Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 367–381
Предлог за убикација на средновековниот фрурион Дебрец
Содржина
- Првиот поход на Андроник III Палеолог против Србите во одбрана на Охрид
- Вториот поход на Андроник III Палеолог против Србите во одбрана на Охрид
- Фрурион Деврица (Дебрец)
- Предлог-убикација на фрурионот Деврица (Дебрец) –
- Требенишко Кале, Требеништа
- Требенишко Кале, движни наоди од средновековниот период
- Требенишко Кале, урнатини од средновековна црква
- Фрурион Деврица (Дебрец) - Требенишко Кале, село Требеништа
Првиот поход на Андроник III Палеолог против Србите во одбрана на Охрид
Хроничарот Јован Кантакузин забележал дека Србите (Трибали, како што ги нарекувал), во јули 1330 се подготвувале да го нападнат градот Ахриди (Охрид). Тие ја ограбувале околината на градот и потоа го опседнале. Византискиот цар Андроник III Палеолог (1328 - 1341), кој откога оздравел, војувал со една група Турци (Перси - според Ј. Кантакузин) во Такија во мај. Штом дознал за заканата по Охрид, тој веднаш тргнал да ја отстрани.1 Изворот не дава податоци за правецот на марширањето на византиската војска. Претпоставувам дека Андроник одел по најкус можен пат на релацијата Битола - превој Ѓавато - Ресенско - Охрид.
Штом Србите дознале дека Андроник III доаѓа, се повлекле во својата земја. Андроник го заштитил Охрид, на јуриш ги освоил оние тврдини во околината што биле потчинети на Србите и се вратил во Димотика. Еве како го опишува овој настан Кантакузин: ...По не многу денови, му јавија на царот од запад дека се подготвува војската на Трибалите да го нападне Охрид (τῇ ʼ Αχρίδι), западниот град што лежи под планината Пиерија. Набргу потоа, Трибалите го опколија и го опседнаа градот, откога ја опустошија неговата околина. Царот бргу тргна на помош. Откога дознаа за тоа, Трибалите ја напуштија опсадата и заминаа во својата земја. Откога пристигна во Охрид, царот го згрижи градот колку што беше можно, и некои од тврдините потчинети на Трибалите што лежат во близина ги зазема на јуриш. Ги презема сите мерки за одбрана на другите западни градови и веднаш се
врати во Дидимиотика.2
Вториот поход на Андроник III Палеолог против Србите во одбрана на Охрид
Во јули 1330 година Србите се повторно во напад на Охрид. Андроник III повторно поаѓа кон Охрид. Според Кантакузин, тој навлегол преку Пелагонија во земјата освоена од Србите и отсекол дел од територијата што тие претходно ја освоиле (сл. 1). Воената кампања на Андроник е сосема кусо опишана:
...Михаило, царот на Мизите (Бугарите) завојувал против кралот, владетелот на Трибалите (Србите), поради некој спор и се подготвувал да го нападне со војската. Знаејќи дека му е и царот (Андроник III) непријател, му упатил пратеништво и тој да го нападне кралот, за да го победат полесно и двајцата. Бидејќи и на царот му изгледало дека е часот да се казнат Трибалите за неправдите нанесени на Ромеите, му вети на Михаило учество во воениот поход, додавајќи дека, и да не го повикал, самиот би тргнал со војската на Трибалите, бидејќи му нанеле голема неправда. Откога ја собрал војската и подготвил cè што било потребно, упаднал преку Пелагонија во земјата на Трибалите и отсекол дел. И зазема на јуриш некое утврдување (фрурион) наречено Вучин (Бучин), а другите тврдини: Деурицан (Дебрца/Дебрец) и Дубрунин (Дубрун/Добрун) и Каваларион (Габаларион) и Сидерокастрон
му се предале...3
Фрурион Бучин е всушност доминантната тврдина Кале над село Бучин каде што В. Л. Адамс со методот на рекогносцирање прв го измерил, нацртал и протолкувал со К. Спасеска планот на утврдувањето. Лилчиќ и Спасеска публикуваат и еден византиски фолис од локалитетот, од X - XI век.4 Во текот на истражувачкиот проект Пелагонија, Долината на Вардар и Источна Македонија, рекогносцирање 2019 на локалитетот се откриени и монети - скифати (тип уранискос) од XIII - XIV век (сл. 2).
Фрурион Добрун би бил акрополот на античкиот град Брианиј, на локалитетот Градиште, село Граиште во Демир Хисар. На Градиште, Граиште, регистриравме интензивни остатоци од културни хоризонти од раната антика. Животот во периодот од I - III век од н.е. е намален. Егзистенцијата се зголемува во доцната антика (IV - VI век), и тоа особено во VI век н.е. Подоцна егзистенцијата е засилена во средновековниот период (VII - XIV), и тоа во X - XI век од н.е. Со истражувањата на В. Л. Адамс и неговиот тим, на локалитетот се откриени монети од X - XI век (сл. 3). Интересно, е дека нема примероци на византиски монети од XIII-XIV век, што би кореспондирало со времето на маршот на војската на Андроник III Палеолог покрај фрурионот Добрунин. Сепак, сите досегашни истражувања на Градиште, Граиште се реализирани со методот на рекогносцирање. На овој локалитет никогаш не биле вршени археолошки истражувања со методот на следење на стратиграфијата - ископување.5
Фрурион Каваларион би бил локалитетот Големо Чагорско Кале село Лопатица. Се работи за доминантно утврдување со задача да го контролира планинскиот премин Дервен кај селото Древеник. При истражувањето на овој локалитет В. Л. Адамс со К. Аџиевски се откриени монети од византискиот XIII - XIV век. Предлогот за убикација на Каваларион е публикуван во 2011 година (сл. 4).6 Предлозите на Т. Томоски (Лоник, село Лопатица)7 и И. Микулчиќ (Кале, село Стрежево)8 се погрешни. Имено, со К. Аџиевски, лично проверивме и констатиравме дека на трите рида: Долни Лоник, Средни Лоник и Горни Лоник, на кои упатува Томоски, не постојат никакви културни остатоци, додека фортификацијата Кале кај селото Стрежево датира исклучиво од VI век. Неа ја истражував во текот на 2019 година, при што ја ревидирав планиметријата и открив разголен културен хоризонт на западното подградие под дејство на водите на вештачкото Стрежевско Езеро. Со интензивно рекогносцирање на целата површина се откриени наоди и монети исклучиво од VI век и ништо друго. Движните предмети што ги открил и публикувал Т. Јанакиевски9 се состојат од остава на земјоделски алатки и монети кои датираат исклучиво од VI век. На локалитетот не е откриен ниту еден наод што би потекнувал од полниот и доцниот средновековен период (VII - XIV век) X - XIV век.
Фрурионот Сидерокастрон е сигурно идентификуван - убициран на локалитетот Градиште село Железнец на Црна Река.10 Тимот на В. Л. Адамс на локалитетот откри византиски монети - трахеи од XIII - XIV век од типот уранискос, со што беше потврден византискиот културен хоризонт (сл. 5).
Фрурионот Сидерокастрон (Градиште село Железнец на Црна Река) е токму местото каде што византиската војска под Андроник III Палеолог ја напуштила долината на Црна Река и се искачила на Илинска Планина со цел во областа Дебрца да ги удри Србите (кои го опсадувале Охрид) од заднина. Претпоставувам дека Андроник го испланирал овој маневарски потег со цел да ги нападне Србите од север, од правец од кој тие не очекувале напад.
Фрурион Деврица (Дебрец)
Преостанува проблемот на убикацијата на фрурионот Деврица (Дебрец). Во 1964 година Томо Томоски го убицираше на локалитетот Кула, Песочан во Дебрца.11 Нешто подоцна, 1996 година, Иван Микулчиќ, безрезервно, усвојувајќи ја идејата на Томоски, исто така го убицира фрурионот Деурицан на Кула, Песочан, илустрирајќи го својот осврт на локалитетот со планот измерен на терен исклучиво од В. Лилчиќ (Адамс).12 Во меѓувреме, со убикацијата на Деуриц/Дебрец се занимаваше и професор Коста Аџиевски.13 Тој, имено, претпоставил дека византискиот цар сакал да го обезбеди планинскиот премин Барбарас над селото Дебреште, од каде Србите би можеле да навлезат во Пелагонија. Оттаму, предложил убикација на фрурионот Деврица/Дебриц на локалитетот Кале Лениште село Дебреште.
Не анализирајќи го проблемот на убикацијата на фрурионот Дебрец посебно, и јас долго верував во неговата убикацијата на Кула, село Песочан во Дебрца, исто како и Томоски и Микулчиќ, поведен од високата и доминантна позиција на тврдината Кула, Песочан, во средиштето на регионот со исто име - Дебрца. Меѓутоа, во текот на 2018 година добив можност да ги повторам моите претходни истражувања на сите стари утврдувања во општина Дебрца.14 Во текот на овие интензивни истражувања, на локалитетот Кула, Песочан ги евидентиравме, вистина со методот на археолошко рекогносцирање, културните хоризонти од доцното бронзено време, од архајскиот и класичниот период (VII - IV век пр. н.е.), потоа во континуитет од III век пр. н.е. до III век н.е., како и од доцната антика (IV - VI век н.е.). Дефинитивно, на локалитетот не успеавме да откриеме ниту еден археолошки наод од средновековниот период (VII - XIV век). А овој локалитет го истражував во повеќе наврати, и тоа на: 18.8.1993, 29.4.2007, 22.6.2014 и на 11.8.2018 година.
Предлог-убикација на фрурионот Деврица (Дебрец) –
Требенишко Кале, Требеништа
Во рамките на областа Дебрца еден друг археолошки локалитет го привлече моето внимание. Во текот на 2019 година подетално го истражував локалитетот Требенишко Кале, село Требеништа (сл. 6).15
Требенишко Кале, село Требеништа, претставува маркантен и богат антички град. Неговиот просперитет секако се должи на внимателно одбраната местоположба за крстосницата на патиштата од Кичевијата и Дебарца кон Охрид и од Струшко преку теснецот кај Требеништа кон Лиоиште и Косел. Тоа го потврдува и неговата површина од 4.66 ha во опфатот на ѕидовите на акрополот, градот и јужното подградие. Меѓутоа, во текот на нашата истражувачка посета забележавме дека постојат и постари културни хоризонти од оние во опфатот на ѕидовите, што се видени на северната и североисточната падина, што укажува на реалната можност површината на градот да ја надминува бројката од 5 ha. Точниот одговор секако ќе го дадат идните археолошки истражувања, што несомнено би требало да се започнат и водат како систематски на овој значаен антички град, чиешто име можеби се крие во некои од градовите: Енхелана, Керакс, Сатион, Боиои, што ги споменува историчарот Полибиј, како градови во Десаретија кои ги освоил македонскиот крал Филип V.
Нашата истражувачка кампања беше реализирана во рамките на октомври 2019 година. Во текот на овие теренски истражувања со методот рекогносцирање се фокусиравме на површините на древниот град на Требенишкото Кале, и тоа, главно, во ѕидините (intra muros) и долж контактната зона околу ѕидините (extra muros). Градот којшто го документирав на терен на 13.9.1997 година се состои од три сегменти: мала доминантен акропол (А), Горниот град (B) и југозападниот, т.е Долниот град (C). Констатиравме дека градот бил опфатен со масивен одбранбен ѕид/сувоѕид од кршени редени камења. Контурите на оваа одбранбена рамка се доминантни и извонредно видливи на површината (сл. 7, 8), додека југозападното подградие - Долниот град (C) било заштитено со одбранбен ѕид во плитарна техника. Подградието не било надѕидано во доцната антика (IV - VI век), ниту во средновековниот период (VII - XIV век) со каменен сувозид, како акрополот и градот. Евентуално можеби просторот на југо-западното подградие бил користен во средниот век за помошни потреби, чување коњи, говеда.
Во текот на истражувачките кампањи (1997, 2018 и 2019) се откриени 36 монети:16
Монетите, главно, се групирани во следните периоди:
1. Периодот од III век пр. н.е. до III век од н.е. е застапен со група монети од III и II век пр. н.е. (бронзи на: македонскиот крал Антигон Гонат, Тесалоника, Амфипол, Аполонија, автономна Македонија). Потоа, римски монети од I век пр. н.е (сребрен суберат на Рутилиј Флак, две половини од римски републикански сестерции). Како и посребрен антонинијан на Галиен (253 - 268);
2. Доцната антика (IV - VI век) е застапена со група бронзени монети на: Константиј II (337 - 361), Теодосиј I (379 - 395), Аркадиј (383 - 408), Јустин I (518 - 527), Јустинијан I (527 - 565) и Јустин II (565 - 578). Забележуваме дури 12 монети на византиските цареви од VI век. Концентрација што укажува на интензивна егзистенција во VI век на Требенишкото Кале.
3. Средновековниот период е застапен со следните три монети:
34. Исак II Ангел (1185 - 1195). Билон аспрон трахеја. Тип уранискос/небенце.
Ав. Легендата (MP-θV) не е читлива. Богородица со нимб седи на трон во скут го држи детето Христос со лицето свртен налево. Рв. Легендата (I/CAA/ KI OC –ΔEC/ПO /TH C) не е читлива. Стоечка претстава на Исак, со дивитисион лорос и сагион; држи скиптар и акакија.
Тежина: 2,50 gr. Дијаметар: 22 mm. Ковница Константинопол.
Референца: SBC2003 17 (сл. 9).
35. Михаил VIII Палеолог(1261 - 1282). АЕ Трахеја. Тип уранискос/небенце.
Ав. (MHP)-θV. Богородица седи на трон од двете страни В - В. Рв. Стоечки претстави на Михаил лево и Архангел десно
Тежина: 2,03 gr. Дијаметар: 24 mm. Ковница Константинопол.
Референца: SBC 213118 (сл. 10).
36. Андроник II Палеолог (1282 - 1328). АЕ Трахеја. Тип уранискос/небенце.
Ав. Не јасно, нечитливо. Рв. Стоечка претстава на Андроник десно, Св. Димитрија лево, меѓу нив замок; горе ѕвезда.
Тежина: 2,54 gr. Дијаметар: 22 mm. Ковница Тесалоника (сл. 11).
Требенишко Кале, движни наоди од средновековниот период
Со нашите истражувања на Требенишко Кале откривме повеќе движни наоди. Во 2018 година откривме дел од извонредно сочуван бронзен византиски крст - енколпион, со претстава на стоечка фигура на Исус Христос и бисти на четирите евангелисти во аглите на краците (сл. 12). Датиран прелиминарно во X - XI век н.е., крстот е откриен на околу 60 m западно северозападно од урнатините на средновековната црква во Долниот град (Б).
Сличен наод, целосно зачуван византиски крст - енколпион, откупил В. Лахтов од Александар Бицев од Требеништа (сл. 13), кој го открил крстот во својата нива, што се наоѓа јужно од разурнатата црква во Долниот град (Б).19 В. Лахтов исто така го датира овој крст оптимално во периодот од X - XI век.
Во контекстот на средновековните наоди се вбројуваат и трите византиски монети - трахеи од типот уранискос (модели на небото) на византиските цареви: Исак II Ангел (1185 – 1195), Михаил VIII Палеолог (1261 - 1282) и Андроник II Палеолог (1282 - 1328), што посочуваат на егзистенција во утврдувањето на Требенишко Кале во текот на XII - XIV век.
Требенишко Кале, урнатини од средновековна црква
Со истражувањата во 2019 година документиравме контури на еднокорабна црква во пределот на Долниот град (B). Црквата (D на планот сл. 2) се наоѓа на околу 60 m јужно југоисточно од центарот на малиот градски акропол (А). Се работи за правоаголен објект со ориентација запад - исток, и големина на контурата од 15 х 8 m, со апсидално заоблена контура на урнатиот градежен материјал на источната страна и контури на придружни објекти на јужната страна. На самата површина во урнатините на објектот евидентиравме неколку градежни блокови од бигор (сл. 14), од типот clavus, што значи за специјална намена за конструкција на сводот на црквата. Освен тоа, евидентиравме и еден аголен дел од покривна керамида од црквата од средновековен византиски тип (сл. 15). На 10 m северозападно од контурата на западниот ѕид на црквата, во една илегално ископана дупка, евидентиравме череп од инхумиран покојник. Претпоставувам дека се работи за средновековен гроб.
Фрурион Деврица (Дебрец) - Требенишко Кале, село Требеништа
Ајде сега да се навратиме на маршот на византискиот цар Андроник III Палеолог од јули 1330 година, преку Пелагонија до Охрид.
Андроник тргнал низ долината на Црна Река, од местото Бучин (сл. 1). Тоа е теснецот низ кој што Црна Река влегува во Пелагонската Висорамнина. Теснецот бил контролиран од две силни византиски военостратегиски точки. На Кале село Трновци уште од VI век била воена база, додека во истото време на Кале, Бучин - стариот акропол на градот Алкомена од VI век бил користен како кастел-спекула.
На околу 8.28 km западно, од Кале, Бучин, се наоѓа Градиште, село Граиште (антички град Брианиј, и кандидат за убикација на средновековниот фрурион Добрун) на нискиот, но доминантен рид околу кој врти во широк лак Црна Река (сл. 16).
Веројатно Андроник, со цел да го обезбеди и планинскиот превој Дервен, кај селото Древеник го освоил фрурионот Каваларион (кандидат: Чагорско Кале, село Лопатица), што се наоѓа 6,4 km југоисточно од Градиште, Граиште, а 1,9 km западно северозападно од споменатиот превој (сл. 17). Потрагата за убикација на Кавалариј/Габалариј упатуваше на блиското битолско село Габалавци со сличност во етимологијата на името. Сепак, тврдините кај ова село и во неговата околина: Кале село Секирани и Кале село Стрежево, датираат исклучиво од VI век.20
Андроник, веројатно во кус временски рок, форсирал со војската низ долината на Црна Река. На околу 17,75 km северозападно му се предал без борба фрурионот Сидерокастрон - Градиште, село Железнец (сл. 18).
Токму кај фрурионот Сидерокастро ја напуштил долината на Црна Река. Тој имал намера да ги изненади Србите со напад од нивната заднина, значи од северната страна. Значи дека ја форсирал Илинска Планина на правецот преку селото Големо Илино на превојот Илинска Црква Св. Илија, минувајќи од Сидерокастрон до превојот 9,3 km (сл. 19). Од превојот Илинска Црква Св. Илија се спуштил во долинката на Брежанска Река, минал под рановизантиската военостратегиска база на локалитетот Горно Полско Градиште село Велмеј, и веројатно со брз марш поминал низ локациите на денешните села Лешани, Злести и за 18,3 km дошол до Ботун. Од Ботун, поминувајќи низ Ботунско-климештанската Клисура долга околу 3,67 km излегол во Охридско-струшката Дебрина21 - Рамнина (долина/низина). Над нејзината источна периферија доминирал прастариот град со засега непознато античко име. Меѓутоа, денес тврдам дека во средновековниот период градот на Требенишко Кале се викал Деврица/Дебрец. Излегувајќи од Ботунско-климештанската Клисура, Андроник минал уште околу 6,8 km (сл. 20) и го зазел градот Деврица (Дебрец) - Требенишко Кале без борба.
Од Требенишко Кале - Дебрец, до Охрид, на Андроник III Палеолог му преостанале уште околу 12 km (сл. 21).
Предложената патна линија на релацијата: Бучин - Железнец - Илинска Црква - Ботун - Требениште - Охрид ја потврдува информацијата на Јован Кантакузин дека царот ја пресекол/ отсекол територијата која што Србите ја зазеле во походот кон Охрид.
На крајот околу терминот фрурион употребен кај Ј. Кантакузин. Фрурион значи тврдина. Ако ги погледаме предложените локалитети за убикации на Бучин, Кавалариј, Добрун, Сидерокастро и Дебрец, ќе видиме дека сите поседуваат особено цврсти фортификациски бедеми. И сите имаат културни хоризонти што датираат од архајско и класично време (VII - IV век пр. н.е.), потоа од III век пр. н.е. до III век од н.е. и особено од доцната антика (IV - VI век) и секако од средновековниот период (VII - XIV век).
Претпоставувам дека Јован Кантакузин мислел за акрополните утврдување на гратчињата што ги споменал, така што не гледам колизија меѓу именувањето фрурион и град во случаите на споменатите места кај Кантакузин.
Белешки
- Cant, I. 427, 11 - 428, 4, цитирано според Ћирковић С. - Ферјанчић Б. Јован Кантакузин, во: Византијски извори за историју народа Југославије (ВИИНЈ), том VI. Београд, 1986, 340. ↩
- ВИИНЈ VI, 334 - 335. Ќирковиќ и Ферјанчиќ со право ја воочуваат забуната од страна на Кантакузин во врска со споменувањето на планината Пиерија, види ф.н. 119. Во врска со утврдувањата во близината на Охрид, кои што царот ги зазел, слободен сум да ги посочам следните локалитети. Во прв ред претпоставувам дека тоа било утврдувањето на Требенишко Кале. А потоа и тврдините на Градиште село Слатино и Кула, село Годивје во Дебрца, каде регистрирав средновековни културни хоризонти. ↩
- ВИИНЈ VI: 335 - 336. ↩
- Лилчиќ, Адамс В. - Спасеска К., 1993, 231 - 234; Лилчиќ Адамс В., 2009, 148 - 157. ↩
- За Градиште кај селото Граиште во Демир Хисар, види кај Лилчиќ Адамс В., 2009, 158 - 161, со цитираната литература. ↩
- Ангеловски Б. - Лилчиќ Адамс В. - Јакимовски А., 2011, 103 - 121. ↩
- Томоски T., 1999, 63. ↩
- Микулчиќ И., 1996, 148 - 150. ↩
- Јанакиевски Т., 1983, 97 - 110. ↩
- Лилчиќ Адамс В., 2009, 170 - 173, со цитирана литература. ↩
- Томоски Т., 1964, 41 - 44, препечатено во Томоски Т., 1999, 61 - 64. ↩
- Микулчиќ И., 1996, 246 - 249. Би навел тука дека монетата во цртеж што ја публикува овој автор, не е откриена на овој локалитет. ↩
- Аџиевски К., 1994, 168. ↩
- На ова место срдечно му се заблагодарувам на господинот Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебрца, кој безрезервно го поддржа проектот Дебрца – Археолошка топографија на старите градови и тврдинини 2018 на Филозофскиот факултет во Скопје под мое раководство. ↩
- Повторно, искрено му благодарам на господинот Зоран Ногачески, кој го поддржа истражувачкиот проект на Филозофскиот факултет во Скопје Требенишко Кале истражување 2019 година. ↩
- Стручната идентификација на монетите ја изработи м-р Ванчо Милошевски, за што му благодарам на ова место. ↩
- Sear D. R., 1974, 355, no 2003. ↩
- Sear D. R., 1974, 383, no 2131. ↩
- Лахтов В., 1959, 22, Т. VI, 2. ↩
- Кале Секирани го истражував и документирав со археологот Димитар Ѓорѓиевски од Битола на 23.10.2005 година, а Кале Стрежево на 19, 21 и 23 номеври 2019 година со археологот Сашо Кироски од Охрид и Горан Тренески, студент археолог од Скопје. ↩
- Цейтлин Р. М. - Вечерки Р. - Благовой Э., 1994, 202. ↩
Summary
Attempt for Location of the Medieval Frurion Debrec
Historians and archaeologists have mainly dealt with the problem of the location of the medieval frurion Deurican (Debrec): Zlatarski, Balaschev, Trajcev, Jirecek, Tomoski, Snegarov, Cirkovic, Mikulchich, Adzievski and partly Angelovski, Lilchikj and Jakimovski.
In the first half of the 20th century, places and archaeological sites on a wider territory were proposed. In the second half, Tomoski and Mikulchic pointed to the fortress Kula, the village of Pesochan in the area of Debrca, while Adzievski scored on the fortress Kale Lenishte above the village of Debreshte on the northern edge of the Pelagonija plateau.
Intensive archaeological research in the area of Debrca, during 2018 and 2019, within the projects of the Faculty of Philosophy in Skopje under the leadership of Lilchikj Adams unequivocally pointed to the archeological site Trebenishko Kale, as the most serious candidate for the location of the medieval frurionDeurican/Debrec.
On the site are the remains of a strong ancient and medieval city. Medieval Byzantine coins of Isaac II Angel (1185 - 1195), Michael VIII Palaeologus (1261 - 1282) and Andronicus II Palaeologus (1282-1328) were discovered, which illustrate the existence in the town of Trebenishko Kale during the 12-14th centuries.
At that time the Serbs were entering through the areas of Western Macedonia towards the city of Ohrid / Ahrida. According to John Cantacuzino, the Byzantine emperor Andronicus III Palaeologus, in July 1330, undertook a military campaign to defend Ohrid. He marched through the valley of the Crna Reka (Erigon), through the Ilinska Mountain, and came to the Serbs from their rear, from the north.
According to John Cantacuzino: “... And he takes on the raid some fortification (frurion) called Vuchin (Buchin: Kale, Buchin, note on V.L.A.), and the other fortresses: Deurican (Debrca / Debrec, Trebenishko Kale, Trebenishta village, note on V.L.A.),) and Dubrunin (Dubrun / Dobrun, Gradishte / Graishka Chuka Graishte village, note on V.L.A.),) and Cavallarion(Gabalarion, Chagorsko Kale, Lopatica village, note on V.L.A.),) and Siderokastron (Gradishte / Kale at Zheleznec village, note on
V.L.A.), surrendered to him.”
He entered the Ohrid-Struga field, in the area of the Debrca area / municipality, he conquered without a fight the town of Deurican / Debrec on the site Trebenishko Kale, above the village Trebenishta. He then attacked the Serbs and forced them to withdraw.
СКРАТЕНИЦИ
ВИИНЈ
Византиски извори за историју народа Југославије
ГЗФФ
Годишен зборник на Филозофскиот факултет во Скопје
ЛИХНИД Годишен зборник на Народниот музеј во Охрид
MAA
Macedonia acta archaeologica - Македонско археолошко научно друштво
ММ
Матица македонска - издавач/publisher
МЦ
Македонска цивилизација - издавач/publisher
МН/MH Македонско наследство/Macedonian Heritage - издавач Македонска цивилизација
SBC
Cant.
Ioannis Cantacuzeni ex imperatoris historiarum, libri IV, grecae et latinae I - III, cura L. Schopeni, Bonnae 1828 - 1832, користено од: Византијски извори за историју народа Југославије (ВИИНЈ), том VI. Београд, 1986.
Библиографија
- Ангеловски Б. - Лилчиќ (Адамс) - В. Јакимовски А., 2011, Обид за убикација на средновековниот град Каваларион, МН/MH, бр. 38 - 39, Скопје, 103 - 121.
- Аџиевски К., 1994, Пелагонија во средниот век, Скопје.
- Јанакиевски Т., 1983, Кале, Стрежево, извештај од заштитно археолошко истражување, Битолско, Maced. acta archaeol. 6, Скопје, 97 -110.
- Лахтов В., 1959, Археолошко ископување на Требенишко Кале кај селото Требениште, Охридско 1953 - 1954, Лихнид, Годишен зборник на Народниот музеј во Охрид, кн. II - III, Охрид.
- Лилчиќ (Адамс) В., 2009, Линкестида и Девриоп, Скопје, 148-157.
- Лилчиќ (Адамс) В. - Спасеска К., 1993, Неколку доцноантички градишта во Пелагонија, Maced. acta archaeol. 13, Скопје, 231 - 234.
- Микулчиќ И., 1996, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје, 148 - 150.
- Томоски T., 1996, Белешки по повод воениот поход на Андроник III во Македонија во: Македонија низ вековите, Скопје, 1996, 61 - 64.
- Томоски T., 1996, Белешки по повод воениот поход на Андроник III во Македонија“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет кн. 16. Скопје, 41 - 44.
- Микулчиќ И., 1996, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје.
- Sear D. R., 1974, Byzantine Coins and their Values, SEABY, London.
- Цейтлин Р. М. - Вечерки, Р. - Благовой Э., 1994, Старославянский Словарь (по рукописям X-XI веков). Институт Славяно ведения и балканистики Росийской Академии наук. Москва.
- Извори: Јован Кантакузен, теренски археолошки истражувања во Дебрца