Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 171–174
Надгробен споменик од Исар-Марвинци
Споменикот за кој ќе стане збор во овој труд е откриен на т.н. римска некропола во текот на ископувањата во 2009 година.1 Бил поставен како покривна плоча врз гробот 2568 меѓу двата дела од споменикот објавен во Maced. acta archaeol. No. 202 (сл. 1). При поставувањето врз гробот се чини дека бил цел. Преломите настанале подоцна.
Споменикот претставува правоаголна плоча во форма на наискос со плиток забат и акротерии. Димензии: вис. 88 cm, шир. 65 cm, деб. 9 cm.
Во вдлабнатото неправилно правоаголно поле претставени се во релјеф бисти на шест лица - две жени и четворица мажи.
Во горниот ред, лево, како маркантна фигура прикажан е маж со кратко потстрижана коса која полукружно го врамува челото, оставајќи ги ушите видливи. Обликувана е во ситни праменчиња исчешлани во разни правци. На ист начин е третирана и брадата. На очите се забележуваат зеници со ирисот.
Од спротивната страна, десно, прикажана е жена во средни години како пандан на мажот. И тука се работи за допадлив лик. Косата ѝ� е исчешлана на патец од кој лево и десно е моделирана во крупни бранови, при што ушите се видливи. Како и кај мажот, цртите на лицето се правилни, а очите се прикажани со ирис и зеници.
Меѓу овие два лика прикажана е жена во нешто помали димензии. И таа има иста фризура како претходната, но моделирана на начин кој ги прикажува брановите на косата позбиени еден до друг. Таа е нешто повозрасна од жената горе десно.
Во долниот ред се претставени три машки лика. Сите тројца наликуваат еден на друг. Кај сите косата е моделирана на ист начин, во куси праменчиња исчешлани во разни правци. Тоа се млади луѓе прикажани без брада, со исти потези во обликувањето на деталите на лицето. Кај сите се назначени ирисот и зениците на очите.
Облеката кај сите личности е прикажана so впечатливо шематизирани потези. Двете жени се облечени во хитон со префрлена и заоблено обликувана наметка. Мажите носат хитон врз кој е химатионот со вертикални оформени фалти. Се има впечаток дека ликовите ги изработил еден мајстор, а облеката друг.
Кај сите мажи на споменикот се забележува воопштеност во приказот на физиономиите. Тоа се допадливи ликови, но без видливи индивидуални особености. И покрај тоа, кај сите нив се забележува една црта која може да ја сметаме како отменост. Ова особено се однесува за мажот горе лево. Овие особености можеби треба да ги сфатиме како да се работи за угледно, аристократско семејство. Но, во исто време, треба да се има предвид умешноста на уметникот кој создал вакви допадливи ликови, но без видливи портретни особености. Всушност, тоа е карактеристика на мајсторите каменоресци кои изработувале споменици за своите клиенти, при што не е водена посебна сметка за определени индивидуи со лични портретни особености. Во случајов се работи за уметник кој имал свој стил во прикажувањето на ликовите со рутинска изведба, индивидуална техника и стил.
Третманот на деталите во обликувањето на ликовите, приказот на брадата кај мажот, фризурата кај жените, како и општиот впечаток на стилот, дозволуваат споменикот да го датираме во периодот на Антониј Пиј или незначително подоцна.
Нашиот лик горе лево би можел да се спореди со машките ликови на надгробниот медалјон од Гевгелија, кај кој се забележуваат извесни сличности во изразот на лицето, како и третманот во приказот на деталите.3
Под фигурите е вделкан следниот грчки натпис:
Натписот соопштува дека Гаијанос Епиктунос подигнал споменик на својата жена.
Семејните надгробни споменици на кои се прикажани повеќе ликови се јавуваат како маркантна појава во Македонија во текот на раноцарскиот период. Значителен број е откриен на територијата на Солун, по течението на реката Струма, како и долното Повардарје на просторот од Република Македонија. Наодите од овој вид откриени на Исар-Марвинци и соседните локалитети, според своите уметнички вредности не заостануваат зад другите наоди од овој вид во регионот. Оваа појава секако одразува афинитет кон приказ на роднински поврзани ликови и извесно културно единство кое е произлезено од уметничките школи кои во тоа време делувале на овој дел од Македонија.
Белешки
- Ископувањата на римската некропола на Исар-Марвинци се изведувани 2009 година под раководство на Цоне Крстевски. ↩
- Соколовска В. - Крстевски Ц., 2011, 275-281. Гробот 2568 врз кој е најден овој споменик е датиран со монети на Гордијан III (238-244) и Галиен (253-268). ↩
- Соколовска В., 1987, No. 32, Т. 18, 1. Види и: Вулиќ Н., 1931, 55, No. 120. ↩
Summary
Funerary Monument from Isar Marvinci
The monument depicts six persons, two women and four men, certainly members of one family. Their portraits do not have individual characteristics and they belong to the series of anonymous persons, a manner frequently present in the Early Imperial period in Macedonia. The style of the workmanship suggests the time of Antoninus Pius or somewhat later, which is also implied by the comparison with the funerary medallion from Gevgelija (See footnote 3).
The family funerary monuments with depictions of multiple persons are typical for the Early Imperial period in Macedonia, in the regions of Thessaloniki, the Middle Struma Valley, and the Lower Vardar Valley. They appear in the form of medallions, well known in the history of portrait art in Macedonia, and they can also be rectangular, in the form of naiskos, such as our monument.
Under the relief, there is an inscription which informs that the monument was erected by Graianos for his wife.
Библиографија
- Dimitrov D., 1946, Steles Funeraires en forme de Medillon dans la Valle de la Strouma Moyenne a l`époque Romain, Годишник на Софискија Универзитет, Tome XLI (1944/45), Софија 1946, 1-59.
- Соколовска В. - Крстевски Ц., Надгробен споменик од Исар-Марвинци, Валандово, Maced. acta archaeol., No. 20. Скопје 2011, 275-281.
- Rusch A., 1969, Das Kaiserzeitliche Portrat in Makedonien, Jahrb. 84, 1969, 59-196.
- Соколовска В., 1987, Античка скулптура во СР Македонија, Скопје.
- Вулиќ Н., 1931, Антички споменици наше земље, Споменик 71, 1931, Београд.