Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 249–255

Бронзен култен предмет од локалитетот Билазора во Св. Николе

УДК 903.2-034:903.26(497.732)”638”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2123249i

Содржина
  1. Основни податци за локалитетот и околности при откривањето
  2. Опис на предметот
  3. Назив и намена на предметот
  4. Потекло на предметот
  5. Заклучни разгледувања

Основни податци за локалитетот и околности при откривањето

При археолошките истражувањата на локалитетот Билазора кај селото Кнежје, Св. Николе, во 2016 година1 беа откриени бројни археолошки предмети, меѓу кои, најголемо внимение привлече еден бронзен предмет, единствен таков досега откриен на нашата територијата (сл. 1).

Се истражуваше на акрополот, т.е. во палатата и надвор од неа.2 Голем број керамички садови, монети, оружје и уште многу други артефакти беа дел од откриените движни наоди. Во оваа прилика ќе се задржиме на типолошки и стилски анализи на еден бронзен предмет. Предметот е откриен на западната страна од акрополот или во слој во кој биле вкопани темелите од класичниот храм во дорски стил, во културен слој датиран во железното време. Предметот е откриен на подното ниво од тој слој, во квадратот М20, во изместен слој на праисториска архитектура со непозната функција (сл. 2). Заедно со овој предмет беше откриено едно листесто копје (сл. 3) и фрагменти од кујнска керамика датирани во железното време. Во истиот контекст беа откриени и расфрлани човечки коски, мандибула, фемур, клавикула и неколку делови од ’рбет и ребрата.3 Ваквиот контекст на наоѓање, како и стилските карактеристики на предметот, укажуваат дека најверојатно се работи за предмет кој можеби бил употребуван како култен предмет, а припаѓа на групата т.н. македонско-пајонски бронзи.

Опис на предметот

Корпусот на овој култен предмет е полно лиен, со должина од 15,5 cm и ширина 3,5 cm. Едниот крај на корпусот е со јазичест завршеток, а од двете страни е декориран со мотиви на втиснати концентрични кругови или т.н. рибино око (сл. 4).

По средината на тој дел има извлечено пластично ребро кое оди до средината на предметот (сл. 5). Во средината на корпусот задната страна е благо вдлабната (сл. 6). Меѓу првиот - јазичест и вториот - цилиндричен дел, бил изведен прстен за прикачување којшто е откршен (сл 7а).

Сл. 1. Култен бронзен предмет.
Сл. 1. Култен бронзен предмет.
Сл. 2. Сонда М20 и М19 остатоци од железнодобската просторија каде што е пронајден бронзенинот предмет во сооднос со Храмот.
Сл. 2. Сонда М20 и М19 остатоци од железнодобската просторија каде што е пронајден бронзенинот предмет во сооднос со Храмот.

Од страните има две пластично изведени, копчести додатоци (сл. 7б). Другиот дел од корпусот е цилиндричен, а на него има три, односно четири прстенести додатоци. Четвртиот прстен е поголем, истовремено претставува и завршеток во форма на еден пирамидален трн (сл. 8).

Со таквите ликовни белези предметот од Билазора покажува најмногу сличности со групата на т.н. македонско-пајонски бронзи од железно време во Македонија.4

Сл. 3. Листесто копје
Сл. 3. Листесто копје
Сл. 4. Декорација „рибино око“ од двете страни.
Сл. 4. Декорација „рибино око“ од двете страни.

Назив и намена на предметот

Во литературата овој тип предмети се среќаваат под различни називи. Така, на пример, овие предмети К. Килијан ги нарекува „приврзоци во форма на бумеранг со прстенеста ушка“ (bumerangförmige Anhängen mit Ringöse),5 додека И. Килијан-Дирлмаер, „приврзоци бумеранзи“ (Bumerang Anhängen).6 Р. Васиќ за нив ги користи термините „трензли“ или „псалии“7, што ги ползуваат и Ј. Боузек (cheek pieces of horse-bits)8 и Н. Г. Л. Хамонд (side-piece of a horsebit).9 Д. Митревски ги именува како „приврзоци“ (англ. pendants), „приврзок бумеранг“, „приврзоци српови“, т.е. „срповидни приврзоци“ или описно како „свиткани бронзени прачки“,10 а за слична варијанта се решава и З. Видески, нарекувајќи ги „приврзоци“ или „лунулесто свиткани приврзоци“.11

Потекло на предметот

Досегашните истражувачи ја констатираа изолираноста на овие загадочни предмети во рамки на Балканскиот Полуостров. Според Р. Васиќ, ваквиот статус не се менува ни со нивното третирање како псалии, затоа што во околните региони на полуостровот (Војводина, Србија, Косово), не можат да се посочат псалии со таква форма. Врз основа на основната конструкција тој укажува на извесни паралели со еден тип псалии од Кавказ, Јужна Русија и Украина датирани во VIII век пр. н.е. Според него, овие сличности би можеле да упатуваат на влијанието на овој ареал врз создавањето на македонските примероци, и тоа поверојатно директно отколку со посредство на Панонија. Помалку веројатно му се чини релацијата на македонските со полукружните псалии од Грција, кои таму се јавуваат кон средината на VII век пр. н.е. под влијание на Асирија.12

Ј. Боузек, врз основа на единствените два велешки примерока што му биле познати, укажува на нивната различност во однос на псалиите од околните региони (Гласинац, Тракија, Грција), што го наведува на заклучокот дека се работи за локални продукти специфични за Македонија.13

Сл. 5. Извлечено пластично ребро по средината на корпусот.
Сл. 5. Извлечено пластично ребро по средината на корпусот.
Сл. 6. Вдлабнат дел од задната страна.
Сл. 6. Вдлабнат дел од задната страна.

Заклучни разгледувања

Досегашните 12 примероци на т.н. срповидно издолжени приврзоци пронајдени на нашата територијата се меѓусебно исти и помалку слични едни со други, но ниту еден од нив не е исти како нашиот примерок. Сите тие се пронајдени по течението на реката Вардар, и тоа: еден примерок од Орешани кај Скопје,14 два од непознат локалитет кај Велес, четири примероци од Лисичин Дол, Марвинци кај Валандово, еден од Бишиов Јавор кај Гевгелија, два примерока од Сува Река, Гевгелија, еден од Каракуш кај Валандово и еден наод од Валандовско-гевгелиски регион.

Контекстот на пронаоѓање на овие предмети е различен. Четирите примероци (т.н. псалии), од Марвинци се пронајдени како гробни прилози, при што е детално документирана нивната позиција во рамките на телото на покојникот и односот со другите наоди во гробот. Анализите покажале дека се работи за гроб на жена со бројни други прилози од кругот на македонските бронзи, чие изобилство и квалитет укажуваат на нејзиниот натстандарден општествен статус или како свештенички инструменти. Првиот пар се откриени еден покрај друг, лоцирани во пределот на појасот на свештеничката од Марвинци. Меѓу нив се пронајдени еден салталеон и монисто, што упатува на тоа дека, поврзани заедно, тие виселе закачени на ремен кој ѝ ја опфаќал половината. Меѓу фемурите од истото погребување се наоѓала сложена гарнитура. Меѓусебно поврзани бронзи во две гранки чии краишта завршуваат со такви срповидни предмети.

Краевите на двата крака од овие вериги беа споени со алките на вториот пар псалии15. Другите примероци од Орешани кај Велес и Сува Река во Гевгелија се случајни наоди или без евидентиран археолошки контекст, додека подетална документација за наодот од Бишов Јавор cè уште не е публикувана.16

Сл. 7. а. Откршено пртенче во средишниот дел, б. Копчести завршетоци.
Сл. 7. а. Откршено пртенче во средишниот дел, б. Копчести завршетоци.
Сл. 8. Четири прстенести додатоци и пирамидалниот врв.
Сл. 8. Четири прстенести додатоци и пирамидалниот врв.
Сл. 9. Прстенот за прикачување од Сува Река и од Бишов Јавор.
Сл. 9. Прстенот за прикачување од Сува Река и од Бишов Јавор.

Сите споменати предметите се излеани од бронза, во форма на лачно свиена шипка (најголемата во должина од 20 cm) која кај разни примероци е полна или шуплива, повеќе или помалку расчленета и дополнета со разни пластични додатоци втиснати или врежани елементи. Кај повеќето примероци е изразено тежнеење за стеснување на корпусот на едниот крај и инкесто или копчесто проширување на другиот. Второто обележје присутно на досега познатите предмети е прстенестиот додаток поставен приближно на средината (т.е. тежиштето) на предметот, кој единствено кај наодот од Бишов Јавор е обликуван во вид на издолжен сегмент (очевидно со иста намена) кој е перфориран со овален отвор. Во три случаи, на корпусот е зачуван пар животински фигури, при што кај тој од Марвинци и Каракуш17 се две четириножни животни, додека кај едниот од велешките примероци - четириножно животно и птица. Во четири од случаите може да се констатира дополнување на корпусот со брановиден, т.е. цик-цак мотив изведен пластично или во техника на врежување. Типичен е, исто така, и мотивот „рибино око“ втиснат на основниот корпус или на животинските фигури.18 Блискоста на опишаните предмети од групата пајонски култни бронзи со нашиот примерок од Кнежје е најсилно изразена во технологијата на изработка и стилско ликовните белези. Притоа, заедничко за сите е декорацијата од втиснати концентрични кругови како најчест мотив кај сите култни бронзи, но и поради прстенестите и пластични копчести додатоци. Во средишниот дел, на нашиот примерок, од предната страна има едно прстенче кое е присутно кај сите приврзоци, на кое биле прикачени други помали приврзоци, во нашиот случај тоа е откршено. Овој елемент е присутен кај сите примероци, при што се чини дека кај едниот приврзок од Сува Река тој бил удвоен, додека кај таа од Бишов Јавор бил заменет со издолжен перфориран сегмент (сл. 9). Пластично копчестите додатоци се изведени по една од двете страни на корпусот, а некаде по три. Прстенестите задебелувања исто така се чест елемент кај многу од т.н. македонски бронзи. Притоа, завршетокот во форма на купаст додаток потсетува на држалка од бодеж или меч.

Во секој случај, уникатноста на предметот не дозволува сигурна определба, но сите елементи од кои е составен несомнено упатуваат на култен предмет, уште една необична форма во семејството на т.н. пајонски култни бронзи.

Најверојатно се работи за уште една форма на инструменти во извршувањето на култните активности во рамките на евентуалниот култен простор на локалитетот. Таквиот простор секако бил од времето пред подигањето на античкиот храм на Билазора, кој само ја продолжил сакралната традиција на истиот простор од железното време.

Белешки

  1. Археолошките истражувања беа под раководство на проф. д-р Драги Митревски. Изразувам голема благодарност до професорот Драги Митревски кој ми овозможи да го објавам овој предмет. ↩
  2. Митревски Д., 2016. ↩
  3. Митревски Д., 2016. ↩
  4. Bouzek J., 1974. ↩
  5. Kilian K., 1975, 95. ↩
  6. Kilian-Dirlmeier I., 1979, 43, 44. ↩
  7. Васић Р., 1987, 214, 216 – 218. ↩
  8. Bouzek J., 1974, 157, 158. ↩
  9. Hammond N. G. L., 1972, 55, 360. ↩
  10. Митревски Д., 1991, 95, 96. ↩
  11. Видески З., 1999, 99. ↩
  12. Васић Р., 1974, 214, 216 – 218. ↩
  13. Чаусидис Н., 2017, 519. ↩
  14. Ристов К., 2016. ↩
  15. Митревски Д., 1999, 81, 83; Видески З., 1999, 97, 99, 107. ↩
  16. Чаусидис Н., 2017, 519. ↩
  17. Husenovski B.- Slamkov E., 2012, 17 – Fig. 21. ↩
  18. Васић Р., 1974, 216; R. Vasić, 1987, 694; J. Bouzek, 1974, 157, 158. ↩

Summary

Bronze Cult Object from the Bilazora in Sv. Nikole

A rare sample of the cult bronze objects that belong to the group known as Paionian or Macedonian bronzes is presented in this paper. The object was found during the systematic archaeological excavations of the site Bylazora, near the village Knezhje, Sveti Nikole, in 2016.

This, so far, unknown bronze object from our territory and beyond, is the subject of initial research in which we define it as part of the group of Paionian - Macedonian cult bronzes. There are 12, more or less similar and identical samples of the so-called sickle shaped pendants discovered on our territory. However, none of them is close to our sample. They were all discovered along the Vardar Valley, one sample at the site of Oreshani near Skopje, two are from unknown site near Veles, four samples are from Lisichin Dol at Marvinci near Valandovo, one from Bishov Javor at Gevgelija, two samples are from Suva Reka, Gevgelija, one from Karakush near Valandovo and one find is from the Valandovo - Gevgelija region.

The paper includes basic information for the site of discovery, description of the object, name of the object, its origins and a conclusion.

Библиографија