Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 181–197

Традиционалната градба во архитектурата на Heraclea Lyncestis

УДК 930.85:72(497.774)DOI https://doi.org/10.55973/MAA2022181dj

Археолошките проучувања особено на поголемите урбанизирани градски центри со долг период на опстојување во текот на повеќе пред- и историски периоди, често поврзани со постоењето современи градови и населби лоцирани над или во непосредна близина на археолошките локалитети, неретко покажуваат репетативни осцилации во материјалниот квалитет на живеење. Тие се одраз на повеќе фактори, пред сѐ�, економскиот и политичкиот статус на населбата, степенот на развиток на градската управа и нејзиното застапување и реализација на правната регулатива што го уредува градителството. Овие осцилации се рефлектираат не само преку урбанистичките проекти, гледано на широк план како проектирање на градските населби, туку и преку градбата на поединечни архитектонски објекти следени и од аспект на практични методи на реализација, материјали употребени за таа цел, како и подеднакво, но посуптилно и преку други видови археолошки материјал, меѓу кои, секако, во предност се монетните наоди, квалитетот и квантитетот на керамичката продукција, како најзастапен вид археолошки материјал и други видови наоди што го одразуваат социјалниот момент во посебните културни периоди.

Некои од овие осцилации, со позитивен или негативен тренд на развиток, често збунуваат со изразитата сличност на манифестациите во општиот тренд на промени, особено доколку промените не се следат внимателно и без соодветна споредбена анализа на придружниот археолошки материјал. Во обидот за стратиграфска анализа и културна синтеза на појавите што го обележуваат постоењето на Heraclea Lyncestis, почнувајќи од најраните слоеви на документирано живеење на градот, па сѐ� до самиот крај на антиката и почетокот на средниот век, кој сѐ� уште не е сосем разјаснет, Г. Цветковиќ-Томашевиќ успева да дефинира дури десет слоја во масивното стратиграфско наслојување на градот во вкупен размер од 4 до 5 m, акумулирана во текот на околу еден милениум активно живеење на градот. Сите стратиграфски слоеви се детектирани на просторот од централното градско јадро, а дури 4 од нив припаѓаат на примитивните, или т.н. традиционални, градби подигнати во камен и кал.1 Насловот традиционални градби се чини прифатлив за овој вид градителство од причини што по својата природа може да се смета за автохтон на секое подрачје на кое се јавува во различни варијанти од единствена причина што материјалите употребени за градба и методите на примена се типично локални. Овој проблем, како репетативен дел од урбаната историја на Хераклеја, е документиран на теренот и од други истражувачи, и досега бил адресиран при претставувањето на резултатите од теренските истражувања, често и по објавувањето на трудот на Г. Цветковиќ-Томашевиќ, но без глобални согледувања и критички осврт на нејзините ставови. Поради тоа, целта на ова место е посебно да се задржиме на спротивставувањето на податоците за традиционалната градба за да се утврди оправданоста на овој термин, неговата културна атрибуција, но и причините кои доведуваат до повторен пад во квалитетот на применуваните градежни техники и материјали. Воедно, со анализа и спротивставување на добиените резултати од неа, треба да се обезбедат фактографски податоци како основа за изведување соодветно толкување и хронолошка идентификација на овие појави. Секако, за релевантна детална и сеопфатна анализа на податоците неопходна е консултација на графичката и наративна документација од истражувањето на градбите спроведени од д-р Г. Цветковиќ - Томашевиќ и нејзиниот тим, особено што тие биле суксцесивно конзервирани. За жал, овие податоци до денес никогаш не биле достапни, како на поединци истражувачи и институции од полето на заштитата на културното наследство во денешната Македонија. Како последица на времето на истражувања и конзервацијата на архитектонските објекти, односно степенот на развиток и примена на овие доктрини, денес е невозможно според теренските остатоци да се утврди суксцесијата на градби и дополнителни интервенции, што се должи на занемарувањето на физичките корекции и фуги во текстурата на ѕидовите при вршењето на конзервацијата. Само помал дел од овие појави е повремено документиран во публикуваните трудови и документација изработена од архитектот Милка Чанак-Медиќ. Дел од тоа било зачувано во меморијата на нашите денес преминати соработници за да нѐ� предупреди и насочи при препознавањето и толкувањето на појавите, за што им ја должиме нашата благодарност.2

Кон дискусија на темата во посочената публикација се пристапува преку сознанијата стекнати при ископувањата на трите локалитети: Хераклеја, Улпијана и Сингидунум, номинално во источниот дел на поранешна Југославија. Не само што авторот ја поврзува појавата на ѕидови од камен и кал за источните средоземни и балкански подрачја во раните историски епохи, таа ја поддржува нивната припадност кон т.н. традиционална народна архитектура од XVIII и XIX век, притоа утврдувајќи потекло и континуитет со населбинската архитектура на класична Грција и раните култури на Источното Средоземје. За остатоците од овие ѕидови, сметани како рановизантиски, (по)некогаш словенски или од времето на Преселбата на народите, поради фактот што често се јавуваат натслоени еден врз друг, Г. Цветковиќ-Томашевиќ ја оспорува нивната атрибуција кон рановизантиското градителство или културата на Словените.3 Наспроти тоа, авторот го оспорува толкувањето на остатоците од бондрук конструкција опсервирани врз археолошките наоди од Сирмиум на М. Јеремиќ, протолкувани како наследници на староиталската куќа со оглед на нивната појава во раните слоеви и историја на градот,4 сведувајќи ја спротивставеноста врз основа на припадноста на градот кон една западнобалканска провинција, Pannonia Inferior, наспроти тие од Источниот Балкан.5 За волја на вистината, М. Јеремиќ од историски аспект аналитички приоѓа кон оваа проблематика, обидувајќи се на повисок степен и низ археолошки примери да ја претстави и протолкува регионалната архитектура, која, пред сѐ�, ја карактеризира изборот на градежен материјал, а во тесна поврзаност со природните услови на теренот, конкретно: „рамниот и делумно мочурлив терен на Сирмиум и околината, каде каменоломите не се на допир до раката“ и каде што основен градежен материјал на илирско-келтската популација во предримско време биле дрвото, трската, прачките и земјата, каква се очекува да била и домородната куќа.6 Притоа, тој заклучува дека: „преживеаните примери на модели на традиционалниот дрвен скелет во руралните средини, на пример, на Азија и Европа“ го даваат клучот за решавање на оваа традиција, констатирајќи дека меѓу селската бондручна конструкција од минатиот век во Србија (или каде било на Балканот) и таа од времето на пре-хетитските населби од централните делови на Црноморскиот брег или, пак, од локалитетот Кеј во Сирмиум, не постојат суштински разлики.7 Нивната хронолошка и културна неосетливост оди дотаму што остатоците од локалитетот Кеј во Сирмиум, каде врз основа на поголема концентрација зачувани наоди од ниските стратуми на градот истражувачите успеале да изведат реконструкција на една цела градба, но заради недостатокот на движен материјал не биле во состојба да ја идентификуваат нејзината културна припадност.8 Оттука, дебатата претставува непотребно усложнување со фокус врз архитектонско-градежничкиот концепт на еден вид конструкција, како и оспоруваните правци на културни влијанија. Без намера да се влезе во проблемите на наследноста, кои секако губат на сила кога се прескокнуваат милениуми за да се претстави преживувањето на одредена традиција во ново време и нова култура како директно античко влијание, мора да се посочат неколку факти што ја карактеризираат оваа материја. Единствена цел за ова дискусија е да се избегне баластот на тенденциозните согледувања и да се искористи темата со намера да се пристапи кон толкувањето на документираните податоци кои се цел на овој текст.9

Градежните техники претставуваат статична гранка на човековата активност која се развива бавно и ретко резултира со нагли промени, освен во случаи на увезени искуства. Нивната трансформација по правило се следи во текот на долги временски секвенци. Како резултат на сложениот карактер на архитектурата, градежните материјали и техниките на нивна апликација трпат влијанија од аспект на технолошки процеси на производство, структурни, функционални и естетски вредности, варијации кои се резултат на културните фактори и директни влијанија во текот на конкретни историски периоди. Конечно, заеднички е само фактот дека и на Балканот, како и насекаде, при реализацијата на големите проекти: градежни, мозаичарски или уметнички, без оглед дали се работи за камен или глина, декоративни материјали или пигменти, секогаш се посегнувало, пред сѐ�, по суровините што можеле да се најдат во непосредната околина. Основната директна причина за тоа е економијата.

М. Јеремиќ својата стручна аргументација ја темели на поимот бондрук конструкција, со најрана примена констатирана во Помпеи и на други локалитети на италско тло, добро и екстензивно документирана на теренот на Сирмиум. По дефиниција оваа техника претставува дрвена арматура од хоризонтални и вертикални елементи, понекогаш поставена врз ѕидови, односно цокле од камен или тула или директно на земја. Горните партии на ѕидовите се документирани во отисоци од дрвени греди што носат лесна конструкција од плитари, набој од мешан материјал или плитар.10 Оваа опсервација на почетокот го отвара прашањето на природното поднебје и карактеристиките на локалното тло, делумно мочурливо и сиромашно со камен. Оттука и заклучокот дека причините за ваквата градба на зградите во раниот царскиот период на Сирмиум, па и порано, се резултат на особеностите на теренот и природната околина, со постепено навлегување на употребата на малтер наместо кал, и тоа, пред сѐ�, во површинската обработка на ѕидовите, за дури од III век во просперитетниот период на главниот град на провинција Pannonia Inferior таа да биде заменета со тврда градба од тула, камен и малтер.11

Особената вредност на трудот на Г. Цветковиќ-Томашевиќ за истражувачите на Хераклеја е фактот што ова е едно од ретките места каде може да се добијат макар и сиромашни податоци за стратиграфијата на просторот од централното градско јадро на овој антички град, при што секој слој е проследен со краток опис и спецификација на наодите ориентационо инструктивна при евентуална анализа12 (сл. 1). Во секој случај, нејзиниот интерес е директно утврдување на слоевите кои се карактеризираат со појава на градби од камен и кал, притоа толкувајќи ги со постоење бондрук конструкција. Секако, на ова место од единствена важност се појавите од Хераклеја, кои во текстот таа ги илустрира со неколку фотографии и една табела со шематски приказ на пресеци на стратиграфските слоеви поставени во правецот север-југ низ археолошките корпуси на трите локалитети и конкретно во Хераклеја13 во: Триклиниумот на Епископската резиденција, односно именуван од авторот како Манастир, наосот на Големата базилика и Северниот портик.

Со консултација на нејзината документација од ископувањата таа утврдува постоење 4 нивоа од овие градби:

1. во II. хронолошки слој (односно IX. слој според обратната хронологија) атрибуиран на хеленистичкиот период и детектиран на просторот од триклиниумот;

2. во III. хронолошки слој (односно VIII според обратната хронологија) културно недефиниран, но кој претходи на римскиот републикански период од крајот на старата ера, детектиран во триклиниумот;

3. темели и ѕидови од камен и кал кои се вкопани во V. и го сочинуваат целиот VI. хронолошки слој (односно VI. и V. според обратната хронологија) детектиран на просторот на триклиниум и во V. слој под ранохристијанскиот мозаичен под на Големата базилика (кој тука го атрибуира на почетокот на V век);

4. III. слој според обратната хронологија на просторот на централниот кораб на Големата базилика без градби, но именуван со аваро-словенски остатоци од време на преселбата на народите (?), додека на просторот од северниот кораб на Големата базилика, делумно директно на мозаичкиот под, а делумно врз слојот на уривање, е II. слој според обратната хронологија кој содржи градби од камен и кал;

5. во Северниот портик врз оборената статуа на Тит Флавиј Орест се подигнати ѕидови од камен и кал кои авторот ги атрибуира на слојот V според обратната хронологија, односно VI хронолошки, прекриени со слој на рановизантиски шут;

6. и повторно во северниот портик во II. слој од горе, според обратната хронологија, окарактеризиран со моќен слој од цели и растурени ѕидови изградени од камен и кал. Но, да се обидеме да ги ре-интерпретираме овие податоци.

Првиот површински слој се состои од хумус, а од претходното можеме да резимираме дека во опсервацијата на Г. Цветковиќ-Томашевиќ се констатирани слоеви на градби од камен и кал, кои:

- најрано се јавуваат во триклиниумот во предримските хронолошки слоеви II и III (погоре представени според редните броеви 1 и 2);

- се вкопани во V. и го сочинуваат целиот VI. хронолошки слој во триклиниумот и се јавуваат во V слој под ранохристијанскиот мозаички под на Големата базилика од почетокот, односно средината на V век (двата под ред. бр. 3);

- II слој според обратната хронологија, односно IX хронолошки во северниот кораб на Големата базилика кој го сочинуваат градби од камен и кал (ред. бр. 4);

- со ѕидови атрибуирани на VI. хронолошки слој и подигнати врз турнатата статуа на Тит Флавиј Орест во северниот портик (ред. бр. 5);

- II. хронолошки слој со моќно наслојување од цели и растурени ѕидови изградени од камен и кал во северниот портик (ред. бр. 6).

Прегледот ни оддава релативно синхронизирана слика за јавување на градбите подигнати во камен и кал во посочените 4 периоди. Со оглед на тоа дека на ова место од примарен интерес се градбите од камен и кал по потекло од доцноантичкиот, односно рановизантискиот период, на кратко ќе се осврнеме на подоцнежните фази, додека двете рани фази поради припадноста кон поран период и немањето поопстојна документација за степенот на нивна зачуваност ги изземаме од стручната анализа.14

Градбите од камен и кал откриени во триклиниумот се атрибуирани на III век. Тие се вкопани во V. и го сочинуваат VI. хронолошки слој; имаат малтерен под кој ги дели двата слоја, а над него е насип од камен и разрушени ѕидови документирани со фрагментирана доцноантичка керамика. Ова наслојување заедно со подолните слоеви чини затворен наод утврден со целосно зачуваниот ранохристијански мозаичен под на триклиниумот од VI век.15 Поконкретна идентификација авторот дава на друго место, застапувајќи се за доцноантичкото потекло на овој слој градби, припишувајќи ги на III, IV и најрано на V век.16 Ова се единствените информации кои ги имаме за овој простор, врз основа на што примитивните градби, очигледно добро сочувани според фотографиите. Во истата група (ред. бр. 3) се и остатоците од просторот на централниот кораб на Големата базилика кои се јавуваат во V. слој под ранохристијанскиот мозаички под од почетокот, односно средината на V век. Овие градби, зачувани во две развојни фази, веќе беа предмет на преиспитување во контекст на римската фаза на градот и постоењето на форумот. Тие се претходно толкувани како резултат на готските разурнувања и забележените во историските извори навраќања на Теодориховите Готи во градот во 472 и 479 година, што е проблематизирано со претпоставената градба на Големата базилика околу средината на V век.17 Во претходната дискусија тие се поврзани со продолжен период на интервентно сместување на градското население по една евидентирана катаклизма што го погодила градот и го диктирала неговиот натамошен развиток. Нивното настанување е поставено во почетокот на IV век, односно по силниот земјотрес на преминот во овој век, кога настрадале форумот и северниот портик, кој консеквентно бил обновен и продолжил да живее во истата форма.18 Секако дека ваквиот начин на дефинирање на промените во градот поседува одредена релативност, меѓутоа, со оглед на тоа дека археолошките податоци и материјал од претходните истражувања не ни се достапни, ова е единствениот начин да се даде релевантна слика за историските случувања во тоа време.

1. План на дел од централното јадро на Хераклеа Линкестис (Основен план на Ј. Роспендовски со  систематски дополнувања од истражувањата на Љ. Џидрова)
1. План на дел од централното јадро на Хераклеа Линкестис (Основен план на Ј. Роспендовски со систематски дополнувања од истражувањата на Љ. Џидрова)

На сличен начин мора да се толкуваат и четвртата фаза од остатоците на градби од камен и кал зачувани над мозаичните подови во двете градби. За жал, материјалот од посочениот тенок и испресечен VIII. хронолошки слој од триклиниумот, кој настанал како последица на силен земјотрес, не е анализиран ниту претставен. Тој наводно содржи остатоци од груба, брановидно украсена керамика, според која се атрибуира на крајот од VI и почетокот на VII век.19 Нему му следи IX. хронолошки, односно II. слој според обратната хронологија во триклиниумот, кој се квалификува со повеќекратни подобро или полошо зачувани остатоци на ѕидови од камен и кал.20 Со нив се синхрони II. слој според обратната хронологија, односно IX. хронолошки период кој го сочинуваат градби од камен и кал во северниот кораб на Големата базилика (ред. бр. 4). Сите набројани податоци со двата слоја градби од камен и кал евидентирани на трите простори укажуваат на универзална појава на просторот од градот настаната како последица на силна сеизмичка активност, односно два последователни земјотреси, кои дефинитивно ќе го сменат развојниот курс на животот во Хераклеја, но нема да го укинат.

Од оваа хронологија наизглед отстапуваат при толкувањето двете нивоа на градби на просторот од северниот портик цитирани под редните броеви 5 и 6, при што VI. хронолошки слој (ред. бр. 5) отстапува, главно, со нумеричката разлика на набројувањето, што се должи на претходно споменатата реконструкција на портикот, простор за кој Г. Цветковиќ-Томашевиќ смета дека тука не постоеле рановизантиски градби.21 Но северниот портик, аналогно на јужниот портик, поседува сопствен развоен тренд кој непрекинато трае низ целиот рановизантиски период, независно од фактот што тој оригинално претставува римска градба. За разлика од јужниот портик, кој драстично ја сменил намената со имплантацијата на Малата базилика во габаритот на зградата, северниот ја зачувал основната функција на управна зграда во тек на целото нејзино постоење, вклучително со изложените антички скулптури на заслужни гараѓани и божества, па оттука во делот од комплексот кој е откриен не ја сменил значително формата. Детектираниот насип од рановизантиски шут, посочен под број V како слој според откривање, односно VI. хронолошки, нѐ� води кон една претходна дискусија каде детално беше направена ревизија на резултатите од археолошките истражувања и беше констатирано дека се работи за градежен шут со потекло од Малата базилика, лоцирана на спротивната страна на улицата. Појавата на камена пластика со христијански црковен карактер откриена во шутот укажува на негово рушење во катастрофалниот земјотрес од почетокот на VI век, кога настрадал и портикот, како и сите други архитектонски градби во Хераклеја. Со цел реконструкција на Малата базилика, шутот бил насипан во портикот, а над него и врз турнатата статуа на Тит Флавиј Орест, која послужила како камен-темелник, биле подигнати погоре споменатите градби од камен и кал.22 Следниот IV слој од горе квалификуван со рановизантиски шут, всушност ја опишува културата на живеење во градбите од камен и кал, кој е проследен со III. слабо изразен слој со ретки фрагменти на груба керамика настанат со рушењето на истите градби.23 Последната фаза на ѕидови од камен и кал подигнати во IX. хронолошки, односно II. слој од горе, е обележена со моќно наслојување од цели и растурени ѕидови изградени од камен и кал (ред. бр. 6) кои коинцидираат со последната регистрирана Јустинијановата обнова на Малата базилика, кога таа е целосно обновена.24 Овој последен стратиграфски дефиниран слој на живеење, за жал, досега воопшто не бил проследен со анализа на податоците и на разни места е различно протолкуван како постсредновековен, турски или нововековен, датиран во ХІХ-ХХ век, или X-XIV век на просторот на источното предградие.25 Претходните автори често прават обиди да го утврдат потеклото на одредени групи движни наоди, притоа толкувајќи ги со етничка атрибуција, како готски, словенски итн.26 Меѓутоа, деликатноста на овие слоеви, нецелосните истражувања и желбата тие да се претстават попрецизно, ги компромитира овие наоди. Поради тоа на ова место ќе се воздржам од каков било натамошен коментар, со намера да не се придонесе кон натамошна конфузија на фактите, наодите и тенденциозноста, со надеж дека во некоја прилика податоците од овие истражувања ќе бидат објективно простудирани и претставени. Во секој случај, дел од материјалната култура на градот, збир ситни предмети со препознаен раносредновековен датум на постоење, но откриени вон контекст, во јами западно од театарот или во јужниот дел на градот, ја опструира намерата за просторно утврдување на културната стратиграфија на античкиот град во раниот и зрелиот среден век.27 Тие сепак сведочат за продолжено живеење на поедини подрачја во градот и во тек на раниот среден век, па и подоцна, а нивната локализација може да се бара меѓу резултатите од проучувањата на последните два слоја добиени со поновите или можеби идните истражувања.

Но да се навратиме уште еднаш на ѕидаријата од камен и кал. Овој тип конструкција меѓу документираните архитектонски остатоци од Хераклеја, наречена бондрук, не е поддржана со докази кои потврдуваат дека во зачуваните делови од ѕидови била имплантирана ваква конструкција. Г. Цветковиќ-Томашевиќ во еден наврат го коригира нејзиниот став по прашањето на потеклото за овој вид градба, притоа поврзувајќи ги остатоците од ѕидови со остатоци од лепеж, односно „црвеникаво печена земја на повеќе коти, најчесто покривајќи ги подовите од набиена земја“.28 Сепак, овој опис не може да го земеме за валиден доказ за негово постоење. Тоа што го гледаме на фотографиите и на теренот претставува градба во камен и кал, според нејзино укажување аналогна на римскиот opus mixtum, оригинално изведуван во малтер, што е точно, но во моментите на економска криза предизвикана од масивен земјотрес, тој е изведен со врзивно средство кал. Од тоа што е претставено во досегашните публикации и колку што мене ми е познато од теренот, засега не постојат, односно не се евидентирани, технички и фотодокументирани и соодветно аргументирани остатоци на бондрук конструкција.29 Значи, постоењето на ѕидна конструкција од дрвени греди како рамка за исполна со плитар, набој или друго во Хераклеја досега не е потврдена, односно покажува целосно отсуство. Со цел темелно да се поткрепи овој став, ќе се навратиме на дискусијата на ѕидовите подигнати во opus mixtum со врзивен материјал малтер или глина на повеќе места во градот од последните 100-ина години градежништво.

Во следењето на ѕидарската традиција ќе пријдеме преку пораната варијанта на објекти подигнати во овој модел на градба, поточно, на opus incertum со оглед на непостоењето либажни слоеви со тули, но со употреба на малтер како врзивно средство, кои се врзуваат за еден хронолошки период на просперитетно живеење пред крајот на антиката, манифестиран во резиденцијалните објекти, т.е. куќите 1 и 2.30 Овој опус со долга традиција на примена, овде се наоѓа во една посирова форма, со оглед дека се работи за приватни објекти во груб манир на градење, со дебелина на ѕидови од 0,70 m ширина и назначени фуги меѓу камењата, односно дерсување. Градбата е исклучително цврста и се датира во втората половина на V век, можеби крајот на третата четвртина од векот. Тие се лоцирани на просторот наречен Театарски плоштад31 (сл. 2), што коинцидира со просторот на кој некогаш постоел римскиот форум, еден тесен појас со слаб пад кон исток кој се протегал крај јужната фасада на скената, додека нивото на форумот било пониско за 2-3 m. При трансформацијата на градот од римски пагански во христијански, односно по градбата на Големата базилика, овој простор првично можеби и изведувал улога на плоштад, односно јавен простор за собирање и водење трговски активности какви што редовно постоеле во близина на кадералните црковни објекти. Кон ваквата претпоставка секако придонесуваат и засводените простории што ја сочинувале јужната фасада на театарската скена, а за кои се претпоставува дека оригинално биле наменети за трговски цели. Сепак, со оглед дека немаме јасни информации за организацијата на западниот сектор на Големата базилика во нејзиниот прв период од постоењето, горната претпоставка останува во рамките на хипотеза. Во одреден момент, можеби од почетокот, заради големата висинска разлика меѓу двете нивоа, северно од Големата базилика бил подигнат преграден ѕид, кој делумно ја оградувал од околината. Во прилог на зачуваната контактибилност говорат остатоците од камени скалила крај нејзиниот северозападен агол, слични на тие што воделе на бедемите, преку кои била остварувана комуникацијата со јавниот простор (сл. 3). Горниот стратум од земјеното газиште на оваа слепа улица беше богат со ситни предмети и нумизматички наоди од IV век, како и градежни елементи од фасадата на театарот разрушени при земјотресот од преодот во IV век, додека горните слоеви поседуваа и материјал од V и VI век депониран при бројните градежни интервенции.32 На запад улицата завршувала со денивелација предизвикана од доминантниот зачуван природен пад на теренот врз кој уште во римскиот царски период биле подигнати две низи на згради поставени во правецот исток-запад,33 а чие опстојување продолжило во рановизантиско време.

Сл. 2. Театарскиот плоштад во време на комплетирање на конзервацијата на театарската скена, 1980-ти години
Сл. 2. Театарскиот плоштад во време на комплетирање на конзервацијата на театарската скена, 1980-ти години
Сл. 3. Камени скалила на северозападниот агол на Големата базилика, прилепени кон јужната страна на потпорниот ѕид, преку кои се остварувала комуникација со Театарскиот плоштад
Сл. 3. Камени скалила на северозападниот агол на Големата базилика, прилепени кон јужната страна на потпорниот ѕид, преку кои се остварувала комуникација со Театарскиот плоштад

Како ретенција од паганското минато на градот, на оваа слепа комуникација директно излегувал и малиот пагански храм вграден во средишната засведена просторија на театарската фасада, која претходно доминирала над римскиот форум.34 Во состав на осамостојувањето на црковниот комплекс на Големата базилика со секундарната доградба на големата крстилница близу нејзиниот југоисточен агол, за чие функционирање под газиштето на улицата, во втората половина на V век, бил изграден посебен водовод. Неговата траса, која се спушта од западната страна на театарскиот комплекс за да сврти под агол од 90% кон исток и да продолжи долж оваа комуникација, до големата шахта преку која трасата свртува уште еднаш под агол од 90%, но сега кон југ, за конечно да стигне до крстилницата, е добро позната и во целост презентирана35 (сл. 1, 4). Како последица на јакнењето на христијанството римскиот naiscos, односно aedicula, бил срушена, а при консеквентната надградба на куќата 2, при крајот на втората половина на V век, тимпанонот со покривот бил вграден во нејзината јужна фасада како декоративен елемент.36 Градбата на куќите на овој простор претставува реализација на типично доцноантичката тенденција на узурпирање на слободните градски простори, особено на уличните тремови кои во бројни случаи во рановизантиските градови биле преградувани и поврзувани со приватните куќи и други градби кои биле тука лоцирани. По нивната изградба просторот бил сведен на улица. Разликата од сродните примери до нашите две куќи е дека тука се работи за живеалишта на два еминентни жители на градот, особено на сопственикот на куќата 2, кој во првиот период на нејзиното постоење обезбедил приватно снабдување со вода на своето живеалиште. Со оглед на ограничените потреби за вода на едно домаќинство од тоа време, тој од сопствени приходи овозможил дополнително снабдување со вода од сопствениот водовод на двата црковни објекти од Големата базилика, новата крстилница и чешмата на северниот крај од тесното двориште.37 Овој пример на високо доброчинителство, т.н. euergetism, можеби било предуслов градскиот достоинственик со непознат идентитет да добие можност да изгради сопствено живеалиште токму на театарскиот плоштад и едновремено да доведе дополнително количество вода за црковна употреба. Ова се гледа од втората фаза на неговиот градски посед, кога тој бил исклучен од водоснабдување, па водата останала единствено за црковна употреба. И покрај тоа, резултатите покажуваат дека неговиот економски потенцијал не опаднал, туку напротив раснел, како резултат на што тој си обезбедил проширување на својот дом со доградба на делот 2А (сл. 1, 5).

Сл. 4. Театарскиот плоштад по ископувањата на објектите прилепени кон театарската скена и поставањето на водоводот
Сл. 4. Театарскиот плоштад по ископувањата на објектите прилепени кон театарската скена и поставањето на водоводот
Сл. 5. Југоисточниот агол на малтерната градба на Куќа 2 со основата на чешмата и дел од јужниот ограден ѕид на светилиштето прилепен лево од неа, од горе
Сл. 5. Југоисточниот агол на малтерната градба на Куќа 2 со основата на чешмата и дел од јужниот ограден ѕид на светилиштето прилепен лево од неа, од горе

Овој позитивен тренд во развитокот на градот траел сѐ� до големиот земјотрес регистриран во раниот VI век, кога дошло до првиот катастрофален земјотрес.38 По овој настан куќата 2 е срушена, а во нејзиниот габарит е под од невоедначена земјена површина, кој укажува на една краткотрајна фаза и исклучително примитивно приспособување на живеалиште во рамките на остатоците од малтерните ѕидови, наменето за ургентно сместување на градското население.39 Дури следното ниво бр. 3, карактеризирано со 2 фази на постоење, обележува еден помоќен и стабилен период кога куќата се користи за производство,40 кој настапува по големиот земјотрес од средината на VI век синхрон со настанувањето на Јустинијановата фонтана. Ова ниво коинцидира со II. културно ниво од општата стратиграфија на Г. Цветковиќ-Томашевиќ, односно IX. ниво според хронолошки редослед. Во рамките на овие истражувања, имајќи го предвид единствениот ѕид подигнат во камен и кал, не се констатирани остатоци од бондрук конструкција. Овие остатоци сведочат за еден сосема нов историски и културен момент во историјата на градот, последен во многувековното живеење (сл. 6).

Сл. 6. Паралелен изглед на јужните ѕидови на Куќа 2 лево и светилиштето десно од неа, подигнати во opus incertum со градба во малтер - лево и со кал - десно
Сл. 6. Паралелен изглед на јужните ѕидови на Куќа 2 лево и светилиштето десно од неа, подигнати во opus incertum со градба во малтер - лево и со кал - десно

Полна реализација на новите историски и културни околности на живеење на некогашниот град представува т.н. Микростанбена целина подигната во рамки на античкиот театар. Без оглед на очигледниот пад на стандардот и променетиот врзивен материјал, односно градбата од камен и кал, оваа населба ја поддржуваат стандардната рановизантиска техника на ѕидање opus incertum инаугурирана на Балканот со римското царско градителство. Следејќи ги мерките на пооделните ѕидови, јасно се воочува дека тие во целост ги следат стандардните димензии за еднокатните градби со ширина од 0,75-0,80 m, наместа и над 1 m; подеднакво се ѕидани темелите, фундирани врз ерозивниот нанос или со директно налегнување врз остатоците на театарската кавеа со цел обезбедување стабилност на објектите, но во зависност од условите на просторот во кој биле градени, како и зачуваност на ѕидните платна и до 2,5 m висина.41 Архитектонските остатоци укажуваат на реализација на традиционално римската, овоплотена во рановизантиска градежничка практика, која ги обединува искуствата на претходните генерации градители во нови услови, со запазени правила на фундирање на градбите наместа и до 2 m длабочина и рестриктивен простор на живеење во смисла на надворешната околина, а за сметка на ограничените материјални и просторни можности. Ако го споредиме внатрешниот обем на градбите и пресметаната површина од 23 m2 за еднособната куќа бр. 2, двособната куќа 3 А-Б со вкупна внатрешна површина од 32 m2 и 30,7 m2 за куќата 4 со неправилна правоаголна основа,42 и ги споредиме податоците со основната фаза на куќата 2, може да се заклучи дека се запазени истите стандарди на живеење. Единствената разлика е затворањето во единствена физичка целина со контролиран влез, со што условите на живеење се подредени на потребата од поголема физичка заштита. Опсервирајќи ја внатрешната организација на оваа населба, ова е најсилен доказ за локалното потекло на населението од оваа населба. Во нејзината организација јасно се разликуваат два периоди на формирање, првиот - послаб и краткотраен, концентриран на просторот од арената и вториот - екстензивен, кога локалните жители успеале да подигнат нова населба во вкупните просторни рамки на гледалиштето и зградата на скената од театарот. Добро документирана во целина и посебно на одреден број поединечни објекти, претставени се и информации за доградби на примарните живеалишта, што укажува на продолжениот период на опстојување. Единствена разлика може да постои во смисла на квалитет на живеење, односно употреба на поскромен движен материјал, кој засега само делумно е познат. Од приложените податоци со внимателна анализа, особено со дополнување на информациите со откриениот движен археолошки материјал, можат да бидат извлечени заклучоци за економските и социјалните аспекти на поединечни делови на оваа населба и на нејзиното население.

Во поглед на теориите за раното затворање на театарот веќе во крајот на IV век или во почетокот на V век и посебно поврзувањето на овие настани со разни варварски народи, сметам дека се неоправдани, непоткрепени со материјални докази и субјективни.43 Притоа, останувам на претходно јасно елаборираното мислење за продолжениот живот на театарот до катаклизмата од почетокот на VI век, кога настрадале и поголем дел од урбаните градби.44 Тука единствено ретерирам од претходната претпоставка за можно продолжено функционирање во тек на VI век, а во согласност со горната анализа на појави кои ги дефинираат последните две фази на функционирање на градот. Т. Јанакиевски јасно ги идентификува појавите што ја карактеризираат оваа т.н. микростанбена целина, чиј еден дел концентриран во оркестрата е подигнат врз веќе формиран ерозивен нанос, притоа нагласувајќи ја специфичноста на земјиштето, разрушениот градежен материјал од камен, тули и ќерамиди, садова керамика и монети со доминантно присуство на тие ковани од Јустин II (565-578).45 Овој слој фактички коинцидира со претпоследниот слој на живеење во градот, а по последниот земјотрес од средината на VI век, да дојде до темелна организација и систематска градба на просторот на целиот театарски комплекс, чиј живот авторот го дефинира со откриениот нумизматички материјал атрибуиран на императорите, почнувајќи со Јустинијан I до првите години на Маврикиј Тибериј, односно 583/4.46 Важен момент во толкувањето на појавите врзани за втората фаза на микростанбената целина претставува градбата на градската чешма, донација на императорот Јустинијан I, потврдена со посветен натпис од 562/3 година.47 Каналот кој ја спроведува водата до неа, со целосно позната траса, е поставен во внатрешноста на скената и минува низ влезовите на просториите зад сцената, поради што нејзината градба апсолутно се датира по големиот земјотрес од средината на VI век. Сходно на тоа и екстензивниот низ градби, од скената биле поставени над каналот, но при ископувањата биле срушени.48

И конечно, на ниту едно место во своите публикации,49 повеќедеценискиот истражувач на микростанбената целина не документирал, ниту изјавил усно или писмено дека над ѕидовите биле документирани или постоеле остатоци од бондрук конструкција. Разгледаните локации со евидентирани урбани објекти за живеење со ѕидови подигнати во камен и кал, заклучно, може да кажеме дека всушност претставуваат дел од рановизантиското културно наследство на населението, кое тука живеело континуирано и во чие ткиво немало мешање на новодојдени етнички структури кои во новите времиња на скромно битисување би го смениле начинот, културата и практиките во секојдневниот живот. Нивната солидна зачуваност зборува за квалитетот и долговечноста на оваа градителска техника, која, иако традиционална според употребените материјали, припаѓа на рановизантиската градителска традиција и го сочинува мостот со раната средновековна култура, но и со подоцнежната, кои допрва треба да бидат утврдени на просторот од античкиот град.

Бондрук конструкцијата е позната по својата отпорност на рушење како последица на земјотреси.50 Ова ни го потврдуваат и најмладите вакви конструкции кои го преживеале големиот земјотрес во Скопје од 1963. Овие градби во Рим одамна ја преживеале својата рурална фаза и масовно се јавувале во градската архитектура заедно со монументалните градби од тула и мермер. За овој т.н. opus craticum, конкретно со исполна од плитар, Витрувиј забележал: „го подигаат тие кои на тоа ги притиска брзината, сиромаштијата или преградбите во горните спратови“. Тој не пропушта да каже дека главната опасност на оваа градба се пожарите, и колку тие им користат на оние што брзаат да изградат, толку се тие на голема и заедничка штета, бидејќи се како факли погодни за пожари. Така, во градовите од I век пр. н.е. на урбанизираната Римска Империја тие се сведени на нужно зло, за кое Витрувиј посакува никогаш да не биле измислени.51

Белешки

  1. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 7-20, која согледувањата ги црпи од личните истражувања на трите локалитети во тек на три децении на теренски истражувања од сс. 1960 до доцните ’80-ти, односно до публикувањето на трудот, делумно веќе претставени во нејзиниот авторски опус, ead. забелешки* и 1 стр. 7. ↩
  2. Ова се однесува на работите изведувани од страна на Југословенскиот институт за заштита на спомениците на културата - Белград во периодот 1959 до 1971 година, кога биле ревидирани и раните истражувања во 30-тите, и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Србија од Белград (1972-1974), публикувани главно во трите изданија на списанието Хераклеја: I (1961), II (1965), III (1967). Тука можат одместо-наместо да се најдат графички претставени информации од страна на М. Чанак-Медиќ. Од постарите археолози кои до последниот момент од животот се ангажираа со проблемите на урбаното градителство, притоа не штедејќи го трудот да помогнат во следењето на развојот на градскиот центар, беше д-р Томе Јанакиевски, од кој можеше да се научи за раните истражувања, откривањето на градбите, културните слоеви и конзерваторските работи. ↩
  3. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 7, 18-19. Кон градбите кои наводно се атрибуираат на Словените на ова место пристапуваме со многу резерва, со оглед на тоа што таквите градби се ретко потврдени кај нас и не се проучени во доволен број за да за нив може да се дебатира. Конечно во Хераклеа тие не се документирани. На ова место овој наслов го третираме како ретенција на културна атрибуција на еден вид културно наследство кој во 20. век бил прифатен како квалификатив за демографската структура на населението и културата во нашата држава. ↩
  4. Јеремић М., 1985, 69-88. ↩
  5. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 7, став кој М. Јеремић ги застапува како најрана документирана појава, но не инсистира на поврзување по линија на директно наследство. ↩
  6. Јеремић М., 1985, 84. ↩
  7. Јеремић М., 1985, 85-86, заб. 23. ↩
  8. Јеремић М., 1985, 71-74. ↩
  9. Како што е наведено на почетокот, оваа тема беше првпат претставена на 20. симпозиум на МАНД одржан во Кичево 2008 година, поради што, како и поради потребата од отворање на оваа дискусија, сега, по повеќе од 10 години, се навраќаме на неа. Инаку, би било неумесно да се дебатира за ставовите на д-р Г. Цветковиќ-Томашевиќ post mortem. Со полна почит за нејзиното дело и труд вложен во унапредувањето на истражувањата на Хераклеја Линкестис, на ова место единствено сакаме да ги утврдиме почетните позиции и врз основа на тоа да се отвори дискусијата за градежните техники кои се од суштинско значење за историјата на овој антички град. ↩
  10. Јеремић М., 1985, 69-88. Кон овие модели може да се надоврзе уште еден со примена на дрво и кал, кој е поретко застапен во литературата и конзерваторските работи: Финдрик Р., 1974, 95-106. ↩
  11. Јеремић М., 1985, 74-84. Каменот применуван во тврдата градба на Сирмиум бил носен од Фрушка Гора, Popović Dr. V., 1963, 71. ↩
  12. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 10-13. Нешто поинструктивен е нејзиниот подоцнежен текст: Цветковић-Томашевић Г., 2002; со втор паралелен наслов: Археолошка ископавања изнад и испод мозаика под кој се потпишани: Цветковић-Томашевић, Г. и соработници: Симоска Д. - Манева Е. - Митровић Ђ. ↩
  13. Цветковић-Томашевић Г., 1987, сл. 1 со шематски приказ на стр. 8-9, фотоси сл. 3-7, и дескрипција на стр. 10-13. На ова место мора да се одбележи дека слојот 6 по обратната хронологија, односно 5 хронолошки (стр. 12), односно според секвенцата на откривање, во кој во недостаток на податоци се неспретно заташкани остатоци од времето на Императорот Трајан и темели на доцноримска градба веројатно од III век, но фактички продолжен до VI век, кој е градителски најинтензивен, но и најпроблематичен за осознавање. ↩
  14. Овие слоеви се дополнително протолкувани со набројување на селектиран број предмети во стратиграфските слоеви со оскудни описи и без илустрации во текстот: Цветковић-Томашевић Г. и соработници: Симоска Д., Манева, Е., Митровић Ђ. во: Цветковић-Томашевић Г., 2002. ↩
  15. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 12, сл. 3 и 4. ↩
  16. Во: „Археолошка ископавања испод мозаика, Трпезарија, брод“, стр. 91-101, од: Цветковић-Томашевић, Г. Београд, 2002, илустриран со истите фотографии како и претходниот и со два екстремно груби шематски цртежи сл. 26, 27, авторот се чини дека сака да се отчита пред стручната публика со скромна компензација за непубликувањето на археолошките податоци од пред 25 години. Во секој случај таа е најпрецизна во спорењето на идентитетот на горниот слој примитивни градби од камен и кал во Трпезаријата во забелешка 27 на стр. 95 од посочениот текст, обидувајќи се да го побие мислењето на Србиновски П., 1980, стр. 52, заб. 16-18, и со право ја одбранува нејзината теорија. ↩
  17. Џидрова Љ., 1999, 269-291, и конкретно 274-277, и заб. 26, 27, со целосната постара литература. ↩
  18. Џидрова Љ., 1999: 276-277. ↩
  19. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 12. Овој слој е појаснет со припадност кон времето на преселбата на народите. ↩
  20. Цветковић-Томашевић Г., 1987, сл. 1 – Хераклеја скица 1. Оваа претстава е многу посложена во делот: „Археолошка ископавања испод мозаика, Трпезарија, брод, 91-101, од: Цветковић-Томашевић Г., 2002, сл. 68, каде има многу повеќе податоци, но делува конфузно. Тој е најјасно претставен во: Cvetković-Tomašević G., 1976, стр. 35, сл. 2, заедно со претходниот репродуцирани во: Јанакиевски Т., 2003, сл. 9, 10. ↩
  21. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 13, сл. 7, заб. 6. ↩
  22. Џидрова Љ., 1999, 285-289, сл. 6, со изнесена комплетна постара литература, со потпирање на скулптуралната анализа според Николајевић-Стојковић И., 1957, 40-43, која ја постава реконструкцијата во почетокот на VI век. ↩
  23. Цветковић-Томашевић Г., 1987, 13, со квалификатив словенска керамика, кој не е прифатлив во толкување на податоци. ↩
  24. Набројувањето на слоевите е погрешно представено во мојот текст: Џидрова Љ., 1999, заб. 54 и 55, а испуштен е и податокот за IX хронолошка фаза обележена со моќниот слој на градби од камен и кал, стр. 287. ↩
  25. Манева Е., 1986а, 197-198; Манева Е., 1988, 39, 41-42; Манева Е., 1986б, 272. ↩
  26. Овие размислувања се во целост претставени кај: Јанакиевски Т., 2003, 24-38. ↩
  27. Ѓорѓиевска, А. - Насух Е., 2016, сл. бр. 132-135 и други наоди претходно објавени во информативни гласила. ↩
  28. Г. Цветковић-Томашевић и соработници, во: Цветковиќ-Томашевиќ Г., 2002, 93-94, се однесува на триклиниумот. Ваквиот леп може да потекнува и од површинската обработка на ѕидовите со кал. ↩
  29. Ова подразбира, пред сѐ, отисоци, дупки, во кои била поставена вертикалната ѕидна конструкција, а потоа и цели ѕидни платна. Ваква информација не може да се најде ниту меѓу резултатите од поновите истражувања: Ѓорѓиевска А., - Насух Е., 2016, а ми беше потврдено и во усмена комуникација од колегата Е. Насух, за што му благодарам. ↩
  30. Џидрова Љ., - Насух Е., - Лозановски Љ., 2011, 291-310. Опусот на ѕидање е представен како opus incertum, со детален приказ на фазите на градба и посебен осврт на цврстината на малтерот во последователните фази на градба, стр. 298-301. За градежните техники види: Basler Ð., 1980, 135-140; Čanak-Medić M., 1980, 141-147. ↩
  31. Овој наслов е даден од Т. Јанакиевски уште во времето на истражувањата што тој ги водеше на просторот на античкиот театар. Најблиску го претставува оригиналниот простор без доградбите, а датира од раните ’80-тите пред почетокот на истражувањата на овој простор, освен куќата 1 која се гледа на крајниот запад. ↩
  32. Džidrova Lj., во: FAB III, 2015, 292. Дел од нив се представени во: Ѓорѓиевска А. - Насух Е., 2016, како крстестата фибула од IV век откриена пред самиот влез во куќата 2, сл. 92, и др. ↩
  33. Овие градби cè уште не се во целост публикувани, а се наречени гимназион: Ѓорѓиевска А. -Насух Е., Хераклеја Линкестис, Истражувања 2008-2014. Битола, 2016: цртеж бр. 1, под бр. 11, каде е документирана само едната од двете згради. Првично тие беа представени од Насух Е. - Ѓорѓиевска А. - Ѓорѓиевски Д. на XXII. симпозиум на МАНД одржан во Дојран во 2012 година. ↩
  34. Се работи за петата засводена просторија сметано од исток, односно од градската фонтана. Džidrova Lj., 2016- 2017, 199-216. ↩
  35. Тоа е т.н. водовод бр. 2, Џидрова Љ. - Насух Е. - Лозановски Љ., 2011, 395-401; Džidrova Lj., во: FAB III. 2015, 292, 301-302 ff. Пред подигањето на оваа крстилница, Големата базилика го користела првиот баптисмален комплекс на Малата базилика, детектиран јужно од атриумот, но запоставен при истражувањата и парцијално документиран, па оттука и не бил претставен при конзерваторските работи. ↩
  36. Ова е констатирано во време на истражувањата врз основа на различниот квалитет на малтерот, Џидрова Љ., 2008, 302-303, сл. 9а. ↩
  37. Џидрова Љ., 2008, 301-302; Џидрова Љ., et all. 2011, 395-401; Džidrova Lj., во: FAB III, 2015, 292. ↩
  38. Во: Џидрова Љ., 2008, 303, погрешно се протолкувани двата земјотреси кои се пресудни за историјата на куќата, поточно, дословно се преземени показателите за земјотреси на претходните автори од преодот на V во VI век и први децении на VI век, види заб. 15 и 16, кои во суштина припаѓаат на еден ист земјотрес и времето на поравки во вториот датум. ↩
  39. Џидрова Љ., 2008, 296-297, сл. 7. ↩
  40. Џидрова Љ., 2008, 297-298, сл. 4-6. ↩
  41. Janakievski T., 1978 а, 51-56; Janakievski T., 1978б, 694-707. ↩
  42. Janakievski T., 1978 а, 694-707. Истото се следи и во: Janakievski T., 1978б, сл. 51-56. ↩
  43. Во смисла на овој став се изјаснува и Јанакиевски Т., 1989, 66, заб. 7, но не останува доследен на мислењето. ↩
  44. Џидрова Љ., 1999, 282. ↩
  45. Janakievski T., 1978, 696, заб. 7; Јанакиевски Т., 1975, 168, 172. ↩
  46. Јанакиевски Т., 1989, 66-67, заб. 9; Јанакиевски Т., 1978, 189-203. ↩
  47. Јанакиевски T., во: Алексова Б. - Томовски К. - Грозданов, Ц., eds., 2003, 191-206; Михајловски Р. - Розпендовски Ј., 2011, 405-420. ↩
  48. За ова детално во: Џидрова Љ., 1999, 282-284 ff, сл. 5 А Б В. На истото место ѝ претходно постоела чешма, но со поинаква траса на водоснабдување од времето на оригиналната градба на театарот или подоцна. Слабата зачуваност на дел од градбите во скената се должи на работата на В. Маленко, кој работел на овој простор. ↩
  49. Јанакиевски Т., 2001. ↩
  50. Kirikov B. A., 1992. ↩
  51. Витрувије, во: О архитектури, кн. II, 1951, 52; Јеремић М., 1985, 86. ↩

Summary

Traditional Construction in the Architecture of Heraclea Lyncestis

The discussion the problem of the traditional construction and the deeper consideration of this ostensibly stereotypic and not very appealing problem, opens the position of a cultural aspect that can be included in the fundaments of the archaeological factography. Motivated by a conflicting theoretical debate, in the setting of enviable scale of archaeological research and not quite defined results from them, the rise of this question should bring a comfort state of clearly defined cultural sphere of architectural and other types of heritage. Based on the schematic representations of wall remains built of stone and mud, registered in three buildings: the triclinium of the Episcopal Residence/Monastery, below and above the remains of the Large Basilica and in the North Portico, G. Cvetković-Tomašević documented even 4 levels of this type of construction. In some of her older articles, the author defined these remains as part of a so-called bondruck construction i.e. a wooden frame filled with mud brickor other type of material.With this, she specified this simpler construction culture with familiar traditional techniques of local character, known since the distant past and almost up until today.With careful analysis and defining their identity, as much as possible without the inaccessible technical, and other field or office documentation created during 25 years of archaeological research, it can be concluded that this type of construction is just a cheaper variant of the already known and with centuries practiced construction of opus incertum. Several buildings from the so-called Theatre square were also observed for an easier identification, and this lead to an additional clarification of some aspects of the development of this area, as well as the development of the Micro-dwelling unit built on top of the ancient theatre at Heraclea Lynkestis. The method of construction, despite the decline of the quality of the masonry and the way of living, according to the conclusive sentences, represents undisturbed continuity of a solid Early Byzantine culture, which roots are clearly distinguished in the Roman architectural, historical and cultural heritage. Due to that, the method has been fully identified as part of the Roman - Byzantine cultural tradition of Heraclea Lyncestis.

Библиографија