Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 173–198
Локалитетот Ридот кај село Мажучиште
Локалитетот Ридот се издига веднаш до источната периферија од селото Мажучиште, а се наоѓа на околу 5 km северозападно од Прилеп (карта). Претставува поголем карпест рид (кота 797) со ориентација север-југ и извонредна стратегиска местоположба од која има мошне јасен визуелен опфат на речиси целиот северен дел од Пелагонија, односно од Прилепското Поле. Од три страни ридот има стрмни падини, а пристапен е единствено од северната страна (сл. 1). Со претходни рекогносцирања од овој локалитет од страна на стручни лица на НУ Завод и музеј - Прилеп е донесен мноштво движен археолошки материјал (куќна садова и градежна покривна керамика). Овој материјал упати на тоа дека просторот бил користен за живеење во минатото во еден подолг временски период, односно во праисторијата и во античко време. Најверојатно највисокиот дел бил користен како акропол, додека на пониските падини била распослана населба. На неколку потези се лоцирани повеќе објекти издлабени во карпа, а северно од локалитетот евидентирани се неколку гробови од типот циста.
Друштвото за експлоатација и преработка на гранит и мермер „Карика“ доо увоз-извоз од Прилеп, врз основа на одобрена концесија, од источната страна на ридот отвори рудник за гранит, со што години наназад археолошкиот локалитет е континуирано загрозуван и уништуван. Од тие причини, се наложи потребата за негово превентивно истражување, при што со меѓусебен договор на НУ Завод и музеј - Прилеп и„Карика“ доо увоз-извоз - Прилеп се создадоа услови за преземање помали заштитни сондажни археолошки ископувања.1
Акрополниот простор е со благ пад во правец кон југозапад и претежено претставува карпест терен. Се истражуваше на простор западно од рудникот, т.е. на крајниот јужен дел од акрополата, која за среќа останала недопрена од концесионерот, но не и од диви копачи (план). Беше истражена вкупна површина од околу 80 m2,а се работеше по системот на мали откопи со издвојување на наодите и затворените целини. На источнот раб од истражуваното плато беше евидентирана една поголема карпа со издлабен дел со правоаголна форма со ориентација север-југ, димензии 3,10 х 0,37 (0,40) m и длабочина од 0,27-0,58 m. Пред овој вдлабен дел, а по целата негова должина, имаше диво раскопување со ширина од 0,60-1,60 m и длабочина од околу 0,30 m. Се постави сондата I ориентирана во правец север-југ и димензии 7,0 х 6,0 m, при што се опфатија карпата и дивораскопаниот дел. Со текот на истражувањата се наложи потреба од анексно проширување на сондата кон север, југ и запад. Беше истражувано до длабочина од 0,86-1,50 m.
Се откри градба, која заради ограничените финансиски средства не беше целосно истражена, а со самото тоа не беа до крај утврдени нејзините форма, големина и намена. Сепак, се издвоија два културни хоризонта, едниот од праисторија, а другиот од античко време (Т.I, Т.II, сл. 2)
Остатоци од градбата од праисторискиот хоризонтот беа евидентирани само во јужниот анекс. Овој хоризонт, од помладиот антички хоризонт, бил одделен со слој од поситен аморфен камен. Се откри ниво од кршена садова керамика која лежеше на стерилен слој од песок со жолтеникава боја (дебелина од 6 cm.). Најверојатно овој слој служел за нивелирање на просторот за живеење, а нанесен директно на карпата, која во случајов ја претставувала здравицата. Над нивото од кршена садова керамика се евидентира под од убаво црвеникава испечена глина (дебелина 1 cm). Слоевите од камен, глина и кршена садова керамика беа помешани со пепел и достигаа вкупна дебелина од 0,17 до 0,45 m. Ова упатува на претпоставката дека праисториската градба била опожарена. Нејзините ѕидови најверојатно биле градени од камен. Потврда за тоа е откриениот дел од ѕид кој лежеше директно на карпата, а се протегаше северно од опишаниот слој. Бил граден од поситен и појадар аморфен камен, а беше зачуван само во два реда, односно бил речиси целосно уништен со еден од ѕидовите од подоцнежната античка градба. Уште една потврда за постоење градба во праисторијата се и неколкуте помали јами за колци издлабени во карпата, ориентирани во правец север-југ, со помал отклон кон североисток.
Со археолошките ископувања се откриени делови од градба и од античкиот период, со ѕидови градени од покрупни и поситни камења поврзувани со кал. За подобро вклопување на оваа градба во просторот, карпата врз која била подигната била делумно приделкувана и нивелирана. Беа евидентирани неколку погусто концентрирани слоеви од покривни ќерамиди - тегули и имбрекси, со кои градбата била покриена. Се истражија делумно само две простории од неа (северна и јужна), односно нејзиниот источен дел. Овие нецелосни истражувања упатија на постоење на, најверојатно, три фази на градење (сл. 3).
Северниот ѕид во должина од 4,50 m беше со измерена ширина од 0,65-0,70 m, а зачуван во висина до 0,80 m. Ѕидот лежел директно на карпата. Во неговиот западен дел се евидентира погрубо редење на камењата. Источниот ѕид на северната просторија се откри во должина од 2,0 m, додека во продолжение со својот јужен дел најверојатно бил фундиран во вдлабнувањето на карпата, евидентирано со рекогносцирањата. За заштита од ерозија условена од стрмноста на теренот кон исток, ѕидот бил поткрепен со надворешен подѕид со должина од 1,30 m и ширина од 0,52-0,76 m, а зачуван во висина од 0,44-0,60 m. На околу 0,20-0,30 m паралелно со овој подѕид се евидентира уште еден ѕид зачуван во висина во најмногу од два реда камења со должина од 3,70 m и ширина 0,65-0,70 m. За што бил наменет овој ѕид кој со својот јужен дел се потпирал на карпата, не може да се утврди. Во западниот дел од сондата се откри ѕид со приближна ориентација север-југ, подигнат на нивелационен поден слој од црвеница со дебелина од 0,21 m од основата на карпата. Овој ѕид со должина од 1,80 m и ширина од 0,60 m најверојатно претставувал внатрешен преграден ѕид од северната просторија.
Јужниот ѕид на северната просторија со ориентација запад-исток се откри во јужната половина од сондата и од него беа евидентирани две фази. Во помладата фаза бил подигнат на нивелационен слој од земја со дебелина од 0,20-0,65 m. Беше откриен во должина од 4,80 m, измерена е негова најголема ширина од 0,60 m и зачувана висина од 0,45 m. Под овој ѕид од помладата фаза откриен е оној од постара градбена фаза, кој лежел директно на карпата. Беа измерени негова должина од 3,30 m, зачувана висина до 0,55 m, додека ширината не можеше да се утврди.
Источниот ѕид од јужната просторија на градбата бил прилепен за јужниот ѕид од северната просторија и имал правец север-југ. Од неговата помлада фаза беше откриен во должина од 6,35 m, а имал ширина од 0,54-0,60 m. Во оваа фаза во јужниот дел ѕидот отстапува во правецот и е прилепен за карпата, што значи дека просторијата била незначително проширена. Со натамошните истражувања во длабочина, во јужниот анекс на сондата, се наиде на остатоци од овој ѕид од неговата постара фаза. Всушност, се откри југоисточниот агол на градбата од оваа фаза, кој делумно навлегувал под карпата, а лежел на слој од поситен аморфен камен. Уште една поткрепа за претпоставката за две градбени фази на источниот ѕид од јужната просторија на градбата е и тоа што во северниот дел тој е посолидно граден во однос на јужниот дел.
На постарата градбена фаза припаѓал и ѕидот кој се протегаше долж западниот профил на сондата и јужниот анекс. Најјужно овој ѕид бил прекинат, односно уништен со вкопување на еден питос од помладата фаза. Можеше да се измери негова должина од околу 7,0 m, ширина од 0,36-0,56 m, додека во висина бил зачуван до 0,30 m.
Според опишаното, античката градба во спомнатите две фази претрпела одредени градежни интервенции, поради интерно приспособување на просторот за користење или поради одредени механички нарушувања на ѕидовите. Овие фази ги означивме како II и III фаза на градење. Северната просторија најверојатно била користена за живеење, додека јужната бил економскиот дел, претпоставка поткрепена со откривањето на одредени наоди во овие простории. Во рамките на културниот слој од помладата III фаза во јужната просторија на градбата евидентирани се два речиси целосно зачувани питоси, како и повеќе фрагменти од уште неколку поголеми садови за чување на зрнеста храна. Покрај западниот профил на сондата, а во рамките на постарата II фаза од северната просторија, е откриена кружна плочеста конструкција од печена земја со пречник од 0,56 m и дебелина од 3 cm. Просторот околу неа бил исполнет со поситен аморфен камен и фрагменти од тегули. Веројатно станува збор за подница која била користена за подготвување на леб (сл. 4).
Оваа конструкција лежеше врз помасивни плочести камења наредени во два реда (висина до 0,12 m) со ориентација север-југ со отклон кон запад. Овие камења се дел од ѕид од најстарата, односно I фаза на градбата во античкиот период. Во својот северен дел каде навлегуваше во западниот профил од сондата, ѕидот е мошне солидно изграден. Минува под јужниот ѕид на северната просторија од средната II фаза, а во јужниот дел е со погрубо редени камења и проширен. Од најстарата фаза на градење на градбата се евидентираа и остатоци од ѕидови во рамки на западниот анекс. За оваа I градбена фаза може да се каже дека градбата имала поразличен распоред на просториите од подоцнежните две фази, а се карактеризира и со мошне посолидна изградба на ѕидовите, и тоа со поголеми камења.
Низ цела истражувана површина на локалитетот откриен е доста богат движен археолошки материјал, кој помогна во попрецизно хронолошко датирање на градбата во односните периоди, а во исто време многу ја надополни и претставата за секојдневието на луѓето кои го населувале просторот.
Кај движните наоди кои
припаѓаат на
праисторијата претежно се евидентирани
предмети изработени од керамика, а во помал број од камен или метал. Садовата керамиката е работена на рака и од облиците се јавуваат неколку типови и варијанти чинии и садови со различни облици и намена.
Чиниите (Т.III.1-13) се јавуваат во форма на прав конус, потоа со низок цилиндричен врат и заоблено рамо, длабоки чинии со полутопчеста форма, како и чинии со биконусна форма и тордиран стомак. Тие со убава фактура, со тенки ѕидови и сјајно мазнети површини, а само во еден случај површината е сјајно мазнета и од внатрешната страна. Чиниите со средна или лоша фактура, кои се во поголем број, се со примеси на лискун и ситни камчиња и со мазнети или грубо замазнети површини. Што се однесува до бојата добиена при печењето, најчесто преовладува кафената во неколку нијанси, како и сивата, а застапени се и двобојни чинии - надвор со кафена, а внатре со сива боја. Чиниите обично имаат заоблен, односно рамно или косо засечен венец. Еден фрагмент од поголема чинија има задебелен венец од внатрешната страна (Т.V.6). Групата полутопчести чинии имаат благо подвиткан венец нанадвор или, пак, нанадвор благо извлечен, а навнатре косо засечен. Кај еден фрагмент на венецот се наоѓа мала издолжена брадавичеста апликација, која го надвишува, додека кај друг, на венецот косо е поставена јазичеста пластично извлечена апликација (Т.VII.7). Чиниите се ретко украсувани. Еден фрагмент е украсен со шрафирани триаголници што висат, изведени со врежување (Т.VI.2), а кај друг на најширокиот дел се наоѓа хоризонтално пластично ребро украсено со отпечатоци од прсти. Кај чинијата со низок цилиндричен врат и заоблено рамо, редовно е украсуван вратот, и тоа со широки и плитки канелури, косо поставени (Т.VI. 6, 8).
Според формата се среќаваат две групи садови, едната со топчесто тело и понизок или повисок цилиндричен или конусен врат (Т.III.20-25), а другата група на садови се со исто така топчесто тело, но со многу кус конусен врат и благ нанадвор подвиткан венец (Т.III.14-19). Оние со убава фактура имаат потенки ѕидови и кај нив се евидентирани траги од сјајно замазнети надворешни, а во еден случај и на внатрешни површини. Садовите со средна фактура се со примеси на лискун и ситни камчиња и најчесто се со мазнети површини и заоблен, косо засечен навнатре, односно заоблен и благо или остро нанадвор подвиткан венец. Што се однесува до бојата добиена при печењето, преовладува кафената во неколку нијанси и сивата, а застапени се и двобојни садови - надвор со кафена, а внатре со сива боја. Во два случаи на рамото се наоѓа издолжена брадавичеста апликација, а во трет, хоризонтално пластично ребро украсено со отпечатоци од прсти.
Лонците (Т.IV.9-14) обично се со широка уста, издолжено тело и благо нагласено рамо. Ретко се со добра фактура, односно најчесто таа е лоша со примеси од лискун и ситни камчиња. Заради тоа, тие најчесто имаат грубо замазнети, многу поретко убаво мазнети површини. Што се однесува до бојата добиена при печењето, преовладува кафената во неколку нијанси, а застапени се и двобојни лонци - надвор со кафена, а внатре со сива боја. Во еден случај венецот е зарамнет и украсен со попречни и паралелни отпечатоци од прсти (Т.VI.3), а во друг, тој е косо засечен навнатре и од него поаѓа мала, широка, вертикална лентеста дршка, која и малку го надвишува. Евидентиран е и лонец кај кој ваква дршка се наоѓа под самиот венец. Присутна е и поголема хоризонтално продупчена тунелесто - седлеста дршка, поставена на најширокиот дел, како и помала хоризонтална дршка (Т.VI.14, Т.VII.2, 4). Со овој тип садови треба да се поврзат и петличестите и полумесечестите апликации. Украсувањето е ретко, најчесто со хоризонтално пластично ребро, неукрасено или украсено со отпечатоци од прсти (Т.VI.1).
Складишните садови - питоси (Т.V) припаѓаат на групата грубо работени садови со големи димензии. Најчесто се со широка уста, конусен или цилиндричен врат, топчесто тело и заоблен, понекогаш благо подвиткан нанадвор венец, заоблен стомак и рамно дно. Фактурата е лоша, со примеси од лискун и ситни камчиња. Бојата добиена при печењето најчесто е кафена во неколку нијанси или сива, а застапени се и двобојни питоси - надвор со кафена, а внатре со сива боја или обратно. Поретко се со мазнети, а почесто со грубо замазнети површини. Обично имаат широки лентести вртикални дршки (Т.IV.17, Т.V.9), во неколку случаи со краеви кои продолжуват во пластични ребра (Т.IV.15-16, Т.VII.1) или, пак, пластични ребра надолжно поставени од горната страна (Т.VI.4). За овие садови карактеристични се и јазичести пластично извлечени дршки, понекогаш со правоаголен пресек, чија потесна страна обично е украсена со паралелни вертикално поставени отпечатоци од прсти (Т.IV.27-28, Т.V.10, Т.VII.6). Понекогаш тие можат да бидат комбинирани со пластични ребра косо, хоризонтално или вертикално поставени или комбинирани во облик на крст, неукрасени или украсени со кружни вдлабнатинки. Тоа е и единствениот начин на кој е украсуван овој тип на сад (Т.VI.5).
Кон производите од печена земја припаѓаат и прешлените (Т.IV.20, 24, 25, Т.VI.10). По облик се конусни, а во средината кружно продупчени. Можат да имаат рамна долна површина или, пак, да бидат вдлабени.
Пронајдени се и неколку орудија изработени од мазнет камен со сива, темносива или бледозеленкаста боја. Се работи за разни алатки и чекани, клинови и секири, со сечило острено од двете страни, при што кај две орудија има траги од нивно попречно продупчување (Т.IV.18, 19, 21, 26).
За дел од овој праисториски археолошки материјал аналогии можат да се најдат кај енеолитските населби од блиската околина на нашиот локалитет, пред cè, на локалитетите Крушенска Чука, Бакарно Гумно, Карамани и Црнобуки, кои припаѓаат на регионалната средно енеолитска културна група Шуплевец - Бакарно Гумно.2
Останатиот дел од праисториските наоди хронолошки се поврзува со бронзенодопските локалитети Радоборска Тумба, с. Радобор, Тумба, с. Новаци, Тумба, с. Кравари, Висок Рид, с. Букри, Тумба, с. Мало Коњари3 и Градиште, с. Манастир.4
Во подоцнежното железно време и доцноархајскиот период се сместуваат неколку наоди од метал. Евидентиран е висулец од бронза со биконусна форма и издолжено цилиндрично тело, од двете страни украсено со по три прстенести задебелувања, по една поширока кружна плочка и алки за обесување (Т.IX.1). Неговите димензии се: должина 11,0 cm и пречник на најширокиот дел од 2,3 cm. Висулецот припаѓа на групата култни бронзи од семејството на т.н. македонски (пајонски) бронзи, најчесто поврзувани за женски гробови. Се датира во VII-VI век пр. н.е.5
При истражувањата е откриен и минијатурен приврзок од типот „лабрис” во форма на двојна секира, изработен од две еднакви парчиња од тенок сребрен лим споени во едно (Т.VIII.5, Т.IX.2). Недостасува мал дел од едното сечило. Од предната страна приврзокот е украсен со плитко врежан орнамент во т.н. тремоло техника по рабовите на сечилата и со по четири мали врежани концентрични крукчиња. Сечилата се благо заоблени и без остри завршетоци, а ушката е куса и проширена со пречник на отворот од 0,2 cm. Димензиите на приврзокот се должина 2,7 cm, широчина 2,6 cm и дебелина 0,2 cm.
Двојната секира (labrys) е важен и стар религиозен симбол, особено чест во минојската и потоа во микенската култура. Тоа е секира со две наспроти поставени сечила и отвор за држалка во средината, а изработувана од различни материјали и во различни големини. Како вотивен дар на Крит, двојните секири се приложувани во гробовите и во светилиштата или се поставувани на столбовите и на консекративните рогови. За минијатурните двојни секири се претпоставува дека служеле како магиски предмети во врска со дождот и аграрните култови.6 Во рамките на грчкиот културен круг минијатурните двојни секири временски мошне долго, речиси до крајот на хеленизмот, ја имаат улогата на магиски предмети, а како дел од накит содржеле и апотропејско својство.7 Двојната секира ја задржала значајната улога во религијата и во текот на подоцнежние периоди, па и во римскиот како атрибут на Јупитер Долихен и други божества.8
Предмети во форма на двојна секира како минијатурни приврзоци - амулети или бричеви, на територијата на Република Македонија се јавуваат во гробовите од преодниот период од бронзено во железно време.9 Во следниот период, односно во раното железно време, лабрисот добива широка употреба и тоа сосема извесно како култен предмет. По правило, наоди од овој тип се откривани во богати гробови во кои биле погребани жени, а поврзувани со култно-религиски дејности.10
Минијатурен приврзок во вид на лабрис како елемент од луксузен ѓердан изработен од злато е пронајден во гроб од VI век пр. н.е., а со потекло од Синдос кај Солун.11 Составен е од повеќе елементи украсени со филигран и гранулација, од кои четири се во форма на двојна секира.
Според декорацијата минијатурниот приврзок од локалитетот Ридот најблиски аналогии наоѓа кај наоди од сиромашните гробови од локалитетот Требениште, датирани во V век пр. н.е.12 Со техниката на тремоло украсен е и дел од накитот карактеристичен за Гласиначкиот културен комплекс, односно за неговите фази Гласинац IVc13 и Гласинац Va.14 Со плитко тремоло врежан орнамент најчесто се украсувани сребрените лачни фибули со четвртаста плочеста нога и петличест завршеток, распространети на Балканот и во Подунавјето. Евидентирани се при истражувањата на кнежевската гробница кај Печка Бања (датирани на преминот од VI во V век пр. н.е.),15 во тумулот 1 на локалитетот Умка во Атеница (крај на VI и почеток на V пр. н.е.),16 а тие од тумулот откриен под темелите на црквата Св. Петар во Рас кај Нови Пазар се датираат на самиот почеток на V век пр. н.е.17
На локалитетот Ридот е откриена и бронзена широколентеста белезгзија со карактеристично ребресто тело (Т.VIII.2, Т.IX.3). Има правоаголен пресек и краеви што се разминуваат, а украсена е со врежани орнаменти, седум хоризонтални линии на краевите со по три реда од кругчиња и коси кратки линии, вертикално поставени. Нејзините димензии се: пречник 7,0 cm, широчина 2,1 cm и дебелина 0,2 cm. Со истражувањата на локалитетот Требениште во 1953/54 година се пронајдени четири белегзии од овој тип во гробот 27 и една надвор од гробните целини.18 Една ваква белегзија е пронајдена и на локалитетот Три Чељусти,19 а слични белегзии се пронајдени и на локалитетот Пешта, с. Градешница и во гробот 17 на локалиетот Сарај, Брод.20 Микулчиќ И. овој тип на белегзии го датира во VI век пр. н.е.,21 додека Лахтов В. ги сместува во рамките на фаза IIIa од неговата поделба на железното време во Македонија, односно кон крајот на VI век пр. н.е.22 Васиќ Р., пак, гробот 27 од Требенишката некропола го датира во почетокот на првата половина на V век пр. н.е., а со самото тоа и четирите белегзии пронајдени во него.23 Со археолошки истражувања во 2010 година на локалитетот Грамада под три камна, с. Бонче, во гроб 6 е откриена идентична белегзија.24
Евидентирана е исто така и бронзена плочка со триаголна форма и димензии: должина 7,8 cm, ширина 2,3 cm и дебелина 0,2 cm (Т.VIII.3, Т.IX.4). Нејзината горна површина е украсена со врежани орнаменти - висечки шрафирани триаголници, додека на најширокиот дел има надолжен засек со должина од 5 mm и ширина од 1,5 mm. Овој наод најверојатно е фрагмент од тип белегзија изработена од тенка жица чиј еден крај е остро зашилен, додека другиот е во форма на триаголна плочка. Сребрената белегзица со врежани линеарни орнаменти на проширениот дел пронајдена на локалитетот Парцела Коногново, се сместува во фазата Гласинац IVc, односно се датира во VI век пр. н.е.25 Развојниот пат на овој тип белегзија авторите понатаму ги води во фазата Гласинац Va, во која се појавува варијантата кај која едниот крај завршува со проширена триаголна орнаментирана плочка.26 Две белегзии од овој тип кои се пронајдени на локалитетот Три Чељусти27 се сиромашни со орнаментика и претставуваат наједноставен и најпрост облик. Одредени автори претпоставуваат дека овие предмети од домашно локално производство се всушност украсни игли за одело, при што не го исклучуваат VI век пр. н.е. како нивна хронолошка рамка.28 Во сиромашните гробови од Требенишката некропола пронајдени се повеќе вакви белегзии од сребро и бронза, и тоа во гробовите 24, 25, 26 и 27, кои Васиќ Р. ги датира во V век пр. н.е.29
При ископувањето на локалитетот Ридот, а во рамките на античката градба, собран е и разновиден движен археолошки материјал кој упатува на континуитет на живеење во неа во сите три нејзини градбени фази, при што хронолошки ја датира во доцномакедонскиот период (II и I век пр. н.е.).
Доминираат фрагментирани керамички кујнски и складишни садови во различни големини и облици. Најзастапени се ехинус паницата и чинијата ихтија, обично со средна фактура (Т.X.1, 7, 10, Т.XII.1). Бојата на печење им е кафена, поретко сива, додека кај примероците со разреден премаз се применувале црвената и кафената боја. Подлабокиот реципиент кај ехинус паниците, како и разредениот премаз се карактеристика за подоцнежниот македонски период.30
Плитката конусна чинија со низок вертикален горен дел и пофина фактура е застапена со неколку наоди (Т.X.8-9). Премачкана е со црвена или сива боја, а дното од внатрешната страна е украсено со концентрични кругови изведени со запчесто колце. Овој тип чинии се појавува кон крајот на II век пр. н.е.31
Поретко застапена е длабоката чинија со полусферична форма, извлечен венец со жлеб, пофина фактура и кафеав или црвен премаз (Т.X.13),32како и конусната чинија со рамно засечен венец, средна фактура и сива боја на печењето (Т.XI.2). Евидентирани се и чинии со ѕвонест реципиент, односно извиен горен и конусен долен дел (Т.XI.3-4). Обично имаат погруба изработка и кафена боја на печењето.33
Кај полуксузната керамичка продукција присутен е садот од типот кантарос со издолжена форма, висок врат, благо подигнати хоризонтални испусти на дршките и висока прстенесто профилирана нога (Т.X.25, Т.XI.5, Т.XII.2). Освен еден наод со сјаен црн фирнајс, другите евидентирани примероци имаат кафеав посен фирнајс, при што кај еден од нив горниот дел е украсен со вегетабилна орнаментика изведена во West Slope техника. Оваа издолжена варијанта на кантарос со доминантност на разредениот кафеав фирнајс е типична појава за подоцнежниот македонски период на локалитетите кај нас, додека West Slope техниката на украсување се јавува во III век пр. н.е. и се задржува уште само во II век пр. н.е.34 Калапените релјефни чаши откриени со ископувањата се украсувани претежно со вегетабилната орнаментика (Т.XII.4-6).35
Евидентно e присуството и на помали по димензии садови со мошне тенки ѕидови (Т.X, 18-23),36 додека ојнохоето и скифосот се застапени со помал број на наоди (Т.X.26, Т.XI.11). Овие садови имаат средна фактура и црвена, односно светлокафена боја на печење.
Кај садовите со погруба фактура кои обично имаат кафена или сива боја на печењето, најзастапен е садот со ребро под венецот од надворешната страна. Евидентиран е во две варијанти, кај едната под венецот од внатрешната страна има канелура, а кај другата жлеб (Т.X.11-12, Т.XI.1). Присутни се и садот со прстенест венец, извлечен нанадвор (Т.X.14-15), садот со профилиран врат и заоблено извлечен венец, со жлеб под него од надворешната страна (Т.X.16-17), затворениот сад со завратен венец (Т.XI.10) и амфората (Т.X.24). Држалките кај садовите со погруба изработка се лентести, често канелирани по нивната должина, а поаѓаат од самиот венец или под него (Т.XI.6-7). Садовите се украсувани ретко и тоа со врежување или вдлабување на линеарни мотиви (Т.XII.3).
Мошне карактеристичен сад за доцниот македонски период е стамносот, поголем сад со топчеста мешеста форма, обично со сива боја на печењето. Садот е со две хоризонтални потковичести држалки, прилепени за плочесто оформен венец, при што го надвишуваат (Т.XI.8-9).37
Од другите предмети од печена земја, покрај садовата продукција, застапени се кружни плочки, продупчени или непродупчени, како и биконусни, односно прешлени со правоаголен пресек. Во мошне голем број се застапени теговите, пирамидални и конусни со заоблен или зарамнет врв, како и теговите во форма на астрагал.
Откриена е и една керамичката лампа
со клун кој завршува со триаголен врв
(копјевиден), додека дискот е назначен со пластично подигнат прстен (Т.IX.5). Рамото е украсено со пластична низа од вертикални зраковидни орнаменти со по една гранула над нив. Оваа ламба, која е рустично изработена од слабо пречистена глина, припаѓа на т.н. „ефески“ тип и претставува нејзина локална варијанта, со што се датира кон крајот на II и првата половина на I век пр. н.е.38
Секако, позабележителен наод претставува предметот со правоаголна форма, исто така од печена земја, откршен во едниот крај (Т.VIII,1, Т. IX.6). Со врежување на предната страна е испишано името ΔΙΟΝΥ-CΟC, на задната ΡC-ΙΜΤC, додека на горната и долната страна има линеарна орнаментика. Странично зачуваниот крај е украсен со шест кружни вдлабнатинки, додека кон откршениот крај предметот се стеснува и најверојатно имал кружен отвор. Речиси идентичен предмет на овој, кој за нас имал непозната намена, е откриен при истражувања на Самоиловата тврдина.39
Од коска е евидентиран само еден мал цилиндричен предмет, украсен со попречни врежани линии.
Од наоди изработени од метал се откриени две фрагментирани бронзени фибули. Фибулата од „малоазиски“ тип е присутна на поголемиот простор на Балканскиот полуостров и тоа од VI до II век пр. н.е., но токму во доцномакедонскиот период се здобива со широко распространета употреба (Т.VIII.4, Т.IX.7).40 Другата е со плочесто листовидно тело, подоцнежна варијанта на копјевидните фибули (Т.IX.8).41 За бронзениот предмет со продупчување на задебелениот крај не може со сигурност да се каже што претставувал. Евидентирани се и два наода од железни ножиња со тела во вид на лачно свиен лист.
Двете бронзени монети од времето на кралот Филип V (221-179 год. пр. н.е.) секако претставуваат уште еден показател за попрецизно хронолошко определување на античката градба (Т.IX.9-10). На нивната аверсна претстава е прикажан Персеј со крилест шлем, додека на реверсот е претставен орел со раширени крила кој стои на рало, односно молња.
Со земјените работи од страна на концесионерот откриена е една дробилка за руда (сл. 5). Тоа е камен блок со рамна долна страна, косо обликуван реципиент, издолжен процеп на дното и димензии 49 х 47 х 16 cm. На горните рабови има жлебови, додека од долната страна плитки линеарни врежувања. Исти камени дробилки за руда се евидентирани на повеќе локалитети кај нас, а се евидентирани во раноантички и во културни слоеви од македонскиот период.42
Археолошките ископувања на локалитетот Ридот кај село Мажучиште дадоа квалитетивен движен материјал, кој упати на определување на временскиот распон на неговото егзистирање. Опишаните облици на керамички садови, како и многубројните предмети за секојдневна употреба (орудија, накит и монети) детерминираа постоење на градби во праисторијата и во антиката во истражениот простор. Според извршената анализа на овој материјал, локалитетот бил населбински користен во континуитет, односно од енеолитот, преку бронзеното доба, подоцнежното железно време, доцноархајскиот период, cè до доцниот македонски период.
Два нумизматички наода кои се претходно случајно откриени на локалитетот, го редефинираат временското егзистирање на античката населба, односно најрано кон крајот на IV век пр. н.е, според бронзената монета од кралот Касандар, додека според бронзениот сестертиј од времето на Октавијан Август најдоцна до I век пр. н.е.43
Еден мошне репрезентативен наод од мермер од времето на владеењето на римскиот цар Хадријан е откриен во непосредна близина на локалитетот Ридот. При поставување на телефонски кабли на локалитетот Тумба, среде селото Мажучиште, пронајдена е ара посветена на богот (Хермес) Меркур.44 Од натписот се дознава името на дедикантот, Публиј Елиј Филип, ветеран на римската војска. Во текстот, кој наместа е оштетен, се спомнува името на населбата во која живеел, а тоа е Колобаиса. Оваа населба се спомнува на уште еден мермерен споменик датиран околу 200 година. Тоа е натписна плоча која е вглавена во покривот од црквата на манастирот Трескавец оддалечен околу 4 km кон североисток од локалитетот Ридот.45 Според досегашните сознанија cè уште не може ништо поконкретно да се каже за местоположбата на Колобаиса, ниту за каква било поврзаност на локалитетот Ридот кај селото Мажучиште со оваа античка населба. Единствено, идни поголеми археолошки истражувања на поширокиот простор би можеле да дадат нови согледувања кои би помогнале околу убицирање на населбата и можна поврзаност на локалитот Ридот со неа.
Белешки
- Финансиските средства за археолошките истражувања ги обезбеди инвеститорот и тие беа изведени во вре_ менскиот период од 26.7. до 20.8.2004 година. ↩
- Симоска Д. et al., 1976, 47, сл. 4, T.VI, 1, T.VIII, 2; Гарашанин М. - Симоска Д., 1976, 9; Симоска Д. et al., 1977, 12; Kitanoski B., 1992, 233; Китаноски Б., 1994, 53, 54, сл. 4; Темелкоски Д., 1999, 35. ↩
- Симоска Д., 1983/84, 9; Тодоровиќ Ј. et al., 1985/86/87, 10; Симоска Д. - Санев В., 1976, 53, сл. 256, 257; Темелкоски Д. - Миткоски А., 2004, 137, сл. 3. 4, 5; Mitrevski D., 2006, 86, fig.1; Василева М., 2008, 26, сл.5. ↩
- Миткоски А., 2010, 60, T.XII, 2. ↩
- Митревски Д., 1997, 131. ↩
- Cermanović Kuzmanović A. - Srejović D., 1992 115. ↩
- Соколоска В.,1997, 39, сл. 32; Поповиħ . И., 2002, 34-35. ↩
- Cermanović Kuzmanović A. - Srejović D., 1992 115; Поповиħ И., 2002, 18, 35, кат. 3. ↩
- Mikulčić, I, 1966, 16, Т.IV, 8 b; Санев В. et al., 1976, 56, 61, кат. бр. 536, 539 а, б, в, 654, 656; Георгиев З., 1987, 117, сл. 1 А; Митревски Д., 1995, 68, 69, 74 , Т.II. 6; Митревски Д., 1997, 61, 114, сл. 18, 6, 7; Mitrevski D., 2006, 89, 91, fig. 4-6. ↩
- Митревски Д., 1997, 61. ↩
- Соколоска В.,1997, 39, сл. 32. ↩
- Vuliċ N., 1941-1948, 270, fig. C; Popović Lj., 1956, MCMLVI, 48, Т.XX, 7, 8; Лахтов В. - Кастелиц Ј., 1957, 21, 22, 25, 44, T.II, 6, T.III, 8-14; T.V, 15, 16; T.X, 14, 16, T.XX, 5, 6; Vasić R., 1997, 64, crt. 1. ↩
- Benac A. - Čović B., 1957, 9, 23, 43-44, Т.IX:10, Т.XXXIV:1, 2, Т.XXXXVII: 1. ↩
- Čović B., 1987, 630 - 1, T.LXIV: 4, 9, sl. 36, br. 30. ↩
- Тасиħ Н., 1998, 214, кат. бр. 216. ↩
- Ћукниħ М. - Јовановиħ Б., 1966, 28, 57, Т.IX: 9, Т,XV: 13. ↩
- Vasić R., 1987, 645, 646, T.LIX:1-4. ↩
- Лахтов В. - Кастелиц Ј., 1957, 37, 38, Т.XIV:6, 7, 9, 10, Т.XXIII:4. ↩
- Кузман П., 1985, 40, Т.X:1. ↩
- Mikulčić I., 1966, 28, 33, Т.IX:18, i; Мачкиħ П. et al., 1961, 206, сл. 37. ↩
- Mikulčić I., 1966, 33. ↩
- Lahtov V., 1965, 149. ↩
- Vasić R., 1997, 65. ↩
- Раководител на археолошките истражувања на локалитетот Грамада под три камна е проф. др. Виктор Лилчиќ. ↩
- Benac A. - Čović B., 1957, 23, 44, T.XXXXVII: 1. ↩
- Benac A. - Čović B., 1957, 48, 9, T.XXXVIII: 10, T.XXXXI: 2, T.XXXXIII: 3, 4; Čović B., 1987, 621, sl. 36, br. 19. ↩
- Кузман П., 1985, 29, 41, T.XI:12,13. ↩
- Кузман П., 1985, 41. ↩
- Vulić N., 1941-48, 269, 270, С; Лахтов В. - Кастелиц Ј., 1957, 21, 22, 25, 31, 32, 44, T.II, 6, T.III, 8-15, T.V, 15,16, T.X, 11-18, T.XX, 5-7; Vasić R.,1997, 65, sl.1. ↩
- Mikulčić I., 1966, 53, T.XVII, 25a; Манева Е., 1979, 17, T.V, 51, 53-55, 58, 59, 63-67, T.VI, 52, 56, 57, 60-62, 68; Соколовска В., 1986, 82, T.28, 1-10, T.72, 1-3; Битракова Грозданова В., 1987, 50, T.XIV, 3,5, T.XV, 2. ↩
- Mikulčić I., 1966, 76; Манева Е., 1979, 16, T.IX, 39, 40; Соколовска В., 1986, 77, 82, T.28, 17-19, T.72, 4-6; Хусеиноски Б. - Спасовска Димитриоска Г., 1999, 168, T.VII, 3. ↩
- Манева Е., 1979, 17, T.VI, 47-49; Битракова Грозданова В., 1987, 51, T.XV, 1. ↩
- Mikulčić I., 1966, 76, T.XXV, f; Манева Е., 1979, 17, T.VII, 62-72; Соколовска В., 1986, 82. ↩
- Mikulčić I., 1966, 51, T.XV, b; Соколовска В., 1978, 101; Соколовска В., 1986, 80; Битракова Грозданова В., 1987, 39, 40. ↩
- Mikulčić I., 1966, 76, T.XXIV,a-d; Битракова Грозданова В., 1987, 53; Станчевски И., 1997, 72, 1,2. ↩
- Mikulčić I., 1966, 76. ↩
- Mikulčić I., 1966, 76, T.XVII, 25, T.XXIV, f; Манева Е., 1979, 19, T.XX,101-103; Битракова Грозданова В., 1987, 58; Битракова Грозданова В., 1989, 116, сл. 19. ↩
- Mikulčić I.,1966, 86, T.XXIX, g; Манева Е., 1983/84, T.I, 1, 2, 4, 5; Битракова Грозданова В., 1987, 60; Соколовска В., 1986, T.31, 12; Јакимовски А. оваа локална варијанта на лампи од „ефески“ тип ја означува како тип XXII B, Јакимовски А., 2012, 100-108, кат. бр. 158. ↩
- Предметот евидентиран во охридската музејска збирка на предната страна има испишано ΔEMMO-T_KKΙ, додека на задната EIXX. Според истражувачот Маленко В., предметот е откриен во културен слој кој хронолошки припаѓал на доцномакедонскиот период. ↩
- Kitanoski B., 1966, 1-14; Битракова Грозданова В., 1987, 76, T.V.1-3. ↩
- Битракова Грозданова В., 1987, 77, T.V.5. ↩
- Соколовска В., 2011, 229. ↩
- Црнески Ж., 1996, 80, 81. ↩
- Кепески К., 1999, 195; Papazoglu F. et al., 1999, 108, 229. ↩
- Vulić N., 1934; Papazoglu F. et al., 1999, 110, 233. ↩
Summary
The Site Ridot near the Village Mažučište
The archaeological site “Ridot”, near the village Mažučište in the vicinity of Prilep, is a rocky hill with an incredible strategic location. The archaeological surveys in the past have revealed large quantity of moveable archaeolgical material which suggested that the area was occupied for a longer period in the prehistory and antiquity.
Due to the threatening expansion of a stone mining concession, a salvage excavation with test trenches was conducted. The excavation uncovered a wall of a prehistoric building and two rooms of a building from the antiquity. The rooms were formed by walls made of larger and smaller stones bonded with mud.
The revealed archaeological material helped the chronological determination of the strata. The dominant finds are the pottery vessels, and besides them, there are tools and various objects of stone or metal. The documented shapes of plates and bowls, as well as the characteristic types of jewellery suggested that there was a settlement at this location that existed for a longer period in the prehistory. The earliest layer chronologically belongs to the local cultural group of the Middle Eneolithic known as Šuplevec – Bakarno Gumno. The first settlement was succeeded by pccupation during the Bronze Age, Iron Age and the Late Archaic period. The moveable finds dsicovered in the building from the antiquity (pottery vessels, oil lamp, bronze fibulae and two coins of Philip V) date this discovery in the Late Hellenistic period.
Библиографија
- Битракова Грозданова В., 1987, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје.
- Битракова Грозданова В., 1989, Истражувања на Голем Град од 1981-1986 година, Maced. acta archaeol. 10, Скопје, 101-133.
- Vulić N., 1934, Anticki spomenici nase zemlje, Spomenik LXXVII, II, SAN, Beograd.
- Vulić N., 1941-48, Anticki spomenici nase zemlje, Spomenik XCVIII, I, SAN, Beograd.
- Benac A., Čović B., 1957, Glasinac, dio II (katalog), Sarajevo.
- Vasić R., 1987, Kneżevski grobovi iz Novog Pazara i Atenice, PJZ V, Sarajevo.
- Vasić R., 1997, The ˝Poor˝ Graves of Trebenishte, Macedonia and the neighbouring regions from 3rd to 1st milenium b.c., Struga, 63-66.
- Василева М., 2008, Тумба, село Кравари, Македонски археолошки преглед 1, Скопје, 26-30.
- Гарашанин М. - Симоска Д., 1976, Контролни ископувања на Шуплевец и некои проблеми на групата Шуплевец-Бакарно Гумно, Maced. acta archaeol. 2, Прилеп, 9-41.
- Георгиев З., 1987, Необјавени и нови наоди од Повардарјето, ГЗФФ 14, Скопје, 117-134.
- Јакимовски А., 2012, Антички светилки од Република Македонија, Скопје.
- Китаноски Б., 1966, Фибули од V-III век од старата ера во Народниот музеј во Прилеп, ЗАМ кн. IV–V, Скопје, 1-17.
- Китаноски Б., 1992, Some data on the eneolitik of Pelagonija, Balkanika XXIII, Beograd, 231-241.
- Китаноски Б., 1994, Бронзено време, Археолошка карта на Република Македонија, том 1, Скопје, 51-61.
- Кузман П., 1985, Три Чељусти и Вртуљка - Требеништа 1972, Охрид.
- Кепески К., 1999, Ара од Мажучишта, Maced. acta archaeol. 15, Скопје, 195-202.
- Лахтов В. - Кастелиц Ј., 1957, Нови истражувања на некрополата Требениште 1953-1954, Лихнид, Годишен зборник, кн. I, том I, Охрид, 5-82.
- Лахтов В., 1965, Проблеми Требенишке културе, Охрид.
- Мачкић П. - Симоска Д. - Трбуховић В., 1961, Ранохалштатска некропола на локалитету Сарај у Броду, Старинар XI, н.с., Београд, 199 - 208.
- Манева Е., 1979, Хераклеја : Неколку типови и форми на елинистичка и римска керамика од Хераклеја, Битола.
- Манева Е., 1983/84, Светилки од музејската збирка во Хераклеја, Зборник на трудови 4-5, Битола, 47-63.
- Mikulčić, I., 1966, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza od egejske seobe do Augusta, Skopje-Beograd.
- Микулчић И. - Јовановић М., 1968, Хеленистички oppidum из Кршевица код Врања, Врањски гласник, Кн. IV, Народни музеј Врање.
- Миткоски А., 2010, Мариово во праисторијата, Maced. acta archaeol. 19, Скопје, 49-84.
- Митревски Д., 1995, Праисториската некропола Клучка-Хиподром кај Скопје, Зборник на Музеј на Македонија 1, н.с., Скопје.
- Митревски Д., 1997, Протоисториските заедници во Македонија, РЗЗСК, XXXVII, Скопје.
- Митревски Д., 2006, Genesis of the Iron Age Culture in Macedonia, Folia archaeologica balkanica Vol.1, Скопје, 85-96.
- Papazoglu F. - Milin M. - Ricl M.,1999, Inscriptiones Graecae, Vol. X, Pars II: Inscriptiones Macedoniae, Berlin.
- Поповиќ И., 2002, Накит са Јухора, остава или сакрален тезаурус, књ. 36, Београд.
- Popović Lj., 1956, Katalog nalaza iz nekropole kod Trebeništa, Antika I, Beograd.
- Санев В. - Симоска Д. - Китаноски Б. - Саржоски С., 1976, Праисторија во Македонија (каталог) Скопје.
- Симоска Д., Санев В., 1976, Праисторија во централна Пелагонија (каталог), Битола.
- Симоска Д. - Китаноски Б. - Тодоровиќ Ј., 1976, Населбата Црнобуки и проблемот нa истоимената култура во светлината на новите археолошки истражувања, Maced. acta archaeol. 2, Прилеп, 43-83.
- Симоска Д. - Китаноски Б. - Тодоровиќ Ј., 1977, Праисториска населба Тумба во село Карамани кај Битола, Maced. acta archaeol. 3, Прилеп, 9-25.
- Симоска Д., 1983/84, Висок Рид, праисториска повеќеслојна населба (прелиминарен извештај), Зборник на трудови 4-5, Битола, 5-20.
- Соколовска В., 1978, Археолошки истражувања во Демир Капија, Maced. acta archaeol. 4, Скопје, 93-112.
- Соколовска В., 1986, Исар-Марвинци и Повардаријето во античко време, Скопје.
- Соколовска В., 1997, Етничките носители на требенишката некропола, Скопје – Охрид.
- Станчевски И., 1997, Доцномакедонски депозит од Гурбита, Македонско наследство 3, Скопје, 68-80.
- Хусеиновски Б. - Спасовска Димитриовска Г., 1999, Вардарски Рид - истражувања во 1994, Maced. acta archaeol. 15, Скопје, 157-182.
- Тасић Н., 1998, Гвоздено доба, Археолошко благо Косова и Метохије од неолита до раног среднег века (каталог), Београд.
- Тодоровиќ Ј. - Симоска Д. - Китаноски Б., 1985/86/87, Осврт врз резултатите од археолошките истражувања на праисторијата во Пелагонија, Зборник на трудови 6-8, Битола, 5-24.
- Темелкоски Д., 1999, Енеолитска населба Крушеанска чука, Macedoniae acta archaeologica 15, Скопје, 33-45.
- Темелкоски Д. - Миткоски А., 2004, Нови праисториски локалитети од прилепскиот дел на Пелагонија, Зборник на трудови 15, Битола, 133-145.
- Cermanović Kuzmanović A. - Srejović D., 1992, Leksikon religija i mitova drevne Evrope, Beograd.
- Црнески Ж., 1996, Јубилејна монета на Октавијан Август од Мажучиште, Прилеп, Македонско наследство 1, Скопје, 79-81.
- Čović B., 1987, Glasinačka kultura, PJZ V, Sarajevo.
- Ћукнић М. - Јовановић Б., 1966, Илирска кнежевска некропола у Атеници, Чачак.