Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 157–170
Керамичките чинии во погребниот култ кај инхумациите од Југоисточната некропола во Скупи
Содржина
Вовед
Од југоисточната некропола во Скупи, чиј временски распон на погребување се движи од почетокот на I век од н.е. до крајот на IV век од н.е. и со откриени приближно 5200 гробни целини, кремации и инхумации, потекнува изобилство на материјал, од кои најбројни се керамичките предмети.1 Овие предмети, освен што н даваат примарен увид во основните карактеристики на материјалната култура од Скупи во раноцарскиот период, неговите видови и типологии, особено важни за воспоставување на хронологијата и трговските врски на градот, се потенцијално полни со информации и за разни аспекти кои влегуваат во духовната сфера на римската култура, пред сѐ�, во разоткривањето на погребните практиките со кои се одликувал фунерарниот култ во Скупи.
Во овој труд се застапени исклучиво керамичките чинии откриени во гробовите со инхумација од југоисточната некропола во Скупи.2 Од приближно 2150 инхумирани гробови овие садови се откриени во 63 од нив што претставува 3% од целината, односно 5,1% од гробовите што содржат керамички прилози.3 Целта на оваа анализа е токму преку изборот и позицијата на керамичките чинии во гробниот аранжман да се утврди поврзаноста на истите со одредени аспекти од идентитетот на покојникот, првенствено со старосната група и полот, како и да се изнесат некои согледувања околу функцијата, намената и значењето на нивната употреба во погребниот обред, односно воопшто во погребниот култ.
Позиција во гробниот аранжман и идентитетот на покојникот
Керамичките чинии во југоисточната некропола во Скупи се пронајдени исклучиво во гробовите, односно употребени во погребни обреди поврзани со индивидуални гробни целини. Во зависност од местоположбата изделуваме два основни начини на полагање на чиниите во гробот: 1) чинии во внатрешноста на самиот гроб (јама, конструкција), положени на долно ниво, односно на исто ниво со покојникот, непосредно до него и 2) чинии поставени на горно ниво од гробните јами или конструкции, обично по нивното затворање, најчесто во самиот агол покрај капакот или директно врз него. Тие биле поставувани за време на погребот. Од нив се издвојува една мала група на гробови каде тие се откриени повисоко над покривното ниво на гробната конструкција што би било показател за подоцнежна култна изведба над гробот.
Керамичките чинии на долно ниво покрај скелетните остатоци се запечатени во моментот на полагање на покојникот во гробот. Откриени се во 43 гробови. Најбројни се во пределот на нозете (13 централно кај стапалата, 5 кај левото, 3 кај десното стапало, 3 кај десно подколено, по 1 покрај лево и десно колено, 1 покрај лева бутна коска), потоа во пределот околу главата (4 кај лево рамо, 2 кај десно рамо, 3 челно кај главата) и кај останатите 2 кај десниот колк и 1 покрај левата рака (графикон 1). Во еден случај чинијата е поставена врз стомакот на жена помеѓу 30 – 40 години. Во друг пример кај жена на возраст над 40 години, мала чинија заедно со стаклен сад се поставени од надворешната страна на камено корито, покрај десната страна на покојникот, во централниот дел, но на ниво при дното.
На долно ниво во најголем број (17) чинијата е единствен наод во гробот (сл. 1). Во 7 случаи таа е комбинирана со светилка (оваа комбинација може да содржи и керамички или стаклени унгвентариуми), но исто така застапени се и комбинациите со две стомни (5) и една стомна (5), каде можат да бидат придружени со чаша, светилка и стаклен сад (сл. 2). Чинијата во гробот може да биде сместена и само со чаша (1), керамички унгвентариум (1) или стаклени садови (2), или како во 4 примери комбинирана со повеќе керамички садови – светилка, стомна, чаша, керамички унгвентариум, стаклени садови (графикон 2, сл. 3). Кога чинијата е поставена долу со покојникот, гробот на горно ниво може да има светилка, чаша, стомна или стаклен сад, во разни комбинации.
Чиниите на горно ниво се откриени во 20 гробови. Тука најбројни се во пределот на нозете (4 челно, 4 покрај левото и 4 покрај десното стапало), два случаи покрај десниот колк (кај едниот чинијата е на са. 0,15 m над стомната која се наоѓа покрај капакот), еден кај лево рамо, еден над централниот дел. Чинијата најчесто е единствен прилог во гробот (11), но може да биде комбинирана и со две стомни и светилка (2), грне (2), чаша (2), светилка (1) или една стомна (1). Целосниот фунерарен сет може да биде дополнет со повеќе садови поставени на долно ниво (во разни комбинации со две стомни, една стомна, керамички унгвентариум, светилка или стаклени садови) (графикони 1 и 2, сл. 4).
Во однос на изборот и положбата на овој тип на садови во гробот, нема строга полова, ниту старосна диференцијација, освен извесна бројна доминација на определена група во одредена позицијата од гробното место. Така на пример, на долно ниво, од три случаи каде чинијата е поставена челно кај главата, сите се детски, две на новороденчиња (сите се мали чинивчиња); кај рамениците доминираат детски: од четири случаи каде чинијата е поставена покрај левото рамо три се во детски гробови, а од две покрај десното рамо двете се детски; во три случаи каде чинијата е поставена покрај десното подколено сите припаѓаат на женски инивидуи, млади и возрасни, од три покрај десно стапало две се на жени - едната млада до 30 години.
Од чиниите поставени на горно ниво од четири случаи каде таа е поставена околу левото стапало, две припаѓаат на возрасни жени над 40 години, една на млада жена и едно на млад маж до 30 години, а од четири кај десно стапало две се на млади мажи и две на млади жени; кај десниот колк едно е на млад маж и едно на млада жена, а кај левото рамо двете се жени, една помлада и една помеѓу 30 – 40 години. Генерално може да се забележи значително присуство во гробовите на детските покојници, но и кај возрасните, со извесна побројна застапеност кај женските покојници (графикон 3).
Хронолошки, чиниите на долно ниво најмногу се среќаваат во текот на II век од н.е. (24), по што нивното присуство се намалува кон крајот на II и првата половина на III век од н.е. (14) и сосем мал број на примери кон крајот на III и првата половина на IV век од н.е. (4). На горно ниво помалку ги има во текот на II век од н.е. (5), додека најголема концентрација има кон крајот на II и првата половина на III век од н.е. (13), со спорадични наоди во втората половина на III век од н.е. (2) (графикон 4).
Постои извесна хронолошка чувствителност на присуството на чиниите во гробот во однос на старосната група на погребаните покојници, како и во позицијата на садот. Забележано е дека пораните примери од II век од н.е. се најбројни кај детските гробови (кои речиси сите се датирани во II век од н.е.), како и во гробовите на млади мажи и жени до 30 години, додека во тој период поретко ги има кај постарите старосни групи. Тие поставено челно кај главата ги има само во II век од н.е.. Кај возрасните чиниите се јавуваат почесто кон крајот на II и првата половина на III век од н.е., додека понатака во детските гробови тие се губат.
Типолошка посебност и идентитетот на покојникот
Формите и типовите на чинии пронајдени во гробовите од југоисточната некропола во Скупи не се разликуваат од тие употребувани во домаќинствата. Типолошката разновидност на застапените примери главно е сведена на плитки (сл. 5) или длабоки чинии (сл. 6), како и на помали чинивчиња, односно паници (сл. 7). Од нив има и неколку полуксузни примери на црвена доцноримска сигилата и македонска сива керамика. Тоа се вообичаено трпезен вид садови за индивидуална или заедничка употреба, обично наменети за сервирање и конзумирање, поретко за приготвување, на најчесто цврста храна, но и производи во поликвидна состојба, посебно во оние со подлабок реципиент.
Во однос на поврзаноста на одредени типови чинии со половиот или старосниот идентитет на покојникот, се забележува извесна доминација во застапеноста на плитките чинии кај женските гробови, додека
длабоките чинии речиси отсуствуваат од
погребниот аранжман кај детските гробови. Од друга страна, малите чинивчиња или панички, кои, всушност, се намалена варијанта на плитките или длабоките чинии, понекогаш и со минијатурни размери, почесто ги има во детските гробови, веројатно сообразено со нивната возраст, како и во гробовите на женските покојнички.
Евиденција за храна во погребен контекст
Се разбира, не треба да заборавиме дека чиниите сами по себе не биле предмет на опсервација во погребните церемонии, освен ако не биле изработени од скапоцен материјал, туку нивното значење се согледувало преку содржината со којашто истите биле исполнети.4 Само мал дел од текстуалните сведоштва кои даваат евиденција за понудата со храна за време на погребот или на одредени комеморативни настани даваат извесна претстава за типот на храна која би можела да биде послужувана во овие садови. Преку нив дознаваме дека житните култури и продукти (житното класје на Керера, леб натопен во вино), животинско месо (свиња, живина), мешункасти култури (грав, леќа), зачини (сол), јајца, зеленчук и овошје се наоѓале на менито кое било послужувано во фунерарен контекст.5
Археолошката евиденција од повеќе римски некрополи од разни региони на Римската Империја ни нуди доста поконкретни резултати во однос на видот и типот на храна којшто евентуално бил сервиран во погребните ритуали, потврдено преку зачувани физички траги на карбонизирани зрна или животински коски. Се разбира дека изборот на храна природно бил воден од локалното значење и застапеност која ја има за одреден регион. Така, на пример, во северноафриканските некрополи најчесто се застапени маслинките, како и семки од борови шишарки, потоа смокви и сушено грозје, калинки, пченични зрна, лушпи од јајца и јаткасти плодови (орев, лешник), а од животински остатоци регистрирани се скелет на пиле/ кокошка, коски од разни птици и риби.6 Споредбени наоди се регистрирани и на европскиот континент. Во гало-римските гробови се пронајдени принеси од овошје (урми, јаболка, праски), јаткасти плодови, житарки и мешункасти производи (леќа, грав) и лук, додека наодите од неколку римски гробови во централна Европа и Британија покажуваат присуство на одредени производи кои ги немало пред доаѓањето на Римјаните како што се маслинки, смокви, урми, лук и борови плодови.7 Во северноиталските некрополи се позастапени овошјето (грозје, праски, урми) и зеленчукот (маслинки), како и житни производи и јаткасти плодови (лешници, ореви, борови плодови).8
Во Македонија постојат мал број на случаи каде се зачувани остатоци од храна во гробните целини од римскиот период. Во Стоби, во три гробови со спалени покојници од раноцарскиот период (гробови 21, 59 и 81), откриени се јагленисани семки од ореви, праски, грозје и маслинки.9 Слични примери на јагленисани ореви (кремација 261), лушпи од јајца (кремација 336) и семки од јаболко (инхумација 411) се познати и од поранешните ископувања на југоисточната некропола во Скупи.10 Единствениот пример кај нас, во кој се спомнува конкретен вид на храна употребена за комеморативни настани во чест на покојникот е зачуван во тестаментот на почитуваниот Лукиј Ајлиј Титијан од Аргос (с. Бела Црква во близина на Стибера) исклесан врз еден камен споменик, каде за донација од 1000 денари на селото Алкомене барал секоја година да се слави неговиот роденден (Dies Natalis) со принесување на жртви од овца и птица со печиво и мед на Зевс Агорајос и Хера пред жртвеникот во Алкомене (с. Бучин).11
Што, од сето ова горе изнесено, е пронајдено во гробовите конкретно сервирано на чинии? Во неколку примери од северноафриканските некрополи, маслинковите семки се дискретно погусто збрани блиску до скелетот, во еден случај 6 семки во една паничка.12 Во мавзолеј во Лептис Магна (Leptis Magna), Либија се пронајдени многу животински коски, највеќе од птици сместени во чинии и чаши, најверојатно произлезени од комеморативните ритуали, додека во инхумација од I век од н.е. во Типаза (Tipasa), Алжир во еден случај има зачувано остатоци од цела риба на чинија.13 Од централногалскиот простор, во еден гроб на 6-годишно девојче од исклучително зачуваната некропола со инхумации во Ле Мартр-д-Вер (Les Martres-de-Veyre) од II век од н.е., во длабока чинија се пронајдени семиња од коријандер.14 Во Холандија, во гробовите од некрополата од IV век од н.е. во Најмехен (Nijmegen) се откриени чинии со животински остатоци, најчесто домашна живина (регистрирани без глава и со отсечени нозе, како што се сервира и денес) и парчиња од прасе, обично главата.15
Од парцелите на југоисточната некропола во Скупи кои се предмет на обработка во овој труд, регистриран е само еден пример во кој се сочувани остатоци од храна сервирана во чинија. Се работи за гробот 2178 на возрасен маж, каде во пределот на стапалата е поставена превртена длабока чинија под која има фрагменти од нагорен животински череп со тенка кора. Од пораните ископувања на југоисточната некропола во Скупи кои не се обработуваат тука, познат е и случајот од гробот со кремација 336 каде во силно нагорена подлабока чинија се откриени остатоци од лушпи од јајца.16
Намена и значење
Чиниите во фунерарен контекст од југоисточната некропола во Скупи единствено можат да се поврзат со нивна употреба во последниот чин од низата погребни активности, на самото гробно место, најчесто како понуда за мртвиот со храна. Доминантниот број на чинии пронајдени во внатрешноста на гробните конструкции, како и анализата на севкупниот керамички материјал со кој се оставало храна и пијалок за починатиот, одат во прилог на претпоставката дека тие се тука поставени како вијатикум со кои се користат душите на мртвите во нивниот пат до подземјето. Тие што се оставени на горно ниво покрај гробната конструкција можат да бидат објаснети со истата намена да му користат на покојникот, преку едно пошироко сфаќање за местото на битисување на мртвиот во рамките на култот на гробното место, односно верувањето дека гробот е domus aeterna на телото на покојникот и дека тој престојува секогаш во неговата близина.17 Единствена разлика е што тие се поставени тука по затворањето на капакот, односно по исполнувањето на гробната јама со земја и потоа дополнително затрупани. Примерот со гроб 3722, каде директно врз камениот капак се поставени три превртени чинии една под друга во позиција во која не е можно да се чува храна, сугерира нивна употреба во одреден погребен обред кој вклучувал конзумирање на храна, по чие завршување потоа биле оставени врз гробот (сл. 8).
Постојат неколку примери од чиниите чија површина била нагорена пред депонирањето во гробот, што остава можност за нивна посебна функција во погребниот култ, односно дека овие садови биле поставени на оган како дел од погребните ритуали поврзани со давање жртвени приноси. Во сатиричниот дијалог „За тагувањето” (мој превод) на Лукијан од Самосата се спомнуваат палени понуди за мртвите.18 Покрај целосно изгорените жртви за Маните, познато е дека одредени жртвени дарови биле загревани пред да бидат излеани, како што е случајот кога Ајнеј излева „...топло... пенливо млеко...“ врз гробот на Полидор.19
Во два случаи чиниите се пронајдени на повисоко ниво од капакот на гробот што укажува на нивна можна употреба во комеморативни настани. Во гробот 2543 на млада жена до 30 години, чинијата е откриена на 0,15 m над капакот, односно над една стомна која е поставена покрај капакот во позиција на десниот колк (сл. 9). Малата висинска разлика посочува кон блиска временска комеморативна активност (Cena Novendialis?), можеби уште веднаш по затворањето на гробот, за време на погребната гозба, додека суперимпозицијата над стомната индицира и акт на либација. Во вториот случај од гробот 5191 на маж меѓу 30 и 40 години чинијата е оставена на 0,50 m над капакот, што можеби претставува остаток од подоцнежни постфунерални чевствувања. И во двата примери самата појава на чиниите недвосмислено говори во прилог на жртвување/конзумирање на храна од страна на посетителите на гробното место. Примерот пак од гробот 3836, каде остатоците од една намерно скршена голема длабока чинија се откриени во земјата нафрлена непосредно врз малтерниот капак (сл. 10), може да сведочи за одржување на фунерарниот банкет на самиот ден на полагање на телото во гробот, додека конструкцијата сѐ� уште не била затрупана со земја, при што со затрупувањето во полнетицата биле исфрлени и гозбените садови кои биле искршени по нивната употреба.20
Во севкупниот фунерарен контекст, не треба да се исклучи ниту есхатолошкото значење со кои можат да бидат обремени одредени хранливи производи кои можеби биле сервирани во овие садови. Во приказната за Психа и Купидон од „Златно магаре” на Апулеј, при слегувањето на Психа во задгробниот свет, се советува да се носат медени колачиња направени од меко јачменово брашно за да се смири троглавото чудовиште Кербер, како чувар на вратите на подземјето.21 Кон ова треба да се додаде и сакралното значење кое може да ја има храната во фунерарните прилози, како симболи на одредени хтонски божества (пр. житните производи со Керера, смоквите со Меркур, калинките со Персефона или јаболката со Афродита) кои во задгробната судбина на покојниот може да се јават како круцијален фактор во верувањето за неговата обнова, регенерација или повторно раѓање.
Заклучни согледувања
Не толку бројно застапени како стомните и светилките кои се јавуваат како карактеристична одлика на римските погребувања во Скупи, чиниите сепак сочинуваат значаен дел од фунерарниот сет на керамички производи депонирани во гробовите од римскиот период, почнувајќи од крајот на I век од н.е., па cè до првата половина на IV век од н.е. Нивното присуство нѝ� покажува дека освен со пијалаци, бил вклучен и поразновиден репертоар со цврста храна и други содржини наменети за користење на мртвиот.
Вклучувањето на пијалакот и храната во римските гробови може да се разбере и како одговор на популарното мнение во антиката за “Танталовите маки” во Адот каде Тантал, врзан за тркалото поставено над вода, бил приморан на вечна жед во неможност да вкуси од неа, но и на вечна глад среде зрелите овошки кои му виселе над главата. Затоа храна и пијалак морало да се обезбеди за покојникот. Како што забележал англискиот археолог Ричард Рис, како антипод на Трималховото вулгаризирање на сопствената погребна замисла изнесена во Петрониевиот „Сатирикон”, типичниот римски гробен аранжман барал по некоја паричка, стомна или чаша со вино и овошје на чинија,22 со што се истакнува значењето на виното и гозбата како симболи на идеализираниот живот и виталната регенерација која трансцедентално се пренесува и во задгробната егзистенција.23 На тој начин основниот фунерарен сет од две стомни кој се јавува во Скупи можеби треба да го сфатиме како збиен знак за римскиот “симпозиум”, односно една негова локална варијанта, во кој повремените додавки од чаши и чинии и други керамички форми само го изразуваат поелаборирано индивидуалното толкување (на покојникот или ожалостените) на истата тема.
Пронајдени во гробовите на различни социјални категории од скупското население, присуството на чиниите во сепулкралниот простор не е показател за општествениот статус, туку за ритуална посебност водена од друга потреба. Фактот што најголемиот број од овие погребувања ја имаат чинијата како единствен прилог во гробот, без присуство на други керамички садови, подеднакво кај сите возрасни групи и во машките и женските погребувања, упатува кон фаворизирање на едно поскромно, но уникатно погребно испраќање, различно од останатите каде стомните се јавуваат како вообичаен декор. Испитувањето на старосните и половите аспекти од идентитетот на покојникот покажа позабележително присуство на овој тип на садови кај детските погребувања, а без значителни разлики кај машките и женските покојници. Сепак овие категории, како и нивната социјална условеност, во одредена мера влијаеле врз обликувањето на фунерарната пракса во гробовите од римско Скупи.24 Извесната подобра застапеност на керамичките чинии, како дел од еден поразновиден и поброен инвентар во гробовите на детските и женските покојници,25 посочува дека мотивот зад изборот и бројноста може да биде од емотивна природа, односно е резултат на посилниот емотивен набој присутен при погребните разделби од овој вид, посебно насочен кон детските погребувања, кое набљудувано од перспектива на патријархално општество какво што било римското, имало за цел на “поранливите” категории да им го олесни престојот во задгробниот живот.26
Специфичната позиционираност, пак, симптоматичен во одреден број случаи, сугерира определена посебност на одвивање на погребниот ритуал кој подлежи и на промени, нотирани со хронолошкиот развој во временската рамка на функционирањето на некрополата. Во тој контекст, карактеристично е што во пораниот период од II век од н.е. чиниите ги среќаваме повеќе во внатрешноста на гробните конструкции, односно се избегнува нивно поставување на горно ниво и се пронајдени претежно во детските гробови и во гробовите на млади мажи и жени до 30 години. Од друга страна, поинтензивна употреба на чиниите на горно ниво од гробот се воочува на преминот од II – III век од н.е., кога и се јавуваат во поголем број во гробовите на повозрасните покојници, додека понатака во детските гробови тие се губат. Слична исклучивост во позиционирањето се забележува и во поставувањето на чиниите на долно ниво во пределот околу главата кај детските погребувања и кај женските погребувања покрај десното подколено, односно стапало. Тоа докажува извесна нормативност при изведбата на култните активности која ги зема во предвид старосните и половите разлики помеѓу покојниците, а чии понатамошни разлики веројатно имаат подабоки општествени значења кои во овој момент ние не сме во можност да ги согледаме.
Крупните социјални и економски промени што ќе се случат во текот на III век од н.е. и кои ќе го изменат од корен античкиот карактер на римското општество, ќе предизвикаат длабока духовна криза манифестирана преку cè поизразениот скептицизам и распаѓање на класичниот религиозен систем на верување, но и навлегување и зацврстување на нови учења од Истокот со изразен спасителен концепт кои на крајот ќе доведат до дефинитивна победа на христијанството во доцноантичкиот период. Сите овие чинители ќе донесат промена и во фунерарната пракса, особено забележлива од втората половина на III век од н.е., кога значително се намалуваат разните видови керамички садови приложени како гробни дарови, при што добар дел од нив повеќе не се јавуваат или, како, на пример, чиниите, нивната употреба е сведена на минимум. Тоа уште еднаш е доказ за изменетите услови во кои важноста и ветувањето за духовна наслада, како за овој така и за задгробниот живот, преземаат примат врз “приземниот” карактер на материјалната храна од ритуалната гозба наменета за покојникот и со кои постепено се истиснува различниот репертоар гробни садови употребени во фунерарен контекст.
Белешки
- Јованова Л., 2015, 16-17 (со наведена постара литература). ↩
- Студијата за керамичките чинии е дел од едно пошироко истражување кое се фокусира на различните видови на керамички материјал употребен во погребниот култ кај инхумираните гробови од југоисточната некропола во Скупи: Кузманоски И., 2017, 75-91; Кузманоски И., 2018 (необјавен магистерски труд). ↩
- Презентираните податоци и статистички обработки се однесуваат на парцелите 160/2, 925 и 934, каде во периодот од 2008 до 2012 година се истражени околу 4300 гробови. Носител на програмата за истражување е Музејот на град Скопје под раководство на Л. Јованова, кустос- советник во Музејот. ↩
- Кога станува збор за керамичките прилози кои биле депонирани со покојникот, едно од најчесто поставуваните прашања е дали тие навистина содржеле храна или можеби имале чисто симболична намена, односно биле празни и без содржина, но преку нивното присуство се сугерира имагинативна благосостојба која умрениот (треба да) ја ужива во задгробниот свет. Одредени текстуални сведоштва, како и археолошките докази кои сѐ повеќе се добиват од римските некрополи, недвосмислено покажуваат дека храната сепак била значително застапена во погребните ритуали: Lindsay H., 1998, 67-80. ↩
- Поконкретно за изворите види кај: Lindsay H., 1998, 72-73; King C.W., 1998, 403-404, 406; Stirling L., 2004, 430-431. ↩
- Stirling L., 2004, 436-442. ↩
- Marinval P., 1993, 48-55; Stirling L., 2004, 444-445. ↩
- Rottoli M. – Castiglioni E., 2011, 502-503. ↩
- Weslowsky A., 1973, 134-135. ↩
- Јованова Л. - Михаилова Д., 1999, 247. Дел од информациите, превземени од теренскиот дневник, се првично добиени преку усно соопштување на Л. Јованова, кустос советник во Музеј на град Скопје и раководител на овие ископувања, на која во оваа прилика ѝ се заблагодарувам. Комплетната техничка документација за овие ископувања се наоѓа во Конзерваторскиот центар - Скопје. ↩
- Калпакоска В., 2004, 23 - 24, 65. ↩
- Stirling L., 2004, 439-440. ↩
- Stirling L., 2004, 437-438. ↩
- Во истиот гроб имало и повеќе реципиенти со широко разгрнат венец кои содржеле лешници со лушпи, но од описот не може со сигурност да се утврди дали се работи за чинии или грниња: Marinval P., 1993, 48. ↩
- Lauwerier R., 1983 (1986), 184-187; Stirling L., 2004, 445. ↩
- Види забелешка 10. ↩
- Како во епитафот од Рим (CIL I. 1319 = CIL VI 9583/ILS 8341) од I век п.н.е.: “...тука е нашиот вечен дом, тука е нашиот имот, тука се нашите градини, тука е нашиот паметник...” (мој превод): превземено од Carroll M., 2006, 1. ↩
- Lucian, On Mourning, 217. ↩
- Публиј Вергилиј Марон, Ајнеида, трето пеење, 105. ↩
- Феноменот на кршење садови за време на погребот бил задржан до неодамна во некои краишта од поблискиот регион (Шумадија), каде што е забележано дека при спуштањето на покојникот во земја, покрај ситни пари, било обичај да се фрли и сад со варена пченица, и тоа толку силно за да се искрши садот, а исто така и чашата од која свештеникот го полевал мртовецот: Шневајс Е., 1929, 273. ↩
- Apulej, Zlatni magarac, 126-128. ↩
- Reece R., 1977, 45; Петрониј, Сатирикон, 80-81; Слично претерување во сепулкралната пракса може да се забележи во живописниот опис на храната која се нудела на гробното место, за време на деветдневниот помен што Скиса го направила за својот омилен роб (Петрониј, Сатирикон, 74-75): “...прасе овенчано со колбас...крвавица и пилешки џигерчиња...цвекло и црн леб со трици...ладна пита со сирење и врел мед прелиен со одлично шпанско вино...слануток (леблебија) и волчешки грав, лешници..и за секого по едно јаболко...парче месо од мечка...меко сиренце со пекмез, по еден полжав, цревца, џигерчиња во мали чинивчиња, јајца...репка, сенф и едно чиниче со нешто како покакано..корито со ким и оцет...шунка...”. ↩
- Приказот на гозба во кој хероизираниот покојник е полулегнат на одар пред поставена трпеза и често во кругот на семејството, како алузија на верувањето за благосостојбата на “оној свет”, е всушност омилен мотив врз надгробните споменици од античкиот период кој на овие простори се среќава уште во хеленистичко време (Битракова Грозданова В., 1987, 116), со посебна популарност во римскиот период (Петковски Р., 2013, 133-145). Поврзаноста на оваа претстава (“задушна гозба”) со обичајот на гробовите да се приредуваат вистински задушни гозби во кој мистично се соединуваат мртвите и живите е воочена кај Јосифовска Б., 1961, 25. ↩
- Кузманоски И, 2018, 92-96. ↩
- Во одреден број случаи во ист гроб може да бидат сместени и по две чинии, заедно поставени или во разделена позиција и комбинирани со друг тип на садови, регистрирани само кај детски погребувања и гробови на женски покојнички (теренски белешки). ↩
- “Минорниот” статус којшто заедно го споделувале жените и децата во античкиот свет е често подвлечен при проучувањето на теми од областа на детството, кои пак се исто пошироко влучени во студиите за жените и семејството во античкиот период и како такви често подведени под категорија на “специјални случаи”: Cohen A., 2007, 2. ↩
Summary
Ceramic Plates and Bowls in the Funerary Cult of the Inhumations from the Southeast Necropolis at Scupi
Abundant material, mainly ceramic objects, comes from the Southeast Necropolis of Scupi, with a time span of burial from the beginning of the 1st century CE to the end of the 4th century CE. Most numerous among the material are the jugs and lamps. The present forms of the ceramic finds show strong Roman influence with absence of elements from the autochthonous tradition, and they are the usual image of the ceramic inventory discovered in the graves of the highly Romanized centres throughout the Empire.
Although the ceramic plates and bowls are not as frequent as the jugs and the lamps, they are important part of the ceramic funerary set, placed in the graves from the Roman period, beginning from the end of the 1st century CE until the 1st half of the 4th century CE. Only the plates and bowls discovered in inhumation graves are discussed in this paper. There were 64 plates and bowls found in the total of 2150 graves with inhumations.
The goal of this paper is to understand whether the usage of ceramic plates and bowls in the funerary arrangement is related to certain aspects of the identity of the deceased, primarily the age and gender, and to understand the purpose and the meaning of their use in the funerary ritual and the funerary cult in general. In context of the identity of the deceased, we can conclude that the plates and bowls are generally present in child graves, and only some of them in adult graves, mainly in female graves. Their role in the funerary cult is almost fully dictated by the needs of the deceased for food offerings, for his undisturbed existence in the afterlife.
Библиографија
- Битракова Грозданова В., 1987, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје.
- Carroll M., 2006, Spirits of the Dead, Roman Funerary Commemoration in Western Europe, Oxford University Press.
- Cohen A., 2007, Introduction: Childhood between Past and Present, in: Constructions of Childhood in Ancient Greece and Italy, Hesperia Supplement 41; edited by Cohen A. and Rutter J. B., The American School of Classical Studies at Athens, 1-25.
- Јованова Л., 2015, Скупи – Некрополи, Стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва, Inventaria Archaeologica Personarum, Том II, Скопје.
- Јосифовска Б., 1961, Водич низ лапидариумот, Скопје.
- Калпакоска В., 2004, Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, Битола.
- King C.W., 1998, The Living and the Dead: Ancient Roman Conceptions of the Afterlife, Diss., Chicago.
- Кузманоски И., 2017, Употреба керамичких унгуентаријума у погребном култу инхумација из Југосточне некрополе у Скупију, Nova antička Duklja VIII, 75-91.
- Кузманоски И., 2018, Керамичкиот материјал во погребната пракса на гробовите со инхумација од Југоисточната некропола во Скупи, (необјавен магистерски труд), Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје.
- Lauwerier R.C.G.M., 1983 (1986), A meal for the dead: Animal bone finds in Roman graves, Palaeohistoria: Acta et communicationes Instituti Bio-archaeologici Universitatis Groninganae 25, 183-193.
- Lindsay H., 1998, Eating with the dead: The Roman funerary banquet, in: Meals in a Social Context: Aspects of the Communal Meal in the Hellenistic and Roman World; edited by Nielsen I. and Nielsen H.S., Aarhus Studies in Mediterranean Antiquity 1, Aarhus, 67-80.
- Marinval P., 1993, Étude carpologique d’offrandes alimentaires végétales dans les sépultures gallo-romaines: réflexions preliminaries, in: Monde des morts, monde des vivants en Gaule rurale, Actes du Colloque ARCHEA/AGER (Orléans, 7-9 février 1992), Fédération pour l’édition de la Revue archéologique du Centre de la France, 45-65.
- ПетковскиР., 2013, Декоративните елементи на римските надгробни споменици меѓу средниот тек на Аксиј Стримон, Скопје.
- Reece R., 1977, Burial in Latin literature: two examples, in: Burial in the Roman world, Edited by Richard Reece, Research Report No 22, London, 44-45.
- Rottoli M. – Castiglioni E., 2011, Plant Offerings from Roman Cremations in Northern Italy: A Review. Vegetation History and Archaeobotany 20, 495-506.
- Stirling L., 2004, Archaeological Evidence for Food Offerings in the Graves of Roman North Africa, in: Daimonopylai: essays in classics and the classical tradition; edited by Egan R.B. and Joyal M.A., 427-451.
- Шневајс Е., 1929, Главни елементи самртних обичаја код Срба и Хрвата, Гласник Скопског научног друштва, књ.V-2, Скопље, 263-282.
- Weslowsky A., 1973, Burial customs in the West Cemetery, Studies in the Antiquities of Stobi I, 97-142.
Извори
- Apulej, Zlatni magarac, preveo sa latinskog Dr. Albin Vilhar, Beograd 1954.
- Lucian, On Mourning, in: The Works of Lucian of Samosata, vol. III, translated by Fowler H.W. and Fowler F.G., Oxford, 1905.
- Петрониј, Сатирикон, превод од латински јазик, предговор и објаснувања: Ивица Весов, Скопје 2003.
- Публиј Вергилиј Марон, Ајнеида, препев од латински Љубинка Басотова, Скопје 1999.