Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 153–172
Тумуларно погребување од рано железно време на некрополата Пржали-Варвара, Скопско
Некрополата се наоѓа на околу 1 km источно од селото Варвара и околу 2,5 km западно од селото Батинци, од десната страна на патот кој од Драчево води кон Марков Манастир. Сместен е на блага падина во месноста Пржали, на местото каде што поројната рекичка Локва Попова се влива во Маркова Река (карта 1). Некрополата е распространета на поголема површина, зафатена со земјоделски култури, при што континуирано се обработува во текот на целата година (сл. 1). Започнувајќи од левиот брег на поројницата Локва Попова, границите на некрополата лесно можат да се определат. Оттука, таа се простира кон исток, на југ е ограничена од патот Драчево-Марков Манастир, на север од повеќе ниски ритчиња, кои поради стрмните падини ги ограничиле погребувањата, додека на исток таа се протега до еден не толку длабок пороен поток што се спушта од северните ритчиња. На вака ограничениот простор некрополата зафаќа површина од околу 1 ha.
Некрополата Пржали е откриена со рекогносцирања во 1995 година, откако Музејот на град Скопје откупи две случајно откриени фибули од овој локалитет (Т.VII).1 Бидејќи се работеше за тукушто откриен локалитет, не беа познати карактерот, големината, организацијата, хронолошката рамка итн. Со оглед на фактот што локалитетот лежи на обработливо земјиште во приватна сопственост, на кој активно се изведуваат земјоделски работи речиси преку целата година, беше оневозможено да се избере соодветен простор за ископување. Во потрага по слободен простор се искажа потреба да се испита западната страна од локалитетот, каде што беа завршени обемни зафати со крупна механизација за израмнувањена нива. Со длабински зафати, овие интервенции уништиле дел од некрополата, создавајќи висок профил во кој беа констатирани погребувања. На самиот раб од профилната рамнина беше поставена контролна сонда, а во неа откриени 18 гроба. Ова ископување покажа дека некрополата е со широк хронолошки диапазон и со голема густина на погребување, при што спаѓа во редот на повеќеслојните некрополи.
Повторни истражувања на некрополата беа изведени во 2000 година. Со нив беа откриени уште 35 гроба, потврдувајќи ги резултатите добиени со првите ископувања. Последните истражувања на некрополата се изведени во 2006 година. Тогаш беа откриени 22 гроба или досега вкупно се откриени 75 гроба. На овој простор се вршело погребување во по-
голем временски пе-
риод, почнувајќи од раното железно време со мали временски прекини cè до IV век. На некрополата се практикувани двете форми на погребување со кремирање и инхумирање на остатоците од покојникот, додека гробовите се одликуваат со различни форми и начини на употреба на погребните обичаи што ја става оваа некропола како една од ретките каде што тоа се вршело на ист простор.
Покрај откриените гробови, со истражувањата на некрополата е откриено едно тумуларно погребување, кое според гробовите и наодите во нив хронолошки припаѓа на раното железно време. Со оглед на фактот што ова погребување се одвојува од останатите гробови кои припаѓаат на истиот или на периодот на полното железно време, заслужува да го презентираме како посебна целина. Исто така, сметаме дека ваквиот наод треба посебно да се презентира и поради фактот што во Македонија и пошироко ваквите погребување се мошне ретки.
Тумул
Тумулот има земјена конструкција на калотата која завршува со венец граден од поголеми аморфни речни камења (план 1). Во основата има пречник од 13 m, додека висината тешко може да му се одреди, со оглед на интензивните земјоделски активности што се вршат денес на овој простор. Тумулот претрпел оштетувања уште во римско време. Така, покрај гробовите од раното железно време, откриени се и два гроба од римско време. Освен калотата, во тоа време веројатно бил оштетен и дел од венецот. Најголем дел од просторот што го покрива калотата е истражен, така што може да се смета дека бројот на гробовите е конечен. Според нивната позиција, просторот ограничен за погребување бил неколкукратно искористен. Во рамките на просторот на тумулот покојниците биле погребувани на различно длабочинско ниво. Притоа, не се водело сметка за претходните погребувања. Сите откриени гробови се без вообичаена гробна конструкција, со скелетни покојници во испружена положба. Гробните дарови претежно се состојат од керамички садови, додека метални наоди не се откриени. Обично, гробните дарови биле поставувани покрај главата, а поретко покрај нозете. Остеолошките остатоци се мошне лошо зачувани, при што на некои од скелетите тешко може да им се одреди полот и возраста. Сите откриени гробови се на возрасни покојници, додека детските покојници се погребувале надвор од просторот за погребување на тумулот.
Гроб 1 (сл. 2)
Претставува погребување во јама без гробна конструкција и покривна плоча. Димензии 1,65 х 0,60 m. Ориентација e север-југ. Во гробот бил погребан возрасен маж на возраст од околу 40-45 години. Покојникот бил положен на грб во испружена положба, рацете му се положени покрај телото, главата наклонета кон лево. Скелетот е добро зачуван, но е деформиран. Покојникот не е поставен во хоризонтална положба при погребувањето, делот кај главата е повисок од делот кај нозете за околу 0,30 m, од што веројатно дошло до деформирање на скелетот.
Садот е откриен меѓу нозете, а точилото покрај него во висина на левото колено, со висинска разлика од околу 0,20 m од него. Во висина на точилото, од неговата лева страна, е откриена дислоцирана камена плоча, веројатно од друг гроб.
Гробни наоди:
- керамички сад - шолја, откриена меѓу фемурните коски веднаш под карлицата, има полутопчесто тело и една држалка која го надвишува работ (недостасува), работен на рака. Дим: вис. 6,7 cm, шир. 6 cm (Т.I.1);
- камено точило (острач за нож), откриен на левата страна во висина на левото колено, веројатно поставено по исполнувањето на јамата со земја, горната страна му е ожлебена за приврзување, а под жлебот е започнато перфорирање од двете страни, но не е продупчен. Дим: вис. 11 cm, деб. 2 cm (Т.I.2).
Гроб 2
Овој гроб претставува погребување во јама без гробна конструкција и покривна плоча. Димензии 1,40 х 0,90 m. Ориентација - североисток-југозапад. Во гробот била погребана возрасна индивидуа на која тешко може да ѝ се одреди полот.
Поради недостаток на коски и несразмерната поставеност на тие што се останати во гробната јама, тешко може се одреди положбата при погребувањето. Од скелетот се останати само делови од цевчестите коски на рацете и нозете, како и делови од черепот.
Гробни наоди:
- керамички сад - шолја, откриена од десната страна на черепот од типот микенски садови со четири мали продупчени јазичести држалки поставени на рамото, работен на рака. Дим: вис. 6 cm, шир. 10,6 cm (Т.I.3).
Гроб 3 (сл. 3, 4)
Од конструкцијата на гробот е откриена само западната половина, додека другата половина остана во источниот профил на површината која ја ископувавме. Претставува погребување во јама без гробна конструкција и покривна плоча. Димензии: 0,95 х 0,30 m. Ориентација - исток-запад.
На оваа позиција е погребана возрасна индивидуа на која тешко може да ѝ се одреди полот. Нејзините коски се расфрлани, при што не сочинуваат вообичајна целина. При ваква состојба тешко може да ѝ се одреди положбата на погребување. Од скелетот се откриени само делови од цевчестите коски на рацете, нозете, ребрата и карлицата.
Гробни наоди:
- од левата страна до раката има фрагментиран керамичен сад - шолја од типот
микенски садови со четири мали продупче-
ни јазичести држалки поставени на рамото,
работен на рака. Дим: вис. 4,5 cm, шир. 6,8
cm (Т.I.4).
Гроб 4 (сл. 3 и 4)
Под гробот 3 е откриен уште еден гроб. Претставува погребување во јама без гробна конструкција и покривна плоча. Од гробот е откриена само западната половина. Димензии 0,55 х 0,45 m. Ориентација западисток.
Во гробот бил погребан возрасен маж на возраст од околу 40-45 години. Од скелетот на покојникот се зачувани само мал дел од цевастите коски на рацете и черепот на покојникот. Од позицијата на скелетот тешко може да се согледа положбата при неговото погребување. Гробни наоди не се откриени.
Гроб 5 (сл. 4 и 5)
Претставува погребување во јама без гробна конструкција и покривна плоча. Димензии 1,50 х 0,50 m. Ориентација - север-југ. Во гробот била погребана возрасна жена на возраст од околу 45-50 години. Покојникот бил положен на грб во испружена положба, десната рака положена покрај телото, а левата врз стомакот. Склетот на покојникот е лошо зачуван. Од него се зачувани делови од цевчестите коски на рацете и нозете, како и делови од карлицата и черепот. На северната страна, непосредно до черепот, откриени се делови од карлица, веројатно од друг покојник.
Гробни наоди:
- од десната страна до черепот има керамички сад шолја од типот микенски садови со четири продупчени јазичести држалки поставени на рамото (недостасуваат), работен на рака. Дим: вис. 7 cm, шир. 10,8 cm (Т.I.5);
- околу вратот има 9 мониста од тиркизна паста. Дим: дијам. 0,6 cm, деб. 0,25 cm (Т.I.6).
Гроб 6 (сл. 6)
Претставува погребување во јама без гробна конструкција и покривна плоча. Се работи за минимални остатоци од скелет на возрасна индивидуа на која не може да ѝ се одреди полот. Според овие остатоци од покојникот, тешко може да се одредат димензиите на гробната јама и карактерот на погребувањето. Од скелетот се зачувани само неколку делови од цевчестите коски на нозете. Веројатно со подоцнежни интервенции на овој прос- тор од некрополата се уништени деловите од конструкцијата на гробот и неговата содржина.
Гробни наоди:
- керамички сад - шолја со една држалка која го навишува работ, јазичести додатоци поста-
вени на работ од двете страни на држалката, работен на рака. Дим: вис. 8,5 cm, шир. 10,8
cm (Т.I.7).
Гробни форми и обичаи на погребување
Погребувањето во текот на раното железно време подразбира практикување на скелетен начин на погребување (инхумација). Во исто време, инхумацијата условува различен начин на формирање на гробната комора за положување на погребните остатоци на умрениот. Од друга страна, додека обичаите за погребување на умрените од раната фаза и полното железното време се речиси идентични, гробните конструкции видно се разликуваат. Во основа, тоа се два начини за градење на гробната комора во рамките на заедничкиот простор за погребување во некрополата.
Во раната фаза од железното време се користи обична јама без оградување, додека во полното и доцното железно време, покрај цистата формирана од камени плочи, се констатирани конструкции со венец од аморфни камења и од нафрлени камења во вид на могилка. Кај сите овие форми на погребување најголемиот дел од гробовите се релативно добро зачувани, но има и такви кои сосем ја загубиле својата физиономија. Најголеми оштетувања претрпеле гробовите од тумулот на некрополата во Варвара, каде што покојниците се погребувани без ред и почитување на претходните погребувања, што подразбира повеќекратна употреба на тумулот како заеднички простор за погребување на една родовска заедница.
При ископувањата не се констатирани елементи кои би потврдиле евентуална употреба на дрвен ковчег. Во тој случај, по претходно ископаната јама погребните остатоци од покојникот биле положувни во неа со сите придружни манифестации и гробни дарови, а покривањето на јамата се вршело со враќање на ископаната земја. При чинот на погребување особено внимание било посветувано на ставање на гробните дарови. Нивниот распоред и карактер овозможува да се согледа целосната слика за покојникот во моментот на погребувањето. Како гробни дарови на покојникот претежно биле ставани керамички садови, поставувани покрај нозете, во висина на главата или покрај рамото на покојникот.
Тумулот и венецот на тумулот претрпеле видни оштетувања во подоцнежните периоди, а претежно во римскиот период. Во оваа смисла, интересен е и фактот што врз венецот и непосредно до него од надворешната страна се откриени повеќе гробови на детски покојници, претежно новороденчиња или во првите години од животот, погребани во обични јами. Нивната припадност тешко може со сигурност да се определи во услови кога во нив не се откриени археолошки наоди. Позицијата и начинот на погребување оставаат впечаток дека припаѓаат на раната фаза од железното време. Начинот на погребување на оваа категорија покојници видно се разликува од тие во полното железно време. Кај најголемиот дел од погребувања во полното железно време детските покојници се погребуваат во цисти од делкани камени плочи, што се градат според големината на покојникот или се погребуваат во поголемите веќе изградени и употребени „семејни“ цисти. Во гробовите на детските покојници од полното железно време речиси секогаш се принесуваат гробни дарови, додека сега тие изостануваат. Значи, се работи за сосема поинаков начин на практикување на обичаите за погребување на детски покојници.
Од друга страна, забележителен е и фактот што најголемиот дел од откриените детски гробови се лоцирани надвор, а во непосредна близина на откриениот дел од тумулот. Со оглед на тоа што во тумулот не е откриен ниту еден детски гроб, во оваа смисла cè уште не е јасна улогата на ваквите релации при погребувањата, да се одвојуваат гробовите на возрасните индивидуи од тие на младите. Во секој случај, веројатно се работи за обичај поврзан за социјалниот карактер на населението, односно за релации кои обезбедуваат примарен статус во заедницата, рефлектирани и преку заземањето соодветно место во некрополата. Со ваквиот начин на организирање на заедничкиот простор за погребување, мошне јасно е отсликана состојбата во родовскиот карактер и уредување на меѓусебните односи во заедницата, која веројатно влече корени од претходните времиња. И во текот на полното железно време ваквиот начин на организирање на гробовите ќе има одредена примена, но тоа ќе има друг карактер со сосема други мерила и вредности во рамките на заедничкиот простор за погребување.2
Гробни наоди
Керамика
Со истражувањето на тумулот се откриени 5 целосни или делумно зачувани керамички сада. Гробни дарови се откриени во гробовите 1, 2, 3, 5 и 6 (T.I). Голем број фрагменти од керамички садови што се откриени меѓу гробовите, односно околу внатрешниот и надворешниот дел од венецот на тумулот, исто така претставуваат керамички наоди од раното железно време со идентични типолошки вредности, како и садовите гробни прилози. Сите керамички наоди се работени на рака (Т.II-V).
Се работи за керамика која го одржува континуитетот во изработка на формите од претходниот преоден период, надоградена со воведување нови елементи во нивната изработка. Изработена е од глина помешана со кварцни зрна, со светлоцрвена до окер боја на печење. Покрај основните форми што веќе се одомаќиниле на нашето подрачје, често се среќаваат форми од јужно потекло, кај кои држалките добиле хоризонтална положба поставени на рабовите од садовите. Покрај основните облици на канелираната керамика и грубите лонци, кои го продолжуваат континуитетот на развиток од претходниот преоден период, најчесто застапени форми се чиниите со или без вовлечен раб, со една или со две хоризонтални држалки, понекогаш тордирани. Ваквите наоди се најдобро познати од повеќеслојните населби во Долен Вардар.3 Евидентното присуство на овие облици мошне јасно ја определува керамичката продукција на доцномикенските локални копии од преодниот период откриени на повеќе некрополи во Македонија,4 но со додавање нови елементи прифатени од север.
Садовите од гробовите 2, 3 и 5 (Т.I. 3, 4, 5) претставуваат поедноставени, во основа доцномикенски форми, но изработени локално во нов железнодопски манир. Заради порозната фактура, која е резултат на мошне нискиот квалитет на печење, садовите од гробовите 2 и 3 (Т.I. 3, 4) се зачувани во фрагментирана состојба, односно нема елементи за реконструкција на нивниот горен дел. Нивни аналогни примери покажуваат дека тие во основа морало да содржат конично извлечен раб нанадвор. Се работи за биконични садови со тесен, краток врат, конично извлечен раб нанадвор и рамно дно. На рамото носат четири крстесто распоредени јазичести држалки со отвори за нанижување во средината. Садот од гробот 5 (Т.I.5) претставува шолја со широко отворено рамно устие и рамно дно. На рамото носи четири крстесто распоредени јазичести држалки со отвори за нанижување. Има порозна фактура со многу примеси на кварц, со нееднаква светлоцрвена боја на печење, на чија површина се наоѓаат траги од горење.
Садот од гробот 1 (T.1) претставува многу плитка шолја со полутопчесто тело и широко устие без нагласено дно, со една држалка што го надвишува работ. Има порозна фактура со доста примеси на кварцни зрна, со темнокафена боја на печење. Садот од гробот 6 (T.I.7) претставува длабока биконична шолја со краток врат и раб што се извива благо нанадвор и една држалка што го надвишува работ. На работ од двете страни на држалката се поставени по едно мало јазичесто испупчување, кои служат за зајакнување на држалката, односно како нејзин украсен елемент.
Накит
Од раното железно време потекнуваат две случајно откриени фибули на некрополата во Варвара, кои беа причина некрополата да започне да се истражува.5 Освен овие две фибули, од накитот при истражувањата на некрополата се откриени уште и 9 мониста од тиркизна паста од гроб 5. Тоа се:
бронзена фибула со една петелка и две копчести здебелувања на лакот (T.VII.3);
бронзена фибула со една петелка и плочеста нога во форма на квадрат (Т.VII.1, 2);
кружни мониста од тиркизна паста (9 ком.) (Т.I.6).
Од првата фибула е зачуван лакот и дел од ногата. Иглата не е зачувана, а на неколку места е кородирана и оштетена. На краевите има две копчести здебелувања, на средината лакот е здебелен, од каде кон краевите се стеснува и има кружен пресек. На едниот крај лакот преоѓа во петелка со ромбоиден пресек и продолжува во игла (недостасува), додека на другиот крај е поставена сплесната нога (недостасува). Лакот е украсен со комбинирани геометриски мотиви од врежани цик-цак линии кои формираат мотив на елово гранче. Сите украсни елементи го опфаќаат целиот простор околу лакот на фибулата.
Овие фибули во науката се познати како либурнски тип. Најголем број наоди од оваа фибула се откриени во Хрватска и Босна и Херцеговина, меѓутоа, најголема концентрација се јавува на просторот што го населуваат Либурните во првата фаза од железното време. Нивна најголема концентрација се јавува на потесното подрачје на дел од Средна и Северна Далмација и Хрватското Приморје со Каварнер, поради што и го добила името.6 Нејзината распространетост се следи и на териториите на Италија, Грција, Турција, Словенија и Македонија.7 Во Македонија од оваа фибула досега се откриени 6 примероци на локалитети кај Прилеп (с. Тројаци, с. Прилепец и Попадин Дол),8 кај Демир Капија9 и Лакавица кај Штип.10 Заедничко за сите овие наоди е тоа што поголем дел од нив се откриени во осамени гробови цисти што се наоѓаат покрај патни правци, што не е случај со нашиот и покрај тоа што е случаен наод. Хронолошкото определување на овој тип фибули е сосема извесно. Во Грција се јавуваат во текот на XI век пр. н.е., поврзани веројатно со вториот бран на т.н. Големи егејски преселби.11 По формата и украсните мотиви на лакот, нашата варијанта припаѓа на групата идентични наоди откриени на територијата од Македонија и Грција. Речиси сите наоди во Македонија и Грција се датирани во текот на втората половина на XI век пр. н.е.12 Втората фибула е со масивен полуелипсоовиден лак, најдебел на средината, од каде кон краевите се стеснува. На средината од двете страни на лакот има по четири канелури, а завршетоците до ногата и петелката се со елипсовиден пресек. На едната страна лакот преоѓа во една петелка со ромбоиден пресек, продолжувајќи во игла со кружен пресек. На другиот крај лакот преоѓа во голема плочеста нога во форма на квадрат, чиј долен дел нагло се свиткува на задната страна и служи за закопчување на иглата. Од двете страни ногата е оштетена. Украсувањето на фибулата е изведено само од предната страна. Лакот и ногата на фибулата се украсени со сложена формација на шрафирани триаголници и ромбови, цртички, точки и полутопчести испапчувања, во прилично симетричен однос (T.VII.2).
Оваа фибула засега се издвојува како посебна типолошка варијанта на поширокиот балкански простор. Единствена аналогна врска што се приближува до нашиот наод и од која веројатно потекнува, се сличните наоди откриени во Далмација и на Гласинечкиот културен комплекс.13 Тргнувајќи од специфичните манири содржани во формата и украсните мотиви, нашата фибула припаѓа на геометрискиот стил што се развива во текот на IX век пр. н.е. на Гласинечкиот, поточно, западнобалкански културен простор.14
Покрај садот, во гробот 5 се откриени 9 мониста од тиркизна паста (T.I.6). Овој вид накит се среќава кај женските гробови во облик на ѓердан околу вратот. Заради слабата испитаност на гробови и некрополи од периодот на раното железно време во Македонија па и пошироко, не е можно да се даде целосна диференцијација на овој вид накит. Во секој случај, се работи за мошне чуствителна категорија, која во текот на следната фаза од железното време ќе дојде до израз преку разните форми мониста изработени од бронза, глина и стаклена паста.
Орудија
Од оваа категорија предмети откриен е само еден острач (Т.I.с2) изработен од камен од гробот 1 во тумулот I во Варвара. Острачот има долго тенко тело со астрагална форма, на горниот дел е изработен жлеб за приврзување, а веднаш под него започнато е негово дупчење, но не е докрај завршено.
Овие предмети се поврзуваат за машките гробови, кај кои, покрај острачите, најчесто се среќаваат бронзени или железни сечила и пинцети кои заедно одат во сет. Се работи за т.н. машки тоалетни реквизити (прибор за дотерување на брадата кај мажите), познати преку бројните гробни прилози во машките гробови од полното железно време во некрополите по долината на Вардар.15 Нивната употреба уште во преодниот период16 веројатно претставува резултат на ширењето на микенските културни влијанија на север, посебно по долината на Вардар, потврдени и преку керамичките наоди. Присуството на нашиот наод само го потврдува континуитетот во употребата на овие предмети, кои ќе добијат важна улога во негувањето на машката мода во текот на полното и доцното железно време.
Белешки
- Ристов К. 1999, 7-12, сл. 1, 2. ↩
- Митревски Д., 1991, 43. ↩
- Heurtley W. A., 1939, No. 468, 469, Fig. 106; Hochstetter А., 1984, Tf. 135, 136, 170. ↩
- Митревски Д., 1997, 53-55, сл. 12, 1, 2, 3, сл. 14, 1-6. ↩
- Ристов К., 1999, 7-19. ↩
- Batović Š., 1960, 65, карта 5; Batović Š., 1983, 309-311. ↩
- Batović Š., 1960, 78, карта 5. ↩
- Китановски Б., 1971, 109, Т. I, 2; Китановски Б., 1961, 209, сл. 2, 4. ↩
- Корошец Ј., 1956, 104, сл. 18. ↩
- Mikulčić I., 1966, 10. ↩
- Batović Š., 1960, 69. ↩
- Корошец Ј. 1956, 104; Китановски Б., 1961, 213; Китановски Б., 1971, 110; Mikulčić I., 1966, 10; Batović Š., 1960, 70. ↩
- Batović Š., 1983, 338, sl. 21/3, 4, Т. XLVIII, 2; Čović B., 1983, 440, sl. 31/1, 2; Benac А. - Čović B., 1956, 34, Т. IV, 5, Т. XXXXII, 3, Т. XXXXIV, 5, Т.XXXXVI, 2, Т. XXXXVIII, 5; Čović, B. 1971, Т. I, II, III, IV. ↩
- Benac А. - Čović B., 1957, 56; Ристов К., 1999, 11, 12. ↩
- Митревски Д., 1991, 66, 67. ↩
- Митревски Д., 1997, 58, 59. ↩
Summary
Tumular Burial from the Early Iron Age at the Necropolis of Pržali - Varvara, Skopje Region
The necropolis is located around 1 km to the east of the village Varvara, and around 2.5 km to the west of the village Batinci, on the right side of the road that leads from Dračevo to Markov Manastir. It is located at a slight slope in the area Pržali, at the point where the small river Lokva Popova meets the river Markova Reka.
The cemetery was discovered in 1995 by archaeological survey after the Museum of City Skopje bought two accidental finds of fibulae from the site. The archaeological excavation in the same year revealed 18 graves and showed that the necropolis has a wide time span and large density of burials which makes it part of the group of multilayered cemeteries.
Additional excavations were conducted in 2000. There were 35 graves revealed which confirmed the previous results. The last excavation was conducted in 2006. There were 22 graves discovered during this campaign, which makes a total of 75 explored graves to this moment. The area was used for burial during a longer period of time, beginning in the Early Iron Age and lasting to the 4th century with small interruptions. Both funeral rites, cremation and inhumation, were practiced at the necropolis, while the graves have different customs of burial which makes the cemetery one of the rare places with such a diversity. Besides the revealed graves, the excavations have unveiled one tumular burial, which according to the graves and the finds chronologically belongs to the Early Iron Age.
The dome of the tumulus is made of earth and the base is surrounded by a circle of irregularly shaped river stones (Plan 1). The diameter at the base is 13 metres, while it is hard to determine the height due to the intensive agriculture activities which are still ongoing. The tumulus was damaged in Roman times as there are two graves from this period, beside the six graves from the Early Iron Age. It was not just the dome damaged in this period, but the circle of stones at the base was also disturbed. The deceased were buried at different levels inside the tumulus without care about the older burials. All of the graves are without a typical grave construction, with skeletal remains in stretched position. The grave offerings are mainly represented by ceramic vessels, while there are no metal finds. The offerings were laid by the head, and rarely by the legs. The osteological remains are very badly preserved making the determination of age and gender difficult. All of the graves belong to adult individuals, while the children were buried out of the burial area of the tumulus. According to the finds, the tumulus was used for burial between the 11th and 8th century BC.
Библиографија
- Batović Š., 1960, Iz ranog željeznog doba Liburnije, Diadora 1, Zadar, 37-81.
- Batović Š., 1983, Liburnska kulturna skupina, PJZ IV, Sarajevo, 304-330.
- Batović Š., 1983, Dalmatinska kulturna skupina, PJZ IV, Sarajevo, 311-357.
- Benac A. - Čović B., 1956, Glasinac I, Sarajevo.
- Benac A. - Čović B., 1957, Glasinac II, Sarajevo.
- Китаноски Б., 1961, Два гроба из старијег гвозденог доба код Прилепа, Старинар Н.С. XI, Београд.
- Kitanoski B., 1971, Nekoliko nalaza iz gvozdenog doba Pelagonije i Raeca, Materijali VII, Beograd, 105-122.
- Корошец Ј., 1956, Заштитно ископавање у Демир Капији 1948 године, ЗАМ 1 (1955-1956), Скопје, 90-105.
- Mikulčić I., 1966, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, Skopje-Beograd.
- Митревски Д., 1991, Дедели - некропола од железното време во Долно Повардарје, Скопје.
- Митревски Д., 1997, Протоисториските заедници во Македонија - преку погребувањето и погребните манифестации, Скопје.
- Ристов К., 1999, Нови праисториски наоди од Скопско, Културно наследство 24-25/1997-98, Скопје, 7-19.
- Heurtley W. A., 1939, Prehistoric Macedonia, Cambridge.
- Hochstetter A., 1984, Kastanas-Die handgemachtekeramik 3, PAS Band 3, Berlin.
- Čović B., 1971, Dva specifična tipa zapadnobalkanske lučne fibule“, GZM n.s. XXVI, Sarajevo, 313-333.
- Čović B., 1983, Srednjobosanska kulturna grupa, PJZ IV, Sarajevo, 433-457.