Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 71–86

Писта - повеќеслојна неолитска населба

УДК 903.2(497.732)”634”

Формула

Локалитетот Писта кај с. Ново Село првпат е откриен во 2001 година при земјени работи и копање широк канал за поставување гасоводни цевки, кога со земјата е исфрлен броен археолошки материјал. Со извршениот увид на теренот се констатира дека на делот каде поминува цевоводот целосно е уништен археолошки локалитет со доста длабок културен слој.

Истата година се преземени интервентни истражувања на локалитетот. Спроведени се на самите профили од ископаниот канал, при што локалитетот е потврден и определен како повеќеслојна неолитска населба. Со овие зафати е истражено едно погребување, а од друго се собрани исфрлените коски.

Овие скромни показатели беа сосема доволни во текот на 2006 година Музјеот од Велес да реализира сондажни археолошки истражувања со поставување на три сонди.

На највисокиот дел од зарамнетата тераса, во централниот простор, поставена е сондата 1 со димензии 4 х 2 m со правец север-југ. Оправдано се очекуваше оваа сонда да има најдлабок културен слој и можност да бидат определени сите фази на живеење на населбата. Меѓутоа, истражувањата во оваа сонда ќе запрат со откопот 17. Работите се прекинати поради поплавување на сондата од силни дождови. Со културен слој до длабочина од 1,80 cm се истражени последните три хоризонта на живеење на населбата.

Сондата 2 е поставена на 26 m оддалеченост од сондата 1 во правец север-југ со димензии 4 х 3 m. Истражувањата на сондата се целосно завршени и на здравица од речен чакал се наиде по отстранувањето на 37 откопи од речиси 4 m длабок културен слој, при што се констатирани девет хоризонти на живеење.

Сондата 3 е поставена на 5 m оддалеченост од сондата 1 со димензии 3 х 2 m, но во зависност од дадената ситуација сондата се проширува, на делови долга речиси до 6 m и широка до 4 m. Со истражувањата е зафатен осмиот хоризонт на живеење, а преораниот слој содржи керамика карактеристична за деветиот и последен хоризонт на живеење од населбата. Откриен и истражен е дел од внатрешниот простор на опожарена и разурната куќа со покуќнината. Пронајдена е оштетена голема печка, фрагменти, рани керамички садови и предмети со духовна намена, поставени пред печката и едно доста оштетено огниште.

Со сондажните археолошки истражувања на локалитетот Писта кај с. Ново Село се потврди неолитска населба поставена на зарамнетата тумба која доминира на теренот. Тумбата е формирана од повеќе последователни населби, подигани една над друга, во еден долг временски период. На јужната страна тумбата преминува во благо возвишение, а останатите три страни преминуваат во широко отворено поле. На јужната страна, каде што е благото возвишение, на неговата источна падина е разнесен археолошки материјал, главно, фрагменти од керамички садови. Разнесен археолошки материјал има и на рамниот дел југоисточно под тумбата, од двете страни на патот Велес-Штип. Населбата во својот најголем подем се шири, зафаќајќи го рамниот дел пред тумбата и задниот дел од благото возвишение. Карактеристиките на керамиката од потврдените девет хоризонти на живеење определија постоење неолитска населба која без прекин ќе живее и ќе се обновува уште од самите почетоци на раниот неолит, низ целиот среден неолит, а животот на населбата ќе згасне во самите почетоци на доцниот неолит.

Археолошките истражувања на неолитската населба, иако реализирани само во една кампања, сепак резултатите дозволуваат посеопфатни согледувања. Речиси 4 m културен слој во себе содржи рушевини од девет населби подигнати една врз друга. Низ долгото опстојување населбата материјално и културно се развива и трпи промени. Промените се забележуваат во сите сегменти, пред cè, во материјалните добра, но и во духовното живеење, па и во сферата на градежништвото. Богатството на движни археолошки наоди, најмногу керамиката, но и наоди изработени во коска и камен дозволуваат јасен преглед на долгиот животен век на населбата. Керамиката се јавува како клучен фактор во определувањето на развојните фази, придружена и од останатите движни наоди. Кај градежништвото промените се одвиваат побавно, како последица на користењето на истиот градежен материјал, човечкиот потенцијал, но и функционалноста на куќата во задоволувањето на основните потреби на семејството. Овде промените се забележуваат на подолг период, пред cè, во внатрешното уредување и просторноста на куќата. Определувањето на развојните фази на населбата е направено според постоечката и во науката прифатена поделба на Анзабегово-вршничката културна група, на четири развојни фази и специфичностите на секоја фаза поединечно. Забележани се извесни отстапувања, особено кај керамиката од хоризонтите кои припаѓаат на раниот неолит, како локално обележје или појава која допрва треба да се потврдува.

На фазата Анзабегово-Вршник Ia-c припаѓаат првите три хоризонти на живеење на населбата Писта.

Остатоци од архитектурата на најстарите три населби се откриени само во сегменти. Но, сепак, резултатите дозволуваат да се определат извесни заклучоци околу самиот процес при градење на куќите.

Основата на куќите од хоризонтот I е обликувана со копање ровови со ширина од 30 cm и просечна длабочина од 23 cm. Во вака оформените темели, како втора фаза, следи поставување на конструкцијата од дрвени греди. Според негативите, користени се греди со помали димензии со пречник од 15-20 cm, во ровот поставувани на растојание од 25 cm, така што е постигната густа и стабилна конструкција. Се чини дека најстарата населба опстојувала подолго време. На зачуваниот лепеж од ѕидовите, од внатрешната страна, нанесени се премачкувања со розеникава разредена глина во неколку слоја. На куќата од најстарата населба припаѓа и откриеното огниште. Огништето има речиси кружен облик, вкопано во здравица од цврст чакалест слој кое е длабоко 45 cm и пречник од 55-60 cm. Основата на огништето е хоризонтална, а ѕидот е вертикален. На дното е најдена поголема концентрација пепел, а ѕидот од горењето е со светлоцрвена боја. Во непосредна близина на огништето, во линијата исток-запад, има поголема јама која сосема веројатно е користена како амбар за складирање.

За да се постигне поголема стабилност на ѕидовите веќе во третиот хоризонт гредите се вкопувани во два реда, но се чини дека веќе не се поставувани во претходно вкопан ров. Се користат греди со различни дебелини со пречник од 20 до 35 cm. Вака оформените ѕидови формираат доволно стабилна основа за тежината на покривната конструкција. Дрвената конструкција на куќата од двете страни се исполнува со измесена кал. Внатрешните ѕидови се премачкани со фина разредена глина со розеникава боја, додека од надворешната страна калта е само замазнета.

Заедничко за сите три развојни етапи на населбата е доминацијата на квалитетно изработената керамика. Садовите се изработени од делумно прочистена глина со присуство на ситни зрнца песок и мил. Релативно е добро печена особено во третата развојна фаза, но присутна е и лошо печената керамика. Кај фината керамика со тенки ѕидови и црвена обвивка средишниот дел не е добро печен. Лошо се печени и садовите со подебели ѕидови и груба фактура.

Кај керамиката со фина фактура доминираат садовите со премаз од кафени и црвени нијанси кои се доведени до полн сјај. Застапена е керамиката со црвена сјајна обвивка, обично лошо печена, така што обвивката лесно отпаѓа.

Според застапеноста, обичната керамика заедно со фината се доминантни во оваа најстара развојна фаза на населбата Писта. Кај обичната керамика ѕидовите на садовите само добро се измазнети, понекогаш само надворешната или внатрешната, обично добро печени во кафени и сивомаслинести тонови.

Грубата керамика во однос на останатите процентуално е малку застапена, освен во последната фаза Ic, каде што заедно со обичната керамика се доминантни во однос на керамиката со фина фактура. Кај оваа керамика замазнувањето на ѕидовите е погрубо, по правило лошо и невоедначено печена со кафени до темносиви маслинести нијанси. Надворешните ѕидови на садот понекогаш се нагрубени со нанесување на разредена глина со благи притискања на дланката по целата површина или горниот дел останува замазнет. Кај дел од садовите, врз грубо замазнетата површина, со помош на алатка се направени елипсовидни вдлабнувања подредени во хоризонтални низи; со остар предмет се направени ситни неправилно кружни убоди или втиснати кратки линеарни вдлабнувања без некој ред.

Според постоечката поделба, на фазата Анзабегово-Вршник Ia припаѓа хоризонтот I, односно на најстарата населба. Главно обележје на оваа фаза е користењето на црвената боја во нијанса на вино во сликањето на садовите. Кај керамиката со фина фактура садот е премачкан со светлоцрвен сјаен премаз. Се слика надворешната површина на садот. Мотивот е линеарен, каде повеќе паралелни брановидни линии формираат издолжен триаголник. Кај погрубите садови сликањето е изведено врз замазнета розеникава основа. По површината на садот, со црвена боја, се сликаат широки брановидни полиња.

Вториот хоризонт од живеењето на населбата Писта може да го определиме како фаза Ib од Анзабегово-вршничката културна група. Сега изостанува сликаната керамика, додека печењето на керамичките садови во две нијанси (црвено-црно) е веќе позната и се користи.

На фазата Ic припаѓа третиот хоризонт на живеење и од претходните две фази се издвојува по тоа што сега грубата и обична керамика надвладува над керамиката со фина фактура. Фината керамика со розеникавокафени нијанси е исклучително ретка, а фината керамика со црвена сјајна обвивка е доминантна. Сликањето и во оваа фаза изостанува, но не е целосно исклучено. Застапена е посебна техника на сликање. Кај фрагмент од полутопчеста чинија од внатрешната страна, по самото устие, со темнакафена боја е насликана низа од празни висечки триаголници, а по сликањето садот е исполиран до полн сјај во кафена нијанса. Кај два фрагменти од поголеми садови, од надворешната страна е нанесена тенка разредена светлосива до кремава обвивка, што не е забележано во претходните две фази, а ќе се сретнува и во наредните два хоризонта, како белорозеникава или нечисто белузлава обвивка, со која обично се премачкуваат двете страни на садот. Кај садовите со груба фактура застапено е нагрубување на површината со нанесување глина. Се користи аркадниот барботин.

Наредните три населби, хоризонтите IV, V и VI, припаѓаат на фазата Анзабегово-Вршник II.

Се чини дека во оваа фаза се настанати извесни промени при градењето на живеалиштата. Според распоредот и големината на јамите за поставување дрвената конструкција сега се користат вкопани јами во кои се поставувани гредите, додека носечките греди, кои се и помасивни се поставувани во поголеми јами. Јамата по поставувањето на гредата е потполнувана со ископаната земја. Единствено при градењето на преградните ѕидови, за издвојување на просториите внатре во куќите, го користат постариот метод, сега со вкопување тесен ров, толку колку да се наредат доста тенките греди речиси една до друга. Стабилноста на тенкиот преграден ѕид е зајакнат со носечка греда на која се надоврзува ѕидот. Со отворен простор на преградниот ѕид кој се користел како влез се комуницирало меѓу просториите. Оваа ситуација е откриена во петтиот хоризонт на живеење. Подот на куќите е од набиена земја, но во петтиот хоризонт е користена поинаква техника на градење. При градењето на подот се користат потенки греди и глина. Тенките греди се редени по површината на основата на определено растојание. Просторот меѓу гредите потоа е пополнет со добро набиена глина. Во откриените делови на куќата подот е дебел 6-10 cm.

Во куќите се градат големи печки (должина 120 cm; зачувана висина без калота 30 cm) потврдени во четвртиот и петтиот хоризонт. И во двете населби печките се градат со истата техника и материал. На подот од набиена глина прво со глина е обликувана надворешната правоаголна конструкција на печката. Во внатрешноста на вака обликуваната конструкција прво се поставува слој од пепел, а врз него слој од поситен речен камен помешан со глина. Врз овој слој поставен е тенок слој од глина која е добро измазнета, а потоа е оформена калотата на печката.

Во шестиот хоризонт на живеење се откриени и две поголеми речиси правилни кружни јами (пречник: 90 и 100 cm), кои сосема веројатно се користени како складишта.

Карактеристично за овие три населби, кои според материјалната култура припаѓаат на фазата Анзабегово-Вршник II, е доминацијата на грубата керамика изработена од глина помешана со песок, неквалитетно печена, во кафеносиви тонови. Кај полутопчестите садови внатрешноста обично е добро измазнета. Долниот дел од садот, особено кај поголемите садови е нагрубен со нанесување разредена глина со благи притискања од целата дланка. Понекогаш тие се понагласени како неправилни налепки или обликувани со неправилно брановидни движења на прстите по свежата глина. За нагрубување на површината на садот се користат и брадавичасти налепки, поставени на садот во хоризонтални линии. Се користи и пластичната лента со вдлабнувања од прсти, понекогаш поставена во лак или во линија со држалките. Горниот дел од грубо изработените садови најчесто е замазнет, но понекогаш и целата површина на садот е нагрубена (грниња со краток врат) или до самиот венец (здели). Декорацијата импресо е исклучително ретка. Застапен е мотивот на житни класје, постигнато со штипење од два прста или со убоди од потенок предмет.

Во хоризонтите IV и V кај мал дел од керамиката се користи нанесување погуста, нечисто белузлава или белузлаво-розеникава обвивка, нанесена од двете старани на садот, техника на изработка која првпат ја сретнавме во хоризонтот III од претходната развојна фаза. Како продолжение од претходната фаза, каде што се користи црвената боја за сликање на садовите, сега се нанесува разредена црвена боја од надворешната страна на садовите, а се користи кај поголеми, но и кај помали садови, како кај грубата и така и кај обичната керамика. Како новина, во хоризонтот IV е присутна канелурата. На стомачниот дел од садот со вертикални вдлабнувања постигнати се канелури.

Обичната керамика е поретко застапена, обично со кафеносиви тонови на печење. Добро е печена и обично мазнета од двете страни кај отворените садови, или, пак, само надворешната кај топчестите садови.

Фината керамика е особено ретка во хоризонтите IV и V, додека во хоризонт VI процентот на застапеност значително се зголемува. Оваа керамика е изработена од прочистена глина и добро печена. Во хоризонтот IV се користи сјајната розеникаво-црвена обвивка, многу поретко кафената или црната сјајна обвивка. Првпат се сретнува сликањето со бела боја на црвена сјајна основа, а мотивот е линеарен. Под устието на садот е насликан мотив во „V“ облик, кој преминува во линеарен мотив во комбинација на две подебели линии, а меѓу неколку потенки. Веќе во наредната, V населба, се користи кафената боја за сликање на светла основа. Мотивот и сега е линеарен, како и во претходниот хоризонт, кога се користеше белата боја. Кај еден фрагмент од помал сад, здела, целата површина е премачкана со белузлаво-розеникава сјајна обвивка. Веќе во хоризонтот VI ќе се случат големи промени. Се чини како населбата нагло да се развива. Процентот на застапеност на керамиката нагло се зголемува. Ова зголемување се забележува и кај фината керамика. Сега, покрај керамиката со црвен премаз, паралелно е застапена и керамиката со кафени сјајни тонови на премазот, како и црниот сјаен премаз. Кај керамиката со црвен премаз е присутен розеникавиот, но и потемните црвени тонови. Паралелно се слика со бела и со кафеноцрна боја на светла основа. Се користи линеарниот мотив, понекогаш линиите се брановидни, потоа мотивот во форма на буквата „Z“. Во оваа фаза се оди и чекор понатаму, па сега се користат спирално разиграните линии кои формираат триаголници исполнети со паралелни линии. За сликање се користи пастозна бела боја, доста квалитетна, но и разредена кафена или бела.

Се чини дека и контактите со подалечното опкружување се засилува, па се застапени поединечни примероци, несекојдневни за домашното производство. Во последниот хоризонт VI, кај фрагмент од поголема плитка чинија, на темнокафена сјајна основа, под самото устие, насликани се полни висечки триаголници, мотив кој продожувал и на стомакот насликан со нечисто бела боја. Исто така, првпат се сретнува украсување на садот со гребење на мотивот (scrapped). Се гребе сјајно полираната површина, па така сега мотивот тече напоредно од негатив во позитив или површината на садот едноставно само се изгребува со тенки линии, гребени без некој ред, хоризонтално и вертикално.

Во оваа развојна фаза, во последниот хоризонт VI, се изработува и моделот на куќа врз кој е поставена Големата Мајка.

Во употреба се стандардните облици на садови, но сега збогатени со нови елементи, така што се обликувани сосема нови форми садови. И понатаму се изработува садот на четири ножиња, но сега тие се многу помали во однос на претходната фаза. За првпат се користи садот на четири високи нозе (хоризонт V), како и пехарот поставен на шуплива конкавна нога, аскосот, како и топчестиот сад со краток врат, од стомакот издвоен со жлеб (хоризонт VI). Дното кај садовите е извлечено и рамно или само рамно, а тунелестата држалка и понатаму е во употреба.

За изработка на орудија се користи каменот и коската.

На фазата Анзабегово-Вршник III припаѓа и хоризонтот VII од населбата Писта.

Остатоцитеодархитектуратасеминимални,неколкунегативиодгредиодконструкцијата на опожарена куќа, фрагменти од лепеж, од едната страна премачкани со тенки слоеви од прочистена разредена глина и пепел.

Кај грубата керамика нема позначителни промени. Квалитетот на изработка е иста. За нагрубување на надворешната површина најчесто се користи грубо нанесување на глина во подебели или потенки слоеви. Cè уште се користи нанесување на неправилни крупни налепки налепени по површината на садот во хоризонтални низи или, пак, по површината на садот во хоризонтални низи се налепени брадавичести израстоци. Се користи и пластичното ребро со втиснувања од прсти. Мотивите импресо ги сретнуваме во форма на ситни кружни убоди и кратки вертикални линии подредени во хоризонтални низи, втиснати со остар предмет. Понекогаш мотивите се комбинирани. Кај еден примерок на замазнетата горна половина од садот со тенки линии е врежан мотивот ромбови, а долниот дел е нагрубен со нанесување глина. Се нагрубува или декорира обично долниот дел од садот, додека горниот е замазнет или добро исполиран.

Обичната керамика е застапена во стандардните облици и квалитет.

Кај фината керамика и понатаму се користи црвената, кафената и црната сјајна обвивка. Се слика со бела, кафена и црна боја, но ако во хоризонтот VI речиси подеднакво се застапени и двете бои, во хоризонтот VII повеќе се користи кафеноцрната боја. За сликање на керамиката најчесто е користен линеарниот мотив, кој е застапен во неколку варијанти. Главно обележје на оваа развојна фаза, по кој и се разликува од останатите, е линеарниот мотив кој во горниот дел од садот алтернира во спирален мотив. Може да се сретне насликан со бела, кафена или црна боја. Покрај овие, се користи и мрежестиот мотив и спиралата, но многу поретко. Понекогаш се сликаат и двете страни на садот.

Како начин на украсување кај фината керамика се користи и канелурата. Кај сад со добро исполирана кафеномаслинеста површина горниот дел од садот е исполнет со плитки канелури кои се косо поставени. Понатаму се користи, украсување на површината со гребење на мотивот (scrapped), кој првпат го сретнавме во хоризонтот VI. Сега се појавува во посложена форма. На добро исполираната основа на садот со гребење во позитив е изработен мотивот на низа од ромбови.

Кај облиците на садови нема промени, па така и понатаму се користат стандардните форми. Топчестиот сад со краток врат од стомакот издвоен со жлеб, кој првпат се појави во хоризонтот VI, присутен е и во оваа развојна фаза.

На фазата Анзабегово-Вршник IV припаѓаат хоризонтот VIII од сондата 1, хоризонтот VIII од сондата 2 и последниот и единствено истражен хоризонт од сондата III.

Густата концентрација од градежен лепеж во сондите, со негативи од дрвените греди, претставуваат рушевини од куќи со стабилна градба. Со истражувањата е откриен внатрешниот ентериер на една од куќите на населбата. Целосно е откриена печка, огниште и инвентарот од керамички садови поставени околу печката.

Печката е поставена на самата основа. Градена е масивно со зачувани димензии 1,40 х 1,20 х 1,80 m и висина од 18-20 cm. При градењето е користена дрвена конструкција, од тенки гредички, кои имале цел да ја држат свежата глинена маса со која се оформени контурите на печката. Внатрешниот простор на оформената конструкција на печката е исполнета со дебел слој од пепелеста мека земја помешана со поситен камен. Врз вака оформената конструкција е нанесен тенок слој (до 6 cm) глина, добро набиена и замазнета. Потоа следело оформувањето на калотата, но таа целосно недостасува. До самата печка дограден е помал помошен објект со квадратна основа (0,60 х 0,60 cm) и тенки ѕидови. Во внатрешноста е оформена кружна целина (дијаметар 0,30 m), т.е. до самиот ѕид на овој помошен простор. Целата печка и помошниот простор од надворешната страна се премачкани со тенок слој од прочистена течна глина. Неколкуте слоја од премачкувањата кажува дека печката е освежувана повеќепати. Пред печката, а особено пред помошниот простор, најдена е поголема концентрација од фрагментирани керамички садови. Керамичките садови се конзервирани, освен еден поголем сад најден непосредно до помошниот простор, чија деформација од горењето е толку голема, што е настанато целосно обезличување. Големината на садот, дебелите ѕидови од надворешната страна нагрубени со барботин налепки, кажуваат дека е користен како складишен сад за житарики и најверојатно бил поставен во кружниот дел од помошниот простор. Освен овој голем складишен сад, непосредно до печката стоеле уште два големи полутопчести сада, еден пехар и голема амфора изработени во фина фактура и сликани, мала чаша и мал полутопчест капак. Еден амфорест сад кој има две устија на кои се претставени човечки ликови, како и уште еден сад со квадратна форма и краток врат украсен со врежан меандер, го комплетираат куќниот инвентар на домот. Домот поседувал и огниште (0.90 m зачуван пречник), подигнато на растојание од 2,50 m од печката. Подигнато е на подот од домот. Со глина е оформена надворешната конструкција, а внатрешноста исполнета со пепелеста мека земја помешана со густа коцентрација на поситен, главно, речен камен. Потоа целата конструкција на огништето е премачкана со слој глина, со добро натапкување на горната површина. Куќите од оваа населба имале и помошни објекти. Еден таков е потврден во сондата 1 со кружна форма и дијаметар од 1,30 m, вкопан во земја на длабочина повеќе од 0,70 m. Овие помошни објекти може со сигурност да потврдиме дека имале и надземна конструкција. Паралелно, од двете страни на јамата, потврдени се две вкопувања за поставување дрвени греди. Надземниот дел веројатно е граден стандардно, со плет од прачки облепен со глина и покривен дел.

Производството на фината керамика во оваа фаза како да кулминира. Се користи црвената, темнокафената и црната сјајна обвивка. Се слика со кафена и црна боја. Се користи и белата боја, но сега исклучително ретко. Кај сликаната керамика карактеристични се сложените мотиви на спиралата, а се појавува и спиралата со завршетоци во облик на мачкини шепи. Не изостануваат и спиралните мотиви комбинирани со геометриски орнаменти, од ленти што алтернираат. Се користат и стилизирани флорални мотиви и животински претстави. Често се сликаат и двете страни на садот.

Застапеноста на обичната керамика е во стандарните облици и квалитет на изработка.

Кај грубата керамика и во овој хоризонт нема промени. Преовладуваат големите складишни садови со дебели ѕидови во розеникаво-кафени до темносиви тонови. Дното е нагласено и рамно. На стомакот од садот, по правило, грубо се нанесуваат барботин налепки без некој ред или грубо со прсти е разнесен подебел слој глина. Кај помалите садови се користи аркадниот и организираниот барботин, каде што горниот дел од садот е замазнет или добро полиран. Се користи и пластичното ребро со убоди од прсти, нанесено да го издвојува долниот дел од садот нагрубен со барботин и горниот дел замазнет. Импресо украсувањето многу поретко се користи. Обично долниот дел од садот е нагрубен со убоди со алатка како кратки линии, полукружни, аглести мотиви, подредени во некој ред или тенки плитко врежани линии кои формираат мрежа, а во горниот дел од садот понекогаш формираат агол.

Во орнаментиката на керамиката се користи и мотивот меандер, но како врежан мотив. Спиралата ја сретнуваме и како пластично нагласена на телото од садот.

Пехарот на шуплива конкавна нога кај фината керамика и аскосот кај грубата cè уште се во употреба. Вратот кај топчестите садови во однос на останатите хоризонти е поиздолжен. Кај фрагмент од помал сад, со задебелување на широкиот дел од телото, постигната е биконкавна форма, така што долниот дел е многу краток, а вратот е доста издолжен.

Дното благо е нагласено и рамно, а кај држалките и понатаму се во употреба тунелестите, но и обичната и пробиената брадавица, како и пластични издолжени израстоци кај полираните садови.

Разновидноста на движните наоди во овој хоризонт е поголема. Најдени се и неколку тега од камените алатки: секира, тесла, бат и спатула од коскените алатки.

Доцен неолит паралелен на Винча -Тордош I

Оваа развојна фаза на населбата Писта потврдена е во сонда 1 во последниот хоризонт IX и кај керамиката од преораните слоеви на сондата 3.

Не се потврдени никакви архитектонски елементи, освен траги од растурено огниште, така што за оваа населба од аспект на архитектурата не може да кажеме нешто поконкретно. Единствено што може да се забележи, врз основа на површинските траги е дека оваа населба била просторно многу мала и се простирала само на највисокиот дел од тумбата.

Застапеноста на керамиката во однос на останатите хоризонти е многу поинтензивна, работена од прочистена глина и добро печена. Доминира темната керамика во однос на светлокафената со сиви тонови. Квалитетот на изработка на керамичките садови е многу добар, така што е отежнато раздвојувањето на керамиката на основните три поделби.

Фината керамика е со сјајна црна обвивка, додека керамиката со црвена сјајна обвивка е исклучително ретка. Се сретнува многу ретко и кафената, која од внатрешната страна понекогаш е со темна боја.

Најбројна е обичната керамика. Обично тоа се садови каде површината е добро исполирана, од двете страни или само од едната во зависност од обликот. Често се случува, делот под устието да е добро полиран, а останатиот дел да е нагрубен со тенок слој глина како организиран барботин или врз зарамнетата површина на долниот дел со алатка се повлечени пошироки и подлабоки хоризонтални линии. Само кај еден фрагмент се користи мотивот на лента определен од две врежани линии на добро полираната основа, а внатрешното поле исполнето е со ситни кружни убоди.

Грубата керамика е многу ретка. Обично тоа се големи складишни садови каде што надворешната страна е нагрубена со подебел слој глина и повлекувања со прсти. Кај помалите садови по површината обично се врежани паралелни линии кои кон дното се собираат и формираат триаголник или се прекрстуваат. За украсување на површината на садовите се користат и алатки со кои се втиснуваат разни мотиви во зависност од врвот на алатката. Внатрешната страна и кај оваа керамика е замазнета.

Кај дел од керамиката, биконкавноста е остро нагласена. Кај пехарот со конкавна нога шупливоста сега е повисока. Се користи прстенестата нога речиси цилиндрично извлечена, а дното е конкавно повлечено или, пак, дното е мало и рамно.

Репертоарот кај држалките се зголемува, па се сретнува малата лентестата држалка обично вертикално поставена, лентеста со прекршување под прав агол, брадавичестата вертикално пробиена, јазичестата или поголемата елипсовидно издолжена апликација, која целосно или со едниот крај е прилепена за садот, како и малата брадавица.

За првпат во овој хоризонт се сретнува антропоморфната и зооморфна пластика. Присутни се малите жртвеници со конусни, триаглести или со нозе оформени под агол. Најчесто се украсувани со линеарно врежани мотиви, како паралелни вертикално поставени линии, косо или цик-цак, ромбови, поретко убоди, понекогаш премачкани со црвена боја.

Во Анзабегово-вршничката културната група, на која припаѓа и локалитетот Писта, се утврдени четири фази на живеење (I-IV). Во рамките на периодизацијата на неолитот во Грција и централниот Балкан, фазата Анзабегово-Вршник I му припаѓа на раниот, додека останатите на средниот неолит.1Од нив последната хронолошки се допира до Винчанската културна група.2

Податоците за градење на живеалиштата во населбите од Анзабегово-вршничката културна група засега се доста ограничени.

Најстарите три населби на Писта припаѓаат на Анзабегово-Вршник Ia-c. Куќите од првата населба се со помали димензии. Во претходно ископан ров редена е дрвената конструкција од потенки дрвени греди. Веќе во третата населба куќите се поголеми, градени со подебели греди, поставени во два реда, во јами. Куќите од фазата Анзабегово-Вршник II се големи, а внатрешноста е поделена со преграден ѕид. Новини има и при градењето на подот. Се користи дрвена конструкција, пополнета со глина. Можеби ваков под имале само некои делови од куќата, делот каде што се спиело, а останатиот простор имал под од набиена земја. Ова е констатирано во петтата последователна населба. Големи и стабилни куќи, ќе се градат и во наредните развојни фази. Куќите имаат големи печки, а техниката на градење ќе се задржи cè до осмата населба. Во населбите се градени и помошни објекти, присутни во сите развојни фази. Делумно вкопани кружни објекти, со надземна конструкција и покривна заштита, се разместени околу куќите за живеење. Користени се како помошни објекти, најмногу како складишта. Истата ситуација се потврдува и кај останатите населби од оваа културна група.3

Многу малку може да се каже за погребувањето. Засега е истражено само едно погребување на локалитетот Писта и еден веќе растурен скелет.4 Од досегашните истражувања потврдено е дека за цело време на групата, погребувањата се вршени во населбата, во згрчена положба, положени на левата или десната страна.5

Кај керамиката од трите најстари населби кои припаѓаат на фазата Анзабегово-Вршник Ia-c доминира квалитетно изработената монохромна керамика со кафени и црвени нијанси, мазнета до полн сјај. Грубата керамика е ретка, со извесно зголемување во фазата Ic. За сликање на керамиката од најстарата населба (Анзабегово-Вршник Ia) се користи црвената боја во нијанса на вино, што е клучно обележје за овој локалитет. Мотивот е издолжен триаголник оформен од повеќе паралелни брановидни линии.

Основните карактеристики на фазата Анзабегово-вршничка Ia-c ги сочинува светлата, посебно црвената или темна монохромна керамика и сликаната керамика со бели или црвени мотиви, а основа на орнаментиката е триаголникот.6 Хронолошките и културните релации на фазата Анзабегово-Вршник Ia-c, утврдени само во главни црти, се врзуваат за Тесалија, каде преовладува сликањето со црвена боја, а керамиката е понеквалитетна.7 Во Ахилеон е констатирано истовремено постоење на црвено и бело сликање и импресо керамика, што повеќе одговара на ситуацијата во Анзабегово.8

Фазата Анзабегово-Вршник I со своите три подфази му припаѓа на раниот неолит на големиот Балканско-анадолски културен комплекс, на кој уште му припаѓаат тесалискиот ран неолит (прото и пресескло, односно Магулица културната групата), Караново I во Тракија и Неа Никомедија во егејскиот дел на Македонија, како и Велушко-породинската културна група во Пелагонија. Тесно се врзуваат и за раните култури на Анадолија, особено за Чатал Хујук.9 Сите овие групи се создадени под силно влијание на Блискиот Исток.10

Карактеристично за населбите од фазата Анзабегово-Вршник II е доминацијата на обичната и грубата керамика. Фината керамика на Писта особено е ретка во хоризонтите IV и V. Во хоризонтот IV се користи сјајната розеникаво-црвена обвивка, многу поретко кафената или црната. За првпат се сретнува сликањето со бела боја, на црвена сјајна основа, а мотивот е линеарен. Веќе во наредниот, V хоризонт, се користи кафената боја за сликање. Се слика истиот линеарен мотив. Во хоризонтот VI ќе се случат големи промени. Процентот на керамиката нагло се зголемува. Ова зголемување се забележува и кај фината керамика. Сега, покрај црвениот, подеднакво се користи кафениот и црниот сјаен премаз. Паралелно се слика со бела и со кафена-црна боја. Линеарниот мотив и понатаму е водечки, но сега се користи и мотивот во форма на буквата „Z“, како и спирално разиграните линии кои формираат триаголници или исполнети со паралелни линии.11

На населбата Руг Баир фазата I, која припаѓа на фазата Анзабегово-Вршник II, исто така, преовладуваат барботинот и грубата керамика, а се застапени и двата вида сликана керамика. Во белото сликање често се појавуваат геометриски мотиви во форма карактеристична за керамиката сликана со темна боја.12

Сликањето со темна боја на светла заднина се поврзува со техниката и мотивите од Старчевачката културна група. Со оглед на паралелната примена на белото и темното сликање во Старчево IΙa,13 оваа фаза би била паралелна на Анзабегово-Вршник II.

Ретки примероци кај керамиката од Писта, според изработката и мотивите, отстапуваат од трационалното производство. Во последниот хоризонт VI на темнокафена сјајна основа, под самото устие, се насликани полни висечки триаголници со нечисто бела боја. Исто така, за првпат се сретнува украсување на садот со гребење на мотивот (scrapped) на сјано полираната површина.

Ќе се појават нови облици на садови, садот на четири високи нозе (хоризонт V), пехарот поставен на шуплива конкавна нога, аскосот, топчестиот сад со краток врат, од стомакот издвоен со жлеб (хоризонт VI), т.н. вршничка керамика. Вршничката керамика со својата фактура, орнаментика (канелура) и облици претставува новина, чии најблиски аналогии можат да се бараат во тракиската група Караново II и нејзиното продолжение во текот на фазата Караново III.14

На преминот во средниот неолит (Анзабегово-Вршник II) контактите со групите од соседните неолитски комплекси Тракија (Караново II) и Србија (Старчево III) ќе бидат поцврсти и поинтензивни.15 Се чини дека влијанијата на населбите од егејскиот дел на Македонија ќе продолжат и во средниот неолит.16 Фазата Анзабегово-Вршник II треба да се сфати како една нова етапа во која контактите на одделни, пред cè, строго издвоени, пошироки културни регии и комплекси, стануваат многу посилни.17

Фазата Анзабегово-Вршник III на Писта е определена со хоризонтот VII. Кај фината керамика и понатаму се користи црвената, кафената и црната сјајна обвивка. Се слика со бела, кафена и црна боја, но сега доминира кафеноцрната боја. Најчесто се користи линеарниот мотив, застапен во неколку варијанти. Главно одбележје на оваа развојна фаза, по кое и се разликува од останатите, е линеарниот мотив кој во горниот дел од садот алтернира во спирален мотив насликан со бела, кафена или црна боја. Се користи мрежестиот мотив и спиралата која поаѓа од устието, но многу поретко.

Украсување на површината од садот со гребење на мотивот (scrapped) продолжува да се користи и во оваа фаза, како и канелурата.

Фазата Анзабегово-Вршник III претставува директно продолжување на претходната етапа. Ваков континуитет се забележува и на Вршник и Руг Баир, кој продолжува и во следната етапа. Интензивните допири со соседните подрачја во овој период ослабнуваат во значителна мера.18

Во слоевите (хоризонт VIII) кои се определени како Анзабегово-Вршник IV производството на фината керамика како да кулминира. Се користи црвената, темнокафената и црната сјајна обвивка. Се слика со кафена и црна боја. Сликањето со бела боја исклучително е ретко. Кај сликаната керамика карактеристични се сложените мотиви на спиралата, а се појавува и спиралата со завршетоци во облик на мачкини шепи. Не изостануваат и спиралните мотиви комбинирани со геометриски орнаменти од ленти што алтернираат. Се користат и стилизирани флорални мотиви и животински претстави.

Зачестената појава на спиралните мотиви оваа фаза ја врзува за етапата Старчево III.19 Со оглед на фактот дека почетоците на Винчанската културна група може да се стават во времето на крајот од Караново III и дека во Анзабегово, т.е. во фазата Анзабегово-Вршник IV, се појавуваат жртвеници поврзани за оваа култура во Тракија, фазите Анзабегово-Вршник III и IV можат само рамковно да се споредуваат паралелно со крајот на Караново II и поголем дел од Караново III.20

Доцен неолит паралелен на Винча-Тордош I

Оваа развојна фаза на населбата Писта е потврдена во сондата 1, односно во последниот хоризонт IX и кај керамиката од преораните слоеви на сондата 3.21По хоризонтот IX животот на населбата Писта целосно замира.

Доминира темната керамика во однос на светлокафената со сиви тонови. Кај фината доминантна е керамиката со сјајна црна обвивка, додека керамиката со црвена обвивка е исклучително ретка. Многу ретко се сретнува и кафената обвивка. Најбројна е обичната керамика. Тоа се садови каде површината е добро исполирана, од двете страни или само од едната. Грубата керамика многу е ретка. Кај орнаментиката надвладуваат врежаните линеарни мотиви, а многу поретко мотиви изведени со убоди со алатка и лентестиот мотив исполнет со ситни убоди. Кај дел од керамиката, биконкавноста остро е нагласена. Репертоарот кај држалките се зголемува. Кај пехарот со конкавна нога шупливоста сега е понагласена.

Присутна е антропоморфната и зооморфна пластика, како и малите жртвеници, украсувани со линеарно врежани мотиви, понекогаш премачкани со црвена боја.

Сите карактеристики на материјалната култура (керамика, антропоморфна и зооморфна пластика) од хоризонт IX на Писта, определен како преоден период, во велешкиот микрорегион е потврден кај неколку неолитски населби. На населбата Мрамор е присутен во хоризонт II, а на Карталица во хоризонтите IV и V. Доцнонеолитските винчански населби на овој простор ќе се градат врз старите веќе напуштени населби (Мрамор, н. Чашка), во близина на старите (Ѕунивер, с. Извор) или ќе одберат сосема нови локации (Ногаевски Пат, с. Убого). Некои населби никогаш повеќе нема да бидат обновени (Писта, с. Ново Село; Рамниште, с. Сопот).

Истите појави се потврдени и кај населбите од Скопската Котлина, паралелни со винчанско-тордошката фаза I од Винчанската културна група.

Мислењето на М. Гарашанин и неговото толкување на хронолошката фаза Анзабегово-Вршник IV донекаде го дефинира IX развоен хоризонт на населбата Писта, кој го определивме како преоден период. Според М. Гарашанин, фазата Анзабегово-Вршник IV, која временски се поврзува за Старчево III, ќе го преживее крајот на старчевачката епоха, и со тоа делумно е паралелна со Винча-Тордош I, Додека носителите на Винчанската културна група ќе дојдат подоцна и ќе се населат на просторот на веќе напуштената населба.

Илустрација, стр. 82
Илустрација, стр. 83
Илустрација, стр. 84

Белешки

  1. Garašanin M., 1979, 84 и понатаму; Garašanin M.,1982, 87 и понатаму; Гарашанин М., 2009, 239. ↩
  2. Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1961, 27-33; Гарашанин М., 2009, 239. ↩
  3. Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1961,12-14, пл. I и II, сл. 1; Гарашанин М., 2009, 241. ↩
  4. Вељановска Ф., 2006, 341-349. ↩
  5. Санев В., 2009, 59-82. ↩
  6. Garašanin M., 1979, 84-104; Garašanin M., 1982, 87-100; Гарашанин М., 2009, 244-245. ↩
  7. Milojčić- Zumbusch I. - Milojčić V., 1971, 15, PI. VIII, 23 и натаму; Teocharis D., 1967; Гарашанин М., 2009, 245-246. ↩
  8. Gimbutas M., 1974, 29 и понатаму; Гарашанин М., 2009, 246. ↩
  9. Garašanin M., 1979, 84 и понатаму; Garašanin M.,1982, 87 и понатаму; Гарашанин М., 2009, 244. ↩
  10. Garašanin M., 1979, 57 и понатаму; Гарашанин М., 2009, 245. ↩
  11. Гарашанин М., 2009, 248-249. ↩
  12. Санев В., 1975, 223-224, Т. VI; Гарашанин М., 2009, 250. ↩
  13. Arandjelovic-Garašanin D., 1954, 131 и натаму; Гарашанин М., 2009, 249-250. ↩
  14. Garašanin М., 1979,105-106; Garašanin М.,1982, 93-94; Гарашанин М., 2009, 248. ↩
  15. Гарашанин М., 2009, 256. ↩
  16. Се мисли на керамиката со„scrapped“ мотиви и сликање насјајна темнокафена основа со бела боја. ↩
  17. Гарашанин М., 2009, 250. ↩
  18. Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1961, 28 и понатаму; Санев В., 1975, 223-225; Гарашанин М., 2009, 252. ↩
  19. Гарашанин М., 2009, 253. ↩
  20. Garašanin M., 1979,201; Garašanin M.,1982, 126; Гарашанин М., 2009, 252. ↩
  21. Наглите промени кај керамиката од хоризонтот IX на Писта, кои не се присутни во претходната фаза, се главните причини за издвојување на овој хоризонт како посебна развојна фаза. ↩

Summary

Pista - Multilayered Neolithic Settlement

The site Pista, located near the village Novo Selo, was discovered during groundwork in 2001. Excavations were conducted during 2006 by the Museum of Veles on the highest part of the flattened terrace. The three trenches confirmed a Neolithic settlement located on a flattened mound (toumba) that dominates the surrounding. The mound was formed by several successive settlements, raised one above the other, during a longer period. On the south side the mound rises, while the other three sides gradually merge into the wide open field. Typologically, the pottery discovered in nine strata (deposit of 4 m) determines the chronology of existence of this Neolithic settlement, without interruptions, from the beginning of the Early Neolithic, through the Middle Neolithic, all the way to the beginning of the Late Neolithic. During this long existence, the settlement continuously developed and certainly had changes which are particularly notable in the material culture, the construction and the spiritual culture.

The richness of moveable archaeological finds (mostly pottery as well as objects made of bone and stone) allow clear overview of the long period of existence where the pottery appears as a key factor in determination of the phases of development.

The changes in the construction appear slower as the result of usage of the same building material, the human potential and the functionality of the house in satisfying the basic needs of the family. The changes here can be noticed in a longer period, particularly in the interior arrangement and the spaciousness of the house. The determination of the phases of development has been made according to the existing and scholarly accepted division of the Anzabegovo-Vršnik cultural group in four phases, and according to the specific features of each phase. Noticeable are certain exceptions, particularly with the pottery from the layers of the Early Neolithic, which is the result of local characteristics or it is a new feature that has to be further analyzed.

Библиографија