Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 347–355
Археолошки истражувања на локалитетот Дрма - Бадар
Археолошкиот локалитет Дрма - Бадар, с. Бадар, се наоѓа на 30 km југоисточно од центарот на Скопје, и се истражува во континуитет од 2014 година со прекин во 2015 година. За резултатите од истражувањата досега е пишувано во неколку наврати.1 Ископувањата во последните две археолошки кампањи беа насочени кон откривање на габаритот на целата градба, со оглед дека до кампањата во 2018 година фокусот на истражување беше на првично откриените три простории од работно означениот објект 1, од кои, работно означената просторија 3, во која се вкопани три питоси, несомнено, била во функција на магацински простор.2 Втората просторија од овој најверојатно економски дел на објектот беше доистражена во текот на кампањата во 2018 година, кога беше расчистен разрушениот слој од покривната конструкција составена од коринтски тип тегули,3 и се дефинираше подното ниво изведено од набиена земја. Во југозападниот агол од просторијата 2 беше откриен слој од интензивно горење со поголемо присуство животински коски. При расчистувањето на насипот од земја во долните партии на ѕидовите од втората просторија, кои во претходните кампањи беа оставени со цел да се заштити малтерот во долните зони, беа откриени фрагменти од пигментиран малтер. Во североисточниот агол од просторијата, покрај источното лице на ѕидот 3, којшто ја дели просторијата 1 од просторијата 2, беше откриен фрагмент од фреска, околу 40 cm, на која доминираше црвена и црна боја (сл. 1). На овој потег, покрај ѕидот, беа откриени уште неколку помали фрагменти од пигментиран малтер на кои се забележуваше присуство на црвена боја. На дел од малтерните фрагменти, на задната страна, имаше отисоци од трска што упатува на таванската конструкција на просторијата. Ваков ист случај е евидентиран на таванските фрески во урбаната вила во Скупи.4 Фрагменти од фрескодекорација беа откриени и покрај западното лице на ѕидовите бр. 8 и бр. 10 со којшто е разграничен просторот меѓу апсидалната просторија и двете помали простории на западната страна на објектот, чија функција во оваа фаза на истраженост cè уште не би можела да се дефинира, освен да се претпостави дека биле дел од интимниот простор во куќата, односно станбени простории (сл. 2). На овие фрагменти исто така беа идентификувани две бои, црвена и црна, како и боите на фрагментите во втората просторија. Фрескодекорацијата како начин на ентериерното украсување е присутна во поголемите и порепрезентативни вили, како урбани така и рустикални. Од потесното опкружување фрескодекорација била откриена во повеќе рустикални и урбани вили во Босна и Херцеговина и во Словенија,5 додека на просторот од Република Македонија, со оглед на состојбата на истраженост на римските вили, пример на фрескодекорација има на репрезентативниот објект Палата, откриен на локалитетот Стакина Чешма - Валандово, како и во урбаната вила од Скупи.6 Фрагментите од фрески досега не се третирани хемиски во насока да се добијат извесни информации за пигментите и карактеристиките на малтерот. Единствено во таа насока може да се констатира дека малтерот од долните партии на ѕидовите каде што нема фрески е подебел и е со погруба структура, а неговата дебелина изнесува 3 cm, додека фреските кои најверојатно биле на погорните партии од ѕидовите се сликани на потенок слој малтер, кој има пофина структура и дебелина од 1,5 cm.
Ѕидовите во станбениот дел од објектот според досегашната состојба на терен и истраженост, биле во голема мера разградени, а во делови е зачувана само темелната зона. Во последните две археолошки кампањи беше дефинирана апсидата од апсидалната просторија која најверојатно била во функција на триклиниум. Димензиите на апсидалната просторија се 9,1 m во должина до забецот на апсидата и 7,7 m во ширина. Во насока на утврдување на протегањето на објектот кон запад беше ископан и ѕидот означен со бр. 12, којшто продолжува од апсидата кон запад во должина од 13 m. Toj е cè уште нецелосно истражен со оглед на бујната вегетација во западниот дел на теренот (сл. 3). Од надворешната страна на ѕидот во должина од 5 m беше откриен и истражен разрушениот слој од покривната конструкција составен, главно, од тегули од коринтски тип. По расчистувањето на разрушениот слој на два потега од истражениот простор беа откриени повеќе фрагменти од рамно стакло, што упатува на постоење прозорски отвори во овој дел на објектот (сл. 4).
Во насока на утврдување на габаритот на објектот кон север беше откопан и дел од западниот ѕид од просторијата 3 на објектот означен со бр. 7, којшто се движи во правец на север. Тој беше истражен во должина од 4,80 m. Од надворешната страна на ѕидот беа откриени фрагменти од малтерното лице, а под нив помал разрушен слој составен од коринтски тип тегули. На овој потег беше откриен и еден столбец, што упатува на претпоставката дека се работи за влезна партија покриена со трем, со оглед дека на овој потег има и прекин на ѕидот. Возможно е овој влез да е направен во втората фаза на обнова на објектот кога биле ставени питосите во третата просторија, со што била затворена комуникацијата меѓу втората и третата просторија7 (сл. 5).
Во досегашните истражувања на објектот најрепрезентативен дел претставува апсидалната просторија, која била и централна, во функција на триклиниум. Апсидата се наоѓа на јужната страна, а просторијата беше истражувана во правец од север кон југ. На целиот простор беше откриен разрушениот слој од покривната конструкција до делот на почетокот од апсидалниот простор, со оглед дека овој дел е cè уште неистражен. Разрушениот слој, главно, е составен од тегули и имбрекси, а покрај западниот ѕид од внатерешната страна беа откриени поголеми фрагменти од малтерното лице на ѕидот означен со бр. 8. На овој потег, покрај ѕидот, беа откриени и фрагменти од фрески (сл. 6). Во северниот дел на апсидалната просторија, којшто во првата градежна фаза комуницирал со просторијата 1 од стопанскиот дел на објектот, уште со првичните истражувања беше откриен хидростатен малтер којшто беше заштитен со песочна покривка со цел да се спречи неговото евентуално уништување. Со поновите истражувања, во профилот над прагот од просторија 2 од стопанскиот дел на објектот јасно се гледа подното ниво на апсидалната просторија од хидростатен малтер. Консеквентно на тоа, најверојатно целата просторија била покриена со хидростатен малтер, можеби како подлога за мозаик којшто од некои причини никогаш не бил изведен, но тоа останува да се потврди со следните истражувања (сл. 7)
Според досегашната состојба на истраженост, иако е можеби рано да се носат посмели заклучоци во смисла на типологија врз основа на архитектонските решенија, објектот би можел да се смести во типот на базиликални градби.8 Од просторот на Република Македонија најблиска аналогија според централната апсидална просторија околу која се распоредени помали простории претставува вилата од Пештерица кај Прилеп.9 Досега во апсидалната просторија не се откриени траги од столбови кои би упатувале постоење перистил.
Проблемот околу идентификацијата на локалитетот со градот Бедеријана беше рефериран во друг труд,10 во чиишто рамки се отфрли идејата за убикација на градот на овој простор, со оглед дека трагите од материјалната култура откриена досега не даваат показатели за егзистирање на просторот надвор од рамките на IV век. Тоа што е индикативно е присуството на градежна керамика и траги од материјална култура, најчесто монети, на пошироката површина на локалитетот, со што неговите граници врз основа на последните рекогносцирања на околниот простор видно се поместени. Како резултат на новата ситуација на терен, се наметнува и дилемата дали се работи за населба или, пак, за полски имот, односно villa rustica, како што од почетокот на истражувањата работно се води објектот. Доколку, пак, станува збор за вила рустика, таа би требало да се разгледува на еден многу поширок простор од досега согледаниот, како што е случајот со вилите во Босна и Херцеговина, на локалитетите Вишичи и Суваја коишто се протегаат на површина од неколку хектари.11 Имено, во насока на потврда на една од овие претпоставки неопходно е да се доистражи и објектот во секторот 2, којшто се наоѓа на триесетина метри јужно од првиот објект. На овој простор беше откриена помала апсидална просторија, со апсида на запад. Беше забележано присуство на поголеми фрагменти од хидростатен малтер, којшто најверојатно се од малтерното лице на ѕидовите (сл. 8). На северната страна се открија два одводни канали (сл. 9). Опусот на ѕидање, како и ширината на ѕидовите, која се движи од 65 - 70 cm, е како и кај објектот во секторот 1.12 Ѕидовите биле во голема мера разградени и во делови зачувани само во темелната зона. Со оглед на присуството на хидростатен малтер и одводните канали, може да се претпостави дека овој објект можеби имал термална функција, како што е случајот со вилата во Пештерица.
Во поглед на археолошките наоди доминантно е присуството на монети чија хронологија е поместена од втората половина на III век до крајот на IV век, односно најстарата монета припаѓа на императорот Филип I Араб (сл. 10), а најмладата на императорот Теодосиј I (сл.11).13 Од вкупно 86 монети откриени досега, 42 се најдени во рамките на откриените архитектонски структури, додека 44 се најдени во непосредна близина на истражуваниот објект, однсоно северно и северозападно од него, како површински, случајни наоди при рекогносцирање. Меѓу другите наоди се издвојува еден оловен тег (сл. 12), кој би можело да има утилитарна намена, луковичеста фибула и две клинчиња, едното бронзено, а другото железно кои биле во функција на зајакнување на кожните војнички чизми – caligae.
Идните истражувања на локалитетот ќе бидат насочени кон откривање на габаритот на објектите во двата сектори со цел да се согледа дали меѓу нив постои комуникација или, пак, се работи за два посебни станбени објекти, а во насока на потврдување на претпоставките дали се работи за населба или за, пак, за селски имот - villa rustica со помаркантни димензии, односно протегање на површина од неколку хектари.
Белешки
- Ангеловски Б. et al., 2017, 47-52; Ангеловски Б. - Спасова Д., 2018, 45-54. ↩
- Ангеловски Б. et al., 2017, 49. ↩
- Ангеловски Б. - Спасова Д., 2018, 48. ↩
- Кузмановски И., 2004-2006, 231. ↩
- Busuladžić A., 2011, 74-77; Gutman M. et al., 2016, 193-206. ↩
- Шурбановска М., 1993, 173; Шурбановска М. - Јакимовски А., 2002-2004, 283; Кузмановски И., 2004 – 2006, 225 – 233. ↩
- Ангеловски Б. et al., 2017, 50. ↩
- Biró M.,1974, 23-57A; Busuladžić A., 2011, 24. ↩
- Кепески К., 1976, 143-157; Герасимова Д., 2006, 210/212. ↩
- Ангеловски Б. - Спасова Д., 2018, 45-54. ↩
- Busuladžić A. 2011, 150, 165. ↩
- Ангеловски Б. - Спасова Д., 2018, 49. ↩
- Монетите се прочитани од м-р Ванчо Милошевски и м-р Билјана Јовановска. ↩
Summary
Archaeological Research on the Archaeological Site Drma - Badar
The archaeological site Drma – Badar is located 30 km SW from the city centre of Skopje and it has been the subject of continuous research since 2014, with an interruption in 2015. So far, three rooms of the so-called Building 1 have been explored completely, and only for the third one, which has three pithoi in a west east-line, we can say it was a storage room. A large fragment of fresco decoration with dominantred and black colours, together with few other smaller fragments, were found in the SE corner by the east face of wall 3, which separates Room 1 and Room 2. Fragments of fresco decoration with the same colours were also found by the west face of the walls 8 and 10, which divide the space between the apsidal room and the two smaller rooms on the west side of the building. The apsidal room was probably a triclinium, and its apse was defined in the last archaeological campaigns. Thewalls of the apsidal room are quite deteriorated compared to the previous three rooms. Two pieces of flat glass, discovered on the outer side of the wall that comes out from the apse and continues to the west, suggest the existence of windows. Part of the west wall of Room 3 which continues to the north and has an opening that directs to an entrance with a porch, was uncovered in order to determine the north area of the building. Most distinctive part of the building is the apsidal room with a floor made of hydraulic mortar which possibly was a bedding for a mosaic decoration.
Based on the research and according to the architectural elements, the building can be included in the type of basilica-like buildings. The closest analogy is the villa from Peshterica in Prilep.
Based on the material remains, particularly the coins, the chronological frame of the site is between the middle of the 3rd century and the end of the 4th.
The presence of roof tiles and bricks, as wells as the remains of the material culture, most frequently coins, suggest that the site extended to a much are larger area than the one which is subject of the excavations. Thus, the future explorations will focus on the building located 30 metres to the south of the first building in order to understand their potential communication and solve the dilemma whether the site was a countryside property or a settlement.
Библиографија
- Ангеловски Б. – Спасова Д. – Станчевски И. – Денковски К., 2017, Археолошки истражувања на локалитетот Дрма – Бадар (истражувања 2014 – 2016), Археолошки информатор бр. 1, Прилеп. 47 – 52.
- Ангеловски Б. – Спасова Д., 2018, Археолошкиот локалитет Дрма – Бадар и проблемот на убикација на Бадаријана, Балканославика 47, том 1, Прилеп 45-54.
- Busuladžić A., Rimske Vile u Bosni I Hercegovini, 2011, Sarajevo.
- Gutman M. - Zanier K. - Lux J. - Kramar S., 2016, Pigment analysis of roman wall paintings from two villae rusticae in Slovenia, Mediterranean Archaeology and Archaeometry, Vol. 16, No. 3, 193-206.
- Biró M., 1974, Roman Villas in Pannonia,. Acta Arch. Tomus XXVI, Fasciculi 1-2. Budapest, 23–57
- Кепески К., 1976, Villa rustica во Пештерица кај Прилеп, Maced. acta archaeol. 2, Прилеп, 143 – 157.
- Кузмановски И., 2010, Ѕидното сликарство од градската вила во Скупи, Maced. acta archaeol. 19, Скопје, 225 – 233.
- Герасимова Д., 2006, Три полски имоти три времиња, Folia archaeologica Balkanica I, Скопје, 205 – 214.
- Шурбановска М., 1993, Римска Куќа (Палата) во Валандово, Maced. acta archaeol. 13, Скопје, 171 – 182.
- Шурбановска М. – Јакомовски А. 2002 – 2004, Нови Согледувања за Римската Куќа во Валандово, Maced. acta archaeol. 18, Скопје, 283 – 286.