Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 133–155
Тракиски тип фибули од Македонија
На територијата од Македонија тракискиот тип фибули се мошне малку познати. По откривање на првите 11 примероци во два гроба од некрополата крај Катлановска Бања,1 со истражувањата во наредните години до денес бројот на откриените примероци од овој тип фибули се зголеми на повеќе од триесеттина. Најголем број од овие фибули досега се откриени во Скопско-кумановскиот Регион, додека поедини наоди на неколку локалитети претежно во источниот дел на Македонија. Освен групниот наод од Катлановска Бања, само уште една фибула е откриена во некропола на локалитетот Градиште - Бразда, Скопско,2 додека останатите фибули се откиени во населби.
Се работи за лачни фибули со релативно мали димензии кои се движат од 2,2 - 7,5 cm. На средина лакот може да биде здебелен, листест или проширен со правоаголна форма, но со различен пресек (кружен, полукружен, ромбоиден, полигонален, правоаголен), често орнаментиран со геометриски мотиви. Од задната страна лакот преминува во едноставна еднострана намотена спирала која продолжува во игла, со иста должина како и лакот. Од спротивната страна на лакот продолжува во рамо на кој е поставен држачот за игла, од каде продолжува во нога, со различна форма. Формата и украсните мотиви на лакот и ногата во основа го определуваат типот на фибулата. Формата на ногата е различна. Кај некои примероци таа едноставно е свиткана нагоре под прав агол или паралено со лакот во форма на столпче со кружен пресек, потоа во форма свртен конус или пирамида, често од горната страна украсен со проширување во вид на копче со иста широчина како и ногата, или со масивно копче со кружна форма во форма на глава од клинец, кои на горната основа често се украсени со крстовиден орнамент, додека кај некои примероци таа има форма на латинската буква „S“. И покрај тоа што содржат идентични типолошки елементи во формата, се чини дека ретко можат да се сретнат сосема идентични примероци, што веројатно се должи на зголемена продукција од голем број мајстори кои ги изработувале, што, од друга страна, претставувале мошне омилен тип накит.
Матичните области и дистрибуцијата на овие фибули претежно се врзуваат за трако-гетскиот културен простор во Бугарија и Романија. Примероци од оваа фибула се среќаваат и во Молдавија и Украина, при што произлегува дека се сконцентрирани околу Црноморието. На овој простор се откриени во голем број типолошки класифицирани и претежно датирани во V-III век пр. н.е., иако некои примероци се среќаваат до II-I век пр. н.е. Освен по неколку примероци што се досега откриени во соседните региони (Србија3 и Грција4), најголема концентрација на овие фибули е присутна во Бугарија и Романија, каде се откриени примероци изработени од злато, сребро, бронза и железо.
Се смета дека се развиле од чертошкиот тип фибули („чертоза“ фибула) карактеристични за Италија при крајот на халштатскиот (La Tene) период, именувани според некрополата кај Чертоза близу до Болоња, каде што се и откриени.5 При откривањето на првите неколку примероци во Бугарија во 1912 година, Р. Попов ги одвојува од чертошкиот тип како посебна типолошка варијанта, нарекувајќи ги ранолатенски фибули.6 Со откривање на сѐ� поголем број примероци од овие фибули, а посебно презентирајќи ги резултатите од истражувањата на некрополата кај Влашко Село, во 1924 година Р. Попов за првпат ги нарекува тракиски тип и ги датира кон крајот на халштатскиот период.7 Нешто подоцна, во 1931 година, В. Миков изработува типолошка и хронолошка поделба на сите дотогаш откриени фибули од овој тип, и со тоа не само што го прифаќа именувањето туку ја потврдува и нивната типолошка подвоеност.8 Класификацијата на Миков до денес претставува основа за проучување на оваа фибула, надополнета со нови предлози. Со сѐ� поголем број откриени примероци за појавата, потеклото, типологијата и хронологијата на тракискиот тип фибули се занимаваат и сѐ� повеќе автори во Бугарија9 и Романија.10 Заложбите оваа фибула да ја добие конечна категоризација, типологизација и хронолошка позиција изгледа дека сѐ� уште не се разрешени во науката токму поради појавата на нови примероци со малку видоизменет распоред и форма на елементите што ги содржи. Сепак, одредени автори кои се занимаваат со оваа проблематика, врз основа на претходните обиди, дават свои понови предлози за типолошка класификација на овие фибули кои немаат видни разлики.11 Интересно е да се напомене дека романските автори тракискиот тип фибули го определуваат во три типа, а како посебен тип фибулите со хибридна (латенска) форма, за разлика од бугарските автори, кои типолошката класификација на тракискиот тип фибули ја определуваат во четири типа, а како посебни типови ги одвојуваат фибулите со билатерална спирала и фибулите со хибридна (латенска) форма. Разликата е во тоа што четвртиот тип определен во бугарската, според формата на лакот и ногата е вметнат во останатите групи од романската типологија, додека во првите три основни типа се определени фибули со идентични типолошки одлики и хронолошка позиција. Фибули со специфични или малку видоизменети типолошки модификации се определуваат во поттипови, варијанти и подваријанти, што во основа ја усложнува и комплицира поделбата со оглед на тоа што сѐ� уште се појавуваат примероци со нови или малку видоизменети елементи содржани во формата какви што се и дел од нашите наоди.
Последен обид за типолошка класификација, нивна еволуција, дистрибуција и поточно хронолошко определување е присутен во обемниот монографски труд за фибулите во Тракија од V-I век пр. н.е. на авторот М. Василева, во кој, покрај другите (билатерални, хибриден тип, фибули на шарнир), основниот белег го става на тракискиот тип фибули.12
Имајќи ги предвид сите досега достапни предлози за типологизација на тракискиот тип фибули и тие со билатерална спирала, сметаме дека таа на М. Василева засега претставува нивно целосно систематизирање со сеопфатен приод во определување на содржините кои се предмет на темата. При обработка на темата ги зема предвид сите елементи соджани во формата на повеќе од 400 примероци откриени на тракискиот културен простор, иако на прв поглед се чини дека е премногу расчленета и сложена. Кон оваа определба одат во прилог блиските територијални рамки на тракискиот и пајонско-македонскиот културен простор, кои во одреден временски период ќе имааат блиски економски врски кои ќе влијаат во создавање на сопствените културни вредности. За разлика од блискиот тракиски културен простор, со северниот дако-гетски простор тешко можат да се определат блиски културни врски, што, од друга страна, се согледува и во различниот приод и пристап на авторите во определување на типолошката и хронолошка позиција на тракискиот тип фибули. Според тоа, врз основа на типологијата и хронолошките рамки на тракискиот тип фибули изнесени од М. Василева ќе бидат определени и нашите наоди.
Во каталогот што следува се опфатени фибули од тракиски тип и фибули со билатерална спирала откриени во Македонија. За разлика од тракискиот тип кои имаат воедначени форми со аналогни наоди, фибулите со билатерална спирала се разликуваат по конструкција на ногата. Во основната форма наместо нога со латенска конструкција, овие фибули ги задржуваат типолошките елементи од тракискиот тип, што речиси целосно отсуствува кај наодите во нивните матични области.
Најголемиот дел од фибулите во Македонија се откриени со површински опсервации на теренот кај населби без конкретно определена стратиграфска слика, при што нема можност за нивно поконкретно определување. Кај овие наоди датирањето е определено во релативни граници врз основа на хронолошките рамки на локалитетот од каде што се откриени и врз основа на типолошките елементи кои ги содржат во формата. Датирањето и на другите фибули кои потекнуваат од археолошки ископувања и некрополи, откриени со хронолошки осетливи наоди, е со нешто поширок дијапазон на определување, но со конкретно определени стратиграфски основи.
Тракиски тип фибули
Тракискиот тип фибули во Македонија се откриени на повеќе локалитети. Најголема концентрација се забележува во Скопско-кумановскиот Регион, додека другите примероци претежно се откриени во источниот дел на Македонија. Интересно е да се нагласи дека фибулите од Македонија претежно се карактеристични за вториот и третиот тип од типолошката поделба во Бугарија, додека од првиот и четвртиот тип досега не се откриени примероци. Според типологијата на М. Василева, тракискиот тип фибули се определени во четири основни типа во зависност од обликот, формата и пресекот на лакот и ногата, од кои произлегуваат поттипови, варијанти и подваријанти. Основните критериуми за поттиповите ги определува според дебелината, пресекот и украсот на лакот и пресекот на ногата. Типологијата на варијантите ја определува врз основа на должината на ногата, ширина и форма на лакот, додека за подваријантите ги зема предвид дополнителните критериуми кои се состојат од симетријата на лакот, должина на рамото за држачот за игла, профилираното копче, но и односот меѓу рамото за држачот за игла и ногата на фибулата.
Во првиот тип (тип I) од оваа типолошката класификација се определени фибули кај кои завршетокот по рамото за држачот за игла (ногата на фибулата) преминува нагоре под прав агол во форма на столпче со кружен пресек и завршува на крај со конусовидно или цилиндрично топче. Типот I претежно се датира во периодот од втората половина на V век пр. н.е. до средината, а некои примероци до крајот на III век пр. н.е. Во Македонија од овој тип фибули досега не се отриени примероци.
На вториот тип (тип II) припаѓаат фибули со вертикална нога во форма на столпче со кружен пресек, во форма на превртен конус или пресечена пирамида, со или без завршеток на копчесто здебелување во форма на глава од клинец, без оглед на формата и пресекот на лакот. Определен е во 3 поттипа. Првиот поттип од оваа поделба определен е во три варијанти: во првата се определени фибули со тенка или незначително здебелена нога, чиј дијаметар е речиси еднаков со тој на лакот (II.1a); фибули со изразено конусовидна нога, здебелен до масивен лак (II.1b); во третата варијанта се определени фибули со лентест украсен лак (II.1c). На вториот поттип (II.2) припаѓаат фибули со нога чиј крај завршува со копчесто здебелување во форма на глава од клинец, додека на третиот поттип (II.3) припаѓаат фибули со нога во форма на правоаголен паралелопипед или превртена пресечена пирамида. Употребата на овој тип е определена во периодот од крајот на V, односно почеток на IV до крајот на III век пр. н.е. Во Македонија од овој тип фибули се откриени најголем број примероци.
На третиот тип припаѓаат фибули со различна форма и пресек на лакот, со нога која има форма на латинската буква „Ѕ“ (т.н. лебедова глава), која, кај некои примероци завршува со конусовидно или цилиндрично копче. Кај најголемиот број примероци од овој тип нога е помала или се изедначува со висината на лакот, а кај поретки примероци таа се издигнува над лакот. Врз основа на формата и пресекот на лакот типот III е определен во четири поттипа. Во првиот поттип (III.1) влегуваат фибули со тенок лак, еднакво или малку здебелен на средина, во вториот поттип (III.2) влегуваат фибули со масивен, на средина здебелен лак, а на третиот поттип (III. 3) фибули со масивен фасетиран лак, со полигонален пресек. Во четвртиот поттип (III.4) определени се фибули со лентест лак поделен на три варијанти. На првата варијанта припаѓаат фибули со стеснат лак, на втората со листовидна форма на лакот и на третата варијанта фибули со ромбоидна форма на лакот. Хронолошката рамка претежно им се дижи од втората половина на IV век до крајот на III век пр. н.е. Во Македонија од овој тип фибули откриени се единаесет примероци.
На четвртиот тип припаѓаат фибули со долговиден лак, претежно со кружен пресек, со лентеста нога со правоаголен пресек, која често завршува со еден или два заострени краја. Се датира во рамките од крајот на IV, целиот III, а некои примероци до II век пр. н.е. Во Македонија од овој тип не се откриени примероци.
Каталог:
1. Фибула, бронза(сл. 1), локалитет Градиште, с. Кнежје, Свети Николе (населба),13 карта 1/10; непубликувана; димензии: дол. 4,3 cm, вис. 1,6 cm; датирање: крај на V - почеток на IV век пр. н.е.; тип II.1a (според Василева, М. 2012: 12).
Целосно зачувана. Еднакво дебел лак со кружен пресек, без декорација. Ногата е во форма на тенко столпче со кружен пресек поставена под прав агол во однос на рамото на држачот за игла. Држачот за игла е со трапезоидна форма.
2. Фибула, бронза (сл. 2), локалитет Градиште, с. Макреш, Куманово (населба),14 карта 1/9; димензии: дол. 4,6 cm, вис. 2,2 cm; датирање: почеток на IV век пр. н.е.; тип II.1а (според Василева, М. 2012: 12).
Лакот на средината е малку здебелен со ромбоиден пресек без декорација. Ногата е во форма на тенко столпче со кружен пресек. Рамото за држачот за игла поставен под прав агол во однос на лакот, ногата малку закосена накај лакот. Иглата недостасува.
3. Фибула, бронза (сл. 3), локалитет Кале, Скопје (населба),15 карта 1/2; димензии: должина на зачуваниот дел 2,6 cm, вис. 1,8 cm; датирање: крај на V - почеток на IV век пр. н.е.; тип II.1b (според Василева, М. 2012: 12).
Фрагментирана. Лакот на средина е малку здебелен со ромбоиден пресек, без декорација. Ногата е во форма превртен конус. Завршетокот на лакот и рамото за држачот за игла во полукружна позиција, ногата паралелна со лакот. Држачот за игла е со полукружена форма. Дел од лакот, спиралата и иглата недостасуваат.
4. Фибула, бронза (сл. 4), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),16 карта 1/6; димензии: дол. 4,4 cm, вис. 2,3 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.,17 тип II.1b (според Василева, М. 2012: 12).
Еднакво дебел лак со кружен пресек без декорација. Дел од ногата недостасува (веројатно со форма на превртен конус). Спиралата изведена од левата страна на лакот. Држачот за игла е со трапезоидна форма.
5. Фибула, бронза (сл. 5), локалитет Градиште, с. Кнежје, Свети Николе (населба),18 карта 1/10; непубликувана; димензии: дол. 4,7 cm, вис. 2,1 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип II.1b (според Василева, М. 2012: 12).
Лак со кружен пресек, без декорација, на средина малку здебелен. Ногата е во форма на превртен конус, поставен под прав агол во однос на рамото за држачот за игла. Рамото за држачот за игла и ногата закосени накај лакот. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Иглата недостасува.
6. Фибула, бронза(сл. 6), локалитет Градиште, Бразда (некропола),19 карта 1/3; непубликувана; димензии: дол. 4,2 cm, вис. 1,8 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип II.1c (според Василева, М. 2012: 13).
Целосно зачувана. На средина има лентест лак кој е листесто проширен, со правоаголен пресек, декориран со несиметрична низа од кружници, врамена со две врежани линии. Ногата е во форма на превртен конус, поставена под прав агол во однос на рамото за држачот за игла. Држачот за игла е со трапезоидна форма.
7. Фибула, бронза (сл. 7), локалитет Пилав Тепе, с. Шопур, Штип (населба),20 карта 1/13; непубликувана; димензии: дол. 3,9 cm, вис. 2,1 cm; датирање: средина на III век пр. н.е.; тип II.1c (според Василева, М. 2012, 13).
Лентест лак со мало листесто проширување на средина, со правоаголен пресек, без декорација. Ногата е издолжена во форма на превртен конус. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Иглата недостасува.
8. Фибула, железо (сл. 8), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),21 карта 1/6; димензии: дол. 5,1 cm, вис. 2,7 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип II.1c (според Василева М., 2012, 13).
Целосно е зачувана. Лентестиот лак на средина листесто е проширен со правоаголен пресек кој е без декорација. Ногата во форма на превртен конус украсена под основата со бронзена лента. Рамото за држачот за игла закосен накај лакот, а ногата е паралелна со лакот. Држачот за игла со елипсовидна форма.
9. Фибула, железо (сл. 9), локалитет Градиште, с. Горно Коњаре, Скопје (населба),22 карта 1/7; непубликувана; димензии: должина на зачуваниот дел 2,7 cm, вис. 1,7 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип II.1c (според Василева М., 2012, 13).
Лентест лак со мало проширување на средина, со правоаголен пресек, без декорација. Ногата во форма на превртен конус, поставена под прав агол во однос на рамото за држачот за игла. Држачот за игла е со полукружна форма. Дел од лакот, спиралата и иглата недостасуваат.
10. Фибула, бронза (сл. 10), локалитет Грамаѓе, с. Извор, Велес,23 карта 1/12; непубликувана; димензии: дол. 5,8 cm, вис. 3,5 cm; датирање: крај на IV век пр. н.е.; тип II.1c. (според Василева М., 2012, 13).
Лентест лак со изразена полукружна форма, проширен на средина со правоаголен пресек. По должина на рабовите е декориран со по два жлеба, без украсување. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Ногата (веројатно во форма на превртен конус) и иглата недостасуваат.
11. Фибула, бронза (сл. 11), локалитет Кале, Скопје (населба),24 карта 1/2; димензии: дол. 6,5 cm, вис. 2,2 cm; датирање: крај на IV век пр. н.е.; тип II.1c. (според Василева М, 2012, 13).
Лентест издолжен лак кој на средината е листесто проширен, со правоаголен пресек. По должина на средина украсен со три ребра, без украсување. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Спиралата, ногата (веројатно во форма на превртен конус) и иглата недостасуваат.
12. Фибула, железо (сл. 12), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),25 карта 1/6; димензии: дол. 7,5 cm, вис. 3,2 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип II.1c (според Василева М., 2012, 13).
Лентест лак со правоаголно проширување на средина, со правоаголен пресек, без декорација. Завршетокот на лакот и рамото за држачот за игла е во полукружна позиција. Држачот за игла со трапезоидна форма. Спиралата, ногата, лакот и иглата недостасуваат.
13. Фибула, бронза (сл. 13), локалитет Кале, с. Брњарци, Скопје (населба),26 карта 1/4; непубликувана; димензии: дол. 4,7 cm, вис. 2 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева М., 2012, 13-14).
Лак со мало здебелување на средина, со кружен пресек без декорација. Ногата во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец. Рамото за држачот за игла е во полукружна позиција. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Спиралата и иглата недостасуваат.
14. Фибула, железо (сл. 14), локалитет Градиште, Кнежје (населба),27 карта 1/10; димензии: дол. 5,4 cm, вис. 2 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева М., 2012, 13-14).
Лак со мало здебелување на средина, со кружен пресек без декорација. Ногата во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец. Рамото за држачот за игла е во полукружна позиција. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Спиралата и иглата недостасуваат.
15. Фибула, бронза (сл. 15), локалитет Градиште, Кнежје (населба),28 карта 1/10; непубликувана; димензии: дол. 5,6 cm, вис. 2,2 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева М., 2012, 13-14).
Лентест издолжен лак листесто проширен на средина со правоаголен пресек. На средина по должина е декориран со длабок жлеб, во кој е поставена низа од врежани цртички. Од едната и од другата страна во близина на рабовите лакот е украсен уште со по еден жлеб, при што се има впечаток на издигнати рабови. Ногата во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец, украсен со врежан крстовиден орнамент. Рамото за држачот за игла e во полукружна позиција. Држачот за игла e со полукружна форма. Иглата недостасува.
16. Фибула, бронза (сл. 16), локалитет Кале, с. Варвара, Скопје (населба),29 карта 1/5; непубликувана; димензии: дол. 3,4 cm, вис. 2,1 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева М., 2012, 13-14).
Лентест лак, изразено проширен на средина со правоаголен пресек. По должина на средина декориран со два плитки, а широки жлеба. Масивна нога во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец, украсен со врежан крстовиден орнамент. Рамото за држачот за игла е закосен нанадвор во однос на лакот. Држачот за игла со полукружна форма. Дел од лакот, спиралата и иглата недостасуваат.
17. Фибула, бронза (сл. 17), локалитет Кале, с. Варвара, Скопје (населба),30 Карта 1/5; непубликувана; димензии: дол. 5,8 cm, вис. 2,1 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева М., 2012, 13-14).
Лентест лак листесто проширен на средина со правоаголен пресек. По должина е декориран со врежана низа од цик-цак цртички. Ногата е во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец. Рамото за држачот за игла е во полукружна позиција. Држачот за игла е со полукружна форма. Дел од лакот, спиралата и иглата недостасуваат.
18. Фибула, бронза (сл. 18), локалитет Теќе, с. Отовица, Велес (населба),31 карта 1/11; димензии: дол. 2,6 cm, вис. 2,8 cm; датирање: крај на IV - средина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева М., 2012, 13-14).
Лентест лак на средина листесто проширен со правоаголен пресек. На средина по должина украсен со едно ребро, рабовите од двете страни малку издигнати по цела должина. Двете полињата меѓу реброто и рабовите се со овален пресек. Ногата е во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец. Лакот од страна на спиралата е деформиран навнатре, рамото за држачот за игла и ногата се деформирани и се искривени нанадвор. Држачот за игла е со полукружна форма. Иглата недостасува.
19. Фибула, бронза (сл. 19), локалитет Вукосија, с. Пезово, Куманово (населба),32 Карта 1/8; непубликувана; димензии: дол. 5,3 см, вис. 2 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василев М., 2012, 13-14).
Лентест издолжен лак на средина листесто проширен. На средината, по должина, е украсен со ребро меѓу два жлеба украсено со низа од врежани цртички. Од едната и од другата страна пред рабовите лакот е декориран со по уште еден жлеб, при што се добива впечаток на издигнати рабови. Ногата е во форма на превртен конус, врз чија основа е поставен копчест украс во форма на глава од клинец. Рамото за држачот за игла е во полукружна позиција. Држачот за игла е со полукружна форма. Иглата недостасува.
20. Фибула, бронза (сл. 20), локалитет Вукосија, с. Пезово, Куманово (населба),33 карта 1/8; непубликувана; димензии: дол. 5,9 cm, вис. 2,8 cm; датирање: крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.; тип II.2 (според Василева. М., 2012, 13-14).
Лентест издолжен лак на средина листесто проширен. На средината, по должина, е украсен со едно ребро, а рабовите од двете страни издигнати по цела должина. Двете полињата меѓу реброто и рабовите се со овален пресек. Рамото за држачот за игла во полукружна позиција. Држачот за игла со трапезоидна форма. Ногата и дел од иглата недостасуваат (според идентичната форма и украсни мотиви на лакот со претходната фибула од истиот локалитет, веројатно ногата била во форма на превртен конус, со копчест украс во форма на глава од клинец).
21. Фибула, бронза (сл. 21), локалитет Маркова Кула, Демир Капија (населба),34 карта 1/14; непубликувана; димензии: дол. 4,3 cm, вис. 1,6 cm, шир. на лак 1,1 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип II.3 (според Василева М., 2012, 14).
Целосно зачувана. Лентест лак на средина листесто проширен со полукружен пресек. По должината лакот е украсен со четири длабоки жлеба кои формираат пет еднакви полукружни ленти, од кои само средната лента е украсена со низа од врежани прстенасти здебелувања. Завршетоците на лакот пред спиралата и рамото за држачот за игла се врамени со по едно прстенасто здебелување. Ногата е во форма на правоаголен паралелопипед, поставена во ист правец во однос на правецот на лакот, и е под прав агол во однос на рамото за држачот за игла. Рамото за држачот за игла закосен на надвор во однос на лакот. Држачот за игла е со овална форма.
22. Фибула, бронза (сл. 22), локалитет Градиште, Кнежје (населба),35 карта 1/10; непубликувана; димензии: дол. 5,6 cm, вис. 1,5 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип II.3 (според Василева М., 2012, 14).
Целосно зачувана. Лентест издолжен лак со мало проширување на средина со правоаголен пресек. По должината лакот е украсен со три длабоки жлеба, без декорација, кои формираат четири правоаголни ленти, од кои средните две се со еднаква широчина, но помали во однос на крајните две кои исто така се со еднаква широчина. Ногата свиткана кон лакот, во форма на правоаголен паралелопипед, поставена во спротивна насока во однос на правецот на лакот. Рамото за држачот за игла и ногата закосени кон лакот. Држачот за игла со триаголна форма.
23. Фибула, бронза (сл. 23), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),36 карта 1/6; димензии: дол. 5,4 cm, вис. 2,6 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.1 (според Василева М., 2012, 14).
Целосно е зачувана. Еднакво дебел лак со ромбоиден пресек, на горниот раб е декориран со низа од прави цртички. Ногата го надвишува лакот, има форма на латинската буква „S“. Рамото за држачот за игла во полукружна позиција. Држачот за игла е со полукружна форма.
24. Фибула, бронза (сл. 24), локалитет Вукосија, с. Пезово, Куманово (населба),37 Карта 1/8; непубликувана; димензии: дол. 4,4 cm, вис. 1,5 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип III.1 (според Василева М., 2012, 14).
Целосно зачувана. Издолжен еднакво дебел лак со триаголен пресек, без декорација. Ногата е свиткана накај лакот во форма на латинската буква „S“, завршетокот декориран со конусовиден украсен елемент. Рамото за држачот за игла е поставен под прав агол во однос на лакот. Ногата е свиткана накај лакот. Држачот за игла е со трапезоидна форма.
25. Фибула, бронза (сл. 25), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),38 карта 1/6; димензии: дол. 4,5 cm, вис. 2,6 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.1 (според Василева М., 2012, 14).
Лакот е еднакво здебелен по целата основа, со кружен пресек, без декорација. Ногата во форма на латинската буква „S“. Завршетокот на лакот и рамото за држачот за игла во полукружна позиција. Дел од иглата недостасува.
26. Фибула, железо (сл. 26), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),39 карта 1/6; димензии: дол. 5,4 cm, вис. 2,5 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.1 (според Василева М., 2012, 14).
Еднакво дебел лак со кружен пресек, без декорација. Ногата го надвишува лакот, има форма на латинската буква „S“. Завршетокот на лакот и рамото за држачот за игла во полукружна позиција. Ногата свиткана кон лакот. Дел од иглата и
завршетокот на ногата недостасуваат.
27. Фибула, бронза (сл. 27), локалитет Теќе, с. Отовица, Велес (населба),40 карта 1/11; димензии: дол. 2,2 cm, вис. 2,4 cm; датирање: крај на IV - средина на III век пр. н.е.; тип III.1 (според Василева М., 2012, 14).
Лакот малку е здебелен на средина со кружен пресек и е без декорација. Ногата е во форма на латинската буква „S“, на завршетокот украсена со пет прстенести здебелувања, но со иста дебелина како и ногата. Лакот од страна на спиралата е деформиран и свиткан навнатре, ногата е деформирана и искривена наназад кон лакот. Завршетокот на лакот е под прав агол во однос на рамото за држачот за игла. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Иглата недостасува.
28. Фибула, бронза (сл. 28),локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),41 карта 1/6; димензии: дол. 2,2 cm, вис. 1,3 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.1 (според Василева М., 2012, 14).
Еднакво дебел лак со триаголен пресек, без декорација. Дел од ногата недостасува (веројатно со форма на латинската буква „S“).
29. Фибула, бронза (сл. 29), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),42 карта 1/6; димензии: дол. 2,3 cm, вис. 1,2 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.2 (според Василева М., 2012, 15).
Лак со кружен пресек, на средина здебелен, без декорација. Од едната и другата страна завршетоците на лакот се украсени со по две копчести здебелувања. Ногата е со форма на латинската буква „S, на крајот е украсена со две конусовидни украсни елементи. Рамото за држачот за игла е во полукружна позиција. Држачот за игла е со полукружна форма. Дел од иглата недостасува.
30. Фибула, бронза (сл. 30), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),43 карта 1/6; димензии: дол. 2,7 cm, вис. 0,9 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип III.2 (според Василева М., 2012, 15).
Лак со кружен пресек, на средина здебелен, без декорација. Од едната и другата страна завршетоците на лакот се украсени со по две копчести здебелувања. Ногата го надвишува лакот со форма на латинската буква „S“, која на
крајот е цилиндрично здебелена и украсена со бронзена
лента. Рамото за држачот на иглата е во полукружна позиција. Држачот за игла со полукружна форма. Спиралата и иглата недостасуваат.
31. Фибула, бронза (сл. 31), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),44 карта 1/6; димензии: дол. 4,5 cm, вис. 2,1 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.4b (според Василева М., 2012, 15).
Целосно зачувана. Лентестиот лак на средината е листесто проширен со полукружен пресек. На средина по должина е декориран со ребро украсен со низа од прави цртички. Ногата го надвишува лакот, има форма на латинската буква „S“, на средина е украсена со овално копчесто здебелување.
32. Фибула, железо (сл. 32), локалитет Кочкова Населба, Катлановска Бања, Скопје (некропола),45 карта 1/6; димензии: дол. на зачуваниот дел 2,3 cm, вис. 2,8 cm; датирање: втора половина на IV век пр. н.е.; тип III.4b (според Василева М., 2012, 15).
Фрагментирана. Лентест лак со правоаголно проширување на средина, со правоаголен пресек, без декорација. Дел од лакот, дел од иглата, рамото за држачот за игла и ногата недостасуваат.
Тракискиот тип фибули од Македонија ја имаат вообичаената типолошка форма на елементите содржани во лакот и ногата, ако се земат предвид аналогните наоди откриени во Бугарија. Кај фибулите од типот II се забележува дека лакот кај тие со кружен, ромбоиден или триаголен пресек имаат воедначена дебелина без украсна декорација. Од друга страна, речиси сите тие кои се со лентест лак со мало или листесто проширување на средина се декорирани со врежани линии кои формираат разни украсни мотиви. Мошне идентични украсни мотиви се забележуваат на фибулите со лентест лак и нога во форма на глава од клинец. Покрај вообичаените два до три жлеба, се комбинираат со низи од цртички, цик-цак линии или со низа од несиметрични кружници како фибулата од Бразда (бр. 6). Фибулите со нога во форма на правоаголен паралелопипед (бр. 21 и 22) имаат развиен лак, составен од четири и пет раздела со полукружен и правоаголен пресек. Најблиска типолошка и хронолошка аналогија наоѓаат кај наодите од Бугарија распространети на целата територија од Тракија на југ од Дунав, каде што се определени како посебен поттип, со различен пресек на лакот, датирани во рамките на периодот од крај на IV - прва половина на III век пр. н.е.46 За разлика од бугарската, во романската типологија тие се определени во тип IIc, заедно со фибулите со нога во форма на глава од клинец, определени во III век пр. н.е., со нагласок на употреба во неговата прва половина.47 Заради карактерот на материјалот, засега нема можност да се забележи украсување на примероците изработени од железо. За разлика од лакот, во зависност од формата, ногата е украсена само на три фибули. Ногата на железната фибула од Катлановска Бања (бр. 8) е декорирана со бронзена лента под завршетокот на основата, додека две фибули основата на ногата во форма на глава од клинец се декорирани со врежан крстовиден орнамент (бр. 15 и 16). Фибулите со нога во форма на глава од клинец во Бугарија се определени во тип II.2, датирани во периодот од втората половина на III - прва половина на II пр. н.е., претежно карактеристични за подрачјето меѓу реките Огоста и Јантра на југ од Дунав,48 додека на север од Дунав се откриени мал број примероци, определени во тип IIc, со време на употреба во III век пр. н.е., со нагласок во неговата прва половина.49 Со оглед на тоа што најголем дел од овие фибули не се откриени со сигурен хронолошки показател, засега нивното датирање е ставено во рамките на релативни граници. Заради малиот број откриени наоди од овој тип фибули во Бугарија и Романија, тие се без можност да добијат конкретна хронолошка рамка и преку типолошките особености. Но, од друга страна, изненадува присуството на овој тип фибули во Македонија кои се разликуваат по начинот на конструкцијата на лакот. Додека примероците од Бугарија и Романија се со масивен на средина здебелен лак, освен две кои е со кружен пресек (Кале, Брњарци бр. 13, Кнежје бр. 14), сите други наши примероци имаат лентест лак со листесто проширување на средина со правоаголен пресек, украсен со разни декоративни мотиви (бр. 15-20). За разлика од несигурното датирање на примероците во матичните области, како сигурна рамка за употреба на нашите наоди, како хронолошки репер, е земено датирањето на градбата каде што е откриена фибулата од Теќе, с. Отовица (бр. 18). Според истражувачите, градбата претставува стопански комплекс на големото утврдување Кале, Отовица, кое егзистирало во рамките на периодот од крајот на IV - најдоцна до средина на III век,50 што во основа е земена и како дата на употреба на оваа, но и на другите идентични фибули од овој тип откриени во Македонија. Датата на употреба на нашите фибули е мошне блиска со таа со која се определени наодите од Романија, за разлика од тие во Бугарија кои се определени со подоцнежна дата.
Кај фибулите од третиот тип декорирањето е изведено со копчести и конусовидни елементи, најчесто со позиција на завршетокот или на средина од ногата. Покрај аналогните примероци откриени во Бугарија и Романија,51 сепак најблиска аналогија во однос на конструкцијата на лакот и ногата имаат со неколкуте примероци од Србија.52 Единствено засега е отворено прашањето за потеклото на копчестите украсни елементи на завршетокот од двете страни на лакот на две фибули од некрополата Катлановска Бања (бр. 29 и 30). Интересно е да се констатира дека меѓу наодите од овој тип фибули во Бугарија и Романија засега не се познати аналогни примероци со идентична позиција на лакот. Се работи за украсни елементи карактеристични за фибулите од железното време (VII-VI век пр. н.е.),53 а нешто подоцна и за фибулите на шарнир (крај на V-IV век пр. н.е.) од Македонија и Србија.54 Во основа, и формата на здебелениот лак кај овие фибули е идентичен со здебелувањето на лакот кај шарнирските фибули, со што уште еднаш се нагласува силното влијание што го претрпеле од нив. Со оглед на идентичната хронолошка позиција, овој украсен елемент на тракиските фибули, веројатно произлегува под влијание од шарнирските фибули, кои ова време веќе широко се распространети на целиот балкански простор.
Тракискиот тип фибули во Македонија најрано се појавуваат при крајот на V, односно почеток на IV век пр. н.е. од Градиште, Кнежје (бр. 1) и Кале, Скопје (бр. 3), додека нивната најголема употреба се забележува од крајот на IV до крајот на првата половина на III век пр. н.е. Како најдоцнежна употреба на овој тип фибули во Македонија може да се смета примерокот од Пилав Тепе (бр. 7) датиран околу средината на III век пр. н.е. Двете монети откриени со фибулата укажуваат на подоцнежен датум, но со оглед на тоа што градбата од истражувачите е датирана во периодот од IV-II век пр. н.е., веројатно фибулата била во употреба во рамките на овој датум. Нејзините типолошки вредности ја определуваат во рамките на периодот од крај на IV - средина на III век пр. н.е., што се совпаѓа со крајната дата на нејзината, односно почетната дата од употреба на монетите. По овој датум не се присутни примероци на фибули од тракиски тип во Македонија.
Фибули со билатерална спирала
Од останатите примероци се одвојуваат неколку фибули со билатерална спирала. Овој тип фибули имаат еднаков број спирални навои на едниот и другиот крај од надворешната страна на лакот (поретко од внатрешната), кои се одвојуваат од тракискиот тип по различната конструкција на лакот и ногата. Лакот често им е декориран, но со различен пресек (кружен, правоаголен, ромбоиден), додека ногата е во слободно исправена позиција, налегната на лакот или е врзана за лакот, декорирана со спирала, со прстенести, конусовидни или со топчести украсни елементи. Нивната форма е произлезена од влијанијата на келтските фибули наречени латенски.55 Според типолошката класификација, во Бугарија се определени во три основни типа, и тоа: тип I - фибули со нога слободно исправена или извиена накај лакот (ранолатенски - крај на IV до првата половина на III век пр. н.е., некои примероци и до почеток на II век пр. н.е.); тип II - нагласено извиена нога врзана за лакот (среднолатенски - втора половина на III крај на II / почеток на I век пр. н.е.); тип III - фибули кај кои лакот и ногата претставуваат една целина (доцнолатенски - I век пр. н.е. - I век). Основната типолошка поделба се разложува на поттипови, варијанти и подваријанти поделени во групи во зависност од конструкцијата на лакот и ногата, украсните елементи и мотиви на нив. Во Македонија се откриени четири примероци.
Каталог:
33. Фибула, бронза (сл. 33), локалитет Градиште, Кнежје (населба),56 карта 1/10; димензии: дол. 3,7 cm, вис. 1,8 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип I (според Василева М., 2012, 22-24).
Целосно зачувана. Еднакво дебел лак со ромбоиден пресек без декорација. Спиралата се состои од четири намотани кружни навои поставени од надворешната страна, од кои два од едната и два од другата страна на лакот. Надворешна тетива ги врзува крајните навои на спиралата. Ногата e еднакво здебелена во форма на столпче со кружен пресек, паралелна со лакот. Рамото за држачот за игла и ногата се поставени под прав агол во однос на лакот.
34. Фибула, бронза (сл. 34), локалитет Градиште, Кнежје (населба),57 карта 1/10; димензии: дол. 4,8 cm, вис. 1,7 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; tип I (според Василева М., 2012, 22-24).
Еднакво дебел издолжен лак со ромбоиден пресек, без декорација. Спиралата се состои од четири намотани кружни навои поставени од надворешната страна, од кои два од едната и два од другата страна на лакот. Ногата е во форма на превртен конус, поставена под прав агол во однос на рамото за држачот за игла, кој е малку закосен нанадвор во однос на лакот. Држачот за игла е со полукружна форма. Два навоја од спиралата, тетивата и иглата недостасуваат.
35. Фибула, железо (сл. 35), локалитет Градиште, с. Горно Нерези, Скопје (населба),58 карта 1/1; непубликувана; димензии: дол. 7,9 cm, вис. 2,8 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип I (според Василева М., 2012, 22-24).
Еднакво дебел издолжен лак со ромбоиден пресек, без декорација. Спиралата се состои од четири намотани кружни навои поставени од внатртешната страна на лакот, составот на крајните навои е врзан со внатрешна тетива. Ногата е во форма на превртен конус, механички искривена и налегната врз рамото (била поставена под прав агол во однос на рамото), украсена со железна лента на горниот завршеток. Држачот за игла е со трапезоидна форма. Иглата недостасува.
36. Фибула, железо (сл. 36), локалитет Маркова Кула, Демир Капија (населба),59 карта 1/13; непубликувана; димензии: дол. 4,1 cm, вис. 1,9 cm; датирање: крај на IV - почеток на III век пр. н.е.; тип I (според Василева М., 2012, 22-24).
Еднакво дебел лак со ромбоиден пресек, без декорација. Спиралата се состои од четири намотани кружни навои поставени од надворешната страна, од кои два од едната и два од другата страна на лакот. Составот на крајните навои е врзан со надворешна тетива. Ногата е во форма на латинската буква „S“, го надвишува лакот, а со горниот дел налегната врз него. Држачот за игла со трапезоидна форма. Дел од иглата недостасува.
Појавата на фибулите со билатерална спирала во Македонија не изненадува со оглед на зголемениот обем истражувања што се организирани на античките населби во последните десетина и повеќе години. Сите се откриени во раноантички слоеви, хронолошки определени во периодот од крајот IV- почеток на III век пр. н.е. Засега се откриени мал број наоди само од првиот, а отсуствуваат наоди од вториот и третиот тип. Во бугарската типологија типот I е расчленет на шест поттипа, од кои само третиот поттип на две варијанти. Расчленувањето на типот I е условен од различната форма и украсните мотиви на лакот, но најчесто на ногата. Кога се во прашање основните критериуми, тогаш нашите наоди сигурно припаѓаат на типот I, имајќи ја предвид формата и конструкцијата на спиралата, додека во однос на конструкцијата на лакот и ногата не припаѓаат на ниту еден поттип или варијанта. Освен спиралата, која со останатите аналогни примероци од Бугарија и Романија има идентична конструкција, останатите елементи содржани во лакот и ногата типолошки најмногу се доближуваат до тие на тракискиот тип. Без исклучок, сите наши фибули имаат ромбоиден пресек на лакот, за разлика од идентичните наоди во трако-гетскиот културен простор кои се со кружен пресек, листесто проширен или копјест со правоаголен пресек, често украсуван со врежани линии или со копчести додатоци.60 Иста е состојбата и со ногата, кај примероците од типот I од Бугарија и Романија таа секогаш е изведена со украсни елементи, понекогаш и со сложена формација на копчести здебелувања и спирални завршетоци, потоа со форма на глава од клинец, тордирана, со остар крај или во форма на спирала, додека кај нашите наоди таа е едноставна и без украсувања.
Три наши примероци се со вертикална нога во форма на превртен конус (бр. 32-34) и една во форма на латинската буква „S“ (бр. 36), без украсни елементи. Како најблиска аналогна врска за нашите фибули со едноставно изведена вертикална нога би можело да се земат тие кои се откриени на непознат локалитет од поранешна Југославија (Глоговик, Србија),61 од Ниш (Србија)62 и неколку други наоди од разни локалитети63 кои типолошки најмногу се приближуваат до нашите примероци, но со малку видоизменет завршеток на ногата. Освен фибулата од непознат локалитет од поранешна Југославија (Глоговик), која има идентични типолошки елементи со нашите три примероци со вертикална нога, останатите фибули од Србија и од другите локалитети се украсени со две и повеќе конусовидни или копчести украсни додатоци на завршетокот од ногата. Фибулата од Демир Капија (бр. 36) со нога во форма на латинската буква „S“ засега претставува единствен познат примерок без аналогии меѓу наодите во матичните области и пошироко. Како и кај претходните примероци од овој тип, конструкција на лакот и ногата ни најмалку не отстапува од идентичните наоди на тракискиот тип. Аналогно на тоа, ако се земат предвид елементите содржани во формата на лакот и ногата на нашите наоди, тогаш повеќе се доближуваат до сличните примероци на тракиски фибули определени во тип II.1а и II.1c (Кнежје бр. 33, бр. 34 и Горно Нерези бр. 35), односно тип III.4b (Демир Капија бр. 36), од типологијата на М. Василева. Појавата на овие фибули на крајната периферија од производната и дистрибутивна мрежа во матичните области во голема мера изненадува, пред сѐ�, поради фактот што отсуствуваат идентични наоди како потврда за типолошките особености што ги носат нашите наоди. Отсуството на идентични примероци уште повеќе го усложнува пристапот кон нивната категоризација, со оглед на тоа што претставуваат наоди кои со своето присуство се наметнуваат како дел од широката типолошка палета.
Треба да се нагласи дека романските автори овие фибули ги сметаат за „хибриден тип“ со латенска форма, но со иста хронолошка позиција како тие во Бугарија. Кога се однесува до нашите фибули, можеби предлогот на D. Măndescu хибридните фибули да се поделат на две основни групи е мошне прифатлив,64 но за нас тоа не е од пресудно значење. Овде нема да навлегуваме во типолошки расправи кога на располагање имаме мал број наоди само од еден тип, што не дозволува подетално да ги согледаме овие прашања. Во оваа смисла, сѐ� уште постојат различни мислења околу целосната типологизација на овие фибули кога се прашање конструктивните елементи на лакот и ногата, во случај кога сѐ� уште постојат многу откриени, а необработени примероци кои во голема мерка би влијаеле на нивната категоризација, а во таа насока и на одредени прашања околу појавата, дистрибуцијата и хронолошките рамки.65 Се работи за прашања од типолошки карактер за морфологијата на овие фибули, за кои одговор треба да се очекува во наредните истражувања на новооткиени примероци, претежно на трако-гетскиот културен простор, каде што се откриени најголем број наоди од овој тип фибули.
Појавата на нашите фибули само ја потврдува констатацијата дека развитокот на формата која содржи речиси идентични елементи, но, со различна конструција на лакот и ногата, до толку е изразена што ретко можат да се сретнат сосем идентични примероци во текот на нивното опстојување. Овој тип фибули од Македонија само уште еднаш го збогатува типолошкиот фонд, кој очевидно треба да се надополни со овие наоди. Според типолошките елементи содржани во формата, овие фибули тешко можат да се класифицираат во посебен тип, но очевидно претставуваат преодна варијанта меѓу фибулите од тракиски тип и тие со латенска форма на лакот и ногата, или едноставно како моден тренд во конструкција на спиралата со латенски влијанија, со оглед и на идентичните хронолошки вредности.
Т. 1 - Застапеност по локалитети на фибули од тракиски тип и со билатерална спирала
Белешки
- Ристов К., 1999, 113-134. ↩
- Фибулата е откриена со истражувањата од 2013 година во гробот 4. Резултатите од истражувањата не се публикувани. ↩
- Stoić M., 1986, 88, T. 38/12; Поповић П., 1991, 168, сл. 2/6-7; Popović, P., 2007, 817, Sl. 3/7-9. ↩
- Robinson D. M., 1941, 104-106, Taf. 21-22. ↩
- Teržan B., 1976, 317-536; Težak-Gregl T., 1982, 25-46. ↩
- Поповъ Р., 1913, 159-162, сл. 17-20. ↩
- Поповъ Р., 1924, 133. ↩
- Миковъ В., 1931, 150, 171-181, Обр. 149. ↩
- Чангова Й., 1981, 52–106; Игнатов В., 2001, 9-11; Василева М., 2013, 89-103; Vasileva M., 2014, 35-63; Василева М., 2016, 175-189. ↩
- Alexandrescu A. D., 1976, 131-142, 71-92; Măndescu D. 2002, 27-32; Măndescu D., 2001-2003, 23-26; Măndescu D., 2005, 41-48; Zirra V. V., 2011, 1-12. ↩
- Домарадски М., 2000, 202 – 224; Măndescu D., 2000, 71-92.; Zirra V. V., 2000, 29-53, Abb. 1- 6. ↩
- Василева Б. М., 2012, 1-51. ↩
- Фибулата е откриена со истражувања во 2015 година во владетелска палата. Палатата е датирана во втората половина на V до првите децении на III век пр. н.е. Покрај другите наоди, фибулата е откриена на подот со шарнирски и други тракиски фибули и монети на Александар III (336-323) и пајонскиот владател Леон (278-250). Фибулите се датирани од крајот на IV до првите децении на III век пр. н.е., во последната фаза од егзистирањето на палатата - Билазора III, но не подоцна од Галскиот продор на овие простори во 279/8 година пр. н.е. Во наредната, IV фаза (279-168), палатата воопшто не била обновена (Митревски Д., 2016, 37-49; Mitrevski D., 2018, 179-194). Локалитетот претставува утврдена пајонска населба која егзистирала во периодот од VII-II век пр. н.е. (Митревски Д., 2016, 23-36; Микулчиќ И., 1999, 150- 152). За информациите и отстапениот материјал му благодарам на Драги Митревски, раководител на истражувањата. ↩
- Георгиев З., 1990-1991, 94-97, сл. 6/10. Фибулата е откриена со археолошки рекогносцирања во периодот од 1981-1984 година. Локалитетот досега не е истражуван, се наоѓа на околу 1,6 km западно од селото на мало ридесто зарамнето плато, над левиот брег на реката Пчиња. Претставува населба од железно време со континуитет на животот и во античко време (VII-III век пр. н.е.) (Георгиев З., 1990-1991, 94-97, сл. 4-6). ↩
- Митревски Д. 2016а, 157, сл. 238/4. Фибулата е отриена е во јама 6, блок XXXIV, со шарнирска фибула и фрагменти од керамички садови. Содржината на јамата авторот ја датира во V век пр. н.е. Лакот на шарнирската фибула е украсен со пет шестлисни розети, кои во Македонија се датираат од крај на VI почеток на V век пр. н.е., додека во северните области се јавуваат по средината на IV век пр. н.е. (Vasić R., 1999, 114-115). ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, Т. II/5, сл. 12. ↩
- Врз основа на другите наоди кои беа откриени во гробовите, во прв ред на шарнирските фибули (Vasić R., 1999, 105, 114-115), двата пара наушници и керамичките садови (лекит-арибалос и амфориск), гробовите беа датирани во почетокот на IV век пр. н.е. (Ристов К., 1999, 128-133). Но земајќи ги предвид и тракиските фибули (Василева М., 2012, 5-16; Василева М., 2013, 92), како примарни наоди со точно определена типолошна и хронолошка позиција, гробовите најдоцна можат да се датираат во втората половина на IV век пр. н.е. ↩
- Mitrevski D., 2018, 187-188, fig. 11/3. Откриена е заедно со фибулата бр. 1 при истражувања во 2015 година, во владетелска палата (види: footnote 13). ↩
- Фибулата е откриена со истражувањата од 2013 година во гробот 4. Покрај фибулата, во инвентарот на покојникот се откриени и бронзен прстен со масивна тенка кружна глава без декорација, железен прстен и железен брич. Според остеолошките остатоци и гробните наоди, во гробот бил погребан машки покојник. Локалитетот претставува утврдена населба која егзистирала во периодот од VII-II век пр. н.е. (Микулчиќ И., 1982, 21-23). На Томислав Микулчиќ (Музеј на град Скопје), раководител на истражувањата, му благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Фибулата е откриена во градбата 1 со две монети од областа Етолија (279-168), во текот на истражувањата од 2018 година. Градбата е датирана во рамките на периодот од IV-II век пр. н.е. На Митко Штерјов (Завод и музеј - Штип) и на Ване П. Секулов (Завод и музеј - Струмица), раководители на истражувањата, им благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Ристов К., 1999,123-126, Т. III/2. ↩
- Фибулата е откриена со археолошки рекогносцирања во периодот од 2015-2016 година. (Проект: Археолошки катастар на Република Македонија, Археолошки музеј на Македонија и Институт за археологија, Филозофски факултет - Скопје), Локалитетот досега не е истражуван, се наоѓа на околу 1 km јужно од селото на блага терасеста височинка над левиот брег на реката Пчиња. Претставува населба од железно со континуитет на животот и во античко време (VII-III век пр. н.е.), (Георгиев З., 1990-1991, 97-101, сл. 7; Археолошка карта на Македонија. 1996: 368). На Виктор Лилчиќ-Адамс и Владимир Атанасов, раководители на истражувањата, им благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Фибулата е откриена со археолошки рекогносцирања во 1981 година. (Проект: Стари градови и тврдини во Средно Повардарје, Институт за археологија, Филозофски факултет - Скопје). Локалитетот досега не е истражуван, се наоѓа на околу 2,5 km југоисточно од селото. Претставува населба со подолг временски период на егзистирање (VII-I век пр. н.е. и од II-VI век), (Папазоглу Ф., 1957, 211; Археолошка карта на Македонија. 1996,77). На Виктор Лилчиќ-Адамс раководител на проектот му благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Микулчиќ И., 1982, 32, сл. 9/5. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. III/3. ↩
- Фибулата е откриена при рекогносцирање во текот на 2015-2016 година. (Проект: Археолошки катастар на Република Македонија, Археолошки музеј на Македонија и Институт за археологија, Филозофски факултет, Скопје). Локалитетот досега не е истражуван, претставува утврден стражарски пункт од V-II век пр. н.е. На Виктор Лилчиќ Адамс и Владимир Атанасов раковдители на истражувањата им благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Митревски Д., 2017-2018, 16, fig. 24/8. Фибулата е откриена со археолошки истражувања во 2016 година во владетелска палата. За локалитетот види: забелешка 13. ↩
- Фибулата е откриена со археолошки ископувања во 2008 година. За локалитетот види: footnote 13. На Александар Данев и Александар Нацев (Народен музеј Свети Николе) им благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Фибулата е откриена при рекогносцирање во 2006 година од авторот (Музеј на град Скопје). Локалитетот досега не е истражуван, претставува утврдена населба од V-III век пр. н.е. (Микулчиќ И., 1982, 24-26). ↩
- Фибулата е откриена при рекогносцирање во 2006 година, заедно со бр. 15 (види: забелешка 29). ↩
- Георгиев З. 2017, 108-109, Т. XIV, 1. Фибулата е откриена со истражувања во 1996 година, во близина на градба 3. Локалитетот се наоѓа во непосредна близина на езерото „Младост“ од спротивната страна на големото раноантичко утврдување Кале - Отовица. Претставува спопански комплекс кој егзистирал во периодот од втора половина на IV до средина на III век пр. н.е. ↩
- Фибулата е откриена при рекогносцирање во 2009 година. Локалитетот досега не е истражуван, претставува населба од бронзено, железно време и утврден пункт од раноантичко време V-III век пр. н.е. (Ѓеорѓиевски Б., 1993, 51- 68, Т. XI). На Дејан Ѓорѓиевски (Музеј - Куманово) му благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Фибулата е откриена при рекогносцирање заедно со фибулата бр. 19 (види: забелешка 32). ↩
- Фибулата е откриена со истражување во 2016 година. Локалитетот претставува утврдена пајонска населба која егзистирала во периодот од VII-III век пр. н.е. (Микулчиќ И., 1988-1989, 65-88). На Орданче Петров (Институт за старословенска култура - Прилеп), раководител на истражувањата му благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Фибулата е откриена со археолошки ископувања во 2008 година во владетелската палата (види: забелешка 13). За информациите и отстапениот материјал им благодарам на Александар Данев и Александар Нацев (Народен музеј - Свети Николе). ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. II/4, сл. 11. ↩
- Фибулата е откриена со археолошки рекогносцирања во 2013 година. (Проект: Археолошки катастар на Република Македонија, Институт за археологија, Филозофски факултет - Скопје). За локалитетот види: забелешка 32. На Виктор Лилчиќ-Адамс раковдител на истражувањата му благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. II/6, сл. 14. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. III/1. ↩
- Георгиев З. 2017, 108-109, T. XIV, 2. Фибулата е откриена со археолошки истражувања заедно со бр. 18. (види: забелешка 31). ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. II/8, сл. 13. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. I/8, сл. 4. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. II/7, сл. 15. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. I/7, сл. 7. ↩
- Ристов К., 1999, 123-126, T. I/9. ↩
- Василева М., 2012, 14, Т. 1. ↩
- Zirra V. V., 2000, 35, Abb. 4/9, Abb. 14. ↩
- Василева М., 2012, 13-14. ↩
- Zirra V. V., 2000, 35, Abb. 4/10-12, Abb. 14. ↩
- Георгиев З. 2017, 114-117. ↩
- Василева М., 2012, 14-16.; Zirra V. V., 2000, 36, Abb. 4/13-23. ↩
- Stoić M., 1986, 88, T. 38/12; Popović, P., 2007, 817, Sl. 3/7-9. ↩
- Mitrevski D., 1987, 29-33; Vasić R., 1999, 69-77. Претежно фибулите со плочеста и нога во форма на беотски штит. ↩
- Vasić R., 1999, 105. ↩
- Домарадски М., 1984, 32, 121-122, Рис. 9, 41; Василева М., 2012, 22-31. ↩
- Митревски Д., 2016, 46-48, сл. 37б/9. Фибулите бр. 33 и 34 се откриени во владетелската палата. Имаат идентичен контекст на откривање како и фибулата бр. 3 (види забелешка 13). ↩
- Фибулата е откриена во владетелската палата заедно со бр. 33 (види: забелешка 13). ↩
- Фибулата е откриена при рекогносцирање во периодот од 2015-2016 година (Проект: Археолошки катастар на Република Македонија, Археолошки музеј на Македонија и Институт за археологија, Филозофски факултет - Скопје; непубликувана). Локалитетот досега не е истражуван, претставува населба која егзистирала во периодот од VII-III век пр. н.е., како и од IV-VI век. (Лилчиќ, В. 1978: 227-234; Микулчиќ, И. 1982: 76-78). На Виктор Лилчиќ-Адамс и Владимир Атанасов, раковдители на истражувањата, им благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Фибулата е откриена со истражувањата во 2016 година, во градба на под со монети на Касандар (306-297) и Деметриј I Полиоркет (294-288). За локалитетот види: забелешка 34. На Орданче Петров (Институт за старословенска култура - Прилеп), раководител на истражувањата, му благодарам за информациите и отстапениот материјал. ↩
- Василева М., 2012, 22-31, Т. 2; Spânu D., 2013, fig. 3. ↩
- Zirra V. V., 2000, 36, Abb. 6/19 (непознат локалитет од поранешна Југославија); Vasić R., 2000, 15, fig. 2/12 (Ја претставува како фибула откриена од Глоговик, а според формата, веројатно e иста со таа презентирана кај Zirra). ↩
- Археолошко благо Ниша. 2004, 46, кат. бр. 59; Vasić R., 2000, fig. 2/9-11 (Ниш). ↩
- Zirra V. V., 2000, 36, Abb. 6/20-22; Vasić R., 2000, 15, fig. 13 (Црна Гора). ↩
- Măndescu D., 2000, 53. Предлага поделба на две групи: 1) фибули со билатерална спирала, со нога во форма на тракискиот тип и 2) фибули со билатерална спирала и нога орнаментирана со разни украсни елементи и додатоци. ↩
- Spânu D., 2013, 146-150. ↩
Summary
Thracian Type Fibulae from Macedonia
In the territory of Macedonia, Thracian type fibulae are very little known. After discovering the first 11 samples in two graves from Katlanovska Banja necropolis, with the research in the following years to date, the number of detected specimens of this type of fibula has increased about thirty. Most of these fibulae have been discovered so far in the Skopje-Kumanovo region, while some findings on several localities mostly in the eastern part of Macedonia. In addition to the group finding from Katlanovska Banja, only one more fibula was discovered in the necropolis at the site Gradishte Brazda, Skopsko, while the remaining fibulae were found in settlements.
It’s about arched fibulae with relatively small dimensions ranging from 2.2-7.5 cm (No. 1-32). In the middle, the arc can be bold, leaf or extended with a rectangular shape, but with a different section (circular, semicircular, rhomboid, polygonal, rectangular), often ornamented with geometric motifs. On the backside, the arc turns into a simple one-sided spiral that continues in a needle, the same length as the arc. On the opposite side of the arc continues in the shoulder on which the needle holder is placed, from where it continues in the leg, with different shape. The shape and decorative motifs of the arc and the leg, basically determine the type of the fibula. The shape of the leg is different. In some samples, it is simply bent upright at right angles, or parallel to the arc-shaped arcshaped arc, then in the form of a cone-shaped cone, or pyramid, often on the upper side decorated with a widening in the shape of a button of the same width as the leg , or a massive button with a circular shape in the shape of a head of a nail, often on the upper base decorated with a cruciform ornament, while in some samples it has the form of the Latin letter “S”.
The stem areas and distribution of these fibulae are mostly related to the Daco-Thracian cultural space in Bulgaria and Romania. Samples of this fibula are also found in Moldova and Ukraine, resulting in concentrations around the Black Sea region. In this area, they are found in a large number, typologically classified and predominantly dating back to the V-III century BC, although some specimens are encountered until II-I century BC. They are thought to have evolved from the feminine type of fibulae (Chertoza fibula) characteristic of Italy at the end of the Hallstatt (La Tene) period, named after the necropolis near Chertoza near Bologna, where they were discovered.
Of the other samples, four fibulae with a bilateral spiral are separated (No. 33-36), but with elements of the arc and the leg close to the Thracian type. This type of fibulae has an equal number of spiral threads at one end and the other end of the outer side of the arc, which are separated from the Thracian type by the different construction of the arc and the leg. The bow is often decorated, but with a different section (circular, rectangular, rhomboid), while the leg is in a freely upright position, lying on the arch, or is tied to the arc, decorated with a spiral, ring, conical or ballpoint decorative elements. Their shape is derived from the influences of Celtic fibulas called La Tene, and in Bulgaria, determined in three basic types, in the period from the end of the IV - I century BC. Except for the shape and construction of the spiral, derived from the La Tene fibulae, our fibulas have not suffered any influence over the elements contained in the arc and the leg, which are typologically approaching most of those of the Thracian type.
Библиографија
- Alexandrescu A. D., 1976, À propos des fibules „thraces“ de Zimnicea, Thraco-Dacica N.S. 1, 131-142.
- Археолошка карта 1996, Археолошка карта на Република Македонија, том II., Скопје.
- Археолошко благо Ниша 2004, Археолошко благо Ниша од неолита до средњег века (каталог). Српска академија наука и уметности, Београд.
- Георгиев З. 1990-1991, „Три предримски населби кај Пчиња“. Годишен Зборник на Филозофскиот факултет, 17, Скопје, 91-103.
- Георгиев З. 2017, Раноантички стопански објект кај Кале - Отовица, Патримониум.мк, Списание за културното наследство - споменици, реставрација, музеи - Година 10, бroj 15, Скопје, 91-131.
- Домарадски М., 1984, Келтите на Балканския полуостров, IV—I век пред н.е., Наука и изкуство, София.
- Домарадски М., 2000, Фибули от късножелязната епоха в Тракия (част I), Годишник на Департамент Археология - Нов Български Университет, том IV–V, София, 202-224.
- Ѓеорѓиевски Б., 1993, Праисториски градишта од Кумановско, Macedoniae acta archaeologica 12, Скопје, 51-68.
- Игнатов В., 2001, Фибули от късножелязната и ранноримската епоха от Новозагорско, Известия на Съюза на учените, Том 3, Сливен, 9-11.
- Лилчиќ В., 1978, Доцноантичка утврдена населба кај Горно Нерези, Macedoiae acta archaeologica 4, Скопје, 227-234.
- Măndescu D., 2000, Fibula de schemă tracică. Noi puncte de vedere, Studi şi cercetari de istorie veche şi archeologie, 51, № 1-2, 71-92.
- Măndescu D., 2002, Un problème controversé: la gènese de la fibule de schéma thrace, Archaeologia Bulgarica 6, Sofia, 27-32.
- Măndescu D., 2001-2003, Consideraţii cu privire la fibulele de schemă tracică din tezaurele de la Buneşti-Avereşti şi Epureni-Huşi (jud. Vaslui), Acta MM 22-24/1, 23-26.
- Măndescu D., 2005, Câteva particularităţi regionale ale fibulei de schemă tracică, PEUCE, Studii si cercetari de istorie si arheologie S.N. II (XV), 2004, Tulcea, 41-48.
- Миковъ В. 1931, Тракийски тип фибули, Известия на Българския археологически институт, VI (1930-1931), София, 171-181.
- Микулчиќ И. 1982, Скопје со околните тврдини, Скопје.
- Микулчиќ И., 1988-1989, Топографија на Стенае - Просек - Демир Капија, Годишен зборник на Филозофскиот факултет Т. 41-42, Скопје, 65-88.
- Микулчиќ И., 1999, Антички градови во Македонија, Скопје.
- Mitrevski D., 1987, Bow fibulae from Iron Age sites in the Vardar Valley, Archaeologia Iugoslavica 24, Ljubljana, 29-42.
- Митревски Д., 2016, Античка Билазора, престолнина на независните Пајонци, Свети Николе.
- Митревски Д., 2016а, Скопската тврдина - Кале од праисторијата до раната антика, Скопје.
- Митревски Д., 2017-2018, Владетелскиот комплекс во Билазора, Monumenta, (Годишник на Истражувачкиот центар за културно наследство, Македонска академија на науките и уметностите), Бр. 2-3, Скопје, 7-25.
- Mitrevski D., 2018, The Royal Palace in Bylazora, Folia Archaeologica Balkanica, vol. IV, (In honorem professoris Viri clarissimi ac doctissimi Viktor Lilčić Adams), Skopje, 179-194.
- Папазоглу Ф., 1957, Македонски градови у римско доба, Скопје.
- Поповь Р. 1913, Халщатски и латенски фибули оть разни находища вь Блгария, Списание на Българската академия на науките, VI, София, 141-164.
- Поповь Р. 1924, Периодически изследвания вь Врачанско поле, Известия на Археологическия институт II, (1923-1924), София, 99-136.
- Поповић П. 1991, Млаће гвоздено доба Ђердапа, Старинар Н.С. XL-XLI, 1989-1990 Београд.
- Popović, P., 2007, Nakit iz Krševice (The jewellery from Krševica), In: M. Blečić, M. Črešnar, B. Hänsel, A. Hellmuth, E. Kaiser, C. Metzner-Nebelsick (eds.), Scripta praehistorica in honorem Biba Teržan, Situla 44, Ljubljana, 813-820
- Ристов К. 1999, Два гроба од Катлановска Бања, Macedoniae acta archaeologica 15, Скопје, 113-134.
- Robinson D.M. 1941, Excavations at Olynthus. Part X. Metal and Minor Miscellaneous Finds. Baltimore.
- Spânu D., 2013, Fibule „de tip hibrid”? Materiale şi Cercetări Arheologice (serie nouă), IX, Bucureşti, 145-156.
- Stoić M. 1986, Gvozdeno doba u basenu Velike Morave, Beograd-Svetozarevo.
- Zirra V. V., 2000, Bemerkungen zu den thrakogetischen Fibeln, Dacia N.S., XL-XLII (1996- 1998), 29-53.
- Zirra V. V., 2011, Research stage of the La Tène and Thracian scheme fibulae in Romania - Dynamics and exclusion. Critical general approach, in: WSEAS - Transactions on Environment and Development, Iss. 1, Vol. 7, 1–12.
- Teržan B., 1977, Certoška fibula, Aheološki Vestnik 27, 3, Ljubljana, 317-536.
- Težak-Gregl T., 1982, Certoza fibule na centralnom japodskom području, Vjesnik Arheolokog muzeja u Zagrebu 3, sv. XIV, Zagreb, 25-46.
- Василева М., 2012, Фибули от късножелязната епоха в древна Тракия (V-I в. пр. Хр.). Автореферат на дисертация за присъждане на образователна и научната степен „доктор“. София, 1-51.
- Василева М., 2013, Фибули от късножелязната епоха от светилището при Бабяк, Западни Родопи, Известия на националния археологически институт при БАН, XLI, София, 89-103.
- Vasileva M., 2014, Fibulae from Apollonia Pontica, Archaeologia Bulgarica XVIII, 1, Sofia, 35-63.
- Василева М., 2016, Фибули от късножелязната епоха от селището на хълма Кракра при Перник, Националният археологически институт с музей при БАН, XLIII, София, 175-189.
- Vasić R., 1999, Die Fibeln im Zentralbalkan (Vojvodina, Serbien, Kosovo und Makedonien), Prahistorische Bronzefunde, XIV, 12, Stuttgart.
- Vasić R., 2000, Thracian Fibulae in the west: Invasion or Cultural Exchange?, Archaeologica Bulgarica IV, No. 1, Sofia, 13-20.
- Чангова Й., 1981, Тракийското селище от І хил. пр. н.е. во: Перник. Т. 1, София, 1981, 52–106.