Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 327–345
Амулети изработени од коска откриени во Стоби
Во римскиот период повеќето луѓе носеле накит од евтин или скапоцен материјал изработуван во разни форми и мотиви. Иако потребата за носење накит можела да биде многубројна (религиозна, социјален статус, економска итн.), сепак, таа најчесто се поврзува со идејата да се предизвика внимание и допадливост кај останатите. Но неретко дел од овие предмети за своите носители имале магиска моќ или апотропејска улога, a нив современите истражувачи ги издвојуваат како посебна категорија накит, односно амулети. Во овој труд се опфатени вкупно 21 предмет1 од животинска коска или заб откриени во Стоби, од кои најраните потекнуваат од погребувања од Августовиот период, додека најмладите од рановизантиската населба. Меѓу нив, најбројни се амулетите од типот Херкулова палка со 15 примероци, 4 се амулети со форма на фалус и 2 амулети од делумно обработени заби на диви животни. Нивната селекција е извршена врз основа на перфорацијата за прикачување, која во комбинација со информациите од античките извори и слични предмети идентификувани од други автори, сметам дека ја редуцира можноста за евентуално погрешно толкување во однос на нивната намена.
Основната цел овде, е да се понуди каталог на предметите, а преку расположливите информации од контекстот да се даде придонес кон обидите за нивно целосно толкување.
Амулети од типот Херкулова палка
Амулетите од типот Херкулова палка се познати на поширока територија од Европа, Британските Острови, централните и источни провинции, северно од Црното Море, Мала Азија и Блискиот Исток. Повеќето биле изработувани од скапоцени метали како злато и сребро, или бронза, а генерално се датирани во III - IV век од н.е.2 Но има и примероци изработени од животинска коска, за кои иако постојат мислења3 дека се нешто подоцнежни, примероците од Дакија4 и Горна Мезија5 укажуваат на слична датација во однос на тие од метал.
Коскените амулети од типот Херкулова палка имаат издолжена форма, кружен пресек и заоблени краеви кои потсетуваат на палката од Херкулес, па оттука доаѓа и нивното име.6 Најчесто тие се украсувани со врежани кругови со точка, вкрстени линии и паралелни линии поделени во хоризонтални полиња.7 Интересен факт е што постојат повеќе различни варијанти, главно, во провинциите по текот на долен Дунав (Горна и Долна Мезија), средината на Дунав (Панонија), додека, пак, таквата разновидност е поретка во северните и западните провинции. Оттука доаѓа и претпоставката дека потеклото на амулетите од типот Херкулова палка можеби треба да се бара во провинциите од долно Дунавскиот Регион, каде култот кон Херкулес бил повеќе застапен.8
Во Стоби се откриени вкупно 15 амулети од типот Херкулова палка, од кои девет се целосно зачувани, додека останатите шест, иако се фрагментирани, сепак може со сигурност да се идентификуваат како такви (Т.1; Т.2). Сите се изработени од жолтеникава коска, која помалку или повеќе е потемнета во зависност од условите во кои биле откриени. Амулетите наликуваат на дршки со издолжена форма и кружен пресек. Димензиите им се слични, должина од 10 cm кај најдолгиот примерок, 6.8 cm кај најкраткиот и дијаметар од околу 1 cm. На горниот крај имаат кружна перфорација која служела за прикачување. Кај повеќето од нив телото е декорирано со врежани жлебови, спираловидни линии, коси линии и линии кои се пресекуваат. Површината им е мазна со сјајна површина, освен кај два примероци кај кои има јасни траги од обработка со турпија.
Од стобските амулети во вид на Херкулова палка четири се откриени во погребувања (кат. бр. 3, 5, 8, 9; T.1.3, 5; Т.2.1, 2), а за осум нема информации во однос на контекстот, освен дека потекнуваат од Градбата со арки (кат.бр. 4, 6, 7, 10; T1.4, 6-7; T.2.3) или од западната некропола (кат. бр. 1, 2, 14, 15; T.1.1-2; T.2.7-8), па затоа и не треба да се исклучи веројатноста дека припаѓале на погребувања. Од останатите три, еден е откриен во радијалниот коридор од театарот (кат. бр. 12; T.2.5), а два амулети при сондирањата под наосот на Епископската базилика (кат. бр. 11, 12; T.2.4-5).
Три од амулетите кои се откриени како гробни прилози (кат. бр. 3, 5, 9; T.1.3,5; T.2.2) потекнуваат од погребувања со инхумирани деца, додека еден амулет (кат. бр. 8, T.2.1) поради изгорената површина може да се претпостави дека потекнува од кремација, иако немаме јасни информации во однос на неговиот контекст на наоѓање.9 Амулетот од гробот 2632 (кат.бр. 9; T.2.2) е поставен на глуждот од десната рака на детето покојник (сл. 1), а покрај левата нога е поставено стаклено шише (инв. бр. СТ-12-47) кое го датира погребувањето во II - почеток на III век од н.е.10 Идентичен амулет кој потекнува од приватна колекција е откриен на локалитетот Ампелум во Романија.11 Во гробот 2714 каде се положени вкупно шест покојници, откриен е амулет (кат. бр. 5; T.1.5) кој се чини бил невешто изработен. Гробната јама била употребена во два наврати. Првично биле положени четири покојници, чии коски потоа биле собрани и поставени покрај нозете на двата покојника положени при секундарната употреба на гробната јама. Амулетот од наш интерес бил поставен меѓу групираниот остеолошки материјал од примарното погребување, во рамките на кој може да се препознаат остатоци од една возрасна индивидуа, едно новороденче и две деца. Во гробната јамата е откриена монета (инв. бр. М-14-7) на императорот Максимијан, според која амулетот може да се определи кон крајот на III - почеток IV век од н.е.
За останатите амулети од типот Херкулова палка, информациите за контекстот се скромни или ограничени.12 За четири од нив (кат. бр. 4, 6, 7, 10; T.1.4, 6, 7; T.2.3) единствениот податок е дека се пронајдени во Градбата со арки, во непосредна близина на гробовите кои се датирани во последната четвртина на IV- ран V век од н.е.13 Во прилог кон констатацијата дека се подоцнежни од претходните примероци е нивната упростена форма и декорација, која кај некои примероци и целосно отсуствува, па освен грубата форма која потсеќа на палка, тие не можат да се поистоветат со грижливо обработените примероци од постаро време.
И покрај тоа што информации кои се однесуваат на полот и возраста на покојниците имаат само неколку од стобските амулети, тие не се разликуваат од заклучокот изнесен од Вернер,14 дека амулетите од типот Хераклова палка се карактеристични за детски и женски погребувања. Многу подоцна, слични се и размислувањата на Дасен, која, покрај другото вели: „жените вообичаено не носат амулети во форма на фалус поради тоа што не им доликува, но затоа, пак, носат обетки или висулци во форма на Хераклова палка кои го имаат истото значење; а пак, палката на Херакле има апотропејска улога, бидејќи тој е пример за детето кое преживува фатални опасности, како што е случајот кога тој како дете ќе ги удави змиите кои Хера ги пратила против него“.15
Неизбежно се поставува прашањето: дали овие амулети биле користени и пред да бидат положени во гробовите? Животинската коска е релативно мек материјал на чија површина лесно се задржуваат траги дури и од мали механички влијанија. Очекувано би било тие траги да се задржат таму каде е најинтензивно триењето, што во случајот со амулетите од типот Херкулова палка би било на самата перфорација за прикачување. Па така, од 15 амулети, само кај два примерока (кат. бр. 2, 5;T.1.2, 5) перфорацијата за прикачување е доста деформирана од триење, а целата површина на телото изгледа истрошена од употреба. Кај останатите примероци, трагите од употреба иако се мали и слабо забележливи со голо око, сепак амулетите оддаваат впечаток дека биле користени.
Амулети во форма на фалус
Едни од најпознатите и најупотребуваните амулети против уроци во римскиот период биле амулетите во форма на фалус, кои според Плиниј биле носени од сите, почнувајќи од бебињата, па cè до императорот.16 Заштитничката улога на фалусот вообичаено се поврзува со мажествената и регенеративна моќ на еректираниот фалус, а претстави на фалус многу често се среќаваат и на различни градби и архитектонски елементи како продавници, резиденцијални објекти, аквадукти, фрески, мозаици итн.17 Можеби најпознатиот таков пример е оној пронајден во една од пекарниците во Помпеја, каде над фурната била поставена печена тула со еректиран фалус и натписот Hic habitat felicitas (овде живеат плодноста и среќата заедно). Според Дасен, иконографијата на овој мотив промовира две работи: одвраќање на демоните од унишување на пекарницата и поткинување на лебот да нарасне.18
Плутарх спомнува дека љубомората/зависта кон туѓата радост, среќа и богатство изразена преку краток злонамерен поглед, може да предизвика смрт или лоша среќа не само на личноста кон кого е упатена туку и кон неговите блиски и сакани. Токму затоа, злонамерниот поглед кој ги загрозува сите луѓе, а особено невините и незаштитени мали деца, најчесто бил одвратуван преку претставите на фалус. Ефикасноста на еректираниот фалус кај античките автори е објаснета преку неговата моќ да го спречи, збуни и да го одврати ѕверењето на злобниот поглед.19 Можеби токму во оваа апотропејска идеја за фалусот се крие потеклото на една современа фраза против уроци која се изговара во Македонија,20 за која не треба да нè изненадува евентуалното преживување од антиката па до денес, затоа што постојат и други слични примери, како што е верувањето во среќната зајачка шепа.21
Според Вас Лорант, големото внимание кое го привлекувала магијата и нејзиниот голем број на следбеници, најнапред се должи на нејзината суштинска разлика во однос на официјалните религиозни верувања, односно нудењето алтернативни решенија за разните дневни тешкотии или болести.22 Имајќи ја предвид бројноста на ваквите верувања, разбирливо е мноштвото амулети откривани ширум Империјата, коишто најпрво требало да ги заштитат живите, но понекогаш и умрените во нивниот пат до задгробниот живот.
Во Стоби досега се откриени четири коскени амулети со претстава на фалус. Три од нив имаат стилизирана претстава на фалус (кат. бр. 16-18; T.3.1-3), додека само еден е моделиран во реалистичен манир (кат. бр. 19; T.4.1).
Трите амулети (кат. бр. 16, 17, 18; Т.3.1-3) кои се слични по форма се изработени од целосно парче коска со техника на сечење, турпење и перфорирање, а на крај се полирани. Дизајнот се состои од два елементи, и тоа: правоаголен носач на горниот крај со надолжна перфорација за прикачување; и долен елемент во форма на скротум, каде во плиток релјеф е претставен фалус. Само кај амулетот со три кружни перфорации на скротумот (кат. бр. 17; T.3.2), фалусот е во еректирана положба, додека пак кај другите два примероци тој е нееректиран. Површината на два од амулетите е декорирана со врежани двојни кругови со точка во средина.
Од овие три амулети само еден потекнува од поновите истражувања и за чиј контекст на откривање податоците во архивата на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби се целосни. Станува збор за амулетот (кат. бр. 16; T.3.1) откриен во гробот 2666, близу десната натколеница на скелетно положениот машки покојник на возраст од околу 55-60 години. Но ако се погледне амулетот одблиску, се забележува дека неговата површина е целосно нагорена и распукана од изложеност на оган. Ваквата нагорена површина на гробните дарови е вообичаена појава кај погребувањата со кремирани покојници, како резултат на т.н. „гробен оган“ преку кој внатрешноста на јамата и дел од гробните дарови се изгорени.23 Во земјата која ја исполнува јамата од гробот 2666, над покривните тегули се откриени и кремирани остатоци од друг покојник, еден булбус унгвентариум и една теракотна фигурина со претстава на Атена чија површина е исто силно изгорена. Тоа што треба да се има предвид кај овој примерок е дека со вкопувањето на јамата за гробот 2666 е пресечена гробната јама со запечени ѕидови од гробот 2668, која содржи остатоци од кремиран покојник и јагленисани бадеми од погребната гозба. Токму ваквиот контекст на откривање упатува на тоа дека амулетот (кат. бр. 16; T.3.1) и гробните дарови откриени во земјата што ја исполнува јамата на гроб 2666, иницијално да припаѓале на кремираното новороденче од гробот 2668. Откако бил положен покојникот во гробот 2666, тие биле вратени/депонирани(?) во новоформираната јама. Амулетот од наш интерес, би можел да се датира широко според булбус унгвентариумот, форма која е карактеристична од доцниот I век пред н.е. па се крајот на I век од н.е.24
Во гробот 1172, од каде потекнува еден од амулетите (кат. бр. 17; T.3.2), меѓу повеќето прилози пронајдени се перфорирана каури-школка и две бронзени алки, кои сугерираат на можно постоење на ѓердан crepundium.25 Антрополошката анализа утврдила погребување на новороденче од околу 6 месеци, но нема податоци за ритуалот. Амулетот, пак, од гробот 1227 (кат. бр. 18; T.3.3) е откриен заедно со една чаша и една теракотна фигурина. Антрополошката анализа и во овој случај утврдила погребување на новороденче од околу 6 месеци, но нема податоци за ритуалот на погребување. И кај овој амулет, нагорената површина сугерира дека станува збор за погребување со кремација.
Иако некои истражувачи амулетите во вид на фалус ги опишуваат како типично војнички елемент,26 контекстот на примероците од Стоби не нуди валидација на таквото мислење, односно тие се откривани во гробови на деца, па оттука нивната цивилна употреба не е спорна.
Во типологијата на амулети со претстава на фалус воспоставена од Дешлер-Ерб и Божич се издвојуваат четири типа (сл. 2), а нашите три амулети (кат. бр. 16-18; T.3.1-3), припаѓаат на четвртиот тип, во кој фалусот е претставен во стилизирана форма.27 Слични такви пет амулети се познати од бродоломот Шпарги меѓу Корзика и Сардинија и еден од Храдиште близу Страдонице во Република Чешка.28 Тие се датирани во доцниот републикански период - датација која не се разликува многу од стобските примери кои се откриени во погребувања од августовиот период.
Последниот од амулетите во форма на фалус е примерокот (кат. бр. 19, T.4:1) од гробот 621, кој за разлика од претходните кои се стилизирани, е изработен во реалистичен манир. Според антрополошката анализа, зачувани се кремирани остатоци од возрасен (маж?) покојник, а како гробни прилози се откриени 9 теракотни фигурини со различни претстави и две златни алки (обетки?) со висулци. Кај овој амулет перфорацијата е изведена во средината, преку која можеби тој бил прикачуван за ѓердан заедно со двете златни алки (обетки?) со висулци. Сличен таков ѓердан е познат од источната некропола во Скупи, каде со алки се прикачени: амулет во вид на фалус, школки, амфорискоси и висулци во други форми.29 Ѓерданот од Скупи е пронајден во погребување од втората половина на I век од н.е., додека малку по ран е стобскиот примерок, кој врз основа на теракотните фигурини може да се датира во доцниот августовскиот период.
Амулети од заби на диви животни
Разни заби од животни перфорирани на еден крај се носени како накит уште од најраните времиња на човековото постоење. Носењето на овие украси најчесто се објаснува со потребата на човекот да ги пренесе врз себе карактеристиките на посакуваното животното. Ваквата практика особено се однесува на силните животни како лав, мечка и вепар. Друго објаснување за носењето заби од животни e потребата да се прикаже уловот во вид на трофеј прикачен на одреден дел од телото.
Меѓутоа, во римскиот период, се верувало дека забите од одредени животни и амулетите изработени од нив имале лековита моќ. Само Плиниј наведува повеќе амулети од заби кои се користеле за одвраќање или олеснување на страшните симптоми. Особено биле ценети оние од моќни животни и животни со позитивна симболика како: волк, куче, коњ, крт и делфин, коишто, прикачени за телото, требало да го олеснат процесот на заздравување.30 За тоа колку биле важни амулетите од заби на некои животни кажува фактот што некои од нив дури биле имитирани, како што е случајот со еден гроб од II - III век од н.е., откриен во Аквинкум, Унгарија, во кој се пронајдени 3 амулети изработени од долга коска на говедо, а кои имитираат заб од мечка.31
Во Стоби е откриен еден амулет изработен од заб-очник на мечка (кат. бр. 20, T.4.2). Амулетот ја има природната форма на забот, а единствено обработен е на коренот каде е изведена кружна перфорација која е делумно оштетена. Пронајден е на рановизантиската населба, во просторија прилепена до одбранбениот бедем. Просторијата содржи богат инвентар, меѓу кои и еден кружен бронзен привезок, две бронзени алки, морски полжав мурекс, очник од вепар, фрагмент од еленски рог, бронзена крстеста фибула со позлата и северно афричка чинија32 во форма 105 според Хејс, која ја датира просторијата во последните децении од VI век од н.е. Мошне е веројатно дека забот од мечка бил прикачен со бронзената алка на ист ѓердан заедно со кружниот бронзен висулец.
Последниот предмет во овој труд е амулетот изработен од очник на вепар (кат. бр. 21, сл. T.4.3). Откршен е во коренот, делумно на врвот и има една кружна перфорација на средина од телото. Откриен е на рановизантиската населба, во т.н. Куќа со триклиниум, на подно ниво од втората половина на VI век од н.е. На подот не е откриен друг значен движен материјал, освен три питоси, кои укажуваат на складишна намена на просторијата која има отворен трем на едниот крај. Сличен амулет, но со перфорација во горниот крај е пронајден во контекст од IV-Vвeк од н.е на локалитетот Дијана во Горна Мезија.33 Но, прецизно изведената кружна перфорација на средина од телото го прави стобскиот примерок поблизок до амулетите изработени од два очници на вепар, кои споени со метален опков формираат полумесечина (сл. 3). Такви се познати од Сегонтиум, Ричборух, Силчестер34 и Северен Враксал близу Вилтшир35 во Англија. Анализирајќи го последниот од нив, Пулет Скроуп го поврзува со сличен современ амулет во вид на полумесечина, изработен од два очници на вепар споени со сребрен опков чиј што сопственик (Арап-поглавар) го користел против уроци, прикачен напред на градите на својот коњ. Потеклото на ова верување тој го следи cè до римскиот период, каде во стиховите на Тит Калпурниус Сикулус и Стациј, амулетите во вид на полумесечина, а изработени од очници на вепар се опишани прикачени на елен и коњ.36 Еден век подоцна, зборувајќи за истите погоре наведени амулети од Англија, Чадвик Халкс ги препознава како бронзени декорации во вид на полумесечина кои се среќаваат на коњичките скулптури по I век од н.е., и тоа како висулци на градите на коњскиот оглав. Врз основа на тоа, како и на други наоди (токи, висулци на појас и др.), коскените амулети во вид на полумесечина, таа ги препишува како елемент на полуварварската коњаница на доцноримската армија.37 Можеби слично би требало да биде објаснувањето и за амулетот од Стоби, кој е откриен во Куќата со триклинкум, која потекнува од втората половина на VI век од н.е.38 Во една од просториите, меѓу другото, се откриени и 336 плочки од железен ламеларен панцир,39 кој наверојатно бил сопственост на војник од повисок ранг, ветеран или негови наследници, на кои им доликува живеалиште од таков размер како Куќата со триклинкум.
Иако бројот на амулети од Стоби презентирани во овој труд не е голем, сепак можат да се повлечат неколку генерални заклучоци околу нивната употреба. Најголем дел од амулетите од типот Херкулова палка се присутни во контексти, почнувајќи од III до IV век од н.е., додека тие со поедноставена форма се малку подоцнежни и се откривани во слоеви од крајот на IV почеток на V век од н.е. Најраните примероци го следат сличниот дизајн и врежани декорации кои се популарни и во другите провинции како Панонија, Дакија, Горна Мезија и Долна Мезија, додека кај подоцнежните примероци - единствено е задржана формата на палка. Имајќи го предвид фактот дека најголем дел се откриени во детски погребувања или во непосредна близина на гробови, нивната фунерарна употреба не е спорна. Слично и за амулетите со стилизирана форма на фалус кои се откривани исклучиво во погребувања на деца. Во однос на амулетот од заб на мечка откриен на рановизантиската населба, иако од расположливите податоци не може да се одговори дали бил носен како декоративен трофеј од постигнатиот улов или имал апотропејски карактер, сепак останува веројатно дека кон крајот на VI век од н.е., кога христијанството во Стоби веќе го достигнало својот врв, некои пагански магиски верувања cè уште опстојувале, за што ни сведочи и амулетот во вид на полумесечина.
Во оваа иницијална фаза од истражувањето за коскените амулети од Стоби, тоа што со сигурност може да го заклучиме е дека и покрај нашите заложби, сèуште вистинската намена и моќ на амулетите останува длабоко во мислите и верувањата на нивните сопственици. Но идните истражувања за магиските предмети, покрај амулетите од животинска коска, неопходно е да ги вклучат и сведоштвата зачувани во други материјали (метал, камен, глина, епиграфски и надгробни споменици, мозаици итн.), затоа што само на таков начин ќе проникнеме уште подлабоко кон нивно потемелно и посуштинско одгатнување.
Посебно сум благодарен на д-р Фаница Вељановска, физички антрополог, кустос советник при Археолошки музеј на Македонија, за извршената антрополошка анализа на погребувањата во Стоби. Информациите од извршените анализи ми беа достапни преку нејзините антрополошки извештаи доставени во архивата на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби. Упатувам благодарност и до м-р Анета Фиданоска, археозоолог при Археолошки музеј за идентификацијата на амулетот изработен од заб на мечка. Му благодарам на Игор Ефтимовски за неговите коментари и сугестии во речиси финалниот формат на овој труд.
Белешки
- За овие предмети, авторот изработи презентација со наслов Bone amulets and pendants from Stobi, со која учествуваше на Меѓународната археолошка конференција Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот, која се одржа од 27 до 30 септември 2018 год. во винарија „Стоби“ кај Градско, во организација на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби. ↩
- Petković S., 1995, 41; Ciugudean D., 2003, 248. ↩
- Ciugudean D., 2003, 248 и цитирана литература. ↩
- Vass L., 2013, 123. ↩
- Petković S., 1995, 41. ↩
- Ciugudean D., 2003, 249; Vass L., 2013, 123. ↩
- Petković S., 1995, 41. ↩
- Vass L., 2013, 124. ↩
- Поголем дел од теренската документација од заштитните истражувања на западната некропола во 1992и 1995 год. се чува во Националниот конзерваторски центар во Скопје. Поради ограничениот пристап не располагам со детални информации за контекстот на погребувањата и гробните прилози откриени со овие истражувања. ↩
- Isings C., 1957, 97-98; Form 82А(1). ↩
- Ciugudean D., 2003. ↩
- Види забелешка број 9. ↩
- Шурбаноска M. – Јакимовски A., 2010, 96. ↩
- Werner Ј., 1964, 176-177. ↩
- Dasen V., 2015, 187-188. ↩
- Plin. Nat. 28.7. ↩
- Parker A., 2017; Vass L., 2016, 63, забелешка бр. 4. ↩
- Dasen V., 2015, 186. ↩
- Vass L., 2016, 63-64. ↩
- Некои луѓе во Македонија во моменти кога се чувствуваат загрозени од нечиј злонамерен поглед за да се заштитат од можниот урок си изговараат „кој урочи, кур у (во) очи“. ↩
- Ширум светот cè уште постои верувањето дека зајачката шепа носи среќа, па се изработуваат приврзоци за клучеви во вид на зајачка шепа или, пак, тие се закачуваат на огледалата во автомобилите. Всушност, корените на ова верување се длабоко во римскиот период. Повеќе за континуитетот и трансформацијата на ова верување од антиката па cè до денес види кај: Choyke A., 2010, 199-200. ↩
- Vass L., 2016, 63. ↩
- За погребните ритуали: „гробен оган“ и „погребна гозба/банкет“, пратикувани на западната некропола во Стоби, види кај: Андерсон-Стојановиќ В., 2018, 52-53; Wesolowski A.B., 1973, 134-135. ↩
- Agora V, 15, F50; За хронологијата на булбус унгвентариумите види кај: Anderson-Stojanović V. R., 1987, 110-114. ↩
- Повеќе за амулети и привезоци како составен дел од crepundium види кај Bíró M.T., 1994, 29; и кај Vass L., 2016 во забелешка бр. 22. ↩
- Vass L., 2016, 68, ја наведува оваа констатација во забелешка бр. 30. ↩
- Deschler-Erb E. - Božič D., 2002, 40, fig. 4. ↩
- Deschler-Erb E. - Božič D., 2002, 39 и цитирана литература. ↩
- Микулчиќ И., 1975, Pl. VIII, 27. ↩
- Dasen V., 2015, 193. ↩
- Biro et al., 2012, 36, fig 5. ↩
- Радњански Ј., 2018, 370, кат. бр. 14. ↩
- Petković S., 1995, кат. бр. 436, T.XXVI.8. ↩
- Boon G., 1975, 62-63, fig. 6, (a, c, d). ↩
- Poulett Scrope G., 1862, Pl. IV, fig. 11. ↩
- Poulett Scrope G., 1862, 70-71, Pl. IV, fig. 12. ↩
- Chadwick-Hawkes S.C., 1961, 29-30. ↩
- Авторот на овој труд и Димитар Николовски, ги презентираа архитектонските карактеристики и дел од наодите на Куќата со триклиниум преку презентација со наслов The House With Triclinium From Stobi на Четвртиот меѓународен симпозиум за археологија со наслов „VITA EST VITA“ кој се оддржа во периодот од 3.11. до 6.11.2016 год. во с. Банско, Струмица, Македонија, во организација на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Струмица. ↩
- Angelovski B., 2015, 425-432, T. 1, 1-4. ↩
Summary
Bone Amulets Discovered at Stobi
Twenty one selected objects from the abundant animal bone material discovered at Stobi belong to the group of amulets, a special category of jewellery. Most numerous in this group are the amulets of the Hercules’ club type with 15 samples, 4 are phallus shaped amulets and 2 amulets are made of partially processed teeth of wild animals.
The origin of the idea behind the Hercules’ club type of amulets is usually explained through the belief in the god Hercules, who as a symbol of heroism, strength and domination inspired the creation of amulets in the shape of his club. The amulets of the Hercules’ club type are known from the wider territory of the former Roman Empire and most of them were made of precious metals such as gold and silver. They were also made of bronze and animal bone. At Stobi, this type of amulets were mostly found in burials or their close surrounding, and less frequently in the test trenches of the intra muros buildings. The context of discovery supports the conclusions of the scholars from the past that these amulets are typical for female and child burials. Most of the Stobi samples have the body decorated with ridges, incised spirals or crossing diagonal lines. A similar design is seen on many amulets from the 3rd-4th century found in Pannonia, Dacia, Moesia Inferior and Moesia Superior. The later samples, from the end of the 4th and the beginning of the 5th century, are without decoration and they have simpler shape, which only reminisce the Hercules’ club.
One of the ways for protection from bad luck or from the evil eye in the Roman period was through the usage of phallus representations, which were believed to be able to repulse the evil intended look, harmful for all people, particularly the innocent and unprotected little children. Thus, there are different buildings, architectural elements and moveable finds which have a realistic or stylized rendering of a phallus. At Stobi there are only 4 amulets with a depiction of a phallus which can be attributed to the need of a protection from the evil eye. Three of them have similar shape with stylized phallus and scrotum, and only one is a realistic model. They were all found as grave goods in the burials from the Augustan period.
Some pagan beliefs in the magical power of particular objects persisted until the end of the life at Stobi. Two amulets made of eye teeth from wild animals, discovered in the Early Byzantine settlement, witness this practice in the time during the peak of Christianity at Stobi.
Библиографија
- Андерсон Стојановиќ В., 2018, Улогата на гробните дарови во погребните ритуали на Западната некропола во Стоби, во: Блажевска С., (ед.) Студии за Старините на Стоби, Том IV, Стоби, 49-81.
- Микулчиќ И., 1975, Раноримски скелетнигробови из Скупа, Старинар XXIV-XXV, Београд, 89-102.
- Радњански Ј., 2018, Северноафриканска керамика во Стоби во контекст од крајот на 6 век, во: Блажевска С., (ед.) Студии за Старините на Стоби, Том IV, Стоби, 362-391.
- Шурбановска М. – Јакимовски А., 2010, Forum Romanum Stobis, Vol. II, Скопје.
- Bíró M.T., 1994, The Bone Objects of the Roman Collection, Budapest.
- Bíró M.T. – Choyke A. – Vass L. – Vecsey A., 2012, Bone Objects in Aquincum, Budapest.
- Boon G., 1975, Segontium Fifty Years On: 1, во: Archaeologia Cambrensis, Vol. 124, Cardiff, 52-67.
- Chadwick Hawkes, S. C., 1961, Soldiers and Settlers in Britain, Fourth to Fifth Century, во: Medieval Archaeology, Vol. 5.
- Choyke A., 2010, The Bone is the Beast: Animal Amulets and Ornaments in Power and Magic, во: Campana D., Crabtree P., deFrance S. D., Lev-Tov J., Choyke A., (eds.) Anthropological Approaches to Zooarchaeology – Complexity, Colonialism and Animal Transformations, Oxford, 197-209.
- Ciugudean D., 2003, O Amuleta Inedită de la Ampelum, во Apulum 40, Alba Iulia, 247-251.
- Dasen V., 2015, Probaskania: Amulets and Magic in Antiquity, во Boschung D. - Bremmer J. N. (eds.) The Materiality of Magic, Paderborn, 177-204.
- Deschler-Erb E. – Božič D., 2002, A Late Republican Bone Pendant from the Münsterhügel in Basel (CH), Instrumentum 15, 39-41.
- Parker A., 2017, ‘Protecting the Troops? Phallic Carvings in the North of Roman Britain’, во Parker A. (ed.) Ad Vallum: Papers on the Roman Army and Frontiers in Celebration of Dr. Brian Dobson (BAR British Series 631). Oxford, 117-130.
- Petković S., 1995, Rimski Predmeti od Kosti i Roga sa Teritorija Gornje Mezije, Beograd.
- Pliny the Elder, The Natural History, ed. John Bostock and H. T. Riley, во: the Perseus Digital Library, http://www.perseus.tufts.edu/hopper/ text?doc=urn:cts:latinLit:phi0978.phi001.perseus-eng1:28.7 (посетено: 25 Јуни 2020 г.).
- Poulett Scrope G., 1862, Roman Villa at North Wraxhall, discovered 1859, во “The Wiltshire Archaeological and Natural History Magazine”, Vol. VII.
- Vass L., 2013, Artefactele romane din os de la Porolissum. Contribuţii la cunoaştereaindustriei osului din Dacia romană, Cluj-Napoca, Facultatea de Istorie și Filosofie, Universitatea Babeș-Bolyai, (Необјавена докторска дисертација).
- Vass L., 2016, Is that not charming? Fascinum in Aquincum - Protection against evil eye. Phallic amulets in a roman city, Budapest Régiségei XLIX, Budapest, 63-87.
- Werner J., 1964, Herkuleskeule und Donar-Amulett, Jahrbuch des Römisch-Germanischen Zentralmuseums Mainz, Mainz, 176-197.
- Wesolowsky A.B, 1973, Burial Customs in the West Cemetery, во: James Wiseman (ed.) Studies in the Antiquities of Stobi, Vol. I, Beograd, 97-137.