Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 87–107

Градиште - с. Пелинце

УДК 903.4:551.7(497.721)”637/638”

на Ленка Трајковска †

Локалитетот Градиште, с. Пелинце е најсеверниот истражуван македонски локалитет, на само 5 km воздушна оддалеченост од српската граница (сл. 1-3).1 Локалитетот е познат пред cè, поради резултатите добиени со истражувањата на секторот Две Могили (50-ина m југозападно од Градиште), каде што истражувачите дефинирале простор со култна намена, односно светилиште од раното бронзено време.2 Паралелно со истражувањата на светилиштето, извршени се и ископувања на самото плато на локалитетот Градиште, па веќе можеме да оформиме слика за хоризонталната и вертикалната стратиграфија на горниот дел од локалитетот - т.н. сектор Акропол.3

Самиот локалитет е сместен на доминантна позиција, на рид покрај левиот брег на Пчиња, на местото каде малата река Бистрица се влива во неа. Има ромбовидна форма, со најмалку две јасно издвоени тераси на врвот (сл. 4). Природно е непристапен од сите страни, освен од источната, која што комуницира со околните ридови. Поради тоа, тука е прокопан ров и е направен вештачки насип, кој всушност е највисоката точка на локалитетот. Сличен ров и насип е направен и на југозападната страна, која е делумно пристапна во делот кој комуницирал со светилиштето.

Во 2009 год. беа поставени три сонди (XV/09, XVI/09, XVII/09) со цел да се утврдат границите на протегање за населбите кои егзистирале, како и да се добијат поконкретни податоци за вертикалната стратиграфија на локалитетот, особено за проблемот на егзистирање на најстарата населба за која се претпоставува дека е од раното бронзено време и егзистирала паралелно со светилиштето. Со комбинирање на резултатите од претходните истражувања и тие од 2009 год., добивме сознанија кои во голема мера ја прецизираат хронологијата на употреба на локалитетот.

Сл. 1.
Сл. 1.
Сл. 2.
Сл. 2.
Сл. 3.
Сл. 3.
Сл. 4.
Сл. 4.

Најмладиот слој е раноантичкиот слој на живеење (V век пр. н.е.), кој е констатиран во сите сонди, најчесто со темнокафеава боја на земјата. Во овој слој доминира раноантичката - сивопечена керамика на колце, која е карактеристична за широк простор (Македонија,4 Јужна Србија,5 Источно Косово,6 Западна Бугарија7). Поголемиот дел од садовите се фрагменти од поголеми чинии со венци извртени нанадвор, кантароси и скифоси со рамни венци, амфори со рамни или извлечени венци, ојнохои, помали чинии со вовлечени венци, честопати со„ребра“ на венците (T. I, 1-12). Тие се мошне ретко декорирани, најчесто со„печатена“ листовидна орнаментика или пластично изведени хоризонтални испакнувања. Паралелно со ваквата керамика, наоѓаме и фрагменти од погруба, рачно работена керамика, честопати со декорација направена со „радло“. Не можеме да прецизираме дали двата типа керамика егзистирале паралелно или, пак, појавата на рачно работената керамика е резултат на фактот што локалитетот е преполн со јами и долго време бил обработуван, поради што и стратиграфијата е нарушена.

Има и поголем број метални наоди од раноантичкиот период од кои го издвојуваме прстенот со рамна глава (сл. 5).

За постари фази на раната антика сугерираат неколку фрагменти кои се најдени во слојот под сивата керамика. Тие се со окераста боја, често украсени со брановидни линии (Т. I, 13). Особено идикативен е и фрагментот од сад кој припаѓа на Долновардарска културна група, која е мат сликана и лентесто боена керамика (сл. 6), а е типична за пајонските заедници од јужниот дел на Република Македонија во втората половина на VI век пр. н.е.8 Поретко се јавува и во некрополите по текот на Брегалница,9 а примерокот од Пелинце е засега најсеверниот наод на ваквиот тип на керамика.

Сл. 5.
Сл. 5.
Сл. 6.
Сл. 6.

Имаме скромни остатоци од архитектурата од овој период, без дефиниран изглед на живеалиштата, но со евидентирани остатоци од подови со набиена и запечена глина.

Слојот од железното време (X/IX-VII/прва половина на VI век пр. н.е.) е констатиран во сите сонди на северниот дел на локалитетот. Ситуацијата на јужната половина - сонда II и XIV/08 е поинаква, затоа што во овој дел од платото карпата се јавува доста повисоко и се регистрирани само раноантички јами.

Овој слој се одликува се светлокафеава боја на земјата. Во него доминираат фрагменти од поголеми и помали чинии со вовлечени венци, најчесто со црна, цврста и мазнета фактура, поголеми складишни садови (урни) со косо извлечени венци, подвижни печки („пуранои“), кантаровидни садови и сл (T. II-III). Поголемиот дел од рачките се хоризонтални, со кружен пресек, со неколку примери на вертикални, триаголни држалки и трапезоидни, хоризонтални држалки на венец. Доминантна декорација е таа изведена од назабен инструмент „радло“, кој остава правоаголни отисоци без жлеб. Со истата техника, но со подлабоко притискање се прави и т.н. „лажен шнур“ декорација, со правоаголни или коси отисоци во жлеб. Двете декорации во полното железно време егзистираат паралелно, со таа разлика што на некои локалитети кои потекнуваат во раното железно време (IX-VIII век пр. н.е) отисоците без жлеб отсуствуваат, што зборува дека „лажниот шнур“ претходи на правоаголните отисоци без жлеб.10 Декорацијата со „радло“ се јавува на широка територија: Североисточна Македонија,11 Јужна Србија (особено регионот јужно од Грделица),12 Источно Косово,13 Западна Бугарија (Горна Струма),14 Југозападна Романија.15 Слично како и раноантичката сива керамика, претставува „мода на времето“ и не може да и се даде етничко толкување. Освен керамиката украсена со назабена алатка, како декорација се јавува и врежување, со впишани висечки триаголници како најчест мотив. Постојат и повеќе фрагменти од поголеми садови со врежани геометриски мотиви (T.III, 4-5) за коишто немаме аналогии во поблиската околина, но слични примероци се забележани на железновременскиот локалитет Сврљиг во Источна Србија.16

Сл. 7.
Сл. 7.
Сл. 8.
Сл. 8.

Во слојот од полното железно време, освен ваквиот начин на декорирање, пронајдени се и други индикативни фрагменти - полумесечести отисоци (T. II, 8-9) и „тремоло“ декорација (сл. 7-8). Првиот тип е карактеристичен за VII век и го има на истата територија каде што се јавуваат и правоаголните отисоци без жлеб,17 но „тремоло“ декорацијата (исто така карактеристична за VII век) е типичен претставник на доцната фаза на т.н. „Басараби“ култура (Ланиште II - Басараби според Стојиќ)18. Таа е особено карактеристична за регионот северно од Грделичката Клисура,19 па наодите од Пелинце, заедно со оние од Јужна Србија - Буштрање и Волково - Скопско се најужните наоди на тремолираниот украс, кои зборуваат за врските со трибалскиот североисток.

Поради скромниот обем на истражување, не може со сигурност да го раздвоиме раножелезновременскиот слој од полното железно време. Сепак, постојат фрагменти кои јасно зборуваат за употребата на локалитетот и во раното железно време (Т. IV). Покрај присуството на декорирање со лажниот шнур, пронајдени се и фрагменти со „Ѕ“ декорација (T. IV, 9-10), исто така направени со специфичен тип на назабен инструмент –„радло“. Овој начин на украсување, претходно забележан на соседните локалитети Веља Страна - Руѓинце и Блидеж - Вражогрнце,20 е карактеристичен за класичната фаза на т.н. Басараби културна група (IX-VIII век пр. н.е).21 Мошне е редок во регионот јужно од Морава, но сепак е евидентиран во регионот на Врање22 и е мошне присутен и во регионот на Горна Струма - Перник.23

Со Перник, Пелинце можеме да го поврземе и со еден друг начин на декорација „рибина коска“ или елковидна декорација (T. IV, 6-8).24 Притоа, треба да знаеме дека и овој орнамент очигледно е направен со некој назабен инструмент кој остава отисоци и треба да го разликуваме од „елковидните“ декорирани фрагменти од доцната бронза (на пр. Галабник,25 Лесковац26). На Пелинце овој начин на орнаментирање е комбиниран со канелури и впишани висечки триаголници и отсуствува на територијата на Северна Македонија, Јужна Србија или Источно Косово со засега единствени аналогии со Кракра - Перник.

Под овој слој во повеќето сонди кои се во близина на северниот и западниот раб на локалитетот постои тенок слој сива земја, карактеристичен по големата количина пепел и гареж. На речиси исто ниво овој слој можеме да го следиме и под вештачкиот насип од источниот приод на локалитетот. Поради малубројните наоди, малата површина на протегање и уништувањата со подоцнежните вкопувања не може со сигурност хронолошки да го определиме. Се чини дека постојат две фази во изгорениот слој - првата (постарата) која лежи непосредно на здравицата и е запалена, и втората, која е веднаш врз пепелта. Од помладата фаза како поиндикативни би ги издвоиле чиниите со вовлечени, хоризонтално фасетирани венци и фрагменти украсени со овални отисоци, понекогаш во комбинација со косо фасетирани венци и врежан орнамент од ситни, издолжени триаголници (T. V). Канелираната керамика и овалните отисоци можеме да ги датираме во преодот од бронзеното во железното време (XIII-XI век пр. н.е)27 и да ги поврземе со северните народи,28 односно со културата Гава-Белегиш II, или, уште попрецизно, со хоризонтот на канелирана керамика од железното време Ib на Моравската културна група и со продорот на нивните носители по долината на Вардар во XII-XI век пр. н.е.29

Слојот над здравицата е карактеристичен по чиниите со брадавичести држалки и „Ѕ“ профилација, „коленести“ држалки со трапезовидни проширувања и венци со прстен од внатрешната страна - тип „брњица“ (T. VI). Веројатно поради откривањето на светилиштето од раното бронзено време, наодите од изгорениот слој се датирани паралелно со светилиштето.30 Меѓутоа, тие се карактеристични за доцната фаза на брњичката култура (Брњица IB според Стојиќ, односно BrD – HaA1 според Рајнекеовата хронологија),31 па поради тоа најстарата откриена населба на локалитетот ја датираме во доцното бронзено време (XIV-XII век пр. н.е) и претпоставуваме дека настрадала во еден од налетите на северните племиња, што е чест случај со „брњичките“ локалитети по течението на Јужна Морава (пл. 1-2).32 Во прилог на тоа зборува и присуството на северната канелирана керамика во слојот над бронзеновременска населба. Во секој случај, поради близината со светилиштето од раното бронзено време, не треба да ја исклучиме можноста некаде на локалитетот да постоела и помала населба од раната бронза.33 Следејќи ги висините на хоризонтот од опожарениот слој, може да заклучиме дека платото го добило ровот и двата одбранбени насипи токму по опожарувањето, односно дека е фортифицирано во преодниот период.

Локалитетот Градиште-Пелинце се вбројува во локалитетите од доцното брознено и железно време кои според својата местоположба и идентичниот развој на керамички форми и орнаменти се наречени Пчињска културна група.34 Мислиме дека и добар дел од локалитетите по долниот тек на Брегалница и Овче Поле, Криворечкиот Регион, како и регионот на Скопје, покажуваат исти карактеристики со тие по текот на Пчиња, па веруваме дека сите градат еден единствен етнокултурен простор.35 Фрагментите со „Ѕ“ и „елковидната“ декорација, како и подоцнежната „тремоло“ керамика, јасно зборуваат за поврзаност со трако-трибалскиот простор. Дали таа поврзаност е резултат на етничка поврзаност или сведочи за упади или контакти со посочените простори, кои очигледно продолжуваат и во раноантичкиот период, може да одговориме само преку интензивирање на археолошките истражувања.

План 1.
План 1.
План 2.
План 2.

* * * * *

Во врска со носителите на културата која се развивала во регионот на Пчиња, постојат три различни мислења дека станува збор за Дарданци, Пајонци (конкретно Агријани) и тракиско-трибалски племиња.

Теоријата за Дарданците како носители се темели, пред cè, на идентичниот развој на керамичките форми и орнаменти во периодот од доцната бронза до раната антика, на територија каде што претходно се развивала Брњичката културна група, за чии носители се сметаат Протодарданците.36 Веруваме дека, пред cè, е неетички да се поврзат племињата кои биле носители на Брњичката културна група со Дарданците, затоа што од нејзиното создавање, па до периодот кога за првпат ќе бидат споменати Дарданците во историските извори, постои празнина од еден милениум.37 За тоа време речиси сите населби на оваа култура биле зафатени (уништени или населени) од миграциите предизвикани од носителите на канелираната керамика.38 Територијата на која се јавува керамиката декорирана со „радло“ - Североисточна Македонија, Јужна Србија, Косово и Западна Бугарија, е преголема и несоодветствува со описите кои ги имаме за Дарданците. Исто така, единствениот период кога Дарданците ќе бидат споменати како соседи на Пајонците покрај Брегалница (Polyaeni IV: 12,3) и на тракиските Меди (Strabonis VII. 5.7), што значи веќе во регионот на Пчињската културна група е периодот на IV-III век пр. н.е., кога е евидентирано напуштање на населбите и дезинтеграција на целокупната култура која се развивала во текот на праисторискиот и раноантичкиот период на таа територија.39

Многу поиндикативна за анализа на етногенезата на еден простор од материјалната култура, е секако духовната култура. Тука, во преодниот период и железното време, јасно се издвојуваат два начини на погребување на територијата на претпоставената брњичката култура - кремација (Косово)40 и инхумација под тумули или рамни некрополи (Пчињски регион и Врањско-бујановачка Долина),41 што е показател дека на атрибуираната „дарданска“ територија паралелно имало најмалку две културни групи. Кремациите од Хиподром42 и Стоби,43 кои се наоѓаат на главната балканска конекција на северот со југот и поради тоа не може да кажеме дека се автохтони, сведочат за миграциите на северните племиња кон југот и во никој случај не можат да се поврзат само со носителите на Брњичката културна група поради фактот што во наодите нема ниту еден елемент карактеристичен за групата Брњица (брњички венци, биконични додатоци на рачките...). Самиот ритуал на погребување со кремација е всушност заеднички за централноевропската urnfield култура и не може да се поврзе само со „брњичките“ погребувања од Косово. Особено е индикативен пехарот со инкрустација кој е карактеристичен за наодите од Параќинската културна група44 и посеверните, Зимничеја-Черковна-Пловдив група,45 и не може да се доведе во врска со автохтоната керамика на Брњичката културна група, па поради тоа погребувањата од Хиподром тешко можеме да ги препишеме на носителите на Брњичката културна група.

Регионот на Северна Македонија, вклучително и реонот на Пчиња, често е атрибуиран и на Пајонците.46 Поголемиот дел од научниците кои го застапуваат ова мислење тука го препознаваат пајонското племе Агријани.47 Историските извори се едногласни и ги локализираат Агријаните во горниот тек на Стримон - Струма (околината на Перник).48 Но повеќе од 20 години нивната територија се поместува и во горниот тек на Вардар, па поради тоа сите територии меѓу овие две реки се препишани на Агријаните.49 Како главен аргумент е секако познатата Географија на Страбон, каде што според авторите во VII книга, фрагмент 36, тој јасно вели дека Вардар (Аксиј) извира од земјата на Агријаните. Но всушност станува збор за лош превод кој подоцна е цитиран од останатите автори без да се проверува – имено, Страбон само вели дека: не само што Аксиј истекува низ земјата на Пајоните, но и Стримон, затоа што истекува низ земјата на Агријаните, преку онаа на Медите и Синтите, и се влива во областите што се меѓу Бисалтите и Одомантите (Strabonis VII. Frg. 36, 37). Гледаме дека Страбон воопшто не го доведува во директна врска Аксиј со Агријаните, па оттука територијата на Горен Вардар и Пчиња никогаш во античките извори не е директно спомената како агријанска. Дури и атрибуцијата на овие области како чисто пајонски треба да се третира со претпазливост, особено поради тоа што не знаеме речиси ништо за протоисторијата во регионот околу изворот на Вардар.

Сепак, голем број аналогии одат во прилог дека територијата на Североисточна Македонија била дел од северниот пајонски културен комплекс, кој во раноантичките извори е сместен во регионот на Брегалница и Овче Поле (Thucydidis II. 96). Тука, пред cè, би ги споменале инхумациите под тумули или рамни некрополи,50 присуството на македонскипајонски бронзи,51 погребувањата на свештеничките,52 присуството на долновардарската мат-сликана керамика, циркулацијата на монети на Дероните и Александар I,53 како и цивилизациските достигнувања од раноантичкиот период во Скопскиот регион: Градиште-Макреш, Младо Нагоричане (Кумановско), Градиште- Кнежје54 и Кале-Кршевица.55 На овие локалитети (од кои три се систематски истражувани)56 може да се следи развој на идентична материјална култура во железното време, со керамички форми и материјални манифестации кои продолжуваат и во раната антика, т.е. во историски потврдениот период на регистрирана пајонска припадност на Брегалничко-овчеполскиот регион.

Се разбира, кога зборуваме за границите меѓу праисториските популации, во никој случај не можеме да ги гледаме како граници во буквална смисла на зборот. Пчињскиот регион и Врање, всушност, се јавуваат како граничен регион за дистрибуцијата на пајонските бронзи.57 Затоа тие се присутни во погребувањата на локалитетот Кумановска Бања,58 но ги нема во истовремениот тумул II во Стрновац,59 што зборува дека пајонското влијание тука било со послаб интензитет.

Трако-трибалската теорија е изнесена пред повеќе од 20 години,60 а новите наоди од Пелинце („Ѕ“ и „елковидната“ орнаментика, „тремоло“ керамиката) во најмала рака зборуваат за конекции со Тракискиот и Трибалскиот Регион, кои, преку дистрибуцијата на „тракиските“ фибули продолжиле и во раната антика.61 Дали овие конекции се етнички имплицирани или се резултат на трговски врски и друг вид миграции, може да одговориме само преку поголеми археолошки истражувања.

Илустрација, стр. 97
Илустрација, стр. 98
Илустрација, стр. 99
Илустрација, стр. 100
Илустрација, стр. 101
Илустрација, стр. 102

Белешки

  1. Георгиев З., 1991, 91-101; Ѓеорѓиевски Б., 1992, 51-68. ↩
  2. Трајковска Л., 1995; Трајковска Л., 1998, 5-30; Трајковска Л., 1999, 47-61; Mitrevski D., 2001, 95; Трајковска Л., 2003, 289-297; Јовчевска Т., 2008, 57; Булатовиќ А. - Станковски Ј., 2012, 74-86. ↩
  3. Акропол претставува работен назив на секторот и како таков е користен во текот на документирањето на локалитетот. Нагласуваме дека теренската ситуација во никој случај не го отсликува вистинското значење на овој термин. ↩
  4. Соколовска В., 1993, 141-148; Атанасова И. - Карпузова С., 2006, 115-139; Stokke J. S., 2009, 12-13. ↩
  5. Микулчић И. - Јовановић М., 1968, Т. XI-XVIII; Vukmanović М. - Popović P., 1982, 201-202; Антић И. – Бабић С. 2005, 213-227; Popović P., 2003, 197-215; Popović P., 2005, 166-167; Popović P., 2006, 528; Popović P., 2007, 131; Popović P., 2009, 141-153. ↩
  6. Dašić Lj., 1957, T. III. 1, T. IV. 1, 2; Srejović D., 1973, pl. III, fig. 5-7, 9; Ðurić N. 1970, 291. ↩
  7. Чангова Й., 1981, 82-94. ↩
  8. Митревски Д., 1997, 119. ↩
  9. Митревски Д., 1997, 121. ↩
  10. Георгиев З., 1994, 21-23; Bulatović A., 2009, 63. ↩
  11. Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1959, 35, сл. 1-3, 11-12, 48; Микулчић И., 1959, сл. 6; Георгиев З., 1991, 94, 96, sl. 1, 2, 4; Георгиев З., 1992:,109, 114, сл. 3 -4; Георгиев З., 1994, 21-23, T. II. ↩
  12. Vukmanović М. - Popović P., 1982, 204-206; Bulatović A., 2009, 63. ↩
  13. Đurić N., 1970, 281-303. ↩
  14. Михайлов Ф., 2006, Т. V, 1-2, 4-6, 8, 10-11, T, VI. 2, 12. ↩
  15. Nicic A. V. - Ailincăi S., 2003, 97-107. ↩
  16. Filipović V., - Bulatović A., 2010, fig. 6.1. ↩
  17. Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1959, 35; Микулчић И., 1959, сл. 9; Георгиев З., 1994, 23-26; Булатовић А., 2007, T. LXXII. 4, T. LXXXI. 5, T. LXXXII. 21. ↩
  18. Stojić М., 1986, 101-102. ↩
  19. Stojić М., 2001, 185-191. ↩
  20. Георгиев З., 1992, 105-118; Георгиев З., 1993, 85, T. I, 1, 2. ↩
  21. Czyboraм I., 2005, 33-34 (со наведената литература). ↩
  22. Булатовић A., 2007, T. V, 32, 37, 43, 44. ↩
  23. Михайлов Ф., 2005, 23, Т. III, 6; T. V, 14-15; T. VI. 6, 16. ↩
  24. Михайлов Ф., 2005, T. III. 1. ↩
  25. Георгиева Р., 2003, 164, T. III, 11. ↩
  26. Stojić М., 2000, Т. I, 10. ↩
  27. Bulatović A., 2009, 62. ↩
  28. Булатовић А., 2009, 89-108. ↩
  29. Stojić M., 1986, 90-92; Bulatović A., 2009, fn. 9. ↩
  30. Георгиев З.,1991, 93; Ѓеорѓиевски Б., 1992, T. VIII, 1-4; Трајковска Л., 1998, 8. ↩
  31. Стојић М., 2001, Т. I, 10, 18-22; Булатовић А., 2005, Т. I, 4, 8, T. II, 1, 3; Булатовић А., 2007, T. IV, 26. ↩
  32. Булатовић А., 2007, 38-41. ↩
  33. Според учесниците во првите ископувања изведени од страна на Б. Ѓорѓиевски, на западниот дел од локалитетот, врз здравицата е откриен изгорен слој со наоди кои биле слични со оние од раното бронзено време од секторот Две могили. Сепак, овој податок не можевме да го потврдиме поради тоа што немавме пристап до овој материјал. На останатите места од локалитетот во кои е откриен спален слој врз здравицата (претежно кон североисточната страна на локалитетот) материјалот е најрано од доцното бронзено време. ↩
  34. Bulatović А., 2009, 57-82. ↩
  35. Георгиев З., 1994, 15-31; Нацев Т., 2009, 34-36. ↩
  36. Srejović D., 1973, 62 и понатаму; Stojić M., 2003, 119-142; Tasić N., 2003, 39-62; Tasić N., 2003a,67-78; Bulatović A., 2009, 64 – 66. ↩
  37. За историските извори за Дарданците, види: Papazoglu F., 1969, 104-208. ↩
  38. Булатовић A., 2009, 102-104; Лазић M., 2008, 53-74. ↩
  39. Микулчиќ И., 1982, 20-21; Георгиев З., 1990/1991, 101; Ѓеорѓиевски Б.,1993, 56; Митревски Д., 2008, 365. ↩
  40. Тасић Н.,1999, 172–184; Luci К., 2007, 347-359. ↩
  41. Санев В., 1966; Трајковска Л.,1994, 19, сл. 4; Булатовић А.,1996-1997, 5-14; Станковски Ј., 2006, 93-114; Станковски Ј., 2008, 135-152. ↩
  42. Mitrevski D., 1994, 115-124. ↩
  43. Митревски Д., 1997, 313. ↩
  44. Пековић М., 2003, 83. ↩
  45. Petrescu-Dimbovita M., 1995, 271-272, Pl. T/VI; Georgiev G., 1982, 197, Abb. 4/5. ↩
  46. Hammond N. G., 1972, 82-83; Соколовска В., 1990, 9-35; Митревски Д., 1997, 194-196; Petrova Е., 1999, 67-71; Garašanin М., 1997, 44-45. ↩
  47. Голем број автори на Агријаните им препишуваат тракиска припадност: Фол А. - Спридонов Т. 1983, 23, 115. ↩
  48. Strabo VII. Frg. 36, 37; Thycidides II. 96.3 ↩
  49. Соколовска В. 1990, 9-35; Георгиев З., 1992, 94, 95; Соколовска В., 1995, 37, 38; Митревски Д., 1997, 194-196; Petrova Е., 1999, 61; Соколовска В., 2005, 137; Соколовска В., 2011, 215-245. ↩
  50. Митревски Д., 1997, 87-96. ↩
  51. Митревски Д., 1988, 83-103. ↩
  52. Mitrevski D., 2007, 563-583; Temov S., 2007, 657-667. ↩
  53. Петрова E., 1994, 9-16; Митровић Г., 2005, 59-87. ↩
  54. Matthews Е. – Neidinger W., 2011, 15-17. ↩
  55. Popović P., 2003, 197-215; Popovićм P., 2005, 166-167; Popovićм P., 2006, 528; Popović P., 2007, 131; Popović P., 2009, 141-153. Локалитетот Кале-Кршевица е поврзуван и со„стариот град“ на дарданското племе Галабри (Strabonis VII, 5, 7), види: Garašanin M., 1991, 29. ↩
  56. Кон оваа група ќе го споменеме и Кале-Отовица во близина на Езеро „Младост“ кај Велес, кој е ископуван од РЗЗСК. За информациите му благодарам на раководителот на ископувањата З. Георгиев. ↩
  57. Vasić R., 2003, 144; Videvski Z. - Temov S., 2005, 41. ↩
  58. Вулић Н., 1949, 271. ↩
  59. Станковски Ј., 2006, 92-114. ↩
  60. Георгиев З., 1992, 116, 117; Георгиев З., 1993, 81-96; Георгиев З., 1994, 17, 18. ↩
  61. Георгиев З., 1991, 97, сл. 6/10; Ристов К., 1999, 113-134; Vasić R., 2000, 13-20. ↩

Summary

Gradište - v. Pelince

The site Gradište near Pelince is a typical hill fort with intensity of living from the Bronze Age. Due to its location, at the border zone between North, East and South Balkan, the culture developed there was under influence both by Dardanians, Tribalians, Thracians and South Paeonian tribes.

The oldest confirmed settlement on the Gradište hill can be dated in the Late Bronze Age. According to the typical pottery shapes, it can be included in the so-called Brnjica cultural group (Brnjica IB according to Stojić). The settlement was destroyed in a fire, which resulted with building fortifications in the next period. The defensive tumulus and a row were added on its eastern side, which is connected with the surrounding hills, and therefore, it is the most vulnerable point. Above the oldest settlement, the new one was build, with a majority of channeled pottery with northern origin, and this data allows us to include this site in to the group of the other late bronze age sites who were destroyed in the migration period – HaA2. But, the habitation continued, and we find the first ornaments with oval stamps and elongated triangles on the adopted shapes of northern origin, together with the evaluated autochthones shapes. That is an occurrence typical for the most of the sites from the transitional period in the South Morava and Pčinja Basin .

The Early Iron Age is recognizable by the domination of stamped pottery – mostly with false cord, but sometimes, a different ornaments were used – the „S“ stamps and „fish-bone“ stamps. The false cord ornament is common among the most of the Early Iron Age sites in the Northeast Macedonia, Southern Serbia and Western Bulgaria, but the other two ornament types are lacking in the region of Upper Vardar, Pčinja and Bregalnica Basin.

The Iron Age is represented with variety of pottery shapes, decorated with rectangular imprints and half-moon stamps. The fragments with tremolo lines can be dated in the second half of the VII century B.C., before the first wheel-made examples, decorated in the manner of Lower Vardar pottery.

In the early antique horizon, the gray pottery with hellenized and autochthones shapes is dominating. Since there aren’t finds from the Hellenistic period (IV – III century B.C.), we believe that at the beginning of the second half of the IV century, the settlement was abandoned.

Библиографија