Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 231–247
Меч со едно сечило од Варвара
Содржина
Во текстот накратко ќе се обидеме да се осврнеме на мечевите од типот mahaira со едно закривено сечило преку нивните најзначајни претставници, имајќи го, пред cè, предвид нашиот наод. Иако се класифицирани во овој тип, разните варијанти откриени на Балканот и во други европски региони имаат мошне различни типолошки карактеристики во формата. Единствена значајна заедничка карактеристика на мечевите mahaira е закривеното сечило, без разлика на неговата и формата нa држалката. Оваа карактеристика ги определува во посебен тип, пред cè, заради начинот на употреба за сечење отколку за бодење какви што се претставниците со две сечила. Нивната еволуција во науката предизвикува посебен интерес, пред cè, заради појавата на различни варијанти, кои во зависност од развитокот на тактиката и стратегиското војување, се појавиле во различни периоди и во различни региони, кои ќе опстојуваат во текот на целиот прв милениум пр. н.е. Покрај задржување на основната карактеристика која ги одликува (едно закривено сечило), формата на овие варијанти била мошне зависна и од регионот на употреба, развивајќи елементи од локални типови мечеви. Преку разните меѓусебни влијанија, воени судири и трговски контакти, посебно на Балканот, како синоним за мечеви со едно сечило mahaira ќе се развие во силно оружје кое ќе остави траен белег на периодот во кој се употребувала. Се смета дека во тој поглед меѓу првите биле Тракијците, кои мошне рано ја прифатиле оваа форма (VIII - VII век пр. н.е.), развивајќи ја во оружје кое ќе стане нивна одлика во војувањето.1 Нешто подоцна, при крајот на VI, a посебно во V век, ќе биде обликувана класичната mahaira, по што оваа варијанта ќе биде широко прифатена и инкорпорирана во воената структура на повеќе региони на Балканот и пошироко.2
Варвара - некропола Пржали
Некрополата Пржали се наоѓа на околу 1 km источно од селото Варвара и околу 2,5 km западно од село Батинци, од десната страна на патот кој од Драчево води кон Марков манастир, оддалечена околу 15 km од Скопје (сл. 1). Откриена е 1995 година со рекогносцирања, откако Музејот на град Скопје откупи две случајно откриени фибули од овој локалитет.3 На некрополата се вршени истражувања во текот на три кампањи преку сондажни истражувања. Во зависност од расположивиот простор, сондите се поставени на различни места и со различни димензии, со оглед на тоа што површините се зафатени со земјоделски култури, кои континуирано се обработуваат во текот на целата година. Првата сонда е истражувана во 1995 година, кога беа откриени 18 гроба, од кои 11 од железното време и 7 гробови од римскиот период, сите на кремирани покојници. Повторни истражувања на некрополата беа изведени во 2000 година. Со овие истражувања беа откриени уште 35 гроба, потврдувајќи ги резултатите добиени со првите ископувања. Од нив 22 гроба припаѓаат на железното време, а 13 на римскиот период, од кои 6 на кремирани и 7 на инхумирани покојници. Последните истражуваања на некрополата се изведени во 2006 година, кога вкупно беа откриени 22 гроба, од кои 2 од железното време и 20 од римскиот период, од кои 14 на кремирани и 6 на инхумирани покојници.4
Со овие три истражувачки кампањи на некрополата се откриени вкупно 75 гроба, од кои 35 се од железното време (XI - VI век пр. н.е.) и 40 од римскиот период, од кои 27 на кремирани и 13 на инхумирани покојници (I - IV век). Иако кратки, со овие три кампањи беше определена хронолошката позиција на некрополата во однос на нејзината искористеност во мошне долг временски период. Големата хронолошка диспозиција, особено преку начинот на почитување на претходните погребувања, при поставување на гробните целини во заедничкиот простор, апсолутно дава основа да констатираме дека некрополата била долго време во употреба од ист етнички супстрат, што влече корени од раното железно време.
Опис на гробот и типолошка класификација на наодите
Гробот 54 има конструкција циста од четири едноделни обработени камени плочи изработени од зелен лискун (сл. 3, 1-2). Челните плочи се потенки од страничните, вградени се меѓу нив и ја одредуваат широчината на гробот. Покривната плоча недостасува, а дел од неа е е падната во гробната комора. Гробот е поплочен со едноделна плоча со иста димензија како и гробната комора. Димензии се: 200 х 0,70 m, а ориентацијата е југозапад - североисток. Во гробот не се откриени остатоци од скелет на покојник и гробни наоди. Врз гробот се констатирани остатоци од речни камења помешани со земја. Заради неговата оштетеност не е јасно дали се работи за дел од надгробна кострукција или случајно се дислоцирани при земјоделска обработка на земјата или е опљачкан во подоцнежните периоди. Мечот е откриен надвор од гробот 54 до страничната плоча, во висина на подната плоча, а припаѓал на покојникот кој бил погребан во гробот (сл. 3, 1-2). На западната страна надвор од гробот, покрај челната плоча, констатирани се собрани остатоци од два возрасни покојника до 45 години, на кои полот не може да им се утврди. Позицијата на собраните скелетни остатоци укажува на тоа дека гробната комора била повеќекратно употребена. Помеѓу овие скелетни остатоци се откриени две фибули со различни типолошки карактеристики, пар обетки и еден фрагмент од салталеон.
Гробни наоди:
1. Бронзена фибула со три топчести здебелувања на средина на лакот. Од едната и друга-
та страна на лакот по две копчести здебелувања. Главата иглата и ногата недостасуваат.
Должина: 8,3 cm; висина: 1,7 cm (сл. 3, 3).
2. Бронзена фибула со плочеста нога, една петелка на која се надоврзува игла. На завршето-
ците пред ногата и петелката, лакот е украсен со по едно копчесто здебелување. Должина:
5,7 cm; висина: 3,2 cm (сл. 3, 4).
3. Обетка изработена од тенка бронзена жица со кружен пресек, која спирално завршува со
плочесто проширен крај. Дијаметар: 2,1 cm (сл. 3, 5).
4. Фрагментирана обетка изработена од тенка бронзена жица со кружен пресек која, спи-
рално завршува со плочесто проширен крај, малку оштетен, идентична на претходната.
Дијаметар: 2 cm (сл. 3, 6).
5. Фрагмент од бронзен салталеон. Должина: 4 cm (сл. 3, 7).
6. Железен меч со незначително лачно закривено сечило, од горната страна зајакнат со хо-
ризонтално ребро, врвот оштетен, дел од носачот за држалката недостасува, сочувани две
перфорации за насадување држалка. Бил скршен и положен надвор од гробот до јужната
страничната плоча, во висина на подната плоча. Димензии: должина на зачуваниот дел:
50,5 cm; висина на сечило (максимум): 3,9 cm; деблина на сечило (максимум): 0,5 cm; дебе-
лина на ребро: 0,9 cm; висина на ребро: 0,5 cm (сл. 4).
Според типолошките карактеристики на формата, двете фибули припаѓаат на различни покојници кои биле погребани во различен временски период во гробот. Ако се земат предвид и другите наоди откриени како целина со фибулите, тогаш се заклучува дека гробот бил повеќекратно искористен за погребување во текот на периодот од крајот на VIII до VI век пр. н.е. Првата е масивна фибула, од која е зачуван само лакот со кружен пресек на чија средина рамномерно се поставени три сплеснати топчести здебелувања (сл. 3, 3). Од едната и другата страна пред завршеток на лакот се поставени по две копчести здебелувања од кои зачувани се само на едниот крај. Претставуваат редок наод откриени во некрополи, познати претежно на Балканот, датирани во периодот од втората половина на VIII до крајот на првата половина на VII век пр. н.е.5 Идентични фибули во Бугарија се класифицирани во типот B II 1 (варијанта γ)датирани во нешто пошироки хронолошки рамки од крајот на VIII - VII век пр. н.е. (за Бугарија: Ha B₃ - Ha C).6 Во Македонија откриени се на локалитетот Маркови Кули - Прилеп7 и на локалитетот Возишта - Битола, датирани при крајот на VIII почеток на VII век пр. н.е.8
Втората фибула е целосно зачувана (сл. 3, 4). Припаѓа на типот лачни фибули со една петелка, плочеста нога лачно свиткана од горната страна, која на крајот завршува со високо издигнат врв во форма на превртена пресечена пирамида. Завршетокот на лакот од двете страни е украсен со копчести здебелувања, кој, кај главата продолжува во петелка со квадратен пресек, додека иглата е со кружен пресек. Ќе се развијат од формите на грчките еднопетлести геометриски фибули од крајот на VII и почеток на VI век пр. н.е., а веќе во втората половина на VI век пр. н.е. претставуваат еден од наомилените форми накит, и ќе опстојуваат до крајот на V век, кога ќе се развијат во разни локални варијанти во внатрешноста на Балканот.9 Раните варијанти на овие фибули од VI век пр. н.е. Р. Васиќ ги определува во типот Marvinci-Gogoșu,10 додека неколкуте идентични примероци откриени во Бугарија, Д. Гергова ги класифицира во Thessalien тип A III 4 (варијанта α), датирани во VI век пр. н.е.11 Во Скопскиот регион идентична фибула откриена е на некрополата Дубиче крај Волково,12 додека во другите делови на Македонија претежно се откриени на локалитети по долината на Вардар,13 карактеристични за првата половина на VI век пр. н.е., на чија дата припаѓа и нашата фибула.
Две спирално намотани обетки со плочести завршетоци во форма на триаголник, изработени од тенка бронзена жица (сл. 3, 5-6), откриени се заедно со двете погоре опишани фибули. Со оглед на идентичната позиција при откривање, веројатно е дека и овие наоди, припаѓаат на иста хронолошка позиција во периодот од крај на VII, почеток на VI век пр. н.е. Веќе при крајот на VI и првата половина на V век пр. н.е. слични луксузни наоди, меѓу чии форми се среќаваат обетки, прстени, белегзии и колани, ќе се јават во внатрешноста на Балканот, веројатно како импорт од халкидичкото производство и трговија на луксузна роба кога во овој период достигнало најголем подем.14 Не е исклучена можноста дел од овие наоди да се изработени по углед на веќе востановените порани бронзени варијанти од крај на VII, почеток на VI век пр. н.е. на кои припаѓа и нашиот наод, кога во овој период силно е развиено и локалното производство на накит и на други предмети и оружје, познати како пајонски бронзи.15
Опис и типологија на мечот
Мечот има лачно закривено сечило навнатре, од горната страна по целата должина зајакнат со хоризонтално ребро (сл. 4). Дел од врвот и носачот за држалката недостасуваат. На крајниот дел пред почеток на држалката се зачувани две перфорации за нитни преку кои се зацврстувала држалката. Должината на зачуваниот дел од сечилото на нашиот примерок изнесува 50,5 cm, но ако се земат предвид врвот и држалката кои недостасуваат, тогаш овој меч би достигнал должина од 75 - 80 cm. Со оглед на тоа што претставува единствен наод на ова место, cè уште не е јасно дали бил поставен надвор од гробот при погребување на покојникот на кој му припаѓал, или е поставен на оваа позиција при положување на нов покојник во гробната комора, а тој како прилог на претходен покојник бил дислоциран надвор од гробната комора. На идентичен начин се поставени две копја откриени до западната странична плоча од надворешната страна на гробот, кои со сигурност припаѓаат на покојник кој бил погребан во гробот 2. Во собраната скелетна содржина на гробот 3 се откриени три копја, кои заедно со скелетните остатоци биле дислоцирани од гробот 2. На истата некропола две копја од гробот 13 се откриени надвор од гробот, од кои првиот врз покривната плоча, а вториот до страничната плоча, за кои со сигурност е констатирано дека припаѓале на покојник кој претходно бил погребан во гробот а по дислоцирање на неговите скелетни остатоци надвор од гробот биле дислоцирани и копјата.16 Иста е состојбата и со покојникот на кој му припаѓал мечот погребан во гробот 54, што значи дека припаѓа на постар покојник чии скелетни остатоци се дислоцирани од гробната комора заради погребување на нов покојник. Ако го следиме ова правило, можеме да констатираме дека мечот бил поставен во гробот за време на погребувањето на покојникот на кој му припаѓал, во исто време скршен и како таков приложен на покојникот. Практикување на ваквиот обичај укажува на тоа дека, хронолошката позиција на мечот припаѓа на периодот на кој му припаѓаат откриените наоди од истиот гроб. Во гробот не се откриени остеолошки остатоци од покојник и други гробни наоди, но типолошките карактеристики на наодите откриени до западната челна плоча на гробот се датирани со пошироки хронолошки рамки во период од крајот на VIII до почетокот на VI век пр. н.е., што ја поедноставува состојбата околу неговата припадност.
Мечот е скршен на половина и поставен надвор од гробот, состојба во која со сигурност може да констатираме дека бил намерно скршен при погребување во рамките на погребната церемонија на покојникот на кој му припаѓал. Обичајот на деформирање или целосно кршење на оружјето, без оглед на неговата форма, големина или материјал на изработка, се изведувало во ритуал при погребуање на покојникот на кој му припаѓал, кој, како обичај е присутен во повеќе етнокултурни региони, кои речиси ја опфаќаат цела Европа. Овој обичај може да се следи од крајот на бронзеното време, односно преодниот период од бронзено во железно време, кога се откриени првите погребувања на покојници со скршено или деформирано оружје кое го поседувале за време на животот.17 Посебно ќе дојде до израз во текот на раното железно време во првата половина на првиот милениум во Грција, најчесто карактеристичен за гробови на кремирани покојници.18 Во науката често се поставува прашањето за потеклото на обичајот врзан за кршење или онеспособување на оружјето. Првите размислувања околу ова прашање биле дека тоа се кршело или деформирало заради тесниот простор во комората и заземање несоодветно место покрај покојникот. Но по откривањето на cè поголем број гробови на покојници со скршено или деформирано оружје, во прв ред мечевите и копјата, се смета дека тие намерно биле кршени или деформирани, односно дека претставува обичај кој е непосредно врзан за покојникот и неговото заминување во задгробниот живот. Кај кремираните покојници од железното време, преку горење (уништување) на телото, намерно било кршено или деформирано (уништувано) оружјето кое требало да биде положено во гробната комора заедно со кремираните остатоци од покојникот.19 Кај овие погребувања кремацијата се одвивала на местото од погребување на покојникот. Кај гробовите со инхумирани покојници намерно скршеното или деформирано оружје се поставувало во гробот за време на погребување на покојникот. Значењето на овој обичај дека со прекинување на животот на оној кој го поседувал оружјето се прекинувал и „животот“ на оружјето, кое го поседувал за време на животот, се практикувало во повеќе региони на Балканот. По IV век пр. н.е. овој обичај посебно ќе дојде до израз кај Келтите на Трако-гетскиот културен простор со ритуално деформирање и онеспособување на оружјето по смртта на оној кој го поседувал за време на животот, а ќе ја опфати речиси цела Европа.20 Освен нашиот наод, во Македонија засега не се познати обичаи на кршење или онеспособување на оружјето во текот на раното, или полното железно време, кое го опфаќа времето од X - VI век пр. н.е. Во овој период сите досега откриени погребувања се со инхумирани покојници, во кои не се откриени наоди на скршено или деформирано оружје. Веројатно, причината за ваквата состојба не треба да се бара во начинот на третирање на покојникот при погребување, туку едноставно во практикување на обичаите на погребување, кои во ист период различно се манифестираат, јасно одбележувајќи го карактерот на верувањето во задгробниот живот на различни етнокултурни региони на Балканот.
Со оглед на тоа што не е зачувана држалката, не е позната ниту нејзината форма, што укажува на тоа дека може да претставува потешкотија околу неговата поточната типолошка определба. Но, од друга страна, ако се земат предвид типолошките карактеристики само на зачуваното сечило, тогаш може да констатираме дека се работи за редок примерок еднорачен меч со едно сечило, кој се приближува до пораните примероци на типот mahaira. Во основа, изразот mahaira (μάχαιρα) претставува тип на меч определен во повеќе варијанти со различна големина, со едно лачно закривено сечило, кој од Грција се шири во Јужна Франција, Шпанија и низ целиот Балкански Полуостров, со хронолошки интервал што го опфаќа речиси целиот прв милениум пр. н.е.21 Покрај лачно закривеното сечило навнатре или на надвор, карактеристика за повеќето варијанти на овој тип е и краткото аголно превиткување на горниот дел на сечилото по држалката, кај некои примероци зајакнат со хоризонтално ребро, идентично како нашиот примерок. Претежно се познати на Балканот сконцентрирани во различни региони. Откриени се на Трако-гетскиот (Романија) културен простор, датирани во периодот пред првата половина од првиот милениум (VIII век пр. н.е.).22 Нешто подоцна, при крајот на железното време, откриени се на Илирскиот културен простор во Босна и Херцеговина (VI век пр. н.е.) и Словенија (IV век пр. н.е.),23 речиси со истите карактеристики кои ги доближуваат до пораните примероци од Романија.
За првпат се споменуваат во Илијадата, каде што јасно се прави разлика меѓу мечевите со две сечила за бодење и оние со едно закривено сечило наречени mahaira, со што за првпат се утврдува специфичната различност.24 Оттука овој термин, во подоцнежните периоди античките автори ќе го користат како поим за опишување на кривите мечеви со едно сечило, не правејќи разлика со оние за домашна употреба кои се користат за колење на животни. Така, mahaira во науката ќe се инкорпорира како термин за меч со едно закривено сечило, без оглед на формата и периодот во кој ќе биде користен.25 Од нив најпознат е класичниот тип mahaira, кој бил во употреба при крајот на VI - IV век пр. н.е., кога ќе се појават разни варијанти на Балканот и Шпанија, чија должина ќе се движи од 50 - 70 cm. Меѓу нив најпознати се македонската mahaira од типот kopis26 (сл. 8, 1-2) и ибериската falcata27 (сл. 8, 3).
Примероците кои претходат на овие варијанти откриени се на повеќе локалитети во Романија. Се работи за мечеви со едно сечило, закривено на внатрешната страна од кои се откриени повеќе примероци од типот basarabi (сл. 6, 1-6), според локалитетот во кој прв пат се откриени, датирани во VIII век пр. н.е.28 Се сметаат за најрано откриени претставници кои се одвојуваат како посебен тип меч со мало лачно закривување на сечилото и карактеристичен агол поставен меѓу држалката и сечилото, кој му дава дополнителна карактеристика на крајна убоитост при ракување. На крајниот Западен Балкан, на територијата од денешна Босна и Херцеговина, откриени се мечеви (сл. 7, 3) со слични типолошки карактеристики (културна група Доња Долина-Сански Мост) со оние од културниот круг Басараби, датирани во VI век пре. н.е.29 Со нешто подоцнежен датум (IV век пр. н.е.) идентични на Босанските варијанти махајри, откриени се неколку примероци од територијата на Словенија наречени ljubljanica30 (сл. 9, 2). Заедничка типолошка карактеристика на овие варијанти е специфичниот агол што го прави составот на држалката со сечилото, кои се приближуваат до пораните примероци откриени во Романија. Разликата кај овие варијанти е во формата и должината на сечилото. Илирските варијанти имаат потенко а подолго сечило, искривено на надвор (конвексна форма) со триаголен пресек, додека кај басараби варијантите тоа е пошироко а пократко, претежно свиткано на внатре (конкавна форма), со специфично хоризонтално зајакнување на горниот дел од сечилото, чиј пресек наликува на буквата Т. Најголем дел од двете варијанти имаат различен завршеток на држалката, која кај илирските варијанти таа е во вид на трн, додека кај повеќето басараби варијанти таа подолга со нетипичен завршеток во форма на налегната буква Т. Единствен типичен елемент кој типолошки ги приближува двете варијанти е специфичното плочесто зајакнување со јазичеста форма на долниот дел поставен помеѓу сечилото и држалката, а служи како граничник за раката при ракување.
Во периодот од крајот на VIII - VII век пр. н.е., датиран е и мечот откриен на некрополата Куч и Зи во Албанија,31 по формата на сечилото речиси идентичен со нашиот примерок (сл. 7, 1). Има лачно закривено сечило навнатре со триаголен пресек, на горниот крај незначително зајакнат, на кој се надоврзува држалка која завршува со јазичесто свиткана форма која наликува на стилизирана глава со клун од птица, мошне слична на подоцнежните класични типови на mahaira. Во Македонија од овој период потекнува само еден пократок примерок, по формата идентичен на нашиот, откриен на некрополата Вучи Дол кај Волково, датиран во VII век пр. н.е.32 Има лачно закривено сечило со триаголен пресек и држалка во вид на трн (сл. 7, 2).
Во периодот од V - III век пр. н.е. најкарактеристични примероци на mahaira се еднорачните варијанти на скитски мечеви со едно сечило од типот шульговка, (именуван според местото на откривање), претежно сконцентрирани на Северното Црноморие (сл. 9, 1).33 Претставува еднорачен меч со долго лачно закривено сечило кое достигнува должина од 50 - 90 cm, најчесто со триаголен пресек, но не ретко се среќаваат сечила со пресек во форма на буквата Т, со карактеристичниот жлеб за истекување крв. Се смета дека оваа форма се развила под влијание на класичниот македонски kopis и традиционалните скитски форми мечеви со две сечила. Во периодот од IV - I век пр. н.е. mahaira на Балканот ќе еволуира во дворачни мечеви со едно сечило, меѓу кои најпознати се тракиската rhomphaia, која ќе егзистира во периодот од IV - III век пр. н.е.34 (сл. 10, 1) и долгиот дакиски falx (сл. 10, 2),35 кој ќе опстојува во периодот од II пр. н.е. - II век од н.е. Посебно специфични примероци се оние од тракиската rhomphaia, која има тенко, незначително лачно закривено сечило на внатре, со долга држалка која кај некои примероци достигнува должина и до 80 cm, додека заедно со сечилото должината им се движи од 90 - 150 cm. За разлика од нив, долгиот дакиски falx има нешто пократка држалка која може да достигнува должина до 50 cm, додека должината заедно со сечилото се движи од 60 - 120 cm. Подоцнижните варијанти на долгиот дакиски falx ќе се трансформираат во нешто пократок дворачен меч со едно сечило во вид на срп, под влијание на долгите ножеви од типот sica.36
Заклучок
Мечот од Варвара претставува единствен примерок од Македонија кој по типолошките карактеристики се доближува до пораните примероци откриени во Романија. Речиси со истите карактеритики на сечилото, мечот од Варвара се вбројува меѓу пораните примероци од овој тип откриени на Балканот. Иако не е позната формата на држалката, таа во голема мера не би влијаела во одредување на конечната типологијата на мечот. Во крајна мерка, таа морала да биде во форма на три познати облици содржани во формите на веќе познатите типови од овој меч. Во прв ред, мошне јасни предиспозиции за одредување на формата на држалката ни го дава обликот на скршениот крај пред да продолжи во држалка. На овој потег нашиот меч е највисок, а на самиот завршеток на сечилото пред држалката не е нагласена острицата, што, од друга страна, јасно наведува на претпоставка дека на овој потег од острицата е додаден уште еден дел кој го претставува јазичестиот граничник меѓу сечилото и држалката, јасно нагласен кај аналогните примероци откриени во Романија. Ако се земе предвид и позицијата на двата отвори за занитнување на дрвениот дел од држалката, тогаш останува да заклучиме дека дел од дрвениот дел на држалката бил поставен на почетокот од сечилото. Останатиот дел од држалката лесно може да се претпостави во форма која наликува на налегната буква Т, што во основа е аналогна форма на држалките на мечеви од типот басараби (сл. 5, 1). Како втора аналогна варијанта би можела да претставува формата на држалката на мечот од Албанија, која веројатно претставува претходна форма на подоцнежните држалки од класичните типови mahaira. Таа е рамна приспособена на раката, на крајот со јасно нагласен свиткан јазичест граничник со стилизирана глава со клун од птица (сл. 5, 2), со неколку перфорации за поставување на дрвениот дел од држалката. Како трета варијанта можеме да сметаме и на едноставната држалка во вид на трн или евентуално со плочеста правоаголна форма, која е приспособена во некои варијанти од типот basarabi и на најголемиот дел од босанските и подоцнежните варијанти од тип ljubljanica (сл. 5, 3). Во секој случај, без оглед на формата на држалката, нашиот меч по формата на сечилото најмногу се доближува до пораните варијанти на типот basarabi , датирани идентично со нашиот примерок. Но, од друга страна, изненадува појавата на овој меч во Варвара. Сите досега откриени гробови од раното и полното железно време на некрополата во Варвара се со инхумирани покојници, со наоди типични за железното време во Македонија, кои припаѓаат на Пајонскиот културен круг. Од друга страна речиси сите примероци од Романија, Босна и Словенија, откриени се во гробови на кремирани покојници со наоди типични за Трако-гетскиот, односно Илирскиот културен круг. Сепак, присуството на мечот од Варвара би требало да се препише на блиските трговски и културни врски со Грција и Тракија, кои во текот на VIII - VI век ќе бидат силно развиени. Ова е време кога по периодот на нестабилните времиња на доцното бронзено време, на овие простори во текот на раното и полното железно време ќе настапи помирен период, во кој ќе дојде до израз консолидација на трговските врски преку развивање на стопанството, рударството и занаетчијските дејности на целиот Балкан со грчкиот свет.37 Секако, ваквата консолидација на односите ќе резултира со формирање на бројни трговски колонии на целиот Црноморски Брег и во внатрешноста на Балканот, кои ќе бидат основа за формирање и развивање на односите помеѓу различните културни етникуми. Во секој случај, махајрите претставуваат неодминлив белег на времето од кое потекнуваат (сл. 11), кои заедно со мечевите со две сечила и копјата, ќе бидат главно и основно ударно наоружување во текот на целото железно време, па cè до крајот на првиот милениум пр. н.е.
Нашата намера накратко да ја претставиме целокупната генеза на мечевите со едно лачно закривено сечило преку нивните најзначајни претставници се должи токму на блиските географски региони и хронолошки позиции со нашиот наод. Без оглед на различните типолошки елементи во формата на лачно закривените мечеви, основната предиспозиција во текстот е да ги приближиме разните варијанти кои се произлезени од типот со едно сечило, кои најчесто во науката се поистоветуваат со терминот mahaira, но со свои карактеристични типолошки вредности, кои, секоја варијанта ја определуваат во посебна форма, со свои специфични елементи приспособени за ракување. Сепак, досега откриените примероци, кои се мошне редуцирани, фрагментирани или нецелосни, не можат да презентираат доволен број податоци за целосно согледување на елементите содржани во формата. Тоа, во основа, ја ограничува и работата околу нивната целосна типолошка диференцијација во определување на регионалните варијанти, земајќи го тука предвид периодот и во голема мера етносот кој ги прифатил и приспособил во своето наоружување. Еволуцијата на мечевите со mahaira форма ќе се задржи до крајот на IV век пр. н.е., но влијанието во развитокот на одредени варијанти како нејзини деривати преку тракијските и дакијските дворачни долги мечеви со едно сечило, ќе го одбележи и заокружи крајот на првиот милениум пр. н.е. Со својата форма карактеристиките на mahaira мечевите биле сосема прилагодени за ракување постигнувајќи значајни резултати во војувањето. Од друга страна, воопшто нè изненадува нивното присуството во разни региони на Балканот и пошироко, задржувајќи се долго време на историската сцена, кога, по cè изгледа совршено ќе се приспособат во стратегиската тактика на повеќе народи, кои ќе ги вклопат во тогашните современи концепции на војување.
Белешки
- Borangic C., 2009а, 57. ↩
- Parović-Pešikan M., 1982, 25-51. ↩
- Ристов К., 1999, 7-12, сл. 1, 2. ↩
- Резултатите од ископувањата на третата кампања изведени во 2006 година, во кои како прилог на гроб 54 е откриен мечот досега не се публикувани. Со ископувањата раководеше К. Ристов од Музејот на град Скопје. ↩
- Vasić R., 1999, 60-62, Taf. 31, 390, 392, 397-401; Taf. 32, 402-405. ↩
- Gergova D., 1987, 45-46, Taf. 14, 174, 175. ↩
- Vasić R., 1999, 60, Taf. 31, 397. ↩
- Василева М., 1992, 71, сл. 10, 11. ↩
- Vasić R., 1999,74-80, Taf. 40-42. ↩
- Vasić R., 1999,74. ↩
- Gergova D., 1987, 33-34, Taf. 6, 83-84; Taf. 7, 85-88. ↩
- Ристов К., 2020, 126, Сл. 66, 5. ↩
- Mitrevski D., 1987, 32-33, Kat. br. 12-18. ↩
- Mikulčić I., 1966, 44. ↩
- Митревски Д., 1988, 83-102; Митревски Д., 1991, 145-161. ↩
- Ристов К., 2020, 33-34, 39, Сл. 10-11; Сл. 16. ↩
- Lloyd M., 2015, 16-17. ↩
- Lloyd M., 2015, 21-28. ↩
- Lloyd M., 2015, 17-20. ↩
- Mǎndescu D., 2012, 343-356. ↩
- Snodgrass A., 1964, 100, Fig. 6/g, h; Borangic C., 2009a, 48, Pl. I. ↩
- Borangic C., 2009а, 52-55. ↩
- Gaspari A., Mlinar M., 2005, 174-179, Fig. 5, Fig. 6. ↩
- Илијада (Хомер), 1995, III (Г), 271; XVIII (Σ), 597; XIX (T), 252; Borangic C., 2009a, 49-50. ↩
- Miloy B., 2010, 404, Fig 1/3, Fig 2. ↩
- Snodgrass A. M., 1967, 119;Ангеловски Б., 2018, 31-35, Кат. 6-10, Т. IV, 2-3; Т. V, 1-2; Angelovski B., 2018a, 195-201, Fig 1-3; Quesada Sanz F., 1994, 77-88. ↩
- Quesada Sanz F., 1994, 88-90; Gabaldón M., 2003, 1-8. ↩
- Borangic C., 2009а, 48-55, Pl. V, 2-3; VI, 1-3; IX, 2. ↩
- Čović B., 1987, 246, 250-252 Sl. 15/3, Sl. 15/20-21. ↩
- Gaspari A., Mlinar M., 2005, 174-179, Fig. 4/1; Fig. 6/1-5. ↩
- Andrea Z., 1976,172, 186, 198, T. II, 1; Andrea Z., 1985, 221, T. XXIV, 1; T. LXII, 3. Мечот е долг 56 см, откриен е во гроб 9, тумул I. ↩
- Откриен е со истражувања во 1954 година, со должината која изнесува 37,6 cm. Според истражувачот Петра Гоцкова, во сонда C/1954 откриени се три руинирани и еден целосно зачуван гроб, со конструкција циста на инхумирани покојници. Во руинираните гробови откриени се поголем број фрагменти од керамички садови, неколку сочувани керамички садови, керамички пршлени и метални украсени предмети. Во еденствениот сочуван гроб откриени се еден ↩
- Топал Д.А., 2014, 145-150, Рис. 5; Рис. 7; Рис. 10; Shelekhan O., 2016, 418-426, Fig. 1; Fig. 2; Fig. 6. ↩
- Паунов Е., 2005, 374-380. Обр. 1-2.Borangic C., 2010, 1-8, Fig. 1-4. ↩
- Borangic C. 2009, 43-52, Fig. 5, 1; Borangic C., 2016, 253-256. ↩
- Rustoiu A., 2007, 67-73; Borangic C., 2008, 141-155; Borangic C., 2009b, 22-74; Borangic C., 2016, 263-267. ↩
- Vasić R., 1982, 18-21. ↩
Summary
Single-Edged Sword from Varvara
The Przhali necropolis is located about 1 km east of the village of Varvara and about 2.5 km west of the village of Batinci, on the right side of the road leading from Drachevo to Markov Manastir, about 15 km from Skopje (Fig. 1). It was discovered in 1995 during an archaeological survey, conductedafter the Museum of the City of Skopje bought two accidentally discovered fibulae from this site. The necropolis had been excavated in three campaigns,with a total of 75 graves discovered, 35 of which are from the Iron Age (11-6th century BC) and 40 from the Roman period (1-4th century AD).
The sword was discovered in 2006 in addition to grave 54, which is a cist structure built of four stone slabs made of green feldspur. It was discovered outside the cistalong the south side slab, at the level of the floor slab. Skeletal remains of two deceased were discovered next to the west frontal slab of the tomb.Two fibulae with different typological characteristics, a pair of earrings and a fragment of a spring wire (saltaleone) were discovered among the skeletons, dating to a wider chronological frame from the end of 8th - beginning of 6th century BC.
The sword has a slightly arched blade on the inside, and on the upper side it is reinforced with a horizontal ribalong its entire length (Fig. 4). The pommel and the hilt are missing. The length of the preserved part of the blade of our sample is 50.5 cm, but if we take into account the missing pommel and hilt, then this sword would reach a length of 75-80 cm. The sword was broken in half and placed outside the grave, a condition in which we can state with certainty that it was intentionally broken at the funeral, during the ceremony for the deceased to whom it belonged.
According to the typological characteristics of the preserved blade, we can conclude that it is a rare sample of a single-handed sword, which is closer to the earlier versions of the mahaira type. The term mahaira (μάχαιρα) refers basically to a type of sword defined in several variants of different sizes, with a single arched blade, which spreads from Greece to Spain and throughout the Balkan Peninsula, with a chronological interval that covers almost the entire first millennium BC. In addition to the arched blade on the inside or outside, a feature of most variants of this type is the short angular bending of the upper part of the blade under the hilt, in some samples reinforced with a horizontal rib identical to our find. They are mostly known in the Balkans, concentrated in different regions. They were discovered in the Traco-Getic cultural area (Romania), dating to the period before the first half of the first millennium (8th century BC), known as the basarabi type. The sword discovered at the Kuç i Zi necropolis in Albania, dated at the end of the 8thand the beginning of the 7th century, is almost identical to our sample by the shape of the blade (Fig. 7, 1). There is only one other find which comes from Macedonia from this period, discovered at the necropolis of Vuchi Dol near Volkovo. This sample is shorter and dated to the 7th century BC (Fig. 7, 2). Finds of the same type and somewhat laterfrom the end of the Iron Age were discovered in the Illyrian cultural space of Bosnia and Herzegovina (6th century BC) and Slovenia (4th century BC), with almost identical characteristics that bring them closer to the earlier samples from Romania.
Many varieties of the classic mahaira, whose length ranges from 50-70 cm, appeared in the Balkans and Spain at the end of the 6th-4th century BC. The most famous among them are the Macedonian kopis (Fig. 8, 1-2) and the Iberian falcata. In the period from 5th- 3rd century BC, the most characteristic examples of the mahaira are the one-handed variants of Scythian swords with a single-edged blade of the Shuljgovka type. In the period from 4th-1st century BC, the mahaira in the Balkans evolved into a two handed single-edged sword.The most famous are the Thracian rhomphaia which existed in the period from 4th-3rd century BC (Fig. 9, 1) and the Dacian falx (Fig. 9, 2), which existed in the period from 2nd century BC - 2nd century AD.
The sword from Varvara is the only find from Macedonia, which by the typological characteristics of the blade is closer to the earlier samples discovered in Romania. In any case, the mahaira swords are an unavoidable mark of the periodin which they appeared (Fig. 11), and together with the double-edged swords and spears, were the main and basic strike weapon throughout the Iron Age, until the end of the first millennium BC.
Библиографија
- Andrea Z., 1976, Tumat e Kuçit të Zi, Iliria, Nr. 6, Tirane, 165-233.
- Andrea Z., 1985, Kultura Ilire e tumave në pellgun e Korçes, Tirane.
- Borangic C., 2008, Falx Dacica. Suggestion for Dacian curved types of weapons, In: Dacien studies, Contributions for La Tène period researches, in memoriam Dr. Mircea Rusu, Cluj-Napoca, 141-160.
- Borangic C. 2009, Incursiune ȋn arsenalul Armelor curbe Tracice, Falcs Dacica. In: Terra Sebus, I, (Acta Musei Sabesiensis), Sebeş, 43-61.
- Borangic C., 2009а, Incursiune în arsenalul armelor curbe tracice. Mahaira, In: Buletinul Cercurilor Ştiinţifice Studenţeşti 15, Alba Iulia, 47-70.
- Borangic C., 2009b, Sica, Tipologie şi funcţionalitate, Nemus IV, nr. 7-8, 22-74.
- Borangic C., 2010, Incursiune în arsenalul armelor curbe tracice. Rhomphaea, lanceaseceră sau coasa de luptă. In: Identitǎţi culturale locale şi regionale ȋn context European, Studii de arheologie şi antropologie istoricǎ, In memoriam Alexsandri V. Matei. Bibliotheca Musei Porolissensis, XIII, Cluj-Napoca, 1-8.
- Borangic C., 2016, The curved Weapons of the Dacians, Falces Dacorum, Armele ȋncovoiate ale dacilor, Alba Iulia, 250-273.
- Čović B., 1987, Grupa Donja Dolina-Sanski Most, In: Praistorija jugoslovenskih zemalja, tom V, Željezno doba, Sarajevo, 232-286.
- Gabaldón M., 2003, La falcata de Almedinilla (Cordoba). La edad del di hierro. Pieza del mes, Ciclo 2003, Las armas: defensa, prestigio y poder, Madrid, 1-8.
- Gaspari A. - Mlinar M., 2005, Grave with a mahaira from Most na Soči. Last versions of single-edged swords with a bent hilt. Arheološki vestnik, vol. 56, Zagreb, 169-186, Gergova D., 1987, Die Früh - und ältereisenzeitliche Fibeln in Bulgarien, PBF XIV, 7, München.
- Илијада (Хомер), 1995, Превод: М. Д. Петрушевски, Детска Радост, Скопје.
- Lahtov V., 1965, Problem trebeniške culture, Ohrid.
- Lloyd M., 2015, Death of a Swordsman, Death of a Sword: The Killing of Swords in the Early Iron Age Aegean (ca. 1050 TO ca. 690 B.C.E), In: Ancient Warfare: Introducing Current Research, Vol. I. Cambrige Scholards Publishing, G. Lee, H. Whittaker, and G. Wrightson (eds.), Newcastle, 14-31.
- Mǎndescu D., 2012, Killing the Weapons. An Insight on Graves with Destroyed Weapons in Late Iron Age Transylvania. In: Iron Age Rites and Rituals in the Carpathian Basin, Târgu Mureș, 343-356.
- Mano-Zisi Đ., Popović Lj., 1969, Novi Pazar, grčko-ilirski nalaz, Beograd.
- Mikulčić I., 1966, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, Skopje-Beograd.
- Miloy B., 2010, Swords and Swordsmanship in the Aegean Bronze Age, American Journal of Archaeology, Vol. 114, No. 3, Boston, 403-428.
- Митревски Д., 1988, Карактеристични форми на „Македонски бронзи“ од наоѓалишта по долината на Вардар, Macedoniae acta archaeologica 9, Скопје, 83-102.
- Mitrevski D., 1987, Bow fibulae from iron age sites in the Vardar valley, Archaeol. Iugosl. Vol. 24, Ljubljana, 29-42.
- Митревски Д., 1991, Прилог кон вреднувањето на Долновардарската-Пајонска група на железното време, Macedoniae acta archaeologica 12, Скопје, 145-161.
- Паунов Е., 2005, Ромфея: Новооткрит Тракийски меч от западните Родопи, in: Heros Hephaistos, Studia in honorem Liubae Ognenova-Marinova, Велико Търново, 374-380.
- Parović-Pešikan M. 1982, Grčka mahajra i problem krivih mačeva, Godišnjak XX, Centar za balkanološka ispitivanja, knj. 18, Sarajevo, 25-51.
- Ристов К., 1993, Сува Река - Гевгелија, 1988 - 1990, Macedoniae acta archaeologica 13, Скопје, 97-112.
- Ристов К. 1999, Нови праисториски наоди од Скопско, Културно Наследство 24- 25/1997-98, Скопје, 7-19.
- Ристов К., 2020, Железно време во скопскиот регион - преку наодите од некрополите во Варвара и Орешани, Скопје.
- Rustoiu A., 2007, Thracian sica and Dacian falx. The history of a national weapon. In: Dacia Felix. Studia Michaeli Bǎrbulescu oblata, Cluj-Napoca, 67-82.
- Vasić R., 1982, Prilog proučavanju grčkog oružja u Jugoslaviji, Godišnjak XX, Centar za balkanološka ispitivanja, knj. 18, Sarajevo, 5-24.
- Vasić R., 1999, Die Fibeln im Zentralbalkan (Vojvodina, Serbien, Kosovo und Makedonien), PBF XIV 12, Stuttgart.
- Василева М., 1992, Некрополата од железно време кај Рапеш, Macedoniae acta archaeologica 13, Скопје, 69-80.
- Shelekhan O., 2016, Single-edged sword from Scytian barrow near Myrne village in steppe Ukraine, Folia Praehistorica Posnaniensia T. XXI - 2016 Poznań, 415- 435.
- Snodgrass A., 1964, Early Greek Armour and Weapons, Edinburgh.
- Snodgrass A., 1967, Arms and Armour of the Greeks, London.
- Quesada Sanz F., 1994, Máchaira, kopís, falcata. In: Homenaje a F. Torrent, Madrid, 75-94.
- Топал Д. А., 2014, Финальная линия и развития мечей классической Скифии. Соотношение типов Чертомльік и Шульговка, Stratum plus, No 3, Археология и культурная антропология, Кишинев, 129-156.
- Зотовић М., 1969, Илирски гробни налаз из Годљева, Зборник радова Народног музеја, V, Београд, 153-168.