Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 175–180

Нумизматичка циркулација по долината на Брегалница во доцноантичкиот период

УДК 904:737.1(497.73)”652”DOI https://doi.org/10.55973/MAA2022175j

Територијата по долината на Брегалница претставува една поврзана целина составена од неколку микрорегии, каде централна географска положба зазема подрачјето на Општина Штип, кое регионално лежи на тромеѓето од котлините Овчеполска, Кочанска и Лакавичка. Во однос на археолошката истраженост, предметниот нумизматички материјал е регистриран на повеќе археолошки наоѓалишта, a, генерално, анализата покажа една состојба на археолошка припадност на локалитети, кои претставуваат населби, градишта, каструми, кастели, но и затворени гробни целини.1Во истражувањето се опфатени 328 примероци, во најголем дел, поединечни монетни наоди и еден колективен нумизматички наод2 со хронолошка рамка на ковничко емитување од почетокот на III до првата половина на V век. Извршена е анализа и толкување, третирана од повеќе аспекти и во неколку фази: распоред и учество на владетели; циркулација врз основа на учество на монетарници; циркулација според години на емитување и типологија. Сите статистички анализи покажаа една меѓусебна поврзаност, во својата хронолошка и типолошка идентификација.

Застапеноста на владетели бележи присуство на владетели и членови на нивните семејства (43) од неколку династии, почнувајќи од династијата на Северите (193-235), војнички цареви, владетели од периодот на тетрархијата (293-313), Константиновата, панонските владетели и Теодосиевата династија. Најголемо учество и ковничко емитување се емисиите на владетелите од Константиновата династија (142 пр., односно учество од 43,2%) со забележителен број на изданија на императорот Константиј II (337-361), владетел кому по смртта на Константин I му се доделени источните провинции Тракија, Мала Азија и Дакија, време, кога Илирик со диецезите Панонија, Македонија и Дакија припаѓаат на Централната префектура.3 Во дефинирање на вистинската партиципација на монетарници анализата покажа дека најголем процент доаѓа од монетарниците кои се територијално и административно најблиски, односно од централната префектура Италија-Африка-Илирик, понекогаш и префектурата Ориент, од каде всушност и било главното снабдување на централниот Балкан. Механизмот на дистрибуција е во рамките на диецезите и провинциите. Поединечно, тоа се монетарниците кои се територијално и административно најблиски, со најголема дистрибутивна моќ на монетарницата Тесалоника (диецеза Македонија), со вкупно 86 примероци или 31,9 % (од 275 монетни примероци со определена монетарница). Ако се погледне поединечниот распоред (табела 1) од табеларниот преглед може да се види дека во III век, ако го земеме како една целина, земајќи ја како датум Диоклецијановата реформа (294) и почетокот на тетрархијата, дека дел од монетарниците кои партиципираат, се од источните (Хераклеја, Тесалоника, Кизик, Антиохија, Сердика, Никомедија) со 80,32% учество, додека од централните,4 (Сисција, Аквилеја и Рим), постои учество од 27,8%. Од прва половина на III век во однос на останатите монетарници најголем број примероци (16), припаѓаат на монетарницата Виминакиј. Монетарницата правото на ковање го добива во почетокот на владеењето на императорот Гордијан III (238-244), истовремено со издигнување на градот во ранг на колонија.5 Доминира мислењето дека виминациската монетарница започнува со работа, во втората половина на 239г.,6 a престанува за време на римските императори Валеријан и Галиен (253-268).7 Продукцијата на оваа монетарница припаѓа на царскиот систем на строго контролирано ковање, условено од посебни потреби. Како ветеранска колонија во овој систем, таа претставува центар и упориште на римскиот елемент и едно од најзначајните упоришта во една периферна провинција.8

Фреквенција 196/251 251/85 294/313 313/37 337/48 348/61 361/75 378/83 383/95 395/423 423/50 Вкупно Монетарници Табела 1
Фреквенција 196/251 251/85 294/313 313/37 337/48 348/61 361/75 378/83 383/95 395/423 423/50 Вкупно Монетарници Табела 1

Колонија поврзана со источните, западните и јужните области на Римското Царство. Врз основа на ова, а и на многубројните наоди во повеќе провинции на Римското Царство, употребата на виминациската монета прво се поврзува со концетрацијата на војничките трупи и порастот на монетарната циркулација во источнобалканските земји во прва половина на III век.9 Од периодот на тетрархијата до прва половина на V век активни се 19 монетарници. Така, во тетрархискиот период постои доминација на источните монетарници со најголема застапеност на изданија од монетарницата Хераклеја (диецеза Тракија). Во периодот од 313-337 год., односно до смртта на римскиот император Константин I, во дистрибуцијата партиципираат 13 монетарници, од кои најголемо учество имаат централните, односно Тесалоника (18) и Сисција (10), со 59 примероци на монетни наоди.

Најголемото учество на монетарницата Тесалоника, на територијата од Брегалничкиот Регион, е во периодот кога постои најголем раст на циркулацијата и доток на пари, односно 348-361 год. (графикон 1).

Табела 2
Табела 2
Графикон 1
Графикон 1

Ковањето во 2 в. и прва половина на 3 в., главно се состои од сребрената парична единица денар, која во предметниот нумизматички материјал е застапена со 11 примероци, и мал број на главните деноминации на бронзеното ковање, кои биле вообичаени во првите два века, сестертиј и неговите фракции, дупондиј (половина сестертиј). Врз основа на каталошките податоци, сестертии, во најголем број припаѓаат на монетарницата Виминациум (16 пр.). Во втора половина на 3 в., голема застапеност бележи антонинијанот (31 примерок), фолисот (53 пр.) кој како номинал во оптек влегува со монетаранта реформа на Диоклецијан (294г.), емитиран од сите владетели на тетрархијата, неговите фракции (8 пр.), и само еден примерок на сребрената номинала аргентиј.

Во периодот по 313 г., евидентирани се деноминациите на бронзеното ковништво (196 пр.), кој во типовите на ова ковање во доцната империја, вообичено се опишани, односно нотирани како АЕ1, АЕ2, АЕ3, АЕ410, подредени по нивните димензии. Најголема застапеност бележи деноминацијата АЕ3 (51 пр.).

Интензитетот и тенденцијата на движење на монетниот оптек (графикон 1, табела 2) во одредени временски секвенци е различен и почесто е одраз на монетарната политика и извесните историски случувања во Римската Империја. Намален прилив и доток, особено е карактеристичен во периодот од крајот на II и III век, со мал раст на коригирана фреквенција (1,24), што покажува дека извесна циркулација постои, но таа е резултат на одредени моменти, односно присуство на римски војнички елемент, т.е. транзитен карактер на ова подрачје. Во периодот на тетрархијата постои раст на циркулацијата со тројно зголемена вредност (=3,21), а во прва половина на IV век постои една константа со вредност на коригирана фреквенција од 2,46-2,55, со еден постојан интензитет и состав на емисии со слична структура во својата хронолошка и типолошка идентификација. Циркулацијата има таков развој, што најголема циркулативна моќ се забележува во периодот од 348-361 год., со корегирана вредност од 4,8. Тоа е време по смртта на Константиј Гал и почетокот на владеење на последниот претставник на Константиновата династија, Јулијан (361-363). Во периодот од 361-375 год. во однос на предходниот период се забележува пад на циркулацијата која во натамошниот период постојано ќе паѓа. Вредноста на корегираната фреквенција изнесува 2,43. Во Римското Царство ова е период на нова монетарна реформа од страна на Валентинијан I и Валенс, кога имаме чисто бакарно ковништво. Во следниот период (378-383), до прва половина на V век, циркулацијата е во рамномерно опаѓање. Ова е време кога насекаде се чувствува пад на циркулацијата, тоа е време на несигурност на Балканот, судири со варварите, продорот во источните провинции на Хуните и смртта на Теодосиј II. Територијата на брегалничкиот регион, во ова време се наоѓа во состав на провинцијата Macedonia Secunda како дел од Источен Илирикум.11 Врз основа на целокупното толкување на нумизматичките податоци, односно на сите хронолошки и типолошки групирања проследни со археолошка заднина и територијалниот опсег на монетните наоди, на просторот по долината на реката Брегалница се добива една слика на монетна циркулација каде што можат да се издвојат неколку територијални целини. Како ареал на дисперзија, прва е областа на средното сливно подрачје на Брегалница, од нејзината лева и десна страна, долж речните токови на Масалница, Крива Лакавица и Овчеполска Река, како и одредени делови на планината Плачковица. Ова е областа која се наоѓа на тромеѓето од Овчеполска, Кочанска и Лакавичка Котлина. По неа следува подрачјето во горниот тек на река Брегалница, односно источниот крај на Брегалничката Долина, каде се наоѓа централниот дел на Малешево. Развојниот тек со својот карактер, јасно ги одразува и приликите во монетарната политика и историските случувања, кои имаат влијае во генералната нумизматичка циркулација. Во однос на реформите, во овој период, тоа се реформите на Аврелијан, Диоклецијан, реформите од 348 год. на Константиј II и Констанс, како и монетарната реформа на Валентинијан I и Валенс.

Од воено-историските настани овде треба да се споменат продорот на Готите и нивното повлекување по должината на реките Вардар и Морава, походот на императорот Галиен во 268 год., воениот судир на Константин I и Ликиниј кај Хадријанопол, за што постои мислење дека дошло до натрупување на војска покрај гранична линија која поминувала преку позициите на логорите кај Крупиште и Баргала, така што долината на Брегалница веројатно му овозможила на Константин I и по тој правец да навлезе во Тракија на исток.12 Во втората половина на IV век, свој одраз наоѓаат и низата административни промени и поделби во тек на целиот период на доцната антика. За циркулацијата на пари свој одраз, освен присуството на римскиот војнички елемент, секако е и транзитниот карактер на ова подрачје. Имено, просторната сместеност на овој крај е таква што овде се вкрстуваат повеќе значајни патни правци, коишто водат преку источниот дел на Република Македонија, кон Срдечката Висорамнина и долината на Струма, кон Повардарјето на југ и запад, како и на север кон Моравската Долина.

Белешки

  1. Локалитет Куново Чуки, с. Оризари; локалитет Батулица, с. Црвулево; локалитет Врпка, с. Таринци, локалитет Бориловски Рид; локалиет Гробишта Чукарки, с. Суво Грло; локалитет Баргала, атар на с. Горачино; локалитет Грамадје, с. Владимирово, локалитет Рџова Чешма, с. Двориште и многу други. ↩
  2. Колективен нумизматички наод од лок. Батулица, с. Црвулево, со 87 пр., од кои 21 читливи (Сандева Г, 2000, 49-55) ↩
  3. Lemerle P., 1954, 266. ↩
  4. Поделбата на монетарници и тетрархискиот систем: Sutherland C.H.V.., 1967, 7-68. ↩
  5. Борић-Брешковић Б., 1986, 123, 124. ↩
  6. Dušaniċ S., 1976, 53. ↩
  7. Pick B., 1898, 23; Според Орлов монетарницата прекинува со емитирање во 256 г., Орлов Г., 1958, 281, а според други во 254/255 г., Борић-Брешковић Б., 1986, 123. ↩
  8. Душанић С., 1961, 146. ↩
  9. Boriċ-Breškoviċ B., 1983, 69, 70. ↩
  10. Ph. Grierson - M. Mays, 1992, 39; Кај Cohen, истите се објаснети како GB (голема бронза), MB (средна бронза), PB (мала бронза) и PBQ (мала бронза-квинариус), Cohen H., 1955. Овој нумерички систем е подржан и од Perse и Mickwitz, со традиционалнот нотирање GB=AE1, MB=AE2,PB=AE3 I PBQ=AE4 (Ph. Grierson and M. Mays 1992, 40. ↩
  11. Lemerle P., 1954, 267. ↩
  12. И. Микулчиќ, исто така ја споменува т.н. Трачка зона (царинска), која го опфаќала источниот дел на Балканскиот Полуостров, а на просторот од Република Македонија, регионот на Средна и Горна Брегалница и долината на Крива Река. Граничната линија водела по планинскиот венец на Козјак-Манговица-Плачковица-Малешка Планина. Микулчиќ И., 1999, 282. ↩

Summary

Numismatic Circulation into the Bregalnica Valley in the Late Antiquity

The numismatic material subject of this paper, registered at most of the archaeological sites in the Bregalnica region, consists of 328 samples with a chronological span of coinage issued from the beginning of the 3rd to the first half of the 5th century CE. The development, intensity and tendency of movement of the monetary flow in certain time sequences of the Late Antiquity differs, and most often it is a reflection of the monetary policy, the transit character and the presence of the Roman military element followed by the contemporary historical events in the Roman Empire. The largest increase in circulation and supply is recorded in the period between 348 and 361, with the largest participation and distributive power of the Thessalonica mintwith dominance of the issues of the Constantine dynasty. Based on an overall interpretation of the numismatic data, followed by archaeological background and territorial range of the monetary finds, we can distinguish several micro regions where the middle valley of Bregalnica is distinguished as a dispersionarea.

Библиографија