Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 267–280

Употреба на светилките во погребниот култ кај инхумациите од Југоисточната некропола во Скупи

УДК 903.5:683.8(497.712)”00/03”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123267k

Содржина
  1. Вовед
  2. Позиција во гробниот аранжман и идентитетот на покојникот
  3. Светилките во погребниот култ
  4. Заклучни согледувања

Вовед

Источно од градските бедеми на Скупи, околу главниот пристапен пат којшто водел долж коритото на реката Вардар, се простира југоисточната некропола, веројатно најголемата градска некропола каде што се погребувале жителите на овој римски град. Со откриени приближно 5200 гробни целини, кремации и инхумации, таа претставува една од најдобро истражените некрополи од римскиот период воопшто на Балканот.1 Временскиот распон на погребувањата кај овој простор се движи од почетокот на I век од н.е. до крајот на IV век н.е., односно ги следи самите почетоци од развивањето на овој римски град до времето кога длабоките политички, верски и социјални промени ќе го трансформираат од корен античкиот карактер на римското општество. Во текот на овие четири века биритуалната практика на инхумација и кремација на оваа некропола егзистирала во различен сооднос и се следи од почетна бројна надмоќност на кремациите во I и II век н.е. до постепена целосна доминација на инхумациите кон крајот на IV век н.е.

Од гробовите потекнува изобилство материјал којшто е одраз на материјалниот, духовен, но и социо-економски карактер на населението кое се погребувало на овој простор. Од нив најбројни се керамичките предмети, меѓу кои доминираат стомните. Светилките се втора по големина група керамички предмети пронајдени во гробните целини.2 Целта на овој труд е токму преку анализата на изборот и позицијата на светилките во гробниот аранжман да се утврди нивната поврзаност со одредени аспекти од идентитетот на покојникот, првентствено со старосната група и полот, како и да се испита функционалниот и симболичниот аспект од нивната употреба во погребниот ритуал, односно воопшто во погребниот култ.

Бидејќи постои речиси идентичен ритуален обред застапен со истороден материјал откриен и во кремациите и во инхумациите, нашите истражувања првенствено ги насочивме кон проучување на инхумациите. Изборот на инхумирани гробови е и поради тоа што со кремираните остатоци се губат мноштво информации поврзани со возраста и полот на покојникот, а со нив се губи и можноста да се поврзат со одреден тип или позиција на гробните прилози во самиот гроб. Исто така, се чини дека од круцијално значење е и познавањето на логиката на распоредување на гробните дарови во однос на јамата и телото на покојникот, која е индикативна во гробовите со инхумација, а која можеби се репродуцирала и во фунерарниот простор на кремираните гробови.

Во овој труд се застапени исклучиво светилките откриени во гробовите со инхумација од југоисточната некропола во Скупи. Од приближно 2150 инхумирани гроба, светилки се откриени во 389 од нив, што претставува 18% од целината, односно 32% од гробовите што содржат керамички прилози.3 Се јавуваат разни типови светилки коишто се карактеристични за овој период, најчесто како увезени производи, но и такви кои се од локална продукција.4 Сепак, овој труд се фокусира повеќе на улогата на светилките во погребната практика, и во тaa смисла пренебрегнати се типолошките одлики, како и провениенцијата на овие предмети во корист на нивната културолошка вредност, конкретно, за нивното употреба и значење во погребниот култ.

Позиција во гробниот аранжман и идентитетот на покојникот

Светилките во југоисточната некропола во Скупи се пронајдени исклучиво во гробовите, односно употребени во погребни обреди поврзани со индивидуални гробни целини. Во зависност од местоположбата изделуваме два основни начини на полагање на светилките во гробот:

- светилки во внатрешноста на самиот гроб (јама, конструкција) положени на долно ниво,

односно на исто ниво со покојникот, непосредно до него;5

- светилки поставени на горно ниво од гробните јами или конструкции, обично по нивното

затворање, најчесто во самиот агол покрај капакот или директно врз него. Тие биле по-

ставувани за време на погребот. Од нив се издвојува една мала група гробови каде светил-

ките се откриени повисоко над покривното ниво на гробната конструкција, што би било

показател за подоцнежна култна изведба над гробот.

Светилки на долно ниво покрај скелетните остатоци се запечатени во моментот на полагање на покојникот во гробот. Најчесто се поставувани непосредно до екстремитетите (раменици, стапала и др.), но има и случаи кога се поставени подалеку, на самите агли од гробната јама, но во позиција на посочените екстремитети. Откриени се во 225 гроба (10.5% од вкупно инхумирани гробови, 18% од гробови со керамика). Најбројни се во пределот на нозете (49 челно кај стапалата, 34 кај левото, 45 кај десното стапало, по десетина покрај левото и десното потколено, односно меѓу потколениците, 4 покрај левото и 7 покрај десното колено, 4 лева бутна и 2 десна бутна, 5 меѓу бутни), 9 кај левиот, 7 кај десниот колк, 3 покрај лева и 1 покрај десна рака, 7 кај лево рамо и 6 кај десно рамо, 5 челно кај главата (графикон 1). Посебно е интересен случајот од гробот 3952 во кој е погребана жена на возраст од 20 - 25 години и каде светилката е пронајдена со клунот поставен во влезниот дел на карлицата. Сложеното фунерално значење кое може да произлезе од оваа необична поставеност засега нe лишува од непосредно логично заклучување.6

Сл. 1. Гроб 3634 по отворање
Сл. 1. Гроб 3634 по отворање
Сл. 2. Гроб 2952 по отворање
Сл. 2. Гроб 2952 по отворање
Графикон 1. Позиција на светилки.
Графикон 1. Позиција на светилки.
Илустрација, стр. 269
Сл. 3. Гроб 1194 по отворањеСл. 5. Гроб 3553 по отворање
Сл. 3. Гроб 1194 по отворањеСл. 5. Гроб 3553 по отворање
Графикон 2. Наоди на светилки и комбинации со други садови
Графикон 2. Наоди на светилки и комбинации со други садови

(4), чинија (5), унгвентариум (3), грне (3), кадилница (1) и стаклени садови (4) (графикон 2, сл. 4). Во еден случај таа е сместена во чинија (гроб 1855), во друг во кадилница (гроб 3542) или поставена во/врз чаша (гробови 3265 и 2297). Но има и примери каде поголемите садови се положени врз оние со помал реципиент, како примерот од гробот 4277, каде стомната е поставена врз светилка или гробот 3255, каде светилката и чашата се пронајдени под сад со две држалки.

Формула
Формула
Илустрација, стр. 271
Графикон 3. Хронолошка прогресија на гробови со светилки.
Графикон 3. Хронолошка прогресија на гробови со светилки.

За горно ниво се однесува кога светилките се откриени на горното ниво од гробната јама или конструкција. Кај гробовите без гробна конструкција, во зависност од длабочината на гробната јама, можат да бидат поставени на 0,10 до 0,50 m над скелетот. Тие што се непосредно над скелетот најверојатно стоеле врз дрвен сандак или капак од дрвени штици. Кога се над гробната конструкција, најчесто се директно врз капакот, а кога се покрај капак, најчесто се во самиот агол или во негова близина, a поретко во агол, но врз капакот. Во одреден број случаи (10) светилката е поставена на горното ниво од гробната јама, но веднаш под капакот, можеби поставена врз дрвена штица која стоела пониско во гробната јама, а потоа затворена на горното ниво со солиден капак. Во 2-3 случаи, каде што има двоен капак или оловен саркофаг во камена циста светилката, исто така, стои на долниот, а другите садови на горниот капак. Во три случаи (два директно над скелет, едно над капак) светилката е вметната во групација од камења (во еден од нив под камена хумка) можеби поставени тука како белег над гробот. Во друг пример, пак, светилката е положена директно врз темето на дислоциран череп од оштетен соседен гроб, внимателно приграден со ф-ти од тегули кои на тој начин формираат еден вид реципиент, поставен врз капакот од гробот што го предизвикал оштетувањето.

Светилките на горно ниво се откриени во 164 гроба (7,5% од вкупно инхумирани гробови, 13% од гробови со керамика). Тука најбројни се во пределот на нозете (23 челно кај стапалата (сл. 5), 20 кај левото, 25 кај десното стапало, 15 во половината над нозете), 6 кај левиот и 6 кај десниот колк, 9 кај левото рамо и 11 кај десното рамо, 10 челно кај главата, 7 половина над торзото, 10 во централниот дел. Во најголем број случаи (112) светилката горе е единствен прилог врз гробот (сл. 6 и 7), потоа следат комбинации со 2 стомни (25) и со 1 стомна (13). Комбинациите со стомни може да содржат и други прилози (чинија, унгвентариум, стаклен сад), а во просторна диспозиција можат да бидат заедно или разделени.7 Светилката горе може да биде комбинирана и само со чаши (2 случаи, во еден со 2 чаши), теракота (1), унгвентариум (1), грне (1), амфора (1), кадилница (2) и стаклени садови (2)8 (графикони 1 и 2). Има три случаи горе каде се поставени повеќе светилки: еден со две светилки заедно, друг со три светилки (две светилки заедно и една дијагонално), трет кај возрасен три светилки (две светилки поставени на деловите кај лево рамо и лево стапало, третата поставена 0,50 m над нив, 0,50 m северно од десниот колк).

Сл. 6. Гроб 3215 пред отворање
Сл. 6. Гроб 3215 пред отворање
Сл. 7. Гроб 3100 пред отворање
Сл. 7. Гроб 3100 пред отворање

Анализата на нивната специфична местопололжба во однос на половиот и старосниот идентитет на покојникот доведе до следните резултати. Од сите пет случаи каде светилката е поставена долу челно кај главата сите припаѓаат на детски гробови (за разлика од горно ниво каде во истата позиција од десет гробови само два се детски, а останатите на возрасни и тоа претежно женски). Слично, покрај левото рамо долу, од седум примери четири се детски, односно три гробови на новороденчиња, додека покрај десното рамо долу, од шест примери четири се на возрасни. Светилките поставени на горно ниво во половина над торзото од седум случаи три се детски, а четири на возрасни, сите машки. Специфично е и долу, светилка кај левата рака има само кај млади, односно јувенили жени, а кај десната еден пример кај млад маж меѓу 18 - 30 години. Кај десниот колк долу има четири кај детски и три млади жени меѓу 18 - 30 години, а и кај левиот колк од девет случаи четири се детски - едно женско, а останатите пет сите се жени, претежно меѓу 30 - 40 години. Во пределот на нозете, односно стапалата и на горно и на долно ниво, гробовите се без дистинкција по полова или старосна категорија.

Хронолошки, светилките во инхумираните гробови се јавуваат постепено од крајот на I и почетокот на II век н.е. (5%), нивното присуство се зголемува во текот на II век (15%) со кулминација во преодот од II во III век и првата половина на III век н.е. (58%), со значително опаѓање во употребата од втората половина на III и првата половина на IV век н.е. (6%) (графикон 3). Нивната послаба застапеност во инхумациите од крајот на I и во текот на II век н.е. се должи на практикувањето на кремирањето како доминантниот ритус на погребување во тој период во Скупи, каде светилките имале речиси задолжително присуство во погребната практика. За долното ниво хронолошка карактеристичност е забележлива кај светилките поставени челно кај главата, сите се датирани во II век н.е., како и за примерите меѓу потколена, меѓу бутните коски, покрај лева бутна и лево колено ги има само во преодот на II - III век и во првата половина на III век н.е. За горното ниво карактеристично е што светилките поставени над половината од торзото и челно кај главата ги има, главно, во преодот на II - III век и првата половина на III век н.е., како и кај колковите ги има само во втората половина на II век и првата половина на III век н.е.

Светилките во погребниот култ

Светилките се користеле во повеќе фази од римскиот погребен обред, и тоа е релативно добро познато преку пишаните литерарни и епиграфски извори, меѓутоа, нивната употреба на самото гробно место е неспорна и единствено сигурно потврдена со археолошките истражувања на римските гробови. Пишаните и ликовните извори ни ја осветлуваат улогата на светилката во почетните фази од римскиот погребен церемонијал. Уште за време на бдеењето во куќата на покојникот покрај него се палела светилка, како што покажува познатиот релјеф од семејната гробница на Хатери (Haterii), каде е прикажан мртовец положен на одар во атриумот, фланкиран со светилки поставени на канделабри кај неговата глава и нозе.9 Овој обичај останал толку силен што дури и денес кога некој умира се поставува запалена свеќа над неговата глава во чинија со брашно или неварено жито и таа гори додека мртовецот е во куќата.10

Се поставува прашањето дали светилките во гробот се поставени тука за покојникот, односно за негово користење, дали се наменети за погребните церемонии кои се изведувале на гробот или имале чисто симболична улога? Појавата на светилката меѓу гробниот инвентар е прилично јасна и универзална, таа е парче светлина во вечниот мрак во царството на мртвите, поставена тука за да не се загуби душата на покојникот, односно да го осветли патот на душата кон другиот свет. Големиот процент светилки пронајдени во внатрешноста на гробните конструкции, но и поставени непосредно до покојникот одат во прилог на претпоставката дека се тука поставени како светлосен патоказ со кои се користат мртвите во нивниот пат до подземниот свет.11 Бројот на светилки што се пронајдени на горно ниво, покрај или директно врз гробната конструкција, исто така не е занемарлив, меѓутоа, можат да бидат објаснети со истата намена да му користат на покојникот, со оглед на тоа што кога се тие горе поставени, вообичаено отсуствуваат во затворената целина долу со покојникот.12 Единствена разлика е што наодите се поставени тука по затворањето на капакот, односно по исполнувањето со земја на гробната јама и потоа дополнително затрупани. Впрочем, како што погребната церемонија се однесува колку на починатиот толку и на посетителите на настанот, така и поставувањето на овие предмети на горно ниво можеби имало за цел да ја направат „повидлива“ акцијата на ожалостените пред очите на присутните.

Најголемиот процент од светилките пронајдени во гробовите не покажуваат знаци на долготрајна употреба, што значи дека биле непосредно набавени за потребите на погребот и воопшто за култот кон мртвиот. Кај голем дел од нив се забележуваат траги од еднократно користење, односно имаат зацрнет клун, што имплицира ритуална функција на светилката во погребниот церемонијал. Сепак, не може со сигурност да одговориме дали е таа палена на самиот гроб или во гробот е депонирана светилка користена во пораните фази од римскиот фундус. Можноста запалената светилка од претходните фази да биде депонирана во гробот со покојникот ни ја потврдуваат и етнографски примери од нашите краишта. Во Скопско е забележан обичај кандилото, коешто горело во куќата над главата на покојникот, да го стават потоа во неговиот гроб.13

Конечно, светилките без знаци на употреба укажуваат на нивна симболична намена. Често збогатени со иконографска содржина со збиена есхатолошка семантика, најверојатно нарачана од самиот покојник или заедницата која го организирала неговиот погреб, светилката како да испишува синопсис за покојникот, еден вид на лична карта со која тој го изразува својот идентитет или припадноста кон одредена групација (религиозна, занаетчиска, колегија итн.). На тој начин светилката станува супституција за покојникот.14 Постои еден интересен пасус во романот од II век од н.е. „Златно магаре“ на римскиот сатиричар Апулеј, зачинет со вообичаената доза на цинизам, каде авторот го споредува малиот пламен од светилката како дел од големиот небесен пламен од кој води потекло.15 Тука како да имаме ехо од стоичката филозофија која ја сфаќала душата како огнен елемент што потекнува од големиот небесен пламен и кој постојано се одделува и се враќа во него. Во таа смисла, светилката може да се сфати како метафора на човечкото тело, односно самиот покојник, а нејзиниот пламен на душата. Палењето на огнот е како живот за покојникот. До кога се пали светилката, живее и споменот за покојникот, а со споменот жив е и самиот покојник. Само на овој начин можеме да ги разбереме сите пораки изделкани на голем број епиграфски споменици каде се молат посетителите да остават запалена светилка на гробот.16

Палењето на светилка над гробот за време на одредени комеморативни денови е уште еден типичен римски обред кој се изведувал посебно на 9-от ден (cena novendialis) до кога официјално траел римскиот фунус, на роденденот на починатиот (Dies natalis) и на последниот ден (Feralia) од годишниот фестивал на мртвите (Parentalia 13 - 21 февруари). Потврда за тоа наоѓаме во повеќе епиграфски и други литературни извори.17 На југоисточната некропола во Скупи се откриени десетина случаи каде светилките се откриени на повисоко ниво, вообичаено 0,10 до 0,40 m над гробната покривка, што би било доказ за изведбата на овие ритуали (сл. 8 и 9).18 Малиот број на овие примери не може да биде релевантен за реалниот обем на изведбата на постфунералните обреди затоа што се случувале надвор од затворената гробна целина, а со тоа биле и повеќе изложени на деструктивни фактори или кражби.19 Друга можност за малиот процент е дека поменот се одржувал на одвоена локација - кулина, која во рамките на југосточната некропола во Скупи cè уште не е откриена.20

Сл. 8. Гроб 2710 пред отворање
Сл. 8. Гроб 2710 пред отворање
Сл. 9. Гроб 2448 пред отворање
Сл. 9. Гроб 2448 пред отворање

Превртени светилки со дното нагоре се регистрирани во 34 случаи. Се среќаваат кај сите старосни групи, од двата пола, поставени на долно и на горно ниво (сл. 10). Најчесто се наоѓаат околу нозете (стапала, подколеници), на колковите, поретко кај главата (челно, раменици), рацете и врз градниот кош. Во случајот на гробот 4090 на млада жена меѓу 18 - 30 години двете светилки се превртени, едната горе над главата, другата на долно ниво кај десното стапало. Нема карактеристична издвоеност на позицијата на превртената светилка со одредена старосна или полова група, единствено може да се забележи извесна бројна доминација. Така, на пример, кај детските гробови тие се наоѓаат претежно долу и покрај левата страна на покојникот, кај младите мажи и жени меѓу 18 - 30 години побројни се примерите на долно ниво околу десното стапало, додека кај возрасните мажи над 40 години сите се околу левото стапало или челно кај стапалата. Само еден пример на превртена светилка е датирана во пораниот период од I - II век н.е. Кај останатите употребата се зголемува од втората половина на II век н.е. (5) кон преминот на II - III век (10) со бројна доминација во првата половина на III век н.е. (16).

Во гробот обично се поставувало по една светилка (на долно ниво сите примери имаат само една светилка), но постојат случаи каде во иста гробна целина се пронајдени две (10) или три светилки (2), сместени заедно или разделени на долно и горно ниво.21 Во четири случаи (гробови 1808, 1928, 4166 и 4691) е регистрирано намерно кршење на светилките. Парчињата од светилките можат да бидат расфрлани на горно ниво околу капакот, растурени во гробната јама или пронајдени на различни места покрај одредени делови на покојникот. Во сите случаи во гробните целини се депонирани и две стомни. Намерното кршење на светилките во гробот за време на погребувањето упатува кон специфична ритуална изведба демонстрирана преку овој детруктивен чин.

Сл. 10. Гроб 1744 по отворање
Сл. 10. Гроб 1744 по отворање

Вообичаено, гробните прилози стојат слободно, односно се поставени простум при аранжирањето во гробниот простор. Но во одредени примери е забележана намерата да се фиксира позицијата на поставените прилози, при што не е можна нивна промена или отстранувње од поставеното место. Така, на пример, во гробовите 1556 и 3378, светилките кои биле поставени врз капакот се дополнително покриени и втопени во малтерната маса која била излеана врз него. Во други четири случаи (гробови 1346, 2266, 2854 и 3601) тие се вѕидани во малтерниот венец што го обрабува капакот на гробната конструкција. Очигледната намера за подобра заштита на приложените дарови, можеби од кражба или слични несакани дејства, во овие случаи е дополнета и со потребата да се „зацементира“ вербата за нивна подолговечна употреба во постфунералната егзистенција на покојникот.

Заклучни согледувања

Појавата на керамички светилки во гробовите има азијатско, односно источномедитеранско потекло и оваа практика најшироко се применувала во хеленистичкиот период, меѓутоа, со римската доминација нивната употреба во погребниот култ станува општа и тие се сметаат за еден од белезите на типично римско погребување.22 Светилките во гробовите со спалување и инхумирани покојници од југоисточната некропола во Скупи се јавуваат во голем број и како и останатите керамички форми застапени тука се доказ за римскиот карактер, односно високиот степен на романизација на населението од оваа римска колонија. Од социо-економски аспект светилките не се индикатор за општествениот статус, односно се пронајдени кај различни социјални категории од скупското население, судејќи според гробните форми.

Гробовите со инхумација од југоисточната некропола во Скупи покажуваат значителна опременост на истите со гробни добра, со само 20.5% без никакви предмети депонирани во нив. Најголема фреквентност имаат керамичките садови застапени со 52.5%, пронајдени речиси во секој втор гроб, со бројна надмоќност на стомните од 41% (гробови со 2 стомни од 26% и гробови со 1 стомна од 15%).23 Втори по бројност, половина помалку од стомните, се светилките со 18%.24 Подеднакво застапени кај сите старосни групи и без дистинкција по родова основа, тие укажуваат на нивна широка примена и востановен начин на користење во погребниот култ.25 Светилките во гробовите се најчесто пронајдени во комбинација со стомните (69%), особено заедно со 2 стомни (47%) кои во одреден период сочинуваат основен фунерарен сет кој е препознатлив како карактеристичен знак за поголемиот број од инхумираните покојници во оваа некропола.26 Генерална импресија е дека овој фунерарен сет, како и специфичната положба на светилките во самиот гроб се униформни, без оглед на годините и полот на покојникот.

Сепак, во одреден број на случаи се сугерира определена посебност во одвивањето на погребниот ритуал кој подлежи и на промени, детерминиран и од хронолошката условеност. Така, на пример, карактеристично е што светилките во внатрешноста на гробните конструкции поставени во пределот околу главата, рацете и колковите се пронајдени претежно во детските гробови и во гробовите на млади индивидуи до 30 години, од кои повеќето се женски. Посебно тие поставени челно кај главата ги има единствено во детските гробови и во пораниот период во II век н.е., додека понатака во таа позиција тие повеќе не се среќаваат. Од друга страна, поинтензивна употреба на светилките на останатите позиции покрај нозете (бутни коски, подколеници), како и на горно ниво од гробот се воочува на преминот од II - III век од н.е. Тоа докажува извесна нормативност при изведбата на култните активности, чии натамошни разлики веројатно имаат подабоки општествени значења кои во овој момент ние не сме во можност да ги согледаме.

Во однос на временската определба, најголемиот број од светилките во инхумациите ја следат вообичаената хронолошка прогресија која е воочлива и кај останатите керамички предмети (стомни, чаши, чинии, унгвентариуми), а која се зголемува од крајот на I до крајот на II век н.е., со најголема концентрација на преминот од II - III век и првата половина на III век н.е. Прогресот на бројноста до средината на III век н.е. е правопропорционален со зголемувањето на употребата на инхумацијата како погребен ритус во текот на II и преминот од II во III век н.е. Забележливо опаѓање во употребата на светилките во погребниот култ се забележува од средината и втората половина на III век н.е., иако нивното присуство во гробен контекст го среќаваме и понатаму во IV век н.е.27 Можно е да дошло до промена на извесни ритуални одлики или специфични направи кои служеле како извор за осветлување,28 но, во секој случај, новата христијанска конотација која била додадена кон употребата на светлината во погребната практика, сведочи за нејзината важност која ќе биде задржана до ден денешен и чија треперлива светлина врз гробните места cè уште служи како видлив маркер со кој се разграничува светот на мртвите од живите.

Белешки

  1. Јованова Л., 2015, 16 - 17 (со наведена постара литература). ↩
  2. Студијата за светилките е дел од едно пошироко истражување кое се фокусира на различните видови на керамички материјал употребен во погребниот култ кај инхумираните гробови од југоисточната некропола во Скупи: Кузманоски И., 2017, 75 - 91; Кузманоски И., 2018 (необјавен магистерски труд); Кузманоски И., 2020, 157-170. ↩
  3. Презентираните податоци и статистички обработки се однесуваат на парцелите 160/2, 925 и 934, каде во периодот од 2008 до 2012 година се истражени околу 4300 гроба. Носител на програмата за истражување е Музејот на град Скопје под раководство на Л. Јованова, кустос советник во Музејот. ↩
  4. За типолошките одлики на светилките од југоисточната некропола во Скупи види: Микулчиќ И., 1975, 127 - 151; Јованова Л. - Михаилова Д., 1999, 229 - 233. ↩
  5. Во случаи кога покојникот е погребан во дрвен сандак, постои можност светилките да бидат поставени и надвор од него, но сепак на исто ниво со покојникот (теренски белешки). ↩
  6. Постои интересна референца кај Плиниј Постариот (Pliny the Elder, Natural History VII, 7.43), каде тој посочува кон ↩
  7. Ако на горно ниво има светилка, во внатрешноста во гробот во 58 случаи има две стомни (понекогаш придружени од унгвентариуми, чаши, а во 5 примери долу има уште една светилка), во 23 случаи една стомна (во еден додадено и чинија), во 4 случаи со три стомни, во 1 случај со два керамички унгвентариуми, 1 со грне, 1 со чаша, 1 со чинија, 2 со стаклен амфориск (теренски белешки). ↩
  8. Од пораните ископувањата, во гробот 81 на возрасен покојник, има комбинација на светилка и делови од скршена патера поставени покрај капакот, во аголот кај десното стапало, додека долу има две стомни, датирано во средината на II век н.е. Микулчиќ И., 1975а, 95 - 96. ↩
  9. Rushforth G. McN., 1915, 149 (Pl. IX); Toynbee J. M. C., 1971, 46. ↩
  10. Наумова М., 1996, 213. Етнографските белешки од почетокот на XX век го бележат следниот обичај кај словенската популација во јужните делови на Македонија, односно „три свеќи се запалени за време на бдеењето, две кај главата, една кај нозете“ (мој превод): Abbott G. F., 1903, 194. ↩
  11. За слични размислувања види: Црнобрња Н. А., 2006, 113. ↩
  12. Дури и авторот, кој проучувајќи ги погребните ритуали од римскиот период во италијанскиот регион Марке (Marche) ги има разделено овие обредни активности од долното ниво на гробот (interment) и неговото горно ниво (post-interment) како различни, во конечниот заклучок изразува сомнеж дека можеби се работи за исто обредно дејство во кој партиципантите ги поставувале од „слободна рака“ наодите внатре или надвор од гробната покривка: Pierucci A. R. E., 2014, 136. ↩
  13. Наумова М., 1996, 214. ↩
  14. Во Петрониевиот Сатирикон за време на Трималхиевата гозба и во моментот кога се слуша пеењето на петелот Трималхион заповедува да се излее вино под маса и светилката да се налие со чисто непомешано вино (наменето посебно за мртвите - мој. заб.): Петрониј, Сатирикон, 83. ↩
  15. Apulej, Zlatni magarac, 44. ↩
  16. Walters H. B., 1914, xv (забелешка 6); Rushforth G. McN., 1915, 157; Toynbee J. M. C., 1971, 63 (забелешка 259). ↩
  17. Црнобрња Н. А., 2006, 105 - 106, 114 (со наведени извори и литература). ↩
  18. Во еден случај светилката е пронајдена меѓу растурени коски, во друг е сместена во оловно лежиште (теренски белешки). ↩
  19. Во два случаи светилките се затскриени под камена хумка, веројатно за да се заштитат од кражба. Исто така, оваа тенденција може да се забележи и кај петте случаи каде светилките се втопени во малтерен нанос врз гробот. Римските закони биле мошне ригорозни во однос на сквернавењето на гробови, меѓутоа, самата строгост на законот говори во прилог на реалноста на прекршувањето (мој. заб.). ↩
  20. Јовановиħ А., 1984, 40; за Виминациум види: Зотовић Љ. - Јордановић Ч., 1990, 14 - 16. ↩
  21. За слични примери во Виминацијум и Сингидунум види: Црнобрња Н. А., 2006, 76, 102. ↩
  22. Walters H. B., 1914, xv. ↩
  23. Останатите гробови со инхумација во кои не се јавуваат керамички садови, но содржат единствено предмети од друг тип или материјал како што се стакло, метал, накит, монети (22.5%) или светилки и теракоти без присуство на керамички садови (4.5%), се застапени со вкупно 27% (теренски белешки). ↩
  24. Сличен процент на светилки од 20,8% се забележува и во гробовите со инхумација од Виминациум: Црнобрња Н. А., 2006, 130, Таб. 12; Процентот на употреба на светилки во раноцарските инхумации, следствено и во Скупи, секако дека бил повисок, бидејќи треба да бидеме свесни дека голем број од скелетните погребувања потекнуваат од поодминатиот III и IV век кога светилките постепено ја губат нивната улога во погребниот култ, а инхумацијата станува доминантен ритус на погребување (мој. заб.). ↩
  25. Светилките не се употребувале единствено во погребниот ритуал на перинаталните покојници каде и генерално, фунералната практика е сведена речиси на минимум. Светилките добиваат вообичаена застапеност дури кај покојниците околу првата година (теренски белешки). ↩
  26. За разлика од некрополите во Емона и Виминациум, каде карактеристични се комбинациите со грнци или три стомни: Јовановиħ А., 1984, 17, 104. ↩
  27. Слична хронолошка варијабла во употребата на светилките во погребниот култ е регистрирана генерално за римските некрополи во Горна Мезија: Црнобрња Н. А., 2006, 112 - 113. ↩
  28. Палењето светилки, заедно со употребата на венци, темјан и излевање на вино добиле конечна, нормативна осуда во Теодосиевиот едикт за забрана на многубожечките жртвувања (CTh. XVI.10.12) од крајот на IV век н.е., како предмети кои биле поврзани со паганската пракса: Gibbon E., 1998, 584. ↩

Summary

Use of Oil Lamps in the Funerary Cult of the Inhumation Burials from the Southeast Necropolis at Scupi

Abundance of finds which reflect the material, spiritual and social-economic character of the population comes from the Southeast Necropolis of Scupi, with a time span of burial from the beginning of the 1st century CE to the end of the 4th century CE. The most numerous are the ceramic objects, among which the jugs dominate. The present forms of the ceramic finds show strong Roman influence with absence of elements from the autochthonous tradition, and they are the common image of the ceramic inventory discovered in the graves of the highly Romanized centres throughout the Empire.

Oil lamps are the second largest group of ceramic objects found in the grave units. They occur in various types that are characteristic of this period, most often as imported products, but also there are those that belong to the local production. Only the lamps discovered in the inhumation graves from the Southeast Necropolis of Scupi are discussed in this paper. Oil lamps have been discovered in 389 out of approximately 2150 inhumation graves, representing 18% of the total number or 32% of the graves containing ceramic objects.

The goal of this paper is to determine whether the selection and position of oil lamps in the grave arrangement is related to certain aspects of the identity of the deceased, primarily the age group and gender, as well as to examine the functional and symbolic aspect of their use in the funerary ritual and the funerary cult in general. Basically, their appearance among the grave inventory is quite clear and universal, it is a piece of light in the eternal darkness in the realm of the dead, placed here so as not to lose the soul of the deceased, that is, to illuminate the soul’s path to the other world.

Библиографија

Извори