Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 281–301
Работилница и светилиште во Стибера
Во 2014 година се започнати археолошки истражувања во горниот, источен дел од локалитетот Бедем кај прилепското село Чепигово, акропол на античкиот град Стибера.1 Првите ископувања во овој дел се реализирани 1953 година од страна на тогашниот Археолошки музеј од Скопје, при што е откриен Храмот на заштитничката на градот Тихе.2 Со истражувањата кои ги продолжи прилепскиот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј 1983 и 1984 година храмот се доистражи целосно, по што во следните четири години е извршена негова конзервација и делумна реконструкција.3 Сите останати истражувачки кампањи потоа беа насочени во долниот, западен дел на локалитетот, односно во рамките на секторот Гимназион.4
Во 2014 и 2015 на секторот Храм - северно плато, е откриена монументална јавна градба за која според добиените сознанија се претпоставува дека била собранието - булевтерионот на градот Стибера.5 За жал, просторот на кој е позиционирана е во приватна сопственост, така што не можеше целосно да се открие, со што би се потврдила нејзината функција. Во две истражувачки кампањи, во 2017 и 2018 година, веднаш до Храмот на Тихе, односно од неговата јужна страна, а во рамките на секторот Храм - јужна тераса, се истражува градба со поголем габарит и иста висина на подното ниво како храмот. И во неа има бунар кој веројатно служел во одредени ритуални дејства. Со продолжување на планираните истражувања оваа градба треба целосно да се открие, со што би се потврдила првичната претпоставка дека станува збор за придружен објект во кој се одвивале ритуалните процесии кои претходеле на оние главните, вршени во самиот храм.6
Во овој труд се презентираат резултатите од ископувањата во секторот Храм - јужна тераса во продолжение кон југ од претходно спомнатата градба, извршени во 2014 и 2016 година (сл.1 и сл. 2). Конкретно, на околу 20 m јужно од храмот се постави сондата 1, која, како што се откриваа архитектонските појави, се прошируваше кон север и кон југ. Целосно беа опфатени квадратите В-4, В-5, В-6, Г-4, Г-5 и Г-6, при што се истражи простор со димензии од 17 х 10 m. Откриени се две градби подигнати една врз друга, кои имаат иста ориентација на протегање север - југ (сл. 3). Евидентираните архитектонски појави и движни археолошки наоди упатија на егзистирање на работилница за изработка на теракотни фигурини и керамички ламби во периодот од средината на II век од пр. н.е. до преминот од II во III век од н.е. По престанувањето на нејзиното активно користење врз неа, поконкретно, врз нејзиниот јужен дел, е подигнато мало светилиште кое било користено во текот на III век.7
Работилница
Во северниот дел од истражувачкото поле Храм на Тихе - јужна тераса, покрај источниот и западниот профил на истражуваната површина, со ископувањата во 2014 година се откриени делови од два паралелни ѕида кои имаат приближен правец на протегање север - југ (сл. 4). Изградени се од убаво обработени камења врзани со варов малтер. Источниот ѕид (ѕид 1) е со зачувана должина од 2,38 m и висина од 0,95 m, а широк е 0,62 m. Кон југ е прекинат, но во продолжение на нивелираната карпа која ја претставувала основата на подното ниво на градбата, евидентирани се траги од варов малтер. Не може да се каже дали ѕидот во тој правец е уништен при изградбата на подоцнежната градба (светилиштето) или, пак, е девастиран со земање на камења од него од страна на мештаните за нивни градежни потреби во минатото. Западниот ѕид (ѕид 2) е откриен во должина од околу 3,85 m, широк е 0,62 m, додека во висина е зачуван само во два реда камења, односно во висина од 0,25 до 0,30 m. Кон југ е прекинат со северниот ѕид на помладата градба (светилиштето). Овие два ѕида биле дел од постара градба на истиот простор, која според наодите претставувала работилница (сл. 5).
Со кампањата во 2016 година се ископуваше под подното ниво на светилиштето, односно во јужниот дел на истражуваната површина, со што се откри дека работилницата продолжувала во тој правец. Врз нејзините источен и западен ѕид во тој јужен дел, всушност биле подигнати ѕидовите на светилиштето. Подното ниво на работилницата било оформено од тенок слој на набиена жолтеникава глина врз карпата, која претходно била нивелирана со делкање. На места се евидентирани траги од силно горење, што би можело да биде последица од опожарување на градбата.
Во истата 2016 година се отвори и нова површина кон север, при што се евидентира продолжување на работилницата и во тој правец. Откриените појави во овој дел упатија на размислување околу постоење две фази на нејзино градење и користење. Имено, по мал прекин кон север, откриено е продолжение на источниот ѕид (ѕид 1-I фаза) во должина од 2,84 m. Овој сегмент од ѕидот има приближно иста ширина, но е изграден во техника на сувоѕид. Со истражувањата во следните 2017 и 2018 година, како што наведовме погоре, се открива градба меѓу работилницата и Храмот на богинката Тихе, според првичните анализи дефинирана како придружен објект на храмот (сл. 2). Таа е на нешто повисоко подно ниво од работилницата, а на исто со храмот. При нејзината изградба, која најверојатно била во исто време кога била вршена обновата на самиот храм во 127 година,8 е навлезено во северниот дел од работилницата, така што се разградува сегментот од ѕидот 1 во тој северен дел. Веројатно во тој простор е разграден и дел од ѕидот 2, кој со истражувањата не го откривме. Со обновата на храмот и подигањето на придружниот објект се обновува и останатиот дел од работилницата. Потврда за ова се двата евидентирани паралелни ѕида (ѕид 1 и ѕид 2) изградени со варов малтер. Од оваа втора фаза е и ѕидот 3 со ориентација запад - исток, кој заедно со ѕидот 2 го прави северозападниот агол на новиот габарит на работилницата. Откриен е во должина од 1,50 mи се состои од еден масивен камен и еден ред на камења. Има ширина од 0,54 m. Можно е откриената должина да е всушност целосната негова должина, односно во продолжение кон исток од местото каде прекинува изгледа како да започнува преминот од работилницата во новата соседна градба кон север. Друга појава што наведува на претпоставката за постоење на две фази на егзистирање на работилницата се карактеристиките на откриените движни наоди. Имено, во северниот нејзин дел врз кој е подигната соседната градба, евидентирани се исклучиво наоди датирани во периодот од доцниот хеленизам до крајот на I век, додека во останатиот дел на работилницата кон југ, присутни се и подоцнежни наоди карактеристични за целиот II век.
Откриените 17 јами, четири печки, два цевковода и повеќе плитки канали, кои поврзувале дел од јамите и особено движните наоди, ја потврдуваат намената на градбата како работилница. Јамите по форма се овални, правоаголни или кружни и имаат различен пречники длабочина. Неколку од нив претставуваат двојни јами.
Највпечатливи со своите димензии се јамата 1 и јамата 4. Јамата 1 е позиционирана веднаш покрај источниот ѕид на градбата, има пречник од 1,15 m и длабочина од 1,40 m, така што е најголема од сите јами. Во неа е евидентиран мошне богат движен материјал: фрагменти од керамички садови и капаци, исто така фрагменти од стаклени садови, од кои еден украсен во репрезентативна техника од типот millefiori, долен дел од бронзено мало садче, бронзена правоаголна плочка со перфорации (можеби дел од капак на сад), 36 керамички пирамидални тегови (еден од нив со врежана инскрипција IBOV), коскени игла и вкосница, школки, јагленисани фрагменти од дрво, железни клинци и една нечитлива бронзена монета. Најверојатно овие наоди претставуваат отпадоци од расчистувањето на просторот при подигањето на подоцнежното светилиште. Од јамата поаѓаат два цевководи од тубуси. Првиот со должина од 4,00 m и правец кон запад со мал отклон кон југ, е со висински пад од 14 cm, поаѓајќи од јамата, се протега под печката 1 (најголема од сите откриени печки), продолжува под северниот и западниот ѕид на помладата градба и завршува од надворешната страна на тој западен ѕид. На крајот е прекинат со масивен камен блок (димензии 0,50 х 0,38 х 0,24 m) и попречно поставени тули, а е оформен од два имбрекси, поставени така да прават ромбоиден реципиент. Веројатно, водата која поминувала под печката се загревала и од реципиентот на крајот од цевководот се црпела за потребите на производствениот процес кој се одвивал во работилницата. Вториот цевковод со правец кон југозапад, со должина од 4,60 mи висински пад од 0,11 cm, исто така завршува од надворешната страна на западниот ѕид на помладата градба и веројатно имал функција на одвод на вишокот вода во јамата.
Јамата 4 која е втора по големина, евидентирана е веднаш покрај западниот ѕид на работилницата, има неправилна овална форма (димензии 1,30 х 1,05m) и длабочина од 0,80 m. Поради остриот пад на карпата во која е издлабена во висина од јужната и западната страна е дооформена со надворешен подѕидок од убаво делкани камења и помали парчиња градежна керамика, врзани со варов малтер. Западната страна и во длабочина, односно во рамките на внатрешноста на јамата, е оформена на ист начин. Површински, од источната страна, е евидентирано странично профилирано издлабување во карпата, веројатно како лежиште за покривна плоча, како и уште едно издлабување во вид на камара.
Во јужниот дел под подното ниво на светилиштето, специфична појава е меѓусебно поврзување на некои од јамите со канали, исто така издлабени во карпата - основа.
Печката 1е со правоаголна форма и димензии 1,00 х 0,80 m, додека печките 2 и 3, позиционирани една до друга со ориентациона поставеност запад - исток, имаат правоаголна форма и идентични димензии од 0,60 х 0,65 m. Четвртата печка која е речиси целосно девастирана, се наоѓа во северниот дел од работилницата. Таа и трите евидентирани јами во овој дел се користени само во првата фаза на работа на работилницата, односно cè до подигањето на новата соседна градба, кога се и покриени.
Откриениот движен археолошки материјал, кој е мошне богат и разновиден, ја определи хронолошката рамка на егзистирање на работилницата од првата половина на II век од пр. н.е до крајот на II век од н.е. Присутни се познати форми на керамички садови карактеристични за наведениот временски интервал, зачувани претежно во фрагменти: доцнохеленистички ехинус чинии, чинии од типот ихтија, стамнос,оинохое и калапени чаши (Т. I),9 како и чинии и садови со разни облици од римскиот период од преминот од старата во новата ера до крајот на II век(Т.II, 1, 2).10 Меѓу стаклените садови се издвојува погоре спомнатиот римски наод од типот millefiori, пронајден во јама 1 (Т. II, 3). Од мноштвото наоди во оваа јама, најверојатно положени како отпаден материјал, се издвојуваат и иглата и вкосницата од коска (Т.II, 4, 5). Од останатиот движен материјал пронајдени се: бронзена игла (Т. II, 6), поголем број земјени тегови, претежно со пирамидална форма, како и неколку прешлени и железни стрелки. Меѓу нумизматичкиот материјал се евидентирани бронзени монети на претпоследниот македонски крал Филип V, монета од автономното ковање на градот Амфипол и на римските императори Тибериј и Нерон. Бројни се и бронзените монети на македонскиот коинон, ковани во I и II век за време на владеењето на Клавдиј, Хадријан, Марко Аврелиј и во чест на неговата сопруга Фаустина II. Единствен наод од сребро е денарот на Октавијан и, секако, движни наоди кои ја потврдија намената на градбата покрај погоре опишаните архитектонски појави (јами, печки и цевководи) се земјените калапи за изработка на теракотни претстави и на керамички ламби, но и примероците од овие видови на предмети (Т. III, Т. IV, Т. V). Според изложеното, работилницата била за производство на теракоти и керамички ламби. Нејзиното егзистирање во акрополниот дел од градот и во непосредна близина на Храмот на богинката Тихе, секако претставува своевидно изненадување.
Светилиште
На истиот простор каде што егзистирала работилницата, некаде на почетокот од III век била подигната градба, мошне скромна по изглед и техника на градење, најверојатно со култен карактер. Нејзината ориентација е иста како онаа на работилницата север - југ. Ѕидовите биле изградени од полуделкани камења и градежна тула, врзани со кал, за разлика од сите други римски градби откриени во Стибера кои имале ѕидови од убаво делкани камења врзани со малтер. Нивното јадро било исполнето со поситни фрагменти од кршени камења. Источниот и западниот ѕид биле подигнати врз темелите од ѕидовите на работилницата, со оглед што го задржуваат нивниот правец кон југ и ширините од 0,55 до околу 0,60 m. Овие два ѕида и јужниот ѕид од градбата беа зачувани до разни висини од 0,53 до 1,14 m. Северниот ѕид, кој е зачуван само во основниот најдолен ред од темелот, има помала ширина од околу 0,40 m. Влезот во градбата не можеше конкретно да се позиционира, но се претпоставува дека бил од североисток, со оглед што во тој дел не се евидентирни остатоци од источниот ѕид.
Градбата се состои од две простории, поврзани со премин со должина од 1,40 m (сл. 6). И двете имаат иставнатрешна ширина (правец север - југ) од приближно 2,25 m. Просторијата 1 (јужната просторија) има внатрешна должина (правец исток - запад) од 4,25 m, додека просторијата 2 (северната просторија) е со должина од 4,00 m. Подното ниво е слој од набиена жолтеникава глина, а под него на места беше евидентиран силен гареж, што упатува на тоа дека постарата градба - работилницата, била опожарена. Карпата од надворешната страна на источниот ѕид била вертикално изделкана до длабочина од 0,65 до 0,70 m и во речиси паралелен правец со него. Во долниот дел со нејзино хоризонтално рамно засекување направен е меѓупростор со ширина од околу 0,90 m. Овој меѓу простор беше исполнет со набиена земја, веројатно за добивање на стабилност на ѕидот. Низ земјата што се ископуваше во рамки на внатрешноста на градбата беа евидентирани остатоци од камења од срушените погорни партии на ѕидовите, плитарни тули (од кои неколку парчиња силно изгорени до црно застаклување), како и остатоци од јагленисано дрво од покривната дрвена конструкција, што значи дека и оваа помлада градба била опожарена. На одредена длабочина се наиде на компактно ниво на покривна керамика, количински со мошне бројни фрагменти.
И во двете простории се открија неколку појави кои го определуваат карактерот, односно намената на градбата. Евидентирана е по една платформа и во едната и во другата просторија, а оформени покрај внатрешната страна на западниот ѕид. Овие платформи се со приближно квадратна форма и секоја страна со должина од околу 0,45 m. Имаат ниско подигнат централен дел оформен од набиена глина, странично заграден со убаво обработени плочести камења со средна висина од околу 0,30 m. Централниот дел од платформата во просторијата 1 е поплочен со фрагменти од градежна керамика, набиени во глинената основа. Најверојатно на овие платформи биле положувани дарови при одредени религиозни процесии.
Кон платформата во просторијата 1, а на околу еден метар од неа, радијално се ориентирани три мали конструкции, оформени од мермерни плочки (сл. 7). Конструкцијата 1, која е најспецифична, всушност, е најважниот наод кој нè наведувана размислувањето за култен карактер на градбата. Подигната е наглинена платформа со висина од 25 cm, односно плочките се набиени во неа. Има квадратна форма и иста висина на оградните плочки од по 28 cm, а кои се со средна дебелина од 1,5 до 2 cm. Двете странични се со правоаголна форма и имаат ширина од по 16 cm, додека задната и фронталната оградна плочка се трапезоидни (ширина 10 х 11,5 cm). Фронталната има вжлебено лице и најверојатно претставува секундарно употребен фрагмент од пиластер. На внатрешната страна на двете странични и на задната плочка, со црвена посна боја се насликани вертикални правоаголни полиња, кои во горниот дел завршуваат овално и се со висина од 14 cm. Конструкцијата била поплочена со квадратна плочка (должина на секоја страна од 17 cm), на која во плиток релјеф е прикажана стоечка фигура со птичје лице, раце и нозе (сл. 8). На лицето кое е во профил кон лево, има изрежано едно големо око. Мошне е веројатно конструкцијата 1 да претставувала живеалиште на прикажаната фигура, при што црвено обоените полиња на внатрешните страни на оградните плочки се прозорците на тоа живеалиште. Конструкцијата била опкружена со седум хипокаусни керамички тули, од кои четири се откриени in situ.
На околу 20 cm од конструкцијата 1 кон север е позиционирана конструкцијата 2 (сл. 9). Фиксирана е на подот со глина, односно не е подигната на глинена платформа како конструкцијата 1. Оформена е со две странични плочки и по една горна и долна плочка од бел порозен мермер и не е заградена однапред и одназад, така што наликува на засводен правоаголен премин. Долната плочка има рабни жлебови, во кои беа забележани траги на смола за прицврстување на двете странични плочки во нив. Димензиите на самата конструкција се: должина 28,5 cm, ширина 8 cm и висина 11 cm, додека средната дебелина на плочките изнесува 1,5 cm.
И третата конструкција, откриена на околу 30 cm од втората кон север, односно во непосредна близина на преминот кој ги поврзува двете простории, е со правоаголна форма како конструкцијата 2, но подигната е како конструкцијата 1 на платформа од глина со висина од 18 cm. Оваа конструкција има странични плочки, предна и задна, но нема покривна и подна. Тоа се плочки од мошне порозен мермер со сивкаста боја и со дебелина од 1 cm. Конструкцијата е со должина од 21 cm, ширина 8 cm и висина на страничните и на задната плочка од 12 до 14 cm, додека предната е со висина од само 6,5 cm.
На подното ниво низ целата просторијата 1 беа откриени бројни фрагментирани римски керамички садови (Т. VI),11 претежно втиснати во подното глинено ниво, а како резултат на натежнувањето на срушените ѕидни остатоци. Од други движни наоди присутни се фрагменти од стаклени садови, земјени пирамидални тегови, камена мелница и мноштво железни клинови. Во самиот југозападен агол на просторијата, а покрај платформата, откриени се три бронзени монети од македонскиот коинон, ковани во средината на III век за време на владеењето на Гордијан III - тип на реверсот: коњаник во галоп, надесно (Т. VII), бронзена игла од фибула, исто така бронзен клинец од оплата и железни стрелка и ноже.
И во просторијата 2 е евидентирана карактеристична појава (сл. 10). Имено, кон платформата покрај нејзиниот западен ѕид радијално се ориентирани шест хипокаусни тули и една перфорирана мермерна основа (во овој случај најверојатно секундарно употребена). Три од тулите позиционирани покрај северниот ѕид на просторијата, биле фиксирани со жолтеникава глина за подот, а врз две од нив беше положена по една горна тула. Во оваа просторија се евидентирани мошне помал број фрагментирани керамички садови.
Концепцијата на откриените елементи во просториите на градбата, како и претставата на фигура со птичји атрибути навестија значајно откритие како прва и единствена културна појава, не само на територијата од Република Македонија туку и на Балканот. Се осмелуваме оваа градба да ја протолкуваме како светилиште, со оглед на тоа што обична станбена намена секако не можела да има, ниту можела да биде некаков вид на стопански објект. Подигнато на почетокот на III век кога Стибера забрзано го губи сјајот на урбан центар и доаѓа до престанување на користење и постепено разградување на јавните градби во акрополниот дел на градот, со својата скромна нерепрезентативна архитектура и мали димензии упатува на карактер на семејно светилиште.
Со досегашните истражувања на поширокиот простор не е идентификувано божество со наведените атрибути како претставата од светилиштето во Стибера. Дали е тоа можеби стилизирана претстава на египетскиот бог Хор? Птичјата глава во профил и големото око наведуваат на ова размислување.12 Но постојат неколку отстапувања во приказот на фигурата од Стибера која е гологлава, односно не ја носи вообичаената владетелска круна или крилестиот диск како Хор, а и рацете кои се слободни завршуваат исто како и нозете со канџи наместо со човечки дланки и стапала. Можеби овие иконографски разлики се намерни, во склад со видувањето за изгледот на божеството на оној кој го подигнал светилиштето. Во египетската митологија Хор бил почитуван син на Озирис и Изида, а познат како господар на небото и сонцето.13 Радијално поставените куќички во просторијата 1, како и хипокаусните тули во просторијата 2 кон платформите во градбата од Стибера, можеби и го претставуваат тој небесно-соларен симболизам на овој бог. Хипотетички, доколку се прифати тезата дека станува збор за светилиште посветено на богот Хор, иницијацијата за негово подигање би можела да се поврзе со трговец или некој воен ветеран, кој по завршување на службата во Египет или во некоја соседна источна провинција на империјата добива земјиште токму во Стибера, каде го пренесува култот на обожавање кон божеството како негов следбеник.
Ширењето на култовите кон египетските божества во останатиот дел од Медитеранот започнува уште во зачетокот на хеленизмот, кога владетелите од династијата на Птолемеите го развиваат култот кон Серапис, божество кое го заменува Озирис и треба да ги сплоти двете култури.14 Заедно со него се прифаќа и Изида, чија претстава иконографски се хеленизира и се поистоветува со Тихе-Фортуна, богинката на среќата и просперитетот.15 Во еден краток период на раното Римско Царство, во првата половина на I век, сенатот неколкупати го забранува почитувањето на египетските божества и ги прогласува за непријатели нивните следбеници.16 Но веќе од времето на Калигула конечно стануваат почитувани на исто рамниште како оние од грчко-римскиот пантеон, при што биле подигани храмови и ковани монети во нивна чест.17 Овие религиски промени во империјата биле како последица на тоа што римско-грчките богови стануваат се подалечни за обичниот народ, како дел од веќе стилизирани митови од некое минато време. За разлика од нив, култовите и божествата од источните провинции (не само египетските) лесно се наметнале со филозофијата на својот симболизам на силна верба во животот и животот после него.18 Секако за нивното брзо ширење придонела и се поинтензивната миграција на луѓе од односните провинции кон другите делови на империјата, а кои имале значајни позиции во војската, админстрацијата или трговијата.19 На територијата од Балканскиот Полуостров, вклучително и во Република Македонија, евидентирани се наоди со претстави на египетските божества.20 Бронзените фигурини од прилепското село Дреновци и од непознат локалитет, исто така од Прилепско, се хеленизирани претстави на богинката Изида, поистоветена со Тихе.21 Со археолошки истражувања се откриени светилишта посветени на Изида во месноста Карабегомала во Охрид и во Стоби, додека на локалитетот Грмадиште во близина на битолското село Српци е откриен храм посветен на парот Изида и Серапис.22 Во црквата Св. Никола во прилепското село Топлица, од непознат антички локалитет била донесена репрезентативна мермерна скулптура на Изида.23
Да се вратиме на претставата од Стибера која би можела да биде божеството Хор. Ова божество имало неколку различни иконографски претстави. Една е како дете Харпократ, кое мајката Изида го дои.24 Има два примери на откривање на ваква претстава на богот на Балканскиот полуостров. Во близина на античка Салона (Сплит) откриени се две бронзени стаутетки на Изида со детето Хор - Харпократ,25 а можеби и еден дел од нога од мермерна скулптура откриена во градбата во Охрид припаѓала токму на Харпократ.26 Претстава на Хор со иконографски обележја како бог на небото и сонцето на овие простори до денес не е откриена.
Но што би била претставата од Стибера доколку тоа не е Хор? Градот лежел покрај две реки, Блато и Црна река, дом на различни видови на речни птици. Дали можеби тоа била претстава на некое локално автохтоно речно божество, неидентификувано досега, персонифицирано преку антропоморфна фигура со птичји атрибути? Во тој случај, добиваме сознание за нова, единствена и раритетна културно-култна појава.
Со пронаоѓањето на двете градби - работилницата и светилиштето, добиени се значајни сознанија за развојот на античкиот град Стибера кај селото Чепигово. Со откритијата во работилницата се потврдува дека на акрополниот дел - локалитетот Бедем, егзистираат и други градби освен Храмот на богинката Тихе уште во предримскиот период, а кои се обновуваат во првата половина на II век од н.е. Од друга страна, на археолошките наоѓалишта ретко се среќава така добра зачуваност на речиси сите градежни елементи кои биле во служба на производствениот процес (јами, печки и цевководи). Што се однесува на помладата градба подигната врз работилницата, таа претставува навистина единствена културна и сакрална појава, не само кај нас, туку и пошироко. Постоењето на светилиштето, најверојатно семејно, отвора простор за полемизирање околу идентификацијата на божеството со птичји атрибути кое надвладеало меѓу многуте божества од грчко-римскиот пантеон и прифатените источни култови, во времето кога Стибера постепено го губи сјајот на важен урбан центар во почетокот на III век, така што „успеало“ да добие позиција на најдоминантното место од градот.
Белешки
- Папазоглу Ф., 1957, 216-221. ↩
- Вучкович Тодорович Д., 1963. ↩
- Кепеска Л. - Кепески К., 1990, 161-170; Микулчиќ И., 1996, 15-36; Кепеска Л. - Кепески К., 2016. ↩
- Микулчиќ И., 1996, 15-36; Кепески К., 2006, 207-213; Кепеска Л. - Кепески К., 2008, 229-245; Кепеска Л. - Кепески К., 2010, 255-267; Кепеска Л. - Кепески К., 2011, 317-328; Кепеска Л. - Кепески К., 2016. ↩
- Темелкоски Д., 2017А, 152-162; Темелкоски Д., 2017В, 39-45. ↩
- Темелкоски Д., 2020,111-121. ↩
- Двете градби се презентирани во краток извештај: Темелкоски Д., 2017б, 29-38. ↩
- Вучкович-Тодорович Д., 1963, 77; Papazoglu F., Milin., M., Ricl M., 1999, 166, 336, TIL; Калпаковска В., 2004, 25. ↩
- Битракова-Грозданова В., 1987, 45, 50, 52, 55, 58. ↩
- Anderson-Stojanović V., 1992; Јованова Л., 2017, 171-201. ↩
- Anderson-Stojanović V., 1992. ↩
- Veronica I., 1968, 69. ↩
- Veronica I., 1968, 69. ↩
- Veronica I., 1968, 122; Cermanovic A. - Srejovic D., 1992, 490. ↩
- Cermanovic A. - Srejovic D., 1992, 530. ↩
- Зотовић Љ., 1969, 65. ↩
- Veronica I., 1968, 139. ↩
- Veronica I., 1968, 139. ↩
- Зотовић Љ., 1969, 71. ↩
- Битракова Грозданова В., 2015, 78. ↩
- Лисичар П., 1961, 127-129, сл. 2-5; Mikulcic I., 1966, 78, T. XXVI, sl. 36d; Маленко В., 1976, 184, сл. 10; Битракова-Грозданова В., 1987, 131, Т IV, 3. ↩
- Маленко В., 1976, 172, сл. 3, 175, сл. 4; Јанакиевски Т., 1976, 193, 196 и 197, сл. 1, сл. 2 и сл. 3; Битракова-Грозданова В., 1987, 127, Т VI, 2; Битракова-Грозданова В., 2015, 78-84; Blazevska S., Radnjanski J., 2015, 215-256; Николоска А., 2015, 260-262. ↩
- Наодот не е објавен, а се чува во НУ Завод и музеј - Прилеп. ↩
- Veronica I., 1968, 73. ↩
- Зотовић Љ., 1969, 64. ↩
- Битракова-Грозданова В., 2015, 80. ↩
Summary
Workshop and Sanctuary at Styberra
The east part of the archaeological site Bedem - Styberra, near the village of Chepigovo, was excavated between 2014 and 2016. Only one building was revealed in this area before these excavations and that is the temple of the goddess Tyche, the patron of the city. The excavations revealed two buildings, built one over the other. The older building was a workshop for terracotta figurines and oil lamps from the middle of the 2nd century BC until the transition between the 2nd and the 3rd century. It had two construction phases. In the first, pre-Roman phase, the walls were made of stone and mud, while in the second they were made of stones, bricks and lime mortar. The construction activities of the second phase probably took place during the reconstruction of the Temple in 127 year, when a building was erected between them (still in process of research). The excavations pointed out that the construction of this building took place on top of the north part of the workshop, decreasing its size.
Seventeen pits, four kilns, two pipelines and several shallow channels that connected the pits were documented. The pits are oval, rectangular and circular with different diameter and depth. Most distinctive is the pit 1 which is connected with two pipelines of ceramic tubes. One of the pipelines goes under the kiln 1 and finishes with a recipient made of imbrices. We can assume that the warmed water was scooped from the channel and used in the production process. The second pipeline was drainage for the unused water.
The abundant and diverse archaeological material that defined the chronological frame of the workshop, includes well known forms of ceramic vessel typical for the period. The numismatic material consists of bronze coins of Philip V, autonomous coin of Amphipolis, coins of the Roman emperors Tiberius and Nero, as well as coins of the Macedonian koinon, minted in the 1st and 2nd centuries. Besides the documented architectural remains (pits, kilns and pipelines), the large number of clay molds for the production of terracotta figurines and oil lamps, as well as samples of these objects, confirmed the purpose of the building.
After the workshop went out of use, a small shrine was built over its south part. It is a very modest building with walls made of stones bonded with mud. It has two rooms with identical inner width, connected by passages. Several objects which defined the cult character of the building have been discovered. In both rooms there are platforms along the west wall which probably served for offerings during the religious processions. Three small structures made of marble tiles are radially arranged towards the platform in Room 1. Most specific is the structure 1, raised on a clay platform. On the floor tile there is a shallow relief depiction of a standing figure with bird attributes. Six hypocaust bricks and one marble base are radially arranged towards the platform in Room 2. Abundant moveable material was found on the floor level of the building, dating to the 3rd century.
The concept of the discovered elements in the rooms and particularly the image of the figure with bird attributes implied the important discovery of a cult building. Given the modest architecture, most probably it was a family shrine, built at the acropolis of the city in the time when it was losing the glow of an urban centre. The research in the wider Balkan area has not identified so far a deity with the same attributes as the discovery from the sanctuary at Styberra. The bird head in profile and the big eye suggest connection with the Egyptian deity Horus, master of the sky and the sun, while the radial “small houses” in Room 1 and the hypocaust bricks in Room 2, oriented towards the platforms, may have represented the sky-solar symbolism of this god. If this is a shrine dedicated to Horus, its construction might have been by some tradesman or an army veteran who was given land at Styberra after the service in Egypt or another neighboring eastern province, and as a worshiper, this person introduced the cult in the city. However, if this is not Horus, then what could this depiction be? The city is located along the two rivers Blato and Crna, which are the natural habitat of river birds. Was this possibly an image of a local autochthonous river deity, unidentified so far, personified through anthropomorphic figure with bird attributes? In any case, the sanctuary represents a unique and rare cultural - cult discovery in the wider region.
Библиографија
- Anderson-Stojanović V., 1992, Stobi, The Hellenistic and Roman Pottery, Boston
- Битракова Грозданова В., 1987, Споменици од Хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје
- Битракова Грозданова В., 2015, Les cultes orientaux dans la Haute Macedonie (За ориенталните верувања во Горна Македонија), Romanizing Oriental Gods?, Skopje, 35-86
- Blazevska S. - Radnjanski J., 2015, The temple of Isis at Stobi, Romanizing Oriental Gods?, Skopje, 215-256
- Veronica I., 1968, Egyptian Mythology
- Вучкович Тодорович Д., 1963, Styberra - антично поселение в селе Чешигове в окрестностях Прилепа, Archaeologica Iugoslavica IV, Beograd
- Зотовић Љ, 1969, Историски услови развоја оријенталних култова у римским провинцијама на територији Југославије, Старинар XIX, Београд, 59-74
- Јанакиевски Т., 1976, Прилог кон прашањето за убикација на античката населба Nicea, Macedoniae acta archaeologica 2, Прилеп, 189-205
- Јованова Л., 2017, Римски театар Скупи, Приказ на материјалната култура од римскиот империјален период (истражувања 2013-2016), Скопје, 171-201.
- Калпакоска В., 2004, Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, Битола
- Кепеска Л. - Кепески К., 1990, Истражување на секторот „В“ - Стибера, Macedoniae acta archaeologica 11, Скопје, 161-170
- Кепеска Л. - Кепески К., 2008, Портретна и култна пластика од Стибера, Macedoniae acta archaeologica 18, Скопје, 229-245
- Кепеска Л. - Кепески К., 2010, Мермерна пластика - Стибера 2008-2009, Macedoniae acta archaeologica 19, Скопје, 255-267
- Кепеска Л. - Кепески К., 2011, Почитување на царскиот култ во Стибера, Macedoniae acta archaeologica 20, Скопје, 317-328
- Кепеска Л. - Кепески К., 2016, Стибера, Скопје
- Кепески К., 2006, Торзо од Стибера, Macedonia acta archaeologica 17, Скопје, 207-213
- Лисичар П., 1961, Isis - Fortuna, Споменици о култу Изиде, Фортуне и Изиде - Фортуне у нашој земљи, Старинар XII, Београд, 125-132
- Маленко В., 1976, Две статуети на Изида од Охрид, Macedoniae acta archaeologica 2, Прилеп, 169-187
- Mikulcic I., 1966, Pelagonija u svetlosti arheoloskih nalaza
- Микулчиќ И., 1996, Стибера - топографија, историјат, градби, Македонско наследство 1, Скопје, 15-36
- Nikoloska A, 2015, Evidence of “Oriental” cults from the Republic of Macedonia, Romanizing Oriental Gods?, Skopje, 257-278
- Папазоглу Ф., 1957, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Књига 1, Скопје, 216-221
- Papazoglu F. - Milin M. - Ricl M., 1999, Inscriptiones Graecae, Volumen X, Pars II, Fasciculus II, Sectio Prima, Berlin
- Темелкоски Д., 2017А, Собрание - Булевтерион во Стибера, Зборник на трудови 20, Битола, 152-162
- Темелкоски Д., 2017Б, Археолошки истражувања на локалитетот Стибера, с. Чепигово - Истражувачко поле Храм Тихе - јужна тераса, објекти Работилница и Светилиште, Археолошки информатор 1, Прилеп, 29-38
- Темелкоски Д., 2017В, Археолошки истражувања на локалитетот Стибера, с. Чепигово - Истражувачко поле Храм Тихе - северно плато, објект Булевтерион, Археолошки информатор 1, Прилеп, 39-45
- Темелкоски Д., 2020, Стибера - антички урбан центар во Пелагонија, Списание на трудови на Друштво на наука и уметности - Прилеп, 111-121
- Cermanovic A. - Srejovic D., 1992, Leksikon religija i mitova drevne Evrope, Beograd