Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 59–74

Симболизмот кај движниот наод откриен на светилиштето Св. Атанас кај Спанчево

УДК 903.26-033.64:39(497.733)”636”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2022059a

Вниманието во овој труд ќе биде насочено конкретно кон семантиката имплицирана во наодите од светилиштето Св. Атанас кај селото Спанчево, Кочанско. Рамките на предложената тема се многу широки и комплексни, затоа во обидот за делумно расветлување на симболичката слика создадена во колективната свест се пристапува без претензија за сеопфатност.

Позицијата на светилиштето во просторот е доминантна и недвосмислено упатува кон своевидна двонасочна комуникација со жителите од енеолитските населби долж реката Брегалница. На најиздигнатиот простор денес е изградена истоимена црква Св. Атанас, која доминира над околниот пејзаж и покрај скромните димензии, а истовремено упатува и на зачуваниот континуитет на сакралност на просторот.

Светилиштето Св. Атанас кое привлекува внимание само по себе е лоцирано на зарамнета вулканска тераса со 389 m н.в., на источната периферија од селото Спанчево.1 Врз основа на споредбените анализи влегува во хронолошките рамки на раниот енеолит.2 Неговата местоположба му овозможувала добра поврзаност и визуелна комуникација и со останатите евидентирани енеолитски населби во непосредното опкружување долж реката Брегалница: Пилаво-Бурилчево кај Кочани,3 Виничко Кале кај Виница,4 Богослов Камен кај Горни Балван, Штипско,5 како и поврзаност во подалечното опкружување: во Делчевско,6 Кумановско, Струмичко.7 Преку планинските превои или постојните комуникации долж речните долини била воспоставена комуникација и со наоѓалиштата од периодот на енеолит по горното течение на реката Струма во околината на Ќустендил,8 Перник9 и Градешница во Бугарија, како и наоѓалиштата по моравското сливно подрачје во Србија во околината на Врање,10 Лесковац,11 Бубањ Хум во околината на Ниш.12

Антропоморфната претстава е најраспространета уште од првите форми на изразување, како цртеж или изработка во земја, камен, коска и др. На светилиштето кај селото Спанчево, Кочанско, е откриена поголема колекција антропоморфна и зооморфна пластика изработена во комбинација од земја и камен, прифатена под општиот термин фигуринки. Тие во најголем дел биле приложувани врз специјално подготвени простори, со кружна или правоаголна форма, оформени од камен и земја и оградени со камен. Заедно со нив биле приложувани и фрагментирани предмети од керамичка садова продукција со нетипични форми. Иако откриениот материјал остава простор за обработка од различни аспекти, во конкретниов случај приоритетот ќе го понесе симболиката и поврзаноста со обредните манифестации, што секако биле од исклучителна важност за праисторискиот човек.

Антропоморфните фигурини имале голема улога во социјалниот живот на праисторискиот човек. Нивната примарна цел била насочена кон заштита на основните вредности за живот од секакво зло, заштита на просторот, посевите, добриот улов, плодноста...

Просторот како параметар може да биде проучуван од повеќе различни агли. Кај поголемиот дел на култури една од основните поделби на просторот е заснована врз дуалистички принцип, заштитено - незаштитено, оградено - неоградено, свое - туѓо, чисто - нечисто и сл. Секоја заедница дефинира свој систем од норми за одредување „заштитено/чисто“ од „незаштитено/нечисто“ и во принцип се раководи од таквите востановени правила.

Во овој случај започнуваме од контекстот на откривањето на фигуринките. Најголем дел од нив биле откриени во ограден простор, врз специјално подготвени камени клупи - банкини,13 од камен и запечена земја, со правоаголна или кружна форма.14 Одговорот за улогата на фигуринките во контекст на просторот каде што се откриени недвосмислено се наметнува. Фигуринките и другиот наод со култно-магиски предзнак овде биле во функција на заштита на оградениот простор. Оградниот ѕид од камен, околу двата откриени објекти со кружна основа,15 ја има лиминалната улога во поглед на заштитениот простор внатре, наспроти незаштитениот надвор. Камените клупи прават дистинкција во поглед на заштитата под и над нив. Врз специјално изработените клупи е заштитениот простор, наспроти незаштитениот под нив. Од спроведените истражувања на централнобалканските простори слични такви простори оградени со камен, со голема концентрација на фрагментирана керамика се откриени и во Западна Србија, во Бела Црква,16 и во Бубањ Хум, фаза I, каде е откриена јама оградена со камен, исполнета со фрагментирана садова керамика.17 Сличен ритуал за оставање дарови во кружно ограден простор поврзан со плодноста и цикличната обнова на природата е забележан и на светилиштето од бронзено време во Пелинце.18 Во средноазиските региони исто така се забележуваат слични обредни објекти.19

Во етнографските паралели во Шопско-брегалничката етнографска целина се зачувани поголем број обредни активности кои упатуваат на лиминалната функција на „оградата“ и на провлекувањето како елемент на заштита на просторот.20 Во културата на јужните Словени постојат многу примери во говорните форми кои се однесуваат на поделбата на просторот како заштитен и незаштитен: „у пуста гора“, „у глуво доба“, „чиста жена“21 и слично.

Постојаната борба меѓу доброто и злото - мракот и светлината е присутна во речиси сите древни култури како најшироко распространета идеја, па така оформувањето на симболичката слика за светилиштето во Спанчево продолжува во истиот контекст на дуалистичка спротивставеност.

Двата објекта со кружна основа поставени во правец север-југ се најизразитиот пример за дуалистичко сфаќање на Вселената на населението кое го користело светилиштето во Спанчево. Малиот кружен објект на северната страна е празен (без прилози), а големиот на јужната страна е исполнет со броен фрагментиран движен наод.22 Несомнено споменатите објекти може да се поврзат со обредни активност поврзани со годишниот календар со соларен карактер, како и со плодноста на природата. Во теориско-методолошкиот пристап спроведените истражувања споредбено се доведуваат во врска со обредните календарски активности поврзани со земјоделските активности во Шопско-брегалничката етнографска целина,23 како и етнографски паралели од пошироките балкански простори.24

Човечкото тело е значаен параметар во натамошното истражување. Фигуринките ја губат функцијата на човечко тело како биолошки организам, со вклучувањето во магиско-религиските обреди, а добиваат улога на просторно организирана целина, која имплицира соодветна симболичка слика. Во основа и овде се поаѓа од веќе воспоставените параметри од аспект на спротивставени сили. Во примарната поделба се поаѓа од поимот голо - облечено. Меѓу откриените фигуринки се среќаваат и примероци без декорација: фигуринка со кат. бр. 9, кат. бр. 14, кат. бр. 1725 и др. (сл. 1). Според современите истражувања, спроведени на централно балканските простори, голото човечко тело има многу значајна улога во магиската комуникација каде што е неопходен контакт меѓу човечко лице и демонски суштества, во која човекот мора да биде гол.26 Горните фрагментирани делови од фигуринките од спанчевското светилиште, најчесто се откриени без дополнителна или со сосема занемарлива декорација, за разлика од долните делови кои се со многу богата и разновидна декорација27 (сл. 4; Т.1 - Т.6).

Втора поделба на човечкото тело може да се направи по вертикала и хоризонтала (сл. 4, 5 и 6). Фигуринките при откривањето во најголем степен се фрагментирани, па во дадената ситуација при поистоветување на просторот со човекот, од позиција на спротивставени сили, човечкото тело се дели по вертикала, на горен и долен дел, или по хоризонтала, на лев и десен дел од телото. Притоа, горниот и десниот дел се во корелација со овоземското, чистото, препознатливото, односно машкото начело, додека нивна директна спротивност се долниот и левиот дел кои им припаѓаат на мрачните, односно подземните сили, кои влегуваат во сферата на женските начела. Средишниот дел од фигуринките, односно стомачните делови ја имаат лиминалната функција со која се раздвојува телото на двата веќе споменати дела (Т.5). Најчесто, во вербалните обредни дејствија забележани од современите фолклористи при баење против разни болести самиот процес започнувал од главата и се движел кон нозете.28 Во посочената конотација главата ја има функцијата на почеток, додека нозете се завршеток, а при допирот со земјата преку нив се врши конекција со подземниот свет и нечистите сили. Петата и коленото имаат исто така значајна улога во магиските активности и вербални постапки.29

Цртеж 1
Цртеж 1

Материјал и техника. Во поглед на употребениот материјал и техниката на изработка фигуринките од светилиштето се изработени од земја или комбинација од земја и камен. Во зачуваните митолошки приказни и старозаветни библиски текстови, главните јунаци кај голем број стари народи биле направени од земја ( I книга Мојсеева 2:7; и во Епот за Гилгамеш).

Каменот зазема значајна позиција во обредно-магиската практика сѐ� до денес. Семантички се поистоветува со цврстина, постојаност и неуништливост. Основното јадро врз кое е обликувана фигуринката најчесто било од камен (Т.3). Каменот бил употребен и за изработка на камените клупи врз кои биле приложувани наодите, а исто така бил користен и за оградување на споменатите кружни објекти. Каменот, освен во улога на заштитник во посовремената историја во многу верувања и обреди ја има улогата на имагинарна граница меѓу два света: овоземскиот и имагинарниот. Преку „дупен камен“ се изведувало „ритуално умирање“ и „повторно раѓање“ во нови препородени личности со „ритуално провлекување“.30

Сл. 1
Сл. 1
Сл. 2
Сл. 2
Сл. 3
Сл. 3
Сл. 3а
Сл. 3а

Бојата на фигуринките добиена преку техниката на печење за керамичките предмети е само уште еден од елементите за изразување на симболичкото значење на изработените фигуринки. Предната страна е печена во црвеникаво до кафеава боја, додека задната при печењето добивала темносива боја.31

Декорацијата е само уште еден од параметрите за симболичкото претставување на фигуринките. Во поглед на декорацијата во постарата фаза најчесто е користено врежување, додека во втората фаза графитното сликање или комбинација. Одредени мотиви во декорирањето во двете техники се идентични и се повторуваат. Најчести се: снопови од паралелни линии, круг, ромб и триаголник со или без точка, две напоредни линии прекршени на горниот крај, меандар, четири триаголника споени со врвовите меѓу себе, стилизирани антропоморфни претстави, претстави на консекративни рогови, цик-цаковидни и брановидни линии и др. (цртеж 1).

Сл. 4
Сл. 4

Од врежаните симболи, што се среќаваат во садовата продукција воопшто, а поконкретно врз женските керамички фигури, особено впечатливи се ромбот и триаголникот со точки. Тие ја симболизираат, пред сѐ�, идејата на женското плодородие, но истовремено се појавуваат и како симбол на засеаните полиња.32 Ромбот најчесто се наоѓа врежан во долниот дел на стомакот, но и на појасот. Во одредени претстави тој знак е мултиплициран.

Во пронајдените примероци на локалитетот Св. Атанас се издвојува фигурината со кат. бр. 1133 (сл. 3 и 3а), кај која врежаната претстава на ромб со точка, се среќава неколкупати врз истата фигурина. Врежаните четири триаголника со точка во средината се споени со врвовите, а на местото на кое се среќаваат нивните врвови е вдлабната уште една точка во средината. Истата претстава се повторува во делумно видоизменета форма неколкупати на истата фигура. Поголемиот број проучувачи ваквиот мотив го толкуваат различно, но во основа се поистоветува со култот кон плодородието и засеаните полиња.34 Голем број паралели за оваа претстава се познати од Триполие.35 Најстар засега познат пример за примената на овој симбол се среќава врз еден печат од Чатал Хијук во Мала Азија, датиран според истражувачите во втората половина на VII милениум пр. н.е. Во најблиското опкружување, аналогна насликана декорација има на пехарот откриен на енеолитската населба Врањак, во с. Варвара, Скопско,36 што укажува на неговата примена како декоративен елемент и покрај различната техника. Најблиски паралели, како во сликовен така и во применетата декоративна техника наоѓаме во с. Градешница.37

Сл. 5
Сл. 5

Врежаната орнаментика врз култната пластика и останатите предмети кои се тесно поврзани со конзумирањето на одредениот култ е најексплицитниот одраз на богатиот духовен живот кај локалното население.

Антропоморфните садови се евидентирани на повеќе неолитски и енеолитски наоѓалишта во Југоисточна Европа и западна Анадолија. Од семантички аспект постојат повеќе тези и размислувања за карактерот и функцијата на ваквиот тип садови, за пример ја земаме фигурината со кат. бр. 26.38 Во богатиот спој на врежана орнаментика врз откриената фигурина се наметнува централната композиција во која е видлива стилизирана врежана претстава на сад со антропоморфни елементи. Во дескрипцијата на врежаниот сад се поаѓа од основната поделба на садот на две зони: долна и горна. Внатрешноста на врежаниот сад е исполнета со богата комбинирана орнаментика со геометриски мотиви. Во целата разновидност за користење на керамичките садови, основната функција кај древните народи им била за складирање на храната. Во конкретниов пример сосема експлицитно се гледа дека телото на жената и на садот се поистоветувале според значењето, како места во кои се чува, складира, а воедно и се излева нанадвор складираното.39 Поради нивната семантичка поврзаност со храната и изобилието многу често садовите амбари биле идентификувани со принесување на дарови на храмот. Садот амбар, семантички близок до ликот на женското божество честопати бил поистоветуван со него.40 Во повеќе современи култури cè уште се препознава симболот на изобилието во одбележувањето на одредени празници, како што е примерот со одбележување на Бадник.41 Големиот број фрагментирана керамика од садови амбари е само дополнување на значењето што го имале за конкретното светилиште.

Сл. 6
Сл. 6

Фигурината со кат. бр. 2842 е во полуседечка положба на телото, со јадро од вулкански камен, зачувана е само левата страна. Особено богатата орнаментика е изведена во неколку хоризонтални композиции, на делот од надколеницата па cè до стомачниот дел. Најдолниот хоризонт е со врежани полиња со меандри кои се повторуваат, а на предната страна има една длабока вдлабнатина. Во следниот хоризонт на колковите има врежано еден празен круг, а на глутеите има спирално врежан елипсовиден орнамент. Во третиот хоризонт на задниот дел има четири врежани кружни полиња, во едно од нив со точка во центарот, а на страничниот дел спирално врежана змија, околу композиција од ромб со вдлабната точка во центарот, а од двете страни со по едно кружно поле, во последната композиција со видливи траги од бела пастозна боја во врежувањата.

Сл. 7
Сл. 7
Сл. 7а
Сл. 7а
Сл. 8
Сл. 8
Сл. 9
Сл. 9

Кај поголем број фрагменти од откршените фигурини јасно се забележува ставениот акцент на нагласена бременост во претставата, видливо кај поголемиот број откриени стомачни делови од фигурини, што се поврзува со едно од основните начела на женската личност.43

Што се однесува, пак, до претставите на машките фигурини, се издвојува претставата кај која се откршени рацете и нозете, а на зачуваниот дел се издвојува појас и нараменици преку грбот и предниот дел (сл. 8), претстава поврзувана со обредот за иницијација на младите момчиња во воини.44 Како аналогни примероци ги наведуваме пронајдоците од Слатино, во хоризонтот 6.45

При анализирањето на симболиката во керамичките изработки на локалитетот Св. Атанас не смее да биде заборавена улогата на бикот и неговата идеолошка претстава, како елемент зачуван од претходните временски периоди и негово продолжување. Како пример за негување на култот на сончевиот бик ги наведуваме моделите на жртвеници од типот цедилка, кај кои горните агли завршуваат во форма на рогови (сл. 9). Жртвениците се на издигнати нозе, а челните делови се декорирани со различни мотиви од врежани линии кои формираат триаголни полиња и меандри. Горната површина е перфорирана. Овој ритуал бил негуван од раниот неолит, па cè до бронзеното време, кога е проширен речиси по целиот стар свет, а нивното култно значење не претрпело особени измени. Просторно најблизок пример е наодот од Ѕунивер, а слични примери се наоѓаат и на Крит и на Кипар, како и кај седлестите жртвеници од Вучедол.

Неспорен е фактот дека ваков тип фигурини, декорирани со аналогни мотиви, иако со извесни разлики во примената на техниката (врежување, мазнење, сликање) се евидентирани на пошироките простори на територијата од Источна Европа, преку Долно Подунавје, Балканот, Северна Грција и Јужна Албанија. Според дистрибуцијата на овие фигурки, нивната хронолошка определба и квантитетот во одредени региони, сосема оправдано е да се спомене можноста дека на просторите на централен Балкан тие стигнале со миграциите од североисток во втората половина на V милениум пр. н.е., меѓутоа, во зависност од големината и доминантноста на автохтоните неолитски култури тие добивале и свои локални обележја.

Сите наброени симболи во основа го содржат заедничкиот именител, кој упатува на плодност и изобилие, што од друга страна пак, нè упатува на помислата дека основниот култ на спанчевското светилиште е култот на плодноста, односно култот кон сонцето како извор на животот.

Заклучни согледувања

Генерално, истражувањата на праисториските наоѓалишта потврдуваат почитување на голем број разновидни верувања, и мистификација на одредени предмети, суштества и објекти. Сето тоа секако резултирало со практикување на соодветни обреди, за што сведочат остатоците од материјалната култура уште од најстарите земјоделски заедници. Многу често предметите користени во конкретните обредни практувања имале нетипични и несекојдневни форми. Тие секако биле изработувани специјално за намената, неретко веројатно и за еднократна намена, поради што честопати се откривани фрагментирани. Во нив најчесто доминира врежана, сликана или пластично изведена декорација, која експлицитно ја изразува водечката идеја. Веројатно преку нив точно се определувало дури и местото во заедницата. Иако, од денешен аспект, евидентираниот материјал од локалитетот Св. Атанас, освен како составен дел на култното и магиското, може да се обработува и како дел од уметноста кај древните жители, за нив целата таа декорација, пред cè, емитирала одредени пораки.

Антропоморфната пластика претставува само еден, но многу значаен сегмент од материјалната култура, која, преку своевиден уметнички израз, експлицитно ги претставува проблемите и потребите од секојдневниот живот на древниот жител во нешто материјално и опипливо.

Фигуринките откриени во светилиштето Св. Атанас во Спанчево, кои се карактеристични за енеолитскиот период во Македонија, како и во пошироките балкански простори, експлицитно упатуваат кон организирани обредни манифестации во потесни рамки на самото светилиште. Затоа проучувањето од симболичко-семиотички аспект со директна поврзаност во магиско-обредни активности ќе биде прифатено како предизвик. Во периодот на процут на земјоделието, кога човештвото ги прави првите чекори кон откривањето на металот, древните земјоделци cè повеќе ги осознаваат тајните на небеските циклуси, како и промената на циклусот на годишните времиња. Елементите кои ја имплицираат основната содржина и водечката идеја на творецот и ќе бидат во фокусот на истражувањето се: нетипичните форми, пластични претстави и врежаната декорација кои упатуваат кон магиското, кон култното.

Антропоморфната пластика уште најраните примери во создавањето на симболичката слика за постоењето на светот и за човечкото тело упатуваат на дуалистички сфаќања.

Илустрација, стр. 69
Илустрација, стр. 69
Илустрација, стр. 70
Илустрација, стр. 70
Илустрација, стр. 71
Илустрација, стр. 71

Белешки

  1. Првите податоци за постоење на светилиштето потекнуваат од 2007 година од кога се и првите рекогносцирања на теренот. Тогаш се откриени голем број артефакти од кои, поголемиот дел останал помеѓу локалното население, а еден помал дел нѝ беше понуден за откуп за музејската збирка. ↩
  2. Атанасова И., 2019, 109-119, со таму наведената литература. Заради дефинирање и потврдување на првично добиените резултати беа реализирани неколку сондажно истражувачки кампањи од 2008-2010 год. Раководител на истражувањата беше Илинка Атанасова, а вкупниот истражен простор во сите три истражувачки кампањи опфаќаше површина од 400 m2. ↩
  3. Колиштркоска-Настева И., 1999, 26-32. ↩
  4. Atanasova I., 2011, 236. ↩
  5. Нацев T., 2009; Нацев Т. - Стојановски Д., 2013, 107-111. ↩
  6. Колиштркоска-Настева И., 2006, 81-92. ↩
  7. Рујак З., 2007, 17-37. ↩
  8. Чохаджиев С., 2006. ↩
  9. Радунчева А., 1981. ↩
  10. Булатовић А., 2007. ↩
  11. Булатовић А. - Јовић С., 2009. ↩
  12. Гарашанин М., 1973. ↩
  13. Атанасова И., 2019, 111. ↩
  14. Атанасова И., 2011, 187-188; Атанасова И., 2012, 12-16. ↩
  15. Атанасова И., 2011, 186-188. ↩
  16. Гарашанин М., 1973, 254-261, сл. 7. ↩
  17. Гарашанин М., 1973, 174-175. Во Пекљук, на една тераса надвор од населбата, е откриена површина оградена со камења, со амфоровиден сад во неа. Ваквите појави Гарашанин ги толкува како обредни жртвувања поврзани со култот кон плодноста. ↩
  18. Булатовић А. - Станковски Ј., 2012, 270-272. ↩
  19. Массон В. М. - Мерперт Н. Я., 1982, 59, рис. 8, 2. ↩
  20. Атанасова И., - Ајтовска Љ., 2014, 57. ↩
  21. Атанасова И., 2011, 44. ↩
  22. Атанасова И., 2011, 186-188, подетален опис. ↩
  23. Малинов З., 2006. ↩
  24. Раденковић Љ., 1996. ↩
  25. Атанасова И., 2012: 54-55, Т. 19, Т. 23. ↩
  26. Раденковић Љ., 1996. Ивановић-Баришић М., 2007; Атанасова И. - Ајтовска Љ., 2014, 57. ↩
  27. Атанасова И., 2012, 53-63, Т.15, Т.19 - Т.28. ↩
  28. Крстева А., 1987, 127. ↩
  29. Раденковић Љ., 1996, 19-20. ↩
  30. Атанасова И. - Ајтовска Љ., 2014, 57-58. ↩
  31. Атанасова И., 2012, кат. бр. 11, кат. бр. 19. ↩
  32. Рибаков Б. А., 1965, 13-33. ↩
  33. Атанасова И., 2012, 54, 11, Т.19, 11. ↩
  34. Според Пикард во Les religions prehelleniques претставата на мермерниот крст во Кносос ја изразува моќта на големите критски божици над: небото, земјата, морето и подземниот свет. Во посочениот пример конкретно слична конотација има и една фраза користена во народната традиција: „На раменици (или на плеки) го носи товарот на целиот свет“. ↩
  35. Lazarovici C. M., 2005, fig. 3: 3, 4; fig. 16. ↩
  36. Видески З., 2005, 73, T.IX. ↩
  37. Николов Б., 1970, обр. 7а и б; Merlini М., 2005, fig. 43-44. Во плочката со врежана декорација, шематскиот приказ разработен од М. Мерлини дава речиси идентичен приказ. ↩
  38. Атанасова И., 2012, 57; 26, Т.19: 26. ↩
  39. Антонова Е. В., 1984, 125. ↩
  40. Антонова Е. В., 1984, 132-133. ↩
  41. Ивановић-Баришић М., 2007, 67-85. ↩
  42. Атанасова И., 2012, 57, 28, Т.19:28. ↩
  43. Мерперт М., 1982, 243. ↩
  44. Мерперт М., 1982, 244. Според Т. Г. Мовша, триполските машки фигурини со нараменици се поврзуваат со обредот поврзан со иницијацијата на младите момчиња во воини. ↩
  45. Чохаджиев С. 2006, обр. 164:6а-6б; обр. 186:6. ↩

Summary

Results from the Study of the Symbolics of the Material from the Sanctuary Sveti Atanas

The entire moveable material discovered at the sanctuary Sveti Atanas in Spančevo provides more complete picture for understanding the relation of the past population with the environment, as well as their pursuit for spiritual peace. Almost all of the discovered material, composed of cult elements, was given a special place and shape.

The subject of this paper is the symbolism in the pottery production from the Early Eneolithic sanctuary. Particularly interesting are the elements that express the basic idea and the decoration with implicit content. Without any doubt, it is obvious that these female representations were used in the complex magic rituals. Despite the difference in the production and the decoration in particular, they were made according to previously defined rules which carried specific symbolism.

The various geometric motifsin almost all segments of the pottery production are recognizable as conceptual depiction of female aspects and functions. Large number of ornaments on the vessels are also incised or painted on the cult figurines, as well as on the models of houses. A combination of several different motifs is also frequently evident. The large number of decorated female anthropomorphic depictions motivates the interest for a semantic study.

The basic key for understanding the ornament system is found in the analysis of the decoration, such as the solar symbols, the spirals, the zig-zag decoration and the rhombuses, as well as their combinations, present in the unique motifs.

The decorated anthropomorphic and zoomorphic production, full of signs and symbols, was vastly used in the Eneolithic cultures and cultural groups. Although the production is basically part of a general iconography, there are individual marks and features as the result of the local traditions and the skill of the person who created the object. Large number of the figurines with different incised ornaments are defined as symbols of fertility.

The large number of objects with non-standard forms and cult character from the sanctuary at Sveti Atanas, and the buildings from the same context, enter the sphere of magic and cultic.

Библиографија