Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 75–90
Заштитни археолошки истражувања на локалитети загрозени со изградбата на хидросистемот „Злетовица“ 2007-2009 година
Содржина
Заштитни археолошки истражувања се изведени на вкупно педесет археолошки локалитети кои беа лоцирани на трасата на хидросистемот, врз основа на претходни извршени археолошки рекогносцирања од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Штип и НУ Национален конзерваторски центар - Скопје од стручна екипа во состав: Милан Ивановски, Зоран Георгиев и Трајче Нацев.1
На територијата на која се изведуваа заштитните археолошки истражувања, а над која надлежности има НУ Завод за заштита на споменциите на културата и музеј - Штип, беа регистрирани триесет и три археолошки локалитети, кои влегуваат во хронолошка рамка од раниот неолит сѐ� до доцниот XIV-XV век.
Бидејќи просторот во списанието е ограничен, а поради големиот број истражени локалитети, во ова мое излагање ќе ги презентирам резултатите од истражувањата на археолошките локалитети кои влегуваат во хронолошка рамка на праисторијата.
Археолошки локалитет Грнчарица, село Крупиште
Локалитетот Грнчарица се наоѓа североисточно од селото Крупиште, на периферијата од големата котлина (сл. 1). На благо зарамнето возвишение, на површина од околу 1 ha, се вршеа археолошки истражувања на неолитска населба. На западната страна терасата поминува во мало возвишение, како дел од ридестиот масив кој во лак ја затвора западната страна на котлината. Од северната страна на населбата е подлабока поројница и таа ја издвојува населбата од спротивниот ридест масив. Останатите две страни се широко отворени кон големата рамница.
Истражувањата на локалитетот Грнчарица кај с. Крупиште потврдија постоење на археолошки локалитет, каде по површината и во горните културни слоеви, иако ретка застапена е римска керамика. Како поцврст доказен материјал е пронајденото огниште изработено од искршени тегули. Застапеноста на римскиот матријал се должи на присуството на уште еден локалитет, источно од местото каде што истражувавме ние, а е дел од истиот простор, само едно зарамнување пониско. Овде, по површината, е разнесена голема количина од
градежен камен и римска ке-
рамика, така што материјалот кој ние го наоѓавме нешто повисоко е дел од овој локалитет.
Во пониските културни слоеви се наиде на неолитска керамика, а клучен интерес на истражувањата беше точно неолитската населба.
Со истражувањата беше зафатен поголем простор со вкупно поставени 26 сонди, нумерирани од 1 до 23 и три сонди нумерирани како 3а, 3б, 3ц. Истражениот простор го поделивме на три сектори.
Прв сектор - резултатите од истражувањата потврдија дека на овој дел е северната периферија на населбата. На овој сектор беше потврдено присуство на конструкции од нафрлени камења помешани со керамика и животински коски, без некаков ред, па може да ги определиме како отпаден материјал. Во секторот се најдени две поголеми јами вкопани во карпата, за кои претпоставуваме дека се користени од неолитското население.
Втор сектор - во овој сектор е истражена поголема површина како резултат на откривањето на вкопани јами за колци и плитки ровови, како дел од конструкцијата на живеалиштата. Во овој сектор, покрај следењето на вкопаните јами за дрвената конструкција на живеалиштата, се следеа и вкопаните ровови, претпоставувам со истата намена. Пронајдена е и добро зачувана печка за печење керамички садови (сл. 2), вкопана во здравата карпа и таму оформена, а од куќен инвентар се пронајдени огништа, керамички садови (сл. 3, 4 и 5), камени мелници за житарки (сл. 6 и 7), камени и кремени орудија (сл. 8, 9 и 10). Погребување на возрасна индивидуа во згрчена положба исто така е пронајдена во овој сектор (сл. 11).
Во овој сектор е пронајдена вкопана јама во која е најдена поголема животинска коска и фрагментиран сад, со јасни средновековни определби, но бидејќи е единичен показател, ќе го определиме како парцијално користење на јамата како остава.
Трет сектор - со истражувањето на овој сектор ја определивме источната страна на неолитската населба. Така, работ кој беше доста виден на тој дел, всушност е крајот на неолитската населба.
Изолираната сонда 4, всушност, ја определи јужната страна на населбата. Овде речиси и да немаше потврдено никакви траги од неолитската населба.
Западната страна на населбата и не беше тешко да се определи, затоа што зарамнетото плато на тој дел преминуваше во благ ридест терен.
Од тоа што успеавме да го констатираме е дека неолитската населба била мала и зафаќала неполн хектар простор. Населбата ја формирале неколку живеалишта (сл. 12). Како материјален доказ за живеалиштата ги имаме вкопаните јами и ровови, а од градежниот материјал речиси да не е најдено ништо (освен едено мало парче лепеж). Куќите веројатно се од типот колиби, градени од лесен материјал, дрвени носачи и многу трска, која во овој дел ја има во изобилие, а ѕидовите биле облепени со кал. За слабата зачуваност на материјалните докази можеби придонесуваи плиткиот културен слој, па со обработката на земјата доста се издробил. Собраниот движен археолошки материјал, фрагментирани керамички садови, камени и кремени орудија, коскените алатки и една фигурина изработена од земја (сл. 13), ја определува временската рамка на живеењето на населбата, во првите фази на раниот неолит.
Големата концентрација кремен и кремени орудија се должи на констатираните богати жили од кремен, кој ги има на првиот ридест масив во чие подножје е подигната населбата. На стотина метри јужно од локалитетот, на стрмна падина, непосредно до најмалку две жили од кремен, пронајдовме поголем камен со неправилна правоаголна форма со правилен полукружен отвор и една поголема благо вдлабната површина. Овде, на самото место каде е природниот извор на суровини, а непосредно до населбата, се обработувал кременот во соодветни орудија според потребите на човекот.
Може да заклучиме дека неолитската населба повлечена во внатрешноста на пошироката котлина, поставена во речиси затворен триаголник меѓу суводолицата и возвишението од нискиот ридест масив, широко отворена кон плодното поле и богатите природните ресурси, имала доста добри услови за живот во раниот неолитски период.
Археолошки локалитет Богослов Камен, село Горни Балван
Локалитетот Богослов Камен (сл. 14) се наоѓа источно од селото Горни Балван. На северната страна локалитетот е заграден со повеќе ридови од кои позначајни се Говедарица, Богослов Камен по кој го добил името и Градиште кое се наоѓа североисточно од него. На југ се отвара широката котлина на Штипско Поле, а на исток се отвара кон Кочанско Поле.
Според топографската слика на поширокиот регион на овој локалитет, можат да се издвојат две платоа на кои постојат показатели за постоење живот посведочени преку фрагментите керамика забележлив и по површината на теренот.
Со овие заштитни археолошки истражувања,2 локалитетот Богослов Камен е идентификуван како населба од енеолитскиот период, период кој веќе е евидентиран и во поблиската околина на локалитетот, преку реката Брегалница кај с. Бурилчево, Кочанско. Самиот локалитет претставува населба од типот градиште, тесно пристапен само од западната страна каде се откриени и остатоците од одбранбениот бедем (сл. 15). И оваа населба ја потврдува топографската карактеристика на овој тип енеолитски населби кои се наоѓаат над реки или потоци на тешко пристапни места од трите страни, додека со четвртата се поврзуваа со благ превој со заднината.
Со овие заштитни истражувања се откриени темелни остатоци од една куќа (сл. 16) во сондата 2 со димензии 5,00 х 4,00 m и нецелосно откриени остатоци на куќа во сондата 3.
Според откриените остатоци, може да се заклучи дека куќите на локалитетот имаат неправилна четвртеста основа, темел од камења и се градени со колци и плет облепени со куќен лепеж. Подот бил изведен од набиена земја или директно на карпа.
Од движните наоди на локалитетот се откриени фрагменти од садова керамика, кремено орудие, фрагмент од жртвеник и два фрагменти од керамички фигурини типични за енеолитскиот период.
Од откриените керамички форми на локалитетот застапени се плитки и длабоки чинии, чаши пехари со една или две дршки, бокали, пуранои, амфори и друго. Главно, керамиката е со црвена боја со средна фактура. Глината е недоволно прочистена со присуство на лискун, кварц и ситен песок. Сите откриени фрагменти се рачно работени.
Најзастапени се фрагментите од чаши од кои најзачуван е дел од рамето или стомакот. Декорирани се со паралелни коси или вертикални канелури и организирани точкасти убоди (сл. 17).
Единствената поцелосно зачувана чаша е со лентеста вертикална рачка која го надвисува венецот и е многу слична со подоцнежните форми на садови од бронзеното време (сл. 18).
Длабоките чиинии имаат ниско благо задебелено устие вовлечено навнатре, додека плитките чинии се со благо лачно задебелување од внатрешната страна на устието (сл. 19). Неколку фрагменти се украсени со врежување на паралелни вертикални или коси линии и со јазичести или тунулести рачки под устието или на самото раме. Некои од рачките се перфорирани.
Амфорите се со цилиндричен врат со долен дел во форма на круша или биконусен и со вертикални рачки во долниот дел на вратот. Декорирани се со отисоци од прсти и налепено ребро со отисоци од прсти. Исто така, откриен е и еден мал фрагмент од нога на четвртест жртвеник (сл. 20).
Откриените фрагменти од теракотни фигурини (сл. 21) претставуваат дел од нога. Откриена е и чинија декорирана со врежани хоризонтални или коси канелури, без присуство на сликање или инкрустација (сл. 22).
Од категоријата на алатки и орудија на локалитетот се откриени само две кремени ножиња, од кои едниот е обработен со фин ретуш од сите страни, и иако е нецелосно зачуван можеби е врв од стрела (сл. 23).
Врз основа добиените резултати, топографската слика и местоположбата на локалитетот и анализата на движните наоди локалитетот Богослов Камен хронолошки може да го детерминираме како населба од енеолитскиот период. За нивна поцелосна и поточна хронолошка анализа, како и културната припадност на локалитетот, организација на населбата и содржините во неа ќе бидат потребни посеопфатни и временски неограничени систематски истражувања.
Археолошки локалитет Под Школо, село Стар Караорман
Локалитет Под Школо, населба од раното бронзено време, се наоѓа на западниот раб од селото Стар Караорман на една рамнина која продолжува сѐ� до коритото на реката Брегалница (сл. 24).3
Според анализата на остатоците од архитектурата и движниот архелошки материјал, хронолошки локалитетот Под Школо може да го сместиме во раното бронзено време, и тоа на самиот почеток од оваа праисториска епоха.
Од откриената архитектура треба да се издвои откриената куќа земјанка, составена од две простории, изведени како две споени јами со неправилна кружна форма (сл. 25). На локалитетот во рамките на истражувата беа откриени две земјанки со зачувани придружни елементи. Просторот за складирање и приготвување храна (печка - фурна) (сл. 26) ни дава слика за економијата и секојдневниот живот на луѓето на самиот почеток од бронзеното време.
На локалитетот Под Школо во откриениот подвижен археолошки материјал, најбројно е застапена керамиката. Таа е застапена преку повеќе категории: кујнска, трпезна, складишна и луксузна. Најголемиот дел од откриената керамика е со добра фактура, добро печена - мазнета површина, колоритот на откриената керамика се движи од светлокафена, преку темнокафена до црна боја.
Застапени се повеќе керамички форми, од кои ќе ги издвоиме:
- чинии: широко отворени форми, со мало рамно засечено устие, кое во некои случаи е благо и завлечено нанадвор. Преминот од рамото во стомакот на садот е изведено со блага биконија. Тоа е и просторот каде се поставуваат држалките на садот. Дното на садот е со мали димензии и е конкавно вовлечено навнатре (сл. 27);
- кантаровидни садови: садови со помали димензии, со две лентести вертикални држалки, тело поделено со биконија и рамно дно (сл. 28).
Посебно место во керамичката продукција на археолошкиот локалитет Под Школо, село Стар Караорман зазема двојниот сад (сл. 29).
Преку анализата на движниот археолошки материјал, посебно керамичкиот материјал, на садовите се забележуваат стари енеолитски елементи и појава на нови бронзенодопски елементи, вградени заедно во откриената керамика. Може да изведеме заклучок дека раното бронзено време претставува мирен премин меѓу овие две епохи, без поголеми турбуленции. Само во архитектурата има промени со појавата на нов начин на домување во земјанки. Од ова може да се претпостави дека на нашите простори во ова дамнешно време се доселува ново население; ова најверојатно се случило со последните бранови на индоевропските преселби.
Локалитетот Под Школо кај селото Стар Караорман засега претставува единствен локалитет од раното бронзено време откриен во источниот дел на Македонија.
Археолошки локалитет Главица-Долна
Река, село Буриловци
Локалитетот е лоциран на југоисточната периферија на селото Буриловци во подножјето на ридот Главица меѓу колскиот пат Буриловци - Судик и Долна Река (сл. 30).4 Целиот локалитет според трасата на простирање на хидросистемот се наоѓа на неколку приватни ниви, меѓусебно одвоени со колски пат, коишто се наоѓаат на различна ниве-
лација со висинска разлика од 3 m.
Истражувањата на овие формации не покажа постоење фрагменти керамика или останки од покојници под нив, како што првично се претполагаше. Сепак, во нивна непосредна близина се пронајдени поголеми остатоци од лепеж. Во близина на камењата се пронјадени неколку нафрлени камења под кои беше откриен целосно зачуван керамичен сад - црпалка (сл. 31). На останатиот дел од локалитетот не беа пронајдени археолошки наоди.
Од корпусот движен археолошки материјал единствено е застапена керамиката и една кремена алатка. Имајќи го предвид фактот дека долж целиот истражен простор се само три пункта со фрагментирано зачувана керамика, целокупниот фундус пронајдени археолошки движни наоди се состои од вообичаени форми садови од бронзеното време. Таа е застапена преку повеќе категории: кујнска, трпезна и луксузна. Најголемиот дел од откриената керамика е со добра фактура, добро печена мазнета површина, а колоритот се движи од светлокафена, преку темнокафена до црна боја. Според формата се застапени едноставни садови со трапезоидна или конусна форма, а присутни се и садови со нагласена биконија. Држалките се со кружен пресек или лентести и на некои од зачуваните садови тие се поставени под венецот. Единствен исклучок е црпалката кај која рачката е извлечена директно над венецот. Освен овие наоди, откриена е и една кремена алатка со триаголна форма, остар врв и ретуш на двете страни и една антропоморфна фигурина.
Според анализата на откриената ситуација и движниот архелошки материјал, хронолошки, локалитетот Главица-Долна Река можеме да го сместиме во широките рамки на бронзено време.
Археолошки локалитет Киево, село Горни Балван
Локалитетот е лоциран на тромеѓето меѓу атарите на селата Горни Балван, Батања и Горно Трогирци. Во едицијата Археолошка карта на Република Македонија е определен како доцноатичко утврдување и средновековна некропола.5 Согледувања се засновани на податоци добиени по пат на рекогносцирање и случајни наоди. Од друга страна, покрај топографската слика на поширокиот регион на овој локалитет, можат да се издвојат три јасно дефинирани платоа на кои постојат траги на интезивен живот посведочен и преку фрагментите керамика забележливи и поповршината на теренот и разнесениот градежен материјал (сл. 32).
Највисокиот рид на просторот е определен како „градиште од римско време“, каде на врвот постојат две зарамнети платоа во правец север-југ со остатоци од одбранбени ѕидови, фрагменти од садова керамика и расфрлен градежен материјал, именуван како Тераса I.
По ниското плато (сл. 33), во подножјето на ридот, каде што се наоѓа црквичката Св. Јован изградена 1948 година, односно на просторот југоисточно од сакралниот објект, именуван како Тераса II, откриени се остатоци од желелзно време кои ќе бидат цел на мојата натамошна презентација.
Со оглед на тоа што во досегашните истражувања на населбите од железното време поголемиот број заклучоци се засноваат на податоци добиени од рекогносцирања или, пак, од парцијално истражени станбени објекти сознанијата добиени преку истражувањето на овој локалитет, главно, се засноваат на целокупната ситуација од теренот. Имено, според сегашниот стадиум на истражување, може да се извлечат следниве заклучоци: на истражениот простор е откриена профана градба, односно живеалиште од железното време со неправилна трапезоидна форма од типот на полуземјанка со две јасно дефинирани простории и со неправилна правоаголна форма меѓусебно одвоени со преграден ѕид, и еден издаден дел за влезната партија на објектот (сл. 34). Целиот објект е свртен кон југозапад со цел максимално да се искористат климатските погодности, односно топлината и енергијата на сонцето. За утилитарниот приод кон сите аспекти на искористување на природата и во рамките на тогашната архитектура ни говорат два податока. Прво, како градежен материјал биле употребени преплети од трска кои се посведочени преку пронајдените траги од негативите откриени на неколку парчиња лепеж, а дел од црвеникавата карпа која се протегала на овој простор била искористена како еден од периметралните ѕидови на куќата.
Имено, оваа карпа е прилично лесна за обликување, па затоа на овој простор се пронајдени и две поголеми јами за колци на кои веројатно почивало целокупното тежиште на архитектонската конструкција. Од внатрешната страна, односно оној дел кој го претставува внатрешниот ѕид на просторијата, карпата била облепена со глина пронајдена во долните партии. Во однос на конструктивната мрежа може да се заклучи дека целиот објект почива на гредите поставени во карпата. Северната страна, која е најизложена на временски непогоди била дополнително зајакната со неколку реда неправилно подредени колци, а периметралниот ѕид на јужната страна поради природната заштита е изведен само од еден ред колци. Преплетот од трска бил облепен со лепеж пронајден во голема количина низ целиот објект. За постоење огниште може да ги засноваме заклучоците само врз основа на мал број пронајдени фрагменти од лепеж на кои се забележуваат отисоци од поситни камења, веројатно како дел од конструктивната партија на огништето. Од прикажаната ситуација на теренот може да се претпостави дека објектот, според трагите од силно горење евидентирани на одредени места од централната просторија, страдал од пожар.
По целата истражена површина, главно, преовладува керамика датирана во железното време, со груба и средна фактура со сите обележја на керамика наменета за секојдневна употреба и неколку фрагменти на керамика со фина фактура (сл. 35, 36) и софистициран изглед збогатен со исклучително богата декорација изведена со втиснувања на мотиви, аплицирање на пластични додатоци и употреба на радло (сл. 37, 38). Врз основа на декорацијата на садовите, со право сметаме дека на овој простор во железното време постоела населба која хронолошки би ја определиле во широките рамки на VIII-VI век пр. н.е.
Завршни согледувања
Неолитската населба Грнчарица, како резултат на еднослојниот културен хоризонт, е значително подбро истражена во однос на неолитските населби Вршник, село Таринци; Барутница, село Анзабегово и Руг Баир, село Горубинци.
Откриената архитектура, односно начинот на градењето на куќите е типичен за раниот неолит, но формата на планот на куќите, засега е единствен не само по течението на река Брегалница, туку на целата територија на Република Македонија. Блиски аналогии за керамиката наоѓаме со керамиката од неолитските населби во долината Струма: Крајници и Оходен, кои влегуваат во областа на Ќустендил.6
Енеолитското утврдување Богослов Камен засега е единствена населба од енеолитскиот период во Брегалничкиот Басен и пошироко, која е заштитена со широки одбранбени ѕидови односно фортификација,7 притоа искористувајќи ја конфигурацијата на теренот.8 Исто така, од овој локалитет посебно внимание покрај фортификационата архитектура, заслужува и станбената архитектура,9 која со начинот на градењето е исто така единствена во однос на досега откриената станбена архитектура на Градиште, село Град, Пиљаво, село Бурилчево и Св. Атанасие, село Спанчево. Врз основа на досегашните резултати од истражувањето, енеолитското утврдување може да го сместиме во широката рамка на енеолитскиот период. Позицијата на енеолитската населба е слична со позицијата на енеолитските населби Трештена Стена-Манастир,10 Костоперска Карпа,11 Цареви Кули-Струмица,12 Орловица во Ракотнице, Скопје13и други.
Населбата од бронзено време, Под Школо е прва откриена населба во средниот тек на река Брегалница. Особено карактеристично за населбата е откриената архитектура, односно организацијата на внатрешниот простор на двете земјанки, со зачувани придружни елементи, кои се сосема нов елемент во праисториската архитектура. Како нов момент е печката за приготвување храна во просторот за складирање, кои ни дава слика за економијата и секојдневниот живот на луѓето на самиот почеток на бронзеното време.
Земјанките, кои се појавуваат како новина во праисториската архитектура, во Брегалничкиот Басен, потоа керамиката, на која има елементи од енеолитот и нови елементи од бронзеното време, нè наведуваат на размислување дека на овие простории се појавува нова етничка групација која се населува во средниот тек на река Брегалница. Местоположбата на населбата н дава за право да констатираме дека периодот на раното бронзено време е мирен, спротивно од немирниот енеолитски период, кога населбите за прв пат во праисторијата биле подигани на високи и доминанти позиции. Во раното бронзено време, населбите повторно се подигаат во рамничарските предели.
На територијата од Македонија засега Под Школо е осамена населба од периодот на раното бронзено време, па така блиски аналогии за позицијата на населбата, архитектурата и керамичката продукција треба да се бараат во населбите од раното бронзено време на Балканот.
Населбата Главица-Долна Река врз основа на откириената керамика влегува во широката рамка на бронзеното време. Керамиката е застапена преку повеќе категории: кујнска, трпезна и луксузна. Не се откриени остатоци од архитектура во рамките на заштитните археолошки истражувања.
Населбата Градиште-Киево е прва населба од железното време во Брегалничкиот Басен, на која се изведувани археолошки истражувања.14 Откриената архитектура на истражениот простор, претставува профана градба со неправилна трапезоидна форма од типот на полуземјанки со две јасно дефинирани простории со неправилна правоаголна форма, одвоени со преграден ѕид.
Откриената керамика со типичните декорации, јасно укажуваат дека населбата припаѓа на развиеното железно време од VIII до VI век пр. н.е.
Аналогии за откриената архитектура засега на територијата од Република Македонија не се откриени, и слично како за населбата од раното бронзено време, аналогии треба да се бараат со сличните населби од железното време на Балканот. Керамиката е слична со керамиката од некрополите од железното време на Орлови Чуки и Балабаница во атарот на село Стар Караорман, некрополата Криви Дол, село Радање и други.
Белешки
- Заштитни археолошки истражувања се изведени во периодот од септември 2007 до август 2009 година под раководство на авторот на текстот. Во рамките на истражувањата како раководители на локалитети беа ангажирани: Златко Видевски, Анита Мидевска-Василкова, Трајанка Јовчевска, Илинка Атанасова, Ване Секулов, Горан Карапетков и Емил Сламков. Како стручни соработници беа ангажирани: археолозите: Дарко Стојановски, Митко Штерјов, Николај Ежов, Еманоил Стефанов и Перо Костов; архитекти: Марија Видевска, Љубива Кљонкова, Кристина Петрушева; конзерватори на движен археолошки материјал: Бранко Величковски, Жаклина Петровска, Билјана Веселинова и документатори: Јованче Еленов и Катерина Станкова. ↩
- Со заштитните археолошки истражувања раководеше колегата Емил Сламков. ↩
- Со археолошките истражување на локалитетот Под Школо село Стар Караорман, раководеше м-р Златко Видевски. ↩
- Археолошките истражувања на локалитетот ги раководеше Анита Мидевска-Василкова. ↩
- Со археолошките истражувања на локалитетот раководеше д-р Анита Мидевска-Василкова. ↩
- Санев В. - Белдедовски. З., 1995, 403; Нацев Т., 2013. ↩
- Нацев Т. - Стојановски, Д., 2013, 103-113. ↩
- Нацев Т., 2013. ↩
- Нацев Т. - Стојановски, Д., 2013, 103-113. ↩
- Митревски Д., 2013,131-165. ↩
- Митревски Д., 2013,131-165. ↩
- Митревски Д., 2013,131-165. ↩
- Митревски Д., 2013,131-165. ↩
- Санев, В. - Белдедовски З., 1995, 403. ↩
Summary
Salvage Excavations of Archaeological Sites Threatened by the Construction of the Hydrosystem Zletovica 2007 – 2009
Thirty three archaeological sites with a chronological span from the Early Neolithic (middle of the 6th Millennium BCE) to the 14-15th century AD, were excavated in the area occupied by the line of Hydrosystem Zletovica. This paper presents only the results from the excavations of the prehistoric sites.
The archaeological site Grnčarica, near the village of KrupiŠte, is a Neolithic settlement. The uncovered architecture i.e. the manner of construction of the houses is typical for the Early Neolithic. However, the plan of the houses is not only unique along the valley of Bregalnica, but it is the case for the whole territory of the Republic of Macedonia. Close parallels to the ceramic vessels are found in the pottery from the Neolithic settlements in the Struma Valley such as Kraynitsi and Ohoden, in the vicinity of Kyustendil.
The Eneolithic settlement Bogoslov Kamen is characteristic for the appearance of fortification architecture with wide defensive walls, and the residential architecture with stone base which held the posts from the wooden frames of the mud brick walls. Analogies are found in the Eneolithic settlements of TreŠtena Stena – Manastir, Kostoperska Karpa, Carevi Kuli - Strumica, Orlovica – Rakotinci – Skopje etc.
The Early Bronze Age site Pod Školo is the first discovered settlement form this period along the Middle Bregalnica Valley. Besides the pottery, very specific for this settlement is the revealed architecture, particularly the interior organization of the pit-dwellings and the kiln for food preparation. There are no analogies from the territory of the Republic of Macedonia and they should be sought in the wider region of the Balkans.
Based on the discovered pottery, the Bronze Age settlement Glavica – Dolna Reka fits in the wider chronology of the Bronze Age.
The archaeological excavations of the Iron Age settlement GradiŠte – Kievo revealed the remains of a profane building with irregular trapezoid plan of a semi dug pit-dwelling. The typical decoration of the discovered pottery clearly suggests that the settlement belongs to the Advanced Iron Age, from the 8th to the 6th century. The architecture does not have analogies on the territory of the Republic of Macedonia. The pottery is parallel with the finds from the Iron Age necropolises of Orlovi Čuki and Balabanica in the vicinity of the village Star Karaorman, the necropolis Krivi Dol near the village Radanje etc.
Библиографија
- Митревски Д., 2013, „Праисторијата на Македонија“. Македонија - милениумски култорно-историски факти, Скопје, 83-266.
- Нацев, Т., 2009, Трите керамитки (каталог на тематската изложба, Штип.
- Нацев, Т. - Стојановски, Д., 2013, „Прилог кон проучувањето на неолитската и енеолитската архитектура од средниот тек на река Брегалница“, Зборник на Факултетот за образовни науки, Штип, 103-111.
- Санев, В. - Белдедовски, З., 1995, Археолошка карта на Република Македонија, T. II. Скопје.