Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 199–200
Јовица Станковски (1949-2020)
На 13.1.2020 година почина нашиот почитуван колега, директор и пријател - Јовица Станковски. Неговиот животен пат започна точно пред 71 година, на 13.1.1949 година во Куманово. Тие кои имаа среќа да го запознаат и да другаруваат со него знаат дека тој беше сестрано едуцирана личност, вљубеник во уметностите, во природата и во историјата.
Гледајќи на неговата биографија, станува јасно потеклото на неговата ерудиција. Тој првин, во 1975 година, дипломира на Машинскиот факултет во Скопје, и по куса кариера како професор во средното техничко училиште се вработува во тогашниот индустриски гигант - фабриката ФЗЦ „11 Октомври“ во Куманово. Судбината ќе посака токму тој да биде одговорниот надзор при изградбата на новиот дел од фабриката врз неолитскиот и бронзенодопскиот локалитет Прибовце во с. Лопате, каде што заштитните ископувања ги води Воислав Санев. Оттогаш се разгорува неговата љубов кон археологијата и веќе со богата кариера на инженер и висока позиција во фабриката, запишува друг факултет - историја на уметноста со археологија, каде што и дипломира 1986 година. Но ќе помине уште време додека тој целосно се посвети на оваа професија. Од 1986 до 1989 година тој е посветен на неговата втора голема љубов - театарот, и во тој период е директор на кумановскиот театар. Правејќи огромни заложби да ги воведе новите светски струења од оваа област кај нас, тој ќе стане неразбран за локалните властодршци, а неговите идеи во модернизирањето на театарот кај нас ќе бидат осудени од конзервативните авторитети. Следните години, во периодот на македонската економска транзиција, тој одлично се снаоѓа во приватниот сектор и, како еден од првите во градот, започнува со сопствен бизнис кој наскоро станува регионален. Тој доаѓа во Музејот во Куманово 1999 година, и ја извршува директорската функција до 2003 година, а потоа повторно од 2006 до 2013 година раководи со Музејот. Неговото искуство како претседател на Републичкиот СИЗ за култура во 1983/1984 година ќе му помогне многу во разбирањето на културниот менаџмент и успешно го води Музејот cè до своето пензионирање во 2013 година. Но тука не престанува неговиот општествен ангажман - следните четири години тој е советник во Општина Куманово,каде што се бори за подобри културни политики во регионот.
Согледувајќи ја неговата биографија преполна со извршување раководни и одговорни задачи, навистина зачудува неговата енергија да биде успешен во многу други полиња. Тој беше еден од најдобрите познавачи на печурки и лековити билки во Македонија со голем број трудови напишани на таа тема. Беше и претседател на македонскиот клубски шампион во велосипедизам, истакнат член на Македонско-полското друштво, но и грижлив родител кој ги насочи своите деца да дипломираат на познатите универзитети Сорбона и Кембриџ.
Раководеше со ископувањата на населбата на локалитетот Костоперска Карпа, тумуларната некропола во Долинац кај селото Стрновац, на локалитетот Пештер/Цоцев Камен во Шопско Рударе. Но најпознати се неговите ископувања на локалитетот Татиќев Камен во селото Кокино, планинскиот врв од падините на Козјак, кој ќе заземе централно место во неговото срце. Неговата поетска душа и доброто познавање на праантичката митологија ќе му помогнат во навидум обичните карпи на локалитетот тој да го препознае единственото планинско светилиште од тој вид на овие простори, како и да ја претпостави можноста истите тие карпи да биле користени од праисториските луѓе за набљудување на небеските тела. Неговото визионерство преточено во ископувањата на овој локалитет ќе го направат Кокино да стане едно од најпознатите туристички дестинации во Македонија, и уште попознато за странските авантуристи и трагачи по мистиката. Покрај домашните експерти, на Кокино работеа и го посетија врвни странски познавачи на бронзеното време, на светилиштата и архео-астрономските опсерватории од тој период: Александар Булатовиќ, Александар Капуран, Валерија Фол, Стефан Александров, Филип Михајлов, Клајв Раглис, Горан Хенриксон и многу други познати истражувачи. Тие кои присуствуваа на нивните дискусии ќе посведочат дека Јовица ги фасцинираше со своите толкувања за можните ритуали одиграни на Кокино и дека научните дискусии брзо се претвораа во пријателски седенки долго во ноќта...
Тој е автор на бројни научни трудови претежно посветени на Кокино, но и на други локалитети од различни периоди. Коавтор е на книгата Бронзено доба во басенот на Јужна Морава и Пчиња.
Неговиот дух, поетичноста во толкувањето и силната верба засекогаш ќе останат да лебдат помеѓу кревките карпи на Кокино, издигнати високо кон облаците, од каде што, како на дланка, се гледаат кумановските полиња во кои почиваат уништените праисториски населби, расфрлани по течението на Пчиња.
Со почит кон учителот и пријател,
Дејан Ѓорѓиевски, НУ Музеј - Куманово