Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 41–58
Елементи на Бубањ-Салкуца-Криводол во доцниот енеолит по долината на Брегалница
Содржина
Резултатите од истражувањата кои во изминатите децении беа спроведувани на локалитети по долината на реката Брегалница овозможуваат утврдување на основните карактеристики на доцниот енеолит во овој регион, издвојување на неговите фази на развој, како и увид во правецот на ширење на културните влијанија во текот на овој период од предисторијата.
Долината на Брегалница преставува регион кој во својот источен дел е заштитен со високи планини. Единствениот и се чини најлесен пристап е преку западната страна, т.е. нејзиниот слив во реката Вардар. Опкруженоста со високи планински масиви ќе има такво влијание што оваа природна комуникација во периодот на неолитот нема да биде во употреба. Тоа е период кога ќе биде актуелна т.н. источномакедонска комуникација, која по долините на Струмешница и Лакавица, преку Овче Поле и Жеглигово и долината на Пчиња одела кон Поморавјето. Периодот на енеолитот бележи воспоставување нови патишта. Во текот на енеолитот долината на Пчиња ќе го задржи своето значење како мост меѓу Јужното Поморавје и Вардарската Долина. Оваа комуникација ќе биде најзначајна при ширењето на Бубањ-Салкуца-Криводол комплексот на тлото на Македонија во текот на неговите доцни фази.
Најверојатно нешто порано била воспоставена и друга комуникација, патот долж течението на реката Брегалница. Истражувањата по текот на Брегалница ќе укажат на големото значење кое оваа комуникација го имала во процесот на енеолитизација на Македонија. Употребата на оваа комуникација, пред сѐ�, е условена од географската близина со регионот во кој се среќава една од најраните појави на металургија во Европа и во кој мошне рано биле воспоставени новите енеолитски културни вредности - Долна Струма.1
Претпоставката за постоењето на оваа комуникација во периодот на енеолитот, се разбира, покрај изобилството наоди кои коинцидираат со локалитетите во Западна и Северозападна Бугарија, исто така е поткрепена и со фактот што наоѓалиштата на кои е откриен материјал со наведените карактеристики се среќаваат по целото течение на реката, почнувајќи уште од нејзиниот горен тек и највисоките планински предели.
Од 1987 година, откога се започнати првите археолошки ископувања на локалитети од енеолитскиот период по долината на реката Брегалница па сѐ� до денес, истражени се вкупно пет енеолитски локалитети.2 Во оваа група, поради карактерот на наодите, влегува и локалитетот Кале, Велес (сл. 1).
Со зголемувањето на бројот на истражени локалитети од енеолитот од овој регион се создаде доволна база од материјал што дозволува одредување две развојни фази на енеолитот по долината на Брегалница - ран и доцен енеолит. Воедно, карактерот на материјалната култура укажа на значајни разлики, пред сѐ�, хронолошки, со материјалот
од енеолитските наоѓалишта во Пелагонија.
Обележјата на материјалната култура, особено во керамичката продукција, овој регион го врзуваат со исток, т.е. со локалитетите по течението на Струма и Северозападна Бугарија. На тој начин се создаде потреба од ревидирање на претходното определување на овој регион во рамките на локалната група Шуплевец-Бакарно Гумно.
Доцниот енеолит го среќаваме на следните локалитети: Градиште, с. Град; Кале, Велес; помладиот хоризонт на Пилаво, с. Бурилчево и Богослов Камен, с. Горни Балван. Иако локалитетите се малку на број, сепак постои среќна околност што станува збор за репрезентативни форми и декоративни техники кои своите директни аналогии ги наоѓаат во наоѓалиштата кои припаѓаат на големиот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол (во натамошниот текст именуван како БСК) и на тој начин може да се одреди нивната припадност на различните развојни фази на овој доцноенеолитски комплекс. Во материјалот од локалитетите по долината на Брегалница можат да се документираат речиси сите развојни фази на БСК.
Имајќи ја предвид широката територија на која се протега БСК и неговиот особен карактер, како резултат на спојот од трите регионални култури; развојните фази, издвоени врз основа на карактеристиките на материјалната култура, не се распростренети низ целата територија на комплексот, на пр., најраните фази се среќаваат само во Западна Бугарија. Периодизацијата на комплексот БСК предизвикува одредени проблеми, со оглед на фактот дека секоја од регионални култури располага со своја интерна хронологија.3 Со оглед на аналогиите кои материјалот од локалитетите од интерес ги покажува со локалитетите од територијата на Бугарија, за референци во натамошниот текст ќе се има предвид предложената хронологија од страна на П. Георгиева (сл. 2).4 Поделбата на рани и доцни фази на комплексот е вршена врз основа на декорацијата на керамичките садови - раните фази се карактеризираат со графитно сликање, а доцните фази со пастозно боење.
Следи преглед на најкарактеристичните елементи на овој комплекс кои се регистрирани на локалитетите по Брегалница.
Плитка, широко отворена чинија со задебелено устие и богато декорирана
внатрешност
На споменатите локалитети по долината на реката Брегалница откриваме бројни примероци од овој тип садови.
Плитка, широко отворена чинија со задебелено устие чија внатрешност е декорирана со линеарен графитен орнамент е откриена на Градиште, Град, Делчево (сл. 3).
Керамичкиот материјал од населбата Пилаво, с. Бурилчево изобилува со бројни примероци на овој тип садови. Плитките чинии со задебелено устие ги среќаваме во материјалот од двата хоризонта на живот во енеолитот (сл. 4).
Како облик своето потекло го води од винчанската култура, каде за првпат се среќава уште од раните фази.5
Особено популарен е во рамките на
градачката фаза, кога во манирот на винчанската керамографија бил декориран со канелирање.6 Покрај епонимниот локалитет, каде е врзана со почетокот на фазата Винча Ц, овие чинии се документирани и на неколку други локалитети на територијата на винчанската култура (Плочник III, Беловоде Д, Павловац, Витошевац, Гривац, Предионица) во хоризонтите кои одговараат на градачката фаза.7
Подоцна, со воспоставувањето на новите раноенеолитски културни вредности (според централнобалканската хронологија) плитката чинија со задебелено устие и декорирана внатрешност ќе стане едно од главните обележја на БСК. Со оглед на фактот дека фазата Бубањ-Хум I е синхрона на Винча-Плочник II во регионот на Морава и Косово и ја карактеризира соживот со доцната фаза на Винча, не треба да зачудува присуството на овој облик кај енеолитската култура.8 Новината ќе се однесува на декорирањето со графитно сликање на внатрешноста на садот, остаток од едно од главните обележја на раноенеолитските култури во тој регион.
На територијата од Република Македонија најблиски аналогии има во неколкуте примероци од Кале I во Скопје, откриени во куќата 7, фаза 2, северна просторија и во куќата 8, фаза 1.9
Барајќи паралели на пошироката територија на БСК за ваквиот тип садови се забележува дека иако формата се среќава уште од најраните фази на комплексот - Пекљук,10 па сѐ� до доцните - Салкуца I-III,11начинот на декорација се среќава кај ограничен број примероци - Деветашка Пештера,12 Криводол,13 Бубањ.14
Кај најголемиот број чинии од овој тип декорацијата е изведена со crusted боење, што соодветствува на нивната хронолошка определба во подоцнежните фази на БСК.
На подоцните фази припаѓаат и неколкуте примероци од Кале-Велес.
Површината на чиниите од овој локалитет е мазнета до висок сјај и најчесто е декорирана од внатрешната страна. Декорацијата е изведена со графитно сликање и со суво пастозно боење со жолта, црвена и кафеава боја. Со графит и со жолта боја се исцртуваат линеарните геометриски мотиви, а црвената боја вообичаено се користи за исполнување на празни полиња или за издвојување на полињата со насликани орнаменти.
Се издвојува еден примерок чија внатрешност е богато декорирана со претстава на четири спирали во движење насликани со графит (сл. 5). Останатиот простор е поделен на полиња кои се исполнети со мрежест орнамент, шрафирани полиња и полиња со спирали, сите насликани со црвена боја.
Аналогии на овој тип чинии декорирани со комбинација од графитно и сувото пастозно боење има во Криводол.15 И додека во раните фази на БСК графитното сликање ќе доминира, во доцните фази истото ќе биде заменето со сувото пастозно боење. Оттука и можноста овој тип декорација кој претставува комбинација од двете техники всушност да го претставува преминот од раните во доцните фази на комплексот.
Фрагменти од чинии со задебелено устие декорирани со пастозно боење со црвена боја се откриени и на Кале 1 во куќата 7.16
Конусна чинија со задебелен среден дел
Интересен е и примерокот на конусна чинија со широко отворено устие каде на хоризонтално пластично ребро се поставени три рокчести држалки кои се свртени надолу (сл. 6). Како форма за првпат се сретнува на територијата од Македонија. Најблиска аналогија се наоѓа во примерокот од III фаза на Градешница.17 Како форма своето потекло го води од пехарите на висока конусна нога, чиј реципиент е со речиси идентичен изглед, единствената разлика е што рокчестите испусти се сместени под реброто и се типични за Градешница I.18 Како форма се среќава и во втората фаза на културата.19 Идентичен на садот од Град е и примерокот од Деветашката Пештера, кој припаѓа на втората фаза на БСК.20 Неговата појава во раните фази на овој комплекс се врзува за силното влијание кое Градешница го одиграла во неговото формирање.
Амфора
Следниот пример е амфората која се карактеризира со големо тело, каде дијаметарот на телото е приближно еднаков на висината на садот, и која се карактеризира со остар пад во просторот меѓу рамото и дното на садот. Таков е примерокот од од Градиште, Град, Делчево (сл. 7).
Најширокиот дел од садот има овален пресек. Се одликува со одлично измазнета површина и две вертикални држалки кои одат од устието на садот и завршуваат на најистакнатиот дел на садот. Површината на садот е декорирана со линеарен графитен орнамент. Станува збор за снопови од паралелни линии кои формираат спирала составена од трака од четири потенки линии, поставена на најширокиот дел од садот. Вратот е декориран со три хоризонтални полиња, а во секое од нив се сместени по четири линии кои на краевите се споени. Држалките на садот се исто така насликани со тенки линии организирани во полиња.
И овој тип садови, своето потекло го води од раноенеолитскиот репертоар на
садови во рамките на Градешница-Слати-
но-Дикили Таш. За тоа сведочат примерите од Слатино (садовите од овој тип припаѓаат на кодот 6.1.3 во типологијата на формите според Чохаџиев), Крионери и Дикили Таш II (код C1.2).21
Најблиска аналогија на амфората од Делчево претставува примерок од Пекљук.22 Овде се среќава идентичната организација на линеарниот графитен орнамент. Садот од Пекљук припаѓа на фазата Протокриводол. Аналогии во однос на декорацијата се забележуваат и во еден примерок од Кракра кај Перник кој од примерокот од Град се разликува само во организацијата на декорацијата на вратот од садот.23 Наодите од овој локалитет припаѓаат на втората фаза од БСК. Се издвојува и амфората од куќата 8 од Кале 1.24
Дека овој облик останал во употреба и во подоцнежните фази на комплексот, кога бил надграден со нови декоративни техники, сведочи и примерот од Кале-Велес (сл. 8). Кај овој примерок рамото е украсено со паралелни канелури поставени како краци на триаголник, чиј средишен дел е исполнет со втиснати мотиви (т.н. жигосување).
Иако како форма постои уште од првите две фази на БСК, сепак декорацијата на примерокот од Велес (канелури и жигосување) е најблиска до начинот на украсување на кантаровидните садови кој се врзува за доцните фази на комплексот.
Во оваа група спаѓа и еден примерок од Пилаво, чија површина е полирана и декорирана со линеарен графитен орнамент (сл. 9). На рамото од садот наизменично се поставени паралелни вертикални канелури и ленти сликани со графит меѓу нив. Најблиска аналогија во однос на формата се наоѓа кај амфорите од типот 5.14 од Криводол.25 Декорацијата кај овој тип садови е мошне богата и разнообразна, вклучувајќи го и графитното сликање, жигосувањето, канелурите. Како облик се среќаваат во Пекљук, Заминец, Салкуца IIc.26
Биконусни садови со капак
Друг облик на сад кој се врзува со најраните фази на БСК се биконусните садови со капак од Кале-Велес (сл. 10).
Станува збор за биконусен сад со елипсовиден пресек и мошне низок цилиндричен врат. На најширокиот дел од садот се поставени две вертикално продупчени јазичести држалки во комбинација со две брадавичести држалки. Овој тип сад е застапен во различни димензии, од големи кои биле користени за складирање на храна, до помали кои се со фина фактура и декорирани. Садовите со фина фактура се карактеризираат и со понагласена елипсовидност.
Декорацијата која се среќава кај овие садови е најразновидна - графитно сликање, боење со пастозни бои, врежување. Врежувањето најчесто е изведено со длабоко врежани паралелни вертикално поставени линии во горниот дел на садот. Со графитна боја се изведувани линеарни геометриски мотиви. Графитната декорација може да биде во комбинација со боењето crusted, при што најчесто просторот околу држалките е боен со црвена боја.
Барајќи аналогии на формата, се забележува дека овој тип садови во основа не отстапува од формите кои се среќаваат во рамките на БСК. Сличности се наоѓаат во Криводол, особено во поглед на комбинацијата од вертикално продупчени држалки и брадавичести, каде повеќето садови од оваа група се неукрасени и припаѓаат на кујнската керамика.27 Сепак, се среќаваат примероци декорирани со канелури. Понатаму, аналогии има и во Салкуца IIc, каде овој тип садови се декорирани со фриз од коси канелури на рамото.28
Во помладиот хоризонт на Кракра се среќава сличен облик на сад, кој од садовите од Кале-Велес се разликува по тоа што нема држалки.29
Сепак, најблиски аналогии на овие садови има во Пекљук и Заминец, кои се врзуваат за раните фази на БСК.30
Во однос на декорацијата со графитно сликање не може да се пронајдат аналогии на пошироката територија на БСК и најверојатно се заснова на раноенеолитските традиции на украсување. Всушност, и самата форма на садот претставува локална варијанта на широко застапената форма во рамките на споменатиот комплекс која е повнимателно изработена и декорирана, а се одликува и со понагласена елипсовидност. Овој тип садови имаат купест капак со вертикално поставени јазичести израстоци кои поаѓаат од устието и се хоризонтално продупчени. Можат да бидат декорирани со суво пастозно боење со црвена и жолта боја. Во однос на формата сличности има во капаците од Пекљук.31 Капаците од Пекљук од примерите од Кале-Велес се разликуваат во поглед на испустите кои не се толку проминентни, како и по тоа што не се декорирани. Тоа што е особено интересно е дека јазичестите испусти на капакот за кои не можат да се најдат паралели со капаците од соседните региони, се идентични како горните делови на пехарите на висока нога за кои ќе стане збор понатаму во текстот.
Конусни чинии со вовлечено устие
Конусните чинии со вовлечено устие се уште една особено популарна форма во рамките на керамичкиот репертоар на БСК. Се откриваат на сите наоѓалишта во рамките на комплексот и застапени се во сите негови развојни фази.
Постојат многубројни варијанти во однос на начинот на декорација - канелури и брадавичести испусти на устието, графитно и crusted сликање. Притоа, канелурите можат да бидат организирани во непрекината лента која оди под устието или да бидат групирани во зони. Потоа, може да бидат во комбинација со јазичести држалки или топчести испусти, каде зоните на канелури и држалки наизменично се поставени под устието. Кај некои примероци под рамото може да биде поставена хоризонтално или вертикално продупчена држалка. Претежно припаѓаат на групата садови со фина фактура и грижливо обработена површина.
Примероци се откриени во Пилаво, Богослов Камен и Кале-Велес (сл. 11, 12). Примероците декорирани со графитно сликање припаѓаат на постарите фази на комплексот, како што се наодите од Пилаво (сл. 13).
Како форма особено се врзува за Бубањ-Хум I.32 Но се среќава и на останатите локалитети - Пекљук, Деветашка Пештера, Заминец, Криводол.33 Слични примероци се среќаваат и на Скопското Кале, Врањак, с. Варвара, како и на локалитетите од групата Шуплевец-Бакарно Гумно.34
Кантаровидни садови
Овие садови се карактеризираат со „S“ профилација и две вертикални држалки кои не го надвишуваат устието.
Во голем број се откриваат и на локалитетите по долината на Брегалница - Пилаво - Бурилчево, Градиште-Град и Кале-Велес.
Декорацијата може да биде изведена со графитно сликање, канелури или комбинација од канелури и убоди, која е најретко застапена декоративна техника во материјалот од истражуваните локалитети.
Кај примерите од Градиште, с. Град, декорацијата е изведена во две полиња (сл. 14). Долното поле го опфаќа рамото на садот и е составено од коси паралелни ленти кои се формирани од три паралени линии. На средината од садот поминува една празна лента која е обрабена со по една линија и е во спротивен правец од останатите ленти. Декорацијата на вратот се состои од паралелно поставени хоризонтални линии организирани во три групи. Секоја група е составена од по три линии кои се исцртани по целата ширина на вратот. Само линиите од средната лента прекинуваат во центарот, притоа формирајќи два полукруга. Држалките на садот се исто така декорирани, и тоа со тенки хоризонтални линии организирани во групи од по три линии. Декорацијата со графитно сликање одговара на таа што се сретнува кај амфората од истата населба, што особено се гледа во изведбата на горното поле. Со оглед на определбата на материјалот во првата фаза на доцниот енеолит - Протокриводол, не зачудува и блиската аналогија со еден примерокод Градешница II.35
Како една од најрепрезентативните енеолитски форми на садови кантаровидните садови се среќаваат и во Пилаво. Можат да бидат со понагласена или позаоблена „S“ профилација. Издвојуваме еден пример со нагласена биконичност кој е богато декориран со графитно сликање (сл. 15). Декорацијата е поделена на две полиња. Горното поле го опфаќа вратот на садот на кој се прикажани триаголни полиња составени од коси паралелни линии. Овие полиња наизменично се менуваат во однос на својата поставеност, првото и третото се со врвот свртени нагоре, а второто е свртено со врвот надолу. Долното поле го опфаќа рамото на садот каде во фриз се прикажани неколку групации од коси паралелни линии.
Кај садовите од овој тип од Пилаво често се среќават комбинираните техники, и тоа убоди и врежување.
Кантаровидните садови се една од најзастапените керамички форми низ сите фази на БСК, почнувајќи од најраните - Деветашка Пештера.36 Иако често недекорирани, одреден број од овој тип садови се декорирани со графитно сликање, како, на пример, садовите од Заминец Ц и Криводол.37 Во Салкуца се сретнуваат од Салкуца I, па сѐ� до Салкуца IV, а канелурите се доминантната декоративна техника.38
Најелаборираните примероци во однос на декорацијата со канелури ги наоѓаме на територијата на Бубањ-Хум I, што секако е тесно поврзано со винчанските декоративни традиции.39 Вака декорираните пехари се врзуваат за доцните фази на БСК.
Кантаровидните садови со две држалки се среќаваат во голем број и на Кале-Велес (сл. 16). Вообичаено се одликуваат со мазнета површина до мат сјај. Најголемиот дел од садовите од оваа група се декорирани со канелури, и тоа фриз од коси канелури на рамото и хоризонтални паралелни канелури на вратот од садот. Со канелури можат да бидат декорирани и држалките.
Посебно се издвојува еден примерок со погруба фактура и без површинска обработка кој се одликува со висок цилиндричен врат и држалки кои тргаат под устието и завршуваат на рамото од садот. На рамото, во просторот меѓу држалките, се поставени две брадавичести апликации. Аналогии на овој пример се среќаваат во Пекљук.40
Според обликот и декорацијата не отстапува од појавите кои се манифестираат на целата територија од културниот комплекс. Аналогии се наоѓаат во Бубањ-Хум I и во Криводол.41
Пехари
Овој тип садови разликува неколку основни поттипови - пехари на ниска конусна шуплива нога, пехари на висока шуплива конусна нога и пехари со вкрстени држалки.
На првиот поттип припаѓа еден фрагмент од Пилаво, богато декориран со графитно сликање (сл. 17). Според обликот најверојатно е дел од пехарите на пониски конусни шупливи нозе, од кои повеќето поттипови се декорирани со графит.
Во недостаток на повеќе параметри може само да се заклучи дека овој тип садови, кој е една од најкарактеристичните раноенеолитски форми во Западна Бугарија, се среќава и во населбата во Пилаво. Овој тип садови ќе бидат во употреба и во првите фази на БСК, за што сведочи и примерот од Кракра, кој исто така е богато декориран со графитно сликање.42
Пехарите на високи шупливи конусни нозе кои вообичаено доминираат над реципиентот се чест наод меѓу материјалот од Кале-Велес (сл.18). Устието може да биде рамно или задебелено. Реципиентот е во облик на конусна чинија која може да биде со помал дијаметар и подлабока или да биде широко отворена, со дијаметар кој е поголем од дијаметарот на ногата на пехарот. Се среќаваат во најразлични димензии, од сосема мали до пехари со висина од 21 cm. Кај некои примери ногата на пехарот има помали или поголеми кружни исечоци. Од чинијата надолу може да поаѓаат две јазичести држалки. Површината е најчесто мазнета до полн сјај и декорирана со линеарен геометриски мотив изведен со графитна боја. Кај некои од садовите полињата насликани со графит се одвоени со линии од црвена пастозна боја. Декорацијата се среќава на надворешната страна на ногата и внатрешната страна на чинијата. Кај едниот од пехарите декорацијата е изведена со канелури на задебеленото устие и паралелни брановидни врежани линии на ногата.
Тоа што е особено интересно е дека кај два од пехарите реципиентот е продупчен во пределот на дното, со што садот добива форма на песочен часовник. Постојат неколку претпоставки за нивната употреба - од садови користени за ритуални дејствија, па сѐ� до постаменти.
Ваков тип сад е откриен и на Градиште-Град, т.е. со јазичести држалки под устието, кружни исечоци на ногата и богата декорација изведена со графитно сликање, мотив спирала.
Најблизок на овие примероци е пехарот од Кракра.43 Тој се одликува и со кружни исечоци, има две јазичести држалки, како и богата графитно сликана декорација. Сличности се наоѓаат и во пехарот од Пекљук, кој се разликува по обликот на купестата нога.44 Во однос на формата сличности се гледаат и во пехарот на пониска нога со продупчени јазичести држалки под устието од Кале 1.45
Овој тип садови како форма се врзува за раните фази на БСК и не се открива во подоцнежните фази на комплексот. Типичен е за Западна Бугарија и не се сретнува на друго место, освен примерите од Македонија. Формата се заснова на пехарите од раниот енеолит, кои се една од особеностите на западнобугарските раноенеолитски култури. Појавата на овој облик во Македонија и не треба да зачудува со оглед на фактот што ова подрачје уште од раниот енеолит било отворено кон културните влијанија кои доаѓале од Западна Бугарија.
Меѓу материјалот од енеолитската куќа во Кале-Велес посебно се издвојува и пехарот со вкрстени држалки (сл. 19).
Овој пехар има мала конусна нога на која
е поставен реципиентот во облик на квадратна чинија со благо закосени ѕидови. Во четирите агли на чинијата се поставени зооморфни протоми (најверојатно птици) кои меѓу себе се споени со лачни држалки со кружен пресек. Површината на пехарот е полирана до висок сјај. Животинските протоми се насликани со жолта и црвена пастозна боја, а држалките се декорирани со линеарен мотив изведен со графитно сликање. Сличности се среќаваат во два фрагменти од Кале 1 кои се зачувани само во делот каде држалките се допираат.46 Сличен на пехарот од Велес, само без животински протоми, е и пехарот од Бубањ.47
Пластика
На Кале-Велес се откриени и неколку фрагментирани фигурини (сл. 20). Претежно се пронаоѓани во близина на огништата, како во куќата така и во дворот. Само една од фигурините е најдена целосно зачувана. Од останатите најчесто е зачуван само горниот или долниот дел од телото.
Фигурините се претежно изработени од недоволно прочистена глина, а кај оние со нешто поголеми димензии површината е убаво измазнета.
Сите фигурини го прикажуваат телото во седечка положба, навалено наназад. Некои од нив седеле на столче кое било посебно изготвувано. Телото е изведено плоскато. Пубичниот триаголник е назначен со врежани линии. Рацете на фигурините кои најчесто се откршени, се кратки и благо раширени. Градите можат да бидат пластично претставени. Главата е најчесто стилизирано изведена како купест завршеток на издолжениот врат без претстава на лицето. Само кај една фигурина се забележува обид да бидат прикажани цртите на лицето. Со благо штипење на глината е прикажан носот, а очите се назначени со два убода. Кај дел од фигурините стомакот е благо нагласен. Нозете се кратки, здепасти и кај некои од фигурините одвоени.
Сличности се среќаваат во пластиката од групата Шуплевец-Бакарно Гумно.48 Разликата е што кај фигурините од Велес столчето било засебно прикажувано, а кај фигурините од пелагониската група фигурината е слеана со столчето.
На пошироката територија од БСК потешко се наоѓаат аналогии поради фактот што во рамките на овој комплекс, освен во Шуплевец-Бакарно Гумно, пластиката е мошне редок наод. Сличности во однос на изведбата и положбата на телото има и со фигурините од Заминец и Криводол.49 Меѓутоа, и тие како и фигурините од пелагонсиката група се слеани со столчето на кое седат. Сличности се гледаат и во наодот од Мокрањске Стене.50
Декоративни техники
Од техниките на декорирање кај садовите од локалитетите по долината на Брегалница кои се типични за БСК евидентирани се следните: графитно сликање, врежување, канелирање, пастозно сликање со црвена, жолта и кафеава боја. Декоративните техники често се среќаваат во комбинација од барем две техники.
Графитно сликање
Графитното сликање е една од најчесто застапените декоративни техники. Садовите кај кои се сретнува се внимателно изработени и најчесто се со темнокафаева боја или сивоцрна. Површината на садовите е полирана до умерен или висок сјај. Најчесто е сликана надворешната страна на садовите, освен кај широко отворените конусни чинии со задебелено устие, каде внатрешноста на чинијата е богато декорирана. Графитното сликање се среќава кај следните керамички форми: кантаровиден сад, амфора, биконусен сад со капак, широко отворена конусна чинија со задебелено устие, пехар на висока конусна нога.
Преовладуваат линеарните геометриски мотиви од кои најчесто се среќаваат групи од линии и спирали. Нема правила во однос на поставеноста на мотивите кои можат да бидат насликани по целата висина на садот.
Кај некои садови го наоѓаме во комбинација со суво пастозно боење, а кај биконусниот сад со капак и со врежување. Комбинацијата од графитно и пастозно сликање кај чиниите е типична за подоцнежните фази на БСК.
„Crusted“ боење
Сувото пастозно боење со црвена, жолта и поретко кафеава боја најчесто не стои самостојно и го среќаваме во комбинација со графитното сликање. Таков пример се широко отворените конусни чинии со задебелено устие. Вообичаено со пастозна боја се бои просторот околу држалките, а се користи и за одвојување на полињата сликани со графитен орнамент кај пехарите. Мотивите се шрафирани полиња, мрежести орнаменти и сл.
Канелирање
Станува збор за фризови или полиња од вертикални или коси канелури. Најчесто се среќаваат кај кантаровидните садови, и тоа на рамото и вратот, а поретко и на држалките. Овој начин на декорирање на кантаровидните садови е карактеристичен за подоцнежните фази на БСК. Ги наоѓаме и кај конусните чинии со издигнато устие каде се организирани во полиња или одат по целата должина на устието, потоа кај амфорите, капаците и пехарите на висока нога.
Заклучни согледувања
Иако малобројни, сепак значајните наоди од населбите по долината на Брегалница даваат јасен приказ за периодот на доцниот енеолит во овој регион и неговата положба во рамките на големот комплекс БСК.
Тоа што може да се заклучи е дека во доцниот енеолит по долината на Брегалница се среќаваат елементи од првите три развојни фази на БСК. Отсуствуваат елементи кои се типични за последната фаза (втората етапа од доцните фази на БСК).
Притоа преовладуваат раните фази на комплексот, што се огледа преку високиот процент на присуство на графитно сликана керамика во материјалот од доцниот енеолит по долината на Брегалница.
Следејќи ги правците на ширење на новите елементи, може да се констатира дека доколку во текот на раниот енеолит културните импулси доаѓале од југоистокот, од јадрото на комплексот Дикили Таш-Слатино, во доцниот енеолит овој регион ќе се отвори кон север.
Имајќи ги предвид културните манифестации од споменатите населби, може да се забележи дека во текот на доцниот енеолит по долината на Брегалница можат да се забележат две потфази во однос на тоа од каде доаѓал протокот на нови културни влијанија. На почетокот регионот бил отворен кон североисток, од каде од Северозападна Бугарија, како јадрото на Протокриводол во раните фази на доцниот енеолит по Брегалница културните влијанија ќе стасаат до Кале-Велес, а подоцна во текот на III. фаза на БСК, влијанијата од Бубањ-Хум I од север по долините на Морава, Пчиња и Вардар да стасаат сѐ� до Брегалница. На тој начин долината на Брегалница и во периодот на доцниот енеолит играла улога на природна комуникација по која се пренесувале културните вредности.
Имајќи ги предвид новите дати добиени за апсолутната хронологија на Бубањ-Хум I, доцниот енеолит по долината на Брегалница го сместуваме некаде крајот на V и првите векови од IV милениум пр. н.е.
Белешки
- Koukuli-Chryssanthaki C. et al., 2007, 48. ↩
- Во овој текст ќе бидат разгледани само оние локалитети чии резултати од ископувања се објавени. Енеолитски материјал е откриен и на локалитетот Виничко Кале, како и на неколку други локалитети во околината на Виница. ↩
- Berciu D., 1961; Николов Б., 1984; Гарашанин М., 1973. ↩
- Georgieva P., 1990; Георгиева П., 2012. ↩
- Šljivar D., 1996. ↩
- Шљивар Д. - Јацановић Д., 1997, 123; Šljivar D., 1996, fig. 6. ↩
- Богдановић М., 2002. ↩
- Гарашанин М., 1973, 185; Tasić N., 1979, 112. ↩
- Митревски Д., 2015, Т. 38, 3; Т. 49, 3. ↩
- Георгиева П., 2012, 193, Т. 1, 2. ↩
- Berciu D., 1961, fig. 85, 1-2; fig. 89, 1, 21; fig. 93, 1, 4-13; fig. 101, 1-7; fig. 107, 1-4; fig. 125, 1. ↩
- Георгиева П., 2012, 198, Т. 6, 2. ↩
- Георгиева П., 2012, 221, Т. 29, 2; Ганецовски Г., 2007, обр. 32, 4; обр. 33, 2. ↩
- Гарашанин М., 1983, 25. ↩
- Ганецовски Г., 2007, обр. 41, 1. ↩
- Митревски Д., 2015, сл. 114, 3. ↩
- Николов Б., 1974, бр. 81. ↩
- Тодорова Х., 1986, 121. ↩
- Николов Б., 1974, бр. 71. ↩
- Georgieva P., 1990, fig. I, 2. ↩
- Чохаджиев С., 2006, 24; Demoule J.-P., 2004, planche 98, hor. VIII, inv. 11167; Malamidou D., 2007, 303, fig. 13. ↩
- Georgieva P., 1990, fig. I, 12. ↩
- Радунчева А., 1981, обр. 9.6; Тодорова Х., 1986, 85, рис. 17. ↩
- Митревски Д., 2015, Т.51, 4. ↩
- Ганецовски Г., 2007, 117. ↩
- Георгиева П., 2012: Т.3; Т.14. ↩
- Ганецовски Г., 2007, обр. 23, 3. ↩
- Berciu D., 1961, fig. 95, 1, 2, 4. ↩
- Радунчева А., 1981, обр. 13, 1. ↩
- Georgieva P., 2007, fig. 2, 2, 4. ↩
- Ганецовски Г., 2007, обр. 29, 2, 3. ↩
- Милановић Д. et. al., 2015: 89, 24; 93, 42; 94, 48; 97, 61; Гарашанин М., 1983: 15. ↩
- Георгиева П., 2012, Т.1, 6; Т. 6, 1; Т.17, 2. ↩
- Митревски Д., 2015, Т.5, 11; Т.8, 2, 7; Т.9, 2; Т.35, 3, 5; Т.42, 1, 5, 7; Т.55, 2, 5; Т.65, 2; Т.67, 1-3; Т.69, 5, 7; Т.72, 9. ↩
- Николов Б., 1974, рис. 50. ↩
- Георгиева П., 2012, Т. 7, 8; Ганецовски Г., 2007, обр. 11, 12, 22. ↩
- Георгиева П., 2012, Т. 19, 5; Т. 35, 1-2, 6; Т. 37, 1, 4. ↩
- Berciu D., 1961, fig.84. ↩
- Милановић Д. et. al., 2015, 89, 27; 90, 28; 92, 33-37; 91, 30. ↩
- Georgieva P., 2007, fig. 3, 1. ↩
- Гарашанин М., 1983, 40; Ганецовски Г., 2007, обр. 24, 2; Ганецовски Г., 2007, обр. 9, 2; обр. 32, 5-6. ↩
- Радунчева А., 1981, обр. 9, 4. ↩
- Радунчева А., 1981, обр. 9, 5. ↩
- Georgieva P., 1990, fig. I, 7. ↩
- Митревски Д., 2015, Т. 56, 3. ↩
- Митревски Д., 2015, Т.11, 6; Т.73, 6. ↩
- Гарашанин М., 1983, 49. ↩
- Колиштркоска-Настева И., 2005, 80. ↩
- Николов Б., 1984, 65. ↩
- Булатовић А., 2015, сл. 35. ↩
Summary
Bubanj-Salkuca-Krivodol Elements in the Late Eneolithic along the Bregalnica River
The valley of the Bregalnca River played significant role in the Eneolithization of Macedonia. Since the Early Eneolithic, this communication had been used for entry of the cultural values from East, from the Early Eneolithic cultural complex GradeŠhnica-Slatino-Dikili Tash. It will maintain its role of a transmitter of new cultural achievements throughout the Late Eneolithic.
During the Late Eneolithic the cultural influences along the valley of Bregalnica will come from two directions - Northeast, in the early phases of the Late Eneolithic, and North, in the late phases of the Late Eneolithic. This is compatible with the existence of the large cultural complex Bubanj-Salkuca-Krivodol from this period. Late Eneolithic horizon is documented at 4 out of 5 Eneolithic sites along the valley of Bregalnica (only the sites which have published excavation results have been taken into consideration). The sites are: GradiŠte, Grad; Kale, Veles; Pilavo, Burilčevo; and Bogoslov Kamen, Gorni Balvan.
The overview of the typology of the ceramic vessels and the decorative techniques, used by the Eneolithic potters along the valley of Bregalnica, enables tracing of the elements typical for the different development phases of BSK in this region.
They point to the fact that in the Late Eneolithic along the Bregalnitsa valley we can follow almost all evolution phases of BSK, beginning with Protokrivodol. The presence of this early phases in the material along the Bregalnitsa valley is not a surprise, as this region had been opened towards East since the Early Eneolithic, and the pottery production of BSK maintains the traditions of GradeŠica-Slatino-Dikili Tash. This is most obvious in the graphite - painted decoration .
From the late phases of BSK we can follow the earlier. It is documented through the increased presence of pottery decorated with crusted paint, and its increased presence over the graphite - painted pottery.
According to this, the region of the Bregalnitsa valley can be distinguished as a separate unit in the Eneolithic, as opposite of the different group Šuplevec-Bakarno Gumno which is evident in the character of the material culture and the chronology.
Библиографија
- Богдановић М., 2002, Релативно-хронолошка подела класичне варијанте винчанске културе, Гласник Српског археолошког друштва 18, Београд, 45-61.
- Булатовић А., 2015, Енеолитски период на локалитету Мокрањске стене, во: Капуран А. - Булатовић А. (ед.) Мокрањске стене, културно наслеђе Неготинске Крајине, Неготин, 23-39.
- Ганецовски Г., 2007, Керамика от праисторическото селище Криводол-Тепето, во: Stefanovich M. – Angelova C. (eds) PRAE In Honorem Henrieta Todorova, Sofia, 103-129.
- Гарашанин М., 1973, Праисторија на тлу СР Србије, Београд.
- Гарашанин М., 1973а, Праисторијске културе Поморавља и источне Србије (каталог), Народни музеј Ниш, Ниш.
- Гарашанин М., 1983, Археолошки локалитети Бубањ и Велика хумска чука (каталог), Народни музеј Ниш, Ниш.
- Гарашанин М., 1989, Проблеми неолита и енеолита централног Балкана у вези са резултатима истраживања у Македонији, Macedonia Acta Archaeologica 10 1985-1986, Скопје, 25-35.
- Јовчевска Т., 2008, Кале-енеолитска куќа, Велес.
- Колиштркоска-Настева И., 1994, Енеолит, Археолошка карта на Република Македонија, Том I, Скопје, 43-50.
- Колиштркоска-Настева И., 2005, Праисториските дами од Македонија (каталог), Музеј на Македонија, Скопје.
- Колиштркоска-Настева И. - Карпузова С., 2005, Графитно декорирана керамика од лок. Пилаво, с. Бурилчево, Кочанско, Зборник Археологија 2-Музеј на МаМкедонија, Скопје, 57-66.
- Колиштркоска-Настева И., 2006, Енеолитско наоѓалиште во Делчевско, Macedoniae acta Archaeologica 17, 81-92.
- Милановић Д. – Трајковић-Филиповић Т., 2015, Стара ископавања на локалитету Бубањ, Народни музеј Ниш, Ниш.
- Митревски Д., 2015, Скопско Кале, Од праисторија до раната антика, Скопје.
- Нацев Т., 2009, Трите керамитки-резултати од заштитните археолошки истражувања Злетовица 2007-2009, Завод и Музеј Штип, Штип.
- Николов Б., 1974, Градешница, София.
- Николов Б., 1984, Криводол – древни култури, София.
- Радунчева А., 1981, Праисторически селища (V-II хил. пр. н. е.), Перник, Том I, Поселищен живот на хълма Кракра, от V хил. пр. н.е. до VI в. на н. е., София, 11-51.
- Тодорова Х., 1986, Каменно-медната епоха в България, София.
- Чохаджиев С., 2006, Слатино – праисторически селища, Велико Търново, второ издание.
- Шљивар Д. - Јацановић Д., 1997, Велико Лаоле, „Беловоде“, насеље винчанске групе, Гласник Српског археолошког друштва 13, Београд, 115–124. -латиница- Berciu D., 1961, Contribuţii la problemele neoliticului ĭn Romĭnia ĭn lumina noilor cercetări, Bucureşti.
- Bojadžiev J., 1998, Radiocarbon dating from Southeastern Europe, во: Stefanovich M. – Todorova H. – Hauptmann H. (eds) James Harvey Gaul In memoriam, In the steps of James Harvey Gaul, Volume 1,349-370.
- Bojadžiev J., 2007, Absolute chronology of the Neolithic and Eneolithic cultures in the valley of Struma, во: Todorova H. – Stefanovich M. – Ivanov G. (eds) The Struma/ Strymon Valley in Prehistory, Sofia, 2007, 309-316.
- Bulatović A. – Vander Linden M. – Gori M., 2018, New AMS dates as a contribution to the absolute chronology of the Early Eneolithic in the Central Balkans, Starinar LXVIII/2018, Beograd, 19-32.
- Demoule J.-P., 2004, Les récipients en céramique du Néolitique Récent (Chalcolithique): description, évolution et contexte régional, In: Treuil R. (ed.) Dikili Tash, Village préhistorique de Macédoine Orientale I, Fouilles de Jean Deshayes (1961-1975) Vol. 2, Bulletin de Correspondance Hellénique Supplément 37, Athènes: École française d’Athènes, 63-270.
- Georgieva P., 1990, Periodization of the Krivodol-Salkuta-Bubanj culture, во: Srejović D. – Ta-o sić N. (eds) Vinča and its World, Beograd, 167-173.
- Georgieva P., 2007, On the late stages of the Krivodol-Sălkuţa culture, во: Todorova H. – Steafanovich M. – Ivanov G. (eds) The Struma/Strymon River Valley in Prehistory, Sofia, 329-338.
- Jovanović B., 2007, Proto-Krivodol Phase and the Late Vinča Culture, во: Stefanovich M. – Angelova C. (eds) PRAE In Honorem Henrieta Todorova, Sofia, 99-102.
- Koukuli-Chryssanthaki C. – Todorova H. – Aslanis I. – Vajsov I. – Valla M., 2007, Promachon-Topolnica: A Greek -Bulgarian archaeological project, во: Todorova H. – Stefanovich M. – Ivanov G. (eds) The Struma/Strymon Valley in Prehistory, Sofia, 43-78.
- Malamidou D., 2007, Kryoneri: a Neolithic and Early Bronze Age settlement in the Lower Strymon valley, во: Todorova H. – Stefanovich M. – Ivanov G. (eds) The Struma/Strymon Valley in Prehistory, Sofia, 297-308.
- Šljivar D., 1996, The Eastern settlement of the Vinča culture at Pločnik: a relationship of its stratigraphy to the hoards of copper objects, Starinar XLVII, Beograd, 85–98.
- Tasić N., 1979, Bubanj-Salkuţa-Krivodol kompleks, Praistorija Jugoslovenskih zemalja, Sarajevo, 87-114.