Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 91–107

Коколов Рид - тумул 1 - погребувања од VIII-VII век пр. н.е.

УДК 903.5(497.733)”-08/-07”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2022091i

Археолошкиот локалитет Коколов Рид се наоѓа во атарот на село Виничка Кршла, на 2,5 km североисточно од градот Виница во Македонија. Претставува комплексен археолошки локалитет - некропола и култно место, лоциран на мало издолжено плато над реката Сушица на 412 m н.в. (сл. 1).

За прв пат локалитетот се споменува во Археолошката карта на Општина Виница под името Барбошки Дол, како некропола со четири тумули од железното време1 (сл. 2). Во непосредната близина на неколку локации се наоѓаат уште некрополи од железното време. Во картата се забележани две од кои Кршлански Гумења и Русалински Гробишта како некрополи со гробови со конструкции од камени плочи.2 На локалитетот Градиште 1 се констатирани четири железновременски могили, а на Градиште 2 се споменуваат материјални остатоци (керамика) од бронзеното, железното време, римскиот и доцноантичкиот период. Исто така, во блиската околина се и неколку локалитети од римскиот период: могилата Вршник, населбата Сушица-Бавчи и населбата Ѓафурски Лозја.3

Првите археолошки истражувања во овој регион се вршени на неколку локалитети во рамките на младинските истражувачки акции во 1980-1981 год. под раководство на археолозите Радмила Пашиќ и Цоне Крстевски од Музејот на Македонија. Тогаш биле истражени 10 гроба од локалитетот Кршлански Гумења, северозападниот сегмент од тумулот 1 од Коколов Рид и еден дел од римскиот тумул Вршник. За првиот тумул на Коколов Рид е забележано дека е со пречник од 12 m, со висина од 70 cm и дека нема доволно податоци за гробните форми. Според запишаните информации, откриени се само делови од камени плочи и аморфни камења како остатоци од гробните конструкции и насипот. Како единствен регистриран наод од овие истражувања е еден сад, кантарос кој е датиран во VII век пр. н.е.4

По овие истражувања работата на овие локалитети била прекината. Врз основа на документацијата, Драги Митревски публикува дел од наодите и основните карактеристики за овие и други железновременски локалитети од Виничкиот Регион.5

Сл. 1. Коколов Рид - поглед од дрон
Сл. 1. Коколов Рид - поглед од дрон
Сл. 2. Коколов Рид со четирите тумули
Сл. 2. Коколов Рид со четирите тумули

Во 80-тите години од XX век првиот тумул бил оштетен во централниот дел при правење војнички ров за вежби за потребите на тогашната војска на ЈНА. Во 2010 год. повторно е нарушен интегритетот на тумулот при вршење интервенции од страна на корисникот на соседната парцела со која граничи тумулот. На неговиот имот, при вршење на увид на локалитетот во 2010 год., стручните лица од музејот во Виница, забележаа на едно место собрани повеќе фрагменти од керамички садови од римскиот период, меѓу кои посебно внимание привлекоа фрагментите од рачно изработени садови - жртвеници, кои често се среќаваат како гробен прилог во погребувањата со кремации од II век. Забележани се и фрагменти од рачно работени садови типични за бронзеното и железното време.

Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница со цел да го заштити локалитетот од дополнителни девастации започна со заштитни истражувања во периодот октомври-ноември во 2011 год.6 Истражувањата подоцна преминаа во систематски и повремено се вршеа секоја година до 2016 год.

Добиени се значајни резултати за овој доста комплексен археолошки локалитет кој бил користен долго време како некропола и место каде што се вршени одредени обредни дејствија во раното бронзено време и преодниот период од бронзено во железно, со што го дефинираме и како култно место. Откриени се и погребувања од постарата фаза на полното железно време VIII-VII век пр. н.е. и погребувања со кремации од римскиот период од II-IV век.

Тумул 1 - погребувања од VIII-VII век пр. н.е.

Тумулот 1 е прв тумул во низата од четири тумули наредени во правец од југозапад кон североисток на малото ритче и има доминантна позиција во однос на другите на просторот над реката Сушица. Тумулот не е целосен поради претходните истражувања и правењето на војничкиот ров.7 Во 2011 год. е истражен простор од 10 х10 m во четири (сегменти) квадрати со димензии 5 х 5 m до ниво на кружниот ограден венец од покрупни редени камења кој има дијаметар од околу 8 m. Во внатрешноста е исполнет со црвена глинеста земја насипана врз карпата, за која подоцна е утврдено дека во бронзеното време била користена како култно место.8 На неколку позиции врз карпата и црвената земја се среќаваат фрагменти од керамички садови од раното бронзено време, меѓу кои, рачка и фрагмент од стомак од керамички сад - бокал, украсени со мрежеста декорација со бела инкрустрација. Врз глинестата земја била формирана платформа со поголеми плочести камења. Вакви примери на заградување на просторот со венец од нафрлен камен како култен простор се среќава на локалитетот Градиште кај с. Пелинце на секторот Две Могили.9 Во други случаи, подигањето платформи од камен или земја, што се среќава кај повеќе локалитети, претставува дел од ритуалот за приготвување на просторот за некропола.10

Во јужната половина на тумулот, речиси под површината на насипот, кој со тек на времето значително е свлечен со ерозија, откриени се 3 гроба со инхумација кои беа поставени врз поплочениот простор од првото ниво на платформата. Во внатрешниот простор на оваа конструкција на повисоко ниво била формирана и втора кружна конструкција со помали димензии, која можеби била во функција на централен гроб, што немаше можност да биде потврдено поради големата оштетеност на тој дел од тумулот. Трите гроба од јужната половина имаат радијална поставеност во однос на централниот дел на тумулот (сл. 3). За вториот гроб подоцна со антрополошката анализа се потврди дека во него биле погребани две личности.11 Уште еден гроб кој со вертикално поставен камен е пресечен во пределот на градите е откриен на површина на највисокиот дел на тумулот. Во него, освен коски од долните екстремитети и два керамички прешлена, не се регистрирани други гробни наоди. Заради недостаток на доволно податоци, датирањето на овој гроб го ставаме под знак прашалник. На северната половина од тумулот се дефинираше низок сувозид формиран под прав агол за кој не може да се потврди дали е со некаква функција во тумулот поради поранешните интервенции. Можеби бил формиран при правењето на војничкиот ров (сл. 4).

Сл. 3. Тумул 1 со погребувања од VIII-VII век пр. н.е.
Сл. 3. Тумул 1 со погребувања од VIII-VII век пр. н.е.

Гробовите бр. 1, 2а , 2б и 3 се многу плитко поставени следејќи го падот на тумулот. Гробната конструкција на сите гробови е гробна јама заокружена со аморфни камења, со подлога од плочести камења кои се дел од платформата. Кај сите гробови најдобро е зачуван остеолошкиот материјал од екстремитетите, а во сите отсуствуваат коските од черепите. Ова можеби се должи на свлекување на камењата и земјата од највисокиот дел на тумулот и на поставеноста на главите од покојниците на повисоко ниво. Сите инхумации се со испружена положба на телото и се покриени со насип од земја и кршени камења исто како и во просторот меѓу гробовите. Помал дел од камењата се речни. Во сите гробови е пронајден гробен инвентар од бронзен накит и керамички садови кои биле целосни при нивното ставање во гробовите. На целата површина се откриени и поголем број ритуално кршени утилитарни садови, како и кај гробот бр. 3, што најверојатно претставува дел од традиционалните обредни практики кои во некоја модифицирана варијанта ги среќаваме и денес во нашиот регион.12

Сл. 4. Северна половина од тумулот бр. 1
Сл. 4. Северна половина од тумулот бр. 1

Гроб бр. 1

Се наоѓа во југозападниот сегмент на тумулот. Има правец на протегање: североистокјугозапад. Главата на покојникот била поставена кон централниот дел на тумулот со коса позиција на телото, т.е. главата на повиско, а нозете на пониско ниво. Гробната конструкција е јама со издолжен неправилен трапезаст облик (проширена во горниот дел од телото) заокружена со аморфни камења. Дното е од плочести камења кои се дел од платформата. Должината на гробната јама е 2 m, со ширина од 75 cm во горниот дел и 42 cm кај нозете. Покојникот е погребан со инхумација со испружена положба на телото, положен на грб со рацете покрај телото (сл. 5 и 6).

Сл. 5. Гроб 1 - цртеж
Сл. 5. Гроб 1 - цртеж
Сл. 6. Гроб 1
Сл. 6. Гроб 1
T.I.1. Фибула во облик на очила од гробот бр. 1 T.I.2. Кантарос од гробот бр. 1
T.I.1. Фибула во облик на очила од гробот бр. 1 T.I.2. Кантарос од гробот бр. 1

Според антропошошката анализа зачувани се минимални остатоци од скелет - дијафизите на долгите коски од левата рака и нозете и фрагменти од карлицата. Станува збор за маж(?) кој починал на возраст над 40 години. Според реконстуираниот лев фемур, бил висок околу 169 cm. Датација на гробот според наодите: VIII-VII век пр. н.е.

Гробен инвентар

1. Бронзена фибула во облик на очила без осумка на средината, со благо конусно извлекување на дисковите. Бронзената жица на дисковите која има 9 навоја кон внатрешноста се стеснува од 3 mm на 1,5 mm (T.I.1, Т.IV.1) Должината на фибулата е 11 cm, дијаметарот на дискот е 5,3 cm. Недостасува иглата за закопчување. Фибулата била поставена на горниот дел од телото во пределот на градите.

2. Мал керамички сад со кантаровидна форма без декорација, со рамен раб на устието, низок цилиндричен врат, топчесто тело и рамно дно; со две поставени рачки на работ на устието кое го надвишуваат и завршуваат на средишниот дел на стомакот (T.I.2). Тој е рачно направен од непрочистена црвено печена глина со примеси на мика и песок. Садот е без декорација. Откриен е на позиција на стопалата кои излегуваат од рамките на кружниот прстен. Садот ги има следните димензии: висина 8 cm, пречник на устие 6,4 cm.

Гроб бр. 2/а и 2/б

Се наоѓа во северозападната четвртина од југоисточниот сегмент на тумулот (сл. 7). Има правец на протегање северозапад-југоисток. Станува збор за две погребувања со инхумација во една гробна конструкција, со коса поставеност како и претходниот гроб. Гробната јама има издолжена неправилна форма и е заокружена со аморфни камења. Должината на гробната јама е 2 m. Дното е со плочести камења кои се дел од платформата. Покојникот нумериран како 2а кој се наоѓа на пониското ниво е погребан со главата кон северозапад со испружена положба, положен да лежи на грб, со рацете покрај телото. Од погребувањето нумерирано како 2б кое е на повисоко ниво, има многу малку зачуван остеолошки материјал.

Сл. 7. Гроб 2.
Сл. 7. Гроб 2.

Според антрополошката анализа во овој гроб се идентификувани минимални скелетни остатоци од два индивидуални скелети.

Од скелетот бр. 2/а се зачувани двата фемури, тибија и фибула. Станува збор за возрасна индивидуа без зачувани елементи за попрецизно одредување на возраста и полот.

Од скелетот бр. 2/б се зачувани малку фрагменти од левиот фемур и двете фибии. Станува збор за повозрасно дете (12-14 години) или помлад јувенил (15-17 години). Според бронзениот накит кој се состои од фрагменти салталеон со две биконусни мониста и две лачни фибули, најверојатно се работи за женска индивидуа. Разните бронзени орнаменти со претежно украсна функција речиси секогаш се врзуваат со женските гробови.13 Датацијата според наодите: VIII-VII век пр. н.е.

Гробен инвентар

1. Целосно зачувана лачна бронзена двонавојна фибула со плочесто здебелен лак, којшто на краевите е потенок, а кон средината лачно се проширува и здебелува и завршува со нога во вид на врбов лист (Т.II.1, T.V.1).14 Откриена е во горниот дел на гробот заедно со заб од помладата личност од гроб 2б, врз триаголен плочест камен каде требало да биде положена главата. Димензии: должина 9 cm и ширина 5,5 cm. Овој тип фибула за првпат се среќава на овој локалитет.

2. Нецелосна искршена бронзена лачна двонавојна фибула од истиот тип како претходната, откриена на пониско ниво од првата (T.V.2).

3. Неколку бронзени фрагменти од салталеон се откриени во близина на целосната фибула на највисокиот дел на гробот. Димензии: најдолгото откршено парче е со должина од: 3 cm и дијаметар од 7 mm (Т.V.6).

4. Две бронзени биконусни мониста со различна димензија исто така се откриени во близина на салталеонот и фибулата. Димензии на монистата: мониста бр. 1 (Т.V. 4) - ширина 1,2 cm, дијаметар на отвор 5 mm и висина 1,5 cm и мониста бр. 2 (Т.V.5) - ширина 1,4 cm, дијаметар на отвор 4 mm и висина 1,8 cm.

5. Бронзена белегзија од тенка жица со двоен преклоп и кружен пресек кој се стеснува на краевите. Димензии: дијаметар: 8 cm (T.II.2, T.V.3).

6. Чаша со рамен раб на устието, топчесто тело и рамно дно, со две мали полукружни малку закосено поставени рачки, чиј корен е некаде на средината на садот. Рачно изработена, од непрочистена глина, сиво печење со траги на горење, без декорација. Димензии: висина 7,5 cm, пречник на устие 8 cm. Пронајдена е на позиција на стапалата со бокал и два керамички прешлена (T.II.3).

T.II.1. Двонавојна фибула со лак и нога во форма на врбов лист. T.II.2. Белегзија со преклопени краеви. T.II.3. Чаша со две рачки. T.II.4. Бокал. T.II.5. Прешлен бр. 2. T.II.6. Прешлен бр. 1.
T.II.1. Двонавојна фибула со лак и нога во форма на врбов лист. T.II.2. Белегзија со преклопени краеви. T.II.3. Чаша со две рачки. T.II.4. Бокал. T.II.5. Прешлен бр. 2. T.II.6. Прешлен бр. 1.
Сл. 8. Гроб 3.
Сл. 8. Гроб 3.

7. Бокал со рамен раб на устието, крушковидно тело и рамно дно; со една вертикална поставена рачка на устието која завршува на средишниот дел на стомакот, со елипсовиден пресек. Рачката го надвишува рамниот обод. Рачно направен од недоволно прочистена глина со примеси на мика и песок. Црвено печење со траги на горење и мазнета површина. Декорацијата е на средината на садот со врежани брановидни паралелни линии. Димензии: висина 9,5 cm, пречник на устие 7,1 cm (T.II.4).

8. Два керамички прешлени за вретено откриени во пределот на нозете близу до садовите. Прешлен бр. 1 (T.II.6) биконичен - димензии: ширина 2,7 cm, прешлен бр. 2 (T.II.5) кружен - димензии: ширина 3,1 cm. Датација според наодите: VIII-VII век пр. н.е.

Гроб бр. 3

Се наоѓа во југозападниот сегмент од тумулот. Има правец на протегање север-југ со мало отстапување кон запад и се наоѓа на пониско ниво во однос на другите гробови (сл. 8). Гробната јама која не е јасно дефинирана како и кај другите гробови е заокружена со аморфни камења во горниот дел на телото, а долниот дел кај стапалата недостасува поради поранешното оштетување на тумулот. Покојникот е погребан со инхумација со пружена положба, положен да лежи на грб со левата рака пружена покрај телото а десната е врз стомакот. Според позицијата на телото, нозете излегуваат надвор од дијаметарот на кругот од камења. Има должина од 1,60 m од внатрешната страна без оштетениот дел, a ширината на зачуваната јама е 60 cm. Врз гробот е вршено ритуално кршење на керамички садови забележано во пределот на рамењата. На позиција каде требало да биде положена главата е откриен еден поголем хоризонтално поставен камен. Черепот и во овој случај недостасува.

T.III.1. Белегзија со преклопени краеви. T.III.2. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.III.3. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.III.4. Прстен со 4 навои на жицата. T.III.5. Бокал.
T.III.1. Белегзија со преклопени краеви. T.III.2. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.III.3. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.III.4. Прстен со 4 навои на жицата. T.III.5. Бокал.

Според антрополошката анализа се наведени минимални остатоци од хумерус, двата фемури и двете тибии. Станува збор за жена(?), возрасна, на што упатуваат и самите гробни прилози.

Гробен инвентар

1. Бронзена лентеста белегзија со двоен преклоп (Т.III.1). Лентата која е со правоаголен пресек на едниот крај се стеснува со полукружен облик, а на другиот зашилено во облик на остар триаголник (Т.VI.3). Димензии: дијаметар 6,5 cm, ширина на лентата 1 cm. Белегзијата е откриена на коските од подлактицата на десната рака.

T.IV.1. Фибула во облик на очила.
T.IV.1. Фибула во облик на очила.

2. Бронзена лачна еднонавојна фибула со плочест неправилен правоаголен облик на ногата и копјесто продолжение пред навојот (Т.III.2). На плочестиот дел има декорација со врежувања во неколку низи со цик-цак мали цртички. Закопчувањето е на десната страна. Димензии: должина 13 cm, ширина 7,5 cm. (Т.VI.1). И во овој случај се работи за уникатен примерок на фибула која најверојатно е локална варијанта.

3. Бронзена лачна еднонавојна фибула иста форма како и претходната, само со малку помали димензии и без декорација (Т.III.3). Закопчувањето е на левата страна. Димензии: должина 13 cm, ширина 6,8 cm (Т.VI.2).

Фибулите се откриени на левата страна на телото, на позиција на градите една под друга. Во близина на нив се откриени едно од монистата и бронзениот прстен.

4. Спирален бронзен прстен (обетка?) изработен од тенка жица со кружен пресек со четири навои. Дијаметар: 2-2,2 cm (Т.III.4) (Т.VI.4). Откриен е во близина на фибулите до коските од левата рака.

5. Две биконусни бронзени мониста. Димензии на монисто бр. 1 - ширина 1,5 cm, дијаметар на отвор 5 mm и висина 1,5 cm, и монисто бр. 2 - ширина 1,4 cm, дијаметар на отвор 6 mm и висина 1,7 cm.

6. Бокал со рамен раб на устието, висок цилиндричен врат, рамно дно, со една рачка со елипсовиден пресек поставена на работ на устието, која завршува на средишниот дел на стомакот. Рачно направен од недоволно прочистена глина со примеси на мика и ситен песок. Црвено печење и мазнета површина. На местото од спојување на вратот со телото има декорација со низа од мали засеци во вид на полумесечинки направени со нокти. Димензии: висина 15 cm, дијаметар на венецот 8,4 cm. Пронајден е на позиција на стопалата (Т.III.5). Датација на гробот според наодите - почеток на VII пр. н.е.

Дел од керамичките садови откриени во и надвор од гробовите 1, 2а, 2б и 3 се претежно во фрагментирана состојба.15 Со конзерваторската анализа на керамичките предмети е утврдено дека се работи за рачно работена керамика, печена во отворени огништа или примитивни печки на температура од 600 до 700 ˚С. Ниската температура на печење резултира со ниска тврдина на садовите кои се изработени од посна глина со голема количина органски примеси и присуство на кварц во структурата. Површината на предметите е мазнета и лесно полирана кај одделни садови.16

T.V.1. Фибула со лак и нога во облик на врбов лист. T.V.2. Фибула (нецелосна) со лак и нога во облик на врбов лист. T.V.3. Белегзија со преклопени краеви од гробот бр. 2. T.V.4. Монисто бр. 2. T.V.5. Монисто бр. 1. T.V.6. Салталеон фрагмент.
T.V.1. Фибула со лак и нога во облик на врбов лист. T.V.2. Фибула (нецелосна) со лак и нога во облик на врбов лист. T.V.3. Белегзија со преклопени краеви од гробот бр. 2. T.V.4. Монисто бр. 2. T.V.5. Монисто бр. 1. T.V.6. Салталеон фрагмент.

Со археолошките истражувања на локалитетот Коколов Рид кај селото Виничка Кршла во 2011 год. за првпат се добиени конкретни резултати за погребување под тумули од постариот период на полното железно време VIII-VII век пр. н.е. во регионот на Виница. Другите истражувања дотогаш биле вршени на железновременски погребувања под камени цисти и гробови могилки, кои на овој локалитет не се регистирани. Може да заклучиме дека се работи за тумул кој бил формиран врз платформа од плочесто поставени камења со кружен венец од покрупни кршени камења, кои покрај конструктивна функција сигурно имале и ритуално значење на одвојување на мртвите од светот на живите.17 Радијалната поставеност на гробовите во однос на централниот дел на тумулот упатува на тоа дека можеби се работи за тумул од типот „семејни тумули“. Резултатите од антрополошката анализа на остеолошкиот материјал даваат можност за ваква претпоставка.

T.VI. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.VI.2. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.VI.3. Белегзија со преклопени краеви. T.VI.4. Прстен со 4 навои на жицата.
T.VI. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.VI.2. Еднонавојна фибула со плочеста нога. T.VI.3. Белегзија со преклопени краеви. T.VI.4. Прстен со 4 навои на жицата.

Погребувањето под тумули во Македонија се јавува како нов феномен во востановувањето на новата култура на железното време. Постарите „клановски“ или „родовски“ тумули се карактеристични за раното железно време, а помладите спаѓаат во групата на т.н. „семејни“.18 Во нашиот случај за тумул бр. 1 е од типот на постарите „родовско-клански“ тумули со неколку погребувања, радијално организирани околу центарот во кои биле погребувани покојници од исто сродство. Ваков тип тумул беше откриен во близина на Коколов Рид, на археолошкиот локалитет Русалински Гробишта во селото Виничка Кршла.19

Металните наоди од гробовите во тумулот бр. 1 на Коколов Рид и Русалински Гробишта во селото Виничка Кршла целосно се разликуваат од другите метални наоди откриени досега од периодот на железното време во виничкиот крај.

Фибулите од типот на очила без осумка на средината речиси со исти димензии со фибулата од гробот бр. 1 од Коколов Рид среќаваме и во гроб во тумулот бр. 1 од Русалински Гробишта и тумулот бр. 2 на локалитетот Долинац во село Стрновац, Кумановско.20 Овие фибули претставуваат едни од најпопуларните форми на „халштатски“ накит на Балканот, а со тоа и во Македонија. Нивната најинтензивна употреба се поврзува со постарата фаза на полното железно време.21 Откриени се на локалитетот Орлови Чуки до гробот бр. 1 од тумулот 1. Се среќаваат од Алпите, па сѐ� до Северна Грција. На територија од Македонија ги има во Повардарието (Дабици, Сопот, Грчиште, Дедели, Чаушица итн.) и во Пелагонија (Касарни, Живојно) сите датирани VIII-VII век пр. н.е.22 Како и во поголемиот дел на Балканот (Србија, Бугарија и Македонија) така и во долното Повардарие ширењето на фибулите во форма на очила, главно, се одвивало во VIII век пр. н.е., а особено во VII век пр. н.е.23

Фибулите биле произведувани во сите региони со развиена металуршка дејност особено во постарата фаза на полното железно време кога појаките културни и металуршки средини можеле да продуцираат фибули со јасни локални особености. Ова можеби повеќе би се однесувало на лачните двонавојни фибули со нога во вид на врбов лист, откриени во гробот 2б од тумулот 1.

Фибулите со нога во вид на врбов лист претставуваат уникатни примероци откриени досега во нашиот регион. Овој редок пример на фибула кој за првпат беше откриен на локалитетот Коколов Рид во 2011 год., има аналогија со иста фибула откриена заедно со таа во облик на очила, во гроб со инхумација на Русалински Гробишта, с. Виничка Кршла.24 Сличен тип двонавојна бронзена фибула со нога изведена во облик на лист е откриена на археолошкиот локалитет Горно Поле-Балабаница во атарот на селото Стар Караорман, Штипско.25 Ваков тип фибула во долината на Брегалница и на територијата од Македонија воопшто за првпат се среќава тука.Од соседниот локалитет Орлови Чуки е евидентирана една слична двонавојна фибула, но железна, со триаголна нога и помали димензии.26Уште една двонавојна бронзена фибула со нога изведена во облик на лист, откриена на локалитетот Попова Чука во с. Драмче, Делчево, датирана е во VII век пр.н.е. Фибулата беше изложена со други предмети од железното време од делчевскиот регион во музејот во Делчево.27 Во недостиг на аналогии фибулите би можеле да се карактеризираат како локални варијанти на лачни двопетлести фибули од времето на преод од рано во полно железно време.

За бронзените еднонавојни фибули, со плочест неправилен правоаголен облик на ногата откриени во гробот бр. 3 од Коколов Рид, исто така може да се каже дека припаѓаат на постарата фаза. Овој т.н. тракиски тип според К. Килиан се среќава на локалитетот Криви Дол-Радање.28 Откриена е во гроб со двојно погребување, датирана е во VIII-VII век пр. н.е. со димензии: должина 11 cm и ширина од 8 cm.29 Слична варијанта е со фибулите од гроб 3 само со разлика во декорацијата. Се смета дека овие фибули потекнуваат од т. н. островски тип - геометриски фибули во Грција кои во внатрешноста на Балканот ги нема. Се сметаат за локален продукт карактеристичен за VII век пр. н.е.30

Најголемиот број материјал откриен во тумулите 1, 5 и 6 на Орлови Чуки, меѓу кои фибулите во облик на очила, железните двонавојни фибули, како и керамичкиот материјал работен на рака со украсување - врежување и убоди кој припаѓа на VIII век пр. н.е. „Македонските бронзи“ таму во тие гробови не се среќаваат исто како и на Коколов Рид. Нив ги среќаваме во различни варијанти на соседната некропола на Коколов Рид, Кршлански Гумења каде се датираат во VII век пр. н.е.

Белегзиите со преклопени краеви откриени во гробовите 1 и 2 од тумулот 1 Коколов Рид се разликуваат од бронзените белегзии откриени на другите железновременски некрополи откриени во близина на овој локалитет. Бронзените белегзии со преклопени краеви откриени на локалитетите Кршлански Гумења и на локалитетот Горица31 се варијанти на масивни белегзии изработени од тељ со кружен до елипсовиден пресек, со краеви кои се стеснуваат и завршуваат со врежан мотив на „елово гранче“. Датирани се во првата половина на VII век пр. н.е. Белегзијата откриена во гробот бр. 3 од Коколов Рид има аналогија со детска белегзија откриена во гроб и датирана во VII век пр. н.е. од тумулот Долинац.

Белегзии со преклопени краеви се честа форма на накит во железното време кај женските гробови на поширок простор (од Босна до Западна Бугарија и на југ до Македонија, како и во грчките светилишта).32

Тумулот бр. 1 од Коколов Рид од Виничка Кршла даде нови инфорамциии и податоци за постариот период на полното железно време во Виничкиот Регион и средното течение на реката Брегалница. Треба да се земе предвид ситуацијата на многу мала истраженост на источните области од Делчевско, Беровско до Струмичко и Беласица на југ. Најблиски аналогии за тумуларни погребувања од ваков тип со слични погребни конструкции и движен материјал има со тумулот бр. 1 од Русалински Гробишта и тумулот бр. 2 на локалитот Долинац, село Стрновац, Општина Старо Нагоричане.33 Тумулот од Долинац според многу аспекти од страна на истражувачот може да се датира во VII век пр. н.е.

Бронзениот накит и утилитарните керамички садови кои се рачно изработени, откриени во и надвор од гробовите во тумулот бр. 1 од Коколов Рид ги среќаваме во исти или слични варијанти во постарите гробови на повеќе тумуларни некрополи во регионот како што се: Орлови Чуки, с. Стар Караорман, Штипско,34 Кунови Чуки, с. Оризари, Кочанско,35 Горно Поле, с. Стар Караорман, Криви Дол, с. Радање, Штипско,36 потоа на некрополата Тикешински Лозја, Кочани, како и на локалитетот Баби Штип и населбата Градиште, с. Горни Балван, Штипско.37 Со најновите истражувања во регионот на локалитетите Киево во с. Горни Балван, Штипско,38 Виничко Кале и локалитетот односно некрополата Гробана во месноста Грнчарка Виница39 е откриен броен материјал од периодот на полното железно време, со што сликата за овој период постепено се проширува и комплетира.

Во периодот на полното железно време (VIII-VI пр. н.е) кога биле воспоставени и стабилизирани железновременските односи, биле создадени услови за непречен локален развој и креирање високи културни дострели. Виничкиот Регион припаѓа на Скопско-кумановскиот и Велешко-брегалничкиот Регион кои се карактеризираат како територија со единствен културен развиток. Сепак, и тука се присутни микроразлики во однос на практикувањето на тумуларниот начин на погребување. Тумуларниот начин како доминантен е специфичен за Кумановско-брегалничкиот Регион. Неоспорни се тесните релации со соседните региони на север по долината на реката Јужна Морава до Дунав и Искара на исток. Врз основа на ритуалот на погребување со погребните обичаи и предметите поврзани со религиозните сфаќања и фолклорот, северните граници на оваа група во која припаѓа и локалитетот Коколов Рид не би можеле да се бараат посеверно од скопско-кумановската област.40

Белешки

  1. Крстевски Ц. - Белдедовски З., 1979, 23. ↩
  2. Крстевски Ц. - Белдедовски З., 1996, 88-89. ↩
  3. Крстевски Ц. - Белдедовски З., 1987, 163. ↩
  4. Митревски Д., 1997, 297-298. ↩
  5. Митревски Д., 1988, 63-70, Т. I. ↩
  6. Истражувачкиот тим кој работеше на локалитетот Коколов Рид е во состав: Цоне Крстевски, кустос советник од Музејот на Македонија како раководител и кустосите Јулијана Иванова, Благица Стојанова и Магдалена Манаскова од Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ - Виница. ↩
  7. Во централниот дел на тумулот е пронајдена поголема количина на чаури од пешадиско оружје. ↩
  8. Во 2015 год. се дефинираше кружно изделкана карпа, од источната страна заокружена со констукции на камења под кои биле депонирани ритуално искршени керамички садови. ↩
  9. Трајковска Л., 1999, 54. ↩
  10. Јовчевска Т., 2008, 41-42. ↩
  11. Антополошката анализа на остеолошкиот материјал од тумул бр. 1 беше направена во 2015 год. од страна на антрополог д-р Фаница Вељановска. ↩
  12. Овој обред на кршење керамички сад над гробовите на покојниците се практикува и денес во виничкиот регион со кршење на глинен бардак на позиција над главата. Исто така, има обичај и на кршење парче керамика на креветот на кој бил положен покојникот дома, кое се врши по изнесување на покојникот од дома. ↩
  13. Митревски Д., 1997, 125. ↩
  14. Иванова Ј. - Стојанова Б. - Манаскова М., 2016, 14. ↩
  15. Садовите од гробовите беа реставрирани, реконструирани и конзервирани од страна на стручна екипа: виш конзерватор за керамика Бранко Величковски од Музејот на Македонија, како раководител, и Стефанија Стојановска, дипломиран ликовен уметник - конзерватор за керамика. ↩
  16. Стојановска С. - Иванова Ј., 2015, 125. ↩
  17. Јовчевска Т., 2008, 39. ↩
  18. Митревски Д., 2013, 222. ↩
  19. Археолошките истражувања на локалитетот Русалински Гробишта во село Виничка Кршла покрај на гробови цисти во април-мај 2019 год. се вршеа и на тумулот бр. 1 со пет погребувања со инхумација од VIII-VII век пр. н.е. Проектот беше реализиран од Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница со раководител: Стојанова Благица - археолог виш кустос и Јулијана Иванова - археолог виш кустос од музејот Теракота, археолозите: Јовица Илиев, Кирил Денковски и Златко Костадинов, како и група студенти на археологија од УКИМ Скопје. ↩
  20. Станковски Ј., 2006, 99. ↩
  21. Митревски Д., 1997, 127. ↩
  22. Нацев Т., 1993, 115. ↩
  23. Митревски Д., 1991, 57. ↩
  24. Резултатите од истражувањата се во тек и ќе бидат објавени кога ќе бидат комплетирани. ↩
  25. Санев Г., 1999, 64-65, сл. 1. ↩
  26. Микулчиќ И., 1961, 47. ↩
  27. Нацев Т., 1993, 116-117, Т. II, 6. Фибулата била изложена во делчевскиот музеј „Пијанец“ а е објавена во брошура насловена како Пијанец „Од праисторијата со денес“ на страна бр.11 во витрина бр. 6. Брошурата е издадена од НУКЦ „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево во Делчево 2012 година. ↩
  28. Vasic R., 692-693, сл. 39, 10. ↩
  29. Нацев Т., 2014, 40, 52, кат. бр. 301. ↩
  30. Нацев Т., 1993, 117. ↩
  31. Крстевски Ц. - Белдедовски З., 1979, 13. ↩
  32. Станковски Ј., 2006, 110. ↩
  33. Станковски Ј., 2006, 93-115. ↩
  34. Нацев Т. - Јованов М., 1996, 45-57. ↩
  35. Митревски Д., 1990, 59-79. ↩
  36. Митревски Д., 1997, 307- 308. ↩
  37. Нацев Т., 2014, 11. ↩
  38. Нацев Т., 2009, 6, 33-36. ↩
  39. Истражувањата се вршеа во 2009 год. од страна на Музејот „Теракота“ - Виница. ↩
  40. Митревски Д., 2013, 226. ↩

Summary

Kokolov Rid – Tumulus 1 – Burials from the 8th-7th Centuries

The archaeological site of Kokolov Rid is situated in the region of the village Vinichka Krshla, 2.5 km northeast of the town of Vinica in the Republic of N. Macedonia. The site is mentioned for the first time in the archeological map of the municipality of Vinica under the name of Barboshki Dol, as a necropolis with four tumuli from the Iron Age. The first archaeological excavations at this site were carried out as part of the Youth Research Actions 1980 – 1981 under the leadership of Radmila PaŠić and Cone Krstevski from the Museum of Macedonia. The northwest section of the tumulus 1 at Kokolov Rid was explored in these campaigns and it was noted that the tumulus was 12 m in diameter, 70 cm in height, and there was insufficient information about the grave forms. The only recorded find from these excavations was a kantharos dating from the 7th century BCE.

In order to protect the site from devastation, the Local Archaeological and Historical Museum “Terracotta” from Vinica started salvage excavations in October - November 2011 which later became systematic. Excavations were conducted in the wider area of Kokolov Rid in the period from 2011 to 2016. In 2011, the first of the four tumuli was excavated to the level of a circular surrounding ring made of larger stones, approximately 8 m in diameter. Three inhumation burials with a radial position around the central part were found in the south half of the tumulus, almost beneath the surface of the fill that has been significantly eroded over time. Graves No. 1, 2a and 2b and 3 were very shallow and they were sloping, following the fall of the tumulus. The construction of all graves was a pit surrounded by irregularly shaped stones with a foundation of slabs, which was later established to be part of the stone platform within the circular ring. Osteological material from the limbs was best preserved in all graves and skull bones were absent. The radial position of the graves around the central part of the tumulus indicates that it may had been a family tumulus since anthropological analysis has identified two adult individuals: male and female over 40 years old, one adult without the possibility of more precise sex and age determination and one child (12-14 or juvenile 15-17 years old). Grave inventory of jewellery and ceramic vessels was found in all of the graves. The pottery was intact when placed in the graves. The bronze jewellery consists of three types of fibulae - one obstacle shaped, two bow fibulae with a spring with two truns, two bow fibulae with a spring with single turn, two different bracelets with folding ends, two thin spring wire finger rings, several biconical bronze beads and several pieces of spring wire necklaces.

The ceramic vessels discovered inside and outside the graves mainly consist of smaller vessels such as jug, cup, kantahros like bowl etc. They are mostly fragmented. The analysis has confirmed that this is handmade pottery, fired in open fireplaces or primitive kilns at temperatures of 600 to 700 degrees.

The metal objects (bronze jewellery) and the ceramic vessels discovered in tumulus 1, in graves 1, 2a, 2b and 3, are dated to the earlier period of the advanced Iron Age, that is 8-7th century BCE, when the Iron Age relations were established and stabilized, and there were conditions for cultural development. The Vinica area belonged to the Kumanovo-Bregalnica region where the tumulus burials are typical and dominant. Based on the burial ritual with funerary rites and objects related to religious beliefs and folklore, we can claim that the northern boundaries of this group were not further north than the Skopje-Kumanovo area. Tumulus no. 1 from the Kokolov Rid has the closest parallel in terms of similar type of grave constructions, ceramic vessels and bronze jewellery, with tumulus no. 1 at the site “Rusalinski Cemetery” in the village of Vinička Kršla, excavated in May 2019, and with tumulus no. 2 at the site Dolinac - village Strnovac, municipality of Staro Nagoricane. Similar shapes are found widely at multiple tumular necropolises in the region, such as “Orlovi Čuki” in the village Star Karaorman, Štip area; “Kunovo Čuki” near the village Orizari, Kočani area, and tumular necropolis “Krivi Dol” in the village Radanje, Štip area.

Библиографија