Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 109–119

Култна пластика од локалитетот Свети Атанас кај село Спанчево, Кочанско

УДК 903:730.031(497.733)”636”

Предмет на проучување и анализа во овој труд е фрагментираната култна пластика откриена во текот на сондажните истражувања на локалитетот Свети Атанас. Од целокупниот материјал со култна намена посебно внимание ќе ѝ биде посветено на специфичната антропоморфна пластика изработена од глина.

Во досега публикуваниот материјал веќе е споменато дека светилиштето Свети Атанас е еднослојно наоѓалиште со многу тенок културен слој, на кое, со досегашните истражувања се издвоени две фази на опстојување евидентирани со хоризонтална стратиграфија, со потврден правец на придвижување од југ кон север.1 Новооткриеното светилиште нуди особено значајни движни наоди, и според квантитет и според квалитет.

На раноенеолитното светилиште Свети Атанас кај село Спанчево се откриени најголемиот број глинени антропоморфни фигуринки на едно наоѓалиште од периодот на енеолитот во Република Македонија. Тоа, засега, е најбогатата колекција глинени фигуринки откриена кај нас која може да се обработува од неколку различни аспекти.

Во делот на обработката на идеолошкиот аспект на откриениот материјал со култна намена постои простор за попродлабочени анализи, но и за поголем број прашања и претпоставени тези. Бројноста на откриениот движен и недвижен материјал со култен карактер на светилиштето Свети Атанас овозможува во потесни рамки да се направи обид за следење и на развојот на одредени обредни манифестации во многу тесна врска со контекстот на откриениот материјал. Поради неговата разновидност, откриениот материјал, генерално, е поделен во две групи во зависност од неговиот движен или недвижен карактер:

1. објекти поврзани со манифестираниот култ;

2. култно-магиски предмети користени во обредните ритуали.

1. Во првата група се вбројува материјалот кој е со недвижен карактер, и тоа:

1а. објекти со кружна основа со различен дијаметар од 4 -18 m (сл. 1);2

Сл. 1.
Сл. 1.
Сл. 1a.
Сл. 1a.
Сл. 2.
Сл. 2.
Сл. 3.
Сл. 3.
Сл. 4.
Сл. 4.

1б. квадратни и правоаголни платформи со премаз од набиена жолта глина со димензии меѓу 3 и 5 m (сл. 2);

1в. камени клупи - банкини, формирани од камен поврзан со запечена земја, со приближни димензии меѓу 1,25 х 2,5 m. Врз нив најчесто е приложувана садова керамика со стандардни и нестандардни форми, како и фрагментирана антропоморфна и зооморфна пластика, претходно фрагментирана, веројатно во обредни манифестации (сл. 3);

1г. вкопани јами со различни димензии со длабочина од 0,15-0,40 m. Тие не содржеле речиси никакви наоди, а многу често се откривани групирани по две заедно3 со подѕидување во внатрешноста. Врз нив има насипувано земја, пепел и гареж, помешан со слој од жолта запечена глина, при што се оформуваат мали кружни платформи со приближен дијаметар од околу 1-1,20 m.4 Споменатиот насип од земја и пепел бил исполнет со кршена керамика која во текот на ритуалните обреди специјално се нафрлувала врз нив, со што добиваат форма на мали испапчувања, односно могилки (сл. 4).

2. Во втората група се вбројува движниот материјал користен во култно-магиски цели.5 Предметите од овој вид во голем процент се фрагментирани, па затоа повеќето од нив тешко може со сигурност типолошки да се вбројат во одредени групи, но сепак генерално ги издвојуваме на:

2а. предмети со нестандардни форми, минијатурни модели на садови6 и на објекти од глина со култна намена како што се: модели на печки, живеалишта, култни масички, олтари и жртвеници. Тие речиси по правило се декорирани, и тоа во првата фаза најчесто со врежување7 (сл. 5), а во втората потврдена фаза со графитно сликање.8 Самото присуство на овие макети за објекти во толку голем број и на релативно мала истражена површина упатуваат на култната намена на истражуваниот простор. Во нашата народна традиција тоа се објекти кои до ден денешен се поврзуваат со плодноста и продолжувањето на семејната лоза и семејното огниште.9 Слична традиција на правење макети на живеалишта во Кочанско се среќаваат до најново време.10

2б. антропоморфни и зооморфни фигурини е втората група предмети со нестандардна форма изработени од глина кои во голем број се откривани на наоѓалиштето. Според нивната фрагметарност, при откривањето направена е и уште една поделба која се однесува првенствено на антропоморфниот материјал издвоен во неколку категории: 1. откршени глави; 2. горен дел од телото со или без глави; 3. стомачни делови од тело; 4. долен дел од тело и 5. стапала или откршени долни делови од нозе.11

1. При изработката на главите најчести се претстави со сумарна обаработка на лицата или сосема стилизирани назнаки на основните црти. Задната страна е рамна со кружна форма, а предната со пластично нагласен нос, ушите се директно извлечени од лицето, со едно или повеќе пробиени дупчиња, додека брадата е само назначена12 (сл. 6).

сл. 10. сл. 9a.
сл. 10. сл. 9a.

Поретко, но откриени се и реалистично обработени глави кои нудат сосема реална слика на ликот. Кај нив се забележуваат одредени индивидуални обележја на личноста, грбав нос, цврста нагласена брада, вдлабнати очи и образи, обетки во ушите и слично13 (сл. 6а).

2. Горните делови од телата најчесто се откривани со откршени над половината со зачувана биста, пластично извлечени гради, со раширени или спуштени раце покрај телото, со или без глава. Доколку постои врежана декорација, таа најчесто е ограничена на предниот дел, и тоа со по две вертикално врежани линии одлево и оддесно, кои на горниот дел се прекршуваат под остар агол или, пак, има само пластично извлечени гради, без декорација или со спирално врежана линија, додека задниот дел најчесто е без декорација.14 Исклучок од ова е еден фрагмент кај кој и предната и задната страна се со врежани геометриски форми кои го симболизираат плодородието15 (сл. 7).

3. Во речиси сите откриени фрагменти од стомачниот дел на телото има богата врежана декорација со комбинација од прави и коси линии, ромбови и точки (сл. 8, 8а). Во фрагментите од стомачните делови многу често е нагласена бременоста.16

4. Според бројот на досега откриените фрагменти, најзастапени се делови од долниот дел на телото, и тоа фрагменти од фигуринки кои стојат или седат и со телото се зафрлени нанапред или наназад17 (сл. 9, 9а).

5. Стапала или делови од долен дел на нозе од фигурини (сл. 10). Зачувани се фрагменти од фигуринки со шпицести звршетоци, без декорација и сликање, но има и такви со анатомски правилно моделирано стапало.18

Во анализата на материјалот кој го вбројуваме во првата група на објектите поврзани со манифестираниот култ во прв план се поаѓа од двата засега откриени објекти со кружна основа поставени во иста линија во правец југ-север. Помалиот од нив е поставен на северната страна со речиси четирипати помал дијаметар кој изнесува 4 m,19 а во него е забележливо отсуството на какви било прилози и наод од движен карактер. За разлика од него, во кружниот објект со димензии од 18 m во јужниот сектор се забележани издигнати камени платформи со правоаголен облик и кружни површини исполнети со траги од горење, под кои се затскривани вкопани јами со различни димензии од 0,15-0,40 m длабочина. Целата истражена површина изобилува со наменски кршена садова керамика со стандардни и нестандардни форми во кои доминираат фрагментите од садови - амбари, минијатурни модели на садови и објекти, антропоморфни и зооморфни фигурини. Тука се наметнува едно прашање на кое засега се отворени неколку можни одговори: кому му е посветено светилиштето и дали оваа поставеност на двата кружни објекта може да се поврзе со цикличноста на годишните времиња?

Досегашната споредбена анализа на откриениот материјал20 во најголема мера упатува токму на поврзаноста со цикличноста на годишните времиња, плодородието и плодноста воопшто. Евентуални церемонии и култно-магиски обреди во своето средиште секако дека имало, му се поклонувале и му принесувале дарови на божеството на плодноста, но истовремено и на сонцето како извор на животот и на повторното раѓање на природата и сиот останат жив свет. И покрај големата хронолошка разлика, заради доближување, во случајов, одредени паралели правиме и со обичаите поврзани со плодноста во нашето поблиско минато во етнографскиот материјал.21

Од друга страна, големиот број откриен движен материјал, а, пред cè, фигуринки, нè упатува истражувањата и анализите да бидат проширени и разгледани од аспект на нивното производство во локални рамки или евентуално во производството со пошироки димензии, а аналогно на тоа и нивната можна дистрибуција и промет, за почеток, кај поблиските наоѓалишта во регионот по течението на реката Брегалница, а во одредени случаи и на пооддалечените наоѓалишта во соседните култури.

Гледано од аспект на производството на фигурини, направените проучувања се засновани врз основа на неколку генерални параметри, според кои би можела да се гради одредена хронолошка, географска или контекстуална рамка и правец на дистрибуција на откриениот материјал, па дури се отвораат прашања и за одредени социјални аспекти поврзани со нивното производство.

Прелиминарните истражувања се засновани врз три различни категории на параметри:

1. квантитативни параметри (бројна застапеност на фигурини и други предмети со култна намена);

2. технолошки параметри (суровини, производна техника);

3. квалитативни параметри (пропорции, стилови, декоративни елементи);

Во сондажните археолошки истражувања, реализирани во првичните три кампањи во периодот 2008-2010 год.,22 на светилиштето Свети Атанас е истражена вкупна површина од 400 m2. Откриени се голем број специфични минијатурни модели на објекти од глина со култна намена. Тој ансамбл на култни предмети се состои од: модели на куќи, печки, жртвеници, олтари, култни масички или други предмети со култна намена. Во споменатите кампањи, освен моделите на објекти откриени се и повеќе од стотина разновидни антропоморфни керамички фрагменти. Оттаму, во поглед на квантитативниот параметар ова светилиште се вбројува во наоѓалиштата кај кои во просек на 100 m2 се издвојуваат апроксимативно 25 антропоморфни фрагменти, на која бројка треба да се додадат и останатите предмети со култна намена, што претставува една сосема завидна бројка.

Токму големината на оваа бројка отвора голем број непоставени прашања на кои е потребен одговор, кои, пак, од друга страна, го отвораат и прашањето за социјалниот аспект при производството и продукцијата на откриениот движен наод: дали сите откриени предмети биле директно вклучени во одредени ритуално-магиски обреди и која е целната група кон која е наменето нивното производство? Дали се наменети само за една населба, односно одредена мала група, или можеби станува збор за култен центар со поширок опфат? Па дури може да се постави и прашањето: Дали, можеби се работи за центар за производство на антропоморфни претстави, кои во определен контекст се дистрибуирани на поблиските енеолитски населби?

Земајќи го предвид квантитативниот параметар во поглед на застапеноста на движниот наод со култен карактер, може да се истакне дека добиените резултати укажуваат, со многу голема веројатност, постоење на култен центар со поширок регионален опфат кој е наменет за поширока целна група на корисници.

Во однос на технолошките параметри според употребениот материјал, сите досега откриени фрагменти на антропоморфни фигурини на светилиштето се изработени од глина или во комбинација на камен и глина, а можат да се поделат во две групи:

а) фигуринки кои целосно биле изработувани од глина, вклучително и самата основа, односно јадрото;

б) фигуринки изработени во комбинирана техника за јадрото, односно за основата е користен камен од вулканско потекло, а за површинскиот дел печена или сушена глина.

Тие најчесто биле изработувани во неколку засебни целини, подоцна спојувани. За јадрото е користен вулкански камен или глина. Кај фигуринките, кај кои и јадрото е од глина, истото прво се печело на висока температура за постигнување на поголема цврстина. Врз јадрото се налепувала смеса од прочистена земја која по сушењето се декорирала. По спојувањето се преливала со уште еден слој од поретка глинена каша без примеси и на крајот следувала доработка и нејзино печење, а мазнењето и полирањето, доколку го има, било завршниот процес.23

Прашањето кое се наметнува врз основа на технолошките параметри е: зошто кај голем дел од откриените антропоморфни претстави, на ова наоѓалиште, во основата се наоѓа вулкански камен? Дали одговорот на поставеното прашање може да се побара во богатството и експлоатацијата на опал, кварц и габро, присутна cè до ден денешен во непосредното опкружување,24 а кое било од огромно, ако не и пресудно значење за праисторискиот човек.

При разгледување на третиот параметар се поаѓа од фактот дека најголемиот дел од фигуринките се откривани фрагментирани. Според димензиите на откриените фрагменти, нивната евентуална височина би можела да е доста различна и таа би се движела од 3, па до такви со височина и до 30 cm. Според формата и положбата на телото може да се направи поделба на:

-фигуринки кои седат или со горниот дел на телото се зафрлени нанапред или наназад;

- глинени фигуринки кои стојат и тоа рамни и цилиндрични .

Според декорацијата исто така може да се поделат во две основни групи:

- фигуринки кај кои со комбинација од врежување прави, коси, спирални и цик-цак линии се формираат одредени геометриски форми или знаци. Кај некои од нив има и бела пастелна боја во врежаните делови или, пак, траги од суво црвено боење;

- фигуринки без декорација, врежување или боење.

Во делот на декорацијата видливи се одредени шаблони во користените мотиви. Сепак, присуството на орнаментиката кај предметите од предисторискиот период во никој случај не смее да биде прифатена само како декорација, туку повеќе како испраќање порака, сигнал или, пак, како составен дел на одредени обредно-магиски елементи. Според Б. Николов, во знаците од коишто бил составен орнаментот биле содржани одредени магиски пораки со апотропејско значење за тогашниот човек.25

По однос на третиот поставен параметар одговори треба да се побараат и во фрагментарноста на антропоморфните претстави, дали е случајна или во неа се содржи дел од обредната церемонија; дали при нивното ритуално кршење, учесниците во церемониите земале делови од овие фигурки кои ги носеле со себе во населбите, е прашање кое на некој начин нè поврзува со веќе претходно поставените прашања.

Речиси сите откриени антропоморфни фигуринки се откриени фрагментирани, а и покрај сите обиди не можат да се поврзат меѓусебе, што упатува на сосема логична претпоставка дека е можно учесниците во церемониите на заминување да земале дел од тие фрагменти со себе за благосостојба и напредок во нивните семејни заедници.26 Ваквата претпоставка, во прв ред, ја засноваме врз големиот број аналогни откриени фрагменти во населбите во контекст на домашни култни светилишта, меѓутоа, нивната бројност е далеку под оваа која е констатирана во Свети Атанас. Тука би ги наброиле потврдените поединечни или бројно поскромни наоди на енеолитските наоѓалиште во непосредното опкружување: Пилаво кај Бурилчево,27 Горни Балван кај Штип,28 Виничко Кале кај Виница,29 Град кај Делчево,30 Цареви Кули кај Струмица,31 како и во подалечното опкружување во Братмиловци кај Лесковац.32 Од друга страна, пак, тоа повторно нè упатува на нивното производство за поширока целна група, односно за покривање на еден поширок регион.

Заклучни согледувања

Теракотната пластика од Свети Атанас се вклопува во основните рамки карактеристични за енеолитскиот период во централнобалканските простори.

При проучувањето и направените анализи на материјалот откриен на светилиштето Свети Атанас, како од движен така и од недвижен карактер, пред нас неминовно се појавија повеќе прашања од аспект на основните поставени параметри кои го окупираат нашето внимание. Прашањата кои во текот на анализите се појавуваа сами по себе, неминовно повлекуваат и одредени заклучоци и делумни одговори кои допрва ќе треба да се градат и надополнуваат.

Во врска со квантитативниот параметар, одговорот на прашањето што си го поставуваме се наметнува сам по себе, а тоа е дека светилиштето Свети Атанас, барем според бројноста на досега откриениот култен материјал, кој изнесува приближно околу 25 фрагменти на 100 m2, се вбројува во наоѓалишта на кои се среќаваат меѓу 10-50 антропоморфни претстави33. Одовде произлегуваат и неколку одговори кои ги толкуваат изведените потпрашања. Токму во квантитативниот параметар го наоѓаме и одговорот на прашањето за каква целна група била наменета откриената култна пластика. Бројната застапеност на откриениот материјал упатува на постоење култно средиште со поширок опфат, односно култен центар со пошироки рамки.

Контекстот на откриениот материјал сам по себе упатува на неговата примарна улога и директната поврзаност со ритуално-магиските обреди. Движниот материјал е откриван во или околу објекти специјално подготвувани за одредената намена. Тие во својата основа ги содржат формите кои се среќаваат и во движниот материјал во глинените модели на: куќи, олтари, печки и др., а сите тие заедно се во или околу објектите со кружна и правоаголна форма.

Од друга страна, стои прашањето: Κому му е посветено ова светилиште? Повторно одговорот го бараме во археолошкиот контекст, кружните објекти поставени на јужната поголемиот, а на северната помалиот круг. Во јужниот круг има изобилие од материјал, а северниот е празен. Поставени се правилно во однос на страните на светот и уште еднаш се повикуваме на народните песни каде се споменува славењето на малото и големото, односно зимското и летното сонце, и тука го наоѓаме одговорот на кому.

Неспорен е фактот дека ваков тип фигурини, украсени со слични мотиви, со извесни разлики во техниките на украсување (врежување, мазнење, сликање) се евидентирани на пошироките простори на територијата од Источна Европа, преку Долното Подунавје, Балканот, Северна Грција и Јужна Албанија. Според нивната дистрибуција, како и датирањето и квантитативната застапеност во одредени региони, сосема е оправдано да се спомене можноста дека на просторите од централниот Балкан тие стигнале со миграциите од североисток во втората половина на V милениум пр. н.е., меѓутоа, во зависност од големината и доминантноста на автохтоните неолитски култури добивале и одредени локални карактеристики.

Периодот на енеолитот изобилува со појавата на женски претстави изработени најчесто во глина, камен или коска. Тие честопати во литературата се споменуваат како „фигурини/ божици на плодноста“ или, пак „големи/божици мајки“ и сл. Иако, генерално, се вклопуваат во една општа иконографија, се разликуваат според нивните пропорции, стилот и орнаментиката. Вниманието на голем број истражувачи е окупирано врз нив низ целиот XX век, но најчесто е фокусирано на религискиот, односно идеолошкиот аспект на фигурините. Иако гледано од денешен аспект на поимање на нештата, тие во себе содржат и одредена уметничка димензија, и како такви може да се анализираат и издвоено, односно за праисторискиот човек таа имала симболичен карактер. При изработката на предметите во свеста на праисторискиот човек не постоеле елементи чија функција би можеле да ја сведеме на декоративно во современата смисла на зборот, во нивната изработка не постои случајност или симбол со второстепено значење. Тоа што за нас е само декорација, имало точно определено значење за тогашните жители, емитирало конкретни пораки. Тоа ја определувало нивната позиција во соодносот со останатите предмети, при практикувањето на обредите.34

Во никој случај не би требало да биде занемарен ни процесот на нивното производство, кој отвора и поширок простор за натамошни истражувања и анализи.

Во основа, целата таа пластика се вклопува во една општа иконографија. Сепак, дел од неа има свои индивидуални обележја и специфики кои се резултат, како на локалните традиции така и на умешноста на мајсторот. Тие, без исклучок, го заземаат централното место при дефинирањето на духовниот живот во енеолитот. Иако археолошката граѓа од овој вид е многубројна и разновидна, секое ново откритие е само уште еден зрак светлина во спознавањето на духовниот живот на древните народи.

Човекот уште од најстари времиња преку симболи, слики и митови го прикажувал и се обидувал да проникне во тајните на космосот, на сопственото постоење, на раѓањето и смртта, како појави. При формирањето на сопствената претстава за божественото, тој создал верување во цикличното продолжување на животот. Најчести биле претставите на божествата кои поседувале способност смртта да ја претворат во живот и во чии тела започнува нов живот, од што би можела да се извлече констатацијата дека тие биле од особена важност за тогашното население.

Секој определен тип глинени фигуринки веројатно си имал точно определено место и намена во социјално-духовниот живот на енеолитскиот човек.

Археолошките истражувања на праисториските наоѓалишта недвосмислено укажуваат дека уште кај најстарите земјоделски заедници населението пројавувало знаци на заемна поврзаност со природата и практикување голем број култови и верувања проследени со соодветни обреди. Во нивното практикување најчесто користеле предмети со нестандардни и несекојдневни форми изработени специјално за намената. При нивното дефинирање, очекувано, забележлив е одреден континуитет во зависност од стопанскиот и општествениот развој во однос на претходните епохи. Тие биле предмет на внимание од поголем број на истражувачи.35

Белешки

  1. Атанасова И., 2012; Atanasova I., 2011; Атанасова И., 2011а; Атанасова И., 2010; Колиштркоска-Настева И., 2011. ↩
  2. Автор на приложените фотографии во текстот е Стефан Атанасов. ↩
  3. Атанасова И., 2012, 108: 5, 112: 10. ↩
  4. Атанасова И., 2012, 108: 6. ↩
  5. Овде ги издвојуваме само предметите кои имаат нестандардни форми, иако со оглед на контекстот на многубројната откриена фрагментирана садова керамика многу очигледно е дека и таа била кршена и приложувана во функција на манифестираниот обред. ↩
  6. Атанасова И., 2012, 93: 1, 3-8, 94: 2, 121, 122: 41. ↩
  7. Атанасова И., 2012, 79: 1-7, 80: 3-7, 81: 1-4, 11, 82: 1, 5-10,122: 20, 40. ↩
  8. Атанасова И., 80: 1, 2. ↩
  9. Намичев П., 2002, 57. Многу големи сличности во изгледот и делот на декорацијата се видливи во дрвените невестински ковчези, кои, претежно во руралните средини, младите невести ги носеле со себе во новоформираниот дом и моделите на живеалишта кои се наоѓани декорирани со врежување. ↩
  10. На градските гробишта покрај секој гроб на јужната или западната страна има поставено таква макета на куќа која се користи при палењето свеќи за покој на починатите. ↩
  11. Овде нема да се задржуваме подетално на нивниот опис и споредбени примери, а ќе ги спомнеме само најосновните карактеристики, бидејќи тоа е предмет на работа во други трудови или веќе на неколкупати е направено во погоре цитираната литература. ↩
  12. Атанасова И., 2012, 53: 2, 3, 54: 8, 96: 2, 3, 4, 70, 102: 6, 7, 8, 72. ↩
  13. Атанасова И., 2012, 53: 5, 105: 5, 122: 30. ↩
  14. Атанасова И., 2012, 54: 12, 55: 13, 14, 96: 14. ↩
  15. Атанасова И., 2012a, 148-156; Атанасова И., 2012, 54: 11, 96: 11. ↩
  16. Атанасова И., 2012, 55: 18, 56: 19-25, 59: 40, 97: 18-20, 99: 24,25, 100: 40. ↩
  17. Атанасова И., 2012, 57: 26-31, 58: 32-38, 59: 39, 92: 45, 96: 26-28, 35, 97: 34, 99: 41, 42, 101: 43, 103: 44, 105: 39. ↩
  18. Атанасова И., 2012, 60: 46-54, 61: 55-64, 62: 65-69, 97: 46, 101: 61-65, 103: 66-69, 104: 56-59. ↩
  19. Атанасова И., 2012, дадена е детална дескрипција на споменатите објекти, 12-15. ↩
  20. Атанасова И., 2012; Атанасова И., 2012a, 156. ↩
  21. Атанасова И., 2010; 9-10; Атанасова И., 2012, 43-45. ↩
  22. Земени се предвид само првите истражувачки кампањи на кои раководител на ископувањата беше авторот на текстов. ↩
  23. Атанасова И., 2012, 35-37. Разработен е процесот на производство на откриените фигуринки. ↩
  24. Блажев К. - Наунов Ј., 2003, 18. ↩
  25. Николов Б., 1972, 40. ↩
  26. И овде сличостите ги бараме во етнологијата како наука, до денес е присутен обичајот, од колачот или погачата за здравје која се крши и се раздава на роднини и пријатели барем едно парче да се однесе во семејната куќа за здравје и благосостојба во семејството. ↩
  27. Колиштркоска-Настева И., 1999, 25-32. ↩
  28. Нацев Т., 2009, сл. 44-62б. ↩
  29. Atanasova I., 2011, 236. ↩
  30. Колиштркоска-Настева И., 2006. ↩
  31. Рујак З., 2007. ↩
  32. Булатовић А. - Јовић С., 2011, 353-360, сл.1 и 2. ↩
  33. Terna S., 2011, 12-14. ↩
  34. Антонова E. В. , 1984, 49-50. ↩
  35. Gimbutas M, 1982; Lazarovici C. M., 2005; Bailey D., 2000. ↩

Summary

Cult Figurines from the Site Sveti Atanas near the Village Spančevo, Kočani

The largest number of clay anthropomorphic figurines from one Eneolithic site in the Republic of Macedonia has been discovered at the Early Eneolithic sanctuary of “Sveti Atanas” near the village Spančevo. For now, this is the richest discovered collection of clay figurines in our country and it can be analyzed from several different aspects.The quantity of discovered moveable and immoveable material with cult character at the sanctuary of “Sveti Atanas” allows us to follow the development of certain ritual manifestations in close relation to the context. Due to its variety, the discovered material is generally divided in two groups depending on its movable or immoveable character:

1. Buildings related to the manifested cult;

2. Cult-magic objects used in rituals; The large quantity of movable finds, figurines above all, directs us to expand the research and analysis and look at them from the aspect of their production in local boundaries, production in wider dimensions, as well as possible distribution and frequency at the closer sites in the region along the Bregalnica River for the beginning, and at the remote sites of the neighbouring cultures. The preliminary research is based on three different categories of parameters:

1. Quantitative parameters (numerical presence of figurines and other objects with cult purpose)

2. Technological parameters (raw materials, production techniques)

3. Qualitative parameters (proportions, styles, decorative elements). During the research and the conducted analysis on the material with moveable and immoveable character, discovered at the sanctuary “Sveti Atanas”, several questions from the aspect of the basic parameters have emerged to occupy our attention. The questions that emerged during the analyses implied certain conclusions and partial answers which have to be structured and upgraded from this point on. The sanctuary of Sveti Atanas, at least by the number of the discovered cult material, which is approximately 25 fragments on 100 m2, is among the sites where 10-50 anthropomorphic figurines are found. That is why the quantitative parameter gives the answer of what is the target group of the discovered cult figurines. The numeric presence of the discovered material suggests the existence of a cult centre of wider range. The context of the discovered material implies its primary role and relation to ritual-magic events. The moveable material was discovered in or around the buildings, which were specially prepared for the certain purpose. In their plan they contain forms which are found in the clay models of houses, altars, and kilns etc., objects which are found inside or around the actual buildings with circular or rectangular shape.

On the other hand, there is the question: Whom this sanctuary is devoted to? Again, the answer we find in the archaeological context i.e. the two circular buildings of which the larger is located on southern terrace and the smaller circle is on the north. The south circle is abundant in finds while the north is empty. They are positioned on the regular axis of the sides of the world, and once again we recall the songs in the folklore which celebrate the small and the large i.e. the winter and the summer sun to give answer to the question whom to?

Библиографија