Macedoniae acta archaeologica 23 (2021) · стр. 205–230
Населба од раното железно време на локалитетот Градиште, село Пелинце - Кумановско
Содржина
Вовед
Турбулентните превирања кон крајот на бронзеното време и делумно во периодот на транзиција условиле одредени специфики во изборот на новите позиции за формирање на населбите. Тие условиле формирање утврдени населби кои имаат свои одредени причини за нивното создавање, време на егзистирање и развој. Голем број од нив се еднослојни (но не е исклучиво правило), што сосема јасно ги отсликува немирните времиња на нивното егзистирање.
При поставување на населбата населението обрнувало внимание на неколку основни елементи, една од нив е конфигурацијата на теренот. Така, за позиционирање на населбата барале висок рид кој требало да обезбеди соодветна заштита и одбрана, со визуелна прегледност на теренот, што секако било предуслов за сигурен и мирен живот. Најчесто населбата поставена на ваква позиција била природно заштитена од три страни и мошне лесно се одбранувала со поставување на одбранбени ѕидови. Населбите била поставувани во непосредна близина на некоја патна комуникација, покрај некоја река, во средина која е опкружена со природни ресурси како земјиште, вода за пиење или, пак, рудни богатства. Овие елементи биле од особено значење за издигање на населбите од овој карактер, како од бронзеното така и од железното време во Македонија, но и во соседните региони и пошироко на Балканот.1 Обликот на населбата дирекно зависи од местото каде е поставена населбата.
За утврдување и заштита на населбите се користи вообичаен метод за изградба на одбранбените ѕидови - бедеми. Овие одбранбени ѕидови биле градени од кршен или речен камен врзани со земја во техника на „сувоѕид“. Овој начин на ѕидање бил предвесник на полигоналното ѕидарство кое ќе се појави во Грција и Анадолија во V и IV век пр. н.е.2 Остатоци од одбанбени ѕидови се откриени речиси кај сите неселби од Долното Повардарје. Вакво обѕидување со бедеми, кои најчесто го опфаќале акрополот на населбата, следејќи ја природната конфигурација на теренот, среќаваме речиси кај сите предисториски утврдени населби откриени на Балканот и пошироко.3
Процентуално гледано, најголем број населби изградени на високи доминантни и стратешки позиции во Кумановскиот Регион настанале во текот на железното време. Таква е населбата на локалитетот Градиште, с. Пелинце, каде се констатирани три хоризонти на живеење (во раното бронзено време, раното железно време и раната антика). Масовна појава на овој тип населби во овој регион ќе се случи во полното железно време, т.е. VII - VI век пр. н.е., кога овој тип населби биле подигани на доминантни позиции од 400 - 500 m, а поретко на повисоки и тешко пристапни планински предели.
Населбите од раното железно време (а и периодот кој следи) во Кумановскиот Регион претставуваат природно добро заштитени и зарамнети површини во близина на реките, т.е. главните и значајни сообраќајници. Се работи за стратешки поволни позиции со добра визуелна котрола и комуникација со околината и другите населби од овој тип. Секогаш кога го правеле изборот на теренот било со што помалку материјал и работа, подобро да се обезбеди населбата. При изградбата на фортификација на населбата особено било обрнувано внимание на најзагрозениот дел од населбата, кога, во зависност од конфигурацијата на теренот, граделе маркантен насип или лимитни тумули4 (како што е случајот на Градиште - Пелинце, Калиште - Клечовице и др.).
Местоположба и историјат на истражувањата
Локалитетот се наоѓа 18 km североисточно од Куманово, десно од патот по кој долината на реката Пчињата ја поврзува Кумановската Област со соседната Врањанска Област, познат како најсеверно регистриран локалитет во Македонија. Населбата е формирана на последните ограноци од планината Козјак, во близина на местото каде реката Бистрица се влева во Пчиња (сл. 1). Бил лоциран на доминантна позиција, на ридот познат како Градиште, чие плато се издигнува 80 m над нивото на реката Пчиња. За првпат овој локалитет бил споменат во 1976 год. при изработка на Археолошката карта на Република Македонија, кога бил утврден и хронолошки и културно.5
Во 1989 год. биле изведени мали сондажни археолошките истражувања започнале со цел да се утврди вертикалната и хоризонталната стратиграфија на населбата, како и да се направи најзина хронолошка и културна определба.6
Пелинското Градиште претставува еден мошне интересен пример на фортифицирана населба, поставена на природно зарамнето плато со должина од околу 170 m и ширина од 115 m (план 1). Платото има изразени коси страни на чии рабови се протега широк насип со висина која постепено се зголемува кон источната страна, направен од материјал добиен од седлото во подножјето. На тој начин бил формиран одбранбен ров со должина над 50 m и ширина од околу 40 m. Слична интервенција била направена и на југозападната страна, но на помал ров, а наместо насип бил формиран одбранбен тумул. Се работи за самостоен објект кој е налик на одбранбена кула, формиран на испакнатиот дел на сртот, но cè уште не е јасна неговата функција, т.е. дали тој имал одбранбена или, пак, има некоја друга улога.7 Една од нив е рационално и практично решение за фортифицирање на овој дел од теренот, притоа, спојувајќи го јужниот и западниот насип. Најинтензивен живот на Градиштето се одвивал во текот на железното време, кога населбата го добила својот конечен изглед.
Истражувањата во последините десетина години, генерално, беа од сондажен карактер, така што засега имаме слика за стратиграфијата на платото работно наречено Акропол, но и за културните слоеви во рамките на Градиштето генерално. Со последните истражувања во периодот меѓу 2011 - 2014 год. целта беше да се потврди стратиграфската слика на северната тераса на Акрополот и да се одреди карактерот на населбите.8 Стратиграфската слика добиена со истражувањата потврди четири хоризонти на живеење, од кои, најстариот се поврзува со раното бронзено време, вториот со раното железно време, третиот со крајот на железното време и раната антика, и последниот, најмладиот, со интервенции во римско време.9
Нашиот интерес се задржува на вториот хоризонт со раниот железновременски материјал датиран во периодот меѓу X - IX век пр. н.е. На истражениот простор во рамките на вториот хоризонт на живеење беше констатиран еден културен слој во кој се открија остатоци од архитектура на две куќи за живеење, работно означени како куќи 2 и 3 (план 2). Резултатите кои се презентирани во овој труд се добиени со истражувањата во периодот од 2011 - 2014 год.
Архитектонски елементи кај објектите за живеење
Тоа што ја претставува архитектурата од вториот културен хоризонт на локалитетот Пелинце е секако куќата 2, која е истражена речиси во целост (план 2).10 Таа е од типот полуземјанка, поставена во правец запад - исток со отворен трем на југозападната страна. Најпрво, за да биде поставена куќата, била направена вештачка нивелација на теренот со жолта глина помешана со дробена карпа, во која потоа биле вкопани ѕидовите од куќата 2 во длабочина од околу 20 - 30 cm на североисточната страна. Основата на куќата била со елипсовидна форма, каде ѕидовите во долните партии биле направени од камења и камени плочи, на делови поставени вертикално во вкопувањето, а на некои делови наредени во техника на сувоѕид во 2-3 реда облепени со глина која била фино измазнета. Горните партии на ѕидовите биле направени од дрвени греди облепени со плетар кои носеле лесна покривна конструкција направена од трска и слама (T.I), што било потврдено со остатоците од пепел и нагорени греди на подното ниво. Подното ниво било направено од набиена жолта глина, на некои места помешана со ситна дробена карпа. На јужната страна куќата била уништена со помлади вкопувања од најмладиот хоризонт. На западната страна куќата имала отворен трем или предворје на куќата 2, кој бил направен од фрагменти од големи складишни садови - питоси, како едно поплочување (сл. 2, план 2). Од инвентарот во куќата се среќаваат два питоси, огниште и разбој (сл.3, план 2).
Северно од куќата 2 била поставена куќата 3 која е делумно истражена (сл. 4, план 3). Се работи за иста надземна архитектура како и куќата 2, двете меѓу себе одвоени со мал коридор направен од дробена карпа во ширина околу 1,30 m (план 2). Од инвентарот во куќата 3 било откриено едно огниште кое било сместено под отворен трем кој кореспондира со коридорот. Ограниченоста во ископувањата ни овозможија делумни податоци за куќата 3.
Куќен инвентар
Што се однесува до куќниот инвентар во објектите за живеење откриени во населбинските слоеви на локалитетите од раното железно време, речиси кај сите досега истражувани примери среќаваме унифицирана содржина. Во секоја куќа се наоѓа по едно огниште со кружна или овална форма кое било поставено во дел од куќата каде следел отворен трем. Во просторот околу огништето бил организиран секојдневниот живот. Бројната кујнска керамика, како и складишни садови укажуваат на карактерот на куќите каде, главно, се одвивале секојдневните обврски на семејството, како готвење, шиење, ткаење и слично. Убав податок за ткаењето имаме од куќата 2 на населбата во Пелинце (сл. 5, план 2, 3).
Посебно интересна за истакнување е конструкцијата во рамките на куќата 2 од Пелинце која била користена како платформа на која функционирало огништето (сл. 6, план 2). Основата на огништето е кружна со дијаметар од 1,10 m направена од наредени мазни камења на која биле положувани садовите за готвење, огнишни садови - пуранои (биле откриени вкупно три вакви сада, кои се во фаза на конзервација, сл. 7, 8). Врз камената основа констатиравме остатоци од голем слој пепел, но и делови на конструкција направена од плитар за која не може точно да се определи нејзината функција. Северозападно од огништето била поставена уште една конструкција од камен и плетар која го заградува огништето и најверојатно е дел од него. Југозападно од огништето била поставена една платформа со правоаголна форма, направена од набиена и запечена глина, убаво измазнета (димензии 0,60 х 0,30 m), а која била користена како црепна за печење на леб (сл. 6, план 2). Во рамките на куќата 3 од истата населба на Пелинце било откриено огниште со елипсовидна форма (план 3), со јама за колец од неговата југозападна страна кој ја носел покривната конструкција на отворениот трем. Било направено со супструкција од ситен речен камен, премачкано со глина која била убаво измазнета, набиена и запечена, оградено со поголеми камења.
Она што го одбележува карактерот на куќите секако се складишните садови амфори и питоси во кои се складирала храната. Во населбата на Пелинце, во рамките на куќата 2, биле откриени два питоси вкопани во подното ниво и покриени со по еден плочест и кружен камен (сл. 2, 9, план 2). Во едниот питос беше зачувана неговата содржина која се состоеше од јагленисана житарка.11 Во непосредна близина на еден од питосите (лоциран во источниот дел од куќата) беше откриена и една камена мелница (сл. 10) и една црпалка за жито (сл. 11, план 2,3). Начинот на складирање храна во питоси, но и во помали јами е потврдено и во други населби од раното железно време како што е населбата во Лисиче.12
Тоа што предизвика посебен интерес во содржината на куќниот инветар на куќата 2 од населбата на Пелинце е разбојот откриен веднаш покрај северниот ѕид на куќата. Се работи за вертикален разбој со мали димензии составен од 11 тега и со макареста форма кој најверојатно стоел потпрен на ѕидот (сл. 5, план 2, 3).
Оваа констатација е изведена поради тоа што во подното ниво не биле откриени јами за колци кои би укажеле дека разбојот бил вкопан во подното ниво. Заедно со теговите била откриена една алатка направена од коска (сл. 12), налик на спатула која била употребувана во процесот на ткаење, за набивање на преѓата, и една железна алатка која наликува на двојна секира (но направена само едната половина) која веројатно има некаква функција во служба на разбојот, можеби за сечење преѓа или кожа (сл. 13). Сите овие податоци мошне експлицитно зборуваат за секојдневниот живот на заедницата.
Организација на населбата
Досегашните скромни истражувања на населбите од раното железно време, освен за начинот на градење на куќите, поставеноста на населбите, и делумно за животот на заедницата немаме многу податоци за организацијата на самата населба. Она што би можеле да го заклучиме од досега изложеното се следните заклучоци.
Населбите во најраните фази на раното железно време биле организирани во мали заедници, каде објектите за живеење биле од типот полуземјанки, како што е случајот со Вардарски Рид слојот 14 од ВР III13 или куќата 2 во Пелинце која делумно била вкопана. Нивната организација не ни е засега позната во согласност со краткротрајните ископувања кои, генерално, беа од сондажен карактер. Тоа што е заедничко за сите е секако нивното фундирање во претходно добро определен простор за градење куќи, добро изолиран и нивелиран со дебел слој од земја, глина и дробена карпа, кој секако имал и функција за постигнување на подобра изолација. Во другите фази на раното железно време архитектурата е надземна, со лесна конструкција, освен основите на ѕидовите кои биле добро фундирани.
Односот на куќите 2 и 3 во Пелинце ни даваат добри податоци за организацијата на куќите во рамките на населбата (план 2). Како што споменавме претходно, просторот источно од куќата 2 укажува на еден коридор, односно празен простор меѓу двете куќи преку кој кореспондираат меѓу себе. Организацијата на куќите е направена така што и двете имаат отворени тремови кон југозапад, северната страна е делумно вкопана, скалесто се поставени со висинска разлика од околу 40 - 50 cm. Куќата 2 е пониска од куќата 3, а и двете имаат елипсовидна основа. Иако означена како куќа 3, најверојатно се работи за дел од еден поголем комплекс заедно со куќата 2, и претставува нејзин придружен простор на централната просторија, која има димензии околу 7 m должина заедно со тремот и 3 m ширина. Ваква организација на куќите среќаваме на повеќе наоѓалишта во Северна Грција, како Скала Оропу, Кастанас и др.,14 каде во рамките на еден поголем комплекс за живеење се одвојуваат повеќе простории со елипсовидна форма. Датирањето на слоевите во Скала Оропу, а и во Кастанас укажува дека вакви комплекси биле формирани во слоевите кои се датирани во протогеометрискиот и геометрискиот период (односно од Х - VII век пр. н.е.). Во согласност со досегашните истражувања, поставеноста на овие две простории и начинот на кои тие се поврзани укажуваат на податокот дека и во случајот на Пелинце организацијата во рамките на населбата зборува дека била направена од неколку поголеми комплекси за живеење, а ние досега имаме истражено само дел од еден ваков комплекс.
Керамика - типолошка и хронолошка обработка
Во основа, керамиката во раното железно време cè уште ги одржувала старите форми од бронзеното време на кои биле додадени одредени типолошки модификации и нови декоративни елементи кои ќе го карактеризираат новото време. Влијанието на керамографијата од преодниот период било различно застапено во различни региони. Тоа зависело од бранот на т.н. Големи егејски преселби кои во регионот на Повардарјето биле поизразени. Резултат на тоа било подолгата и поголема стагнација во културниот развој со многу евидентни елементи од север во материјалната култура и исчезнување на развиената мат сликана керамика од доцното бронзено време.15
Керамиката откриена во вториот хоризонт на Градиште, Пелинце, главно, е монохромна кујнска и трпезна керамика.
Монохромна керамика
Локалната монохромна керамика застапена во вториот културен хоризонт од раното железно време е претставена со неколку форми садови кои потекнуваат од бронзеното време. Оваа керамика е изработена од квалитетна, недоволно добро прочистена глина со примеси на песок и мика, со мазнета површина и неквалитетно печење, што придонесува да има порозна фактура. Монохромната керамика е рачно изработена со утилитарна функција. Доминантни форми се бокалите со косо засечена задна страна на вратот, чаши со една и две рачки (кантатроси), грниња, чинии и длабоки здели, амфори и питоси, класифицирани во три групи зависно од намената: кујнска - огнишна, трпезна и складишна керамика.
Кујнска - огнишна керамика
Кујнската керамика откриена во населбинските слоеви на Пелинце е рачно изработена од непрочистена глина со примеси на песок и мика со порозна фактура. Површината на садовите понекогаш била мазнета рачно додека биле изработувани садовите и секогаш исчадена и нагорена од непосредниот контакт со огнот. Во оваа група спаѓаат садови со едноставни форми кои служат за приготвување храна, како грниња и огнишни садови - пуранои. Во зависност од начинот на кои се приготвувала храната и начинот на формирање и градење на огништа, зависи и присуството на грниња или пуранои. Тоа било потврдено и во лесно запаливите колиби од слојот 9 и 10 на Кастанас (1000 - 900 год. пр. н.е.)16 кои се одликувале со бројни отворени огништа и мало присуство на пуранои, што соодветствува со слоевите 14 - 13 од Вардарски Рид - населбата III17.
Грнињата се една од честите форми од кујнската керамика кои се пронаоѓаат во населбинските слоеви, па така, и во Пелинце, но нивната застапеност е значително помала во однос на пураноите во согласност со типот на отворени огништа кои ги среќаме во куќите 2 и 3. Најзастапени се грниња со топчеста форма на телото со варијанти во однос на вратот и работ на устието, и присуството односно отсуството на рачките. Генерално, имаат масивна и порозна фактура направени од непрочистена глина. Овој тип грниња своето потекло го имаат уште од раното бронзено време, а на Кастанас биле прецизно стратиграфски определени во периодот од 1100 - 700 год. пр. н.е.18 На овој тип припаѓаат и грнињата од пораните истражувања на Пелинце (од ископувањето во 2000 година, Т.II.1) кои според аналогиите на такви грниња од Кастанас се датираат околу 900 год. пр. н.е.19
Огнишни садови - пуранои
Терминот пуранои бил пренесен од античката литература во една студија од J. Banner, каде прави истражување за значењето на поимот кој потекнува од изворите во IV век пр. н.е. во комедиите на Аристофан и Алексис.20 Овој термин во археологијата прв го воведува А. Konze, како сад за носење на јаглен,21 a Bona I. ги нарекол „подвижни огнени печки“.22 Сите зачувани примероци на пуранои откриени на локалитетите по долината на реката Вардар имаат рамно и затворено дно, што е карактеристика за железното време, заклучувајќи според примероците од Кастанас.23
Што се однесува до огнишните садови - пуранои на населбата во Пелинце, може да заклучиме дека нивната употреба била далеку поголема во однос на грнињата. Оваа констатација се потврдува и со начинот на градење на огништа. Биле откриени три целосни пуранои (кои се во фаза на конзервација, сл. 8) и бројни фрагменти како инвентар на куќа 2 (Т.II.2). Овие садови најчесто биле декорирани со пластични ребра декорирани со втиснувања со прсти и засеци со инструмент, налик на плетенки или брановидни линии. На Кастанас употребата на пураноите е истотака масовна, а типот кој го среќаваме на Пелинце одговара на типовите 3 и 2 на Кастанас. Овие типови исто така имаат широк дијапазон на употреба и се среќаваат во слоевите 14b - 5, односно нивната датација е во периодот меѓу 1250 - 700 година пр. н.е.24
Трпезна керамика
Во оваа група керамика спаѓаат садови во кои била сервирана храна или, пак, се чувала вода на трпезата, како што се чаши, кантароси, чинии и бокали. Оваа керамика била направена од далеку попрочистена глина од кујнската керамика, со поквалитетно печење, најчесто со мазнета површина на садот, како и збогатена со декорирање со различни видови декорирање.
Чаши
Откриени се повеќе фрагменти од чаши од локалитетите Пелинце (сл.11 и 11а), со полусферична форма од типот 1b од Кастанас, кои имаат масовна употреба од слојот 15 до слојот 6.25
Во оваа група керамика влегуваат и чашите со отворен раб на устието и една држалка кои имаат функција на црпалки за жито. Од овој тип во инвентарот на куќата 2 на Градиште, с. Пелинце, среќаваме две чаши со полусферично тело, заоблено дно и рачка со лентест пресек (сл. 11 и 11а, план 2, 3). Биле откриени во северисточниот дел на куќата 2, односно едната чаша во непосредна близина на разбојот, а другата до питосот. Овој тип чаши имаат широка употреба во подолг временски период. Така, на Кастанас се среќаваат во слоевите од 19 - 9 и одговараат на типот 1с со најмасовна употреба во слојот 14, нивната датација се движи меѓу (1600 - 900 год. пр. н.е.).26
Кантароси
Меѓу сите форми кантаросот е една од омилените и најзастапените во раното железно време, но на населбата Пелинце немаме одтатоци од оваа форма или, пак, се нетипични примероции кои можат да се детерминираат и како чаши. Најчесто, тоа се рачки и делови од стомакот (Т.III.1). Генерално, тоа е монохромна керамика со добра фактура, квалитетно печена, како кај чашите.
Чинии
Чиниите како форма се јавуваат уште во бронзеното време, но во железното време станува една од омилените форми, со масовна утилитарна употреба. Во раното железно време cè уште имаме редуцирана употреба на чиниите што се однесува до типовите и нејзините варијанти, за разлика од нивната употреба во полното железно време.
Тоа што го среќаваме како типови чинии на Пелинце припаѓа на типот длабоки здели од кои разликуваме три варијанти: со вовлечен раб на устието и биконично тело (Т.IV.1), со профилиран раб на устието и полусферично тело (Т. IV.2)и конични чинии со рамен раб на телото (Т.IV.3). Првата варијанта може да биде застапена со хоризонтално поставени рачки или без рачки, најчесто декорирани со шнур декорација на работ на устието и рамото на садот. Оваа варијанта одговара на типот 2с2 од Кастанас застапена во слоевите од 13 - 6 (1190 - 750 год. пр. н.е.).27 Втората варијанта најчесто е од типот на канелирана керамика со коси канелури на работ на устието т.н. turban dish, честопати комбинирани и со шнур декорација. На Кастанас канелираните чинии се застапени во слоевите од 12 - 5, односно се датираат во периодот меѓу 1050 - 700 год. пр. н.е.28 Третата варијанта конични чинии има далеку почеста употреба со широк хронолошки дијапазон, најчесто без никаква декорација. На Кастанас се среќава во слоевите од 13 - 4 и одговара на типот 1b, а датацијата е од 1190 - 700 год. пр. н.е.29 На локалитетите од железното време на територијата од Македонија оваа варијанта има широка и масовна употреба до крајот на железното време, односно до крајот на VI век пр. н.е.
Бокали
Иако бокалот е една од најомилените форми во железното време, сепак неговата застапеност во раното железно време е доста ограничена и не е така масовна (што можеби е само заклучок кој се изведува поради недоволната истраженост). Откриените бокали од раното железно време се од типот бокали со косо засечен дел на вратот, најчесто со топчесто тело (Т.III.2).
Интересен е примерокот на бокал со косо засечена задна страна на вратот од Пелинце откриен во слојот од раното железно време.30 Направен е од прочистена глина со мика и песок, со црвено невоедначено печење и силно полирана површина на садот. Декорацијата на садот била изведена во комбинација со псевдо шнур канелинеарни мотиви во горниот дел од садот, како и канелирање коси канелури во најширокиот дел на стомакот. Датацијата на оваа форма е во периодот меѓу X - VIII век пр. н.е. во согласност со аналогии на такви бокали откриени на некрополата Вергина.31 Фрагменти од овој тип бокал се откриени и со истражувањата во периодот меѓу 2011 и 2014 год. (Т.III.2).
Складишна керамика
Ова се садови со големи димензии, честопати биле вкопани во подното ниво, во кои била складирана зрнеста храна, претставени со два типа на: питоси и складишни садови - ќупови, како и помали складишни садови со амфоровидна форма.
Амфоровидни садови
Покрај големите садови, во инвентарот од куќата 2 на населбата Пелинце среќаваме садови со помали димензии (со висина околу 0,40 - 0,50 m) кои имаат амфоровидна форма на телото, со широк хоризонтално или косо извлечен раб на устието, висок врат, биконично тело и рамно дно, и со две или три хоризонтално поставени рачки (Т.III.3). Овие садови биле користење за чување течности. Нивната декорација била изведувана со шнур или канелирање на стомакот. Оваа форма има потекло од урните од преодниот период, но во раното железно време добиваат поголеми димензии и нивна масовна употреба во раното железно време од Х, па cè до VIII век пр. н.е. кога ќе исчезнат од употреба. Оваа форма наликува на тродимензионална форма амфори од Кастанас кои се среќаваат во слоевите 14b - 12, а која ќе продолжи да живее и во слоевите 11 - 2 (1000 - 400 год. пр. н.е.) со големи промени во однос на поставеноста и присуството на рачките, а и на декорацијата.32 Така, декорацијата како шнур и канелирање на примероците од Пелинце не можеле да се појават пред Х век пр. н.е.
Питоси
Двата питоси од куќата 2 од Пелинце имаат вретенаста форма со чепасто дно, со широко извлечен отворен раб на устието (сл. 9). Според формата на дното, овој тип питоси во Кастанас одговара на типот В кој се среќава во слоевите од 13 - 6 (1190 - 750 год. пр. н.е.).33 На овој тип питоси припаѓа и питосот од куќата од населбата Лисиче.
Декоративни елементи кај керамиката
Декорација со врежување
Декорирањето на керамиката со врежување се појавува во преодниот период од бронзено во железно време, но неговото присуство во керамичката продукција на железното време за мал процент била намалена и повторно во полното железно време да доживее масовен процут. Овој начин на декорирање бил познат и препознатлив за заедниците од Централниот Балкан, односно источно Косово и Поморавјето. Оваа техника ја среќаваме на локалитетот Пелинце, во хоризонтот од раното железно време (Т.III.2), каде многу често се наоѓа во комбинација со техника на „псевдо шнур“ или канелирање. Најчесто тоа се линеарни мотиви, или пак геометриски со шрафирани триаголници (Т.III.3). Оваа техника добива помасовна употреба некаде од средината на VIII век пр. н.е., така што ќе стане омилена во следните века, т.е. во полното железно време.
Керамика декорирана со псевдо шнур техника
Декорацијата со втиснување на врпца, позната како шнур декорација, се појавува уште во доцното бронзено време. Оваа техника има северно потекло и е добро позната и честа во керамичката продукција на населението од Централниот Балкан. Од Х век пр. н.е. има извесни измени во изведување на оваа техника. Тоа се однесува во однос на инструментот. Декорацијата се изведува со глинена алатка со овална форма, со еден сплеснат дел кој бил назабен. Со оваа алатка се изведувала декорацијата која во суштина ја имитира шнур декорацијата, но била далеку поедноставна и лесна за изведување. На локалитетот Пелинце пронајдени се две алатки за изведување на оваа декорација (сл. 15, 16). Мотивите кои се изведувале со оваа техника најчесто се линеарни, хоризонтални, вертикални и коси линии, честопати наредени во сноп или, пак, геометриски мотиви (Т.V). Честопати оваа декорација била комбинирана со друга техника, како канелирање, или врежување. Употребата на оваа декорација во керамичката продукција во Македонија укажува на податокот дека најзината употреба била во периодот од крајот на Х век пр. н.е., па cè до почетокот на VII век пр. н.е. Масовната употреба на оваа декорација била во северните региони на нашата земја, и тоа на локалитетите како Пелинце, Варвара и др.
Керамика декорирана со канелирање
Канелирањето, исто како и врежувањето, претставува техника препознатлива за областите северно од реката Вардар, поточно, Централен Балкан. Нејзината појава се врзува со доцното бронзено време и преодниот период од брозено во железно време, односно во втората половина на XI век пр. н.е. Оваа керамика се истакнува од останатата според посебниот квалитет во изработка и печење на керамиката. Декорација со канелирање се карактеризира со најмасовна употреба кај чиниите, каде се развиваат дури и посебни варијанти чинии, како turban disch или чинии со фасетиран раб на устието (Т.V). Секако, масовната употреба на декорирање со канелирање ќе следи во полното железно време. Форми на садови кои биле декорирани со канелирање се: чинии со вовлечен раб на устието, садовите на нога, кантароси, а поретко бокали. Стилот на украсување, како и квалитетот на глината на разработува Хертли, при што била различна и длабочината на изведување на канелурите. Најстара појава на канелирана керамика во Кастанас среќаваме во слојот 13, кога оваа керамика била само еден мал дел од севкупната рачно работена керамика, па cè до слојот 6, односно слојот 534 (1190 - 700 год. пр. н.е.). Керамиката декорирана со канелирање ќе стане една од најекспонираните техники за декорирање во железното време која ќе излезе од употреба дури на крајот на VI век пр. н.е. Меѓу канелираната керамика од раното железно време доминираат чиниите и кантаросите.
Канелираната керамика во Пелинце се карактеризира со добро прочистена глина, квалитетно печење и полирана површина. Во основа, тоа е фрагментирана керамика која не би можеле подетално да ја анализираме (Т. Т.V).
Керамика декорирана со пластични орнаменти
Овој вид декорација најчесто бил употребуван за декорирање на керамиката со груба фактура и поголеми димензии, како: грниња, пуранои, питоси, ќупови и др. Нејзиното потекло е од бронзеното време, кое речиси без промени се употребува и низ целото железно време. Декорацијата се состои од пластични ленти декорирани со втиснување со прсти или врежување со инструмент и наликува на плетенка. Со овој вид декорација, генерално, била декорирана кујнската, а понекогаш и складишната керамика (Т.V).
Предмети изработени од железо
Тоа што заслужува посебно внимание во материјалната култура на раното железно време е појавата на предмети изработени од железо. Иако во изработката на метални предмети, како накит или оружје, доминантна улога игра бронзата, сепак во периодот на транзицијата почнале да се појавуваат одредени предмети кои биле изработени со новиот метал, кој ќе го означи новото време. Употребата на железото била евидентна во изработката на оружје, а поретко кај утилитарните предмети.
Во рамките на инвентарот на куќата 2 од населбата на Пелинце била откриена една алатка изработена од железо која наликува на двојна секира (сл. 13) од која е зачувана само едната половина. Оваа алатка има триаголан пресек и остар врв. Ваквата нејзина форма, заедно со нејзиното место на наоѓање, под остатоците од разбојот укажува на можноста дека нејзината функција е во врска со разбојот, односно дека наликува на сечило со кое веројатно се сечела преѓата или се сечела кожа. Според нејзините типолошки и хронолошки анализи може да констатираме дека била во употреба во Х - IX век пр. н.е.35
Орадија
А. Предмети од глина
Тоа што предизвика посебно внимание меѓу инвентарот на куќата 2 во населбата на Пелинце беше откриената алатка за декорирање на керамика. Оваа алатка има заоблена елипсовидна форма со зашилен еден крај на кој биле засечен врвот. Таа се употребувала за изведување декорација која наликува на имитација на псевдо шнур (сл. 14, 15).
Б. Предмети од камен
Камените предмети се релативно слабо застапени. Откриени се три типа предмети, и тоа: острачи, мелниции алатки - секири.
Острачи
Во рамките на населбинските слоеви од раното железно време се среќаваат острачи направен од камен со правоаголна форма. Ваков тип на острач е откриен меѓу инвентарот од куќата 2 во Пелинце (сл. 16). Аналогии наоѓаме со ист таков примерок од слој 14 во третата населба на локалитетот Вардарски Рид.36
Мелници
Мелниците имаат унифицирана форма, овална со мазна површина. Откриени се неколку примероци во населбинските слоеви на раните железновременски населби. Така, во непосредна близина на питосот во североисточниот агол на куќата 2 во Пелинце била откриена една камена мелница (сл. 10).
В. Предмети од коска
Веднаш покрај остатоците од разбојот во куќата 2 од Пелинце откривме една алатка налик на поширока спатула со заоблено тело и заоблени врвови (сл. 12). Оваа алатка најверојатно била во служба на разбојот, и тоа најверојатно за раздвојување на преѓата и нејзино набивање. Овој тип алатка нема прецизна датација.
Утилитарни предмети
Тегови - разбој
Концентрацијата на тегови во населбинските слоеви од раното железно време е голема, меѓу кои, најдоминантни се теговите со макареста форма, потоа поретко со кружна форма кои биле направени од глина или од керамика која не била веќе во употреба или пирамидални (T.VI.1),37 како и прешлени за вретена најчесто со биконична форма (T.VI.2). Неретко прешлените за вретено биле декорирани со линеарни и геометриски мотиви изведени со врежување. На северниот ѕид од куќата 2 била откриена една групација од 11 керамички тегови со макареста форма кои биле дел од вертикален разбој (сл.5). Таков вертикален разбој, но направен од пирамидални тегови, бил откриен во собата 10 на локалитетот Тумба - Асирос во фазата 2 (со апсолутна хронологија од 1070 - 1020 год. пр. н.е.).38
Заклучок
Раното железно време во Македонија во основа се темели на локалната традиција од доцното бронзено време која била силно манифестирана како доминантна културна група во регионот на Повардарјето (група Уланци - повардарската). Наспроти влијанијата од бронзеновременската традиција и југот, во основата при формирањето на раното железно време секако биле вклучени и настаните кои се поврзани со големите егејски преселби, а кои во основа донеле многу нови елементи од север. Притоа, може да се забележи дека сите придобивки коишто во тоа време доаѓаат од север, а биле прифатени и продолжиле да егзистираат и по падот на доцните бронзеновременски заедници, ќе станат мошне важни елементи во генезата на железновременската култура во Македонија.39
Социјалниот и општествениот живот на заедниците во периодот на почетокот од раното железно време биле придружени со турбулентни превирања, а со тоа биле и отежнати условите за формирање поголеми населби. Оттаму, луѓето функционирале во мали семејни (клановски) заедници со непостојани живеалишта и често се селеле. Резултат на тоа се и начините за формирање населби со лесна надземна архитектура или полуземуници, како што бил случај со петатта и шестата населба на Кастанас,40 со четвртата населба на Скопската тврдина,41 или слојот 14 од третата населба на Вардарски Рид.42 Овој начин на живеење делумно ќе се промени веќе од крајот на Х век пр. н.е., кога ќе настапи период на постепена стабилизација условена со стабилизирање и формирање на населбите како Градиште - Пелинце или слојот 13 од третата населба на Вардарски Рид, каде биле формирани поголеми семејни комплекси со поцврста архитектура, во основа од камен и ѕидови од плитарни тули, евидентни во седмата населба на Кастанас (односно во слоевите од 8 - 5). Особено е важно да се истакне организацијата на куќите кои се истражени досега, кои, пак, во основа се апсидални или овални. Ваквата појава се забележува во доцното бронзено време на периферијата од микенскиот свет, но овој тип архитектура најголема доминација достигнува во раното железно време во Грција, а оттука влијанието се шири кон север и по Вардар.43
Други значајни елементи кои доаѓаат од север, а продолжиле да егзистираат во материјалната култура на железното време, особено евидентни на локалитетот Пелинце, се новите техники во декорацијата на керамиката, како што се канелирањето и врежувањето. Овие техники така силно ќе се инкорпорираат во керамичката продукција, ќе продолжат да се развиваат во посебни детали, што ќе станат главен белег на керамографијата во развиеното железно време. Последен и исто толку важен елемент во формирањето на раното железно време во Македонија е секако појавата на железото како нов метал, при што секирата од Пелинце е најраниот примерок во Македонија.
Така, појавата на новиот метал, стабилизацијата на состојбата во економската, општествената и социјалната сфера, ќе овозможи идеални услови кон крајот на раното железно време за создавање силни и моќни заедници, подоцна и историски посведочени. Како резултат на развиената економска моќ на заедниците, начинот на стопанисување и подемот во металургијата, посебно со употребата на железото во полното железно време, на територијата од Македонија се формирале новите населби. Во нив заедниците имале зголемени можности за развој на занаетчиство, трговија, но и голем подем во сферата на духовната култура и верувањата. Населбата на Пелинце по својот карактер се издвојува во регионот на Кумановско како значаен пункт за почетокот на раното железно време. Скромните истражувања сепак ни дадоа значајни податоци за позицијата, карактерот и значењето на оваа населба во регионот. Но многу прашања cè уште остануваат отворени за идните археолошки истражувања.
T. III
Белешки
- Winter F.E., 1971, 3, 4; Govedarica B., 1978, 123; Govedarica B., 1982, 180; Димитров И.Д., 1983, 77 - 86. ↩
- Winter F.E., 1971, 80, 95 - 100. ↩
- Benac А., 1985, 58, 183; Gustin М., 1978, 136 - 138, Sl. 1; Winter F.E., 1971, 69 - 80. ↩
- Георгиев З., 1990/91, 92; Ѓеорѓиевски Б., 1993, 54. ↩
- Археолошка карта на Република Македонија, 1997, 218. ↩
- Трајковска Л., 1999, 47. Археолошките ископувања на локалитететот Градиште - Пелинце ги започна колешката Лена Трајковска и раководеше со нив околу десетина години. Резултатите од овие истражувања се делумно објавени. Ѓорѓиевски Д. - Петковски М., 2019,87-96. Голема благодарност до нејзината посветеност и нејзината несебична ангажираност да ми помогне да се воведам, а подоцна и да продолжам со истражувањата на овој археолошки локалитет. ↩
- Ѓеорѓиевски Б., 1993, 55; Ѓорѓиевски Д. - Петковски М., 2019, 87. ↩
- Истражувањата се одвива од страна на Музејот Куманово во соработка со Катедрата за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Резултатите од ископувањата не се објавени. Во оваа прилика се заблагодарувам на колегата Јовица Станковски и проф. д-р Драги Митревски, раководител на ископувањето во 2011 год. за соработката, отстапувањето на материјалот и податоците од овие ископувања. ↩
- Истата хронолошка рамка е потврдена и со истражувањата до 2009година од страна на Лена Трајковска, а објавени од Ѓорѓиевски и Петковски. Ѓорѓиевски Д.-Петковски М., 2019, 89-90. ↩
- Овие заклучоци се добиени од ископувањата на локалитетот Градиште во период меѓу 2011 - 2014 година каде раководител беше А. Папазовска. ↩
- Не ни познато точно кој тип житарка била чувана во питосот, но таа е во процес на определба и обработка. ↩
- Јовчевска Т., 2011, 206, сл. 2, 3, 4, 5. ↩
- Папазовска А., 2005, 119, сл. 3 и 4. ↩
- Doonan R.C.P. – Mazarakis A., 2007, 369−375, εικ.2, 14; Hanssel B. - Hochstetter A., 1986, 363-369. ↩
- Митревски Д., 1997, 113. ↩
- Hochstteter А., 1984, 161-162, Abb.43. ↩
- Папазовска А., 2005, 119, сл. 3 и 4. ↩
- Hochstetter А., 1984, 89, Abb. 22, 193, Abb. 193. ↩
- Hochstetter А., 1984, Tafel 143:7, Schicht 9. ↩
- Banner J., 1929, 43ff. ↩
- Conze А., 1980, 10. ↩
- Bona I., 1975, 250 ff. ↩
- Hochstetter A., 1984, 163. ↩
- Hochstetter A., 1984, 161-162, Abb.43. ↩
- Hochstetter A., 1984, 70, Abb. 17. ↩
- Hochstetter A., 1984, 70, Abb. 17. ↩
- Hochstetter A., 1984, 86, Abb. 20. ↩
- Hochstetter A., 1984, 92, Abb. 22, 23. ↩
- Hochstetter A., 1984, 84, Abb. 20. ↩
- Наодот не е објавен и е добиен од ископувањата во 2004 год. (тер. бр. 008-2004), голема благодарност до колешката Лена Трајковска која несебично ги делеше информациите од своите ископувања. ↩
- Ανδρονικοσ Α., 1969, 198, N 53. ↩
- Hochstetter A., 1984, 46, Abb. 9. ↩
- Hochstetter A., 1984, 151, Abb.40. ↩
- Hochstetter A., 1984, Abb. 50. ↩
- Во тек се хемиски анализи за составот на алатката, како и за нејзина попрецизна определба. Предметот е добиен од истражувањата 2012 година, а материјалот cè уште не е објавен. ↩
- Папазовска A., 2005, 120, кат. 2. Т.I.2. ↩
- Папазовска A., 2005, 122,Т.I.8. Еден пример откриен во слојот 13 на Вардарски Рид. ↩
- Wardle K. A. - Wardle D., 2007, 473-475, Plate 21. ↩
- Митревски Д., 2013, 220-222. ↩
- Hanssel B. - Hochstetter A., 1986, 363-369. ↩
- Mitrevski, 2016, 133-142. ↩
- Митревски Д., 2005, 31; Папазовска А., 2005, 119, сл. 4. ↩
- Ilieva P., 2018, 63-64. ↩
Summary
Early Iron Age Settlement at the Site of Gradishte, Village of Pellince, Kumanovo Region
The Early Iron Age in Macedonia is based on the local tradition of the Late Bronze Age which was strongly manifested as a dominant cultural group along the Vardar Valley (Ulanci Group). Besides the influence of the Bronze Age tradition and the south, the formation of the Early Iron Age certainly involved the events of the large Aegean migrations which introduced many new elements from the north. It can be noted that all achievements coming from north, which were accepted and continiued to exist after the fall of the Bronze Age communities, will become very important elements in the genesis of the Iron Age culture in Macedonia.
The social and societal life of the communities at the beginning of the Early Iron Age were accompanied by turbulent turmoils which prevented the appearance of larger settlements. The people functioned in small family (clan) communities with impermanent dwellings and often moved. This resulted in creation of settlements with light aboveground architecture or half dugouts such as the fifth and sixth settlement at Kastanas, the fourth settlement at the Skopje fortress or the stratum 14 of the third settlement at Vardarski Rid. This way of life will gradually changes from the beginning of the 10th century as a period of stabilization and emergence of settlements such as Gradishte - Pelince or the stratum 13 of the third settlement at Vardarski Rid. Larger family complexes with solid architecture were formed at these sites, including houses with stone foundations and mudbrick walls, as seen in the seventh settlement at Kastanas (strata 8-5). Particularly important to stress is the organisation of the houses with oval or apsidal plan. This feature is noteable in the Late Bronze Age at the outskirts of the Mycenean world, but it dominated in the Early Iron Age in Greece and the influence spread to the north along the Vardar.
Other important elements which came from north and continued to exist in the material culture of the Iron Age, particularly present at the site of Pelince, are the new techinques of pottery decoration such as ribbed body and incision. These techniques will firmly embed in the pottery production, they will develop special details and become the main characteristic of the developed Iron Age ware. The last and very important element in the genesis of the Early Iron Age is the iron as a new metal, and the discovered axe at Pelince is the earliest find from Macedonia.
The appearance of the new metal, the stabilization of the economic, societal and social life will provide ideal conditions for the development of strong and powerful communities at the end of the Early Iron Age. These communities will later appear in the historic sources. The new settlements at the territory of Macedonia formed as the result of the wealth of the communities, the developed economy and the rise of metallurgy with the usage of iron, particularly during the developed Iron Age. These settlements had increased opportunities for craftsmanship and trade, and serious progress in the spiritual culture and beliefs. The settlement at Pelince is particularly important in the region of Kumanovo as a significant point the beginning of the Early Iron Age. The modest excavations have yielded important data for the position, the character and the significance of this settlement in the region. However, many questions remain open for research in the future.
Библиографија
- Aνδρονικοσ A., 1969, Vergina I, Athena
- Археолошка карта на Република Македонија, 1997
- Banner J., 1929, Der Ursprung des griechischen Ryraunos, Dolgozatok Szeged 5.
- Benac А., 1985, Utvrdena ilirska naselja, CBI knj. 4, Sarajevo.
- Bona I., 1975, Die mittlere Bronzezeit Ungatns und ihre südötlischen Bezehungen, Budapest
- Conze А., 1980, Griechische Kohlebecken, Jahrb. DAI 5, Bonne.
- Димитров И.Д., 1983, Селища от ранно желязната епоха по долината на Горна Струма, Ех, Th. 4, София.
- Doonan R.C.P. – Mazarakis A., 2007, Ainian, Forging identity in Early Iron Age Greece: implications of the metalworking evidence from Oropos, Oropos and Euboea in the Early Iron Age acts of an international round table University of Thessaly, June 18-20, 2004, Volos 2007.
- Георгиев З., 1990/91, Три предримски населби кај Пчиња, ГЗФФ 8, Скопје, 91-103.
- Govedarica B., 1978, Praistoriske gradine u Bosni i Hercegovini, Naseljivanje i naselja u praistoriji, Materijali XIV, Beograd.
- Govedarica B., 1982, Prilozi kulturnoj stratigrafiji prahistoriskih gradinskih naselja u jugozapadnoj Bosni, Godišnjak CBI, knj. XX/18, Sarajevo.
- Guštin М., 1978, Tipologija gradiste zelezne dobe v Sloveniji, Naseljivanje Naseljivanje i naselja u praistoriji, Materijali XIV, Beograd.
- Ѓеорѓиевски Б., 1993, Праисториски градишта од Кумановско, Macedonia acta archaeologica 13, Скопје.
- Ѓорѓиевски Д.-Петковски М., 2019, Градиште - с. Пелинце: преглед на резултатите од археолошките истражувања до 2009 година, 87-108.
- Ilieva P., 2018, Between Thrace and the Aegean: Notes on some aspects of the archaeology of Aegean Thrace in the late LBA and the EIA, Studia Archaeologica Universitatis Serdicensis Supplementum VI (2018), Stephanos archaeologicos ad 80 annum professoris Ludmili Getov, Sofia, 59-76.
- Јовчевска Т., 2011, Лисиче, населба од раното железно време, Macedonia acta archaeologica 20, Скопје, 205-214.
- Митревски Д., 1997, Протоисториските заедници во Македонија – преку погребувањето и погребните манифестации, Скопје
- Митревски Д., 2005, Вардарски Рид – Истражувања 1995-2004, Вардарски Рид Том I, Скопје, 15-90.
- Митревски Д., 2013, Протоисторијата во република Македонија, Македонија – Милениумски икултурно-историски факти, Том 1, Скопје, 83-266.
- Mitrevski D., 2016, Skopje Fortress, Vol. 1, Skopje
- Папазовска А., 2005, Слоеви од железното време на Вардарски Рид, Вардарски Рид Том I, Скопје, 115-157.
- Трајковска Л., 1999, Градиште Пелинце – истражување на секторот Две могили, Macedonia acta archaeologica 20, Скопје, 47-61.
- Hanssel B. - Hochstetter A., 1986, Die Stratigrafie von Kastanas, datierungshiete für Funde aus dem Crna Reka Einzungsgebiet, Зборник на Б. Бабиќ, Прилеп, 260-369.
- Hochstteter А., 1984, Kastanas – Die Handgemachte keramik, PAS Band 3, Berlin
- Wardle K. A. - Wardle D., 2007, Assiros Toumba – A brief history of a settlement, Strimon Praehistoricus, Sofia.
- Winter F.E., 1971, Greek Fortifications, London.