Macedoniae acta archaeologica 22 (2020) · стр. 9–28
Нови сознанија од третиот културен хоризонт на неолитската населба Тумба Маџари, Скопје
Содржина
- Прелиминарни информации за резултатите од археолошките истражувања
- Резултати од анализата на палеоботаничкиот материјал
- Резултати од анализата на археозоолошкиот материјал
- Хронологија на Тумба Маџари (резултати од првите AMS14C анализи)
- Археолошки истражувања во 2012 година
- Погребување (остатоци од детски скелет)
- Движен археолошки материјал (археолошки истражувања во 2012 година)
- Садови
- Предмети со т.н. култни карактеристики
- Останат движен археолошки инвентар
- Заклучни согледувања
Со почетокот на новиот милениум локалитетот Тумба Маџари во Скопје продолжи да го предизвикува археолошкиот интерес на матичната институција, Музејот на Македонија. Научен интерес за овој локалитет покажа и Националниот центар за научни истражувања (CNRS) од Париз во рамките на проектот за неолитот во Југоисточна Европа. Ваквиот интерес придонесе за создавање заеднички проект меѓу овие две институции, кој се реализира во периодот од 2002 до 2005 година.
Целта на овој проект паралелно со археолошките ископувања, бил фокусиран и кон климатските услови во регионот во VI милениум пр. н.е, пејзажот, локацијата на населбата Тумба Маџари во алувијалната тераса на реката Вардар, како и нејзиното социо-економско значење во однос на другите неолитски зедници во Скопската Котлина. Проектот е реализиран под раководство на д-р Катрин Команж од CNRS, во кораководство со стручни лица од надлежната институција, Музејот на Македонија, како и Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофски факултет во Скопје.
Систематските археолошки ископувања во тој период се одвиваа во нов простор, каде се потврди веќе определената стратиграфија на населбата од времето на средниот неолит, која културно ѝ� припаѓа на групата Анзабегово-Вршник (II-III). Движниот археолошки материјал, особено оној кој ги носи карактеристиките на култен, по своите уникатни уметнички интерпретации, е уште една потврда за издвојување на материјалната култура на оваа населба како специфична во рамките на Анзабегово-вршничката културна група, но и нејзино издвојување од кругот на соседните култури во поширокиот регион, особено Старчевачката културна група.1
Прелиминарни информации за резултатите од археолошките истражувања
во рамките на француско-македонскиот проект, 2002-2005 година
Од реализираните активности во овој археолошки проект, се задржуваме само на основните прелиминарни информации со кои располагаме додека се подготвува овој труд. Тие се однесуваат на определување на стратиграфијата на населбата, архитектурата, делумно на движниот археолошки материјал, резултатите од некои мултидисциплинарни истражувања, како од областа на палеоботаниката, археозоологијата и апсолутното датирање.2
Со систематските археолошки ископувања бил опфатен просторот во кв. Е1/Е5, D1/4, C1/ C3, B1 во рамките на новата востановена квадратна мрежа. Со цел да се добие поцелосна слика за стратиграфијата, односно културниот слој на населбата, направени се и пробни ископувања во кв. С5 во кои се издвоени четири нивоа на градежни активности: (IVB-A235.43/235.37 m - 235.07/234.85 m; III234.6/234.2 m; IIB/A 234.2/233.7 m; I 233.7/233.2 - 239.97 m).
Архитектура (недвижен инвентар со покуќнински карактер)
Остатоците од куќен лепеж ја карактеризираат архитектурата како станбена, односно евидентирани се делови од живеалишта за секојдневно живеење. Во однос на нејзиниот внатрешен недвижен инвентар, најдени се структури со покуќнински карактер (печки, огништа, како и кружни, елипсовидни и правоаголни реципиенти, веројатно со фунција на складишта). Во фокусот на овој труд се остатоците од архитектура во просторот на кв. Е1/Е2, D1/2, C1/C2, B1, каде подоцна во 2012 година се продолжи со нови археолошки ископувања.
Меѓу недвижниот покуќнински инвентар во кв. D1 се издвојува една структура (701), која е истражувана во неколку сезони (2002/03, 2012 година) и за неа постојат информации во однос на нејзината морфологија, употребуван материјал и начин на градење.3 Таа е со долгнавеста елипсовидна форма и зачувани оградни ѕидови (сл. 1). Користена е белузлива глина како градежен материјал, која е користена и за градење на останатиот недвижен инвентар најден во опкружувањето. Во текот на употребата, оваа структура е неколкупати обновувана. Нејзините зачувани димензии се: должина 1,85 m, ширина 0,90 m, висина и пречник на ѕидовите 0,30 х 0,10 m. Дното во оваа елипсовидната структура е со набиена компактна земја. Основата, односно супструкцијата е исполнета со речни камења, фрагменти од керамички садови. Во неа е најден фрагментиран сад со топкалеста форма - грне. Од страна на истражувачите оваа елисповидна структура е детерминирана како простор, односно складиште и како нејзина најблиска аналогија во однос на формата, наоѓаат во инвентарот на куќата 1 од Зелениково,4 но со таа разлика, што оваа структура нема придружни објекти.5
Во непосредна близина на оваа елипсовидната структура (701), во просторот на кв. D2, се најдени остатоци од уште една структура определена како огниште (713). Овие две структури, веројатно со покуќнински карактер, се дел од една целина и според истражувачите имале заедничка намена. Во просторот на кв. Е1 е откопана структурата (970) со делумна правоаголна форма и зачувани димензии: должина 0,8 m, ширина 0,45 m, висина 0,12 m (сл. 2). Од неа е зачуван фрагмент од ѕид со брановидна декорација изведена во релјефна техника (сл. 3). До оваа структура најдени се и две камени мелници. Остатоци од нова структура, работно наречена печка (940), е најдена во овој истражуван простор.6 Овој објект е делумно со квадратна форма и зачувани димензии: 0,8 х 0,9 х 0,30 m. Основата, односно супструкцијата на овој објект била исполнета со парчиња од кварц и набиена земја. Во текот на археолошките ископувања евидентирана е уште една структура (801) во меѓупросторот на кв. D1-C2. Нејзината основа е со правоаголна форма и зачувани димензии: 0,8 х 0,9 х 0,13 m. Супструкцијата на оваа структура е полнета со речни камења, кварц и земја. Дното било покриено со прашеста земја.
Во средишниот дел на кв. C1 се најдени остатоци од структурата (803), која имала кружна форма и зачуван пречник 1,20 m. Нејзината функција е објаснета како огниште/печка. Овде е најден и еден помал фрагмент од куќен лепеж во форма на арка. Овој фрагмент веројатно бил дел од оградниот ѕид на оваа структура, објаснета како огниште/печка. Во непосредна близина на оваа структура се најдени неколку парчиња од жртвеник - модел на куќа со божица Голема Мајка, односно антропоморфен модел на куќа. Тие се дел од торзо и една рака со приказ на белегзии (сл. 4). Како дополнување на наодите од движниот археолошки материјал се и неколкуте мониста изработени од црна камена суровина.7 Под оваа структура се најдени остатоци и од јагленисано семе.
Во археолошката сезона 2002/03 година, но и подоцна во 2012 година, во просторот на кв. C2 се истражувани неколку јами, односно структури кои претставувале еден комплекс, веројатно со функција на складишта8 (сл. 5). Едната од овие структури (904) со кружна форма ги има следниве димензии: пречник 1,10 m, длабочина 0,9 m (сл. 6). Подоцнежна градежна интервенција е евидентирана на оваа структура. Во нејзиниот внатрешен простор е најдено лежиште од столб, со пречник 0,18 m и длабочина 0,25 m. Во внатрешноста на оваа структура е забележана прашеста земја, темна по боја, мешана со органски материи. Во неа се најдени и неколку фрагменти од керамички садови и 2 коскени алатки. Отворот на оваа структура е забележан на нејзината северозападна страна. Димензиите на отворот се со должина 0,9 m и ширина 0,4 m. Друга кружна структура (952) која била дел од истата целина е со димензии: пречник 0,62 m - 0,70 m и длабочина 0,32 m (сл. 7). Отворот на оваа структура е со овална форма. Внатрешниот простор на оваа структура бил исполнет со жолтеникава земја, без наоди. Еден полукружен фрагментот од ѕид бил показател за постоењето на уште една слична структура (989) со зачувани димензии: пречник 0,76 m и висина 0,4 m. Лежишта од столбови се забележани околу овие структури, како и во просторот именуван како платформа (962) и (945), како и во подот (991). Структурата именувана како платформа (945) е со делумна правоаголна форма и зачувани димензии: 1,12 х 1,27 m и висина 0,62 m. Најверојатно овој комплекс со кружните структури бил наменет за чување на некои прехранбени добра. Паралелно со ископувањата во овој простор се земени и примероци од содржината од овие структури за микро-морфолошки анализи и за фитолити.
* * *
Значењето на овој меѓународен проект е особено важен заради изведените мултидисциплинарни истражувања во областа на геологијата, седиментологијата, географијата, палеоботаниката, археозоологијата, апсолутното датирање, литичката индустрија и керамографијата од оваа населба. Дел од добиените прелименарни резултати од овие истражувања ги претставуваме во овој текст, заедно со резултатите од некои други анализи направени во подоцнежните истражувања во 2012 година.
Резултати од анализата на палеоботаничкиот материјал
Со цел да се добијат дополнителни информации за стопанските активности, како земјоделството, но и за исхраната на населението од оваа населба, во рамките на овој проект се направени и анализи на палеоботаничкиот материјал (семиња и плодови).9 Резултатите од анализите на палеоботаничкиот материјал најден во периодот од 2002-2005 година се компатибилни со досегашните сознанија за растителните култури во другите неолитски населби на територијата на Македонија.10 Најголемиот дел од анализираните семиња припаѓаат на двозрнестата пченица (Triticum dicoccum). Издвоени се и семиња од јачмен (Hordeum vulgare var. nudum), како и некои видови плевел. Примероците од ореви, дренки (Cornus mas) ги објаснуваат активностите на берба на населението од оваа населба. Издвоени се и зрна од грашок (Pisum sativum) и други мешункасти растенија како семе од родот Vicia, односно граорица (народен термин). Семе од граорица (Vicia spp.) е најдено во близина на детски скелет, кој е откриен во археолошките ископувања во 2012 година.11 Семето од Vicia има големо економско значење кое, главно, е користено како сточна храна, но исто така тоа може да биде користено и за медицински цели.
Резултати од анализата на археозоолошкиот материјал
Во согласност со мултидисциплинарните истражувања на овој проект, извршени се и археозоолошки анализи, односно обработени се 833 примероци од животински коски.12 Десет животински видови се определени во текот на идентификацијата. Тие се: коза (Capra hircus), овца (Ovis aries), говедо (Bos taurus), свиња (Sus domesticus) и куче (Canis familiaris). Како најзастапен претставник на дивите видови животни е еленот (Cervus elaphus). Некои примероци на животински коски припаѓаат на дивите свињи (Sus scrofa), ежот (Erinaceus europeus), птици, глодари, на пр. крт (Spalax sp.). Генерално, опстанокот на населението во Тумба Маџари се поврзувал со одгледување овци и кози, но исто така и говедото заземало значајно место според бројот на примероците.
Во рамките на проектот Најстарите земјоделски агломерации во Македонија се направени првите археозоолошки анализи во Тумба Маџари, на остеолошкиот материјал од куќите 1-4 и нивното опкружување.13 Резултатите од анализите на остеолошкиот материјал од куќата 5 се подоцна објавени.14 Анализата на истиот материјал најден во истражувањата на Тумба Маџари во периодот на 2007-2013 година е во тек.
Хронологија на Тумба Маџари (резултати од првите AMS14C анализи)
Примената на лабораториските анализи, како C14, AMS - Accelerated Mass Spectrometry методот за утврдување на апсолутната хронологија на населбите од неолит на територијата на Македонија, за жал, cè уште не е на посакуваното научно ниво. Ретки се археолошките проекти каде имало можности, особено финансиски да се направат вакви анализи. Како што е веќе споменато, ползата на овој меѓународен проект е и обидот за определување на хронологијата на населбата.
Овде ги пренесуваме добиените прелиминарни резултати од лабораторијата за радиокарбон во Познан, Полска во 2007 година, од двата анализирани примерока од јаглен, земени од пепелест слој од нивото I и IIB, во кв. C5, именувани како Poz 18686 и Poz 18685.15 Poz 18686 (233.46м): 7110+-40 ВР; 68,2% веројатност на точност: 6030 (50.9%) калибрирање 5970 пр. н.е., 5950 (17,3%) калибрирање 5920 пр. н.е. Poz 18685 (234.03м): 6970+-40 ВР; 68,2% веројатност на точност: 5970 (1%) калибрирање 5950 пр. н.е., 5900 (67,2%) калибрирање 5780 пр. н.е.
Според овие AMSC14 дати, првото населување на просторот од Тумба Маџари се случило кон крајот на раниот неолит, односно кон крајот на VII милениум пр. н.е. и почетокот на средниот неолит, во VI милениум пр. н.е. Потврда или корекција на овие резултати за хронологијата ќе следат со натамошните анализи на нови примероци од органско потекло.16
Археолошки истражувања во 2012 година
Отсуството на информации (извештаи, техничка и фотодокументација) за претходно наведениот истражуван простор во Тумба Маџари, како дел од споменатиот меѓународен проект (2002-2005),17 беше повод во 2012 година да се извршат дополнителни археолошки истражувања со ревизионен карактер. Паралелно со ова, се продолжи и со нови ископувања во интактното ниво од третиот културен хоризонт во неолитската населба Тумба Маџари.18 Ископувањата продолжија на просторот од кв. Е1.2, D1.2 и C1.2 и B1 и нивните контролни профили (10 х 20 m) во согласност со новата востановена квадратна мрежа.19 Новите ископувања кои започнаа на длабочина од 0,50 и завршија на 0,90 m се од денешното ниво на земјата (кв. D2) (сл. 8).
Архитектура (недвижен инвентар со покуќнински карактер)
Со продолжување на археолошките ископувања во кв. Е1/2 и D1/2 се потврди постоењето на нова куќа (работно именувана куќа 10), во рамките на среднонеолитскиот културен слој од третиот хоризонт на населбата (сл. 9). Во досегашниот истражуван простор на населбата, во периодот од 1981 до 1998 година, утврдени се основите на 8 куќи од третиот хоризонт и една куќа во вториот хоризонт. Периметарните граници на новата куќа (која започна да се истражува во текот на споменатиот меѓународен проект), делумно се дефинирани само на нејзината северна и источна страна.
Малиот број евидентирани лежишта од столбови - носачите на основната конструкција на куќата, ја отежнува перцепцијата, со сигурност да се определат нејзините надворешни, но и внатрешни/ преградни ѕидови, доколку куќата имала повеќе простории. Поголемите делови од куќен лепеж и правецот во кои тие се најдени (север-југ и исток-запад) на некој начин ги определуваат границите на надворешниот северен и источен ѕид на новата куќа. Должината на северниот ѕид е 7 m, а на источниот ѕид е 6 m. На краевите од северниот ѕид на куќата се најдени неколку лежишта од столбови со пречник од 0,20-0,27 m. Меѓу нив се најдени и мали јамички со
пречник 0,06-0,08 m наредени во
правец исток-запад. Овој северен ѕид на куќата е лоциран на 0,50 m растојание од спомената елипсовидна структура (701), која се доистражи во 2012 година. Дополнителни информации за користениот градежен материјал и начин на градење на куќата, како и за недвижниот инвентар се добиени од неколкуте фрагменти куќен лепеж на кои се забележани отпечатоци од дрвени штици. Воедно, најдени се и фрагменти лепеж на кои има врежано брановидни линии и отпечатоци од втиснувања со прсти (T.I). Овие фрагменти ја дополнуваат сликата за архитектонската декорација и веројатно биле дел од ѕидовите на недвижниот инвентар во оваа куќа.
Во внатрешниот простор на куќата, во нејзиниот северозападен дел, во кв. D1, евидентирана е една структура со делумно елипсовидна форма со должина 1,10 m и ограден ѕид со зачувана висина 0,10 m. Во внатрешноста на оваа структура не е најден органски или археолошки материјал. Јужно од неа е најдена друга структура со зачуван полукружен ѕид со пречник од 0,20 m. Виси-
ната на ѕидот е 0,18 m со пречник од 0,07 m.
Во нејзиниот внатрешен простор е најдена една мала керамичка чаша (сл.10). До оваа полукружна структура е најден фрагмент од ѕид со отпечатоци од штици и веројатно гранки.
Источниот ѕид на куќата веројатно е потврден преку големата концентрација на паднат куќен лепеж нареден во правец север-југ. Спротивно од оваа концентрација на лепеж, од источната страна, во останатиот простор на кв. Е2 не се најдени други архитектонски делови од куќата. Се добива впечаток дека периметарниот ѕид на куќата е определен преку овие фрагменти куќен лепеж. Во останатиот, односно слободниот простор на овој квадрат, најдени се неколку лежишта од столбови кои не се поврзани меѓу себе и една поголема јама со пречник од 0,70 m, без наоди.
Североисточно од новоопределената куќа, во КП на кв. D2 и C2, се забележани две јами. Едната, поголемата е со должина 1,40 m и има издолжена форма. Во неа се најдени неколку животински коски, парчиња куќен лепеж, измешани со земја. Втората, соседна јама е со должина 0,70 m. Во неа нема наоди. До нив, меѓу остатоци од развлечен лепеж, е најдена една минијатурна животинска фигурина без глава која наликува на прасе (?) (T.II.1).
Во просторот на кв. C1 и КП на кв. C1/C2, на растојание од 5 m, од северната страна на куќата се најдени и други големи фрагменти куќен лепеж. Меѓу нив е и мал остаток од полукружно ѕитче. Овде е забележана и концентрација од 15-ина мали јамички со пречник 0,06-0,08 m. Околу нив најдени се и лежишта од столбови со пречник 0,20 m, наредени во полукруг (сл. 11). Во една плитко вкопана јама со пречник од 0,30 m е најдено е јагленисано семе кое подоцна беше анализирано.
Погребување (остатоци од детски скелет)
Значајно откритие во археолошката сезона во 2012 година е наоѓањето хуманоидни остатоци. Во просторот на кв. C1, западно од археолошкиот контекст со јамички-лежишта од помали колци, покрај еден аморфен камен со должина 0,27 m и под еден помал откршен камен со должина 0,13 m, најден е нецелосен детски скелет (сл. 11). Од черепот е зачуван само левиот агол на мандибулата. Од посткранијалниот скелет недостасуваат коските на десното рамо, десниот подлакт, коските на дланките и стапалата. На скелетот не се откриени никакви епигенетски варијации, ниту паталошки траги. Според извештајот од антрополошките анализи, засега не може да се утврди дали станува за новороденче или повозрасен фетус (предвремено родено бебе?).20 Положбата на телото не може да се утврди. Се добива впечаток дека станува за дополнително, секундарно погребување, односно ексхумација, веројатно, како обреден чин кон починатото дете.21
Од западната страна на детскиот остеолошки материјал се најдени неколку фрагменти од керамички садови, а меѓу нив се препознава формата на аскос, неколку животински коски и рогови. Фрагментирана керамичка белегзија е најдена југоисточно од местото (0,40 m), каде што се најдени коските од бебето (T.II.2). Белегзијата е најдена под една мала групација камења и фрагменти керамика.
Генерално, податоците за погребувањето во неолитот на територијата од Македонија се скромни. Засега постојат информации за антрополошките скелети или делови од скелетот, најдени само во просторот на неолитските населби, во Барутница, с. Амзабегово;22 Говрлево, с. Церје;23 Писта, с. Мамутчево;24 Грнчарица, с. Крупиште.25 Првите информации за погребувањето во Тумба Маџари потекнуваат од 1984/85 година за време на истражувањето на куќата 4, која хронолошки припаѓа на третиот културен хоризонт од средниот неолит на населбата.26 Имено, покрај нејзиниот јужен ѕид е откриено погребување на мало дете на возраст од 3-4 години (T.III.1). При истражувањата од 2008 година, во Тумба Маџари, на простор меѓу развлечени недефинирани остатоци од куќен лепеж кои припаѓаат на архитектурата од вториот културен хоризонт на населбата е најдена мандибула27 од женска индивидуа на возраст од 40 години28 (T.I II.2).
Движен археолошки материјал (археолошки истражувања во 2012 година)
Садови
Од движниот археолошки инвентар вообичаено најзастапена е фрагментираната садова керамика. Според изработката, односно фактурата на керамиката, најзастапена е т.н. груба и средна, а фината е помалку застапена. Од оваа керамика најзастапени се садовите со мали и средни димензии. Фрагменти од поголеми садови кои се дел од домаќинството на речиси секое семејство се ретко најдени. Меѓу фрагментите од керамички садови, најмногу се евидентирани деловите од средишниот дел на садовите, а многу поретко устијата и дната од садовите.
Само еден мал дел од фрагментираните садови се декорирани (T. IV), и тоа најчесто со барботин техника. Разредената глина врз ѕидовите на садовите е нанесена како тенок слој во т.н. неорганизиран уметнички стил, а многу поретко во препознатливи форми како линии и аркади. Ретко се забележува и декорацијата која е изведена со втиснување, односно врежување со остар предмет, како и со нокти, во влажните ѕидови на садовите. Исто така, малку се забележува изведбата на декорација со пластична лента, аплицирана на рамото од садот или над држалките, и во неа се втиснати орнаменти со елипсовидна форма. Дното на садовите е ниско, рамно и полно. Устијата се благо извиени нанадвор. На еден фрагмент од сад, на устието од внатрешната страна, е забележан конусовиден додаток.
Фрагментите од садови со т.н. средна фактура, се изработени од прочистена глина и истата е добро печена. Во однос на колоритот преовладува окерот, поретко темнокафеавата или црна боја. Керамичките фрагменти најчесто се од садови со средни димензии, ретко се од поголеми садови. Се препознаваат неколку фрагменти од аскоси и садови со грневидни форми. Ретко се најдени фрагменти од садови со декоративни орнаменти. Држалките најчесто се со лентеста форма, не многу широки, и најчесто се хоризонтално позиционирани (T. IV). На некои од нив се забележуват и канелури. Држалките со вретенеста форма се ретки.
Фината керамика е претставена преку неколку фрагменти од садови со сликана декорација (T.V). Ѕидовите на овие садови имаат светлоцрвена и многу поретко темноцрвена боја. Се среќават и неколку фрагменти со црна полирана површина. Печењето е квалитетно изведено на висока температура. Најзастапени се фрагментите од пехари, но се среќаваат и фрагменти од амфори. Декорацијата е изведна со темнокафеава боја врз светлоцрвена основа, со орнаменти познати за сликарскиот репертоар од среднонеолитскиот културен слој во оваа населба и Анзабегово-вршничката културна група II и III. Тие имаат форма на шрафирани триаголници и се позиционирани под устијата на пехарите, потоа претстава на снопови со паралелни вертикални линии и ретко стилизирани флорални орнаменти. Дел од устијата на садовите се декорирани и од внатрешната страна. Нозете на садовите - пехари не се многу високи, делумно се со средна висина, поретко ниски и се празни. Меѓу керамичките садови се забележуват неколку фрагменти со црна полирана површина, и со т.н. цуцлести држалки односно апликации. Устијата се рамни, ретко благо извиени нанадвор.
Предмети со т.н. култни карактеристики
Меѓу движниот керамички инвентар со култна намена, евидентирани се неколку фрагменти од жртвеници - модел на куќа со божица Голема Мајка, односно антропоморфен модел на куќа. Фрагментите припаѓаат на долниот дел на жртвеникот, од куќата. Во контекст на оваа категорија предмети го споменуваме и добро зачуваниот антропоморфен цилиндар од овој тип жртвеници со висина од 14 cm (T.VI.1). Тој е најден во внатрешноста на куќата во близина на споменатата елипсовидната структура (701), истражувана во рамките на меѓународниот проект.29 Меѓу керамичкиот материјал се евидентирани и неколку фрагменти од жртвеници од типот масички. Во текот на новите ископувања, надвор од куќата, најдена е една мала женска фигурина со столбовидна форма (T.VI.2), како и претходно споменатата минијатурна животинска фигурина без глава (T.II.1).
Останат движен археолошки инвентар
Меѓу керамичките наоди се издвојуваат неколку тегови и макари, веројатно како дел од процесот на текстилното производство во населбата. Откриен е и еден керамички печат, кој по својата форма и декорација засега е единствен меѓу печатите од овој локалитет (T.II.4). Од категоријата накит се издвојуваат фрагменти од керамички белегзии и камени мониста (T.II.2,3,5). Од литичката индустрија се најдени неколку мали и големи камени алатки со кафеава и сива боја (T.VII.1). Тие се ножиња, секири, толчници. Кружните камени плочки и еден примерок на т.н. тег или претстава на стилизирано женско торзо, го дополнуваат овој репертоар на движен археолошки инвентар (T.VII.2). Фрагментираните камени мелници, меѓу нив и една зачувана (сл. 12) со поголеми димензии најдена во превртена положба, говорат за процесот на обработката на житарките или друг органски материјал, но можеби и за некои обредни активности во населбата.
Во археолошките ископувања е откриен многуброен остеолошки материјал од животинско потекло, како и алатки за секојдневна употреба. Ретко се најдени целосно зачувани алатки, како, на пример, гладилки, односно спатули-длета (T.VII.3).
Заклучни согледувања
Со археолошките ископувања, реализирани во периодот од 2002-2005 и 2012 година, се добиени дополнителни сознанија за животот во населбата во Тумба Маџари, конкретно, за нејзиниот трет културен хоризонт кој припаѓа на среднонеолитскиот период во рамките на Анзабегово-вршничката културна група (II-III).
Во рамките на населбата е евидентирана нова куќа (работно именувана како куќа 10) на која делумно и се определени периметарните граници. Во нејзиниот внатрешен простор се најдени структури кои, пред cè, се со покуќнински карактер.
Како и во сите претходно истражувани куќи во Тумба Маџари, така и во оваа, но и во околниот простор кој е истражуван во изминатите години, се откриени поголеми или помали фрагменти од керамички предмети за кои археолошката наука, генерално, е согласна дека ја имале функцијата на жртвеници. Честото откритие на овие жртвеници, именувани како претстави на божицата Голема Мајка или антропоморфни модели на куќи, остава впечаток дека овие предмети на некој начин биле дел од задолжителниот, но и омилениот движен инвентар на жителите во оваа неолитска населба.
Археолошката ситуација со комплексот на кружни јами, односно структури, е особено интересена затоа што веројатно дава информации за начинот на чување на некои прехранбени добра во рамките на населбата. Начинот на чување, односно објектите во кои е чувана храната, особено житарките, е една од примарните потреби и предизвици на предисториските заедници. Слична археолошка ситуација со јами за кои се претпоставува дека ја имале истата функција се евидентирани и во локацијата Чаушов Камен, како дел од доцнонеолитска населба кај с. Ангелци.30 Во контекст на оваа проблематика ги споменуваме т.н. композитни објекти од Тумба Маџари, кои имале квадратни, правоаголни, кружни и елипсоидни реципиенти (во куќа 6 од хоризонт III и во куќата од хоризонт II, истражувана во 2007/08 година), како и од локалитетот На Брег, с. Старо Нагоричане.31
Остатоците од детски скелет откриени надвор од границите на куќа 10, ги дополнуваат скромните сознанија за погребувањето во населбата Тумба Маџари и, генерално, во неолитот на територијата од Македонија.
Прелиминарните резултати од анализата на палеоботаничкиот материјал се во прилог на информациите за стопанските активности, како земјоделството, но и за исхраната на населението од оваа населба. Во текот на археозоолошките анализи се идентификувани десет животински видови.
Почетоците и развојот на животот во населбата, генерално, се определени според стратиграфските податоци, односно движниот археолошки материјал добиен во истражувањата. Во овие два археолошки проекти не е евидентирана керамика со орнаменти сликани со бела боја. Оваа керамика, на некој начин cè уште е хронолошки и културен показател за постоењето на најстарата фаза од Анзабегово-вршничката културна група. Најзастапена е керамиката со сликани орнаменти, форми на садови и култна пластика, кои се поврзуваат со Анзабегово-Вршник II-III. Како што е многупати нагласено, населбата својот економски, а со тоа и културен развој го доживува во средниот неолит. Од крајот на најмладиот хоризонт (Анзабегово-Вршник III) евидентирани се мал број предмети.
Фрагментите од садова керамика со бело сликаните орнаменти, но и постарите варијанти на предмети со култна и секојдневна намена, најдени во третиот, но и постариот, втор културен хоризонт, откриени во претходните археолошки истражувања, се показател дека почетоците на животот во оваа скопска неолитска населба можеби се многу порани. Како што е познато, голем дел од населбата неповратно е уништен од совремните објекти, изградени во не така далечното минато. Најверојатно, населбата на почетокот од своето постоење била со многу помала пространост. Веројатно е слична и „судбината“ со доцнонеолитскиот слој.
Во прилог на најраните почетоци за животот во населбата се и датите од AMS C14 анализите. Според нив, првото населување на просторот во Тумба Маџари се случило кон крајот на раниот неолит, односно кон крајот на VII милениум пр. н.е. и почетокот на средниот неолит, во VI милениум пр. н.е. Потврда или корекција на овие дати ќе следи со новите анализи на други примероци од органско потекло и, секако, со новите археолошки истражувања во населбата.
Белешки
- Санев В., 1988, 27. ↩
- Commenge C. - Zdravkovski D., 2002; Commenge C., 2002-2005; Commenge C., 2003-2005; Здравковски Д., 2003. Во подготовката на трудот се користени информациите од прелиминарните извештаи од археолошките истражувања на наведените лица. Прикажаните фотографии во трудот се дел од фотоархивата на овој проект. Колегите, м-р фотографии во интерес на збогатување на сознанијата за материјалните откритија во новоистражуваниот простор во Тумба Маџари во периодот 2002-2005 година. ↩
- Во контекст на покуќнинскиот недвижен инвентар даваме информации за неколку цели или делумно зачувани структури, а при нивниот опис се користат регистарските броеви од локус листата во согласност со методолошкиот пристап на работа во овој археолошки проект. ↩
- Commenge C., 2003-2005. ↩
- Гарашанин М. - Билбија М., 1988, 34-36. ↩
- Локацијата на оваа структура не е јасно определена. ↩
- Останатиот движен археолошки материјал најден во текот на ископувањата на овој проект ќе се публикува во следен труд. ↩
- Commenge C., 2009, 16-19, fig. 7, 8. ↩
- Marinval Ph., 2005. Rapport prèliminare de lʾanalyse carpologique. ↩
- Renfrew J. M., 1976, 300-312; Stojanova-Kanzurova E. - Rujak Z., 2016, 69-81. ↩
- Детерминација на семето е извршено на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. ↩
- Gourichon L., 2007, Etude prèliminaire des restes fauniques. ↩
- Lasota-Moskalewska A. - Sanev V., 1989, 55-79. ↩
- Ивковска А., 2009, 83-109. ↩
- Commenge C., 2007, Absolute chronology. ↩
- Во периодот додека се подготвува овој труд за публикување, во контекст на оваа проблематика, не е на одмет да се информира стручната јавност дека е испратен животински остеолошки материјал за датирање, кој потекнува од вториот културен хоризонт на населбата, со што се очекуваат нови информации за апсолутната хронологија на Тумба Маџари. ↩
- Во архивата на матичната институција, Музеј на Македонија, како и во другите надлежни институции за заштита на културното наследство, за жал, не беа депонирани задолжителните извештаи и основната техничка и фотодокументација од меѓународниот проект (2002-2005). Дел од прелиминарните извештаи од археолошките ископувања на овој проект, но и од останатите мултидисциплинарни истражувања кои се користени во овој труд се добиени многу подоцна, по 2013 година. ↩
- Извештај за извршените археолошки активности на неолитската населба Тумба Маџари - Скопје во 2012 година. Проектот за археолошките истражувања во Тумба Маџари во 2012 година е дел од Годишната програма за работа на Музејот на Македонија, финансиран од Министерството за култура на Република Македонија. Археолошките активности, се изведени под раководство на м-р Елена Стојанова-Канзурова. Стручниот тим го сочинуваа Цветанка Вучковска, последипломец по археологија, Дончо Наумовски, магистрант по предисториска археологија, Весна Јанковска, документатор и студенти по археологија од Институтот за археологија на Филозофскиот факултет од соседството на скопската населба Маџари. ↩
- Старата квадратна мрежа во Тумба Маџари, користена во текот на археолошките ископувања од 1981 до 2000 година, заради недостаток на информации, денес тешко може да лоцира. ↩
- Антрополошките анализи се направени од антропологот д-р Фаница Вељановска во 2012 година. ↩
- Наумов Г., 2009, 253, 254; Бъчваров К., 2003, 118-163. ↩
- Nemeskèri J. - Lengyel I., 1976, 375-410; Санев В., 2009. 57-85. ↩
- Фиданоски Љ., 2017, 13-37; Фиданоски Љ., 2019, 61, 62, сл. 20, 21; Veljanovska F., 2017, 69-79. ↩
- Вељановска Ф., 2006, 341-351. ↩
- Јовчевска Т., 2013, 17-18, 48-50; Stojanovski D., 2017, 32-32. ↩
- Стојанова-Канзурова Е., 2011, 66, 67, сл. 46. ↩
- Стојанова-Канзурова Е., 2011а, 45. ↩
- Анализите на споменатиот антрополошки материјал се направени од д-р Фаница Вељановска. ↩
- Commenge C., 2007, An interim report; Здравковски Д., - Стојанова-Канзурова Е., 2009, 168, фиг. 53. ↩
- Rujak Z., 2017, 209-211. ↩
- Стојанова-Канзурова Е., 2011, 45. ↩
Summary
New Data from the Third Cultural Horizon at the Neolithic Settlement Tumba Madzari, Skopje
New data about the life in the Neolithic settlement at Tumba Madzari, Skopje, were received during the archaeological excavations in the period from 2002-2005 and 2012. More specifically, the new information is about the the third cultural horizon, which chronologically belongs to the Middle Neolithic period, within the Anzabegovo - Vršnik cultural group (II-III).
In the period of 2002-2005, the research was part of a partnership between the National Center for Scientific Research (CNRS) in Paris and the Museum of Macedonia in Skopje. This project was focused on the climatic conditions in the region during the 6th millennium BC, the landscape, the location of the settlement Tumba Madzari on the alluvial terrace of the river Vardar, as well as, its socio-economic importance in relation to other Neolithic communities in the Skopje Valley. The significance of this international project is particularly important, due to the multidisciplinary research in the field of geology, sedimentology, absolute dating, lithic material, pottery petrography, archaeobotanical and zooarchaeological analysis. Some of the preliminary results from these investigations are presented in this paper, together with the results of other analysis, made in the later research from 2012.
In 2012, Museum of Macedonia made additional archaeological excavations with a revisional character, in part of the area where the investigations from the previous project were conducted. At the same time, new excavations were continued in the intact level of the third cultural horizon at the Neolithic settlement Tumba Madzari. A new house (house 10) was defined with the new archaeological excavations in 2012, in the Middle Neolithic layer of the settlement. In the period from 1981 to 1998, foundations of eight houses from the third horizon, and one house from the second horizon, were determined in this area of the settlement. The construction of the houses and the material used, are already known in the architecture of this settlement.
Several structures have been found in the interior of the household, as part of the immovable inventory. The complex of circular pits, or basin-like structures, is particularly interesting, because it probably provides information about the way of storage of some food within the settlement. The way of storage i.e. the structures where food was stored, particularly cereals, was one of the primary needs and challenges of the prehistoric communities.
The remains of a child skeleton, found west of the complex with circular storage pits, and north from House 10, complement the current knowledge of the burials inside the settlement, and generally in the Neolithic on the territory of Macedonia. So far, information about anthropological remains, or remnants of parts of skeletons, are registered only in the nearby Neolithic settlements: Barutnica, v. Amzabegovo; Cerje, v. Govrlevo; Pista, s. Mamutčevo; Grnčarica, v. KrupiŠte.
The preliminary results of the archaeobotanical analysis additionally enrich the information about the economic activities, such as agriculture, but also, about the diet of the population in this settlement. During the archaeological analyses, ten animal species were identified. Generally, the survival of the population at Tumba Madzari was related with the farming of sheep and goats. According to the number of bone specimens, the cattle also took a significant role.
The moveable finds are mainly pottery sherds. Fine burnished pottery is represented by fragments with painted motifs, known from the artistic opus of this settlement, within the Middle Neolithic of the Anzabegovo - Vršnik cultural group, II and III. The unique artistic interpretation of some moveable finds, especially those that were used for cult activities, such as altars, is another confirmation for the separation of the material culture of this settlement, within the Anzabegovo - Vršnik cultural group, as specific. The material culture of this settlement also differs from the other neighboring cultures in the region, particularly from the Starčevo cultural group. Same as in the previously excavated houses at Tumba Madzari, larger or smaller fragments of ceramic altars were also found in the newly discovered houses. These finds are known as the representations of the goddess, the so-called “Great Mother”, or they represent anthropomorphic models of houses. The scope of these finds, gives impression, that these altars were somehow part of the compulsory, but also the favorite, inventory of the inhabitants in this Neolithic settlement.
The beginnings and the development of the life in the settlement are generally determined, according to its stratigraphy, through the archaeological finds, supplemented with the data from the other excavations. The preliminary results of the first AMS14C analysis, give an insight into the absolute chronology of Tumba Madzari. According to them, the first inhabitants settled in this area at the end of the Early Neolithic period, towards the end of the 7th millennium BC, and the beginning of the Middle Neolithic, in the 6th millennium BC. These results, should be further corroborated by more analysis and new archaeological excavations.
Библиографија
- -кирилична - Бъчваров К., 2003, Неолитни погребални обреди, София.
- Вељановска Ф., 2006, Неолитски скелетни наоди од Писта-Ново Село, Macedoniae acta archaeologica 17, Скопје, 341-351.
- Гарашанин М. - Билбија М., 1988, Куќа 1 во Зелениково, Macedoniae acta archaeologica 9, Скопје, 31-43.
- Здравковски Д. - Стојанова-Канзурова Е., 2009, Каталог на предмети во: Неолитската уметност на територијата на Република Македонија, Љубљана 53- 233.
- Ивковска А., 2009, Сточарство и лов, Економија, Во: Наумов Г. - Фиданоски Љ. - Толевски И. - Ивковска А., Неолитските заедници во Република Македонија, Скопје, 83-109.
- Јовчевска Т., 2013, Погребување, во: Кузман П. (ед.) Грнчарица населба од раниот неолит, Охрид, 48-50.
- Наумов Г., 2009, Погребување, во: Наумов, Г. - Фиданоски Љ. - Толевски И. - Ивковска А., Неолитските заедници во Република Македонија, Скопје, 251-261.
- Санев В., 1988, Неолитско светилиште од Тумба во Маџари, Скопско, прелиминарно соопштение од ископувањата во 1981, Macedoniae acta archaeologica 9, Скопје, 9-31.
- Санев В., 2009, Погребувањето во Анзабегово, во: Санев В. - Гарашанин М. - Гарашанин Д., (ед.) Анзабегово населба од раниот и средниот неолит во Македонија, Штип, 57-85.
- Стојанова-Канзурова Е., 2011, Инвентарот на неолитската куќа во Република Македонија, Скопје, магистерска (во печат).
- Стојанова-Канзурова Е., 2011a, Архитектонски недвижни објекти од Тумба-Маџари, Macedoniae acta archaeologica 20, Скопје, 35-53.
- Фиданоски Љ., 2017, Слоеви, во: Скопје пред 8 милениуми 1 - најстарите градители од Церје-Говрлево, Скопје, 13-37.
- Фиданоски Љ., 2019, Археолошки истражувања на неолитската населба Церје- Говрлево во 2008 и 2009 година, Macedoniae acta archaeologica 21, Скопје: 55-71. -латинична - Commenge C., (CNRS) - Zdravkovski D., (Museum of Macedonia), 2002, The 2002 season at Tumba Madzhari: an interim report.
- Commenge C., 2007, Excavations at Tumba Madzhari (seasons 2002-2005): an interim report, CNRS// Excavations at Tumba Madzhari (2003-2005): problematic, goals, field strategy, CNRS, june 2007 - UMR5608-UTAH.
- Commenge C., 2009, Techniques sèquentielles appliqués aux argiles: resonances orientales dans le Nèolothique de Macèdoine“, in: De Mèditerranèe et dʾailleurs..., Paris, 205-220.
- Gourichon L., 2007, Madzhari fauna: an interim report.
- Guilbert R., 2005, Analyse technologique de l’industrie de silex de Madzhari, (Cepam, Valbonne).
- Lasota Moskalewska A. - Sanev V., 1989, Preliminary Analysis of Bone Remnats of Animals from the Neolithic Archaeological site Tumba Madžari near Skopje (Yugoslavia). Macedoniae acta archaeologica 10, Скопје, 55-79.
- Marinval Ph., 2005, Madzhari (Rèpublique de Macèdoine), fouilles C. Commenge Rapport prèliminare de lʾanalyse carpologique, CNRS.
- Marinval Ph., 2005 Premiers résultats carpologiques sur le site du Néolithique moyen de Madzhari (République de Macédoine). CNRS - FRE 2960, Centre d’Anthropologie.
- Nemeskèri J. - Lengyel I., 1976, Neolithic skeletal finds, in: Gimbutas, M. (ed) Neolithic Macedonia As reflected by excavation at Anza, Southeast Yugoslavia, Los Angeles, 375-410.
- Renfrew J. M., 1976, Carbonized seeds from Anza, in: Gimbutas, M. (ed), Neolithic Macedonia, As reflected by excavation at Anza, Southeast Yugoslavia, The Institute of Archaeology, University of California, Los Angeles, 300-312.
- Rujak Z., 2017, New data about the Late Neolithic settlement of Angelci - Stranata (Čaušov Kamen) in Southeastern Macedonia“, in: Stojanova-Kanzurova E., (ed) Dragiša Zdravkovski In Memoriam, Cultural Manifestations during the Neolithic Period on the Territory of the Republic of Macedonia and Neighboring Regions, Skopje, 205-221.
- Stojanova-Kanzurova E., - Rujak Z., 2016, Food preparation, storage and consumption in the Neolithic in the Republic of Macedonia, in: Miladinović-Radmilović, N. - Vitezovič S. Bioarheologija na Balkanu Metodološke, komparativne i rekonstruktivne studije života u prošlosti, Beograd - Sremska Mitrovica, 69-81.
- Stojanovski D., 2017, Burial, in: Grnačarica: a contribution to the Early Neolithic puzzle of the Balkans, Skopje, 32-32.
- Veljanovska F., 2017, A Neolithic Skeletion from Govrlevo near Skopje, in: Stojanova- Kanzurova E. (ed), Dragiša Zdravkovski In Memoriam, Cultural Manifestations during the Neolithic Period on the Territory of the Republic of Macedonia and Neighboring Regions, Skopje, 69-79.