча со врежан крст и ТИБ 06/2012.
Гроб 9
Квадрат/сонда: сектор I некропола, кв. C-3/D-3. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 1,75 х 0,55 х 0,50 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма, покриена со нафрлан камен и камени плочи.
Гробни прилози: нема.
Гроб 10
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. D-3. Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,10 х 0,60 х 0,25 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гробна јама покриена со вертикално поставени керамички тули и камен.
Гробни прилози: нема.
Гроб 11
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. D-3. Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,30 х 0,50 х 0,45 m.
Ритуал на погребување:
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма.
Гробни прилози: нема.
Гроб 12
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. D-3. Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,56 х 0,55 х 0,30 m.
Ритуал на погребување:
Опис на гробот: јама со правоаголна форма покриена со нафрлан камен. Североисточната вертикална челна камена плоча од надворешната страна има парцијално изделкан крст (сочувани два крака).
Гробни прилози: нема.
Гроб број 13
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. D-2. Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,80 х 0,56 х 0,50 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма. На челната камена плоча, на североисточната страна, евидентиран е врежан пентаграм.
Гробни прилози: камена плоча со врежан пентаграм и ТИБ 07/2012.
Гроб 14
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. D-2/D-3. Ориентација: југозапад - североситок.
Димензии: 2,05 х 0,60 х 0,35 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: јама со правоаголна форма вкопана во здравицата, покриен со камени плочи. Карактеристично за овој гроб е што во неговата фунерарна архитектура се јавува маркерот како контруктивен елемент. Слично како и гробот 12, и овој гроб најверојатно е обележан со маркер, т.е. вертикално поставена камена плоча на североисточниот дел од гробот. Покрај вертикално поставениот маркер низ целата гробна јама во нивото на одбележување, т.е. маркирање, евидентиран е нафрлан камен со средна димензија. До маркерот во источниот агол од оваа конструкција се јавува уште еден вертикално поставен камен со помали димензии. Маркерот е со димензии 60 х 40 cm и во долниот дел е стеснет за полесно набивање во земјата. Маркирната конструкција во основа ја определува гробната јама и нивото на погребување и на останатите гробови од некрополата. На две покривни плочи имаше врежано крст (малтешки), на едната од надворешна страна, а на првата од внатрешната страна. На третата покривна камена плоча имаше врежано стилизирана претстава на човек со подигнати раце (адорантска позиција), кој во десната рака држи крст ставен најверојатно на некаква поголема дршка - јарбол? (оваа констатација се заснова на врежата претстава каде што човекот и изрежаниот крст се со иста димензија). Тој морфолошки многу потсетува на амулетот од Комани културата пронајден во Св. Еразмо во Охрид (адорантска позиција или подигнати раце). Гробот нема гробни прилози.
Гробни прилози - три камени покривни плочи со ТИБ 08/2012, ТИБ 09/2012 и ТИБ 10/2012.
Гроб број 15
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. D-2/Е-2. Ориентација: запад - исток.
Димензии: 1,40 х 0,80 х 0,15 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гробна јама со правоаголна форма покриена со нафрлан камен.
Гробни прилози: нема.
Гроб 16
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. E-1. Ориентација: запад - исток.
Димензии: 1,80 х 0,65 х 0,38 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма, покриена со камени плочи. На челната камена плоча на североисточната страна евидентиран е врежан крст.
Гробни прилози: челна камена плоча со врежан крст ТИБ 11/2012.
Гроб 17
Квадрат/сонда: сектор I, некропола, кв. Е-1/F-1. Ориентација: југозапад - североситок. Димензии: 1,60 х 0,60 х 0,40 m.
Ритуал на погребување: инхумација.
Опис на гробот: гроб циста со правоаголна форма, покривната конструкција не е зачувана. Гробот е девастиран.
Гробни прилози: една бронзена монета со ТИБ 12/2012.
Белешки
- Trifunovski F. J., 1980, 205, 208, 210; Георгиев З., 1992, 105; Лилчиќ В., 1994, 112 - 116; Микулчиќ И., 1999, 223 - 232; Малковски, et al. 1996, 9 - 11; Јованова Л., 2013, 842; Митовски М. - Крстевски Ц., 2013, 58; Митовски М. - Крстевски Ц., 2016, 38-39. ↩
- Škrivanić G., 1970, 72; Шкриванић Г., 1974, 96 - 97. ↩
- Алексова Б., 1966, 10 - 11; Антољак С., 1985, 114 - 116, 133 - 134, 151; Манева Е., 1994, 165, 168; Манева Е., 1992, 12; Микулчиќ И., 1996, 29 - 30. ↩
- Алексова Б., 1966, 11; Антољак С., 1985, 151, 204 - 205, 221 - 222; Микулчиќ И., 1996, 33 - 34; Петровски Б. 2016, 12 - 15. ↩
- Алексова Б., 1966, 11; Манева Е., 1994, 165, 168; Манева Е., 1992, 12; Микулчиќ И., 1996, 33; Петровски Б. 2016, 16 - 17. ↩
- Алексова Б., 1966, 13; Микулчиќ И., 1996, 47; Бошкоски М., 1997, 17. ↩
- Алексова Б., 1966, 13; Антољак С., 1985, 711 - 771; Панов Б., 1985, 51 - 64; Манева Е., 1992, 13; Манева Е., 1994, 168; Микулчиќ И., 1996, 48 - 49; Бошкоски М., 1997, 17 - 18. ↩
- Трифуновски Ф. Ј., 1976, 105; Trifunovski F. J., 1980, 219 - 220; Микулчиќ И. 1996, 217. ↩
- Алексова Б., 1966, 13; Бошкоски М., 1997, 187 - 188, 192. ↩
- Бошкоским М., 1997, 161 - 163. ↩
- Аџиевским К., 1997, 85; Манева Е. 1992, 13; Стефоска И., 2007, 121 - 133, 134. ↩
- Манева Е., 1994, 170; Михајловски Ј., 2008, 7. ↩
- Алексова Б., 1966, 13; Манева Е., 1992, 13; Манева Е., 1994, 170; Чепреганов Т., 2008, 121 - 122. ↩
- Трифуновски Ф. Ј., 1973, 140; Trifunovski F. J., 1980, 219. ↩
- Škrivanić G., 1970, 72. ↩
- Михаљчићм Р., 1989, 86 - 89, 130, 202 - 215; Атанасовски А., 1999, 131 - 133; Атанасовским А., 2004, 265 - 278; Михајловски J., 2008, 8 - 9. ↩
- Трифуновски Ф. Ј., 1973, 139 - 140; Трифуновски Ф. Ј., 1976, 105 - 107; Trifunovski F. J., 1980, 219 - 220, 274; Микулчиќ И., 1996, 216. ↩
- Крстевски Ц. - Здравковски Д., 1996, 190 - 200; Малковски и др., 1996, 37 - 49. ↩
- Малковски и др., 1996, 21-22, 49; Крстевски Ц. - Здравковски Д., 1996, 209; Митовски М. - Крстевски Ц., 2016, 49, Т. X: 32; T. XII: 37 - 38; Митовски М. - Крстевски Ц., 2016-а, 69 - 86, T. I - VIII; Митовски М. - Крстевски Ц., 2018, 105 - 148 (конкретно ст. со сл.; Митовски М. - Крстевски. Ц., 2019, 35 - 65. ↩
- Подетален извештај од ископувањата од 2015 година види во Митовски М. - Крстевски Ц., 2016-а, 69 - 86. Раководител на истражувањата од 2015 и 2017 година е археологот Цоне Крстевски кустос советник; заменикраководител е Петар Стојчевски; археолог од ЛУ Градски музеј - Крива Паланка, додека во стручната екипа учествуваа: Игор Толевски, археолог задолжен за техничката документација; Цветанка Вучковска-Митовска, археолог задолжен за движниот инвентар; Билјана Солева, документатор и Игор Симановски, археолог од НУ Музеј на Македонија - Скопје. Во оваа прилика му се заблагодаруваме на Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј - Крива Паланка за сестраната подршка и разбирање, како и за сите заложби потребни за реализација на овој проект. ↩
- Манева Е., 1992-a, 33; Манева Е., 1995, 68; Митовски М. - Крстевски Ц., 2016-а, 73. ↩
- Митовски М. - Крстевски Ц., 2016-а, 73 - 74. ↩
- Манева Е., 1992-a, 32 - 33; Манева Е., 1995, 65 - 66. Т. I. ↩
- Avramova M., 1991, 43. ↩
- Манева Е., 1992, 18 - 19; Манева Е., 1992-а, 34. ↩
- Манева E., 1992, 71 - 72, Т. 41, 44, 47 - 48; 75 - 77, Т. 64 - 67; 86, Т. 80 - 81; 84 - 85, Т. 78 - 79. ↩
- Крстевски Ц. - Ивановски М., 1989, 129 - 130; Крстевски Ц. - Здравковски Д., 1996, 196 - 197; Малковски Ѓ. et al. 1996, 44 - 46; Микулчиќ И., 1996, 217; Ивановски М. - Крстевски Ц., 1996, 11 - 12; Вељановска Ф. 1966, 12; Вељановска Ф., 2000, 76, 113. ↩
- Крстевски Ц. et al. 2013, 110 - 123. Раководител на истражувањата од е археологот Цоне Крстевски, кустос советник; заменик-раководител е Милан Митовски, археолог од ЛУ Градски музеј - Крива Паланка, додека во стручната екипа учествуваа: Цветанка Вучковска, археолог задолжен за движниот инвентар и техничката документација; Петар Стојчевски, археолог од ЛУ Градски музеј - Крива Паланка. Во оваа прилика му се заблагодаруваме на Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј - Крива Паланка, за сестраната подршка и разбирање, како и за сите заложби потребни за реализација на овој проект. ↩
- Крстевски Ц. et al. 2013, 110 - 123; Шпехар П., 2017, 121 - 123. ↩
- Вељановска Ф., 1966, 12 - 15; Вељановска Ф., 2000, 112. ↩
- Манева Е., 1992-а, 34; Манева Е., 1995, 70; Крстевски Ц., et al. 2013, 112. ↩
- Крстевски Ц. - Здравковски Д., 1996, 196 - 197; Миткоски А., 2002, 7, 12, 24, Plate III; Манева Е., 1995, 69; Манева Е., 1992-а, 33; Крстевски Ц. et al. 2013, 116. ↩
- Mallory J. R., 1989, 211; Chernykh N. E., 1992, 91; Srejović D., 1997, 969 - 970; Robb J., 2009, 162, 168. ↩
- Ивановски М. - Крстевски Ц., 1996, цр. 12, 13, 19, 21, 23 - 25; Крстевски Ц. et al. 2013, 113 - 116. ↩
- Ивановски М. - Крстевски Ц., 1996, 11 - 12, 26 - 27, сл. 47, 49, 50, цртеж 12, 13, 19, 21, 23, 24 25. ↩
- Манева Е., 1992-a, 32-33; Манева Е., 1995, 65: 69. ↩
- Вељановска Ф., 1996, 13; Вељановска Ф., 2000, 113 - 114. ↩
- Виленд P. J., 1995, 8; Гергана И., 2008, 323 - 337; Крстевски Ц. et al. 2013, 113 - 121, сл. 4, 10; Ивановска-Велкоска, С., 2014, 179 - 180, сл. 46. ↩
- Крстевски Ц. et al. 2013, 113 - 121, сл. 4, 9 - 11. ↩
- Aleksova B., 1966, 26; Миткоски А., 2002, 7, 12, 24, Plate III. ↩
- Миткоски А., 2002, 8. ↩
- Миткоски А., 2002, 12. ↩
- Aleksova B., 1966, 26 - 27, 87. ↩
- Миткоски А., 2002, 12. ↩
- Минић Д., 1984, 173, сл. 2 и 3, Т. II, 1 - 2; Шпехар П., 2017, 114, 123, 128 сл. 20; Špehar P., 2012, 348. ↩
- Milošević А., 1997, 111 - 126, сл. 6; Milošević А., 1998, 55, 168, 172 - 173, 179, 204, 236, сл. 339, сл. 92; Petrinec M., 2002, 222, 246, Т. X; Petrinec M., 2009, 104 - 105. ↩
- Milošević А., 1997, 111 - 115, 122; Milošević А., 1998, 55; Petrinec M., 2002, 222, 246, Т. X; Petrinec M., 2009, 104 - 105. ↩
- Milošević А., 1997, 122; Petrinec M., 2002, 223; Milošević А., 2008, 93. ↩
- Гергана И., 2008, 324 - 325, 337. ↩
- Манева Е., 1994, 173, сл. 3 - 4; Филипова С., 1997, Т. LXXXVIII, сл. 1; Т. LXXXIX, сл. 1, 3; Зорова О., 2007, 52 - 69, 74, 75, 77. ↩
- Генадиева В. - Чохаджиев С., 2002, 41; Герасимова В. - Чохаджиев С., 1993, 334. ↩
- Димитров Я., 2008, 306 - 308. ↩
- Aleskova B., 1966, 23, 51. ↩
- Митовски М. - Крстевски Ц., 2016, 41 - 42. ↩
- Шпехар П., 2017, 124. ↩
- Манева Е., 1992-а, 32 - 36; Манева Е., 1995, 64. ↩
- Шпехар П., 2017, 124. ↩
- Milošević А., 1997, 122; Petrinec M., 2002, 223; Milošević А., 2008, 93. ↩
- Димитров Я., 2008, 300 - 322; Гергана И., 2008, 323 - 344. ↩
- Генадиева В. - Чохаджиев С., 2002, 41; Герасимова В. - Чохаджиев С., 1993, 334. Димитров Я. 2008, 306 - 308, Т. XII. ↩
- Aleskova B., 1966, T. XVIII, sl. 197; Манева Е., 1992, 89, Т.84-85. ↩
- Aleksova B., 1966, 11; Алексова Б., 1988, 212 - 213. ↩
- Чепреганов Т., 2008, 119; Велев И., 2015, 127 - 166. ↩
- Wenzel M., 1965, 91-93, T. XXIII - XXXIV, 307 - 309, LXXX - XCII; Петровић М. М., 1995, 6 - 7, 11 - 13. ↩
Summary
Appendix to the Study of the Medieval Cemeteries in the Kriva Reka Region Slavishte
The results from the latest archaeological excavations of the medieval cemeteries in the Kriva Palanka region are presented in this paper for the first time. According to the level of archaeological research, the remains from this period are the most frequent, indicating that the region of Kriva Palanka was densely populated in the Middle Ages and that one of the settlements from this period is the location of the medieval town and Christian centre Slavishte. In this context, we present the results of the archaeological excavations of the sites: Mal Kamlesh in the village of Rankovce, Chiflik Babunci in the village of Opila and Grobje in the village of Krklja. While the necropolis at Mal Kamlesh is a typical example of medieval cemetery (according to the grave construction, burial ritual, position and orientation of the deceased) where numerous analogies with the cemeteries from the 10th-12th century in Macedonia and the Balkans have been detected, the necropolises at Chiflik Babunci in the village of Opila and Grobje in the village of Krklja revealed several specific archaeological contexts which are not common for the medieval funerary archaeology of Macedonia. The non-typical discovery is the custom of marking the graves with vertical stone slab markers. The second exceptional find are the stone slabs decorated with incised crosses illustrated by the following graphic forms: Maltese cross, Greek cross (crux quadrata), modified Greek cross with triangular extensions of the vertical and the horizontal arms, and a tau cross (crux patibulata) with direct analogies to the stylized Armenian cross; with incised pentagram and a human figure which is in the position of worship, holding a cross. According to the present level of research, this type of stone slabs which are composite part of the grave construction are found in the following contexts: positioned in the grave pit to the opposite of the head of the deceased, most often with the incised motif oriented towards the face; they have the purpose of a grave marker and in this case the incised motif is usually located on the outer and inner side of the slab, or they are part of the covering construction of the grave (secondary context). This decorative repertoire is a visual and artistic medium that transposes the process of Christianization and baptism of the Slavic population in the second half of the 9th century in Slavishte, recorded by the historical sources about the Bregalnica mission.
Библиографија
- Кирилична
- Алексова Б., 1988, Брегалница – Словенски црковен и културно просветен центар на Балканот, Macedonia Acta Archaeologica 9, Скопје, 211-224.
- Атанасовски А., 1999, Создавање на феудални држави и кнежевства во Македонија во периодот од 1355 до 1365 година, Годишен зборник на Филозофски Факултет, Книга 26 (52), Скопје, 119-140.
- Атанасовски А., 2004, Велбужд како престолнина на Господин Константин и неговите вазални односи со Османлиите, Годишен зборник на Филозофски Факултет, Книга 57, Скопје, 265-278.
- Аџиевски К., 1997, Деспот Алексиј Слав – самостоен феудален владетел во Македонија, Годишен зборник на Филозофскиот факултет 3 (29), Скопје, 79-92.
- Велев И., 2015, Кратовскиот книжевен центар и книжевната дејност на поп Јоан Кратовски во поствизантискиот македонски книжевноисториски развој, Slovo: časopis Staroslavenskoga instituta u Zagrebu, No. 65, Zagreb, 122-166.
- Вељановска Ф., 1996, Археолошки локалитет „ГРАДИШТЕ,“ с. Опила, Крива Паланка, Прелиминарен антрополошки извештај за скелетниот материјал од локалитет „ГРАДИШТЕ“, НЕКРОПОЛА ЧИФЛАК, с. Опила, Крива Планка, во Ивановски М., (ед.), Извештај од извршените заштитни археолошки ископувања и истражување на локалитетите загрозени со изградбата на трасата на железничката пруга Куманово-Деве Баир, делница Бељаковце-Кратово-Гиновце, стационажа од км 30+610 до км 56+700, со број 08-847 од 07.07.1996 година, 1-26, Т. I-LVIII, сл. 1-79, Скопје, 12-15, (непубликуван извештај кој се наоѓа во библиотеката на ЛУ Градски музеј-Крива Паланка, отстапен од НКЦ Скопје за оформувањето на постојаната археолошка поставка во музејот).
- Вељановска Ф., 2000, Антрополошки карактеристики на населението на Македонија од Неолит до Среден век, Културно-историско наследство на Република Македонија 43, Скопје.
- Виленд Р.Ј., 1995, Христов Крст-смисао и поруке, Београд.
- Генадиева В. - Чохаджиев С., 2002, Археологически паметници от Кюстендилско, Велико Търново.
- Георгиев З., 1992, Две железнодобни населби кај Страцин, Годишен зборник на Филозофскиот факултет книга 19, Скопје, 105-125.
- Герасимова В. - Чохаджиев С., 1993, Скитъ край село Трекляно, Кюстендилско, Известия на Исторически Музей Кюстендил, Том V, Кюстендил, 333-340.
- Гергана И., 2008, Християнска символика върху археологически паметници от времето на княз Борис Първи, во: Георгиев П. (ед.), Християнската култура в средновековна Бъгария, Материали от национална научна конференция, Шумен 2-4 май 2007 година по случай 1100 години от смъртта на Св. Княз Борис-Михаил (ок.835-907 г.), Велико Търново, 323-344.
- Димитров Я., 2008, З а един „прочит“ на русинки-графити с кръстове и „оранти“ от Плиска, во: Георгиев П. (ед.), Християнската култура в средновековна Бъгария, Материали от национална научна конференция, Шумен 2-4 май 2007 година по случай 1100 години от смъртта на Св. Княз Борис-Михаил (ок.835-907 г.), Велико Търново, 300-322.
- Зорова О., 2007, Пентаграм во средниот век - прелиминарни истражувања врз основа на балканските примери, Studia Mythologica Slavica X, Ljubljana and Udine, 51-82.
- Ивановска Велкоска С., 2014, Средновековна христијанска материјална култура од Скопско, Скопје (необјавена докторска дисертација).
- Ивановски М. – Крстевски Ц., 1996, Археолошки локалитет „ГРАДИШТЕ,“ с. Опила, Крива Паланка, некропола Чифлак, во Ивановски М., (ед.), Извештај од извршените заштитни археолошки ископувања и истражување на локалитетите загрозени со изградбата на трасата на железничката пруга Куманово-Деве Баир, делница Бељаковце-Кратово-Гиновце, стационажа од км 30+610 до км 56+700, со број 08-847 од 07.07.1996 година, 1-26, Т. I-LVIII, сл. 1-79, Скопје, 1-12 (непубликуван извештај кој се наоѓа во библиотеката на ЛУ Градски музеј – Крива Паланка, отстапен од НКЦ Скопје за оформувањето на постојаната археолошка поставка во музејот).
- Јованова Л., 2013, Македонија во римскиот период (археологија), во: Кузман П., и др. (ур.) Македонија: Милениумски културно–историски факти, Скопје, 789-930.
- Крстевски Ц. - Ивановски М., 1989, Билибајци-Бабунци/Опила, Рановизантиска некропола, Arheološki pregled 28, Ljubljana, 129-130.
- Крстевски Ц. - Здравковски Д., 1996, XVI Крива Паланка, во: Коцо Д. - Грозданов Ц., (ед.) Археолошка карта на Република Македонија Том II, Скопје, 190-199.
- Крстевски Ц. - Вучковска Ц. - Стојчевски П. - Митовски М., 2013, Резултати од заштитните археолошки истражувања 2012 година „Градиште - Некропола“, с. Опила, Славишки Зборник број 2, Крива Паланка, 110-123.
- Малковски Ѓ. - Михајловски Ј. - Крстевски Ц., 1996, Крива Паланка и кривопаланечко низ историјата, Крива Паланка.
- Манева Е., 1992, Средновековен накит од Македонија, Скопје.
- Манева Е., 1992-a, Археолошки белешки за средновековните некрополи од Македонија Културен Живот, год. XXXVII, 2/92, Скопје, 32-36.
- Манева Е., 1994, Средновековниот период (VII-XIV век), во: Коцо Д. (ед), Археолошка карта на Република Македонија Том I, Скопје, 165-179.
- Манева Е., 1995, Средновековни некрополи од Македонија, Историја на културата на Македонија кн. 1, Скопје, 63-71.
- Микулчиќ И., 1996, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје, Македонска академија на науките и уметностите.
- Минић Д., 1984, Песача, античко утврђење и средњовековна некропола, Старинар (н.с.) XXXIII–XXXIV, Београд, 171-179.
- Миткоски А., 2002, Три средновековни некрополи од Прилепско, Македонско Наследство, Година VI, број 19, Скопје, 2-52.
- Митовски М. - Крстевски Ц., 2013, Прилог кон проучувањето на железното време во Крива Паланка и Кривопаланечко, Славишки Зборник 2, Крива Паланка, 58-82.
- Митовски М. - Крстевски Ц., 2016, Резултати од археолошките рекогносцирања на подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце во 2013 година, Славишки Зборник 3, Крива Паланка, 37-69.
- Митовски М. - Крстевски Ц., 2016-a, Резултати од заштитните археолошки истражувања на локалитет „Мал Камлеш - Некропола“ 2015 година, општина Ранковце, Славишки Зборник 3, Крива Паланка, 69-85.
- Митовски М. - Крстевски Ц., 2018, Прилог кон проучувањето на предисторијата на Кривопаланечката област–Славиште, во: Јакимовски А. (ед.) Folia Archaeologica Balkanika: In Honorem Prof. Viktor Lilčić Adams Vol. 4, Скопје, 105-149.
- Митовски М. – Крстевски Ц., 2019, Неолитот во Кривопаланечката област-Славиште: студија на случај од локалитетот Мал Камлеш, во: Фиданоски Љ. - Наумов Г. (ед.) Неолитот во Македонија: Во чест на Воислав Санев, Скопје, 35-65.
- Михајловски Ј., 2008, Манастир Свети Јоаким Осоговски, Скопје.
- Михаљчић Р., 1989, Крај Српског Царства, Београд.
- Петровић М.М., 1995, Помен богомила-бабуна у законоправилу Светог Саве и Црква Босанска, Београд.
- Стефоска И., 2007, Струмица и стримичко во средниот век (VII-XIV), (необјавена докторска дисертација), Скопје.
- Стојановски А., 1965, Дервенџинството во Македонија, Скопје.
- Трифуновски Ф. Ј., 1973, Славиште у средњем веку, Гласник Српског Геолошког Друштва, LIII/2, 139-144.
- Трифуновски Ф. Ј., 1976, Где се налазио град Славиште, Гласник Српског Геолошког Друштва, LVI/1, 105-108.
- Филипова С., 1997, Архитектонска декоративна скултура во Македонија V-VI и XI-XII век, Скопје и Мелбурн.
- Шкриванић Г., 1974, Путеви у средњовековној Србији, Београд.
- Шпехар П., 2017, Централни Балкан од 7 до 11 века – археолошка сведочанства, Београд.
- Латинична
- Aleksova B., 1966, Prosek-Demir Kapija: Slovenska nekropola i slovenske nekropole u Makedoniji, Arheološko društvo Jugoslavije, Dissertationes 1, Skopje.
- Chernykh N. E., 1992, Ancient Metallurgy in USSR, The Early Metal Age, Cambridge.
- Mallory J. R., 1989, In Search of the Indo-Europeans Language - Archaeology and Myth, Thames and Hudson, London.
- Milošević А., 1997, Ranosrednjovjekovno groblje kod Gluvinih kuća u Glavicama kod Sinja, SHP, s. III, 24, Split, 111-126.
- Milošević А., 1998, Arheološka topografija Cetine, Split.
- Petrinec M., 2009, Groblja od 8. do 11. stoljeća na području ranosrednjovjekovne hrvatske države, Split.
- Petrinec M., 2002, Dosadašnji rezultati istraživanja ranosrednjovjekovnog groblja u Glavicama kraj Sinja kao prilog razrješavanju problema kronologije starohrvatskih grobalja, Opusc. Archaeol., 26, Zagreb, 257-273.
- Robb J., 2009, People of Stone: Stelae, Personhood, and Society in Prehistoric Europe, Journal of Archaeological Method and Theory, 162 -183.
- Srejović D., 1997, Arheološki leksikon preistorija Evrope, Afrike i Bliskog istoka grčka, etruska i rimska civilizacija, Beograd.
- Trifunovski J., 1980, Krivopalanačka oblast, Zbornik za narodni život i običaje Južnih Slavena 48, Zagreb, 205-350.
- Škrivanić G., 1970, Bitka kod Velbužda 28. VII 1330. godine, Vesnik Vojnog muzeja 16, 67-77.
- Špehar P., 2012, Srpsko Podunavlje u ranom srednjem vijeku, во: (ur.) Šeparović T., Dani Stjepana Gunjače 2, Split, 335-358.
- Wenzel M., 1965, Ukrasni motivi na stećcima, Sarajevo.