Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 109–132
Локалитет Кукул - Баба кај Прилеп
Локалитетот Кукул-Баба се наоѓа на околу 4 km североисточно од градот Прилеп, меѓу две патни комуникации, асфалтниот пат што води кон вештачката хидроакумулација - Прилепското Езеро (стар пат Прилеп - Бабуна) од источната страна и земјен пат што води кон селото Дабница од западната страна. Има мошне поволна местоположба со доминација над поширокиот околен простор, особено во поглед на прегледноста кон влезовите од север и од североисток во котлината Пелагонија, и тоа на патната комуникација кон долината на Бабуна, преку преминот Дервен на планината Мукос и комуникацијата кон Повардарието, преку преминот Плетвар. Локалитетот кон југ е отворен кон широкото Прилепско Поле. Извонредната стратешка позиција овозможила просторот да биде населен уште во предисториските епохи и низ останатите историски периоди, хеленистичкиот, римскиот и средновековниот. Потврда за негово користење во наведените периоди се бројните движни наоди кои се среќаваат по површината и објектите издлабени во карпи: гробници,1 гробови,2 двојни корита за гмечење грозје3 и објекти поврзани со култни активности,4 кои се наоѓаат на самиот локалитет, како и на повеќе локации околу него. Локалитетот во Археолошката карта на Република Македонија се води како две посебни наоѓалишта, Кукул - населба од римскиот период5 и Баба - тврдина, оформена веројатно најрано во доцната антика.6 Ј. Ковачевиќ остатоците од утврдувањето ги идентификува со кастелот Βάβαζ, кој го споменува Прокопиј меѓу 46-те утврдувања во Македонија (De aedificiis, I, 14).7 Според Прокопиј, утврдувањето името Бабас го добило по еден воен командант од Јустинијаново време, но не наведува дали тоа е од основа подигнато или само обновено. Во својата анализа Ј. Ковачевиќ дошол до заклучок дека кастелот на локалитетот Кукул - Баба бил изграден околу 532 и 545 година, време кога бил завршен списот De aedificiis.8
Кукул е доминантно карпест рид со ориентација северозапад-југоисток, додека Баба е топоним за карпа - врв, кој се наоѓа во рамките на ридот, поточно, во неговиот југоисточен дел (сл. 1). Со претходно извршени површински рекогносцирања во западното подножје на врвот дефинирана е акрополата на утврдувањето, со корисна површина од околу 0,7 ha (план A).9 Од источната страна таа е заштитена со самиот масивен карпест врв, додека западната страна е стрмна и многу тешко пристапна. Северно и јужно биле оформени две подградија со приближни површини од 0,38 ha, односно 0,44 ha (План 1: B и C).10 Во нумизматичката збирка на Заводот и Музеј - Прилеп се евидентирани две депоа од рановизантиски бронзени монети пронајдени на просторот на утврдувањето.11 На крајот треба да се нагласи тоа дека на локалитетот во минатото се вршени бројни нелегални ископувања, кои денеска се видливи речиси на целата површина.
Врз основа на сите погоре наведени сознанија, а со цел утврдување на хронолошки распон на користење на локалитетот (негово попрецизно временско детерминирање), Завод и Музеј - Прилеп во 2005 година започна со сондажни археолошки истражувања, кои продолжија како систематски во 2008 и 2010 година (сл. 2).12 Сондата 1, која се постави западно од еден нелегално раскопан простор, беше со димензии 5 х 5 m и ориентација север-југ. Сондата 2, со димензии 5 х 2,5 m, се постави во продолжение на сондата 1 кон исток, односно кон нелегално раскопаниот простор, при што се остави контролен профил со ширина од 0,30 m. Во втората кампања во 2008 година се истражуваше во рамките на сондата 3, поставена во продолжение кон југ од сондата 1, а со димензии 6 х 5 m. Во последната истражувачка кампања во 2010 година се истражија две сонди, сондата 4 со димензии 5 х 5 m беше поставена во продолжение на сондата 1 кон север, додека сондата 5 со димензии 4 х 4 m се постави на околу 22 m кон север од сондата 4 со цел откривање сегмент од одбранбениот бедем на акрополот, чии контури беа видливи на самата површина. Притоа беше откриен мал дел од бедемот во должина од околу 3,80 m, ширина од 1,25 m и најголема зачувана висина од 1,50 m (сл. 3). Се констатира дека при неговото подигање карпестата основа била приспособувана со делкање за поголема стабилност. Бедемот бил граден од убаво оформени камени блокови, поврзани со варов малтер, додека внатрешноста била исполнета со поситен аморфен камен. Треба да се истакне и тоа дека на внатрешната страна од бедемот, односно на неговата страна кон акрополот се гледаат траги од малтерисување (сл. 4).
Како специфично оформен објект во карпа, а во функција на акрополот, овде ќе ја спомнеме ниската карпа која се наоѓа во крајниот нејзин југоисточен агол, односно во самото подножје на врвот Баба (План 1: 3). На неа најверојатно била лоцирана аголна кула или некаков друг објект, при што за пристапување на нејзиното рамно плато фронтално се издлабени седум скалички. Десно од нив е издлабена мала плитка полукружна ниша, па постои можност во овој простор да се изведувале некакви култни дејствија.
И двете подградија биле заштитени со одбранбени бедеми, од кои денес на терен можат да се забележат само помали партии зачувани меѓу огромните карпи на ридот Кукул (сл. 5). Посебно се издвојува југозападната одбранбена линија од јужното подградие, каде можат да се забележат повеќе фази од разни временски периоди на утврдувањето во тој дел. Најстар е ѕидот конструиран од големи камени блокови, редени по должината на фасадната страна. Тој би можел да биде хеленистички. Неговите остатоци особено се забележуваат во западниот дел од северното подградие. Долж оваа линија се забележуваат уште две подоцнежни ѕидни платна во ва-
ровен opus incertum.13
Наоди кои потврдија најрано користење на акрополниот простор на локалитетот за живеење во времето на енеолитот пронајдени се во јамата 2, лоцирана приближно во средината на сондата 1, а е издлабена во карпестата основа. Од нејзините димензии можеше да се измери само длабочина од 0,80 m, додека формата односно пречникот не можеа да се дефинираат со оглед на тоа што се протегаше под нивото на ѕидовите од една од подоцнежните градби од античкиот период (сл. 6).14 Западно од јамата се откри ред од аморфен камен, поставен во правец северозапад-југоисток, кој асоцира на ѕид од градба
која може да се поврзе со јамата 2. Таа беше
исполнета со темносива земја, помешана со гареж и пепел. Низ неа се пронајдени фрагменти од керамички садови и помал број на животински коски (сл. 7). Фрагментирана праисториска садова керамика, како и неколку орудија од камен (Т.I, 3) и една рачна камена мелница беа пронајдени во останатиот истражуван простор.15 Евидентираните садови се со средна фактура, додека со пофина изработка се неколку наоди. Работени се од земја која содржи примеси од лискун и ситни зрнца од песок, и најчесто се само со замазнета горна површина. Преовладува кафеавата боја во неколку нијанси, добиена при печењето, но присутни се и сивата и црната боја. Пронајдени се два фрагменти од типот длабока чинија со полутопчеста форма, при што едниот е украсен во техника на браздесто врежување (сл. 7, 1, Т.I, 1). Со по еден наод присутни се: чинија со цилиндричен врат и биконусна заоблена профилација (сл. 7, 2), сад со затворена форма (сл. 7, 3)16 и конусна чинија со вовлечен венец, најчест облик во садовата продукција на сите енеолитски наоѓалишта што му припаѓаат на културниот комплекс Бубањ-Хум-Салкуца-Криводол.17 Откриен е и фрагмент од сад во форма на пехар на висока шуплива нога, карактеристичен за подоцнежните енеолитски фази, исто така украсен со браздесто врежување (сл. 7, 4, Т.I, 2).18 Овој вид орнаментирање со кратки отсечни зарешки изведени со шилесто орудие претставува специфичен начин на украсување познат како fürchenstich техника. Првпат се јавува во населбите од Костолчката енеолитска културна група,19 која, распространувајќи се во својата доцна фаза кон југ, доаѓа во допир со последната фаза на Бубањ-Салкуца-Криводол културниот комплекс.20 Оваа декоративна техника на керамички садови досега не беше евидентирана во претходно дефинираните енеолитски култури на територијата од Република Македонија.21 Со истражувања во последните неколку години во прилепскиот регион, потврдено е нејзино присуство на неколку локалитети: Каракамен, с. Шелеверци,22 Големи Камен, с. Лопатица,23 Палатица, с. Штавица,24 Марково Кале, с. Локвени,25 Мал Сурун, с. Дупјачани, во насипот на тумулот на локалитетот Страгата, с. Крушевица,26 како и на Трештена Стена, с. Манастир.27 Според презентираното, на опишаниот археолошки материјал може да му се определи културолошка припадност кон последните фази од средноенеолитската регионална група Шуплевец - Бакарно Гумно, која била дел од поширокиот енеолитски комплекс Бубањ-Хум-Салкуца-Криводол, со присуство на елементи карактеристични за доцноенеолитската регионална културна група Трештена Стена,28 засега најужна потврдена културна целина која се поврзува со влијанија на Костолачката културна група.
Со истражувањата во рамките на сондите беа откриени остатоци од градби со припад-
ност на античките периоди, хронолошки по-
тврдени со мноштвото движен археолошки
материјал, опишан подолу (сл. 6). Евидентно е градење на една врз друга градба, но и користење на веќе постоечките архитектонски целини со извесни доградувања (сл. 8).
Најраните градби евидентирани при истражувањата се градбите 1 и 2. Нивните ѕидови биле градени од поголеми делумно обработени камени блокови, а измерена е средна широчина од 0,60 до 0,65 m. Градбата 1 е откриена во рамките на сондата 1 и од неа делумно се истражени две простории (сл. 6). Таа е со ориентација север-југ, додека заедничкиот надворешен северен ѕид на просториите откриен во должина од 3,40 m е со ориентација запад-исток, со отклон кон североисток, заради што нивните северозападни агли добиле остра форма. На подот кој бил од набиена земја со црвеникава боја евидентиран е подебел слој од гареж, што укажува на можноста оваа градба да страдала во пожар. Над нивото од гареж беа пронајдени повеќе фрагменти од покривна керамика - тегули.
Во сондата 4 откриени се остатоци од градбата 2 (сл. 6). Во случајов се работи за два ѕида, од кои првиот е речиси паралелен
на северниот ѕид од градбата 1, зачуван во
должина од околу 3 m и со ориентација севе-
розапад-југоисток. Вториот ѕид е со ориентација североисток-југозапад и прави остар агол со првиот ѕид (сл. 9). Според нивната поставеност се добива впечаток како да претставувале фази од градење на градбата. Со оглед на тоа што североисточната четвртина од сондата 4 не беше целосно истражена во длабочина, во тој случај како сознанија за градбата 2 остануваат само овие два ѕида. Во просторот северозападно од неа беа откриени повеќе крупни аморфни плочести камења, поставени на едно ниво, така што асоцираат на поплочување или, пак, на дел од некаква конструкција.
Следни градби кои се појавија во истражуваниот простор и беа делумно откриени, се градбите 3 и 4. Ориентирани се во правец североисток-југозапад и имаат најдобро сочувани ѕидови. Според поставеноста на теренот може да се заклучи дека биле користени за живеење во подолг временски период. Секако ова се должи на мошне компактниот опус на градење. Имено, ѕидовите на двете градби биле градени од убаво делкани камени блокови, при што како либажен слој меѓу нив биле користени поситен камен, камени плочки и фрагменти од градежна керамика - тегули, а се со ширина од 0,65-0,70 m.
Градбата 3 лежи директно на градбите 1 и 2 (сл. 10) и од неа истражени се делови од две простории со заеднички надворешен - источен ѕид, откриен во должина од 14,80 m и зачуван со најголема висина од 1,80 m. Овој ѕид чии контури се забележуваа уште на самата површина, се протега од југозападниот агол на сондата 3, ја пресекува сондата 1 и излегува од рамките на сондата 4 кон североисток (сл. 6). Во тој дел се истражи помал анексен простор и во него е откриен североисточниот агол на градбата. Северната просторија, поточно, просторијата 1 со која градбата всушност завршува кон североисток, е со ширина од 5 m. Подното ниво во неа било оформено од тврдо набиена земја со окераста боја. На тоа ниво е откриена јама обележена како јама 1, која делумно го оштетила едниот од ѕидовите на градбата 2. Таа беше исполнета со мека земја со кафеава боја, низ која се наоѓаа ретки фрагменти од керамички садови, фрагменти од садови од стакло и неколку животински коски. Во просторијата 2 подното ниво било исто така од тврда земја, но со варијација од окераста до црвено печена боја. На места беше евидентиран слој од гареж со дебелина од 6 до 12 cm. На ова подно ниво откриена е поголема конструкција од камен, залепена до источниот ѕид од градбата 3. Градена е од еден ред поситни и покрупни, делумно обработени камени блокови, така што оформиле рамка со должина од 1,52 m и ширина од 0,70 m и со висина од околу 0,15 до 0,20 m. Во североисточниот дел од конструкцијата лежеше помал ѕид од веројатно некоја помлада фаза на градбата 3. За жал, функцијата на оваа конструкција остана непозната. Тоа што треба да се нагласи за просторијата 2 во рамки на градбата е тоа што на длабочина од околу 0,25 m под подното ниво се појави ниво од земја со кафеавкаста боја. На тоа ниво се откри уште една помала конструкција од камен, позиционирана во североисточниот агол на просторијата и таа залепена до источниот ѕид на градбата. Оформена е од три поголеми обработени камења во вид на правоаголник и димензии 0,72 х 0,30 х 0,25 m. И нејзината намена остана непозната.
Градбата 4 се наоѓа на растојание од околу 0,70 m источно од градбата 3 (сл. 6). Има ориентација североисток-југозапад и исто така лежи директно на градбите 1 и 2. Со истражувањата откриен е само нејзиниот југозападен агол од причини што во правец кон исток градбата во голема мера беше девастирана со нелегални ископувања.
И двете градби, градбата 3 и градбата 4, биле покриени со покривна керамика, а потврда за тоа е дебелиот слој од тегули и имбрекси кој беше евидентиран скоро на целата истражувана површина (сл. 11). Притоа, доминира коринтски тип тегули декорирани со геометриски линеарни мотиви изведени со повлекување на прсти.29 Во просторот меѓу градбите, работно означен како ходник, беше исто така евидентирано нивото на покривна керамика, но и две веројатно нивоа на газење, едното од тврда земја со кафеава боја измешана со поситен аморфен камен, додека другото од земја со кафеавкаста боја, помешана со пепел и гареж. Но заради долгото користење на овој простор за живеење не сме во можност да кажеме нешто поконкретно за истиот.
Градбата 5 се наоѓа источно од просторијата 2 на градбата 3, а во рамките на сондата 3. Од неа е откриен само еден ѕид, приближно паралелен, во својот северен дел речиси прилепен до надворешниот - источен ѕид на градбата 3 (сл. 6 и 12). Граден е во иста техника како и ѕидовите од градбите 3 и 4 и имал ширина од околу 0,50 m. Откриен е во должина од 5,75 m со зачувана најголема висина од околу 0,50 m. Подното ниво на градбата 5 е од набиена земја со окераста боја. Покрај самиот ѕид, од неговата источна страна, пронајдени се повеќе поситни аморфни камења групирани така да оформуваат полукружен простор. Со оглед на тоа што овој простор беше исполнет со подебел слој на гареж, може да се претпостави дека во случајов станува збор за огниште (сл. 12).
Во одреден подоцнежен период просторијата 2 од градбата 3 била преградена. Ова се констатира со откривањето на мал сегмент од преграден ѕид во крајниот југозападен агол на сондата 3. Истовремено е и доградувањето во југоисточниот агол на сонда 1, кое во случајов би било дел од градба 6 (сл. 6). Во оваа фаза е евидентиран подебел слој на покривна керамика, а под него подно ниво од тврдо набиена земја со светлокафеава боја.
Последните забележани градежни зафати во рамки на истражуваниот простор се неколкуте ѕидови изградени во техника на сувоѕид, грубо прилепени за ѕидовите од постарите градби, а со цел нивно користење. Со оглед на тоа што беа во голема мера девастирани, односно со дислоцирани јадра на камените конструктивни елементи, ширината на овие ѕидови не можеше да се утврди. Овие груби доградувања лежат директно на последното евидентирано ниво на покривна керамика.
Движни наоди во рамки на градбите
Со истражувањата во трите кампањи откриен е богат движен археолошки материјал, кој ја потврди хронолошката рамка на егзистирање на локалитетот Кукул-Баба во антиката и средниот век. Сепак, треба да се напомене дека во сите сонди не се стигна до нивото на здравицата, така што со натамошни истражувања предложената детерминација може да претрпи извесни корекции. Во прилог на ова одат и површинските наоди, бронзената мониста од гердан со три краци30 и двете монети на македонските кралеви Александар III и Касандар, со што хронолошката рамка на користење на акрополниот простор за живеење се спушта во раната антика, односно кон V-IV век пр. н.е. Уште една монета на Касандар е пронајдена при самите ископувања, но со оглед што е најдена во погорните откопи најверојатно претставува дислоциран наод во рамки на културните хоризонти.
Движните наоди откриени во рамки на градбите покажаа континуитет на населбинско егзистирање од хеленистичкиот до доцновизантискиот период. Од хеленистичко време евидентирана е мноштво фрагментирана садова керамика со познатите форми на ехинус чинии, чинии од типот - ихтија, кантарос, калапени чаши - „мегарски“ тип (Т.II, 1-3), оинохои и поголеми садови за приготвување на храна - стамноси со потковичести држалки прилепени на рамниот венец кои го надвиснуваат (Т.II, 8).31 Присутни се и садови декорирани во West Slope техника со врежани вегетабилни мотиви исполнети со розева глина врз разреден кафеав фирнајс (Т.II, 4),32 како и чинии со концентрични низи од зарешки и втиснати палмети на дното.33 На овој период припаѓа и фрагментираниот наод на луцерна со копјевиден клун - „ефески“ тип/XXIIa.34 Спомнатите монети на Александар III и Касандар (Т.II, 9, 10), заедно со неколкуте наоди садови со црн, но посен премаз (Т.II, 5-7), упатуваат на најрана градбена фаза некаде на почетокот на III век пр. н.е.35 Следиме континуирано живеење во овој хеленистички период и низ целиот II и почетокот на I век пр. н.е. со оглед на доминацијата на карактеристични обработки, особено кај керамичката садова продукција: употреба на разреден кафеав фирнајс кај полуксузните примероци, долгите листови - long petals како најчест декоративен вегетабилен мотив кај калапените чаши, присуство на мешести садови - стамноси и луцерна од „ефески“ тип.36
Следат наодите од преминот од старата во новата ера, меѓу кои се издвојува доцно-латенската лачна фибула со федер (Т.I, 6, 6a),37 додека од периодот од I-III век покарактеристични форми кај садовите се тие со мошне тенки ѕидови38 и чиниите од типот источна тера сигилата - БII, со црвен и портокалов премаз и зарешки на преминот (Т.II, 12).39 На овој развиен римско-царски период припаѓаат неколку фрагментарни наоди од стаклени садови, безбојни, со зеленосина и бледомлечна боја (Т.II, 13).40 Бронзената монета од типот македонски коинон, кована за време на владеењето на императорот Гордијан III, го потврдува овој хоризонт (Т.II, 11).
Доцноантичкиот период (IV-V век) е претставен со бројна фрагментирана садова керамика, при што доминираат садовите - грниња со крушковидна форма украсени со врежување и плитко канелирање на брановидни единечни, двојни или тројни линии на рамото во комбинација со хоризонтално паралелни линии на телото (Т.V, 9, 10, 11).41 Честа појава се грнињата декорирани со врежани хоризонтални линии во комбинација со вертикални орнаментни убоди изведени со некое орудие на вратот (Т.I, 5, 11, Т.V, 1, 2, 5).42 Евидентирано е и грне со издолжена форма со хоризонтални канелури на најширокиот дел од телото (Т.IV, 5) и неколку примероци на садови прекриени со бледожолта енгоба и ребраста декорација изведена со подлабоки или поплитки канелури (Т.III, 2).43 Присутна е т.н. македонска сива грнчарија со препознатлив наод на чинија со брановидно засечен раб на венецот, украсен со врежани линии и концентрични кругчиња (Т.I, 12, 12а, Т.III, 1).44 Откриени се неколку железни алатки, меѓу кои, едно длето за обработка дрво со полукружно сечиво (Т.III, 5)45 и ножици карактеристични за овој период, кои имале широка примена во сточарството (стрижење на овци), во земјоделието (режење и кастрење на овошките), како и во обработката на кожа, ткаенини и метал (Т.III, 4).46 Пронајдени се и фрагменти од складишни садови - питоси со декоративна комбинација на триаголници и крст во круг, изведена со втиснување на печати на самиот венец, но и надворешно веднаш под него (Т.IV, 1, 2). Овој вид украсување не е непознат за наоѓалиштата од овој период, при што често се втиснуваат и печати со ознаки на работилницата или мајсторот.47 Наодот на т.н. старохристијанска луцерна со украсен раб на клунот со геометриски врежани мотиви и розета48 е најава на новите општествени состојби во источниот дел на Империјата, односно за постепено јакнење на превласта на христијанската религија (Т.III, 3). Уште една потврда за доцноантичкиот културен хоризонт претставуваат единаесетте примероци бронзени монети од времето на владеење на династијата на Константините. Станува збор за тешко читливи нумизматички наоди, така што идентификувани се само две монети на Констанс.
Од следниот VI век, односно од времето на владеењето на рановизантиските императори, се евидентира континуитетот на користење на грнињата со линеарна декорација, при што доминира брановидниот орнаментален мотив (Т.V, 6). Иста декорација се јавува и кај поголеми складишни садови (Т.I, 4; Т.V, 7). Од овој период е и стрелката со четвртостран конус и трн со кружен пресек (Т.I, 10, 10a).49 Мермерното столпче од олтарна преграда од типот со четирилистен упростен капител (Т.IV, 4)50 и наодот на крст со проширени краци на краевите (Т.I, 9, 9а, 9б, 9в)51 ги поткрепуваат сознанијата за постоење христијански сакрален објект во рамките на акрополниот простор на локалитетот. Овој објект најверојатно бил позициониран во крајниот западен дел од акрополата каде се евидентирани мноштвото фрагментирана покривна керамика, бигорни камења, остатоци од малтер и депото за реликвии со крстовиден централен дел, издлабено во монолитна хоризонтална карпа во тој дел (План 1: 10).52 Речиси идентична форма на депо за реликвии со исти димензии и ориентација е откриено во рамки на еднокорабна ранохристијанска црква лоцирана на североисточниот дел од акрополот на локалитетот Чебрен кај селото Зовиќ, каде во доцноантичко време егзистирала утврдена населба.53 Постои можност и депото за реликвии од локалитетот Кулул-Баба да се наоѓало во рамките на иста таква ранохристијанска црква. Што се однесува до рановизантиски нумизматички наоди, откриени се по еден примерок на полуфолис и 16 нумии на Јустинијан I и еден фолис на Јустин II.
Акрополниот простор на локалитетот Кукул-Баба е користен со помал интензитет и во раниот среден век, односно од крајот на X век до XII век, кога утврдувањето веројатно го губи своето значење како важен стартегиски пункт. На оваа претпоставка упатува малобројниот пронајден движен археолошки материјал. Покрај површинскиот наод на анонимен фолис на овој период припаѓаат неколкуте наоди на керамички садови со погруба изработка и линеарна декорација (Т.V, 3, 4), фрагмент од чинија со хоризонтални подлабоко врежани линии (Т.V, 8) и бронзеното копче со две калоти (Т.I, 7, 7a).54
Што се однесува до други евидентирани предмети со различна намена, а се појавуваат во не само еден од горенаведените периоди, така што не можат прецизно хронолошки да се детерминираат, присутни се земјените тегови со пирамидална и бубрежеста форма, керамички и камени плочки, продупчени или непродупчени, фрагментиран бронзен сад, ножеви (Т.IV, 3), кланфи и други предмети од железо.
Заклучок
Според добиените сознанија со археолошките истражувања од 2005 до 2010 година на локалитетот Кукул-Баба дефинитивно се потврди користење на просторот во еден подолг временски интервал, од енеолитско време, преку античката епоха сѐ� до раниот среден век, односно доцновизантискиот период. Пред овие истражувања за определување на овој временски дијапазон на користење на локалитетот, особено во античките периоди, како мошне релевантен археолошки движен материјал, покрај двете депоа на рановизантиски монети, за попрецизно хронолошко детерминирање упатија површинските нумизматички наоди: три бронзени монети на автономните македонски градови, две на Пела55 и една на Тесалоника, еден сребрен денар на Јулија Павла, две бронзени монети на Константин I и по една на Констанс, Константин II и Теодосиј I.56 Беа евидентирани и фолис на Јустин II57 и анонимен фолис од крајот на X век.
Иако малобројни, наодите од праисториската епоха (во јамата 2 и низ односниот културен хоризонт) сепак укажаа на одредено егзистирање на локалитетот уште во тоа подалечно минато. Карактеристиките на движниот материјал од овој хоризонт го поврзуваат со преминот од среден кон доцен енеолит, односно истиот припаѓа на балканскиот комплекс Бубањ-Хум-Салкуца-Криводол, а во рамките на регионалната доцноенеолитска културна група Трештена Стена. Со оглед што оваа регионална група е релативно новодефинирана културна појава, и тоа со систематските истражувања во последните неколку години на истоимениот локалитет во прилепскиот дел од Мариово,58 сознанијата за истовремено егзистирање и на локалитетот Кукул-Баба ја дополнуваат сликата за односниот праисториски период. Но треба да се напомене дека при археолошките ископувања до здрава земја беше истражено само во сондата 1, и тоа во еден нејзин дел. Мошне е веројатно со евентуални идни истражувачки кампањи на локалитетот, со ископувања во подлабоките земјени слоеви да бидат евидентирани покомпактни културни појави од праисториските периоди, со што би се дополниле сознанијата за оваа подалечна епоха.
Што се однесува на населбинското користење на просторот на локалитетот во античката епоха, се констатира дека во хеленистичко време, некаде на преминот од IV во III век пр. н.е, била оформена помала населба. Површинскиот наод на бронзена мониста од гердан со три краци упатува на можноста за почеток на живеење на акрополниот простор едно столетие порано. Скромните остатоци од двете хеленистички градби (градба 1 и градба 2) не понудија поконкретни сознанија за нивните параметри и намена. Фактот што врз нив се подигнати градбите од следниот римски период, исто така претставуваше дополнителна пречка за нивно дефинирање.
На преминот од старата во новата ера на поширокиот географски простор настануваат големи општествено-политички промени. Ова е времето кога Римската Империја по воспоставување на стабилна власт оформува мошне добро организиран територијален систем на одбрана, така да се преземаат интензивни градежни активности со цел обновување и зајакнување на постојните утврдувања на стратешки позиции кои контролираат важни патни комуникации, но се подигаат и нови.59 Овде се вклучуваат и утврдувањата кои се значајни пунктови во однос на прегледноста на влезовите во северниот дел на котлината Пелагонија, поточно, во прилепскиот нејзин дел, Градиште кај село Дебреште и Кукул-Баба.60 Според аналогни сознанија поврзани за опишаниот начин на градење на одбранбените бедемски обѕидија на акрополата и двете подградија, како и на градбите 3 и 4, најверојатно тие се подигнати во овој раноцарски римски период, односно кон крајот на I век пр. н.е. Откриениот сегмент од внатрешниот бедем на акрополата, како и деловите од двете градби, се всушност најсочувани и најкомпактни архитектонски остатоци на локалитетот.
Во доцноантичкиот период кога започнуваат првите варварски налети од север, кастелот постепено прераснува во значаен стражарски пункт - стратешка контролна точка. Најверојатно во овој период се подигнати градба 5 и градба 6, но со интенција на натамошно користење на градбите 3 и 4. За зголемено значење на утврдувањето од IV до VI век говорат наодите кои се поврзуваат со постоење на сакрален објект. Тоа значи дека во тој период просторот бил континуирано користен од побројно население, па за редовно практикување на обредите поврзани со новоприфатената религија е подигнат христијански храм.
По завршувањето на владеењето на династијата на Јустинијаните под влијание на засилените миграциони процеси на Балканскиот Полуостров и создавање нови држави, доаѓа до одредено слабеење на Византиското Царство. Веројатно во тоа време, како и многу други утврдувања на поширокиот простор и утврдувањето на локалитетот Кукул- Баба е напуштено сѐ� до раниот среден век, кога според ретките движни наоди датирани од X - XII век забележуваме населбинско егзистирање, но со помал интензитет.61
За крај, ќе споменеме дека во подножјата на ридот Кукул се евидентирани поголем број на двојни корита за гмечење на грозје и гробови издлабени во карпи. Обработката на грозјето и консумирањето на неговиот сок - виното, е значаен сегмент од културата на живеење во античкиот период.62 Што се однесува до некрополите со гробови издлабени во карпа, неколку од нив, како и една некропола со гробови од типот циста, се делумно истражени.63 Покрај ретките движни наоди откриени во гробните конструкции кои се со припадност на античките периоди, како мошне значаен наод за потврда на користење на просторот и во раниот среден век, се издвојува ѓерданот од стаклени мониста најден во еден од гробовите во јужната некропола означена како некропола 1.64
Од сето наведено во овој труд може да се заклучи дека локалитетот Кукул-Баба е археолошко наоѓалиште од комплексен карактер, со континуирано егзистирање во подолг период, од праисторијата, преку антиката, сѐ� до раниот среден век. Откриените архитектонски појави и богатиот и разновиден движен археолошки материјал го потврдуваат значењето на доминантниот простор низ времето, како позиција поволна за населбинско користење и подоцна, за оформување стратегиски важна фортификациона целина. Со добиените резултати од истражувањата реализирани од 2005 до 2010 година, локалитетот Кукул-Баба зазема значајно место на мапата на археолошки наоѓалишта во Република Македонија. Идни истражувања би имале за цел целосно откривање на веќе евидентираните градби, со што би се добиле поконкретни сознанија за нивниот изглед и функции.
Белешки
- Миткоски А. - Темелкоски Д., 2012, 83-104. ↩
- Миткоски А., 1997а, 137-148. Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019, 27-36. ↩
- Миткоски А., 1998, 31-41. ↩
- Миткоски А., 1997б, 64-77. ↩
- Археолошка карта на Република Македонија, 1996, 308. ↩
- Археолошка карта на Република Македонија, 1996, 307. Лилчиќ В., 1993, 136-140. Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 147-151. ↩
- Kovacević J., 1986, 119-121. ↩
- Kovacević J., 1986, 120. ↩
- Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 147. ↩
- Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 148. ↩
- За депото со 49 монети откриено во 1969 година: Кепески К., 1977, 181-193. Во 1979 година е откриено второто депо со 8 монети. ↩
- Резултатите од истражувањата на платото под карпата Баба беа презентирани од страна на истражувачите - автори на овој труд на 22. симпозиум на МАНД одржан во Дојран 2012 година. ↩
- Миткоски А, 2017, 166, Т.III, Т.IV. ↩
- Миткоски А, 2017, 172, Т.V, 25-29, Т.VI, 4. ↩
- Миткоски А, 2017, 166: 169-170, Т.IV, 1-4. ↩
- Гарашанин М., 1973, 176. ↩
- Миткоски А., 2017, 171, Т.VI, 5, 8, Т.VII, 16, 18. ↩
- Гарашанин М., 1973, 231. Tasić N., 1979, 256. ↩
- Гарашанин М., 1973, 228. Tasić N., 1979, 264. ↩
- Tasić N., 1979, 256. Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008, 125; Миткоски А., 2010, 56, Т.VI,2, Т.VII. ↩
- Миткоски А., 2012, 11, Т.V, 1,1а, 6. ↩
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2008, 125, Т.VI, 3, 6, 13, сл.6. ↩
- Миткоски А., 2018, 19, Т.V, 6, 7. ↩
- Миткоски А., 2017, 171, Т.VII, 17. ↩
- Миткоски А., 2010, 59, Т.XI, 8. ↩
- Миткоски А., 2011, 139, Т.VIII, 23, Т.IX, 1, 6, Т.XII, 4, Т.XIII, 6, 35, Т.XXV, Т.XIV, 12, Т.XV, 10, 12, Т.XXIII, Т.XXIV, 9, Т.XXV, 3, 3а, Т.XXVI, 9. ↩
- Миткоски А., 2011, 138, 140. ↩
- Георгиев З., 1989, 206. Лилчиќ В., 1978, 231, сл. 8. ↩
- Китаноски Б., 1975, 113, Т.XII, 319. Кузман П., 1983, 115, Т.V, 6, 7. ↩
- Манева Е., 1979, 19, Т.XX, 99-105. Битракова-Грозданова В., 1987, 50-55, 58, Т.XV, 3. Anderson-Stojanović V., 1992, 131, Т.129, 1108, 1109. ↩
- Соколовска В., 1986, 80-81, Т.22, Т.63. Битракова-Грозданова В., 1987, Т.V, 2. ↩
- Манева Е., 1979, 36, Т.IX: 46. Соколовска В., 1986, 82, Т.24, Т.71. Битракова-Грозданова В., 1987, 51. Хусеиноски Б. - Димитриоска-Спасовска Г., 1999, 168, Т.VIII, 3. ↩
- Јакимовски А., 2012, 101-108, к. бр. 152-154, 163. Dzidrova Lj., 2018, 208, 8. ↩
- Битракова-Грозданова В., 1990, 122-124, Т.II, 2. ↩
- Битракова-Грозданова В., 1987, 40. ↩
- Битракова-Грозданова В., 1987, 40, 55, 58, 60. Јакимовски А., 2012, 101-108. ↩
- Манева Е., 1979, 23, Т.XIII, 149-151. Anderson-Stojanović V., 1992, 35, 36, Т.20, 159, 161, Т.22, 180-182. Атанасоски Б., 2019, 268, Т.II, 2-5. ↩
- Манева Е., 1979, 24, 25, Т.XIV, 164, 165. Anderson-Stojanović V., 1992, 51, 52, Т.35, 306, Т.38, 320, 322. ↩
- Cremosnik I., 1976, 115, 116, T.XX. ↩
- Кораќевиќ Д., 1977, 164, сл. 19, 1-6. Јанакиевски Т., 1987, 104, Т.XX, 1, Т.XXI, 1, 2. Anderson-Stojanović V., 1992, 141, Т.146, 1260, 1261. Ончевска-Тодоровска М., 2010, 77, 82, 83, Т.41, 7, Т.44, 12, Т.45, 24, Т.46, 30, Т.47, 38, 42, Т.48, 48, Т.49, 64, Т.51, 82, Т.52, 95. ↩
- Јанакиески Т., 2001, Т.XXIV. ↩
- Битракова-Грозданова В., 1989, 120, сл. 50, 51. Георгиев З., 1989, 209, сл. 4,1. Шурбановска М., 2006, 157, сл. 10. ↩
- Соколовска В., 1986, 122, Т.50, 11, Т.81, 1-5. Anderson-Stojanović V., 1992, 68, Т.50, 442, 443. Шурбановска М., 1999, 254, 255, сл. 7. Шурбаноска М., 2005, 167, 7-10. Ончевска-Тодоровска М., 2006, 276, Т I, 1, 2, 3; Ончевска-Тодоровска М., 2010, 63-67, 147-151, Т.20-22. ↩
- Cremosnik I., 1976, 127, T.XXV, 6. ↩
- Белдедовски Ѕ., 1979, 120, Т.I, сл. 5. Ѓорѓиевска А., 2005, 178, Т.IV, сл. 1. Секулов В., 2008, 192, Т.II, 3. Јованова Л., 2015, 203-204, 21. ↩
- Георгиев З., 1989, 209, сл. 4, 2. ↩
- Јанакиевски Т., 1987, 93, Т.IX, 3. Buzov M., 2009, 292, T.XVI, 7. Јакимовски А., 2012, 278-288. ↩
- Микулчиќ И. - Никуљска Н., 1978, 147, 19. Чаусидис Н., 1987, 182, Т.II, 3, 5. ↩
- Petricioli I., 1960, 178, сл. 4; Миткоски А., 1997б, 66; Лилчиќ В., 2002, 561, 562, 793, 856. ↩
- Јанакиевски Т., 1980, 101: Т.2а. Ширтовски И., 2018, 472, 6. ↩
- Миткоски А., 1997б, 64-77. ↩
- Миткоски А., 1997б, 66. ↩
- Битракова-Грозданова В., 1989, 112, 9. Манева Е., 2012, 112, 113. ↩
- Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 148, 1. ↩
- Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 148, 2. ↩
- Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 148, 3. ↩
- Миткоски А., 2011, 140. ↩
- Миклучиќ И., 1982, 132-142. Лилчиќ В., 1997, 31-51. Атанасоски Б., 2019, 268. ↩
- Атанасоски Б., 2019, 269. ↩
- Лилчиќ В. - Миткоски А., 1995, 149. ↩
- Миткоски А., 1998, 31-41. ↩
- Миткоски А. - Темелкоски Д., 2019, 27-36. ↩
- Миткоски А., 1997а, 146. ↩
Summary
Archaeological Site Kukul – Baba near Prilep
The site Kukul - Baba is located about 4.0 km northeast of the city of Prilep and has a very dominant location over the wider surrounding area. Kukul is predominantly rocky hill, while Baba is a toponym for a rock - a peak in its southeastern part. With previous field observations, numerous surface moveable finds were found and a large number of structures carved in rocks were recorded: tombs, graves, double basinsfor treading grapes and structures related to cult activities. The acropolis of the fortification is defined at the westfoot of the mountain top,while at the north and the south there are town suburbs. In order to determine the chronological span, systematic trenchexcavation was carried out from 2005 to 2008. In the approximate center of the acropolis, four trenches were explored, while the Trench 5 was set at about 22.0 m to the north, at a place where the outlines of the defensive wall of the acropolis were visible on the surface. A small segment of the wall was uncovered, which revealed that it was built from well-shaped stone blocks, connected with lime mortar, while the interior was filled with smaller irregularly craved stones. Both suburbs were protected by defensive walls, visible at the field as small preserved segments between the huge rocks of the hill.
The excavations revealed the remains of buildings from the antiquity, chronologically confirmed by the vast moveable archaeological material. Finds that confirmed the earliest use of the acropolis during the Eneolithic were found in Pit 2, filled with a dark grey layer, mixed with cinder and ash. Fragments of ceramic vessels and a smaller number of animal bones were found in the layer. Prehistoric pottery sherds, as well as several stone tools, were found in the rest of the excavated area. The finds date back to the Late Eneolithic regional cultural group TreŠtena Stena, which is part of the wider cultural complex Bubanj - Hum - Salkutza - Krivodol. The decoration of ceramic vessels in the “fürchenstich” technique is distinguishedas a characteristic phenomenon.
The discovered remains pointed to a construction of one building above the other during the antiquity, and also the use of the existing architectural units with certain additions. The earliest buildings, Buildings 1 and 2, were built in the Hellenistic period, that is, at the transition from the 4th century to the 3rd century BCE. Their chronology was confirmed by numerous movable finds: mostly pottery sherds with well-known forms (echinus bowls and fish plates, molded bowls of the “megariantype”, cooking pots - stamnoi), anEphessos type of oil lamp and coins of Alexander III and Cassander.
Best preserved are the remains of the walls of Building 3 and Building 4, erected somewhere at the transition from BCE into CE. According to the location at the terrain it can be concluded that they were used as houses in a longer period of time, which is due to the very compact manner of construction. Namely, the walls of the two buildings were built of finely carved blocks of stone, whereby, small stones, stone slabs and fragments of tegulae were used as leveling courses. Dominant is the outer - eastern wall of the Building 3, it comes from the southwest corner of Trench 3, cuts Trench 1 and exits T trench 4 to the northeast. Only one wall was discovered from the later, Roman, Building 5, located in Trench 3, to the east of Room 2 of Building 3. The wall is almost parallel to the outer wall of the Building 3. Most interesting among the moveable finds are the Late-Laten bow fibula with a spring, the vessels with very thin walls, the plates of the Eastern Sigillata type - BII and the bronze coin of the Macedonian Koinon type, minted during the reign of Emperor Gordian III.
The phases of construction from the Late Antiquity are represented by the the small segments of partition walls, in the southwest corner of Trench 3 and in the southeast corner of Trench 1. The cooking pots with a pear-shaped body dominate among the pottery finds. They are decorated with incision and shallow fluting of wavy lines on the shoulder in combination with horizontal parallel lines onthe body. Also numerous are sherds ofthe Macedonian gray ware. An iron chisel for wood work and scissors were found,as well as eleven bronze coins from the reign of the Constantine dynasty. The fragment of a so-calledEarly Christian lamp, a marble column of an altar screen and the cross with wide ends,confirm the ideafor the existence of a Christian sacral building within the acropolis.
The lower intensity of occupation of the acropolis in the early Medieval period is confirmed by the latest structures - walls built of stone and mud with dislocated cores, attached to older walls of earlier buildings.
From all of the above, it can be concluded that Kukul - Baba is an archaeological site of a complex character with continuous existence ina widetime span, from prehistory, through antiquity, to the early Medieval period. The discovered architectural structures and the rich and diverse moveable archeological material confirm the importance of the dominant space in different periods, as a suitable position for a settlement, and later for the formation of a strategically important fortification unit.
Библиографија
- Археолошка карта на Република Македонија, 1996, Том 2, МАНУ, Скопје
- Атанасоски Б., 2019, Локалитетот Градиште кај село Дебреште во римскиот период, Maced. acta archaeol. 21, Скопје, 263-284.
- Белдедовски Ѕ., 1979, Една доцноантичка гробница од штипско, Maced. acta archaeol. 5, Прилеп, 113-129.
- Битракова Грозданова В., 1987, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје.
- Битракова Грозданова В., 1989, Ископувањата на Голем Град од 1981 - 1986 година, Maced. acta archaeologica 10, Скопје, 101-133.
- Битракова Грозданова В., 1990, За гробот 3 од Требенишко Кале, Maced. acta archaeol. 11, Скопје, 119-126.
- Георгиев З., 1989, Градиште, с. Пчиња - доцноантички и рановизантиски кастел, Maced. acta archaeol. 10, Скопје, 199-214.
- Гарашанин М., 1973, Праисторија на тлу СР Србије, Београд.
- Ѓорѓиевска А., 2005, Здравствена култура во Heraclea Lynkestis, Зборник археологија - н.с. 2, Скопје, 175-183.
- Јакимовски А., 2012, Антички светилки од Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје.
- Јанакиевски Т., 1980, Кале, с. Стрежево - битолско, Maced. acta archaeol. 6, Скопје, 97-110.
- Јанакиевски Т., 1987, Heraclea Lynkestis Театар, Битола.
- Јанакиевски Т., 2001, Доцноантичка микростанбена целина над театарот во Heraclea Lynkestis, Битола.
- Јованова Л. 2015, Скупи некрополи, Inventaria Archaeologica Personarum, Том II, Скопје.
- Кепески К., 1977, Рановизантиска остава на бронзени монети од местото Баба кај Прилеп, Maced. acta archaeol. 3, Прилеп, 181-193.
- Китаноски Б., 1975, Некрополата Калдрма кај Прилеп, Maced. acta archaeol. 1, Прилеп, 89- 132.
- Кораќевиќ Д., 1977, Археолошки ископувања на античко Скупи, Maced. acta Archaeol. 3, Прилеп, 143-180.
- Кузман П., 1983, Збирниот наод од Лозишта кај Речица, Лихнид 5, Зборник на трудови, Охрид, 109-125.
- Лилчиќ В., 1978, Доцноантичка утврдена населба кај Горно Нерези, скопско, Maced. acta archaeol. 4, Прилеп, 227-234.
- Лилчиќ В., 1993, Неколку доцноантички градишта во Пелагонија, Maced. acta Archaeol. 13, Скопје, 227-244.
- Лилчиќ В., Миткоски А., 1995, Баба - Прилеп, Зборник на Музеј на Македонија, н.с. бр.1, Скопје, 147-151.
- Лилчиќ В., 1997, Fauces Pelagoniae, Македонско наследство 4, Скопје, 31-52.
- Лилчиќ В., 2002, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за животот по животот, Том II, Македонска цивилизација, Скопје.
- Манева Е., 1979, Хераклеја, Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј – Битола.
- Манева Е., 2012, Некропола Водоча, Inventaria Archeologica Personarum I, Скопје.
- Микулчиќ И., Никуљска Н., 1978, Рановизантиски град Маркови кули на Водно, Maced. acta archaeol. 4, Прилеп, 137-150.
- Миклучиќ И., 1982, Хеленистички тврдини во Демир Капија и Бабуна, Годишен зборник на Филозофски Факултет, кн. 8, Скопје, 127-142.
- Миткоски А., 1997а, Објекти издлабени во карпа од Прилепско, Maced. acta archaeol. 14, Скопје, 138-148.
- Миткоски А., 1997б, Објекти издлабени во карпа - депоа за реликвии, Македонско наследство 5, Скопје, 64-77.
- Миткоски А., 1998, Стари винарници од прилепскиот крај, Македонско наследство 6, Скопје , 31-41.
- Миткоски А., 2008, Баба, Прилеп, Македонски археолошки преглед 1, Скопје, 140-148.
- Миткоски А., 2010, Мариово во праисторијата, Maced. acta archaeol. 19, Скопје, 49-84.
- Миткоски А., 2011, Локалитетот Трештена стена кај село Манастир, Мариово, Maced. acta archaeol. 20, Скопје, 125-170.
- Миткоски А., 2012, Три нови праисториски локалитети од прилепско, Зборник на трудови 16, Битола, 7-17.
- Миткоски А., 2017, Нови сознанија за енеолитот во прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово, Зборник на трудови 20, Битола, 163-179.
- Миткоски А., 2018, Култни предмети од времето на енеолитот од праисториската збирка на НУ Завод и Музеј - Прилеп, Зборник на трудови 21, Битола, 13-29.
- Миткоски А., Темелкоски Д., 2012, Три нови гробници издлабени во карпа во прилепско, Македонско наследство 40-41, Скопје, 83-99.
- Миткоски А., Темелкоски Д., 2019, Некрополи на локалитетот Кукул кај Прилеп, Археолошки информатор 3, Прилеп, 27-36 .
- Ончевска Тодоровска М., 2006, Македонска сива грнчарија од Скупи (IV - VI век), Maced. acta achaeologica 17, Скопје, 273-288.
- Ончевска Тодоровска М., 2010, Доцноантичка грнчарија во Република Македонија, Музеј на град Скопје.
- Секулов В., 2008, Паприте на Црвено поле - Објект II, с. Барбарево, Македонски археолошки преглед 1, Скопје, 190-200.
- Соколовска В., 1986, Исар Марвинци и повардарието во античко време, Скопје.
- Темелкоски Д., Миткоски А., 2008, Енеолитски локалитет Големи камен кај село Лопатица, Maced. acta archaeol. 18, Скопје, 93-107.
- Хусеиноски Б. - Димитриоска Спасовска Г., 1999, Вардарски Рид - истражувања 1994 година, Maced. acta archaeol. 15, Скопје, 157-182.
- Чаусидис Н., 1987, Средновековни наоди од Просек, Годишен зборник на филозофски факултет 14, Скопје, 171-196.
- Ширтовски И., 2018, Исар - Жапката - алка во рановизантискиот оптички телеграф од Демир Капија кон Тесалоника, во светлината на најновите истражувања, Folia Archaeologica Balkanica IV, Скопје, 467-481.
- Шурбаноска М., 1999, Стакина чешма, керамички наоди, Maced. acta archaeologica 15, Скопје, 251-260.
- Шурбаноска М., 2005, Доцноримска печатена керамика од локалитетот Горица кај Виница, Зборник археологија - н.с. 2, Скопје, 167-173.
- Шурбаноска М., 2006, Римска керамика од Стоби - ископувања 2001 година, Maced. acta archaeol. 17, Скопје, 151-161. -латинична- Anderson Stojanovic V., 1992, Stobi: The Hellenistic and Roman pottery, Скопје.
- Buzov M., 2009, Prikazi na rimskim svjetiljkama, Histria Antiqua 18-1, 277-298.
- Dzidrova Lj., 2018, Giving gifts to God, Conference proceding of the 1st and 2nd International Archaeological Conference Kokino, The early Byzantine and the pagan tradition in the culture and the cities of the Republic of Macedonia, 201-216.
- Cremosnik I., 1976, Rimsko naselje na Paniku, Glasnik Zemaljskog muzeja Bosne i Hercegovine u Sarajevu (A), n.s., Sv. XXIX, Sarajevo, 41-164.
- Kovacevic J., 1986, Зборник посветен на Бошко Бабиќ, Прилеп, 119-121.
- Petricioli I., 1960, Fragmenti skulpture od VI do VIII stoljeca iz Zadra, Diadora, Glasnik arheoloskog muzeja Zadar, Vol. 1, Zadar, 175-195.
- Tasic N., 1979, Kostolacka kultura, Praistorija jugoslavenskih zemalja 3, Sarajevo, 235-266.