Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 357–365
Извештај од заштитните археолошки истражувања на локалитетот Тополничка Река, с. Дамјан, Радовиш
Содржина
Археолошкиот локалитет Тополничка Река се наоѓа на левата страна од магистралниот пат Штип - Радовиш, на растојание од околу 1 km од населбата Дамјан кон Радовиш и околу 200 m од десната страна на асфалтираниот пат што води кон јаловиштето од рудникот „Бучим“.
Во непосредна близина на археолошкиот локалитет Тополничка Река се наоѓаат и локалитетите Канли Чаир и Бојковци, кој претставува неолитска населба, и локалитетот Стар Манастир уврдена рударска населба од железното и доцноримскиот период. Локалитетот Стар Манастир лежи на падините од ридот кој на север се спушта до коритото на Тополничка Река. Во нивна близина се наоѓа и локалитетот Плоча, с. Брест, кој претставува средновековно градиште како и локалитетот Пилав Тепе, с. Шопур, кој се наоѓа лево од патот Штип - Радовиш, каде се издига височина - рид во облик на конус опкружен од сите страни со стрмни падини, во чии ископини и површини се забележуваат остатоци од мал акропол датиран од II - IV век. Според повеќето археолози, на локалитетот Пилав Тепе се наоѓа рударскиот град Астрајон, кој писмено е потврден и датиран од раната и доцната антика. Археолошките наоди од локалитетот Пилав Тепе, аналогно со остатоците на околните локалитети, вклучувајќи ги и оние во поширокиот регион, придаваат голем примат и опсег за негово научно истражување.
Местото, т.е. нивата каде што се вршеа ископувањата на локалитетот Тополничка Река е во сопственост на Јован Димов. Во Заводот и музеј - Штип се донесени археолошки предмети и фрагменти од мермерна пластика од страна на лицето Јован Димов, откриени случајно при извршување земјоделски активности.
По извршениот увид на посочената локација заедно со инспекторатот од Управата за заштита на културно наследство, на теренот поголема констатиравме концентрација од фрагменти од керамика, камена пластика и остатоци од градежен материјал. Имено, истражувањата започнаа во април.
На посочената локација во нивата се постави сонда со димензии од 5 х 5 m со ориентација север - југ. Бидејќи истражувањата беа претходно договорени со сопственикот на нивата, се одвиваа на прецизно посочена локација, со посебно внимание да не се оштетат дрвјата од ореви, кои се наоѓаа во делот на поставената сонда. Со првите ископини се констатираа фрагменти од градежна керамика.
На длабочина од 0,40 m, на западната страна од сондата, се констатираше темелна партија од ѕид со ориентација север - југ. Покрај ѕидот беше откриена поголема концентрација од градежна керамика, остатоци од тегули - ќерамиди, како резултат од покривната конструкција.
Во правецот на темелната партија од ѕидот, кон северниот дел од сондата, откривме наоди од градежен камен и ќерамиди од објектот. По истражувањето на сондата кон север откриен е ѕид со димензии од 6,25 m и ширина од 0,60 m. Следните истражувања беа насочени кон следење на темелните партии на ѕидот, при што објектот со димензии од 6,25 х 11,40 m беше откриен во целост. Влезот на објектот се наоѓал од источната страна, каде што е пронајден метален дел од квака за заклучување на врата.
По расчистување на основата на објектот се констатираа две можни фази, бидејќи растојанието од 6,90 m од крајниот западен крак на ѕидот кон исток се појавува фуга меѓу двата ѕида и проширување од 0,30 m. Со доградбата на останатиот дел се констатираше објект со димензии од 11,30 m во должина и 6,25 m во ширина. Објектот (храмот) има влез од источната страна, каде се влегува во едната просторија и уште еден влез каде се влегува во втората просторија. Имено, двата влеза се паралелни еден со друг.
Со расчистување на просторот меѓу основата на објектот, каде ѕидовите се зачувани во темелната основа со речиси еден ред на речен камен и на пооделни места со по два до три реда на камен, констатирани се остатоци од покривни тегули на целиот простор. Во првата просторија од исток, по подигањето на покривните тегули и слоевите на земја, беа пронајдени неколку монети, додека во втората просторија, покрај пронајдените монети, беа концентрирани фигурите од камена пластика и градежните камени наоди.
Фрагментите од камената пластика се всушност фрагменти од релјефни плочи, скулптура и фигури.
Еден од најзначајните предмети е релјефна плоча со претстава на богот Зевс качен на кола која ја влече птица, потоа глава на богот Зевс, торза, релјефни плочи со претстави итн.
Главата на богот Зевс е со стилизирана коса и брада. Освен оваа глава, од наодите има и глава на женско фигура (божество) со благо брановидна обликувана коса и вел на главата на која се видливи траги од очи, нос и уста.
На западна страна во втората просторија, до западниот ѕид е прилепено уште едно проширување на ѕидот по целата негова должина со ширина на ѕидот од 0,80 m. Бидејќи повеќето од наодите беа близу овој ѕид, претпоставуваме дека можеби проширувањето е искористено за правење еден вид олтарна преграда или постамент, за поставување на донациите од мермерна пластика. По вадењето на покривните тегули и наодите од мермер на длабочина од 0,45 до 0,50 m, на пооделни места се констатирани остатоци од подот на просторијата, изведен од керамички тули со димензии на откриените тули од 0,30 х 0,30 m. Остатоци од под во првата просторија не беа констатирани.
При истражувањето беше констатирана и фрагментирана керамика, рачки, венци и слика која има најмногу карактеристики на раноримска керамика, со фина изработка на грнчарско
Откриени бронзени монети (34)
Проб. (276 - 282) 1 монета
Прва половина на IV век - 23 монети
Константин II (317 - 340)
Констанс (337 - 350)
Константиј II (337 - 361)
Фауста (324 - 326)
Втора половина на IV век - 10 монети
Валенс (364 - 378)
Валентинијан (375 - 392)
Аркадиј (383 - 408)
колце, црвен фирнис и неколку парчиња од метал (делови од клинци и метална жгура). Исто така е откриена и една луцерна со кружен диск, мала вертикална рачка, и кружен отвор за полевање масло со кус/мал клун.
Имено, со овие истражувања се откриени и триесет и четири бронзени монети, од кои повеќе од 90% датираат од првата и втората половина од IV век и една од крајот на III век.
Од движните наоди кои се репрезентативни, повеќето укажуват дека се работи за антички храм кој најверојатно имал подолг период на егзистенција на овие простори со карактеристични форми и мешавина на престави од различни божества.
Неколку од нив се откупени од сопственикот, додека поголемиот дел беа откриени при заштитните истражувања.
Заклучок
Заклучните согледувања за истражувањето ќе ги направиме според техничките карактеристики и движниот археолошки материјал пронајдени во храмот. Со завршување на истражувањето, констатираме дека е откриен објект - антички храм со димензии 6,25 х 11,40 m со две простории, влез од источната страна и ширина на ѕидовите од 0,60 до 0,65 m. На објектот се констатирани две можни фази, бидејќи на средината од објектот на растојание од 6,90 m е констатиран спој и проширување од 0,30 m. Просторијата од западната страна најверојатно е постарата како и просторијата каде што биле сместени мермерните фигури. На западната страна, пак, констатирано е проширување или доградба на уште еден ѕид по целата должина на западниот ѕид и ширина од 0,80 m.
Во оваа просторија се концентрирани сите наоди, како фигурите, градежните блокови и мермерна градежна пластика. По целата површина на објектот е откриена покривна градежна керамика, додека под неа се откриени археолошки предметите и монети. Подот од керамички тули е констатиран во просторијата каде што се откриени мермерните фигури. Влезовите на двете простории се од источната страна, како и влезот за во втората просторија кој што е паралелен со главниот влез. Просторијата од исток или втората просторија, т.е. на делот каде што се спојуваат двете простории на растојание од 6,90 m од запад кон исток, констатирано е спој или фуга меѓу камењата со мало проширување од 0,30 m, што нè наведува дека оваа просторија е доградена во подоцнежен период.
Со истражувањето се откриени повеќе мермерни фигури, торза, камени икони и мермерни плочи со претстави на божества, 34 монети и градежни мермерни делови. Овој податок укажува на фактот дека се работи за антички храм по иконографијата на претставите најверојатно на Асклепиј или Зефс, кои по стилските претстави датираат од крајот на II и III век. Храмот опстојувал приближно до втората половина на IV век. За датацијата на храмот се надоврзуваме на откриените 34 (триесет и четири) бронзени монети.
Поради карактерот на заштитните сондажни истражувања, лоцирање и констатирање на локацијата на откриените мермерни фигури, како и врз основа на договорот склучен со сопственикот на нивата. Имено, по истражувањето сондата и постоечкиот објект, заштитните сондажни истражувања ги завршивме со потрупување и нивелирање на теренот со причина за доведување на истиот во првобитна состојба. За подетални анализи, како и постоечки други објекти околу храмот и околината, потребни се дополнителни истражувања и ископини на овој простор. Во близина на овој локалитет се констатирани и гробни конструкции на оддалеченост од околу 300 m од храмот, додека во околните ниви е констатирана бројна градежна и садова керамика, како и градежен материјал.
Summary
Report from the Protective Archeological Excavations on the Site Topolnichka Reka, v. Damjan, Radovish
The archaeological site Topolnichka Reka is located on the left side of the regional road Shtip-Radovish, about 1 km from the Damian village and on the right side of the paved road leading to the tailings from the Buchim mine. The excavations were conducted after the report of several accidental finds discovered during agricultural activities.
The excavation and the analysis of the finds revealed that the building was a Roman temple, occupying an area of 6.25 by 11.4 m, with two connected rooms entered from east. All the finds such as figures, stone blocks and architectural decoration were discovered in the second room. The collapsed roof tiles completely covered the area of the building, and all the finds were discovered beneath. The marble figures were found on the floor of the second room, paved with bricks. The finds are exclusive and most of them suggest that the building was a Roman temple which existed for a long period of time with typical forms and mixed representations of different deities.
Several grave constructions were documented around 300 m from the temple and in the surrounding area there are numerous remains of roof tiles, pottery and masonry. All of this, points to the fact that a large Roman settlement with a temple dedicated to Zeus existed at this location between the 2nd and the 4th century. The data from the surrounding archaeological sites suggests that this region rich in ore minerals was settled in the prehistory, antiquity, Middle Ages and today.